8. Јуни (26. Мај)
СПОМЕН НА СВЕТИОТ АПОСТОЛ КАРП
Светиот апостол Карп, еден од Седумдесетмината Апостоли, беше придружник и слуга на светиот апостол Павле. Тој ги разнесуваше неговите посланија онаму за каде што беа наменети. Подвизувајќи се многу со апостол Павле во проповедањето на благовеста Христова, свети Карп претрпе многу напасти. Потоа од апостол Павле беше поставен за епископ на градот Верија во Тракија. Но, свети Карп се потруди во проповедањето на Евангелието Христово и на островот Крит. Тука тој во својот дом го прими и светиот Дионисиј Ареопагит. Тука Го виде и Господа, Кој му се јави во видение, кога Карп Го молеше да казни двајца грешници. Тогаш слушна глас од Господа, кој му говореше: „Мене мачи ме уште, оти сум готов повторно да бидам распнат за спасението на луѓето“.
Свети Дионисиј Ареопагит сведочи дека и свети Карп никогаш не започнувал да чинодејствува со Пречистите и Животворни Тајни, сѐ додека претходно не добиел божествено видение од небото.
Епископствувајќи во Верија, свети Карп обрати многу незнабошци кон Христа Бога. Изобличувајќи ги пак Евреите, тој некои од нив убеди да веруваат дека Христос, Кого тие Го распнаа е вистински Бог и Творец на сѐ. Но, затоа пак, останатите Евреи сурово и немилосрдно го мачеа, и го убија. Така тој ја предаде својата душа во рацете Господови. Неговите чесни мошти богобојазливите христијани ги погребаа во истиот град, и тие на многу болни им даваа исцеленија, во слава на нашиот Бог Христос.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ АПОСТОЛ АЛФЕЈ
Беше татко на двајцата апостоли Јаков Алфеев и Матеј Евангелистот, едни од Дванаесетмината. Мирно го заврши својот овоземен живот. Беше од галилејскиот град Капернаум, но е неизвесно каде го проповедал Евангелието.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ АВЕРКИЈ И ЕЛЕНА
Според некои податоци овие свети маченици беа деца на светиот апостол Алфеј, а родени браќа и сестри на светите апостоли Јаков Алфеев и Матеј Евангелистот. Тие пострадаа за Христа на овој начин:
Свети Аверкиј гол беше врзан од неверниците среде пчели, а неговата сестра Елена беше каменувана. Со таква маченичка смрт и двајцата Го прославија Бога.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ЈОВАН ПСИХАИТ
Блажениот Јован живееше во времето на иконоборната ерес во осмиот век. Уште од рана младост го подражаваше животот на светиот Јован Крстител и светиот пророк Илија. Тој живееше во сурови подвизи, многу војни водеше со демоните и јуначки ги победуваше. Ја исчисти својата душа со потоци од солзи, бденија и сеноќно стоење на молитва. Така, тој потоците на иконоборната ерес со своите солзи ги исуши, умувањето на иконоборците го собори и уништи.
Преподобниот Јован јуначки ги поднесе горките прогонства и темници, на кои беше осуден заради штитењето на преданијата на светите Отци, и презирањето на царските закони. Бидејќи храбро се подвизуваше и заедно со светите иста војна водеше, тој со нив и ист венец доби. Добивајќи од Бога благодат да чини чудеса и да исцелува, тој ги исцелуваше и душите и телата од болестите, и ги истеруваше нечистите духови.
Овој незаборавен подвижник се подвизуваше во осмиот век. За него служба напиша преподобниот Теофан Нацртаниот, кој исто така подоцна страдаше од иконоборците (се слави на 11 октомври).
СПОМЕН НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК АЛЕКСАНДАР СОЛУНСКИ
Овој маченик Христов се роди во Солун во времето на големата турска тиранија над овој град. Како момче беше прелаган од турците и потурчен. Во почетокот тој немаше грижа на совеста за таквата постапка, па дури стана и дервиш. Но, како дервиш во Солун тој започна горко да се кае. При тоа му дојде мисла дека со ништо друго не може да го испере од себе страшниот грев на христоотстапништвото, освен со својата крв.
Кога се покаја и се реши на мачеништвото, тој пред Турците се објави како христијанин. Турците го фрлија во темница и потоа го ставија на други маки. Но, Александар само повторуваше:
„Христијанин сум роден, и како христијанин сакам да умрам“.
Најпосле Турците го осудија на смрт, на што покајниот Александар многу се израдува, препознавајќи преку тоа дека гревовите му се простени, и дека Бог ја прима неговата жртва.
Беше посечен во Смирна во 1794-та година и прославен во небесната и земната Црква.