14. Јуни (1.Јуни)
ЖИТИЕТО И СТРАДАЊАТА НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ЈУСТИН ФИЛОСОФ
Христовиот маченик Јустин се роди во Сирија Палестинска, во пределите на Самарија, во градот кој отпрвин се нарекувал Сихем, а подоцна беше наречен Неаполис Флавија. Неговиот татко Приск имаше угледно потекло, но беше незнабожец по вера. И Јустин беше идолопоклоник пред да се просвети со светлината на светата вера. Имајќи огромна љубов за вистината уште од младоста, тој напредуваше во науките што се изучуваа во незнабожечките училишта, оти беше многу бистар. Откако го изучи беседништвото чезнееше за философијата, и во почетокот стана ученик на еден философ - стоик, сакајќи да го запознае нивното учење. Во Јустин пламтеше желба да ја дознае вистината за Бог, Кој и што всушност е Бог. Но, од овој стоик философ тој не дозна ништо за Бога, бидејќи овој стоик не Го познаваше Бога, ниту пак учењето за Бога го сметаше за потребно. Затоа го напушти, отиде кај еден философ - перипатетик, кој бил сметан за мудар. Не помина многу време, а овој философ започна да се спогодува со Јустин околу наплатата, не сакајќи да го учи бадијала. Кога го виде неговото среброљубие, Јустин почувствува презир кон него како спрема среброљубец и заклучи дека тој е недостоен да се нарекува философ, штом не ги презира световните богатства.
Од тие причини Јустин ги отфрли стоиците и перипатетиците. Но од силна желба за вистинската философија која би го привела кон познанието на Бога, тој пристапи кај еден познат учител философ - питагорец. Овој му наложи најпрвин да ги изучува астрономијата, геометријата, аритметиката, музиката, и некои други науки, тврдејќи дека се неопходни за овој живот. Размислувајќи за тоа, Јустин сфати дека за изучувањето на овие науки се потребни многу години, а сепак од нив нема никаква корист за душата. И откако и од овој учител не слушна ништо што би ја задоволило желбата на неговото срце, во кое од ден во ден сѐ посилно се распламтуваше божествената љубов, Јустин го напушти и него.
Потоа се обрати кај еден платоничар, чија што мудрост во тоа време многу се славела и почитувала. Овој философ платоничар му вети на Јустин дека од подобието на телесните предмети ќе го научи на познание на бестелесните, од подобието на земните - на познание на небесните, од разбирањето на идеите - разбирањето на Бога. Зашто претпоставуваниот крај на оваа платоничарска философија бил: премин од познанието на идеите кон познанието на Бога. Блажениот Јустин се согласи на тоа, надевајќи се дека ќе ја постигне целта на своите стремежи - божествената мудрост, ќе Го познае Бога, и ќе се исполни со благодатта Негова. Кај овој учител остана доволно време, и набрзо ги изучи платоновите основни начала и поставки, и меѓу елините стана совршен и славен философ. Но вака Јустин не можеше да го достигне вистинското христијанско богопознание, бидејќи грчките философи не Го прославуваа Бога како Бог, туку ја претвораа славата на вечниот Бог во обличје на смртен човек и птици, и четвороношци и гадинки. Сепак тој имаше извесна духовна утеха, упразнувајќи се во богомислието и поучувајќи се во богопознанието, колку што тоа можеше да го постигне неговиот ум, сѐ уште непросветен со вистинското учење.
Еднаш, шетајќи сам надвор од градот по едно осамено место близу морето, и размислувајќи за најразличните философски мудрувања, Јустин здогледа еден непознат чесен сед старец. Бидејќи внимателно го набљудуваше, старецот го праша:
- Ме познаваш ли, па така внимателно ме набљудуваш?
Јустин му одговори:
- Не те познавам, туку се чудам што те гледам во ова пусто место, каде што не очекував да сретнам никого.
На тоа старецот рече:
- Моите роднини заминаа на оваа страна. Во очекување да се вратат, јас излегов да ги пречекам и да ги видам оддалеку. А ти, што правиш овде?
Јустин одговори:
- Јас ги сакам осамените прошетки, за непречено да размислувам околу философските прашања.
Старецот го праша:
- Каква корист имаш од философијата?
Јустин одговори:
- Што корисно може да најде човек од философијата? Таа е просветителка на умот, водач и наставник на секое расудување, раководителка на животот. Кој добро ќе ја запознае, како во огледало ги гледа незнаењето и заблудите на другите. Без философското учење и правилната употреба на разумот, мудроста не може да постои. Затоа секој човек треба да ја изучува философијата, за да знае што е корисно а што не е, до што да се држи а што да отфрли.
Старецот праша:
- Зарем философијата не му носи блаженство на човекот?
Јустин одговори:
- Секако дека му носи.
Старецот праша:
- Кажи ми тогаш, што е философијата и кое е блаженството од неа?
Јустин одговори:
- философијата е разбирање на сѐ што постои, и познание на вистината, а нејзиното блаженство е наградата од самото разбирање и мудроста.
Старецот праша:
- Ако вистината се познава со помош на правилното философско разбирање, тогаш кажи ми што е Бог?
Јустин одговори:
- Битие, кое никогаш не се менува, туку секогаш е исто, и причина на сѐ што постои. Ете, мислам дека тоа е Бог.
На старецот му се допадна одговорот, па продолжи со прашањата:
- Дали во сѐ што постои има еден општ разум? За некого кој што е спретен во извесен занает, велат дека се разбира од тој занает, било да е земјоделец, морепловец или лекар. Зарем тоа не важи и во поглед на останатите божествени и човечки работи? Затоа кажи ми и дали постои разум од кој се раѓа познание и на божествените и на човечките работи?
Јустин одговори:
- Несомнено дека постои.
На тоа старецот праша:
- Тогаш, дали е едно и исто: да се разбере Бог, или да се разбере музиката, аритметиката, астрономијата или било што друго слично на тоа?
Јустин одговори:
- Во никој случај, зашто една работа е да се знае Бог, а друга да се знае некоја наука, занает, или уметност.
На тоа старецот рече:
- Добро одговори, зашто некои знаења ние ги добиваме од слухот и учењата, или од набљудувањето на предметите со сопствените очи. Ако, на пример, некој тебе ти зборувал дека во Индија постои таков и таков ѕвер, кој не е сличен на останатите ѕверови, туку потполно се разликува од нив, ти нема да го знаеш ако не го видиш со сопствените очи, ниту би можел на друг да му зборуваш за него, ако претходно не си слушнал кажување за него. А сега да те прашам: како вашите елински философи можат правилно да разбираат за Бога, или нешто вистинито да кажат за Него, кога немаат никакво познавање за Него, бидејќи никогаш не Го виделе и слушнале?
Јустин одговори:
- Оче, силата на Божеството не се гледа со телесните очи, како што луѓето гледаат живи суштества на земјата, туку само со умот може да се достигне Бог, како што вели Платон, на чие што учење сум следбеник.
Тогаш старецот го праша:
- Дали во нашиот ум постои сила, толку способна и толку моќна, со помош на која би можело да се достигне невидливото, пред со помош на телесните чувства да ја познаеме и сфатиме било која работа?
Јустин одговори:
- Навистина постои таква сила. Платон ја нарекува око на умот, кое, според неговото учење му било дадено на човекот, за, очистено и осветено со учењето на философијата, да може да ја гледа самата божествена вистина, која е причина за сите работи што се постигнуваат со умот. Та сепак вистината нема обличје, ниту некакво подобие, ниту висина, ниту нешто што може да се види со телесните очи, туку е Битие над сите битија, недостижно, неисповедливо, единствено добро. Од самото тоа Битие, од почетокот во благородните души е засадена желбата за Негово познание, зашто Он сака тие души да Го знаат и гледаат.
На старецот му беше пријатно да слуша вакви зборови, но сепак не беше сосем задоволен со ова Јустиново расудување за Бога, според учењето на Платон, како несовршен и, несложувајќи се со Платон, рече:
- Ако Платон учи како што исповедаш ти, тогаш зошто самиот не ја познае и не ја долови вистината Божја? Зборувајќи дека Бог е невидлив и недостижен, тој во видливите твари, небото, ѕвездите, дрвјата и камењата, изработени во човечко обличје, им се клањал како на самиот Бог, и претворајќи ја вистината Божја во лага, се држел до идолопоклонството и на тоа учел и други. Затоа сметам дека Платон и останатите елински философи не го поседуваат правиот разум, кој може да го постигне вистинското познание на Бога: „Зашто тие се заблудија во своите помисли, и нивното неразумно срце им се помрачи. Тврдејќи дека се мудри, тие обезумија“ (Рим. 1, 21-22). Со сигурност ќе речам: умот човечки, неупатен со Духот Свети и непросветен со верата, никако не е во состојба да Го познае и разбере Бога.
Додека старецот зборуваше за вистинското богопознание и богопочитување, и за останатите божествени предмети, изобличувајќи ги заблудите на елинските философи, Јустин се восхитуваше. Потоа праша:
- Тогаш каде, и каков учител може да најде човек, кој би го упатил во вистината, ако во Платон и во останатите философи нема вистина?
Старецот започна да му зборува за светите пророци, велејќи:
- Во дамнешни времиња, далеку пред сите философи, имаше луѓе, свети и праведни и богоугодни. Исполнети со Светиот Дух, тие претскажуваа за она што сега се случува. Тие луѓе се нарекуваа пророци. Единствено тие пред сите ја познаа вистината, и им ја објавуваа на луѓето, и никогаш не се посрамија, ниту исплашија. Нив никој, и со ништо не можеше да ги убеди макар и во еден збор да отстапат од вистината. И славољубието не можеше да ги победи. Сѐ што тие од Бога во откровенија добија, или видоа, или слушнаа, го кажуваа чисто, просто, точно, и бестрашно. Нивните списи постојат и сега. Кој со вера ги чита, му носат многу корист и го просветуваат неговиот ум кон познание на вистината. Овие свети пророци ги потврдуваат своите зборови со прост говор, кажувајќи ја самата вистина. Самите тие, без никакви софистички разлагања, беа најсигурни сведоци на вистината, зашто веруваа во едниот вистински Бог, Творецот на сѐ, и однапред го објавуваа доаѓањето на Неговиот Син, Господ Христос, во светот. Нема сомнеж дека треба да им се верува на пророците, бидејќи некои нивни претскажувања веќе се исполнија, а други сега се исполнуваат. Вистинитоста, пак, на некои свои претскажувања, тие ја потврдуваат со чудеса, вршејќи прекрасни дела со силата на благодатта Божја, давана одозгора, коишто лажните, не од Бога поставени пророци, никогаш не можеа да ги вршат, туку само ги заплашија луѓето со некои демонски привиденија и фантазии.
Откако така поразговара со Јустин, овој непознат блажен маж најпосле му рече:
- Пред сѐ, долично моли се на вистинскиот Бог, да ти ги отвори вратите на светлината, зашто само оној, на кого самиот Бог ќе му открие, може да го види и разбере Божјото. А Он му открива на секој што Го бара со молитва и Му се приближува со љубов.
Тогаш старецот стана невидлив и Јустин никогаш повторно не го виде. Што почувствува во своето срце по заминувањето на старецот, самиот потоа ни кажа во разговорот со славниот евреин Трифон:
„Некаков оган се разгоре во мене, распалувајќи ми го духот со чезнеење за Бога, и се роди во мене љубов спрема светите Пророци и пријателите Христови. Размислувајќи за зборовите на старецот, јас заклучив дека философијата што тој ми ја објави, всушност е вистинската философија, и започнав да ги читам пророчките и апостолски книги, и од нив станав вистински философ, вистински христијанин“.
Подоцна кажувајќи му го на Трифон тоа за себе, блажениот Јустин го извести потомството за почетокот на своето обраќање кон Бога, како тој од оној непознат маж, како од небото испратен, беше упатен на правиот пат.
После тој душекорисен разговор со боговдахновениот старец, Јустин веднаш започна да бара христијански книги и со големо усрдие да го чита Божественото Писмо. Древните пророштва на сибилите тој ги споредуваше со претскажувањата на светите Пророци за Христовото воплотување од Пречистата Дева, за Неговото доброволно страдање, за идниот Суд, и за крајот на видливиот свет. Гледајќи потполна согласност помеѓу нив, тој се восхитуваше и со внатрешното раководство на Светиот Дух постепено навлегуваше во сѐ посовршено и посовршено познание на Бога и Синот Божји. Од ден во ден во него јакнеше духовната топлина кон побожноста и, навлегувајќи во христијанската вера, тој во себе му се потсмеваше на елинското безумие. Но, во тоа време постоеја извесни препреки, кои не малку ѝ пречеа на добрата намера на неговата душа во нејзиниот стремеж кон христијанското благочестие. Тоа беа честите и лути гонења против христијаните, и многу срамните и нечуени клевети, кои незнабошците лажно ги изнесуваа против христијаните, дека божем на своите ноќни богослуженија, кога го гасат свеќникот, заедно со него ја гасат и свеќата на чистотата, взаемно се осквернуваат со нечистотија, и слично на ѕверовите, јадат човечко месо. Со таквите и слични гнасотии, незнабошците и евреите ги срамотеа невините христијани, меѓу сите народи. На лагите изречени од лошите и безумни луѓе им се веруваше како на вистина, и сите неверници ги мразеа христијаните, се гнасеа од нив, ги презираа како најголеми беззаконици, одговорни за тешки гревови, и ги предаваа на лути маки и смрт.
Ваквите работи на почетокот го одвраќаа Јустин од намерата да се присоедини кон христијаните. Сепак, тој не можеше да им верува на ваквите обвинувања, добро знаејќи дека народниот неразумен суд често ги осудува невините како виновници, чистите ги срамоти како развратници, и праведниците ги жигосува како грешници. Гледајќи како христијаните бестрашно одговараат на судовите, како се храбри во маките, како ги презираат сите овоземни богатства, како доброволно се предаваат на страдања за својот Господ, и како итаат во смрт како на веселба, Јустин вака расудуваше во себе:
„Не е вистина тоа што се зборува за христијаните. Страстољубивиот грешник, кој незауздано ги задоволува телесните желби, и бара наслада во јадењето на човечко месо, се плаши од смртта, не поднесува маки, не се предава на доброволно страдање, туку го одбегнува. А кога ќе се најде пред некаков суд, на сите можни начини се труди да се извлече, и не жали средства да се откупи од казната, за потоа да може да живее безболно, и уште повеќе да ги задоволува своите страсти. Но, христијаните не се такви: тие доброволно страдаат за Христос, во Кого веруваат, и смртта ја сметаат за живот. Како тогаш во нив може да има такво гревољубие?“
Расудувајќи така, Јустин грижливо се распрашуваше за животот на христијаните, и потполно се убеди дека тие чисто и непорочно пребиваат во стравот Господов, будно го чуваат своето целомудрие, со пост и воздржание се умртвуваат себе си секојдневно, често се молат, и непрестано се обучуваат во сите добри дела. Целосно убеден во тоа, Јустин многу ги засака христијаните, се приљуби кон нив, и прими свето крштение. Тој стана голем поборник за Христовата вера, борејќи се со елините и евреите усмено и со пишан збор, и стана непобедлив војник Христов, и силен и храбар подвижник.
Барајќи спасение за човечките души, блажениот Јустин обиколуваше разни земји, учејќи и проповедувајќи во името Христово, и обраќајќи ги неверните од нивните заблуди кон Бога. Дојде тој и во Рим, како философ, во философска долама, со своите ученици. И бидејќи многумина доаѓаа кај него, тој основа школа и под видот на световната философија, ги учеше во вистинската христијанска философија. Го сретна таму еретичкиот првак Маркион, јуначки му се спротивстави и напиша книга против неговата ерес, како и против другите еретички учења. Таму имаше и еден незнабожечки философ - циник, Крискент, голем непријател на христијаните. Со овој нечестив философ, свети Јустин непрестано водеше борба, препирајќи се со него и пишувајќи книги против него. Овој циник, водејќи поган и многу нечист живот, ги мразеше христијаните заради нивниот целомудрен живот во Бога, и завидуваше на славата Јустинова, бидејќи Јустин беше славен и почитуван од сите римјани, поради својата боговдахновена мудрост и чистиот и непорочен живот. Во својата злоба циникот ги клеветеше христијаните, лажно ги обвинуваше за многу срамни дела, со цел во очите на народот да го оцрни Јустин и неговите едноверни, и да го крене народот против нив. Слушајќи го и гледајќи го тоа, свети Јустин зборуваше:
- Јас сакам да страдам за верата Христова и да бидам убиен од неверниците. Мислам дека смртта ќе ме снајде преку овој безумен циник Крискент, кој повеќе ја сака гордоста отколку мудроста, и не е достоен да се нарече философ, зашто се осмелува јавно да тврди работи кои не му се познати. Тој хули на нас од омраза и злоба, и полош е од простите луѓе, зашто тие не се осмелуваат да зборуваат за работи што не ги знаат.
Во тоа време во Рим царуваше Антонин Пиј (138-161г.), наследник на Адријан. Самиот Антонин не им беше лут на христијаните. Сепак тие, врз основа на наредбата од поранешните цареви, нечестиви идолопоклоници кои биле на власт, ги гонеа и убиваа христијаните од огромна омраза кон нив, а и од користољубие, за да се дограбат до нивните имоти. И не толку заради исповедањето на името Христово, колку заради лажните клеветнички обвинувања, тие ги судеа христијаните, ги измачуваа и усмртуваа. Во тоа време во Рим се случи следново:
Една незнабожна жена, која водеше нечист живот, кога од христијаните слушна проповед за вистинскиот Бог, и учење за целомудрениот живот, за наградата на праведниците и за маките на грешниците, беше трогната и поверува во Христа. Таа својот сопруг, ревносен идолопоклоник, целиот во телесните нечистотии, го советуваше на сите можни начини за да го упати на воздржлив живот и да го обрати кон вистинската вера. Но, кога виде дека никако не може да го поправи, бараше начин како да го раскине бракот со него, за повеќе да не се сквернави со неговата нечистотија. Мажот, пак, кога дозна кој христијанин ја поучил во христијанската вера, отиде кај градоначалникот и му се пожали од него. Тој се викаше Птоломеј. Го уапсија Птоломеј и долго го држеа во смрдлива темница. Потоа градоначалникот го изведе на суд и го осуди на смрт. За време на тоа неправедно судење таму стоеше еден човек по име Лукиј, кој, кога виде дека блажениот Птоломеј невин го осудија, му рече на судијата:
- За каква вина, градоначалнику, предаваш на смрт човек кој не ја заслужува? Тој не е ни прељубодеец, ни насилник, ни убиец, ни крадец, ни разбојник. Единствената негова вина е што изјавил дека е христијанин.
Грозно погледнувајќи кон него, градоначалникот бесно го праша:
- И ти ли си христијанин?
Лукиј одговори:
- Да, христијанин сум.
Тогаш градоначалникот нареди да го предадат на смрт. На овие двајца христијани им се придружи и нивниот другар, кој велегласно огласи дека е христијанин, та и тројцата ги положија своите души за Господа Христа.
Кога дозна за оваа неправедно погубување на светите, блажениот Јустин многу се натажи. Тогаш ја напиша Апологијата (Одбрана) на христијаните и христијанското учење, и му ја предаде на царот и неговите синови и целиот сенат, спремен на маки и смрт за Христа. Царот внимателно ја прочита Апологијата, се восхити на мудроста на христијанскиот философ, и не само што не го осуди на смрт, туку и го пофали неговиот ум. Во таа Апологија свети Јустин ја изобличува лажноста на незнабожечките богови, јасно ја прикажува силата Христова, докажува дека клеветите против христијаните се лажни, и покажува дека нивниот живот е целомудрен и праведен. Трогнат, царот издаде наредба да не ги мачат христијаните за името Христово, и да не им ги одземаат имотите, освен ако се виновни и заслужуваат казна. Свети Јустин зеде препис од царската наредба и со негово одобрување отпатува во Азија, каде најмногу беа гонети христијаните. Кога стигна во Ефес облечен во философската долама, која до својата смрт не ја оставаше, свети Јустин на сите им ја објави и објасни царската наредба и ја распрати во тамошните покраини и градови. И настапи мир во Црквата Христова, гонењето престана за извесно време и верните се радуваа. Престојувајќи во Ефес, свети Јустин имаше препирања со мудриот еврејски равин Трифон, и го победи повикувајќи се на книгите од Стариот Завет. За тоа препирање, како и за споменатата Апологија, опширно се зборува во Јустиновата списа: „Разговор со Трифон Евреинот“.
Откако помина доста време во Ефес, повторно се врати во Италија. Исто како Апостолите, тој насекаде по патот го проповедаше Христа, и препирајќи се со евреите и елините ги обраќаше во светата вера, а верните ги утврдуваше. А кога дојде во Рим, врз него со страшна омраза и силна злоба се нафрли гореспоменатиот безбожен философ Крискент циникот. Препирајќи се често со него, свети Јустин секогаш го победуваше и посрамуваше пред сите. Не можејќи да му се спротивстави и незнаејќи што да прави, злобниот Крискент со многу лаги го наклевети пред римскиот суд. Свети Јустин беше уапсен и како виновник беше мачен во окови. Кога го судеа не најдоа никаква вина кај него. Плашејќи се да не го ослободат, завидливиот Крискент тајно подготви смртоносен отров, и на лукав начин го отру непобедливиот војник Христов. Но, се исполни она што свети Јустин го пишуваше во својата прва Апологија: „Вие нас можете да нѐ убивате, но не можете да ни наштетите“.
Така вистинскиот христијански философ свети Јустин го заврши својот живот, оставајќи зад себе многу списи, од огромна корист за Црквата Христова, зашто се исполнети со мудрост на Светиот Дух. И застанувајќи пред подвигоположникот Господ Христос, од Него доби маченички венец и беше вброен меѓу светите Маченици, кои ја слават Света Троица, Отецот и Синот и Светиот Дух низ сите векови. Амин.
СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ЈУСТИН (ЈУСТ) И ОСТАНАТИТЕ СО НЕГО
Во времето кога безбожните идолопоклоници беа издале наредба против христијаните, секој што верува во Христа да биде приморан да им принесе жртви на идолите, беа фатени светите маченици Јустин (Јуст), Харитон и неговата сопруга Харита, Евелпист, Еракс, Пеон и Ливеријан, доведени во Рим и изведени на суд пред градоначалникот Рустик.
Градоначалникот му рече на Јуст:
- Покори им се на боговите за да не бидеш осуден.
Свети Јуст му одговори:
- Никогаш не може да биде осуден оној што им се покорува на заповедите на нашиот Спасител Исус Христос.
Градоначалникот го праша:
- Од кое учење си ти?
Јуст одговори:
- Јас внимателно ги изучував сите световни учења, и во секое знаење постигнав многу, но потоа се присоединив кон вистинското христијанско учење, иако тоа не им е по волја на заблудените.
Тогаш Рустик рече:
- Беднику, ти ги сакаш учењата спротивни на нас?
Јуст одговори:
- Да, ги сакам, зашто сум следбеник на вистинското учење на христијаните.
Градоначалникот праша:
- Какво е тоа учење?
Јуст одговори:
- Вистинското учење кое ние христијаните побожно го држиме е да се знае единствениот Бог Творецот и Создателот на сѐ видливо и невидливо, и да се исповеда Господ Исус Христос, Синот Божји, од пророците претскажаниот, Кој ќе дојде да му суди на родот човечки. Он е Проповедник на спасението и Учител на оние што сакаат да се утврдат во доблестите. За бесконечното Негово Божество, јас немоќниот човек, и помал од сите, не можам ништо да зборувам како што треба, туку исповедам дека тоа е работа на пророците, зашто тие пред многу векови го претскажаа доаѓањето на Оној Кого јас Го нареков Син Божји.
Градоначалникот праша:
- Каде се собираат христијаните?
Јуст одговори:
- Секој оди каде што сака и може. Зарем мислиш дека се собираме на едно место? Тоа е невозможно, зашто Богот христијански е неопфатлив, туку како невидлив ги исполнува земјата и небото, и верните насекаде Му се поклонуваат и насекаде Го слават.
Градоначалникот рече:
- Сепак кажи ни, каде се состанувате и каде ти ги собираш своите ученици?
Јуст одговори:
- Јас досега престојував близу домот на некој Мартин, покрај бањата Тимиотина. Во Рим дојдов по втор пат, и не познавам друго место освен споменатото. Секој што дошол кај мене го приведов во вистинското учење.
Рустик праша:
- Значи ти си христијанин?
Јустин одговори:
- Да, христијанин сум.
Тогаш градоначалникот му се обрати на Харитон:
- И ти ли си христијанин?
Свети Харитон одговори:
- Со Божја помош, и јас сум христијанин. Потоа Рустик ја праша блажената Харита, дали и таа ја следи Христовата вера. Харита изјави дека е христијанка.
Рустик го праша Евелпист:
- А ти, кој си?
Тој одговори:
- Јас сум царски роб, но како христијанин самиот Христос ми даруваше слобода, и со Неговото милосрдие и благодат, јас станав учесник на истата надеж како и овие пред тебе.
Потоа градоначалникот го праша Еракс, да не е можеби и тој христијанин. Тој му одговори:
- И јас сум христијанин, истиот Бог Го почитувам и Нему Му се поклонувам.
Градоначалникот праша:
- Јуст ли е вашиот учител?
Еракс одговори:
- Јас бев, сум и ќе останам христијанин.
А свети Пеон, кој стоеше тука, рече:
- И јас сум христијанин.
Градоначалникот го праша:
- Кој те поучи во христијанството?
Тој одговори:
- Од родителите го примив.
На тоа Евелпист рече:
- И мене родителите ме научија да бидам христијанин, а слушајќи ги Јустовите зборови, јас се зацврстив во христијанската вера.
Градоначалникот го праша:
- А каде се твоите родители?
Евелпист одговори:
- Во Кападокија.
Тогаш градоначалникот го праша Еракс:
- Во која земја живеат твоите родители?
Еракс му одговори:
- Наш вистински татко е Христос, а мајка верата во Него. Моите земни родители се претставија, а јас дојдов овде од Иконија Фригиска.
Тогаш градоначалникот му се обрати на Ливеријан, и тој да се изјасни дали е христијанин. Тој му одговори:
- Јас сум христијанин, го почитувам единствениот вистински Бог и Нему Му се поклонувам, а вашите богови ги презирам.
Обраќајќи се повторно кон Јуст, градоначалникот рече:
- Слушај ти, кој се нарекуваш красноречив и сметаш дека си следбеник на вистинското учење! Ако твоето тело е покриено со рани, очекуваш ли дека поради тоа ќе се вознесеш на небото?
Јустин одговори:
- Очекувам! Ако го претрпам мачењето за кое што зборуваш, тогаш и јас од мојот Господ ќе ја добијам наградата подготвена за оние што ќе го сочуваат Христовото учење. Убеден сум дека сите кои побожно живеат и на некој начин страдаат за Бога, до свршетокот на светот ја очекуваат сокриената благодат Божја.
На тоа градоначалникот рече:
- Значи, ти мислиш дека на небото ќе добиеш некаква награда од твојот Бог?
Јуст одговори:
- Не мислам, туку сум сигурен во тоа, без никаков сомнеж.
Тогаш Рустик рече:
- Ајде да ја извршиме работата што стои пред нас. Заедно принесете им жртва на боговите.
На тоа Јуст возврати:
- Никој, со здрав разум, нема да се лиши од побожноста и да западне во заблуда и беззаконие.
Градоначалникот рече:
- Ако не им се покорите на нашите наредби, ќе бидете безмилосно мачени.
Јуст одговори:
- Навистина сакаме да претрпиме маки за нашиот Господ Исус Христос, зашто тие ќе нѐ спасат на Страшниот суд Негов.
Истото го рекоа останатите, додавајќи:
- Побрзо прави што сакаш. Ние сме христијани и нема да им принесеме жртви на идолите.
Тогаш градоначалникот пресуди: Оние што не сакаат да принесат жртви и да се покорат на царската наредба, нека бидат тепани со стапови и одведени на смрт. Нека им бидат отсечени главите, како што пропишува римскиот закон.
Така светите маченици, славејќи Го Бога, беа изведени на губилиштето, па откако многу ги тепаа им ги отсекоа главите со секира. Потоа некои од верните тајно ги зедоа нивните чесни тела.
ЖИТИЕТО НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ АГАПИТ ПЕЧЕРСКИ, лекарот бесплатен
Кога нашиот преподобен отец Антониј Печерски се прослави со дарот на исцелувањето, кај него во пештерата дојде блажениот Агапит, сакајќи душевно исцелување преку постригот во монашкиот чин. Откако беше замонашен, тој со сета своја душа го следеше ангелоподобното житие на преподобниот Антониј, под неговото раководство. Агапит беше очевидец како овој голем маж им служеше на болните и ги исцелуваше со својата молитва. Но сокривајќи го дарот даден на неговата молитва, тој на болните им даваше билки од својата храна божем како лек.
Гледајќи го тоа, блажениот Агапит многу се трудеше, ревносно подражавајќи го светиот старец во подвизите. Кога некој од браќата ќе се разболеше, тој ја оставаше својата ќелија во која немаше што да се украде, одеше кај болниот брат и му служеше: го подигаше, местеше, го изнесуваше на своите раце, и непрестајно се молеше на Бога за негово исцелување. А ако понекогаш болеста се продолжувала, со тоа Господ сакал да ја умножи верата и да ја зајакне молитвата на Својот слуга Агапит. Така подражавајќи ги подвизите на преподобниот Антониј, блажениот се удостои да стане учесник на истата благодат со него; со својата молитва ги исцелуваше сите болни, и исто така им даваше билки, кои што ги вареше за себе, поради што и беше наречен лекар. Гласот за него се пронесе и во Киев, и многумина доаѓаа кај него и си заминуваа здрави.
Во тоа време во градот Киев живееше еден лекар, по потекло и вера Ерменин, многу вешт во лекувањето, што порано му немало рамен. Нему му било доволно само да го погледне тешко болниот, па веднаш да го погоди денот и часот на неговата смрт, и никогаш не погрешил. Еден од таквите болни, првиот болјарин кај великиот кнез Всеволода, кого што Ерменинот го фрли во очајание претскажувајќи му смрт по осум дена, беше донесен во Печерскиот манастир. Блажениот Агапит се помоли за него, му даде да јаде од билките од кои што и самиот јадеше, и го исцели. И веднаш неговата слава се рашири по целата руска земја. А Ерменинот, ранет со стрелата на зависта, започна да го клевети блажениот. Тој испрати во манастирот еден осуденик на смрт, кој пред Агапит требало да земе отров и да умре. Гледајќи го овој како умира, блажениот му даде од билките од кои самиот јадеше, творејќи молитва за него, и со тоа го избави од смртта осудениот. Од тогаш иноверниот Ерменин многу го намрази блажениот и ги наговори своите едноверци да му дадат смртен отров. Блажениот го испи отровот и остана неповреден. „Зашто знае Господ да ги избавува побожните од напасти“ (2 Петар 2, 9), како што рече: „Ако и смртно нешто испиете, нема да ви наштети“(Марко 16, 18).
Потоа во Чернигов се разболе кнезот Владимир Всеволодович Мономах. Истиот Ерменин многу грижливо го лечел, но без успех, зашто болеста се влошувала. Веќе на умирање, кнезот го замоли тогашниот печерски игумен Јован да го испрати блажениот Агацит кај него, за да го излечи. Игуменот го повика Агапит, кого никој не го беше видел да излегува надвор од манастирот заради лечење, но тој смирено му рече:
- Ако заради тоа појдам кај кнезот, тогаш ќе морам да одам и кај сите. Те молам, оче, не терај ме да излегувам надвор од манастирот за човечка слава, од која што пред Бога ветив дека ќе бегам до последниот здив. Ако дозволиш, подобро да отпатувам во друг крај, па да се вратам кога оваа неволја ќе помине.
Кога кнезовиот пратеник увиде дека нема да го натера блажениот да го посети неговиот господар, тој започна да го моли, барем да му испрати од билките за исцеление. Натеран од игуменот, блажениот му даде од своите билки. И штом кнезот вкуси, по молитвите на блажениот веднаш оздраве. Тогаш тој лично отиде во Печерскиот манастир, сакајќи да го види оној, преку кого Бог му подари здравје, зашто никогаш порано не се беше сретнал со блажениот, и сега сакаше да му оддаде почитување и да го обдари. Но, Агапит не сакаше да биде славен на земјата и затоа се сокри. Кнезот му го предаде на игуменот златото наменето за Божјиот угодник. Набрзо истиот кнез повторно испрати еден свој бојарин со многу дарови кај блажениот Агапит. Бојаринот го најде светиот во ќелијата и ги положи пред него подароците, а тој му рече:
- Чедо јас никогаш од никого ништо не зедов, бидејќи никогаш не исцелував со мојата сила туку со силата на Господ Христос. Затоа ова не ми е потребно.
Бојаринот му одговори:
- Оче, оној кој ме испрати знае дека тебе не ти е потребно ништо. Те преколнувам, прими го за утеха на синот твој, кому Бог преку тебе му подари здравје. А даровите, ако сакаш дај ги на ништите.
Старецот на тоа му рече:
- Бидејќи така зборуваш, ќе ги примам со радост, а на оној што те испратил кажи му дека и останато што го има е туѓо и дека ништо од тоа нема да понесе со себе кога ќе го напушти овој живот. Затоа сѐ нека раздаде на ништите, зашто самиот Господ, кој се наоѓа во ништите, го избави од смртта, а јас самиот по себе ништо не би успеал. Нека не се оглуши на моите зборови, за да не пострада уште потешко.
Откако го рече тоа, блажениот Агапит го зеде донесеното злато и излезе со него од ќелијата, како да сака да го сокрие. По некое време излезе бојаринот, па кога ги виде сите подароци фрлени пред вратата, ги собра и му ги предаде на игуменот Јован. Кога се врати сѐ му раскажа на кнезот, и сите сфатија дека тој е вистински слуга Божји, кој бара награда единствено од Бога а не од луѓето. Тогаш кнезот започна дарежливо да го раздава својот имот на ништите.
По многуте богоугодни трудови и подвизи се разболе и самиот бесплатен лекар, блажениот старец Агапит. Кога дозна за тоа, гореспаменатиот лекар Ерменин го посети и започна да расправа со него за лекарските вештини, прашувајќи го со какви тревки се лечи таквата болест.
Блажениот одоговори:
- Со онакви, со какви што самиот Господ, како лекар на душите и телата, подарува здравје.
А самиот Ерменин, сметајќи го блажениот за незнаен во лекувањето, им рече на оние со него:
- Овој не знае ништо од нашата вештина.
Потоа го фати за рака и рече:
- Вистина ви велам, дека во третиот ден ќе умре. Ако не биде така, тогаш и јас ќе станам ваков монах.
Блажениот на тоа огнено рече:
- Таков ли е твојот начин на лекување: повеќе да зборуваш за смртта отколку за помошта! Ако си спретен, дај ми живот. Ако, пак, не владееш со тоа, зошто ме понижуваш, осудувајќи ме да умрам во третиот ден? Мене Господ ме извести дека по три месеци ќе отидам кај Него?
Ерменинот повторно му рече:
- Еве, ти веќе целиот си се изменил, а таквите никако не можат да живеат повеќе од три дена.
Навистина, свети Агапит беше многу изнемоштен, та самиот не можеше ни да се помрдне. Меѓутоа, кај него, иако беше толку болен, донесоа за исцеление еден болен од Киев. А блажениот со сечудната помош Божја, веднаш стана, како да не боледувал, ги зеде своите вообичаени билки, кои му служеа за храна, и му ги покажа на Ерменинот, говорејќи:
- Еве ги тревките со кои лекувам: види и разбери!
А тој, погледнувајќи, рече:
- Овие не се од нашите билки. Мислам дека се од Александрија.
Потсмевајќи се на неговото незнаење, блажениот му даде на болниот од тие билки, се помоли, и болниот веднаш оздраве.
Потоа му рече на Ерменинот:
- Чедо, те молам, ако сакаш, јади со мене од овие билки, зашто немам со што друго да те угостам.
Ерменинот му одговори:
- Оче, ние овој месец постиме четири дена, и сега сум во пост.
Блажениот го праша:
- Кој си ти, и од која вера си?
Тој одговори:
- Зарем не си слушнал дека сум Ерменин?
Тогаш блажениот му рече:
- Како тогаш си се осмелил да влезеш и да ја оскверниш мојата ќелија, па уште ме држиш за мојата грешна дланка? Оди си од мене нечестив иновернику!
И тој посрамен си замина.
После тоа блажениот Агапит поживеа, како што прорече, три месеци и, откако малку боледуваше отиде кај Господа на први јуни. Бидејќи беше бесплатен лекар на земјата, тој прими огромна отплата на небото, каде нема болести. А браќата ги подготвија неговите чесни мошти за погреб, и ги положија во пештерата на преподобниот Антониј.
По претставувањето на свети Агапит дојде оној Ерменин во Печерскиот манастир и му рече на игуменот:
- Отсега ја напуштам ерменската ерес и верувам во Господ Исус Христос, Кому сакам да Му служам во светиот монашки чин. Мене ми се јави блажениот Агапит и ми рече: „Ти си ветил да го примиш монашкиот образ. Ако излажеш, со животот ќе ја погубиш и душата“. Јас верувам дека тој е свет. И ако беше посакал долго да живее на земјата, Бог би му го дарил тоа. Јас бев убеден дека тој нема да живее ни три дена, а Бог му додаде три месеци. А да сакаше би живеел и три години. Сега мислам дека тој самиот, како свет, посака да нѐ остави, чезнеејќи за царството на Светиите, и Бог му дарил живот вечен во небесните живеалишта. Затоа сакам што поскоро да ја исполнам наредбата на овој свет маж.
Игуменот, сослушувајќи го Ерменинот, го замонаши и долго го поучуваше, та тој, угледувајќи са на блажениот Агапит да биде спретен во лекувањето на својата душа.
Ерменинот се подвизуваше богоугодно, остатокот од својот живот го помина во светиот Печерски манастир, и тука го дочека и својот блажен крај, предавајќи ја својата душа во рацете на Лекарот на душите и телата - нашиот Господ Исус Христос, славениот со Беспочетниот Отец Негов и со Пресветиот, Благ и Животворен Дух Негов, сега и секогаш и низ сите векови, амин.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ДИОНИСИЈ ГЛУШИЦКИ
Се роди во Вологотската губернија. Од младоста се подвизуваше во Спасокамениот манастир на Кубенското Езеро. Оттаму заедно со монахот Пахомиј, чезнеејќи за вистинско пустинско осамеништво, тој премина на Света Лука, и тука го обнови запустениот општожитиен манастир. Во 1403-та година се оддалечи на реката Глушица, тука основа општожитиен манастир, а на пет километри од реката друг манастир, наречен Сосновец. Преподобниот водеше суров подвижнички живот, измачувајќи го телото со пост и бдение, постојана молитва и земање на тешки подвизи врз себе. Светиот строг подвижнички живот и неговата духовна мудрост привлекуваа кај него луѓе од разни професии и возрасти. Многумина остануваа со него и се замонашуваа. А пак народот во него гледаше од Бога испратен пастир и учител. Преподобниот беше спретен живописец, ковач и кројач. Постојано работеше и ни минута не остануваше без работа. Храна земаше само кога потполно ќе малаксаше од истоштеност. Седум години пред својата смрт, преподобниот си ископа гроб во Сосновец, и секој ден одеше таму, постојано потсетувајќи се на смртта, и често по цела ноќ остануваше на мразот крај ископаната дупка, размислувајќи како да го одбегне ледениот студ на крајната темнина.
Преподобниот Дионисиј се упокои во 1437 година. Неговите свети мошти почиваат во Сосновецкиот манастир.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ДЕСЕТ ИЛЈАДИ МАЧЕНИЦИ
Пострадаа во Антиохија за време на безбожниот цар Декиј Трајан (249-251).
СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ПИР
Беше епископ. Во мир се упокои во својот Господ.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ФИРМ
Присилуван да се одрече од Христовата вера и да им принесе жртви на идолите, тој јуначки одби и бестрашно ја исповедаше својата вера. Затоа го тепаа со жили, му кинеа парчиња месо, му ја скршија половината, коските му ги корнеа од телото, колената му ги здробија, колковите исецкаа, со камења го засипуваа, и на крајот му ја отсекоа главата.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ТЕСПЕСИЈ
Беше родум од Кападокија. Заради исповедањето на Христовата вера од царскиот управител на Кападокија беше присилуван да им принесе жртви на идолите, а тој ги исмеа и изнавреди. Поради тоа му го сечеа телото, па го фрлија во вжештена печка, но чуван со благодатта Христова, остана неповреден. Потоа го одведоа во идолскиот храм пред жртвеникот, но тој го сруши жртвеникот. Тогаш го фрлија во казан со врела смола, во кој остана два дена, и излезе од него без никаква повреда. Тоа многу незнабошци приведе кон верата Христова. Најпосле го изведоа надвор од градот и му ја отсекоа главата. Така неговата блажена венценосна душа отиде на небото.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ЕРМИЛ И СТРАТОНИК
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ХАРИТОН, ХАРИТА, ЕВЕЛПИСТ, ЕРАКС, ПЕОН И ЛИВЕРИЈАН
Овие свети маченици пострадаа посечени со меч од епархот Рустик, заедно со светиот маченик Јустин (Јуст).
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ГЕРАСИМ