4. Јуни (22. Мај)
СТРАДАЊЕ НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ВАСИЛИСК
По погубувањето на светите маченици Евтропиј и Клеоник, со кои што многу пострада свети Василиск, кој остана жив и се наоѓаше во темница, и по смртта на областниот управник Асклипиодот, во областа Понт дојде друг управител на име Агрип, испратен од мачителите Максимијан и Максимин. Агрип дојде со наредба да продолжи да ги гони и убива оние што веруваат во Господ Христос. Уште пред неговото доаѓање во градот Амасија, свети Василиск со солзи се молеше на Бога, говорејќи:
- Господи Исусе Христе, сети се и на мене, и не заборавај ме до последниот момент на моето страдање, туку помогни ми што побрзо да добијам маченички венец, за да не бидам разделен од светите кои беа уапсени заедно со мене, пострадаа пред мене и добија маченички венци.
На полноќ во сонот му се јави Господ, и му рече:
- Нема да те заборавам. Името твое е запишано со оние што беа уапсени со тебе. Не тагувај што ќе пострадаш по нив, зашто многумина ќе надминеш, и споменот твој ќе го направам славен на земјата. А сега оди, прости се со својата мајка, браќата и роднините, па кога ќе се вратиш веднаш ќе добиеш маченички венец и ќе бидеш погребан во Коман. Не плаши се од маките, зашто Јас сум со тебе и човечката злоба нема да ти наштети.
Штом се разбуди, свети Василиск со радост Му благодареше на Господа. Тој ја виде вратата од темницата отворена, и во мугрите ги замоли стражарите да го ослободат на четири дена, за да оди да се прости со мајка си и браќата, кои живееја во селото Кумиалста, па ќе се врати и ќе отиде кај својот вистински отец Исус Христос. А војниците и старешината на темницата му одговорија:
- Сведок е твојот Господ Бог, на Кого ти непрестајно Му служиш, дека ние ќе те ослободиме, но не смееме од областниот управител, чие доаѓање го очекуваме за кратко време.
Светителот на тоа им рече:
- Јас не сакам да бидам пуштен, туку, како што ви реков, би отишол само да се простам со мајка си, браќата и роднините, зашто мојот Господ ми заповедаше да го сторам тоа.
Војниците му одговорија:
- Се плашиме во меѓувреме да не те побараат од нас, оти како што слушнавме, денес во градот треба да стигне областниот управител, а сите затвореници се запишани во судската книга.
Тогаш свети Василиск му рече:
- Волјата на Мојот Бог е да појдам во моето село. Затоа, ако се согласите, неколкумина од вас нека појдат со мене, па заедно ќе се вратиме.
Војниците се согласија и неколкумина од нив тргнаа со него. Во селото неговата мајка и тројцата браќа го дочекаа со огромна радост. Ги угостија војниците, а утредента светителот ги повика сите свои роднини и многу им зборуваше за спасението на душата, за вистинската христијанска вера, и дека низ многу неволји се влегува во царството Христово. Така тешејќи ги, и давајќи им последен целив на сите, тој им рече:
- Возљубени браќа, отци и деца во Христа! Останете во верата на нашиот Господ Исус Христос, и за ништо не отстапувајте од Него, зашто овој свет е како сенка што брзо минува, а Господ останува за навек. Вас, пак, ве молам, помолете се за мене на Господа, да ми подари сила да го завршам маченичкиот подвиг, како што го завршија свети Теодор Тирон, Евтропиј и Клеоник, кои беа уапсени заедно со мене. Спасувајте се, а јас заминувам од вас, и повеќе нема да ме видите во овој привремен живот.
Тогаш сите започнаа да плачат и да го молат:
- Кога ќе го завршиш страдањето, помоли се на Господа за нас и за сите христијани, да престане гонењето против Православната вера и да се уништи идолослужењето, а благодатта Христова да заблеска по целата земја.
Потоа свети Василиск тргна со војниците кон својата темница. Во тоа време во градот Амасија стигна управителот Агрип, ги повика сите угледни граѓани, па со нив влезе во идолскиот храм Петасон, а потоа и во Серапион, и им принесе жртви на своите нечисти богови.
Утредента во судиштето Агрип започна да се распрашува за затворениците, особено за Василиск, оти имаше слушано за него, па сакаше прв да го изведе на суд. Градоначалникот појде во темницата за да го доведе Василиск, но не го најде таму. Затоа го врза стражарот и го доведе пред судијата. Истезавајќи го, судијата го прашуваше:
- Како си го пуштил затвореникот, кој е непријател на нашите богови и противник на царските наредби?
Стражарот одговори:
- Денес е втор ден откако Василиск со војниците отиде во своето село.
Судијата многу се разјари и повика:
- Главата ќе ти ја отсечам, ако не ми го доведеш тој хулител на нашите богови.
Стражарот одговори:
- Во четвртиот ден ќе го доведам пред тебе.
Судијата Агрип веднаш со тој стражар го испрати својот магистријан, лут и свиреп човек, и војници со него, и му рече на магистријанот:
- Ќе поверувам дека си човек кој ревнува за нашите богови, само ако го фатиш тој богохулник и врзан го доведеш кај мене. Води го во Коман, зашто јас одовде таму одам.
Магистријанот подготви железни чизми со многу остри железни шилци одвнатре, па го поведе стражарот и војници со него, и се упати во селото на Василиск, носејќи Тешки железни окови товарени на магаре. Тргнав и јас по нив, вели опишувачот на овие случувања, светиот маченик Евсигниј, сакајќи да го видам страдањето и крајот на светиот Василиск. Кога дојдоа во селото, тие го сретнаа маченикот кој веќе беше тргнал кон Амасија, и веднаш го оковаа во двократни окови, околу вратот му ставија железен синџир, а на нозете му ги обуја железните чизми со клинците одвнатре, кои му се зарија во нозете до самите коски, и бликна крв од нив. Со тепање го водеа маченикот Христов кон градот Коман, а со солзи го следеа мајката, браќата и роднините. На разделба неговата мајка му рече:
- Чедо мое мило, нека Христос, Кого си го засакал, ти биде помошник во овој маченички подвиг! Твојот живот овде ќе биде краток, но во идниот век ќе биде вечен. Сега поднесуваш горки маки, но од Христа Бога ќе добиеш венец на славата. Зли луѓе те мачат на земјата, но ангелите на мирот ќе те примат на небото. Како разбојник те судат, но разбојникот што беше распнат со Христос ќе те прими во рајот. Гнилежните цареви те убиваат, но вечниот Бог ќе те оживи и сврсти меѓу ангелите. Чедо мое мило, на овој пат Господов сеќавај се и на нас!
Откако го рече тоа мајката се врати во својот дом, молејќи Му се на Господа да го крепи нејзиниот син.
А кога свети Василик се сврте назад и виде како по него одат неговите браќа, роднините и многу народ, и плачат по него, тој ги молеше да се вратат во своите домови, велејќи:
- Не плачете по мене, туку молете се на Господа да ми даде сили да го победам ѓаволот и да ги посрамам неговите слуги.
Потоа ги целиваше и им рече:
- Повторно ќе се видиме во денот на воскресението и во вечниот Живот.
Но тие не сакаа да се вратат, туку одеа по него плачејќи.
Тогаш свети Василик повторно им рече:
- Зошто со своето плачење ми го смутувате срцето? О, кога би ми било дадено многу пати да умрам за нашиот Господ Исус Христос! Ве молам, вратете се и молете се на Бога за мене!
Но, бидејќи тие никако не сакаа да се вратат, магистријанот им рече:
- Ако не се вратите, сите ќе ве врзам и ќе ве одведам кај управителот.
Тие не го послушаа, па започнаа да ги тепаат и едвај успеаја да ги оттргнат.
Светиот маченик јуначки ги носеше тешките окови и храбро ги трпеше болките во нозете, кои што му беа издупчени од острите клинци во железните чизми, и патот се залеваше со неговата крв, а тој пееше: „Ако ме опколи војска нема да се уплаши срцето мое, Христе Господе мој, зашто Ти си со мене“ (Псалми 26, 3).
Светителот пееше и се молеше, а оние со него, гледајќи дека лесно оди со клинците во нозете, многу се чудеа. Но со него беше Господ, Кој му ги ублажуваше болките.
Кога стигнаа до селото Дакозарија, магистријанот и војниците сакаа да се одморат од горештината, а господарката на тоа село, вдовицата Тројана, ги замоли да свратат во нејзиниот дом на ручек. Беа четириесет на број. Тие свратија и таа ги угости. И тие јадеа и пиеја веселејќи се, а светиот маченик Василиск, со рацете врзани позади, стоеше пред капијата на нејзиниот дом врзан за еден сув даб. Тогаш околу него се собра многу народ: мажи, жени и деца. Гледајќи го во тешките окови, и врзан за дрвото на таквата горештина, додека крвта му течеше од нозете, тие беа потресени и го сожалуваа. А светиот маченик се молеше на Бога, говорејќи:
- Господи, посети ме како што го посети Јосиф во темницата, Даниил во ровот лавов, Трите Момчиња во печката Халдејска, го изведе Петар од темницата, ја заштити Текла од подсмев, така и врз мене недостојниот и смирен слуга Твој, покажи ја чудесната милост Твоја и јави ги чудесата Твои во слава на пресветото име Твое!
Откако така се помоли, одеднаш се затресе земјата и се чу глас одозгора, кој говореше:
- Не плаши се, Јас сум со тебе!
И одеднаш железните чизми на неговите нозе се стопија како восок од оган, оковите паднаа од него, а сувиот даб стана зелен, раширувајќи многулиснати гранки и правејќи голема ладовина околу светителот. А на местото каде што стоеја неговите нозе и земјата беше обагрена со неговата крв, потече извор вода.
Светителот започна да Му благодари на Бога, говорејќи:
- Господи Исусе Христе, Предвечно Слово, и Сине на недостижниот и неискажан Отец, Ти си благоволил да слезеш на земјата и да станеш човек, за нас да нѐ искупиш од древниот мачител и да нѐ избавиш од неговите зли дела. Ти нѐ возвиши и вознесе, а него го понижи и сотре и на бездна осуди. Ти нѐ оживотвори - со какви усти ќе Те прославиме? Со какви зборови ќе Те исповедаме и опееме? Како ќе ги објавиме големите дела Твои и силата Твоја, што сега ги јави на мене, слугата Твој, како порано на светите Твои Евтропиј и Клеоник, кога бевме мачени пред управителот Асклипиодот? Всушност, Господи, кој сум јас недостојниот, та ја изли врз мене огромната и чудесна милост Твоја! Самата земја, откако Те виде Тебе, се затресе.
А магистријанот и војниците, исплашени од земјотресот, излетаа од куќата, па штом ги видоа чудесата што се случија се запрепастија. Некои од нив зборуваа дека тоа е привидение, а други сметаа дека е магија. Но, народот што стоеше околу светителот, запрепастен се восхитуваше на тоа и ја прославуваше силата Христова. Тогаш многумина поверуваа во Христа и говореа:
- Овој Божји човек е испратен ваму од Бога, за да го освети нашето место.
Кај светителот донесоа еден раслабен човек, кој лежеше на одар. Кога се допре до раслабениот, тој веднаш стана здрав, го зеде својот одар и се врати во својот дом, славејќи го Бога. Кај светителот доведоа и губави, кои тој ги исцели со својот допир. Исто така, тој со збор ги исцели сите болни од најразлични болести, и оние кои патеа од нечисти духови. И сите Го славеа вистинскиот Бог и веруваа во Него и настана голема радост меѓу народот во тоа место. Во Христос поверува и господарката на тоа село Тројана, со својот син Тројан, и молеше да биде крстена. А јас, грешниот Евсигниј, вели опишувачот, гледајќи сѐ што се случува, од срце се радував и Го прославував Господа. Во истиот ден приквечер, стадо од волови и друг добиток, што се враќаше од пасење кон селото, застана до него, и сите животни паднаа на колена пред него и му се поклонија, со своите гласови славејќи Го Бога. Тогаш магистријанот и војниците се покајаа за маките што му ги нанесоа на светителот, зашто ужас ги обзеде гледајќи ги преславните чудеса што ги чинеше тој. Наредниот ден наутро магистријанот кротко му предложи на маченикот:
- Ако сакаш, господине Василиск, можеме да тргнеме, за да не нѐ снајдат беди од управителот поради тебе.
Светителот одговори:
- Ајде, јас сакам да умрам за мојот Господ.
Кога излегоа од селото целиот народ заедно со госпоѓа Тројана го следеа светителот, а тој ги молеше да се вратат. Едни се вратија, а други продолжија по него. Кога стапија на големиот мост преку реката Иреос, мостот се затресе од присуството Христово, зашто нашиот Господ Христос невидливо одеше со Својот слуга, како што самиот свети маченик Василиск потоа ми кажа мене, недостојниот Евсигниј. Кога се затресе мостот светиот маченик застана, Му заблагодари на Бога, и едвај го измоли народот да се врати назад.
Попат светителот на секоја височинка и убаво место ги преклонуваше колената и се молеше на Бога, говорејќи: „На секое место на владеењето Негово, благословувај го душо моја Господа“ (Псалми 102, 22). А кога стигнаа во селото Саон, војниците со магистријанот седнаа да јадат и му нудеа и на светителот, но тој одби говорејќи: „Господ е Пастир мој, ништо нема да ми недостасува“ (Псалми 22, 1), мене ме храни мојот Господ Исус Христос. Но тие настојуваа:
- Јади, човеку, за да не умреш од глад, зашто ќе нѐ ставиш во неволја ако не те одведеме кај управителот. Еве, веќе трет ден како не си вкусил Ништо.
Светителот им одговори:
- Јас сум преполн со бесмртна храна, и затоа нема да земам смртна. Вас ве храни земниот леб, а мене небесниот збор Божји. Вас ве весели виното, а мене благодатта на Светиот Дух. Вас ве заситува месото, а мене постот. Вас ве крепи снагата телесна, а мене крстот Христов. Вас ве збогатува златото, а мене љубовта Христова. Вас ве украсува облеката, а мене доблестите. Вие се веселите во смеа, а јас се тешам со духот во молитвата. Вие го сакате времениот, смртниот, и гнилежен ваш цар, и сакате да го видите, и ги исполнувате неговите закони, а јас го сакам Небесниот Цар и мој Бог, и ги прегрнувам законите Негови, и сакам да се хранам со гледањето на лицето Негово. Вие очекувате почести на земјата а јас на небото. Вие барате слава од луѓето, а јас се надевам да добијам слава при воскресението на праведните на Страшниот Суд, кога мојот Господ ќе каже: „Дојдете благословени од мојот Отец, примете го царството кое ви е подготвено од постанокот на светот“ (Матеј 25, 34).
Магистријанот нареди да се оседла добитокот и му предложи на светителот да седне на едно магаре, велејќи:
- Три дена пешачиш гладен. Барем качи се на магарето за потполно да не изнемоштиш.
Светителот не се согласи, туку рече:
- Мене ме крепи мојот Исус Христос, а секој одмор и утеха ми ги дава Светиот Дух.
Потоа тргнаа на пат. На зајдисонце стигнаа во едно село и останаа да преноќат. Кога војниците седнаа да вечераат, магистијанот го понуди Василиск да јаде, но тој одби. Целата ноќ ја помина во молитва и пеење, при што свети Ангели пееја заедно со него.
А кога се раздени тргнаа и во десет часот стигнаа пред градот Коман. По патот од многумина слушнаа дека управителот ги става на маки оние што одбиваат да им се поклонат на идолите. Но, Господ му се јави на свети Василиск и му рече:
- Биди храбар! Не плаши се од заканите на беззаконикот. Јас сум со тебе.
Кога влегоа во градот, војниците ги прашаа граѓаните за управителот, а тие им рекоа дека е во Аполоновиот храм. Магистријанот отиде и го извести дека го довел Василиск. Управителот многу се израдува на тоа. Магистријанот му раскажа и за чудесата што се случија додека патуваа, но тој не поверува во тоа и рече:
- Тоа се христијански магии.
Потоа нареди да го доведат Василиск кај него во храмот, за да го натера да принесе жртви. Војниците веднаш дотрчаа и започнаа да го тепаат, говорејќи:
- Ајде во храмот кај управителот, да им се поклониш на боговите, ако сакаш да останеш жив.
А магистријанот и војниците кои беа дошле со него, започнаа да им зборуваа на управителовите војници за чудесата кои самите ги видоа, па рекоа:
- Навистина чудесни знаменија и сила Божја видовме ние. Тоа не беа привиденија, ниту магии, туку вистинска реалност.
Потоа, обраќајќи се кон светиот маченик, рекоа:
- Прости ни, господине Василиск, за сите зла што во незнаење ти ги сторивме, и помоли се за нас на твојот Бог.
Додека тие така зборуваа, дотрчаа други војници, го зграпчија маченикот и го одведоа во храмот. Кога го здогледа, управителот го праша:
- Ти ли си Василиск?
Светителот одговори:
- Да, Јас сум.
Управителот продолжи:
- Што велиш, ќе им принесеш ли жртви на боговите?
Светителот го праша:
- А кој тоа, ти кажа за мене дека не Му принесувам жртва на Бога? Јас секој момент Му принесувам пофална жртва на мојот Бог.
Без да ги разбере овие зборови, управителот се израдува и рече:
- Блазе си им на боговите! Ајде љубимецу, принеси му жртва на кој бог сакаш.
Тогаш свети Василиск се доближи до идолот, и ги праша присутните:
- Како се вика овој ваш бог?
Тие му одговорија:
- Аполон.
На тоа светителот им рече:
- Добро рековте, зашто Аполон значи губитник, и навистина ги влече во гибелта оние што веруваат во него, и му се поклонуваат како на бог.
Тогаш управителот го праша маченикот:
- А како се вика богот на кој ти сакаш да му принесеш жртва?
Светителот одговори:
- Мојот Бог е неискажан, недостижен, невидлив и несознаен.
Управителот го праша:
- Што, зарем нема имиња твојот Бог?
Светителот одговори:
-Имињата на мојот Бог се напишани во Светите Книги, и ако сакаш да ги чуеш, јас ќе ти ги кажам.
Управителот рече:
- Кажи ги.
Тогаш светителот рече:
- Мојот Бог се нарекува Отец и Седржител, Господ Саваот, Цар на сите, милостив Спасител. Јас Нему ќе Му принесам пофална жртва.
На тоа управителот рече:
- Мене ми е сеедно на кој бог ќе му принесеш жртва. Ти само принеси, оти не те повикав да ми мудруваш, туку жртва да принесеш.
Светителот му одговори на управителот:
- Тогаш обрни внимание на мојата жртва.
И ги крена рацете кон небото, и започна да се моли, говорејќи:
- Боже вечни, Творецу на небото и земјата, Ти ги слушаш сите кои вистински Ти служат. Сега услиши ме и мене, слугата Твој, и разбиј го овој глув, слеп и безчуствен идол, за да видат безбожниците каков бог почитуваат, и да се посрамат и да познаат дека Ти си единствениот семоќен Бог. И веднаш се затресе земјата, и идолот падна и се искрши на парчиња. Управителот и народот побегнаа, само свети Василиск остана внатре, пеејќи и говорејќи:
- „Нека се крене Бог и нека се распрснат непријателите Негови; нека се разбегаат пред лицето Негово оние што Го мразат! Нека исчезнат како што исчезнува чадот; како што се топи восокот од огнот, така нека изгинат сите идолопоклоници пред лицето на нашиот вистински Бог“ (Псалми 67, 2-3),
По некое време управителот нареди да го изведат маченикот од храмот и, чкртајќи со забите кон него, му рече:
- Непријателу на боговите наши, зошто едно вети а друго стори? Зошто со своите магии го искрши нашиот бог Аполон?
Светителот одговори:
- Оној Кој го уништи вашиот бог ќе го спали и храмот негов, и веднаш падна оган од небото и го спали Аполоновиот храм до темел. Управителот заедно со народот побегна од страв, а потоа го повика Василиск, и му рече:
- О, колку се големи твоите магии! Богот го уништи и храмот негов го спали.
На тоа светителот му рече:
- Ако твојот бог навистина е бог, како што велиш ти, тогаш нека ми се одмазди!
Управителот одговори:
- Нашите богови се добри и не им прават никакво зло на своите противници.
Тогаш светителот извика:
- О, човечко слепило! Како можат да бидат добри демоните, кога се зли по природа. Тие и вас, своите љубители и поклоници, ќе ве одвлечат со себе во пеколот.
Тогаш управителот рече:
- Беден магепснику, принеси им жртва на боговите, за да не те предадам на горка смрт.
На тоа светителот му одговори:
- Шумски ѕверу, крволочен песу, развратнику Агрип, лику демонски, слико на ѓаволот, беззакон мачителу, зошто уште ме задржуваш? Јас брзам да го завршам својот подвиг.
Управителот многу се разгневи и нареди да го посечат со меч. Војниците го поведоа надвор од градот, на местото викано Диоскориј. Притоа многу народ го следеше, а управителот им нареди на војниците неговото тело да го фрлат во реката. И кога маченикот Христов беше обезглавен, вели свети Евсигниј, нам, на кои ни беше дадено да видиме, видовме страшно таинство: Мноштво свети ангели дојдоа, ја зедоа душата на светителот, и ја понесоа кон небото. А нашиот Господ Исус Христос беше виден како стои на небото и говори:
- Дојди, Мој добар и верен слуго Василиск, влези во Небесното Царство меѓу праведниците, каде се наоѓаат Моите слуги, кои заедно со тебе беа мачени заради Мене.
Ние пак, кои го видовме и слушнавме сето тоа, продолжува свети Евсигниј, паднавме ничкум на земјата и Му се поклонивме на Господа, благодарејќи Му што нѐ удостои на таквото видение. А џелатот Приск го дофати телото на маченикот и започна да го влече кон реката. Ние пристапивме, вели свети Евсигниј, и го молевме да причека да се разотиде народот, и кришум му дадовме триесет златници. Тој ни ги препушти телото и главата на маченикот, говорејќи:
- Само внимавајте да не дознае некој и да не го извести управителот. Тогаш ќе нѐ снајде беда и мене и вас.
Ние го зедовме чесното тело и го сокривме, па ноќе го однесовме во една изорана нива, го погребавме таму, и одозгора посеавме жито. Таа иста ноќ житото порасна а утредента даде род. Додека го копавме гробот на маченикот, некои од нас ожеднеа, и ние се помоливме на Господа призивајќи го светиот Василиск, по чии што молитви веднаш изби извор вода близу неговиот гроб. Ние се напивме и Го прославивме Бога. Тој извор постои и до денешен ден, и болните кои пијат од таа вода се исцелуваат.
После сѐ, нечист дух го нападна управителот Агрип и тој започна да го бара телото на маченикот, говорејќи:
- Кога би се допрел до телото на Василиск, јас би се избавил ад оваа неволја. И никој не смееше да му каже дека телото на маченикот е погребано. А некои го прашаа:
- Ти си наредил телото да го фрлат во реката. Зошто сега го бараш?
Агрип повторно отиде на местото каде беше обезглавен маченикот Христов, најде таму неколку капки од неговата крв, ги собра заедно со прашината, ги соши во својот појас, и штом се опаша, веднаш се ослободи од нечистиот дух и поверува во нашиот Господ Исус Христос.
По извесно време, еден побожен човек од градот Коман, по име Марин, изгради црква во име на светиот маченик Василиск, па ги извади од земјата неговите свети мошти и ги пренесе во неа. И од овие мошти биваа многу чудесни исцеленија по молитвите на светителот, а со благодатта на нашиот Исус Христос, Кому со Отецот и Светиот Дух чест и слава, сега и секогаш и низ сите векови, амин.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ ВЕЛИКОМАЧЕНИК ЈОВАН ВЛАДИМИР
Светиот кнез Јован Владимир израсна од благочестив и царски корен. Тој владееше со областите Зета и Далмација. По природа беше многу мирољубив, благочестив и добродетелен. Неговиот дедо се викаше Хвалимир и имаше три сина: Петрислав, Драгомир и Мирослав. Петрислав ја прими управата над Зета (Дукла), Драгомир на Гравунија (Требиње) и Хлевна (Хум), а Мирослав на Подгорје. Но Мирослав немаше деца, та неговата држава дојде под власта на Петрислав, кој за наследник го имаше својот син, овој блажен Владимир. Така Владимир се зацари (во втората половина на десеттиот век) во Зета и останатите предели Илирија и Далмација, а престолнината му се наоѓаше кај црквата „Пречиста Дева Марија“ во областа Краина (на западната страна на Скадарското Езеро).
Блажениот Владимир уште од детството беше исполнет со духовни дарови. Беше кроток, смирен, молчалив, богобојазлив и чист по живот, презирајќи ги сите привлечности на овој свет ревнувајќи за сѐ што е божествено и возвишено. За него византискиот историчар Кедрин вели дека бил „праведен и мирољубив човек полн со добродетели“. Покрај воените вештини, тој внимателно го изучи и Светото Писмо, и беше многу милосрден спрема бедните и сиромашните. За сѐ расудуваше мудро, поради што беше сакан од сите. Тој испраќаше и учители меѓу народот да ги поучуваат луѓето во Православната Вера и науката Христова, а еретиците да ги обраќаат кон вистината. Подигаше и цркви и манастири, а исто така и болници и страноприемници. Со еден збор, иако беше моќен владател на земјата, Владимир беше кроток слуга на Небесниот Цар Христос и на Царството Божјо, кое не е од овој свет.
Живеејќи така богоугодно, Јован Владимир имаше тешки борби и одвнатре со еретиците богомили и однадвор со царевите завојувачи Самуил и Василиј. Во војната со царот Самуил тој беше заробен, и Самуил го одведе на заточение во Преспа (Охрид). Потоа Самуил ги освои Котор, Дубровник, Босна и Рашка, па со богат плен се врати дома.
Владимир деноноќно се молеше во темницата. Тука му се јави ангел Божји, кој му вети дека наскоро ќе го ослободи, но дека потоа тој ќе стане маченик за Христа. А македонскиот цар Самуил имаше ќерка по име Косара, викана и Теодора, која, поттикната од Светиот Дух, беше многу милосрдна спрема бедните и затворениците. Со дозвола од татка си, таа влезе во темницата кај затворените, и кога го виде Владимир, расцветан во младоста, понизен и скромен, полн со мудрост и разум Божји, од срце го засака. Таа го замоли својот татко, царот Самуил, да ѝ го даде овој роб за сопруг. Не можејќи да ја одбие желбата на својата многу сакана ќерка, Самуил му ја даде Косара на Владимир, му ја поврати државата, му ја придодаде и Драчката земја и го испрати со чест и многу дарови. Тој исто така му ја врати земјата и на Владимировиот стрико Драгомир.
Блажениот Владимир живееше свето и целомудрено со својата сопруга Косара.
Во тоа време византискиот самодржец Василиј Македонец (976-1052 г.) го нападна македонскиот цар Самуил, и во планината Беласица страшно ја разби неговата војска (1014 г.), и сите заробени војници ги ослепи, оставајќи му на секој стотти по едно око, за да ги водат другите назад до нивниот цар. Кога ги виде, царот Самуил од преголема тага и болка за својата војска умре од срцев удар, а царот Василиј стигна дури до Охрид.
Самуиловото Царство го прими во наследство неговиот син Гаврил Радомир, но по неполна година беше убиен од Јован Владислав, неговиот прв братучед. Тоа беше и семејна освета, зашто таткото на Владислав Арон беше ранет на заповед од брата си Самуил. Тогаш Василиј го нападна Владислав со желба потполво да го потчини под себе Самуиловото Царство. А пак лукавиот узурпатор Владислав, убиецот на својот братучед Радомир, братот на Косара, завидувајќи му на својот крал и во своето властољубие сакајќи да се дограби и до Владимировото кралство, реши со измама да го доведе кај себе и да го убие блажениот крал Владимир. Затоа го повика во Преспа божем за договор. Не верувајќи во искреноста на својот братучед, и насетувајќи некаква измама, мудрата Косара измоли од својот сопруг таа прва да појде. Но, лукавиот Владислав ја прелага и неа, а на светиот крал му испрати златен Крст, повикувајќи го да дојде со ветување дека ништо нема да му се случи. Свети Владимир му испрати ваков одговор:
„Знаеме дека нашиот Господ, Кој пострада за нас, не беше распнат на златен или сребрен, туку на дрвен крст. Ако верата ти е права и зборовите вистинити, со вера во името на нашиот Господ Исус Христос испрати ми дрвен Крст, па со надеж во Животворниот Крст и Чесното Дрво, ќе дојдам“.
Тогаш лукавиот Владислав пред двајца епископи и еден пустиник излага дека има чесни мисли, па им даде Крст од дрво и ги испрати кај кралот. Така Владимир дојде во Преспа. Кога го виде, Владислав се нафрли на него и го удри со мечот, но не му наштети. А Владимир не се уплаши, туку му рече:
- Сакаш да ме убиеш, брате, но не можеш!
Па го извади својот меч и му го даде, говорејќи:
- Еве, земи и убиј ме, како што Исак го уби Авел. Подготвен сум за смрт.
Помрачениот Владислав го зеде мечот и му ја отсече гавата. А пак, светителот, ја зеде својата глава во своите раце, седна на коњот и одјури кон црквата. Пред црквата се симна од коњот и рече:
- Во Твоите раце, Господи, го предавам мојот дух!
Убиецот се преплаши од таквото преславно чудо, па побегна со своите.
Така блажениот Владимир прими маченички венец и отиде во Небесното Царство на 22 мај во 1015-та! година.
Чесното тело на светиот маченик го зедоа епископи и клирици, и чесно го погребаа во истата црква во близина на Преспанското Езеро, со голем плач и лелек на неговата сопруга Косара, Господ пак, сакајќи да ги објави заслугите на блажениот маченик Владимир, направи многумина од оние што доаѓаа на неговиот гроб да добиваат исцеленија. Во првата ноќ над неговиот гроб се појави божествена светлина, во вид на многу запалени свеќи. Тоа го уплаши Владислав и тој и дозволи на Косара да го земе телото и да го носи каде што сака. Таа го однесе во Краина и чесно го положи во црквата „Пресвета Богородица“, Тоа лежеше тука цело и нетлено, и од себе испушташе прекрасен мирис, а во раката го држеше Крстот што го доби од Владислав. Во таа црква секоја година доаѓаше многу народ на неговиот празник на 22 мај, и со неговото застапништво се случуваа многу чудеса. А неговата сопруга Косара, од искрена љубов кон него се замонаши при таа црква, и остатокот од животот го помина во побожност. Кога се упокои и таа беше погребана крај нејзиниот сопруг.
Во 1925-та година кај манастирот „Свети Наум“ на Охридското Езеро е подигната црква на овој крунисан маченик Христов, како ктитор на овој славен манастир.
Чесните мошти на светиот маченик Јован Владимир се наоѓаат во градот Елбасан во Албанија.
СПОМЕН НА ВТОРИОТ ВСЕЛЕНСКИ СОБОР
Во времето на благочестивиот и православен цар Теодосиј Велики (878-395 г.), овој Свет Вселенски Собор беше свикан во месец мај во 381 година во Цариград. Соборот беше свикан за уште еднаш и конечно да ја осуди аријанската и со неа духоборната ерес, а и ереста на Аполинариј. Безбожниот Арија погрешно учеше за Синот Божји, и затоа беше осуден на Првиот Вселенски Собор (325 г. во Никеја), а некои негови приврзаници започнаа погрешно да учат и за Духот Свети. Таков беше и Македониј, епископот Цариградски, и други еретици со него, наречени Духоборци („Пневматомахи“). Духоборците учеа дека божем Духот Божји е твар Божја а не Ипостас (Лице) Божествена, рамна на Ипостасите на Отецот и Синот и со Нив еднобитна и едносуштна. Светиот Собор собран во Цариград таквата хула против Светиот Дух едногласно ја осуди, и ги подвргна на анатема Македониј и неговите истомисленици. Соборот исто така ја осуди и Аполинариевата ерес, која зборуваше дека Синот Божји, нашиот Господ Исус Христос, станувајќи човек заради нас, не земал на себе потполна човечка природа, туку само тело без ум и разум. Светиот Собор го потврди и го дополни светиот Никејски Символ на Верата, додавајќи таму опширно учење за Светиот Дух. Соборот донесе и седум свети канони за уредувањето и управувањето на Црквата Христова. На Соборот присуствуваа 150 свети Отци, најмногу од Мала Азија, а со него претседаваше свети Мелетиј Антиохиски. Со свети Мелетиј беа и: свети Григориј Богослов, свети Григориј Ниски, свети Амфилохиј Икониски, свети Кирил Ерусалимски и многу други.
Како што веќе рековме, од овој Свет Собор во Црквата Православна ни остана и вселенски соборно потврден, дополнет и дефинитивно запечатен светиот и неизменлив Символ на Верата, од тогаш познат под името Никејско-Цариградски (зашто е составен на Првиот Вселенски Собор во Никеја во 325-та година и на овој Втор Вселенски Собор во Цариград во 381 година). Еве како гласи светиот и католическо - вселенски непроменлив Символ на Верата во сите членови (од кои првите осум се од Никеја, а четирите последни од Цариград).
Верувам во едниот Бог Отец Седржител, Творец на небото и земјата и на сѐ Видливо и невидливо.
И во едниот Господ Исус Христос, Синот Божји Единороден, Кој е роден од Отецот пред сите векови: Светлина од Светлината, вистински Бог од вистинскиот Бог, роден, несоздаден, единосуштен со Отецот, преку Кого сѐ станало.
Кој заради нас луѓето и заради нашето спасение, слезе од небесата и се воплоти од Светиот Дух и Дева Марија, и стана човек.
И Кој беше распнат заради нас во времето на Понтискиот Пилат, и страдаше и беше погребан.
И Кој воскресна во третиот ден според Писмото,
и Кој се вознесе на небесата и седи оддесно на Отецот.
И Кој пак ќе дојде со слава да им суди на живите и мртвите, и Неговото Царство не ќе има крај.
И во Светиот Дух, Господ Кој дава живот, Кој исходи од Отецот, Кому заедно со Отецот и Синот Му се поклонуваме и Го славиме, и Кој говорел преку пророците.
Во едната, света, соборна и апостолска Црква.
Исповедувам едно крштение за опростување на гревовите.
Го чекам воскресението на мртвите.
И животот во идниот век. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИК ПАВЛЕ ПЕЛОПОНЕСКИ
Новообјавениот Христов преподобномаченик Павле беше родум од селото Сопот во Калавритскиот крај на Пелопонез. Родителите му беа сиромашни, но честити православни христијани, и детето го воспитуваа во секоја побожност и чистота. На крштението го доби името Панагиот и како мал дојде во градот Патра, каде го изучи кондурџискиот занает. Таму помина четиринаесет години, па се врати во Калаврита и отвори чевларска работилница. Сопствениците на таа работилница бараа повеќе пари отколку што се беа договориле со него, и на крајот поради тоа го фрлија во темница. Еднаш во темницата тој во гневна состојба изговори:
- Нека станам турчин ако некогаш ви дадам нешто повеќе!
Сепак, принуден, тој им го исплати бараното и така излезе од затворот. Гонет од ѓаволот, тој отиде во градот Триполис (на Пелопонез) и со двајца свои пријатели отиде да се провесели, притоа зборувајќи дека е Турчин. Но, Бог се смилува на него и совеста му се разбуди. Тогаш веднаш отрча кај еден духовник и се му исповедаше. Така доби извесна утеха. Потоа отиде на Света Гора и стапи во Лаврата на свети Атанасиј, и се придружи на еден Пелопонески монах по име Тимотеј, на кого му раскажа сѐ и тој го утеши. По некое време се замонаши и го доби името Павле.
Заедно со монахот Тимотеј овој блажен премина во Рускиот општожитиен манастир на Света Гора, каде помина три години во послушание и подвизи. Преку светите подвизи и доблести, во неговата душа пламна желба за мачеништво. Оттаму тој отиде во скитот „Света Ана“ и својата тајна желба ја довери на тамошниот старец Аваниј. Откако го стави четириесет дена во најстроги подвизи, старецот најпосле му даде благослов и тој тргна да пострада за Христос. Отиде во манастирот „Голема Пештера“ („Мега Спилеон“) кај Калаврите, и таму помина уште четириесет дена во пост и молитви, па потоа во Навплион, оти беше слушнал дека таму се наоѓа еден негов роднина, кој се беше одрекол од христијанската вера. Го најде, и со него појде во градот Триполис. Таму излезе пред турскиот судија, смело ја исповедаше својата христијанска вера и ја изнавреди муслиманската лага и заблуда. Неговото смело исповедање го слушнаа и многу присутни христијани. Турскиот судија нареди да го тепаат, но кога виде дека е непоколеблив, најпрвин нареди да го спалат а потоа ја промени одлуката и нареди да го погубат со меч. Одлуката веднаш беше извршена. Главата на светиот новомаченик Павле беше отсечена за Христа Господа, на 22 мај во 1818-та година во Триполис. Неговото свето тело беше извадено од нечистото место и тајно погребано во манастирот „Свети Никола“ кај Триполис. Неговото страдање го опиша јеромонахот Јаков Вернаја од светогорскиот Руски манастир.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК МАРКЕЛ
Неверниците му истураа во грлото врело олово и го задушија. Така пострада за својот Господ Христос.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК КОДРА
Го врзаа за опашите на коњи и го влечеа. Така светиот маченик Кодра го положи својот живот за Господа.
СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЦА СОФИЈА ЛЕКАРКАТА
Светата маченица Софија пострада за верата во нашиот Господ Христос, посечена со меч.