7. Јуни (25. Мај)
ТРЕТО НАОЃАЊЕ НА ЧЕСНАТА ГЛАВА НА СВЕТИ ЈОВАН КРСТИТЕЛ
Чесната глава на свети Јован Крстител пред многу години беше сокриена на свештено место. Сега, со укажување Божјо на еден свештеник, беше пронајдена во едно сребрено кивотче. Во осмиот век, во времето на лутото иконоборство, главата на Светиот Крстител беше пренесена во Коман во Кападокија, местото на прогонството на светиот Јован Златоуст. Но, во 850-та година, кога во времето на царот Михаил и патријархот Игнатиј иконоборството престана, чесната глава на свети Јован беше пренесена во Цариград и положена во придворната царска црква. Преподобниот Теодор Студит (кој се слави на 11 ноември) има одржано прекрасна пофалба во чест на ова трето наоѓање на чесната глава на Светиот Крстител. Веројатно светата глава на Преттечата и Крстител Господов била и во неговиот Студитски манастир.
СПОМЕН НА СВЕЈИОЈ МА ЕПИ КЕЛЕСТИН
Пострада за Господ Христос избоден со железа.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ТЕРАПОНТ
Свети Терапонт беше монах кој се удостои на епископскиот чин на островот Кипар. Во времето на гонењето на христијаните од страна на незнабошците, тој јуначки пострада за светата вера и доби маченички венец од нашиот Господ Христос. Неговите свети мошти најпрвин почиваа на Кипар, и чинеа многу чудеса, но потоа беа пренесени во Цариград од следната причина: Кога со допуштање Божјо, во времето на царот Никифор во 806-та година, Агарјаните пустошеа низ многу источни покраини и ги водеа луѓето во ропство, наближија и до островот Кипар, со исто таква намера. Тогаш свети Терапонт му се јави на својот црковник и му рече:
- Оди брзо, земи ги моите мошти и однеси ги во Цариград, зашто непријателот Христов сака да дојде на овој остров и да го опустоши. За тоа извести ги и останатите христијани, за да се сокријат од агарјанската наезда.
Црковникот веднаш ги извести христијаните за јавувањето на светителот, и тие бргу се подготвија за пат и направија нов кивот, во кој ги положија чесните мошти на свети Терапонт, ги зедоа со себе и се качија на коработ. По долго пловење морето го зафати страшна бура, и сите беа исплашени и вознемирени. Тогаш од кивотот на светителот започна да излегува прекрасен и силен мирис, кој како тенок облак го исполни коработ, се разлеа по морето и тоа веднаш се смири. А црковникот, кој со голема љубов го чуваше кивотот со чесните мошти на светителот, чу глас од кивотот кој го повика по име. Тоа го слушнаа и останатите. Тогаш сите со страв и побожност му пристапија на кивотот, и видоа како миризливо миро тече од чесните мошти и го исполни целиот кивот. Тогаш христијаните го собраа тоа миро во стаклени садови, и со вера се помазуваа со него за исцеление на своите души и тела.
Кога стигнаа во Цариград, мироточивите мошти на свештеномаченикот Терапонт ги положија во црквата „Пресвета Богородица“. Тоа се случи во осумстотини и шестата година, за време на царувањето на Никифор I. По некое време, поради многуте чудеса кои биваа од тие чесни мошти, христијаните изградија посебен храм во име на светиот свештеномаченик Терапонт, и во него ги пренесоа и положија светите мошти на угодникот Божји.
Од многубројните чудеса на овој угодник се запишани многу малку. Овде ќе наведеме неколку од нив.
Еден човек по име Флорин, кој патеше од легион нечисти духови, се избави од ѓаволското насилство штом им пристапи на моштите на маченикот Терапонт и се врати во својот дом потполно здрав. Тој раскажуваше дека видел како некаков тенок и многу миризлив чад излегува од кивотот на маченикот, и легионот, не можејќи да го поднесе тој мирис, побегнал како некој да го тепа и гони.
Анастасиј, жител на градот Виксинија, многу години имаше исушена рака, која му висеше од рамото како мртва и некорисна. Кога дојде во црквата на свети Терапонт, тој се исцели во денот пред Богојавление. Раката му зајакна и стана здрава, и тој пред сите со неа наполни сад со осветена вода. Тогаш сите присутни Го прославија Бога, прославениот во Својот свет угодник Терапонт.
На еден човек по име Георгиј, десетар во војската, од ѓаволската пакост лицето му беше свртено назад и беше слеп на едното око. Молејќи се на мачениковиот гроб, Георгиј брзо доби исцеление. Лицето му се врати на своето место и окото му прогледа, за што многу му благодареше на својот бесплатен лекар.
Еден фатен човек Теодор беше донесен во црквата на свети Терапонт. Задремувајќи, нему во сонот му се јави свети Терапонт, давајќи му леб и чаша вино. Земајќи го тоа од рацете на светителот, тој веднаш се разбуди и во себе почувствува сила и потполно оздравување, па стана славејќи Го Христа Бога и светиот маченик Негов, и говорејќи:
- О, колку лесно и брзо, свети оче Терапонте, ти ја исцелуваш секоја болест!
Родители го донесоа во храмот на светиот Терапонт своето девојче, кое се беше родило со сраснати нозе, свиткани наназад и прираснати со телото. Кога родителите со солзи се молеа крај моштите на светителот, на девојчето веднаш му се разделија и исправија нозете, и тоа започна да оди. И порасна девојчето славејќи Го Бога.
Една жена по име Марија, доби неизлечива болест наречена рак. Тешко болна, и губејќи ја секоја надеж за оздравување, таа прибегна кон светиот Терапонт со усрдна молитва крај неговиот свет кивот, и доби брзо и потполно исцеление.
Друга жена, седум години болна од крвотечение, со вера пристапи кај свети Терапонт, и штом се допре до неговиот кивот, веднаш се почувствува здрава.
Повторно друга жена, која патеше од водена болест, дојде во храмот кај моштите на свети Терапонт. Задремувајќи, таа во сонот виде како маченикот со некаква маст ѝ го премачкува болното место. Тргнувајќи се од сонот, таа виде како од болното место ѝ истекло многу гној и се почувствува потполно здрава.
Војникот Стефан, од ерменската војска, многу страдаше со телото, бидејќи беше згрчен и свиткан кон земјата. Од иста таква болест патеше и друг војник по име Теодор. Кога и двајцата со вера и молитва прибегнаа кон чесните мошти на свети Терапонт, тие оздравеа.
Еден губав човек дојде на гробот на светителот и се исчисти од губата, па Му благодареше на Бога.
Еден учен човек, кој на градите имаше опасен и голем оток, кога во молитвата задрема крај кивотот на светителот, виде како светителот му става завој на отокот. Кога се разбуди, тој почувствува дека му е многу полесно, а по еден ден неговата болест целосно исчезна, и тој си замина здрав, фалејќи Го Бога.
И многу други болести и премногу страдања се исцелуваа од помазувањето со мирото, кое излегуваше од чесните мошти на угодникот Божји Терапонт. Со тоа миро и ѓаволи се истерува од луѓето, и смртно болни се враќаа во живот, по молитвите на свештеномаченикот Терапонт, а со благодатта на нашиот Господ Исус Христос, Кому слава за навек, амин.
СТРАДАЊЕ НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ПАСИКРАТ И ВАЛЕНТИОН
Мачениците Христови Пасикрат и Валентион беа од градот Доростол Македонски, римски војници но христијани. Пасикрат имаше дваесет и две години а Валентион триесет. И двајцата млади но зрели со духот. Гледајќи како идолопоклониците се поклонуваат на камења а слабите христијани бегаат и се кријат, тие отворено објавија дека се христијани. Величајќи Го единствениот вистински Бог Господ Христос, тие ги проколнуваа бездушните идоли. Затоа идолопоклониците ги фатија и ги изведоа на суд пред епархот. Епархот ги приморуваше да им принесат жртви на идолите, но светите одлучно одбија. Пасикрат плукна во аполоновиот идол и рече:
- Вакво почитување му доликува на овој бог.
Затоа ги оковаа во тешки ланци и ги фрлија во темница. Војниците Христови им се радуваа на ланците како на златен царски накит, зашто се удостоија да ги носат за Христа. Потоа повторно ги изведоа на суд. Притоа пријде Папијан, братот на свети Пасикрат, кој пред тоа од страв беше отстапил од Христа, и започна да го наговара и тој да се одрече од Христа за да остане жив. Свети Пасикрат го турна и му рече:
- Оди си од мене! Ти не си ми брат, туку отстапник од верата Христова.
Потоа пријде до жртвеникот, ја стави својата рака во огнот, и му рече на епархот:
- Телото е смртно, но душата е бесмртна и не ја засегаат видливите маки.
Тогаш епархот го праша свети Валентион дали се согласува со Пасикрат. Тој изјави дека имаат исто убедување и дека е подготвен на секакви маки за Христа Господа. Заради тоа и двајцата беа осудени на обезглавување. Кога ги водеа надвор од градот кон губилиштето, Пасикратовата мајка одеше по нив, соколејќи го својот син бестрашно да ја прими смртта за Господ Христос, бидејќи се плашеше тој да не се исплаши, оти е многу млад. На губилиштето ги отсекоа нивните свети глави. Радосна и весела, мајката на свети Пасикрат ги зеде нивните тела и чесно ги погреба, славејќи Го Христа Бога.
Веднаш потоа настапија подвизите на другарите на Пасикрат, и тоа најпрвин на светиот Јулиј. Прашан од судијата дали е вистина тоа што го зборуваат за него, свети Јулиј му одговори дека е христијанин. Судијата го праша:
- Зарем не знаеш за царскиот указ со кој се наредува да им се принесува жртва на боговите?
Јулиј одговори:
- Знам, но јас сум христијанин и не можам да го правам тоа што вие го сакате. Не ми доликува да се одречам од живиот и вистински Бог.
На тоа судијата рече:
- Зарем да се покадат со темјан боговите и да се замине е толку голема работа?
Свети Јулиј му одговори:
- Не можам да ја нарушам заповедта Божја. Јас сум ветеран. Дваесет и шест години верно му служев на царот. Па кога досега сум му бил верен на понискиот, како сега да не му бидам верен на вишниот Цар, на Кого верно Му служам?
Тогаш судијата започна ласкаво да му зборува за наградите што ќе ги добие ако го послуша.
Исповедникот му одговори:
- Ниту пари, ниту ласкања нема да ме одвратат од мојот вечен Господ.
Судијата рече:
- Треба да им се покоруваме на законите.
Свети Јулиј одговори:
- Јас страдам за вечните закони.
Судијата забележа:
- За оние ли што ви ги пропишал Распнатиот? Не е паметно да се почитува мртовец наместо живите цареви.
Јулиј одговори:
- Он умре за нашите гревови, за да ни дарува вечен живот. Он е вечен Бог.
Судијата рече:
- Послушај ме, принеси жртва, инаку ќе умреш.
Светиот исповедник одговори:
- Јас избирам да умрам привремено, за да живеам вечно.
Тогаш судијата му изрече смртна пресуда која гласеше: „На Јулиј, кој не им се покорува на царските укази, да му биде отсечена главата“.
Кога го водеа кон губилиштето, војникот христијанин Исихиј, кој се наоѓаше под стража, му говореше на маченикот Јулиј:
- Те молам, со радост исполни го своето ветување кога ќе го добиеш венецот кој што Господ им го ветува на исповедниците Свои. Сеќавај се на мене. Јас одам по тебе. Поздрави ги Пасикрат и Валентион, слугите Божји, кои пред нас отидоа кај Господа.
Јулиј го целиваше Исихиј и му рече:
- Побрзај да дојдеш, брате. Желбите твои се услишани од оние што ти ги поздравуваш.
Потоа му ги врзаа очите, и тој ја преклони својата глава под мечот, и рече:
- Господи Исусе Христе, умирам за Твоето име. Удостој ме да ја примиш душата моја во бројот на светиите.
И служителот му ја отсече главата. А по неколку дена и свети Исихиј со уште двајца прими маченичка смрт.
Потоа беа изведени на суд и Никандар и Маркијан, исто така другари на светиот Пасикрат.
Судијата им рече:
- Ако досега не сте знаеле за царскиот указ, сега принесете им жртви на боговите.
Никандар одговори:
- Указот се однесува на оние што сакаат да принесат жртва.
Но, ние сме христијани и не сакаме.
На тоа судијата рече:
- Зошто не би примиле награда за своите заслуги?
Никандар одговори:
- Нечесните пари се непријатни за почитувачите на вистинскиот Бог.
Судијата рече:
- Само покади ги боговите со темјан.
Никандар одговори:
- Христијанинот не може да почитува камења и дрвја, и да заборави на Бог, Кој од ништо створил сѐ и Кој може да ме спаси мене, и сите кои се надеваат во Него.
А пак сопругата на свети Никандар му велеше:
- Господине мој, чувај се. Немој да се одречеш од нашиот Господ Исус Христос. Гледај во небото и таму ќе го здогледаш Оној на Кого треба да Му останеш верен.
- Глупава женска главо, - налутено ѝ рече судијата, - зошто му посакуваш смрт на својот сопруг?
Таа одговори:
- За вечно да живее во Бога и никогаш да не умре.
Судијата и рече:
- Не, ти сакаш здрав маж!
Жената одговори:
- Ако мислиш така, тогаш нареди да ме погубат за Христос пред мојот маж.
Судијата нареди да ја затворат во темница. Потоа се сврте кон Никандар и му рече дека му дава уште малку време да размисли за вредностите на животот. Никандар му одговори дека за тоа тој веќе доволно размислил, и дека не сака ништо повеќе, освен спасение за душата.
Судијата го праша Маркијан:
- Што велиш ти, Маркијан?
Тој одговори:
- Исто што и мојот другар.
- Тогаш и двајцата ќе бидете одведени во темница и сигурно осудени на смрт.
По дваесет дена повторно ги изведоа пред префектот Максим. Тој им рече:
- Имавте доволно време да се советувате, за да се покорите на царскиот указ.
Маркијан му одговори:
- Твоите зборови нема да нѐ натераат да отстапиме од верата и да се одречеме од Бога. Он е присутен овде, и ние знаеме каде нѐ повикува. Не задржувај нѐ. Сега нашата вера се усовршува во Христа. Испрати нѐ што поскоро, за да го видиме Распнатиот. Вие со нечистите усти Го навредувате, а ние Го почитуваме.
Префектот рече:
- На ваша желба ќе бидете предадени на смрт.
Маркијан му одговори:
- Те молам, што побрзо заврши со нас. Ние не се плашиме од маките, туку сакаме што побрзо да ни ја исполниш желбата.
Максим им рече:
- Јас не ве бркам, и невин сум за вашата крв.
Потоа им изрече смртна пресуда.
Светите маченици Христови како со една уста рекоа:
- Биди среќен, човекољубив судијо.
И со радост излегоа од судот.
По Никандар одеа неговата жена и Пасикратовиот брат Пинијан, кој на раце го носеше синот на Никандар. По Маркијан одеа роднините и неговата жена, која викаше:
- Тешко мене, бедната! Смилувај се на мене, господине мој! Погледни на нашето мило синче! Не отфрлај нѐ!
Маркијан погледна строго во неа, и ѝ рече:
- Сатаната го помрачил твојот ум! Оди си од нас! Дозволи ми да го довршам маченичкиот подвиг.
Христијанинот Зотик, држејќи му ја раката, говореше:
- Биди цврст, господине брате! Ти вршиш добар подвиг.
Маркијан му рече на Зотик:
- Придржи ја мојата жена.
И Зотик ѝ се најде на помош.
Кога стигнаа на местото на погубувањето, Маркијан ја повика својата жена, ја бакна, и ѝ рече:
- Оди си, и Бог нека биде со тебе. Ти не можеш да го гледаш славниот подвиг на мачеништвото. Твојата мисла е вознемирена од лукавиот.
Тој го бакна своето синче, погледна во небото и рече:
- Семоќен Господи, Ти грижи се за него!
Исто така и Никандар се прости со жена си.
Бог нека е со тебе! - ѝ рече тој. А таа со радост одговори:
- Десет години бев без тебе, и секој час сакав да те видам. Сега те гледам, и се радувам што одиш кон животот. Се радувам што станувам жена на маченик.
Потоа мачениците Христови беа обезглавени и отидоа во светлото Царство на Својот сакан Господ. Овие свети маченици пострадаа во 302 година.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ОЛВИЈАН
Мирно се упокои во својот Господ.