19. Мај (6. Мај)
ЖИТИЕ НА СВЕТИОТ ПРАВЕДЕНИ МНОГУСТРАДАЛЕН ЈОВ
Светиот праведен Јов беше од племето Авраамово. Живееше во земјата Уз во Арабија. Јов беше човек на вистината, беспрекорен, праведен и благочестив, и бегаше од злото. Имаше седум синови и три ќерки. Имаше и добиток од седум илјади овци, три илјади камили, петстотини јармови волови, петстотини магариња и многу слуги. Неговите дела беа големи на земјата. Со благородноста и честитоста, тој беше најголем од сите луѓе на Истокот. Неговите синови се собираа дома и приредуваа големи гозби секој ден. Тие ги повикуваа и своите три сестри да јадат и пијат со нив. Синовите на Јов живееја во таква љубов и слога меѓу себе, што иако живееја во одделни куќи, сепак секогаш ручаа заедно. Така, еден ден, тие ручаа заедно кај најстариот брат, потоа кај другиот, па кај третиот, и за седум дена пак почнуваа од најстариот. Тие нивни гозби беа умерени и чесни, уредни и тивки, без пијанства, нереди и вреви, зашто добриот и праведен нивни татко не би дозволил собири на кои би имал удел гревот на прејадувањето, пијанството и непристојноста, туку сигурно би ги забранил. Но, тој, гледајќи го нивниот добар карактер, кроткоста и голема меѓусебна љубов, која што ретко се среќава меѓу браќата, не им ги бранеше гозбите туку уживаше во тоа. Тој ги напоменуваше и советуваше секој од нив грижливо да ја испитува својата совест, да не погрешил со збор или мисла против Господа, зашто тој многу се плашеше од Бога, и тоа, се плашеше не со робовски страв, туку со страв на синовска њубов, и грижливо внимаваше на себе и на целиот свој дом, да не се направи нешто кое што би Го разгневило Бога.
Богобојазливиот праведник не само што своите деца ги упатуваше да водат беспрекорен живот и да не грешат дури ни во мислите пред Творецот свој, туку и самиот, станувајќи пто изутрина рано, принесуваше сепаленици по бројот на сите нив и едно теле за нивните гревови, зашто си велеше во себе: Можеби моите синови згрешиле и го навредиле Бога во срцето свое. Така правеше праведниот Јов постојано (Јов. 1, 5).
Еден ден, ангели Божји, чувари на човечкиот род, застанаа пред Господа да Му ги поднесат човечките молби и да ги изложат нивните најразлични неволји. Со нив пред Господ излезе и сатаната, искушувачот и клеветник човечки, и тоа не како оној кој може заедно со Ангелите да застане пред Бога на небото, од каде што е исфрлен, туку стоејќи далеку, надвор од небото пред севидливото око Божјо. И му рече Господ на сатаната:
„Од каде дојде?“
А сатаната Му одговори на Господа и Му рече:
„Одев по земјата и ја обиколив“.
А Господ му рече на сатаната:
„Го виде ли мојот слуга Јов? Зашто на земјата нема друг како него: човек непорочен, праведен, богобојазлив, и кој го одбегнува злото“.
Му одговори сатаната на Господ и му рече:
„Зар попусто Јов е богобојазлив? Не го огради ли Ти него и куќата негова и се што има тој наоколу? Ти ги благослови делата на рацете негови, а стадата негови се шират по земјата; но пружи ја раката Своја и допри се до се што е негово, ќе те благослови ли тогаш?“
И му рече Господ на сатаната:
„Еве, се што е негово е во твоја рака; само врз него не посегај!“
И си отиде сатаната од лицето Господово.
Еден ден кога синовите и ќерките на Јов јадеа И пиеја во куќтата на првородениот свој брат, дојде гласник кај Јов и му рече:
„Воловите ораа и ослиците пасеа покрај нив, кога Савејците ги нападнаа и ги отераа а момоците со остар меч ги погубија; избегав само јас за да ти јавам.“
Додека тој уште говореше, дојде друг гласник, и рече:
„Оган Божји падна од небото, ги изгоре овците и момоците ги голтна; и побегнав само јас, за да ти јавам.“
Додека тој говореше дојде и трет гласник кај Јов, и рече:
„Халдејци, наредени во три чети, нападнаа на камилите и ги отераа, а момоците со остар меч ги погубија; само јас избегав за да ти јавам“.
Додека тој уште зборуваше се појави друг и рече:
„Синовите и ќерките твои јадеа и пиеја вино во куќата на првородениот свој брат; тогаш дувна силен ветар откај пустината и ги зафати четирите агли на куката; куќата се урна врз децата и тие умреа; се спасив само јас за да ти јавам.“
Тогаш Јов стана, ја раскина горната облека, ја острижа главата своја, ја посипа со пепел и паѓајќи ничкум се поклони на Господа и рече:
„Гол излегов од утробата на мајка ми, гол и ќе се вратам во утробата на земјата. Господ даде Господ зеде; како што Му беше угодно на Господа, така и станува. Нека е благословено името Господово!“
Во сето тоа Јов не згреши пред Господа и ништо неразумно не изрече против Бога (Јов. 1, 13-22).
Повторно еден ден дојдоа ангели Божји да застанат пред Господа; со нив дојде и сатаната. И Господ му рече на сатаната:
„Од каде дојде?“
Му одговори сатаната на Господа и му рече:
„Одев по земјата и ја обиколив“.
Тогаш му рече Господ на сатаната:
„Го виде ли мојот слуга Јов? Зашто на земјата нема друг како него: човек непорочен, праведен, богобојазлив, и кој го одбегнува злото, и се уште цврсто се држи во својата непорочност; а ти Ме поттикнуваше да го погубам без вина“,
Сатаната му одговори на Господа и рече:
„Кожа за кожа, а за животот свој човек ќе даде и се што има, Туку ајде пружи ја раката своја и допри се до коските негови и плотта негова, - ќе Те благословува ли тогаш?“
И му рече Господ на сатаната:
„Ете, тој е во твојата рака; само душата не земај му ја“. Јов. 2, 1-6).
Си отиде сатаната од лицето Господово и го порази Јов со лута рана од стапалата на нозете негови до самото теме негово.
И си зеде Јов тогаш цреп за да се чеша со него, и седеше на ѓубриштето надвор од градот. Откако измина многу време и неговата жена му рече:
„До кога „ќе трпиш? Ете, јас ќе почекам уште малку, со надеж дека ќе се избавам. Ете, исчезна од земјата твојот спомен - твоите синови и ќерки, кои залудно во мака ги родив и со труд израснав. Болките и воздишките на мојата утроба, кои залудно ги поднесував со мака. А и ти самиот седиш во гној и црви, без кров над главата. Јас пак скитам и измекарувам од едно место до друго, и од куќа до куќа, чекајќи сонцето да зајде, па да си починам од маките и болките што сега ме мачат. Но, кажи веќе некој збор кон Господа, па умри“.
Но тој ја погледна и ѝ рече:
„Зошто зборуваш како безумна? Зар доброто да го примаме од Господа, а злото да не го поднесуваме?“
Во сето тоа Јов не згреши со ништо пред Господа, ниту устата негова похули на Бога (Јов. 2, 7-10).
Слушнаа тројцата пријатели Јовови за сите зла што го беа снашле, па тргнаа секој од своето место. Елифаз од Теман, Вилдад од Сува и Софар од Нам; се состанаа за да одат да тагуваат заедно со него и да го тешат.
И кога ги кренаа очите оддалеку, тие не го познаа; па викнаа со силен глас, та заплакаа; секој ја раскина својата горна облека и се посипаа со земја врз главите свои.
И седеа со него на земјата седум дена и седум ноќи; никој ни збор не му проговори, бидејќи гледаа дека страдањето му беше многу големо. (Јов. 2, 11-13).
Но Јов не заропта против Бога, туку трпеливо ги поднесе сите маки до крај. Затоа Бог, јавувајќи му се, му го поврати здравјето, и му даде богатство, многу поголемо од претходното. И повторно му се родија седум синови и три ќерки, како и порано. И поживеа Јов 248 години, славејќи Го и фалејќи Го Бога.
Јов се смета за пример на трпеливото поднесување на секое страдање, кое Бог ни го испраќа според неискажаната Своја промисла, и праобразот на страдалниот Господ Исус. Поради праобразното значење што го има животот и страдањето на праведниот Јов, Книгата за Јов се чита во одломки во текот на Страсната, односно Страдалната Седмица, и тоа: на Велики Понеделник, на вечерната гл. 1, ст. 1-12; на Велики Вторник, на вечерната гл. 1, ст. 13-22, на Велика Среда, на вечерната гл. 2, 1-10; на Велики Четврток, на вечерната гл. 38, 1-23; на Велики Петок, на вечерната гл. 42, 12-17.
СПОМЕН НА НАШИТЕ ПРЕПОДОБНИ ОТЦИ МАМАНТ, ПАХОМИЈ И ИЛАРИОН
Во мир се упокоиле во Господа.
СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ВАРВАР ВОЈНИКОТ
Кога царот богомрзец Јулијан Отстапник завојува со Франките, тој против нив го испрати војводата Вакх, во чија што војска беше и храбриот војник Варвар, кој беше потаен христијанин. Кога се судрија војските, на боиштето се појави јунак од страна на Франките, сличен на древниот Голијат, кој чекаше да му излезе на мегдан некој од Римјаните. Тој франачки војник имаше страшен изглед со своето огромно и силно тело. Војводата Вакх, знаејќи ја храброста на блажениот Варвар, го повика кај себе и го праша дали може да излезе на мегдан против овој војник. Надевајќи се во својот Господ Иисус Христос, Варвар се согласи, Откако во срцето се помоли на својот жив Господ, тој излезе на мегдан и го победи и погуби франачкиот јунак. Тогаш франачката војска се посрами и исплаши, а охрабрените Римјани ги нападнаа Франките и ги победија. Поради својата храброст блажениот Варвар стекна огромен углед меѓу римските полкови а беше пофален и од царот и доби чин комита.
По оваа славна победа војводата Вакх отиде во Тракија за да им принесе жртви на идолите во знак на благодарност за победата, па го повика и комитата Варвар, како прв победник. Но, свети Варвар јавно изјави дека е христијанин, и дека се одрекува од идолите. Гогаш војводата го извести царот за тоа, а царот нареди да му го доведат Христовиот војник. Тој започна да го приморува да им принесе жртва на идолите, но бидејќи блажениот не го послуша, царот нареди да го обесат на дрво за мачење и да му го сечат стомакот со меч, додека утробата не му падне на земјата. Додека светителот се молеше се јави Ангел, ја собра неговата утроба и го исцели, така што не остана ни трага од раните, па го одведе од дрвото за мачење.
Кога го видоа таквото чудо, војводата Вакх и војниците Калимах и Дионисиј поверуваа во Христа и Го исповедаа. Затоа царот Јулијан нареди да бидат обезглавени. Така новите исповедници Христови Вакх, Калимах и Дионисиј, им се придружија на светите Маченици на небото. Нечестивиот цар нареди светиот маченик Варвар да го врзат за железно тркало, да запалат оган под него и да го вртат маченикот над огнот, излевајќи му врел зејтин врз телото. Но, маченикот, молејќи се на Бога, остана неповреден. Напротив, огнот пламна и ги изгоре војниците кои го мачеа, а двајца од нив претвори во пепел. Тогаш маченикот го фрлија во темница, каде Му се јави самиот Господ и го поткрепи.
Утредента свети Варвар повторно беше подложен на мачење. Гол го растегнаа на четири страни и со воловски жили го тепаа немилосрдно. Потоа го ставија во вжештена печка, во која помина седум дена, и го најдоа како жив и здрав Го слави Бога.
Потоа повторно го вратија во темницата, во која фрлија многу скорпии, змии и најразлични лазачи, за да го усмртат. Но, свети Варвар ги избрка од себе со крстниот знак, и остана неповреден. Тогаш суровиот мачител нареди да вжештат железен вол и да го фрлат во него. Но, и таму маченикот остана неповреден, а металниот вол како жив започна да рика и да оди чувствувајќи болки од огнот. Кога го видоа тоа чудо многу незнабошци поверуваа во Христа.
Најпосле мачителот нареди да му ја отсечат главата. Така светиот маченик Варвар славно го заврши својот маченички подвиг за Господа Христа. Неговото чесно тело го зеде епископот на Феликија и го погреба во пелопонескиот град Метон, славејќи Го Христа Бога, славениот со Отецот и Светиот Дух, амин.
Светиот маченик Варвар пострада во 362 година. |
СПОМЕН НА СВЕТИ ВАРВАР поранешен разбојник
Блажениот Варвар најпрвин беше опак разбојник во Луканските краеви. Тој пролеа многу човечка крв. Никој не можеше да го фати, ниту да му се спротивстави, зашто беше многу силен. Но, преблагиот и човекоњубив Бог, не сакајќи ја смртта на грешникот и сакајќи спасение за сите, со прекрасната промисла Своја го улови и овој разбојник, како некогаш апостол Павле. Во една прилика, кога овој разбојник седеше во пештерата и го разгледуваше опњачканото злато, до неговото срце допре благодатта Божја, па тој се сети на страшниот Суд Божји и започна да плаче, велејќи си во себе:
„Тешко мене грешниот, што се не сторив! Многу крв пролеав, многу жени осквернив, туѓи имоти одзедов и многу зла извршив! Но, денес или утре, јас мора да умрам. А тоа што го стекнав, на кого ќе го оставам?“
Потоа повторно си рече: „Знам дека Христос според Своето милосрдие го прими древниот разбојник. Он и мене ќе ме прими, ако се покајам. Еве, сега се кајам и жалам за своите недела, и го барам Неговото милосрдие“.
Размислувајќи така, тој стана и без збор ги остави своите другари и се што имаше, и отиде во црквата од најблиското село. По завршувањето на утрената, тој падна пред нозете на презвитерот, со солзи говорејќи:
- Оче свети, не отфрлај ме мене грешниот. Јас дојдов да се покајам за своите недела. Подигајќи го од земјата, свештеникот го одведе кај светиот олтар и рече:
- Чедо, исповедај ги пред Бога гревовите што си ги сторил, а јас ќе бидам сведок на твојата исповед и покајание.
И покајникот започна:
- Оче, јас сум разбојникот Варвар, за кого што мислам дека си слушнал и ти. Јас сум преполн со гревови, телесни нечистотии, грабежи и убиства. Убив околу триста луѓе, меѓу кои со меч посеков и двајца свештеници, кои не сакаа да ме препуштат на тајната покајание. А сега, ти, оче, ако знаеш дека Бог ќе ме прими мене покајникот, превиј ги моите рани со заповедите Божји. Ако пак не сака, земи го мојот меч и нареди да ме убијат со него.
На тоа свештеникот му рече:
- Чедо, нема грев кој ќе го победи Божјото милосрдие. Само не очајувај. Да појдеме во мојот дом, и како што ќе ти кажам, така ќе постапиш.
Излегувајќи од црквата, свештеникот се сврте и го здогледа Варвар како ползи по него, и го праша:
- Што правиш, чедо?
Варвар му одговори:
- Оче, откако паднав пред мојот Бог со гревовите свои, Јас нема да станам, сè додека не ми бидат простени делата мои. На тоа свештеникот му рече:
- Чедо, ти доброволно го даваш овој завет пред Бога. Одржи го, па се ќе ти биде простено. Кога стигнаа кај свештеникот, тој му рече:
- Чедо, еве ги моите деца, слуги, стока и кучиња. Со кои од нив сакаш да добиваш храна?
Варвар му одговори:
- Оче, јас не се чувствувам рамен ни со кучињата; но, бидејќи на телото му е неопходна храна, смести ме кај нив, за да ги минувам дните без кров над главата.
На тоа свештеникот му рече:
- Тогаш, чедо, како што зборуваш, така постапи пред Бога, и надевај се во Неговото големо милосрдие.
Така Варвар помина три години кај свештеникот. Ползеше како животно, не подигајќи се од земјата, зашто сметаше дека е недостоен да биде со луѓето, и јадеше со кучињата.
По три години, свештеникот му рече:
- Време е, чедо, да престанеш да се храниш со кучињата, зашто Господ го покажува Своето милосрдие кон тебе.
А Варвар му одговори:
- Не, оче, јас сакам да пасам заедно со добитокот.
Тогаш свештеникот му рече:
- Чедо, Бог го гледа и овој твој завет.
И отиде Варвар заедно со добитокот надвор од селото, одејќи четвороножно, и хранејќи се со трева. Така помина дванаесет години гол, без никаква облека врз себе. Неговата кожа стана како палмова кора. Горена од сонцето и распукувана од мразот, таа поцрне како јаглен. Така, блажениот Варвар стана маченик.
Кога навршија дванаесет години од таквото негово страдање во пустината, тој со откровение беше известен дека му се простени гревовите, и дека неговиот подвиг на покајание ќе го заврши маченички. Во една прилика Варвар се приближи до патот на кој што беа застанале некои трговци. Мислејќи дека им се приближува ѕвер, трговците го застрелаа со своите стрели. Кога му пријдоа, видоа дека е човек и се запрепастија. Варвар им рече да не се плашат и да не тагуваат, па им раскажа се за себе и ги замоли за неговата смрт да го известат свештеникот на тоа село. Откако го рече тоа, тој ја предаде својата душа во рацете Божји.
Известен од трговците, свештеникот отиде и го виде телото на Варвар блескаво како светлина. Тој го изврши над него пропишаното опело, и го погреба на местото каде што беше убиен. Потоа од гробот на блажениот Варвар започнаа да се случуваат исцеленија, И по извесно време се собраа луѓето со свештеникот, го отворија гробот, и го најдоа телото негнилежно. Од него се точеше целебно миро. Восхитени, тие Го прославија Бога, многу свечено ги пренесоа чесните мошти во своето село, и ги положија во црквата, восхитувајќи се на прекрасното човекоњубие и милосрдие на нашиот Бог Христос, Кому со Отецот и Светиот Дух, чест и слава за навек, амин".
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ И БОГОНОСЕН ОТЕЦ СЕРАФИМ
Преподобниот Серафим е родум од малото село Зели кај Таландија во Беотија. Потекнува од побожни и доблесни родители. Уште како доенче тој го пројавуваше своето идно подвижништво со тоа што во среда и петок до зајдисонце одбиваше да цица од мајчините гради. Родителите го крстија со името Сотириј, а кога наполни седум години го дадоа кај месниот свештеник да се учи на писменост и изучување на Светото Писмо. Младиот Сотириј брзо напредуваше во науката како и во останатото свое однесување.
Читајќи го Светото Писмо и Житијата на светите Отци, ова побожно момче многу рано одлучи својот живот да го посвети исклучиво на Бога, и затоа реши да појде во манастир. Родителите го задржуваа молејќи го да не ги остава сами, туку да почека да заминат од овој свет, но преподобниот остана непоколеблив во својата одлука.
Откако зеде благослов од своите родители, тој отиде во малиот манастир посветен на светиот пророк Илија, кој се наоѓаше на ридот Каркара, на час одење од селото. Се подвизуваше во една пештера, а во нејзината близина изгради мал храм, кој го посвети на Христа Спасителот. Поради честите посети на родителите, роднините и пријателите, тој беше принуден да отиде во манастирот на Светите Бессребреници, близу Таландија. Меѓутоа од истите причини и тука не остана долго, па отиде во Сагматијската Гора, помеѓу Теба и Евија, во тамошниот манастир на Светото Преображение, во кој се чуваше поголемо парче од Чесниот и Животворен Крст Господов. Игуменот и браќата на тој манастир со љубов го примија блажениот Сотириј и, гледајќи ја неговата совршена послушност и останатите доблести и подвизи, наскоро беше пострижан во ангелскиот монашки чин, со името Серафим. По кратко време преподобниот беше удостоен и на ѓаконскиот и свештеничкиот чин.
Во овој манастир преподобниот помина полни десет години во строги подвизи, а потоа сакаше да се оддалечи во самотија. Затоа го замоли игуменот за благослов, и замина. Патувајќи стигна на гората Домбос, во областа Левадија, во стара Грција. На тоа место подигна мала црква, која што ја посвети на Спасителот, а потоа подигна и неколку ќелии. Во нив по извесно време прими неколку монаси, кои дојдоа да живеат со него. Во подвизите со овие браќа преподобниот Серафим помина десет години, а кога неговото доблесно житие се прочу и овде, кај него започнаа да доаѓаат посетители од околината, та тој повторно се оддалечи во една гора, далеку од манастирот. Со јавување на Пресвета Богородица од Неа му беше заповедано да изгради поголем манастир во близина на селото Домбос.
Преподобниот ја послуша таа небесна визија и затоа најпрВин ја откупи потребната земја од селаните за градбата на манастирот, а потоа појде во Цариград за да добие дозвола за градба од вселенскиот патријарх. Тој брзо се врати со добиената дозвола и веднаш отпочна да го гради Ставропигијалниот манастир во чест на Христа Спасителот.
Но лукавиот добромрзец не го остави светиот на мира. Тој поттикна некои луѓе од околината и тие појдоа и го наклеветија кај турскиот заповедник во Левадија. Турците го фатија светиот, го врзаа, и започнаа да го тепаат и злоставуваат, оставајќи го полумртов. Му ја разбија и главата, а тоа и до денес се гледа на неговите свети мошти. Нивните злоставувања светиот кротко и незлобиво ги поднесе, па дури и на жедните турски војници, негови мачители, на чудесен начин им извади вода од карпа. Гогаш Турците се уверија во неговата невиност и го ослободија. Кога се врати во манастирот, преподобниот со браќата продолжи со градбата на манастирот и набрзо го доврши. Со ширењето на гласовите за неговите добродетели, во новиот манастир набрзо се собраа многу нови браќа, ревносни подвижници на доблестите и книгите.
По завршувањето на манастирот, преподобниот поживеа уште три години и потоа се подготви за преселување кај Господа. Тој го предвиде времето на своето заминување, и затоа ги собра браќата, и мудро ги поучи во Науката Господова и особено на големата доблест на молитвата. Потоа мирно го предаде својот дух во рацете на својот Господ, на Кого уште од детството усрдно му служеше. Неговото преставување се случи на Преполовение на Педесетница, на 6 мај во 1602 година. На негова желба неговото тело беше погребано во неговиот стар манастир, но по чудесното прославување, неговите свети мошти беа пренесени во храмот на неговиот нов манастир.
За време на животот и по смртта, преподобниот Серафим беше чудотворец. Со благодатта Божја и своите молитви исцелуваше многу болни и страдалници. Така на пример, тој исцели две ѓаволесани момчиња; едното послушник од манастирот на светите Архангели, по име Георгиј, а другото по име Димос, од родното село на светителот Зели. Исто така и од светите мошти негови се случуваа многубројни чудесни исцеленија и услишувања во слава на нашиот Бог Христос, Кому со Отецот и Светиот Дух нека е слава, чест и поклонение во сите векови. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ДИМИТРИЈАН
3а својата вера во Господа беше убиен со стрела.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ДАНАКТ, МЕСИР И ТЕРИН
Пострада за Господа посечени со меч.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ДОНАТ
Пострада за Христа изрешетан со стрели.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ВАКХ, КАЛИМАХ И ДИОНИСИЈ
3а верата во Христа беше посечен со меч.