10. Јуни (28. Мај)
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ НИКИТА ИСПОВЕДНИК
Нашиот преподобен отец Никита во младоста Го возљуби Христос, се одрече од светот и се оддалечи на монашки подвиг. Со својот живот Му угодуваше на Бога, и беше поставен за епископ на престолот на Халкидонската епископија, на кој, како свеќа на свеќникот, светеше во светот и ја красеше Црквата Христова.
Свети Никита беше многу милостив спрема ништите: ги хранеше гладните, ги облекуваше голите, ги згрижуваше патниците, беше татко на сирачињата, заштитник на вдовиците и спасител на обесправените.
Кога настапија тешките времиња на иконоборната ерес, за време на царувањето на Лав Ерменин, свети Никита се истакна како исповедник Христов, зашто многу се подвизуваше во борбата против еретичкото зловерие, ги изобличуваше и побиваше неправославните догмати, а учеше и советуваше побожно да им се поклонуваме на иконите на Господа Христа и Неговата Пречиста Богомајка и на сите светии. Храбриот и мудар исповедник многу пострада од зловерниот цар и неговите истомисленици, и за правоверието поднесе и прогонства, и понижувања, и злоставувања. Кога царскиот пратеник Теодосиј дојде кај светиот Никита и му соопшти дека царот му наредува да стапи во општење со патријархот Антониј (кој како и самиот цар беше иконоборец) и да се одрече од почитувањето на Иконите, оти веднаш ќе го прати во прогонство, светителот му одговори:
- Нема да престанам молитвено да ги почитувам светите Икони, иако тоа вам не ви се допаѓа, а Антониј, додека имам здрав разум, нема да го наречам патријарх, туку прељубодеец. Ајде испрати ме во прогонство, убиј ме, направи ми што сакаш!
И светителот веднаш беше испратен во прогонство.
По долготрајните и многубројни исповеднички трудови и страдања, откако целосно Му угоди на Бога, свети Никита премина во небесните живеалишта, и Бог го прослави на небото пред ангелите Свои, а на земјата пред луѓето, оти од неговите чесни мошти биваа многу чудеса, исцеленија од најразлични болести, во слава на Бога, прославениот во светите Свои.
СТРАДАЊЕ НА СВЕТАТА МАЧЕНИЦА ЕЛИКОНИДА
Светата маченица Еликонида се роди во Солун и беше воспитана во христијанското благочестие. Во времето на Гордијан и Филип, кога настана гонењето против христијаните, таа отиде во Коринт и, гледајќи ги луѓето како им принесуваат жртви на идолите, се качи на едно високо место и велегласно повика:
- О, неразумни и тврдоглави Коринтјани! Гледам дека сте многу незнабожни, зашто напуштајќи го вечниот и нераспадлив Бог, вие сте се обратиле кон душегубните идоли. Погледнете, ве молам, во високото небо и широката земја, па размислете кој го распростира небото како кожа над вашите глави. Кој ја основа земјата над бездната? Кој може со своето страшно и славно име да ги скроти нескротливите морски бранови? Кој го створи човекот од прав, и му го вдахна духот на животот? Оној, Кој на својата дланка ја држи сета твар. Он е единствениот вистински Бог и живее на небото. А незнабожечките богови се демони, неми и бездушни. Слични на нив се сите што им се поклонуваат!
Додека светителката слободно и велегласно зборуваше, незнабошците ја фатија и ја одведоа на суд кај својот началник Периниј. Кога ја виде благолика, тој започна кротко да ѝ зборува:
- Изобилуваш со секое богатство, ќерко моја прекрасна, зашто сметам дека веруваш во нашите вечни богови. Се радувам за тебе.
Светителката одговори:
- Каква радост може да има во незнабошците? Радоста твоја, началниче, ќе се претвори во плач, и гордоста твоја во немоќ. Јас верувам во Богот Кој е над сите, и се радувам што заради Него влегов во подвигот во кој несомнено очекувам да добијам победнички венец.
Началникот им рече:
- Не зборувај многу како безумна жена, туку кротко и кратко кажи ни како се викаш.
Светителката одговори:
- Не сум безумна туку мудра во Христос. Се викам Еликонида.
Началникот рече:
- Тебе не ти доликува името Еликонида, оти поради твојата бесрамност се подготвуваш за маки.
Светителката одговори:
- Јас со право се викам Еликонида, оти милосрдието на мојот Бог е секојдневно со мене, и јас пуштам стрели на твојот отец ѓаволот. Но и ти со право се викаш Периниј, зашто твоето нечестиво и бедно тело со поганата ти душа, со огнени трозапци ќе бидат одвлечени во погибел.
Началникот рече:
- Кратко кажи ни, ќе им принесеш ли жртви на боговите или не? Се колнам во мојот бог Асклипиј лекарот, дека нема да те поштедам ако не ја послушаш царската наредба.
Светителката одговори:
- Јас сум слугинка Христова, а кој е Асклипиј не знам. Прави со мене што сакаш.
Тогаш разгневениот началник започна да ја мачи светителката. Најпрвин нареди да ја положат на земјата и да ја тепаат, па потоа да ѝ ги сечат стапалата. Потоа ја фрлија во казан со врела смола, но се јави ангел Господов кој го излади казанот, и од него излегуваше прекрасен мирис. Тогаш началникот извика:
- Колку голем магепсник е Христос, Кој може и огнот да го претвори во вода.
Светителката го праша:
- Ги сметаш ли сега за големи богови Диј и Асклипиј, кои ги посрами една слугинка Христова?
Овие зборови уште повеќе го разјарија мачителот, и тој ја нарече магепсница, и нареди заедно со косата да ѝ ја одерат и кожата од главата, и со свеќи да ѝ ги палат главата и градите. Светителката трпеше како да не чувствува болки. Тогаш началникот, божем кроток, започна мило да ѝ зборува:
- Ќерко мила, пристапи и принеси им жртва на непобедливите богови, па ќе те направам жрец на великата Дијана и ќе те изедначам со жените сенатори. Во твоја чест ќе поставам златен столб среде градот, и писмено ќе ги известам царевите за тебе и ти на овој град ќе му бидеш како мајка.
На тоа света Еликонида рече:
- Води ме во храмот на твоите богови, за да им принесам жртви. Началникот многу се израдува и веднаш им нареди на гласниците и трубачите да го известат и повикаат целиот град.
Потоа многу свечено ја поведе светата маченица кон идолскиот храм. А таа, влегувајќи во идолиштето, им рече на жреците:
- Сакам насамо да им принесам чисти жртви. Наредете сите да излезат од храмот и затворете ја вратата.
Жреците ја послушаа, па стоејќи пред вратите ликуваа и со труби и тапани го објавуваа тоа.
А невестата Христова, останувајќи сама внатре, го дофати Венериниот кип и го разби на три дела. Потоа го собори кипот на Минерва, кој се искрши. По него го турна Асклипиј од неговиот жртвеник, па му ги отсече рацете, нозете и главата. Истото го стори и со Диј. Тоа не го слушнаа жреците и луѓето, бидејќи трештеа труби и тапани, па стоеја и чекаа девојката да ги изврши своите молитви и жртвопринесување. Измина прилично многу време, па тие назрнаа во идолиштето и ги здогледаа своите богови испокршени, а маченицата Еликонида како седи на жртвеникот и му принесува пофалба на својот Бог Христос. Тие веднаш скокнаа, ја раскинаа својата облека, бесно ја дофатија маченицата и ја одвлекоа кај началникот, викајќи:
- Погуби ја оваа магепсница!
А и целиот народ викаше:
- Брзо погуби ја!
Тогаш началникот нареди да ѝ ги отсечат градите, и да ја затворат во темница додека да размисли како да ја усмрти. Таа остана во темницата пет дена. Во тоа време на местото на Периниј во Коринт дојде друг началник, по име Јустин. Кога го известија за светата маченица, ревнувајќи за своите богови, тој нареди да се вжешти огромна печка, за да ја фрли во неа. А таа, како некогаш Трите Момчиња во Вавилон, ликуваше среде печката, пеејќи и благословувајќи Го Господа, зашто за неа огнот беше како роса и пламенот како развигор. Потоа од печката излезе силен пламен и ги изгоре незнабошците кои стоеја наоколу, седумдесетина на број. По долго време светителката излезе од печката неповредена.
Тогаш игемонот Јустин ја праша:
- Кажи ни, расипана жено, со какви магии успеа да ја надвладееш огнената сила?
Светата маченица одговори:
- Мојот Господ Христос, Кого ти не го виде, иако можеш да го видиш, Он дојде и ме разлади во огнот.
Не верувајќи во тоа, игемонот нареди да донесат пред него многу вжештена железна постела, и гола да ја положат маченицата врз неа, а под неа да гори силен оган. Кога сѐ беше подготвено, игемонот рече:
- Е сега ќе видите дали Христос ќе дојде да ѝ помогне. Додека така ја мачеа, од нејзиното тело истече многу крв, така што огнот згасна.
Тогаш ја одведоа во темницата, во која таа, лежејќи на земјата се молеше:
- Исусе, сило и крепост наша! Исусе, славо наша! Христе, надеж наша! Биди ми помошник Лекару добар, и стави лек врз моите рани, спасувајќи ги со добрината своја оние што се надеваат во Тебе.
Додека таа така се молеше, ѝ се јави Христос, Спасителот на светот, во огромна светлина, заедно со светиот Архистратиг Михаил и Архангел Гаврил. Приоѓајќи ѝ, Он ја пружи својата рака, говорејќи:
- Стани, и застани на своите нозе! Јас сум со тебе! Сомилосно внимавам на твојот подвиг, со својата божествена сила ти ги олеснувам страдањата и ти ги лекувам раните.
Кога стана, маченицата падна ничкум пред Господа, Му се поклони, и рече:
- Исусе Христе, Боже мој, исцели ме мене слугинката Твоја! Дај ми да го надвладеам противникот, за, победувајќи го, да можам со песни и радост да влезам во Твојот свет двор. Спасителот на тоа ѝ рече:
- Биди одважна, ќерко моја! Јас ќе те исцелам и венец на бесмртноста ќе ти подготвам во Царството Мое. Откако го рече тоа, Господ отиде на небото, а светите Ангели ѝ дадоа леб, чист и светол како сонце. Штом вкуси од тој леб, таа се почувствува потполно здрава, и лицето ѝ заблеска како сонце, а телото ѝ стана бело како снег. Таа Му благодареше на Бога, пеејќи и славословејќи Го сѐ до самнување. Кога се раздени, повторно ја одведоа во судиштето, па потоа ја дадоа во циркусот на ѕверовите.
Пуштија кај неа два гладни лава, но тие ѝ пријдоа, ѝ се поклонија и започнаа да ѝ ги лижат нозете. Тогаш народот започна да вика:
- Навистина оваа нечестива жена е магепсница, зашто ги магепса и ѕверовите, та не можат да ја допрат. Погубете ја, веднаш погубете ја!
Додека народот така викаше, сила Божја ја скрши и отвори вратата на циркусот, и двата лава скокнаа меѓу народот, јаросно рикајќи. Луѓето започнаа да бегаат, а игемонот од страв се сокри во судницата. Трчајќи низ народот, лавовите растргнаа сто и дваесет души. Не знаејќи веќе што да прави со маченицата, игемонот нареди да ѝ ја отсечат главата со меч.
Кога ја изведоа надвор од градот на посекување, света Еликонида ги крена рацете кон небото, и се молеше говорејќи:
- Дојди сега, о Христе, Боже мој, застани сега пред слугинката Твоја, и исполни го своето ветување. Внеси ме во твојот двор, и приклучи ме кон благословените Твои. Придружи ме на жените кои Ти угодиле: Сара, Ревека, Рахила, Лија, и твојата пренепорочна Мајка, Пречистата Приснодева Марија, исто така и Марта и Марија, сестрите Лазареви, и пророчицата Ана која заедно со светиот Симеон Богопримец сведочеше за Тебе на Сретението, и Елисавета, мајката на Преттечата, и првомаченицата Текла. Вброј ме во нив, и удостој ме со нив да почивам за навек.
Додека светителката така се молеше, се чу глас од небото, кој говореше:
- Дојди, ќерко моја! За тебе е подготвен венец и престол. Еве, и ангелски хорови започнуваат да пеат свечени песни за твоето искачување на небото.
Света Еликонида многу се израдува, и весело ја подаде својата света глава под мечот. Кога ја обезглавија, од раната наместо крв потече млеко. Тоа беше знак на нејзината чистота. Нејзиното чесно тело го зедоа христијаните и со стравопочитување го погребаа, славејќи Го Отецот и Синот и Светиот Дух, Едниот во Троица Бога, Кому и од нас чест и слава и поклонение, сега и секогаш и низ сите векови, амин.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ЕЛАДИЈ
Откако се очисти од секоја нечистотија и стана избран сад на Светиот Дух, свети Еладиј беше избран за архијереј Божји во Црквата Христова. Како добар пастир, тој ги бркаше од Христовото стадо духовните волци - еретиците, и го чуваше коработ на Црквата од ветровите и бурите на животното море.
Кога тогашниот мачител го изведе пред себе свети Еладиј, тој уште повеќе заблеска и уште повеќе го осветли разумот на верните, зашто бестрашно ја исповедаше светата вера, и јуначки одеше по патот на мачеништвото. Затоа овој незаборавен борец беше ставен на најразлични и најстрашни маки. Но, нему му се јави Господ Христос, му ги исцели раните и го направи уште поревносен за понатамошни маки. Штом го виде исцелен, мачителот се разјари и го фрли во оган. Но, бидејќи со благодатта Божја светителот остана неповреден, тој многу неверници привлече кон верата Христова. Подоцна пак, страшно мачен и тепан, тој ја предаде својата душа во рацете Божји, и го доби венецот на мачеништвото!.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ ОТЕЦ НАШ ИГНАТИЈ
Преподобниот Игнатиј се роди од побожни родители кои го воспитуваа во секоја христијанска доблест. Убедувајќи се во минливоста на овој свет, тој се одрече од светот и стана монах. Како добродетелен најпрвин беше поставен за архимандрит, а потоа за епископ на градот Ростов. Дваесет и шест години усрдно ѝ служеше на Црквата како епископ, и се пресели кај Господа во петокот по вечерната, на 28 мај во 1288 година.
Штом одекна гласот за смртта на светителот, целиот град Ростов се слеа кај него, и сите неутешно плачеа, зашто ги остави нивниот пастир и учител, помошникот и избавител во опасностите и неволјите, заштитникот на вдовиците и сирачињата, хранителот на ништите и бедните, наставникот на свештенството и монаштвото, советникот на кнезовите и велможите. Неговото тело го однесоа кај црквата, но од многубројниот народ не можеа да го внесат внатре, туку го поставија пред црквата, и тука го отпеаја.
Во тоа време дојдоа две побожни монахињи, од кои едната се викаше Теодосија. Таа беше сопруга на епископовиот протоѓакон Павле. Кога стапија во брак, тие одлучија да живеат девствен и чист живот во бракот.
Целиот свој живот го поминаа во молитви и постење, и сите беа сведоци на таквиот нивен живот. А кога блажениот Павле отиде кај Господа, неговата сопруга се замонаши. Сега, кога дозна за претставувањето на епископот Игнатиј, таа дојде да им се поклони на неговите свети мошти. Другата монахиња, која што дојде со неа, се викаше Ксенија. И таа исто така водеше доблесен живот. Овие две монахињи и некои побожни луѓе со нив, на кои Бог им откри, го видоа следното чудо:
Кога телото на светителот се носеше кон црквата, светителот, облечен во својата архијерејската облека, стана од одарот на кој што го носеа, се крена во воздухот, застана високо над црквата, и го благослови целиот народ и целиот град. Потоа се спушти во одајата крај жртвеникот, каде беше подготвен и гроб за неговото чесно тело.
Ова Бог им го откри на преподобните монахињи и на останатите достојни, за да го прослави Својот угодник и да ја обелодени неговата светост. Со тоа Господ покажа дека светиот епископ заслужил милост од Господа и се удостоил на ист удел со светите.
Во тоа време се случи и второ чудо:
Архимандритот Стефан од раѓање имал еден згрчен прст на раката, кој бил свиткан кон дланката. Но, кога тој се допре до чесното тело на свети Игнатиј, згрчениот прст му се исправи и стана здрав како останатите.
Потоа чесното тело беше внесено во црквата. Утредента сите повторно се собраа кај моштите на угодникот Божји. Службата беше отслужена и опелото отпеано. А кога телото на светителот Божји беше положено во гробот, и во раката му ги ставија свитоците со имињата на оние кои за време на својот живот ги ракоположил за презвитери и ѓакони, угодникот Божји како жив ја испружи дланката и ги зеде свитоците. Сите што го видоа тоа чудо се исплашија, а истовремено и се радуваа и Го славеа Бога. По молитвите на угодникот Божји свети Игнатиј, да се удостоиме и ние заедно со него да бидеме учесници на вечните блага во нашиот Господ Исус Христос, Кому слава за навек, амин.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ КРИСКЕНТ, ПАВЛЕ И ДИОСКОРИД
Овие свети маченици живееја во Рим. Со своето учење многу неверни приведоа кон Христос и ги крстија. Затоа незнабошците ги фатија, ги затворија во темница и жестоко ги мачеа. Во темницата тие многумина обратија во верата Христова. Најпосле ги фрлија во вжештена печка. Така овие незаборавни борци добија маченички венци.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ НОВ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ЗАХАРИЈ ПРУСКИ
Овој свет новомаченик и свештеномаченик се роди во градот Пруса (Бруса) во Мала Азија, во втората половина на осумнаесеттиот век, од побожни христијански родители. Беше одгледан во науката Господова и израснат во светите добродетели, така што потоа беше удостоен на свештеничкиот чин. Меѓутоа, служејќи како парох во своето место, еднаш Захариј падна во искушение и се опи со вино. Во таа пијана состојба тој се одрече од Христос и ја прими верата на лажниот пророк Мухамед. Тоа се случи во 1801 година. Кога си дојде на себе, тој се покаја за својот страшен пад, па веднаш отиде кај судијата. Го фрли турскиот фес пред него, ја изнавреди лажната муслиманска вера, и Го исповедаше Христос Спасителот. Мислејќи дека е пијан, судијата веднаш го фрли во темница. Во темницата светиот маченик уште повеќе се каеше и со солзи се молеше на Бога, а и христијаните кои дознаа за тоа читаа и служеа молебен во црквата за него.
Утредента агите го изведоа од темницата и започнаа да го убедуваат, но маченикот остана непоколеблив на сите нивни закани и заплашувања. Потоа повторно го вратија во темницата, каде започнаа страшно да го мачат. Го тепаа, го ставаа на вжештен стол, на главата му ставаа вжештен шлем, и најпосле му забија остри клинци под ноктите на рацете и нозете. Сите овие маки светиот свештеномаченик со радост ги поднесуваше, и ниту за миг не отстапи од своето маченичко сведочење за верата во Господа Христа. Тој им порача на свештеници од градот некако да му донесат Света Причест, за да не умре неисповедан и непричестен. Свештениците се плашеа, но сепак најдоа начин и му испратија еден духовник, кој го исповедаше и причести. На новото судење пред Турците, светиот маченик не само што не се одрече од Христос, туку и муслиманите ги советуваше да станат христијани. Тоа го разлути судијата, и тој нареди да му ја отсечат главата, верувајќи дека таа пресуда ќе го уплаши, па повторно го вратија во темницата. Наредниот ден, на 28 мај 1802 година, бидејќи и понатаму остана непоколеблив, беше изведен на губилиштето. Попат со голема радост ги поздравуваше сите христијани:
- Простете ми браќа, и нека Бог ви прости и вам!
Најпосле џелатот му ја отсече главата. Беше во триесет и осмата година од животот. Турскиот судија три дена не дозволуваше да се земе неговото свето тело од местото на погубувањето, но кога над него започна да се појавува небесна светлина, и тоа го посведочија и очевидци турци, судијата дозволи, та христијаните преку ермените го откупија телото на маченикот и чесно го погребаа.
Страдањето на светиот свештеномаченик Захариј го запиша Никифор Хиоски во новиот Лимонариј.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК ДИМИТРИЈ ПЕЛОПОНЕСКИ
Потекло му беше славниот Пелопонез. Иако родителите му беа христијани, тој уште како единаесетгодишно момче беше прелаган од турците и потурчен (веројатно по задушувањето на востанието на Пелопонез во 1769 г.). Оттогаш, живеејќи во близина на разни паши, тој како многу умен беше унапредуван на разни функции, така што еден ден стана и турски епарх, и околу себе имаше мноштво слуги и големо богатство. Неговото турско име беше Мустафа.
Но, душата на христијанинот Димитриј не можеше да се задоволи со ниската и гнасна муслиманска вера и обичаи. Затоа од дното на неговата совест се јави цврста желба да се врати во верата на своите татковци, во верата Христова. Одлучен во тоа, Димитриј продаде сѐ што имаше и отиде во Триполис (град на Пелопонез), најде еден духовен отец, и пред него го исповедаше својот грев на одрекување од христијанската вера. Духовникот ја прими неговата исповед и го посоветува веднаш да започне да живее строго христијански, што светиот маченик и го правеше, но сѐ уште во тајност. Еден ден, кога тој одеше во Мистра (кај Спарта), го забележаа некои турци, го фатија и го доведоа пред пашата во Триполис. Маченикот пред него смело исповедаше дека ја отфрла темнината на Мухамедовата заблуда, и се враќа кај светлината на Христовата Вистина, што ја беше изгубил. Притоа, тој додаде дека е готов и крвта своја да ја пролие за Христос и за љубовта Негова. Пашата започна да го советува повторно да се врати на својата поранешна функција, и му ветуваше дека ќе го унапреди. Но, сите наговарања не само од страна на пашата, туку и на многу имами и оџи, не помогнаа, и маченикот го фрлија во темница. Кога ни во темницата не успеаја да го преобратат, пашата издаде наредба да му ја отсечат главата, како навредувач на верата Мухамедова.
Кога го поведоа кон губилиштето и самите џелати го наговараа да се поврати во турската вера, но блажениот Димитриј пред нив повторно плукна на таа заблуда, и им довикна на присутните христијани:
- И јас сум еден од вас! Се викам Димитриј! Молете го Господа за мене!
Тогаш џелатот му ја отсече главата. Пострада на 28 мај, во 1794-та година во градот Триполис, на Педесетница. Наредниот ден христијаните го измолија телото од властите, и чесно го погребаа во црквата „Свети Великомаченик Димитриј“ во Триполис.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ЕВТИХИЈ
Заради љубовта Христова доброволно им пријде на мачителите, Го исповедаше Христа Бога и ги изнавреди идолите. По мачењата го потопија во морските длабочини.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ СОФРОНИЈ
Беше од селото Пенковци близу Софија. Беше монах во манастирот близу Русе, на реката Дунав, и маченички го заврши животот убиен со секира околу 1510-та година. А пак во 1512та година неговите свети мошти беа пронајдени нетлени и миризливи. Се прославија со чудеса.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ АНДРЕЈ ЈУРОДИВИОТ