1. Јуни (19. Мај)
СТРАДАЊЕ НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ПАТРИКИЈ
Епископскиот престол на свети Патрикиј се наоѓаше во градот Бруса (или Пруса) во Витинија. Тој јавно ја проповедаше верата Христова и ја изобличуваше заблудата на незнабошците, и многу идолопоклоници обраќаше кон Христа Бога. Затоа беше фатен од незнабошците заедно со тројцата презвитери Акакиј, Менандар и Полиен, и приведен на иследување пред многу ревносниот идолопоклоник, витинискиот царски намесник Јулиј. Заминувајќи на бања, Јулиј нареди по него да го поведат и христијанскиот епископ заедно со тројцата презвитери, оковани во железни окови. Капејќи се во топлата вода заради здравјето, Јулиј им принесе жртви на својот поган бог Асклипиј и гнасната богиња Сотирија. Потоа го изведе пред себе на суд епископот со тројцата презвитери, па му рече:
- Безумнику, ти, кој веруваш во бесмислени басни и го призиваш Христос, погледни колку се моќни боговите наши! Погледни каква целебна сила им дадоа тие на топлите води, за наше здравје!
На прво место, познај ја силата и милоста на нашиот татко Асклипиј! Ако сакаш да се спасиш од оковите и маките, и спокојно да живееш, падни пред него и принеси му жртва.
Свети Патрикиј му одговори:
- Колку многу зла изрече, намеснику!
Тој гневно му рече:
- Какво зло изговорив, та ме прекоруваш, беднику? Ти самиот треба да го признаеш очигледното. Зарем со свои очи не ги гледаш исцеленијата што се случуваат од овие води со силата на семоќните богови наши?
Свети Патрикиј одговори:
- Пресветол намеснику, јас ќе ти ја кажам вистината за потеклото, течењето и целебната сила на овие Топли Води, ако ме сослушаш.
На тоа намесникот му рече:
- Иако од тебе не очекувам ништо друго освен красноречиви басни, сепак, ајде зборувај.
Светителот одговори:
- Не басни, туку вистината ќе ти ја кажам.
Намесникот праша:
- Какво друго потекло може да имаат топлите води, освен силата на боговите наши?
Светителот му рече:
- Јас сум христијанин, и секој што ѝ пристапува на христијанската вера и Му се поклонува на единствениот вистински Бог, со својот ум може да ги знае тајните Божји. Затоа и јас, иако сум грешен, сепак, како слуга Христов, ја знам вистината за овие води.
Намесникот го праша:
- Но, кој би можел да биде така дрзок и неразумен, та да се смета себе си за помудар од нашите философи?
Светителот одговори:
- Мудроста на овој свет е лудост пред Бога, зашто е напишано: „Он ги фаќа мудрите во нивното лукавство“ (1 Кор. 3, 19). Христос, прославувајќи Го својот Отец, вели: „Те прославувам, Оче, Господи на небото и на земјата, оти си го сокрил ова од премудрите и разумните, а си го открил на простите“ (Лука, 10, 21). И апостолот вели: „Не ја познаа вистината, зашто ако ја беа познале, тогаш немаше да Го распнат Господа на славата“ (Кор. 2, 8).
На тоа намесникот му рече:
- Ти зборуваш крупни, но несфатливи работи. Подобро кажи ми, со помош на чија сила и уредување течат овие топли води и имаат таква топлина? Што се однесува до мене, јас тоа одлучно го припишувам на промислата на боговите наши, кои на тој начин сакаат да му помагаат на човечкото здравје.
Светителот Христов му одговори:
- Пред да започнам да зборувам, намеснику, ти нареди да ја отстранат оваа ограда, за сите да можат да слушнат.
Откако беше отстранета оградата, народот го исполни местото наоколу. Тогаш светителот започна велегласно да зборува:
- Огнот и водата ги створи со Својот Еднороден Син од ништо Оној исти семоќен и вечен Бог, Кој е Творец и на човечкиот род. Од огнот, Он со Својот збор ги создаде сонцето и останатите светила, и одреди едни да светат ноќе, а други дење. Во стварањето на сите твари, Неговата семоќната сила се распростре колку што Он сакаше. Од водата Он го образува сводот небесен, и на водата ја заснова земјата. Со својата сепредзнајна Промисла, Он устрои на небото и на земјата сѐ, без што е невозможно да живее човекот, кого Он веднаш го створи. Знаејќи пак, однапред, дека од Него створените луѓе ќе го разгневат Него, Бога Творецот свој, и отфрлајќи го почитувањето на вистинскиот Бог ќе си направат бездушни идоли и ќе им се поклонуваат, Он заради тоа подготви две места, каде што ќе се преселуваат луѓето по завршувањето на својот земен живот. Првото место Он го осветли со вечна светлина и го исполни со изобилни и неискажани добра. А второто место го исполни со непроѕирна темнина, незгаслив оган и вечни маки. Во првото, светлото место, се преселуваат оние што ќе Му угодат исполнувајќи ги заповедите Негови, а во второто, темното место, ќе бидат фрлани оние што со својот нечист живот ќе Го разгневат Творецот свој и ќе заслужат казна. Оние во светлото место ќе живеат бесмртен живот во непрекината и бесконечна радост, а оние во темното место ќе се мачат непрестајно низ бесконечните векови. Разделувајќи ги огнот од водата, и светлината од темнината, Творецот ги образува посебно секои од нив, и на секој му одреди засебно место. Огнот и водата се наоѓаат и над сводот небесен и под земјата. Водата што се гледа на земјата се нарекува море, а водата под земјата - бездна. Од таа бездна, за потребите на луѓето и на секое живо суштество кое што живее на земјата, се испраќа вода низ земјините недра, како низ водоводни цевки, кои, избивајќи на површината на земјата, образуваат извори, кладенци, или реки. Од тие води, оние кои со својот тек под земјата минуваат близу подземниот оган, се загреваат и топли се исфрлаат на површината. А оние пак, што протекуваат далеку од огнот, на површината избиваат студени. Затоа овие води се топли. А на некои места од бездната постојат многу студени води, кои се претвораат во лед, бидејќи се наоѓаат на огромно растојание од огнот. Значи, подземниот оган е одреден за мачење на недобрите души. А водата, која се претворила во лед, се нарекува тартар, во кој вашите богови и нивните поклоници ќе добијат бесконечни маки, како што и еден од вашите стихотворци пее: „Краевите на земјата и морињата не се ништо друго, освен најдалечни предели, каде Јапет и Сатурн (тоа се имиња на вашите богови), не се радуваат ниту на блесокот на светлото сонце, ниту на ладните ветрови. Со други зборови, вашите богови, кои обитаваат во темнината и во тартарот, не ги осветлува и не ги грее сончевата светлина. А оние пак што се наоѓаат во огнот, не ги разладува ветрот. Тартарот под земјата е сместен толку подлабоко од сите други бездна, колку што небото е повисоко од сите земни висини. А дека под земјата е подготвен оган за безбожниците, на извесен начин потврдува и огнот кој излегува од земјата на Сицилија.
Откако го сослуша, намесникот го праша:
- Значи, вашиот Христос е Создател на сите твари, за кои што зборуваш ти?
Свети Патрикиј одговори:
- Навистина, Христос е Создател на сите твари, а не некој друг, оти е напишано: „Сѐ од Него постана, и без Него ништо не стана, што постана“ (Јован 13); и уште: „Боговите на многубошците се идоли, а Господ ги создаде небесата“ (Псалми 95, 5).
Намесникот повторно го праша светителот:
- Христос ли го нарекуваш творец на небесата? Светителот одговори:
- Да. Христос Го нарекувам, затоа што е напишано: „Да ги погледнам небесата, дела на прстите Твои, па месечината и ѕвездите, што си ги поставил Ти“ (Псалми, 8, 4).
Намесникот рече:
- А ако те фрлам во оваа врела вода, чиј творец ти го нарекуваш Христос, а не боговите наши, дали Христос ќе те сочува неповреден од нејзината топлина?
Светителот одговори:
- Ја знам силата на мојот Христос. Знам, дека, ако сака може да ме сочува неповреден од овие води. Но, јас би сакал со нивна помош да се ослободам од овој привремен живот, за вечно да живеам со Христос. Сепак, нека се врши, не мојата, туку Неговата света волја, без која ниту влакно од главата на човека не паѓа, ниту птица во мрежа не упаѓа. Сите што сега ги слушаат моите зборови, нека знаат дека оние кои заедно со тебе му се поклонуваат на мртвиот камен како на бог, ги очекуваат вечни маки во подземниот незгаслив оган и во тартарот.
Намесникот Јулиј се разјари, и веднаш нареди гол да го фрлат онаму каде што избива врелата вода. Кога го фрлија, светителот извика, говорејќи:
- Господи Исусе Христе, помогни ми мене, слугата Твој!
Но, исфлената вода од неговиот пад ги изгоре присутните, а тој стоеше неповреден во врелата вода, и ликуваше, славејќи Го Христа Бога. Тоа уште повеќе го разјари намесникот, и тој им нареди на војниците да го извадат од водата и со секира да му ја отсечат главата, а со него и на тројцата презвитери негови. Кога беше поставен на местото на посекувањето, Христовиот исповедник и маченик ги крена рацете кон небото и рече:
- Боже, Царе и Господару на сѐ, Кој со својата сила ја држиш сета видлива и невидлива твар, Кој ги услишуваш сите кои вистински Те призиваат, Кој си ги створил и овие врели води за спасение на праведниците и за казна на безбожниците, помогни ми сега, кога умирам за исповедањето на верата Твоја!
Откако заврши со молитвата, светителот ја преклони својата света глава под секирата, и маченички се упокои. Потоа со секира им ги отсекоа главите и на тројцата негови свети презвитери Акакиј, Менандар и Полиен, та сите заедно застанаа пред Христа Бога во слава на светиите.
Свети Патрикиј со своите служители пострада на 19 мај, и го доби венецот на победничкото одликување од нашиот Господ Исус Христос, Кому со Отецот и Светиот Дух чест и слава, сега и секогаш и низ сите векови, амин.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК АКОЛУТ ЕГИПЌАНИНОТ
Светиот маченик Аколут пострада за време на царувањето на Максимијан. Се роди во египетскиот град Тива, и за исповедањето на верата Христова беше фатен и изведен пред царскиот намесник. Намесникот нареди да му врзат огромен камен за вратот, па да го обесат и да го тепаат. Така мачен, светиот маченик зборуваше:
- Јас го сакам блаженството на идниот живот, и заради тоа трпеливо поднесувам тепање и страдања.
Потоа светиот маченик Аколут го симнаа од дрвото, па започнаа да го присилуваат на идолски жртви, но тој одби да го стори тоа. Затоа го фрлија во оган, каде што се упокои.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ КНЕЗ ЈОВАН УГЛИЧКИ
Светиот благоверен кнез Јован беше син на благоверниот и христољубив кнез Андреј Василевич Углички и благоверната кнегиња Елена. Свето крштение доби во градот Велика Лука, и кога порасна изучи книга. По карактер беше кроток и мирен. Не ги сакаше детските игри. Беше умерен во сѐ, и во домот на својот татко остана до својата тринаесетта година. Во тоа време добромрзецот и непријател на човечкиот род, влеа омраза во великиот кнез Јован Василевич Московски спрема неговиот роден брат, благоверниот кнез Андреј Василевич Углички и неговите синови Јован и Димитриј, та кнезот нареди да ги фатат, да ги оковаат во тешки окови, па да ги одведат во градот Перејаслав, и таму да ги затворат во темница. Потоа тие беа приведени најпрвин во Белоезеро, па потоа во градот Вологда, каде под силна стража поминаа многу години.
Блажениот кнез Јован Андреевич се одликуваше со мудрост. Тој го тешеше својот брат, кнезот Димитриј, и му зборуваше:
- Брате, не тагувај што си затворен во темницата и патиш од тие окови. Бог внушил во нашиот стрико Јован Василевич така да постапува со нас, за да им направи добро на нашите души, зашто на тој начин Бог ни оневозможи да се грижиме за суетните работи на овој свет. Да се молиме на Господ Бог да ни ја испрати Својата милост, за со радост да ги поднесуваме страдањата во името Негово, и да се избавиме од вечните маки.
Стекнувајќи на тој начин спокојство во страдањата, и тага поради гревовите свои, светиот кнез помина во темницата и оковите триесет и две години. Потоа тешко се разболе и почувствува дека му се ближи крајот. Затоа го повика кај себе игуменот Мисаила од Спаскиот манастир на свети Димитриј, и прими монашки постриг, добивајќи го името Игнатиј. Радост и веселие ја исполнија душата на благоверниот кнез, кога се облече во ангелскиот чин. Откако се причести со Светите Тајни Христови, тој се осени со крсниот знак, па се претстави во вечните обители. Тоа се случи на 19 мај во 1522 година.
По преставувањето на преподобниот кнез, од неговото тело потече миро, кое што се почувствува низ целиот град. Тогаш жителите на градот го подготвија телото за погребение и го погребаа во манастирот на отец Димитриј Прилуцки, во храмот на семилостивиот Спасител, под олтарот, близу свети Димитриј Чудотворец. Тука преподобниот и до денешен ден им дава исцеленија на оние што со вера пристапуваат.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ЈОВАН епископ Готски
Светиот отец Јован живееше во Готската Земја за време на царувањето на Константин Копроним. Се роди по молитвите на своите родители, како во дамнина пророкот Самуил (1 Царства 19-20). Предавајќи им се на монашките подвизи уште од млади години, тој стана живеалиште Христово. Патуваше во Ерусалим, па откако во текот на три години ги посети сите Свети Места, се врати во својата татковина. Во тоа време царот Константин го премести тамошниот епископ во Ираклија Тракиска, а готските православни христијани започнаа упорно да бараат Јован да им биде поставен за епископ. Тие го одведоа во Грузија, каде што беше ракоположен за епископ, па потоа се врати во својата татковина. Кога овде настанаа нереди предизвикани од Каганот, кој со меч истреби многу невин народ, епископот Јован едвај побегна и отиде во Амастрида, каде остана четири години. Кога слушна за смртта на Каганот, тој рече:
- По четириесет дена одам да се судам со Каганот пред Христос.
И навистина така се случи. Во четириесеттиот ден потоа, Јован го поучуваше народот, упатувајќи го кон спасение на душите, и во тоа време го предаде својот дух на Господа. Во тој час, согласно со претскажаното од свети Јован, стигна кораб во пристаништето. Тогаш преосветениот амастидски епископ Георгиј го положи неговото тело во сандак, па со учество на сите граѓани, со свеќи и кадилници, го испрати до коработ. Оттаму телото на светителот беше пренесено во неговиот манастир во Партенит, и тука погребано. На гробот на свети Јован се случуваа, па и до денешен ден се случуваат многу чудеса. Тој правеше многу чудеса и за време на својот живот на земјата.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ КОРНИЛИЈ
Беше болјарски син. Служеше во дворот на великиот кнез Василиј Темниот. Потоа се замонаши во Кирило-Белоезерскиот манастир. Таму младиот монах ревносно ги извршуваше манастирските послушанија, во меѓувреме занимавајќи се со препишување на богослужбени книги. За подобро да се научи на монашкиот труд, тој одеше по манастирите и пустините. Живееше во осаменичко молитвено тихување во Новгородските и Тверските пустини, поднесувајќи за Христа глад и жед, горештини и мраз. Во Комелската шума во Вологодската епархија тој основа манастир во 1498 година. Жалостив и со милостиво срце, преподобниот многу се трудеше околу сиромашните, особено за време на гладот во тој крај. Преподобниот Корнилиј се претстави во 1537 година. Неговите свети мошти почиваат во Комелската обител.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ СЕРГИЈ ШУХТОВСКИ
Беше родум од Казан. Од детството ги сакаше молитвата и постот. Патуваше во Палестина, Цариград, Новгород, Соловецкиот Манастир, и најпосле го прими монаштвото во Шухтовската обител во Новгородската епархија. Поради својот свет живот, од Бога беше удостоен на дарот на проѕорливоста и чудотворството. Преподобниот Сергиј се упокои во 1609-та година. Неговите свети мошти почиваат во Покровската црква на Шухтовската обител.
СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЦА КИРИЈАКА
За исповедањето на верата Христова била спалена.
СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЦА ТЕОТИМИЈА
Пострада за Господа посечена со меч.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ФИЛЕТЕР
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ТРИНАЕСЕТ КИПАРСКИ МОНАСИ
Овие свети Тринаесет Монаси од манастирот Кантара на Кипар пострадаа маченички на 19 мај, кога и се слави нивниот спомен на Кипар. Нивните имиња се: Јован игуменот, и монасите: Варнава, Генадиј, Герасим, Герман, Теогност, Теоктист, Еремија, Конон, Марко и останатите.