11. Јуни (29, Мај)
СПОМЕН НА СВЕТАТА ДЕВА МАЧЕНИЦА ТЕОДОСИЈА ТИРСКА
За светата Теодосија Тирска, епископот на Кесарија Палестинска Евсевиј, сведок - очевидец, го соопштува следново:
Во времето кога во нашата земја веќе пет години траеше гонењето против христијаните од страна на нечестивите идолопоклоници, во седумнаесеттиот ден на месец април, на самиот празник Воскресение Христово, една побожна и чесна девојка, родум од Тир, која сѐ уште немаше осумнаесет години, дојде во судиштето кај христијаните врзани за Христос, кои смело разговараа за царството Божјо, и започна да ги моли да ја спомнат пред Господа кога ќе го завршат својот маченички подвиг и ќе излезат пред Бога. Кога видоа како девојката им се поклонува на затворениците христијани, војниците ја фатија, и како да сторила некое страшно злодело, ја приведоа кај царскиот намесник Урбан на истезавање. Свирепиот намесник веднаш ја стави на лути маки. Со железни нокни ѝ ги истругаа градите и ребрата сѐ до коските. Додека светата маченица едвај дишеше и со светло лице поднесуваше сѐ, тој нареди да ја потопат во морето. Така зборува Евсевиј, кој сето тоа со своите очи го гледал. Освен тоа, според други податоци, откако светата маченица Теодосија била потопена, Ангели жива ја извадиле од морето, и таа одела носејќи го во своите раце каменот, кој ѝ бил врзан за вратот. Незнабошците повторно ја фатиле и ја осудиле да ја изедат ѕверовите, но таа останала неповредена. Најпосле мачителот наредил да ја посечат со меч. Во моментот кога ѝ ја сечеле главата, виделе како од нејзината уста излетува гулабица, поблескава од злато, и се искачува кон небото. Во ноќта светата маченица опкружена со свети девојки им се јавила на своите родители, во преголем небесен сјај, со златен крст во раката и венец на главата, и им рекла:
- Погледнете колкава е славата и благодатта на мојот Христос, од која сакавте да ме лишите!
Им го рекла тоа на родителите, оти ја одвраќале од исповедањето на Христа и од мачеништвото. Но таа тајно отишла кај затворениците Христови и била фатена, мачена, и потоа овенчана од својот подвигоположник Исус Христос, нашиот Господ.
Света Теодосија чесно пострада и се прослави во 308 година.
СТРАДАЊЕ НА СВЕТАТА ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИЦА ТЕОДОСИЈА ЦАРИГРАДСКА
Христовата света невеста Теодосија се роди во Цариград од богати, чесни, побожни и доблесни родители. Нејзините родители долги години немаа деца. Потиштени поради тоа, тие многу се молеа и постеа, и дење и ноќе прибегнувајќи кон храмовите Божји, и обилно раздавајќи им милостиња на бедните. Еднаш, додека беа на сеноќно бдение во црквата на светата маченица Анастасија, нејзината мајка повторно со солзи се молеше Господ да ѝ подари пород. Тогаш таа малку задрема, и ѝ се јави светата маченица Анастасија, и ѝ рече:
- Не тагувај, жено! Ти ќе зачнеш и ќе родиш.
Штом се разбуди, таа со радост му го раскажа видението на својот сопруг. Тој ѝ рече:
- Ако Господ ми подари чедо, било син или ќерка, ние ќе Му го подариме Нему.
По некое време жената навистина зачна и ја роди оваа света девојка, и ѝ го дадоа името Теодосија, што значи од Бога дадена. Потоа родителите го просветија своето чедо со свето крштение. Во четириесеттиот ден по раѓањето, мајката ја однесе својата ќеркичка во црквата „Света Анастасија“, и со солзи радосници Му благодареше на Господа и на светата маченица, ветувајќи дека откако ќе ја одгледа својата ќерка, таа ќе ја посвети на Христа како монахиња, бидејќи при црквата на „Света Анастасија“ имаше манастир на девици, посветени на Бога. Добивајќи благослов, мајката се врати во својот дом и ја воспитуваше својата ќерка со најголемо внимание, учејќи ја на читање на Божествените Книги и на стравот Божји, и рапалувајќи го огнот на божестената љубов во нејзиното срце. Кога Теодосија наполни седум години, умре нејзиниот татко. Тогаш мајка ѝ ја одведе во манастирот на света Анастасија и ја предаде да ја замонашат. По три години се упокои и нејзината мајка, оставајќи го целиот свој имот на ќерката монахиња Теодосија. Кога стана полнолетна, исполнета со разум и љубов кон Бога, таа не сакаше да го задржи за себе имотот што го наследи, туку го даде на Бога, на Кого и самата се принесе на жртва. Повика еден златар, и му даде потребно злато и сребро за да изработи икона на Христа Спасителот, на Пресвета Богородица и на светата маченица Анастасија. Тие икони беа со големина од по три лакта. Така оковани блажената ги постави во црквата, а останатиот имот го раздаде на ништите и бедните, сирачињата и вдовиците, а самата живееше во доброволно монашко сиромаштво, служејќи Му на Господа и ден и ноќ, збогатувајќи се со духовното богатство на благодатта Божја. Облечена во оклопот на молитвата против невидливиот противник, таа со испосничките подвизи и трудови го умртвуваше телото кое војуваше против духот, и јуначки го победуваше бестелесниот непријател со смирението, кроткоста, богоугодната љубов, чистотата, богобојазливоста, послушанието и останатите монашки добродетели.
Еднаш, додека светата монахиња стоеше на полноќна молитва, пред неа застана ѓаволот и ѝ рече:
- Штом ти војуваш против мене, јас ќе завојувам не само против тебе, туку и против сите христијани, зашто најдов човек со чија што помош можам да поведам борба против Црквата. Многумина ќе одвратам од поклонувањето на иконата Христова, и многумина ќе тргнат по мене.
А света Теодосија, прекрстувајќи се рече:
- Проклет да си, ѓаволе, противнику на христијаните! Со силата на нашиот Бог Христос нека се уништат сите твои лукавства!
И ѓаволот исчезна, а преподобната започна да го пее Давидовиот псалм: „Нека се крене Бог, и нека се распрснат непријателите Негови! Нека се разбегаат пред лицето Негово оние што Го мразат“. (Псалми 67, 2).
Тоа страшно видение и пофалните зборови на ѓаволот блажената Теодосија ѝ ги раскажа на својата игуманија, и ја праша:
- Од каде ќе дојде напаста над христијаните која што ѓаволот ветува дека ќе ја наведе?
Игуманијата ѝ одговори:
- Чедо мое, светиот апостол тврди: „Сите кои сакаат побожно да живеат во Христа Исуса, ќе бидат гонети. А злите луѓе и лажливците ќе напредуваат“. (2Тимотеј 3, 12-13). Зашто стадото Христово од самиот почеток е вознемирувано од зли луѓе, кои неправилно, еретички размислуваат, лажејќи се и себеси и другите. Тие зли луѓе всушност се орудија на ѓаволот, а побожните отсекогаш биле гонети. Така и сега, на Црквата Божја ќе наидат вознемирувања и гонења. Но, ти стој во она што си научена, бидејќи од мала го познаваш Светото Писмо, кое може да те направи мудра за спасение со верата во Христа Бога (2Тимотеј 3, 14. 15).
По извесно време, против правоверниот цар Теодосиј Адрамитин се крена неговиот војвода Лав Конон, родум Исавријанец, и му го одзеде престолот. На почетокот од своето царување Лав се претставуваше како многу побожен. Но, наскоро тој стана нов Валтазар, осквернувајќи ја светињата црковна и неклањајќи се на Христа Бога, на севишната и чесна икона Негова. Со својата манихејска ерес се крена против Црквата Христова, зборувајќи еретички хули против светите Икони, нарекувајќи ги идоли, а оние што им се поклонуваат идолопоклоници. Овој безбожен цар издаде заповед да се уништат сите свети Икони во целото царство.
Во тоа време цариградски патријарх беше свети Герман. Тој со останатите православни архијереји му се спротивстави на царот, и ја отфрли неговата еретичка наредба за укинувањето на светите Икони. Свети Герман му зборуваше на царот богохулник:
- Откако нашиот Господ Спасител се воплоти од пречистата крв на Пресвета Богородица, и го изврши целиот домострој на нашето спасение, беше уништено секое служење на идолите и сите идолски ликови беа предадени на огнот и темнината. Изминаа повеќе од седумстотини години откако апостолите се подвизуваа и на светот му го објавија спасоносното учење Христово. Во текот на тие седумстотини години живееле многу праведни и свети отци, и ниту еден од нив не похули на светите Икони, ниту некој некогаш слушна такво зло умување, какво што вие сега внесувате во Црквата, отфрлајќи го почитувањето на светите Икони, кое од древни времиња постои во Црквата. Од самиот почеток Црквата го примила изобразувањето на светите икони и нивното почитување, започнувајќи од оној неракотворен образ, кој самиот Спасител на убрусот му го испрати на Едескиот кнез Авгар. Потоа крвоточивата жена, која со допирот до облеката Христова се исцели, по Вознесението Христово од камен изработи подобие на Исуса Христа. Потоа светиот евангелист Лука нацрта икона на Пречистата Дева Богородица, и оттогаш отпочна побожното цртање на светите Икони и украсување со икони на храмовите Господови и домовите христијански. Ете, и шесте Вселенски Собори досега не покудија на овој обичај, туку напротив, наредија да се поклонуваме на светите Икони, а не да ги отфрламе. Знај, царе, дека сум спремен не само да го претрпам секое зло заради светите Икони, туку и да умрам, зашто иконата Христова го носи името на самиот Христос, Кој се воплоти од пренепорочната Дева Марија, и поживеа на земјата со луѓето. И секој правоверен христијанин треба да биде подготвен да умре, како за името Христово, така и за иконата Негова, зашто оној што ја бесчести иконата го бесчести изобразениот на неа.
Царот се разјари од овие зборови и започна да врши уште посвирепи насилства, гонејќи ги правоверните и предавајќи ги на смрт оние што му се противеа. Пред сѐ, тој испрати свои вооружени војници свети Греман со тепање и бесчестие да го избркаат од патријаршискиот престол. На негово место Лав го постави лажниот патријарх Анастасиј, еретикот и свој истомисленик. Потоа нареди да се спалат сите Божествени книги и списи на богомудрите учители. При црквата „Света Софија“ имаше библиотека со околу триста илјади книги. Во таа библиотека имаше дванаесет школи и исто толку мудри учители. Старешина на учителите беше еден мудар гимназиарх, кој таа чест ја беше добил од царот и патријархот. Овие учители се спротивставија на наредбата на зловерниот цар. Затоа тој тиранин со војска ја опколи библиотеката, заедно со сите школи, учители и ученици, ја потпали од сите страни, така што никој не се спаси и не остана ниту една книга.
Тогаш Цариград потона во тага, жал и голема неволја. Сите плачеа и воздивнуваа. Едни заради неправедното прогонство на пресветиот патријарх Герман, други заради спалувањето на многуте книги и учители, трети заради огромното бесчестење на светите Икони, зашто на сите страни се уништуваа иконите, се фрлаа во калта и се спалуваа. Новопоставениот патријарх - еретик, Анастасиј, стоејќи на своето место како мерзост на опустошението (Матеј 24, 15), му беше мил на царот, бидејќи на секој начин му помагаше во иконоборната ерес. Овој лажен патријарх набрзо ги исфрли чесните икони од големите цркви, и нареди истото да се стори и во сите останати цркви.
Во Цариград имаше една капија наречена „Бакарна“, направена уште во времето на Константин Велики, а водеше кон царските палати. Над оваа капија се наоѓаше икона на Спасителот од бакар, која стоеше овде повеќе од четиристотини години. Откако одлучи да ја тргне и спали, злочестивиот патријарх испрати војници со тесли за таа работа. Тогаш старешината на тие војници, по чин царев мечоносец, со теслата во раце се искачи по скала до Христовата икона, за да отпочне со оваа зла работа. Тоа го видоа некои благочестиви жени кои се затекнаа тука, а меѓу нив беше и преподобната Теодосија. Исполнети со ревност за иконата Христова, а поттикнати од блажената Теодосија, која беше многу ревносна за светите Икони и исполнета со богодахновени поуки и божествена јуначка бестрашност, тие притрчаа кон скалата и ја турнаа заедно со мечоносецот. Потоа го фатија неверникот, и го влечеа и тепаа додека не издивна, па брзо отидоа кај патријархот Анастасиј и започнаа да го караат и навредуваат поради неговото зловерие, нарекувајќи го волк, еретик и непријател на Црквата Христова, па најпосле и камења фрлаа по него.
Анастасиј, многу посрамен, и плашејќи се тоа да не се претвори во народен бунт против него, поита кај царот и го извести за срамот што му го нанесоа жените, и за смртта на мечоносецот кај „Бакарната Капија“. Царот се разбесни и веднаш испрати војници да се осветат за безчестењето на патријархот и смртта на мечоносецот. Тие ги обезглавија светите жени поради нивната побожна ревност, а блажената монахиња Теодосија, како благородна по потекло, знаменита по благоверие и бестрашна во исповедањето на побожноста, и како виновна за сето тоа, мачителот нареди да ја фатат, да ја фрлат во темница и секој ден да ја тепаат.
Света Теодосија беше мачена така седум дена. Во осмиот ден мачителот нареди да ја водат низ целиот град, и немилосрдно да ја тепаат. А кога ја доведоа на Марвениот плоштад, каде се продаваше и колеше добитокот, се случи еден свиреп и бездушен војник, кој ја водеше, да нагази на огромен козји рог и да ја повреди својата нога. Тој се разјари од тоа, го дофати тој рог, и со него започна бездушно да ја удира маченицата. Потоа со тој рог ѝ го прободе грлото и светата преподобномаченица Теодосија ја предаде својата света и чесна душа во рацете на својот бесмртен Женик, и отиде во небесните дворови Негови, овенчана и со девствениот и со маченичкиот венец.
Нејзиното многустрадално тело христијаните со побожност го зедоа и го положија на специјално место. Од светите мошти на преподобномаченицата Теодосија се даваа исцеленија на болните во слава на нашиот Бог Христос, славениот со Отецот и Светиот Дух, сега и секогаш и низ сите векови, амин.
СПОМЕН НА ПРВИОТ ВСЕЛЕНСКИ СОБОР
Споменот и пофалбата на Светите Отци од Првиот Вселенски Собор се врши во неделата пред Педесетница, пред Духови, или во седмата недела по Воскресение, која затоа и се нарекува Недела на Светите Отци. Нивниот спомен се врши сега во мај, затоа што светиот Прв Вселенски Собор е одржан во месец мај.
Овој свет Собор беше одржан во градот Никеја, во областа Витинија во Мала Азија, во 325-та година во времето на светиот цар Константин Велики (305-337). Овој Собор беше свикан да ја отстрани забуната што ја створи со своето погрешно учење александрискиот свештеник Арија. Всушност, тој распространуваше учење дека Господ Христос, Синот Божји, не е вистински Бог, туку дека во времето е створен од Бога, и според тоа не е превечен Син Божји, рамен по суштина и битие на Бога Отецот. Поради ваквото учење на Ариј, тој најпрвин беше осуден од неговиот епископ Александар Александриски (и тоа двапати: во 319-та и во 323-та година на Соборите во Александрија), но Ариј не го послуша тоа, туку дури и крена некои свои пријатели и истомислени епископи да поведат борба против свети Александар и Православието, кое тој го застапуваше. Кога слушна за тој спор, царот Константин го испрати во Александрија стариот и искусен епископ Осија, од градот Кордуба во Шпанија, но бидејќи ни тогаш не дојде до мир во Црквата, светиот цар ги повика сите епископи во градот Никеја во мај 325-та година. На овој Собор учествуваа околу 318 Свети Отци, меѓу кои беа: свети Осија како претседател на Соборот, свети Александар Александриски и неговиот ѓакон свети Атанасиј Велики, (кој подоцна стана епископ Александриски и најголем борец за Православието против Ариевата ерес), потоа свети Евстатиј Антиохиски, свети Јаков Низибиски, свети Никола Мирликиски, свети Спиридон Тримитунски, свети Ахилиј Лариски, свети Пафнутиј Тиваитски, Макариј Ерусалимски, Александар Солунски, Евсевиј Кесариски, Јован Персиски, Аристак Ерменски, и многу други од Исток. А од Запад освен светиот Осија присуствуваа: Теофил Готски, Цецилијан Картагенски, претставници на светиот Силвестер Римски, и други.
Соборот го осуди Ариевото учење и самиот Ариј, и ги анатемиса неговите приврзаници, бидејќи ниту тој ниту тие не сакаа да се покајат. Тогаш Светиот Вселенски Собор богомудро ја изложи и изрази правата вера на Црквата Христова за Него, како вистински и вечен Син Божји и Бог, Кој Црквата го имала од самиот почеток од Господа и Светите Апостоли. Кратко изложена таа вера во Света Троица, во Синот Божји и Неговото воплотување заради нашето спасение, се нарекува Символ на Верата, и главна работа на овој Собор беше утврдувањето на тој Символ на верата како еден и единствен за сите верни. Светиот Собор конечно го утврди Вселенскиот Символ на верата, но бидејќи на овој собор само накратко беше речено за Светиот Дух, затоа на Вториот Вселенски Собор во 381 година во Цариград овој Символ беше дополнет и дефинитивно запечатен, така што стана и остана непроменлив низ сите векови, како што и Православната Вера на Црквата остана непроменета и непроменлива низ сите векови. (Подоцна Латините, Римокатолиците во 11 век, започнаа да го менуваат овој свет Символ на Верата, поради што тогаш и отпаднаа од Православната Црква).
Освен тоа, Светиот Прв Вселенски Собор го утврди и точното време на празнувањето на Христовата Пасха - Воскресение, заедничко за сите христијани и сите помесни Цркви, но Латините подоцна и тоа го променија. Најпосле Соборот пропиша и дваесет свети канони за управувањето во Црквата Христова и за начинот на христијанското живеење и владеење во неа.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ И БЛАЖЕН ЈОВАН ЈУРОДИВ
Блажениот Јован се роди од побожните христијани Сава и Наталија во околината на големиот град Устјуг, во селото Пухово. Уште во млади години тој се вооружи со необично воздржание. Во среда и петок не јадеше ништо, а во останатите денове се хранеше само со леб и вода, при што секогаш ноќите ги минуваше во молитви без сон, и секогаш одеше тажен и замислен, та некои мислеа дека нешто не е во ред со него. Неговата мајка многу го молеше да се промени, говорејќи му:
- Чедо мое, не измачувај го своето тело без храна. Суровото воздржание може да ти донесе некоја болест.
На тоа Јован ѝ одговараше:
- Мајко, не присилувај ме. Воздржанието ќе ме избави од гревовите.
Тогаш мајката го праша:
- Какви гревови имаш ти, дете мое, кога си толку млад? Та во тебе е самата благодат Божја, и ние никакви гревови не забележуваме во тебе.
На тоа момчето ѝ одговараше:
- Мајко моја, престани со таквите зборови! Чуј што вели Светото Писмо: „Нека никој од луѓето не се фали дека е безгрешен; без грев е единствено Бог (Рм. 3, 10. 23; 1Јован. 1, 8. 9); јадењето и пиењето нема да нѐ приближат кон Бога (1. Кор. 8, 8). Затоа немојте да го храните своето тело, за тоа да не стане ваш непријател.
Со такви зборови ја советуваше блажениот Јован својата мајка. Иако беше неписмен, Јован со благодатта што му беше дадена од Светиот Дух беше поучен според зборовите на пророкот: „Не познав книги; ќе влезам во силата Господова“ (Пс. 70, 15. 16). По извесно време таткото на блажениот Јован се пресели во градот Орлец на реката Југ, и тука се упокои. Тогаш неговата мајка отиде во тамошниот манастир „Света Троица“, прими монашки постриг, и наскоро беше избрана за игуманија на тој манастир. За тоа време нејзиниот син беше со неа, но, блаженото момче, познавајќи ја суетата на овој свет, зеде на себе изглед на јуродив, и мајката, гледајќи дека се однесува така, го препушти на волјата Божја.
Потоа преподобниот Јован замина од манастирот, отиде во градот Устјук и се насели во црковната кукичка близу соборната црква „Успение на Пресвета Богородица“. Бдеејќи во ноќите, тој непрестајно му принесуваше молитви на Господа, а дење се трудеше пред луѓето да глуми јуродив, луд, и трчаше по улиците, за да не се обелодени неговото преправање. Тој обично се одмораше на ѓубриштето, и одеше потполно гол, а само се препашуваше со една искината кошула. А кога се случуваше да облече кошула, секогаш таа беше стара, и тој никогаш не ја переше.
Преподобниот поднесуваше многу навреди, потсмевања и тепање од лекомислените луѓе. Постојано трпеше глад и жед, и притоа од никого ништо не земаше. Еднаш поради зимскиот студ тој влезе во вжештената печка, легна врз жарта како врз постела, и од тоа ни малку не пострада. Освен тоа, тој ја исцели од треска кнегињата Марија, жената на кнезот Теодор, наречен Црвениот.
Минувајќи го така својот живот, на блажениот Јован му беше откриен од Господа денот на неговото заминување кај Него. Тој се помоли на Господа за целиот свет, се прекрсти, легна на земјата, и ја предаде својата света душа во рацете Божји. Тоа се случи на 29 мај во 1494-та година.
Преподобниот Јован беше погребан близу Соборната Црква и чинеше чудеса за оние кои со вера му се обраќаа.
СПОМЕН НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ АЛЕКСАНДАР АЛЕКСАНДРИСКИ
По маченичката смрт на свети Петар Александриски за александриски архиепископ бил избран Ахил, кој што бил на светителскиот престол само пет месеци. По неговата смрт за негов наследник бил избран свети Александар, возљубен ученик на свети Петар, кај кого што служел уште од млади години. Се истакнал како „храбар заштитник на апостолските догмати“. Во негово време Ариј започнал отворено да го шири своето лажно учење. Свети Александар бил избран прв да поведе смела и енергична борба против новопојавената ерес. Во 318 година тој свикал помесен собор во Александрија, на којшто бил осуден Арија со неговите следбеници. Во почетокот на 325 година помесен собор во Антиохија се присоединил кон тоа решение. На Првиот Вселенски Собор во 325 година, кој што го изобличил и осудил аријанството, свети Александар бил „не само учесник, туку и главен деец меѓу епископите“, а и потоа „дури до смрт се борел против таа ерес“. Починал на 17 април во 328 година, и како свој наследник го оставил светиот Атанасиј Велики.
Сириски и коптски извори сведочат за проповедите на свети Александар. Анжело Мај публикувал на сириски јазик една од нив „Слово за душата и телото и страдањата Господови" (Sermo de anima et corpore dewue passion Domini, PG, t 18, col.585-604), во која што се зборува за неопходноста и за плодовите на страдањата Господови. На сириски јазик се зачувани делови од неколку проповеди. На коптски јазик, пак, целосно е зачувано едно слово - панегерик за маченички починатиот свети Петар Александриски.
Многу поважни од проповедите, како извор за аријанските спорови и борби, се 70 посланија и писма до сите епископи во Египет или до одредени епископи. Од нив во целост се сочувани три (РG, t. 18, col 547-582). Тие за главен предмет го имаат аријанското учење.
Откако во тие посланија го изложува лажното учење на аријанството, кое што е законска рожба на субординационизмот на Павле Самосатски, свети Александар ја посочува неговата настојчивост и му противречи со црковното учење „апостолските догми на Црквата“.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ОЛВИЈАН
Во триста и првата година епископот на градот Анеја свети Олвијан, беше изведен пред малоазиските царски намесници: Александар, Максим, Јулиј, и Елиан, кои го приморуваа да им принесе жртви на незнабожечките богови. Христовиот јунак прекрасно ја величаше верата Христова пред нив, а идолопоклоничката вера моќно ја осудуваше и понижуваше. Затоа со факели му го гореа телото. Потоа го фрлија во силен оган заедно со неговите ученици. Така тие се упокоија и добија од Господа маченички венци.
Свети Олвијан направи многу чудеса за време на животот, а и потоа неговите свети мошти чинат многу чудеса за сите кои со вера им пристапуваат.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК ЈОВАН СОЛУНСКИ
Македонскиот новомаченик Јован се роди во големиот град Солун, од татко Јован и мајка Томаида. Поради сиромаштијата неговиот татко отиде во градот Смирна и таму работеше како чевлар, а подоцна го зеде кај себе и блажениот Јован. Постариот Јованов брат се викаше Теодор. Тој знаеше да чита, додека Јован остана неписмен. Теодор често ги читаше Житијата на Светиите, а Јован со радост слушаше и настојуваше да живее како што живееле Светите. Така, тој уште од младоста се украси со многу добродетели, а во неговата душата се роди желба за мачеништво за Христос.
Еден ден, на 3 мај 1802 година, таткото го испрати Јован во градот да продава чевли, и Јован не се врати назад. Кога го побара во градот, на своја огромна жалост дозна дека Јован се потурчил. Всушност, блажениот христољубец и маченикољубец Јован не се беше потурчил, туку само се преправал пред Турците, за така да најде погоден начин да пострада за Христос. Угледувајќи се на апостолот Павле, тој на Агарјаните им стана Агарјанин, за да го придобие Христа. Помина осум дена преправајќи се дека е Турчин. Тогаш во градот се сретна со еден свој роднина, по има Харизаниј, кој, минувајќи не сакаше ни да го поздрави. На Јовановото прашање зошто не го поздравува, Харизаниј одговори:
- Ти си Турчин, а јас Христијанин! Што има да се поздравуваме?
На тоа блажениот Јован му одговори:
- Нема да изминат ни петнаесет дена, кога ќе видиш каков Турчин сум ти јас.
На 25 мај блажениот Јован ја фрли турската облека, се облече во христијанска, само го задржа турскиот фес, па така облечен излезе пред судијата. Што сѐ зборувал на судот против муслиманската заблуда и како ја фалел христијанската вера не ни е познато, само се знае дека рекол:
- Не сакам да се викам Мехмет туку Јован.
Судијата го затвори во темница. Јован имаше само шеснаесет години. Од темницата блажениот му се јави на својот татко, а тој со радост му посака јуначки да пострада за Господ Христос. Кога утредента турците го изведоа на суд и многу го советуваа и наговараа, а потоа и му се закануваа, неписмениот и смирен чевлар, но верен слуга Христов, само им одговараше:
- Јас сум христијанин, и верувам во мојата прва вера. Сакам да се викам Јован а не Мехмет.
Тогаш агата управител, кој се викаше Сулејман, се досети и предложи Јован со брод да го испратат за Алжир заедно со други турци, така што сакал не сакал ќе мора да остане турчин. Кога слушна за овој предлог, Јован се исплаши да не му пропадне намерата да пострада, но и бргу се досети и побара од турците време за размислување, така што бродот за Алжир отплови, а блажениот и мудар Јован остана во темницата. По два дена турците повторно го изведоа на суд, со очекување дека го променил своето мислење. Кога тој го повтори истото од порано, тие започнаа да му нудат пари, облека и функции, но нормално, тоа беше залудно. На крајот од него побараа само како Мехмед да излезе од судот, а потоа нека се вика како сака, и нека биде што сака. Но, светиот маченик не се согласи ни со тоа. Тогаш турците започнаа да го мачат, а некои од нив отидоа да го доведат и неговиот татко, верувајќи дека тој ќе го наговори да не пострада. Бидејќи неговиот татко од страв не смееше да дојде, судијата донесе одлука на Јован да му се отсече главата. Кога го поведоа маченикот на местото на погубувањето, пред него одеше гласникот и викаше:
- Еве како се казнува оној што се одрекува од нашата вера.
Кроткото и незлобиво јагне Јован со радост одеше да пострада, и на христијаните попат им говореше:
- Простете ми христијани, и Бог нека ви прости вам.
Маченикот го доведоа на таканаречениот Соан - Пазар, каде се беше собрало мноштво агарјани и христијани, и џелатот му ја отсече чесната глава, во четврток на 29 мај 1802 година. Мноштвото христијани се нафрлија на турците, со пари и молби да добијат делче од облеката или од телото на светителот, така што за неколку дена облеката му беше распродадена, па турците сакаа и неговото тело да го исечат и распродадат. За да не дојде до тоа, еден христијанин го откупи од судијата за многу пари телото на маченикот, кое потоа чесно го погребаа. А пак од крвта на светиот новомаченик, која што ја собрааа благочестивите христијани со памук, се случија неколку чудесни исцеленија од различни болести, во слава на нашиот Бог Христос, прекрасниот во светите маченици Свои.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК АНДРЕЈ ХИОСКИ
Овој свет маченик спаѓа во првите новомаченици на Православната Црква Христова по освојувањето на Цариград од страна на Турците (1453 г.). Светиот маченик Андреј беше мачен за својата вера во Господа Христа, а потоа обезглавен во 1465-та година во Цариград. Неговото страдање го опиша Георгиј Трапезунтски.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ МАЖ И ЖЕНА
За Господа Христа им беа испокршени коските со мотки, и од тоа маченички се упокоија.