6. Јуни   (24. Мај)

ЖИТИЕ НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ СИМЕОН СТОЛПНИК - ДИВНОГОРЕЦ

Едно момче, по име Јован, дојде со родителите од Едеса во Антиохија. Бидејќи беше време Јован да се ожени, неговите родители побараа една девојка по име Марта, за сопруга на својот син. Кога родителите ѝ го соопштија тоа на Марта, таа не се согласи, оти беше одлучила да Му служи на Христос, и своето девство да го сочува во чистота. Но, кога родителите започнаа да ја присилуваат на брак, таа веднаш отиде во црквата на свети Јован Преттеча, во предградието на Антиохија, падна ничкум, и со солзи се молеше, Господ да уреди како што е најкорисно и најспасоносно за неа. И во таа црква имаше божествено видение, кое ѝ нареди да им се покори на родителите и да стапи во брак. Потпирајќи се на волјата Господова, девицата Марта стапи во брак со Јован, и му беше не само помошничка во животот, туку и раководителка кон спасението, поттикнувајќи го на секое добро дело. Го украсуваше својот живот со пост, воздржание и молитви, трудејќи се да Му угоди на Бога. Чесната Марта често одеше во црквата на Светиот Преттеча и со солзи му се молеше да измоли од Бога дар, таа да роди машко дете. Притоа ветуваше дека ќе го посвети да Му служи на Бога, како некогаш Ана Самуила (1 Царства 1, 1). По една година, кога една ноќ Марта задрема во оваа црква за време на ноќната молитва, ѝ се јави светиот Јован Преттеча и ѝ рече:

- Надевај се, жено, твојата молитва е примена, и ти ќе го добиеш она што го бараш. Во знак на Божјиот благослов на тебе, прими го овој темјан, - притоа ѝ даде миризлив темјан, - па со него покади го својот дом.

Штом се разбуди, Марта го виде во својата рака темјанот, чиј мирис беше неискажлив.

Потоа повторно ѝ се јави светиот Преттеча и ѝ рече:

- Појди кај својот маж, зашто ќе зачнеш син. Дај му го името Симеон. Тој ќе цица млеко од твојата десна града, а до левата никогаш нема да се допре, зашто ќе биде син на Десницата. Нема да вкуси ни месо, ни вино, нити некакво приготвено јадење, туку храна ќе му бидат лебот, медот, солта и водата. За време на неговото детство треба многу грижливо да го воспитуваш, зашто ќе биде свет сад во служба на нашиот Господ Бог. Две години по раѓањето ќе го донесеш овде, во мојата црква, и ќе го крстите. И кога детето ќе се удостои на благодатта на крштението, ќе се обелодени што ќе излезе од него.

Исполнета со страв и неискажана радост од ова видение, Марта Му благодареше на Бога и на светиот Преттеча и се врати кај мажот свој, и зачна од него. Кога се наврши времето, таа без болки роди син и му го даде името Симеон. Го доеше само од својата десна града. Понекогаш пак, сакајќи да ја провери точноста на она што светиот Преттеча ѝ го рече во видението, таа на доенчето му ја нудеше и левата дојка, но тоа со плачење го свртуваше своето лице и не сакаше да цица од неа. Беше чудно и тоа што во денот кога Марта ќе јадеше месо или ќе пиеше вино, малиот Симеон не сакаше да цица целиот тој ден, сѐ до утредента. Сфаќајќи зошто детето одбива, таа се воздржуваше од месо и вино и, постејќи го хранеше идниот голем испосник.

Кога детето наполни две години, родителите го однесоа во црквата на светиот Преттеча и го крстија. Штом го крстија, тоа веднаш проговори, изговарајќи ги овие зборови:

„Имам татко, и немам татко. Имам мајка, и немам мајка“.

Овие зборови ги повторуваше седум дена. На тоа многу се чудеа родителите, и сите кои го слушаа, предвидуваа дека ќе биде подражавач на небесното. Кога престана да цица, започнаа да го хранат со леб, мед и вода, бидејќи не сакаше да вкуси ништо друго.

Кога Симеон имаше пет години се случи земјотрес во Антиохија, за време на царувањето на Јустинијан Велики. Од тој земјотрес се сруши камената куќа во која што живееја неговите родители. Тогаш загина неговиот татко, а мајка му остана жива, бидејќи, по промисла Божја не беше дома, туку во некој храм. А и малиот Симеон за време на земјотресот се наоѓаше во црквата на светиот првомаченик Стефан, каде Бог го сочува неповреден. Кога излезе од црквата, Симеон не знаеше на која страна да тргне за да се врати дома, бидејќи многу куќи беа срушени. Тој скиташе по урнатините на Антиохија, сѐ додека не го најде една благочестива жена, која што ги познаваше неговите родители. Таа го стави на својот грб и го однесе во гората близу градот, каде што самата живееше.

А кога блажената Марта виде дека нивната куќа е срушена, и мислејќи дека во неа сите изгинале, па и Симеон со татка си, започна да плаче и лелека. По седум дена ѝ се Јави свети Јован Преттеча и ѝ кажа дека нејзиното дете е живо и каде се наоѓа. Марта веднаш се упати кон гората и го најде Симеон кај споменатата жена, која со чудење ѝ раскажа дека Симеон овие седум дена не сакал да вкуси ништо, туку само двапати зел по малку леб и вода. Мајката го зеде Симеона и го одведе во Преттечината црква, и Му благодареше на Бога и на светиот Преттеча што ѝ го вратија детето.

Еднаш, размислувајќи за виденијата што ги имаше во однос на своето дете, и за чудесните работи што веќе се случуваа со него, таа беше во недоумица што ќе излезе од него. Кога заспа имаше вакво видение:

Ѝ се пристори како да добила крилја и да лета високо, држејќи го во рацете своето дете, носејќи го како дар на Господа и говорејќи: Вакво твое издигнување сакав да видам, о чедо мое! Творецот мој нека ме отпушти со мир, бидејќи се удостоив да бидам благословена меѓу жените, зашто плодот на утробата своја го предавам на Севишниот!

После тоа Марта со своето синче се насели во еден крај на Антиохија, наречен Херувим. Тој назив дошол од таму што Тит, син на Римскиот цар Веспазиан, разрушувајќи го Ерусалим, зел од Ерусалимскиот храм два златни херувима, кои стоеле над Ковчегот на Заветот, ги пренел во Антиохија и ги поставил на ова место. Додека блажената Марта живееше таму со своето синче, малиот Симеон имаше вакво видение:

Го виде нашиот Господ Исус Христос како седи на висок престол, и кај Него од сите страни доаѓаат неискажливо многу праведници. Пред престолот беше отворена книга на животот и се вршеше суд. На исток се гледаше рај на сладости, а на запад огнен пекол. И Светиот Дух му рече на Симеон:

- Слушај, дете, и разбери што гледаш овде. Погрижи се да Му угодиш на Бога, за да се удостоиш на славата на Светиите и да ги добиеш неискажаните блага, кои Бог ги подготвил за оние што Го љубат.

Од тоа видение детето се исполни со божествена мудрост, и му се дадоа откровенија и виденија на непознати и чудесни тајни. По неколку дена Симеон виде еден човек, прекрасен на изглед, облечен во бела кошула, кој му рече:

- Ајде по мене.

Симеон тргна по него и тој го одведе во Тиверинскиот крај во близина на Селевкија, и го доведе на местото викано Пила. Таму престојуваше детето Симеон, живеејќи во пустата гора со ѕверовите како со јагниња. Ѕверовите му беа единствените сожители, а луѓе воопшто не гледаше. И дење и ноќе го осветлуваше неискажана светлина, а храна добиваше од човекот кој го доведе таму, и кој често му се јавуваше и го поучуваше во сѐ.

По некое време, според упатството на истиот човек, Симеон се искачи на врвот од гората, и таму најде мал манастир, чиј игумен беше светиот маж по име Јован, кој стоеше на столб. Овој игумен често имаше виденија за Симеон, кој требаше да дојде кај него. Понекогаш тој го гледаше Симеона како во бели кошули со кола доаѓа во манастирот, а понекогаш како лета во воздухот и кружи над манастирот, а понекогаш како стои на светиот столб и со столбот се приближува кон манастирот. Овој блажен Јован гледаше и ангели, кои му укажуваа на тоа дете, и му говореа:

- Ете, преку него ти ќе добиеш спасение.

Тие виденија игуменот Јован им ги раскажуваше на монасите кои живееа со него.

А кога со Божјо раководство во неговиот манастир дојде блажениот Симеон, монасите се восхитуваа како толку мало дете, кое едвај има шест години, можело само да оди низ таквата пустина и да го пронајде манастирот. Игуменот, пак, Јован, штом го здогледа Симеон од својот столб, веднаш го препозна во него детето кое толку многу пати го виде во своите виденија, и многу му се израдува. Призивајќи го кај себе, Јован го зеде во рацете, го бакна и со солзи Му благодареше на Бога. Детето имаше многу убаво лице, руса коса, очиња светли и мили, и целата негова појава зрачеше со душевна добрина. Тоа беше кротко, молчаливо, на одговор брзо, во збор паметно, преполно со небесни дарови. И живееше Симеон во тој манастир одвоено, држејќи ја својата уста во молчење. Неговото постење беше такво што земаше по малку расквасена леќа, и пиеше по малку вода, некогаш после три дена, некогаш по седум, а некогаш и по десет дена. Блажениот игумен Јован Столпник многу се восхитуваше на тоа.

Во тој манастир живееше еден прост овчар. Кога го виде натприродното постење на Симеон, во него пламна ѓаволска завист и намисли да го убие. Но, кога својата зла замисла сакаше да ја спроведе на дело, раката му се исуши, тешко се разболе и беше на умирање. Тој со каење го исповедаше својот грев и на игуменот и на блажениот Симеон. Безазлениот Симеон не само што му го прости гревот, туку и се помоли на Бога за него, се допре до неговата исушена рака и веднаш го исцели. Од тогаш игуменот и браќата многу го почитуваа ова блажено дете, бидејќи видоа дека Господ уште од мајчината утроба го избрал и осветил за Своја служба.

По некое време блажениот Симеон ги замоли браќата да му изградат столб во близина на столбот на ава Јован. Браќата веднаш го сторија тоа, и седумгодишното дете се искачи на тој столб, бидејќи претходно преподобниот Јован го замонаши. И стоеше на столбот, подражавајќи го својот отец ава Јован столпникот. Во почетокот на неговото столпничко стоење Му се јави Господ како Дете, блескајќи со неискажана красота. Кога го здогледа Божественото Дете во душата му се распламти љубов кон Него, зашто препозна дека е Господ. И се осмели да го праша:

- Господи, како Те распнаа евреите?

А Господ, раширувајќи ги своите раце крстолико, му рече:

- Ете, така ме распнаа евреите. Всушност, Јас самиот благоволив да бидам распнат. А ти, држи се машки и биди истраен, сораспниувајќи се со Мене во сите денови на својот живот.

Од тогаш Божјиот угодник Симеон заборави на своето тело, и се уподобуваше на бестелесните сили, водејќи ангелски живот и надминувајќи го во подвизите својот старец. Старецот Јован пееше секоја ноќ по триесет псалми, а Симеон по педесет, по осумдесет а понекогаш и целиот Псалтир го завршуваше за една ноќ, ни за момент не предавајќи му се на сонот. Исто така тој по цел ден Го славословуваше Бога. А старецот, штедејќи го и плашејќи се да не изнемоште од многуте подвизи, го советуваше говорејќи му:

- Чедо, престани со трудот кој ја надминува човечката сила, зашто ти и нам не ни даваш да одмориме. Доволно ти е што од пелени си се сораспнал со Христос. А треба донекаде макар малку да се грижиш и за своето тело, давајќи му по малку сон и храна, за да можеш до крај да го издржиш напорниот подвижнички живот. Храната не го сквернави човекот, како што самиот Господ вели во Светото Писмо:

„Секоја билка која што може да се јаде ви ја дадов за храна“ (Мојсеј 9, 3).

Блажениот Симеон му одговори на старецот:

- Иако храната не го сквернави човекот, сепак раѓа нечисти помисли, го помрачува умот, вкоренува страсти, го претвора духовниот човек во телесен, приковувајќи му ги мислите за земните желби. А ние треба и дење и ноќе да се поучуваме во законот Божји, и да се плашиме да не нѐ дофати прелеста да паднеме во униние, како што вели пророкот: „Задрема душата моја од униние“ (Псалми 118, 28). Особено е потребно со недремлива бодрост да ја отвораме својата уста за славословење на Бога, за да ја привлечеме благодатта на Светиот Дух одозгора. Всушност, што ќе ти се тебе, оче, моите зборови? Јас за себе самиот, а не за други, ги пропишувам овие закони, зашто мене ми е неопходно да го скротам своето младо тело со таква суровост.

Старецот се восхити од така паметниот одговор на младото дете.

Еднаш кога Симеон беше осветлен со светлината на Светиот Дух, му беше откриено целото ѓаволско царство и сите негови сонувања:

Тој го виде самиот врховен кнез на темнината, кој седеше на огромен престол, со блескава круна на главата и пред него војски од демони. А пред нив имаше злато, сребро, скапоцени камења, бисери, - и сето тоа беше некако калливо. Од сите страни се слушаа труби, свирки, а се гледаше и гревот во облик на прекрасни девојки, по кои како слуги одеа искушувачи и ги поттикнуваа и наведуваа луѓето на грев: духот на расипаноста, духот на нечистотијата, духот на мрзливоста и духот на среброљубието, со раширени ненаситни челусти, сакајќи да го проголтаат целиот свет. Тие духовни искушувачи се трудеа и Симеон да го наведат на гревољубие и го повикуваа на грев со разни лукави зборови. Но, тој се оградуваше со крсниот знак и го призиваше името Христово. Така ги избрка од себе тие демонски привиденија, како што сончевата светлина ја брка темнината. А кога погледна кон црквата, Симеон виде како од престолот Божји излезе слава Божја и го осветли. Притоа кај него од црквата беше испратен еден од патријарсите со миомирисно миро во рацете. Откако го излеа мирото врз главата на Симеон и го помаза, патријархот му рече:

- Со силата на ова помазување ќе ги истеруваш демоните. Опашувајќи се со вишна Божествена крепост, ти ќе ги победуваш. Затоа биди храбар, надевај се во својот Создател, и синот на беззаконието нема да ти наштети. Од тој час блажениот Симеон доби власт над нечистите духови, започна да ги истерува од луѓето, и да исцелува од секоја болест.

Еден ден слугата Божји Симеон Столпник му рече на својот блажен старец Јован Столпник:

- Оче, не така одамна, Господ ми го откри царството на сатаната, и неговите погубни богатства. И јас ги видов лукавствата негови, со помош на кои тој води борба со доблесните луѓе.

Јован му одговори:

- Чедо, Бог нека те сочува од замките негови!

На тоа Симеон му рече:

- Макар што проклетата сатанска сила ревносно се труди да ни причини многу зла, нема да успее.

А старецот, гледајќи дека детето не се плаши од демонските искушенија, и плашејќи се да не падне во гордоумие, му рече:

- Во секој случај, чедо, ние треба да се плашиме од најразличните сатански замки, и да не се потпираме на својата доблест, зашто нашиот непријател се облекол во железни чизми, и непрестајно плете замки за монасите, и штом најде погоден момевт, веднаш силно напаѓа и започнува страшна борба против монахот. Затоа нам ни е потребно многу да Му се молиме на Бога, и да Го призиваме на помош, секогаш да биде со нас и да ја уништи сета вражја сила.

Додека двајцата така разговараа, сатаната јаросно зачкрта со забите кон младиот подвижник. Потоа започна да го плаши со страшни привиденија, претворајќи се час во лути змии, час во јаросни ѕверови, и напаѓајќи го и дење и ноќе, како да сакаше да го проголта. А блажениот Симеон, потпирајќи се на својот Севишен Помошник и оградувајќи се со крсниот знак, говореше: „Нема да се уплашам од ноќните стравотии, од стрелите што летаат дење, чумата што пустоши во темнина доаѓа во мракот, од зараза што пустоши напладне“ (Псалми 90, 5-6).

Една ноќ, во месец декември, во втората ноќна стража, собирајќи ја целата своја војска, ѓаволот ненадејно со силна врева го нападна свети Симеон. Го искрши кровот над блажениот и го фрли од столбот. Но, раката Господова го чуваше детето. Симеон стоеше покрај столбот не само неповреден, туку и бестрашно спокоен. Потоа ѓаволот наведе од морето бучен ветар со страшни громови и молњи, кои цела ноќ удираа во Симеоновиот столб. Преподобниот Јован, мислејќи дека Симеон загинал од страшните громови, плачеше и ги повикуваше монасите да појдат да видат дали детето е живо. Но, монасите не се одзваа, оти не смееја да излезат од своите ќелии, плашејќи се од тие стравотии. Меѓу нив имаше и такви, кои, поттикнати од ѓаволот, гаеја завист спрема Симеона. Тие си зборуваа меѓу себе:

- Каде е сега неговиот пост што ги надминува човечките сили? Каде се подвизите негови? Каде му е чудотворството? Сега нека си помогне самиот!

А кога блажениот Симеон го слушна својот старец како плаче по него, му викна:

- Не тагувај за мене, оче. Чуван со благодатта Христова, јас ни најмалку не настрадав, а ѓаволот е посрамен.

Кога се раздени, монасите се упатија кон Симеоновиот столб, мислејќи дека ќе го најдат мртов. Но, кога го здогледаа детето живо и весело, со блескаво лице како ангел Божји, тие се засрамија. Прекорени од старецот Јован, посрамени се повлекоа во своите келии.

Антиохискиот архиепископ Ефрем слушна колку суров живот води блажениот Симеон, и веднаш дојде да го види. И кога го виде малото дете толку совршено во доблестите и сораспнато со Христос, со солзи Го прослави Бога. Кога се врати во Антиохија, тој на сите за поука им кажуваше во какви сурови подвизи го минува животот слугата Божји - детето Симеон. Оттогаш многу монаси и мирјани започнаа да доаѓаат кај блажениот Симеон, едни за да го видат, други за да се насладат од неговите богодахновени поуки, а трети да се исцелат од своите болести кај бесплатниот лекар и исцелител.

Во една прилика блажениот Симеон измоли јаже од едни свои посетители, и кришум толку цврсто го премота околу своето голо тело, така што јажето му се врежа до коските, многу крв му течеше од раните и од крвта власеницата му се прилепи за телото. Телото започна да му гние, а тој јуначки трпеше. Најпосле неговото тело започна да смрди, и браќата кои се искачуваа кај него на столбот, на почетокот не знаеја од каде доаѓа таквата смрдеа. А кога едвај дознаа за тоа, веднаш го известија ава Јован. Тој изнегодува против таквиот подвиг и нареди да се отстрани јажето од неговото тело, и му запрети да не се подложува на толку лути маки.

Блажениот Симеон поседуваше и благодат на учење, кое како река се излеваше од неговата уста. Старецот Јован ги свикуваше браќата и му наредуваше на Симеон да искажува поуки, па и самиот со радост го слушаше. И малото дете им беше мудар учител на старите монаси, зашто преку неговата уста дејствуваше Светиот Дух. Сите се восхитуваа на благодатната мудрост што излегуваше од неговата уста, а старецот го нарекуваше нов Давид. Тој го раскажа и своето видение што на сон го имал за него. Видов, раскажуваше тој, некоја Божествена сила која во својата десна рака држеше саќе мед, од кое се слеваше мед врз главата на детето Симеон.

Еден старец праша еден од браќата, покажувајќи кон столбот на Симеон:

- Има ли гулаби на тој столб?

Браката му одговорија:

- Нема.

Тогаш старецот рече:

- Јас видов како светлосен гулаб слета кај детето низ вратичката, а по некое време излета кон небото.

Додека тие разговараа, блажениот Симеон беше во восхитување: Тој се виде себеси како вознесен во висините на крилја, ги облетува сите краеви на вселената. Потоа се виде себеси искачен високо по седум лествици, каде, слично на светиот апостол Павле, виде што око не виде, и што уво не чу (1Кор. 2, 9). На враќање, тој го праша својот водач:

- Што е тоа што го видов?

Тој му одговори:

- Тоа се седумте небеса на кои што беше вознесен. Потоа свети Симеон го виде рајот, и прекрасни градини, и пресветли и преголеми палати, и извор од кој извираше миро. Таму не виде никого освен Адам и благоразумниот разбојник.

Кога си дојде на себе, Симеон му раскажа на својот старец сѐ што виде. Откако го сослуша, старецот му рече:

- Чедо! Благословен е Господ Кој ти даде таква благодат!

Меѓутоа детето Симеон сѐ повеќе напредуваше во подвижничките трудови. Кога кај него ќе дојдеше некој необлечен, тој му ја даваше својата облека, а самиот остануваше гол. Така постапуваше не само лете, туку многупати и зиме. Старецот Јован го облекуваше, иако со незадоволство, за да не умре од студ, а малиот Симеон плачеше удирајќи се во градите, и велеше:

- Тешко мене бедниот. Светите Четириесет Маченици! заради Христа претрпеа мраз и лед во езерото, а јас не можам да се удостојам ни најмалку да мрзнам на мразот. Како ќе се избавам од вечното чкртање со забите? Како ќе добијам удел со светите?

И долго ридаше поради тоа, а старецот Јован огорчено му рече:

- Што уште би сакал да сториш со себе, Симеоне? Само нож ти недостасува, па самиот да се убиеш!

По извесно време Симеон си измисли вакво мачење. Седна на нозете и не стана цела година, така што бутовите и листовите му изгнија и огромна смрдеа излегуваше од тоа. Ава Јован повика лекар да му ги излечи раните, а Симеон низ насмевка рече:

- Живее мојот Господ! До мене нема да се допре рака и помош човечка.

И Господ одненадеж го оздраве, и тој застана на двете нозе потполно здрав, без трага од раните. А тој, благодарејќи Му на Бога, долго стоеше на колена.

На празникот Света Педесетница, наутро, блажениот Симеон го праша преподобниот Јован:

- Оче, кој е достоен да го прими Светиот Дух, како што го примија светите Апостоли во огнени Јазици?

Старецот му одговори:

- Не барај го тоа што е над тебе, и не испитувај го недостапното за сознанието, туку размислувај за она што ти е заповедано.

На тоа Симеон рече:

- Пишано е: „Господ им ја исполнува молбата на оние, кои се бојат од Него, ги услишува молитвите нивни, и ги спасува (Псалми 144, 19).

Откако го рече тоа, тој ги крена очите кон небото и од сѐ срце се помоли, говорејќи:

- Господи, Ти Духот Твој Свети си им го испратил на Своите свети Ученици и Апостоли. Испрати ми го дарот на благодатта Твоја и на мене, и вразуми ме да се научам на заповедите Твои и да изговарам зборови за вечниот живот, оти Ти си моќен во устите на доенчињата да направиш пофалба за Себе.

Додека свети Симеон така се молеше, веднаш врз него слезе Светиот Дух, во вид на свеќа што гори и го исполни неговото срце со премудрост и разум. И тој зборуваше многу работи од Божественото Писмо, и никој не можеше да се противи на Духот на Премудроста кој живееше во него. И не само усмено, туку и писмено тој изрекуваше душекорисни зборови за монаштвото, за покајанието, за воплотувањето Христово, и за идниот Суд. Освен тоа, тој јасно толкуваше и многу неразбирливи места од Светото Писмо. Старецот Јован многу се восхитуваше на таквиот дар Божји во малото дете, и говореше:

- Зборот Господов го потврди (Пс. 104, 19). Сега сфатив дека тој ќе направи прекрасни дела, славни како и делата на Апостолите.

Се восхитуваа и останатите монаси, и започнаа да се плашат од него, поразени не само од неговото учење, туку и од чудесата што ги чинеше. Некои од тие монаси во сон видоа три дворца, и во нив три престола, и на престолите три круни. А кога прашаа за кого е подготвена таквата слава, се чу глас кој говореше:

- За детето Симеон!

Блескајќи со својот живот како сонце, преподобниот Симеон сѐ повеќе се искачуваше од земното кон небесното. Тој посака повисок столб со кој повеќе би се доближил до небото. И му беше изграден друг столб, кој имаше четириесет скалила во висина. Додека се подготвуваше да се искачи на тој столб, за тоа слушнаа антиохискиот архиепископ и селевкискиот епископ и дојдоа во манастирот со својот клир. Тие со запалени свеќи побожно го зедоа божественото дете Симеон, го одведоа во црквата и го посветија за ѓакон. Потоа со пеење на псалми и песни го искачија на високиот столб. И стоеше блажениот Симеон на тој столб осум години. А старецот Јован плачеше оти не го гледаше лицето негово. Симеон водеше натприроден живот на тој столб, уподобувајќи се на херувимите и славословувајќи Го Бога без престан.

Но, за ниедно тело да не се фали пред Бога, сатаната, со допуштање Божјо, поведе тешка телесна борба против него.

Всушност, сакаше во сонот со привиденија да го оскверни. Но, Симеон јуначки се противеше на искушението, не им даде сон на очите свои, И со многу солзи се молеше на Господа да му биде помошник против врагот и да го заштити. И виде Симеон еден светол, чесен, сед, во свештеничка риза облечен човек, како слегува од небото со путир на Божествените Тајни на пречистото Тело и Крв Христови, и воздухот се исполни со неискажлив мирис. И кога тој светол човек му пријде, го причести со Светите Тајни и му рече:

- Биди храбар, и јуначки нека се држи срцето твое! Од сега нема да те вознемируваат привиденијата во сонот, само будно внимавај на своите мисли и надевај се во Бога.

Од ова видение свети Симеон беше преполн со радост и неизречива сладост, и Го фалеше Бога.

Кога се приближи блажената смрт на неговиот старец ава Јован Столпник, блажениот Симеон го предвиде тоа и му испрати ваква порака:

- Не тагувај, оче, кога ќе слушнеш за денот на твоето заминување, зашто смртта е општ удел за сите луѓе. Дознав дека денес Христос Бог те повикува на одмор, за по своите трудови да се одмораш со Светите. Затоа, оче, дај ми Авраамов благослов, и спомни ме кога ќе отидеш да се поклониш пред престолот на славата на Пресветата и Единосуштна Троица. Помоли се за нас, за, победувајќи го светот да го добиеме Царството Небесно, и во него да се видиме еден со друг.

Ава Јован не се посомнева во вистинитоста на оваа порака, ниту пак се исплаши, оти беше подготвен за смртта, иако во тоа време беше потполно здрав со телото. Тој му возврати на Симеона:

- Чедо мое, нека те благослови Бог Отецот, Кого Го бараше, и Единородниот Син Очев, Кого си Го засакал, и Животворниот Дух, Кого со цело срце си го сакал! Едното Божество на Света Троица нека ти биде тврдина и заштита. Тоа нека те упати и утеши! Нека бидат благословени оние кои тебе те благословуваат, и нека бидат проклети оние кои тебе те проколнуваат! Нека Господ ти ја умножи честа и славата, што мене, твојот духовен отец, ме почитуваше како телесен татко! Нека најде благодат и милост од Господа и твојата блажена мајка, која многу пати ми послужи.

Присутните браќа се исплашија од овие зборови, па го прашаа блажениот Јован:

- Што тоа, оче, го заветуваш детето Симеон?

Старецот одговори:

„ Јас сакам сите да бидат подражавачи на Симеои во пламената љубов кон Бога, и да се удостојуваат на молитвена помош од ова дете, кое е избран, голем, и драгоцен сад Божји.

Потоа ава Јован ги поучи браќата, се помоли на Бога за нив, па легна како да сака да отспие малку, и набрзо заспа во слаткиот сон на блажената смрт, без ни најмалку да боледува. Така им се придружи на светите Отци.

По претставувањето на својот блажен старец Јован, свети Симеон се оддаде на уште поголеми трудови. Уставот на неговиот живот беше ваков: од рано утро па до три часот попладне, тој се молеше. Од три часот па до зајдисонце се занимаваше со читање и препишување на книги. По зајдисонце повторно започнуваше да се моли, и целата ноќ ја минуваше без сон, во непрекината молитва сѐ до зори. На изгрејсонце тој на сонот како на слуга му наредуваше да му пријде на кратко време. И откако многу малку ќе подремеше, повторно се будеше и го започнуваше своето вообичаено молитвено правило. За време на молитвата тој во својата десна рака држеше темјан, кој без жар чадеше и од себе испушташе миризливо кадење. Понекогаш во воздухот се слушаа гласови на огромна маса народ, која му припеваше и извикуваше: „Алилуја“. Тоа беа свети Ангели. Често многу денови и ноќи минуваше без да дремне. Еднаш триесет дена и триесет ноќи воопшто не задрема, молејќи Го Бога сосем да го земе сонот од него. И му беше речено од благодатта Божја: „Потребно е макар со краток сон да го одмораш своето тело“.

Но, ѓаволот, не можејќи да го гледа таквиот подвиг на Симеон, повторно се нафрли врз него со целата своја војска, обидувајќи се да го заплаши со разни привиденија: некогаш се претвораше во змија, некогаш во разни ѕверови, кои му се нафрлаа за да го каснат, а некогаш се претвораа во необични птици со детски лица, кои му налетуваа во лицето. Понекогаш, пак, се појавуваа во вид на огромна војска која јуриша кон него, сакајќи да го фрли од столбот и столбот да го собори на земјата. Еднаш ѓаволот со огромен камен удри во столбот, и тој се настрани готов да падне, но невидлива сила Божја го задржа и исправи. Тој излезе пред него и како девојка црнкиња, црна и бесрамна, која се трудеше да го прегрне, и говореше:

- Уште еднаш се борам со тебе, и ако ме победиш ќе заминам одовде на некое време.

Сите овие демонски привиденија свети Симеонги прогонуваше со молитвата и со светиот крст. Тој имаше и прекрасно божествено видение: го виде небото отворено и во него нашиот Господ Исус Христос, опкружен со неискажлив сјај како огнен пламен. Од неговата десна страна стоеше Архангел Михаил, а од левата Архангел Гаврил. Пред неговите нозе имаше црвен облак. Кога го виде тоа, свети Симеон му се поклони на својот Господ и ги пружи своите раце кон Него, молејќи Го, според Својата добрина да му дарува да донесе добри духовни родови. А Господ Христос три пати го благослови со своите божествени прсти. Симеон, погледнувајќи долу, на земјата виде мноштво демони во разни облици: едни беа како вепрови, други како кози. И Господ му даде власт над сите тие демони. Во знак на таа власт, во рацете на Симеон слезе палмов жезол од Господа. И веднаш мноштвото демони побегна.

Блажениот Симеон ги истеруваше злите духови од луѓето, исцелуваше од сите болести, па и мртви воскреснуваше. Така, во една прилика кај него дојде еден човек на кој му беше умрел синот. Тој човек застана под столбот на светителот, и со солзи викаше, молејќи го да се смилува и да Му се помоли на Бога за неговиот мртов син. А светителот, откако Му принесе молитва на Бога, му рече на човекот:

- Оди си во името Господово! Твојот син е жив!

Човекот им поверува на неговите зборови, си отиде, и го најде својот син воскреснат од мртвите. Тогаш го поведе, со неопислива радост го одведе кај светителот и му принесе благодарност на Бога и на неговиот угодник.

Потоа свети Симеон повторно го виде нашиот Господ Бог, пред Кого стоеја чинови на Ангели. Притоа, првите Ангели во рацете држеа царска круна украсена со скапоцени камења, а на врвот на круната имаше крст кој блескаше како молња. Со таа круна светите Ангели сакаа да го крунисаат Симеон, но тој им рече:

- Не одземајте ми ја власеницата во која се облеков заради Христа.

Ангелите му рекоа:

- Затоа прими ја круната што ти е подготвена во Царството Христово, облечи се во благодатта на Светиот Дух како во порфира, и ќе се зацариш со останатите светители во бесконечното Царство.

А блажениот Симеон, погледнувајќи во Господа, рече:

- Господи и Творецу на сѐ, бидејќи си наумил мене недостојниот да ме удостоиш на славата на светиите Твои во царството Твое, тогаш ја молам Твојата добрина, направи повеќе да не употребувам земна човечка храна!

И Симеон го чу Господа како се согласува со неговата молба. И веднаш потоа му пристапија свети Ангели, му облекоа пресветла царска наметка врз испосничката власеница, му ја овенчаа главата со круната, и велегласно запеаја:

- Славен и преславен е Христос Бог, Царот на небото и земјата. Нека биде пофален и Неговиот слуга Симеон!

По ова видение свети Симеон воопшто не вкуси овоземна храна сѐ до крајот на својот живот, туку се хранеше со небесна храна што му ја носеше Агел. А какви, и колку чудеса направи свети Симеон, и колку чудесни беа делата негови, опишано е во опширната книга за неговиот живот. Овде се изнесува само малку од тоа.

Еднаш на свети Симеон му беа откриени сите зла што наското ќе го снајдат градот Антиохија и неговата околина: виде како ангел лета над градот Антиохија со меч во раката.

Тогаш тој повика кон Бога, од сѐ срце молејќи Го за градот, и посредувајќи пред Него, како втор Мојсеј, да го одврати Својот гнев од луѓето. И Господ му рече:

- Еве, врисокот на гревовите од овој град е пред Мене, и го крена Мојот гнев против себе. Затоа ќе го уништам тој град со оган, меч и смрт, и ќе го предадам како плен на неразумен народ.

Ова видение свети Симеон им го кажуваше на сите, и ги поттикнуваше на покајание. И навистина, по некое време Господ го крена против Антиохија персискиот цар Хозрој, дедото на Хозрој Младиот, кој го однесе во плен Животворното Дрво на Крстот Господов од Ерусалим. Хозрој дојде со огромна персиска и халдејска војска и жестоко го нападна градот Антиохија. А блажениот Симеон, стоејќи на столбот, штитен од Бога од нагрнатите варвари, усрдно се молеше на Господа да го одврати гневот Свој од градот, и да не го предава во рацете на непријателите. Но, не можеше да Го умоли Бога и да го стиши праведниот гнев Божји. Тој имаше вакво видение: наоѓајќи се во восхитение, тој пред себе виде пресветол крст, и при крстот два Ангела, во чии што раце беа затегнати две стрели. Ангелите му рекоа: „Овој крст ти го испрати Господ за заштита, и како знак на мир, зашто до тебе нема да допре гневот Божји. А стрелите се спремни да го одбијат непријателот, зашто ние сме одредени да те чуваме“.

Потоа свети Симеон повторно во видение виде дека градот е заземен и полн со непријатели, и од него се слуша лелек, плач и вик за помош. Многумина се сечат со мечеви, други се водат во ропство, некои скокаат од градските бедеми и бегаат... Меѓу последните свети Симеон виде и двајца монаси од неговиот манастир, кои, исплашени од варварската наезда го напуштиле манастирот и побегнале во градот. Сега, тој ги виде нив како со другите бегаат од градот, како варварите ги стигнуваат и едниот од нив со меч го убиваат а другиот во ропство го водат.

Тоа негово видение по неколку дена навистина се исполни. Антиохија беше заземена, со меч и оган опустошена, и мноштво народ во ропство беше одведен. Но, по молитвите на свети Симеон, многумина се спасија од тие стравотии: кога варварите со својата воена сила влегоа во градот низ главната капија, народот ги отвори северната и јужната капија на градот, сѐ уште не заземени од непријателот, и низ нив многумина побегнаа, а некои и од градските бедеми скокаа. Бегалците се криеја по горите и пустините, и ги сочува Божјото милосрдие, освен двајцата споменати монаси. Варварите доаѓаа и во гората во која се наоѓаа манастирот и столбот Симеонов, но се враќаа празни, оти гората биваше покривана со мрак и облаци, како некогаш Синајската Гора, та не се гледаше ниту столбот ниту манастирот. Многумина пак од варварите, спречени и уплашени од некоја невидлива сила, во ужас бегаа назад како да ги гони мноштво вооружени војници, зашто молитвата на светиот Симеон беше страшно и непобедливо оружје против непријателите. И ниту еден од монасите што се подвизуваа во манастирот со свети Симеон не претрпе никакво зло од варварските наезди, освен оние двајца монаси што од страв побегнаа во градот.

Кога варварите се повлекоа во својата земја, многу ранети доаѓаа кај свети Симеон, и тој сите ги исцелуваше. Освен тоа, многумина од одведените во ропство светителот со своите молитви ги избави од ропството, зашто на секој од заробениците, кој само што ќе го спомнеше името на светителот, веднаш му паѓаа оковите и тие минуваа меѓу вараварите без да бидат забележани, и се враќаа во својата татковина. Така и оној гореспоменат монах, чиј другар загина од мечот, беше спасен од ропството на таков начин, заедно со еден антиохиски војник. Монахот раскажа:

„Штом го спомнавме отец Симеон, и со солзи го повикавме на помош, веднаш сами од себе паднаа оковите од нас, и ние поминавме среде варварите, и никој ниту нешто нѐ праша, ниту нѐ попречи“.

Во близина на Антиохија, под гората крај патот, до наездата на варварите седеше еден слеп старец и просеше милостиња од минувачите. А кога варварите неочекувано нападнаа, еден од нив го удри старецот со мечот по вратот, и му нанесе смртоносна рана. Старецот се тркалаше во својата крв, со малку животен дух во себе. А свети Симеон, гледајќи го сето тоа со своите провидливи очи, испрати неколку монаси да му го донесат тој старец. Монасите отидоа, го положија старецот на една рогозина и го донесоа под столбот. Светителот зеде прашина од земјата, ја накваси со осветена вода, нареди да ја стават врз раната на старецот, и рече:

- Во името на Емануил, прилепи се главо за своето место и зацврсти се.

И веднаш старчевата глава застана на своето место, жилите се споија, главата се зацврсти, страшните рани исчезнаа, и старецот проговори. Заедно со тоа се отворија и неговите слепи очи. Сите што го видоа тоа се ужасуваа и Го славеа Бога.

По извесно време на преподобниот Симеон му здодеа вознемирувањето, бидејќи од сите страни му доаѓаше многу народ, кој му ги носеше своите болни, и така му го нарушуваа безмолвието. Тој намисли да го напушти столбот на кој стоеше осум години, и да премине на некое осамено место. Недалеку од таму се наоѓаше една многу висока и пуста гора, бидејќи во неа воопшто немаше вода. Никој не се искачуваше на неа, оти беше непроодна и безводна, и во неа живееја само диви ѕверови. Ете, на таа гора блажениот Симеон мислеше да се пресели. Додека размислуваше за тоа, Му се јави Господ со мноштво свети Ангели, слегувајќи во светол облак на таа гора, и му рече:

- Потруди се Симеоне, да се искачиш на оваа Прекрасна Гора. Од сега таа ќе се нарекува така, зашто врз неа изобилно ќе ја истакнам благодатта Моја во тебе, така што сите ќе се восхитуваат.

И веднаш беше посочен тој висок рид на планината, и каменот на кој стоеја нозете Господови. И се просвети тоа подножје од славата Господова како сонце, и Господ му нареди на Симеон да стои на тој камен.

По ова видение преподобниот Симеон ги собра браќата и им раскажа за благоволението Господово. Поставувајќи за игумен еден стар и искусен маж, Симеон се симна од столбот и се упати кон Прекрасната Гора, придружуван од браќата кои плачеа по него. А кога се приближи до посочениот рид, тој застана и долго време Му се молеше на Бога. Кога заврши со молитвата се слушна глас на мноштво Ангели кои воскликнаа: „Амин!“ Светителот им нареди на своите ученици на тоа место да постават камен крст, кој незаборавно ќе потсетува на ангелскиот глас што се слушна на тоа место.

Погледнувајќи кон ридот на Прекрасната Гора, тој го виде осветлен со славата Божја. Потоа со радост се искачи на него, и застана на оној камен, на кој во видението Го виде Господа како стои.

Во тоа време блажениот Симеон имаше дваесет години.

Но, светителот ни таму не најде мир од посетителите. Луѓето, кои утредента по неговото заминување дојдоа во неговиот манастир, многу плачеа оти не го најдоа. И кога дознаа дека се преселил на друга гора, сите со брзање се упатија таму, носејќи ги своите болни. Кога го здогледа народот, преподобниот Симеон многу се натажи што ни тука не му даваат да биде насамо со Бога. Меѓутоа, гледајќи ги нивните солзи се сожали, и ставајќи ги своите раце врз секој од болните со призивање на името Господово, тој ги исцелуваше и ги отпушташе здрави.

Се случи еднаш, еден лав кој живееше во таа гора да сретне еден човек кој одеше кај светиот Симеон, па му се нафрли да го растргне. Но, човекот, не можејќи да побегне од него, викна:

- Не прави ми зло, заради угодникот Божји Симеон!

И лавот, штом го слушна името Симеоново, веднаш се скроти и го остави. Човекот дојде кај светителот и му раскажа што му се случи, а останатите посетители се исплашија и го молеа светителот да го избрка лавот за да не ги плаши неговите посетители. Тогаш преподобниот го повика неговиот ученик Анастасиј, од кого истера седум ѓаволи, како некогаш Господ Христос, и му рече:

- Појди кај лавот во пештерата и кажи му: Во името Господово, слугата Христов Симеон ти порачува: оди си од оваа гора, за да не ги плашиш браќата кои доаѓаат тука.

Анастасиј отиде, го најде лавот во неговата пештера, и како на разумно суштество му ја кажа пораката на светителот. А лавот, исполнувајќи ја наредбата, веднаш отиде во друго далечно пусто место, никому не чинејќи му зло по патот.

Во тоа време зафати помор, та од разни болести умираа многу луѓе. Сфаќајќи дека тоа е поради гневот Божји, свети Симеон со солзи се молеше на Господа да се смилува. И му дојде глас од Господа, кој му говореше:

- Зошто твоето срце страда за тие луѓе? Зарем ти ги сакаш повеќе од мене? Но, бидејќи се намножија беззаконијата нивни, потребна им е казна. Сепак, за да не те натажам, ти давам власт да ги исцелуваш од секоја болест.

Му го рече тоа Господ на својот слуга Симеон, а луѓето го призиваа на помош неговото име, и во виденија го гледаа како ги посетува нивните домови, како ги осенува со крстот и ги исцелува. А кога си доаѓаа на себе од видението, тие се чувствуваа потполно здрави. Името Симеоново го призиваа палејќи кандила наполнети со масло, кадејќи темјан и молејќи се: „Христе Боже Наш, помилуј нѐ по молитвите на слугата твој Симеон, кој е во Прекрасната Гора!“ И добиваа милост од Господа. А оние што немаа доволно масло, налеваа малку во кандилото и го палеа, и тоа гореше без да се угаси три па и четири дена, како да му е долевано масло. Така во нивните кандила на чудесен начин не недостигаше масло заради призивањето на името Симеоново.

Еден ден на свети Симеон му беше откриено за блиската смрт на пресветиот Антиохиски архиепископ Ефрем. Тој ги собра браќата, ги извести за тоа и им наложи да Му се молат на Бога, зашто големиот столб на Црквата сака да падне. Но, браќата му одговорија:

- Ние слушаме дека архиепископот е здрав.

Утредента, по утрената (тој ден беше петок), свети Симеон повторно ги повика браќата и со умиление им рече:

- Светителот Божји Ефрем се претстави оваа ноќ. Видов како свети Ангели ја водеа неговата душа кон небото, која, минувајќи покрај мене, ме целиваше и ми рече: „Те молам, спомни ме во твоите молитви кон Господа“.

Преподобниот низ солзи додаде:

- Тешко на Атиохија, зашто сега го нема Ефрем! Тешко на градот, зашто од него се зеде Ефрем!

По претставувањето на блажениот Ефрем, Антиохискиот престол го зазеде Домн, кој дојде од Цариград. Домн беше немилостив спрема ништите. Кога дозна за тоа, преподобниот Симеон му прорече Божја казна. И навистина, тој наскоро се разболе: му се згрчија рацете и нозете, та не можеше ниту да оди ниту да работи, туку лежеше како труп.

Потоа на свети Симеон му беше откриено за новиот земјотрес што требаше да ја снајде Антиохија и да биде пострашен од првиот. Известувајќи ги посетителите за тоа, Симеон плачеше и Го молеше Бога да го одврати својот гнев. Во тој ден приквечер зафати силен земјотрес, така што паднаа градските бедеми и од темел се рушеа прекрасните високи градби. Тогаш многу граѓани беа затрупани под урнатините и усмртени, а останатите побегнаа во Прекрасната Гора, кај угодникот Божји, и со солзи го молеа да го скроти гневот Божји со своите богопријатни молитви. И кога светителот со големо усрдие се помоли на Бога, земјотресот престана. Тогаш тој од источната страна го виде небото отворено и од него излегуваше неискажана светлина, како знак на милосрдието Божјо спрема покајните луѓе.

Потоа, по наредба Божја, преподобниот Симеон подигна манастир и црква на Прекрасната Гора, што ги изградија луѓето кои тој ги беше исцелил, а ги имаше многу. Потоа измоли од Бога доволна количина вода за манастирските потреби, па со молитва ја умножи пченицата во манастирската житница, така што таа во текот на три години не се намалуваше, иако секојдневно се трошеше од неа за многубројниот народ кој доаѓаше од сите страни.

Подоцна преподобниот Симеон изгради и нов столб, на кој (како што со своите очи виде преподобниот) дојде самиот Господ Христос со свети ангели и го освети. Затоа блажениот праведник се качи на овој столб со голема радост, и стоеше на него сѐ до својата блажена смрт.

Кога имаше триесет и три години, во Божјо откровение му беше наредено да прими посветување за јереј, иако порано не го сакаше тоа. И по наредба Господова кај него дојде епископот Селевкиски, и го ракоположи за презвитер. По посветувањето свети Симеон чинодејствуваше со голема побожност, беспрекорно служејќи Му на Бога како ангел. Тој често имаше прекрасни виденија и откровенија од Бога. Ги претскажуваше идните случувања, прозираше во тајните дела и во тајните мисли човечки. Направи безброј чудеса и на земјата и по морето, јавувајќи се на јаве и во виденија. На слепите им даваше вид, губави очистуваше, хроми исправаше, демони од луѓето истеруваше, на ѕверовите устите им ги затнуваше, секоја болест ја лекуваше и мртви воскреснуваше, така што на него се исполнија зборовите Христови: „Кој верува во Мене, делата кои Јас ги вршам и он ќе ги врши“ (Јован. 14, 12). И навистина, во овој свет, Бог беше прекрасен во Својот прекрасен слуга Симеон.

Кога преподобниот Симеон наполни седумдесет и пет години од животот, однапред беше известен од Господа за своето заминување. Затоа ги собра браќата, опширно ги поучи, даде последен целив на секого од нив, и во ноќниот час, во кој обично од Ангелот ја примал донесената храна, тој ја предаде својата света душа во рацете Божји, на 24 мај во 596-та година, и отиде со Ангелите да се насладува на созерцанието на лицата Божји во бесконечното царство на Отецот и Синот и Светиот Дух, едниот во Троица Бога, Кому слава и сега и секогаш и низ сите векови, амин.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК СЕРАПИОН и со него КАЛИНИК, ТЕОДОР и ФАУСТА

Светиот маченик Серапион беше родум од Египет. Во времето кога свети Мелетиј го минуваше својот маченички подвиг, тој допатува од Египет, и кога ги виде оние што заедно со него беа подложени на маки, поверува во Христа. Поради тоа беше фатен и фрлен во темница, каде ангел Божји го постави за епископ, заради поучување на оние што имале желба да пострадаат за Христа. Тој ден блиските комити и војници на свети Мелетиј се собраа заедно, и со силен глас изјавуваа дека се христијани. Со тоа го разгневија управителот. На епископот Серапион и магепсникот Калиник, кои поверуваа во Христа, им ги отсекоа главите. Теодор и Фауст со многу други ги спалија, додека жените и децата беа искасапени од страна на џелатите со дрвени мечеви. Така светите маченици ги предадоа своите души во рацете на Господа.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК МЕЛЕТИЈ СТРАТИЛАТ

За време на царувањето на римскиот цар Антонин, светиот маченик Мелетиј беше стратилат. Водеше потекло од Галатија. Како христијанин, тој Му се молеше на Бога потполно да исчезне незнабожечката заблуда. Тогаш демоните, гледајќи ја својата пропаст, влегоа во кучињата и започнаа да ја оплакуваат својата погибел. Тие одеа насекаде завивајќи, и со тоа во луѓето влеваа страв. Но, свети Мелетиј со подрачните војници ги уби сите, и ги сруши незнабожечките храмови. Затоа Максимијан, управителот на градот во кој се наоѓаше светиот маченик, нареди да го фатат и започна да го присилува да им принесе жртва на идолите. Но, светителот не сакаше ни да чуе за тоа. Тогаш мачителот нареди да го тепаат со железни чекани. Потоа го обесија за едно борово дрво и го приковаа со клинци за него, од што тој се упокои. На комитите Стефан и Јован, како и на сите војници кои беа под негова управа, заедно со нивните жени и деца, им ги отсекоа главите со меч. Така овие свети маченици пострадаа за Христа и се преселија во царството на Христа Бога.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ НИКИТА СТОЛПНИК

Овој преподобен отец се роди и беше одгледан во градот Перејаслав Залески. Од мал се одликуваше со суров и лош карактер, ствараше нереди и им причинуваше многу зла на луѓето. Отимаше и крадеше. А такви, слични на него, беа и неговите другари. Еден ден, тој за време на вечерната богослужба сврати во црквата и слушна како се читаат зборовите од пророкот Исаија; „Вака вели Господ: измијте се, очистете се, отстранете ги своите зли дела од очите мои, престанете да вршите зло. Учете се да правите добро, барајте ја правдата, поправајте, бранете ги вдовиците. Ако не го правите тоа, мечот ќе ве изеде, зашто устата Господова така рече“ (Исаија 1, 16-17. 20).

Од овие зборови го спопадна страв и ужас. Тој се врати дома и цела ноќ око не склопи, размислувајќи за нив. Но, наредниот ден, по својата навика се упати кај другарите, се развесели во нивното друштво и ги повика на ручек кај себе. Потоа отиде на пазарот, купи намирници и ѝ ги донесе на својата жена да подготви ручек. Кога жената започна да го мие месото, забележа дека необично крв излегува од него. А кога го стави во тенџерето и започна да го вари, виде дека од него се пени крв и на површината испливува час човечка глава, час рака, час стапала. Ужасната, таа му кажа на својот маж. А кога тој пријде и погледна, го виде истото и застана како здрвен од ужас. Кога си дојде на себе длабоко воздивна и рече:

- Тешко мене! Многу грешев.

Потоа, молејќи се на Бога и леејќи солзи, тој излезе од дома и отиде во манастирот на светиот великомаченик Никита во близина на градот. Овде падна пред нозете на игуменот и рече:

- Спаси ја душата што пропаѓа!

Зачуден од необичната промена кај Никита, игуменот му рече:

- Испитај се себе си: остани три дена пред манастирските порти, плачи и исповедај ги своите гревови пред сите кои влегуваат и излегуваат од манастирот.

Никита постапи така. Три дена тој плачеше и се молеше, пред сите исповедајќи ги своите гревови. Потоа во близина на манастирот здогледа една бара зарасната во жбунови, полна со комарци и муви. Тој отиде таму, ја фрли облеката од себе, влезе гол во барата, седна во жбуновите и започна да се моли на Бога. По три дена игуменот испрати еден монах да види што прави Никита. Откако не го најде пред манастирските порти, монахот долго го бараше и најпосле го најде како лежи во барата, додека облаци од комарци и муви кружат над него. Монахот се врати во манастирот и му го кажа тоа на игуменот. Игуменот со браќата отиде кај Никита, и кога го здогледа во таква состојба што неговото тело беше невозможно да се препознае (крв течеше од него), му рече:

- Сине мој, што правиш со себе!

А Никита само повторуваше:

- Оче, спаси ја душата што пропаѓа!

Игуменот го внесе Никита во манастирот, го замонаши и го смести во една тесна ќелија, каде тој остана да живее во непрекинати молитви и пост, без воопшто да спие. Во тоа време ѓаволот започна да му нафрла страв по пат на разни виденија, но тој се оградуваше со крсниот знак, призивајќи го на помош светиот великомаченик Никита, и никому не зборуваше за тоа. Наскоро потоа Никита си направи столб близу црквата, и ископа тесна патека под црковниот зид, по која доаѓаше во црквата на молитва. За таквиот подвиг тој го доби од Бога дарот на чудотворството, така што болните што доаѓаа кај него добиваа исцеленија.

Во тоа време благоверниот черниговски кнез Михаил се разболе од фатеност. Кога слушна за свети Никита, тој им нареди на своите болјари да го одведат кај него. По пат го сретна демонот во облик на монах, и за себе рече дека е од истиот манастир во кој се подвизува и свети Никита. Кнезот го праша за преподобниот Никита, а демонот му рече дека тој е лажливец. Тоа многу го натажи кнезот. По некое време тој исти демон, само во друго обличје, повторно го пресретна кнезот на патот и му рече:

- Залудно се мачиш, кнезу, минувајќи така долг пат.

На километар пред манастирот, кнезот нареди да му постават шатор за да се одмори. Тој испрати во манастирот еден од своите болјари да го извести преподобниот за неговото доаѓање. Тогаш оној ист демон, преправен во монах слеп на едното око и со лопата во рацете, го пресретна испратениот болјар и му рече дека преподобниот умрел и дека тој веќе го погребал. Болјаринот ја почувствува измамата, му запрети на демонот со молитвата на светителот, и демонот остана како вкопан на местото каде што стоеше, а тој отиде кај столбот на светиот Никита, го извести дека кнезот пристигнал и му кажа за неговата тешка болест. Тогаш светителот му го испрати на кнезот својот стап. Земајќи го стапот во својата рака, благоверниот кнез Михаил застана на нозе потполно здрав, и пешки дојде до столбот на преподобниот, зеде благослов од него, и му раскажа за демонските искушенија што го снајдоа попат. Тогаш преподобниот му запрети на демонот со името Божјо, и му нареди јавно пред сите три часа да стои неподвижно крај неговиот столб, после што демонот се заколна дека никогаш повеќе нема да им чини зла на луѓето, и веднаш исчезна. Откако се исцели, благоверниот кнез Михаил од срце Му заблагодари на Бога и на светиот старец, богато го награди манастирот и се врати во својот град.

Така нашиот свет отец Никита, стоејќи на својот столб и непрестајно принесувајќи му молитви на Бога, им даваше исцеленија на сите кои доаѓаа кај него. Една ноќ кај него дојдоа негови роднини со молба да се помоли на Бога за нив. Кога ги видоа тешките вериги врз него, кои од долгото стоење врз телото се беа исчистиле и блескаа, помислија дека се сребрени. Помрачени од ѓаволот, тие се договорија да го убијат. Дојдоа кај столбот, го тргнаа кровот од него, влегоа внатре и го убија светителот. Потоа ги зедоа веригите и побегнаа. Пред утринската богослужба параеклисијархот по својот обичај дојде кај преподобниот да земе благослов од него, И кога виде дека го нема кровот од столбот, со брзање отиде кај игуменот да го извести. Кога дојдоа го најдоа телото на преподобниот сѐ уште топло, при што од него излегуваше прекрасен мирис. Тие го зедоа и со кадење и пеење псалми свечено го погребаа во црквата на светиот маченик Никита, од десната страна близу олтарот. Притоа сите болни што се затекнаа тука се исцелија.

А расипаните убијци, бегајќи со украдените вериги, брзо стигнаа до реката Волга. Тука видоа дека трите чесни крста и тешките вериги се од железо и ги фрлија во реката кај градот Јарослав, близу манастирот на светиот апостол Петар. Првата ноќ потоа еден монах од тој манастир, по име Симеон, на тоа место недалеку од брегот здогледа три блескави столба, кои се протегаа од земјата до небото, и од себе испуштаа светлосни зраци. Монахот му го раскажа тоа на архимандритот, а тој го извести градоначалникот. И тие, следени од многуброен народ, се упатија на тоа место и ги најдоа чесните вериги на преподобниот, кои на чудесен начин, како суво дрво пливаа по површината на водата. Тие ги зедоа со стравопочитување и со пеење на псалми, и ги однесоа во градот. На патот сретнаа еден хром човек, кој се влечеше по земјата. Го осенија со крстовите што беа на веригите, и тој веднаш застана на своите нозе потполно здрав. Освен тоа и многу други болни кои пателе од разни болести добија исцеленија од неговите веригите. По извесно време преподобниот Никита му се јави на споменатиот монах Симеон, и му рече:

- Овој чесен знак на моите подвизи наскоро нека биде пренесен и положен на мојот гроб.

После тоа веригите на преподобниот беа свечено пренесени од градот Јарослав во градот Перејаслав, и положени на неговиот чесен гроб. На сите кои со вера доаѓаат, Тие им даваат исцеленија во слава на нашиот Господ Исус Христос.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ МАРКИЈАН, ПАЛАДИЈ И СУЗАНА

Пострадаа со светиот маченик Мелетиј.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ФИСТ, МАРКЕЛ, МЕЛЕТИЈ, СЕРГИЈ, МАРКЕЛИН, ЈОВАН, ФИЛИКС, ФОТИН, ТЕОДОРИСК, МЕРКУРИЈ, СТЕФАН, СЕРАПИОН И ДИДИМ

Пострадаа заедно со светиот маченик Мелетиј.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ КАЛИНИК И ХРИСТИЈАН

Светите маченици Калиник и Христијан беа деца кои пострадаа со светиот маченик Мелетиј.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ КИРИЈАК МОНАХОТ

Неговиот гроб и храмот од петнаесеттиот век посветен на него се наоѓаат во селото Евриха близу Левкосија (Никозија) на Кипар, каде на овој ден се врши неговиот спомен.