18 Мај (5 Мај)
ЖИТИЕТО И СТРАДАЊАТА НА СВЕТАТА ВЕЛИКОМАЧЕНИЦА ИРИНА
Воо времето кога со проповедта на светите Апостоли заблеска светлината на светата христијанска вера над покриените во темнината на идолопоклоничкото незнабожие, во градот Магедон живееше мал цар, по име Ликиниј. Тој имаше жена по име Ликинија. Ним им се роди ќерка, на која ѝ го дадоа името Пенелопа. Кога таа потпорасна и наполни шест години, со својата убавина ги надминуваше своите врснички. Нејзиниот татко за неа изгради кула далеку од градот на едно многу живописно место, која беше богато и раскошно наместена и украсена. Сè во неа беше од чисто злато. Во таа кула царот ја насели својата ќерка Пенелопа, со тринаесет прекрасни девојчиња, и ги изнамести таму своите златни богови, идоли, да ја чуваат неговата ќерка. И одлучи царот таа да живее во таа кула до своето полнолетство, и одреди една чесна старица, по име Карија, да ја воспитува, постојано да биде покрај неа, и да се грижи за сите девојчиња. На својата ќерка за учител и постави еден честит и благоразумен старец, секој ден да доаѓа кај неа и да ја учи. Девојчето помина така шест години и три месеци. А кога наполни дванаесет години, царот започна да размислува за кого од угледните кнежевски синови да ја омажи.
Еднаш, додека девицата седеше во својата соба, кај неа низ отворениот прозорец влета гулаб со маслиново гранче во клунот, го спушти гранчето на масата, и веднаш излета надвор. По еден час во собата долета орел со венец од разноврсни цвеќиња, го спушти на масата, и излета од собата. Потоа низ другиот прозорец долета гавран, носејќи во клунот мала змија, ја спушти на масата и одлета. Додека го гледаа тоа, се чудеа заедно и девицата и воспитувачката, и не можеа да сфатат што треба да значи. Кога дојде учителот Апелијан, тие му раскажаа за тоа, а тој, како потаен христијанин и прозорливец, размисли, па ѝ рече на Пенелопа:
- Гулабот го означува твојот добар карактер, кроткоста, тивкоста, девствената целомудреност; маслиновото гранче ја означува благодатта Божја, која ќе ти се даде преку крштението; високолетниот орел, како цар и победител, означува дека ти ќе царуваш над своите страсти и, возвишувајќи се со богомислие ќе ги победиш непријателите, како што орелот ги победува лошите птици; венецот од цвеќиња ја означува наградата што ќе ја добиеш за своите подвизи од Царот Христос во Неговото небесно царство, каде ти се подготвува несвенлив венец на вечната слава. Гавранот со змијата го означува ѓаволот кој сака да ти нанесе тага, неволји И гонење луто како змија. Но, знај, девице, Великиот Цар, Кој господари со небото и земјата, сака да те завети за невеста, и ти заради Него ќе претрпиш многу маки.
Слушајќи го својот учител, Пенелопа ги ставаше неговите зборови во своето срце, и тоа започна да се загрева со огнот на божествената љубов. Утредента кај Пенелопа дојде нејзиниот татко, царот Ликиниј со царицата и дворјани со нив, сакајќи да ја види и да поразговара со неа за нејзината свршувачка. Гледајќи го нејзиното преубаво лице, многу радосен, тој и рече:
- Ете, мило мое чедо, ти веќе стаса за мажење. Затоа кажи ми, кој од синовите на сите кнезови ти се допаѓа, за да те омажам за него. И тој по имиња ѝ ги наброи синовите на најблиските кнезови.
А Пенелопа му одговори на својот татко:
- Оче, дај ми седум дена да размислам, па ќе ти одговорам. Таткото се согласи и си замина. Тогаш Пенелопа им рече на идолите:
- Ако сте богови, слушнете ме: мојот татко сака да ме омажи, а јас сакам да останам девица, зашто животните грижи пречат Да Му се служи на Бога. Кажете ми, дали да се мажам или не? Немите идоли молчеа, оти беа бездушни. Пенелопа плукна на нив, се сврте кон исток, па погледна кон небото и рече.
- Ако си вистински Бог, Ти, Кој Те проповедаат галилејците, Те молам, кажи ми, дали да се омажам или засекогаш да останам девојка?
Настапи ноќта и Пенелопа задрема, и во сонот виде ангел Божји, кој и говореше:
- Отсега повеќе нема да се викаш Пенелопа,туку Ирина, зашто на многумина ќе им станеш прибежиште и мирно пристаниште", и преку тебе многу души ќе се обратат и ќе се спасат. Твоето име ќе биде големо и прекрасно во вселената. А тоа што ти го рече старецот Апелијан е вистина, зашто Духот Божји говореше преку неговата уста. Вечерва кај тебе ќе дојде човекот Божји Тимотеј, поучен во христијанската вера и посветен за презвитер од светиот апостол Павле. Тој разнесува посланија од апостолот Павле по црквите. Тој ќе те крсти и ќе те поучи што треба да правиш.
Откако го рече тоа, Ангелот стана невидлив. Пенелопа си дојде на себе, и со радост го очекуваше доаѓањето на презвитерот. И навистина, по кратко време во кулата дојде човекот Божји Тимотеј, воден од Ангел. Девицата со радост го прими. Откако седна, тој започна да ги поучува во христијанската вера, и неа, и нејзината воспитувачка и останатите девици. Неговите зборови беа слатки за сите. Откако ги поучи доволно во светата вера за вистинскиот Бог Иисус Христос и христијанските тајни, тој ја крсти Пенелопа во името на Отецот и Синот и Светиот Дух, и и даде ново име, Ирина. На тој начин ја уневести за Христа, заветувајќи ја до крај да го чува своето девство во целомудреноста. Свети Тимотеј ги крсти и нејзината воспитувачка Карија и сите слугинки нејзини. Потоа ја поткрепи Ирина да биде храбра во маченичкиот подвиг, што треба да го прими за својот Господ Исус Христос, вистинскиот Бог. Откако ги благослови сите, им даде апостолски посланија, ги довери на благодатта Божја и отпатува. Блажената Ирина со своите слугинки деноноќно Го фалеше и Му благодареше на Бога, и сесрдно ги изучуваше апостолските посланија што и ги остави свети Тимотеј. А пак златните идоли на својот татко ги исфрли низ прозорецот, со зборовите:
- Ако сте богови, спасете се сами!
Паѓајќи од толкава висина на земјата, тие се разбиваа а светителката се потсмеваше на нивната немоќ.
По седум дена дојдоа царот и царицата со големците и ѝ 3боруваа за бракот. Ирина им одговори:
- Јас сум слугинка Христова. Во Него верувам, Нему Му се заветив, и за друг женик не сакам да знам, ниту пак ќе се поклонам на друг бог, зашто нема друг Бог освен Него. Зарем не ја видовте гибелта на боговите ваши, кои што ги исфрлив низ прозорецот? Тие не можеа да си помогнат на себе! Како тогаш ќе можат да ви помогнат вам? Залудна е вашата надеж во нив, залуден е вашиот труд и вашите трошоци околу идолите. Златото и среброто требало да ги раздадете на неволните, сиромашните и вдовиците, а вие си изработивте бездушни богови, и ги лишивте сиромашните од милостиња. На тој начин станавте непријатели на живиот Бог, а слуги на ѓаволот. До кога ќе лудувате како незауздан коњ? Кога ќе Го познаете живиот Бог, Богот, Кој може да умртвува и оживува? Кога светлината Божја ќе заблеска во вашите срца, Ѓаволот ќе побегне од вас. Тој е сатана, соблазнувач, и ги покрива очите на вашите срца, за да не ја познаете вистината. Се обраќам кон тебе, оче, за да го спознаеш Бога, Кој створил се со збор. Кога ти намисли да ја изградиш оваа кула за мене, собра дури три илјади и петстотини работници и триста надзорници, па сепак тие едвај успеаја за девет месеци да ја изградат кулата. А вечниот Бог со еден Свој збор ги створи небото и сонцето, месечината и ѕвездите, светлината и темнината, и светлината ја нарече ден, а темнината ноќ. Он ја заснова тешката земја на воздухот, им заповеда на водите да течат во наша корист, израсна разни дрвја, ги распореди времињата, годините и месеците, создаде ѕверови и животни на земјата, птици во воздухот и риби во водите; најпосле, со пречистите раце Свои го створи човекот земајќи прав од земјата, и го постави за господар на вселената, покорувајќи му сè. Сето тоа го изврши Бог за шест дена со Својот Збор, Кој е единородниот Син Негов, Исус Христос, пред сите векови роден од:Него без мајка, совечен Нему и сопрестолен, Кој во последно време под дејство на Светиот Дух се овоплоти и роди без татко од Пречистата Приснодева Марија, и поживеа меѓу луѓето правејќи безброј чудеса: на слепите вид им даваше, губави очистуваше, фатени подигаше, мртви воскреснуваше. Евреите од завист Го распнаа, бидејќи Он, Самиот благоволи да пострада заради нашето спасение. Но, Он по својата смрт и погребение воскресна во третиот ден со силата на Своето Божество, се вознесе на небото, седна од десната страна на Бога Отецот, им го испрати Светиот Дух на Своите свети ученици, ги испрати во светот да ги просветуваат помрачените, да ги обраќаат заблудените и спасуваат пропаднатите, зашто Он сака сите да се спасат, И милоста Негова спрема родот човечки никогаш нема да престане.
Сите се насладуваа додека ја слушаа. Царот и царицата ја поведоа својата мила ќерка кон градот, каде ја пречекаа сите градски девици со венци на главите, и ѝ се поклонуваа. Се слеа и целиот народ. Луѓето брзаа да ги заземат највисоките места по зидовите и крововите за подобро да ја видат, и радосно воскликнуваа и ја величаа прекрасната девица Пенелопа. Кога приближија до царската палата, света Ирина здогледа демон кој ѝ довикна:
- Девице, во овој град нема ништо заедничко меѓу мене и тебе. Оди си одовде, зашто тука нема христијани.
Светителката му рече:
- Ти наредувам со името на Господ Исус Христос, кажи ми, кој си ти?
Тој и одговори:
- Јас сум демонот што живее во идолот Аполон, учител на блудниците и прељубодејците, помошник на бајачите, водач на крадците, другар на пијаниците. Се радувам на крвопролевањето, наставник сум на секоја неправда и лага, и татко на секое зло. Повторно ти велам, оди си од овој град, инаку ќе го поттикнам твојот татко против тебе, и тој ќе те убие.
Гласот на демонот многумина го слушнаа, но него не го видоа. Блажената Ирина му запрети, говорејќи:
- Ти наредувам со името на Господ Исус Христос, оди си од овој град.
И, треперејќи, демонот стана невидлив. Потоа го поттикна царот против својата ќерка. Тој ја повика царицата и ѝ рече:
- Што да правиме? Нашата ќерка е прелестена. Ах, зошто ја созидав таа кула! Јас сакав да го сочувам своето дете, но, ете, го погубив. Пропаднаа сите мои надежи.
Царицата му одговори:
- Зборуваш неразумно. Со што е прелестена нашата ќерка, и какво зло гледаш во неа?
Царот и одоговори:
- Таа верува во Христос, и ги одрекува нашите богови.
На тоа царицата му рече:
- Нека пропаднат боговите кои што не ги створиле небото и земјата, а ќерката моја нека се удостои на слава од Царот Христос, Кој ја повика во животот вечен.
Царот се разгневи, и веднаш нареди да ја исфрлат царицата од дворецот. Една од слугинките отрча и за тоа ја извести Ирина. Кога ја здогледа, царот ја наведна главата. Но, поттикнуван од ѓаволот, тој беснееше од гнев во срцето. Света Ирина го праша:
- Зошто си тажен, оче?
Царот и одговори:
- Подобро би било да не си се родила, ќерко. За тебе созидав прекрасна кула, во неа ги изнаместив моите златни богови да те чуваат, а ти, за доброто ми возврати со зло.
Света Ирина го праша:
- Кажи ми, оче, какво зло ти сторив?
Царот и одговори:
- Зарем е мало зло, тоа што велиш дека Христос е Бог, а од моите богови се одрекуваш?
Светителката му рече:
- Татко, јас никакво зло не сторив со тоа што верувам во Христос вистинскиот Бог, и што својата надеж ја полагам во Него, а не во твоите идоли.
На тоа царот грозно викна:
- Принеси им жртви на боговите, Пенелопо!
Светителката му одговори:
- Не менувај го моето име, татко. Јас не се викам Пенелопа, туку Ирина. Тоа име ми го даде Ангел во видение, и презвитерот на светото крштение.
Тогаш царот бесно викна:
- Принеси им жртва на боговите, туѓ породу!
Света Ирина одговори:
- Нема да им принесам жртва на демоните! Тие те поттикнуваат на гнев. Благодарение на нив, ти ќе се мачиш во огнот со незнабошците.
Надвор од себе од гнев, царот нареди да ја врзат, и да ја фрлат под нозете на бесни коњи, за да ја разнесат со копитата. Царот дојде да ја види нејзината смрт, но тогаш се откина најбесниот коњ, полета кон царот, му ја дофати десната рака со забите, му ја искорна од рамото, го изгази на мртво, па кротко се врати на своето место. И сите коњи станаа кротки како јагниња, и не се допреа до света Ирина. И тој коњ, по Божја наредба, проговори со човечки глас, величајќи ја светата маченица:
- Блажена си ти, гулабице Христова, зашто ја сотре змијата. Ти си славна на земјата, а на небото ќе бидеш примена со љубов.
Кога и ги симнаа оковите, света Ирина со молитва го воскресна својот мртов татко, и му ја исцели раката. Тогаш царот со целиот свој дом и многу народ поверува во Христа. Беа околу три илјади на број. Наскоро потоа царот Ликиниј го остави престолот, за слободно да Му служи на Господ Христос, и со својата сопруга се насели во кулата што ја изгради за својата ќерка. А света Ирина остана во градот, поучувајќи ги луѓето во христијанската вера, и многумина приведуваше кон Христа Бога. Таа живееше во домот на старецот Апелијан.
По Ликиниј, на престолот дојде царот Седекиј. Кога дозна за Ирина, тој го повика старецот Апелијан, и го праша:
- Кај тебе ли е царевата ќерка Ирина?
Апелијан одговори:
- Да, царе, кај мене е.
Царот го праша:
- Знаеш ли што мисли таа?
Старецот одговори:
- Таа мисли исто како и јас, И како сите што Го знаат вистинскиот Бог. Пости секој ден се до вечерта, а навечер јаде малку леб и пие чаша вода. За друга трпеза таа не знае. Постела нема, и се одмора малку на голата земја. Таа деновите и ноќите ги минува во молитви кон Бога, и се занимава со читање на Божествените книги.
Царот се зачуди, и го испрати епархот“, да ја доведе Ирина. Кога дојде кај него, света Ирина рече:
- Радувај се, царе!
Царот ѝ одговори:
- Радувај се и ти, чудна девице!
Девицата го праша:
- Зошто ме повика?
Царот ѝ одговори:
- Ајде да седнеме и во мир да поразговараме.
На тоа светата девица му рече:
- Јас ги исполнувам зборовите на Светото Писмо, кои велат: „Со безбожници не седам и со законопрестапници не се мешам“ (Псалми 25, 4).
Царот ја праша:
- Зарем ние сме законопрестапници?
Светителката му одговори:
- Секој многубожец, кој не Го знае вистинскиот Бог и се поклонува на идоли, е законопрестапник.
На тоа царот и рече:
- Ти ме тераш да те мачам, иако си царева ќерка.
Света Ирина му одговори:
- Тогаш, зошто залудно губиш време на разговор со мене? Ајде мачи ме, јас сум подготвена на маки за мојот Бог.
Царот ѝ рече:
- Не будали се, девојко, и принеси им жртва на боговите.
Светителката му одговори:
- Залудно се вознемируваш, царе, поттикнуван од сатаната. Знај дека нема да му послужам на демонот, ниту ќе го штедам своето тело, кога е во прашање мојот Господ Христос.
Целиот разјарен, царот започна да се советува со епархот, како да ја погуби девојката. Нареди да ископаат длабок ров, да го наполнат со змии и најразлични лазачи, па ја фрлија девојката таму. Гаа остана внатре десет дена, жива и здрава, зашто ангел Господов ја чуваше, додека сите змии и лазачи не цркнаа.
Кога царот Седекиј дозна дека маченицата е жива во ровот многу се зачуди, и мислеше дека таа со маѓии ги усмртила лазачите. Веднаш нареди да ја доведат кај него, па седна на судискиот стол и рече:
- Принеси им жртва на боговите, кои те поштедија. Тие ги усмртија змиите а те сочуваа тебе, за да се познае нивната сила и добрина.
Светителката му одговори:
- О, безумнику, опрелестен од сатаната! Зарем некогаш дрвени и камени богови умртвиле змии? Но, набргу самиот ти, со боговите на кои им служиш, ќе бидеш фрлен во ровот на адот, и ќе потонеш во крајната темнина, која што ти е подготвена од сатаната. Таму ќе биде плач и крцкање со заби.
Тогаш разбеснетиот цар повика дрводелци, за со железна пила да ја престругаат светата девојка. Но, пилата не се допираше до неа, и најпосле се скрши на половина. Донесоа и друга пила, но и таа се скрши. А тие што ја стругаа, се ранија себе од скршените пили и изумреа. Донесоа и трета пила, поостра и појака, и царот нареди да ја стругаат девицата по бедрата. Ја одврзаа девицата, ја положија на земјата, и ставија огромен камен на градите, и започнаа да го стругаат нејзиното свето тело. Овој пат пилата се допре до неа, и од нејзиното тело потече крв. На тоа се насмеа царот Седекиј и ѝ рече на маченицата:
- Каде е твојот Бог? Нека дојде сега, и нека ти помогне ако има сила. При овие зборови, одеднаш молскавично тресна страшен гром и настана невреме, а слугите што го стругаа телото на светата маченица паднаа како мртви. Царот побегна во својот дворец, а народот се разбега. И како небото да се прекрши, падна силен дожд помешан со град, та многумина од мачителите беа убиени од громовите и градот. Ангел Господов слезе од небото, го тргна каменот од градите на светата маченица, и ѝ ги исцели раните. Кога го видоа ова чудо, осум илјади души поверуваа во Христа. Потоа, поттикнат од ѓаволот, царот повторно нареди да ја уапсат светителката, и пак се договараше со епархот како да ја погуби, па реши да ја врзат за воденичко тркало, за при вртењето да ја искинат. Но, кога пуштија вода под тркалото, водата застана како да се скамени, и светителката остана неповредена. А царот со своите советници повика:
- О, колку е голема силата на оваа маѓепсница! Ете, таа ја претвори водата во нешто друго.
А пак народот, набљудувајќи го ова чудо, се побуни против царот, и започнаа да фрлаат камења по него и го протераа од градот. Тој се врати во своето родно место, поживеа седум дена, И умре од мака, бес и срам.
По смртта на Седекиј, неговиот син Савах сакаше да се одмазди за срамот на својот татко, па собра војска и тргна во војна против градот Магедон. Жителите на овој град се преплашија кога дознаа за тоа, ги затворија градските капии, и ѝ рекоа на света Ирина:
- Заради тебе ќе изгинеме.
Но, таа им рече да не се плашат, па се помоли на Бога, говорејќи:
- Господи, Ти, Кој некогаш си ја услишал молитвата на пророкот Елисеј, услиши ја и мојата молитва. Невидливо порази го народот кој тргнал да го разори нашиот град, ослепи ги непријателите Твои, за да разберат дека Ти си единствен Бог.
И Господ веднаш ја услиша нејзината молитва, и ги порази со слепило царот и целата негова војска. Царот Савах сфати дека Ирина им го наведе слепилото, па ѝ испрати пратеник со ваква молба:
„Сега знам дека силата на твојот Бог е непобедлива. Помоли се за мене и за мојата војска, за да прогледаме“.
Светителката се сожали, се помоли на Господа и тие прогледаа. Тогаш царот испрати во градот вакви зборови за мир:
„Примете ме за цар, како што го имавте и мојот татко, а јас ви простувам за срамот што ми го нанесовте“.
Граѓаните склопија мир со него, му ги отворија градските капии, му се поклонија, и го признаа за свој цар.
Кога Савах го зацврсти својот царски престол, се разгневи на света Ирина под дејство на ѓаволот, ја повика кај себе и ѝ рече:
- Му простувам на градот, но лут сум на тебе, затоа што беше кренала бунт против мојот татко, та го тепаа со камења. Ако сакаш и тебе да ти простам, принеси им жртва на боговите, и ќе бидеш слободна.
Светителката го искара царот за неговото безумие, та со тоа уште повеќе го разјари. Царот нареди да ја фрлат во темница, и се договараше со своите големци на какви маки да ја стави. Светителката помина седум дена во темницата. Тука и се јави Господ Исус Христос и ѝ рече:
- Не плаши се, ќерко моја, Јас сум со тебе и те крепам.
Потоа царот нареди да ѝ забијат во петите пет железни клинци и да ѝ натоварат вреќа со песок, па да ја бркаат до одредено место, надвор од градот. Слугите ѝ ставија узда во устата, па како скот ја потераа светата маченица на одреденото место. Светителката трчаше и говореше кон Бога:
„Навистина сум како скот пред Тебе, Господи, но јас сум секогаш со Тебе. Ти ја придржуваш десницата моја, ме водиш со советот Твој и ќе ме примиш во Твојата слава“. (Пс. 72, 22-24).
Погледнувајќи десно, светителката здогледа Ангели покрај неа и многу се израдува. Кога стигнаа на одреденото место, и свртеа назад кон градот, слугите со потсмев ја влечеа за уздата, додека многу народ одеше по нив. Тогаш светителката здогледа пред себе Ангели, кои со стап удираа по земјата, и си рече во себе:
„Ќе изгинат непријателите Божји“.
И кога дојдоа до местото каде што стоеше ангелот, земјата се отвори и ги проголта слугите, а светителката остана разрешена од уздата, од грбот и падна вреќата со песок, и клинците од нејзините нозе паднаа. И таа одеше здрава, славејќи Го Бога. Кога дозна за тоа, царот рече:
- Боговите ја отворија земјата, и ги одведоа под неа моите слуги поради оваа маѓепсница.
Други се препираа, говорејќи:
- Живиот Бог е со светата маченица Ирина.
Трети пак, ја навредуваа светтата девојка. Тогаш Ангелот што ја отвори земјата, одеднаш погуби околу десет илјади неверници, а оние што останаа живи повикаа:
- Боже Иринин, поштеди не, ние веруваме во Тебе!
И тогаш поверуваа во Христа околу триесет илјади души. Но, царот Савах не поверува, па поразен од ангел Божји, загина.
Света Ирина ја проповедаше христијанската вера во градот, и со силата Христова чинеше многу чудеса. Таа не само што исцелуваше болни и истеруваше демони, туку со молитвата воскресна и едно мртво момче. Приведе кон Христа околу педесет илјади души. Во тоа време, по промисла Божја, во градот стигна свети Тимотеј, презвитерот кој што ја крсти Ирина. Света Ирина со радост го дочека, му се поклони, па сите отидоа во кулата каде што живееја нејзините родители, каде што во безмолвие, во молитвено тихување, служејќи Му на Бога, сите кои беа поверувале во Христа, примија свето крштение.
Света Ирина помина три години во градот Магедон, учејќи ги луѓето и утврдувајќи ги во верата Христова. Потоа отпатува во градот Калипол, каде владееше царот Нумеријан, сродник на царевите Садекиј и Савах. А кога Нумеријан празнуваше во чест на богињата Артемида, и му принесуваше жртва на нејзиниот идол, пред него истапи света Ирина, го изобличи за безбожието, и Го исповедаше како вистински Бог. Царот им рече на своите големци:
- Оваа девојка по лице и раст личи на својот татко Ликиниј. Но, лошите деца ги прават несреќни своите родители, па заради оваа лоша девојка нејзиниот добар татко беше лишен од царството. Како што слушнав, таа е виновна за смртта на мојот брат Седекиј и неговиот син Савах. Таа ги усмрти со маѓии. Тогаш Нумеријан и се обрати на светата девојка:
- Што велиш, маѓепснице? Ќе им принесеш ли жртва на боговите?
Светителката се прекрсти и одговори:
- Јас ќе Му принесам пофалба на Вишниот Бог, а на твоите демони и нивните бездушни идоли, нема да им принесам жртва. Што се однесува до царевите, твои сродници, со сигурност знај дека мојот Бог, Кој владее над животот и смртта, им нареди да умрат, а не јас. Затоа, имај страв од мојот Бог, оти ти останало да живееш уште малку.
Царот многу се разјари, рикна како лав, и веднаш нареди да вжештат три метални вола, говорејќи:
- Ако таа во првиот вол успее да ја совлада силата на огнот, тогаш нека биде фрлена во вториот вол. Ако и во него го стори истото, нека биде фрлена во третиот. Така и се случи. Ја фрлија светителката во првиот вжештен вол, и таа започна да се моли: „Боже, поитај ми на помош, зашто страдам заради светото име Твое!“
Тогаш и се јави ангел Божји, ја советуваше да не се плаши, и го разладуваше огнот. А народот ропташе против царот, говорејќи:
- Залудно ја погуби младоста на девојката.
Но, светителката остана неповредена од огнот, па царот им рече на присутните:
- Нели ви реков дека оваа девојка е маѓепсница? Гледате ли како го згасна огнот? Сега фрлете ја во другиот вол.
Кога и другиот се олади, ја фрлија во третиот. Но, по наредба на сесилниот и семоќен Господ, третиот вол започна да оди како жив, и откако се врати на своето место се распадна, и од него излезе светата маченица неповредена. Додека го гледаше таквото чудо, народот громогласно викаше:
- Велик си, Боже Иринин! Помилуј не по Твојата голема милост! Ти си наш Бог, силен и крепок, Ти чиниш прекрасни и преславни чудеса!
Тогаш во Христа поверуваа сто илјади души. А царот, не само што остана во своето неверие, туку и хулеше на Вишниот Бог. Затоа невидливо беше поразен од ангел Божји, та се разболе до смрт. На умирање, тој му нареди на својот епарх Ваводан да ја стави Ирина на разни маки, и да ја погуби со најлута смрт. И издивна бедниот цар Нумеријан, а света Ирина остана во градот, учејќи го народот во светата вера и исцелувајќи. Светиот презвитер Тимотеј дојде таму во тоа време, и ги крштеваше оние што ја примија верата Христова.
Гледајќи дека целиот народ е со света Ирина, епархот се плашеше да ја стави на маки таму. Затоа отиде во друг град, по име Константин, а на своите војници им нареди да ја фатат маченицата и врзана да ја доведат кај него. Кога ја доведоа, тој ѝ рече:
- Знаеш ли дека ми е дадена власт над тебе? Принеси им жртва на боговите наши, за да не те ставам на страшни маки.
Светителката му одговори:
- Стави ме на какви сакаш маки, па ќе ја видиш силата на мојот Бог.
Епархот нареди да донесат железна решетка, да ја врзат за неа, и под неа да запалат оган. Ја полеваа маченицата со масло и смола, ја печеа, но таа остана неповредена и Го славеше Бога. Потоа Ангел ја разреши од решетките и веригите, и таа стана здрава. Епархот многу се восхити, припадна пред нејзините нозе, и ѝ рече:
- Слугинко на вистинскиот Бог, те молам немој да ме погубиш. Јас верувам во Синот Божји и сакам да станам христијанин.
Така епархот Ваводан поверува во Христа, а и многу народ со него. А ангел Божји го доведе таму презвитерот Тимотеј и беа крстени сите што поверуваа во Христа.
По петнаесет поминати години во тој град, света Ирина беше уапсена во тракискиот град Месемврија од војниците на царот Савориј, кој многу беше слушал за неа и одамна сакал да ја фати. Кога ја здогледа светителката, тој многу се разјари и ја посече со меч. Ја погребаа надвор од градот.
Потоа царот рече:
- Страшни гласови кружеа за оваа маѓепсница, зашто со своите маѓии ги испоуби царевите. Но, зошто сега не можеше да ме убие мене, туку јас ја убив неа? Каде е нејзиниот помошник Христос? Зошто не можеше да ја избави од моите раце?
Така незнабожниот цар се потсмеваше на Христовата сила и се фалеше како победник. Но, има ли нешто невозможно за семоќната сила Божја? Оној, Кој во времето на својата доброволна срамна смрт воскресна многу тела на светители, така што тие излегоа од гробовите по Воскресението Негово и влегоа во Светиот Град видени од многумина, не можеше ли да ја воскресне од мртвите и оваа светителка, и таа да влезе во Месемврија и да излезе пред царот? Навистина е моќен нашиот Бог Христос на небото и на земјата, и прави се што сака, зашто Он испрати ангел Свој, кој ја подигна света Ирина жива од гробот, и притоа и рече:
- Иако го заврши подвигот на твоето страдање и треба да се одмориш, сепак, за незнабошците и беззакониците да не се фалат дека ја надвладеале силата на нашиот Бог, оди во градот да те видат жива, за да се посрами незнабожниот потсмевач, и да познае дека нашиот Бог е семоќен. Отсега повеќе нема да страдаш од никого.
Светителката влезе во градот Месемврија, со маслиново гранче во својата рака. Кога ја видоа, граѓаните се преплашија, и многу се чудеа. Се собра кај неа целиот народ, силно викајќи:
- Прекрасен е Богот Иринин, и нема друг Бог освен Него!
Му рекоа и на царот дека Ирина воскреснала од мртвите. Тој многу се исплаши, и кога ја виде светителката падна пред нејзините нозе, говорејќи:
- Сега знам дека твојот Бог е велик. Те молам, остани во нашиот град и приведи нè во христијанството.
Светителката остана меѓу нив седумдесет дена, учејќи ги во светата вера, и сите жители на градот поверуваа во Христа. Блажениот презвитер Тимотеј дојде таму по наредба Божја, и го крсти царот и сиот народ.
Оттаму света Ирина отпатува во својот град Магедон, каде нејзиниот татко веќе се беше упокоил во Господа. Таа плачеше по него, молејќи се на Бога за него. Помина некое време тука со мајка си, па оттаму беше земена на облак и пренесена во Ефес. Одејќи по градот, таа апостолски Го проповедаше Христа, и правеше многу чудеса, исцелувајќи разни болести. На тој начин многу незнабожци се обратија кон верата Христова.
По извесно време, испратен од Бога, во Ефес кај света Ирина дојде старецот Апелијан. Светителката многу се израдува на неговото доаѓање. По неколку дена, таа му се обрати на народот:
- Радувајте се, браќа мои! Мирот на нашиот Господ Иисус Христос нека биде со вас! Бидете добродушни радувајќи се во Господа, и цврсто стојте во верата. Јас заминувам од вас, и ви благодарам што ме примивте. Знајте дека, секој што прима патници станува пријател на небесниот Бог.
Додека ја слушаа, граѓаните си велеа меѓу себе:
- Каде заминува нашата учителка? Да не се упокои во Господа? Таа е достојна на Бога, и ќе биде земена од нашите очи, зашто ние сме грешни.
Наредниот ден света Ирина го зеде со себе старецот Апелијан заедно со шест благоверни луѓе, и отиде со нив надвор од градот, најде во една карпа нов празен гроб, влезе во него, и му рече на Апелијан:
- Покријте ме добро со камења, за никој да не може да ме открие за четири дена. Потоа се поздрави, се прекрсти, и легна. Луѓето ставија огромен камен преку гробот, па се вратија во градот.
Апелијан со истите луѓе дојде на гробот во четвртиот ден, и не го најде телото на света Ирина. Тој си помисли дека Христос Бог ја пренел света Ирина во рајот, па отиде во градот и го извести народот за тоа. Сите дојдоа и го видоа гробот празен, па многу се чудеа и со страв Го славеа Бога.
Такво беше житието и страдањето на благородната девојка Ирина, такви беа подвизите на невестата Христова. Исправена на суд, најпрвин пред својот татко Ликиниј, потоа Седекиј и неговиот син Савах, па Нумеријан и епархот Ваводан, и најпосле пред Савориј. Се упокои во Господа во градот Ефес, на 5 мај. Стоејќи пред Господа Христа, таа Му се моли за вселената. Оваа повест за подвизите и страдањата на света Ирина ги напиша старецот Алелијан, во слава на Отецот и Синот и Светиот Дух, едниот Бог во Троица, Кому од целокупните твари Му доликува чест и поклонение, сега и секогаш, и низ сите векови, амин.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ЕВТИМИЈ ЧУДОТВОРЕЦ епископ Мадиски
Светиот отец Евтимиј е родум од Епиват, на границата меѓу Силиврија и Тракија близу Дарданели. Живееше во десеттиот век. Беше брат на света Параскева (Петка). Откако се замонаши, тој строго се подвизуваше полни триесет години во еден цариградски манастир. Кога се прочу неговата доблест, иако не сакаше беше избран за епископ Мадиски (близу Дарданели). Поради своите подвизи и светиот живот беше удостоен од Бога на дарот на чудотворството. Исцелуваше разни болести по луѓето и истеруваше демони од опседнатите. Мирно се престави во Господа околу 990-та година (или нешто подоцна). По преставувањето чудотвореа и неговите свети мошти.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ИСПОВЕДНИЦИ МАРТИН И ИРАКЛИЈ
Светите исповедници Мартин и Ираклиј беа словени, гонети од еретиците аријанци во Илирија. Испратени во прогонство, овие витези на Православието го завршија земниот живот во четврттиот век, и се преселија кај Господа.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ МИХЕЈ
Овој преподобен отец беше ученик на преподобниот Сергиј Радонежски. Живеејќи во иста ќелија со него, тој достигна големо совршенство во доблестите. Заради кроткоста на душата и чистотата на срцето, се удостои да ја види Богомајката со апостолите Петар и Павле, при нивното јавување на свети Сергиј. Се престави во 1385-та година. Неговите свети мошти почиваат во Троицката Лавра, во манастирската црква.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ НЕОФИТ, ГАЈ И ГАЈАН
Тројцата маченици Неофит, Гај и Гајан, храбро пострадаа за Света Троица.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ АДРИЈАН МОНЗЕНСКИ
Ги засака монашките подвизи уште од мал, и прими постриг во Генадиевиот манастир. Потоа се подвизуваше во Спаскиот манастир на Кубанското Езеро и во Обнорската обител во Јарославската губернија, додека не го најде укажаното место на реката Монза, на дваесет врсти од Костром. Овде тој го основа Благовештенскиот манастир во кој се подвизуваше се до својата смрт во 1610-та година. Неговите свети мошти почиваат во црквата на неговиот манастир.