22. Мaj (9. Maj)
ЖИТИЕ НА СВЕТИОТ ПРОРОК ИСАИЈА
Времето на пророчката служба на пророкот Исаија било тешко време за еврејскиот народ. Во деновите на овој голем пророк Израилското Царство престанало да постои, а Јудејското ги одживеало своите последни години пред Вавилонското Ропство. Овој болен настан на потчинување на „избраниот народ“ под тешката рака на незнабожечките цареви, беше казна од Господа за еврејскиот народ затоа што се одметна од Бога, и се повеќе и повеќе тонеше во беззаконието и идолопоклонството. Особено Израилското Царство многу беше отстапило од заветот Божји, поради што набрзо и го стигна казната, додека во Јудејското Царство повремено блеснуваше надеж за подобра иднина. А за тоа што во Јудеја потполно не згаснал огнот на светата ревност по Бога, и што Господ ја одложуваше казната, треба да му се оддаде благодарност на пророчкото делување на пророкот Исаија.
Светиот пророк Исаија беше од племето Венијаминово, од царски род. Се роди во Ерусалим околу седумстотини и шеесеттата година пред Христа. Татко му Амос беше роден брат на јудејскиот цар Амасија. Воспитан во стравот Божји и научен во законот Господов, кога стана полнолетен Исаија стапи во законски брак со богобојазлива жена, која исто така беше пророчица. Таа му роди два сина. За тоа самиот свети пророк вели:
Пристапив кон пророчицата, т. е. кон мојата сопруга, која ја зедов за жена од зборот на девици што во храмот Господен до своето полнолетство Му служеа на Господа; таа беше доблесна и света, навикната непрестајно да се моли и удостоена на пророчка благодат поради својот богоугоден живот (сп. Ис. 8, 3). Таа беше наречена пророчица затоа што беше сопруга на пророк и што и самата доби дар да пророкува. Таа зачна од својот маж свети Исаија и роди син. Затоа Исаија говори: Ете јас и децата што ми ги даде Господ (Ис. 8, 18). Овде според мислењето на толкувачот светиот пророк зборува за своите родени деца. Во книгата на пророкот Исаија се спомнува неговиот син Јасув (Ис. 7, 3). А блажениот Јероним според еврејски кажувања го зборува и тоа дека свети Исаија по мајка бил дедо на царот Мавасија, мачителот свој, зашто Манасија се роди од неговата ќерка Офовија, омажена за царот Езекија.
Свети Исаија беше повикан на пророчка служба во времето на јудејскиот цар Озија. Царот Озија беше син на царот Амасија, родениот брат на таткото на Исаија Амос. Свети Исаија пророкуваше во деновите на царот Озија, и во деновите на синот на Озија, Јоатан, и во деновите на синот на Јоатан, Ахаз, и во деновите на Ахазовиот син Езекија и во деновите на Езекиовиот син Манасија, од кого и пострада. А што и како пророкувал свети Исаија, јасно ни покажува неговата опширна книга. Од неа јасно се гледа и неговиот богоугоден живот. Тој толку му станал мил на Бога, што се удостои да Го види Бога како седи на издигнат и висок престол, додека околу него стоеле шестокрилни серафими, воскликнувајќи:
„Свет, свет, свет е Господ Саваот! Целата земја е исполнета со Неговата слава. И се разниша горништето на вратите од гласот на оние што викаа, а домот се исполни со дим. Кога свети Исаија го виде тоа се исполни со огромен страв и си рече: Тешко мене зашто сум човек со нечиста уста и живеам среде народ исто така со нечиста уста - а очите ми го видоа Царот, Господа Саваот!“
Тогаш кај преплашениот пророк долетал еден од серафимите со разгорен јаглен во раката, што го беше зел со клешти од жртвеникот и се допре до устата негова, говорејќи:
„Ете, тоа се допре до устата твоја - и твоето беззаконие се оттргна од тебе, гревот твој се очисти“.
Потоа свети Исаија го слушна гласот на Господа Кој рече:
„Кого да испратам? Кој ќе отиде заради нас?“
Исаија рече:
„Еве ме мене, испрати ме мене!“
И го испрати Господ кај луѓето Свои, грешниците да ги советува на покајание и да им објави работи од оној свет т. е. различни казни ако не се покајат а милост и простување ако се обратат кон Бога со покајание (Ис. 6, 1-11).
По ова видение врз свети Исаија слезе Духот Божји, Кој му откриваше тајни на сегашноста и иднината и го крепеше во тешката борба за правда Божја меѓу богоборните сонародници негови. Свети Исаија пророкуваше за освојувањето на Галилеја и Самарија од Асирците, за наездите на Сенахерите над Јудеја, и за разорувањето на многу земји и градови по пат на најразлични војни. Пророкот Божји особено пророкуваше за Христовото зачнување и раѓање од Пречистата Дева, заради спасението на човечкиот род. За тоа тој вели:
„Ете, девица ќе зачне и ќе роди Син, и ќе Му го дадат името Емануел, што значи со нас е Бог“ (Ис. 7, 14). „И ќе потера Фиданка од Јесеевата пењушка и стебло ќе израсне од нејзиниот корен (Христос). Ќе почива врз него дух Господов“ (Ис. 11, 1-2). „Зашто Младенец ни се роди, - Син ни се даде; власта е на рамењата Негови, и ќе Го наречат Советник, Чудесни, Бог силен, Отец вечен, Кнез на мирот“ (Ис. 9, 6). А за страдањето Христово тој претскажа: „Он ги зеде врз себе нашите болести и ги понесе нашите слабости. Он беше изнаранет за нашите гревови и мачен заради нашите беззаконија. Казната за нашиот мир падна врз Него, а преку Неговите рани ние се излекувавме. Он беше одведен на колење, И како што е јагнето пред стрижачите свои безгласно, така и ОН не ја отвори устата Своја“ (Ис. 53, 4-7). А за крстот Христов тој однапред објави: „Славата на Ливан ќе дојде при тебе со кипарис, бор и кедар заедно, за да го украси местото на Моето светилиште, - а Јас ќе го прославам подножјето на нозете Свои“ (Ис. 60, 13). Потоа за страшното второ доаѓање Христово тој предскажа: „Ете, ќе дојде Господ во оган, и колите Негови - како виор, за да го излее гневот Свој со јароста и заплашувањето Свое - со пламнат оган. Зашто Господ ќе суди со мечот Свој над секоја плот, и многумина ќе бидат убиени од Господа“ (Ис. 66, 15-16).
Свети Исаија живееше презрен од светот, и иако беше роднина на Јудејските цареви и можеше да има огромни богатства и слава на овој свет, сепак тој сето тоа го презре заради Бога. Со својата богоугодна сопруга тој живееше во доброволна сиромаштија и смирение, и во големо воздржание и измачување на телото. Облеката му се состоеше од сура вреќа врз голото тело, и заради смирението, и за измачување на телото, а и за пример на покајание за грешните луѓе. Со таквото смирение тој Го молеше Бога за грешните луѓе. Еднаш тој три дена одеше сосема гол по улиците на Ерусалим, пророкувајќи го скорешниот пад на Ерусалим под ропство на асирскиор цар Сенахерим, и опоменувајќи го царот и народните главари да не се надеваат на помошта од Мисирците и Етиопјаните, бидејќи и тие наскоро ќе бидат покорени од истиот Сенахерим, туку да се надеваат на помошта од Севишниот. Тогаш Господ рече:
„Како што слугата Мој Исаија оди гол и бос, како знак и чудо што ќе се случи за три години во Египет и Етиопија, така и Асирскиот цар ќе поведе заробеници од Етиопија, млади и стари, голии боси, и со разголени бедра, за срам на Египет. Гогаш ќе се вџашат и засрамат поради Етиопија, нивната надеж, и поради Египет, со кој се фалеа“. (Ис. 20, 1-6).
И ова пророштво на Исаија набрзо се исполни. Асирскиот цар Сенахерим, дознавајќи дека Етиопскиот цар Тарак доаѓа во напад помагајќи ги Јудејците, се сврте против него, го победи, ги освои и заплени земјите Египетска и Етиопска, па повторно се нафрли на Јудеја, освојувајќи ги нејзините градови. Тој се фалеше дека ќе го заземе и Ерусалим, и хулеше на вишниот Бог преку својот војвода Рапсак, кого со огромна војска го испрати против Езекија.
Свети Исаија беше и голем чудотворец. Кога во Ерусалим за време на опсадата од туѓинците настапи голема беда, а особено недостаток на вода, свети пророк Исаија со својата молитва изведе извор вода под гората Сион, и тој извор беше наречен Силоам, односно испратен, како од Бог, на жедните луѓе по молитвите на пророкот. Чудесен беше тој извор, зашто им даваше вода само на Јудејците, а за туѓинците стануваше сув. Исто така, светиот пророк со својата молитва го избави градот Ерусалим од варварска опсада. Една ноќ излезе ангел Господов и уби околу сто осумдесет и пет илјади асирци. Од тоа се преплаши Сенахерим и посрамен побегна од Ерусалим, и остана во Нинивеја, каде беше убиен од своите синови.
Свети Исаија го исцели и царот Езекија од болеста од која легна на смртна постела, и го извести царот Езекија од страна на Господа, дека заради молитвите и солзите, на неговиот век му се додаваат уште петнаесет години. Како доказ на вистинитоста на тоа, Господ го поврати сонцето за десет степени по степените по кои беше слегнало (4 Цар. 20, 1; Ис. 38, 4-5). И тој ден беше долг, сличен на денот во кој Исус Навин го застана сонцето победувајќи ги непријателите. Ова чудо го восхити целиот свет.
Во тоа време вавилонскиот цар Меродах Валдан, син Валаданов, испрати до Езекија писмо и дарови зашто беше чул оти тој бил смртно болен па оздравел. Тој прашуваше за чудото во однос на сонцето, оти и за тоа беше слушнал. Езекија многу се израдува на гласниците и им ја покажа својата ризница, среброто и златото, пријатните мириси и скапоцените масла, целата своја оружница и се што се наоѓаше во ризницата, и не остана ништо што не им покажа Езекија, но тоа не Му беше по волја на Господа.
Тогаш кај царот дојде светиот пророк Исаија и му рече: „Што рекоа овие луѓе? Од каде дојдоа при тебе?“
Езекија одговори:
„Од далечна земја дојдоа тие при мене, од Вавилон“.
И праша Исаија:
„Што видоа тие во твојот дом?
Езекија одговори:
„Видоа се што има во мојот двор; не остана ништо во мојата ризници, што не им го покажав.
На тоа Исаија му рече:
„Ислушај го словото на Господа над војските:
„Ете, ќе дојдат дни, и се што има во домот твој и што собрале татковците твои до денес, се ќе биде однесено во Вавилон: ништо нема да остане, вели Господ. Ќе земат и од твоите синови, што ти ќе ги родиш, и тие ќе бидат евнуси во дворецот на царот Вавилонски“ (Ис. 39, 1-7).
Ова пророштво на свети Исаија се исполни подоцна, а царот Езекија се упокои во мир, и беше погребан покрај своите предци.
По смртта на царот Езекија започна да царува неговиот син Манасија, кој имаше дванаесет години. Тој го вршеше секое зло пред Господа. Кога порасна не започна да оди по заповедите Божји, туку по гадните дела на незнабошците. Тој започна да подига идолски храмови и жртвеник на Ваал, и се клањаше на идолите, и храмот Господов го оскверни со идолските жртви и синовите свои ги спроведе низ оган, како што правеа идолопоклониците. И гаташе и врачаше, и ги расипа луѓето Господови приведувајќи ги кон идолопоклонството, и ги убиваше оние што не се согласуваа со него, и проли многу многу невина крв, додека не го залеа целиот Ерусалим (Ис. 21, 1-6).
Изобличуван поради тоа од светиот пророк Исаија, тој се разбесни. Исто така и кнезовите Ерусалимски и многу од народот се исполни со гнев спрема пророкот Божји. А тој, изобличувајќи ги за тешките гревови, велеше:
„Чујте го словото Господово, кнезови содомски, вслушај се во законот на нашиот Бог, народе гоморски!“ (Ис. 1, 10).
Вака ги нарекуваше пророкот Божји поради нивната расипаност, бидејќи со своите зли дела беа слични на Содом и Гомор.
Не поднесувајќи го таквото изобличување, сите тие заедно со царот свој, сакаа да го убијат светиот пророк. И навистина, по наредба на царот Манасија светиот пророк Исаија беше преструган со дрвена пила, надвор од Ерусалим. Така великиот пророк Божји маченички се упокои во длабока старост, кога имаше сто дваесет и шест години. А Исус, син Сирахов, вака го велича светиот пророк Божји Исаија:
„Со раката на Исаија Господ ги избави своите луѓе, Ја уништи асирската војска, ги сотре ангел Негов, зашто Езекија вршеше што е угодно пред Господа, и право одеше по патиштата на својот татко Давид, како што заповеда Исаија, голем и верен во своите виденија. Во неговите денови се поврати сонцето назад и тој на царот му го продолжи животот. Со својот голем дух Ја предвиде далечната иднина и ги утешуваше оние што тагуваа во Сион. Дури ја објави и иднината се до крајот на времето, и се што било сокриено пред да се исполни“ (Ис. Сирах. 48, 23).
По убиството на светиот пророк Исаија, богобојазливи луѓе го зедоа неговото чесно тело и го погребаа во близина на оној Силоамски извор, што свети Исаија го изведе со својата молитва. Го погребаа таму за по молитвите на пророкот Божји Исаија и по неговата смрт непресушно да тече вода од Силоамскиот извор. Покрај тој извор беше изградена бања во која подоцна Господ Христос го испрати оној слепец од раѓање да се измие и прогледа кога Господ му ги помаза очите со кал од плунката. Таа вода и денес има извесна целебна сила, зашто посетители на Светите Места ерусалимски раскажуваат дека Сарацените, кои со допуштање Божјо живеат таму, а чии што тела по својата природа имаат непријатен мирис, ги мијат своите деца во Силоамската вода, и самите се мијат, та така донекаде ја тргнуваат таа смрдеа од себе. Исто така и оние што страдаат од очите добиваат голема помош од таа вода, по молитвите на светиот пророк Исаија а со благодатта на нашиот Господ Иисус Христос, Кому слава за навек, амин.
СТРАДАЊЕ НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ХРИСТОФОР
Овој свет маченик пострада во 249-та година, во време на царот Декиј (249-251г.). За него се раскажуваат некои чудни и необични работи, т. е. дека бил песолик , и дека по потекло е од земјата на човекојадците. Во војната беше заробен од еден војвода. Бидејќи не можеше да зборува, тој се помоли на Бога и Господ му испрати ангел Свој, кој му рече:
- Биди јунак, Репреве! (така се викаше).
Потоа Ангелот се допре до неговата уста и тој започна слободно да зборува, па отиде во еден град и ги изобличи незнабошците поради гонењето на христијаните. Поради тоа беше тепан од поглаварот Вакхиа, а светителот на тоа му одговори:
- Доброволно и смирено ги примам ударите и не се противам, следејќи ги заповедите Христови. Но, кога би ги покренал мојот гнев и Јунаштво, не би можел да ми се спротивстави ниту самиот цар, зашто неговата сила е ништовна спрема мојата.
Потоа царот, плашејќи се од маченикот, од неговата сила и од грдото лице негово, испрати двеста војници да го доведат кај него. Маченикот имаше само еден сув стап во раката. Кога одеа по патот, тој сув стап процвета во рацете на светиот маченик. За време на патувањето војниците останаа без леб, та светителот се помоли на Бога и изобилно ги умножи неколкуте лебови што им беа останале. Поразени од ова необично чудо, војниците поверуваа во Христа. Кога стигнаа во Антиохија, сите заедно беа крстени од антиохискиот епископ, светиот свештеномаченик Вавил. Тогаш светителот го доби името Христофор. Кога беше изведен пред царот на суд, царот се преплаши кога го виде, и од страв падна во несвест. Кога си дојде на себе одлучи да го придобие светителот и со ласкање да го натера да го раздели од верата во Христа, бидејќи не се осмелуваше да го заплашува. Потоа тој повика две жени Калиника и Акилина, убавици, но блудници и развратници, кои беа многу вешти во заведувањето на луѓето. На овие жени царот им нареди да појдат кај светителот и да се обидат да го натераат да ги засака, мислејќи дека на тој начин ќе го одвои маченикот од Христа, и ќе го натера да им принесе жртва на идолите. Но, се случи спротивното. Свети Христофор ги поучи во Христа овие две блудници, и ги одврати од идолопоклонството. Тие се вратија кај царот и изјавија дека се христијанки. Царот ги подложи на страшни маки, Блажените храбро ги поднесоа ужасните мачења и примија венци на мачеништвото. Тоа многу го разјари царот, и тој нареди, та го доведоа свети Христофор пред него, па започна да го исмева и навредува поради грдоста и небичноста на неговото лице. Светителот на тоа му возврати дека тој е живеалиште на ѓаволот, и дека тоа и самото име Декиј го означува. Тогаш нечовечниот тиранин ги осуди на смрт оние двеста војници што поверуваа во Христа, и тие добија мачнички венци.
Потоа царот нареди светиот Христофор со клинци да го приковаат за железна постела, па под него да запалат оган. Тоа веднаш беше сторено, но светителот не само што остана неповреден, туку се чуствуваше како на веселба и одмор, и изговараше необични работи, кои на многумина од присутните неверници им изгледаа неверојатни и невозможни, а на верните и паметните - потполно веројатни и лесно возможни. Блажениот маченик говореше како гледа човек со висок раст и убаво лице, облечен во бела облека, од лицето му се лее светлина посилна од сончевата, на главата има блескав венец, околу него стојат пламеновидни војници, со кои се борат други црни и грди војници, и како да победуваат тие. Но, подоцна, оној страшен војвода се свртува гневно, ги збунува и победува оние црни напаѓачи, и добива власт и сила над нив.
Слушајќи го тоа, и гледајќи го светителот на вжештената постела неповреден, многумина од присутните поверуваа во Христа и го симнаа светителот од огнот. Затоа сите беа обезглавени од царевите војници. Потоа на светиот Христофор му врзаа камен за вратот и го фрлија во бунар. Но, ангел Господов го извади од бунарот и го ослободи. Тогаш безбожниот тиранин, се уште бесен од гнев, нареди на светителот да му облечат вжештена метална облека. Најпосле нареди да му ја отсечат главата. Така блажениот маченик го прими венецот на мачеништвото. Неговото свето тело го откупи аталискиот епископ Петар од војниците и го погреба во својот град.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ КАЛИНИКА И АКИЛИНА
Поверуваа во Господа Христа преку светиот маченик Христофор. Затоа царот ги стави на страшни маки. Така тие пострадаа за Христа.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ АПИМАХ НОВИ И ГОРДИЈАН
И двајцата беа од Рим. Епимах пострада во Александрија во 250-та година. Неговите свети мошти се пренесени во Рим пред Гордијановото мачеништво и положени во катакомбите со нивните имиња. За бестрашното исповедање на Христовата вера, свети Гордијан беше страшно мачен, па најпосле обезглавен во 362 година.
ПОВЕСТ ЗА ПРЕНОСОТ НА ЧЕСНИТЕ МОШТИ НА СВЕТИОТ НИКОЛА ЧУДОТВОРЕЦ архиепископ Мирликијски
Во 1087 година за време на византискиот цар Алексиј Комнен и цариградскиот патријарх Никола Граматик, се случија напади од муслиманските народи врз византиските покраини. Почнувајќи од Херсон, непријателите на крстот Христов ги покорија христијанските земји сè до Антиохија и Ерусалим. Притоа со меч и оган ги опустошија сите градови и села, цркви и манастири, а тоа што преостана од мажи, жени и деца, го одведоа во ропство. Тогаш беше опустошен и градот Мир во Ликиската покраина во Мала Азија, во кој почиваа чесните мошти на светителот Христов Никола. А тоа се случи со допуштање Божјо, заради гревовите наши, со кои многу Го разгневуваме Господа и Неговата долготрпеливост ја доведуваме до огорчување, како што се зборува за грешниците во псалмите: „Го огорчија Вишниот“ (Пс. 77, 17). Кога луѓето живеат без покајание многу Го жалостат и огорчуваат Бога, и тогаш ОН не ги штеди ни светињите, ниту пак ги услишува молитвите на угодниците Свои. Од таа причина Господ во една прилика му рече на пророкот Еремија: „Да застанат Мојсеј и Самуил пред Мене, душата Моја не би се свртела кон тој народ; избркај ги од пред Мене, и нека заминат. И ако ти кажат: Каде ќе одиме? Тогаш речи им: вака вели Господ: кој е за смрт, на смрт; кој е за меч, под меч; кој е за глад, на глад; кој е за ропство, на ропство“. (Ерм. 15, 1-2).
Откако со таквиот праведен гнев Божји беа опустошени многу византиски покраини, а меѓу нив и Ликија со градот Мир, на Господ Му беше угодно чесните мошти на Неговиот угодник Свети Никола да се пренесат од опустошениот град Мир во густо населениот град Бари. Тоа се случи за светите мошти на толку силното светило на светот, чија што света душа живее во неискажана светлина на небото, да не останат на земјата под капак и без почитување, и за овој непресушен извор на чудесни исцеленија да не остане неискористен од луѓето, а и Западот да не биде лишен од доброчинствата Божји, кои што се случуваа по молитвеното застапништво на овој голем архијереј.
Пренесувањето на светите мошти беше извршено на овој начин:
На еден христољубив, побожен и праведен презвитер од Бари, му се јави свети Никола и му рече:
- Оди и кажи им на граѓаните и клириците, да одат во Ликискиот град Мир, да ги земат моите мошти од таму и да ги пренесат овде. Не можам да престојувам во тоа опустошено место. Така сака мојот Господ Бог.
Потоа презвитерот стана наутро, отиде во црквата и им раскажа на сите дека му се јави свети Никола. Многу радосни сите рекоа:
- Денес Господ обилно ја изли милоста Своја, зашто не удостои да го примиме Неговиот угодник свети Никола. Веднаш подготвија три кораби, избраа угодни и богобојазливи луѓе со неколку чесни свештени лица, за да појдат по светите мошти на големиот светител Божји, свети Никола. За да ги одбегнат препреките по патот, тие ги натоварија корабите со жито, и тргнаа на пат како трговци, божем по трговија. Житото го продадоа во Антиохија и изнакупија други работи. Тука дознаа дека пред нив во Антиохија стигнале трговци од Венеција, со намера да одат во Ликија и да ги земат моштите на свети Никола. Тогаш тие веднаш отпловија, стигнаа во Ликија и се закотвија во пристаништето на градот Мир. Откако добро се распрашаа за црквата и моштите на свети Никола, тие се вооружија, зашто се плашеа да не наидат на препреки, кои би го оневозможиле остварувањето на нивната намера. Таму најдоа четворица монаси и ги прашаа каде се наоѓаат моштите на свети Никола, за да им се поклонат. Монасите им ги покажаа, па тие веднаш го раскопаа подот, ја најдоа раката на светителот, И кога ја отворија видоа дека е полна со миризливо миро, кое течеше од светите мошти. Гие го собраа мирото во своите садови, ги зедоа моштите со радост, и ги сместија во еден од корабите. Со нив појдоа и двајца монаси, а другите двајца останаа при црквата.
Со таквото неискажано богатство испловија од мирликиското пристаниште на 11 април, и среќно пристигнаа во својот град Бари во недела навечер, на 9 мај. Народот, епископите, свештениците, монасите и целокупниот црковен клир им излегоа во пресрет. Паи мажи и жени, и старо и младо, и големо и мало, со свеќи и темјан, пеејќи и славејќи Го Бога, ја дочекаа радосно и свечено оваа неизмерна скапоцена духовна ризница, и ја положија во црквата на светиот Јован Претеча крај морето.
И веднаш започнаа да се случуваат многу чудеса од моштите на светителот. Донесени во недела навечер, во понеделник наутро од нив веќе беа исцелени четириесет и седум болни, меѓу кои и хроми, слепи, глуви и бесомачни. Во вторник се исцелија дваесет и двајца болни, во среда дваесет и девет, а во четврток наутро свети Никола исцели глувонем човек кој боледувал пет години. Потоа светителот Христов му се Јави на еден богоугоден црноризец, и му рече:
- Ете, по волјата Божја дојдов во овој град во недела во три часот попладне, и со благодатта Божја веќе им дадов исцеление на сто и единаесет души.
За ова јавување на светителот овој црноризецим раскажуваше на сите, во слава Божја, и за прославување на угодникот Божји.
И потоа секојдневно непрестајно се даваа чудесни исцеленија од моштите на свети Никола, а и сега им се даваат на сите кои со вера им прибегнуваат. Гледајќи како чудотворната благодат обилно се излева од моштите на свети Никола како од некој извор, граѓаните на градот Бари изградија огромна прекрасна црква! во негово име, и многу скапоцено ја украсија. Потоа изработија кивот од сребро, па го позлатија и украсија со скапоцени камења. Во третата година по пренесувањето на чесните мошти од ликискиот град Мир, тие ги повикаа околните епископи и архиепископи со клирот, за да ги пренесат моштите на свети Никола во новата црква. Тие дојдоа, ги положија моштите на светителот во сребрениот кивот, и чесно ги пренесоа од црквата на светиот Крстител во новата црква, подигната во негово име, и на 9 мај ги поставија во олтарот. Го пренесоа и стариот кивот на светителот, во кој беше донесен од градот Мир, го поставија во црквата, и во него ставија дел од рацете на светителот. Од тоа време беше востановено секоја година на 9 мај да се празнува пренесувањето на чесните мошти на светителот Христов Никола, и тоа двократно пренесување: И она од градот Мир во градот Бари, и ова од црквата на светиот Преттеча во црквата на светиот отец Никола Чудотворец.
Оттогаш многу народ оди таму на поклонение и целивање на светите мошти на светителот. Неколку години по пренесувањето на чесните мошти, светителот му се јави на еден монах во градот Бари, и нареди неговите мошти да се стават под светиот престол под олтарот. И таму беа положени чесните мошти, кои точеа од себе свето миро. Тоа и сега може да се види таму, и тоа миро се дава за исцелување од разни болести, во слава на нашиот Бог Христос, прославениот во светителите Негови, со Отецот и Пресветиоит Дух Негов, сега и секогаш и низ сите векови, амин.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИК НИКОЛАЈ НОВИ
Овој преподобномаченик се роди на Исток, од благородни и побожни родители. Уште од мал го одбегнуваше дружењето со своите врсници, и општеше со старците и паметните луѓе.
Кога стана полнолетен беше земен во царската војска, оти беше многу храбар. За кратко време, тој во битките се истакна со такво јунаштво, така што им стана познат и славен на сите. Оваа негова слава допре и до тогашниот цар, кој го повика Николај во дворецот и го постави за војвода на една покраина.
Наскоро потоа жителите на Тесалија се побунија против царските даноци. Царот испрати војводи од Исток, меѓу кои и Николај, за да ја задушат буната. Со своите војници Николај го нападна градот Солун, го освои, и ги натера граѓаните да му плаќаат данок на царот, како што плаќале порано. Потоа тргна кон Лариса. Во борбите околу Лариса неговиот живот беше во опасност. Тогаш тој се замисли, го презре светот и отиде во тамошната планина Волнена. Таму најде монаси подвижници и се замонаши. Заедно со тие монаси тој се подвизуваше со пост, молитва, бдение и сите тегоби и подвизи.
Но, ѓаволот добромрзец, не поднесувајќи го животот на овие монаси, ги поткрена против нивниот крај безбожните Авари од западните покраини. Кога стигнаа до околината на Лариса, овие Авари започнаа да мачат и присилуваат многу христијани да се одречат од Господа Исуса Христа и да им се поклонат на идолите. Додека се случуваше тоа, преподобниот Николај со своите соподвижници, дванаесет на број, се молеше на Господа. И една ноќ им дојде Ангел од небото и им рече да се подготват за мачеништво заради Христа.
По неколку дена Аварите стигнаа во скитот на овие монаси, ставија на маки многу преподобни отци, и најпосле им ги отсекоа главите. А кога го видоа преподобниот Николај убав и паметен, започнаа да му ласкаат и да го наговараат да се одрече од Христа, и да им служи на идолите. Но, бидејќи светиот подвижник остана цврст во верата, варварите најпрвин толку немилосрдно го тепаа, така што три пати се променија мачителите. Потоа го обесија за дрво, го стрелаа со стрели и го тепаа со копја. Најпосле увидоа дека е невозможно да го оттргнат од неговата вера во Христа, па му ја отсекоа главата.
Така овој славен војник Христов прими маченички венец. Неговите свети мошти останаа непогребани во таа шума, чувани од ангели Божји. Подоцна самиот светител ги откри на чудесен начин. И тие до денес исцелуваат најразлични болни кои со вера прибегнуваат кон нив.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ШИО (СИМЕОН) МГВИНСКИ
Преподобниот Симеон е родум од Антиохија Сириска, ученик на свети Јован Зедазниски. Тој по наредба Божја отиде во Грузија со него, за да ја шири верата Христова. Таму, трудејќи се на нивата Божја, се оддаде на најстроги монашки подвизи. Живееше во пештерата која што самиот ја издлаби во карпа. Тука го најде велможата Евагриј. Восхитен од подвизите на христочезнивиот подвижник, велможата го измоли да го прими за свој ученик. Со помош на овој ученик преподобниот Шио изгради манастир во кој имаше многу монаси и го носеше неговото име „Мгвински“. Се наоѓа на триесет километри од Тифлис. Преподобниот Шио со откровение Божјо однапред го дозна часот на своето упокојување. Се упокои во седмиот век. Неговите свети моштии сега служат како заштита и одбрана на манастирот, кој единствено -. остана недопрен од честите пустошења на Грузија.