9. Јуни (27. Мај)
СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ТЕРАПОНТ
Овој свет маченик беше епископ на светата Црква Сардиска. Тој со своето учење многу Елини обрати од идолопоклоничката заблуда кон Господ Христос, и ги просвети со светото крштение. Затоа беше фатен од кнезот Јулијан, окован, во темница затворен, и таму долго мачен со глад и жед. Потоа беше изведен од темницата, ставан на лути маки, па окован воден во фригискиот град Синаон, и во галатискиот град Анкира, и секаде измачуван на разни начини. А кога стигна до реката Астала, гол го положија на земјата и го врзаа за четири колци, па немилосрдно го тепаа сѐ додека месото не му отпадна од коските и земјата не се натопи со крв. Но, сепак, маченикот остана жив, а оние четири суви колци раззеленија и израснаа во високи дрвја, и со своите лисја ја исцелуваа секоја болест по луѓето.
Најпосле свети Терапонт беше доведен во тракиската област во Лидија, близу реката Ермос, каде се наоѓа саталиската епископија, потчинета на сардијската митрополија. Тука, после многуте страшни мачења, најпосле беше обезглавен за Христос. Така го прими од Господа несвенливиот венец. Свети Терапонт чесно пострада во 259-та година.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ТЕОДОРА И ДИДИМ
За време на царувањето на Диоклецијан и Максимијан, кога со градот Александрија кнезуваше Евстратиј, излезе царска заповед христијаните да им принесуваат жртви на боговите, оти ќе бидат мачени и убивани. Тогаш кнезот Евстратиј нареди да ја изведат пред него христијанската девица Теодора, која од неодамна беше фатена и држана во темница. Кога ја изведоа, судијата ја праша:
- Од која вера си, девојко?
Таа одговори:
- Христијанка сум.
Судијата ја праша:
- Слободна си или робинка?
Таа одговори: - Веќе ти реков дека сум христијанка, зашто Христос со Своето доаѓање во светот ме ослободи од гревот, а сум родена од знаменити родители во овој суетен свет. Погледнувајќи во градоначалникот Лукиј, кнезот го праша:
- Ја познаваш ли оваа девојка?
Лукиј му одговори: - Добро ја познавам, оти е од благороден и чесен род.
Тогаш кнезот ѝ се обрати на Теодора:
- Девојко, кога си од благородно и чесно потекло, зошто досега не си се омажила?
Теодора одговори:
- Се одреков од бракот заради Христос, зашто нашиот Гопод Исус Христос, доаѓајќи во светот со раѓањето од Пречистата Приснодева Марија, нѐ избави од гнилежот и ни вети живот вечен. Јас верувам во Него, и одлучив од љубов кон Него да го сочувам чисто своето девство до крајот на животот.
Судијата ѝ рече:
- Царевите ни наредија таквите девици да ги присилиме да им се поклонат на нашите богови, а оние што ќе одбијат, да ги предаваме во блудилиштето.
Девојката одговори:
- Сигурно знаеш дека Бог пред сѐ ја гледа намерата на срцето, зашто како срцезнаец Он ги знае нашите помисли и нашата намера ја прима како дело. Бог ја знае мојата намера. Затоа, ако наредиш, и насилно ме лишиш од девството, како што се фалиш, тоа за мене нема да биде блуд туку страдање. И како што ќе ме направиш маченица Христова ако ми ја отсечеш главата, раката или ногата, така и на овој начин ќе ме направиш маченица Христова а не блудница. Но, знај дека мојот Господ е моќен да ме сочува во чистота ако сака.
На тоа судијата рече:
- Немој да го срамотиш своето благородие. Не изложувај се на потсмев, бидејќи си ќерка на угледни и знаменити родители, како што овде сведочат за тебе.
Девојката одговори:
- Јас ќе Го прославам мојот Бог Христос, и се надевам дека Он ќе ме сочува.
Судијата ѝ рече:
- Зошто се лажеш себе си, верувајќи во распнат човек како во Бог? Зарем Он ќе те избави од осквернувањето? Немој да мислиш дека ќе излезеш чиста од блудилиштето.
Теодора одговори:
- Верувам во мојот Христос, Кој страдаше во времето на Понтиј Пилат, дека ќе ме избави од нечистите раце на блудниците и ќе ме сочува како верна слугинка Своја.
Потоа судијата и даде три дена за размислување, но таа посака веднаш да биде ставена на маки, зашто сака да умре за својот Бог Христос.
Тогаш Теодора повторно беше одведена во темницата, и по три дена по втор пат изведена на истезавање. Но, кога кнезот виде дека е непоколеблива во својата христијанска вера, нареди да ја одведат во блудилиштето. Одведена таму, таа се помоли на Господа, говорејќи:
- Христе Боже, Ти си ги скротил неразумните ѕверови пред лицето на света Текла на гледалиштето, скроти ги и свирепите разумни ѕверови, собрани да ја упропастат чистотата на моето тело. Ти, Господи, си ја избавил Сузана од рацете на прељубодејните старци, - избави ме сега и мене, слугинката Твоја, не дозволувај да биде осквернет храмот, кој само Тебе ти е посветен. Дојди и заштити ме Господи, Боже мој, одовде да излезам чиста и недопрена од рацете на безбожниците, за да Го прославам пресветото име Твое.
Додека светителката така се молеше, гадни похотливци стоеја околу таа куќа, и се препираа меѓу себе кој прв ќе влезе кај девицата. Во меѓувреме наиде едно момче во војничка облека, со силно тело, ги оттурна сите, влезе кај девојката и никој не се осмели да го спречи во тоа. Тој беше еден од христијаните по име Дидим, кој, поттикнат од Бога, намерно се облече во војничка облека, и дојде божем заради грев, но всушност да ја заштити девојката. Кога го здогледа, света Теодора се запрепасти, а блажениот Дидим ѝ рече:
- Не плаши се, сестро, јас сум твој брат по вера. Дојдов да те избавам одовде. Ајде да ја промениме облеката, за да се спасиш, а јас ќе појдам на маченички подвиг, и ќе покажам дека навистина сум војник Христов.
Светата девојка се согласи, зашто почувствува дека Дидим е испратен од Бога. Си ја променија облеката, па момчето ѝ рече:
- Кога ќе излезеш одовде, покриј го своето лице како да се срамиш, за никој да не те препознае.
Девицата постапи така, и со брзање се врати дома, фалејќи Го Бога за Неговото промислување за неа.
Кога света Теодора излезе од блудилиштето, внатре влезе едно момче, кое се исплаши кога најде маж наместо девојката, и повика:
- Што е ова? Девојката се претворила во машко? Јас сум слушал од христијаните дека нивниот Христос некогаш ја претворил водата во вино. Еве, сега гледам дека Он женскиот пол го претворил во машки.
И брзо излезе и им викна на своите другари:
- Да бегаме одовде, да бегаме, додека Христос не не претворил во жени.
Тие побегнаа и за тоа го известија кнезот Евстратиј. Кнезот нареди да го доведат Дидим кај него, па го праша:
- Кој си ти?
Дидим одговори:
- Јас сум слуга Христов и се викам Дидим.
Судијата го праша:
- Зошто си облечен во женска облека?
Дидим одговори:
- Ја зедов од Теодора, а нејзе ѝ ја дадов мојата, за да побегне.
Судијата го праша:
- Кој ти нареди да постапиш така?
Дидим одговори:
- Мојот Бог Исус Христос ме научи, и ме испрати Неговата девица неповредена да ја земам од челуста на ѕверовите.
Судијата го праша:
- А каде е Теодора сега? Кажи ни пред да започнеме да те мачиме!
Дидим одговори:
- Навистина не знам каде отишла. Само знам дека е добра и верна слугинка Христова, која Го исповеда пресветото име Негово. Затоа Христос ја засака и ја сочува чиста како невеста Своја.
Кнезот многу се разгневи и нареди да му ја отсечат главата и да го спалат, а тој многу се израдува и воскликна кон Бога:
- Благословен си Боже што не ја презре мојата молитва и ја исполни мојата желба. Слугинката Своја ја сочува неосквернета, а мене ме удостои на маченичкиот венец.
И го одведоа свети Дидим надвор од градот на посекување. Штом света Теодора дозна за тоа, веднаш отрча на губилиштето и започна да се препира со светиот маченик околу маченичкиот венец, говорејќи:
- Иако ме спаси од осквернувањето, јас не те молев да ме спасиш од смртта. Прва бев фатена, прва истезавана и судена, и затоа отстапи ми го маченичкиот крај. Јас нека бидам убиена, а ти оди каде што сакаш. Тебе ќе ти биде доволна наградата од Господа што го сочува моето девство. Јас не сакам ти да умреш заради мене, и да ми го преземеш венецот. Јас не сакам да бидам виновна за твојата смрт, туку самата да умрам, самата да го исплатам својот долг. Имам глава - нека биде отсечена за Христос. Имам крв - нека биде пролеана за нашиот Господ. Јас не сакав, и нема да бидам осквернета, но сакав и сакам да бидам мачена, и затоа не земај ми го венецот, кој пред тебе започнав да го плетам. Но, ако му завидуваш на моето мачеништво, тогаш дозволи првин јас да пострадам. Сакам да останеш по мене, зашто тебе не можат да те лишат од чедноста, а мене можат. Затоа, како што од блудилиштето ме избави чиста, така пред себе испрати ме чиста кај Христос.
На тоа свети Дидим ѝ рече:
- Возљубена сестро, Господ, Кој еднаш те сочува неосквернета, моќен е тоа да го направи засекогаш. Затоа не пречи ми да умрам за Него, и со својата крв да ги исперам своите гревови.
Додека тие така со љубов се препираа, беше издадена наредба и двајцата да бидат обезглавени со меч. Тогаш светата маченица Теодора прва ја стави главата под мечот а по неа и светиот маченик Дидим. Нивните тела ги фрлија во оган. И двајцата пострадаа чесно во 304-та година, и добија победнички венци од нашиот Господ Христос, Кому со Отецот и Светиот Дух чест и слава за навек, амин.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ И БОГОНОСЕН ОТЕЦ НАШ ЈОВАН РУСКИ
Преподобниот и богоносен отец Јован, новиот исповедник и бескрвен маченик Христов е родум од едно село во Малорусија, од благочестиви православни родители. Тие го одгледаа детето во науката Господова, а тоа беше бистро и се трудеше да живее по волјата Божја. Кога потпорасна, Јован беше земен во војска за време на Петар Велики (1682-1725 г.), и во борбата со Турците беше заробен од Татарите. Заедно со него тогаш беше заробен и светиот преподобномаченик Пахомиј, кој се слави на 21 мај. Татарите го предадоа Јован на еден отомански старешина, кој го одведе во своето место наречено Прокопијон близу Кесарија во Мала Азија.
Овој турски старешина имаше и други заробеници христијани, и некои од нив беше успеал да преобрати во муслиманската вера. Се обиде да го стори тоа и со преподобниот Јован, и често му ветуваше големи дарови и функции, а исто така и му се закануваше и го тепаше. Блажениот исповедник Христов не им подлегна на тие искушенија и маки, туку секогаш се држеше до својот Господ, Кој пострада за сите нас. Тој на својот господар му зборуваше дека како слуга ќе му биде послушен во сѐ, но нема да ја промени својата христијанска вера. Попрво ќе умрам, но нема да се одречам од Христос - велеше тој. Гледајќи ја неговата цврстина во верата, Турчинот се смилува и престана да го мачи, туку му одреди да живее во неговата штала и да му ги негува коњите со кои се гордееше. Кога пак Турчинот ќе одјаваше од селото, Јован го пратеше како (сеиз), и во сѐ верно му служеше.
Својот ропски живот кај иноверците преподобниот смирено го поднесуваше, трпејќи ги сите неволји и оскудевања на ропскиот живот. Но, тој својата душа ја хранеше со молитвите и повремените тајни ноќни посети на храмот на светиот великомаченик Георгиј, која што се наоѓаше во близина. Еден ден, неговиот газда, кој во меѓувреме многу се беше збогатил, тргна на поклоничко патување во муслиманскиот центар Мека. Јован остана дома и ѝ служеше на неговата госпоѓа. За време на отсуството на својот сопруг, турчинката приреди богата гозба на која ги повика сите свои соседи и познаници. За ручек беше подготвено омиленото турско јадење пилав, и таа многу жалеше што нејзиниот маж, кој многу го сакал тоа јадење, не е во можност сега да јаде. Тогаш блажениот Јован ја замоли газдарицата да му даде една полна чинија со пилав, за тој да го испрати на својот господар. Турците се насмеаја на тоа, но на неговото настојувањето му дадоа една чинија со пилав. Тогаш блажениот се повлече во својата штала и, помолувајќи се усрдно на Бога, на таинствен начин ја испрати онаа чинија на својот газда во Мека. Кога се врати, газдата со запрепастување раскажа како во тој и тој ден (точно во денот во кој преподобниот се помоли и го испрати јадењето), на својата маса одеднаш нашол полна чинија со пилав, а чинијата била од неговата куќа со неговата ознака. Ова прекрано чудо ги восхити сите присутни, а господарот реши да го ослободи Јован и да го премести во една чиста и уредена соба. Преподобниот смирено одби и остана во шталата каде го продолжи својот смирен и богоугоден живот, познат само на едниот Бог.
Јован поживеа така уште некое време, и млад се разболе, па претчувствувајќи ја близината на својата смрт, му порача на еден познат свештеник да му донесе свети дарови Христови и да се причести. Свештеникот со страв се досети, па светите дарови ги стави во една јаболка и така му ги испрати на блажениот. Причестувајќи се така со светото тело и крв Христови, светиот исповедник и добороволен маченик мирно го предаде својот дух на Господа, заради Кого ги поднесуваше сите тегоби, на 27 мај во 1730-та година. Кога слушна за смртта на својот слуга, турскиот големец им дозволи на христијаните да го земат и да го погребаат на своите гробишта.
Три ипол години по упокојувањето, свети Јован му се јави на еден стар свештеник во селото, за да изврши пренос на неговите чесни мошти. Старецот не поверува во тоа. Тогаш започна да се јавува небесен светол столб на гробот на светителот, и кога најпосле го откопаа неговиот гроб, сите видоа дека навистина Господ го прославил неговото тело со негнилежност и благоухаен мирис. Потоа го пренесоа во храмот на светиот великомаченик Георгиј во Прокопион, каде веднаш започнаа да се собираат многу христијани и многумина да се исцелуваат. Во 1832 година турската јаничарска војска се обиде да го спали телото на светиот исповедник, но светителот пред нивните очи се крена како жив и сите ги избрка. Многу други спасоносни чуда се случија над моштите на свети Јован во стариот Прокопоион во Мала Азија. По малоазиската пропаст (1922-3 г.), бегајќи од Турција во Грција, христијаните го пренесоа неговото свето тело на островот Евија, во местото наречено Неон Прокопион, каде и денес почива светителот во својот велелепен храм, творејќи многу прекрасни чудеса, за што опширно се зборува и пишува во денешна Грција.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ЕВСЕВИОТ
3а својата вера во Господ Христос се упокои во оган.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК АЛИПИЈ
Со камења му ја смачкаа главата. Така тој пострада за Господ Христос.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ НАШ ТЕРАПОНТ
Овој светител беше благородник, родум од Волокаламск, во Московската губернија, од детството побожен и склон кон монаштвото. Во својата четириесетта година се замонаши во Московско - Симоновскиот манастир, и тука пријателски другаруваше со свети Кирил, а одвреме навреме слушаше поуки од светиот Сергиј Радонежски. Заедно со свети Кирил Белоезерски, тој наскоро отиде на Бело Езеро во Новгородската губернија, и по извесно време започна да живее отшелнички осаменички живот. Си одбра прекрасно место меѓу две езера и, расчистувајќи ја земјата за градина, тој си направи колиба. Со текот на времето кај него се собраа други љубители на осаменичкото молитвено тихување, и тој основа манастир во 1398 година, но од смирение не сакаше да го прими игуменскиот чин.
Преподобниот беше образец на неуморното трудољубие за сите браќа. Во 1408 година овој свет подвижник основа друг манастир во Лужкам, во близина на градот Можајск. По осумнаесетгодишното подвизување во оваа обител како нејзин архимандрит, преподобниот Терапонт се упокои во 1426-та година, на деведесетгодишна возраст. Неговите свети мошти почиваат во црквата нему посветена, во Лужецко-Можајскиот манастир.