13.Јуни   (31. Мај)

СПОМЕН НА СВЕТИОТ АПОСТОЛ ЕРМА

Свети Ерма се спомнува во посланието на светиот Апостол Павле до Римјаните (16, 14). Родум беше Грк, но долго време живееше во Рим. Беше епископ во Филипопол и маченички го заврши својот живот. Ја состави многу поучната книга „Пастир“, според откровение на ангел Божји. Ерма беше богат човек, но заради своите гревови и гревовите на своите синови, тој западна во крајна сиромаштија. Еднаш за време на молитвата му се јави човек во бела облека, со стап во раката, и му рече дека е ангелот на покајанието, кој нему му е испратен до крајот на животот. И ангелот му ги даде следните дванаесет заповеди:

1. Да верува во Бога.

2. Да живее во простота и невиност, да не злоставува, и да му дава милостиња на секој што проси.

3. Да ја сака вистината и да ја одбегнува лагата.

4. Да ја чува целомудреноста во помислите.

5. Да се учи на трпение и великодушност.

6. Да знае дека секој човек има по еден добар и по еден зол дух.

7. Да се бои од Бога а не од ѓаволот.

8. Да го врши секое добро и да се воздржува од секое зло дело.

9. Да се моли на Бога од дното на својата душа, со вера дека молитвата ќе му биде услишана.

10. Да се чува од тагата, како сестра на сомнежот и гневот.

11. Да ги испитува вистинските и лажните пророштва.

12. Да се чува од секоја зла желба.

СТРАДАЊЕ НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ЕРМИЈА

Во времето на големото гонење против христијаните, додека царуваше незнабожниот римски цар Антониј, од него да ги измачува христијаните беше одреден и еден кнез по име Севастијан. Кога дојде од Киликија во Кападокија, тој во Коман сретна еден војник по име Ермија, човек стар, со седи коси, христијанин кој веруваше во едниот вистински Бог и твореше правда.

Кезот му рече на Ермија:

- Добив наредба од римскиот цар Антонин, со која што се наредува сите христијани да им принесат жртви на римските богови, а оние што ќе одбијат да бидат подложени на страшни маки. Затоа и ти, Ермија, принесе им жртва на боговите, па ќе му бидеш пријател на царот и ќе добиеш големи почести. Послушај ме, за да не те предадам на маки.

Христовиот подвижник Ермија му одговори:

- Јас сум војник на небесниот и бесмртен Цар Христос, чие Царство не ќе има крај, и затоа нема да му се покорам на смртниот и безбожен цар, чие што царство е краткотрајно. Царството пак на нашиот Господ Исус Христос ќе остане непоколебливо за навек. Оној што верува во Него ќе наследи живот вечен. Јас во Него верувам. Порано Му служев тајно, а сега Му служам јавно, и ѓаволот нема да ме победи. Ти имаш власт над моето тело, и тоа по допуштање на мојот Бог, а над мојата душа нема власт никој освен едниот Бог, Кој може да ми даде трпение и да ме сочува за навек.

Кинезот Севастијан му рече на светителот:

- Принеси им жртва на боговите, ако сакаш да уживаш во радостите на овој живот.

Светителот му одговори:

- За мене не ќе има радост ако отстапам од мојот Создател и им се поклонам на демоните. Навистина тоа не е радост туку жалост, не е уживање туку мачење, не е живот туку вечна смрт.

На тоа кнезот му рече:

- Гледам дека си многу мудар.

Светителот му одговори:

- Мудар сум во мојот Господ Бог. Верувајќи во Него и служејќи Му од срце, со радост сакам да страдам и умрам за Него.

Кнезот му рече:

- Почитувајќи ја твојата седост и умот твој, јас те штедам и ти укажувам милост.

Светителот одговори:

- Мене не ми е потребна твојата милост. Јас ја барам милоста Божја, која ќе ме приведе кај Него. Он со својот Свети Дух ги прави мудри слугите Свои.

Тогаш кнезот го праша:

- Смртта ли ја претпочиташ?

Светителот одговори:

- Оваа смрт не е смрт, туку живот вечен, ако трпеливо ги поднесам маките.

Тогаш кнезот нареди со камења да му ги искршат вилиците и да му ги извадат забите, па со нож да му ја одерат кожата од лицето, а маченикот рече:

- Му благодарам на Бога што ми придојде благодатта на нашиот Господ Исус Христос.

Кнезот го праша:

- Зошто не го примаш тоа што ти следува, како што го примаат останатите војници?

Маченикот одговори:

- Бидејќи неправедно ги пљачкате бедните, јас не примам и не употребувам ништо од вас, зашто имам духовна храна од Духот Свети, и никогаш нема да огладнам.

Тогаш кнезот нареди да го фрлат во вжештена печка. Кога по три дена ја отворија печката, кнезот го најде маченикот жив и неповреден, како пее и Го слави Бога, а огнот не се допрел до него. Тогаш кнезот го повика волхвот и му нареди да подготви отров и да го отруе Ермија. Светиот маченик се помоли на Бога, го испи отровот, и не му се случи ништо според Господовите зборови: „Ако и смртно нешто испиете нема да ви наштети “ (Марко 16, 18). Потоа волхвот подготви смртоносен отров и му го даде на маченикот говорејќи:

- Ако и овој отров не ти наштети, тогаш и јас ќе поверувам во распнатиот Бог, на Кого ти Му служиш.

Свети Ермија го испи и тој отров, но пак остана здрав.

Тогаш волхвот извика:

- Ермија, ти победи! Слуго Христов, ја спаси од пеколот пропаднатата моја душа, и ме поттикна да живеам во Бога. Остарен во гревови и нечистотија, се обновувам обраќајќи се кон живиот и вечен Бог. Боже небесен, Кој преку слугата Твој Ермија ме избави од демонската измама и идолопоклоничката нечистотија, прими ме мене грешниот, кој се обраќам кај Тебе и помилуј ме!

Кнезот побесне од јарост и нареди веднаш да му ја отсечат главата. И волхвот беше посечен крштевајќи се во својата крв. Така новиот христијанин и маченик Христов отиде кај Христа Бога, за Кого ја положи својата душа. Кнезот нареди да го мачат светиот Ермија, корнејќи му ги жилите од целото тело. Мачен на така бездушен начин, тој велеше:

- Јас не чувствувам никакви болки од ова мачење, туку станувам поздрав во верата Христова.

Потоа го фрлија во казан со врел елеј, но казанот веднаш се олади, а врелиот елеј стана ладна роса. Маченикот воскликнуваше:

- Јас не чувствувам маки, и нема да ја исполнам волјата твоја, мачителу! Ја исполнувам само волјата на Отецот небесен, и Нему, мојот Создател, Му се принесувам на жртва непорочна, зашто Он е господар на душите и телата наши.

Додека маченикот така зборуваше, мачителот нареди во устата да му истураат оцет помешан со жолчка, а тој говореше:

- Оваа горчина за мене претставува мед заради мојот Бог, за Кого го поднесувам ова.

Потоа кнезот нареди да му ги извадат и двете очи, а маченикот му рече:

- Ако ти се потребни моите очи, кои што ја гледаат суетата на овој свет, земи ги за себе. Јас ги имам очите на срцето, со кои јасно ја гледам вистинската светлина.

Откако му ги извадија двете очи го обесија за нозете, и тој висеше така три дена, и многу крв му истече од носот. По три дена дојдоа да го видат, мислејќи дека веќе умрел, и се запрепастија кога го најдоа како жив Го слави Бога. Гогаш дојдените ослепеа поради своето неверие и започнаа да барат помош, велејќи:

- Смилувај се на нас, слуго на вистинскиот Бог!

А светителот им рече:

- Дојдете кај мене!

Кога му се доближија, тој ги стави своите раце врз нив, и рече:

- Во името на мојот Господ Исус Христос, прогледајте!

И во тој час тие прогледаа, па се вратија и му раскажаа на кнезот што ги снајде. Кнезот уште повеќе се разјари и нареди на маченикот да му ја одерат целата кожа од телото. Кога беше сторено тоа, тој му се потсмеваше на кнезот, и ги исмеваше нечистите богови со што го доведе мачителот до краен бес. Тој рикна како лав, го извади мечот и му ја отсече чесната глава.

Така свети Ермија го заврши својот маченички подвиг. Дојдоа потајни христијани, го зедоа неговото свето тело и главата, и ги погребаа во Кападокија, во местото Коман. Тука се случуваа многу чудеса од неговите чесни мошти и се даваа исцеленија во слава на нашиот Бог Христос, Кому со Отецот и Светиот Дух чест и поклонение, сега и секогаш и низ сите векови, амин.

Свети Ермија пострада во 166-та година.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК МАГ - ВОЛХВ

Овој маг направи отров за светиот маченик Ермија. Но, кога виде дека неговиот отров ни најмаку не му наштети на светителот, тој поверува во Христа и беше посечен со меч.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ПЕТ АСКАЛОНСКИ МАЧЕНИЦИ

3а верата во Христа беа влечени по земјата. Пострадаа во Аскалон.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ФИЛОСОФ

Овој голем маченик Христов беше родум од околината на Александрија. За неговиот маченички подвиг ни зборува неговиот современик, славниот подвижник Христов свети Павле Тивејски, и не помалку славниот свети Антониј Велики. Тие велат:

- За време на царувањето на Декиј и Валеријан идолопоклониците ги ставаа христијаните на најстрашни маки. Во тоа време тие го фатија и христијанското момче Философ. Многу го мачеа, но бидејќи не можеа да го одвратат од верата Христова, го одведоа во една миризлива бавча полна со цвеќиња, го ставија на прекрасна постела, му ги врзаа рацете и нозете за постелата, и кај него пуштија една девојка за да го заведе. Бесрамната девојка го прегрнуваше и бакнуваше, па дури, и срамно е да се каже, започна да ги допира неговите интимни делови, дразнејќи го на грев. Но, храбриот страдалник, кој толку маки пред тоа беше поднел за Господа Христа, силно го стисна својот јазик со забите, го прегриза и го плукна во лицето на развратната девојка. Од силната болка страста спласна во него, а лицето и облеката на девојката беа попрскани со крв. Таа толку се ужасна, така што веднаш побегна од него. Така младиот и одлучен маченик Христов Философ со благодатта Христова го совлада сладострастието. Потоа свети Философ во своите млади години беше посечен со меч, околу 252 година, и се пресели во царството на вечната младост.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ЕВСЕВИЈ И ХАРАЛАМПИЈ

Овие Христови јунаци пострадаа за Господа Христа. Беа спалени во Никомидија.