28. Мај (15. Мај)
ЖИТИЕ НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ПАХОМИЈ ВЕЛИКИ
Преподобниот Пахомиј Велики се роди во Горен Египет, во Тиваида, во околината на градот Есна, околу 290-та година. Се роди од ревносни непобожни родители, како крин од трње. Господ Христос уште како дете го предназначи за својата света служба. Уште како мало дете родителите му дадоа да вкуси од идолските жртви. Но кога вкуси, тој веднаш го поврати тоа како душепогубен отров. Неговата детска утроба не можеше да прими во себе дел од демонските жртви, бидејќи во душата негова требаше да живее Бог. Кога потпорасна, родителите го одведоа во еден идолопоклонички храм покрај реката Нил. Во идолите на тој храм живееја демони, кои на луѓето им даваа одговори на прашања, та тие се лажеа мислејќи дека им одговара идолот - нивниот бог. Кога Пахомиј дојде таму, идолот замолкна и онеме. Идолскиот жрец се зачуди, па започна да му принесува уште повеќе жртви, за да го умилостиви да проговори. Најпосле демонот му откри на жрецот дека поради присуството на Пахомиј не може да им дава одговори на луѓето. Жрецот погледна во Пахомиј и силно викна:
- Зошто сте го довеле овде непријателот на нашите богови? Веднаш исфрлете го одовде!
Неговите родители многу се натажија поради тоа, и зачудено се прашуваа: „Што ќе биде со ова дете? Тоа ни од жртвите не може да вкуси и веднаш повраќа“. Не знаејќи што да прават, тие молчеа. Потоа го дадоа во училиште да ги изучи египетските книги и старата философија.
Кога Пахомиј наполни дваесет години, царот Константин Велики (305-337 г.) собираше војска против Максенциј тиранинот. Во таа прилика во Египет дојдоа царски чиновници, кои повеќе силум отколку милум, зедоа во војска многу момчиња. Меѓу нив беше и Пахомиј. Ги натоварија во кораб и тргнаа. Попат коработ се задржа во христијанскиот град Есна, во Тиваида. Тука Пахомиј и неговите другари беа држани под стража. Кога видоа дека строго ги држат момчињата, жителите на градот се сожалија на нив, па им донесоа многу храна и пијалоци, и ги утешија во нивната тага. Пахомиј се восхитуваше на нивната љубов, и започна да се распрашува кои се луѓето што толку се грижат за нив, иако не ги познаваат. Кога дозна дека се христијани, и дека тие се милостиви кон сите, а особено спрема странците, тој започна да се распрашува што значи името христијанин, зашто дотогаш не беше слушнал ниту за Христос, ниту за христијаните. И му рекоа дека христијаните се побожни луѓе кои веруваат во едниот Бог, Кој живее на небото, Творецот на се и Седржител, и единородниот Син Негов Исус Христос и во Духот Свети. Христијаните се добродушни и милосрдни. Тие им прават добро на сите и неповратно им даваат на потребитите, очекувајќи награда единствено од Бога.
Додека го слушаше тоа, младиот Пахомиј се восхитуваше на христијанската вера, и срцето започна да му се загрева со страв Божји, и душата да му се радува што слушна за името Христово. Тој ги остави своите другари, па насамо ги крена рацете кон небото и рече:
- Господи, Боже христијански, Кој си ги створил небото и земјата, ако погледнеш на мојата ништовност и ми подариш познание за твоето Божество, и ме избавиш од овие неволји, јас ќе Ти служам во сите денови од мојот живот, и ќе живеам по заповедите Твои.
Откако така се помоли, Пахомиј одлучи постојано да го има сеќавањето на едниот вистински Бог, Кого Го почитуваат христијаните. Оттогаш тој ревносно се чуваше од секое небогоугодно дело, а кога ќе се појавеа телесните соблазни или други световни желби, тој одлучно се одвраќаше од нив, имајќи ја на ум својата молитва, во која на вистинскиот Бог му вети богоугоден живот. И умот му се просвети со божествена благодат. Уште од мал тој многу ја сакаше чедноста на телото, и сесрдно се трудеше да ја сочува непорочна.
Во тоа време царот Константин со верата во Христа го победи непријателот, и издаде наредба да се распушти војската. Тогаш беше пуштен и Пахомиј, кој се врати во својата татковина, и веднаш појде во Горна Гиваида и се задржа во селото Хиновоск. Тука влезе во христијанската црква и замоли да биде крстен. Откако беше огласен и поучен во светата вера, прими свето крштение и се удостои да се причести со Божествените Тајни. Наредната ноќ во сонот виде како роса слезе од небото, му ја наполни десната рака и стана како мед, и слушна глас од небото:
- О, Пахомиј, разбери што гледаш. Ова знамение е благодатта што ти се дава од Христа Бога.
Ова видение уште повеќе го рани со њубовта Божја, силно умиление му ја зафати душата, и желбата за монашки живот стана неодолива. Штом слушна за еден отшелник на име Паламон, кој живеел во пусто осамено место, тој отиде кај него. Кога затропа на вратата од неговата ќелија, старецот погледна низ еден отвор и праша:
- Што сакаш и кого бараш?
Пахомиј му одговори:
- Бог ме испрати кај тебе, да ме замонашиш.
На тоа старецот му рече:
- Ти не можеш да бидеш монах, оти монаштвото не е лесна работа. Многумина доаѓаа овде, но не можеа да го издржат монашкиот подвиг, па се вратија назад.
Пахомиј му одговори:
- Сите луѓе не се исти. Ти само прими ме, па ќе ти покажам дали можам да ги поднесам тешкотиите на монашкиот живот.
Старецот му одврати:
- Ти реков дека не можеш да го поднесеш тоа. Оди на друго место, пробај се себе си со долгогодишно постење, па потоа дојди кај мене и јас ќе те примам. Јас живеам сурово, и крепен со благодатта Христова не јадам ништо освен леб и сол. Масло и вино никогаш не ставам во уста. Во молитвата и изучувањето на Светото Писмо сум до полноќ, а многу пати и по цела ноќ.
Старецот не го зборуваше тоа од гордост, туку затоа што сакаше да го заплаши момчето и да го избрка од себе. Но, овие зборови во Пахомиј уште повеќе ја зголемија желбата за таквиот живот во Христа, па тој му рече на старецот:
- Верувам дека Бог по твоите свети молитви ќе ми даде сила и трпение, и преку тебе ќе ме упати на најсуров живот.
Тогаш преподобниот Паламон го прозре во него Божјиот призив, ја отвори вратата, го прими, и го облече во монашкиот лик. И живееја двајцата заедно во пост, молитва и ракоделие. Нивното ракоделие беше предење на волна и ткаење на вреќи. Тоа не го правеа за добивка, туку од трудот на рацете свои да ги хранат ништите. А кога стоеја на сеноќна молитва, старецот, штом ќе забележеше дека ученикот дреме, веднаш го вадеше надвор од ќелијата, па полнеа кошници со песок и го носеа и истураа на друго место. Така тие мораа од своето тело да го бркаат сонот, за духот да им биде бодар во молитвата. И старецот му зборуваше на својот ученик:
- Трезни се себе чедо, и бдеј, за искушувачот да не те искушува, оти залуден би бил нашиот труд.
Гледајќи дека блажениот Пахомиј е послушен во се, воздржлив, вреден во сите подвижнички подвизи, и дека напредува од една доблесна сила во друга, преподобниот Паламон многу се радуваше и Го славеше Бога. А кога настапи пресветлиот празник на светото Воскресение Христово, старецот му рече на ученикот:
- Брате, бидејќи денес е голем Празник, и радост и веселба за сите христијани поради Воскресението Христово, подготви ручек и за нас, за да се веселиме во слава Божја.
Пахомиј веднаш усрдно постапи според наредбата: зеде малку масло, го стави во солта и го постави на трпезата. Кога старецот пријде и ги здогледа маслото и солта на трпезата, се удри по челото и со солзи рече:
- Мојот Господ беше распнат, исмеван, и тепан, а јас да јадам масло? И не седна на трпезата додека маслото не беше тргнато и ставено само сол. Еден ден кај него дојде еден брат, па кога виде запален оган им рече на Паламон и Пахомиј:
- Кој од вас има вера нека застане врз жарта и нека стои додека не ја прочита Господовата молитва. Кога го виде гордоумието на овој брат, преподобниот Паламон му запрети, велејќи:
- Брате, престани со својата горда вообразеност, и не барај гепотребни дела, затоа што си во прелест.
Но, овој уште повеќе се осили, па своеволно застана врз арта, започна да ја чита молитвата Господова и остана неизгорен. Тогаш уште повеќе започна да се гордее поради својата свест, и на заминување со потсмев ги праша:
- Каде е вашата вера?
И додека истиот горделив брат седеше во својата ќелија, која што не беше многу далеку од Паламоновата, ѓаволот, гледајќи дека тој е потполно прелестен со гордоумието, се претвори во убава жена, раскошно облечена и накитена, па појде кај него и затропа на вратата. Тој отвори, и кога ја виде жената Ја праша зошто дошла. А ѓаволот во облик на жена му одговори:
- Лихварите ме гонат поради долгови. Јас не сум во состојба да им платам, и затоа бегам и се кријам за да не ми наштетат. Затоа, те молам, оче, прими ме во својата ќелија да се сокријам од гонителите, зашто Бог ме упати кај тебе.
А тој со својот закоравен ум не можеше правилно да расуди и да го сфати вражјото лукавство. Затоа ја прими жената во својата ќелија. Тогаш ѓаволот му уфрли блудни помисли во душата. Горделивиот монах, победен од нечистите помисли, во своето срце се согласи на грев. А кога и пријде на жената за да ја задоволи својата страст, ѓаволот го дофати и го тресна од земјата, па исчезна. Тој долго лежеше како мртов, нем и без глас.
По неколку дена, доаѓајќи си на себе, и увидувајќи го своето безумие, овој монах отиде кај светиот Паламон, па со плачење му рече:
- Знај, оче, дека јас сум виновен за својата пропаст, оти не те послушав. Го молам твоето преподобие, со твоите свети молитви помогни ми мене кукавниот, за ѓаволот потполно да не ме упропасти.
Додека монахот говореше низ солзи, а преподобните отци Паламон и Пахомиј од сожалување плачеа за него, ненадејно монахот полуде, Ѓаволот завладеа со него, и тој јурна низ ќелијата и трчаше по горите и пустините, гонет од ѓаволот. Дојури во градот Панос, се фрли во печката од бањата, и изгоре во неа.
Слушајќи за тоа, блажениот Пахомиј будно го чуваше своето срце од горделивите помисли, и животот го минуваше во смиреноумие и кроткост, имајќи ги на ум зборовите Господови: „Научете се од Мене, зашто сум кроток и смирен по срце“ (Марко 11, 22).
Гората и пустината во која живееја преподобните отци Паламон и Пахомиј беа полни со трње. Одејќи бос да собира трње, Пахомиј ги изнарануваше своите нозе и раскрваруваше своите раце од трњето. Тој со радост го поднесуваше тоа, сеќавајќи се на клинците, со кои светите раце и нозе на нашиот Господ беа приковани на крстот. Пахомиј многу сакаше да се моли сам во самотија, и затоа често одеше далеку во пустината, и со раце кренати кон небото долго Му се молеше на Бога. Кога еднаш така се оддалечи и се приближи до местото Тавенисиот, тој за време на својата молитва слушна глас од небото, кој му рече:
- Пахомиј, остани овде и изгради манастир на ова место, зашто кај тебе ќе дојдат многумина, кои сакаат да се спасат. Ти ќе ги упатуваш во доблесниот монашки живот според образецот и уставот кој ќе ти го испратам веднаш.
Додека блажениот Пахомиј се чудеше на таквите божествени зборови, пред него застана Ангел во облик на високиот чин на совршените монаси (света схима), и во рацете му даде таблица на која беа напишани уставот и правилата за монашкиот подвижнички животПОДВИЖНИЧКИ живот. Тогаш Пахомиј со радост се врати кај својот преподобен старец, и му раскажа се што виде и слушна. А старецот, длабоко верувајќи дека тоа е Божјо дело и уредба, ја прослави добрината на нашиот Господ, Кој пронајде таков начин за спасение на луѓето. Блажениот Пахомиј го замоли преподобниот Паламон да појде со него и да го види местото каде што го слушна гласот Божји и му се јави ангелот. Не сакајќи да го натажи својот ученик, кого го имаше како мил син во Бога, старецот појде со него и таму направија мала ќелија. По некое време старецот му рече на Пахомиј:
- Чедо, ја гледам благодатта што ти е дарувана од Бога. На ова место ти ќе бидеш наставник на многумина. Затоа остани овде, а јас ќе се вратам во својата ќелија. Но, да се заветиме да не се разделиме засекогаш, туку да се посетуваме додека сме живи.
И така секој си живееше во својата ќелија. Блажениот Пахомиј често доаѓаше кај преподобниот Паламон, и од него примаше благослов и татковски поуки. Но, тоа не потраја долго. Свети Паламон смртно се разболе од големото воздржание, зашто понекогаш земаше по малку леб без да пие вода, а понекогаш по малку вода без да јаде леб. Браќата што го посетуваа го молеа во својата болест да земе малку храна, но тој одговараше: „Кога светите маченици Христови заради Бога до крај јуначки претрпеа: едни - со искасапени тела, други - со отсекување на главите, трети - спалувани, како тогаш јас да го упропастам моето мало трпение, кое одлучив да го носам заради Христа?“
И така вистинскиот подвижник и за време на болеста не го изневери своето подвижништво, туку го одржа до крај. Се упокои на рацете на својот возубен ученик и духовен син Пахомиј, и премина да ги наследи вечните добра, подготвени од Христа Господа. Чесното тело на својот духовен отец преподобниот Пахомиј го погреба како што доликува, па се врати во својата ќелија во Тавенисиот. По извесно време кај преподобниот дојде неговиот постар брат по тело Јован, кој долго го барал, зашто Пахомиј не се врати дома откако го прими светото крштение, туку веднаш отиде во пустината. Неговиот брат Јован го бараше насекаде, бидејќи и самиот ја прими светата вера и се крсти. Кога се сретнаа, браќата се израдуваа и прегрнаа, и Јован остана да живее со него. И живееја двајцата поучувајќи се и дење и ноќе во законот Господов, а за земното не се грижеа. Она што го заработуваа од трудот на рацете свои, го раздаваа на неволните, без да се грижат за утре. Ги умртвуваа своите тела со пост, бдение и разни други маки, тешејќи се со надеж на воскресение и на блаженство во Царството Небесно. Читајќи ги Житијата на Светиите, и разгледувајќи ги нивните подвизи, тие се трудеа и самите да ги извршуваат.
Потоа, сеќавајќи се на Божјото ветување дека околу него ќе се насоберат многу браќа, преподобниот Пахомиј заедно со брата си започна да гради ќелии. Сакаше манастирот да биде што поголем, а Јован повеќе тежнееше кон безмолвието, па сакаше манастирскиот двор да биде што помал. Озловолен, Јован му рече на Пахомиј:
- Престани со тоа проширување, оти е непотребно.
Пахомиј се разгневи, но ништо не му одговори, почитувајќи го како постар брат. Кога падна ноќ, Пахомиј се затвори во својата ќелија и започна да плаче и во молитвата да се исповеда на Бога, говорејќи:
- Тешко мене, зашто во мене се уште има телесно мудрување. Јас се уште со тело одам! По толку духовно вежбање, со мене завладева гневот. Господи, смилувај се на мене, за да не пропаднам.
Ако не ме зацврстиш со Твојата благодат, и ако врагот најде во мене нешто од своите дела, ќе ме зароби како нарушувач на законите Твои. Оти е напишано: „Кој целиот закон го одржи а согреши во едно, виновен е за се“ (Јак. 2, 10). Верувам, Господи, дека Твојата преголема добрина ќе ми помогне, та ќе се научам да одам по патот на светите угодници Твои, трудејќи се во она што е напред, а заборавајќи го она што е зад нас. Помаган со благодатта Твоја, светителите Гвои од памтивека го посрамувале врагот и многу се прославија. А јас, Господи, како ќе ги научам оние, кои си ветил да ги повикаш на монашкиот живот преку мене, ако најпрвин самиот не ги победам своите страсти, кои со телото војуваат против мојата душа, и ако не го одржам законот Твој беспрекорно. Но, верувам, Господи, ако Ти ми укажеш помош, јас ќе го направам тоа што е угодно пред очите Твои, и Ги ќе ми ги простиш сите мои гревови. . Повикувајќи така кон Бога, блажениот целата ноќ ја мина во молитви со солзи, потејќи се, така што под неговите нозе подот се наводени. Тој имаше обичај да стои на молитва со раширени раце нагоре, и никако не ги спушташе, ни свиткуваше, се до завршувањето на молитвата, та така простум стоеше како да виси на крстот. На тој начин го утврдуваше своето тело и, вознесувајќи ја својата душа кон богомислие, тој многу се потеше.
Не помина долго време, и неговиот брат се престави во Господа. Пахомиј го погреба според обичајот со псалми и песни. Тој се трудеше секој ден да биде подобар и послободен од помислите што му надоаѓаа, и секогаш се поучуваше во стравот Божји, имајќи ги на ум сеќавањата за смртта, за страшниот Суд и за вечни маки, а со телото се трудеше околу изградбата на манастирот. Гледајќи го тоа, демоните започнаа отворено да го напаѓаат, приредувајќи му разни искушенија. А тој, вооружен со верата и молитвата, ги одбиваше нападите, постојано имајќи ги псалмопоенијата во устата. Многу пати демоните се обидуваа да ја прекинат неговата молитва, а кога ги преклонуваше колената на молитва, тие пред него покажуваа длабока јама и вода, која ствара силна бучава за да го исплаши. Но, светителот не обраќаше внимание на демонските привиденија, и продолжуваше со својата молитва. Некогаш додека патувал го опкружувале демони и му зборувале:
„Оди, господине Пахомиј! Направете место за слугата Божји!“
А светителот се потсмеваше на нивното актерство.
Еднаш, додека преподобниот Пахомиј стоеше на своето полноќно молитвено правило, во ќелијата наидоа многу демони со силна врева, и започнаа да ја поткопуваат ќелијата за да го убијат. А тој започна да пее: „Бог ни е прибежиште и сила, помошник Кој ни се наоѓа во неволја. Затоа нема да се уплашиме кога ќе се поколеба земјата“ (Псалми 45, 1-2). И веднаш демоните исчезнаа како чад и настана тишина. Но, тие бесрамници повторно се враќаа. Така, еднаш, кога светителот по молитвата седна и го започна своето ракоделие, ѓаволот се претвори во огромен петел, и силно кукурикаше пред него и му се нафрлаше кон лицето. Светителот дувна во него, се прекрсти, и така го избрка од себе. Повторно, во друга прилика, се собраа многу демони, заврзаа еден дабов лист со долг дебел конец, па започнаа божем со мака да го влечат како да е тежок камен, довикнувајќи си еден на друг:
- Влечете! Влечете!
Тие го правеа тоа за да го насмеат слугата Божји, но тој ги избрка со молитвата.
Многу пати, додека светителот седеше и јадеше, демоните, претворени во убави жени, седнуваа покрај него и започнуваа да јадат. Тогаш светителот ги затвораше телесните очи, а духовните ги насочуваше кон Бога, и демонските привиденија бегаа од него. Воопшто, демоните не му можеа ништо, зашто со него беше благодатта на Господа, Кој им говори на своите угодници: „Не плашете се, Јас сум со вас до свршетокот на светот“ (сп. Јован 14, 16; Матеј 28, 20). Но, еднаш, со допуштање Божјо, тој доживеа големо злоставување од демоните. Цел ден, од утро до мрак го тепаа, та беше целиот изнаранет како маченик. Но ниту малакса, ниту пак се посомнева во помошта Божја, оти беше сигурен дека Господ не ги остава слугите Свои во напастите. Во тоа време му дојде во посета еден стар монах, по име Аполон. Преподобниот Пахомиј му раскажа какви неволји му нанесуваат демоните, а старецот му рече:
- Биди храбар, слуго Господов! Знае ѓаволот, дека кога ќе те совлада тебе, кој си ни од корист на сите, и на кого сите се угледуваме, нас слабите лесно би не заробил. Таа е причината што се нафрла на тебе. Но, ти, оче, имајќи ја помошта Божја, не паѓај со духот, не малаксувај во подвигот, туку Јуначки трпи, за победен од унинието да не дадеш пример на малодушност.
Од овие зборови Пахомиј многу се осили против невидливите непријатели, и Го славеше Бога што му го испрати овој брат, кој го утеши и го поттикна на голем подвиг. Пахомиј го замоли монахот Аполон да го посетува почесто, и да го крепи со корисни поуки. Кога еднаш овој блажен старец дојде кај преподобниот Пахомиј, се разболе кај него и по неколку дена премина кај Господа. Пахомиј го погреба со своите раце.
Овој слуга Божји имаше таква слобода пред Бога, и толку голема вера, што многу пати згазнувал на змии и скорпии и останувал неповреден. Често пати тој им наредувал на крокодилите да го пренесат на другата страна од реката, и тие го пренесувале. Благодарејќи Му на Бога што го чува неповреден од вражјите напасти, тој Му се молеше, говорејќи:
- Благословен си, Господи, што не си ја презрел ништовноста моја, и што не си дозволил мојата немоќ да биде преплашена од врагот, туку си ме крепел и сега ме крепиш. Гледајќи го незнаењето мое, Ти Самиот ме упатуваш и учиш по Твојата света волја, зашто сум беден и неразумен, а Ти си ме вразумил во стравот Твој.
Гледајќи ги повторно демонските напади, свети Пахомиј како храбар и совршен подвижник Го молеше Бога да го земе сонот од него, за со Негова помош без спиење да го победи противникот според напишаното: „Нема да се вратам додека не ги истребам. Ќе ги соборам и нема да можат да станат, ќе паднат пред нозете мои, зашто ти ме опаша со сила за бој“ (Псалми 17, 38 -39). И му беше дарувано од Бога тоа што го бараше, та невидливите духови ги гледаше како видливи, и ги бркаше далеку со духовното оружје - молитвата. А секојдневната молитва на преподобниот се состоеше во тоа, врз него да се извршува волјата Господова, и ниту една помисла на световна грижа да не се прилепи за него.
По извесно време, за време на полноќната молитва, му се јави Ангел Господов како првиот пат, и му рече:
- Пахомиј!
А тој одговори:
- Што е, Господи мој?
Ангелот му рече:
- Еве ја волјата Господова: да Му служиш Нему и човечкиот род да го приведуваш кон Него.
Откако трипати го рече тоа, Ангелот Господов си отиде од него.
Заблагодарувајќи Му се на Бога, Пахомиј започна да ги прима оние што доаѓаа кај него, со желба да Му служат на Бога. По долгото искушеништво, тој ги замонашуваше. Им беше образец на подвижништвото и смиреното трудољубиво живеење, самиот служејќи им на останатите браќа. Ја подготвуваше трпезата, ја обработуваше градината, на болните им служеше и ден и ноќ, самиот беше вратар, и сите најтешки работи и послушанија во манастирот ги извршуваше со своите раце. Ги советуваше сите да му бидат верни на својот монашки позив, и да ги изучуваат Псалмите и другите Божествени книги, а особено Светото Евангелие. Браќата кои први дојдоа кај него се викаа Псентаисис, Сурос и Поој. 3боровите Божји што им ги искажуваше преподобниот им беа од голема духовна корист. Додека го гледаа неговото рамноангелско живеење, тие се вохитуваа и си зборуваа меѓу себе: „Се лажевме, мислејќи дека светителите се раѓаат како такви, а не стануваат по своја сопствена волја, и мислевме дека грешниците, обраќајќи се кон Бога, не можат да станат светители. Ете, ја гледаме добрината Божја врз нашиот свет отец, зашто тој се роди од нечестиви незнабожни родители, а достигна до такви висини на побожноста и богоугодништвото, што сите заповеди Божји ги извршува лесно и навистина е свет. Тоа јасно покажува, дека ако сакаме и ние можеме да го следиме неговиот пример, како што и тој го следеше примерот на светите пред него. Затоа да умреме со него, за да оживееме со него, зашто тој не води дирекно во вечниот живот.“
Пристапувајќи му, тие му рекоа:
- Оче, зошто многу се трудиш во манастирските работи? Нареди ни, па ќе ги извршуваме ние.
Светителот им одговори:
- Благиот јарем, што го зедов на себе, нема да го симнам.
Христос не собра заеднички да се трудиме заради спасението. Он нека не зацврсти во трпението, и трудовите! А кога нашиот Господ ќе приведе многумина овде, тогаш ќе има и такви, кои што ќе ми помагаат во манастирските работи.
И преподобниот им напиша правила за молитвата, за ракоделието, спиењето, бдението, храната, облеката, целокупниот манастирски поредок и монашки живот, како што беше поучен од Ангелот кој му се јави.
По Божја волја, кај преподобниот се собраа и многу други браќа. Меѓу нив беа Пекусиј, Корнилиј, Павле, Пахомиј, Јован, Теодор и други, кои беа слушнале за неговиот возвишен живот, за душеспасоносното учење на правата вера, и за примерниот манастирски поредок. За кратко време бројот на браќата порасна на стотина.
Во празничните денови, кога сите браќа требаше да се причестат со Божествените Тајни, преподобниот Пахомиј повикуваше еден презвитер од блиската селска црква. Смиреноумниот наставник не сакаше да удостои на презвитерскиот чин ниту еден од своите ученици и велеше:
- Многу корисно за монасите е да не бараат чест и старешинство, особено оние во општожитијата, за да не се појави завист, неслога, и кавги меѓу браќата. Како што искрата го пали гумното ако бргу не се угаси, така и помислата на властољубието и желбата за свештеничкиот чин, штом влезе во душата на монахот, ако брзо не се исфрли, сите негови многугодишни трудови и духовни плодови се ништовни пред Бога.
Така зборуваше преподобниот Пахомиј, учејќи ги браќата на смирение. А кога во неговиот манастир ќе дојдеше некој свештеномонах, изјавувајќи дека сака да живее со нив, тој љубезно го примаше и го почитуваше како татко. А овој пак, гледајќи го смиреномудрото житие на преподобниот и останатите браќа, се трудеше да ја следи нивната смиреност и подвижничките трудови.
Свети Пахомиј беше многу милостив и братољубив. Со сомилосна љубов се трудеше за старите и немоќните, умееше да ги згрижува и младите, полагајќи огромна грижа за нивните души. Бидејќи бројот на браќата секојдневно се зголемуваше, со Божја помош, преподобниот одбра неколкумина од нив да управуваат и да ги упатуваат другите во добродетелите, и ги постави над браќата што ги беше разделил во многу манастири.
А пак, самиот, како отец ги надгледуваше своите чеда, се грижеше за сите, и на секого според силите му го одредуваше потребното послушание. Така браќата имаа голем напредок од богомудриот наставник Пахомиј.
По многу години неговата сестра по тело дојде во манастирот да го види, зашто веќе ја беше примила христијанската вера. Кога дозна за нејзиното доаѓање, тој го испрати кај неа вратарот со порака:
Ете си слушнала дека сум жив, и немој да се жалиш што не сме се виделе. Ако сакаш да живееш како јас, за да најдеме милост пред Бога, браќата ќе ти изградат засебна ќелија за безмолвие, та одрекувајќи се од светот да Му угодиш на Бога. Не постои подобро ободрување на земјата од чинењето на добро и угодувањето на Бога. Господ е моќен преку тебе да спаси и други девојки и жени, кои би ги довел да живеат со тебе, и така ќе имаш двократна награда од Него.
Од овие зборови во срцето на сестрата се разли умиление, и таа со њубов и солзи го прифати советот од брата си, и молеше да биде упатена кон спасението. Блажениот Пахомиј Го прослави Бога за нејзиното усрдие, и им нареди на браќата од другата страна на реката да ѝ изградат ќелија. По некое време крај неа се собраа други девојки и жени, и тој им даде правила на монашкиот живот. Тој манастир му го довери на веќе остарениот свет човек Петар, кој често ги посетуваше и се грижеше за нив.
Преподобниот Пахомиј доби од Бога дар на чудотворство. Со благодатта Христова започна да исцелува болести и да истерува демони. Близок пријател на преподобниот беше еден стар презвитер на име Дионисиј, старешина на Гинтириската црква. Тој често го посетуваше, а и Пахомиј одеше кај него, зашто многу го сакаше, оти беше од оние што во време на гонењето страдаа како исповедници Христови.
Една угледна жена од градот Тинтира, која многу години страдаше од крвотечение, слушна за светоста на преподобниот Пахомиј и сакаше да го види, оти веруваше дека неговите свети молитви ќе ја исцелат. Таа дозна и дека тој не разговара со жените, ниту пак жени влегуваат во неговата обител. Знаеше и дека презвитерот Дионисиј е негов пријател, па го замоли да го повика кај него. Дионисиј се одзва на нејзината молба, и кога преподобниот Пахомиј влегуваше во црквата, крвотечивата жена се допре до неговата облека, како што некогаш евангелската крвоточива жена се допре до облеката Христова, и веднаш се почувствува здрава. Таа падна на земјата и гласно Го фалеше Бога, и со пофалби го величаше неговиот угодник Пахомиј. Преподобниот ја сфати намерата на Дионисиј, па ја благослови жената, и по њубезниот разговор со својот духовен пријател се врати во својот манастир.
Потоа во манастирот дојде еден човек оддалеку, молејќи го да му ја излекува ќерката, која што патела од нечист дух. Преподобниот му нареди на вратарот да му пренесе на тој човек: „Немаме обичај да разговараме со жените. Затоа испрати ни парче облека од твојата ќерка да ја благословиме со името Господово, па ќе ви ја вратиме назад. Се надеваме во Господа дека со Неговата благодат таа ќе се исцели“. Човекот отрча, донесе парче облека од ќерка си, и му ја предаде на светителот. А тој, погледнувајќи налутено во таа облека, рече:
- Оваа облека не е нејзина.
Но, родителот тврдеше, говорејќи:
- Навистина оваа облека е на ќерка ми.
На тоа светителот му рече:
- И јас знам дека твојата ќерка ја носи оваа облека, но таа не ѝ доликува оти е за девојка. Твојата ќерка се нарекува себе си девојка и така се облекува, но таа го изгубила своето девство и живее во блудна нечистотија. Јас видов дека оваа облека е извалкана со грев, и затоа реков дека таа облека не е нејзина. Ти најпрвин посоветувај ја да престане со гревот, и да вети дека во иднина ќе се чува чиста пред Бога, па и Господ ќе се смилува на неа, и ќе ја исцели од демонското насилство.
Таткото многу се натажи од овие зборови, јаросно одјури кон својот дом, и започна да ја испрашува ќерка си дали е вистина тоа што му е речено за неа. Таа му го призна својот грев, и со заклетва му вети дека повеќе нема да го прави. Тогаш тој се врати кај преподобниот, му пренесе што слушна од ќерка си, И со солзи го молеше да се смилува на неа. Светителот се помоли за неа и ѝ испрати малку од светиот елеј. И кога таа со вера се помаза со елејот, ѓаволот веднаш побегна од неа, и во тој час таа оздраве.
Друг човек, чиј син беше бесомачен и во него имаше жесток бес, та тој не можеше да го одведе кај преподобниот зашто нечистиот дух не го дозволуваше тоа, отиде во манастирот и со солзи го молеше светителот да се помоли на Бога за неговиот син, за да се избави од насилството на ѓаволот. Откако се помоли, тој му даде од манастирскиот леб, и му нареди да му даде на својот син за време на ручекот. Човекот го донесе лебот во куќата, и кога дојде време за ручек, го постави на трпезата пред синот. Но, бесомачниот не сакаше ни да го допре тој леб, и јадеше од друг. А кога по извесно време огладне, таткото го раскрши лебот од Пахомиј на трошки, па го помеша со урми и го постави пред синот... Но, нечистиот дух во момчето сфати дека во урмите се наоѓа лебот даден од рацете на светителот, и ја фрли чинијата на подот. Тогаш таткото многу денови не му даде ништо за јадење, па потоа му го понуди лебот од свети Пахомиј. Приморан од неподносливиот глад, тој вкуси од лебот и ѓаволот веднаш побегна од него. Тогаш таткото го одведе оздравениот син во манастирот кај преподобниот, и Му се заблагодари на Бога, Кој врши восхитувачки дела по молитвите на својот угодник.
И многу други исцеленија од разни болести чудесно се даваа од преподобниот Пахомиј со благодатта на Светиот Дух, Кој живееше во него. А кога понекогаш не го добиваше од Бога тоа што го бараше во молитвата, тој не се чудеше, ниту се смутуваше размислувајќи, туку постојано ги имаше во устата оние божествени и големи зборови: „Оче, нека биде волјата Твоја!“
Еднаш, посетувајќи ги своите манастири, кои што ги имаше по разни места, преподобниот дојде во манастирот Мухонски и здогледа една висока и плодородна смоква, на која што децата кришум се качуваа и јадеа смокви. Светителот здогледа дека на врвот на таа смоква седи нечист дух, и во него го препозна демонот на прејадувањето, кој ги соблазнуваше младите на крадење и тајно јадење. Тогаш го повика манастирскиот градинар Јона, старец искусен во подвизите, и му рече:
- Брате, отсечи ја оваа смоква. Не е добро да стои среде манастирот за соблазна на неутврдените во воздржанието. Старецот многу се натажи и му одговори на преподобниот:
- Никако, оче! Таа многу раѓа.
Гледајќи го нажален, свети Пахомиј не сакаше да му ја зголемува тагата, зашто знаеше дека е свет по живот. Но, утредента видоа дека таа смоква се исушила, и на неа немаше ниту род, ниту зелени лисја. Кога го виде тоа, Јона уште повеќе тагуваше што не го послуша преподобниот.
Треба да се задржиме малку и на блажениот живот на старецот Јона. Тој имаше осумдесет и пет години, и живееше во манастирот многу чесно и богоугодно. Неговото послушание беше да го обработува овоштарникот. Тој садеше овошни дрвца, ги одгледуваше и ги собираше нивните плодови. Од неговиот труд и молитвите се раѓаше овошје во изобилие, не само за браќата, туку и за туѓинците. А тој, пак, до својата смрт не вкуси од тоа овошје. Беше толку голем воздржливец и испосник. Од облека врз себе имаше само еден кожув, кој го носеше и зиме и лете. Имаше и долга наметка што ја облекуваше кога се причестуваше со Божествените Тајни. По причеста ја соблекуваше и ја оставаше на посебно место, и така ја беше сочувал чиста за време на своето монахување. Не знаеше за одмор и постојано работеше. Никогаш не вкуси никакво вариво. Цел живот се хранеше со суров зеленчук со оцет. До својата смрт никогаш не легна да се одмори. По цел ден работеше во овоштарникот, по зајдисонце го земаше својот вообичаен дневен оброк, потоа влегуваше во својата ќелија, и цела ноќ предеше врвци, без светло, сè до утринското богослужение. За тоа време молитвата постојано му беше во устата, и така ќе дремнеше малку според природната неопходност. Така го измачуваше своето тело се до смртта. Го најдоа упокоен во седечка положба, со врвца во рацете. Така неговата света душа отиде кај Господа. Ете, толку голем трудољубец, подвижник и умртвувач на страстите на своето тело, беше овој блажен старец Јона.
Во тој Мухонски манастир преподобниот Пахомиј подигна нова црква од рацете на браќата умешни во таа работа, и ја украси со прекрасни столбови. Тој многу се радуваше на така убавото и прекрасно дело. Но, размислувајќи дека монасите не треба да се занесуваат од убавината на делата од рацете свои, ниту да се гордеат поради убавината на својата градба, тој нареди тие столбови да бидат оштетени. Потоа им рече на браќата:
- Браќа, не фалете се со убавината на градбата од рацете свои, туку трудете се да ја изградите и украсите својата душа како храм Божји, оти „вие сте храм на живиот Бог, како што рекол Бог: ќе се населам во нив и ќе одам меѓу нив“ (2 Кор. 6, 16).
Така обиколувајќи ги своите обители, преподобниот отец ЏПахомиј им даваше душекорисни поуки на браќата. Ги учеше и воспитуваше со Светото Писмо, и ги молеше и советуваше да живеат непорочно, да ги препознаваат и разбираат демонските лукавства, да им се спротивставуваат со силата на Светиот Дух, и почесто да ги изговараат зборовите од псалмот: „Со Бога сме силни, Он ќе ги згази непријателите наши“ (Псалми 107, 14).
Еднаш, додека преподобниот седеше со браќата во својот манастир во Тавенисиот, и ги поучуваше браќата со вистините на Божественото Писмо, пред манастирот дојдоа некои еретици испосници, кои својот внатрешен отров го покриваа со груби кожени власеници. Стоејќи пред манастирските порти, овие еретици им рекоа на некои од браќата:
- Ние сме испратени од нашиот отец кај вашиот отец. Затоа соопштете му ја следната наша порака: „Ако навистина си Божји човек, и се надеваш дека Бог ќе те послуша, тогаш дојди, и заедно со нас премини ја оваа река, одејќи по неа како по суво, за сите да видат кој има поголема слобода пред Бога, ние или ти.
Кога ја сослуша ваквата горда порака на еретиците, преподобниот Пахомиј им рече на браќата:
- Со допуштање Божјо, овие еретици со помош на ѓаволот, кој ги уловил во својата мрежа, можат да ја преминат реката како по суво, за да се зацврсти еретичката заблуда. Но, јас нема да барам такво чудо од Бога, оти знам дека таа помисла не само што не е монашка, туку не е ни христијанска, Затоа одете и кажете им: „Вака вели смирениот Пахомиј: се надевам во Бога, но не се надевам во своите дела, и знам дека сум грешен и не сакам да го искушувам мојот Господ Бог. Јас се трудам непрестајно да ги оплакувам моите гревови и да барам помош од Бога, за без штета да ги преминам ѓаволските искушенија, а не да одам по водата“.
И еретиците си заминаа посрамени.
Во обителта на преподобниот имаше еден брат кој ја исполнуваше својата волја. Не јадеше кога јадеа сите браќа, туку постеше повеќе од одреденото време, и поради тоа имаше високо мислење за себе. Кога го виде гордоумието на тој монах, преподобниот го повика насамо и му рече:
- Брате, Господ рекол: „Дојдов од небото, не за да ја извршувам својата волја, туку волјата на Отецот Кој ме прати“ (Јован 6, 38). Затоа и ти си должен да нè слушаш, да го држиш манастирското правило, и да јадеш на трпезата заедно со браќата од она што е принесено, и тоа умерено, без да се прејадуваш, за да не се здебелиш. Не треба да јадеш и премалку, за да не изнемоште твоето тело за работа. Земај храна умерено, според своите телесни сили, за да го победиш демонот на пофалбата своја.
На почетокот братот го послуша советот на преподобниот, но потоа пак започна со своето самоволие, зборувајќи: „Каде стои напишано: не пости, не воздржувај се?“
Повторно советуван од отецот, тој не послуша. Така со него завладеа ѓаволот, и не отстапи од него, се додека свети Пахомиј не го исцели со својата усрдна молитва кон Бога.
Еднаш додека стоеше на молитва, преподобниот Пахомиј ги виде браќата опседнати од разни опасности: некои опколени од пламен, други со боси нозе заплетени во трње, трети на работ на провалија на чие што дно тече огромна страшна река, полна со крокодили.
Ова видение преподобниот им го раскажуваше на браќата со многу солзи, и пророчки им зборуваше дека по неговото заминување од овој живот, заплетени во разни пристрасности на светот, монасите ќе бидат во огромна опасност за своето спасение, и не ќе можат да се избават и да ја одбегнат суетната пристрасност.
Потоа кај преподобниот дојде еден актер, за да се замонаши. Преподобниот добро го прими, го поучи за покајанието и го замонаши. Се викаше Силуан. Со текот на времето Силуан стана расипан, започна немарно да живее и својата актерска комичност повторно да ја изведува за соблазна на помладите браќа. Кога дозна за тоа, преподобниот многу го советуваше, го караше, па понекогаш и го тепаше. Силуан ветуваше дека ќе се поправи, но не се поправаше. Бидејќи го трпеше веќе дваесет години, преподобниот нареди пред браќата да се симне од него монашкиот чин, му даде световна облека и го избрка од обителта. Тогаш Силуан падна пред нозете на великиот старец и го молеше:
- Оче, уште овој пат прости ми, потрпи ме уште малку, и јас верувам дека Господ Христос, Кој ги спасува грешниците, по твоите молитви ќе ме обрати кон покајание.
Старецот му одговори:
- Знаеш ли колку те трпев? Ти со својот лош карактер многупати ме натера да те тепам, а така не сум постапувал со никој друг. Не сум кренал рака на никого. Ти ме натера да те тепам, против моја волја. А кога те тепав, јас заради тебе страшно патев во душата, од сомилосно сострадание. Те тепав, не затоа што сакав, туку затоа што се надевав дека ќе се поправиш, и ќе ја спасиш својата душа. Но, штом ни карањето ни ќотекот не те поправија, јас сега те отфрлам.
Додека свети Пахомиј така му зборуваше, тој со солзи го преколнуваше, ветувајќи му покајание со Божја помош. Најпосле старецот му рече:
- Ако сакаш повторно да те вратам меѓу браќата, тогаш дај ми застапник, кој ќе тврди дека отсега ќе се покаеш.
И како негов застапник се јави еден чесен старец, по име Петрониј. Тогаш прподобниот се прости од Силуан, и го довери на старецот Петрониј, а и самиот усрдно се помоли за него, Бог да го изведе на патот на вистинското покајание. А милосрдниот Господ, Кој не ја сака смртта на грешникот, по молитвите на својот свет угодник Пахомиј, во срцето на Силуан стави огромна покајничка скрушеност, така што од очите постојано му се лееја потоци од солзи. И додека седеше со браќата на трпезата, тој многу пати не можеше да се воздржи од солзите и липањето. И врз него се исполнија Давидовите зборови: „Солзите ми се леб и дење и ноќе, И моето питие го помешав со нив“ (Псалми 41, 3). А кога браќата му зборуваа дека треба да се воздржи од солзите барем кога на трпезата има туѓинци, тој им одговараше:
- Јас сакам да се воздржам, но никако не можам.
Браќата му велеа:
- Треба да се плаче насамо, во молитвата, а не на трпезата, зашто и без надворешни солзи душата може секогаш да биде полна со срдечно умиление.
И повторно го прашуваа:
- Зошто така плачеш? Ние се срамиме да те гледаме таков и не можеме да јадеме.
А тој им одговараше:
- Браќа мои, зар вие сакате да не плачам кога гледам како мене грешниот ми служат свети луѓе, на чија што прашина од нозете не сум достоен? Зар не треба да плачам, кога мене, расипаниот актер, ми служат така чесни и богоугодни луѓе? Браќа, јас секојдневно плачам за да не ме проголта земјата како Датан и Авирон, поради моите многубројни гревови.
На таквото Силуаново поправање и вистинско покајание преподобниот Пахомиј се радуваше како што светите ангели се радуваат на небото при обраќањето на грешникот. Светиот старец ги убедуваше браќата за него, велејќи:
- Пред Бога ви сведочам, дека, откако го основав ова општожитие, ниту еден брат не бил толку смирен како овој. Знам, браќа, дека и вие, помагани со благодатта Христова, со помош на многу доблесни подвизи го победивте врагот и го избркавте. Но, ако малку се разлените, тој повторно ќе завојува против вас. А Силуан, најпоследниот меѓу вас, кого неодамна сакавме да го избркаме, го заснова своето спасение на толку длабоко смирение, што потполно го сотре Ѓаволот, та тој повеќе не може да се врати и да војува со него. Гордиот ѓавол ништо не го сотира потполно, како вистински смиреното срце на монахот, кој потполно се одрекол од себе.
Блажениот Силуан поживеа осум години во такво покајание и се упокои, а преподобниот Пахомиј виде како Ангели ја носат неговата душа кон небото, како одбрана жртва.
Бидејќи преподобниот живееше богоугоден живот за корист на сите, епископот на градот Панопол, Уар, го замоли да дојде во неговиот град и да основа манастир според својот устав и чин. Преподобниот поведе со себе неколку свои ученици, меѓу кои и Теодор, и тргна. Тој имаше намера да наврати во еден свој манастир, кој се наоѓаше во близина на патот по кој одеа. На влегување во манастирот ја сретнаа поворката на еден брат, кого што го носеа на погребение со големо псалмопоение. Во поворката беа родителите на покојниот, роднините и многу народ. Преподобниот им нареди да застанат и да престанат со пеењето, зашто со своите прозорливи очи виде дека на душата на покојникот не и користи таквиот свечен погреб, оти тој водеше нечист живот, поминат во мрзливост и гревољубие. Потоа нареди да се соблече од мртовецот скапоцената облека и веднаш да се спали, а голото тело да го погребаат надвор од манастирот, без никакво псалмопоение и почести. Тоа ги зачуди сите присутни, но никој не смееше да искаже нешто спротивно пред великиот отец. А пак родителите и роднините на мртовецот, и некои од браќата, го молеа отецот да се смилува и да дозволи да се изврши пропишаниот погреб според црковните правила. Но, светителот им одговори:
- Браќа, јас повеќе го жалам покојникот од вас, зашто вие се грижите за неговото тело, а јас за неговата душа. Постапувам така, за милосрдниот Бог да и даде некое олеснување на неговата душа, поради бесчесното погребение.
На овие зборови сите замолкнаа.
Преподобниот остана во тој манастир два дена, и во меѓувреме стигна вест од друг манастир во близина, дека таму еден брат е на умирање, па пред смртта сака да го види, и да се удостои на неговите молитви и благослов. Преподобниот со учениците веднаш отиде во тој манастир. Пред манастирот слушна глас на ангели во воздухот, па ги крена очите кон исток, и ја виде душата на братот, кај кого со радост иташе, како свети Ангели ја носат нагоре по осветлен пат. Тој застана восхитувајќи се. А неговите ученици не го слушнаа ангелскиот глас, ниту пак нешто видоа, па го прашаа светителот:
- Оче, зошто стоиш гледајќи нагоре, и иташ кон болниот брат, за да не умре пред твоето доаѓање?
Светителот одговори:
- Навистина треба да итаме кон вечниот живот, каде што, како што гледам, светите Ангели ја носат неговата душа.
Во манастирот го најдоа братот упокоен во Господа, па чесно го погребаа и се упатија кон Панопол.
Блажениот епископ Уар многу се израдува на доаѓањето на свети Пахомиј и неговите ученици. А кога зидаа манастир, некои злобни и завидливи луѓе, поттикнати од демони, доаѓаа ноќе и го рушеа созиданото. Преподобниот долго ја трпеше таквата пакост на тие луѓе, и своите ученици ги учеше на трпение, додека самиот Господ не им се одмазди. Една ноќ, кога по својот обичај тие дојдоа и започнаа да го уништуват трудот на светите мажи, ангел Господов ги порази со пламена молња, та сите се стопија како восок и изгинаа. Од тогаш манастирот со помошта Божја се зидаше без пречки. Се изгради обителта, и во неа преподобниот остави тројца свои доблесни ученици: Самуил, Иларион и Енкратиј, за да управуваат со манастирските работи и да ги упатуваат браќата по патот на спасението.
На враќање во својот манастир преподобниот со радост беше дочекан од браќата. А едно момче, манастирски искушеник, му довикна:
- Оче, откако замина ти, не ни вареа ни зеленчук, ни каша.
Светителот се насмевна и рече:
- Не тагувај, чедо, jас ќе наредам да се вари.
Отиде во кујната и таму го најде братот кувар како прави рогозина, и го праша:
- Кажи ми, брате, колку време има откако не им подготвуваш варива на браќата?
Тој одговори:
- Два месеци.
Старецот го праша:
- Зошто со неработење си ја погазил заповедта што ти е дадена?
Готвачот одговори:
- Сакав, оче, како што нареди ти, секој ден да подготвувам вариво, но кога видов дека тоа останува неизедено, зашто само децата искушеници јадат, а браќата се воздржуваат и живеат од сува храна, јас престанав, за бадијала да не го трошам брашното и маслото, и да го истурам тоа што преостанува. А за да не бидам осуден за неработење, јас правам рогозини со браќата, кои се со мене во кујната.
Светителот го праша:
- Колку рогозини направивте?
Готвачот одговори:
- Петстотини.
Светителот рече:
- Донесете ги ваму.
И кога ги донесоа, светителот нареди да ги спалат велејќи:
- Како што вие не ја исполнивте мојата заповед, така и јас, беспоштедно го спалувам вашето ракоделие, за да сфатите дека не е добро да ги нарушувате заповедите од отецот, што ви се даваат за спасение на душите. Зар не знаете дека оној, кој предложеното вариво и масло не ги јаде доброволно, има од Бога голема пофалба и награда, бидејќи имал право да јаде а не јадел заради Бога. Оној, пак, што не јаде под присила, зашто не му е предложено, тој нема пофалба и награда од Бога, бидејќи не Јаде затоа што не му е понудено. Значи, вие сте ги лишиле браќата од голема духовна корист, за да заштедите малку зелје, брашно и масло.
Тогаш готвачот и останатите браќа од кујната паднаа пред светиот отец, и се каеја, молејќи го да им прости.
Преподобниот се сети на видението што го имаше за браќата, дека по неговата смрт ќе паднат во најразлични пристрасности, и ќе се заплетат во суетни жалости, и започна да плаче. Приквечер се затвори во својата ќелија и се молеше на Бога за нив. На полноќ имаше вакво видение:
Видел, како што самиот подоцна раскажуваше, длабока и мрачна провалија, и во неа безброј монаси, од кои многумина се мачеле да излезат од неа, но не можеле оти други ги пресретнувале, слегнувајќи во провалијата, и повторно ги враќале на дното. Оние, пак, што се наоѓале под самиот врв на провалијата, и им било потребно сосем малку за да излезат од неа, ненадејно се лизнувале и паѓале на дното. А трети, многу немоќни, се тркалале на нејзиното дно. Четврти пак, со потресен глас повикувале. Само малкумина од нив со огромен труд излегувале и веднаш ги осветлувала светлина.
Размилувајќи за тоа видение, на преподобниот му стана јасно дека во последните времиња монасите ќе бидат немарни, мрзливи, помрачени, и ќе имаат само монашко обличје. Тој многу плачеше поради тоа, и се обраќаше кон Бога: „Господи Седржителу, кога ќе биде така, зошто тогаш си дозволил да постојат општожитија и манастири? Сети се на Твојот завет, Господи, со кој си ветил дека ќе ги чуваш до свршетокот на векот оние кои Ти служат. Ти знаеш, Господи, дека откако го примив монаштвото, јас постојано се смирував пред Тебе, и никогаш до заситување не јадев леб и вода, ниту со нешто друго се најадов“.
Додека преподобниот така зборуваше, му дојде од небото глас од Господа, кој говореше: „Не фали се, Пахомиј, човек си, туку моли за прошка, зашто се постои по Моето милосрдие“.
Пахомиј падна на земјата и повика кон Господа:
„Господи, прости ми, и не одземај ги добрата Твои од мене, туку испрати го милосрдието Твое на мене недостојниот. Знам и јас, Господи, дека без Твоја помош се станува сакато, и дека Твоето милосрдие ги милува сите, и ги спасува на неиспитливи начини“.
Додека преподобниот така се молеше, пред него застанаа светлолики Ангели, а среде нив момче со неискажлива убавина, поблескаво од сонцето, со трнов венец на главата. Ангелите го подигнаа Пахомиј од земјата и му рекоа:
„Бидејќи молеше да ти се испрати милосрдие од Господа, еве го милосрдието - ти дојде со трновиот венец самиот Бог на славата, Исус Христос, единородниот Син Очев, Кој беше испратен во светот, и беше распнат за вас“.
И Господ му рече на Пахомиј:
„Не плаши се, Пахомиј, и биди храбар, зашто твоето духовно потомство нема да престане до свршетокот на векот. А многу од монасите по тебе, кои со моја помош ќе се спасат од длабоката провалија, ќе се истакнат како поголеми од сегашните доблесни монаси. Денешните монаси, раководени и просветувани со примерот на твоето живеење, блескаат во доблестите. А монасите по тебе, кои ти ги виде во мрачната провалија, немајќи наставници кои можат да ги извадат од оној мрак, со напорот на својата слободна волја ќе излезат од темнината, и усрдно ќе одат по светлиот пат на Моите заповеди, и така ќе Ми угодат. Други пак, ќе ги снајдат неволји и беди, и ќе им станат рамни на големите светители. Навистина ти велам: тие ќе добијат исто спасение, како и сегашните монаси, кои живеат совршено и беспрекорно“.
Откако го рече тоа, Господ се вознесе на небото и воздухот блескаше со неискажлива светлина од славата Негова. А свети Пахомиј падна на земјата, Му се поклони на Господа, и Го славеше и со уста и со срце, радувајќи му се на преславното видение, и исполнувајќи се со неискажлива сладост од зборовите што му ги кажа Господ.
Еден брат сакаше да стане маченик за Христа, но тогаш царуваше благочестивиот цар Константин Велики и Црквата Христова живееше во мир, а тој брат често го молеше свети Пахомиј, говорејќи:
- Аво, сакам да станам маченик. Помоли се на Бога за мене.
Светителот го советуваше да не пушта во срцето таква помисла, и му велеше:
- Брате, јуначки трпи го монашкиот подвиг, без роптање поднесувај го трудот и манастирските послушанија, труди се со беспрекорен живот да Му угодиш на Христа Бога, и ќе добиеш на небото удел со светите маченици.
Но, братот и понатаму секојдневно го вознемируваше светителот со својата желба да пострада за Христос, молејќи го да се моли за него, Господ да го удостои на маченичкиот венец. Сакајќи да се ослободи од тоа вознемирување, свети Пахомиј му рече:
-Ќесе помоламзатебе, но внимавај, за време на мачеништвото наместо исповедање на името Христово да не се одречеш од Него. Тебе навистина те прелажува помислата, кога самоволно се туркаш во искушение, а самиот Господ не учи да се молиме, за да не бидеме воведени во искушение.
Две години потоа преподобниот Пахомиј ги испрати браќата во Горовито Село да наберат трска за изработка на манастирски рогозини. Тоа село се наоѓаше во близина на варварите наречени Влеми. Додека браќата работеа таму, преподобниот го повика братот кој молеше за мачеништво, и му нареди да им однесе храна. На испраќање, тој загонетно му ги изговори апостолските зборови: „Ете, сега е најдобро време, ете сега е ден за спасение... “ (2 Кор. 6, 2-3). Откако го натоварија магарето со храна, братот тргна накај браќата. На крајот од пустината го сретнаа варварите, кои се симнуваа од гората по вода, го фатија и врзаа, па заедно со магарето го однесоа во гората кај другите варвари. Кога го здогледаа монахот, варварите почнаа да му се потсмеваат, говорејќи:
- Ајде, монаху, поклони им се на нашите богови!
Заклаа животни и почнаа да им принесуваат жртви на своите богови, па го присилуваа и монахот да го стори тоа со нив. А кога тој не сакаше да им принесе нечисти жртви на нивните богови, варварите се разгневија и го опколија за да го исечат на парчиња. Монвахот многу се исплаши, па од страв падна пред идолите, им се поклони, им принесе жртва, па дури и јадеше и пиеше од жртвениот принос. Така, тој, плашејќи се од телесната смрт, ѝ наштети на својата бесмртна душа, одрекувајќи се од Христос.
Бидејќи стори толку тежок грев, монахот беше пуштен од варварите. Симнувајќи се од гората, тој си дојде на себе. Откако го увиде својот грев, ја раскина својата облека, и тепајќи се по лицето се врати во манастирот. Преподобниот дозна со Духот се што му се случи на тој брат, и го пречека многу тажен. Штом го здогледа својот отец, монахот падна пред него, ридајќи:
- Согрешив пред Бога и пред тебе, оче, што не го послушав твојот совет да не барам мачеништво. Ако те послушав немаше вака да пострадам.
- На тоа големиот отец му рече:
- Несреќнику, ти отфрли од себе толку големо богатство! Маченичкиот венец стоеше пред тебе, а ти го згази. За тебе беше подготвен удел со светите маченици, а ти се сврте од нивниот свет лик. Господ Христос дојде кај тебе со свети Ангели, сакајќи да ти стави круна на главата, но ти се одрече од Него, повеќе сакајќи го бедниот кратковремен живот отколку Бога. Се уплаши од смртта, која и без да сакаш ќе ја примиш, а го изгуби вечниот живот, отпаднувајќи од Бога. Каде се твоите поранешни зборови: „Сакам да станам маченик за Христа“. Ме тераше да се молам за тебе да се удостоиш на мачеништво. Ете, тоа време беше најдобро за тебе: за еден час да се умре за името Христово и да се добие маченички венец. А ти, наместо да Го исповедаш името Христово, се одрече од Него. Зарем не ти го претскажав тоа? Зарем не те советував да се откажеш од таквата замисла?
А тој велеше:
- Оче, согрешив во се, и не можам да те погледнам во лице, ниту очите да ги подигнам кон небото. Загинав, оче, немам надеж за спасение, и не знам што да правам, оти не очекував да ми се случи такво нешто.
Додека тој зборуваше низ солзи, великиот старец му рече:
- Беднику, ти потполно се отуѓи од Бога, но Господ е благи незлобив, и не се гневи до крај, зашто е милостив и може нашите гревови да ги потопи во бездната на милосрдието Свое, како камен во морето. Колку што е далеку небото од земјата, толку ги оддалечува беззаконијата наши од нас. Он не ја сака смртта на грешникот, туку покајание: паднатиот да стане, И оној што се откажал од Него да се врати. Затоа не очајувај. И за тебе има надеж за спасение, зашто отсеченото дрво повторно се подмладува од коренот. Ако ме послушаш ќе добиеш простување од Господа.
А тој низ солзи велеше:
- Отсега, оче, ќе те слушам во се.
Преподобниот му нареди да се затвори во засебна ќелија, до смртта да не разговара со никој, освен со духовниот отец, секој втор ден да зема по малку леб, сол и вода, дневно да изработува по две рогозини, да се моли и да бдее колку што може, и никогаш да не престане да плаче. И тој брат со радост постапи така. Поживеа во покајание десет години и премина кај Господа.
Еднаш, кога преподобниот Пахомиј се беше осамил од манастирската врева, пред него застана ѓаволот во вид на светлина, и му рече:
- Радувај се, Пахомиј, зашто јас сум Христос и дојдов кај тебе како кај свој пријател.
А светителот си мислеше во себе:
„ Христовото доаѓање кај човекот бива исполнето со радост, и без никаков страв, и сите негови мисли исчезнуваат во тој час, зашто тогаш целиот ум е вперен во набљудување на Појавениот. А јас, откако го видов овој што ми се јави, многу сум вознемирен и исплашен. Значи, пред мене не стои Христос, туку сатаната“.
И, станувајќи ограден со верата во Бога, тој смело рече:
- Оди си од мене, ѓаволе, зашто си проклет, и ти, и твојата појава, и лукавството на твоите зли намери.
И ѓаволот веднаш исчезна и се претвори во прав, и го исполни воздухот со смрдеа, бегајќи и викајќи силно:
„Јас сакав да те фрлам под моите нозе, но ти ме надитри и згази. Секој ден ме победуваш и ми се потсмеваш, зашто е голема силата Христова, и ви помага вам монасите. Но, јас сепак нема да престанам да се борам со вас, зашто сакам да ја вршите мојата работа“.
А светителот, крепејќи се со Духот, се исповедаше на Господа, благодарејќи Му за семоќната помош што им ја дава на Своите слуги против непријателите.
Една ноќ великиот Пахомиј и блажениот Теодор одеа по обителта и заедно видоа како доаѓа ѓаволот во облик на прекрасна жена, пратена од многу слуги. Гледајќи го тоа, на Теодор му минаа морници по телото. Но, свети Пахомиј му рече:
- Не плаши се, чедо, туку надевај се во Господа.
И започнаа да Му се молат на Бога. А ѓаволот во облик на жена, приближувајќи се им рече:
- Зошто залудно се трудите? Вие не ми можете ништо. Јас добив власт од Бога да искушувам кого што сакам.
Свети Пахомиј го праша:
- Ти, кој си? Од каде си? Кого сакаш да искушуваш?
Привидната жена му одговори:
- Јас сум ѓаволска сила, и сета демонска војска ми служи мене.
Јас го оттргнав Јуда од ликот апостолски. Јас добив власт да војувам и против тебе, Пахомиј. Но, никој никогаш не ме понижил како ти, зашто ме фрлаш под нозете не само на старите, туку и на децата, учејќи ги како да ме газат. Си собрал против мене мноштво подвижници, и си ги оградил со несрушливиот зид на стравот Божји, та слугите мои повеќе не можат да се приближат никому.
Оваа сила во вас порасна со вочовечувањето на Бога Словото, Кој ви даде власт да ја газите сета наша сила.
Свети Пахомиј праша:
-Сило ѓаволска, ти дојде да ме искушуваш само мене, или и останатите?
Жената одговори:
- И тебе, и сличните на тебе.
Светителот праша:
- Тогаш ќе го искушуваш и Теодор?
Жената одговори:
- Јас добив власт да ве искушувам сите, но не можам да ви се доближам. Кога војувам против вас, вие од мене имате повеќе корист отколку штета. Но, нема вечно да останете со оние кои сега ги вооружувате со молитвата. Ќе дојдат времиња кога по вашата смрт јас ќе се поиграм со нив.
Светителот праша:
- Знаеш ли дека оние по нас нема така верно да Му служат на Бога како ние?
Одговори ѓаволот:
- Сигурно дека знам.
Светителот на тоа рече:
- Лажеш погана главо. Единствено Бог знае, а ти си лага и владееш со лагата.
Возврати ѓаволот:
- Иако ништо не знам со предзнаење, сепак, рамислувајќи за изминатите и сегашните работи, јас предвидувам што ќе се случи.
Додека ѓаволот брбореше, преподобниот му запрети со името Христово, и тој исчезна со целата своја војска.
Посетувајќи ги браќата по своите манастири, и по осамените пустински ќелии, испитувајќи го нивното живеење и поправајќи ја нивната совест, преподобниот дојде кај еден чесен човек, кој ОД висока положба влезе во монаштвото. Тој монах не го знаеше египетскиот јазик, туку грчкиот и латинскиот. Затоа преподобниот разговараше со него преку преведувач. И кога светителот започна да го распрашува како управува со својата совест, монахот не сакаше да му зборува преку преведувачот, туку лично, но не можеше. Тогаш преподобниот отиде на едно осамено место, ги крена рацете кон небото, и започна да се моли:
„Господи Седржителу, кога не можам да им бидам од корист на луѓето, кои си ми ги испратил од краевите на земјата, оти не го разбирам нивниот јазик, тогаш каква е потребата тие да доаѓаат кај мене? Ако пак сакаш да ги спасиш овде преку мене, тогаш дај ми, Господи, да им го разберам говорот за поправање на нивните души“.
Се молеше така три часа, и веќе завршуваше со молитвата, кога ненадејно од небото во десната рака му беше спуштена хартија испишана како писмо. Штом ја прочита, светителот веднаш ги разбра говорите на сите јазици, и Му благодареше на Бога. Потоа радосен се врати кај оној брат, и започна со него да разговара на грчки и латински, како да му се мајчин јазик. Монахот беше многу изненаден и восхитен како преподобниот за неколку часа стекна таква благодат, и им раскажуваше на другите дека тој подобро зборува грчки и латински од сите учени. Светителот долго разговараше со тој брат за душекорисни работи, ја запозна неговата совест, добро ја поправи, го препорача на Бога, па се врати во својата ќелија.
Угодувајќи Му целосно на Бога и многумина упатувајќи кон спасението, особено со своето примерно монашко живеење и своите напишани и ненапишани монашки правила, веќе во длабока старост, свети Пахомиј се разболе по празникот Воскресение. Во болеста Му служеше блажениот Теодор. Два дена пред да се упокои тој ги повика браќата, ги поучи за се што е корисно за нивните души, и им заповедаше да се чуваат од еретиците како од душепогубен и смртоносен отров. Потоа ги благослови сите, им даде последен целив, и откако се помоли за нив, ја предаде својата чесна и света душа во рацете Божји. Тогаш се собраа сите монаси од неговите манастири. Беа седум илјади заедно со оние од големата Тавенисиска Киновија, која беше мајка на сите останати манастири, и во која имаше илјада и четиристотини монаси. Сите многу плачеа како децата за таткото, како учениците за учителот, како овците за пастирот, па чесно го погребаа неговото испосничко тело, славејќи Го Отецот и Синот и Светиот Дух, едниот во Троица Бога, Кому чест и слава и поклонение, сега и секогаш и низ сите векови, амин.
Свети Пахомиј се упокои во триста четириесет и шестата година, во седумдесет и четвртата година од својот овоземен живот.
ЖИТИЕ НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ИСАИЈА епископ Ростовски
Блажениот Исаија се роди и беше воспитан од благородни и христољубиви родители во Киевската област во Русија. Тој Го возљуби Христа од младоста, ги остави сластите на овој свет, и отиде во Печерскиот манастир кај преподобниот Теодосиј, со желба да стане црноризец. Провидувајќи со Духот дека Исаија ќе биде трудољубив во подвижничкиот живот, преподобниот Теодосиј го замонаши. Подвизувајќи се во доблестите и додавајќи труд врз труд, блажениот Исаија поднесуваше многу страдања, та сите се восхитуваа на неговото сурово живеење и многу го сакаа. Беше кроток, смирен, послушен, сиромаштољубив, братољубив. Иако во тело, тој се истакнуваше со ангелско живеење, умртвувајќи се себе си со воздржанието и огромното трпение. Украсен со благолепието на мудроста, праведноста, Јунаштвото и целомудрието, тој како четвороножна колесница иташе кон Небесниот Ерусалим, покажувајќи дека е небесен граѓанин. За неговите доблести слушнаа сите, зашто градот не може да се сокрие кога стои на врв планина (Матеј 5, 14).
Кога слушна за богоугодното живеење на блажениот Исаија, благоверниот кнез Изјаслав Јарославич го молеше преподобниот Теодосиј да го благослови Исаија да биде игумен во манастирот на светиот великомаченик Димитриј, бидејќи игуменот Варлаам се беше упокоил. Преподобниот Теодосиј го испрати блажениот Исаија за игумен во споменатиот манастир, и тој им беше искусен наставник и добар пастир на браќата. Иако го промени чинот, тој не го промени своето подвижништво. Со умот секогаш вперен кон Бога, тој смирено ги извршуваше најтешките работи. А за да им биде од корист на браќата, тој секогаш самиот беше прв во секое послушание. Тоа што им го наредуваше на останатите, самиот прв го вршеше, за сите да ги искачи на гората на доблестите, зашто учениците имаа обичај повеќе да ги следат делата отколку зборовите на својот учител.
Гледајќи колку свет човек стекна неговиот манастир, благоверниот кнез Изјаслав многу се радуваше и му благодареше на преподобниот Теодосиј. А семоќниот Бог, Кој уредува се по Своја волја, сакајќи уште повеќе да го прослави Својот угодник, го почести со архијерејскиот чин. Кога блажениот ростовски епископ Леонтиј чудотворецот отиде кај Господа, преподобниот игумен Исаија, по Божја волја беше поставен за епископ Ростовски.
Но, кога дојде на архијерејскиот престол во Ростов, блажениот Исаија забележа дека во неговото стадо има диви овци, односно новокрстени кои не се добро утврдени во верата. Срцето му се кинеше кога размислуваше дека за нив ќе дава одговор пред Пастироначалникот Исус, во денот на Судот. Тој ревносно се зафати со пастирските задачи. Го учеше и молеше христоименото стадо да биде цврсто во верата и да живее по примерот на Господа Христа. Тој им велеше: „Кој ќе се крсти во Христа во Христа се облекува“ (Галатјаните 3, 27). Затоа во се треба да го следиме Христос и неговото учење, за името Негово да се слави меѓу христијаните а не да се хули.
Носен од ревносна побожност, блажениот Исаија ги обиколуваше и останатите градови и села во Ростовската и Суздалската област, и каде што ќе наидеше на идоли и идолишта, веднаш ги рушеше и спалуваше, а луѓето ги поучуваше и упатуваше православно да веруваат во Светата Единосуштна Троица. Оние што ќе ја примеа христијанската вера ги крштеваше во името на Отецот, Синот и Светиот Дух, а оние пак, што не сакаа да веруваат, ги восхитуваше со чудесата и многуте знаменија, за да обрати некого во верата. Така, тој со благодатта Божја за кратко време сите ги привлече кон Христа. Спрема сиромашните и вдовиците епископот Исаија беше многу милостив. Беше хранител на гладните, утешител на нажалените, помошник и заштитник на бедните. Според зборовите на Јов, тој беше „на око слеп на нозе хром“ (Јов 29, 15). Затоа сите му се радуваа и Го прославуваа Бога, што на нивната земја ѝ дарувал таков отец, учител и наставник.
Во тоа време, додека владееше благоверниот киевски кнез Всеволода Јарославич, беше завршена изградбата на небесно убавата црква Печерска и требаше да се освети. Преосветениот киевски митрополит Јован беше многу тажен што за таа свеченост не успеа да собере богољубиви епископи поради нивната оддалеченост. Тогаш, како што за време на осветувањето на црквата Печерска епископите беа известени од страна на свети Ангели, испратени од Бога, така и на преподобниот Исаија во Ростов му дојдоа Ангели Божји во облик на момчиња, и го известија за осветувањето. Така и преподобниот Исаија стигна во Киев со останатите архијереји за осветувањето на црквата. Оваа чудесна работа самиот преподобен отворено со благодарност му ја раскажа и на преосветениот митрополит во градот Киев, и во Ростов по своето враќање, каде со радост го дочека целиот клир и паствата.
Потоа тој остана на својот престол уште една година. Добро се потруди околу стадото Христово, многу неверници обрати кон Бога, многу цркви подигна, многу чудеса сотвори, и го заврши земниот живот на 15 мај, во 1090-та година. Така, на оној, кој од светите Ангели беше повикан на осветување на неболиката црква, од истите свети Ангели душата му беше однесена на небото во вечноста, каде дај Боже да бидеме пренесени и ние, по молитвите на нашиот преподобен отец Исаија, и посредништвото на Пречистата Богомајка, а со благодатта на самиот Творец на небото, Едниот во Троица Бога, Кому слава, сега и секогаш, и низ сите векови. Амин.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ЕФРОСИН чудотворец Псковски
Преподобниот Ефросин, кому световното име му беше Елеазар, се роди во околината на градот Псков. Кои се неговите родители не се знае. Но, точно се знае дека се роди со духовно раѓање, при што негов татко беше Бог, Кој го роди со вода и Дух, а мајка Православната Црква, поради што и беше воспитан во правата вера и учење. Кога Елеазар потпорасна, родителите го дадоа да ги изучи божествените книги. Тој набрзо толку јасно влезе во смислата и разбирањето на Светото Писмо, што можеше не само речито да го објаснува, туку и да составува поучни состави. Освен тоа, тој ги изучи и философските науки, та дури и старците се восхитуваа на неговата мудрост, и со пофалби зборуваа за него. Елеазар никогаш не покажуваше склоност кон игрите, ниту кон световните забави, и најмногу го сакаше читањето на Светото Писмо и црковните песни. При тоа, тој уште како дете започна да се оддава на големо воздржание, одрекувајќи се да јаде сѐ што е слатко. Кога го видоа таквото негово воздржание, родителите го прашаа:
- Сине, зошто го измачуваш своето тело со така суров начин на живот, и ни нанесуваш огромна болка?
А тој им одговори:
- Родители мои, во Светото Писмо е речено дека јадењето и пиењето не нѐ приближува кон Бога (Кор. 8, 8), туку само постот, молитвата, телесната чистота и воздржанието.
Потоа родителите сакаа да го оженат Елеазар според законот. Но, разумното момче побегна од своите родители, како срна од замка. Тие долго со солзи го бараа, но не можеа да го најдат, зашто го чуваше благодатта Божја. Наскоро потоа се упокои неговиот татко, и мајка му остана вдовица. Тогаш милостивиот Бог, Кој сака сите луѓе да се спасат и да ја спознаат вистината, му стави во срцето мисла да го остави светот. Елеазар веднаш отиде во манастирот „Рождество на Пресвета Богородица“, кој се наоѓа на Снежната Гора во близина на Псков. Тука игуменот го замонаши и му го даде името Ефросин. Оттогаш Ефросин за навек се одрече од помислите што го влечеа кон светот, и потполно им се предаде на заветите на монашкиот позив.
Како монах, преподобниот Ефросин започна ревносно да се подвизува во пост, бдение, молитви и сеноќно молитвено стоење. Во исто време тој грижливо им служеше на браќата во кујната, пекарата и во сите манастирски работи. Со тоа ја стекна наклоноста на сите монаси од светата обител. За неговиот доблесен живот набрзо започна да се шири глас на сите страни, па тој многу се нажали, зашто човечката слава ја сметаше за свој грев и срам. За да ја одбегна таа слава, тој започна да размислува да се повлече во пустински безмолвен живот, каде би се подвизувал само за Бога. Таа своја намера му ја соопшти на својот духовен отец, и тој го благослови и му рече:
- Оди со мир, сине мој! Господ нека биде со тебе. Нека ти даде мудрост, и нека те упати по патот што си го избрал.
Откако доби благослов, блажениот Ефросин ја напушти обителта на Пречистата и започна да посетува многу места, барајќи погодно катче каде би можел во осаменост да му се предаде на безмолвното осаменичко житие. По промисла Божја, тој слушна за едно место на брегот на реката Толва, недалеку од Псков, на кое со благодатта Христова и сега постои манастир.
Сопствениците на тоа место го повикаа преподобниот преку побожни луѓе, за тука да се прослави името Господово. Тоа место му се допадна, и тој се насели овде на безмолвен осаменички живот, според зборовите на божествениот пророк: „Се оддалечив бегајќи... “ (Псалми 54, 8-9). Тука си направи колиба и усрдно им се предаде на монашките подвизи, одбивајќи ги нападите на невидливиот непријател со постот, бдението, молитвата, сеноќното стоење и земните поклони.
Еднаш, за време на летната горештина, преподобниот излезе од својата колиба и легна на земјата малку да се одмори од своите подвизи. Тогаш го зафати лесен сон. Во тој сон му се јавија учителите на вселената: Свети Василиј Велики, Свети Григориј Богослов и Свети Јован Златоуст, и му означија место за подигнување на храм во нивно име, во околината каде што се подвизуваше. Кога се разбуди, тој не виде никого. Тоа видение го стави во недоумица.
Оттогаш измина многу време и неговата мајка дозна каде се подвизува нејзиниот син. Таа дојде до неговата колиба и започна да го моли, говорејќи:
- Мило мое чедо! Утеши ја староста на мајката своја, дај ми да го видам твоето ангелско лице, не дозволувај со болка да појдам во гробот.
Свети Ефросин ја препозна својата мајка низ една пукнатина, и ѝ рече:
- Немој да тагуваш, мајко моја! Оди си одовде и не мачи ја староста своја. Ако сакаш да ме видиш овде, тогаш нема да ме видиш во оној живот. Но, појди во манастир, и со подвизување ќе ја спасиш својата душа.
Мајката си замина со тага, стапи во еден манастир и останатите денови од својот живот ги помина во побожни подвизи.
Преподобниот Ефросин јуначки и славно го помина својот живот и се престави кај Господа.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ АХИЛИЈ епископ Лариски
Преподобниот Ахилиј се роди во Кападокија од благочестиви родители, кои го научија на побожност. Заедно со надворешната, световната философија, тој ја изучи и внатрешната, духовната. Се украси себе си со сите добродетели и животот во Бога, и беше поставен за епископ на Лариса. Како епископ учествуваше на Првиот Вселенски Собор во 325-та година, на кој ги посрами еретиците и со својата ученост и светост предизвика огромно восхитување. Земајќи камен во рацете, свети Ахилиј викна кон аријанците:
- Ако Христос е створение Божјо, како што велите вие, тогаш кажете: од овој камен нека потече елеј.
Еретиците молчеа и се чудеа на таквиот повик на светителот. Тогаш тој рече:
- А ако е Син Божји рамен на Отецот, како што веруваме ние, нека потече елеј од овој камен.
И навистина потече елеј, на восхитување на сите.
Кога по соборот се врати во Лариса, божествениот Ахилиј разруши многу идолски храмови, подигна нови цркви и ги украси со благолепие. Тој истеруваше и демони од луѓето и правеше многу други чудеса. Потоа мирно се упокои во 330-та година во Лариса. Македонскиот цар Самуил (976-1014), кога ја освои Тесалија ги пренесе моштите на свети Ахилиј во Преспа, на островот во Преспанското Езеро, кое се нарече, а и денес се вика Ахил, или Аил.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ВАРВАР МИРОТОЧИВ
Овој преподобен отец беше родум од краевите на Пентапол во Африка. Беше разбојник и црн на изглед. Тој отиде во западните краеви со бродови, и таму многумина опљачка и многу други зла изврши. Потоа стана и старешина на разбојничка банда, оти беше многу силен. Ги убиваше христијаните и патиштата во тие краеви ги правеше непроодни за мирните луѓе. По промисла Божја, Варвар еднаш остана сам и започна да размислува за своите постапки и недела. Во него се разбуди совеста и му укажуваше на страшниот час на Судот Божји и на вечните мачења.
Еден ден еден свештеник појде да служи Света Литургија во храмот „Свети Георгиј“ во крајот Ниса. Со него беше и еден послушник. Кога ги виде, разбојникот тргна по нив, а свештеникот многу се исплаши и започна со страв да Му се моли на Бога. Но, во црквата, по милоста Божја на разбојникот му се отворија очите, и тој виде како за време на Светата Литургија на свештеникот му сослужуваат Ангели. По Литургијата разбојникот го праша свештеникот каде се оние што беа со него во олтарот, а тој, сфаќајќи дека тоа било видение, започна да му ги објаснува тајните Божји, и дека за сите е возможно да се покајат и да добијат спасение од Бога. Тогаш овој блажен покајник се фрли пред неговите нозе, и му ги исповедаше сите свои тешки гревови. Свештеникот го крсти, а тој самиот си стави тешки окови на вратот, рацете и нозете. Потоа се повлече во осаменост три години, минувајќи го животот како животно. Јадеше само трева, одеше четвороножно по земјата, живееше со кучињата и животните, и беше во најстрого воздржание и самоизмачување. Притоа непрекинато ги оплакуваше своите поранешни гревови и недела. Една ноќ тој отиде во полето кај еден селанец и јадеше некакви груби и несварливи плодови, а селанецот, мислејќи дека е мечка, зашто целиот беше обраснат со влакна, го удри и му нанесе крвава рана. Тогаш блажениот Варвар повика: „Варваре, сега пиј ја чашата што самиот си ја подготви“.
Најпосле Бог се смилува на овој доброволен страдалник, и направи така што тој уште на земјата слушна дека гревовите му се простени. Преподобниот Варвар се упокои во една гора, застрелан со ловџиски стрели како ѕвер (или затрупан од карпа). Неговото свето тело правеше чудеса и точеше свето миро, во слава на нашиот човекољубив Бог.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ИСАИЈА печерскиот чудотворец
Неуморно се подвизуваше во послушанијата во КиевоПечерскиот манастир, и во мир се претстави во 1115-та година. Неговите свети мошти се наоѓаат во Антониевата пештера.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ СЕРАПИОН
Беше ученик на Ефросин Псковски. Заедно со него ги минуваше дните во духовни трудови и пустински подвизи. Знаеше латишки и чухонски јазик, и целиот живот се трудеше духот на Православната вера да го подржи меѓу оние кои зборувале на тие јазици. Во последните години тој се прослави со дарот на исцелувањето и прозорливоста. Се упокои на 8 септември, во 1481 година, во својата деведесетта година.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ АНДРЕЈ ПУСТИНИКОТ И ЧУДОТВОРЕЦ
Овој преподобен отец живееше во времето на благочестивиот епирски деспот Михаил II Комнен (1237-1271 г.) Беше родум од селото Монодендра во Епир. Напуштајќи ги сите сласти на домот, женидбата, имотот и светот, тој отиде во пустината и многу строго и сурово се подвизуваше. Подоцна се врати во својот крај и се насели во гората денес викана Калана. По долгогодишните богоугодни подвизи, преподобниот Андреј мирно се претстави во Господа на оваа иста гора. Неговото блажено заспивање и прославувањето на неговите свети мошти беа објавени со светлина од небото. Света Теодора, царицата во Арта, во Епир (нејзиниот спомен се слави на 11 март), уште во тоа време подигна храм во име на овој преподобен.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК КНЕЗОТ ДИМИТРИЈ МОСКОВСКИ
Беше син на Иван Грозниот. Се роди во 1582 година. За време на царувањето на својот брат Фјодор Јоанович живеееше во Углич и предавнички беше заклан со нож, со тајна наредба на Борис Годунов во 1591 година. А пак на 3 Јуни, во 1606-та година, моштите на свети Димитриј се пронајдени нетлени и пренесени во Москва, каде и сега почиваат во Архангелската црква, и прават многу чудеса.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ПАНИГИРИЈ
Се подвизувал крај селото Малунда во близина на Левкосија (Никозија) на Кипар, каде е сочувана негова икона (од 18 век), и служба во ракопис.