3. Јуни   (21. Мај)

ЖИТИЕ НА СВЕТИОТ РАМНОАПОСТОЛЕН ЦАР КОНСТАНТИН ВЕЛИКИ и неговата христољубива мајка ЕЛЕНА

Кон крајот на третиот и почетокот на четврттиот век, кога незнабошците одлучно се подготвуваа со оган и меч да го избришат христијанството од земјата, Промислата Божја меѓу самите цареви подготвуваше покровител на Црквата Христова, во ликот на царот Константин Велики, кој уште за време на животот се нарече рамноапостолен. Се роди во 274-та година. Неговите родители не беа христијани, но сепак беа запознати со христијанството и благонаклонети кон него. За Константин уште како млад беа туѓи незнабожните суеверија, и тој се приближуваше кон Христа, вистинскиот Бог. Десницата Господова постепено на разни начини го подготвуваше за избран сад на славата Божја. Таткото на Константин, Костанциј Хлор, цар на западната половина на Римското Царство, иако по надворешност и званична должност идолопоклоник, во душата беше далеку од незнабожечкото суеверие. Тој се одрече од служењето на лажните богови и го признаваше едниот вистински Бог, и единствено Нему Му се поклонуваше, заедно со целиот негов дом. Колку Костанциј беше далеку од служењето на идолите, покажува следниот случај од неговиот живот. Откако се одрече од служењето на идолите, еднаш тој намисли да го дознае вистинското расположение на своите дворјани во тој поглед. Затоа ги повика сите, и им рече:

- Кој сака да ги ужива мојата доверба и љубов, и да остане каде што е, тој мора да им се поклони на моите богови, и заедно со мене да им принесе жртва. Оној пак, што нема да го стори тоа, нека го напушти мојот двор и нека оди каде што сака, зашто не можам да бидам заедно со неедноверни.

Кога царот го рече тоа, дворјаните се поделија во две групи. Едната група ја сочинуваа оние што го сакаа овој свет и славата негова, повеќе од Христа Бога. Тие се согласија со царевиот предлог. Другата група ја сочинуваа вистинските слуги Христови, и тие започнаа да ги напуштаат своите високи функции и почести и да заминуваат од царскиот дворец. Тогаш Костанциј ги врати назад, и им рече:

- Бидејќи гледам дека вие верно Му служите на вашиот Бог, сакам да ве имам за свои слуги, пријатели и советници, зашто се надевам дека и мене ќе ми бидете верни, како што сте Му верни на својот Бог. А на оние што се согласија да се одречат од Христос, и да им се поклонат на идолите, им рече:

- Вас не сакам да ве имам во својот дворец. Штом не му останавте верни на својот Бог, како тогаш ќе ми бидете верни мене!

И така посрамени ги тргна од себе, а верните слуги Божји ги постави за управители во својата област. На тој начин, додека Диоклецијановото гонење пламтеше по сите покраини на огромното Римско Царство, во областа на Костанциј христијаните живееја во мир и благодат. Но, за да не се оглуши на Диоклецијановата волја, Костанциј дозволи да се разрушат некои христијански цркви.

Таквата благонаклонетост на Константиновиот татко спрема христијаните, па обраќањето на неговата мајка, света Елена, и неговата сестра Костанција кон Христа, во младата душа на Константин посеаја љубов спрема вистинскиот Бог и Неговиот закон, и ставија темел за неговото идно делување. Годините на својата младост Константин мораше да ги минува на Диоклецијановиот двор во Никомидија, каде беше земен како залог за верност на неговиот татко Костанциј спрема Диоклецијан. Тука Константин ја доби вистинската слика за незнабожечкиот начин на живот и размислување: таштина надуеност, раскош, пијанство, незауздан разврат на мислите и животот, сплетки, лицемерно почитување на божемните богови, пакост спрема почитувачите на вистинскиот Бог. Од друга страна, тој имаше можност да го запознае животот на христијанските верници: стари и млади, прости и учени, па дури и деца ја докажуваа вистината, чистотата и возвишеноста на својата вера со своите дела, со својот доблесен живот, своето исповедништво, па и со својата смрт, бидејќи во тоа време пламтеше најужасното гонење против Црквата Христова, во кое на сите страни се гледаше јунаштвото на христијаните и нивното непобедливо трпение.

Кога Константин отпатува од Никомидија во Галија кај својот татко, го затекна тешко болен. Костанциј Хлор му ја предаде својата царска власт на Константин, бидејќи го сакаше најмногу од сите свои деца, и набрзо умре. И така, по смртта на Костанциј Хлор, Константин беше прогласен за цар на Галија и Британија во 306-та година. Тогаш Константин имаше триесет и две години.

Царевите Диоклецијан и Максимијан, заморени од својата злоба против непоколебливите страдалници за светата вистина, решија да се повлечат од царските престоли. Но, тоа стана повод за многу нереди. Галериј, кој на исток зацарува наместо Диоклецијан, беше незадоволен од зацарувањето на Константин на северозапад, и не сакаше да го признае за цар, туку го призна Север, кој управуваше со Италија и Африка. Меѓутоа пак, во Италија за цар беше прогласен Максенциј, синот на Максимијан. Подржувајќи го Север, Галериј го нападна Максенциј, и тој побара помош од својот татко Максимијан, кој повторно ја зеде власта во свои раце. Север се предаде на Максимијан и беше погубен. Тогаш Галериј го прогласи за цар својот полковник Ликиниј, а војската му ја предаде на цезарот Максимин. На тој начин се случи во Римското Царство во исто време да царуваат шест цареви, кои меѓусебно беа раскарани. Само Константиновите поданици живееја во мир и благодат, зашто Константин беше задоволен со областа наследена од својот татко, и не сакаше да се меша во меѓусебните борби на другите соцареви. Тој велеше: „Јас се отуѓив од останатите соцареви, затоа што го видов дивјаштвото на нивните карактери“.

Угледувајќи се на својот татко, Константин спрема христијаните одржуваше политика на мир, зашто ги ценеше како внимателни и верни поданици.

По Галериј, кој умре во 311-та година од страшна болест, и Максимин, управителот на Сирија, кој во 313-та година изврши самоубиство, во источната половина на Римското Царство како единствен владар остана Ликиниј, кој потоа се ожени со сестрата на Константин. Во западната пак половина, во Италија, по повторното зацарување на Максимијан, повторно зацарува Максенциј, наспроти желбата на римскиот народ. Константин го призна за цар во Рим, па му испрати и мирољубива порака. Но, Максенциј не сакаше мир со Константиј, ниту го нарекуваше цар, оти сакаше да биде единствен господар на сите земји и области на Римското Царство. Зацврстувајќи се во Рим, Максенциј започна да им врши неправди на луѓето. Тој не само што ги гонеше христијаните, туку и своите незнабошци ги мачеше. Убиваше угледни сенатори и ги одземаше нивните имоти. Се нафрлаше и на честитите домови. Ги грабеше жените и ќерките на сенаторите, и страсно се занимаваше со магии и гатање. Поради својата свирепа тиранија и страшна расипаност, тој им беше одвратен на сите граѓани на Рим. Затоа тие тајно му испратија молба на царот Константин, кој со својата мајка Елена живееше во Британија, да дојде и да ги избави од овој тиранин. Константин најнапред му испрати писмо на Максенциј, пријателски советувајќи го да престане со тиранијата. Но, Максенциј не само што не го послуша и не се поправи, туку уште повеќе се озлоби, па започна да се подготвува за војна против Константин. Кога дозна за тоа, Константин одлучи да тргне во воен поход против Максенциј. Тоа се случи во 312-та година. Но, тој поход претставуваше огромна тешкотија, па и самиот Константин не можеше да биде слободен од неволниот страв. При тоа, нему му беше познато дека војската на неговиот противник е помногубројна од неговата, и дека Максенциј цврсто се надева во своите богови, кои се трудеше да ги омилостиви, принесувајќи им на жртви многу деца, девојки и бремени жени. Уште и со магии се оградуваше себе си и својата војска, и така на своја страна имаше огромна демонска сила. Во таквата состојба на Константин му беше јасно дека не е доволно да се надева само во човечката сила и средства, туку дека треба да има и некоја поголема помош, помош одозгора. Размислувајќи за несреќната состојба на царството, кое залудно бара заштита од бездушните идоли, за помошта Божја укажана многу пати и на неговиот татко и нему, за политичките преврати кои се случиле пред неговите очи, за срамната смрт на три лица, кои заедно со него ја делеа врховната власт во империјата, тој увиде дека е безумие залудно да се надева во непостоечките богови, и да остане во заблуда после толку докази.

Среде таквите возбудливи размислувања, Константин започна да Му принесува молитви на Бога, Отецот свој, Он да му ја открие вистината за Себе, да му даде храброст и да му ја пружи десницата Своја во претстојниот потфат. И оваа негова молитва беше услишана: наскоро самиот Господ му се јави, го утеши и го упати што треба да прави. Евсевиј, современик на настаните, го раскажува она што самиот лично го слушнал од царот Константин:

„Едно попладне, раскажувал царот, кога сонцето веќе започна да се крие на запад, јас со своите очи видов на небото крст Господов, направен од звезди, кој блескаше посилно од сонцето, и на крстот стоеше напишано: „Со ова победуваш!“

Тоа го видоа и војниците и војводата Артемиј, кои беа покрај царот, и многу се чудеа. Но, започна да ги обзема и страв, зашто незнабошците го сметаа крстот за лош предзнак, како знак за несреќа и смрт, бидејќи на крстна смрт биле осудувани разбојницити и злосторниците. И самиот цар Константин беше збунет од оваа појава“.

Но, наредната ноќ на царот во сон му се јави самиот Господ Христос, и повторно покажа знамение на чесниот крст, и му рече:

- Направи ваков крст, и нареди да се носи пред твојата војска, и ти ќе го победиш Максенциј и сите твои непријатели.

Штом се разбуди, царот им го раскажа на велможите своето сновидение. Потоа повика вешти мајстори и им нареди на знамињата да изработат чесен крст од злато, бисери и скапоцени камења, опишувајќи им го обликот и изгледот на јавеното знамение. Заедно со тоа, на своите војници им нареди да изработат крстен знак на сите свои оружја, на шлемовите и на штитовите. Поразен од прекрасното видение, Константин одлучи да не почитува друг бог освен Христос, Кој му се јави. Тој повика кај себе христијански свештеници, и ги праша:

-Кој е тој Бог, и каква е смислата на знамението што го видов? Сослушувајќи го нивниот одговор за единствениот Бог, за тајната на овоплотувањето на Неговиот Еднороден Син заради спасението на луѓето, за крсната смрт на Господ Исус, Кој ја победи силата на смртта, за крсното знамение кое му се јави како непобедлив знак, Константин свесно стана христијанин во душата. Од тогаш тој започна усрдно да го чита Светото Писмо, и постојано покрај себе имаше свештеници, иако сѐ уште не беше примил свето крштение.

Призивајќи Го Христа Бога за помошник и заштитник, Константин со крстниот знак пред својата војска, тргна од Галија кон Италија, против Максенциј. А Максенциј, откако им принесе раскошни жртви на боговите и ги сослуша гатачите, тргна во напад против Константин. Штитен со спасоносниот крст, Константин, после три судири со противникот, дојде пред самиот Рим. Тука му нанесе завршен удар и конечен пораз. Максенциј се здаде во бегство, но кога го преминуваше мостот на реката Тибар, мостот под дејство на силата Божја се сруши, и тој се удави со своите коњаници, како некогаш Фараонот со својата војска. Константин свечено влезе во Рим како победник, дочекан од народот со голема радост. Свесен дека победата ја доби со Божја помош, тој Му благодареше на Бога што со силата на чесниот и животворен Крст го победи тиранинот, и нареди среде градот да се истакне знаме со крст. А кога благодарните Римјани поставија статуа во чест на новиот цар, Константин нареди во рацете на таа негова статуа да се стави високо копје во вид на крст, со следниот натпис на него: „Со ова спасоносно знамение го ослободив вашиот град од јаремот на тиранинот, и на римскиот народ му го вратив предходниот сјај и слава“.

Откако на тој начин стана управител на целата западна половина на Римското Царство, Константин прв меѓу царевите издаде закон во 313-та година, со кој објави потполна слобода на верата за сите народи во царството: многубошците ги остави да ги обавуваат обредите на своето богопочитување, а на христијаните им одобри слободно да Му се поклонуваат на единствениот вистински Бог. По овој закон следеа низа закони, благопријатни за Црквата Христова: забрана на крсната смрт, укинување на крвавите игри во циркусите, прекин на многубожечките жртвопринесувања и кадења во свечени денови; се воведе празнување на неделата и забрана на извршување судски расправи во недела, и воопшто да се работи во недела; сирачињата, бедните и страдалниците, беа примени под царско покровителство. По сите градови настанаа празници на обновување и осветување на црквите; насекаде слободно Му се пееја песни и благодарствени молитви на Бога; епископите непречено се состануваа и договараа за потребите на Црквата. Понекогаш и самиот цар Константин присуствуваше на тие собири, се вклучуваше во прашањата за верата и со задоволство правеше сѐ, за доброто на христијанското општество. Тој свештенослужителите ги ослободи од сите несвештенички должности и од даноците, како што и незнабожечките жреци беа слободни од данокот, за да можат целосно да се посветат во служба на Бога. Тој не само што на Црквата ѝ ги врати гробиштата и сите места одземени од страна на гонителите, туку и ѝ поклони неколку огромни зданија, наречени базилики, кои се користеа како судници, и кои лесно можеа да се преобратат во цркви. Тој им даде право на пастирите да ги решаваат споровите и несогласиците меѓу христијаните. Царот Константин на својот шлем носеше монограм „Христос““, како очигледен знак пред сите, за неговото побожно почитување на Христа Бога. Тој на своите војници им пропиша молитва, која тие беа должни да ја читаат секоја недела, зашто таа претставуваше исповедање на срдечната вера на самиот цар, и ствараше расположение спрема семоќниот Давател на добрата и Помошник во сите работи.

Ваквото однесување на царот предизвика огромно воодушевување меѓу христијаните. Современикот Евсевиј вака го опишува тоа време:

„Сега светол и ведар ден, без никаков облак, ја осветли Црквата Христова со зраците на небесната светлина. Ние треба да бидеме свесни дека нашата среќа ги надмина нашите заслуги. Многу сме запрепастени од благодатта на Виновникот за така големите дарови. Ние Му се восхитуваме и говориме заедно со пророкот: „Дојдете и видете ги делата Божји, - чудесата кои Он ги направи на земјата“ (Псалми 45, 9). Тогаш и машко и женско, и старо и младо, од сѐ срце се радуваа и Му принесуваа молитви и благодарност на Бога“.

Додека на Запад цветаше христијанството со владеењето на Константин, на Исток, каде што царуваше Ликиниј, работите стоеја поинаку. Воспитан на дворецот на Диоклецијан, полковник за време на Галериј, откако стана цар, тој ги намрази христијаните. Кога се ожени со Константиновата сестра во 313-та година, Ликиниј на почетокот не се осмелуваше да му се противи на својот моќен роднина, туку дури и го потпиша Миланскиот закон за слобода на верата. Но, наскоро, откако по смртта на царот Максимин стана полновластен господар на целиот Исток, тој започна да ги притиска и понижува христијаните. Плашејќи се да не ја изгуби својата царска власт, и потпаѓајќи под влијание на клеветите на претставниците на идолопоклонството, тој ги затвораше и рушеше христијанските храмови, под изговор дека во нив се молат за Константин а против него, и бараше од сите, а особено од својата војска, незнабожечка заклетва и принесување на жртви на идолите. Непослушните ги испраќаше во прогонство, ги подложуваше на страшни маки, па и ги убиваше. Тој беше премногу свиреп не само спрема христијаните, туку и спрема другите, зашто ги предаде на смрт и жената и ќерката на својот поранешен покровител Диоклецијан, и ги уби сите деца и на Максимин, и на Север и на Галериј.

Односите на Ликиниј со Константин не беа, и не можеа да бидат пријателски. Во Ликиниј имаше и лукавства и двоумења. Тој го уверуваше Константин во своето пријателство, а потајно го мразеше и сакаше да го убие. Но, неговите лукавства беа безуспешни, и меѓу нив често доаѓаше до раздори, кои завршуваа со војна. Константин остануваше победник, но прелажуван со лажните уверувања на зетот, тој склучуваше мир со него. Сепак, нивните меѓусебни односи со текот на времето сѐ повеќе се заоструваа. Најпосле, Ликиниј престана да ја крие својата замисла против Константин и стапи во отворена борба со него. Во 323-та година меѓу нив пламна жестока војна. Таа војна, која што ја опфаќаше „целата вселена“, беше решавачка за судбината на христијанството во Римското Царство.

Обајцата собраа огромна војска и се подготвуваа за решавачка битка. Се чинеше дека незнабоштвото, кое изумираше, се кренало во војна против христијанството, кое се појави во светот за да го обнови човештвото. Пред битката, опкружен со жреците и гатачите, Ликиниј собра одбрани војници и свои најдобри пријатели во една ладна шумичка каде имаше идоли, свечено го изврши жртвопринесувањето, и обраќајќи им се на присутните, рече:

- Пријатели, еве ги нашите богови што треба да ги почитуваме, како што нѐ учеа нашите предци. А старешината на непријателската војска, отфрлајќи ги нашите стари обичаи, примил лажни сфаќања и прославува некаков туѓ, непознат Бог. Со срамното знамение Негово, крстот, тој ја срамоти својата војска. Надевајќи се во Него, тој кренал оружје повеќе против боговите отколку против нас. Самиот исход ќе покаже кој е во право, а кој во заблуда. Ако победиме ние, тогаш ќе стане јасно дека нашите богови се вистински богови. А ако победата ја однесе Константиновиот Бог, Кој е ништовен за нас, тогаш нека Го почитуваат. Но, надвор од секое сомневање е дека нашите богови ќе победат. Затоа, да тргнеме смело со оружјето во рацете против безбожниците!

Напротив, Константин пред битката се затвори во својот шатор, и со молитва и пост се подготвуваше за борбата. Во тие судбоносни моменти, тој вршеше анализа на своето минато: се сеќаваше на многубројните опасности во кои се најдуваше и кои среќно ги преброди. Се секаваше на срамните загинувања на гонителите на христијанството и јуначкото и спокојно умирање на следбениците Христови, и гледајќи ја во тоа промислата на Севишниот, тој и себе и својот потфат ги доверуваше на небесното раководство и заштита. А пак, христијаните, усрдно се молеа за царот како свој покровител. Светото знамение се вееше меѓу Константиновите полкови и ги воодушевуваше со надеж за небесна помош. Константиновата војска со побожност гледаше во тоа победно знамение, а непријателите со страв го посматраа. Ликиниј ги уверуваше своите војници дека не треба да им обраќаат внимание на непријателските знамиња, и велеше дека „тие се страшни со својата сила и непријателски кон нив“.

Незнабожечките жреци и гатачи му прорекуваа победа на Ликиниј, но Бог таа победа му ја подари на Константин. Ликиниј многукратно го напаѓаше противникот, кој напредуваше, но секогаш доживуваше порази и се спасуваше со бегство. Потоа лажно се каеше, молеше за мир, па повторно тајно собираше нова војска и бараше помош од варварите. Најпосле, победата по морето, која во близина на Византија ја однесе Константиновиот син Крист, и битката кај Адријанопол, конечно го решија исходот на војната. Ликиниј го положи оружјето, а по кратко време беше погубен во Солун, зашто и после тоа беше склопил завера против Константин. Така, во 323-та година, Константин стана единствен господар на целото Римско Царство.

Победата над Ликиниј уште еднаш, и тоа така очигледно, го убеди Константин дека земните блага и успеси им се даваат на почитувачите на вистинскиот Бог. Сметајќи се себе си за смирено оружје во рацете на Севишниот, еве каква пофалба Константин смирено Му оддава на Бога за сите успеси: „Нема да биде никаква гордост, вели тој во еден од своите укази, ако се фали оној кој е свесен дека доброчинството го добил од Севишното Битие. Мојата служба Бог ја нашол и оценил како достојна, подобна за исполнување на Неговата волја. Почнувајќи од Британското Море, јас со помош на некоја Севишна Сила ги гонев пред себе сите стравотии што ме среќаваа, за родот човечки, воспитуван под мое влијание, да го призвам на служење на свештениот закон и под раководството на Највисокото Битие, да ја издигнам блажената вера... Јас цврсто верував дека сум обврзан да Му ја принесам на Великиот Бог целата своја душа, сѐ со што дишам, сѐ што постои во длабочината на мојот ум“.

Така настроен во душата, по победата Константин ги прошири и кај христијаните на Источното Царство оние исти права што ги имаа христијаните на Запад. Тој и на Истокот забрани во име на царот да им си принесуваат жртви на идолите. За управители на областите избираше првенствено христијани. Се грижеше за обновувањето и градбата на црквите, и на христијаните им ги враќаше имотите, што им беа одземени за време на гонењата. Во еден негов указ стоеше:

„Наредувам да им се вратат имотите на оние што ги изгубиле, минувајќи го бестрашно и јуначки славното и божествено паприште на мачеништвото, или станале исповедници и стекнале вечна надеж за себе, или биле лишени од имотите и приморани да се селат, оти пред гонителите не се согласиле да се одречат од својата вера“.

Во случаите каде немало блиски роднини, одземените имоти на христијаните се предавани на месните цркви. А пак приватните лица, од кои се одземени имотите на мачениците, добивале надомест од државната каса. Своите христијански чувства Константин целосно ги изразува во својот запис до обласните управители:

„Сега, се обраќа тој во тој распис кон Бога, Те молам Тебе, велик Боже! Биди милостив и благонаклонет спрема твоите источни народи, и преку мене, слугата Твој, дарувај им исцеление на сите обласни управители. Со Твоето раководство јас го започнав и довршив делото на спасението. Секогаш носејќи го напред Твоето знамение, јас ја водев победоносната војска, и каде и да ме повикаше општествената неопходност, јас го следев тоа знамение на твојата сила, и одев против непријателите. Затоа Ти ја предадов својата душа, добро искушана во љубовта и стравот, зашто искрено го сакам името Твое, побожно стојам пред силата, која Ти многу пати очигледно ми ја јави, и со која верата ми ја поткрепи... Сакам Твојот народ да ужива во спокој и мир. Сакам, слично на верните, и заблудените да уживаат во пријатноста на мирот и тишината, зашто таквото општење може и заблудените да ги изведе на патот кон вистината. Нека никој не биде вознемируван од другиот... Паметните треба да знаат дека свето и чисто ќе живеат само оние што Ти Самиот ќе ги повикаш да почиваат под светите закони Твои. А оние што се одвраќаат, ако е нивна волја, нека владеат со уделот на своето лажно учење... Нека никој не му нанесува штета на другиот. Штом еден дознал и сфатил, тоа нека го употреби, ако е возможно, за корист на ближниот. А ако е невозможно, тогаш треба да го остави, оти една работа е доброволно да ја примиш врз себе борбата за бесмртноста, а друга да бидеш приморан со сила. Оддалечувајќи ја совеста од сѐ што е лошо, да ги користиме сите дарувани блага, односно благото на мирот“.

За крштевањето на царот Константин се вели:

„По промисла Божја, Бог, Кој сѐ уредува за корист на лугето, царот Константин се раболе од многу опасната и неизлечива губа, и целото тело му беше во рани. Доаѓаа кај него многу мудри лекари и бајачи, не само од Римското Царство туку и од Персија, но не можеа да му помогнат. Потоа кај него дојдоа Јупитеровите жреци од Капитол и рекоа: „Ако не се искапеш во крв од мали деца, и не се измиеш додека сѐ уште е топла, нема да се излечиш. Ако пак го сториш тоа, веднаш ќе оздравиш. За тебе не постои друг лек освен овој“.

Царот испрати на сите страни да ги соберат малите деца за потребната крв. И на Капитол донесоа многу деца доенчиња. А кога дојде денот во кој требаше да бидат заклани децата, царот тргна кон Капитол, каде жреците требаше да ја подготват крвта за капење. Тогаш се собраа мноштво жени, кои ги корнеа своите коси и со ноктите ги кинеа своите лица, горко лелекајќи. Царот ги праша зошто толку плачат. А кога дозна дека тие се мајки на децата кои треба да бидат заклани, тој се сожали и рече:

- О, каква огромна нечовечност има во оние што ме советуваа да пролијам невина крв! Не е сигурно дека ќе оздравам и ако го сторам тоа. Па дури и со сигурност да знам дека ќе се излекувам, подобро е јас да ја трпам болеста, отколку да ја пролијам крвта на толку дечиња, кои не сториле никакво зло, и нивните мајки да ги фрлам во неискажана жалост.

Откако го рече тоа, тој се врати во дворецот, нареди да им се вратат доечињата на мајките, да им се даде злато од царската ризница, и да ги отпуштат со мир.

За ваквото милосрдие на царот, преблагиот Бог му возврати и со телесно и со душевно здравје. Тој ги испрати кај него Своите врховни апостоли Петар и Павле, кои, додека тој спиеше, му се јавија во видение, стоејќи крај неговата постела. Царот ги праша кои се и од каде се. Тие му рекоа:

- Ние сме Петар и Павле, апостоли на Исус Христос. Он нѐ испрати кај тебе, да те упатиме по патот на спасението, да ти ја покажеме бањата во која ќе добиеш здравје на телото и душата, и да ти ветиме од Бога живот вечен, затоа што им ги поштеди животите на децата. Повикај го епископот на Црквата, кој од страв од тебе се крие во гората Сорактес, и послушај го неговото учење. Тој ќе ти ја покаже бањата во која ќе се исчистиш од секоја нечистотија и ќе излезеш од неа здрав и со душата и со телото.

Откако го рекоа тоа, светите Апостоли си заминаа.

Царот се тргна од сонот, а во меѓувреме кај него влезе лекарот, и тој му рече:

- Повеќе не ми е потребно вашето лекување, зашто се надевам во Божјата помош.

Му нареди да си оди, па распрати насекаде да го бараат епископот и да го доведат кај него. Кога го доведоа, царот го прими со људов и почит, го прегрна и го праша:

- Има ли кај вас богови, чии имиња се Петар и Павле?

Епископот одговори:

- Царе, ние имаме еден Бог, Кој ги створи небото и земјата и сѐ што е во нив. А Петар и Павле, за кои што зборуваш ти, не се богови, туку слуги Божји, кои го проповедаа името Христово по вселената, па и крвта своја ја пролија за својот Господ, зашто Нерон ги погуби.

Царот се израдува и рече:

- Епископе, покажи ми ги нивните ликови, ако ги имаш изобразени на слика, за да бидам сигурен дали тие ми се јавија во сонот.

Епископот веднаш го испрати ѓаконот да донеси икона на светите апостоли Петар и Павле. Кога ја виде иконата, царот рече:

- Навистина овие се тие што ги видов.

И подробно му го раскажа своето видение на епископот, и го замоли да му ја покаже бањата во која би можел да се очисти од душевната и телесната губа, како што Апостолите му рекоа во видението.

Светиот епископ му рече:

- Царе, не можеш да влезеш во таа бања, сѐ додека цврсто не поверуваш во Богот, Кого што Го проповедаа апостолите што ти се јавија.

Царот одговори:

- Кога не би верувал дека Исус Христос е единствен Бог, никогаш не би ја повикал кај тебе твојата светиња.

На тоа светителот му рече:

- Најпрвин треба да постиш, да ги исповедаш своите гревови, и со молитви и солзи да Го смилостивиш Бога. Затоа, симни ги од себе порфирата и круната, како знак на смирение, нареди да се затворат идолските храмови и да се прекине со жртвопринесувањето. Дај им слобода на христијаните што се во прогонство, ослободи ги окованите, биди милостив, праведен, и давај обилна милостиња на сиромасите. Вети дека навистина ќе го сториш тоа.

Тој ја стави раката врз него, се помоли на Бога, го поучи и замина.

Откако ги собра сите верници, епископот Силвестер им нареди да постат и да се молат, за да престане гонењето против Црквата Божја, и да се развее темнината на идолопоклонството. А крштевањето на Константин беше одложено за подоцна.

И Константин веднаш издаде заповед никој да не смее да хули на Господ Христос, ниту да ги злоставува христијаните. Тој во својот царски дом подигна црква во име на Спасителот Христос, и нареди слободно да се крштеваат сите, а бели кошули за крштевање да земаат од царските ризници. Во тоа време се крстија многу луѓе а идолопоклонството опаѓаше, и настапи радост меѓу христијаните, оти ги имаше толку многу во Рим. Тие веќе сакаа да ги протераат од градот неверните, но царот им запрети, велејќи:

- Нашиот Бог не сака никој да му пристапува под присила. Затоа секој нека верува слободно како што сака.

На таквата царска наредба луѓето многу се израдуваа, и секој живееше според својата вера и својата слободна волја.

И не само во Рим, туку и во целиот свет настапи радост меѓу верните. Насекаде од темниците се пуштаа верните мачени за Христа, исповедниците Христови се враќаа од прогонствата, а оние што од страв се криеја по планините и пустините, слободно се враќаа во своите домови. Гонењето насекаде замолкна и насилството престана.

Станувајќи единствен владар со целото Римско Царство, и објавувајќи слобода на верата во целиот свет, Константин не остана „млак“ (Откровение 3, 15), во својот царски живот. Одрекувајќи се од незнабоштвото и застанувајќи на чело на христијанското општество, тој во христијанството гледаше најголема потпора за царството, основна гаранција за моќта и напредокот на државата, која, според неговото мислење, е должна да чекори по патот кон слободното, непринудно завладевање на Царството Божјо на земјата, и да обезбедува и дава средства за едуцирање и усовршување на човечкиот род во духот Христов. Тој Го проповедаше вистинскиот Бог не само во својата империја, туку и кај персиските јазичници, и својата татковска сеобемна грижа ја простираше и над тамошните христијани, за кои што го молеше персискиот цар да биде милостив со нив и да ги сака. Како отворен покровител на христијаните, Константин беше малку сакан во Рим, каде што имаше уште многу незнабожечки обичаи и навики. Самиот тој не го сакаше Рим со неговиот Пантеон, каде, речиси механички беа собрани незнабожечките богови на сите покорени народи, та ретко и неволно ја сетуваше старата престолнина. Самите Римјани, благодарни на царот за избавувањето од тиранинот Максенциј, не сфаќаа и не можеа правилно да го оценат неговото делување. Во него тие гледаа нарушувач на нивните стародревни поредоци, непријател на својата вера, тесно врзани со политичката големина на Рим. Нивното незадоволство и роптање, дури и завери, а понекогаш и отворени побуни, го поттикнуваа Константин да размислува за изградба на нова престолнина, град христијански, кој со ништо не би бил поврзан со незнабоштвото. Нему му се допадна местоположбата на древниот мал град Византија, на бреговите на Босфор, одбележан со поморската победа над Ликиниј. Тој го избра, и од него направи нова престолнина за Империјата. Самиот тој во свечена процесија ги одреди границите на новиот град, и започна да гради велелепни градби. Пространи дворци, водоводи, бањи, театри, ја украсија престолнината. Таа беше исполнета со ризници на уметности донесени од Грција, Италија и Азија. Но, во неа не се градеа незнабожечки храмови. Главен украс на новиот град беа храмовите посветени на вистинскиот Бог, во чие што ѕидање учествуваше и самиот цар, покровителот на христијаните. За новите храмови беа неопходни богослужбени книги, па Константин му пишуваше на Евсевиј, епископот Кесариски, да заповеда на опитни и одлични познавачи на своето искуство писари, да напишат на обработен пергамен 50 тома богослужбени книги, удобни за читање и лесно преносливи за употреба. Тие требаше да го содржат Божественото Писмо, кое што особено им беше потребно на христијаните. Верата на Константин беше толку длабока и жива, што тој заповедаше на монетите и портретите да го изобразуваат како се моли со кренати раце кон небото. Во својот дворец востанови читање на молитви и на Светото Писмо. Одреди да се празнува првиот седмичен ден - неделата, во спомен на Воскресението, и петокот во спомен на смртта на Господа, а исто така и Пасхата и деновите на мачениците. На војниците им даде обрасци на молитви. Монашкиот живот го сметаше за висок христијански подвиг. Тој ја забрани смртната казна со распнување на крст. Кон сите беше благонаклонет, сострадален и штедар.

Утврдувајќи други во верата и благочестието, Константин се трудеше да ги воспита и своите деца во духот на светата и спасителна вера Христова. Обрати извонредно многу јазичници во христијанството.

Исполнет со длабоки религиозни чувства, тој во новата престолнина уреди и свој секојдневен живот според барањата на побожноста и светоста. Самиот негов дворец беше очигледен одраз на неговото христијанско расположение. Во царските салони сѐ беше уредено подобно на црква Божја, и царот со своето усрдие спрема побожното живеење им даваше пример на другите. Тој секојдневно во одредено време се затвораше во непристапни одаи, насамо разговараше со Бога, и во молитвите го просеше потребното. Понекогаш ги повикуваше и своите дворјани да земат учество во тие молитви. Тој со особена побожност ги минуваше деновите недела и петок. Во тие денови ја оставаше работата и целосно се посветуваше во служба на Бога. Негови соговорници биле „тајници на Словото Божјо“ - епископи и свештеници. Неговите службеници и стражари се одликуваа со чист живот и доблести. Христијанин - домаќин на дворот, на сите им ставаше христијански печат. Во главната сала на позлатениот свод беше изобразен Крст од скапоцени камења и злато. Над главниот влез во царската палата, на највидното место, стоеше ваква слика: ликот царев, над неговата глава крст, а под неговите нозе змеј, фрлен во бездна. Смисолот на сликата е овој: змејот, како непријател на човечкиот род, ги означува гонителите на христијанството - незнабожечките цареви, кои Константин ги фрли во бездната на гибелта со спасоносната сила на Крстот.

Новата престолнина беше наречена според името на својот оснивач: Константинопол - Константиноград (Цариград). Населувајќи се во прекрасната престолнина, царот Константин не можеше да остане рамнодушен спрема поруганата колевка на христијанството - Светата Земја, во која Господ Исус живееше, страдаше, умре и воскресна. Имајќи исклучително побожно почитување на крстот Христов, тој многу сакаше да го прослави самото Животоносно Дрво, на кое беше распнат Царот и Господ. Но, како војник кој пролеал многу крв, тој се сметаше за недостоен да го стори тоа лично. Таа негова благочестива намера ја оствари неговата чесна мајка, царицата Елена, која тој ја испрати во Ерусалим, снабдувајќи ја со полномошност и богати дарови.

Царицата Елена, како што вели Евсевиј, таа старица се упати кон Исток со младешка брзина, за да се поклони на местото каде што стоеле нозете Господови. Кога стигна таму, таа во Светата Земја затекна огромен пустош, бидејќи незнабошците, од омраза спрема христијанството, беа срушиле многу светињи, некои унаказиле, а некои затрупале. Самиот Гроб Господов беше затрупан со ѓубре. А на ридот до самиот Гроб беше подигнато идолиште на богињата Венера. Тогаш благочестивата царица Елена со свои средства изгради прекрасни цркви: над пештерата на Рождеството Христово, на Маслиновата Гора, на местото Вознесение Господово, во Гетсиманија, на местото на Успението на Пресвета Богородица, покрај Маврискиот даб, на местото каде Бог му се јавил на Авраам.

Но, основна грижа на благочестивата царица беше да ја исполни желбата на својот син, да го пронајде самото Крстно Дрво на кое беше распнат Спасителот на светот. Местото каде беше сокриен крстот Господов беше непознато. Затоа блажената Елена ги повика сите Евреи во Ерусалим, и ги распрашуваше каде е, на кое место е сокриен крстот Господов. Тие одрекуваа дека знаат нешто за тоа. Но, кога им запрети со маки и смрт, посочија еден многу стар Евреин, на име Јуда, дека можеби тој знае нешто. Но, и Јуда одрекуваше, сѐ додека царицата не го фрли во еден длабок ров, каде остана некое време, па потоа вети дека ќе каже. Изваден од ровот, тој кажа дека крстот Господов се наоѓа на ридот под храмот на богињата Венера.

Царицата Елена нареди да се сруши храмот на Венера и потоа да се копа. Откако беше сторено тоа, светиот ерусалимски патријарх Макариј одржа молепствие на осквернетото место, и потоа започнаа да копаат. Набрзо од земјата започна да се разлева прекрасен мирис и беше откопан гробот Господов и Голгота, и во нивната близина беа пронајдени три крста, а покрај нив таблата со натписот и чесните клинци. Тогаш настана недоумица околу тоа кој од трите крста е крстот Господов. По промисла Божја се случи во меѓувреме од тука да минува поворка со мртовец. Патријархот Макариј нареди поворката да застане, и крстовите еден по друг да бидат допрени до мртовецот. И кога крстот Христов беше положен врз мртовецот, тој веднаш воскресна. Сите се израдуваа на ова чудо, и ја прославија силата на Животворниот Крст Господов. Царицата со радост му се поклони на Крстот и го целиваше, а со неа и целата нејзина свита. Но, бидејќи поради многубројниот народ мнозина не можеа да пријдат и да го видат и целиваат Крстот, тие молеа макар оддалеку да го видат. Тогаш патријархот Макариј застана на една височинка, и сотвори воздвижение (подигање) на Чесниот Крст, покажувајќи го на целиот народ, кој викаше:

„Господи помилуј!“

Тоа прво воздвижение на Крстот Господов се случи во 326-та година. Од тогаш Православната Црква го празнува овој настан секоја година на 14/27 септември - Крстовден. Во таа прилика многу незнабошци и Евреи се обратија кон Христа, а меѓу нив и Јуда, кој го посочи местото. На крштевањето тој го доби името Киријак. Потоа стана патријарх Ерусалимски, а за време на Јулијан Отстапник беше мачен за Христа и пострада како маченик.

Потоа Чесниот Крст беше ставен во сребрен ковчег на чување и за поклонение. Света Елена зеде честица од Животворниот Крст за да му однесе на својот син како дар. Покрај гореспоменатите, блажената царица изгради уште осумнаесет цркви во Светата Земја. Сите многу ги украси и снабди со сѐ што е потребно, па се врати во Цариград, носејќи со себе честица од Дрвото на Животворниот Крст и светите клинци, со кои беше приковано Телото Христово. После тоа блажената царица поживеа уште некое време, па во 327 година, во својата осумдесетта година, се претстави кај Господа, на Кого со својот живот Му угоди, и беше чесно погребана.

Добивајќи ја од мајка си скапоцената Ризница, царот Константин одлучи да го украси гробот Господов и да подигне храм, кој би бил највелелепен од сите храмови. И навистина, кога беше изграден, храмот претставуваше чудо од убавина, така што сите му се восхитуваа. Историчарот Евсевиј со најпофални зборови ја опишува неискажаната убавина на тој храм.

Својата грижа за Христовата Црква благочестивиот цар ја распростираше и на нејзиниот внатрешен живот. Во единството на Црквата тој гледаше најсигурен залог за напредокот на државата. Но, во негово време Црквата беше вознемирувана од некои внатрешни несогласици и нереди. Само што се зацари во Рим, Константин дозна за расправиите меѓу христијаните во Африка. Таму пламнала борба поради поставувањето за епископ картагенски на Цецилијан „издајникот“, а неговите противници си го избрале за себе епископот Мајорин, кој набрзо умре, и на негово место беше доведен ороводецот на побуната против Цецилијан, Донат, презвитерот картагенски. Приврзаниците на Донат „донатисти“, се зближија со новацијаните, и започнаа да тврдат дека тие ја сочинуваат Црквата Христова, и во својот луд фанатизам не се срамеа да ги приграбуваат храмовите од своите противници. Поради тоа царот Константин го испрати во Картагена својот сакан и почитуван епископ Осија, за да ја разгледа работата, да ги помири противниците, и во исто време да им раздаде парична помош на тамошните христијани. Потоа со царска наредба беа одржани два собора против донатистите: првиот во Рим и вториот во Арелат. Осудата изречена против расколниците донатисти на овие два собора беше потврдена на соборот во Милано во 316-та година, на кој Константин лично претседаваше.

По победата над Ликиниј во 323-та година, на Исток Константин затекна големи спорови по повод Аријанската ерес. Историчарот Евсевиј вака ја опишува таа состојба:

„Спорови водеа не само претставниците на Црквата, туку и народот се беше поделил. Работите добиле така недоличен пресврт, што Божественото учење беше подвргнувано на навредливи подсмевања дури и во незнабожечките театри“.

Кога дојде во Никомидија Константин беше многу изненаден од раздорите предизвикани од аријанството. На почетокот тој не ја сфаќаше важноста на тие настани, но сепак обраќаше внимание на тоа. Во прво време тој упати опширно послание до епископите Александар и Арија, молејќи ги да престанат со меѓусебните раздори. Според мислењето на царот, неоправдано е невниманието на епископот и острото поставување на прашања, а виновен е Арија што престанал да општи, непокорувајќи се на епископот. Со тоа послание Константин го испрати во Александрија епископот Осија на лице место да ја разгледа работата и да поработи на помирување на Александријците. Осија го изврши царевиот налог. Навистина, тој не успеа да ги помири противниците, но од иследувањето на спорот се убеди дека Ариевата ерес не е пусто празнословие, туку сериозна закана за самиот темел на христијанската вера, зашто води кон одрекување на целокупното христијанство.

Епископот Осија се врати кај царот во 324-та година и му ја изложи сериозната опасност на аријанското движење. Тогаш Константин реши да свика Вселенски Собор, како единствено средство за смирување на Црквата. Тој одреди Соборот да се одржи во градот Никеја, и стори сѐ, на епископите да им се олесни патот до Никеја. Тогаш во Никеја допатуваа епископи од Египет, Палестина, Сирија, Месопотамија, Мала Азија, Грција, Персија, Ерменија, а од Рим наместо остарениот епископ дојдоа двајца презвитери. Меѓу собраните епископи беа: веќе остарениот Александар Александриски, првиот изобличувач на Арија, кој со себе го беше довел архиѓаконот Атанасиј, храбриот надарен борец против Аријанците, кој подоцна стана архиепископ Александриски и го доби називот Велики, потоа свети Никола, епископ на градот Мира Ликиски, па свети Спиридон Чудотворец. На Соборот епископите беа дојдени со презвитери и ѓакони, та ги имаше преку две илјади души, од кои 318 епископи.

Соборот беше отворен во јуни во 325-та година, во огромната палата на царскиот дворец. Кога се собраа сите во салата, влезе царот Константин облечен во својата блескава царска одора. Молкум пријде до својот златен стол, и не седна додека епископите не му предложија да седне. Потоа, сослушувајќи ги поздравните говори на Евстатиј Антиохиски и историчарот Евсевиј Кесариски, Константин му се обрати на Соборот со говор, во кој ја изрази својата радост што гледа така голем собир на Отци, и ги молеше мирољубиво да ги решат спорните прашања.

„Бог ми помогна, зборуваше тој тогаш, да ја симнам нечестивата власт на гонителите, но за мене неспоредливо поболно од секоја војна и неспоредливо попогубна од секоја крвава битка е внатрешна меѓусебна борба во Црквата Божја“.

На соборот Аријанците се држеа смело и самоуверено. На нивна страна беа седумнаесет епископи, на чело со престолничкиот архијереј, кој имаше врски во царскиот дворец. Арија упорно го бранеше своето учење, целосно употребувајќи ја својата красноречивост. Но, непоколебливата, убедена приврзаност на соборните Отци кон црковното учење ја посрами лажната мудрост на богохулникот. Длабоко и сестрано познавајќи ги вистините на христијанската вера, Отците на Соборот силно и успешно ја изобличуваа аријанската ерес. Во тоа особено се одликуваше александрискиот ѓакон Атанасиј, кој со својата боговдахновена речитост како пајажина го кинеше лукавото красноречие на еретикот. Споровите беа жешки и долги. На крајот беше јасно дека аријанското учење е далеку од вистината, лажно и безбожно.

Откако одлучно и потполно го осудија аријанството, Отците на Соборот одлучија на верните да им дадат точно исповедање на православното учење - Символ на верата. И светите Отци на Соборот го составија Никејскиот Символ на Верата, општо морален за целата Вселенска Црква.

Завршната свечена седница на Никејскиот Вселенски Собор се одржа во Никеја, во царскиот дворец, на 25 август во 325-та година. Простувајќи се со Отците на Соборот, царот во својот проштален говор ги молеше да имаат мир меѓу себе.

„Чувајте се, зборуваше тој, од горките зборови помеѓу себе. Никој да нема завист спрема оние што покажуваат особена мудрост. Вредноста на секого сметајте ја за заедничка сопственост на целата Црква. Оние повисоките и поодлучните, нека не гледаат попреку на оние пониските: единствено Бог знае кој е подобар. Ретко каде има совршенство, и треба да се биде снисходлив спрема послабите браќа. Слогата е поскапоцена од сѐ. Спасувајќи ги неверните, имајте на ум дека не е возможно секого да убедите со учено расудување. Поуките треба да ги сообразувате спрема различните расположенија на секого, како што лекарите своите лекови ги користат спрема разните болести.

После тоа царот Константин живееше уште десет години и секогаш верно се држеше до Никејското исповедање на верата, и ревносно се трудеше во своето царство да го утврди духот на христијанската побожност. Поседувајќи општо образование, а посебно и богословско, тој водеше разгранета преписка со претставниците на Црквата за прашањата на верата, побожноста и домостројот на христијанскиот живот, а неретко во својот двор истапуваше пред собир на дворјани и народ, со поуки за верата и побожноста. Необично трудољубив, царот не ја трпеше мрзливоста. Великодушен и многу скромен, тој не ги сакаше овациите. Самиот стоејќи на голема морална висина, Константин сакаше сите што доаѓаа во допир со него да ги подигне до таа висина. Така, во една прилика тој вразуми еден недозреан велможа на следниот начин: Го повика кај себе, го фати за рака, и го праша:

- До кои размери може да оди нашата алчност?

Потоа, обележувајќи со копјето на земјата простор во големива на човечкиот раст, му рече:

- Кога ти би ги стекнал сите богатства на овој свет, и би загосподарил со сите стихии на земјата, и тогаш нема да се користиш со ништо поголемо од оваа парче земја. Но, прашање е дали ќе се удостоиш да го добиеш тоа!

Во друга прилика, откако го ислуша ласкавиот говор на едно лице од функција, кој го нарекуваше царот блажен и говореше дека тој, „како удостоен во овој живот да владее над сите, и во оној живот ќе управува заедно со Синот Божји“, Константин нежно му одговори:

- Подобро е да се помолиш за царот во оној свет да се удостои да биде слуга Божји.

Неговата дарежливост течеше како огромна река. Според сведоштвото на своите современици, тој „од утро до мрак бараше кому да стори некое добро“. Бедните, и воопшто луѓето исфлени на улица, тој ги снабдуваше и со пари, и со храна, и со облека. За сирачињата се грижеше како татко. Ги здомуваше девојките што остануваа без родители. Особено многу добра чинеше на Воскресение. Во својата нова престолнина тој воведе обичај во Воскресната ноќ по сите улици да се палат високи столбови од восок, како некогаш пламените факели, та таа таинствена ноќ стануваше посветла од денот, а утредента на сите неволни обилно им раздаваше подароци. Така правеше и за време на другите празници и свечености.

Последната година, а особено последните денови од земниот живот на царот Константин, и неговата смрт, беа достоен завршеток на неговата побожност. Уште додека смртта беше далеку од него, тој започна да се подготвува за неа. Во својата нова престолнина тој подигна храм во име на светите Апостоли, а во средината беше подготвена гробница. Во почетокот не беше јасно зошто е сторено тоа, а потоа сите разбраа дека благочестивиот цар си подготвил гробница за себе. Мислата за смртта на царот му стана предмет на напрегнато размислување, штом започна да го чувствува опаѓањето на својата физичка сила. Во 337 година тој последен пат свечено го отпразнува Воскресението Христово во Цариград, и набрзо изнемоште. Претчуствувајќи ја близината на смртта, тој често коленичеше, ревносно излевајќи ги своите пламени молитви пред Бога. На совет од лекарите, тој во тоа време прејде во градот Елеонопол, за таму да се лекува во топлите води. Тука често го минуваше времето на молитва во храмот на мачениците. Но, бидејќи од капењето во топлите води здравјето не му се подобри, туку напротив, болеста се засилуваше, тој од Елеонопол отиде во Ахирон, предградие на Никомидија, и се реши да го прими светото Крштение, кое што досега го одлагаше, имајќи намера да се крсти во свештената река Јордан. Откако ги повика епископите, тој им рече:

- Настапи времето што одамна го чекам, и за кое што се молам, како за време на мое спасение во Бога.

Евсевиј Никомидиски и другите епископи го извршија крштението и другите свети таинства, исполнувајќи ги сите обреди востановени за тоа, а Костантин душевно се радуваше, препороден од дејството на Божјата сила. Потоа се облече во блескава торжествена царска облека, и откако го остави царството на своите три сина, тој со благодарствена молитва воскликна кон Бога, Кој го удостои со благодатта на повторното раѓање, со зборовите:

„Сега се чувствувам вистински блажен, зашто имам цврста вера дека сум се причестил со Божествената светлина и сум се удостоил на бесмртниот живот“.

Откако се удостои со благодатта на повторното раѓање, рамноапостолниот венценосец ја предаде својата света душа во рацете на Небесниот Цар - Христа Бога, во својата 65 година, на самиот ден Педесетница, во 337 година во Никомидија. Неговото тело свечено беше пренесено во Цариград, и поставено во дворецот за сенародно поклонение и простување. Потоа го поставија во златен ковчег, и според неговото заветување, го положија во храмот „Свети Апостоли“, подигнат од него. На медалите кои што го изобразуваат погребението, рамноапостолниот е претставен како се вознесува кон небото. Празнувањето во чест на светиот цар Константин започна веднаш по неговиот овоземен крај. И сега тој живее бесконечен живот во вечното Царство на нашиот Бог Христос, Кому со Отецот и Светиот Дух чест и слава низ сите векови, амин.

ЖИТИЕ И СТРАДАЊЕ НА СВЕТИОТ ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИК ПАХОМИЈ РУСКИ

Светиот преподобномаченик Пахомиј беше син на побожни родители, родум од мала Русија. Во младоста го фатија Татарите и го продадоа на еден Турчин кожар како роб. Турчинот го одведе во своето место Усакиј во Филаделфија (Мала Азија) и се трудеше Пахомиј да го научи не само на својот занает, туку и на својата вера. Гледајќи како Пахомиј одлично го изучува неговиот занает, но ја мрази неговата вера, турчинот го тепаше, злоставуваше, заплашуваше, лишуваше од храна. Но Христовиот војник сето тоа со радост го поднесуваше полни дваесет и седум години, колку што помина во ропството, и на својот господар му служеше многу ревносно и предано. Тоа го поттикна господарот да му ја понуди својата ќерка за жена и да го направи свој наследник, само ако се одрече од Христос. Но, прекрасното момче, огнен љубител на целомудрието, се држеше до зборовите на Апостолот: „Кој ќе нѐ раздели од љубовта Христова: неволја ли, или гонење, глад ли или голотија, опасност ли или меч?“ (Рим. 8, 35).

Кога увиде дека Пахомиј е непоколеблив во својата вера, господарот го ослободи и му дозволи да се врати дома. Подготвувајќи се да замине, Пахомиј се разболе. Турците што го посетуваа сковаа лага дека Пахомиј божем рекол дека ќе се одрече од Христос и ќе се потурчи. Затоа после болеста го облекоа во турска облека, но не го обрезаа. Од таму Пахомиј отиде во Смирна. Таму ја фрли од себе турската облека и отпатува во Света Гора. Во манастирот на светиот Павле за свој духовник го најде јеромонахот Јосиф, добродетелен и мудар старец. Пахомиј се исповедаше пред него, го замоли да го прими за свој послушник и да го замонаши. Старецот го замонаши и тој поживеа со него дванаесет години, подражавајќи го во секоја доблест. Потоа помина уште шест години покрај преподобниот Акакиј Капсокаливит, човек со чудесно монашко живеење. И како трудољубива пчела Пахомиј собираше мед од цвеќето на разноврсните доблести, та така на сите тамошни отци им стана пример за монашкиот живот. При сето тоа тој со целото свое срце сакаше да пострада за Господа Христа: на тоа од една страна го поттикнуваше божествената љубов, а од друга тоа што можеби за време на неговата болест во Усака, од неговата уста од невнимание излегол некој збор на одрекување, заради кој турците и го облекоа во нивната зелена облека.

Оваа своја желба за мачеништвото тој му ја откри на својот старец. Старецот многу го искара и изгрди, мислејќи дека тоа му дошло од гордоста. Но, бидејќи оваа желба не го напушташе Пахомија, старецот цела година го испитуваше со помош на разни послушанија и тегоби. И кога виде дека е спремен за страдање, и двајцата започнаа со пост и бдение да се молат на Бога дали тоа Му е по волја. Потоа за таа работа распрашаа повеќе доблесни светогорски Отци и сите се согласија со желбата на Пахомиј.

Вооружени со молитвите и советите на овие отци, Пахомиј и неговиот старец Јосиф отпатуваа во Усака, родниот крај на поранешниот негов господар. Таму Јосиф остана во еден стан, а Пахомиј со брзање отиде во домот на својот господар, а потоа на плоштадот за да го препознаат. Турците го препознаа и веднаш го зграпчија и го одведоа пред судијата, говорејќи:

- Овој е робот, кој во својата болест се одрече од Христа, на кого ние после болеста му облековме наша зелена облека, а сега, гледај како е облечен!

Судијата го праша дали е вистина тоа, а Пахомиј бестрашно изјави дека никогаш ни со мисла ни со збор не се одрекол од Господ Христос, дека Го исповеда Христос - совршениот Бог и совршениот човек, и дека за своето вероисповедување е подготвен да поднесе безброј маки и смрт.

Судијата започна страшно да му се заканува и да го грди, па му рече:

- Бидејќи еднаш си се одрекол од христијанската вера, ти повеќе не можеш да носиш христијанска облека. Затоа, или одречи се од Христос или биди спремен за најстрашна смрт.

Христовиот маченик одговори:

- Не дозволувај, Христе Царе, ни во најситните мисли да се одречам од пресветото име Твое. Еве, готов сум заради љубовта Твоја и за оган и за смрт!

Кога го слушна тоа, судијата нареди да го фрлат во најмрачна темница, во која Пахомиј остана како среде втор рај во пост и бдение, без никаква човечка утеха, хранет единствено со божествената надеж. Во третиот ден Пахомиј беше осуден на смрт. Оваа вест тој ја прими со радост и го славеше името Господово и целата ноќ ја помина во молитва. Утредента го одведоа светиот маченик пред судијата. Тој му рече:

- Заради својата непопусливост ќе умреш. Внимавај да не ти биде доцна за каење.

На тоа преподобниот му одговори:

- Судијо, јас никогаш нема да се одречам од мојот Христос, макар да ме предадеш на најлута смрт. Тоа што треба да го правиш прави го побргу.

Судијата веднаш ја изрече пресудата. Присутните Турци го врзаа и го одведоа на губилиштето надвор од градот. Ним по патот им се придружија други турци и некои христијани. Турците го исмеваа, го плукаа и го наговараа да се одрече од Христос. Меѓутоа маченикот, целосно потонат во молитвата, иташе по многу посакуваниот пат на мачеништвото. Кога стигнаа на губилиштето тој клекна, а џелатот и тогаш го советуваше да се одрече од Христос, за да го зачува својот живот. Сјајниот јунак Христов му рече:

- Изврши го тоа што ти е наредено, и немој залудно да губиш време.

Тогаш џелатот му ја отсече главата. Така блажениот Пахомиј го прими венецот на мачеништвото, а по три дена неговите чесни мошти ги зедоа христијаните и ги погребаа. После тоа џелатот стана бесомачен. Тој викаше, исфрлаше пена, и трчаше по градот додека по неколку дена не издивна бедно.

За тоа време старецот Јосиф се наоѓаше во градот, и кога дозна за маченичката смрт на својот ученик, со солзи Му благодареше на Бога. Потоа отиде на местото каде што лежеше телото на светиот маченик, и кога го виде со солзи радосници му рече:

- Ете, мој Пахомиј, го доживеа тоа што го сакаше. Те молам, моли се на Господа за мене, и за сите што ќе те призиваат.

И тоа навистина започна да се исполнува по неколку дена. Преподобниот Јосиф го обзеде некој силен страв и малодушност, а маченикот Пахомиј му се јави во сонот, многу блескав и радосен, и му рече:

- Не плаши се, старче. Нема да те снајде никакво зло.

И во тој час од срцето на старецот исчезнаа стравот и малодушноста.

Исто така една христијанка од тоа место, која уште од младоста боледувала од неизлечива главоболка, со вера го призиваше на помош светиот преподобномаченик Пахомиј, и штом со крвта од неговата глава ја помаза својата, потполно се исцели од долгогодишната болест. По молитвите на светиот преподобномаченик Пахомиј нека се исцелиме и ние од своите духовни немоќи, и нека се удостоиме на Царството Небесно, амин.

СПОМЕН НА БЛАГОВЕРНИОТ КНЕЗ КОНСТАНТИН и неговите деца МИХАИЛ и ТЕОДОР

Свети Константин, потомецот на светиот Владимир, крстителот на Русија, помалиот син на великиот кнез Свјатослав Јарославич самиот го измоли од татка си за себе градот Муром, населен со незнабошци, за таму да го воведе христијанството. Тој тргна со семејството, духовништвото, војската и слугите во Муром. Но, пред себе го испрати својот син Михаил кај муромјаните, за да ги подготви за доаѓањето на кнезот. А муромјаните го убија Михаил и започнаа да се подготвуваат за војна. Кога кнезот со огромната војска стигна пред градот, муромјаните се смирија и го примија. Кнезот изгради две цркви: „Благовештение“ и „Свети Борис и Глеб“. Тој го повикуваше народот и кротко го убедуваше да го остави незнабоштвото и да ја прими Христовата вера. Истото го правеше и свештенството. Но, еден ден група незадоволни незнабошци се побунија, застанаа пред неговиот дом, и му се закануваа со смрт. Кинезот Му се помоли на Бога и со иконата на Божјата Мајка излезе пред бунтовниците. Тоа толку ги порази незнабошците, што веднаш се смирија и изразија желба да бидат крстени. Нивното крштевање беше извршено свечено, исто како и кај свети Владимир во Киев. Така благородниот кнез во градот Мурома ја утврди верата Христова и неговите жители ги избави од идолопоклоничката заблуда. Негов ревносен помошник беше неговиот син Теодор. Светиот кнез се претстави во 1129-та година и неговото тело беше погребано во црквата „Благовештение“, покрај синовите Михаил и Теодор. Во 1553-та година светите мошти на благоверните кнезови беа извадени нетлени и почиваат во благовештенскиот манастир во градот Мурома.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ КАСИЈАН ГРКОТ

Преподобниот Касијан беше потомец на кнезовите Макнувски. Се здоби со одлично образование, и во Русија дојде со свитата на принцезата Софија Палеолог кај великиот кнез Јован III во 1473-та година. Тој изрази желба да остане во Русија. Великиот кнез му предлагаше високи функции, но тој смирено одби и стана скромен болјар кај ростовскиот архиепископ Јоасаф. Во 1488 година архиепископот Јоасаф се повлече од епископскиот престол во Терапонтовиот Белоезерски манастир. Со него отиде и Константин, желен за мир и тишина. Во манастирот Константин водеше строг подвижнички живот, иако не беше замонашен. Во ноќно видение нему му се јави свети Терапонт и му нареди да се замонаши. Константин му го соопшти тоа на архиепископот Јоасаф и тој го посоветува да го стори тоа. Наредниот ден Константин го прими монаштвото, добивајќи го името Касијан. По некое време преподобниот Касијан отиде на реката Учма, недалеку од Углич, и основа свој манастир. Неговата слава брзо се разнесе по околината, и многумина започнаа да доаѓаат кај него за благослов и поуки. Преподобниот Касијан ги примаше сите со љубов и ги поучуваше на патот на спасението. Се упокои во мир на 4 октомври во 1504-та година. Неговите свети мошти почиваат во црквата од неговиот манастир.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ АГАПИТ МАРКУШЕВСКИ

Преподобниот Марко најпрвин се подвизуваше како монах во Солвичегодскиот Борисоглебски манастир. Нему во сон му се јави свети Никола и му нареди, та тој во пустинско место основа манастир на реката Маркуша. Го минуваше времето во воздржание, бдение, пост и молитва, и за да го умртви своето тело врз себе носеше вериги сѐ до својата смрт. Гласот за светоста на неговиот живот се пронесе по околината и кај него започнаа да доаѓаат мнозина, носејќи ги своите болни, и преподобниот ги исцелуваше. Притоа тој многу пострада од некои лоши луѓе. Се најдоа и толку зли личности, кои што го убија овој Божји човек во 1558 година. Неговите свети мошти почиваат во храмот на неговиот манастир, а над нив висат веригите кои што светиот подвижник ги носеше за време на целиот свој живот.