24. Мај (11. Мај)
ЖИТИЈАТА НА НАШИТЕ ПРЕПОДОБНИ ОТЦИ МЕТОДИЈ И КОНСТАНТИН, во монаштво КИРИЛ, учители и просветители Словенски и Македонски
Благиот и семоќен Бог привел од небитие во битие сè што е видливо и невидливо, и го украсил со секаква убавина, така што човекот, додека созерцава и размислува, може делумно да разбере и да Го познае Оној, Кој создал такви чудесни и многубројни дела, бидејќи според големината и убавината на созданијата, преку размислување, се познава и нивниот Творец (сп. Мудр. Сол. 13, 5), Кого што Го воспеваат ангелите со трисвети гласови и Кого сите православни луѓе Го славиме во Света Троица, односно во Отецот и Синот и Светиот Дух, Кој е во три Ипостаси, но во едно Божество. Зашто пред сите времиња и години, над секој ум, несфатливо и за бестелесните сили, Самиот Отец Го роди Синот, како што вели Премудроста: „Ме роди пред сите ридови“ (Изреки 8, 25). И самото Божјо Слово, Кое во последните години се овоплоти заради нашето спасение, со својата пречиста уста, во Евангелието вели: „Јас сум во Отецот и Отецот е во Мене“ (Јн. 14, 11). Од истиот Отец исходи и Светиот Дух, како што рече самиот Син со својот Божји глас: „Духот на вистината Кој излегува од Отецот“ (Јован 15, 26). Тој Бог ја создаде сета твар, како што вели Давид: „Преку Словото на Господа се утврдија небесата и преку
Духот на устата Негова - сите нивни сили, зашто Он рече, и тие настанаа, Он заповеда и се создадоа“ (Пс. 32, 6, 9). Пред се го создаде човекот, земајќи прав од земјата и вдахнувајќи му од Себе душа со животворен здив, па му даде дар на разум и слободна волја, за да влезе во рајот. Му даде и заповед за искушување та, ако ја запази, да остане бесмртен; ако пак ја прекрши, да умре по своја волја, а не по Божја заповед.
А кога ѓаволот го виде човекот така почестен и издигнат на она место, од кое тој отпадна поради својата горделивост, направи тој да ја престапи заповедта. Затоа Бог го истера човекот од рајот и го осуди на смрт. Оттогаш ѓаволот почна да го искушува и да го соблазнува човечкиот род со многу измами.
Но, милостивиот и штедар Бог, Кој очекува луѓето да се покајат, та сите да се спасат и да достигнат до познание на вистината - зашто Он не ја сака смртта на грешникот, а покајание и живот, макар што човекот е многу наклонет кон злото - не оставил човечкиот род да отпадне поради слабост, да се подаде на ѓаволска соблазна и да загине, но преку сите времиња и години не престанува да ни прави многу благодејствија: најнапред преку патријарсите и отците, потоа преку пророците, а по нив преку апостолите и мачениците, праведните мажи и учителите, избирајќи ги од овој многуметежен живот. Господ ги знае Своите луѓе, како што рече: „Моите овци го слушаат Мојот гласи Јас ги познавам и ги повикувам по име; и тие одат по Мене, и Јас ќе им дадам живот вечен; и никогаш нема да загинат; и никој не ќе ги отме од раката Моја“ (Јн. 10, 27-28). Тоа Он го стори и во наше време за нашиот род, кога ни ги издигна овие учители, кои што го просветлија нашиот народ, кој поради слабост, а уште повеќе со Гаволска измама, си го беше помрачил разумот, и „не сакаше да оди во светлината на Божјите заповеди“ (Исаија 42, 24). А нивното житие, коешто, макар и накратко раскажано, ни покажува какви беа тие, па кој сака, слушајќи го ова, да ги подражава, примајќи ја бодроста и отфрлајќи ја мрзливоста, како што рекол апостолот: „Угледајте се на мене, како што и јас на Христа“ (1 Кор. 11, 1).
Во времето на иконборните цареви Лав Ерменин, Михаил Травлос, и потоа синот Михајлов Теофил, во градот Солун живееше еден благороден и богат човек на име Лав, со воен чин стотник. Тој беше благоверен и праведен, и ги пазеше сите Божји заповеди, како некогаш Јов. Неговата сопруга се викаше Марија. Ним им се родија седум деца, меѓу кои двете светила на светот, просветителите на словенските земји, нашите македонски наставници и учители Методиј и Константин, кој во монаштвото беше наречен Кирил. Методиј беше постариот а Константин нивното седмо најмало дете.
Методиј на почетокот служеше во војската како И неговиот татко. Дознавајќи дека е добар војник, царот го назначи за војвода и го испрати во една словенска покраина. Тоа се случи по Божја промисла, за Методиј да го научи словенскиот јазик, како иден духовен учител и пастир на Словените. Поминувајќи десет години како војвода, тој ја увиде таштината на житејските грижи. Заедно со тоа и иконоборниот цар Теофил започна да ги гони православните, поради почитувањето на светите икони. Од тие две причини, Методиј го остави војводството и сите убавини на овој свет, отиде на гората Олимп, се замонаши и во ангелскиот лик Му служеше на Царот небесен, војувајќи против невидливите непријатели - злите духови.
Блажениот Константин, кој се роди по Методиј, уште од колевка пројавуваше нешто необично. Кога неговата мајка по раѓањето го даде на доилка да го храни, тој никако не сакаше да прими туѓо млеко, туку се хранеше само со млекото од мајчините гради. Тоа се случи по Божја промисла, за добрата гранка да биде отхранета од добар корен со чисто млеко. Неговите родители многу се восхитуваа на тоа, и веднаш по раѓањето на Константин, тие се заветија дека ќе водат чист живот како брат и сестра. Така поживеаја четиринаесет години, се до својата смрт. Пред смртта на својот сопруг, Марија плачеше и зборуваше:
- За ништо друго не се грижам, освен за тоа како ќе се одгледа Константин.
Лав и одговори:
- Верувај ми, жено, јас се надевам во Бога, дека Господ Бог ќе го направи духовен татко на многу христијани.
Така и се случи. На седумгодишна возраст детето сонуваше чуден сон, кој го раскажа на татка си и мајка си, зборувајќи:
- Сонував како војводата ги собра сите девојки од нашиот град, па ми рече: „Одбери си која од нив сакаш да ти биде невеста и помошничка“. Откако внимателно ги погледнав, јас видов една најубава меѓу нив, со светло лице, богато украсена со многу скапоцени наките. Името и беше Софија, тоест Премудрост. Неа ја избрав.
Кога ги слушнаа овие зборови, родителите многу се зарадуваа и му рекоа:
- Сине, пази ја заповедта на татка си и не отфрлај ја поуката на мајка си; зашто заповедта на законот е светилник и светлина. Кажи и на Премудроста: „биди ми сестра“, и мудроста направи ја своја сродница. Зашто Премудроста сјае повеќе од сонцето, и ако неа ја земеш за сопруга, со неа ќе се избавиш од многу неволји.
Кога го дадоа да учи, во учењето Константин со бистрината на својот ум преуспеваше во науката повеќе од сите други ученици, та им беше за чудење на сите.
Еден ден, според обичајот кај синовите на богатите да си прават забави со лов, заедно со своите врсници излезе и тој во поле, земајќи го својот сокол. И само што го пушти, по Божја промисла дувна силен ветар и го однесе. Тоа многу го натажи Константина, та два дена не вкуси ништо. Така, милостивиот Бог со своето човеКоњубие, не сакајќи момчето да се привикне на житејските задоволства, со тој сокол лесно го улови: како што некогаш го улови Плакида! преку еленот за време на лов, така сега и Константин преку соколот. А тој, размислувајќи за суетата на овој живот, зборуваше:
- Каков е овој живот, кога радоста неминовно носи жалост? Од денес ќе тргнам по друг пат, подобар од овој, и нема да ги трошам своите денови во метежот на овој живот.
Од тој ден, тој започна времето да го минува во својот дом, трудејќи се ревносно да ги изучи науките, а особено учењето на свети Григориј Богослов?. Спрема овој светител тој гаеше огромна љубов и многу работи од неговите дела знаеше напамет. Нацрта на зидот крст и под крстот напиша:
„О, светителу Божји, Григориј Богослов! Човеку по тело и ангелу по дух! Ти, иако си човек по тело, навистина се јавуваш како ангел, зашто устата твоја, како уста на серафим, со славословие Го прославува Бога, и ја просветува целата вселена преку разјаснување на правата вера. Те молам, прими ме и мене, кој коленичам пред тебе со вера и љубов, и биди ми учител и просветител“.
Така се молеше Константин.
Вдлабочувајќи се многу во беседите на свети Григориј Богослов и во нивната голема мудрост, и не можејќи да ја разбере длабочината на смислата, тој падна во големо униние. А таму имаше еден туѓинец, кој беше опитен во граматиката. Отиде при него, му падна пред нозете, откривајќи му ја душата и молејќи го:
- Научи ме добро во граматиката.
А тој, погребувајќи го својот талант, му рече:
- Момче, не труди се залудно. Се зареков дека до крајот на животот нема да учам никого на тоа.
Но момчето со солзи го молеше:
- Земи го целиот дел што ми припаѓа од имотот на татко ми, само научи ме.
Тој не сакаше ни да го слуша, па Константин се врати во својот дом и пребиваше во молитва, за да го добие тоа што го бараше неговото срце.
Во тоа време умре царот Теофил и на престолот стапи неговиот син Михаил, со својата благочестива мајка, царицата Теодора. Бидејќи царот беше малолетен, за воспитувачи му поставија тројца угледни големци: доместикот Мануил, патрицијот Теоктист и логотетот Дром.
Тогаш „Бог ја исполни желбата на оние кои Му се бојат“. Царскиот управник, логотетот Дром, кој беше пријател на Константиновите родители, познавајќи го Константина како многу паметно и грижливо момче, и слушајќи за неговите дарби, го повика заедно со младиот цар Михаил да ги изучува науките, за царот да се огледа на Константин во трудољубието. Пресреќен, Константин тргна на пат, молејќи се на Бога со соломоновата молитва:
„Боже на Отците и Господи на милоста, Ти си го створил човекот. Дај ми мудрост и не исфрлај ме од бројот на децата Твои, зашто сум слуга Твој и син на слугинката Твоја. Дај ми во сите денови на мојот живот да знам што Ти е угодно Тебе, мојот Господ Бог.“
Во Цариград Константин живееше во домот на великодостојникот и во царскиот двор. За три месеци тој ја изучи граматиката, потоа Хомер и геометријата, а дијалектиката и философијата ги изучуваше кај Лав? и Фотиј. Освен тоа, тој ја изучи реториката, аритметиката, астрономијата, музиката и останатите елински науки. Добро знаеше на само грчки, туку и латински, сириски и други странски јазици. Со својот ум и трудоњубие ги восхитуваше своите учители, и подоцна поради својот исклучителен успех во философијата беше наречен философ. Беше мудар не само во науките туку и во животот. Го негуваше во себе целомудрието и останатите добродетели. Се исполни со нив, зашто благодатта Божја обитаваше во неговото чисто срце, упатувајќи го на секое добро дело. Од неговиот лик зрачеше благост. Разговараше со оние од кои можеше да извлече нешто полезно, а ги одбегнуваше оние што паѓаа во зло. Гледаше и правеше само едно: како да го придобие небесното наместо земното, да се ослободи од ова тело и да живее во Бога.
Логотетот Дром многу го сакаше и почитуваше и му даде власт над целиот свој дом, и му дозволи слободно да влегува во царските палати, оти му беше мил и на царот. Еднаш логотетот го праша Константина:
- Кажи ми, Философе, што е философија?
Константин одговори:
- Философијата е познавање на божествените и човечките дела, кое што учи до колку човекот може да се приближи до Бога, и како преку дела да стане образ и подобие на Оној, Кој го создал човекот според Својот образ.
Тогаш логотетот уште повеќе го засака Константина, и сакаше тој да го упати во философијата. Константин накратко му ја изложи нејзината суштина, а логотетот му оддаде огромно признание, па дури му предложи и злато, што Константин го одби.
Логотетот Дром имаше духовна ќерка, кума од светото крштение. Таа беше многу убава девојка од благородно потекло, на која тој И беше старател по смртта на нејзините родители. Тој сакаше да ја омажи за Константина, и на сите можни начини се трудеше да го оствари тоа. Затоа вака му зборуваше:
- Твојата убавина и мудрост те чинат неодоливо сакан. Јас имам духовна ќерка. Таа е убава, богата, од добро и благородничко потекло. Ако сакаш, земи ја за своја жена. Од царот ќе добиеш огромни почести и кнежевство, а набрзо ќе бидеш поставен и за војвода.
- Тоа е огромен дар за оние што сакаат, - одговори Константин, - но за мене нема ништо подрагоцено од учењето со кое стекнувам знаења, вистинска чест и вистинско богатство.
По ваквиот одговор логотетот отиде кај царицата и и рече:
- Младиот философ не ја сака суетата на овој живот. Треба да се потрудиме да го задржиме до нас. Тоа ќе го сториме ако го наговориме да прими свештенички чин и го назначиме за библиотекар во патријаршијата при црквата „Света Софија“. Единствено така можеме да го задржиме.
Тие така и постапија со него. Константин беше ракоположен за свештеник и поставен за библиотекар при црквата „Света Софија“. Но, не остана долго тука, туку без никој да знае отиде во Златниот Рог, и таму се сокри во еден манастир. Логотетот и царот долго го бараа, но го најдоа дури по шест месеци. Не успеаја да го наговорат повторно да ја прими должноста библиотекар, но го кандисаа да биде учител по философија во главната Цариградска школа.
Во тоа време патријархот Јован! го превзеде гонењето против светите икони. Тогаш беше свикан собор на кој беше донесена одлука овој патријарх да се отстрани од престолот. Против таквата соборна одлука Јован зборувал:
„Мене насилно ме отстранија, но не ме изобличија, бидејќи никој не може да им се спротивстави на моите зборови“.
Царот со новиот патријарх го испрати Константин кај Јован, со ваква порака:
„Ако си во состојба да го победиш ова момче, ќе бидеш вратен на престолот“.
Гледајќи толку млад философ пред себе и, незнаејќи ја зрелоста на неговиот ум, Јован му се обрати на Константин и на останатите пратеници:
- Вие не сте достојни ни за моето подножје. Како ќе спорам со вас?
Константин му одговори:
- Не држи се до човечките обичаи, туку гледај на заповедите Божји. Како што си ти создаден од Бога од земја и душа, така сме и сите ние. Затоа, гледај во земјата, човече, и не биди горделив!
Јован возврати:
- Глупаво е да се бара цвеќе во есен. Исто така, глупаво е да се испраќа старец во војна.
- Ти самиот се изобличуваш себе си. Кажи ми, во која возраст душата е посилна од телото? - возврати Философот.
- Во староста - одговори Јован.
Философот го праша:
- На каква војна те предизвикуваме ние: на телесна или на духовна?
Јован одговори:
- На духовна.
Тогаш философот рече:
- Според тоа, сега ти треба да бидеш посилен, и затоа немој да се служиш со такви споредби. Ние не бараме цвеќе во невреме, ниту те предизвикуваме тебе на препирање.
Вака посрамен, старецот го сврте разговорот на друга страна и праша:
- Кажи ми, момче, зошто не се поклонуваме на крстот и не го целиваме кога тој е скршен, а вие не се срамите да почитувате една икона дури и тогаш кога таа е насликана само до градите?
Философот одговори:
- Крстот има четири дела и, ако недостасува еден од нив, тој го губи својот облик; а иконата само со лицето го покажува образот и подобието на оној што е насликан. Оној што ја гледа, не гледа лице на лав или рис, туку го гледа ликот на првообразот.
Тогаш старецот рече:
- А зошто вие се клањате на крст и кога нема натпис на него, а пак на иконата не и оддавате почит ако е без натпис?
Философот одговори:
- Затоа што секој крст има облик на крстот Христов, додека иконите немаат еден лик туку се различни.
Најпосле старецот праша:
- Зошто вие им се поклонувате на иконите, кога Бог веќе му заповедал на Мојсеј: „Не прави за себе идол, ниту некаква слика на она што е горе на небото, што е долу на земјата и што е во водата под земјата“ (Исход 20, 4)?
На тоа Философот одговори:
- Ако Бог беше рекол: „не прави никаков лик“, тогаш ти би бил во право; но, Господ рекол: „не секаков, т. е. (не прави) недостоен лик“.
Не можејќи да одговори на ова, старецот се засрами и замолкна.
По извесно време дојдоа во Цариград пратеници од неверните Агарјани, наречени Сарацени, кои ја беа освоиле Сирија. Овие Сарацени уште за време на царот Теофил, со допуштање Божјо, зачекориле во Грчката земја и го срушиле прекрасниот град Амореја". Од тоа време, тие се гордееја со својата сила и, потсмевајќи им се на христијаните, испратија во Цариград посланија, во кои хулеа на Пресвета Троица. Во нив Сарацените пишуваа:
„Како вие, христијаните, кои верувате дека Бог е еден, ваму го делите на три, велејќи дека е Отец, Син и Дух? Ако можете тоа да го протолкувате јасно, тогаш испратете ни луѓе, кои би можеле да разговараат со нас за вашата вера и да не убедат“.
Тогаш блажениот Константин имаше дваесет и четири години.
Царот и патријархот свикаа собор, го повикаа и Константин, и му рекоа:
- Слушаш ли, Философе, што зборуваат поганите Агарјани за нашата вера? Ти, како слуга и ученик на Света Троица, оди и изобличи ги. А Бог, Кој е извршител на секое дело, Кој се слави во Троица - Отец, Син и Свети Дух, - нека ти даде благодат и сила на зборовите, нека те претстави како втор Давид, кој со три камена го победи Голијат, па потоа среќно нека те врати кај нас, удостоен на Царството Небесно.
Философот одговори:
- Со радост ќе појдам за верата христијанска. Што може да биде подобро за мене на овој свет, освен да живеам и да умрам за Света Троица?
Тогаш на Константин му дадоа двајца писари и го испратија кај Сарацените. Блажениот Константин одеше таму, ревнувајќи апостолски за Христа и чезнеејќи да пострада за Него.
Кога стигнаа во престолнината на сараценското кнежество Самара, која лежи на реката Еуфрат, во која живееше сараценскиот кнез Амирмушна, тие здогледаа чудни и одвратни работи, што ги чинеа безбожните Агарјани, потсмевајќи им се на христијаните кои живееја благочестиво во Христа во тие места. По наредба на сараценските власти, на вратите од христијанските домови однадвор беа насликани ликови на демони. Со тоа Агарјаните сакале да покажат дека тие се гнасат од христијаните како од демони. Штом Константин стигна меѓу Сарацените, тие, укажувајќи му на демонските ликови, прашаа:
- Можеш ли, Философе, да разбереш што значат овие слики?
Тој одговори:
- Гледам демонски ликови, и мислам дека таму живеат христијани. А демоните, бидејќи не можат да живеат внатре заедно со христијаните, бегаат од нив и престојуваат надвор. Онаму пак, каде што нема вакви слики на вратите, несомнено демоните живеат внатре, заедно со луѓето со кои се спријателиле.
Кога Сарацените го повикаа Константин на ручек во палатата на кнезот, на трпезата седеа луѓе паметни и книжевни, кои ги знаеја геометријата, астрономијата и другите науки. Тие го прашаа Константина, искушувајќи го:
- Ја гледаш ли, Философе, оваа чудесна работа: пророкот Мухамед нам ни донесе блага вест од Бога и обрати многу народ, и сите ние цврсто се држиме до неговиот закон и не менуваме ништо. А вие, законот Христов го држите едни вака, други инаку, кој како сака.
Блажениот Константин одговори:
- Нашиот Бог е како морска бездна. За Него пророкот вели: „Родот негов кој ќе го искаже? Зашто од земјата се зема животот Негов“ (Исаија 53, 8). Од таа причина и нашиот учител свети апостол Павле извикува, говорејќи: „О, каква длабочина на богатството, премудроста и знаењето на Бога! Колку се неиспитливи Неговите судови и неразбирливи Неговите патишта.“ (Рим 11, 33). Затоа мнозина, за да Го најдат, се впуштаат во таа бездна, и само оние што имаат силен ум стекнале помош од самиот Господ. Тие безбедно пловат по морето на недостижноста Божја и го пронаоѓаат богатството на разумот и спасението. Оние, пак, со слаб ум, и заради својата вообразеност лишени од помошта Божја, се обидуваат, со гнили кораби да го препливаат морето, но не успеваат, и едни се дават паѓајќи во ерес и заблуди, а други со мака едвај стојат на едно место, колебани со неизвесност и сомнеж. Тоа е причината што многумина меѓу христијаните, како што велите вие, се разликуваат по верата. Толку за верата, а за делата на верата ќе ви го кажам ова: Законот Христов не е некој друг, туку оној исти што Бог му го даде на Мојсеј на Синај: „Не убивајте, не крадете, не вршете прељуба, не сакајте туѓо, и останатото. Зашто нашиот Господ рече: „Не сум дошол да го нарушам законот, туку да го исполнам“ (Мт. 5, 17). А за совршен живот и подобро богоугодување Он даде совет да се води чист, девственички живот, и да се чинат дела кои водат во вечниот живот, по тесниот и тажен пат. Но, Господ не го присилува човекот на ваков живот и вакви дела. Бог го створил човекот помеѓу небото и земјата, помеѓу ангелите и животните: со разумот и паметта го издвои од животните, а со гневот и похотите - од ангелите. Му даде слободна волја да прави се што сака, и да се дружи со она на што ќе се приближи: или да се дружи со ангелите служејќи Му на Бога, како што го учи човекот неговиот просветен разум, или да се дружи со неразумните животни, служејќи им на телесните желби без воздржување. А бидејќи Бог го створил човекот со слободна волја, Он сака ние да се спасуваме не под присила, туку по наша слободна волја и вели: „Кој сака да оди по мене, нека се одрече од себе, нека го земе крстот свој и нека оди по Мене“ (Матеј 16, 24) ; „Кој може да прими, нека прими“ (Матеј 19, 12). Некои од верните христијани одат во овој живот по лесниот пат, т. е. според законите на природата живеат целомудрено во чесен брак, и разумно патуваат кон Господа; некои пак имаат поголема ревност за Господа, и сакаат да бидат посовршени слуги Негови, па се зафаќаат со натприродното, со ангелскиот живот, и одат по тесниот пат. Тоа е причината што меѓу христијаните некои се разликуваат по животот.
А вашата вера и закон - продолжи Константин - немаат никакви тешкотии. Тие се слични, не на морето, туку на мал поток, кој може без многу напор да го прескокне секој. Во вашата вера и вашиот закон нема ништо божествено и боговдахновено, туку само човечки обичаи и телесно умување, кои можат лесно да се извршуваат. Вашиот законодавец Мухамед вам и не ви дал некоја заповед што е тешко да се исполни. Тој вас дури не ве ни зауздал од гневот и од разузданата похота, туку ви дозволил се. Затоа вие еднолично го исполнувате неговиот закон, како даден според похотите ваши. А нашиот Спасител Христос не постапил така. Самиот пречист и извор на секоја чистота, Он сака и слугите Негови да живеат свето и чисто, далеку од секоја похота, и по пат на духовна чистота да се соединуваат со Чистиот, бидејќи во Неговото царство нема да влезе ништо нечисто (Откр. 21, 27).
Тогаш сараценските мудреци го прашаа Константина:
- Како вие, кога Бог е еден, Го славите во Три Лица и го именувате Отец и Син и Свети Дух? Ако пак Бог може да има Син, тогаш дајте му и жена, за од Него да се расплодат многу богови.
Христијанскиот Философ одговори:
- Немојте да хулите на Надбожествената Троица, Која научивме да ја исповедаме од древните свети пророци, кои и вие не ги отфрлате сосем, оти се држите до нив со обрезанието. Тие не учат дека Отецот, Синот и Духот Свети се три Ипостаси додека суштината им е една. Нешто слично имаме кај сонцето. Создадено од Бога по укажување на Света Троица, сонцето се состои од: облик, светлина и топлина. Обликот (топката) е подобие на Бога Отца, зашто како што таа нема ни почеток ни крај, така и Бог е беспочетен и бескраен. И како што од сончевата топка излегува светлина и топлина, така и од Бога Отца се раѓа Синот и исходи Светиот Дух. Сончевата светлина, што ја осветлува оваа вселена е подобие на Бог Синот, Кој е роден од Отецот и јавен во овој поднебесен свет. Сончевата пак топлина, која происходи од топката заедно со светлината, е подобието на Бога Духот Свети, Кој заедно со родениот Син предвечно происходи од истиот Отец, макар што во времето им се испраќа на луѓето и од Синот, како што на пример, им беше испратен на апостолите во вид на огнени јазици. И како што сонцето, состоејќи се од облик, светлина и топлина, не се дели на три сонца, иако секоја од тие три работи има свои посебни својства - така и Пресвета Троица, иако има Три Лица: Отецот, Синот и Светиот Дух, сепак Божеството не се дели на три Бога, туку е еден Бог. Се сеќавате ли што вели Светото Писмо за тоа како Бог му се јавил на Авраам кај Маврискиот даб, чие обрезание вие го чувате? Бог му се јави на Авраам во три лица: „Подигајќи ги очите свои, Авраам виде Тројца мажи како стојат пред него. Кога ги здогледа, тој се стрча... “ (1 Мојс. 18, 2-3). Обратете внимание: Авраам виде пред себе Тројца, а им се обраќа како на Еден, говорејќи: „Господи, ако сум нашол милост пред Тебе“. Без сомнение овој свети праотец Го исповеда едниот Бог во Три Лица.
Незнаејќи како да се спротивстават на учењето за Света Троица, сараценските мудреци молчеа. Потоа прашаа:
- Како вие, христијаните, зборувате дека Бог се родил од жена? Зарем Бог може да се роди од женска утроба?
Философот одговори:
- Не од проста жена, туку од небрачна Пречиста Дева се роди Бог Син со дејството на Светиот Дух, Кој во пречистата и пресвета девствена утроба Нејзина, на неискажан начин го основа телото на Христа Бога и со Зборот Очев устрои натприродно воплотување и раѓање. Затоа и Дева, која Го зачна од Духот Свети, како што пред раѓањето беше Дева, така и во раѓањето, и по раѓањето, остана чиста Дева, по благоволението Божјо, на чија што волја се покорува секое створение, според зборовите на црковната песна: „Каде што Бог сака, таму се менуваат природните закони“. А дека Христос се роди од чиста Дева со Духот Свети, сведочи и вашиот пророк Мухамед, пишувајќи го следното: „Ние го испративме нашиот Дух Свети кај Чистата Дева, за да роди“ (Коран, сура 19, 17). Од ова јас ви давам објаснување за Троица.
На тоа Сарацените рекоа:
- Ние не спориме дека Христос се родил од чиста Девица, само не го нарекуваме Бог.
Блажениот одговори:
- Кога Христос би бил прост човек, а не воедно и Бог, тогаш зошто би било потребно за зачнување на обичен човек да дејствува Духот Свети во пречистата девствена утроба? Обичниот човек се раѓа и од брачна жена, а не од небрачна девица, и се зачнува на природен начин од мажот, а не со особено дејство на Светиот Дух.
Сарацените прашаа:
- Ако Христос е ваш Бог, тогаш зошто не постапувате како што Он ви заповеда? Он ви заповеда да се молите за непријателите, да им правите добро на оние што ве мразат и на оние што ве гонат, и да им го свртувате образот на оние што ве тепаат. А вие не постапувате така, туку спротивно на тоа. Против вашите противници вие кревате оружје, одите во војна, убивате...
На тоа блажениот Философ одговори:
- Ако во некој закон бидат напишани две заповеди и им се дадат на луѓето на извршување, тогаш кој ќе биде вистински извршител на законот: оној што ќе ја изврши едната заповед или оној што ќе ги изврши и двете?
Сарацените одговорија:
- Се разбира дека оној што ќе ги изврши и двете заповеди.
Философот тогаш рече:
- Христос, нашиот Бог, Кој нам ни заповедал да се молиме на Бога и да им правиме добро на оние што не навредуваат, го рекол и ова: „Никој на овој свет нè може да покаже поголема љубов од оваа - душата своја да ја положи за пријателите свои“ (сп. Јн. 15, 13). А ние го правиме тоа за своите пријатели, за да не се случи со нивното телесно ропство да биде запленета и нивната душа.
Сарацените повторно рекоа:
- Вашиот Христос дал данок за себе и за другите. А зошто вие не го правите тоа и не сакате да давате данок? Кога навистина би се завземале еден за друг, тогаш вие би му давале данок за вашите браќа на така големиот и моќен народ Исмаилски. Ние, пак, малку бараме, - само еден златник. И додека постои светот, ќе го чуваме мирот меѓу себе, како никој друг.
Философот одговори:
- Кога некој оди по стапките на својот учител, и сака секогаш да го прави тоа, дали нему му е пријател или непријател човекот кој го одвраќа од тој пат?
Тие одговорија:
- Тој му е непријател.
Философот тогаш праша:
- Во времето кога Христос даде данок, кое царство беше: Исмаилското или Римското?
- Римското - одговорија Сарацените.
Тој рече:
- Затоа и ние, следејќи Го нашиот Учител Господ Христос, му даваме данок на царот кој живее во новиот Рим (Цариград) и владее со Рим. А вие, барајќи данок од нас, не одвраќате од Христовиот пат и станувате наши непријатели.
По ова сараценските мудреци му поставуваа и многу други прашања со денови на ред, искушувајќи го во сите тие вештини што и самите тие ги знаеја. Бидејќи ги надмудри и во ова, тие пак му рекоа:
- Од каде го знаеш сето тоа?
А Философот како одговор им наведе една споредба:
- Еден човек нацрпал вода од морето и ја понел во стомна. Далеку од морето тој покажувал кон стомната со вода и им зборувал на сите: „Ја гледате ли оваа вода, што Ја нема никој освен мене?“ Тогаш му пристапил еден приморец и му рекол: „Нели ти е срам да се фалиш со стомна морска вода, кога ние го имаме целото море?“ Така постапувате и вие, задавајќи ми прашања од науките што сте ги научиле од нас.
Потоа, за да го зачудат, му покажаа едно лозје, некогаш со усрдие засадено и многу напредно. Константин им објасни како се обработува таквото лозје. Тогаш Сарацените му го покажаа целото свое богатство: дворците украсени со злато, сребро и скапоцени камења, па го прашаа:
- Гледаш ли, Философе, каква сила и какво богатство има калифот, господарот на Сарацените?
Философот одговори:
- Во тоа нема ништо необично. За сето тоа треба да се слави Бог, Кој тие богатства им ги дава на луѓето да ги уживаат. Сето тоа му припаѓа на Бога и на никој друг.
Бидејќи не можеа со зборови да го победат непобедливиот, Сарацените се разгневија и го покажаа своето вистинско лице: растворија смртен отров и му дадоа да го испие. Но, Господ, „Кој им ветил на сите кои се трудат во Негово име, дека ако и смртно нешто испијат нема да им наштети“ (Марко 16, 18), го сочува својот слуга здрав и неповреден. Кога го видоа ова чудо, Сарацените чесно и со подароци од својот кнез го испратија Константин со неговите придружници во нивната татковина.
Во Цариград царот и патријархот го дочекаа блажениот Константин со пофалба за богоугодниот труд, што го поднесе меѓу Сарацените. Но, тој не се задржа долго во Цариград, туку се повлече во едно осамено и тивко место, каде целосно му се посвети на своето спасение. Не понесе никаква храна со себе, надевајќи се на прехрана од промислата Божја, во која ја положи целата своја надеж. Од храната што му ја испраќаше Бог преку христољубивите луѓе, тој ништо не оставаше за наредниот ден, туку откако ќе јадеше, останатото го раздаваше на сиромашните. Се надеваше во Бога, Кој секој ден се грижи за сите, и дарежливо ја отвора Својата рака и со Својата добрина го храни секое живо суштество.
Еднаш, на еден голем празник, неговиот слуга му се пожали дека немаат храна за тој убав ден. А блажениот Константин му рече:
- Овој, Кој некогаш ги нахрани израилците во пустината, и нас ќе не нахрани во овој голем ден. Туку оди, и повикај на ручек барем петмина сиромаси, па ќе ја чекаме милоста Божја, зашто Бог нема да не остави.
Навистина така и се случи. Кога дојде време за ручек, еден човек донесе товар со многу храна и десет златници. Блажениот го прими тоа и Му благодареше на Бога, промислителот свој.
Потоа Константин отиде на Олимп, кај својот постар брат Методија, и остана да живее со него во испосништво и монашки подвизи, минувајќи го времето во молитви и читање на книги". Дење и ноќе се занимаваше само со тоа, заедно со брата си.
Во тоа време кај царот Михаил дојдоа пратеници од Козарите, со ваква порака: „Ние пред са Го знаеме едниот Бог, Кој е над сите и Нему Му се молиме, поклонувајќи сè кон исток, но притоа почитуваме и некои наши лоши обичаи. Евреите не советуваат да ја примиме нивната вера и обреди и веќе многумина од нас ги имаат примено. Исто така, и Сарацените нè наговараат да ја примиме нивната мухамеданска вера, зборувајќи ни дека таа е најдобра од сите. Поради тоа и од вас, како стари пријатели, бараме совет и ве молиме да ни испратите некој учен маж, и ако тој ги изобличи Евреите и Сарацените, ние ќе ја примиме вашата вера.
Тогаш царот Михаил, на совет од пресветиот патријарх Игнатиј, одлучи на Хазарите да им го испрати блажениот Константин. Затоа го повика од гората Олимп. Запознавајќи го со молбата на Хазарите, царот му рече:
- Оди, Философе, кај тие луѓе, и со помош на Света Троица, благовестувај им го учењето за Пресветата Троица. Никој не може да го направи тоа подобро од тебе.
Константин одговори:
- Ако наредиш, господару, јас со радост ќе појдам таму пеш и бос, без сето она, што Господ им рекол на Своите ученици да не носат со себе.
На тоа царот рече:
- Кога би сакал да го сториш тоа од свое име, тогаш добро зборуваш, но, имајќи ја предвид царската моќ и чест, оди достоинствено и со царска помош.
Блажениот Константин, сакајќи да умре за Христа, веднаш се согласи да тргне на овој пат. Тој го замоли својот брат Методиј, кој прилично го знаеше словенскиот јазик, да појде со него, за со светлината на светата вера да ги просветува неверниците. Методиј се согласи, и тргнаа помагани со благодатта Божја, да ги спасуваат изгубените души, едниот со богословските проповеди, а другиот со молитвите пријатни на Бога. Патот ги водеше преку степите во кои живееле Угрите, денешните Унгарци. Тие биле толку страшни, што малку личеле на луѓе: облеката им била од кожи, жито не сееле, И живееле од птњачкање. Кога браќата се задржаа во степите заради молитва, беа нападнати од Угрите, кои урлаа како крволочни волци. Константин не се исплаши, и не ја остави својата молитва, туку призивајќи Го Господа, често повторуваше: „Господи помилуј“.
Угрите го здогледаа, но, по промисла Божја, се скротија и започнаа да му се поклонуваат. Константин им искажа неколку поучни зборови, по што тие им дозволија да си го продолжат патот.
Светите Браќа најпрвин се упатија во градот Херсон, кој се наоѓаше на морскиот брег, недалеку од денешниот Севастопол, во близина на границата со Хазарите. Таму тие се задржаа доста време, учејќи го хазарскиот јазик, кој бил словенски и еврејски. Тука Константин преведе осум дела од еврејската граматика и се препираше со Евреите, кои ги имаше многу меѓу Хазарите". Живееше таму и еден Самарјанин, кој доаѓаше кај Константин и разговараше со него за верата. Еднаш тој донесе самарјански книги и му ги покажа на Константин. Константин ги побара, па се затвори во својата соба и усрдно започна да Му се моли на Бога да му помогне да ги проучи. Просветлен од Бога, тој почна да ги чита книгите без грешка. Кога го виде тоа, Самарјанинот воскликна:
- Навистина, тие што веруваат во Христос бргу ја добиваат благодатта на Светиот Дух.
Синот на Самарјанинот веднаш се крсти, а по него и тој ја прими Христовата вера.
Таму Константин најде Евангелие и Псалтир, напишани со руско писмо, а и човек што зборуваше на тој јазик. Разговарајќи со него, тој ја разбра смислата на неговиот говор, споредувајќи ги различните гласови - самогласки и согласки - со својот говор и, молејќи Му се на Бога, набргу започна да чита и да зборува на тој јазик, и сите му се восхитуваа и Го славеа Бога.
Во Херсон светите Браќа дознаа дека моштите на светиот свештеномаченик Климент, папата Римски, се наоѓаат во морето. Тогаш тие го поттикнаа херсонскиот епископ да ги побара. За овие свети мошти се раскажува:
„ Кога свети Климент бил испратен на заточение од Херсон во Рим, многу луѓе обратил во христијанската вера. Тогаш игемонот Афидијан, по наредба на царот Трајан", наредил да го потопат Климента во морето, врзувајќи му котва околу вратот, за христијаните да не го пронајдат неговото тело.
Верните стоеле на брегот и со ридање го гледале потопувањето на светителот. Потоа двајцата негови најпредани ученици, Корнилиј и Фив, им рекле на христијаните да се помолат заедно, Господ да им го открие телото на светиот маченик.
Додека се молеле, морето се повлекло назад, и христијанскиот народ, како некогаш Израилците во Црвеното Море, тргнал по сувото дно, и нашол мермерна гробница, од Бога направена во облик на црква, и во неа телото на светителот и котвата со која бил потопен. Кога сакале да го земат телото од таму, двајцата ученици биле удостоени на откровение, според кое светите мошти требало да останат таму каде што се, а морето секоја година во спомен на светителот да се повлекува назад за седум дена, отворајќи им пат на оние што сакаат да им се поклонат. Тоа се случувало во текот на седумстотини години, од царувањето Трајаново до царувањето на Никифор“.
Потоа, поради гревовите на луѓето, морето престана да се повлекува назад, поради што христијаните многу тагуваа“.
Светите Браќа допатуваа во Херсон, по изминати педесет години откако светите мошти целосно се сокриле. Херсонскиот епископ, блажениот Георгиј, поттикнат од светите Браќа да ги бараат светите мошти, одлучи најпрвин да појде во Цариград кај царот и патријархот, и од нив да добие дозвола за тоа. Заедно со епископот во Херсон дојде и целиот клир на црквата „Света Софија“. Потоа сите тие, заедно со блажените учители Методиј и Константин и целиот народ, се упатија кон морскиот брег, пеејќи псалми и духовни песни. Но, морето не се повлече. По зајдисонце седнаа во еден кораб и испловија длабоко во морето. На полноќ одеднаш блесна светлина од морето, и од водата првин се појави главата, а потоа и целото тело на свети Климент. Чесните мошти беа однесени во градот и положени во црквата на Светите Апостоли, како што пишува во неговото „Обретение“, а блажените Константин и Методиј зедоа дел од нив и постојано ги носеа со себе, додека не ги однесоа во Рим.
Од Херсон тие се упатија кон Хазарската земја, меѓу Меотското Езеро и Касписката Врата на Кавкаските планини. Каганот чесно ги прими и тие му го врачија писмото од царот. Тука блажениот Константин водеше спорови со Хазарите, Евреите и Сарацените. Во нив свети Методиј речиси и не учествуваше, бидејќи беше помалку учен од Константин. Како поранешен војвода, тој добро знаеше како да се однесува со народот, отколку да води учени разговори. А Константин, кој уште од мал изучуваше разни науки и философијата, и одлично го знаеше Светото Писмо, а беше и силен проповедник, имаше одговор на секое прашање. Значи, Константин се препираше со неверниците, а Методиј со своите богоугодни молитви му помагаше.
Хазарите испратија кај Константин еден лукав и вешт човек, кој му рече:
- Вие имате лош обичај: поставувате еден цар наместо друг, и тоа од прост а не од царски род. Кај нас не е така. Сите наши кагани се од кагански род, и кај нас не може да царува никој од друг род.
На ова Константин одговори кратко:
- Зарем Бог лошо постапил кога го отфрлил неподобниот цар Саул, кој не вршел ништо богоугодно, и го одбрал овчарот Давид?
Овој пак рече:
- Вие ми зборувате поуки од книгите што ги држите во раце, а ние својата мудрост ја изнесуваме од своите гради, како да сме ја проголтале, без да се гордееме со Писмото, како што правите вие. Сета мудрост како да е затворена внатре во нас.
Константин одговори:
- Ако сретнеш човек кој тврди дека има многу облека и злато и имоти, ќе му поверуваш ли гледајќи го необлечен и со празни раце?
Хазарот одговори:
- Не, зашто кога би имал не би одел гол.
Тогаш Константин го праша:
- Ако ти, како што се фалиш, си ја проголтал сета мудрост, тогаш кажи ми колку родови има од Адама до Мојсеја, и по колку години држел секој род?
Хазарот не можеше ништо да одговори.
А Константин продолжи:
- Затоа и јас не верувам дека ти си ја собрал сета мудрост и дека не ти се потребни книги. Светите Браќа беа повикани на ручек кај Каганот. Пред да седнат, Каганот ги праша:
- Кажете ми какво е вашето достоинство, за да ве поставам според вашиот чин.
Константин одговори:
- Нашиот дедо беше од голем и славен род и стоеше близу до Царот. Но, тој не умееше да ја сочува дадената му чест и беше протеран од Царот, па отишол на туѓа земја, осиромашил и таму не родил нас. Ние сега ја бараме старата слава на нашиот дедо и не успеавме да ја достигнеме. Наш дедо беше Адам. Каганот рече:
- Гостину, ти зборуваш пристојно и правилно. Оттогаш започнаа да им укажуваат уште поголема чест. За време на ручекот, Каганот зеде чаша и рече:
- Пијам во чест на едниот Бог, Кој ја створи сета твар. А Константин ја подигна чашата и рече:
- Пијам во слава на едниот Бог, и Словото Негово, Кој преку Словото ја создаде сета твар, преку Кое се утврдија небесата, и Животворниот Дух, преку Кого стои сета сила на создадените твари (Це. 32, 6).
Тогаш каганот рече:
- Ете, ние имаме исто учење за Бога, Творецот на сите твари. Се разликуваме само во тоа што вие ја славите Троица, а ние Го славиме едниот Бог, според книгите што сме ги примиле.
На тоа Константин одговори:
- Ако од еврејските книги сте научиле дека Бог е еден, тогаш од тие исти книги познајте ја и Света Троица, зашто еврејските книги во своите пророштва освен Отецот проповедаат и Слово и Дух. Пророкот и цар Давид вели: „Преку Словото на Господ беа создадени небесата, и преку Духот на устата Негова - сите сили нивни“ (Пе. 32, 6). Ете, овде многу јасно е покажано и единството и троичноста на Господ, Неговото Слово и Дух. Господ е Бог Отец, Словото - Бог Син, Духот на устата Господова е Бог Дух Свети. Сепак не се три Господа, туку Еден Господ со Своето Слово и Духот; исто така, не се три бога во Божеството, туку Еден Бог се почитува. Обрни внимание на ова: кој би бил подобар почитувач на твојот царски образ, дали оној што ти укажува почитување само на тебе, а го презира твојот збор и духот на устата твоја, или оној што подеднакво те почитува и тебе и твојот збор и духот на устата твоја?
Каганот одговори:
- Без сомнение вториот.
Философот продолжи:
- Затоа ние, коишто подеднакво ја почитуваме Света Троица: Отецот и Синот и Светиот Дух, сме подобри и вистински богопочитувачи од вас. Таквото богопочитување ние го научивме од пророчките книги. Освен горенаведеното место ќе наведам уште. Така светиот пророк Исаија зборува за Бог Син во следните зборови: „Чуј ме, Јакове и Израиле, повикан од Мене: Јас сум истиот, Јас сум првиот и Јас сум последниот.... И сега ме испрати Господ Бог и Неговиот Дух“ (Ис. 48. 12, 16). Ова место од Светото Писмо нашите древни Отци! вака го објаснија: Кој се испраќа, ако не Синот? Од кого се испраќа, ако не од Отецот и Светиот Дух Очев?
На овој ручек беа присутни многу Евреи. Некои од нив му рекоа на блажениот Константин:
- Кажи ни, христијански философе, како може една жена да Го смести Бог во својата утроба, Кого не може дури ни да го види, а камоли да Го роди?
Тогаш философот, покажувајќи со прстот кон каганот и неговиот прв советник, рече:
- Ако некој рече дека првиот советник не може да го угости каганот, а последниот слуга може, како тогаш би го нарекле оној што зборува така: безумен или разумен?
Евреите одговорија:
- Би го нарекле безумен и тоа мошне безумен,
Тогаш Философот постави вакво прашање:
- Што е најчесно од сите видливи твари?
- Човекот, бидејќи е создаден според образот Божји. - одговорија Евреите.
На тоа Константин продолжи:
- Затоа, глупави се оние што зборуваат дека е невозможно Бог да се смести во човек, а знаат дека Он при Мојсеј се сместува и во капина. Зарем капината како бездушна и безчувствена, е повредносна од чувствената и разумна твар, која има боголика душа? Не само во капина, туку и во облак, во чад и во оган се сместувал Бог, кога им се јавил на Јов, Мојсеј и Илија (сп. Излез 19, 17-18; Јов 38,1 и 40, 1). Тогаш што има чудно во тоа што Бог се смести во највредносната душеносна твар, сакајќи да се јави на земјата и да поживее со луѓето, за да ги исцели од раните на смртта, нанесени на човечкиот род со Адамовиот грев? Кажете ми, од кого, ако не од самиот Творец, би требало да се очекува лек и обновување на родот човечки, кој паднал во гнилеж, грев и смрт? Не претскажа ли Давид: „Го испрати Своето Слово, ги исцели и ги спаси од пропаст“ (Пс. 106, 20). Затоа Словото Очево, Бог Син, дојде и ја исцели природата човечка. Како Словото би можело да го исцели човекот, ако со воплотувањето не се соединил со човекот и како фластер не се прилепил за човекот? Зарем лекарот, сакајќи да го излечи ранетиот човек, става фластер на дрво или на камен а не на болниот човек? Затоа и Бог го стави Своето Единородно Слово како фластер, не на дрво, макар што Он порано се јавил и меѓу дрвјата во капината; не на камен, макар што Он им се јавил на Мојсеј и Илија во камените гори Синај и Хорив, туку на човекот, смртно заболениот од болестите на гревот; го стави и цврсто присоедини човекот, бидејќи единородното Слово, Бог Син, благоволи под дејство на Духот Свој Свети, да се всели во чиста девствена, а не во просто женска утроба, и да се овоплоти и роди од неа, како што за тоа пророкува Исаија: „Ете, Девица ќе зачне и ќе роди Син, и ќе Му го дадат името Емануил, што значи со нас е Бог (Ис. 7, 14). Овде пророкот јасно зборува дека Бог Син ќе се роди на земјата од чиста и небрачна Девица. А дека на Бога Му било потребно да се всели во девствената утроба заради нашето спасение, сетете се што е напишано во вашите книги. Вашиот равин Акила вели дека Мојсеј, пружејќи ги рацете свои кон Бога, молел: „Господи милосрден, не јавувај ни се повеќе во гром и во глас трубен, туку всели се во утробите наши, за да ги отстраниш гревовите наши“ (сп. Исход 19, 16). Значи, ако Мојсеј Му се молел на Бога да се всели во утробите наши, зошто тогаш вие не прекорувате што ние исповедаме дека Бог се вселил во женска утроба, и тоа не просто женска, туку девствена, чиста, непорочна и небрачна? Он се вселува и во нашите утроби, кога ние христијаните се причестуваме со Него во Таинствената Жртва. Како што гледате, древната Мојсеева молитва, според сведоштвата на рабинот Акила, запишана во вашите книги, се исполнила: Бог се вселил во нашите утроби, отстранувајќи ги гревовите наши.
По ручекот сите се разотидоа, а кога пак седнаа во одредениот ден со каганот, Константин изјави:
- Ете, единствено јас сум туѓинец меѓу вас, без роднини и пријатели, а сепак расправаме за Бога, во Чии што раце е се, па и срцата напи. Додека разговараме, оние меѓу вас, што се силни на збор, за она што ќе го разберат додека јас зборувам, нека речат дека е така, а оние што нема да го разберат, слободно нека прашаат.
Eвреите одговорија со вакво прашање:
- Кажи ни, кој закон Бог најнапред го дал: Мојсеевиот или оној што вие го држите?
На ова прашање блажениот Константин им одговори со прашање:
- Дали прашувате за потоа да речете дека првиот закон е подобар?
Евреите одговорија:
- Да, затоа. Зашто секој треба да се повинува на првиот закон, бидејќи е најдобар.
Константин на тоа рече:
- Ако сакате да го држите првиот закон, тогаш одречете се од обрезанието.
Евреите го прашаа:
- Зошто така зборуваш?
Философот одговори:
- Кажете ми отворено, дали првиот закон е даден во обрезанието или пред обрезанието?
Евреите одговорија:
- Во обрезанието.
Тогаш Философот рече:
- Зарем Бог не му го даде првиот закон на Ное, нарекувајќи го завет, и тоа пред обрезанието, и по заповедите дадени на Адам во рајот и по Адамовиот пад? Зашто Бог му рече на Ное: „А, Јас, еве, го поставувам заветот Мој со вас и со вашето потомство по вас и со целата земја“ (Бит. 9, 9), кој се состои во трите заповеди: „Јадете од секое зелено растение, се што е под небото и што е на земјата и во водите (сп. Бит. 9, 3), само не смеете да ги jадете живите суштества додека во нив има душа, односно крв“ (сп. Бит. 9, 4). И уште: „Кој ќе пролее човечка крв, и неговата крв ќе се пролее од човечка рака“ (Бит. 9, 6). Зошто вие, и покрај ова велите дека го држите првиот закон?
На тоа Евреите рекоа:
- Но, заветот не е закон, зашто Бог не му рече на Ное: „Закон Мој, туку завет Мој. А ние зборуваме за законот. Философот ги праша:
- Го држите ли вие обрезанието како закон или не?
Евреите одговорија:
- Го држиме како закон.
Тогаш Философот продолжи:
- Но, Бог ни обрезанието не го нарече закон, туку само завет, зашто му рече на Авраам: „Ти држи го заветот Мој, ти и потомството твое по тебе, од колено во колено“ (сп. Бит. 17, 7-13). Ете, гледате, Бог не еднаш обрезанието го нарекол завет а не закон. Ќе го отфрлите ли тогаш обрезанието како незаконско? А, ако заветот на обрезанието го држите како закон, тогаш и заветот даден на Ное сте должни да го држите како закон, и да го нарекувате прв закон, кој што Бог му го даде на човечкиот род, протераниот од рајот и сочуваниот од потопот.
Евреите одговорија:
- Не! Само законот даден на Мојсеј е закон, и ние се држиме до него.
На тоа Философот рече:
- Ако заветот даден на Ное не е закон туку само завет, бидејќи Бог не го нарекува закон туку завет, тогаш и законот даден на Мојсеј не е закон, зашто истиот Бог во единаесеттата глава од книгата на пророкот Еремија не го нарекува закон туку завет: „Чујте ги зборовите на овој завет. Вака вели Господ Бог Израилев: Проклет да е оној човек кој нема да ги послуша зборовите на овој завет, што им ги заповедав Јас на предците ваши, кога ги изведов од земјата Египетска“ (Ерем. 11, 2-4).
Евреите му одговорија:
- И ние мислиме дека законот се именува како завет, и секој што се придржува кон Мојсеевиот закон Му угодил на Бога. И ние, придржувајќи се кон него, се надеваме да биде така; а вие, кои издигнавте друг закон, го газите законот Божји.
Философот рече:
- Ние постапуваме добро. Ако Авраам не го примеше обрезанието, а се придржуваше кон првиот, Ноевиот закон, не ќе се наречеше пријател Божји (Јаков 2, 3). Така подоцна и Мојсеј, откако го напиша својот закон, повеќе не се придржуваше кон првиот. И ние постапуваме според нивниот пример: откако примивме закон од Бога, го држиме за добро да се запази Божјата заповед. Зашто Бог, кога му даде закон на Ное, не му рече дека подоцна ќе му даде друг, а му кажа дека тој (закон) ќе трае вечно во секоја жива душа (Бит. 9, 16). Ниту пак кога на Авраам му даде ветување, не навести дека ќе му даде друг закон на Мојсеј. Тогаш, како вие го држите законот, а Бог, преку Езекил, вели: „Ќе го заменам и ќе ви дадам друг.. “ (сп. Езек. 11, 19. 36, 26). А и Еремија рече јавно: „Еве настапуваат дни, вели Господ, и со домот Израилев и со домот на Јуда ќе склучам нов завет. Не онаков завет, каков што склучив со татковците нивни во денот, кога ги фатив за раце, за да ги изведам од Египетската земја, зашто тие не му останаа верни на мојот завет и Јас ги намразив. Но, еве го заветот што ќе го склучам со домот Израилев по оние дни, вели Господ: Мојот закон ќе го вложам во утробата нивна и ќе го напишам во срцата нивни, па јас ќе им бидам Бог, а тие ќе бидат мој народ“ (Ерем. 31, 33). И пак говори Еремија: „Вака вели Господ: - застанете на вашите патишта, разгледајте и распрашајте се за дамнешните патишта, каде е добриот пат, врвете по него, и ќе најдете спокојство на душите свои. Но тие рекоа: Нема да врвиме по тој пат. И поставив чувари над вас, И реков: Слушајте го звукот на трубата! Но тие рекоа: Нема да слушаме! Затоа, чујте народи и вие што ги пасете стадата сред нив“ (Ерем. 6, 16-18). И потоа: „Чуј земјо: ете, ќе испратам против овој народ погибел, плод на помислите нивни, зашто тие не ги слушаа Моите зборови и Мојот закон го отфрлија“. (Ерем. 6, 19). И не само со овие места ќе ви покажам дека законот ќе престане да важи, туку и со многу други јасни доводи од пророците.
Евреите му одговорија:
- Секој Евреин знае дека навистина ќе биде така, но се уште не дошло времето за Помазаникот (Месијата -Христос).
Философот им рече:
- Зошто зборувате така, кога гледате дека Ерусалим е разурнат, и жртвите престанале, и се исполни се што претскажале пророците за вас? И Малахија јасно кажува за вас: „Мојата волја не е веќе врз вас, говори Господ Седржител, и жртвите од рацете ваши веќе нема да ги примам, зашто од сончев исток, па се до запад, името Мое ќе стане големо меѓу народите, и на секое место ќе се принесува темјан и чиста жртва; оти е големо името Мое меѓу народите, вели Господ Саваот“ (Малах. 1, 10-11).
А тие рекоа:
- Ете, како што велиш, сите народи ќе бидат благословени и обрезани во градот Ерусалим.
Философот рече:
- Зошто тогаш Мојсеј вели: „Ако ме послушате добро и го запазите законот во се, вашите предели ќе бидат од Црвеното Море до Филистејското, и од пустината до Еуфрат“ (сп. Исход 23, 22, 31: Второзаконие 11, 22-24). А ние, другите народи, сме благословени во Оној во Кого е благословено и семето Авраамово, Кој произлегол од коренот Јесеев (сп. Исаија 11, 1), Кој е наречен „очекување на народите“ (сп. Бит. 49, 10) и светлина на целата земја (сп. Исаија 49, 6) и на сите острови, просветени со Божјата слава, но не според тој закон и не на тоа место. Пророците го кажуваат ова мошне Јасно. Захарија вели: „Радувај се многу ќерко Сионска; ете, Царот Твој иде кон тебе, јавајќи на осле, рожба на подјармена“ (сп. Зах. 9, 9). И уште: „Тогаш ќе ги истребам колите на Ефрема и коњите на Ерусалим и Он ќе им објави мир на народите и царството Негово ќе се протега до краиштата на земјата“ (Зах. 9, 10). И Јаков рече: „Нема да недостасува Кнезот од коленото Јудино, ниту водач од бедрата негови, додека не дојде Оној, Кому му припаѓа власта и Кој е очекување на народите (1 Мојс. 49, 10). Кога гледате дека сето тоа станало и се исполнило, кого друг чекате? Оти Даниил, научен од ангелот, рекол: „Седумдесет седмици има до водачот Христос, односно четиристотини и деведесет години, за да се потврди видението и пророштвото (Дан. 9, 24). А што мислите вие: кое е железното царство, за кое зборува Даниил во сновидението на Навуходоносор (сп. Дан. 2, 40)?
Тие одговорија:
- Римското.
А философот повторно ги запраша:
- А каменот што падна сам од планината без човечки раце (Дан. 2, 45), кој е?
Тие одговорија:
- Помазаникот.
Потоа продолжија:
- Ако признаеме врз основа на пророците и други доводи дека Он веќе дошол, како што кажуваш ти, тогаш зошто се уште се држи на власт Римското Царство?
Философот одговори:
- Тоа не се држи веќе, а минало, како и други царства од видението. Но, нашето царство не е Римско, туку Христово, како што рече пророкот: „Бог ќе подигне Небесно Царство, кое нема да се распадне никогаш, и тоа царство нема да биде предадено на друг народ; тоа ќе ги победи и разурне сите царства, а само тоа ќе остане вечно“ (сп. Дан. 2, 44). Зар сегашново царство, кое се именува со Христовото име, не е христијанското? Римјаните се поклонуваа на идоли, а христијанските цареви - едни од еден, други од друг народ и племе - царуваа во Христовото име, како што јавува пророк Исаија, обраќајќи се кон вас: „Го оставивте името ваше за подбив на избраниците мои; вас, пак, Господ ќе ве избие, а оние што Му служат Нему ќе ги нарече со ново име, кое ќе биде благословено по целата земја. Зашто тие ќе Го благословуваат вистинскиот Бог, и оние што се колнат на земјата, ќе се колнат во вистинскиот Бог“ (Ис. 65, 15-16). Не се исполнија ли сите пророштва на пророците, јасно претскажани за Христа? Исаија го претскажува неговото раѓање од Девојка, велејќи вака: „Ете, девојка ќе зачне во утробата и ќе роди син и ќе му го дадат името Емануил, што значи: со нас е Бог“ (Ис. 7, 14; Мат. 1, 23). А Михеј рече: „И ти, Витлееме Ефратов, иако си најмал меѓу Јудините племиња, од тебе ќе излезе Оној, Којшто ќе биде господар во Израил, и чие потекло е од искона, од вечноста. Затоа Он ќе ги остави до времето додека роди онаа, која треба да роди“ (сп. Мих. 5, 2-3; Мат. 2, 6). А Еремија: „Прашајте и размислете дали раѓа маж, зашто е голем оној ден и нема сличен на него: ќе има тешки денови за Јакова, но тој ќе се спаси“ (Ерем. 30, 6, 7). И Исаија рече: „Уште не беше почуствувала родилни маки, пред да настапат родилните болки, таа роди син“ (Ис. 66, 7).
Јудеите пак рекоа:
- Ние сме благословено семе од Сим, благословени од нашиот татко Ное, а вие не сте.
Кога им го разјасни ова, Философот рече:
- Благословот на вашиот татко не е ништо друго, освен пофалба на Бога, но никако не се однесува на него (на Сим). Но, еве како рекол Ное: „Нека е благословен Господ Бог Симов (Бит. 9, 26) ; а на Јафета, од кого сме ние, му рекол: „Нека го рашири Бог Јафета, и тој нека живее во шаторите на Сим“ (Бит. 9, 27).
И така, разјаснувајќи им се од пророците и од други книги, Философот не ги остави додека самите не рекоа: „Така е како што кажуваш ти“.
Тие пак рекоа:
- Како вие, кои имате надеж во човек, сметате дека сте благословени, кога книгите ги проколнуваат таквите?
Философот одговори:
- Проколнат ли е Давид или е благословен?
Тие рекоа:
- Многу е благословен.
А Философот рече:
- Така и ние се надеваме на Оној на Кого се надева и тој. Оти тој рекол во псалмите: „Човекот на мојот мир, на кого се надевав“ (Пе. 40, 9). А тој човек е Христос Бог. А оној што се надева на обичен човек, него и ние го сметаме за проклет.
Тие преминаа на друг предмет, велејќи:
- Зошто вие христијаните го отфрлате обрезанието, кога Христос не го отфрлил, туку го извршил според законот?
Философот одговори:
- Оној што отпрвин му рече на Авраам: „Ова да биде знак меѓу Мене и тебе“ (Бит. 17, 10), Он, кога дојде, го исполни тој завет што траеше од Авраам до самиот Него; но Он не заповеда тој завет да продолжи и понатаму, туку ни го даде крштението.
А тие рекоа:
- Како тогаш други луѓе порано Му угодиле на Бога, без да го примат тој знак, туку Аврамовиот?
Философот одговори:
- Зашто никој од нив немал две жени освен Авраам. Бог затоа и му го дал обрезанието нему, за да не оди понатаму во тоа, туку да живее по примерот на Адам (тоест да има една жена). И на Јаков му дал слична опомена, кога му ја повредил ногата, затоа што имал две жени. Кога Јаков стана свесен за причината поради што му е сторено тоа, тој го доби називот „Израил“, односно оној кој со умот го гледа Бога. А Авраам не го сфатил тоа.
Евреите поставија ново прашање:
- Како мислите вие да Му угодите на Бога, кога се клањате на идоли?
Философот одговори:
- Пред се, научете се да ги разликувате имињата, што е тоа икона а што идол. И кога ќе го разберете тоа, не напаѓајте ги христијаните, зашто во вашиот јазик има десет имиња за тој израз. Но ќе ве прашам и јас: Зар не беше слика (образ) Скинијата што ја виде Мојсеј на гората и ја однесе долу, и не беше ли тоа слика на сликата што тој вешто ја направи со клинови, кожи, килими и прекрасни херувими, како што доликува (сп. Исход 26, 1-37; 35, 1118: 36, 8-22). И бидејќи тоа го направил така, да речеме ли ние дека вие оддавате почит и се клањате на дрво, на кожи, на килими, а не на Бога, Кој во тоа време дал еден таков образ (слика). Така е и со храмот Соломонов, бидејќи и во него имаше слики на херувими, на ангели и на многу други нешта (сп. 2Паралип. 5). Така и ние, христијаните, им изработуваме икони на оние што Му угодиле на Бога, и им ја оддаваме соодветната почит, одделувајќи го она што е добро од демонските слики. И светите Книги ги кудат оние што своите синови и ќерки ги жртвуваат на демоните и им го навестуваат гневот Божји, а други книги ги фалат оние што ги жртвуваат своите синови и ќерки.
Јудеите пак рекоа:
- Како вие не Му се противите на Бога, кога јадете свинско и зајачко месо?
Тој им одговори:
- Првиот завет пропишува: „Јадете се што ви дадов за храна, како што ви го дадов зеленото растение“ (сп. Бит. 9, 3), „зашто за чистите се е чисто, а на нечистите и совеста им е осквернета“ (Тим. 1, 15). И Бог во книгата Битие вели: „Ете, се е многу добро“ (1, 31), но поради вашата лакомост Он забранил по нешто. Бог уште рекол: „Јадеше Јаков и се насити и се одрече од Бога возљубениот“ (Повтор. зак. 32, 15). И уште: „Луѓето седнаа да јадат и да пијат и станаа да играат“ (Исход 31, 6).
Такви разговори водеше блажениот Константин со Евреите за христијанската вера. Тие разговори се водеа секој ден во присуство на самиот каган, И тоа траеше долго време. А кој сака да ги бара во потполност овие беседи, ќе ги најде во неговите книги, што ги преведе нашиот учител, архиепископот Методиј, кој ги подели на осум слова, и тука ќе ја види силата на зборот со Божја благодат, како пламен што ги гори противниците.
Од нив овде е изложено многу малку.
Блажениот Константин водеше разговори не само со Евреите туку и со Сарацените, кои исто така ги надвладеа со благодатта на нашиот Господ, Кој им вети на слугите Свои: „Јас ќе ви дадам уста и премудрост, на која не ќе можат да се спротивстават и да одговорат сите ваши противници“ (Лука 21, 15). Слушајќи ги возвишените и слатки зборови на богомудриот Константин, каганот и неговите главни советници му рекоа:
- Бог те испратил кај нас да не научиш. Од Него ти си се научил на книгите, се мудро ни зборуваше и со медените зборови од Светите Книги не нахрани до наситување. Иако сме неуки луѓе, ние веруваме дека тоа учење е од Бога. Но, ако сакаш целосно да ги успокоиш нашите души, упати не во се преку приказни и објасни ни се по ред, за се што ќе те прашаме за верата.
И така се разотидоа на почивка. Утредента повторно се собраа и му рекоа на Константин:
- Покажи ни, чесен мажу, со приказни и со ум, која вера е најдобра од сите?
Философот одговори:
- Кај еден Цар уживале големо почитување двајца сопружници и биле многу сакани. Кога згрешиле, Царот ги истерал од земјата во која што живееле (од рајот). Многу години тие проживеале во сиромаштија и изродиле деца. Децата се собирале секој ден и се советувале како да го вратат првобитното достоинство на своите родители. Едно од нив велело вака, друго поинаку, и секое давало поинаков совет. Кој совет треба да се прифати? Зар не најдобриот?
Тие одговорија:
- Зошто зборуваш така? Секој го смета својот совет за најдобар. Сарацените - својот, а другите - некој друг. Кажи ни тогаш, кој од овие совети е најдобар?
Философот одговори:
- Огнот ги чисти златото и среброто, а човекот со умот ги разликува лагата од вистината. Кажете ми: која била причината за првиот пад? Зарем не е од гледањето на слаткиот плод и од желбата да се биде Бог?
Хазарите рекоа:
- Така е.
Философот продолжи:
- Ако на некој му се слоши откако се најал мед и се напил студена вода, па дошол лекарот и му рекол: „Јади уште многу мед и ќе оздравиш“, или на оној што пиел студена вода му рече: „напиј се студена вода и застани на мразот и ќе оздравиш“, а друг лекар не му вели така туку му препишува спротивно лекување: наместо мед да пие горчливо и да пости, а наместо студено - топло и жешко; кој од овие двајца лекува повешто?
Сите одговорија:
- Се разбира, оној што препишува спротивно лекување. Имено, со горчливоста на овој живот треба да се умртви похотливата страст, а со смиреноста - горделивоста: различните болести треба да се лекуваат со спротивни средства. Оти и ние велиме: дрвото што отпрвин пушта трн, подоцна раѓа сладок плод.
Константин одговори:
- Добро рековте, зашто и законот Христов ја покажува суровоста на богоугодниот живот, а потоа во вечните живеалишта донесува стократен плод.
Потоа еден од главните советници на каганот, кој добро ја знаеше сараценската злоба, го праша Философот:
- Кажи ми, гостину, зошто вие не го почитувате Мухамед? Та тој многу Го пофалил Христос во своите книги, велејќи дека се родил од Дева, сестра на Мојсеј (сп. Коран 19, 29), дека е голем пророк (сп. Коран 3, 40), Кој и мртви воскреснувал и со голема сила секаква болест лекувал (Коран 3, 43).
Философот одговори:
- Нека пресуди самиот каган. Кажи ми, ако Мухамед е пророк, тогаш како можеме да му веруваме на пророкот Даниил, кој рекол дека со Христос ќе престане секое видение и пророштво. Како може да биде пророк оној што се јавил по Христа? Затоа, ако Мухамед го наречеме пророк, значи тогаш го отфрламе Даниил.
На тоа мнозина од присутните рекоа:
- Ние знаеме дека тоа што го зборува Даниил, со Духот Божји го зборува, а за Мухамеда сите знаеме дека е измамник и опасен за спасението на сите, и оти сите свои големи заблуди ги изблујал (изрекол) за зло и за срамота.
Тогаш првиот советник меѓу нив се сврте кон Евреите и рече:
- Со Божја помош, овој гостин ја собори на земја сета сараценската гордост, а вашата како нечиста, ја исфрли отаде реката, како ѓубре.
Потоа, обраќајќи им се на присутните, рече:
- Како што на царот христијански Бог му дал власт над сите народи и совршена мудрост, така во нив влеал и вера, и без неа никој не може да живее живот вечен. Слава Му на Бога до века.
И сите рекоа:
- Амин.
А Философот со солзи во очите им се обрати на сите:
- Браќа, отци, пријатели и деца! Ете, ние, со помош Божја, разјаснивме и одговоривме на сè како што треба. Ако пак и сега има некој меѓу вас што се противи, нека дојде и нека нè убеди, или нека дозволи да биде убеден. А кој ќе го прими ова учење, нека се крсти во името на Света Троица. Но, кој не сака, Јас немам вина за тоа, а тој самиот ќе види на судниот ден кога вечниот Судија ќе седне да им суди на сите народи (Дан. 7, 9-10).
На тоа Хазарите заедно со каганот одговорија:
- Ние не сме непријатели самите на себе и одлучуваме од овој час, кој сака и кој може, да се крсти доброволно. А кој од нас се клања на запад (незнабошците), или се моли на еврејски (евреите), или ја држи сараценската вера, наскоро ќе прими смрт.
Откако донесоа таква одлука, сите со радост се разотидоа. Тогаш од нив се крстија околу двесте души, откако ги оставија идолските гадости.
Откако ја засадија светата христијанска вера во Хазарското Царство, преподобните учители Константин и Методиј намислија да се вратат во својата земја, оставајќи ги зад себе свештениците, кои ги беа довеле со себе од Херсон. Каганот им предаде свое писмо за нивниот цар, во кое пишувало:
„Господару, ти ни испрати толку учени луѓе, кои јасно ни покажаа дека христијанската вера е вистинска и не поучија во неа. Откако се просветивме со Светото Крштение, ние објавивме дека секој кој сака може да се крсти доброволно, и се надеваме дека целата наша земја ќе ја прими христијанската вера. Сите ние сме пријатели на твоето царство, и спремни сме, ако посакаш, да ти служиме“.
Испраќајќи ги блажените учители Константин и Методиј, каганот им даваше многу дарови, но тие не ги примија, а рекоа:
- Најголем дар за нас ќе биде ако ги ослободиш заробениците овде и им дозволиш да дојдат со нас. Тоа ми значи повеќе од сите дарови.
Каганот собра околу двестемина, им ги предаде, и тие радосни тргнаа на пат.
По патот мораа да минуват низ пусти и безводни места и сите малаксуваа од жед. Така изнемоштени наидоа на едно солено езеро, чија што вода од силната сол беше горка како пелин. А кога сите се разотидоа по пустината да бараат питка вода, Константин, кој беше толку изнемоштен што не можеше повеќе да оди, му рече на својот брат Методиј:
- Не можам повеќе да ја поднесам жедта. Те молам, дај ми од таа вода, зашто верувам дека Оној, Кој некогаш на Израилците им ја претвори горчливата вода во слатка, и нам ќе ни ја заслади горчината на оваа вода.
И кога вкусија, таа вода беше слатка како мед, а и студена. Тогаш сите пиеја и Го прославија Бога.
Штом стигнаа во Херсон, светите Браќа го посетија архиенископот. Откако вечераа, Константин му рече на епископот:
- Помоли се за мене, владико, и благослови ме, како што би ме благословил мојот татко со последен благослов.
Од тие зборови присутните помислија дека Константин се одготвува утредента да го продолжи својот пат, па го прашаа за оа. А тој на некои од нив насамо им рече:
„Тој утре ќе не напушти нас и навистина ќе се пресели кај Господа“.
Така и се случи. Архиепископот утредента се престави.
Кај Фулскиот народ имаше еден огромен даб сраснат со цреша, наречен Александар. Жените немале пристап до овој даб ниту до обредите. Кога слушна за тоа, блажениот Константин застана меѓу собраниот народ и рече:
- Елините наследиле вечна мака, затоа што на земјата и на небото им се клањаат како на Бог, иако се тие големи и добри твари. А вие, кои се клањате на една ваква ништожна твар - како овој даб, што треба да изгори, како ќе ги одбегнете вечните маки?
Незнабошците одговорија:
- Овој обичај го примивме од претците наши. Со принесувањето на жртви под овој даб, ние го добиваме тоа што го бараме. И како да го сториме тоа (да го пресечеме дрвото) што никој од нас не се осмелил да го направи? А ако пак некој се осмели, сигурно ќе умре, а ние повеќе нема да видиме дожд.
Тогаш Философот започна да ги поучува со вакви зборови:
- Бог зборува за вас во Светите Книги. А вие, зошто се одвраќате од Него? Токму пророкот Исаија известува од името Господово, велејќи: „Ете, ќе дојдам и ќе ги соберам сите племиња и народи, и тие ќе дојдат и ќе ја видат славата Моја. И ќе ставам на нив белег, и од преживеаните меѓу нив ќе испратам кон народите во Тарс, во Фуд и Луд, во Мосох, воТовел и во Елада, и во далечни острови, кои не чуле за името Мое, и тие ќе им ја објават на народите славата Моја, вели Господ Седржителот“ (Ис. 66, 18-19. И уште: „Ете, јас ќе испратам многу рибари и ловци, и ќе ги ловат по ридовите и каменливите процепи“ (сп. Ерем. 16, 16). Браќа, познајте Го Бога Кој ве создал. Гоа е Евангелието на Новиот Завет Божји, според кој и вие треба да примите крштевање.
Така блажениот Константин ги убеди незнабошците да го отсечат и изгорат тој даб. А нивниот старешина, откако се поклони, пријде и го целиваше Светото Евангелие. Така постапија и останатите незнабошци. Потоа Философот им раздаде на сите бели свеќи, и пеејќи се упатија кон дабот. Константин зеде секира, удри по дабот триесет и три пати, и им нареди на сите да сечат, да го искорнат и да го изгорат. Истата ноќ Господ им испрати силен дожд и ја напои земјата. Сите со голема радост Го прославија Бога, Кој се радува на спасението на грешниците.
Кога стигнаа во Цариград, тие со голема чест и радост беа дочекани од царот, патријархот, и од целиот собор, како апостоли Христови. Тие сакаа да ги посветат за епископи, но светите одлучно одбија. Потоа Методија го убедија да биде игумен на Полихрониевиот манастир, а Константин престојуваше во црквата на Светите Апостоли, молејќи Му се на Бога.
Во црквата „Света Софија“ имаше путир (чаша) од скапоцен камен, дело на Соломон, на кој имаше стихови, напишани со еврејски и самарјански букви, што никој не можеше да ги прочита, ни да ги објасни. А Философот зеде, ги прочита и ги разјасни. Првиот стих гласеше вака: „Чашо моја, чашо моја, пророкувај додека ѕвездата (изгрее) ; биди му за пиење на Господа, првенецот што бдее ноќе“. Потоа вториот стих: „За да вкуси Господ, направена е од друго дрво. Пиј и опивај се со веселба и извикувај: алилуја“. И потоа третиот стих: „Ете го Кнезот и целиот собор ќе ја види Неговата слава, и цар Давид е меѓу нив“. Потоа беше напишан бројот деветстотини и девет. Кога Философот пресмета точно, најде дека од дваесеттата година од царувањето на Соломон до Раѓањето Христово има деветстотини и девет години. Тоа пророштво се однесува на Христа.
Наскоро и двајцата беа повикани на нови подвизи.
Царот Борис по војната со Грците реши да ја прими христијанската вера. Борисовата сестра, која неколку години пред тоа била во ропство во Цариград, се врати како христијанка и се трудеше да го убеди брата си да ја прими христијанската вера. Тој долго не се согласуваше, но, глад и страшен помор ја опустошија неговата држава. Тогаш на совет од сестра си, тој му се обрати со молитва на христијанскиот Бог, и неволјите престанаа. Борис испрати во Цариград пратеници да измолат наставници за нив. Тогаш Методиј отпатува во Бугарија. Таму на зидот на царскиот дворец го наслика Страшниот Суд и му го објасни на царот блаженството на праведникот и маките на грешникот. Веќе подготвен со зборовите и примерот на сестра си и чудесното прекратување на неволјите, царот Ја прими христијанската вера. Тоа се случи во 860 или 861 година.
Додека Философот се радуваше во Бога, дојде друга вест и друга задача, не помала од претходната. Моравскиот кнез Ростислав, научен од Бога, откако се советуваше со своите кнезови! и со народот, испрати пратеници при царот Михаил, велејќи:
„Нашиот народ се одрече од паганството и го држи христијанскиот закон, но ние немаме учител кој би можел да ни Ја објасни верата Христова на нашиот јазик, и гледајќи не нас, да не следат и други земји. Затоа, господаре, испрати ни таков епископ и учител, зашто од вас секогаш излегува добар закон за сите земји“.
Царот Михаил, откако свика собор, го повика блажениот Константин, му ја изнесе оваа молба, и му рече:
- Знам, Философе, дека си заморен, но неопходно е ти да појдеш таму, зашто никој друг не може да ја изврши таа работа како тебе.
Философот одговори:
- Иако сум заморен и телесно болен, сепак со радост ќе појдам таму, ако тие имаат букви за својот Јазик.
На тоа царот рече:
- Дедо ми и татко ми, и мнозина други, барале но не нашле. Па, како тогаш можам јас да најдам?
Философот праша:
- Во тој случај, како да им проповедам? Тоа е исто како беседата да се запишува по вода. Освен тоа, ако бидам неправилно сфатен, можат да ме прогласат и за еретик.
На тоа царот, заедно со својот вујко Варда, вака му рече на Философот:
- Ако посакаш, тоа може да ти го даде Бог, Кој им дава на сите што се молат со вера, и им отвара на оние што тропаат.
Константин му раскажа се на својот брат Методиј, и на некои од своите ученици". По својот обичај, тој пред се започна од молитвата, па потоа си наложи на себе четириесетдневен пост. Бог, Кој ги слуша молитвите на Своите слуги, наскоро му откри, и тој веднаш ја состави азбуката. Потоа започна да ги преведува свештените книги. Во тоа му помагаа блажениот Методиј и учениците. Преведувањето на свештените книги беше отпочнато со Светото Евангелие според Јован, а првите преведени зборови беа: „Во почетокот беше Словото, и Словото беше во Бога, и Бог беше Словото“.
Својот превод светите Браќа го поднесоа на разгледување пред царот, патријархот и целиот духовен собор. Сите многу се израдуваа на тоа и Го прославија Бога за укажаната милост.
Потоа Константин заедно со брата си Методија и учениците нивни, тргнаа кон словенските земји. Царот им ги даде неопходните работи за пат, а на кнезот Ростислав му го напиша следното писмо:
„Бог, Кој сака сите луѓе да ја познаат вистината (сп. 1 Тим. 2,4) и да се издигнат на повисоко достоинство, кога ја виде твојата вера и ревност, благоволи да се исполни твојата желба, откако сега, во наше време, откри букви за вашиот јазик, нешто што не се случило порано, освен во првите времиња, та и вие да се вброите во големите народи што Го слават Бога на својот јазик. И ете, ти го испраќаме човекот, кому Бог му ги откри овие букви, маж чесен и благоверен, и мошне учен философ. Прими го како дар, поголем и поскап од најскапоценото злато и сребро и секое минливо богатство. Погрижи се со него успешно да го завршиш делото и со целото свое срце да Го побараш Бога. Не отфрлај го и општото спасение, но поттикнувај ги сите да се грижат за своето спасение и да одат по правиот пат. Ако се потрудиш да го приведеш својот народ кон познанието на Бога, ти ќе ја примиш својата награда за тоа и во овој и во идниот век, за сите души кои што ќе поверуваат во нашиот Бог Христос. Со тоа ти, слично на Константин, ќе оставиш зад себе вистински спомен за идните поколенија“.
Кога пристигнаа во Моравија, Константин и Методија беа дочекани од Ростислав со големи почести. Тој собра многу момчиња и им наложи кај светите браќа да ја учат словенската азбука и новопреведените книги. Потоа, под раководство на светите Браќа, Ростислав започна да гради цркви. За една година беше изградена првата црква во градот Олмуц. Потоа се издигнаа уште неколку цркви во Моравија. Константин ги освети и служеше во нив на словенски јазик. За време на својот престој во Моравија, тој со своите ученици ги преведе сите црковни богослуженија и ги научи да служат утрена, часови, вечерна, повечерие и тајната служба (Литургијата). И, според пророчките зборови, „им се отворија ушите на глувите“ (Исаија 35, 5), за да ги чујат зборовите на Писмото, и стана красноречив јазик на пелтечивите. Бог, Кој се радува на спасението на еден грешник, со радост го гледаше поправањето на еден цел народ.
Додека се ширеше Божјата наука, од искона злобниот завидливец (сп. Јован 8, 44), проколнатиот ѓавол, не можеше да го поднесе тоа добро, па влезе во своите садови (луѓето) и почна да буни мнозина, зборувајќи им: „Не се прославува Бог со ова. Ако ова Му било угодно на Бога, Он можел да направи од самиот почеток тие да Го слават Бога, пишувајќи ги своите беседи со букви. Но, Бог одбрал само три јазика: еврејскиот, грчкиот и латинскиот, на кои е достојно да Му се оддава слава на Бога“. Тие што зборуваа така беа латинските клирици: владици, свештеници и ученици.
На таквите, светите учители им одговараа: „Бог дава дожд за сите подеднакво, и прави сонцето да ги осветлува сите. А Давид вели: „Се што дише нека Го фали Господа!“ (Псалми 150, 6); „Запеј Му на Господа цела земјо! Пејте му на Господа песна нова!“ (Псалми 149, 1). Господ дојде да ги спаси сите народи, и секој народ треба да Го слави Бога на својот јазик“. Така тие, борејќи се со нив како Давид со Голијат, ги победуваа со зборовите од Светото Писмо и ги нарекоа тријазичници (и пилатовци), оти така го беше напишал Пилат натписот на крстот Господов. И не го зборуваа само тоа, туку проповедуваа и други бесчестија, велејќи дека под земјата живеат луѓе со глеми глави, дека сите лазачи се дело на ѓаволот, и дека ако некој отепа змија, поради тоа ќе му се опростат девет грева; ако пак некој убие човек, три месеци да пие од дрвена чаша, а стаклена да не допира. И не бранеа да се принесуваат жртви по стариот обичај, ниту да се склопуваат нечесни бракови. Сето тоа светите Браќа го исекоа како трње и го изгореа со огнот на проповедта, велејќи:
„Принеси Му на Бога благодарствена жртва, и упати Му ги на Севишниот молитвите свои“ (Псалми 49, 14). „Не изневерувај ја жената на твојата младост (сп. Малах. 2, 14-15), а ако ја изневериш и замразиш, нечестие ќе ги покрие твоите похоти, говори Господ Седржителот (Малах. 2, 15-16). Бдејте со духот ваш, и никој од вас да не ја остава жената на својата младост. Го правевте она што го мразам (Малах. 2, 13), зашто Господ беше сведок меѓу тебе и жената на твојата младост, што си ја оставил, а таа ти е другарка и жена на твојот завет“. И во Евангелието се вели: „Чувте што им е речено на старите: не правете прељуба. А јас ви велам дека секој што ќе погледне жена со похота, веќе извршил прељуба со неа во срцето свое“ (Матеј 5, 27, 28). И пак: „Ви велам дека секој што ќе ја остави жената своја, освен за прељуба, ја тера да прави прељуба. И кој што ќе земе распуштеница, прави прељуба“ (Матеј 5, 32). И апостолот рече: „Она што Бог го составил, човек да не го разделува“ (Матеј 19, 6).
Така светите Браќа поминаа во Моравија четириесет месеци, патувајќи од место во место, и секаде проповедајќи на словенски јазик. Врачувајќи им го на Словените на словенски јазик зборот Божји, Константин во предговорот на Светото Евангелие им ги упатува овие зборови:
„Услишите, словени вси слово, јеже крјепит срдца и уми“.
Основајќи училишта за словенските деца, тие стекнаа многу ученици, спремни да бидат добри учители и достојни свештенослужители меѓу својот народ.
Кога папата Никола слушна за светите браќа Кирил и Методиј, со љубов ги повика во Рим. Тие се одзваа на неговата желба и тргнаа. На патот за Рим се задржаа во Панонија, кај кнезот Коцел, кој ги повика во градот Блатно, за самиот да ја научи од нив словенската азбука, и со него исто така педесет негови ученици, што ги беше собрал од својот народ. На разделбата Коцел со голема почит им понуди богати дарови, но тие, како од Ростислав Моравски така и од Коцел, не сакаа да примат ништо, бидејќи Евангелскиот збор го проповедаа без награди. Само од обата кнеза измолија слобода за деветстотини заробеници и ги ослободија.
По патот за Рим светите Браќа свратија во Венеција. Овде латинските и германските епископи, свештеници и монаси, се нафрлија врз Константин како врани на сокол, и ја покренаа тријазичната ерес, зборувајќи:
- Кажи ни, човече, зошто си ги превел Светите Книги за Словените и ги учиш на тој јазик? Тоа не го правел никој порано: ниту апостолите, ниту римскиот папа, ниту Григориј Богослов, ниту Ероним, ниту Августин. Ние знаеме само три јазика, на кои е достојно да се слави Бог во книгите: еврејски, грчки и латински.
Философот им одговори:
- Не врне ли дожд од Бога подеднакво за сите? Не грее ли сонцето за сите? Зар не дишиме воздух сите еднакво? Тогаш, како не се срамите да мислите дека освен трите јазика, сите останати племиња и јазици треба да бидат слепи и глуви? Кажете ми дали го сметате Бог за толку немоќен, та да не може да го даде тоа, или е завидлив, па не сака да го даде? Ние, пак, знаеме многу народи кои што се вешти на книги и Го слават Бога секој на својот јазик. Познато е дека се такви Ерменците, Персијците, Абхазите, Грузијците, Сугдите, Готите, Обрите, Турсите, Хазарите, Арабјаните, Египќаните, Сирците, и многу други. Ако пак не сакате да се сложите со тоа, тогаш познајте го судот на Писмото, зашто Давид извикува: „Пејте Му на Господа песна нова, пеј Му на Господа цела земјо!“ (Псалми 95, 1). И уште: „Воскликни кон Господа, цела земјо; запеј, радувај се и пеј“ (Псалми 97, 4). И уште: „Целата земја Ти се покорува и Ти пее, Ти пее на Твоето име, Севишен!“ (Псалми 65, 4). И пак: „Фалете Го Господ, сите народи, славете Го сите луѓе!... Се што дише нека Го фали Господа!“ (Псалми 116, 1; 150, 6). Во Евангелието се вели: „А на оние што го примија, им даде можност да станат синови Божји“ (Јован 1. 12). И пак во истото Евангелие: „Не се молам само за нив, туку и за оние, што по нивните зборови ќе поверуваат во Мене, заради нивните зборови, за да бидат сите едно, како што си Ти, Оче, во Мене, и Јас во Тебе“ (Јован 17, 20-21).
Во Евангелието според Матеј се вели: „Ми се даде секаква власт на небото и на земјата. Затоа, одете и научете ги сите народи, крштевајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, и учејќи ги да пазат се што сум ви заповедал; И ете, Јас сум со вас во сите дни до свршетокот на светот. Амин!“ (Матеј 28, 18-20). Евангелистот Марко исто така вели: „Одете по целиот свет и проповедајте го Евангелието на секое создание. Кој ќе поверува и се крсти, ќе биде спасен; а кој нема да поверува, ќе биде осуден. А знаците на оние што ќе поверуваат, ќе им бидат овие: со Моето име ќе истеруваат бесови; ќе говорат нови јазици“ (Марко 16, 15-17). А и вам, - учителите на законот - ви кажува: „Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, затоа што го затворате Царството Небесно пред луѓето; оти ниту вие влегувате, ниту ги пуштате да влезат оние што сакаат да влезат“ (Матеј 23, 13). И пак: „Тешко вам, законици, оти го зедовте клучот на познанието; сами не влегувате, а им пречите и на оние што сакаат да влезат“ (Лука 11, 52). А пак апостол Павле на Коринтјаните им вели: „Јас би сакал сите вие да зборувате на разни јазици, но уште повеќе да пророкувате, оти е поголем тој што пророкува од оној што зборува јазици, освен ако и ги толкува, та Црквата да добие поука. А сега, ако дојдам при вас, браќа, и ви зборувам на разни јазици, каква полза ќе имате од мене, кога не ви се објаснува, или со откровение, или со пророкување, или со познавање, или со поука? И бездушните предмети што даваат глас, како свирката или гуслата, ако не даваат разни гласови, како ќе се разбере што се свири или гуди? Оти, ако трубата не дава разбирлив глас, тогаш кој ќе се готви за битка? Така и вие, ако со јазикот свој изговарате неразбирливи зборови, како ќе се разбере тоа што го зборувате? Ќе зборувате во ветар. Во светот има безброј разни зборови, и ниеден од нив не е без значење. Ако, пак, не ја разбирам смислата на гласовите, тогаш за оној што зборува ќе бидам странец, а и тој за мене туѓинец. Така и вие, бидејќи сте ревнители за духовни дарови, грижете се да ги добиете во изобилство, за поука на Црквата. Затоа, оној што зборува на туѓ јазик, нека се моли за дар, за да може да го толкува. Оти, ако се молам на непознат јазик, се моли мојот дух, но умот ми останува бесплоден. Па што да се прави? Ќе Му се молам со дух, ќе се молам и со ум. Зашто, ако благословуваш со дух, како ќе рече „амин“ на твојата молитва простиот човек, кога не разбира што кажуваш? Ти Го славиш Бога добро, но другиот не се поучува. Му благодарам на Бога што од сите вас зборувам повеќе Јазици, но во црквата повеќе сакам да кажам пет разбирливи зборови, за да поучам и други, отколку илјадници зборови на непознат јазик. Браќа, немојте да бидете како деца со умот, за злото бидете младенци, а по умот зрели. Во законот е запишано: „На туѓи јазици и со туѓа уста ќе му зборувам на овој народ, но и така нема да ме послуша, вели Господ“ (сп. Исаија 28, 11-12). Затоа јазиците се знак, не за тие што поверувале, туку за оние што не поверувале; пророштвата, пак, не за тие што не веруваат, туку за оние што веруваат. Ако, пак, целата Црква се собере на едно место и сите почнат да зборуваат на непознати јазици, а дојдат и прости луѓе или неверници, нема ли да речат дека сте полуделе? Но, ако сите пророкуваат, а дојде некој прост човек или неверник, него сите ќе го изобличат и сите ќе го осудат, така што тајните на срцето ќе му се откријат, и тој откако ќе падне на колена, ќе Му се поклони на Бога, и ќе рече: „Навистина со вас е Бог“. Затоа браќа, кога ќе се собирате, и секој од вас има - кој псалм, кој поука, кој јазик, кој откровение, кој толкување, - се да се врши за поука. Ако некои зборуваат на непознат јазик, нека зборуваат по двајца, или најмногу тројца, и тоа по ред, а еден да толкува. Но, ако нема толкувач, тогаш во црквата да молчат, а нека си зборуваат во себе и на Бога. Пророците, пак, да зборуваат по двајца и тројца, а другите нека судат. Ако некој од оние што седат добие откровение, тогаш првиот нека замолчи. И така, еден по друг можете сите да пророкувате, та сите да имате утеха. И пророчките духови им се покоруваат на пророците; оти Бог не е Бог на безредие, туку на мир. Така е по сите цркви меѓу светите. Жените ваши да молчат во црквите; ним не им е дозволено да зборуваат, ами да се покоруваат, како што вели и Законот (сп. Бит. 3, 16). Ако пак, сакаат да научат нешто, нека ги прашаат мажите свои дома, зашто е срамно жена да зборува во црква. Зар од вас излезе словото Божјо? Или, пак, само до вас стигна? Ако некој од вас мисли дека е пророк, или дека е исполнет со дух, нека разбере дека ова што ви го пишувам се Господови заповеди. А кој не разбира, нека не разбира. Затоа, браќа, грижете се да пророкувате, но не забранувајте да се зборува и на разни јазици. Се да се врши како прилега и уредно“ (Кор. 14, 5-40). И на Филипјаните им пишува: „Секој јазик да исповеда дека Исус Христос е Господ, за слава на Бога Отецот, амин“ (Филип. 2, 11).
Така свети Константин ги изобличи латинските и германските свештеници.
Од Венеција Константин и Методија се упатија кон Рим. Уште за време на нивниот престој во Венеција умре папата Никола и на негово место беше избран Адријан 2ри. Новиот папа ги повика во Рим, па излезе да ги пречека со запалени свеќи, зашто тие ги носеа светите мошти на свештеномаченикот Климент, откриени во Херсон. Пренесувањето на светите мошти Господ го прослави со многу чудеса.
Папата прими Словенски книги, ги освети и ги положи во црквата „Света Дева Марија““, позната како „Фатни“ (јасли), и со нив започна да се врши богослужението. Потоа папата им нареди на двајца епископи, Формоза и Гаудерих, да ги ракоположат словенските ученици, кои беа дојдени заедно со Константин и Методија. Откако ги посветија, веднаш отслужија Литургија на словенски јазик, во црквата на светиот апостол Петар. Наредниот ден служеа во црквата на Света Петронила, а на третиот ден во црквата на светиот апостол Андреј. Потоа беше отслужено сеноќно бдение на словенски јазик во црквата на светиот апостол Павле, а утредента Света Литургија над неговиот свет гроб, со помош на епископот Арсениј, еден од седумте епископи, и Анастасиј Библиотекарот“.
Константин и Методија со своите ученици не престануваа да Му благодарат на Бога за се, а Римјаните, пак, не престануваа да доаѓаат кај нив, особено кај Константин, и да го прашуваат за се. Некои доаѓаа и повеќе пати, и откако добиваа поуки, со радост се враќаа во своите домови.
А еден Евреин, кој исто така доаѓаше и се препираше со него, еднаш рече:
- Според бројот на годините уште не дошол Христос, за Кого пророците велат дека ќе се роди од Девојка.
Но, Философот, откако по родови му ги изброи сите години од Адама, му објасни подробно дека Христос веќе дошол, и колку години има оттогаш па досега. И откако го поучи, го пушти.
Наскоро потоа, болникавиот Константин, изнемоштен од подвизите и долгите патувања, тешко се разболе, и за време на болеста во видение од Господа му беше откриен часот на неговата смрт. Константин целиот тој ден се радуваше со духот и пееше:
„Кога ми рекоа: ќе одиме во домот Господов, се развесели духот мој, се зарадува срцето мое“.
Потоа се облече во својата најубава облека, и многу радосен, цел ден велеше:
„Од овој момент јас никому на земјата не сум повеќе слуга, туку единствено на Бога Седржителот Му бев и ќе Му бидам за навек, амин“.
Утредента Константин го прими светиот монашки образ, и откако придодаде светлина кон светлина, го доби името Кирил. Неговата болест продолжи педесет дена. Еднаш во својата болест Кирил му се обрати на Методија со овие зборови: „Ете, брате, јас и ти бевме како сложен пар волови кои ораат една нива, и еве, јас паѓам во браздата, завршувајќи го својот ден. Знам јас дека ти многу ја сакаш гората Олимп, но немој заради неа да ја оставаш својата проповед и учење. Со овој подвиг ти подобро ќе добиеш спасение.
Пред да се упокои, свети Кирил ги крена рацете и со солзи се молеше, говорејќи:
„Господи, Боже мој, Ти си ги создал сите ангелски чинови и бестелесните Сили, си го распрострел небото, си ја основал земјата и од небитие си привел во битие се што постои на неа. Ти секогаш и во се ги слушаш оние што ја творат волјата Твоја, се бојат од Тебе и ги држат заповедите Твои. Послушај ме сега и мене, и запази го верното стадо Твое, за кое ме беше поставил мене, непотребниот и недостоен Твој слуга. Избави го ова стадо од безбожната и паганска злоба на оние што говорат против Тебе хула и погуби ја тријазичната ерес. Издигни ја Црквата Твоја, умножи ја, и соедини ги сите во еднодушност. Создај избрани луѓе, истомисленици во Твојата вистинска вера и во правото исповедање, и вдахни го во срцата нивни словото на Твоето учење, зашто е Твој дар што нас недостојните си не примил за проповедање на Евангелието на Твојот Христос - нас кои се стремиме кон добри дела и твориме тоа што Ти е угодно Тебе. Оние што ми ги беше дал, Ти ги предавам како Твои. Управувај со нив со Твојата моќна десница и засолни ги под кровот на Твојата закрила, та сите да го фалат и слават Твоето име, на Отецот, и Синот, и Светиот Дух за навек, амин“.
Откако ги целиваше сите, тој рече:
„Благословен е нашиот Бог, Кој не не предаде како плен во забите на невидливите непријатели наши, туку ги разори замките НИВНИ и не избави од гнилежноста“.
Со тие зборови свети Кирил се упокои во Господа на 14 февруари, во 869-та година, во својата четириесет и втора година.
Папата Адријан нареди да се соберат сите заедно со свеќи, да пеат над него и да го погребаат како што би го погребале самиот папа. Така и направија.
А Методиј, братот негов, откако дозна дека имаат намера да го погребаат во Рим, отиде кај папата и му рече:
- Нашата мајка нè заколна, кој прв од нас ќе отиде на суд Божји, другиот да го пренесе во манастирот на својот брат, и таму да го погребе.
Папата издаде наредба чесното тело на свети Кирил да го положат во ковчег, ковчегот да го заковат со железни клинци, И така да го подготват за пат. Светите мошти останаа така седум дена, а римските епископи му зборуваа на папата:
- Бидејќи Бог го доведе ваму Кирила, кој патувал по многу земји, и овде му ја зеде душата, тогаш треба овде да биде погребан.
А папата Адријан рече:
- Поради неговата светост и љубов, спротивно на римскиот обичај, ќе го погребам во мојот гроб, во црквата на свети апостол Петар.
Тогаш свети Методиј рече:
- Ако го задржите овде, тогаш положете го во црквата на свети Климент, со кого (со чии мошти) тој дојде овде.
Папата нареди да постапат така.
Потоа повторно се собраа сите епископи, црнорисци и многу народ, и со чест ги испратија светите мошти до црквата на свети Климент. Пред спуштањето на ковчегот во гробницата, епископите предложија:
- Да го отвориме ковчегот, и да видиме дали нешто не е земено од него.
Долго се обидуваа на разни начини, но, по Божја промисла, не можеа да го отворат. Тогаш го спуштија ковчегот од десната страна на олтарот, во црквата на свети Климент, каде што започнаа да се случуваат многу чудеса. Гледајќи го тоа, Римјаните се повеќе го прославуваа свети Кирила, па изработија негова икона над неговиот гроб, и започнаа дење и ноќе да палат кандило пред неа, фалејќи Го Бога што така ги прославува оние што Го слават Него.
По смртта на свети Кирил, кај папата дојдоа пратеници од панонскиот кнез Коцел, со молба да им го пушти блажениот Методиј. А папата им рече:
- Не само вам, туку и на сите словенски народи, ви го испраќам како учител од Бога и од светиот апостол Петар, првопрестолникот и клучедржец на Царството Небесно.
Испраќајќи го свети Методиј кај Словените, папата му го врачи следното послание до словенските кнезови:
„Адријан, епископ и слуга Божји, до Ростислав, Свјатополк и Коцел.
Слава во висините на Бога, и на земјата мир, меѓу луѓето добра волја (Лука 2, 24).
Со радост дознавме дека Господ ги поттикнува вашите срца да Го барате, и ви покажа дека треба да Му служите, не само со вера, туку и со добри дела, зашто верата без дела е мртва (Јаков 2, 26). Затоа, грешат оние што мислат дека Го познаваат Бога, а не сакаат да го исполнуваат Неговиот закон. Вие баравте учители, не само од овој епископски престол, туку и од благоверниот цар Михаил. Го молевте да ви го испрати блажениот Философ Константин со брата си. Светите Браќа, кога дознаа дека вашата земја се наоѓа под управата на апостолскиот престол, не направија ништо спротивно на каноните, туку дојдоа кај нас, И ни ги донесоа моштите на светиот Климент. А ние, радувајќи се, намисливме во вашите земји да го испратиме нашиот син Методија, правоверен маж со совршен разум, посветувајќи го него и учениците во свештенички чии. Тој може да ве учи и да преведува Свети Книги на ваш јазик, и по нив да служите Света Литургија, и крштевање, и сите црковни обреди, на што постави почеток, со помошта Божја и молитвите на светиот Климент и светиот Философ Константин. Ако некој друг е во состојба правилно да ги преведува светите книги на вашиот јазик, тогаш тоа дело нека биде свето и благословено од Бога. Само чувајте еден обичај: на Литургијата најпрвин читајте ги Апостолот и Евангелието на римски (латински), а потоа на словенски, за да се исполнат зборовите од Светото Писмо: „Фалете Го Господа, сите народи, прославувајте Го, сите луѓе“. (Псалми 116, 1) ; И уште: „Сите ќе зборуваат за големите дела Божји на разни јазици, онака како што ќе им даде Духот Свети да изговараат“ (Д. А. 2, 4). Ако пак, некој се осмели да ги прекорува споменатите учители, да ве одвраќа од вистината кон заблуди, и да ги напаѓа книгите на вашиот јазик, нека биде одлачен не само од причеста, туку и од Црквата, додека не се поправи. Зашто таквите се волци, а не овци, и треба да ги распознавате по нивниот плод и да се пазите од нив.
А вие, возљубени чеда, послушајте ја Божјата наука, и не отфрлајте ги црковните заповеди, за да станете вистински поклоници на вашиот Отец небесен со сите светии. Амин“.
Коцел го прими Методија со големи почести, но набрзо повторно го испрати кај папата со дваесетмина угледни луѓе, молејќи го папата да го постави свети Методија за епископ на Панонија, на престолот на светиот апостол Андроник, еден од седумдесетмината", кој некогаш таму епископствувал. Папата така и направи.
Потоа, исконскиот непријател и противник на вистината, ги поттикна против Методија моравскиот кнез и германските и латински кнезови од тој крај. Свети Методиј беше повикан на собор, на кој му поставија вакво прашање:
- Зошто ти поучуваш во нашата област?
Свети Методиј одговори:
- Ако беше ваша, јас ќе ја одминев. Но, таа му припаѓа на свети апостол Петар. И навистина, ако вие од љубомора и лакомство постапувате неправилно, и покрај каноните ги пречекорувате старите граници и го забранувате учењето Божјо, внимавајте при пробивањето на железната врата со глава, да не си ја разбиете главата.
Тогаш епископите гневно му рекоа:
- Зло ќе те снајде.
Свети Методиј одговори:
- Вистината ја кажувам пред царевите и не се срамувам. Што се однесува до мене, вие постапувајте со мене како што сакате. Оти јас не сум подобар од оние што, зборувајќи ја правдата, го загубиле овој живот низ многу маки.
Многу зборови се искажаа на тој собир, но противниците не можеа ништо да му возвратат, па кралот подбивно рече:
- Не заморувајте ми го мојот Методија. Тој веќе се испотил како да стои крај печка.
Методија одговори:
- Да, господару. Еднаш некои луѓе сретнале испотен философ и го прашале: „Зошто се потиш?“ Тој им рекол: „Се расправав со прости луѓе“.
Откако се скараа поради овие зборови се разотидоа, а него го испратија на заточение во Швабија, каде двеипол години го држеа во темница.
Гласот за тоа дојде до папата. Папата Јован 8ми, наследник на Адријан 2ри, кога дозна, им изрече проклетство на германските епископи, и им забрани да служат Литургија, се додека не го пуштат на слобода Методија. Тогаш епископите го пуштија, но на панонскиот кнез Коцел му соопштија: „Ако го имаш при себе Методија, нема да минеш добро со нас“. Сепак, тие епископи не го одбегнаа судот Божји и на апостол Петар, зашто четворица од нив набрзо умреа.
Во тоа време избувна расправија во Моравија помеѓу Словените и германските свештеници. Моравјани сфатија дека германските свештеници им се непријатели на Словените и се трудат да ги предадат на Германците. Затоа ги протераа сите, а до папата ја упатија следната молба:
„Како што порано нашите татковци го примиле крштението од свети Петар, така и сега дај ни го Методија за архиепископ и учител.
Папата веднаш го испрати свети Методиј во Моравија, каде беше пречекан од кнезот Свјатополк и му ги доверија сите цркви и свештенството во сите словенски градови. Наместо протераните германски свештеници свети Методиј постави свештеници - словени. Бидејќи свети Методиј и свештениците ги извршуваа богослуженијата и му проповедаа на народот на словенски јазик, христијанската вера започна брзо да се шири. Мнозина од незнабошците се одрекуваа од својата заблуда и ѝ пристапуваа на верата во вистинскиот Бог". Во тоа време моравската држава почна да се шири на сите страни, со сигурност да ги победува своите непријатели, и беше силна како никогаш порано.
Свети Методија имаше и пророчка благодат. Многу негови пророштва се исполнија. Ќе спомнеме само неколку од нив. Еден мошне силен пагански кнез, кој живеел покрај Висла, ги исмеваше христијаните и им правеше пакости. Свети Методиј му ја испрати следната порака:
„Добро ќе биде за тебе, синко, да се крстиш по своја волја во својата земја, за да не бидеш крстен со сила, заробен, во туѓа земја, па ќе се сетиш на мене“.
Така и се случи.
Другпат, додека Свјатополк војуваше против незнабошците и војната се одолговлечи, кога се наближи Петровден, свети Методија му ја испрати следната порака:
„Ако ми ветиш дека на светиот празник Петровден ќе бидеш со своите војници кај мене, јас верувам дека Бог наскоро ќе ти ги предаде незнабошците во раце“.
Така и се случи.
Друг, многу богат човек и советник, се ожени со својата снаа. Свети Методиј долго го советуваше, поучуваше и опоменуваше, но не можеше да го убеди да се разделат. А други, пак, кои се преправаа дека се Божји слуги, тајно ги одвраќаа ласкајќи им заради нивниот имот, додека најпосле не ги одделија од Црквата, Тогаш свети Методиј му рече на богаташот:
„Ќе дојде време кога оние што ви ласкаат не ќе можат да ви помогнат, и вие ќе се сетите на моите зборови, но ќе биде доцна“.
И навистина, по нивното отпадништво од Бога, по промисла Божја, овие богаташи одненадеж ги нападна таква болест, што никаде не можеа да најдат место за себе. Во таквата состојба тие умреа.
Имаше ии многудругитакви случувања, што тој ги разјаснуваше јавно со приказни.
Стариот завидливец и непријател на човечкиот род, не можејќи да го трпи сето ова, повторно ги крена против Методиј јавните и тајни непријатели, како некогаш Датан и Авирон против Мојсеј, и тоа едни јавно а други тајно. Тие луѓе боледуваа од иопаторската ерес! и ги одвраќаа послабите од правиот пат кон себе, велејќи:
- Нам папата ни даде власт, и ни нареди да го протераме Методиј и неговото учење.
Откако го собраа сиот моравски народ, наредија да се прочита послание пред нив, за да чујат за неговото протерување. А луѓето, како што е обичај кај народот, сите тагуваа и жалеа поради лишувањето од таквиот пастир и учител. А кога го прочитаа тоа послание, всушност во него стоеше напишано следното:
„Нашиот брат Методија е свет и правоверен, и врши апостолско дело. Нему апостолскиот престол му ги потчинил сите словенски земји. Затоа нека биде проклет оној што тој ќе го проколне, и нека биде благословен оној што тој ќе го благослови““.
И тогаш тие посрамени се разотидоа.
Но, нивната злоба не заврши со тоа. Сакајќи да му здодеат на светителот, тие зборуваа дека царот му е лут, и дека не би го оставил Методија жив ако е под негова власт. А милостивиот Бог, не сакајќи неговиот слуга да биде исмеан, го поттикна царот, та тој му испрати на свети Методија вакво писмо:
„Чесен оче, многу сакам да те видам. Потруди се да дојдеш кај нас, за да те видиме додека си на овој свет, и да добиеме благослов од тебе!.
Свети Методиј отиде во Цариград и царот го прими со огромна чест и радост, ја пофали неговата наука, и задржа од учениците негови еден свештеник и еден ѓакон со книгите. Исто така царот ги исполни сите негови желби, без ништо да му одрече и, откако го прегрна и богато дарува, повторно свечено го испрати до неговиот престол. Така направи и патријархот.
Многу неволји поднесе свети Методиј: во пустините од разбојниците, по морето од силните бури..., та на него се исполнија зборовите на апостолот: „Неволји по реките, неволји од разбојниците, неволји по морето, неволји меѓу лажните браќа во трудот и подвигот, во честото неспиење, во глад и жед, во многу постење, на студ и во голотија“ (2 Кор. 11, 26-27).
Потоа, откако ги остави сите грижи на Бога (сп. 1 Петар 5, 7), свети Методиј постави од своите ученици двајца свештеници, вешти брзописци, и во целост, брзо ги преведе од грчки на словенски јазик сите книги од Библијата, што не успеа да ги преведе со својот брат. Со брата си тој го преведе целиот Стар Завет, освен книгите Макавејски; го преведе и Номокананот и Патерикот. Свети Методиј започна со преводот во март а заврши на 26 октомври. Откако заврши, Му оддаде достојна чест и слава на Бога, Кој дава таква благодат и ревност. И откако заедно со своето свештенство отслужи Света Литургија, го отпразнува споменот на свети Димитриј Солунски, на чиј што празник го доврши преводот, и спрема кого гаеше особена љубов.
Во тоа време унгарскиот крал стигна до Дунавските земји и посака да го види свети Методиј. Многумина го одвраќаа да не оди кај тој крал, зашто нема лесно да се ослободи од него, но тој отиде. Кралот го прими чесно и славно со радост, како што му прилега на владетел. И откако поразговара со него, како што им прилега на такви мажи да разговараат, го отпушти, откако го целиваше и со љубов богато го дарува, велејќи му: „Споменувај ме секогаш, чесен оче, во твоите свети молитви“.
И така, откако ги пресече сите обвинувања од сите страни, и им ги затвори устите на многуглаголивите, тој заедно со апостолот можеше да рече: „Добро се борев, патот го завршив, верата ја запазив: за мене е подготвен венецот на правдата“ (2Тим. 4, 7-8). И бидејќи така Му угоди на Бога, беше возљубен (Мудр. 4, 10).
А кога наближи времето свети Методиј да се одмори од страдањата и да биде награден за многуте трудови, започнаа да го прашуваат:
- Чесен оче, и учителу, кого од твоите ученици го сметаш за достоен да биде наследник на твоето учење?
А тој, покажувајќи кон својот ученик Горазд, рече:
- Еве го човекот од вашата земја, правоверен и добар познавач на латинските книги. Ако е волја Божја и вашата љубов како и мојата, јас сакам тој да биде мој наследник.
На Цветници, кога се беа собрале сите луѓе, свети Методиј влезе во црквата, но малку изнемоштен, ги благослови царот и кнезот, свештенството и целиот народ, и рече:
- Надгледувајте ме, деца, до третиот ден.
И навистина, во третиот ден, на разденување, свети Методиј, изговарајќи ги зборовите: „Во рацете Твои, Господи, го предавам својот дух“ (Лука 23, 46), се упокои во Господа на рацете на свештениците, во шестиот ден од месец април, во третиот индикт, во шест илјади триста деведесет и третата година од создавањето на сиот свет (тоа е 885-та година по Христа).
Откако неговите ученици го подготвија, му ги оддадоа сите достојни почести и отслужија црковна служба (опело) на латински, грчки и словенски, и неговото чесно тело го положија во соборната црква во Велеград. И им се придружи свети Методиј на татковците свои (Д. А. 13, 36), и на патријарсите, пророците, апостолите, учителите и мачениците. На погребот присуствуваше огромен број на народ. Имаше тука и мажи и жени, и возрасни и мали, и богати и сиромаси, и слободни и робови, и вдовици и сирачиња, и туѓинци и мештани, и болни и здрави. Сите со солзи го испраќаа својот добар учител и пастир, кој на сите им стана се, за да ги придобие сите (Сп.1Кор. 9, 22).
Така свети Методиј премина кај Господа, Кому со својот брат свети Кирил апостолски ревносно Му служеше, и обајцата Му се преставија во вечниот живот, славејќи Го со сите светии во бесконечните векови.
Свети Учители наши, со молитвите свои гледајте одозгора на нас, коишто ве сакаме, избавете ги од секаква напаст учениците свои и распространувајте го учењето, а ересите изгонувајте ги, та откако достојно го проживееме нашиот позив овде (Ефес. 4, 1), да застанеме заедно со вас, како ваше стадо, од десната страна на Христа, нашиот Бог, примајќи од Него вечен живот, зашто Нему Му припаѓа слава и чест во вечни векови. Амин!
СТРАДАЊЕ НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК МОКИЈ
За време на царувањето на Диоклецијан, при антипатите Лаодикиј и Максим, кога христијаните беа гонети, во Македонија, во градот Амфипол, живееше презвитерот Мокиј. Исполнет со ревност кон Христа Бога, тој, кога незнабошците празнуваа во чест на својот нечист бог Дионис, или Бахус, застана меѓу нив и викна:
- Погледнете и чујте, о заведени и прелагани луѓе! До кога ќе се залажувате безумно талкајќи во темнината на идолослужењето? До кога ќе бидете несвесни за својата погибел? Обратете се, и познајте Го Господа Бога, нашиот Господ Исус Христос, Кој со светлината на вистината ја тргна темнината на незнаењето.
Блажениот Мокиј секојдневно истапуваше така меѓу народот, велегласно ја изобличуваше заблудата на идолопоклониците, и Го проповедаше Христа, вистинскиот Бог. Но, заслепените граѓани не им обрнуваа внимание на зборовите на боговдахновениот учител, па и понатаму ги празнуваа своите погани празници.
Меѓутоа, од македонскиот град Аполониј во Амфипол дојде антипатот Лаодикиј, и започна да му принесува жртва на Дионис. Лаодикиј беше известен дека овој слуга Христов многумина одвраќа од празнувањето на богот Дионис. Во меѓувреме и многу незнабошци го клеветеа светителот, говорејќи:
- Овде има еден христијански учител, кој со некоја чудна наука ги соблазнува луѓето да веруваат во распнат и мртов човек. Многумина го послушаа и ги напуштија нашите богови. Ако не му забраниш да го проповеда своето учење, целиот град ќе тргне по него.
Разгневениот антипат нареди да го доведат светителот пред него. Кога исповедникот Христов застана пред антипатот, тој го праша:
- Кажи ми, кој си ти што не сакаш да им принесеш жртви на боговите, и ги одвраќаш луѓето?
Свети Мокиј одговори:
- Ти не ја знаеш вистината. Зошто прашуваш за работи што не можеш да ги сфатиш? Собери ги најпрвин мислите на својот ум, дознај ја вистината, зашто и јас, изучувајќи го Светото Писмо дознав дека незнабожечките богови се ѓаволи, и залудна е надежта во нив.
Лаодикиј му рече:
- Ти премногу зборуваш!
Свети Мокиј одговори:
- Јас ја зборувам вистината. Ако сакаш да сфатиш, слушни ме: боговите на кои вие им се поклонувате се неми и глуви ѓаволи.
На тоа Лаодикиј му рече:
- Принеси им жртва на боговите, ако сакаш да останеш жив! Светителот одговори:
- Антипате, смртта за Христа е огромна добивка за мене, Разјарениот антипат нареди гол да го обесат на мачилиштето, а со железни гребени да му го стругаат телото до коските, од главата па се до нозете. Додека го стругаа, светителот Го призиваше Бога, говорејќи:
- Господи, Ти вечно царуваш, и блескаш со светлината на правдата, објави им го на слугите Твои Божеството Твое, и дај ми непречено да се подвизувам за заповедите Твои.
Слугите го стругаа телото на светителот додека не се изморија. Антипатот им се налути и ги избрка како мрзливи и неспособни, па нареди маченикот повторно да го изведат на суд. Светиот маченик застана пред него со посилно тело, и похрабар во исповедањето на вистината, славејќи Го Бога.
Даодикиј му рече:
- Принеси му жртва на богот Дионис, за да те избави од многуте зла.
Маченикот му одговори:
- Зарем ти за бог го сметаш неподвижниот и безгласен идол, изработен од човечки раце? О, заблуден слуго на ѓаволот! Зарем не гледаш дека твоето мачење не му наштети на моето тело? Зарем не гледаш дека не чувствувам никакви болки од раните? Твојата сила е ништовна.
На тоа Лаодикиј му рече:
- Твојата цврстина во маките не е од силата на твојот Бог, туку од твоите магиски вештини. Еве, јас издавам наредба да те спалат, за твоето тело да се претвори во пепел и да биде разнесено од ветрот.
Подготвија огромна печка од која излегуваа пламени јазици, и воздухот се помрачи од чадот. Тогаш Лаодикиј му рече на светителот:
- Принеси му жртва на богот Дионис! Маченикот молчеше. Лаодикиј повторно му рече:
- До кога ќе бидеш непокорен? Погледни, огнот е веќе подготвен за тебе. Сфати ја големината на богот Дионис и поклони му се.
Светителот одговори:
- Веќе ти реков дека нема да се поклонам на глув, слеп и нем погубувач на човечките души. Сакаш ли да се увериш дека оној што ти го нарекуваш бог не е бог, туку идол?
Лаодикиј гневно му одговори:
- Проклетнику, зарем е идол оној што во себе има божествена сила? Силата во него прима жртви од нас и ни дарува спасение.
Светителот му одговори:
- Сакаш ли јас да му принесам жртва на твојот бог, за сите да видат, и да ја познаат неговата сила.
Лаодикиј одговори:
- Поклони се, принеси жртва и познај ја неговата големина.
Свети Мокиј влезе во идолиштето, се прекрсти, застана во близина на идолот и Му се помоли на вистинскиот Бог, говорејќи:
- Господи, Ти ја држиш сета твар, и се си створил со Твојот Христос. Ти си го посрамил ѓаволот, кој отпадна од Твојата вистина. Ти си им подарил блаженство на целомудрие на оние кои ти се бојат, Господи, и го почитуваат светото име Твое. Ти си ги уништил вавилонските идоли и си му ја покажал вистинската вера на Твојот пророк Даниил. Ти, преку Трите Момчиња Твои, си го уништил идолскиот жртвеник и огнот во печката си го згаснал. Ти си го потопил свирепиот Фараон во морските длабочини. Ти си ги услишал молитвите на Мојсеј, и со стап вода од каменот си извел. Ти, Вечни Царе, Кој постоиш и си постоел, и повторно ќе дојдеш, услиши ме мене слугата Твој, притекни ми на помош и објави Ја силата Твоја над оние, кои вистината Твоја ја држат во лага, за да познаат дека си Ти единствен, вистински и вечен Бог, и со Твојата светост да се тргне темнината на идолопоклоничката заблуда.
Откако така се помоли, светителот со силен глас му се обрати на идолот:
- Непотребен и ништовен, нем и нечувствителен Дионис, ти наредувам со големото и преславно име на мојот Христос, Кој живее на небото, да паднеш од твоето постолје и да се разбиеш, за твојата немоќ да стане очигледна за сите.
Во тој момент се затресе земјата и идолот падна со силен тресок и се искрши на парчиња.
Сите присутни незнабошци побегнаа од страв, и се восхитуваа на тоа што се случи. Потоа свети Мокиј му рече на антипатот Лаодикиј:
- Ете, погледни ја ништовноста на твоите идолодемони, кои ги туркаат луѓето во смрт. Ајде собери ги парчињата од твојот бог, во кого што се надеваше, и сфати на каков погубен пат се наоѓаш.
Лаодикиј многу се нажали за идолот и веднаш нареди светителот да го фрлат во вжештената печка. Но, тој стоеше среде огнот како среде прекрасна градина, и пееше благословувајќи Го Бога. Во печката се гледаа уште тројца кои пееја со него; едниот од нив имаше многу светло лице, кое блескаше посилно од сонцето. Свети Мокиј вака зборуваше во огнот:
- Ти благодарам, Господи, Боже на отците наши, на чии што зборови се покорија сите и се. Благословен си Господи, Господи на силите, Творецу на сите војски небесни, Кого го слават устите на светите ангели. Ти некогаш си соприсуствувал со Трите Момчиња во пламенот, и меѓу нив си бил виден како четврти. Те молам, Спасителу мој, распали го огнот на оваа вжештена печка и спали го овој антипат. Искажи го врз него неподносливиот гнев Твој, И со јароста Твоја уништи го, за сите да познаат дека Ти си единствениот вистински Бог, Кој живее на небото.
Во тој час пламенот од печката го зафати антипатот, и го претвори во пепел заедно со неговите девет мечоносци, така што од нивните тела не остана ништо, зашто ги уништи гневот Божји. Присутниот народ се преплаши и во ужас побегна далеку од печката. А пак светителот излезе од печката потполно здрав и неповреден.
Кога дозна за ваквото чудо, градоначалникот Таласиј многу се разбесни, го фати свети Мокиј и го фрли во темница. По дваесет дена во тој град допатува друг антипат, по име Максим. Кога дозна се што сторил светителот, Максим започна да размислува како да го погуби маченикот. Тој го изведе на суд слугата Христов, и го праша:
- Кажи ми, како се викаш и какво потекло имаш?
Светителот одговори:
- Мојот татко се викаше Евфратиј, а мајка ми Евстатија. На светото кршение тие ми го дадоа името Мокиј. Воспитан од родителите во христијанската побожност, јас се удостоив на свештеничкиот чин во црквата на мојот Бог Христос, и веќе сум близу староста.
Максим го праша:
- Со што се занимаваа твоите родители?
Светителот одговори:
- Татко ми беше офицер во градот Рим, а мајка ми беше ќерка на антипатот Лампадиј.
Максим го праша:
- Кога имаш толку угледно потекло, зошто си се оддал на маѓепсништвото кое не ти доликува? Зошто си го разбил големиот бог Дионис, и си го спалил царевиот пријател Лаодикиј? Зошто си го укинал принесувањето на празничните жртви?
Свети Мокиј му одговори:
- Не јас, туку мојот семоќен Бог, Господ Исус Христос, го уништи бездушниот Дионисов идол, и со огнот на јароста Своја го изгоре својот непријател Лаодикиј. А јас само Му служам на мојот Господ со страв и цело срце, и Го исповедам пресветото име Негово.
На тоа Максим рече:
- Престани со тоа твое безумие, па пријди и принеси му жртва на Аполон, за да не умреш со лута смрт.
Но, светиот маченик одговори:
- Јас ќе умрам со лута смрт ако ги заборавам доброчинствата и заштитата на мојот вистински Бог, и се прињубам до оние што не се богови.
Тогаш антипатот Максим нареди да го врзат маченикот за две тркала, подесени така што кога ќе се вртат да кинат парчиња од неговото тело. Така мачен, светителот говореше:
- Колку е слатка љубовта спрема Бога!
Потоа, обраќајќи се кон мачителот, рече:
- Со ревност се извршува волјата на твојот отец -ѓаволот. Што се однесува до мене, јас сакам најразлични мачења и смрт за мојот Бог Христос.
Потоа светителот започна да Му се моли на Бога, говорејќи:
- Господи, давателу на чистите мисли, помошнику, заштитнику и избавителу мој, Ти благодарам, што мене недостојниот ме удостои да влезам во овој подвиг, и ми помогна против ѓаволот, зашто Ти си Бог, Кој го чуваш умот мој да не го совладаат нечисти помисли, и чиниш да се насладува во Тебе, Творецот свој, зашто е големо името Твое за оние кои те љубат.
Откако светителот така Му се помоли на Бога, тркалата се искршија, а маченикот стана потполно здрав. Сите присутни се восхитија на ова чудо, а мачителот се засрами како победен, па уште повеќе се разјари, и нареди маченикот да го фрлат во темница, а по три дена да го дадат на зверовите да го изедат. Тогаш пуштија кај светителот два лава кои рикаа. Кога му се приближија, лавовите легнаа пред него како да се поклонуваат, прегрнувајќи му ги нозете. Потоа започнаа да му ги лижат нозете, како да ги целиваат. Додека го наблудуваше тоа, народот повика:
- Пуштете го на слобода праведникот, кого и зверовите го почитуваат и Бог го сака.
Тогаш антипатот Максим го испрати во тракискиот град Перинт, кој сега се вика Ираклија, кај игемонот Филиписиј, со запис на податоците за него. Игемонот го задржа светителот осум дена во темница, па нареди да го одведат во Цариград, и таму да му ја отсечат главата. Изведен на губилиштето, светителот ги крена очите кон небото, и рече:
- Благословен си, Господи, Кој си ги створил вековите и ги доведуваш до крај подвизите на светите. Прими го во мир духот мој!
Тогаш му се јави глас од небото, кој му рече:
- Радувај се, добар подвижнику. Ти јавно ја победи силата на мачителот. Дојди и насели се со останатите подвижници во Царството Небесно. Доволно се трудеше во светот. Сега одморај и весели се на небото.
Му ја отсекоа главата на единаесетти мај, во 295-та година. Потоа благочестивиот цар Константин тој ден го одреди за празнување на светиот маченик Мокиј. Тој подигна и црква во негово име, во која што ги пренесе и неговите чесни мошти.
Оној што го празнува споменот на светиот маченик Мокиј, нека верува дека со него ќе има удел во благодатта на нашиот Господ Исус Христос, Кому со Отецот и Светиот Дух, чест, слава и поклонение низ сите векови, амин.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ДИОСКОР НОВИ
Овој свет маченик беше од Смирна. За верата во Христа беше изведен пред кнезот на Смирна. Пред него тој изјави дека е христијанин. Затоа беше фрлен во темница. Потоа по втор пат беше изведен на суд. Бидејќи остана во својата вера, кнезот нареди да му Ја отсечат главата. Така овој маченик се здоби со венецот на мачеништвото.
СПОМЕН НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ НИКОДИМ
Овој голем јерарх се подвизуваше во Света Гора и беше игумен на Хилендар. По смртта на Сава 3ти беше избран за архиепископ на сите поморски земји, во 1317-та година. Тој го круниса кралот Милутин во 1321 година. Го преведе ерусалимскиот Типик. Во предговорот на таа книга, тој вели: „Семоќниот Бог, Кој ја знае немоќта наша, ќе ни даде духовна моќ, но ако ние првин се потрудиме“. Искрено го сакаше подвижничкиот живот и се трудеше да го утврди во својата земја. Неуморно се трудеше околу искоренувањето на богомилската ерес и утврдувањето на Православната вера. Се упокои во 1325-та година. Неговите чудотворни мошти почиваат во манастирот во Пеќ, каде што почиваат и моштите на многу други свети архиепископи и патријарси.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК АРГИР СОЛУНСКИ
Македонскиот Христов новомаченик Аргир беше родум од селото Апоном (или Епоном), во близина на Солун. Имињата на неговите родители и неговото презиме не ни се познати. Пред своето маченичко страдање за Христа, Аргир живееше во Солун кај некој кројач. Неговото страдање се случи вака:
Некој христијанин од местото Сохос, крај Солун, поради некоја вина беше затворен во турска темница во Солун. Бидејќи немаше пари да се откупи, нему му беше речено дека ќе биде обесен. Исплашен од таа закана, овој несреќник вети дека ќе се потурчи. Штом вети, Турците веднаш го одведоа во една кафеана, за таму да го поучат во својата нечестива вера.
Гледајќи го тоа одрекување од христијанската вера, младиот осумнаесетгодишен Аргир се исполни со божествена ревност и христијанска храброст, истапи во таа кафеана пред јаничарите кои го опкружуваа овој несреќник, и смело и одлучно започна да зборува:
- Какво зло си сторил брате, та се одрекуваш од Христа, Спасителот наш! Колку големо зло правиш, несреќнику, што душата своја ја предаваш на вечна смрт, за да ја одбегнеш привремената? Дојди си на себе, брате, покај се и повторно исповедај Го Христа! Ако сакаат да те убијат, тогаш радосно пролиј ја својата крв за Христа, зашто и Он се жртвувал од љубов кон нас.
Бесните јаничари веднаш се нафрлија врз блажениот исповедник, и започнаа безмилосно да го тепаат и злоставуваат. Тие веднаш ќе го убиеја, ако не се сетеа да се обидат да го обратат во својата муслиманска вера. Со ножеви и пиштоли во рацете, тие го опколија и му рекоа:
- Или кажи дека ќе се потурчиш, или веднаш ќе те убиеме.
Светиот маченик мирно им одговори дека е христијанин, и дека нема да се одрече од својата вера, туку со радост ќе умре за верата и љубовта Христова. Тогаш Турците грубо го поведоа кај судијата, час тепајќи го и претејќи му, час ласкајќи му и ветувајќи му разни почести и награди. Откако не успеаја да го поколебаат во верата, тие го фрлија во темница. По два дена повторно се обидоа да го обратат во своето зловерие. Но, бидејќи и овој пат не успеаја, од судијата побараа пресуда да го обесат. Тој не се согласи со нив, и ги посоветува уште да го убедуваат. На лутите навалување од Турците, кои укажуваа на Аргировото понижување и навредување на исламската вера, судијата најпосле пресуди светиот маченик да се казни со бесење. Ѕверските јаничари веднаш го зграбија и го обесија на местото Кампан во Солун, во петок, на единаесетти мај, во 1806-та година.
Така македонскиот новомаченик Аргир беше вброен во ликот на светите маченици, зашто се истакна со двократна христијанска љубов: љубов спрема Христа Бога, и љубов спрема својот ближен. Спрема ближниот со тоа што од љубов за спасение на оној несреќен христијанин, тој го изложи на опасност сопствениот живот; а спрема Бога, тој покажа љубов со тоа што пострада за Христа.
По молитвите на овој свет новомаченик, нека Господ и нам ни подари таква двократна и безрезервна христијанска љубов. Амин.