20. МАЈ  (7. Мај)

СПОМЕН НА ПОЈАВАТА НА НЕБОТО НА ЧЕСНИОТ КРСТ ГОСПОДОВ во Ерусалим

По преставувањето на првиот христијански, благоверен и благочестив цар Константин Велики, на царскиот престол седна неговиот син Констанциј, кој ја подржуваше злочестивата аријанска ерес, која што хулеше на Синот Божји. Тогаш на посрамување на злочестивите еретици, а за уверување на неверниците и зацврстување на православните во светиот град Ерусалим се јави чудно знамение. Во деновите на Светата Педесетница, на 7 мај, во девет часот претпладне, на небото се појави Чесниот Крст Господов, кој сјаеше со неискажлива светлина, посилна од сончевата. Целиот народ, и верни и неверни, со страв и восхитување го набњудуваа тоа небесно знамение. Чесниот Крст се простираше над Голгота и Маслиновата Гора која што е оддалечена петнаесет стадии од Голгота. Ширината на Чесниот Крст одговараше на неговата должина. Беше поубав од најубавото виножито и врз себе ги привлече погледите на сите. Сите ја оставија својата работа и со страв и внимание го наблудуваа тоа пречудно знамение. Потоа народот, исполнет со страв и радост од тоа божествено видение, со големо умиление и усрдност поита кон светата црква, и еднодушно и громогласно Го прославуваше Господа Исуса Христа, нашиот Господ, Синот Божји Единороден, Богот вистински од Бога вистинскиот, чинителот на преголеми чудеса.

Тогаш неверниците и еретиците како непријатели и хулители на Христовото Божество се посрамија гледајќи ја големата божествена слава и сила на Господа Христа во појавата на Крстот. На тој начин самата реалност посведочи дека христијанската вера е права, вистинита и благочестива, и тоа не од зборови на човечката мудрост, туку со откровенија и силата на Духот Свети потврдувана, и со небесни знаменија и чудеса посведочувана.

За ова чудесно знамение ерусалимскиот патријарх Кирил му напиша писмо на царот Констанциј, советувајќи го да премине во Православието. А Созомен пишува дека поради појавата на Светиот Крст на небото, многу Евреи и незнабошци поверувале и, пристапувајќи со покајание кон нашиот Бог Христос примиле свето крштение. Тие побожно Го славеа нашиот Бог Христос, едносуштниот и совечен Отец и Светиот Дух. Ние пак, исповедајќи ја неисповедливата сила Негова, јавена преку Крстот, со пофалби Го величаме нашиот Господ Бог и се поклонуваме во подножјето на нозете Негови - Крстот свети, молејќи ја благоста Господова, при второто страшно доаѓање Христово да се удостоиме, со радост и надеж за спасение, да го видиме знакот на Синот Човечки (Мт. 24, 30), светиот Крст, кој тогаш ќе се јави на небото, и со него, како со клуч, да ни ги отвори дверите на Царството Небесно, како некогаш рајот на разбојникот, и да не утврди меѓу своите благословени овци за навек, амин.

Ова јавување на Чесниот Крст се случи на 7 мај во 357 година.

СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК АКАКИЈ

Кога царот Максимијан поттикнат од ѓаволот го објави третото гонење против слугите Христови, свети Акакиј влезе во прекрасниот подвиг на страдање за Христос. Овој свет маченик беше родум од Кападокија, римски офицер во Мартисискиот полк со кој командуваше трибунот Фирм. Нечестивиот цар беше издал наредба да се бараат сите христијани, и да се подложуваат на судење и маки, а упорните и непокорни на царската наредба да се казнуваат со смрт.

Имајќи таква наредба од царот, трибунот Фирм ги повикуваше сите војници насамо и ги прашуваше за нивната вера. Кога ќе наидеше на христијанин, тој, или со ласкање го придобиваше, или со закани го приморуваше на идолопоклонство. На тој начин Фирм поврати во незнабоштвото многу малодушни и слаби во верата Христова. Кога го повика офицерот Акакиј, тој гласно изјави:

- Јас сум роден меѓу христијаните, христијанин сум, и христијанин останувам. Христијани беа моите родители, дедовци и прадедовци, и затоа јас останувам христијанин.

По ваквата изјава Фирм започна со ласкање и закани, и три пати го повикуваше кај себе наговарајќи го да се покори на царската наредба. Но, кога виде дека Акакиј е цврст во верата, го окова и го испрати кај војводата Вивијан. Акакиј веднаш беше изведен на суд кај војводата и тој го праша:

- Како се викаш?

Затвореникот му одговори:

- Името ми е христијанин, а по човечкиот обичај се викам Акакиј.

На тоа војводата му рече:

- Според твоето име е и твојот карактер. Ти си зол, зашто не се покоруваш на царската наредба.

Светителот одговори:

- Невистина зборуваш војводо, и неправилно го толкуваш моето име, зашто Акакиј значи незлобив. Јас не сакам да сум заедничар со ѓаволското зло.

Војводата го праша:

- Од каде си ти што така неразумно брбориш?

Светителот одговори:

- Родум сум од Кападокија, од каде потекнуваат многу маченици Христови пред мене, и јас со свои очи ги гледав чудесата, кои што тие, по својата смрт ги чинеа со благодатта Божја, зашто нивните гробови и мошти точеа исцеленија за болните. Јас сакам нив да ги подражавам, а не да се покорувам на вашите неправедни закони, кои ќе пропаднат заедно со вас.

На тоа војводата му рече:

- Немој да мислиш дека ќе бидеш ставен на лесни маки, зашто твојата надмена велеречитост заслужува огромна казна. Но, ако сакаш да ја одбегнеш казната, откажи се од своите непокорни мисли и покори се на царската наредба. Засрами се од нас, немој да мислиш дека си попаметен од сите, не се надевај залудно во човекот наречен Христос, за Кого велат дека според законот бил мачен и осуден на смрт.

Светителот му одговори:

- Во заблуда си, судијо. Многу грешиш како заслепен од сатаната, зашто царевите царуваат и победуваат според промислата на нашиот Бог, а не по милоста на вашите богови. Што се однесува до твоите зборови, дека се надевам во човек кој бил мачен и осуден на смрт, знај дека тоа е нашиот Господ Исус Христос, Синот Божји, Кој заради нашето спасение дојде на земјата и стана човек, останувајќи и понатаму вистински Бог. Он на прекрасен и неизразлив начин ја зеде на себе нашата природа, но, тоа ти не само што не го сфаќаш, туку не можеш ни да го слушаш додека не станеш христијанин. Господ Христос, по природа вистински Бог и Слово на Отецот, неразделно од Него и секогаш Нему совечно и сопредвечно, во времето кое Он го избра, го изврши делото на нашето спасение и не избави од робувањето на Ѓаволот, кој од искона ни завидува.

Војводата го праша светителот:

- Ако царевите се спротивни на твојот Христос, зошто не ги казнува штом е семоќен Бог, како што велиш ти?

Светителот му одговори:

- Според тоа и вие можете да го познаете Неговото милосрдие и долготрпеливост, да се покаете и да Му оддадете долична чест на Бога а не на демоните. Он долго трпи за Неговите избрани слуги да се обелоденат пред светот и да го извршат својот славен подвиг. Ако нашиот Бог Христос веднаш ве погуби вас, тогаш вие ќе загинете за навек, и неговите слуги не би биле обелоденети. Покрај тоа, и силата на благодатта Негова не би била објавена пред луѓето. На кој начин би можел славно да се прослави нашиот Господ ако не би бил долготрпелив во казнувањето за гревовите наши? Од таа причина Он сега не ве казнува и вас. Но, вие, презирајќи ја неговата долготрпеливост, во своето безбожие се гневите на невините и си подготвувате гибел со беззаконијата ваши. А ние, кои што ја знаеме силата и моќта на нашиот Бог, јуначки поднесуваме страдања за Него и ќе добиеме вечен живот во Него. Освен тоа, Неговата слава ќе се покаже и пред оние што ќе се покајат, и ќе го исправат својот живот.

Восхитувајќи се на така паметниот одговор на маченикот, војводата Вивијан го праша:

- Си учел ли книга, та така добро одговараш? Паметно е тоа што тврдиш дека човечкиот живот е во Божјата власт и Неговото промислување и долготрпеливост.

Светителот одговори:

- Ти можеш да ја познаеш силата и благодатта на Бог, Кој е господар над сите, и од тоа што ти го зборувам јас, кој сум учел книга колку да можам да читам молитви; зашто самиот Бог зборува преку устите на своите слуги, на што и вие школуваните се восхитувате и нè фалите. На почетокот, кога Бог сакаше своето Божествено Царство да и го објави на целата вселена, Он за таа потреба не избра познати и богати луѓе, мудри философи и слаткоречиви говорници, туку рибари и цариници, припрости, неуки и сиромаси. Господ го стори тоа, за Неговата недостижна сила и премудрост, која го надминува секој ум, да се познае во оние кои самиот Дух Свети невидливо ги учеше.

Потоа војводата му рече на светителот:

- Остави ја својата многузборливост, и кажи ми дали ти е позната царската наредба, која што ви наредува вам христијаните, или да принесете жртви на боговите или да примите тешки маки? Кажи ми, ќе и се покориш на царската наредба или не?

Светителот одговори:

- Јас и пред трибунот Фирм неколкупати изјавив дека сум христијанин. Еве, сега и пред тебе го изјавувам истото, и на нечистите демони нема да им принесам жртва.

Тогаш војводата рече:

- Ја штедам твојата младост, зашто немаш повеќе од дваесет и пет години, и го почитувам твојот офицерски чин, па воопшто не би сакал да те мачам. Но, ако останеш во своето безумие, ќе ме принудиш да те предадам на најстрашни маки.

Светителот му одговори:

- Ова не е безумие, туку благоразумно и богоугодно дело: да не се остави единствениот вистински Бог, Творецот мој, чие милосрдие ме чува до денес.

Тогаш војводата рече:

- Како тоа, ти зборуваш дека Бог е еден, а пред малку изјави дека Христос е Син Божји? Но, ако вашиот Бог има Син рамен на Себе, тогаш си должен да признаваш два Бога; едниот - Бог Отец, другиот - Бог Син. Ако пак, кај вас постојат два Бога, зошто ти сега исповедаш само еден Бог? Јас јасно гледам дека ти лажеш, противречејќи си самиот на себе.

На тоа свети Акакиј одговори:

- Верувам, и се надевам во мојот Господ Исус Христос, распнатиот во времето на Понтијскиот Пилат, дека Он со Духот Свети ќе ме вразуми и научи што да ти одговорам, зашто твоето прашање воопшто не е лесно. Јас ти велам дека ние христијаните исповедаме дека вистинскиот Бог е не само Отец и Син, туку и Дух Свети. Тие три имиња се три Лица но едно Божество и сила на тие Лица. Ние велиме дека е еден Бог, кој има Слово и Дух Свети, зашто на Бог не му доликува да е без Слово и Животворниот Дух. За моите зборови да ти бидат појасни, ќе употребам една споредба: Еве, царот кого ти го нарекуваш господар, а јас човек, се вика Максимијан; тој има син Максенциј; тие се двајца, но во нив има една природа - човечката природа, и нивното царство е неразделно; синот се почитува заради отецот, а отецот се слави заради синот; слично на тоа треба да се мисли и за Бога, зашто божествената суштина на Отецот, Синот и Светиот Дух е една иста, и никогаш не се менува, зашто Бог, Кого ние го почитуваме, навистина е еден.

Војводата му рече на светителот:

- Повеќепати ти забележував при одговорите да се држиш до предметот на нашиот разговор, а ти со тие свои бескорисни зборови само се оддалечуваш од него. Последен пат те опоменувам да им принесеш жртва на нашите богови, по чија што волја постои светот, зашто повеќе не можам да те трпам.

Светителот му одговори:

- Не надевај се дека со закани ќе ме уплашиш. Моето тело е готово да прими рани. Мачи го колку што сакаш. Но, моите мисли и убедувања на срцето, ни ти, ни твојот цар, ни демоните на кои им се поклонуваш, никогаш не ќе можат да ги променат.

Разгневениот војвода нареди разголениот светител да го растегнат и врзат за четири столба, и безмилосно да го тепаат по плеќите и стомакот со сирови жили. При тоа војводата говореше:

- Да видиме дали ќе му помогне неговиот Бог.

Долго го мачеа светиот страдалник, и земјата се обагри со крв, а тој само велеше:

- Христе, Спасителу мој, помогни ми мене, смирениот слуга Твој! Господи, Боже мој, не оставај ме!

Кога војводата виде дека маченикот е целиот изнаранет и крвав, го праша:

- Сега ќе им принесеш ли жртви на боговите?

Светителот одговори:

- Нема да им принесам, зашто го имам мојот Господ Иисус Христос, Кој ми помага. Сега се чувствувам многу посилен во маките од порано. Кога почнав да ги трпам маките ме поткрепи силата Христова, и сега сум спремен на најстрашни маки, зашто се надевам во мојот Бог. Колку повеќе ќе ме мачиш, толку поголема корист ќе ми донесеш.

Разјарен од овие зборови, војводата нареди со оловни даски да го тепаат по устата. А кога убавите образи на светителот беа унаказени, војводата му рече:

- Принеси им жртва на боговите, за да избегнеш пострашни маки. Светителот му одговори:

- Јас не се грижам за маките. Тогаш војводата го праша:

- Како ти, како неук војник, толку красноречиво одговараш на судот?

Светиот маченик одговори:

- Светиот Дух им дава на своите слуги и трпение и слободно одговарање. Нашиот Спасител им рекол на своите ученици: „Кога ќе ве предадат на кнезови и владари, не грижете се како и што ќе говорите, зашто во тој час ќе ви се даде што треба да кажете; бидејки не сте вие што ќе говорите, туку Духот на вашиот Отец ќе говори преку вас“ (Мт. 10, 19-20).

Тогаш коментарисијот Антониј му рече на светителот:

- Беднику, каква ти е користа од многуглаголивоста, кога си ставен на маки, затоа што се противиш на царската наредба? Ке те стават на пострашни маки и тогаш ќе мораш да ја исполниш царската наредба.

Светителот му одговори:

- Оди си од мене, и советувај се себе си. Јас не го послушав војводата кој ме стави на маки, та зарем да те послушам тебе?

Потоа војводата го фрли маченикот во темница во тракискиот град Пиринт, каде светиот маченик остана седум дена. Во меѓувреме војводата Вивијан доби писмо од тракискиот игемон Флакин, во кое тој му наредува да оди во Византија и со себе да ги поведе затворениците што ги има. Војводата Вивијан тргна на пат, и со останатите затвореници го поведе и светиот маченик Акакиј.

Светиот маченик многу изнемоште по патот од раните, оковите, гладот, жедта, долгото и забрзано патување, од немилосрдните војници кои често го навредуваа и тепаа да оди што побрзо. При таквите страдања, светителот не очекуваше да остане жив, па ги замоли војниците да застанат малку, за да се помоли на Бога, но тие не сакаа. Кога сите застанаа во едно место за да преноќат, светителот ги крена очите кон небото, и започна да се моли, говорејќи:

- Ти благодарам, Боже, што по Својата добрина го покажуваш милосрдието Твое на сите, кои го сакаат светото име Твое! Ти благодарам, што мене грешниот ме призва на овој подвиг! Ти благодарам, Иисусе Христе, што ми даруваше трпение, јуначки да ги поднесам маките. А сега, Господи, гледајќи дека сум опкружен од многу зла, та како што ми се чини и мојата душа сака да се раздели од телото, те молам испрати ми ангел Твој, да ми помогне во неволјите и да ми ги исцели раните, или пак направи мачителот што побрзо да ме предаде на смрт, за побргу да дојдам кај Тебе, мојот Господ.

Додека светителот така се молеше, од облаците дојде глас кон Акакиј:

- Држи се машки, Акакиј, и биди јунак!

Овој глас го слушнаа сите, и се чудеа, говорејќи:

- Зарем и облаците зборуваат како луѓето?

Тогаш многумина од затворениците поверуваа во нашиот Господ Исус Христос, и го молеа свети Акакиј да ги научи во вистините на христијанската вера. А свети Акакиј, одејќи заедно со нив, им говореше:

- Иако не сум се занимавал со книга, туку бев на воена должност, сепак сум воспитан во свештеничка куќа, и потекнувам од свештеничка лоза. Од она што сум го слушнал од свештениците, се сеќавам на следното: Бог, сакајќи да го спаси човекот истеран од рајот, и да го ослободи од пеколот, го испрати во овој свет со предвечното свое Слово, Синот Свој. А Синот Божји, доаѓајќи во светот, зеде на себе тело од Пресветата и Пречиста Дева Марија, постанувајќи по лик како човек. Потоа Он доброволно претрпе крстна смрт, за со крстното дрво да го поправи гревот на Адамовата непослушност, и на осудениот човек да му дари ослободување, Самиот плаќајќи го долгот за нас со Своето доброволно страдање. Прикован на крстот, Он ги искина ракопишаните гревови наши, со својата смрт ја сотре смртта, го заплени адот, ја посрами ѓаволската власт и сила и ја направи ништовна. А кога Синот Божји ги победи сите демони и ги отвори железните врати, воскресна од мртвите во третиот ден и со тоа на човечкиот род му даруваше сите да воскреснат и да живеат вечно низ сите идни бесконечни векови. Овој видлив свет е краткотраен и ништовен.

Додека го слушаа тоа, затворениците со радост се обраќаа во христијанската вера. Потоа преноќеваа покрај патот во едно село. Овде, на полноќ затворениците видоа како момчиња во светла облека разговараат со свети Акакиј. Тие мислеа дека се роднини и пријатели на Акакиј, кои дошле да го посетат ноќе, од страв од мачителот. Кога стигнаа во Византија, сите беа затворени во една куќа. На полноќ затворениците повторно ги видоа оние исти момчиња како разговараат со свети Акакиј. При тоа гледаа како тие со топла вода му ги мијат и исцелуваат раните, па си мислеа во себе: „Навистина ова е видение од Бога, зашто свети ангели, а не луѓе, минатата ноќ дојдоа кај светителот, па и оваа ноќ истите тие се грижат за него“.

Утредента сите затвореници беа одведени во темница. Војводата нареди Акакиј окован да го затворат сам, и никого да не пуштаат кај него. При тоа да го остават без храна и вода, за полесно да го присилат да се одрече од Христос и да им се поклони на идолите.

Таа ноќ затворениците повторно се удостоија на прекрасно видение. Во внатрешниот дел на темницата здогледаа прекрасна светлина. Кога зирнаа низ прозорчето, видоа како светлоносни луѓе го ослободиле светиот маченик од оковите и му ги исцелуваат раните, нудејќи му прекрасна храна бела како снег и му даваа некаков пијалок.

Бидејќи тоа се повторуваше секоја ноќ, затворениците го известија стражарот. Тој се прикраде под прозорчето и со своите очи го виде истиот призор. Тогаш ја отвори вратата, но не најде никој освен маченикот во оковите. Тоа многу го зачуди и уплаши.

По седум дена од доаѓањето во Византија, војводата Вивијан го изведе на суд светиот маченик Акакиј. Кога го здогледа здрав со светло лице, Вивијан се изненади, зашто очекуваше да го види многу истоштен. Тој помисли дека војниците му ги олесниле страдањата, па гневно им рече:

- Зарем не ви наредив овој човек да го затворите сам, целото тело да му го оковате со тешки железа, и да не му давате храна и вода? А вие сте го ослободиле и сте го излечиле од раните. Еве, сега е поздрав и поубав од порано.

На тоа коментарисијот Антонин рече:

- Војводо, ние постапивме како што нареди. Го доведовме окован во градот, го затворивме во најмрачната темница, без храна и вода. Ако сакаш, прашај го стражарот.

Војводата веднаш го повика стражарот, и бесно викна кон него:

- Несреќнику, зошто не си постапил според мојата наредба, туку си му дозволил на овој затвореник да се храни и лекува од раните, та еве, сега стои пред мене со силно тело, како да се подготвил за војна?

На тоа свети Акакиј забележа:

- Мене снагата и силата ми ги даде Подвигоположникот Исус Христос, Кој ми ги исцели раните.

Тогаш војводата бесно викна:

- Тепајте го по устата, искршете му ги забите, за да не зборува без да биде прашан. И слугите започнаа да го тепаат маченикот.

Потоа војводата повторно го праша стражарот:

- Што ќе ми одговориш ти, несреќнику?

Стражарот одговори:

- Се колнам дека направив како што ми нареди. Дури го држев уште построго, но други го исцелуваа и хранеа. За тоа знаат сите затвореници во темницата. Испрашај ги, па ако слушнеш нешто друго, со мене прави што сакаш. Ние често гледавме војници во светла облека, од кои некои му ги симнуваа оковите, други му ги превиваа и исцелуваа раните, трети му принесуваа храна и пијалок, и сите пријателски разговараа со него. Сите затвореници ми кажуваа дека тоа го гледале повеќе пати, но јас не им верував додека самиот не ги видов тие светли луѓе. И навистина, јас со своите очи видов се што тие ми кажаа. И кога ја отворив вратата и влегов, внатре немаше никој, освен затвореникот во оковите. Понекогаш го затекнував како се моли на Бога, а понекогаш како спие.

Откако го сослуша, војводата му рече:

- Беднику, ти си примил злато од роднините на Акакиј, па си ги пуштал кај него.

И веднаш нареди да го тепаат со железни шипки. Тепан, стражарот повикуваше на помош, говорејќи:

- Те молам, војводо, најпрвин испитај ја работата, па ако не излезе како што ти реков, убиј ме.

На тоа војводата рече:

- Значи, тој човек е маѓепсник.

Стражарот одговори:

- Ти го зборувам тоа што го видов, а дали тој човек е маѓепсник или не, не знам.

Така невиниот стражар беше многу тепан заради Христовиот маченик. Името му беше Касиј. А пак светиот маченик Акакиј се смееше на безумието на војводата, иако устата и образите му беа сокршени. Кога го виде како се смее, војводата уште повеќе се разбесни и бесно повика кон него:

- Ти ли се потсмеваш на нас, надевајќи се во своите маѓии?

Светителот одговори:

- Јас не се смеам на вашата гибел. Не, мене срцето ме боли заради вашата вечна погибел. Но, вие самите се потсмевате на себе, зашто, оставајќи Го вистинскиот Бог, Творецот на небото и земјата, вие се поклонувате и почитувате мртви камења и дрвја.

По овие зборови војводата нареди да го тепаат маченикот со мотки од дабово дрво. Тепан, маченикот се молеше на Бога, говорејќи:

- Господи Исусе Христе, помогни ми мене, слугата Свој!

И дојде глас од небото кој го крепеше, и веднаш се вкочанија војниците што го тепаа, та не можеа да ги подигнат своите раце, Не знаејќи што да прави, војводата одлучи да го испрати маченикот кај игемонот, кој беше дошол во Византија, и при тоа му напиша вакво писмо:

„На љубезниот и славен судија Флакин, игемонот тракиски, војводата Вивијан му посакува радост.

Заштитникот на безбожната христијанска вера Акакиј, кого трибунот на Мартисискиот полк Фирм пред дваесет дена го испрати кај мене затоа што не сакал да се покори на царската наредба, јас според законот го ставав на разни маки, но не успеав да го натерам да се покори на царската волја. Твојата власт може посилно да го казни и заплаши овој човек, па затоа ти го испраќам заедно со записникот на коментарисијот за неговите дела.

Игемонот го прими писмото и нареди маченикот да го стават во темница, но без окови и стража. Тој постапи така зашто имаше жена христијанка, која постојано со солзи го молеше да не ги мачи христијаните, туку побрзо да ги предаде на смрт, ако не може да ги ослободи.

По пет дена игемонот го изведе маченикот да му суди. Нареди да се прочита извештајот од војводата, и се восхити од свирепоста на мачењата и јунаштвото на маченикот, па го изнагрди Вивијан, зошто така долго и луто го мачел човекот, офицер по чин, и веднаш не го предал да биде посечен со меч. Откако виде дека е апсолутно невозможно да го придобие за идолопоклонството, тој нареди да му биде отсечена главата со меч, надвор од градот Византија.

Воден на посекување, маченикот воскликнуваше кон Бога, говорејќи:

- Како би сакал многу да те фалам, животодавче Христе, Сине Божји, што си толку добар и милостив спрема мене грешниот, та ме удостои на маченичкиот подвиг!

Кога стигнаа на одреденото место, маченикот измоли време да се помоли на Бога, па ги преклони колената говорејќи:

- Слава Тебе, Боже! На Твоето неизмерно величество треба постојано да му се оддава пофалба, што така се прославуваш во нас луѓето, оптеретени со гревови; зашто колку повеќе ја покажуваш Својата милост кон нас, И колку повеќе ни ги простуваш гревовите наши, толку посилно и посјајно блеска славата на Твојата добрина и милосрдие. Нека е благословено светото име Твое, Боже, што ме удостои на честа, да се наречам маченик Христов. Ми ја даруваше оваа огромна чест, не заради моите дела, туку според Твојата неискажлива добрина и човекољубие. Затоа Те благословувам Господи Боже, со Единородниот Твој Син и Светиот Твој Дух, зашто е Твоја славата и честа, сега и секогаш и во сите векови, амин.

Откако го рече тоа, ја наведна главата под мечот и беше посечен во 303-та година.

Така светиот маченик Акакиј го заврши своето страдање за Христа. Неговото свето тело побожните луѓе чесно го погребаа на местото каде што беше посечен. Тоа место се викаше Ставрион. Сето ова се случи за време на царувањето на Максимијан, додека меѓу нас царува нашиот Господ Исус Христос, Кому слава и моќ низ сите векови. Амин.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИТЕ ОТЦИ ГРУЗИЈСКИ

Во шестиот век, двеста години по проповедањето на Евангелието од страна на света Нина во Грузија, му се јави Пресвета Богородица на антиохискиот подвижник Јован, му нареди да избере дванаесет свои ученици, и да појде во Грузија, за да ја утврди верата православна. Јован така постапи. Овие дванаесет мисионери во Грузија беа свечено дочекани од кнезот на таа земја, и веднаш со ревност ја отпочнаа својата работа. Народот се собираше околу нив, а тие го утврдуваа во верата со својата голема мудрост и многуте чудеса. Началник на овие Христови мисионери беше свети Јован Зедазнијски. Нивните имиња се: Авид, Антониј, Давид, Зинон, Гадеј, Иса, Издериос, Јосиф, Михаил, Пир, Стефан и Шијо. Со апостолска ревност тие ја утврдуваа верата Христова во Грузија, основаа многу манастири и зад себе оставија многу ученици. Гака се удостоија на слава на небесата и сила на земјата.

Преподобниот Шијо се спомнува и на 9 мај.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК МАКСИМ

Смело исповедајќи Го и проповедајќи Го Господа Христа, блажениот маченик Максим многу незнабошци приведе кон верата Христова. Затоа најпрвин претрпе многу маки, а потоа беше каменуван. Така отиде кај Господа, да го прими венецот на мачеништвото од Него.

СПОМЕН НА НАШИТЕ ПРЕПОДОБНИ ОТЦИ АВИД, АНТОНИЈ, ДАВИД, ЗИНОН, ТАДЕЈ, ИСА, ИЗДЕРИОС, ЈОСИФ, МИХАИЛ, ПИР, СТЕФАН И ШИЈО:

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК КОДРАТ и останатите со него

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ НИЛ МИРОТОЧИВ