12. Јуни (30. Мај)
ЖИТИЕ НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ИСАКИЈ ИСПОВЕДНИК
По пронаоѓањето на Пречесниот и Животворен Крст Господов, за време на царувањето на Константин Велики, врагот со своите злобни лукавства внесе немир во Црквата Божја. Тој го поттикна зловерниот и беззаконен цар Валент да ја штити и распространува Аријанската ерес. Овој цар покрена гонење против православните христијани, нареди да се затвораат светите цркви и во нив да не се извршуваат вообичаените Божествени жртви. Некои од црквите претвори во коњушници, а некои пак сруши до темел. Ова гонење траеше долго. Во тоа време настана ридање и плач меѓу христијаните, кои и дење и ноќе се молеа на Господа да се смилува на Својата света Црква, и да го излие својот праведен суд и одмазда над неправедниот цар, зашто тогаш беше исто како некогаш во деновите на светите Апостоли, кога „царот Ирод ја крена раката да мачи некои од Црквата“ (Д. А. 12, 1). По извесно време Бог се крена да ја заштити Својата Црква преку Својот слуга, монахот Исакиј, како што во дамнина го крена пророкот Даниил во заштита на невината Сузана. Овој блажен Исакиј најпрвин се подвизуваше во источната пустина, подражавајќи го светиот пророк Илија, и водејќи живот подобен на ангелите. Кога дозна за гонењето на Црквата од страна на Аријанците, а и дека зловерниот цар е нивни поборник, тој многу се натажи, ја остави пустината, па дојде во Цариград да ги утврдува верните. Неговиот збор беше како запалена свеќа, духот Божји почиваше врз него, и небесна благодат го осветлуваше. Гледајќи ги со свои очи злата што зловерниот цар и неговите истомисленици ги чинеа над верните, тој го молеше Бога да погледне од висините кон невините страдалници, да им го јави милосрдието Свое, и да ја смири гордоста на гонителот. И Бог, кој некогаш го услиша Својот угодник Мојсеј кога се молеше за луѓето злоставувани од Фараонот, го услиша и својот слуга Исакиј, и допушти наезда на варварите над злочестивиот цар Валент. Всушност, варварите, кои во тоа време живееле зад Дунав, со огромна војска ја освоија Тракија и се приближуваа кон Цариград. Тогаш царот Валент беше принуден да стапи во борба со непријателот. На тргнување со војската од Цариград, блажениот Исакиј излезе пред него и силно извика:
- Царе, отвори ги црквите на правоверните, и Бог ќе го благослови твојот пат.
Но, царот не му одговори, туку се оглуши за него како за простак и лудак, и не обраќајќи им никакво внимание на неговите зборови, си го продолжи патот. Утредента блажениот старец повторно истрча пред царот, и му рече:
- Отвори им ги црквите на правоверните, па ќе го победиш непријателот и ќе се вратиш со мир.
Царот се замисли на оваа опомена, и во него се јави желба да ги отвори заклучените цркви, па за тоа започна да се советува со своите советници. Еден од нив, припадник на аријанската ерес, го посоветува да не го слуша монахот туку да го избрка. Царот го изгрди старецот, го избрка со навреди и ќотек, и си го продолжи својот пат. На третиот ден старецот повторно истрча пред царот, го фати неговиот коњ за уздите, и усрдно започна да го моли и советува да ги отвори црквите, зашто во спротивно му претстои казна Божја.
Во близина имаше длабока провалија, на чие што дно имаше кал и растеа трње. Ниеден ѕвер не можеше да се извлече од таму, туку се давеше во калта. Царот нареди во таа провалија да го фрлат монахот, и си го продолжи патот. Фрлен во провалијата, свети Исакиј беше сочуван од десницата Божја и остана неповреден. Тој лежеше во калта среде трњето како врз мека постела среде цвеќиња, благословувајќи Го и славејќи Го Господа, сѐ додека по наредба Божја не му се јавија тројца светли мажи, кои го извлекоа од калта и станаа невидливи.
Тогаш преподобниот Исакиј сфати дека тоа самиот Господ испратил Ангели Свои да го извлечат од провалијата. Затоа падна на колена и долго се молеше и Му благодареше, па окрепен со Духот Свети, тој стана, поита по друг пат, го стигна царот и застана пред него. Царот се преплаши кога го виде, и не можеше ни збор да изусти. А светителот само му рече:
- Ти сакаше да ме погубиш во трњето и калта, но Господ ме сочува и ми испрати свети Ангели да ме извадат од провалијата. Послушај ме, царе, отвори ги црквите ако сакаш да го победиш непријателот и да се вратиш со слава. Ако не ме послушаш, ќе загинеш во војната.
Царот многу се зачуди на монаховата смелост и на блесокот од неговото лице, но не го послуша оти срцето му беше скаменето и одвоено од Бога. Тој го предаде преподобниот на двајца свои големци Сатурнин и Виктор и им нареди да го чуваат во окови. Притоа рече:
- Чувајте го кај себе овој брборлив старец, додека не се вратам. Тогаш достојно ќе го казнам за неговата безобразна смелост.
А преподобниот Исакиј, исполнет со Духот Свети, со поголема ревност викна кон Валент, говорејќи:
- Ако се вратиш во мир, знај дека Господ не зборувал преку мене. Ти велам, царе, ќе ја одведеш војската во војна, но ќе побегнеш од варварите и жив ќе бидеш фатен и спален.
Царот јаросно го продолжи својот пат, а светителот беше ставен во окови.
Кога војската се судри со варварите настана страшен колеж. Тогаш, како што прорече свети Исакиј, варварите беа победници, а самиот цар Валент беше ранет и, неможејќи да им се спротивстави, започна да бега со преостаната војска. Но, варварите ги гонеа и сечеа како трева, и му се приближуваа на самиот цар, кој бегаше заедно со еден свој советник, аријанецот што го посоветува да не го послуша свети Исакиј. Кога приближија до едно село, тој се сокри во една плевна со својот советник. Но, не успеа да се сокрие од раката Божја, која го казнуваше. Варварите стигнаа во тоа село, ја запалија таа плевна, и бедниот цар загина заедно со својот советник.
По битката преостанатата војска го пречека римскиот цар Грацијан, кој им доаѓаше на помош. Штом дојде, Грацијан им го постави за цар Теодосиј, наречен Велики. Теодосиј веднаш собра војска, ги нападна варварите, ги победи, и триумфално се врати во Цариград. Меѓутоа, наскоро по загинувањето на Валент, некои војници, незнаејќи за неговата смрт, дојдоа кај окованиот Исакиј и му рекоа:
- Подготви се за одговор, оти царот набрзо ќе се врати од војната, па ќе те мачи.
Светителот им одговори:
- Ете, изминаа седум дена откако ја почувствував смрдеата од неговите спалени коски, зашто тој, како што прореков, е спален.
Кога војниците го слушнаа тоа, многу се исплашија. По неколку дена навистина стигна веста за смртта на Валент. Тогаш свети Исакиј беше ослободен од оковите, и сите започнаа да го почитуваат како пророк Божји.
Кога новиот цар Теодосиј свечено влезе во Цариград, споменатите големци Сатурнин и Виктор го известија за преподобниот Исакиј, за неговата смелост и за пророштвото. Восхитен, царот нареди со голема чест да го доведат кај него, па му се поклони почитувајќи го како голем угодник Божји, и го замоли да се помоли на Бога за него и за целото негово царство. Преподобниот го советуваше царот да остане побожен, да го врати мирот на Црквата и да ги утеши гонетите. Царот го послуша светителот, и ги протера Аријанците од Цариград, на голема радост на верните.
Блажениот Исакиј Му благодареше на Бога за сѐ, па сакаше да се оддалечи во пустината, на своето поранешно живеење, но Сатурнин и Виктор го умолија да не заминува од престолнината, туку да остане и со своите молитви и поуки да им помага на христијаните. Светителот остана. Во тоа време настана спор меѓу Сатурнин и Виктор, кај кој од нив да живее преподобниот. Кога дозна за нивниот спор, старецот им рече:
- Чеда мои, ја гледам вашата љубов кон мене. Бидејќи сакате да го згрижите моето смирение, ќе речам: останатите денови од својот живот ќе ги поминам кај оној што прв ќе ми подигне живеалиште.
И двајцата веднаш се зафатија што побрзо да подигнат погодно живеалиште за човекот Божји. Сатурнин имаше едно прекрасно место надвор од градот, погодно за живот на монахот. Овде тој брзо подигна обител за угодникот Божји, и преподобниот Исакиј тука се насели. Исто така и Виктор подигна извонредно живеалише за светителот, и многу тагуваше што Сатурнин го испревари. Тој најусрдно го молеше светителот да премине кај него во ќелијата, но преподобниот остана во обителта на Сатурнин, а понекогаш одеше и кај Виктор и остануваше неколку дена, не сакајќи да го нажали со своето одбивање.
Меѓутоа, кај преподобниот започнаа да доаѓаат многумина, сакајќи да монахуваат со него. И се изгради огромен манастир од средствата на богољубивите Сатурнин и Виктор. Преподобниот стана наставник и игумен на многу монаси, и корисен учител на мирјаните, сите упатувајќи ги на патот на спасението, и со збор и со примерот на својот добродетелен живот. Тој беше многу милостив спрема ништите, и кога немаше што да му даде на просјакот, ја даваше облеката од себе. Правеше многу други добра и богоугодни дела. Најпосле, навлегувајќи во длабока старост, тој се приближи кон својот блажен крај. Ги собра браќата, ги поучи, и за игумен им го постави чесниот и свет по живот блажен Далмат, по чие име подоцна обителта се нарече далматска.
После многуте свои богопријатни трудови, преподобниот Исакиј се пресели кај Господа на вечен покој, околу 383-та година. На неговото погребение дојде целиот град. Неговото чесно тело беше положено во црквата на светиот правомаченик Стефан, а неговата света душа застана пред престолот на Пресветата Троица, во зборот на светите и преподобни отци, и секогаш со нив се Моли за нас на Отецот и Синот и Светиот Дух, единствениот наш Бог, Кому слава за навек, амин.
СПОМЕН НА СВЕТА МАКРИНА
Света Макрина е баба на свети Василиј Велики. Беше прекрасна на ум и благочестие и ученичка на свети Григориј Неокесариски Чудотворецот. Во времето на Диоклецијан таа го напушти својот дом, и со својот сопруг Василиј се криеше по шумите и пустините. Нивниот имот беше конфискуван, но тие не се жалеа поради тоа. Лишени од сѐ, освен од љубовта спрема Бога, тие се населија во една прастара шума, каде останаа седум години. По Божја промисла козите се спуштаа од планината и им се даваа, и така тие се хранеа. И двајцата мирно се упокоија во четвртиот век, после многуте страдања за верата Христова.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК НАТАЛИЈ
3а верата во Христа Господа пострада посечен со меч. Родум беше римјанин.
СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЦА ЕРАИДА
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ВАРЛАМ
Во мир се упокои во Господа.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ РОМАН И ТЕЛЕТИЈ (МЕЛЕТИЈ)
Пострадаа за Христа Бога посечени со меч (или фрлени во оган) во Никомидија.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ЕВПЛА
Беше завиткан во воловска кожа и оставен на жешкото сонце. Така пострада за Христа Спасителот.