21. Мaj  (8. Maj)

СПОМЕН НА СВЕТИОТ СЛАВЕН И СЕФАЛЕН АПОСТОЛ И ЕВАНГЕЛИСТ ЈОВАН БОГОСЛОВ

Чесното преставување на овој свет апостол и евангелист, девственик и омилен ученик Христов, се празнува на дваесет и шести септември. Под тој датум се наоѓа и неговото свето житие, опширно опишано. На осми мај се спомнува целебниот прав, кој на чудесен начин излегувал од неговиот гроб.

Бидејќи светиот Богослов поживеа повеќе од сто години, трудејќи се многу во Благовеста Христова, тој зеде седум свои ученици, излезе од Ефес, и им нареди на учениците да му ископаат гроб во вид на крст. Жив влезе во тој гроб и беше погребан. Кога слушнаа за тоа браќата христијани од Ефес веднаш отидоа и го отворија гробот, но не го најдоа неговото тело таму. Тие многу го оплакуваа неговото преселување, и се вратија во градот.

Потоа често доаѓаа на гробот на светиот Богослов, и таму се молеа усрдно на Бога, призивајќи го светиот Јован на помош и посредство пред Бога. Потоа, секоја година на осми мај, од гробот на свети Јован Богослов започна да излегува некој чудотворен прав. Христијаните го собираа тој прав и со него ја исцелуваа секоја болест и секоја немоќ меѓу луѓето. Затоа беше востановено во овој ден, како и во септември, да се слави и прославува овој голем угодник Божји, помил на Бога од останатите свети угодници.

По неговите молитви да се удостоиме и ние да добиеме исцеление на нашите душевни и телесни слабости, и да се удостоиме на љубовта на нашиот Бог Христос. Амин.

ЖИТИЕ НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ АРСЕНИЈ ВЕЛИКИ

Преподобниот Арсениј се роди во Рим, од благочестиви родители христијани. Беше воспитан во стравот Божји и добро отшколуван како во светските науки и философијата, така и во духовната мудрост. Добро ги знаеше латинскиот и грчкиот јазик. Но, тој ја остави светската суета и се предаде на Црквата во служба на Бога, барајќи мудрост духовна, која светиот апостол Јаков ја фали како чиста, мирна, кротка, покорна, полна со милост и добри плодови (Јаков 3, 17). Откако стана ѓакон на големата црква во Рим, Арсениј водеше чист целомудрен живот, трудејќи се од себе да направи достоен храм на Светиот Дух.

Во тоа време со источниот дел на Римското Царство царуваше Теодосиј Велики, а со западниот Грацијан. Теодосиј имаше два сина, Аркадиј и Хонориј, и бараше учител за нив, кој би ги научил и во Божествената философија, за да бидат обучени и во доблесната христијанска мудрост, која упатува кон богоугодување. И тој започна да бара таков човек по целото царство, но не успеа да пронајде, па затоа го замоли западниот цар Грацијан да му испрати таков учител за неговите деца. Грацијан се посоветува со папата Дамас, и по долго барање не можеа да најдат помудар и подоблесен човек од ѓаконот Арсениј, кој живееше по Бога и многумина надминуваше во збор и дело, мудрост и живот, и веќе не беше млад. Гие го повикаа кај себе, му кажаа за молбата на источниот цар, и му наредија да оди кај него. Арсениј на сите можни начини го одбиваше тоа, но по упорната настојчивост на царот и папата, тој се покори и тргна. Царот Теодосиј го прими многу њубезно, и штом го здогледа, по неговиот изглед и поглед препозна дека е човек Божји, полн со мудрост и богољубие, и многу се израдува на неговото доаѓање. Со благодарност кон Бога, Теодосиј му ги предаде своите деца Аркадиј и Хонориј, велејќи:

- Отсега ти биди им татко наместо мене. Ги поверувам на тебе и твојата голема благоразумност. Ти ги предавам пред Бог, Кој гледа се. Воспитувај ги во добродетелите и мудроста како нивен духовен отец, за да ги одбегнат разните младешки соблазни. За тоа ќе добиеш вечна награда од Бога, о, чесен Арсениј. А јас ќе се радувам и ќе Му благодарам на Бога, кога ти ќе ги одгледуваш во побожноста и доблесниот живот! Сето тоа ти го зборувам во присуство на моите синови, за тие да слушнат и запаметат. Не гледај на нив како на царски синови, туку научи ги на покорност и послушност спрема тебе, зашто сакам да ти се покоруваат како на вистински татко и учител, и да бидат послушни како твоите деца и ученици. Царот му укажа голема чест на блажениот Арсениј, зашто му даде место меѓу своите сенатори, и нареди да го почитуваат како негов татко и како татко на неговите деца. Освен тоа, постои запис дека блажениот Арсениј бил кум на светото крштение на царските синови Аркадиј и Хонориј.

Земајќи ги под свое раководство царските синови, Арсениј ревносно се погрижи за нивното воспитување и образование; со нив ги изучуваше грчките и латинските книги, и целата философија, и објаснувајќи им го Светото Писмо ги упатуваше на побожниот живот и богоугодниот пат. Ги учеше и на тоа дека кога Бог ќе благоволи, тогаш ќе им ја даде и управата на царството. Им зборуваше дека тие треба да се украсуваат со побожност, милосрдни дела и христијанска смерност, зашто цареви бивале и лоши безбожни луѓе, како порано незнабожечките цареви, но христијанските треба да бидат доблесни луѓе, да Му угодуваат на Бога, да им прават добро на луѓето, та нивниот спомен да биде славен низ поколенија. Така поучувајќи ги Аркадиј и Хонориј, премудриот Арсениј ги почитуваше како царски синови. Обично им предлагаше тие да седат на престолите, додека тој стоеше пред нив, држејќи им предавања и поуки. Еднаш царот дојде ненадејно и виде како синовите седат, а нивниот учител стои, па му рече на Арсениј:

- Зарем така наредив? Нели ти реков моите синови да ги сметаш за свои ученици и свои деца, а не за царски?

А блажениот Арсениј смирено му одговори:

- Царе, се си има свој ред: на младоста и е потребно учење, а на царскиот углед треба да му се оддава почитување. Овие зборови уште повеќе го навредија царот, и тој му одврати на Арсениј:

- Значи, ти ги сметаш за цареви?

Откако го рече тоа, го скина од своите синови знакот на царското достоинство, го примора Арсениј да седне на престолот, а на синовите им нареди да стојат пред него, па рече:

- Ако станат лоши и недостојни, за нив ќе биде подобро да не стапуваат на престолот, ниту да царуваат безумно. Јас Го молам Бога, подобро на млади години да ги земе од земјата, отколку да бидат лоши, и да пораснат за погибел на своите души и душите на другите.

Царот си замина, а Арсениј во својата душа го пофали за тоа. Оттогаш ги поучуваше синовите на царот седејќи, додека тие стоеја пред него.

Уживајќи голем углед и слава, Арсениј многу тагуваше, зашто не го сакаше тоа, и многу чезнееше да Му служи на Бога во молитвено тихување, сиромаштво, и монашко смирение. Затоа усрдно Го молеше да го удостои на пустински живот.

Во една прилика Аркадиј направи некаква грешка. Арсениј му се налути и толку силно го натепа со стап, така што Аркадиј се до својата смрт се сеќавал на таа казна, бидејќи му оставила траги по телото. Тоа се случи по Божја промисла, за Арсениј да се ослободи од светот и да се повлече во пустинскиот живот, за кој чезнееше. А пак, Аркадиј, поради ќотекот, во своето срце зачна огромна злоба против својот учител, и кога стана полнолетен започна да размислува како да го убие. Таа своја намера ја повери на еден свој мечоносец, и го замоли тајно да го убие Арсениј. Но, мечоносецот имаше страв Божји, а се плашеше и од царот Теодосиј. Тој го сакаше и почитуваше Арсениј, па кришум му ја кажа намерата на Аркадиј и го советуваше да се чува. Растажен и уплашен, Арсениј со солзи Му се молеше на Бога, Он да го упати на спасение. Ноќе, додека се молеше, му дојде глас од небото:

- Арсениј, бегај од луѓето и ќе се спасиш!

Арсениј се облече во просјачка облека, излезе кришум од царскиот двор, и отиде на пристаништето, каде по промисла Божја најде кораб, кој пловеше за Александрија. Тој се качи на коработ и целата надеж ја положи во Бога. Кога стигна во Александрија, веднаш се упати кон пустинскиот Скит. Во црквата ги замоли презвитерите да го потстрижат за монах, а тие по изгледот и говорот видоа дека е честит човек, и го прашаа кој е, а тој им рече дека е странец и беден човек. Презвитерите го одведоа кај ава Колов, и тој се помоли и рече:

- Нека биде волјата Господова!

Потоа старецот предложи трпеза, зашто беше четири часот попладне. Презвитерите и старецот седнаа на трпезата, само Арсениј остана да стои, оти никој не го повика да седне. Додека тие јадеа, Арсениј стоеше и гледаше во земјата, сметајќи дека стои пред Бога и светите Ангели негови. Старецот Јован зеде двопек од трпезата, и го фрли пред Арсениј, говорејќи:

- Ако сакаш, јади!

Старецот го стори тоа за да го искуша неговото смирение и да дознае дали навистина дошол да се одрече од себе. Арсениј пак, размислуваше во себе:

„Овој старец е ангел Божји и прозорливец, зашто виде дека сум полош од пес, па како на пес ми фрли корка леб, и затоа и треба да го изедем како пес“.

И се наведна, и како четвороножно животно го дофати лебот со устата, се повлече во еден агол, и таму го изеде лежејќи на земјата. Кога го виде ваквото смирение на Арсениј, преподобниот Јован му рече на презвитерот:

- Овој ќе биде искусен монах!

Старецот Јован многу го засака Арсениј заради неговото смирение, веднаш го облече во монашкиот чин, и го упати на подвижничкиот живот. Наскоро потоа му даде ќелија во својата близина, и како на совршен монах, му нареди да живее сам.

Меѓутоа, по заминувањето на Арсениј од царскиот дворец, царот Теодосиј многу трагаше по него, зашто многу тагуваше за него. Испрати на сите страни да го бараат, но не можеа да го најдат, се додека Бог не му го објави на светот Својот угодник, за корист на многумина. Арсениј живееше во ќелијата што му Ја даде старецот, се подвизуваше во пост, молитва и трудови, така што со своите подвизи наскоро надмина многу отци. Еднаш, додека се молеше на Бога и говореше: „Господи, научи ме како да се спасам“, повторно слушна глас од небото, кој му говореше:

- Арсениј, бегај од луѓето и минувај го животот во молчење, зашто молчењето е корен на безгрешноста.

По овој глас Арсениј стана и отиде подлабоко во пустината, си направи мала ќелија и живееше сам во неа, трудејќи се на секој можен начин да го практикува молчењето. Со таа цел, тој го одбегнуваше секој разговор. Устремувајќи го целиот свој ум кон небесното, тој со телото беше на земјата, а со духот другаруваше со небесните сили. Секоја недела, и на празниците, тој доаѓаше во црквата и по завршувањето на богослужението веднаш со молчење се враќаше во својата ќелија. Ако некој го прашаше нешто многу важно, тој кратко ќе му одговореше и веднаш брзаше во своето безмолвие. Сите отци што живееја во Скитот се восхитуваа на доблесниот живот на преподобниот Арсениј.

Еднаш ава Марк го праша:

- Оче, зошто бегаш од нас?

Арсениј му одговори:

- Бог знае дека ве сакам, но не можам истовремено да бидам и со Бог и со луѓето. Иако на небото има илјади илјади и милиони милиони вишни сили, сепак, сите имаат една волја и еднодушно Го слават Бога, а на земјата има многу човечки волји и разни мисли, зашто секој човек има своја волја и своја мисла. Затоа јас не можам да го оставам Бога и да живеам со луѓето. (за тоа видете во Отечникот).

На тој начин блажениот Арсениј колку повеќе се приближуваше до Бога толку повеќе се оддалечуваше од луѓето, и не сакаше никој да го види, ниту пак да знае за него. Но, слично на светилникот, тој не можеше да се сокрие, зашто славата за неговите подвизи се ширеше насекаде, па стигна и до Цариград.

По смртта на благочестивиот цар Теодосиј, се зацари неговиот син Аркадиј. Кога дозна каде се наоѓа и каков Живот Води преподобниот Арсениј, Аркадиј му напиша писмо во кое смирено го молеше да му го прости гревот од младоста и да се помоли на Бога за него и за неговиот брат Хонориј, кој владееше со западната половина на Римското Царство, нивното царување да биде благословено од Бога. Освен тоа, Аркадиј му испрати писмено овластување на преподобниот Арсениј, да располага со целокупниот царски данок што се собира во Египет и да го раздава по црквите, манастирите и неволните. Преподобниот Арсениј не сакаше да му одговори на царот писмено, туку му испрати ваков усмен одговор:

„Кажи им на оние што те испратиле: вака вели смирениот Арсениј: Бог нека ви прости деца, нека го благослови вашето царување и нека ве научи да ја вршите волјата Негова. А пак тоа што ми го пишувате за данокот, тоа не му е потребно на Арсениј, зашто тој веќе умрел за светот и никој нека не мисли дека тој е меѓу живите“.

Со таквиот одговор преподобниот го испрати царевиот пратеник, и продолжи со својот пустински живот во ќелијата, минувајќи ги деновите во молчење и непрестајно разговарајќи со Бога преку молитвата. Понекогаш и други поучуваше на безмолвно живеење.

Во една прилика преподобниот Арсениј дојде во едно место каде што растела многу трска. Тука затекна браќа како седат. Бидејќи трските од ветрот ствараа огромен шум, тој ги праша браќата:

- Каков е овој шум? Тие му одговорија:

- Оче, тоа трските шумат од ветрот.

Тогаш преподобниот им рече:

- Зошто тогаш вие седите овде и го слушате шумолењето на трските? Кој вистински го сака молчењето, тој не може да го поднесува ни пеењето на птиците, зашто и тоа го нарушува душевниот мир, а камоли ваквиот силен шум на трските.

Еднаш преподобниот Арсениј го посети александрискиот архиепископ Теофил со еден големец, со желба да слушне некоја поука од него. А старецот молчеше кратко, па им рече:

- Ќе го исполните ли тоа што ќе ви го речам?

Тие му ветија.

Тогаш старецот им рече:

- Немој да одите таму каде што знаете дека се наоѓа Арсениј. Тие се восхитија од ваквите зборови на преподобниот, извлекоа поука од тоа, и заминаа.

По извесно време Архиепископот посака повторно да го види преподобниот Арсениј, па испрати човек да го праша дали ќе му ја отвори ќелијата кога ќе дојде. Преподобниот му одговори преку пратеникот:

- Ако дојдеш ќе ти отворам. Но, ако ја отворам ќелијата за тебе, тогаш ќе морам да ја отворам за сите. Во таков случај јас ќе морам да заминам одовде.

Архиепископот не отиде кај преподобниот, плашејќи се стаецот да не го напушти нивниот крај.

Во една прилика некој непознат монах дојде во ќелијата на преподобниот со желба да го види, и затропа на вратата. Мислејќи дека е прислужникот, старецот веднаш ја отвори вратата. Но, кога го виде непознатиот монах, тој падна ничкум, за посетителот да не го види неговото лице. А пак монахот го молеше старецот да стане од земјата. Арсениј му одговори:

- Нема да станам, додека ти не заминеш одовде.

И навистина, тој долго не стана, иако монахот долго го молеше, но не успеа да го измоли. Најпосле монахот си отиде.

Во друга прилика повторно некој монах дојде оддалеку во Скитот, сакајќи да го види преподобниот Арсениј. Тој ги молеше браќата да го одведат до неговата ќелија, велејќи:

- Сакам да поразговарам со отец Арсениј.

Браката му одговорија:

- Причекај, брате, до недела, па ќе го видиш кога ќе дојде во црквата.

Но, монахот на тоа им возврати:

- Нема ни да јадам ни да пијам, додека не го видам преподобниот.

Тогаш браќата испратија со него еден монах, за да го одведе до ќелијата на старецот. Кога затропаа на вратата, старецот им отвори, ги пушти внатре, па седна молчејќи и гледајќи во земјата. Тогаш седнаа и тие, и молчеа, и ниеден од нив не проговори ни збор. Додека така долго седеа и молчеа, скитскиот монах најпосле рече:

- Јас одам назад, зашто имам работа во црквата.

Тогаш стана и далечниот монах, немајќи храброст да остане со старецот, и рече:

- Одам и јас со тебе.

И, станувајќи, тој му се поклони на старецот и излезе од ќелијата, без да слушне збор од неговата уста.

Потоа овој далечен монах го замоли скитскиот монах да го одведе кај Мојсеј, кој од разбојник со покајание стана монах. Тој го одведе кај преподобниот, кој ги прими со радост, ги угости и со њубов ги отпушти. Патем скитскиот монах му рече на посетителот:

- Ете, ги виде и отец Арсениј и отец Мојсеј. Кој од нив двајцата ти изгледа подобар?

Овој одговори:

- Подобар е оној што не прими со љубов.

Кога слушна за тоа, еден од отците Му се помоли на Бога, говорејќи:

- Господи, кажи ми, кој од овие двајца совршени и достојни мажи има поголема благодат Твоја? Дали оној што бега од луѓето заради Тебе, или оној кој ги прима луѓето заради Тебе?

Како одговор на својата молитва, овој отец имаше вакво видение:

Виде тој два кораба што пловеа по една голема река. Во едната беше преподобниот Арсениј, и Духот Божји управуваше со неговиот кораб во голема тишина; во другиот беше преподобниот Мојсеј и со него ангели Божји, кои управуваа со коработ и ставаа мед во устата на Мојсеј.

Ова свое видение овој отец им го раскажа на останатите искусни отци подвижници, и откако расудија, тие се сложија дека Арсениј, кој го минува животот во молчење, е посовршен од Мојсеј кој прима посетители, зашто со Арсениј е самиот Бог, а со Мојсеј ангели Божји.

Одбегнувајќи ги на сите можни начини средбите и разговорите со луѓето, преподобниот Арсениј многу построго се чуваше себе си од средбите и разговорите со жените.

Една богата болјарка, благочестива, целомудрена, многу богобојазлива и света по живот, слушна за преподобниот Арсениј и сакаше да го види. Со таа намера допатува од Рим во Александрија, кај архиепископот Теофил, и го молеше да го наговори светиот Арсениј да ја прими. Архиепископот ја прими со голема чест, зашто доаѓаше од една од најугледните сенаторски куќи, и на сите можни начини се трудеше да издејствува светиот старец да ја прими, и да ја благослови. Но, неговиот труд беше залуден, зашто светиот старец не само што не сакаше да ја прими, туку не сакаше ни да слушне за жена.

Кога дозна за тоа, болјарката им нареди на своите слуги да се подготват за пат, велејќи:

- Се надевам во мојот Бог, дека Он ќе ме удостои да го видам Арсениј, зашто дојдов да видам пророк, а не човек.

Таа тргна низ пустината кај светиот старец. Кога се приближи до неговата ќелија, по промисла Божја се случи старецот да биде надвор од ќелијата. И таа, приоѓајќи му неочекувано, падна пред неговите нозе. Тој ѝ нареди да стане, па гледајќи ја дирекно во лицето, гневно ѝ рече:

- Ако си сакала да го видиш моето лице, еве ти - гледај! Но таа не можеше од срам ни да го погледне. Тогаш старецот и рече:

- Ако си слушнала за некои мои добри дела, требало да се огледаш на нив. А да го видиш моето лице, што ќе ти е тоа? Како си се осмелила да тргнеш на толкав пат? Знаеш ли дека си жена, и дека од дома никаде не треба да излегуваш? Зарем дојде дури овде, за кога ќе се вратиш во Рим да им се фалиш на другите жени дека си го видела Арсениј? Ако го сториш тоа, ќе им отвориш пат на римските жени кон мене.

А таа одговори:

- Ако даде Господ да се вратам, јас нема никому да дозволам да дојде кај тебе, за да не ти пречиме во твоите подвизи. Но, те молам, помоли се сега за мене на Бога, и секогаш спомнувај ме во своите свети молитви.

На тоа старецот и рече:

- Го молам Бога да остави во моето срце сеќавање на тебе.

Болјарката си замина смутена. Откако се врати во Александрија, таа се разболе од тага. Архиепископот ја посети и се распраша за причината на нејзината болест. Таа му одговори:

- За мене ќе беше подобро да не одев таму. Јас го замолив старецот да ме спомнува во своите молитви, а тој на тоа ми рече: „Го молам Бога да стави сеќавање за тебе во моето срце. И ете, заради тоа умирам од тага“.

Архиепископот тогаш и рече:

- Не тагувај поради тоа, ќерко. Старецот не го рекол тоа без причина. Ти си жена, а преку жената ѓаволот им чини многу пакости на светите луѓе. Старецот ти го рекол тоа, строго чувајќи се себе од ѓаволските искушенија, а за твојата душа тој се моли, и ќе се моли постојано.

Овие зборови ја утешија болјарката и таа радосна се врати дома.

Во своето безмолвие, преподобниот Арсениј целиот свој ум го вдлабочуваше во богомислие, пламтејќи со серафимска њубов спрема Бога, така што од пламеноста на богомислието целиот беше како оган.

Еднаш некој брат од Скитот дојде по работа кај старчевата ќелија, и погледнувајќи низ прозорчето, го виде старецот како стои на молитва, целиот како оган, и се стаписа. Бидејќи беше удостоен на ваквото видение, братот постоја малку, па затропа на вратата. Старецот излезе од ќелијата, и кога го виде братот преплашен, го праша:

- Одамна ли си овде? Виде ли нешто необично?

Братот одговори:

- Јас ништо не видов.

Потоа позборува со него околу работата и го отпушти.

За овој преподобен старец раскажуваа дека додека живеел на царскиот двор, ниту еден дворјанин не носел поубава облека од него. А кога се одрекол од светот, никој од монасите не носел полоша облека од него. Но, од животот во светот, во него беше останала една мала навика:

Понекогаш седеше префрлувајќи ги нозете една преку друга. Некои од браќата го гледаа тоа, но никој не се осмелуваше да му забележи, зашто сите многу го почитуваа. Само ава Пимен им предложи на браќата:

„Да појдеме кај ава Арсениј, и јас во негово присуство ќе седнам како што тој има обичај да седи, па тогаш вие забележете ми дека не седам убаво. Јас на тоа ќе молам за прошка, и така ќе го поправиме старецот“.

Браќата отидоа и направија така. А кога преподобниот Арсениј дозна дека на монахот не му доликува да седи така, оттогаш ја остави својата навика.

Блажениот Арсениј беше толку смирен, така што и од простите монаси бараше корисни поуки. Разговарајќи така еднаш со некој старец еѓипканин, тој го молеше да го научи како да ги брка од себе небогоугодните помисли. За тоа дозна друг брат, кој потоа го праша Арсениј:

- Зошто ти, оче, иако си толку учен и знаеш грчки и латински, молиш простак да те научи како да ги бркаш гревовните помисли?

Преподобниот му одговори:

- Грчката и латинската световна наука ја знам, но се уште не успеав да ја научам азбуката на доблесниот живот, која што тој простак ја знае.

Свети Арсениј го рече тоа за да покаже дека смирението е темел на сите добродетели, како што азбуката е темел на сите науки. И ако некој ги изучи сите световни науки, а нема вистинско смиреноумие, тој не може да го најде патот на спасението Божјо.

Освен смирението, преподобниот Арсениј поседуваше и огромно умиление. Во текот на целиот свој живот, кога и да седеше и се занимаваше со ракоделие, тој пред себе имаше шамивче на кое од неговите очи паѓаа солзите што непрекинато ги ронеше. Телесно беше многу бодар. По цел ден работеше, по цела ноќ се молеше на Бога, и ретко кога спиеше по малку. Кога ќе го совладаше сонот, тој вака му зборуваше:

- Дојди ваму, зли слуго, но не задржувај се кај мене!

И тогаш ќе подремеше малку седејќи, па потоа ќе ги протриеше очите набрзина и веднаш застануваше да се моли на Бога. На своите ученици тој им говореше:

- На монахот му е доволно еден час спиење.

Пред секоја недела, тој се до изгрејсонце стоеше на молитва со кренати раце.

Ракоделието на преподобниот старец се состоеше во плетење кошници и јажиња од палмови лисја. Водата пак, во која ги квасеше палмовите лисја, не ја менуваше цела година, туку само долеваше во неа по малку вода. Заради тоа некои од браќата го прашуваа:

- Зошто, оче, ти не ја менуваш водата во која ги потопуваш палмовите лисја?

А светителот им одговараше:

- Наместо темјан и миризлив мирис, со кој сум се мирисал живеејќи со светот, сега треба да ја мирисам оваа смрдеа, за да ме избави Господ од неподносливата пеколна смрдеа во денот на Страшниот Суд.

Понекогаш на овој отец демоните му досадувале преку искушенија. Братот кој му служел, приближувајќи се до ќелијата, во многу такви случаи го слушал старецот како повикува кон Бога:

„Не оставај ме, Господи! Иако ништо добро не направив пред Тебе, по благодатта Твоја, дај ми барем сега да поставам добар почеток!“

Еднаш преподобниот Арсениј се разболе. Тогаш скитските монаси го однесоа во болницата покрај црквата, го положија на мека постела, и под главата му ставија мека перница. Некој брат дојде да го посети болниот, па кога го виде на меката постела, се соблазни и рече:

- Тоа ли е отец Арсениј? Зарем тој лежи на таква постела?

Еден презвитер го слушна, го повика насамо, и му рече:

- Брате, што беше ти во светот и каков живот живееше?

Тој одговори:

- Бев овчар, и деновите ги минував во тешка работа и неволји.

Презвитерот повторно го праша:

- А сега, како живееш?

Тој одговори:

- Сега живеам спокојно, имам се што ми е потребно, и немам никакви неволји.

Тогаш презвитерот му рече:

- А отец Арсениј, кого ти сега го гледаш, додека беше во светот беше татко на царевите, и му служеа илјада слуги во блескава облека и златни појаси. Неговата постела беше скапоцена, и богатството негово неисцрпно. А ти си чувал добиток и си бил сиромав, и не си имал такво спокојство во светот, какво што имаш сега во монаштвото. Ти сега се одмараш од световните работи, а отец Арсениј се труди и страда во сиромаштвото по одморањето и изобилието во светот.

Трогнат од зборовите на презвитерот, братот му се поклони, побара прошка и рече:

- Оче, навистина е така.

Добивајќи таква душекорисна поука, братот си отиде.

Една година варварите го нападнаа тој крај, И сите монаси побегнаа од Скитот во градовите и селата, само преподобниот Арсениј не сакаше да ја напушти пустината велејќи:

- Ако не ме чува Бог, тогаш зошто би живеел на земјата?

Варварите го опустошија Скитот, но не го најдоа преподобниот, бидејќи Бог го засолнуваик. Потоа, за да не биде фален од отците, и во него да не се вовлече славолубието, тргна по патот каде што побегнаа отците. А многу плачете поради опустоттувањето на Скитот, говорејќи:

„Светот го погубил Рим, а монасите го погубија Скитот“,

Кога варварите го напуштија Скитот, отците се вратија, го обновија, и со нив и преподобниот Арсениј се врати во својата ќелија.

Во една прилика, од Рим на преподобниот му донесоа заветување од некој болјар, негов роднина, кој пред смртта му ги оставил на Арсениј сите свои огромни богатства, да ги употреби како сака. Преподобниот го зеде заветувањето и сакаше да го искине, но пратеникот падна пред неговите нозе, говорејќи:

- Те молам, оче, не кини го, оти ќе го бараат од мене тие што ме пратија.

Преподобниот му го врати, изговарајќи:

- Јас пред него умрев, и како сега неодамна умрениот ме прогласува за наследник на својот имот, мене, мртовецот.

Преподобниот не се подвизуваше постојано на едно исто место, туку понекогаш се преселуваше од Скитската пустина на уште поосамени места, за да ги одбегне посетите и средбите со луѓето, бидејќи му го нарушуваа душевниот мир. Така тој некое време се подвизуваше во Трогин, околу Вавилон спрема градот Мемфис, потоа во Канопа Александриска и во други пустински места. Потоа повторно се враќаше во Скитот, и така никој не можеше да го знае начинот на неговото живеење.

Еднаш, кога преподобниот живееше во јужните предели на Египет, во него се јави желба да ја остави својата ќелија и да премине на друго место, оти го вознемируваа посетителите. Без да понесе нешто со себе, тој тргна на пат велејќи им на своите ученици Александар и Зоил:

- Ти, Александар, остани овде, а ти Зоил, ајде со мене до реката, да побараш кораб за мене, кој плови за Александрија, па потоа врати се кај својот брат Александар.

Зборовите на старецот многу ги смутија учениците, но не се осмелија да го прашаат зошто заминува од нив.

Старецот отплови во александрискиот крај, и таму тешко се разболе, и боледуваше долго. А неговите ученици Александар и Зоил постојано се прашуваа меѓу себе да не го навредиле со нешто, и не наоѓајќи вина во себе, тагуваа по него. А кога преподобниот оздраве, си рече на себе:

„Одам кај своите ученици“.

Одејќи кон реката низ многубројниот народ, до облеката на старецот се допре една жена египќанка. Тоа го навреди старецот, и тој ја прекори што таа, иако жена, се осмелила да се допре до облеката на монах. А жената му рече:

- Ако си монах, тогаш оди во пустата гора!

Овие зборови го трогнаа старецот, и тој Често си ги повторуваше на себе:

„Арсениј, ако си монах, оди во гората и скитај по пустината“.

Најпосле стигна во местото викано Камен, каде живееја неговите ученици Александар и Зоил. Кога го видоа, тие паднаа пред неговите нозе и плачеа од радост. Плачеше и старецот, прегрнувајќи ги. Потоа учениците му рекоа:

- Твоето заминување, оче, ни зададе огромна тага, зашто и некои монаси говореа дека ава Арсениј не би ја напуштил својата ќелија, ако учениците не го огорчиле со својата непослушност и непокорност.

Старецот им рече:

- Деца, и јас го мислев истото. Затоа и се вратив. Сега монасите можат да речат за мене: „Гулабот кој излета од ковчегот на Ное, не наоѓајќи цврсто тло каде би застанал на своите нозе, повторно се врати во ковчегот кај Ное“.

Учениците се утешија од таквите зборови на светителот и од тогаш живееја заедно, се до неговото упокојување.

Еднаш додека беше во својата ќелија, светителот имаше видение од Бога, во кое што слушна глас, кој му говореше:

„Излези од ќелијата и јас ќе ти ги покажам делата човечки“.

Старецот излезе од ќелијата и се најде како во восхитување, и виде ангел Божји, кој го фати за рака и го поведе на едно место.

Таму Ангелот му покажал еден црн човек, кој сечел дрва и веќе имал насечено голем товар, и сакал да го натовари на својот грб и да го понесе, но не можел. И наместо да тргне неколку дрва од тешкиот товар за да си олесни, тој човек и понатаму сечел дрва и повторно се обидувал да го подигне, но не можел. Сепак тој и понатаму сечел, и сè повеќе го зголемувал својот товар. Потоа ангелот Божји го одвел понатаму и му покажал друг човек, кој вадел вода од бунар и ја истурал во издупчен сад. Водата истекувала и повторно се враќала во бунарот, но човекот се трудел и понатаму. На крајот ангелот му покажал многу виденија: Арсениј здогледал црква со отворени врати и двајца коњаници пред неа, секој со мотка попречно носена во рацете. Коњаниците сакале да пројаваат низ црковната врата, но не можеле бидејќи стаповите им пречеле еден на друг. Наместо едниот да го пропушти другиот, тие се обидувале истовремено и двајцата да поминат низ вратата, и никако не можеле да влезат во црквата.

Потоа старецот го прашал Ангелот кој го водел: „Што означува ова видение?“ Ангелот му објаснил вака: двајцата, кои во рацете носеа греда, всушност ги претставуваат доблесните но горди луѓе, кои не сакаат да се смират еден пред друг. Тие нема да влезат во Царството Небесно, туку ќе останат надвор од него, заради својата гордост со која што ги погубуваат сите свои добродетели. Човекот пак, кој вади вода и ја истура во скршен сад, го означува човекот кој има по некое добро дело, но не ги напушта гревовите. Тој залудно се труди, зашто со своите гревови ја оневозможува наградата што би можел да ја добие од Бога. А црниот човек кој сече дрва и сè повеќе си го отежнува товарот, го претставува човекот кој живее во многу гревови, и наместо да се кае, тој трупа беззаконие врз беззаконие.

Ова видение преподобниот Арсениј им го раскажуваше на своите ученици за поука, но, според своето смирение, тој го кажуваше не како свое, туку како видение на некој друг старец.

Освен тоа свети Арсениј им раскажуваше на своите ученици и за друго страшно откровение за Божествените Тајни Христови, што ги имале другите отци пустиници.

Во Скитот имаше еден старец, велик по живот, - раскажуваше Арсениј, - и славен меѓу монасите за своите доблести. Прост и неук, необучен во Светото Писмо, тој се соблазнуваше со неверие во однос на Пречистите Тајни и говореше: „Лебот што го примаме од светиот олтар и чашата со која се причестуваме, не се вистинско тело и крв Христови, туку само слика на телото и крвта Христова“, Тоа го слушнаа двајца искусни старци и, знаејќи дека тој тоа го зборува од простота и незнаење а не од злоба, се договорија да го поправат во тоа. Со таа намера отидоа кај него. Откако поразговараа за други душекорисни работи, тие рекоа:

„Слушнавме, оче, за еден брат, кој неправилно учи дека лебот што го примаме и чашата што ја пиеме од светиот олтар не се вистински тело и крв Христови, туку само нивно изобразување“.

Старецот им одговори:

„Јас сум тој што го зборувал тоа“.

Тогаш тие започнаа да го молат:

„Немој да мислиш така, оче, туку верувај онака како што ни предала Светата Соборна Црква. Ние веруваме и исповедаме дека лебот е вистинско тело Христово, и виното во чашата вистинска крв Христова, а не изобразување на телото и крвта“.

Како доказ тие му наведоа многу сведоштва од Светото Писмо и од делата на светите Отци, трудејќи се да го убедат старецот дека тој погрешно учи. Но тој во својата простота велеше:

„Ако не се убедам на очигледен начин, нема да поверувам“.

Тогаш старците му предложија:

„Ајде, оче, да се помолиме на Бога и тројцата, постејќи цела седмица, да ни ја открие оваа тајна“.

Старецот со радост се согласи на нивниот предлог. Се затворија секој во својата ќелија цела недела, минувајќи го времето во пост и молитва. Во својата молитва оној старец Му говореше на Бога:

- Господи, Ти знаеш дека јас не мислам така од злоба, туку оти со својот прост ум не можам да ја разберам и достигнам таа тајна. Затоа по Твојата добрина откриј ми ја вистината, за да не блудам во неверие.

Се молеа и оние двајца старци, говорејќи:

- Господи, откриј му ја на нашиот брат оваа голема тајна Твоја, за да не остане во неверие и да не го упропасти својот труд и доблестите.

Бог ги услиша нивните молитви и им ја откри страшната Тајна на овој начин. На крајот од седмицата на нивниот пост и молитва осамна недела, и тројцата старци отидоа во црквата на Литургија. Тие стоеја заедно на едно место, и Господ им ги отвори очите. Кога беше положен лебот на светата трпеза, тие наместо леб здогледаа мало детенце. Во моментот кога свештеникот ја пружи раката да го прекрши лебот, тие здогледаа ангел Господов како слезе од небото со нож во раката, и сечејќи го детенцето, ангелот нали крв во чашата. И кога свештеникот го кршеше лебот, ангелот го раскрши телото на честици. За време на причеста со останатите браќа пристапи да се причести и братот кој не веруваше, и во раката прими крваво месо, а во чашата виде крв, па запрепастен во ужас повика: - Верувам, Господи, дека овој леб е тело Твое, и ова вино - крв Твоја.

Ивотој мигмесото стана леб, а крвта вино. Старецот се причести со огромен страв и умиление. А оние двајца старци му рекоа:

- Христос Бог знае дека човекот не може да јаде сирово месо и да пие крв; затоа и го дава Пречистото Тело Свое како леб и Животворната Крв Своја како вино, за причасниците да го примат тоа со вера. Старците Му благодареа на Бога што не дозволи доблесниот -тарец да пропадне заради неверието. Еднаш еден брат го праша ава Арсениј што е корисно за ушата.

Преподобниот му одговори:

- Секогаш труди се на сите можни начини, се што мислиш Му биде угодно на Бога, па лесно ќе ги победиш надворешните гревови.

Светителот го рече тоа за да покаже дека сите гревови и страсти се раѓаат од лошите помисли, кои што ги прима срцето и ги задржува со наслада. Кој го исправува својот ум пред Бога и ги отфрла лошите помисли штом ќе се појават, тој ги отсекува страстите и ги победува гревовните желби.

Во друга прилика старецот рече:

- Ако ние вистински Го бараме Бога, Он ќе дојде кај нас и ние ќе го видиме; и ако со чист живот го задржиме кај себе, Он ќе остане со нас.

Еден старец го праша ава Арсениј:

- Оче, што да правам? Помислите ми велат: Стар си, ти не можеш да постиш и да се трудиш заради староста. Оди и посетувај ги болните, зашто тоа е знак на љубов.

Преподобниот сфати дека тоа е помисла на ѓаволско искушение, и му рече на старецот:

- Јади, пиј, спиј, не работи ништо, само не излегувај од својата ќелија.

Светителот му рече така затоа што знаеше дека на монахот кој излегува од својата ќелија и оди во населбите, врагот му поставува многу замки на соблазни и искушенија. Оној кој умрел за светот, без вистинска причина не треба да излегува од својата ќелија и од манастирот, како што и мртовецот не излегува од својот гроб. Монахот кој по своја волја излегува од манастирот навистина е мртов, зашто е мртов со душата.

Светителот уште велеше:

- Има многу луѓе кои се трудат да ја сочуваат телесната чистота, и заради тоа го умртвуваат своето тело со пост, бдение и многу трудови. Но, малкумина се оние кои ја чуваат својата душа од гревот на славоњубието, среброњубието, зависта, гневот, осудувањето, гордоста, злопамтењето, братоомразата. Таквите надворешно се чисти, а во душата многу валкани, та наликуват на варосани гробови, кои внатре се полни со смрдливи коски. Блажен е оној кој се труди да се сочува од секоја нечистотија како со телото така и со душата, зашто блажени се чистите по срце, оти ќе Го видат Бога (Мт. 5, 8).

Еден брат му рече на преподобниот:

- Свети оче, изучив многу книги и псалми, се трудам да ги читам, но немам умиление при читањето, оти не ја разбирам силата на Светото Писмо. Поради тоа сум многу тажен.

Преподобниот му одговори:

- Чедо, ти треба постојано да се поучуваш во читањето на Господовите зборови, макар и да не ја разбираш нивната сила и да немаш умиление. Слушав, кажуваше ава Пимен и други свети Отци, дека оние што маѓепсуваат змии и самите не ги разбираат зборовите што ги изговараат, но змиите, слушајќи ги нивните з3борови се скротуваат како да ги разбираат. Така можеме да правиме и ние, макар и да не ја разбереме силата на Светото Писмо. Кога ние непрестајно ги имаме во своите усти зборовите од Светото Писмо, демоните од страв бегат од нас, не можејќи да ги поднесат зборовите од Светиот Дух, Кој говорел преку слугите Свои, Пророците и Апостолите.

Кога наближи времето на преставувањето на преподобниот пред Бога, тој им рече на своите ученици:

- Кога ќе умрам немој да давате ништо за мене, ниту да ги повикувате браќата на јадење и пиење, туку само потрудете се да се принесува божествена жртва за мојата грешна душа.

Тогаш учениците се вознемирија и започнаа да плачат. Но, преподобниот им рече:

- Не плачете, деца! Уште не дошол часот на мојот крај, макар да е близу.

Тогаш учениците го запрашаа:

- Како ќе те погребаме, оче?

Тој им одговори:

- Врзете ми ги нозете со јаже, и одвлечете ме во гората.

Пред преставувањето, тој се уплаши и започна да плаче. Кога го видоа како плаче, учениците го прашаа:

- Зарем и ти се плашиш од смртта, оче?

Тој им одговори:

- Навистина, јас секогаш имав страв од смртта во сите денови на моето монаштво, започнувајќи од денот во кој го примив монаштвото.

И заспа блажениот во сонот на смртта, предавајќи ја својата

света душа во рацете на својот Господ, на Кого усрдно Му послужи. Заспа во 448 година.

Кога ава Пимен слушна дека ава Арсениј се преставил, заплака и рече:

- Блажен си, оче Арсениј, што си плачел во сите денови од својот живот. Затоа вечно ќе се веселиш. Кој овде не плаче доброволно, неволно ќе плаче таму горе во маките по смртта, но од тоа не ќе има корист.

За преподобниот Арсениј се зборува дека често си велел на себе:

- Арсениј, зошто дојде овде? Не дојде за одмор, туку за работа, не за да си ленлив, туку за подвиг. Затоа подвизувај се! Труди се! Не биди мрзелив!

Светителот често го говорел и ова:

- Многу пати сум се покајал за зборови што сум ги изговорил, а за молчењето никогаш.

Ава Данил кажуваше дека преподобниот Арсениј никогаш не сакал да му зборува за прашања од книгите, макар да можел, зашто добро го знаел Светото Писмо. Го правел тоа за да не се претстави како мудар и учен. Тој никогаш никому не напишал писмо, сметајќи се себеси за простак заради Христа. Никогаш не влегуваше во олтарот, макар да имаше право на тоа, зашто беше ѓакон, туку секогаш заедно со простите монаси им пристапуваше на Божествените Тајни. Сето тоа го правеше од огромно смирение. Кога доаѓаше во црквата на богослужение, тој стоеше зад столбот за да не види ничие лице, и никој да не го види неговото лице.

Според надворешниот изглед преподобниот Арсениј беше како ангел; целиот сед, со чисто тело, исушен од големото воздржание, со брада до појасот; трепките му беа отпаднале од непрестајното плачење; беше висок по раст, но подгрбавен од староста. Свети Арсениј се упокои со блажен крај, поминувајќи педесет и пет години во монашките трудови и подвизи, угодувајќи Му на Бога со постот и молитвите. Во Скитот помина четириесет години. Десет години помина во местото Трогин, во околината на Мемфис. Потоа проживеа три години во Канопи, близу Александрија. Оттаму повторно се врати во Трогин, каде помина две години и тука заспа во Господа. Поживеа повеќе од сто години. Беше добар човек, исполнет со Светиот Дух и вера. По неговите свети молитви да се удостоиме и ние да добиеме простување на гревовите и живот вечен во Христа Господа, Кому слава со Отецот и Светиот Дух, за навек. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТА ЕМЕЛИЈА

Света Емелија беше мајка на свети Василиј Велики. Во младоста сакаше доживотно да остане девојка, но беше принудена на брак. Роди девет деца, и толку ги вдахнови со Духот Христов, така што пет од нив станаа христијански светители: Василиј Велики, Григориј епископ Ниски, Петар епископ Севастиски, Макрина и Теозвија. Во староста изгради манастир во кој живееше со својата ќерка Макрина, каде што и се упокои во Господа, на 8 мај во 375-та година.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ЦЕЛА ЧЕТА ВОЈНИЦИ

Овие свети војници Христови пострадаа за Христа посечени со меч.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ МИЛИЈ ПЕСНОПЕЕЦОТ

вој преподобен песнопеец со песни Го прославуваше Бога, И откако така поживеа, се престави во мир.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ АРСЕНИЈ ТРУДОЊУБИВИОТ

Преподобниот Арсениј беше киевски монах. Никогаш не си даваше одмор и непрекинато се трудеше. Земаше храна само еднаш дневно, и тоа по зајдисонце. Се подвизуваше и се упокои во четиринаесеттиот век.

СПОМЕН НА ЧУДОТО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Во овој ден се врши спомен на чудесното исцелување што милостиво го изврши Пресвета Богородица и Приснодева Марија над момчето Стефан, кое неправедно беше ослепено во селото Колнопи наспроти островот Крф, во 1530-та година.