23. Мај (10. Мај)
СПОМЕН НА СВЕТИОТ АПОСТОЛ СИМОН ЗИЛОТ
Свети Симон беше од Кана Галилејска. Лично го познаваше Господа Христа и Неговата Пречиста Мајка, зашто Кана не е далеку од Назарет. И кога Симон се женеше, на својата свадба го покани Господа Исуса со учениците Негови и Пречистата Богомајка. Бидејќи на свадбата снема вино, Господ Христос ја претвори водата во вино. Кога го виде таквото чудо, младоженецот поверува во Господа Христа и веднаш ги остави и невестата, и свадбата, и куката, и сесрдно тргна по Господа. Потоа беше наречен Зилот, односно Ревнител, зашто божествената љубов спрема Христа толку го занесе, што тој ја презре и невестата своја, и се световно за љубовта Божја, и ја уневести својата душа за Бесмртниот Младоженец, Младоженецот на чистите души. Заради тоа беше вброен меѓу учениците Христови, и беше еден од дванаесетте апостоли.
На Педесетница, примајќи го со останатите апостоли Духот Свети, кој слезе во вид на огнени јазици, свети Симон Зилот ги пропатува Мавританија и Африка, проповедајќи Го Христа, и ревнувајќи за Него со огнена ревност. Беше и во Британија. Успеа многумина да просвети со евангелските зборови и да ги обрати кон верата Христова. Затоа беше мачен од неверниците, И најпосле распнат на крст како и неговиот Господ!
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНАТА МАЈКА ИСИДОРА ЈУРОДИВА
Во Тавенискиот женски манастир во Тиваида, меѓу останатите сестри имаше една девица по име Исидора. Таа го беше зела на себе подвигот на јуродивството заради Бога, и се однесуваше како луда. Затоа сите сестри толку ја презираа, што ниту една не сакаше ни да јаде со неа. Сите ја понижуваа, навредуваа и караа, но таа молкум и со благодарност поднесуваше се. Исидора постојано работеше во кујната, а се трудеше и во останатите манастирски послушанија, служејќи им на сите сестри, и без гнасење извршувајќи ги најнечистите работи во манастирот. Таа го чистеше манастирот од ѓубрињата и секоја нечистотија, и за манастирот беше како сунѓер кој ја впива секоја нечистотија. Исидора се трудеше така од утро до мрак, без одмор. - Понекогаш таа се правеше луда, за мудро да ги сокрие своите доблести пред сестрите. Така врз неа се исполнуваа зборовите на светиот апостол: „Ако некој мисли дека е мудар меѓу вас во овој свет, нека стане безумен, за да биде мудар“ ( 1 Кор. 3, 18).
Во тој манастир имаше четириесет сестри. Според монашките правила сите носеа црни покривки на главите, додека Исидора ја покриваше својата глава со проста крпа. Неа никогаш никој не ја виде да јаде корка леб, или да седи на трпезата и да јаде приготвена храна. Собираше само отпадоци и трошки од трпезата и се хранеше со нив. Наместо храна Исидора јадеше помија што ја добиваше миејќи ги котлите и грнците. Преподобната никогаш никого не навреди, ниту некогаш се разгневи и навреди, ниту ропташе за нешто, туку секогаш молчеше. Таа не зборуваше со никого, иако сестрите често ја тепаа и секогаш ја понижуваа и грдеа.
Блажената Исидора помина многу години во таквите сурови подвизи. За неа откровение од Бога доби преподобниот отец Питирим, многу доблесен и свет човек, кој живееше во Порфиритската пустина. Пред овој свет отшелник застана ангел Господов, и му рече:
- Зошто се гордееш со своите подвизи како благочестив, живеејќи во такво место? Сакаш ли да видиш поблагочестива жена од тебе? Појди во женскиот Тавениски манастир, и таму ќе најдеш една сестра, која што носи круна на главата. Таа е подобра од тебе. Иако им служи на сите на разни начини и тие ја презираат, сепак, таа никогаш не отстапи од Бога. А ти, седејќи овде, без никогаш да живееш во светот, блудиш со мислите по градовите.
Великиот Питирим стана и отиде во Тавенискиот манастир, и ги замоли тамошните учители да го одведат до женскиот манастир. Преминувајќи ја реката, тие се осмелија да го одведат таму, зашто тој беше славен меѓу отците и остарен во подвижништвото. Откако се помолија, Великиот изрази желба лично да ги види сите девственици. А кога се собраа сите, меѓу нив не се појави Исидора. Свети Питирим им рече:
- Доведете ми ги сите.
А тие му рекоа:
- Сите сме овде.
Тој им возврати:
- Меѓу вас не е онаа што ми ја покажа Ангелот.
Тогаш тие му рекоа:
- Имаме една луда. Таа е во кујната.
Великиот им рече:
- Доведете ми ја и неа, сакам да ја видам.
И тие отидоа да ја повикаат. Но, Исидора не послуша, зашто насети за што се работи. Можеби и беше откриено. Тогаш тие започнаа да ја влечат силум, говорејќи:
- Свети Питирим сака да те види, - зашто неговото име беше славно.
А кога ја доведоа, и Великиот го здогледа нејзиното лице и крпата заврзана околу нејзината глава, падна пред нејзините нозе, и рече:
- Благослови ме, мајко.
Таа исто така падна пред неговите нозе, и рече:
- Благослови ме ти мене, господине мој!
Сите се запрепастија кога го видоа тоа, и започнаа да викаат:
- Аво, не дозволувај да те навредува. Таа е луда.
Свети Питирим им рече:
- Вие сте луди, а таа е подобра и од вас и од мене, и е мајка наша. Јас се молам да се најдам рамен на неа, во денот на Судот.
Сите сестри паднаа пред неговите нозе, плачејќи и исповедај се, како на разни начини ја навредувале светителката. „Јас секогаш и се потсмевав, - велеше една; јас го исмевав нејзиниот ништовен изглед, - изјавуваше друга; јас ја навредував додека таа молчеше, - велеше трета; јас често истурав помија врз неа, - додаваше друга; јас ја тепав, - велеше една; Јас и удирав шлаканици, - изјавуваше друга“. Со еден збор, сите исповедаа дека на разни начини ја навредувале.
Откако го прими нивното покајание, свети Питирим заедно со преподобната Исидора се помоли на Бога за нив, да им се простат гревовите. Потоа преподобниот ги поучи сите сестри колку што е потребно, и откако многу им зборуваше за душекорисни работи, ги благослови со мир, и отпатува во својата пустина, славејќи Го Бога, што го удостои да ја види неговата сокриена слугинка.
По неколку дена, не можејќи да ги поднесе славата и почестите што И ги укажуваа сите сестри, и измачувајќи се од нивните извинувања, блажената Исидора кришум го напушти манастирот. А каде отиде, каде се сокри, и каде издивна, никој не знае до денешен ден.
Такво беше житието на оваа угодничка Божја, која под јуродивството како под некоја покривка, тајно Му служеше на Господа. Затоа таа сега јавно прима награда од Господа на небото, пред очите на сите небожители, и Го слави Отецот и Синот и Светиот Дух, Едниот во Троица Бога.
СПОМЕН НА БЛАЖЕНАТА ТАИСА
Блажената Таиса беше богата девојка христијанка во Египет, која остана сираче откако и починаа родителите. Таа не сакаше да стапи во брак, туку да живее во девствена чистота, па својот имот го трошеше на сиромашните и својата куќа ја претвори во гостоприемница за пустинските монаси. Се подвизуваше долго време така, примајќи ги во својот дом и згрижувајќи ги светите отци. По многу години го потроши целиот свој имот, па и самата започна да пита од немаштија. Тогаш, под дејство на лукавиот, со неа се зближија некои гревовни луѓе, ја соблазнија на грев, и ја одвратија од Божјиот пат. Оттогаш Таиса започна да води нечист живот, предавајќи им се на блудот и развратот.
Кога отците пустиници слушнаа за ваквата промена кај Таиса многу се натажија, па се посоветуваа меѓу себе, го повикаа ава Јован Колов, и му рекоа:
- Слушнавме дека сестра Таиса води нечист живот. Но, бидејќи таа со своите доброчинства ни укажуваше голема убов, сега и ние да покажеме духовна њубов спрема неа, и да И помогнеме околу спасението на нејзината душа. Потруди се и ти, аво, појди кај неа, посоветувај ја, и спаси ја пропаднатата душа. А ние ќе постиме и ќе Му се молиме на Бога, Господ да ти биде на помош.
Ава Колов отиде кај таа девојка, затропа на вратата од нејзината куќа, и на старицата вратарка и рече да ја извести својата госпоѓа дека дошол да поразговара со неа. Но, вратарката налутено му одговори:
- Вие, монасите, на почетокот го изедовте нејзиниот имот.
Старецот и рече:
- Кажи и, дека и донесов нешто многу драгоцено.
Вратарката отиде, ја извести својата госпоѓа, а таа и рече:
- Тие монаси, одејќи крај Црвеното Море, понекогаш наоѓаат и по некој бисер. Доведи ми го тој старец.
Старецот седна близу Таиса, па ја погледна во лицето и длабоко воздивна. Потоа ја наведна својата глава, и започна горко да плаче. Тогаш Таиса го праша:
- Аво, зошто плачеш?
Старецот и одговори:
- Гледам како сатаната игра на твоето лице. Како да не плачам? Што лошо најде во нашиот Господ Исус Христос, сечесниот и бесмртен Младоженец, та си ги презрела Неговите дарови, и си се прилецила до сатаната, вршејќи ги гадните дела негови?
Од овие зборови душата на Таиса се исполни со умиление, и таа веднаш се згнаси од својот грешен живот, си стана одвратна на себе, и се срамеше од себе и од своите лоши дела. Потоа го праша старецот:
- Аво, има ли покајание за грешниците!
Старецот и одговори:
- Има, а Спасителот чека на твоето обраќање, готов да те прими во својата татковска прегратка, зашто не ја сака смртта на грешникот. Еве, јас ти тврдам дека Господ Христос повторно ќе те засака како невеста Своја, и откако ќе те очисти од гревовите, ќе те воведе во своите небесни дворови, ако вистински се покаеш.
Тогаш ќе ти се радуваат сите ангелски чинови, зашто тие се радуваат за секој грешник кој се кае.
Таиса рече: - Нека биде волјата Господова, оче! Поведи ме со себе, и однеси ме онаму каде што има добро место за покајание. Старецот И одговори:
- Тогаш, ајде!
И, станувајќи, тој тргна кон излезот од куќата. Таиса тргна по него, без никаква наредба во својата куќа, или пак некому нешто да каже, туку одеднаш остави се заради Христа. Кога виде дека Таиса не даде никакви упатства околу нејзината куќа, ниту пак некому нешто рече, отец Јован се восхити од нејзината ревност за Бога. Тој чекореше благодарејќи Му на Бога, а Таиса одеше по него. Веќе се спушташе ноќта, кога стигнаа во пустината. Старецот направи на земјата мала перница од песок, и и рече:
- Одмори се овде, и спиј покриена со благодатта Божја.
Потоа ја осени со крстниот знак, и отиде недалеку од неа. Откако ги заврши своите вообичаени молитви, тој легна на земјата и заспа. Но, на полноќ се разбуди, и здогледа светлина од небото. Светлосен пат од небото, досегнуваше до заспаната Таиса. Старецот се запрепасти од видението пред себе. Погледна внимателно кон Таиса, и виде како ангели Божји ја носат душата на Таиса кон небото, по оној светлосен пат. Старецот го гледаше тоа прекрасно видение, се додека не се сокри од неговите очи. Потоа стана, отиде кај Таиса, ја допре со раката, и виде дека починала. И падна старецот со лицето на земјата пред Бога, зашто го обзеде страв и трепет. Тогаш му дојде глас од небото, кој говореше:
- Нејзиното покајание, извршено за еден час, Му е попријатно на Бога од покајанието на оној, кој долго време се кае, зашто во неговото срце нема таква топлина кон Бога.
Старецот остана на молитва се до самнување, и потоа го погреба чесното тело на блажената Таиса. Потоа отиде во Скитот, и им раскажа на светите Отци се што се случи. Восхитени, тие Го фалеа и Му благодареа на Христа Бога, Кому слава за навек, амин.
ЖИТИЕ НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ СИМЕОН
Она што Исус синот Сирахов го вели за Симона, синот на Онија синот Онијин, голем јереј, кој во животот свој изгради дом, и во своето време ја утврди Црквата (кн. Исус Сирах. 50,1) ; и уште: како утринска звезда среде облаци, како полна месечина во своето време, како сонце кое ја осветлува црквата на Севишниот (кн. Исус Сирах. 50, 6-7), - истото треба да го кажеме и ние за нашиот истоимен преподобен отец Симеон, епископот владимирски и суздалски, сведокот и запишувач на житијата на угодниците Печерски, вториот летописец по блажениот Нестор. Тој навистина добро го уреди домот Божји, ја утврди Црквата Христова со своето свето житие и учењето за Житијата на Светиите, како еден од добрите пастири, за кои Господ преку пророкот Еремија вети, говорејќи: „Ќе ви дадам пастири по срцето Мое, и тие ќе ве пасат со разум и знаење“ (Ерем. 3, 15). И навистина, сите карактеристики кои што му се припишуваат на синот на Онија Симеон, добриот старозаветен пастир, се својствени и за овој преподобен Симеон и пастир владимирски и суздалски.
Блажениот Симон го прими светиот монашки образ во Печерскиот манастир, сличен на небото и украсен со свети подвижници како духовни звезди. Стапувајќи во манастир, Симеон сесрдно ги читаше житијата на светителите печерски, кои претходно Му угодија на Бога, многубројни како звездите, па и самиот на сите можни начини се трудеше да ги достигне нивните доблести. Тој со љубов се сеќаваше на првиот неимар, преподобниот Теодосиј, кој ги умножи духовните монашки звезди. Затоа и го подражаваше неговиот живот. Тој со љубов се сеќаваше и на подвигот на првоначалникот Печерски, светиот Антониј, кој како блескаво сонце со светлината на своите добри дела осветли и просвети се. Затоа тој се огледуваше на неговото рамноангелско житие. Гледајќи во преподобните умножени звезди кои им служат на месечината и сонцето, Симеон се учеше на смирено послушание. Посебно се учеше на смирението, по примерот на светиот Теодосиј, кој како месечина блескаше посилно од останатите звезди и заслужи најславен венец во Бога. ОД светиот Антониј, како од сонце кое само плови по небото, тој го наследи рамноангелското угодување на Господа во осаменичкото безмолвие, молитвеното тихување. Во светиот Печерски манастир, кој беше сличен на небото, тој достојно и служеше на Пресвета Богородица, блескавата како утринска звезда, прекрасната како месечина, славната како сонце, подражавајќи ја според своите можности и Неа во смиреното послушание, во сесрдното соборно молење и во богомислието на осаменичкото тихување. Кога преподобниот Симеон со светлината на своите добри дела заблеска дури и во најдалечните краеви, се случи архијерејскиот престол на владимирската и суздалска епархија да биде празен, без архијерејски венец. А црквата треба да се украсува со венец од звезди, како што пишува свети Јован во Откровението (Откр. 12, 1). Во тоа време, по благоволението на Началникот на пастирите - Исус, Кој некогаш паствата на овците свои ја довери на христоубивиот Симон Петар, овој блажен Симеон, кој гаеше особена љубов спрема Неговата Богомајка, беше издигнат на пастирскиот престол, на од Бога чуваните градови Владимир и Суздал. Така венецот на таа црква очигледно се украси со звездена светлина и нејзиниот престол заблеска како сонце. На таа висока положба овој добар пастир заблеска уште повеќе со своите добри дела, просветувајќи со науката, загревајќи со љубовта, живот давајќи со благодатта од Бога измолена. Блажениот Симеон се замислуваше себеси како утринска звезда, која го објавува крајот на ноќта и почетокот на денот, и затоа на сите можни начини ги чуваше своите овци од делата на темнината со грев помрачени, и ги упатуваше на светли дела просветени со благодатта. Тој се трудеше неговиот престол да блеска како сонце, и лично се трудеше ревносно да го пасе своето стадо.
Така блажениот Симон се подвизуваше околу паствата поверена од Бога, и во исто време не ги напушташе своите монашки трудови, секогаш имајќи ги на ум подвизите на преподобните Отци печерски, и радувајќи се што се удостои тука да го прими светиот ангелски образ, и да биде нивен сожител. Затоа ги призиваше на помош нивните молитви кон Бога, и со нивното посредство и благодатта Божја успешно ја раководеше својата паства, та врз него се исполни и се останато, што Исус синот Сирахов му го препишува на старозаветниот свештеник Симон, кој Му угоди на Бога. Покрај останатото, тој за првосвештеникот Симон пишува дека бил како небесно виножито, како ружа, како крин, како миризливо ливанско стебло, како жар и темјан во кадилница, како златен сад, како маслина, и како кипарис (кн. Исус син Сирахов 50, 8-11).
Сите овие пастирски доблести, вака преносно изразени, ги поседуваше и овој наш пастир, кој многу се трудеше околу зачувувањето на мирот меѓу луѓето. Тоа го отсликува небесното виножито. Со своите дела тој сите ги поучуваше на трпение, растејќи како ружа меѓу трњето, при обработувањето на духовното лозје на својата паства. Со збор и со дело, тој ги упатуваше сите на духовна чистота, како да засадува бел крин. Ги поучуваше сите на молитва кон Бога, како да го умножува миризливото ливанско цвеќе. Во своите неволји Му благодареше на Бога, и така ја учеше и својата паства, претставувајќи се себе си како темјан кој мириса врз жарта. Им го предлагаше на сите златниот сасуд на љубовта и мудроста духовна. Ја вкоренуваше во паствата својата маслина на милосрдието, и њубовта спрема ближниот. Исто така, тој во својата паства гаеше непрекинато размислување за Бога, како превисок кипарис.
Овие доблести блажениот Симеон ги испиша на таблицата на своето срце уште во светиот Печерски манастир, учејќи се на нив од житијата на светите угодници печерски. Затоа имаше пламена желба и останатите благочестиви луѓе да ги запознае со животот на печерските подвижници, па реши да состави писмен опис на животот на светите печерски подвижници. Но, бидејќи во тоа време поради многуте војни и метежи беа изгубени многу книги, па почнале да се забораваат настаните опишани во нив, а и многу работи воопшто не биле запишани, блажениот Симеон започна со голема ревност да ги испрашува очевидците на разните чудеса што се случувале во печерската обител, и сето тоа го собираше како мудра пчела на едно место. Тој не просвети со светлината на сонцето, месечината и звездите, бидејќи ни ги опиша чудесата на преподобниот Антониј, тоа блескаво сонце, и чудесниот оков на кКивотот на преподобниот Теодосиј - таа прекрасна полна месечина, и на тој опис му ги додаде на небото подобните свети цркви печерски, чиј што престол навистина блескаше како сонце. Сето тоа преподобниот Нестор го внел во првиот дел на Патерикот. Освен тоа блажениот Симеон во посланието до Поликарп дал податоци за животот на многу печерски подвижници, кои со своите подвизи блескале како звезди. Тоа влегло во вториот дел на Патерикот. Подоцна преподобниот Симеон му упати уште едно послание на истоимениот Поликарп, во кој зборува за подвизите на многу други печерски подвижници. Од списите на овој блажен Симеон се гледа дека имал преголема вера и њубов спрема Пресвета Богородица и преподобните отци печерски Антониј и Теодосиј, та се чини дека неразделно со овие отци живеел во пештерата, зашто тој само со телото живееше во епархијата, а со душата и умот постојано беше со овие светители. Како што апостол Симон Петар беше најпламен љубител на Господа Христа, така и овој истоимен пастир се истакна како најплеменит љубител на Пресвета Богородица и нејзината Печерска обител.
Во деновите на блажениот Симеон се појави огромно знамение на небото над Печерската обител: жена, невенчана невеста, Пречиста Богородица, под своите нозе имаше не само светлина месечева, туку и звездена и сончева, зашто овој добар пастир блескаше со своите добри дела насекаде. При тоа, тој покажуваше огромно смирение, и како епископ во своите посланија пишуваше дека би му било чест во светиот Печерски манастир да биде ѓубре кое минувачите го газат и разнесуваат со нозете.
Овој добар пастир се потруди многу, хранејќи ги своите духовни овци не со смртна, туку со животворна храна, зашто и со својот живот и во своите книги им ги предлагаше житијата на светите Печерски подвижници.
Помина дванаесет години на архипастирскиот престол, и отиде кај пастирите кои седат на дванаесет престоли, и кај самиот Пастироначалник, Господ Исус, да прими од Него несвенлив венец на славата. А неговото чесно тело, согласно со неговата желба, изразена во посланијата до блажениот Поликарп, и неговата њубов спрема светите печерски подвижници, беше положено во печерските пештери, каде и досега стои негнилежно и целосно, во чест, слава и пофалба на Отецот и Синот и Светиот Дух, Едниот Бог во Троица, сега и секогаш и низ сите векови, амин.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ БРАЌА МАЧЕНИЦИ АЛФИЈ, ФИЛАДЕЛФ И КИПРИЈАН
Овие свети маченици се родија во Италија. Алфиј, Филаделф и Кипријан беа родени браќа, синови на италијанскиот кнез Виталија. Во христијанската вера ги поучи и крсти еден човек,
по име Онисим. Во тоа време од Рим беше издадена наредба да бидат гонети христијаните во нивниот крај. Кога се обелодени дека се христијани, тие заедно со Онисим, Еразмо и други четиринаесет христијани беа упатени во Рим, кај царот Ликиниј. По наредба на Ликиниј, на Онисим му ставија огромен камен на градите. Така тој почина. А пак на Еразмо и останатите четиринаесет свети маченици им ги отсекоа главите со меч. Алфиј, Филаделфи Кипријан ги испратија на Сицилија, и таму ги убија за верата: на Алфиј му го отсекоа јазикот и тој искрвари; Филаделф го изгореа на вжештена железна решетка, а Кипријан - на тава.
Овие свети маченици пострадаа во 251 година.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ИСИХИЈ
Светиот маченик Исихиј пострада за време на царувањето на Максимијан. На царскиот двор Исихиј го заземаше првото место. Беше магистријан и живееше во Антиохија. Максимијан ги отпушти од воената служба христијаните и им дозволи да бидат само наемнички слуги. Тогаш многу христијани ги напуштија своите војнички функции и доброволно стануваа наемнички слуги. Меѓу нив беше и славниот Исихиј. Кога дозна за тоа, Максимијан му нареди на Исихиј да ја соблече скапоцената облека на висок достоинственик, да облече груба власеница, и да биде приклучен кон женската послуга.
Неколку дена потоа Максимијан го повика Исихиј и го праша:
- Исихиј, кажи ми, зарем не ти е срам да останеш во такво бесчестие?
Светителот на тоа му одговори:
- Честа што ја имав од тебе е привремена.
По таквиот одговор Максимијан нареди да му врзат воденички камен околу вратот, и да го фрлат во реката.
Така светиот маченик Исихиј го заврши својот живот и се пресели кај Господа, Давателот на венецот на вечниот живот.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ИСИХИЈ
Свети Исихиј се роди во градот Адрапани. Беше добар, кроток и смирен човек. Тој Го молеше Бога да му посочи место каде би можел да го минува животот во безмолвие и богоугодништво. Преку божествено откровение му беше наложено да се насели во гората Мајона, во близина на морскиот брег. Тој отиде таму и остана многу години.
Потоа покрај една блиска вода подигна црквичка во име на свети Андреј, и тука во богоугодни подвизи го помина остатокот од својот живот. Направи многу чудеса и се пресели кај Господа.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ЛАВРЕНТИЈ
Беше монах и се подвизуваше во Египет во шестиот век. Се одликуваше со необична смерност и се упокои во мир.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ЛАВРЕНТИЈ
Преподобниот Лаврентиј најпрвин се подвизуваше во Великата Лавра на Света Гора, а потоа премина во околината на градот Волос, во Тесалија, каде подигна манастир посветен на светиот архиѓакон Лаврентиј (се слави на 10 август), а исто така и скит посветен на Преображението Господово и светиот Пророк Илија.
Овој преподобен отец живееше во времето пред турските наезди, и се упокои во мир.