29. Мај   (16. Мај)

ЖИТИЕ НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ТЕОДОР ОСВЕТЕНИ

Кога по цел Египет бруеше глас за рамноангелниот живот на нашиот преподобен и богоносен отец Пахомиј, сите верни Го славеа Христа Бога. Многумина пак, со топла љубов кон Него, трогнати од тој глас, го напуштаа светот и сѐ што е во него, па заминуваа на монахување кај преподобниот отец. Меѓу нив беше и блажениот Теодор. Беше син на богати родители, кој добороволно го одбра сиромаштвото, за да го добие Христос.

Почетокот на неговата љубов кон монаштвото се случи во неговата четиринаесетта година. На таа возраст Теодор виде како неговите родители за празникот Богојавление го украсиле домот и го наполниле со секое изобилие. Размислувајќи за тоа, тој ја почувствува таштината на овој свет, зашто благодатта Христова се беше допрела до неговото срце, и тој си рече во себе:

- Каква корист од тоа? Што ќе добијам ако се науживам со привремените овоземни сласти, а бидам лишен од вечните? Оној што се насладува на привремените работи, нема да добие вечна слава.

Размислувајќи така, тој длабоко воздивна. За време на ручекот влезе во една отфрлена одаја, падна на земјата и со солзи Му се молеше на Бога, говорејќи:

- Господи, сведоку на сокриеното, и испитувачу на тајните човечки, Ти знаеш дека љубовта Твоја е сѐ на светот за мене. Затоа Те молам, Господару, постави ме на патот Твој, да ја творам волјата Твоја и просвети ја душата моја, за секогаш да Те славам и фалам Тебе, мојот Господ. Додека така се молеше, во одајата влезе неговата мајка. Тој стана, а очите му беа полни со солзи. Кога го виде таков, таа започна да го прашува:

- Што ти е, чедо, кој те натажи? Зошто не дојде да ручаш со нас? Те баравме насекаде за да се провеселиш со нас.

А тој ѝ одговори:

- Оди, мајко, ручајте без мене, јас нема да јадам.

Иако долго го молеше, тој не ја послуша.

Одејќи секој ден на училиште и учејќи, тој постеше до вечерта. Понекогаш не јадеше по цел ден, туку дури наредната ноќ ќе каснеше малку. Две години не вкуси од убавите и вкусни јадења, учејќи се на потполно испосничко воздржание. Еден ден тајно го напушти својот дом, оставајќи ги родителите, богатството, славата и светот, и отиде во еден манастир, во кој најде богоугодни монаси. Остана да живее меѓу нив во страв Божји. Гледајќи ги нивните испоснички подвизи, тој се огледуваше на нив и според своите можности се трудеше да Му угоди на Бога.

Еден ден по вечерната богослужба, монасите седеа и разговараа за предмети од Светото Писмо. Тогаш еден монах зборуваше за старозаветната скинија и за Светињата над светињите, и вака објаснуваше: надворешната скинија го претставува еврејскиот народ, а Светињата над светињите има многу важна и таинствена смисла за сите народи, зашто наместо принесување на животни како жртва, кадилници и трпези, кивоти со манна, книгите на заветот, и сѐ што имаше таму, и наместо светлината на свеќникот, нам ни се јави Бог Логосот во тело, просветлено од Него, и ни стана светлина на познанието, леб на животот и жртва за гревовите наши.

Давајќи такво објаснување, тој монах им рече на браќата:

- Ова го слушнав од нашиот свет отец Пахомиј, кој во Тавенисиот ги собрал браќата што напредуваат во Господа. Верувам дека Господ ќе ми подари простување на моите гревови, затоа што го спомнав праведниот човек во овој час.

Кога слушна за преподобниот Пахомиј, блажениот Теодор од срце рече:

- Господи Боже, штом на земјата постои толку свет човек, удостој ме да го видам и да го следам во секоја заповед, за да се спасам и да се удостојам на благата што Бог ги приготвил за оние што Го љубат.

Зборувајќи така, Теодор беше облеан во солзи, оти беше ранет со божествената желба.

Понеколку дена кај нив во манастирот дојде еден од учениците на Пахомиј, по име Пекусиј, доблесен и стар човек. Теодор го замоли да го поведе со себе во Тавенисиот, во општожитието на преподобниот Пахомиј. Пекусиј го поведе, и кога стигнаа Теодор Му се поклони на Господа, говорејќи:

- Благословен си, Господи, што така брзо ме слушна мене грешниот, и ми ја исполни молбата.

Кога дојде пред ќелијата на свети Пахомиј, тој од умиление и духовна радост силно заплака. Кога го виде, светиот отец му рече:

- Не плачи, чедо, зашто и јас, иако сум грешен, сепак сум слуга на нашиот заеднички Господ и Отец.

Преподобниот со љубов го прими во својот манастир.

Кога виде колку многубројните браќа се трудат за Господа во манастирот, Теодор се просвети со умот, и во својата душа прими ревност за богоугодување и напредуваше во Бога со доблестите, разумен и паметен, тој лесно го распознаваше вистинскиот пат кои спасението, и со смирението стекна огромно и чудесно послушание. Крепен со благодатта Божја, тој беше бодар во молитвите, вреден во работата, неослаблив во чесноста. Тој не престануваше да бара поголемо напредување во добрите дела и благодатта Господова. А кога ќе видеше некого тажен, веднаш го тешеше. Оној што грешеше, тој дружељубиво и сострадално го поправаше. Гледајќи го тоа, преподобниот Пахомиј од срце го засака.

Теодоровата мајка слушна дека нејзиниот син се наоѓа во Тавенисиот, кај преподобниот Пахомиј, па веднаш зеде писмена наредба од епископите, тој да ѝ го врати синот. Самата отиде таму, и беше сместена во гостоприемницата на женскиот манастир, во кој се подвизуваше сестрата на свети Пахомиј. Известен за тоа, старецот му рече на Теодор:

- Чедо, дошла твојата мајка да те види, и за нас таа има писмена наредба од епископите. Појди кај неа, оти мораме да ги послушаме светите епископи.

Теодор му одговори:

- Оче, најпрвин кажи ми, нема ли јас на денот на Судот да дадам одговор пред Бога, што како монах сум отишол кај својата мајка, која, заедно со сите земни пристрасности ја оставив заради Бога, и што сум ги соблазнил браќата? Кога уште пред новата благодат, во Стариот Завет им е наредено на синовите Левиеви да не се гледаат со своите родители и браќа, за да ги одржат заповедите Божји (5Мојс. 33, 9-10), тогаш уште повеќе јас, кој во новата благодат сум се удостоил на светиот монашки чин, не треба родителската љубов да ја ставам пред Божјата, зашто нашиот Господ рече: „Кој милува татко или мајка повеќе од Мене, не е достоен за Мене“ (Матеј 10, 37).

Свети Пахомиј на тоа му рече:

- Чедо, ако за тебе не е корисно да ја видиш мајка си, јас не те присилувам. Биди совршен монах, кој целосно се одрекол и од светот и од самиот себе.

Кога мајката дозна дека нејзиниот син не сака да се врати во својот дом, ниту да се види со неа, таа одлучи да не се враќа дома, туку да остане во женски манастир како монахиња. Таа си велеше во себе:

„Ако сака Бог, јас својот син ќе го видам меѓу светите отци, и ќе ја најдам својата душа заради него“.

Така машкиот и непоколеблив стремеж кон Бога на младиот монах да ја спаси не само својата, туку и душата на мајка си, ја поттикна на тегобниот и мачен монашки живот заради Бога.

Преподобниот Теодор јакнеше со Духот и во сѐ се уподобуваше на својот духовен отец свети Пахомиј, покорувајќи му се заради Бога како на самиот Бог. Отецот многу пати го искушуваше неговото послушание и трпение, наредувајќи му да извршува извесни работи. И кога ќе го извршеше тоа што му е наредено, отецот го укоруваше дека божем не е добро сработено, па му наредуваше истото повторно да го прави. Тој никогаш за ништо не му возврати на отецот, нити негодуваше, ниту се разгневи, ниту ожалости, туку секогаш со радост ги примаше наредбите од отецот и неговите прекори ги сметаше како пофалба за себе.

По неколку години кај Теодор дојде неговиот брат по тело Пафнутиј, со желба да се замонаши. Но, Теодор не сакаше ни да слушне, бидејќи Пафнутиј сѐ уште не се беше одрекол од стариот човек. И Пафнутиј плачеше. За тоа дозна свети Пахомиј, па му рече на Теодор:

- Добро е во почетокот да се биде попустлив со оние што сакаат да стапат во монашкиот подвиг. Како што новозасаденото дрво бара многу нега и грижа, така и за оние што започнуваат со монашкото воздржание е потребно малку попуштање и утеха, додека благодатта Божја не се вкорени, и со вера не се утврди.

Теодор го послуша отецот и го прими братот по тело, и го упатуваше во доблестите.

Еден мрзлив брат се навреди затоа што преподобниот Пахомиј често го советуваше и караше, па намисли да побегне од манастирот. Кога блажениот Теодор дозна за тоа се преправи како да му е налутен на отецот и божем сака и тој да бега, па му рече на тој брат:

- Знаеш, брате, зборовите на овој старец се прекумерно жестоки, и не знам дали ќе можам повеќе да поднесам.

Слушајќи ги неговите зборови, братот се израдува, па го праша:

- И ти ли патиш од него како и јас?

Теодор одговори:

- Многу патам. Но, ако сакаш, ајде да бидеме заедно и да се тешиме еден со друг, додека повторно не настрадаме од старецот. Ако пак, отсега старецот биде добар кон нас, ние ќе останеме овде. Но, ако биде лош и јаросен, заедно ќе заминеме одовде.

Тој брат го послуша Теодора, и не си замина од манастирот, чекајќи двајцата да излезат заедно. А Теодор отиде и насамо го извести преподобниот за тоа. Старецот го пофали, ги повика и двајцата, ја преклони својата глава пред нив, и рече:

- Простете ми, браќа, јас согрешив кон вас. Како добри синови, вие сте должни да трпите и да ги носите слабостите на вашиот отец.

Така тој брат се исполни со умиление, се разнежи, ја остави својата некорисна намера, и се поправи.

Гледајќи дека блажениот Теодор напредува во доблестите и благоразумноста, и дека како начитан е во состојба и други да поучува, преподобниот еднаш му нареди да им каже поука на браќата врз основа на Светото Писмо. Тогаш Теодор имаше дваесет години. Послушен, тој без приговор ја изврши наредбата, и започна да им зборува, искажувајќи многу корисни работи за спасението. А некои од најстарите отци не сакаа да го слушаат Теодора, туку негодуваа, велејќи си еден на друг:

- Ете, почетникот нѐ учи нас. Момче ни држи поука нам старците. Ние нема да го слушаме.

И станаа и се вратија во своите ќелии.

Кога Теодор заврши со проповедта на Божјите зборови, преподобниот Пахомиј ги повика оние старци, па ги праша:

- Зошто го напуштивте собирот и не ги слушавте поуките?

Тие му одговорија:

- Го сторивме тоа затоа што ни постави момче за учител.

На таквиот одговор од нив, преподобниот длабоко воздивна, па им рече:

- Неразумни сте и заробени од ѓаволот, и сите свои доблести ги уништивте со гордоумието. Кога го напуштивте собирот, вие не го напуштивте Теодор, туку го отфрливте зборот Божји и се лишивте себе од Светиот Дух. Зар не ме видовте мене како многу внимателно го слушав и многу корист од неговите зборови добив?

Откако така ги искара и смири старците, преподобниот Пахомиј ги излечи од болестите на превознесувањето и негодувањето и направи тие да станат слушатели на Теодоровите благоразумни и корисни поуки. Потоа го постави блажениот Теодор за управител на Тавенисиотската обител, а самиот се повлече во друг помал и зафрлен манастир. А пак Теодор добро управуваше со обителта што му ја довери отецот.

Епископот на градот Панопол, блажениот Аур, го повика свети Пахомиј да му изгради манастир за оние што сакаат монашки живот. Тогаш тој го поведе со себе и Теодор. Кога беше изградена обителта, кај нив дојде еден философ со намера да поразговара со великиот старец Пахомиј. Но, старецот не сакаше да разговара со него, бидејќи провиде дека дошол да го искушува, и кај него ги испрати своите ученици Корнилиј и Теодор. Филисофот им рече:

- Сакам да разговарам со вас за работи од Светото Писмо.

Свети Теодор му одговори:

- Зборувај што сакаш.

Тогаш философот праша:

- Кој без да се роди умре? Кој се роди а не умре? Кој пак, умре а не се распадна?

Преподобниот Теодор му одговори:

- Не е тешко твоето прашање, философе. Сепак ќе ти одговорам:

- Адам не се роди а умре. Енох се роди а не умре. Жената на Лот умре а не се распадна, бидејќи се претвори во солен столб. Но, ти, послушај го нашиот здрав совет: остави ги тие некорисни прашања и схоластички силогизми, па пристапи Му на Христос, на Кого ние Му служиме, и ќе добиеш простување на гревовите. Философот молчеше како нем, и си замина восхитувајќи се на остроумниот одговор.

Преподобниот Теодор целиот свој живот го помина богоугодно. Му беше послушен на својот отец сѐ до самото претставување негово, и му послужи за време на болеста. По брзото упокоение на Пахомиевиот наследник, блажениот старец Петрониј, свети Теодор стана водач на светото стадо и се обогати со многу чудеса, поради што стана славен, и познат на пресветиот Атанасиј Велики, патријархот Александриски. Бидејќи на многумина им беше од корист со своите дела и зборови, блажениот Теодор во длабока старост отиде кај Господа, за да стои на небото со преподобниот Пахомиј во хорот на богоносните Отци, пред престолот на славата на Отецот и Синот и Светиот Дух, едниот во Троица Бога, Кому слава за навек, амин. Преподобниот Теодор се упокои во 368 година.

СПОМЕН НА БЛАЖЕНАТА ДЕВИЦА МУЗА

Светиот римски папа Григориј Двоеслов (590-604 г.), на својот архиѓакон Петар му раскажал повест за блажената девица Муза, што ја слушнал од нејзиниот брат Пров.

Повеста гласи:

Уште како мало девојче, една ноќ на Муза ѝ се јави во сон Пресвета Богородица, придружувана од девојчиња на иста возраст како Муза. Богомајката ја праша:

- Сакаш ли и ти заедно со овие девојки да живееш и да ме следиш?

Муза одговори:

- Сакам, Госпоѓо.

Тогаш Богомајката нареди да се воздржува од детските игри и од сѐ небогоугодно, бидејќи по триесет дена ќе ја повика кај Себе, и таа ќе им се придружи на тие девојчиња.

Штом се разбуди, Муза веднаш го промени својот живот и го отфрли секое детско младоумие. На своите родители, кои се чудеа на тоа и ја прашуваа, таа им раскажа дека ја виде Пресвета Богородица, и што Таа ѝ рече и нареди, и во кој ден ќе отиде кај Неа и ќе им се придружи на останатите девојчиња кои Неа ја пратат.

Во дваесет и петтиот ден по јавувањето на Пресветата Богомајка, Муза доби висока температура. А во триесеттиот ден, кога се приближи часот на нејзиното претставување, Муза повторно ја виде Пречистата Дева во придружба на оние девојчиња. Богомајката започна да ја повикува, а Муза со тивок глас ѝ одговараше:

- Еве, доаѓам Госпоѓо, еве доаѓам.

И со овие зборови таа ја предаде својата душа во рацете на Пресвета Богородица и, оставајќи го земниот живот се насели во небесните обители со светите девици.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ АВДИС, АВДА и останатите со нив

Свети Авдис беше епископ во градот Витасахара во Персија. Обвинет од својот внук кај персискиот цар дека не ја почитува нивната вера туку Христос, епископот Авдис беше изведен пред царот, заедно со шеснаесет свештеници, девет ѓакони, шест монаси и седум монахињи. Бидејќи јуначки Го исповедаше Христос за вистински Бог, епископот Авдис заедно со останатите беше испратен кај царевиот брат Арсит. Тој ги испраша, па кога виде дека неговите зборови не помагаат, и дека тие остануваат цврсти во верата Христова, нареди да ги врзат со јажиња и силно да ги стегаат. Така овие свети луѓе беа мачени по седум пати дневно. Од силното стегање на јажињата, најпосле им се видоа коските, и се слушаше како чкртаат.

Потоа ги фрлија во темница и таму им испраќаа јадења од идолски жртви, но тие не ги ни погледнаа. Затоа беше издадена заповед да останат во темницата без храна и вода. Но, една богобојазлива жена им даде леб и вода, та тие јадеа и пиеја и Го прославија Бога.

По многу денови ги изведоа светите маченици од темницата, па им го придружија и епископот Авда, на кого Бог однапред му беше открил дека маченички ќе пострада, ќе победи и венец ќе добие. Потоа сите свети беа испратени кај врховниот персиски жрец Мапта. Тие и пред него ја исповедаа својата вера во Христа. Затоа најпрвин многу ги мачеа, па најпосле им ги отсекоа главите. Така сите примија маченички венци.

СПОМЕН НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ НИКОЛА МИСТИК

Се роди околу 852 година во Цариград и беше сродник на светиот патријарх Фотиј, чиј што ученик беше заедно со царот Лав  VI, наречен Мудриот. Се прослави со необично строгиот живот. Кога стана патријарх Цариградски (901-907 г.), царот Лав се ожени по четврти пат, поради што патријархот му забрани да влегува во црквата, а свештеникот, кој што го венча го расчини. Поради тоа царот го симна од престолот и го испрати во манастир. Делегатите на римскиот папа Сергиј III му го одобрија четвртиот брак на царот. Но, кога царот умре, Никола повторно дојде на патријаршискиот престол и свика собор во 912-та година, на кој што четвртиот брак воопшто беше забранет. Мистик означува најстар член на царскиот совет. Значи, овој светител најпрвин бил дворјанин со висок чин, потоа ја оставил суетата на овој свет и се замонашил во манастирот „Свети Трифун“, во близина на Халкидон. Се упокои во мир во 925-та година. Зад себе остави богословски и канонски списи и писма полни со мудрости.

СТРАДАЊЕ НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК НИКОЛА

Овој јунак Христов е роден од побожни родители во Мецов во Епир. Уште како момче тој појде во Трикала, и се вработи кај еден пекар. По долго време, некои Турци со лаги и ветувања, па и со заплашувања, успеаја да го натераат да се одрече од Христос. Но кога си дојде на себе тој побегна, отиде во својот роден крај, и таму повторно започна да води христијански живот. Подоцна Никола натовари плодови за пазар, и со некои свои мештани отиде во Трикала да ги продаде. Но, таму го препозна еден бербер турчин, комшија на споменатиот пекар, се нафрли на него и започна да го навредува што се одрекол од верата и повторно станал христијанин. Уплашен, Никола му го даде товарот со плодови и го замоли да не го поткаже. Тој се согласи, под услов секоја година до крајот на животот да му носи по еден товар плодови. Никола му вети, и секоја година му го носеше ветеното.

Но, не помина долго време и Никола се покаја што му даде вакво ветување на оној бербер, и повеќе не сакаше да му носи ништо, туку донесе одлука и смрт да прими, само да го покае своето поранешно одрекување од Христос. Со таквата одлука тој отиде кај својот духовник и му ја откри својата намера. Но, духовникот започна да го одвраќа, зашто можело да му се случи да не биде во состојба да ги поднесе мачењата, па по втор пат да се одрече од Христос. Никола остана цврст во својата намера, и зборуваше дека цврсто се надева дека Господ ќе му даде сили јуначки да ги поднесе сите мачења за љубовта Негова, и дека ќе остане непоколеблив во верата Негова. Гледајќи ги во Никола таквиот жар и желба за мачеништвото, духовникот со многу совети и молитви уште повеќе го зацврсти, па го отпушти.

Со така цврстата намера и одлука, Никола отиде во Трикала. Таму оној бербер го зграпчи и сакаше да го задави, говорејќи:

- Каде се, невернику, плодовите што ми ги вети?

Никола му одговори:

- Јас не ти должам ништо!

Разјарениот бербер започна силно да вика и да го навредува Никола. Таа врева привлече многу турци, кои дотрчаа, па кога дознаа за што се работи, го фатија Никола и со тепање го одведоа во судот. Таму докажуваа дека тој се одрекол од христијанската вера и ја примил нивната.

Прашан од судијата, маченикот одговори:

- Се родив како христијанин, христијанин сум, и сакам да умрам како христијанин. Никогаш нема да се одречам од својата вера, па макар да ме ставите на најстрашни маки.

Откако не успеаја со ласкања и закани да го привлечат на нивна страна, тие долго и немилосрдно го тепаа со мотки, па потоа долго го мачеа со глад и жед и други маки. Блажениот маченик сето тоа го поднесуваше храбро и со радост.

Потоа по втор пат го изведоа на суд. И тој пак гласно изјави дека Христос е единствен вистински Бог, дека тој верува во Него, и дека никогаш нема да се одрече од Него. Кога судијата виде дека Никола е непоколеблив во својата вера, нареди да запалат силен оган на плоштадот и да го спалат. Кога го фрлија во огнот, Никола Го славеше Бога и со радост го предаде својот дух.

Поттикнат од побожноста, еден човек наредната ноќ отиде на плоштадот, за да најде дел од моштите на светителот. Таму затекна неколку Агарјани стражари, им даде пари, и тие му ја дадоа светата глава на маченикот, која сосем малку беше изгорена. Тој ја однесе во својот дом, ја сокри во ѕидот, и од страв од турците ја созида. За тоа не кажа никому. Но, по некое време тој умре, а чесната глава на маченикот остана сокриена во зидот. Таа куќа ја купи еден христијанин по име Меландрос, и ноќта, во самиот ден во кој светиот маченик беше пострадал, во ѕидот каде што се наоѓаше неговата глава виде светлина. Збунет и зачуден од таа светлина, Меландрос го раскопа тоа место и ја најде светата глава. Но, сметајќи се себе си за недостоен во својот дом да чува таква светиња, тој ја однесе светата глава во манастирот на светиот Варлаам, и ја предаде таму во спомен на себе и на своите родители.

Оваа света глава и денес се наоѓа таму, и секојдневно твори чудеса, несфатливи за нашиот ум. Еве едно од нив:

Еднаш настана страшен помор во Трикала и секојдневно умираа многу луѓе. Но, штом оваа света глава беше однесена во Трикала, поморот престана.

Исто така, во селото Дистат едно време пустошеше помор, кој исто така престана, штом светата глава беше однесена таму. А кога во еден период чума пустошеше во Каларита, штом беше донесена светата глава таму чумата престана.

Оваа света глава особено ги брка скакулците, ги чува посевите, па на тоа се восхитуваат и турците. Тоа се случува многу пати, сѐ до денешен ден. И не само тоа, туку таа на чудесен начин исцелува и неизлечиви болести, а секојдневно чини и многу други чудеса каде и да се однесе. По молитвите на светиот маченик Никола да се избавиме и ние од секоја жалост и потреба. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИЦИ САВАИТИ

Во времето на царот Ираклија, околу 610-та година, за верата Христова пострадаа 43 монаси од обителта на свети Сава Осветениот кај Ерусалим. Сите беа посечени со меч. Нивното јунаштво и страдање ги опиша очевидецот свети Антиох (види под 24 декември).

СПОМЕН НА СВЕТА ЕФИМИЈА 

Нејзиниот спомен се врши близу Неорискиот залив.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ПАПИЛИН

Пострада за Господа посечен со меч.

СПОМЕН НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ АЛЕКСАНДАР архиепископ Ерусалимски

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ЕФРЕМ ПЕРЕКОМСКИ

Се роди во градот Кашина во Твернската губернија. Уште од младоста се одликуваше со кроткост и строга воздржливост. Остави сѐ земно и се замонаши во манастирот на свети Сава Вишерски во Новгородската губернија. Младиот подвижник со благословот на свети Сава се повлече во пустината крај езерото Илмена, и таму си направи ќелија. Овде многу години се чистеше себе си од страстите, измачувајќи се со пост и молитви. Во тоа се огледуваше на древните Отци. Наскоро кај него дојдоа неколку монаси, сакајќи пустински подвиг. Преподобниот Ефрем Основа манастир и стана настојател. Се упокои во својата осумдесетта година, во 1492 година. Неговите свети мошти се наоѓаат во неговата обител.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ПЕТАР

Заради молитвеното почитување на светите Икони беше претепан со жили во Влахерна, и се упокои во времето на царот Копроним во VIII век.