5. Јуни   (23. Мај)

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ МИХАИЛ ИСПОВЕДНИК

Како што го носеше името на Првоначалникот на небесните Сили, така свети Михаил водеше и совршен ангелскиот живот во девствена чистота и останатите добродетели. Од рано детство се посвети да Му служи на Бога, и во млади години се замонаши заедно со светиот Теофилакт Никомидиски, во деновите на пресветиот патријарх Тарасиј, кој и двајцата ги испрати во манастирот на брегот на Црното Море. Подвизувајќи се таму во монашките трудови, и двајцата преуспеваа во добродетелите, и нивните молитви стекнаа голема сила пред Бога.

Еднаш за време на жетвата зафати голема горештина, и многу луѓе изнемоштуваа од жед. Тогаш овие двајца светители Му се помолија на Бога, и направија сувиот бакарен сад да започне да точи вода во доволни количини, оти Господ ја исполнува волјата на оние што Му се бојат и ги услишува молитвите нивни. Ова чудо потсетува на две други чуда: на чудото кога во пустината Бог на жедниот Израил му изведе вода од каменот, и кога Бог заради Самсон, кој умираше од жед, направи да потече вода од сувата магарешка челуст.

Гледајќи го таквиот добродетелен живот на овие преподобни отци, кои блескаа како ѕвездите на небото, пресветиот патријарх Тарасиј виде дека се достојни за високиот ерхијерејски чин. Затоа блажениот Теофилакт го постави за митрополит Никомидиски, а светиот Михаил за епископ на градот Синад. И двајцата добро го пасеа стадото Христово и со збор и со примерот на својот живот.

А кога потоа пресветиот патријарх Тарасиј се претстави од овој живот, и на цариградскиот патријаршиски престол дојде свети Никифор, повторно се крена бурата на иконоборната ерес, осудена на Седмиот Вселенски Собор на светите Отци. Зашто злочестивиот цар Лав Ерменин, заразувајќи се со таа ерес, покрена гонење против Црквата Христова, отфрлајќи ги светите Икони и нарекувајќи ги идоли, а нивните поклоници на разни начини ги мачеше и убиваше. Пред сѐ, тој го избрка свјатјејшиот патријарх Никофор и останатите православни архијереји од нивните престоли, и на нивно место доведе свои истомисленици - еретици. Така се зацари мерзоста на опустошението на светите места.

Тогаш свети Михаил се истакна како ревносен исповедник на Православната Вера и изобличувач на еретичкото зловерие. Крепен и умудруван од благодатта на Светиот Дух, тој го скроти злоречието на богопротивниците и им ги затвори устите на еретиците, кои исфрлаа хули против Божествените Икони. А ѕвероимениот цар Лав, не можејќи да го поднесе слободното и бестрашно изобличување од страна на светителот Христов, го изведе на истезавање пред својот неправеден суд. Но, свети Михаил јуначки ги застапуваше своите убедувања и бестрашно му рече на царот:

- Јас ги почитувам светите Икони на мојот Спасител Исус Христос и пресветата Мајка Негова, и на останатите Светители, и им се поклонувам, а твоите наредби ги презирам.

Посрамен, Лав се разјари и исповедникот Христов го осуди на прогонство. Гонет од едно место во друго, светителот Божји претрпе многу горки маки и злоставувања, додека не ги достигна небесните пространства и не доби вечен покој. Така го заврши својот живот и се украси и со венецот на архијереј и со венецот на маченик, во слава на нашиот Бог Христос.

Светиот исповедник Михаил се претстави во 818-та година.

СТРАДАЊЕ НА СВЕТИОТ ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИК МИХАИЛ ЦРНОРИЗЕЦОТ

Светиот маченик Михаил беше од градот Едеса, син на христијански родители. По нивната смрт тој својот имот го раздаде на сиромашните, и отиде во Ерусалим да ги посети Светите Места. Во тоа време Ерусалим се наоѓаше под ропство на агарјаните - муслимани. Откако се поклони на Светите Места, Михаил отиде во лаврата на светиот Сава Осветени, и тука стана монах.

По некое време неговиот учител го испрати во Еусалим за да го продаде ракоделието. Таму го сретна евнухот на агарјанската царица Сеида, која го поведе со себе и го приведе кај својата царица, бидејќи садовите што ги продаваше тој беа многу убави и одлично изработени. Кога го здогледа младиот и убав монах, само ослабен од постот, царицата се воодушеви и започна да го наведува на прељуба, говорејќи:

- Ти само угодувај ми, и ако си болен, јас ќе те излекувам.

На тоа блажениот Михаил и одговори:

- Јас боледувам заради моите гревови, а слуга сум на мојот Господ Исус Христос, и не сакам тебе да те слушам.

Царицата го присилуваше на грев, но целомудрениот девствен Михаил одбиваше, говорејќи:

- Јас нема да го сторам тоа. Јас сум монах и сум дал завет на Бога дека до крајот на животот непорочна ќе ја сочувам чистотата на моето тело.

Кога поганата жена виде дека никако не може да го наведе на телесен грев девствениот монах, посрамена и гневна нареди да го тепаат со стапови. Потоа како хулител на нивната вера, врзан го испрати кај царот. Откако го испраша, царот нареди да го одврзат и му предлагаше да ја прими мухамедовата вера. Но, светиот црноризец одговори:

- Нема да го оставам мојот Бог и да тргнам по демонот.

Царот започна да го соблазнува со заводливи понуди, велејќи му:

- Барај од мене што сакаш, и ќе царуваш заедно со мене.

Но, светиот инок му одговори:

- Те молам, или пушти ме кај мојот старец, или крсти се во името на мојот Бог, или со твојот меч испрати ме кај Христос, мојот Бог.

Тогаш царот нареди да му дадат чаша со отров. Светиот монах го испи отровот, но тој не му наштети, според зборовите Христови во Евангелието: „Ако испиете и нешто отровно, тоа нема да ви наштети“ (Марко 16, 18). Посрамен, царот нареди да му ја отсечат главата среде Ерусалим.

Монасите од обителта на свети Сава Осветени го зедоа телото на светиот маченик, го однесоа во својата лавра и чесно го положија со светите Отци, славејќи Го Христа Бога.

Светиот преподобномаченик Михаил пострада за Христос и се прослави во деветтиот век.

ЖИТИЕ НА НАШАТА ПРЕПОДОБНА МАЈКА ЕФРОСИНИЈА ПОЛОЦКА

Во градот Полоцк живееше кнез по име Всеслав. Тој имаше син Георгиј, од кој се роди блажената Ефросинија. Пред монаштвото таа се викаше Предислава. Уште од мала се описмени и усрдно го изучуваше Светото Писмо и другите Свети Книги. Со помош на тоа се научи на стравот Божји и топлата љубов кон Бога, Создателот свој.

Предислава беше многу убава девојка. Кога наполни дванаесет години многу славни кнезови почнаа да ја бараат од нејзиниот татко за своите синови. Но, таа за ништо на светот не се согласуваше да се омажи, бидејќи Му се беше заветила на бесмртниот женик Господ Исус Христос, и целиот свој ум го беше пренела во божествена љубов. Сепак, нејзиниот татко одлучи да ја омажи за едно прекрасно момче, син на некој кнез. Кога дозна за тоа, Предислава тајно отиде во женскиот манастир кај преподобната игуманија, кнегињата Ромава, и ја молеше да ја змонаши. Преподобната Романа долго ја одбиваше затоа што беше многу млада, а и се плашеше од нејзиниот татко. Таа ја советуваше да остане во светот. Потоа, гледајќи ја нејзината огромна љубов спрема Господ Христос и непоколеблива желба своето девство да го сочува заради Небесното Царство, преподобната му нареди на свештеникот на својата обител да ја замонаши, и ѝ го даде името Ефросинија.

Кога за тоа дознаа родителите на Ефросинија, многу се натажија и веднаш побрзаа во манастирот. А кога таму ја здогледаа својата ќерка како монахиња, започнаа силно да плачат и ридаат. Блажената Ефросинија не се вознемири од родителските солзи, и ги советуваше да не плачат туку да се радуваат што нивната ќерка Му се посветила на Небесниот Цар.

Во манастирот преподобната Ефросинија заедно со монахињите го минуваше времето во пост и молитви, и сите монашки манастирски работи, потчинувајќи им се на сите со огромно смирение. По извесно време таа го замоли полоцкиот епископ Илија да ѝ дозволи да се насели во одајата што се наоѓаше во тремот на полоцката соборна црква „Света Софија“, угледувајќи се на древните ерусалимски девојки, меѓу кои беше и Пресвета Дева Богородица, кои живееја при Соломоновиот храм во специјално подготвени одаи за тоа. Епископот, гледајќи го нејзиниот ангелски живот и серафимската љубов кон Бога, и дозволи. И живееше света Ефросинија како ангел Божји, затворена во одајата при црквата, непрестајно дење и ноќе молејќи се и славословувајќи го Бога. А во времето слободно од молитвата, таа препишуваше книги и даваше да се продаваат, а тоа што го добиваше за нив го раздаваше на сиромашните.

Блажена Ефросинија долго време се подвизуваше при црквата „Света Софија“. Една ноќ, таа во сонот виде ангел Божји, кој ја фати за раката, ја изведе надвор од градот, на местото викано Селце, каде што се наоѓаше метохот на „Света Софија“ и мала дрвена црквичка, и ѝ рече: „Ти треба да живееш овде, зашто Бог сака преку тебе на ова место многумина да упати на спасение“.

Ова видение преподобната Ефросинија го имаше трипати. Таа се чудеше и беше во недоумица за него, и Му благодареше на Бога што ја удостои на таквото видение. Покорувајќи ѝ се на волјата Господова, таа велеше: „Спремно е срцето мое, Боже, спремно е срцето мое!“

Ангелот му се јави во видение и на епископот, и му рече:

- Води ја Господовата слугинка Ефросинија кај црквата во Селце, и насели ја при таа црква, за таму да се создаде манастир за девици посветени на Бога, кои Бог сака да ги спаси преку неа. Нејзините молитви како миро одат кај Бога, и врз неа, како круната на царската глава почива Духот Свети. И како што сонцето сјае во вселената, така нејзиниот живот заблеска пред ангелите Божји.

Штом се разбуди, епископот отиде кај преподобната Ефросинија и ѝ              ја соопшти волјата Господова. Тогаш и таа му раскажа за своето видение, па и двајцата Му заблагодарија на Бога.

Потоа епископот го повика кнезот Борис, стрико на Ефросинија, и кнезот Георгиј, нејзиниот татко, и многу болјари и угледни луѓе, и откако им раскажа за видението, рече:

- Еве, јас во ваше присуство на Ефросинија ѝ го давам местото посветено на светиот Спасител во Селце, за таму да се изгради женски манастир. Никој да не ја попречува во тоа.

Сите се согласија со епископот. Потоа ја одведоа света Ефросинија во Селце, ја сместија во црквата на Спасителот, и изградија манастир за девојки, кои сакаат во чистота да Му служат на Господ Христос. Преподобната Ефросинија стана наставничка и предводничка кон спасението на многу девојки, кои се одрекуваа од светот и го земаа на себе монашкиот чин. Гледајќи на доблесниот живот на блажената Ефросинија како на образец, сите девојки се поттикнуваа на богоугодни подвизи.

По некое време преподобната побара од својот татко да ја испрати кај неа нејзината сестра Градислава. Таа ја научи својата помала сестра да чита книги, ја поучи со многу душеспасоносни разговори, па ја замонаши и ѝ го даде името Евдокија. По некое време нејзиниот татко ѝ испрати ваква порака: „Врати ја твојата сестра назад“.

А Ефросинија му одговори: „Нека остане кај мене уште некое време, за добро да го изучи Светото Писмо“.

Но, родителите набрзо дознаа и за замонашувањето на својата втора ќерка. Тоа им ја зголеми тагата, па дојдоа во манастирот и со гнев и болка и ѝ зборуваа на света Ефросинија:

- О, чедо наше! Што стори со нас? Врз тагата ни додаде тага, врз жалоста жалост! Зар не ти беше доста што ти нѐ остави, па со лага ни ја одзеде и другата мила ќерка? Зошто ве родивме? Зар ве одгледавме, за како мртви да се затворите во гроб, и со тие црни ризи да се заклучите во манастирскиот затвор и да нѐ лишите од утехата што ја очекувавме од вас?

Тогаш преподобна Ефросинија започна да им зборува од Божествените Книги и малку ги утеши. Тие се вратија во својот дом, разблажувајќи ја својата природна родителска тага со духовна радост.

Набрзо потоа кај преподобната Ефросинија дојде нејзината роднина, кнегињата Звенислава, ќерка на нејзиниот стрико кнезот Борис, и ѝ ги донесе сите свои скапоцени фустани и накити подготвени за женидба, и ѝ рече:

- Госпоѓо и сестро моја, сите убавини на овој свет ги сметам за ништовни, а овие украси, подготвени за брак, ги давам на црквата на Спасителот, и сама сакам да се заветам за Него во духовен брак, и да ја наведнам мојата глава под Неговиот благ и лесен јарем.

Преподобна Ефросинија со радост ја прими, и веднаш ја замонаши и ѝ го даде името Евпраксија. Подвижниците живееја заедно во пост и сеноќни молитви, еднодушно служејќи Му на Господа во светост и правда.

Гледајќи дека од ден во ден бројот на сестрите се зголемува и обителта се проширува, преподобна Ефросинија намисли да изгради камена црква во име на Спасителот. Нејзиното усрдие со Божја помош беше крунисано со успех. За една година беше изградена прекрасна црква од камен. Надзорник во таа работа беше еден знаменит човек по име Јован. Тој многу пати ноќе во сонот слушал глас, кој му зборувал:

- Јоване, стани, па појди и работи на ѕидањето на храмот во чест на Седржителот!

Кога тој глас му здодеа, еден ден тој отиде кај преподобната Игуманија и ѝ рече:

- Ти ли испраќаш по мене да ме присилуваат да работам?

Ефросинија сфати дека тоа бил глас од Бога, па му одговори:

- Иако јас не праќав да те будат и приморуваат на работа, сепак послушај го гласот кој те повикува и започни да работиш, зашто ова е Божјо дело.

При крајот на градбата се јави недостаток од тули. Тогаш преподобната се помоли на Бога, говорејќи:

- Ти благодарам, човекољубив Господи, Боже сесилен, Ти ни даруваше многу, се молам на Твојата добрина, дај ни го и тоа што ни недостасува, за да ја довршиме црквата што ја ѕидаме во слава на Пресветото Име Твое.

Утредента, под дејство на силата Божја ѕидарите најдоа печка полна со тули, веќе изладени, и тоа многу цврсти. Овие тули беа направени со невидлива рака и тоа само за една ноќ. Сите беа многу радосни и Го прославија Бога. Така црквата беше довршена. Потоа дојдоа епископот со клирот, кнезовите и сите граѓани, и сите радосно го отпразнуваа осветувањето на црквата. А преподобна Ефросинија ничкум и со солзи Му се молеше на Бога во црквата, говорејќи:

- Ти, Господи Срцевидецу, Боже Седржителу, погледни на овој храм подигнат во Твое Име, како што некогаш си погледнал на храмот Соломонов. Погледај и на духовното стадо собрано при храмот Твој. Биди милостив кон нас, кои Ти служиме при овој свет храм, и помагај ни успешно да го носиме јаремот Твој, што го зедовме на себе и одиме по Тебе, Женикот наш. Ти самиот биди ни Пастир, и Вратар, и Стражар, за ниту една од нас да не биде грабната од погубниот волк - ѓаволот. Ти, Господи, биди ни оружје и одбрана, да не дојде злото на нас, да не се приближи мака до телата наши, и нѐ погуби со беззаконијата наши. Ние целата надеж ја положивме во Тебе, зашто Ти си жалостив и милостив кон сите што веруваат во Тебе. Ќе Те славиме до последниот наш здив.

Преподобна Ефросинија ги поучуваше своите сестри, говорејќи:

- Ете, јас ве собрав заради Господа, како што кокошката ги собира пилињата под своите крилја. Ве собрав, како овци Божји на божествена паша. Пазете ги заповедите Господови, и растете низ доблестите од сила во сила, за и јас со радост да се трудам околу вашето спасение и да ве учам, и со радост да ги гледам духовните плодови на вашите трудови. Ете, се трудам со помош на поуки да го посеам зборот Божји во срцата ваши, но тие како да не растат во доблестите, а времето на жетвата се приближува, и лопатата, која што ќе го оддели каколот од пченицата е веќе на гумното. Се плашам, сестри мои, меѓу вас да не се најде какол и вие да бидете предадени на незгасливиот оган. Ве молам, потрудете се, сестри мои, да се сочувате од каколот на гревот, за да го одбегнете незгасливиот оган. Направете од себе чиста пченица Христова. Сомелете се себе си во воденицата на смирението со подвижничките трудови свои, со чистотата, љубовта и молитвите, за да станете сладок леб за Бога.

Така блажената Ефросинија како чедољубива мајка ги поучуваше своите духовни деца. Благодарејќи на нејзините поуки и молитви, сите монахињи напредуваа во подвизите и стануваа избрани садови на Светиот Дух.

Таа подигна и друга камена црква во чест и слава на Пресвета Богородица. Откако ја украси со икони и останатите благолепија, им ја предаде на монасите, па им подигна и манастир покрај црквата.

Преподобната посака да ја види и во својата обител да ја има иконата на Пресвета Богородица, наречена Одигитрија (Патеводителка), всушност, една од иконите кои светиот апостол и евангелист Лука ја беше изработил уште за време на животот на Пречистата Богомајка. Преподобната беше слушнала дека три икони на Пресвета Богородица, изработени од свети Лука, се наоѓаат Ерусалим, во Цариград и во Ефес. Таа со солзи Му се помоли на Бога да ѝ ја исполни желбата, па испрати свои слуги во обителта на свети Михаил во Цариград, кај благочестивиот цар Мануил, и кај пресветиот патријарх Лука, со многу подароци и огромни молби, да ѝ испратат една од тие три икони, и тоа онаа што се наоѓа во Ефес. Царот и патријархот ја почувствуваа огромната љубов, на блажената спрема Бога и Пречистата Мајка Божја, и решија да ѝ ја исполнат молбата. Ја донесоа од Ефес во Цариград чудесната икона на Пресвета Богородица, и предавајќи ја на слугата Михаил, царот и патријархот му дадоа писмо за преподобната, во кое ја фалеа и патријархот ѝ испраќаше свој благослов.

Блажената многу се израдува на саканата икона. Таа Му благодареше на Господ Христос, и иконата ја постави во својата обител во црквата „Свети Спас“, украсувајќи ја со злато и скапоцени камења.

По смртта на своите родители, и после многулетното монахување, преподобна Ефросинија посака да ги види Светите Места во Ерусалим, и да се поклони на живоносниот Гроб Христов, а мислеше и таму да го заврши својот живот. За тоа таа усрдно Му се молеше на Бога. Кога дознаа за нејзината намера, духовните и световните власти многу се натажија и со солзи ја молеа да не ја остава својата татковина. Блажената со мудри и душекорисни зборови ги тешеше како мајката своите деца. Меѓу останатите кај неа дојде и нејзиниот сакан брат Вјачеслав, со својата сопруга и децата. Откако ѝ се поклони, тој со солзи ѝ зборуваше:

- Госпоѓо, сестро и мајко моја, зошто сакаш да нѐ напуштиш, светлино на очите мои, и управителко на душата моја?

А светителката му одговори:

- Јас нема да ве напуштам, туку сакам на Светите Места да се помолам на Господа за себе и за вас.

По духовниот разговор со својот брат, таа му нареди своите две ќерки Киринија и Олга да ги остави кај својата сестра Евдокија. Таа имаше таков духовен дар, та штом ќе погледнеше некого, веднаш дознаваше дали во него има доблесен дух и може ли да биде избран сад Божји. Така провиде дека и овие две девојчиња со својот живот ќе Му угодат на Христа.

Кога нејзиниот брат си замина, таа им рече на неговите ќерки:

- Сакам да ве заветам на бесмртниот Женик, и да ве воведам во дворовите на Неговото Царство.

А девојчињата, восхитени од нејзините боговдахновени зборови, паднаа крај нејзините нозе и рекоа:

- Нека биде волјата Господова! Нека нѐ водат твоите свети молитви!

Ефросинија се радуваше за нив, им даваше душекорисни поуки, и во нивните срца ја развиваше љубовта Христова.

По извесно време преподобната го повика кај себе својот брат Вјачеслав, и му рече:

- Сакам да ги замонашам твоите деца, да бидат невести Христови.

Овие зборови го вознемирија кнезот Вјачеслав, и тој ѝ рече:

- Госпоѓо и мајко наша! Што си намислила да сториш со мене? Ти сакаш да плачам и за твоето заминување во далечната земја, и за своите деца, оти сум лишен од нивната утеха.

А кнегињата силно плачеше и ридаше, но сепак не можеше да се спротивстави на нејзината волја, бидејќи нејзините зборови ги сметаа како зборови на самиот Христос, и точно знаеја дека таа е вистинска слугинка Христова и дека во неа е Светиот Дух. Потоа блажената го замоли тамошниот епископ Дионисиј да дојде во нејзиниот манастир и да ги замонаши девојчињата. Притоа Киринија го доби името Агатија, а Олга Ефтимија. И епископот ги благослови со благословот на светите Отци и Мајки, кои од памтивека Му угодија на Бога.

По кратко време блажената Ефросинија ја предаде обителта на својата сестра Евдокија и тргна за Ерусалим, со солзи испратена од сите. Со себе го поведе својот втор брат Давид и роднината Евпраксија и најпрвин дојде во Цариград. Овде чесно беше примена од царот и патријархот. Откако се поклони на Светите Цркви и многу Свети Мошти, таа отпатува за Ерусалим. Таму се поклони на Живоносниот Гроб Христов, и на него постави златно кандило. Многу дарови подари на Ерусалимската црква и на патријархот. Таа ги посети сите Свети Места во околината на Ерусалим, поклонувајќи се секаде и молејќи се со големо умиление. Остана во манастирот наречен Руски, при црквата „Пресвета Богородица“. Потоа повторно дојде на Гробот Господов и со солзи и воздишки започна да се моли, говорејќи:

- Господи Исусе Христе, Сине Божји, роден од Пресветата Приснодева Марија заради спасението наше, Ти си рекол: „Барајте и ќе ви се даде“ (Матеј 7, 7). Ѝ благодарам на сомилосната добрина Твоја, што јас грешната го добив она што го сакав од Тебе. Се удостоив да ги видам овие Свети Места, кои Ти си ги осветил со пречистите нозе Твои. Се удостоив да го целивам светиот Гроб Твој, во Кој си почивал со пречистото Тело Свое, примајќи смрт заради нас. Но, уште еден дар, о преблаг Господи, барам од Тебе: удостој ме да се упокојам во овие Свети Места. Не презирај ја смирената молитва моја, Создателу мој! Прими го духот мој во овој свет град Твој и насели ме со оние кои Ти угодиле, во прегратките Авраамови.

Откако така се помоли, света Ефросинија отиде во гореспоменатата црква, во која престојуваше. Тука се разболе и лежејќи на одарот рече:

- Ти благодарам, Господи мој Исусе Христе, што ме послуша мене недостојната слугинка Твоја, и направи со мене како што сакаше.

Блажената сакаше да отиде и на Јордан, но не беше во состојба поради болеста. Затоа таму ги испрати Давид и Евпраксија. Кога се вратија тие и донесоа Јорданска вода. Таа ја прими со радост и благодарност, се напи од неа и го поткрепи своето тело. Потоа легна и рече:

- Благословен е Бог, Кој го просветува и осветува секој човек кој доаѓа на свет.

Додека боледуваше ѝ се јави ангел и ја извести за нејзиниот блажен крај, и за покојот подготвен за неа. Многу радосна, таа испрати во лаврата на светиот Сава Осветени, молејќи го архимандритот да дозволи да биде погребана во нивната обител. Тој одговори:

- Ние имаме заповед од нашиот свет отец Сава, никогаш да не погребуваме жени во неговата обител. Во Теодосиевиот општожитиен манастир на Пресвета Богородица почиваат многу свети жени. Таму почива и мајката на свети Сава, и мајката на свети Теодосиј, и мајката на светите Бесребреници, и многу други. Затоа доликува таму да биде погребана и богоугодната Ефросинија.

Преподобна Ефорсинија Му заблагодари на Бога што нејзиното тело ќе биде положено заедно со моштите на светите жени, и веднаш испрати молба во обителта на светиот Теодосиј да ѝ се додели место за погреб. Монасите на таа обител ѝ одредија место во папертата, и тука беше подготвен гроб за неа.

По дваесет и четиридневно боледување, преподобна Ефросинија повика презвитер, се причести со Божествените Тајни, и додека се молеше ја предаде својата света душа во рацете Божји, на 23 мај во 1173-та година. Нејзиниото свето тело чесно беше положено во обителта на преподобниот Теодосиј, во папертата на црквата Пресвета Богородица. А нејзиниот брат Давид и роднината Евпраксија се вратија во својата земја, во градот Полоцк, и ја донесоа веста за нејзината блажена смрт и чесното погребение. Сите ја оплакаа блажената Ефросинија и востановија нејзиниот спомен да се празнува секоја година, во слава на Бога Отца и Сина и Светиот Дух, фалениот и прославениот од секоја твар, сега и секогаш и низ сите векови, амин.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ПАИСИЈ ГАЛИЧКИ

Се подвизуваше како монах над седумдесет години. Беше архимандрит на Галичкиот Николаевски манастир, кој по него започна да се нарекува Паисијев. Се упокои во длабока старост, во втората половина на петнаесеттиот век. Неговите свети мошти почиваат во Успенската црква на Паисијевата обител.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК САЛОН (или САРОН)

Пострада за Христа посечен со меч. Родум беше Римјанин.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК СЕЛЕВК

Овој свет маченик со пила беше преполовен за својата вера во Господ Христос, и така пострада.

СПОМЕН НА СВЕТАТА МИРОНОСИЦА МАРИЈА КЛЕОПОВА

При страдањето Господово светата мироносица Марија Клеопова стоеше крај крстот, и со останатите свети жени мироносици дојде на гробот Христов со мириси. Се претстави во мир.