15. Јуни (2. Јуни)
ЖИТИЕТО НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ НИКИФОР ИСПОВЕДНИК,
патријархот Цариградски
Големиот поборник на побожноста, свети Никифор, се роди во Цариград од побожните и богобојазливи родители Теодор и Евдокија. Неговиот татко се удостои на исповедничкиот венец, претрпувајќи рани и прогонство заради почитувањето на светите Икони. Додека царуваше Копроним, тој беше на функцијата нотариј на тајните царски архиви, и беше обвинет кај царот дека ги почитува светите Икони, се поклонува на иконата на Спасителот, на Пречистата Богомајка и на сите Светии. Царот веднаш го повика блажениот Теодор на сослушување, и кога се убеди дека обвинувањата се вистинити, долго го тераше да се одрече од почитувањето на Иконите. Но, бидејќи слугата Христов не ѝ се покори на царската волја, жестоко беше тепан и потоа испратен на заточение во градот Молин. Беше фрлен таму, и страдаше за правоверието во најужасната темница. По некое време повторно беше вратен во Цариград и уште поупорно присилуван на царската ерес. Откако остана цврст во почитувањето на црковните закони и преданието на светите Отци, макар и смрт да поднесе, по наредба на беззакониот цар безмилосно беше мачен на разни начини, па повторно испратен во прогонство. Откако во Никеја помина шест години во окови и страшни злоставувања, тој премина кај Господа на вечна слобода во блажениот живот. А неговата сопруга, чесната Евдокија, учествуваше во сите негови неволји и страдања. По неговата смрт таа се врати во Цариград и го минуваше животот богоугодно, како што ѝ доликува на христијанската вдовица. За тоа време нејзиниот син Никифор, бидејќи најпрвин ги изучи науките, беше поставен во царскиот двор на местото на својот покоен татко. Блажената Евдокија не умре додека не го виде својот син, најпрвин во монашкиот, а потоа и во епископскиот чин. Благодарејќи Му на Бога, таа се повлече во женски манастир, се замонаши, Му угоди, и се претстави кај Него во длабока старост.
Од такви родители потекнуваше блажениот Никифор. Света фиданка од светиот корен, од пелени воспитуван во побожноста и упатуван во богоугодниот живот, тој годините на својата младост ги минуваше целомудрено, во големо воздржание. Беше исполнет со внатрешна и надворешна мудрост, односно со световна и духовна, зашто до совршенство ги знаеше не само книгите на елинските философи, туку и Светото Писмо. Покрај тоа беше красноречив говорник, украсен со сите доблести, умен и добродушен, и затоа сите го сакаа и почитуваа. Кога стана полнолетен, Никифор за време на царувањето на Копронимовиот син Лав беше удостоен на функцијата царски советник. Го чуваше правоверието среде зловерните, им се поклонуваше на светите Икони, а со своите богомудри совети и други привлекуваше на тоа. Кога пак по смртта на Копронимовиот син Лав, за време на царувањето на неговиот син Константин и Константиновата мајка Ирина, во Никеја беше свикан Седмиот Вселенски Собор во 787 година против иконоборната ерес, блажениот Никифор, тогаш сѐ уште мирјанин, многу им помогна на светите Отци, учесници на соборот, со својата мудрост и одлично познавање на Светото Писмо. Како многу угледен човек, нему му беше доверено на соборот да зборува во име на царот. И тогаш, тој пред своето епископство се истакна како исповедник и учител на Православието, посрамувајќи ги еретиците при расправите за спорните прашања, поради што светите Отци го величаа и благословуваа.
По соборот Никифор уште неколку години беше царски советник. Потоа, гледајќи го раздорот кој започна меѓу синот и мајката во дворецот, тој ја напушти својата висока функција, ја презре суетната слава, и се повлече во едно осамено и тивко место на Тракискиот Босфор. Тука сам започна единствено на Бога да Му служи во молитви и пост, стремејќи се за своето спасение. Со текот на времето подигна црква, собра монаси и создаде манастир, иако и самиот сѐ уште не беше монах, но монашки се трудеше, испитувајќи се себе си дали може да го поднесе подвигот на многутешкото монашко житие. Така помина многу години, сѐ до половината од царувањето на Никифор (802-811 г.).
Кога пресветиот цариградски патријарх Тарасиј (784-806 г.), се претстави во Господа, за патријарх беше избран блажениот Никифор, кој, иако наизглед беше мирјанин, по живот беше совршен монах. Веднаш по изборот го прими монашкиот чин и останатите чинови редум, а потоа без да сака, со настојување на царот Никифор, беше поставен на архијерејскиот престол на самиот пресветол ден Воскресение Христово. Ја красеше тој Светата Црква со учителскиот збор и доблесниот живот, поправајќи ги расипаните и утврдувајќи ги правите, и бркајќи ги еретиците од духовното стадо како волци. Тие години се водеше војна меѓу грците и бугарите, и царот Никифор загина во војната. По него на престолот стапи неговиот син Ставрикиј, но царуваше само два месеци, па умре. По него зацарува добриот цар Михаил, наречен Ранкав, кој претходно имаше чин старешина на дворската стража, но по само две години владеење Лав Ерменин го симна и протера. Пред да се круниса за цар, патријархот Никифор по некои епископи му испрати книга за Православното Вероисповедување, молејќи го новиот цар, со своја рака да го потпише, според обичајот на претходните благочестиви цареви, што се сметало за заклетва дека неотстапно ќе ги држи и брани догматите на светата вера, изложени во тоа Вероисповедување. Лукавиот и лицемерен цар на зборови се покажа многу расположен спрема благочестието, и вети дека ќе ја потпише книгата, но не пред крунисувањето. „Ќе потпишам, рече тој, кога ќе ми биде ставена царската круна“.
И му поверуваа на овој лисец. Одложувајќи да ја потпише книгата на Православното Вероисповедување, тој тајно ја потпиша книгата што му ја донесоа еретиците, потчинувајќи им се на нему сличните грабливи волци, а не на вистинските пастири. Потоа со голема гордост и царски сјај дојде во соборната црква „Света Софија“. За време на крунисувањето, кога пресветиот патријарх ја ставаше круната врз неговата недостојна глава, Бог му откри на пресветиот патријарх каков цар ќе биде тој: царската круна во рацете на патријархот се претвори во трнов венец, и остро и болно му ги бодеше рацете. Тој сфати дека тоа го означува гонењето и насилството што наскоро ѝ претстои на Црквата од овој цар. Патријархот со воздишки му го кажуваше тоа на својот клир.
Утредента по крунисувањето, свети Никифор испрати кај царот да го исполни своето ветување и да го потпише Исповедањето на Правоверието, како и претходните благоверни цареви. Но, овој одлучно одби, а по некое време започна отворено да хули на светите Икони, и се нафрли врз оние што им се поклонуваа. Ги собра кај себе во Цариград сите епископи и презвитери, кои поради разни неправилности со право биле одлачени од служењето на божествениот олтар, и им даде места во царските палати, на тој начин придобивајќи ја наклонетоста на оние „на кои нивен бог им е стомакот“ (Фил. 3, 19). Царот често разговараше со нив, поучувајќи се во иконоборната ерес. Се советуваше со нив, на кој начин да го обнови богохулниот догмат против Иконите, кој што беше отфрлен на Седмиот Вселенски Собор. За полесно да ги придобие, тој им ветуваше не само да им ги врати претходните функции, од кои беа лишени, туку да им даде уште поголеми почести. А тие, горди поради огромната наклонетост на царот кон нив, започнаа сесрдно да му помагаат и ствараа раздори по сите цркви, гонејќи ги верните. Тие одеа насекаде во име на царот, собираа книги, па откако насобраа многу, ги прегледуваа. Кога ќе најдеа еретичка книга напишана против Иконите, тие со љубов, како чесно Евангелие ја издвојуваа и чуваа. А книгите напишани против иконоборната ерес веднаш ги спалуваа.
Потоа царот им нареди на сите епископи да се соберат во Цариград на собор (815 г.). Штом ќе допатуваа од своите места, епископите по обичај му се јавуваа на пресветиот патријарх Никифор. Царот нареди тие епископи веднаш да бидат фатени и фрлени во темница. Оние пак, кои од страв се согласуваа со еретичкото едномислие на царот, тој ги ослободуваше и удостојуваше на почести. А пак непоколебливите во правата вера, царот срамно ги угнетуваше и ги измачуваше со глад и жед. Така многумина од нив се согласија со царот, и еретичкиот собор се покажа многу силен. Лажните учители започнаа храбро и непречено да ги шират своите хулни учења по сите цркви, терајќи го народот на непочитување на светите Икони. Вистинските учители на Православието тие ги исфрлаа од црквите, ги злоставуваа, па дури се трудеа самиот пресвет патријарх да го присилат да молчи, и да му забранат да влегува во соборната црква.
Чудејќи се, и гледајќи сѐ што се случува, слугата Божји Никифор постојано со солзи Му се молеше на Бога да ја сочува Својата Црква непорочна, и своето стадо неповредено од еретиците. Повикувајќи кај себе многу правоверни, тој ги советуваше, молеше и упатуваше, да не се дружат со еретиците, и да бегаат од нивното учење како од змија. Да не се плашат од овие страшни времиња и од заканите на мачителот, кој го убива телото, а не душата. И сиот народ да појде со царот по патот на ересите, и малкумина да останат верни на правата вера, зборуваше светиот патријарх, ни тогаш нека не ве смутува вашата малубројност, зашто Господ благоволи не мноштво: Он благоволи и погледа на еден кој е на штрек, и кој се плаши од зборовите Негови, повеќе отколку на мноштво од оние кои немаат страв Божји, како што и Самиот вели во Евангелието: „Не плаши се, мало стадо! Зашто волјата на вашиот Отец е вам да ви го даде царството“ (Лука 12, 32).
Потоа пресветиот патријарх ги повика кај себе најугледните патријарси: Емилијан Кизички, Евтимиј Сардиски, Јосиф Солунски, Евдоксиј Аморејски, Михаил Синатски, Теофилакт Никомидиски, Петар Никејски и многу други свети Отци, меѓу кои беа свети Теодор Студит, Никита игумен Медикиски, и други правоверни мажи. По долгиот разговор со нив за побожното почитување на светите Икони врз основа на Божественото Писмо и преданијата на светите Отци, тој ноќта појде во соборната црква „Света Софија“ и започна сеноќно бдение, соборно молејќи Го Бога за мир во Црквата, и за избавување од ересите. Кога дозна за тоа, царот се вознемири од страв, зашто многу народ се беше собрал во црквата на сеноќното бдение, па се плашеше патријархот да не го крене народот против него. Злобникот знаеше дека патријархот е многу омилен меѓу народот, и дека сите се спремни да го послушаат, па дури и да умрат за него. И рано во зори, царот му испрати на патријархот во црквата ваква порака:
„Зошто ствараш немири меѓу народот и коваш завера против царот, кој сака мир и едномислие меѓу сите? Зошто безумните луѓе ги поттикнуваш на буна, и сакаш со крвта на меѓусебната борба да ја залиеш престолнината?“
Пресветиот патријарх им одговори на царските пратеници:
- Ние не сме го ни помислиле тоа што вие го зборувате, ниту пак некогаш ни паднало на памет тоа што го мисли царот за нас. Се собравме во домот Божји за славословие Божјо, заради молитва, за да се смилува Бог, и со мир да ја огради Црквата Своја, царот и народот, да ги уништи еретичките навали и сите да ги утврди во правоверието.
Пратениците рекоа:
- Не е вистина. Едно зборуваш а друго мислиш. Очигледно е дека се подготвуваш да се кренеш против царот. Затоа, штом ќе се раздени појдете во царската палата, па таму одговарајте пред самиот цар, за и тој да се запознае со вашите намери.
Пратениците си заминаа, а сите што го слушнаа тоа сфатија какво гонење и злоставување ќе го снајде служителот Божји и целата Црква Христова, па започнаа уште поусрдно да се молат со многу солзи и воздишки. По завршувањето на бдението, пресветиот Никифор застана среде црквата и започна да зборува:
- О, народе, собран во Духот Божји! Кој очекуваше дека на Црквата ќе наидат такви неволји? Наместо радост, таа доживува жалост, и од спокој влегува во немири. Таа трпи ропство од изопачените. Мајката, која сите свои деца ги упатува на едномислие, се раскинува на делови! Црквата, која Христос ја стекна со Својата скапоцена крв, која ја сочува чиста од секој порок, ја огради со Апостолите, Пророците, Мачениците и Светителите од сите врсти, и ја покажа како рај ограден со бедеми, и осигуран, сега какви неволји поднесува од оние што по надворешност изгледаат наши, а всушност се далеку од нас и ни станаа непријатели, и во својата злоба стигнаа дотаму да бесчестат на Иконите и на Изобразениот на нив, и заедно со нив го отфрлуваат и Самиот Христос, зашто, како честа, така и бесчестието, укажувани на Иконите се однесуваат на оној, кој е изобразен на нив. Сега непријателите на вистината го уништувааат древното предание на Црквата за почитувањето на светите Икони, а озаконуваат ново, спротивно на претходното, измислено од еретиците, и со тоа ги смутуваат душите на верниците. Браќа и деца, да не бидеме плашливи и малодушни! Да не се плашиме од нивните закани, туку да ја очекуваме Божјата помош. Оние што сакаат да ја уништат вистината во Црквата се слични на оние кои пливаат по речна матица, зашто најпосле, изнемоштени се дават. Вистината е непобедлива и ги овенчува оние што ја почитуваат, а ги победува противниците. Сведоци за нашите зборови се оние за кои што зборуваме. Тие немааат никакво познание за вистината, нив ги исмеваат дури и децата, зашто во своите умови си противречат самите на себе, и слично на бесомачните, го јадат своето тело. Сфаќате ли, браќа, што зборувам?
Сите во црквата повикаа:
- Знаеме и убедени сме, пресвети оче, дека нашата Православна Вера е вистинската, и сите сме готови да умреме за неа.
Патријархот рече:
- Тогаш, браќа, треба да останеме сложни и еднодушни, за нашите противници да не повлечат ниту еден од нас кон своето зловерие, зашто со благодатта Христова ние сме помногубројни од нив.
Народот повторно силно повика, давајќи цврсто убедување дека ќе стои за Црквата до самата смрт. После долгиот разговор со народот, на самнување пресветиот патријарх го стави врз себе омофорот, па со присутните епископи, игумени и целокупниот клир, се упати кон царската палата, пратен од многуброен народ. Кога стигнаа до дворската капија сите беа задржани, а само патријархот пуштен внатре. При неговото влегување царот не му го укажа вообичаеното почитување, зашто беше обичај царот да земе благослов од патријархот, при што заедно еден на друг си ја целиваат десната рака во знак на духовна љубов. Наместо тоа злобниот цар Лав Ерменин грозно погледна во патријархот кој влегуваше, не побара благослов од него, па дури не му предложи ни да седне, туку гневно започна да му зборува:
- Каков е тој раскол што настанал меѓу вас, каква е таа завера и востание против царската власт, зашто без наше знаење свикувате собори, стварате немири меѓу народот и го поттикнувате на нереди и метеж? Свикувате собори без наша согласност и договор со нас, и ширите глас меѓу народот, дека ние се држиме до зловерие а не до црковното учење. Не ли е тоа отворено непријателство и почеток на раздори? Ако ние сакаме да ги искорениме правите, древни прописи, како што зборувате вие, тогаш во свое време би можеле да хулите на нас, да нѐ понижувате и обвинувате. Сега пак, кога ние, обземени од љубов кон правоверието, сакаме да ги истребиме раздорите и несогласувањата, зошто хулите на нас и зборувате дека ја навредуваме Црквата, додека ние всушност се грижиме за нејзиниот мир и спокојство? Зарем ти не знаеш дека многу народ се вознемири и ја напушти Црквата затоа што се поставуваат Иконите. Тие ни носат книги и ни покажуваат во нив зборови од Божественото Писмо, со кои се забранува празнувањето и почитувањето на Иконите. Ако на прашањата што ги покренаа тие не се добие одговор, тогаш со што ќе се спречи расцепот во верата, после што верата никогаш повеќе нема да дојде до единство? Затоа треба и вие, заради оние чии што умови се вознемирени, веднаш да пристапите кон расправа за прашањата со оние што се оттргнале од Црквата поради Иконите. Нашата власт сака и наредува, или вие да ги победите во тој спор, или пак како победени од нив да им се покорите. Тогаш и ние ќе видиме каде е вистината, и ќе застанеме на подобрата страна и ќе ја зацврстиме со нашата царска власт за да стои непоколебливо.
Пресветиот Никифор му одговори на царот:
- Не! Го молам твоето величество, нас не сметај нѐ за виновници за расколите и метежите. Ние не ја користевме ни молитвата како оружје против твојата царска власт, зашто од Божественото Писмо знаеме дека за царот треба да се молиме, а не да му посакуваме зло (1Тим. 2, 2). Исто така, ние не ги превртуваме здравите зборови и учења на верата во еретичко размислување и гибел, зашто оние што се осмелуваат да прават такви работи, учителот на вистината свети Јован Богослов ни наредува да не ги примаме во домовите и да не се поздравуваме со нив (2Јован 10). Добро ни е познато, не само нам, туку и на секој чиј што ум е барем малку просветен, дека мирот и тишината се многу добра работа. А ако некој стане виновник за нарушувањето на мирот, со право сите треба да го наречат злосторник. Добар е оној цар, кој умее војните да ги преобраќа во мир и метежот во тишина. А ти со своите истомисленици си намислил на Црквата да ѝ наметнеш војна. Оставајќи ги светите закони, според кои крстот Христов се прославува и побожноста ја осветлува вселената, ти си предложил да се воведе помрачено учење на погубни луѓе, кое ниту една од Црквите не го прима: ниту Ерусалим, ниту Рим, ниту Александрија, ниту Антиохија не ги отфрлаат Иконите на Христа, Пресвета Богородица, Апостолите и останатите угодници Божји, туку набожно, според преданието на светите Отци, ги почитуваат. Кој од Вселенските Собори, утврдувајќи ги со Духот Свети догматите на Православната Вера, одобри и прими иконоборно размислување? Никој! Затоа, ни ти, царе, не обновувај ја таа отфрлена ерес и не воведувај веќе осудено размислување во Светата Црква. Ние не сакаме да имаме никакви расправии со еретиците. Нема потреба да се препираме за она што веќе е соборно отфрлено и анатемисано од светите Отци.
Тогаш царот му рече на пресветиот патријарх:
- Зарем Бог не му рекол на Мојсеј: „Не прави идол, ниту каква слика, од она што е горе на небото, и што е долу на земјата, и што е во водата под земјата; да не им се поклонуваш, ниту да им служиш“ (2 Мој. 20, 4-5). А вие со каков ум изработувате икони, и почитувањето што му доликува единствено на Бога, го оддавате на ликовите и иконите што сами сте ги направиле и насликале? Тоа што го правеа идолопоклониците во дамнина, вие го правите сега, непочитувајќи ја заповедта Божја, дадена на Мојсеј, а преку него и на сите луѓе, не само древните старозаветни, туку и нам, новоблагодатните, верните христијани.
Пресветиот Никифор одговори:
- Зарем ти не знаеш поради што на Израилците, после нивното излегување од Египет, им беше дадена заповед од Бога, да не прават идоли ниту какви слики? Поради тоа што Израилците додека живееле во Египет навикнале на незнабожието и идолопоклоничкото многубожие на египќаните, кои боготвореа и некои луѓе, одамна умрени, и некои птици небесни и ѕверови земни, лазачи, риби, и некои чудовишта, па правеа нивни идоли и им се поклонуваа како на вистински Бог. Значи, сакајќи кај Израилците да го искорени идолопоклонството на кое што беа навикнале во Египет, Бог им ја даде таа заповед за неправење на идоли, ниту какви слики, но не забрани правење на чесни ликови и икони, кои служат, не за понижување, туку за умножување на Богопочитувањето. Зарем по заповедта на Тој исти Бог не ја направи Мојсеј скинијата и го окова со злато Ковчегот на Заветот во кој се чувани таблиците, жезолот Аронов и манна? Исто така, не нареди ли Бог да се направат златни херувими и да се постават над кивотот над скинијата? Зарем сето тоа Израилците не го почитуваа како чесно и Божествено? И пред тоа, зарем Израилците не Му се поклонуваа на Бога и не принесуваа жртви? И кога се поклонуваа и принесуваа жртви пред скинијата, и кивотот, и херувимите, тие се клањаа и жртви принесуваа не на скинијата, на кивотот, и на херувимите, туку на самиот Бог, Кој живее на небесата. А скинијата и кивотот со она што беше во него, и сликите на херувимите, тие не ги обоготворуваа, туку ги почитуваа како Божествени предмети, како што постапуваме и ние сега, клањајќи им се на Светите Икони, палејќи свеќи пред нив и прислужувајќи им кандила. Ние не се клањаме на даската и боите, туку на самиот лик на овоплотениот Христос Бог, изобразен на иконата. Ние не гледаме на иконата како на Божество, зашто Божеството, како невидливо и недостижно, исто така е и неизобразиво, туку на човечанството Христово, на човечката природа Христова, која некогаш е гледана со човечките очи и допирана со рацете. Ние иконата Христова не ја нарекуваме Бог, туку изобразение на ликот на Христа Бога. Значи ние, на Христа Бога пред светата икона Негова Му се клањаме како на Бог, а иконата Христова ја почитуваме како божествен предмет, но не ја обоготворуваме. Слично треба да се каже и за иконата на Пресвета Богородица, и за иконите на останатите Светии, во кои се почитува самиот Бог прекрасен во Светиите Свои. Но, ние не завршивме со старозаветното. Зарем не му заповеда Бог на Мојсеј да подигне бакарна змија во пустината, за луѓето каснати од змија да прибегнуваат кон неа? И зарем таа бакарна змија не беше чудотворен лик, кој чудесно ги исцелува каснатите од жива змија? Таа змија имаше целебна сила не од себе, туку од Оној чиј праобраз беше таа, зашто Го праобразуваше Христа Спасителот наш, кој требаше да се подигне на крсно дрво, според зборовите, изречени потоа од самиот Христос во Евангелието: „Како што Мојсеј ја подигна змијата во пустината, така треба да се издигне и Синот Човечки (Јован 3, 14). И што има чудно во тоа, што и сега светите Икони стануваат чудотворни, кога уште во Стариот Завет бакарната змија беше чудотворна? И како што таа, не од себе, туку со силата на Оној Кого што Го праобразуваше, чинеше онакви чудеса, така и светите Икони стануваат чудотворни со силата на лицето изобразено на нив. Да се сетиме и на храмот Соломонов: Дали Бог на Соломон му го запиша за грев тоа што тој во подигнатиот храм освен оние од Мојсеј, направи и други златни херувими, и ликовите нивни ги изобрази по зидовите и столбовите и вратите, па направи и излеано од бронза море кое стоеше на дванаесет излеани волови (3Цар. 7, 23-25)? Не само што Бог не му го зеде за грев тоа на Соломон, туку му беше многу пријатно, што Он и го покажа кога Самиот го посети тој храм, зашто стои напишано: „Славата Господова го исполни храмот Господов, та свештениците не можеа да стојат на службата поради облакот“ (3 Цар. 8, 11). Значи, царе, заповедта на законот Божји за неправењето на никакви слики, дадена на Мојсеј, а која ти најпрвин ја спомна, го уништува само многубожечкото идолопоклонство, а не нашето христијанско почитување на светите Икони. А кога Бог со таа Своја првобитна заповед потполно би забранувал какво било изобразување и на ликови на чесни лица, како што забранувал изобразување на незнабожечките, тогаш Он би противречел самиот на Себе, бидејќи потоа му наредил на Мојсеј, како што веќе рековме, да направи скинија, па уште и бакарна змија да подигне. Но, не е добро да зборуваме така, зашто Бог не противречи самиот на Себе, и како што е верен во сите Свои зборови, така е и свет во сите Свои дела. Да не се градат незнабожечки идоли, Он го нареди тоа со збор. А да се изобразуваат свети Икони за украсување на црквите и за слава Божја, Он на тоа нѐ научи на дело, кога Самиот го научи Мојсеј, заповедајќи му да изобрази ликови на херувими.
Така зборуваа царот и патријархот за светите Икони, најпрвин насамо, а потоа во присуство на епископите и клириците, кои беа пуштени внатре. А влегоа и многу сенатори. Заедно со тоа, таму по царска наредба се појавија и вооружени војници за да ги заплашат оние што не размислуваат како царот. А што се случи таму, какви разговори, и каква смелост и храброст покажаа бестрашните срца, опишано е во житието на преподобниот Теодор Студит под 11 ноември, и во житието на светиот Никита Исповедник под 3 април. Сето тоа се заврши со гневот и јароста на царот, кој со бесчестење ги избрка од царската палата патријархот и останатите со него. Присутните епископи со патријархот веднаш беа испратени на заточение во разни места, а тој беше оставен на некое време, затоа што се срамеа веднаш да започнат да го злоставуваат, и се плашеа да не се побуни народот. А пак клириците и монасите ги злоставуваа по темниците и затворите, ги измачуваа со глад и жед, приморувајќи ги на ереста.
Гледајќи дека царот сосем отпаднал од правата вера, и дека Црквата се наоѓа во големи превирања, а духовништвото се гони и злоставува, пресветиот Патријарх ѝ се обрати со писмо на царицата, советувајќи ја да му предложи на царот да престане со таквото зло. Тој му напиша и на градоначалникот Евтихијан, едномисленик со царот, и негов прв советник. Понесен со апостолска ревност и пророчки дух, тој ја додаде и оваа строга опомена:
„Ако не престанете да ги расипувате правите патишта Господови, наскоро до вас ќе дојде одмаздувачката рака Господова“.
Но, светиот Патријарх не само што не можеше да ги посоветува упорните, туку ги поттикна на уште поголема јарост. Царот го испрати патрицијот Тома да му го одземе правото на управување со соборната црква „Света Софија“, и да му забрани да служи во неа и да му проповеда на народот. Тогаш Патријархот во својот патријаршиски дом се најде како во затвор, без да може да излезе. Покрај тоа, тој и од тага, и од многуте подвизи, се разболе и лежеше очекувајќи го својот крај. А еретиците не престануваа со бранувањата, и си бараа препирки со Патријархот. Потоа од страна на царот и неговите истомисленици кај него беше испратен царевиот брат Теофан, царев мечоносец, да го повика за да се препира со нив. Светителот му одговори на пратеникот:
- Пастирот, лишен од своите овци, не излегува во борба со волците. Зошто ми ги одзедовте овците доверени од Христа, и ме повикувате на полемика, за јас како единка да се борам со еретиците како со волци? Ако го сакате тоа, тогаш вратете ми ги моите овци, пуштете ги од затворите и темниците свештениците и клириците, и секој нека го заземе своето место. Архијерејите нека бидат вратени од прогонствата на своите престоли, а еретичките лажни епископи, неканонски поставени, нека бидат симнати. И сите гонети и злоставувани правоверни нека бидат пуштени на слобода. Тогаш, ако Бог сака, и ако јас оздравам, ќе бидеме подготвени соборно да ги изобличиме еретичките зла и недела. Соборот и разговорот за верата треба да се одржат во големата Соборна Црква, каде присуствува Самиот Христос Бог во Своите Пречисти Тајни, а не во царските палати. За црковното треба да се расправа во црквата, а во палатите се решаваат граѓанските работи.
Со таквиот одговор Теофан се врати кај оние што го испратија. Уште повеќе разлутени, тие му испратија други, но сега да го повикаат на суд. Ним светиот патријарх им одговори:
- Кој Патријарх ме повикува на суд? Дали римскиот, александрискиот, антиохискиот или ерусалимскиот? Ако нив ги нема на вашиот собор, тогаш кај кого одам? Вие ли ме повикувате мене - Патријархот? Вие ли, незаконските, ќе ме судите мене законскиот Пастир? Јас нема да појдам кај моите отворени непријатели, кои како лути ѕверови се подготвија невин да ме растргнат. И како ќе појдам болен, кога не можам ни од постелата да станам? Освен ако не ме земете од постелата и ме однесете.
И овие пратеници се вратија празни. Тогаш еретичкото збориште, исполнето со преголема злоба, незаконски го осуди на симинување невиниот, светиот и богоугоден маж, патријархот Никифор, и го предаде на анатема, додека самото тоа збориште заслужуваше илјадници симнувања и анатеми. Па не само светиот Никифор, туку и неговите пратеници, пресветите патријарси Тарасиј и Герман, кои со блажена смрт отидоа кај Господа, ова збориште ги предаде на анатема. Со тоа и го завршија своето лукаво зборување (815 г.).
Доцна во ноќта царот испрати војници да го изведат свети Никифор од патријаршискиот двор и да го одведат во заточение. Свирепите војници, со оружје и стапови, викајќи и грдејќи го пресветиот Никифор и претходните патријарси Герман и Тарасиј, наидоа кај него. Патријархот заплака и Му заблагодари на Бога што се удостои на такви навреди за Православието. Гореспоменатиот патрициј Тома, на кого од царот му беше доверена соборната црква „Света Софија“, а истовремено беше и чувар на патријаршискиот дом, им запрети на војниците да престанат со викањето, па откако цврсто ја заклучи влезната врата на патријаршискиот дом, отиде кај царот и му рече:
- Господару, не ни е потребна многу војска, за да не нѐ слушне народот, па да се собере и направи некое зло. Испрати само двајца, и со нив неколку слуги, за да го изнесат Патријархот на раце, оти е тешко болен и не може да оди.
Царот го послуша. Им нареди на војниците да се повлечат, а по еден час испрати двајца од својот дворец и пресветиот Никифор беше изведен, или поточно речено изнесен од својот дом. Сакајќи, пак, да се помоли во својата престолна црква „Света Софија“, тој влезе во неа придружуван од двајцата, и откако нареди да се запалат свеќи и да се покади со темјан, тој се спростре крстолико на земјата, и долго се молеше, ридајќи и плачејќи. Потоа стана, ги благослови оние што беа дошле во меѓувреме и плачеа за него, и простувајќи се со нив, им рече:
- Чеда, вас ве затекнав како вистински христијани, и како такви ве оставам.
И излезе од црквата. Војниците го ставија во кола, и на полноќ, додека сите спиеја, го одвезоа на морскиот брег. Тука го ставија во еден кораб и го однесоа во Хрисопол, во некое место викано Волуја, каде имаше манастир. Така, без никаква вина, беше протеран од својот престол големиот угодник Божји Никифор, по деветгодишното управување со Црквата. По кратко време беше отпратен на островот Проконис, во манастирот на светиот великомаченик Теодор. А кога со кораб го носеа кон тој остров, минувајќи покрај местото каде живееше преподобниот Теофан, игумен на Великото Село, тие со проѕорливите очи се видоа еден со друг, и се поздравија на ваков начин:
Преподобниот Теофан, наоѓајќи се во својата ќелија, му нареди на својот ученик да стави жар во кадилницата, па откако запали свеќи и стави темјан врз жарта, се поклони до земја, зборувајќи како кон лице кое минува покрај него. А кога ученикот го праша:
- Што правиш, оче? На кого се поклони и кому му зборуваш?
Преподобниот одговори:
- Еве, пресветиот патријарх Никифор, неправедно протеран за правоверието, оди во заточение минувајќи со коработ покрај нашиот крај. Запаливме свеќи и темјан, за да му го оддадеме потребното почитување.
Тоа го провиде и пресветиот патријарх Никифор на коработ: тој ненадејно ги преклони колената, му се поклони на светиот старец, ги крена рацете во воздухот, па благословуваше. А еден од оние со него го праша:
- Кого благословуваш, пресветол Оче, и пред кого се поклони?
Патријархот одговори:
- Еве, Теофан исповедникот, игуменот на Големото Село, нѐ поздрави и ни оддаде почитување со запалени свеќи и темјан, а јас од своја страна му се поклонив, зашто и тој за кратко време ќе пострада слично на нас.
Наскоро тоа се исполни.
Светителот стигна во местото на своето заточение, и помина таму тринаесет години во секоја беда, лишување и чести болести, па премина кај Господа на вечен одмор. Претставувајќи се кај Господа, тој со радосна душа ги изговори Давидовите зборови:
„Нека е благословен Господ, Кој не нѐ предаде во плен на нивните заби! Душата наша се избави како птица од замките ловечки; замката се скина, и ние се избавивме“ (Псалми 123, 6-7).
Отако го рече тоа, тој ја предаде душата во рацете на својот Господ, на 2 јуни во 827 година.
Верните ридаа за него, а еретиците се радуваа. Неговото чесно тело беше погребано во црквата на светиот великомаченик Теодор. Потоа, кога ересите исчезнаа, кога иконоборната тиранија престана, и кога повторно настапи тишина и правоверие, чесните мошти на пресветиот патријарх Никифор беа пренесени во Цариград на 13 март во 846-та година, за време на царувањето на Теофиловиот син Михаил и неговата мајка Теодора, и чесно беа положени во соборната црква „Света Софија“, во слава на нашиот Бог Христос, со Отецот и Светиот Дух славениот за навек, амин.
СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИОТ НОВ ВЕЛИКОМАЧЕНИК ЈОВАН СОЧАВСКИ
Голем е бројот на светите луѓе кои доблесно и богоугодно поживеаја, и нам примери за подражавање ни оставија. Меѓу нив се наоѓа и угодникот Божји Јован, иако последен по време, но не помал од претходните. Зашто Господ Христос ги удостои на венци, не само мачениците од првите векови, туку и сега, во последните времиња им ги отвора вратите на оние кои Го бараат тоа, и ги удостојува на иста слава и дарови. Значи, од тоа ја започнуваме повеста за свети Јован, храбриот војник Христов, исполнет со благодатта на Светиот Дух, - кој беше тој, од каде, и на кој начин се удостои на ликот и венецот маченички.
Овој маж ни го даде Трапезунт, град славен и голем, кој се наоѓа на Исток, близу Асирија и границата на голема Ерменија. Изобилувајќи со сѐ што е потребно, овој град е погодно пристаниште за бродовите кои од секаде пристигаат во него. Неговите жители како приморци се занимаваат со трговија и морепловство, од што и добиваат доволно средства за живот. Така и блажениот Јован се занимаваше со трговија, поради што често патуваше. Еднаш му се случи со многу роба да се качи во бродот на еден странец, кој по потекло беше Фрјаг, вера неправославна, груб и немилосрден човек. За време на пловидбата со овој човек, врагот ѓавол започна да му завидува на богоугодниот живот на Јован, гледајќи како тој често се моли на Бога, колку е добродушен и за секого достапен, колку е милосрден кон оскудните на бродот, и кон оние што ќе се разболат. Слугата Христов ги тешеше таквите, им даваше сѐ што им е потребно, и со солзи си велеше на себе: „Ако си милостив спрема братот кој страда, ќе бидеш помилуван. Ако го утешиш тажниот, и самиот ќе бидеш удостоен на утеха од Бога“.
Не можејќи да го гледа тоа, ѓаволот сакаше да го одврати од патот на спасението. Најпрвин намисли да го оттргне од благочестивата вера. Потоа го подбуцна против него управителот на бродот, човек од друга вера, та тој започна да ја навредува Православната Вера на слугата Христов. Во многубројните препирања што ги водеа за верата за време на патувањето, свети Јован, како многу мудар и искусен во книжевната наука, секогаш го победуваше Фрјагот, и го посрамуваше неговото неправилно размислување. А тој му се лутеше и многу го навредуваше, па намисли и да му наштети. Додека такво непријателство пламтеше во него, пристигнаа до брегот на Белоград (Аспрокастрон), близу Босфор.
Таму овој злобник излезе од бродот, отиде кај градоначалникот на тој град, персиец по потекло и вера, ревносен чувар на преданијата на своите предци, и изнесе пред него ваква клевета против свети Јован:
- Началниче, со мене на бродот допатува еден човек, кој сака да се одрече од својата христијанска вера, и да ѝ пристапи на нашата. За време на пловидбата тој ме извести за тоа, и со многу заклетви потврди дека нема да ја промени својата намера. Затоа ти што побрзо погрижи се да го приклучиш кон вашата вера, и со тоа да стекнеш голема пофалба од твојот народ, оти тој човек е многу образован и красноречив, и меѓу угледните велможи на градот Трапезунт не е последен.
Градоначалникот се израдува и нареди со чест да му го доведат блажениот Јован, па му рече:
- Многу слушав за тебе, прекрасен човеку, дека си ја засакал нашата вера и сакаш да ѝ пристапиш. Нашата вера за предмет на размислувања има скапоцени работи, и разгорува љубов кон себе во срцата на оние што ја разбираат. Тие што со радост ја примаат имаат среќен и долг живот. Христијанската, пак, вера, заслужува исмевање. Затоа, пријателу, не двоуми се да ја отфрлиш далеку од себе, и пред овој собир со силен глас хули на законите и преданијата. За тоа и се собраа овде сите со жените и децата, откако слушнаа дека ќе станеш исповедник на нашата светла и преславна вера. Прекрасен човеку, застани до нас и со најсилен глас прослави го блескавото сонце, оддај ѝ почитување на ѕвездата што му претходи на сонцето, и принеси им жртви на небесните светила што ја осветлуваат вселената, па ќе се удостоиш на многу почести и големи чинови од нашиот цар, а нам ќе ни бидеш искрен брат и ќе се науживаш на овој сладок живот.
Додека персиецот ги изговараше овие лукави зборови со злорадост и подмуклост, свети Јован, вперувајќи ги кон небото своите мисловни очи, го призиваше на помош Господ, Кој рече: „Кога ќе ве изведат пред цареви и кнезови заради Моето Име, не грижете се однапред што ќе говорите, ниту размислувајте, туку тоа што ќе ви се даде во тој час, тоа кажете го; не сте вие што ќе зборувате, туку Светиот Дух; ќе ви биде дадено слово, кое ќе биде во состојбада им се спротивстави на сите ваши противници (сп. Марко 13, 11). Потоа, погледнувајќи со своите телесни очи кон мачителот и смело пружејќи ја дланката, тој одговори:
- Мислам дека отворено лажеш, началнику! Јас не сум рекол дека ќе се одречам од мојот Христос! Мојот Господ Исус Христос да не дозволи тоа некогаш на ум да ми дојде. Тоа се замисли на непријателот на вистината - сатаната, твојот татко. Откако влегол во тебе, како во свој сопствен сад, тој преку тебе разговара со мене, со надеж дека ќе ме привлече кон гибелта, и ме присилува да отстапам од вистинскиот Бог, Творецот на сите видливи и невидливи твари, па и на самото сонце, кое ти го почитуваш како Бог, бидејќи си опседнат со темнината на прелеста, и во своето безумие на тварите им го укажуваш почитувањето што треба да Му се принесува единствено на Бога. Не труди се да ме прелестиш да тргнам кон лагата, туку отфрли ја маглата на безбожието што ти ја притиска душата, и удостој се да станеш син на светлината, која блеска посилно од сонцето со светлината на Божественото крштевање. Не сметај го за бог сонцето, туку знај дека тоа е светило од огнена природа, створено во четвртиот ден, и одредено од створителот Бог да им служи на луѓето. Та зарем створението да биде бог?
Потоа свети Јован ги крена рацете и очите кон небото, па воскликна сите да слушнат:
- Нека не се одречам од Тебе, Христе Спасителу мој, со беспочетниот Твој Отец и со Пресветиот Дух славениот Бог! Нема да му се поклонам на сонцето, ниту ќе му послужам на огнот, ниту ќе принесам жртва на ѕвездата, која грчката митологија ја нарекува Венера, истоимена со блудната страст!
Додека маченикот со силен глас и радосно лице зборуваше, мачителот многу се разгневи и им нареди на војниците да го соблечат, та тој стоеше гол но во Христа облечен. Потоа нареди пред него да стават многу стапови, па му рече:
- Ти ми вети дека наместо да ни зборуваш басни, ќе се одречеш од својата некорисна вера и ќе ѝ пристапиш на нашата. Затоа исполни го ветеното! Поклони му се на сонцето! Ако одбиеш со овие стапови не само што ќе ти го здробам телото, туку ќе те ставам на најлути и неподносливи маки, па ќе те предадам на најгорка смрт.
Светиот маченик одговори:
- О мачителу, исполнет со секоја недобрина! Јас не зборувам басни, туку сум слуга и проповедник на вистинскиот, во Троица славениот Бог, во Кого се научив да верувам од моите родители и предци. И сега единствено Нему Му се поклонувам и Го исповедам за Создател на сѐ, и Го очекувам како Судија на живите и мртвите. Он ќе дојде на секого да му плати според делата негови, во времето кога ова видливо сонце на Негова заповед ќе се помрачи. Затоа не надевај се да слушнеш од мене нешто поразлично од претходното. На какви маки и да ме ставиш, со смртта ќе ме испратиш кај мојот Господ Бог, за Кого чезнеам. Побрзај, за моите очи да не го гледаат твоето гадно лице. Тепај ме, гори ме, потопи ме или со меч искасапи ме. Спремен сум со радост да поднесам сѐ за љубовта на мојот Христос.
Свирепиот мачител многу се разбесни, и нареди веднаш да го испружат на земјата и немилосрдно да го тепаат со стапови, така што парчиња месо од неговото здробено тело летаа во воздухот заедно со мотките. Местото се обагри со крв, а храбриот страдалник јуначки трпејќи, ги крена очите кон небото и рече:
- Ти благодарам, Господи Боже, што ме удостои со сопствената крв да се исчистам од моите гревови, кои според човечката немоќ ме снајдоа по светото крштение.
Кога го слушнаа како се моли, мачителите го тепаа сѐ додека не замолкна неговиот глас. Тој одвај дишеше додека го ставаа во двојни вериги, па го фрлија во темница до утредента, кога го чекаше пострашно мачење. Бидејќи не можеше да оди, како мрша го одвлекоа и го фрлија во темницата.
Утредента страдалникот Христов застана пред ѕвероподобниот мачител со светло лице и радосна душа. Кога го виде, нечестивецот многу се зачуди од неговиот изглед, и му рече:
- Гледаш ли, Јоване, до какво бесчестие те доведе твојата непокорност? За малку ќе се лишеше од слаткиот живот, кој на сите им е помил од сѐ. Но, ако ми се покориш, за неколку дена ќе бидеш излекуван, бидејќи имаме многу искусни лекари дојдени од Индија и Персија. Ако, пак, останеш во христијанството, знај дека те чекаат уште поголеми маки.
Светиот маченик одговори:
- Јас ни најмалку не се грижам за моето изнарането тело! Единствената моја грижа е да ги истрпам маките до крај, крепен со Христос, Кој рече: „Кој ќе претрпи до крај, тој ќе биде спасен“(Марко 13, 13). Затоа, ставај ме на какви маки сакаш.
Посрамен од мудрите зборови на светителот, безумниот мачител затрепери од гнев, рикна како ѕвер, и нареди повторно да го положат на земјата и уште посвирепо да го тепаат. Додека го тепаа, тој со шепот се молеше на Бога. А кога војниците малаксаа иако се менуваа, започнаа да му се противат на судијата, осудувајќи ја неговата бездушност и свирепост. Тогаш тој нареди да доведат див коњ, цврсто да ги врзат нозете на маченикот за неговиот опаш, и да го влечат по градските улици. Така го влечеа по целиот град. Беше тоа потресен призор за очите на благочестивите. А кога јавачот иташе по улиците во кои живееја евреите, многумина од нив му се потсмеваа на маченикот, викаа и фрлаа по него сѐ што им беше при рака, се кикотеа лудо и грозно. Најпосле еден евреин дофати нож, потрча по светител и му ја отсече главата. Така добриот војник Христов го заврши својот маченички подвиг, предавајќи ја својата света душа во рацете на Господа, на 2 јуни во 1492 година во Белоград (Аспрокастрон). Неговото чесно тело го одврза оној војник од коњскиот опаш, и го остави на тоа место. Тоа лежеше таму со отсечената глава непогребано и нечувано, и никој од христијаните не смееше да се допре до него, од страв од јароста на незнабошците. Кога настапи ноќта над телото на маченикот се случи прекрасно, јасно видливо чудо: гореа многу кандила, тројца светлоносни мажи пееја неискажани свештени песни и кадеа, и огнен столб се креваше над моштите на светителот. Тоа чудо го видоа многумина. А еден евреин, чија што куќа беше близу местото на кое што лежеше многустрадалното тело, мислејќи дека христијански свештеници дошле да го земат телото и по својот обичај да го погребаат, зеде лак со стрела и сакаше да отстрела еден од тие светлоносни свештеници, и кога сакаше да ја пушти стрелата, таа му се прилепи за прстите од десната рака, а лакот за левата, та не можеше ни стрелата да ја пушти, ни своите раце да ги ослободи. Така цела ноќ се мачеше тој евреин, тој змиин пород. На зазорување оние необични луѓе станаа невидливи, и огнениот столб и кандилата се сокрија. Луѓе од сите возрасти се собраа на ова место, набљудувајќи го бедниот стрелец, како со затегнат лак и стрела стои неподвижен, сврзан со невидливата сила Божја како со железни окови. И без да сака, тој раскажуваше подробно за сѐ што виде над мачениковото тело, и како го снајде одмаздата од Бога за неговиот дрзок обид. После доволното сведочење за ова чудо, рацете му се разврзаа и тој се ослободи од казната. Градоначалникот многу се уплаши од тоа, и им нареди на христијаните да го земат телото и да го погребаат. Тие го зедоа и чесно го погребаа кај својата црква.
По некое време, оној Фрјаг, кој што го предаде светителот, сакаше да го украде неговото чесно тело и да го однесе во својата татковина, оти веќе се беше покајал за своето недело. Една ноќ, тој со своите другари го раскопа гробот и сакаше да ги земе чесните мошти. Но, тогаш светителот Христов му се јави во сон на свештеникот на таа црква, и му рече:
- Стани, и брзо појди во црквата, зашто сакаат да ме украдат.
Свештеникот веднаш стана, се стрча кон црквата, го најде гробот раскопан, ковчегот отворен и телото на светителот за малку не однесено. Тогаш повика побожни луѓе, им раскажа што се случило, и сите Го прославија Бога, Кој ги прославува светителите Свои. Потоа ги зедоа светите мошти, ги внесоа во црквата и ги положија во олтарот кај светиот престол. Останаа тука повеќе од седумдесет години, и често над нив биваа разни чудесни појави и дење и ноќе. Некогаш се јавуваше чудна светлина, некогаш огнен столб, а некогаш неискажлив прекрасен мирис излегуваше од гробот и се даваа исцеленија.
Гласот за тоа стигна и до благочестивиот и христољубив голем војвода Александар, кој во тоа време владеел со Молдовлахија и приморјето, човек украсен со многу доблести, и голем маченикољубец. Тој многу сакаше да ги има кај себе чесните мошти на Христовиот маченик свети Јован, како пребогата ризница. Откако се посоветува со пресветиот архиепископ Јосиф, тој во Белоград испрати неколку свои велможи, кои набрзо ги донесоа мачениковите мошти. Во пресрет им излезе големиот војвода со сите велможи, и архиепископот со духовништвото, и сиот народ, и радосно го дочекаа маченикот со свеќи, кадилници и миризливо миро. Големиот војвода падна пред кивотот на светителот, ги прегрнуваше неговите многустрадални мошти, и ги допираше своите очи и усни до чесните раце на маченикот, ронеше солзи од голема радост, и го молеше да биде заштитник на неговата држава. Така, со голема чест ги положија чесните мошти во митрополијата во главниот град на Молдовлахиската држава Сочива. За исцеленијата што се случија тогаш, а и подоцна, и кои им се даваа и им се даваат на болните, им оставаме, - вели опишувачот - на самите исцелени, тие сами да раскажуваат за доброчинствата на светиот маченик. А овде е доволно што изложивме какви мачења претрпе светиот Јован, како го посрами нечестивиот градоначалник, со какви јунаштва се истакна во подвигот, и како доби венец од подвигоположникот Христос. Малку даде а многу доби, оставајќи му го на злобниот мачител своето тело како бреме, отиде, не во Трапезувнт, туку во небесниот Ерусалим, во маченичкиот лик како маченик, во крилото Авраамово, во населбите на Светиите, во пристаништето на благата, во дворовите неразорливи, каде застана пред Трисветата и Надбожествена Троица, на Која слава, моќ, чест, сјај и поклонение, сега и во бесконечните векови, амин.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ЕРАЗМО ОХРИДСКИ
Овој светител беше родум од Антиохија Сириска и живееше во времето на царевите Диоклецијан и Максимилијан (284-305 г.). Водеше подвижнички живот на Ливанската Гора, и достигна такво совршенство што преку гавран добиваше храна од Бога, и Бог го надари со дарот на чудотворството. Без своја волја беше поставен за архиереј. Полн со божествена ревност, тој апостолски многу патуваше, секаде проповедајќи го Евангелието и вршејќи многубројни чудеса. Откако стигна во градот Охрид (Лихнида), тој со својата молитва го воскресна синот на еден човек на име Анастасиј, и го крсти. Во таа прилика Еразмо крсти и многу други незнабошци и во Охрид ги разори идолските жртвеници. Затоа беше обвинет кај царот Максимилијан, кој во тоа време беше во Илирија. Тој нареди да го доведат, и на прашањето на кој бог се поклонува, светителот молчеше. Во својата јарост тиранинот нареди да го тепаат по лицето. Кога праша зошто го тепаат, тој одговори:
- Затоа што не им се поклонуваш на боговите!
Маченикот праша:
- А на кои богови да им се поклонам? Јас Му се поклонувам и Му служам на мојот Господ Исус Христос, а ти, кажи ми, на кој друг Бог да му се поклонам?
Израдуван, царот го одведе маченикот во Зевсовиот храм. Откако се помоли на Бога, светителот го праша царот:
- На кој бог велиш да му се поклонам?
Царот му го посочи бакарниот Зевсов кип, кој беше дванаесет стапки висок, а шест широк. Свети Еразмо погледна намуртено во кипот, и во тој миг тој падна, се искрши на парчиња и од него излезе страшна аждаја, која го исплаши народот. Царот посрамен се врати во својот двор, а околу дваесет илјади луѓе поверуваа во Христос и светителот ги крсти. Потоа тој со својата сила ја усмрти аждајата, а царот им нареди на војниците да ги обезглават сите дваесет илјади души, кои што ја примија христијанската вера. За свети Еразмо издаде заповед да му облечат вжештен бакарен оклоп, но, со благодатта Божја, оклопот стана студент како лед. Потоа светителот беше фрлен во темница во која му се јави Архистратигот Михаил и го ослободи, како што некогаш го ослободи апостол Петар.
Потоа слугата Божји Еразмо отиде во Кампанија, и таму го проповедаше Евангелието, и многумина приведе кон вистинскиот Бог. Овој рамноапостолен подвижник Христов повторно се врати во градот Хермелија, каде се повлече во една пештера, за во неа да се подвизува до својата смрт. Пред смртта трипати се поклони кон исток, и со кренати раце се молеше на Бога да му ги прости гревовите, и да им дарува живот вечен, на сите кои со вера ќе го призиваат неговото име. По молитвата се слушна глас од небото: „Нека биде според молитвите твои, исцелителу Мој Еразмо!“ Светителот уште еднаш со радост погледна во небото, и виде венец на славата како се спушта врз него, и хорови Ангели, Пророци, Апостоли и Маченици, кои приоѓаа да ја примат неговата света душа. Најпосле тој извика:
- Господи прими го мојот дух!
И издивна околу 303-та година.
Пештерата со црквичката „Свети Еразмо“ и денес стои недалеку од Охрид, и од неа до денес се пројавува големата сила на угодникот Божји, свештеномаченикот Еразмо.
ЖИТИЕТО И СТРАДАЊАТА НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК КОНСТАНТИН
Свети Константин се роди на островот Митилина во селото Псилометопон од мухамедански родители. Но, Бог, Кој ги гледа срцата човечки, за ова дете уште кога беше во мајчината утроба провиде дека ќе има добро срце, поради што однапред го одреди за Свој избраник. Тоа може да се види и од тоа што доенчето уште од првите денови го покажуваше својот иден призив, зашто цицаше само еднаш дневно и никогаш не заплака дури и кога беше гладно. Со тоа од Бога избраното детенце покрај својата мајка ги восхитуваше и соседите.
Меѓутоа, исконскиот непријател на човечкиот род - ѓаволот, предвидувајќи дека детето, родено како турчин, Бог ќе го приведе кон себе, се вооружи да го уништи. За таа цел го поттикна злобното срце на една соседка да го убие. Еден ден соседката го побара детето од мајката за да го прошета. Мајката ѝ го даде, и кога излегоа надвор од градот, таа жена му даде претходно подготвени отровни слатки.
Штом ги изеде, отровот започна да дејствува. Кога пакосната жена го врати болното и изнемоштено дете, мајката многу се зачуди. Сметајќи дека случајно се разболело, повика лекари, кои, откако видоа дека ништо не помага, си заминаа. Така тоа боледуваше три години. Врз оваа неволја наиде и друга. Јадното дете се разболе од сипаници и потполно го изгуби видот. Болеста толку му се влоши, што го подготвуваа за смрт. Но, семоќниот Бог, гледајќи ја невиноста и трпението на детето, благоволи да го спаси. Тоа го стори на следниов начин:
Една побожна христијанка, која живееше недалеку, дојде да го посети. Поттикната одозгора, таа ја замоли неговата мајка да ѝ дозволи да го однесе во христијанската црква, и таму да го потопи во света вода. При тоа рече дека е убедена дека Бог ќе го исцели. Скршена од болка, мајката се согласи. Жената го зеде детето, го однесе во црквата и го изми со света вода. После тоа детето потполно оздраве и прогледа на едното око, но другото му остана подзатворено, по неиспитаната промисла Божја, Кој сѐ премудро уредува. И детето, кое на раце го донесоа во црквата, со своите нозе се врати дома, каде го пречека восхитената мајка, која со голема радост Го прославуваше Христа Бога.
По некое време Константиновата мајка, која веќе неколку години беше вдовица, се омажи за друг човек, и со него и децата се преселија во Анатолија, во градот Магнисија. Во тој град не останаа долго, бидејќи очувот му беше пијаница и многу опак човек, кој често ги тепаше. Поради тоа мајката со своите деца се пресели во Смирна.
Во Смирна постариот Константинов брат стана златар, а тој разнесувач на овошје и зеленчук. Како таков, тој често влегуваше во митрополијата и таму понекогаш стапуваше во разговор, или слушаше други како разговараат, и на тој начин го научи грчкиот јазик. Секојдневно во контакти со христијаните, тој со благодатта Божја ѝ стана наклонет на христијанската вера. Конечната одлука да поверува во Господ Исус Христос ја донесе во следните околности:
Во тоа време во Смирна беснееше силна чума. Плашејќи се од зараза, Константин со двајца свои другари христијани отиде во црквата на светиот великомаченик Георгиј, верувајќи дека таму ќе биде спасен. И навистина, верата ги спаси од смртта. Но, за жал, лукавиот враг го улови кутриот Константин, па тој падна во блуд. По падот тој повеќе не ја чувствуваше поранешната топлина во срцето и во него се појави студенило и пустота, кои сепак не траеја долго. Човекољубивиот Бог не го остави својот избраник, та несреќното момче брзо си дојде на себе. Горко започна да го оплакува губењето на духовната радост и девствената чистота. Без да каже никому, тој отпатува во Света Гора Атонска. Таму остана во Новиот Скит, и на еден монах му обелодени дека е муслиман и сака да ја прими христијанската вера. Монахот веднаш отиде во обителта на свети Павле, и им раскажа на тамошните старци за Константин и за неговата желба да стапи во Христовата Црква. Старците од некои причини се оградија од оваа работа, и го советуваа монахот, Константин да се обрати во Лаврата на свети Атанасиј. На кутрото момче му беше многу тешко, но сепак се упати во Лаврата. По патот се замори и, раководен со промислата Божја, наврати во Капсокаливскиот Скит, каде со родителска љубов беше примен од старецот Гаврил. Гледајќи ја милозливоста и добрината на побожниот старец, Константин му ја откри својата намера да се крсти. Старецот му рече:
- Не плаши се, синко, Бог ќе ја исполни твојата желба, само имај трпение.
Старецот веднаш ги повика скитските старци и побара совет од нив. Но тие одлучија да го упатат момчето во Лаврата, бидејќи е во прашање многу важна работа, а нивната обител и тие зависат од неа. Меѓутоа, штом во Лаврата дознаа дека Константин е турчин, од страв од турските власти не се осмелија да го крстат, туку го упатија во Иверскиот манастир, кај протераниот пресвет патријарх Григориј V, кој живееше таму во молитвено тихување и самување (види 10 април).
Постојано наидувајќи на препреки, момчето горко заплака, ноќта ја помина во солзи и дури на зазорување малку се смири. Кога заспа во сонот виде како му пристапува Пресвета Богородица во неискажана светлина и тивко му зборува:
„Не тагувај, туку повторно појди во Капсокаливитскиот Скит. За тоа се грижи самиот Бог, Синот Мој, кај Кого сакаш да дојдеш.
Он сѐ ќе уреди за добро“.
Од овие зборови момчето се разбуди, но веќе немаше никого покрај него. Без да чека, тој појде во Скитот и му раскажа на старецот Гаврил за своето видение. Восхитен и трогнат од неговите солзи, старецот го упати кај патријархот, заедно со еден брат од скитот.
Кога момчето стигна во Иверскиот манастир, и излезе пред светителот Григориј, падна пред неговите нозе и со солзи го молеше да го крсти. Сакајќи да ја провери неговата намера, патријархот му рече:
- Момче, зошто си дошол кај нас, угнетуваните? Што бараш ти од нас, бедните? Не сме ли попонижени од сите народи? Не е ли во вашите раце власта и славата и сите овоземни богатства? Како сега единствено ти си незадоволен, и ги презираш привремените земни уживања, кои што многу ги сакаат останатите? Подобро предомисли се, за потоа да не се каеш.
Без да одговори, момчето ја наведна главата и горко заплака. Патријархот го праша:
- Зошто молчиш?
Наместо одговор, момчето започна да рида. Тоа го трогна светителот и тој милно му рече:
- Смири се, чедо, и врати се во Капсокаливитскиот скит. Таму подготви се за крштението, кое што ќе го извршам над тебе. Само до тој ден никому не кажувај кој си.
После тоа патријархот го огласи и му го даде името Михаил.
Михаил помина шест месеци во Капсокаливитскиот скит, подготвувајќи се за големата тајна Крштение. Во текот на тие месеци ѓаволот не му даваше мир, сеејќи страв во него, за да го натера да побегне од Света Гора. Му ствараше и привиденија. Не можејќи да му наштети со таквите искушенија, тој му се појави на очигледен начин. Една ноќ Михаил го посети братот Герасим. После долгиот разговор го замоли да остане да преноќева кај него. Тој се согласи. И кога Герасим започна да го чита Светото Писмо за утеха на Михаил, демонот затропа на вратата, молејќи го да го пушти внатре. Мислејќи дека е некој од браќата, тие излегоа, но не видоа никого и се смутија, па се вратија во ќелијата и Герасим продолжи со читањето. Но, по кратко време ѓаволот повторно дојде и самиот се обидуваше да ја отвори вратата, од што тие се исплашија. Кога отворија, пак немаше никого. Тогаш сфатија дека тое е ѓаволско лукавство, па паднаа пред иконата на Богомајката, и се помолија пред неа. Потоа штитени и окрилени од Пресветата, легнаа да спијат.
На денот на своето крштевање Михаил многу се радуваше. За време на Светата Тајна, при неговото нурнување во купелот и изговарањето на молитвата: „Се крштева слугата Божји Константин во името на Отецот и Синот и Светиот Дух“, неговото лице толку заблеска, така што не можеше да се гледа во него, и неговото слепо око се исцели. И сите Му благодареа и Го славеа Бога, Кој твори прекрасни чудеса.
Извесно време по крштението, Константин го замоли старецот за благослов да го посети Иверскиот манастир, за да се поклони на иконата „Пресвета Богородица Вратарка“, и според ветеното, да запали свеќа пред неа. Откако доби благослов, тој отиде таму со еден брат. На враќање наврати во Преттечиниот скит, оти беше слушнал дека таму во осаменост молитвено тихува еден голем старец, духовник, кој неодамна испратил кај Господа тројца свои ученици, кои пострадали за името Христово, и дека делови од нивните свети мошти се наоѓаат во тој скит. Кога ги виде светите мошти, Константин им се поклони, ги целиваше, и во тој момент срцето радосно му заигра и го обзеде желба да појде по патот на овие преподобномаченици, а потоа да пострада за љубовта Христова, Кој го изведе од мракот кон познание на вистината. Во разговорот духовникот покрај останатото му раскажа и за страдањата на светите преподобномаченици, свои ученици. Тоа уште повеќе го загреа неговото срце и го утврди во намерата да пострада за Христа.
Кога се врати кај својот старец, Константин беше потиштен од сѐ што виде и слушна. Опитниот старец го забележа тоа и го праша зошто е таков. Длабоко воздивнувајќи, Константин му одговори:
- О, оче! Како да бидам спокоен, кога вистинските слуги Христови со сопствената крв ја посведочија својата вера, а јас, што ќе Му принесам на мојот Господ Исус Христос како дар? Какви се плодовите на мојата вера и мојата љубов спрема Него? Признавам, оче, откако бев во Преттечиниот скит и ги целивав светите мошти на преподобномачениците, донесов одлука да ги следам нивните стапки. Таа мисла не ми дава мир и постојано ме гони. Затоа, благослови, оче, и јас да пострадам за Христа!
Старецот Гаврил одговори:
- Нека е благословен Бог, чедо! Ако Му е угодно на Бога, тогаш Он Самиот на само Нему својствен начин, ќе ја исполни твојата желба.
Но Константин остана упорен во својата одлука. Кога виде дека тешко може да го разубеди од мислата за мачеништвото, старецот му одреди да помине четириесет дена затворен во пост, молитва и бдеење, со надеж дека за тоа време Самиот Бог ќе му открие што е корисно за него.
Вистинскиот послушник со радост ја прими старчевата заповед, се всели во безмолвна ќелија, и од срце се молеше на промислителот Бог, да му открие дали неговата намера е по Неговата света волја. Во првата ноќ на своето затвореништво, кога после долгата и усрдна молитва заспа, тој виде како да се наоѓа во црквата „Света Софија“ и одеднаш се отвори црковното кубе и тој го здогледа на облаци Господ Христос, опкружен со мноштво ангели. Еден од тие ангели долета кај Константин, го фати за рака и го однесе кај Господа. „Остави го“, се слушна гласот на Господа Христа, уште е рано. И Константин се разбуди. Кога му го раскажа овој сон на старецот, тој кратко забележа: „Од тоа се гледа дека сѐ уште не е волја Божја да го земеш на себе подвигот на мачеништвото“. И го посоветува да се подвизува и да остане во послушание, со што и без мачеништво човек може да се спаси.
Така Константин му се покори на старецот и се смири на долго време. Но, еднаш, додека во црквата го слушаше читањето, до неговото срце допреа пророчките зборови: „Ако го одвоиш скапоценото од безвредното, ќе бидеш како уста Моја“ (Еремија 15, 19). Овие свети зборови тој ги примени врз себе, и тајна мисла му дошепнуваше да појде во градот Магнисија, и да ја обрати во христијанската вера својата родена сестра, која живее во тој град. Таа мисла не му даваше спокој, и тој му ја откри на својот старец. Но, старецот рече дека таа работа е над неговата моќ, па го испрати во скитот на Света Ана, кај јеромонахот Јоасав. Притоа му рече:
- Што и да ти каже духовникот, прими го како од Божјата уста, и постапи според неговиот совет.
Константин отиде кај духовникот Јоасав и му ја откри својата намера. Духовникот не само што не ја отфрли неговата добра намера, туку со љубов го благослови да го изврши тој подвиг. Со тоа се согласи и патријархот Григориј. Освен благословот, тие му дадоа и препорачано писмо за претставниците на црквата во Магнисија, особено за кидонискиот наставник Григориј, со татковска љубов да го прими Константин, и да му помага во неговото дело.
Константин се збогуваше со старците, ја напушти Света Гора и наскоро стигна во Кидонија. Таму ги предаде писмата и преку нив се запозна со некои христијани. Во меѓувреме немаше кораб за Анатолиските краеви, па додека чекаше тој се занимаваше со тезгарење. Еден ден беше препознат од чиновникот на Кидонискиот ага, и тој тајно започна да се распрашува за него кај неговиот сосед. За да го одбегне одговорот, тој рече дека не го познава. Но, кога на стемнување сите си заминаа, соседот започна да го распрашува Константина дали навистина е турчин по раѓање, како што тврди чиновникот на агата. Константин збунето му одговори:
- Не е вистина, тој се прелагал. Јас сум чист христијанин.
Овој настан толку го вознемири Константина, така што цела ноќ не можеше да заспие од страв, и во зори реши да побегне од тој град. Штом осамна, тој отиде на морското пристаниште. Таму го најдоа морнарите од бродот, но во тоа време се пронесе глас од брегот дека некој турчин бара од морнарите да му го предадат Константин. Исплашени, морнарите без збор им го предадоа на турците. Изведен пред агата, тој го праша:
- Кој си ти, од каде си дошол во нашиот град, и како се викаш?
Константин одговори:
- Јас сум оддалеку, патувам за Анатолија, ја исповедам христијанската вера и се викам Константин.
Агата му одговори:
- А што ако овде се најде човек кој ќе докаже дека си турчин?
Константин одговори:
- Тоа не е возможно. Јас сум христијанин.
Во тој момент пристапи чиновникот и му се обрати на Константин:
- Залудно се трудиш да докажеш дека не си турчин! Та зарем ти не си брат на Смирнскиот турчин - златарот? Јас тоа многу добро го знам, и никој не може да ме разубеди.
Гледајќи дека сѐ се случило по Божја промисла, Константин храбро одговори:
- Да, навистина бев турчин, но кратко време минав во беззаконата муслиманска вера, зашто мојот Господ Исус Христос, по Својата голема милост, ме извади од темнината и ме приведе кон вистинската светлина. Сега ја газам вашата вера со сите обреди, зашто таа сите свои следбеници ги води во вечна смрт.
Агата веднаш нареди да го тепаат, па го заклучија во темница, додека не одлучи што ќе прави со него. Тој му напиша писмо на Мосховискиот паша, со молба веднаш да дојде поради важна работа. Пашата дојде итно, и веднаш собра судии да му судат, па го прашаа:
- Се предомисли ли, несреќкнику? Ако останеш во нашата вера ќе ти дадеме и богатство и почести, и сѐ што сакаш, само биди му верен на големиот пророк.
Маченикот со насмевка одговори:
- Смешно е и да се слуша тоа. Вие сте великодостојници, а зборувате безсмислици што и дете не би ги изрекло. Вие го нарекувате голем пророк лажливецот кој пропадна. А ќе пропаднат и сите кои веруваат во него. Јас го проколнувам, а вашето богатство и награди не ми се потребни, зашто никој не може да ме раздели од мојот Исус Христос.
Пашата викна:
- Ако е така, тогаш ние ќе те натераме да ја оставиш својата заблуда.
И нареди да го тепаат со стапови по табаните, па да го фрлат во темница. Таму кришум го посетуваа некои христијани, го тешеа и бодреа благодушно да го поднесе мачењето и цврсто да стои во исповедањето на името Христово, зашто Он веќе му ги подготвува маченичкиот венец и Царството Небесно.
Во тоа време за Константиновото страдање слушна и еден циган, ковач, познат по својата ѕверска злоба. Тој се обиде да го исмее Божјиот човек, па му се јави на агата и му рече:
- Ако ми го дадеш под моја власт христијанинот што вчера го мачевте, ве уверувам дека тој ќе се одрече од својот Христос и ќе поверува во големиот пророк Мухамед. Верувај ми, зашто десет години измачував еден христијанин Георгиј, кој иако не се одрече од Христос, сепак умре со најужасна смрт.
Агата се согласи и му го предаде страдалникот Христов. Злобниот циган започна со своите мачења: најпрвин му навлече на главата вжештен железен шлем, од што чад излегуваше од ноздрите на страдалникот. Потоа со оловни кугли толку силно му ги стегнаа слепоочниците и черепот, така што очите му испаднаа. Сите овие пеколни маки светителот благодушно ги трпеше. Неговото срце, обземено од љубов кон Господа Христа, Кој го крепеше, беше туѓо за страдањето на телото. Љубовта Божја ги заглушуваше лутите страдања од мачењето и тој остануваше цврст и непоколеблив.
После овие маки го фрлија во друга темница, во мрачно подземје, па му ги ставија нозете во тешки клади. Некои христијани тука ноќе гледаа блескава светлина, која излегуваше од храмот на светиот новомаченик Георгиј, и продираше во Константиновата темница. По неколку дена повторно беше изведен на суд пред агата, кој го праша:
- Сега ќе ни кажеш ли кој си? Се предомисли ли?
Наместо одговор, светителот прекорно им рече на судиите:
- Вие, луѓе ли сте или ѕверови? Сте довеле на суд потполно окован и врзан човек, како да се плашите дека ќе ви побегне? Успокојте се! Јас стојам пред вас. Со мене правете што сакате. Сечете го, печете го моето тело, но јас останувам во исповедањето на правата вера, и сѐ ќе поднесам за љубовта на мојот Господ. Одврзете ми ги рацете, па ќе видите кој сум.
Кога му ги одврзаа, тој се прекрсти пред сите и силно викна:
- Сега гледате кој сум!
Ваквото бестрашно исповедање на верата толку го разјари Мосхонискиот паша, што тој скокна од своето место и крстолико го зари својот меч во неговите гради, викајќи:
- Зарем така се разговара со судиите?
Во моментот кога од ударот на мечот се раскина мачениковата облека, на неговите гради како молња блесна златен крст. Судиите уште повеќе се разбеснија од тоа, и наредија да го бичуваат, потоа целото тело му го оковаа во тешки ланци и го фрлија во темница.
Ова свирепо мачење многу ги потресе кидонските христијани, кои стравуваа младиот страдалник да не малакса со духот. Особено стравуваше учителот Григориј, па за утеха и поткрепа тајно го испраќаше кај него својот ученик Јован, кој пред тоа живеел неколку години на Света Гора. Стравувањето на благочестивите христијани беше потполно оправдано, зашто освен телесните страдања, врз маченикот Христов се беше нафрлил и ѓаволот, кој ноќе го плашеше со некакви страшила, за да го поколеба. Така, тој понекогаш излегуваше пред него во облик на жена, црнец, пес и бик. Но, сите тие сатански привиденија непобедливиот војник Христов јуначки ги одбиваше. По разговорот со Јован, тој воопшто не им обраќаше внимание на ѓаволските замки, а благочестивите христијани усрдно се молеа за него по црквите Божји. Наредната ноќ светиот маченик беше удостоен на посета од Богомајката. Пресветата му се јави во неискажана светлина и небесна слава, и со кроток и тивок глас му рече:
- Радувај се, Константине, верен слуго на Синот Мој, избранику Мој. Твојата молитва е услишана. Јас дојдов да те утешам и известам, дека мојот Син сака страдалничкиот подвиг да го завршиш во Цариград. А пак на жителите на овој град, Он им објави да Го молат Бога за себе, а не за тебе, зашто нивните гревови ја надминаа долготрпеливоста Божја, и Синот мој, според Својот праведен суд одлучи да ги истреби од лицето на земјата, како некогаш Содом и Гомор, и гневот Божји нема да задоцни. Тие грешници се молат за дожд поради сушата, но по твоите молитви ќе им се испрати дожд, кога ти ќе стапиш на коработ за да отпловиш кон Цариград.
Претскажувањето на Себлагословената навистина се исполни. Кидонискиот градоначалник не сакаше сам да решава околу маченикот, па го испрати во Цариград кај повисоките власти. И штом тој стапи на коработ, заврна силен дожд.
По доаѓањето во престолнината светителот беше испратен на робија, онаму каде што се поднесуваа најголеми маки. А кога надзорникот дозна дека тој порано бил муслиман па ја примал христијанската вера, нареди да го тепаат со стапови по табаните, и да го фрлат во темница. Од темницата тој ги молеше христијаните да му испратат духовник, кој набрзо дојде и го посети. Кога виде дека момчето е изнемоштено, духовникот помисли дека нема да може да издржи до крај, па му рече:
- Константине, добро е да се исповеда името Христово, но мачењата од турците се многу ужасни. Ако се плашиш од маките, ние со Божја помош ќе те избавиме одовде.
Светителот зачудено одговори:
- Што зборуваш, оче? Погледни го моето тело, - и му ги покажа нозете.
Духовникот затрепери кога му ги виде нозете раскинати, зашто и самото лице негово, и табаните, му беа во рани. Тогаш се восхити на неговото трпение, а маченикот строго му рече:
- Внимавај, оче! Немој ни да помислиш да ме ослободиш со злато и подароци. Нека ме сочува Бог од тоа! Притоа, знај дека по неколку дена ќе го завршам својот подвиг, како што ми откри Пресвета Богородица. Затоа, те молам, појди до патријархот Григориј, кој ме знае и се моли за мене. Кажи му дека си ме видел и дека повторно ќе ме видиш подоцна.
После тоа духовникот го благослови маченикот, па се разделија во мир.
Утредента повторно го изведоа на суд. Гледајќи дека и по свирепите мачења и ветувања на сите можни богатства маченикот останува цврст во своето вероисповедување, го осуди на смрт со бесење. Така светиот страдалник Христов го заврши својот маченички подвиг на 2 јуни во 1819-та година, и неговата света душа, како миризлива ружа расцветана среде трње, одлета во небесните живеалишта, оставајќи го своето многустрадално тело, кое мачителите го мачеа цели четириесет дена.
За да не остане ниту трага од подвизите на светиот маченик Константин, турците го зедоа неговото свето тело и тајно го погребаа на муслиманските гробишта. Веста за неговата смрт набрзо стигна и до Света Гора Атонска, и неговиот благочестив старец Гаврил од Капсокаливитскиот скит испрати еден свој ученик во Кидонија, да собере податоци за неговите страдања. Тој ги собра потребните податоци и од Кидонија отпатува за Цариград. Но, таму, и покрај упорното барање, за жал не можеше да ги најде светите мошти на маченикот, туку најде само едно парче од неговата облека, и со него, како со скапоцено богатство, се врати во Капсокаливитскиот скит.
Господ Бог, славениот во спомените на светиите Свои, и на овој Свој угодник му го дари дарот на чудотворството, и тоа на парчето негова облека, обагрено со крв. Се случи така што на еден послушник од Капсокаливитскиот скит многу го заболе главата, токму во времето кога парчето облека од маченикот беше донесено во скитот, братот кој ја донесе таа светиња отиде кај него, му ја завитка главата со тоа парче, и тој така ја мина ноќта, а утредента главоболката исчезна. Друг брат, кој имаше силна забоболка, со вера го повика во молитвите името на светиот маченик, и веднаш беше исцелен. А еден јеромонах, чии умни способности беа толку растроени, така што тој беше близу лудило, штом со вера се допре до облеката на светиот Константин, повторно оздраве.
По молитвите на светиот маченик Константин, нека Господ Бог нѐ удостои и нас на Царството Небесно. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК ДИМИТРИЈ
Свети Димитриј беше син на свештеник од Филаделфија, Мала Азија. Рано остана без татко, и мајка му го одгледа во верата и стравот Господов. Како скромно, убаво и многу мило момче, Димитриј беше грабнат од страна на турците. Со разни подароци и заплашувања турците најпосле го прелагаа Димитрија, та тој со својот детски разум се одрече од Христа. Од тогаш живееше во домот на најугледниот турчин во Филаделфија. За неколку години тој многу се збогати и се ожени со една од првите девојки во градот. На дваесет и пет години Бог го посети со Својата милост, та Димитриј започна да се сеќава на својата прадедовска вера, од која што се одрече, и ја увиде лагата на муслиманската вера. Длабоко воздивнувајќи, тој си велеше:
„О погубно незнаење мое! О несреќен Димитриј! Се одрече од својот Господ, и години на ред си во овој мрак! Ти мораш повторно да Го исповедаш својот Господ пред луѓето! Во тоа ќе ти помогнат претходните свети Маченици, кои го сториле истото“.
Откако донесе таква одлука, и вооружен со благодатта и силата на Светиот Дух, Димитриј веднаш тргна по патот на мачеништвото. Отиде кај градоначалникот кој беше опкружен со големци, и бестрашно му рече:
- Чуј ме, управнику на овој град! Изминаа веќе дванаесет години откако ослепев и не ја видов светлината на мојата Православна вера. Сега мојот ум е озарен со Светиот Дух и јасно осознавам и гледам дека Господ Христос е единствен вистински Бог. Вашата агарјанска вера е лага и нема спасение во неа. Затоа се одрекувам од неа и ја отфрлам. Јас сум христијанин, како што бев и порано и се викам Димитриј. Од љубов кон Христа спремен сум на секоја жртва и смрт за Него. Затоа не двоумете се, туку веднаш искасапете го моето тело. Верувам во мојот Господ Христос, Кој ме спаси, а вашиот пророк го отфрлам како ништовен.
Градоначалникот заедно со големците веднаш нареди да го положат на земјата и да го тепаат. Тепан, маченикот се радуваше и гласно пееше:
„Слава Тебе, Боже наш, слава Тебе! Свети Димитриј, свети Георгиј, помогнете ми! Свети Никола, притекни ми на помош!
Потоа го фрлија во темница, со надеж дека ќе се предомисли. Наредната ноќ кај Димитриј турците испратија свои најучени луѓе со еден арапски маг, за на секој начин, па дури и со магии, да го натераат да се одрече од христијанската вера. Но, сѐ им беше залудно. Маченикот Христов остана цврст и непоколеблив во својата вера. По извесно време, откако градоначалникот се смири, го ослободија.
Тажен што остана без маченичкиот венец, за кој толку чезнееше, Димитриј отиде во едно тулбе полно со турци, и започна гласно да ги изобличува, говорејќи:
- О бедни агарјани! Не вообразувајте си дека вашата вера е права и вистинска! Вие сте во заблуда! Вие сте заведени! Вие сте во таков мрак, што не ја гледате светлината и вистината. А јас верувам во Христос, вистинскиот Бог и вистинскиот човек, Кој ги зеде на Себе сите гревови на светот. Единствено Нему Му служам.
Откако го рече тоа ја симна чалмата од главата и зелената облека од себе, и газејќи ги, рече:
- Како што ги газам знаците на вашата вера, така ја газам и вашата вера и законот ваш. Се одрекувам од нив и ги отфрлам.
Турците скокнаа како разјарени лавови. Едни започнаа да го тепаат со стапови, други фрлаа камења по него, па полумртов го газеа и многумина мислеа дека издивнал. Но, крепен од Господ Христос, маченикот се молеше со умот. А кога слушна дека турците се договараат мртов да го спалат, тој ја прекина молитвата, се исправи и им рече:
- Не мислете дека сум умрел, зашто мојот Господ Христос ми дава сила. Еве, имам пари да ви дадам. Купете дрва и спалете ме.
Бесни од мака што го гледаат жив, турците три пати му зарија нож во грбот, кој му излезе низ градите. Но маченикот не умре, зашто силата Божја го држеше во живот. Потоа го одведоа на губилиштето. Таму еден од нив го удри со мечот среде главата, и му ја расече на две половини. Но, со силата Божја, маченикот со своите раце ги фати двете половини на својата глава, ги прилепи една до друга, па ги крена очите кон небото и и го повика на помош свети Димитриј. Во тој миг двете половини сраснаа една за друга и главата му стана здрава. Кога го виде ова чудо, овој зол турчин повторно му ја расече главата на две половини, но светиот маченик повторно ја исцели на истиот начин, при што ниту капка крв не падна, ниту пак остана некаков белег од раната.
При овие потресни чуда бесните турци наместо да го остават уште побездушно се нафрлија врз него и започнаа да го влечат на спалување. А тој со солзи гласно се молеше:
„Господи наш Исусе Христе, кај Тебе доаѓам денес како жртва и во Твоите свети раце го предавам мојот дух“.
Но, проклетниците, не можејќи да го гледаат, му ги отсекоа нозете. Така прекрасниот јунак Христов го оконча својот земен живот и доби маченички венец. Тогаш турците запалија оган и го фрлија во него. Но, за чудо, огнот се раздвои и не се допре до телото. Турците уште повеќе се разбеснија од тоа, па донесоа многу масло, го истурија врз огнот, но огнот пак не му наштети на светото тело. Тогаш, не знаејќи што да прават, турците дофатија сатари и го исекоа на парчиња. Потоа од светите мошти на маченикот Димитриј се случуваа многу чудеса, и непрестајно се случуваат и им се даваат исцеленија на сите кои со вера прибегнуваат кај овој свет маченик, по чии што молитви да се удостоиме и ние на Царството Небесно. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ДВАЕСЕТ ИЛЈАДИ МАЧЕНИЦИ
Тие поверуваа во Христа преку преподобниот Еразмо.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ МАЈКА СО ТРИТЕ НЕЈЗИНИ ДЕЦА
Пострадаа за Господа со обезглавување.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ТРИЕСЕТ И ОСУМ МАЧЕНИЦИ
Беа затворени во многу загреана бања, во која што се задушија. Така пострадаа за Господа.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ МАРИН ВАН
Гедеон во Византискиот Еортологион за преподобниот Марин пишува дека е родум од Цариград, и дека потекнува од знаменити родители Никифор и Марија. Беше одгледан во побожноста во Визија тракиска и замонашен од својот брат Симеон. Како многу благочестив, строг подвижник и искрен давател на милостиња, тој поживеа преподобно и се престави во мир. Неговите чесни мошти беа положени во манастирот Пресвета Богородица викан Корона.