02. Јуни (20. Мај)
СТРАДАЊЕ НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ТАЛАЛЕЈ
Во времето на царот Нумеријан, царскиот намесник Теодор започна да ја гони Црквата Божја во градот Егеја, и на разни начини да ги убива верните слуги Христови. Тогаш беше фатен и осумнаесетгодишниот Талалеј, момче со красен изглед, висок, со златеста коса, лекар по занимање, кој бесплатно ја лечеше секоја болест. Кога во Адријановиот храм беше изведен пред незнабожниот суд, намесникот го погледна, се зачуди на неговата убавина, па ги праша оние околу себе:
- Каде го фативте ова прекрасно момче?
Тие му одговорија:
- Одејќи кон градот Аназар, во Киликиската област го видовме како оди пред нас, па кога нѐ забележа се сокри во шумата. Едвај го најдовме како седи под една дива маслина. Го врзавме, и еве, го доведовме кај тебе на суд.
Намесникот го праша Талалеја:
- Кажи ни, момче, од која вера си, од кој град, од какви родители, и како се викаш?
Талалеј одговори:
- Христијанин сум, се викам Талалеј, родум сум од Ливан, татко ми Верулиј беше војвода, а мајка ми се вика Ромилија. Имам и брат кој му припаѓа на црковниот клир во чинот ипоѓакон, а јас сум лекар. Ги изучив лекарските вештини кај учителот Макариј архилекарот. Кога поради гонењето од страна на идолопоклониците сите христијани од Ливан побегнаа во горите и пустините, јас бев фатен и приведен кај едескиот намесник, царот Тибериј. Мачен од него, јас Го исповедав името на Отецот и Синот и Светиот Дух, Богот вистински и себлаг, Творецот на сѐ, и со помошта на мојот Господ бев избавен од рацете на мачителот. Така побегнав. А сега, повторно фатен, се наоѓам во твојата власт. Прави со мене што сакаш, зашто треба да умрам за Христос, небесниот Бог, Спасителот мој.
Намесникот го праша:
- Беднику, се надеваш да побегнеш од моите раце, како што си побегнал од рацете на Тиберијан?
Светителот одговори:
- Повеќе немам намера да бегам, затоа што верувам во Господ Исус Христос, и се надевам дека Он нема да дозволи да се посрамам, туку ќе ми помогне до крај да ги претрпам маките.
Во близина стоеја двајца џелати, Александар и Астериј. Ним намесникот им нареди со сврдли да му ги продупчат глуждовите на Талалеј, да му провлечат јаже низ нив и да го обесат. Но, силата Божја им го одзеде видот на џелатите, та тие продупчија една даска и ја обесија за дрвото. Еден христијанин, ученик на свети Талалеј, по име Тимотеј, климна со главата кон светителот, велејќи:
- Гледаш ли што прават тие?
Светителот му одговори:
- Молчи, брате. Со мене е Христос и ми помага.
А кога намесникот здогледа на дрвото обесено даска наместо маченикот, ги праша џелатите:
- Што сте сториле? Ви реков да обесите човек, а вие сте обесиле даска!
Разјарен, тој мислеше дека џелатите му се посмеваат со тоа, па нареди безмилосно да ги тепаат. А тие повикаа:
- Отсега ние сме христијани, зашто веруваме во Христос и страдаме за Него!
Намесникот нареди веднаш да ги погубат. Тие се упокоија маченички, и добија венци од Христа Бога, заедно со останатите свети Маченици. А на свети Талалеј му рече:
- Принеси им жртви на боговите, па ќе останеш жив и ќе се насладуваш на сите сласти од овој свет.
Маченикот му одговори:
- Мене, слугата Христов, нема да ме убедиш да им принесам жртви на демоните.
Разбеснетиот намесник сакаше самиот со сврдли да му ги издупчи глуждовите, но кога се обиде да стане од столот не успеа, како да беше сраснал со седиштето. Сите идолопоклоници видоа што се случи, и силно викнаа:
- Голем е Богот христијански, Кој прави такви чудеса!
Посрамениот намесник започна да го моли маченикот, говорејќи:
- Талалеј, помоли се за мене на твојот Бог, за да успеам да станам од столот, оти навистина твојот Бог е голем.
Светителот се помоли на Бога, и намесникот стана. Но, сметајќи дека тоа не го сторила силата Божја, туку магиите на Талалеј, тој многу се налути и започна да чкрта со забите кон него. Потоа дофати еден сврдел и самиот започна да му ги дупчи нозете, но во тој момент рацете му се исушија. Тогаш залелека кон маченикот, зборувајќи:
- Талалеј! Повторно те молам, помоли се за мене да ми се исцелат рацете.
Светителот со својата молитва му ги исцели рацете, а тој им рече на оние околу себе:
- Тргнете ми го од пред очи овој магепсник, и потопете го во морските длабочини.
А светителот му рече:
- Ти започна иследување над мене, и затоа си должен да го довршиш.
Намесникот одговори:
- Оди си од мене, магепснику, и загини на друго место, зашто јас сѐ уште не сторив никакво зло, а ти толку многу зла ми причини со своите магии!
На тоа светителот му рече:
- Немој да мислиш, мачителу, дека би се исплашил од твоите закани, и би се одрекол од мојот Бог. Знај дека никогаш нема да им принесам жртва на боговите твои, ниту ќе им се поклонам на демоните, на кои им служиш.
При овие зборови слугите го дофатија светителот, го седнаа во чамец, го однесоа среде морската шир, и таму го потопија. Тонејќи, светителот сотвори ваква молитва кон Бога:
- Господи, Боже мој! Не давај сега да умрам, зашто сакам уште да страдам за Твоето свето име, за целосно да го извршам подвигот на мачеништвото и да примам од Тебе несвенлив венец во бесмртниот живот.
Слугите се вратија кај намесникот и го известија дека го фрлиле Талалеј во морето, и тој потонал пред нивните очи. Но, додека тие сѐ уште му зборуваа, дојде свети Талалеј, облечен во бела облека. Сите многу се изненадија кога го видоа, и намесникот му рече на светителот:
- На твоите магии не им одолеа и морето!
Светителот му одговори:
- Каде е сега силата и моќта на вашите богови? Каде е вашата гордост и големина? Ете, мојот Господ Исус Христос не дозволи јас да умрам, за уште да го победувам твојот татко - ѓаволот.
Разгневениот намесник им рече на оние околу себе:
- Гледајте како овој магепсник и морето го магепса, и сега нас нѐ навредува. Ако го пуштиме така, тогаш тој сите ќе нѐ погуби со своите магии.
Покрај намесникот стоеше еден магепсник, по име Урвикиј. Тој му предложи на намесникот:
- Властодржецу, нареди овој да го дадат на ѕверовите.
И намесникот веднаш ги повика чуварите и хранителите на ѕверовите, и нареди да му подготват пространо гледалиште, и му се обрати на светителот:
- Талалеј, ќе им принесеш ли жртви на боговите, или сакаш твоето тело да стане храна на зверовите.
Светителот му одговори:
- Зар сѐ уште не си ја познал силата и големината на мојот Бог Исус Христос? Еве, јас пророчки објавувам дека нема да умрам, туку ќе бидам жив и ќе ги кажувам делата Господови. Десницата Господова ме возвишува, десницата Господова ми даде сила (Псалми 117, 16-17).
Потоа го одведоа светителот на гледалиштето и го изведоа пред ѕверовите, но тие не го допреа. Една најлута мечка притрча, легна крај неговите нозе, и започна да ги лиже. Кога го виде тоа, намесникот зачкрта со забите и како лав рикна од јарост. Потоа нареди кај него да пуштат изгладнети лав и лавица. Но и тие легнаа крај неговите нозе и ги лижеа. Тогаш намесникот ја раскина својата облека од бес, а народот силно повика:
- Голем е Богот христијански! Боже Талалејев, помилуј нѐ!
Толпата го дофати магепсникот Урвикиј, го фрли на ѕверовите, и тие веднаш го растргнаа и изедоа. Намесникот стана и нареди маченикот да го убијат со меч. Го одведоа на местото на посекувањето, наречено Едеса, и по молитвата беше посечен со меч на 20 мај, во 284-та година. Така се пресели во вечниот живот кај нашиот Господ Исус Христос, Кому со Отецот и Светиот Дух чест и слава, сега и секогаш и низ сите векови, амин.
СТРАДАЊЕ НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК АСКАЛОН
Кога царскиот намесник Аријан патуваше од градот Ермупол во градот Антиној Тиваидски, на тој пат кај него беше приведен еден христијанин по име Аскалон. Штом го здогледа, намесникот го праша:
- Кој е овој?
Еден од неговите советници, по име Аполонид, одговори:
- Мислам дека е христијанин.
Намесникот му рече на Аполонид:
- Прашај го, кој е?
Аполонид го праша Аскалона:
- Кој си ти?
Тој му одговори:
- Христијанин сум.
Тогаш намесникот го праша:
- Си слушнал ли за царската наредба, распратена на сите страни, дека христијаните мораат да им принесуваат жртви на боговите?
Свети Аскалон одговори:
- Сме слушнале за тие неправедни наредби, издадени за соблазна на многумина.
Намесникот го праша:
- Како смееш да ги понижуваш царевите, нарекувајќи ја соблазна нивната пресвета спасоносна наредба?
Светителот одговори:
- Прави со мене што сакаш, но јас не ги признавам наредбите што се издаваат незаконски, не за корист туку на штета и погибел на луѓето. Каква е таа наредба: поклони му се на идолот?
Намесникот му рече:
- Не ли ти беше доволно навредувањето на царевите, туку уште и нашите богови ги нарекуваш идоли? Ти се колнам во боговите, дека ако не ги признаеш за богови и не им принесеш жртви, ќе те предадам на маки подготвени за непослушните.
Светителот му одговори:
- Јас не се плашам од твоите закани, туку се плашам да не го занемарам Оној што рекол: „Не плашете се од оние што го убиваат телото, а душата не можат да ја убијат; туку плашете се повеќе од Оној Кој може и душата и телото да ги погуби во пеколот“ (Матеј 10, 28), односно, треба да се плашиме од Бог, Кој може вечно да го мачи целиот човек, а не од вас, кои го мачите само телото и тоа за кратко време.
Намесникот му рече:
- Те советувам да им принесеш жртва на бесмртните богови. Ако не ме послушаш, знај дека мачилиштето е подготвено.
Светителот му одговори:
- Ќе видиме кој од нас ќе биде посилен: или ти со маките ќе ме натераш идолите да ги наречам богови, или јас ќе те убедам мојот Господ Христос да го признаеш за вистински Бог и Творец на сѐ.
Разгневен, намесникот нареди гол да го обесат, да го тепаат и да го стругаат со железни направи. Немислосрдно мачен, каиши кожа и месо од светителот паѓаа по земјата, но тој молчеше, и ниту воздивна ниту збор изрече. Тогаш намесникот го праша:
- Ќе попушти ли твоите срце, да им принесеш жртва на боговите?
А еден ретор, по име Визамон, кој стоеше тука, рече:
- Од смртта што му се приближува, тој слегнал со умот.
А светителот веднаш му одговори:
- Ниту сум слегнал со умот, ниту пак отстапувам од Бога, Творецот мој.
Аријан на тоа му рече:
- Повторно се противиш? Но, ова место не е подобно за да бидеш мачен како што заслужуваш. Во градот ќе ги добиеш маките што ги заслужуваш за твојата непослушност.
Откако го рече тоа, намесникот нареди веднаш да го врзат и да го водат пред него. Попат, во близина на градот се наоѓаше големата река Нил. Светиот маченик Аскалон прв беше доведен, оти намесникот одеше полека. А граѓаните што беа излегле да го пречекаат намесникот се собраа околу светиот маченик, кој лежеше гол во раните покрај брегот, и не можеше ниту да стои ниту да седи. Тие беа потресени од призорот и го сожалуваа. Кога го здогледаа намесникот, кој беше стигнал од другата страна и седнал во чамецот да се превезе, граѓаните започнаа да се подготвуваат да го дочекаат и поздрават. А светиот маченик, кога слушна дека намесникот со чамец се превезува преку реката, со своите последни сили стана, ги крена очите и рацете кон небото, и повика кон Господа:
- Боже мој, Исусе Христе, заради Кого ги трпам овие маки, и заради чија љубов стојам гол на срамота на овој народ, услиши ме сега заради слава на светото име Твое, и пружи ми ја семоќната рака Своја, та задржи го среде реката чамецот во кој седи нечестивиот судија, и не дозволувај му да стигне на овој брег, додека не признае дека Ти си единствен вистински Бог, Гворец и Господар на сѐ, и пред целиот народ не го прослави светото име Твое.
Кога светителот така се помоли, чамецот ненадејно застана среде реката и не можеше да се помрдне од местото. Аријан беше многу зачуден, па се сети на зборовите од маченикот, со кои вети дека ќе го приведе кон признание на Христос за Бог, па им рече на своите:
- Што мислите, зошто застана овој чамец? Зар тоа не е од магиите на оној христијанин?
Тој веднаш нареди да донесат друг чамец и седна во него. Но, чамецот од кој излезе веднаш се помести, а оној во кој што седна застана неподвижно, и никако не можеа да го помрднат.
Тогаш намесникот му испрати ваква порака на маченикот: „Бидејќи се исплаши од маките со кои ти претев, ти со помош на твоите магии направи да не можам да ја преминам реката и да влезам во градот“,
Маченикот му одговори на пратеникот:
- Жив е мојот Господ Бог и чамецот во кој се наоѓа Аријан нема да се помести, сѐ додека тој не го исповеда името на мојот Господ Исус Христос, како што порано реков.
Тогаш пратеникот го праша:
- Ако намесникот дури и го исповеда името на твојот Бог, како што сакаш ти, како ќе го слушнеш неговиот глас, кога тој се наоѓа среде реката, а таа е широка како што и самиот гледаш?
Маченикот му одговори:
- Тој нека го напише на хартија исповедањето на мојот Господ, па нека ми го испрати, и во тој момент чамецот ќе тргне.
Пратеникот се врати и го извести намесникот за пораката на маченикот. Намесникот зеде хартија и своерачно ги напиша овие зборови: „Вистински Бог е Оној Кого Го почитува Аскалон и нема друг бог освен Него. Он е Творец и Господар на сѐ“.
Кога го прочита напишаното, маченикот се помоли на Бога, и чамецот со намесникот тргна и стигна на брегот. Кога влезе во градот, намесникот седна на судискиот стол и светиот маченик Аскалон беше изведен пред него. Намесникот му рече:
- Ти твојата магиска сила ја крена против мене за да ме задржиш во водата, а јас на суво ќе ти ја покажам силата на мојата власт.
И веднаш нареди гол да го обесат и со свеќи да го горат неговото тело, додека цело не се стопи. Така горен, светителот молчеше. Тогаш намесникот му рече:
- Како што гледам, ти веќе умираш, Аскалоне?
Светителот одговори:
- И да умрам, пак ќе оживеам.
Тогаш намесникот им рече на своите:
- Само се заморуваме, мачејќи го. Јас гледам дека тој е готов и да умре за својата вера. Сепак, ние ќе сториме сѐ што можеме.
И нареди да му врзат огромен камен за нозете, и жив да го фрлат во реката.
Војниците го поведоа маченикот кон реката. По нив одеше многу народ, меѓу кој имаше и не малку христијани, кои беа дошле да го видат крајот на маченикот. Тие му нудеа храна, молејќи го да јаде. Но тој одбиваше, говорејќи:
- Нема повеќе да јадам минлива храна од овој свет, оти сум подготвен да одам и да го примам „она што око не виде, и уво не чу, ниту на човек на ум му дојде“ (1 Кор. 2, 9). Трудете се и вие, браќа, да ги добиете благата што се подготвени за светите.
Додека светителот зборуваше, војниците го ставија во чамецот и, тргнувајќи од брегот, започнаа да му го врзуваат каменот за нозете. А тој, обракајќи се кон христијаните кои стоеја на брегот, рече:
- Чеда мои, не заборавајте го моето погребение. Но сепак, и утре не барајте го моето тело. Задутре појдете во северниот дел на градот, и таму на брегот ќе го најдете моето тело со приврзаниот камен. Погребете ме заедно со тој камен.
Така и стана. Во третиот ден по неговото потопување, христијаните го најдоа неговото свето тело со приврзаниот камен, како што им рече тој, и чесно го погребаа, славејќи Го нашиот Господ Исус Христос, Кому чест и поклонение со Отецот и Светиот Дух, сега и секогаш и низ сите векови, амин.
Светиот маченик Аскалон чесно пострада во 287 година.
ЖИТИЕ НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ СТЕФАН ПИПЕРСКИ
Животот на секое човечко суштество е исткаен од безброј тајни. Во тоа ткиво се вткаени и небото и земјата, и доброто и злото, и Бог и ѓаволот. Воопшто, тешко и претешко е да се опфати со зборови нечиј живот, и да се искажат сите негови тајни. Несомнено е дека сечиј живот се разлева и прелева преку сите видливи и невидливи светови, а поготово животот на светителите Божји. Тоа важи и за животот на светиот Стефан Пиперски. А сите светители, без исклучок, сведочат едно, и покажуваат едно: животот им е граден и изграден од светите евангелски тајни и светите евангелски доблести. Притоа, главен градител е Светиот Дух, а соработник самиот светител. А сето тоа бива, и сето тоа се случува во Богочовечкото тело Христово - Црквата: од Отецот преку Синот во Духот Свети.
Свети Стефан се роди во селото Кута, во никшиќката жупа од сиромашните но побожни родители, Радивој и Марија. Уште од мал, тој се одликуваше со кроток карактер, скромност и повлеченост. А кога како момче во него се распламти прашањето за смислата на животот и светот, тој го напушти родителскиот дом и отиде во манастирот Морача, чиј што храм е посветен на Успението на Пресвета Богородица. Во манастирот, под преблагото закрилување на Спасителката на човечкиот род - Пресветата Богомајка, Стефан се оддаде на нов живот во молитва и пост. Молитвата и постот навистина се скратено Евангелие Спасово, и најкраток пат кон очистувањето, осветувањето, охристувањето, обожувањето, спасението. Сведоци за тоа се сите монаси, и сите светители воопшто. Нема свет живот без молитва и пост. Несомнено, на прво место молитвата и постот се скратено монашко Евангелие. Од молитвата и постот никнуваат, растат, зајакнуваат и се множат и усовршуваат сите останите свети доблести: смиреност, кроткост, благост, добрина, љубов, милостивост, жалостивост, христољубие, човекољубие, здравоумие, смиреноумие, разборитост, храброст, покајание... А пак молитвата и постот ги раѓа, развива и оплодува евангелската седоблест: верата во сладчајшег Господ Исус. Зашто Севистината ни ја објави оваа вистина: „Сѐ е можно за оној што верува“ (Марко 9, 23).
Младиот Стефан долго се подвизуваше како искушеник во манастирот Морача, ревносно и самопрегорно минувајќи ги сите манастирски послушанија. Душата му растеше кон небото, и евангелските благомирисни доблести се множеа во него и се усовршуваа една со помош на друга.
Христочезнивиот Стефан беше удостоен на монашкиот ангелски чин. Ревносен и огнен во светите доблести, во Морача тој беше ракоположен за јероѓакон, а потоа и за јеромонах. Подоцна тој стана и игумен на манастирот Морача.
Но, во тоа време, во седумнаесеттиот век, Турците и околните Арнаути често го напаѓаа манастирот Морача. Тие обично доаѓаа од Колашин, го пљачкаа манастирот и ги злоставуваа монасите. Како искушеник, преподобниот Стефан можеше да ги поднесе овие злоставувања, зашто меѓу браќата и не можеше многу да биде забележан. Но, како свештеномонах, тој ревносно служеше Света Литургија и останатите богослуженија, го проповедаше Евангелието, пастирствуваше меѓу народот, и со тоа кај непријателот на верата Христова стана многу забележан и намразен.
Тоа врагот човекомрзец вешто го искористи: на разни начини, по пат на турски заплашувања и злосторства, работеше за да го одврати од подвизите и светото делување. А кога бесот на Агарјаните стана неподнослив, манастирските браќа се повлекуваа во околните пештери. Во тие случаи младиот свештеномонах Стефан остануваше во манастирот меѓу последните. А кога Турците се нафрлија на него претејќи му со убиство, тој одлучи да се засолни. Затоа манастирот им го довери на браќата, кои си избраа нов игумен, и отиде во далечниот планински предел Трмања (Ровци), оддалечен пет часа пешачење од манастирот Морача. Таму се насели во една мала пештера. Во таа пештера си направи мала ќелија, чии што остатоци, наречени „ќелиште““, и денес се гледаат.
Кога колашинските Турци дознаа дека преподобниот Стефан заминал од манастирот Морача, тргнаа во потрага по него, за да го убијат. Но, милоствиот Бог го сочува во пустината од рацете на убијците. Пастирите од околните планински села му носеа корки леб и внимаваа да не дојдат Гурците, а ноќе се спушташе магла и овој предел стануваше непрооден.
Преподобниот Стефан остана тука седум години, издржувајќи ги своите монашки подвизи, и така чистејќи го својот ум, душата и срцето, ги победуваше гревовите, страстите, смртта и ѓаволот. Но, за да го надмудри и разоружа, сатаната употребуваше најразлични средства против него. Обично ноќе, пустината одекнуваше од стравично урлање и бесрамни песни. Но, сето тоа не можеше да го исплаши, ниту пак ослаби светиот подвижник во неговото христочезниво итање кон небото, кон Царството Небесно. Знаеше тој дека Господ Христос е неспоредливо посилен од сите демонски привиденија и стравотии, и соблазни и преправања. Цврсто држејќи се до сепобедниот Господ со верата, молитвата и постот, тој постојано ги победуваше сите ѓаволски искушенија.
По седум години преподобниот премина во „скендериските предели“, кои се наоѓаат во племето Пипери, и се насели во едно осамено место над селото Црнци. Крај еден извор си направи ќелија и подигна црква во слава на Рождеството на Пресвета Богородица, и собра неколку монаси (според еден запис преподобниот Стефан дошол овде околу 1660-та година). Племенскиот кнез Ананиј Лалиќ на светиот испосник му подари еден дел од својот имот, за монасите да имаат од што да се издржуваат. Пиперите не ја признаваа турската власт од соседните турски тврдини во Спужа, и често беа во препирања со нив. Тие ја признаваа само власта на православните владари Петровиќ од Цетиње.
Во Пиперската обител преподобниот Стефан помина триесет и седум години, развивајќи многукратна пастирска дејност. Често одеше меѓу народот, го поучуваше во вистинската Православна вера, и ги лечеше од гревовите и пороците. Тој го повикуваше народот на покајание, оти покајанието е семоќен лек против секој грев, секој порок, секое зло, и секој ѓавол. Народот го сакаше како свој родител и учител испратен од Бога.
Преподобниот Стефан го помина животот во богочезниви подвизи и се упокои во Господа на 20 мај во 1697 година. Беше погребан во својата обител до олтарот, од јужната страна на храмот. По четири години, во 1701 година, на неговиот гроб започна да се јавува чудна светлина, светејќи често на неговиот гроб. Освен таа светлина, некои монаси и мирјани гледале како повремено од небото врз гробот паѓаат мали пламени факели и долго светат. Поради тоа монасите го повикаа презвитерот Лаиновиќ од Подгорица, за заедно со нив да го отвори гробот на преподобниот. По Светата Литургија тие го отворија гробот, и го здогледаа светото тело целосно и недопрено од гнилежноста, притоа и благомирисно. Презвитерот ги зеде светите мошти на преподобниот отец и со пеење и солзи на пиперските монаси, ги пренесе во манастирската црква на светите Архангели. Народот започна да доаѓа да им се поклонува на моштите на преподобниот Стефан и да ги целива, и во разните неволји да бара помош од христољубивиот, човекољубив и христомоќен светител. Тоа го правеа не само православните туку и Арнаутите и Турците. И биваа многу исцеленија. Преподобниот им помагаше на Православните во борбите со Турците. За време на тие борби, луѓето од племето Пипери сакаа на неколку наврати да ги засолнат моштите од пештерата на друго место, но светителот не го дозволуваше тоа. И така, сѐ до денес светите мошти на преподобниот Стефан почиваат и чудотворат во светата Пиперска обител. По неговите молитви нека Господ нѐ помилува и спаси сите нас. Амин.
СПОМЕН НА НАШИТЕ ПРЕПОДОБНИ ОТЦИ НИКИТА, ЈОВАН и ЈОСИФ
И тројцата се од островот Хиос. Се подвизуваа во првата половина на единаесеттиот век. Го оставија светот, појдоа во планината наречена Проватион, и се населија во една пештера. Овде се подвизуваа со секој подвиг на монашкото живеење, се хранеа само со леб и вода, и тоа еднаш неделно. Една ноќ небесна светлина го осветли подножјето на таа планина. Подвижниците слегоа и видоа дека сите дрвја изгореле, само една мирта гореше и не согоруваше, како некогаш капината на Синај. На таа мирта здогледаа како виси икона на Пресвета Богородица со Богомладенецот во прегратка. Тие ја симнаа Светата Икона и ја однесоа во својата пештера. Но, иконата сама се врати на старото место. Потоа преподобните овде изградија мала црквичка посветена на Пресвета Богородица, а основаа и манастир со помош на царот Константин Мономах (1042-1055 г.). После тоа преподобните мирно се упокоија. Нивните свети мошти почиваат во нивниот манастир на Хиос, правејќи многу чудеса (тоа е тој Нов Манастир - „Неа Мони“ - на Хиос, кој постои и денес).
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ АЛЕКСАНДАР и АСТЕРИЈ
Беа посечени со меч за нашиот Господ Христос.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ТАЛАСИЈ МИРОТОЧИВ
Преподобниот Таласиј живееше во седмиот век и беше ученик на свети Максим Исповедник (се слави на 21 јануари). Беше игумен на Либиската обител во Африка. Се занимаваше со изучување на Светото Писмо. Од него остана списот „За љубовта, воздржанието и духовниот живот“, кој се наоѓа во Добротољубието. Се упокои во мир.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ МАРКО ПУСТИНИКОТ
Марко Пустиникот мирно се престави во Господа.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ ДОВМОНТ - ТИМОТЕЈ
Светиот Довмонт беше родум од Литванија, но незнабожец. Тој во 1265-та година, спасувајќи се од освета, побегна во Псков и се крсти. Гледајќи ги јунаштвото и добродушноста на Довмонт, во 1266-та година народот го избра за кнез. Тој триесет години ги бранеше од непријателот, а особено од Литванците и литванските витези, не само Псков туку и цела Северна Русија. Во мирно време се одликуваше со побожност и доблесен живот. Ја сакаше правдата, беше милостив спрема сиромашните, ги посетуваше затворениците, ги згрижуваше патниците, го минуваше животот во пост и молитва, и побожно ги прославуваше празниците. Светиот кнез се претстави во 1299-та година и беше погребан во Троицката црква.