16. Јуни (3.Јуни)
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ЛУКИЛИЈАН И СО НЕГО ЧЕТИРИТЕ МОМЧИЊА КЛАВДИЈ, ИПАТИЈ, ПАВЛЕ, ДИОНИСИЈ И ДЕВИЦАТА ПАВЛА
Светиот маченик Лукилијан, кој пострада во времето на римскиот цар Аврелијан, првин живееше како незнабожец и беше угледен идолски жрец. Тој како таков и остаре. Живееше недалеку од Никомидија, служејќи им на нечистите богови. Потоа, со благодатта на нашиот Бог Христос, тој ја увиде демонската заблуда, ја спозна вистината, поверува во единствениот Бог, и во староста се препороди со светото крштение и се приљуби кон љубовта Христова и со мислите и со душата. На останатите многубошци им ја укажуваше заблудата, ништовноста и погубноста на нивното безбожие, и со своето учење ги приведуваше кон Христа. Тој на многумина им стана пример за обраќање кон Бога. Месните евреи го намразија поради тоа, и од завист го наклеветија и предадоа на суд пред многубошците. Така слугата Христов беше изведен на суд пред никомидискиот управник Силван. Тој многу го присилуваше да се одрече од Христа и повторно да му се врати на идолослужењето, но старецот упорно одбиваше. Затоа беше мачен на разни начини. Му ги скршија вилиците, го тепаа со мотки, го бесеа, па по долгото и страшно мачење го фрлија во темница. Во темницата свети Лукилијан ги затекна четирите момчиња Клавдиј, Ипатиј, Павле и Дионисиј, затворени поради верата Христова. Им се израдува старецот на дечињата и разговараше со нив за Христа Бога, и ги соколеше на подвигот маченички. Им зборуваше за вечната награда на небесата, да не се плашат од привремените маки и од смртта, ниту пак да ја штедат својата младост ради Христа, Кој им подготвува неостарливо блаженство во Своето царство. Се собираа сите заедно и деноноќно Му се молеа на Бога.
По многу изминати денови свети Лукилијан повторно беше мачен, но сега заедно со момчињата, и со нив во вжештена печка беше фрлен. Но, огнот се претвори во ладовина, пламенот во роса, и силен дожд ја згасна печката и свети Лукилијан и децата излегоа неповредени, како некогаш трите момчиња од Вавилонската печка. Заслепени од неверие и злоба, незнабошците ова преславно чудо Божјо го препишуваа на христијански магии. Тогаш неправедниот судија ги осуди светите маченици на смрт и ги испрати во Византија, за таму да се изврши смртната казна над нив. Кога стигнаа во Византија, на Клавдиј, Ипатиј, Павле и Дионисиј им беа отсечни главите, а свети Лукилијан беше распнат на крст, прикован за него со клинци по целото тело. Така тој го предаде духот на Бога. Беше распнат на крстот од Евреите, што се гледа од третата песна на канонот што му е посветен.
На неговиот маченички венец му се придружи и светата девица Павла. Родена од родители христијани, и од младоста воодушевена со пламена љубов спрема Христа, и таа го чуваше своето девство и се трудеше да биде достојна на небесните дворови. Останата сираче по смртта на своите родители, и поседувајќи голем имот, таа ги посетуваше по темниците светите затвореници кои страдаа за Христа, давајќи им злато на стражарите. Им служеше на слугите Христови носејќи им храна, облекувајќи ги, лекувајќи ги, и повивајќи ги со чисти завои. Им ги целиваше раните здобиени заради Христа, и со солзи ги молеше да се молат за неа на Бога, да не ја лиши од милоста Своја. Оваа одбрана невеста Христова доаѓаше и кај свети Лукилијан, кога беше затворен со момчињата во Никомидија, и се насладуваше од неговите корисни поуки. Кога ги мачеа светителот и децата, таа беше сведок на нивниот подвиг и тајно се молеше за нив, Христос да им даде трпение да издржат во маките за слава на светото име Негово. Кога ќе се разотидеше народот, таа приоѓаше до местото каде беа мачени светителите, ја собираше нивната крв од земјата и ја чуваше како голема светиња. Така, кога старецот и четирите момчиња ги водеа во Византија на смрт, таа ги пратеше и им служеше, а кога на светите момчиња им беа отсечени главите, оваа света девица ги собра нивните тела и побожно ги погреба. По нивната смрт, повторно се врати во Никомидија и продолжи со својата поранешна работа. Но, незнабошците забележаа дека е христијанка, ја фатија и ја доведоа пред управникот на градот Силван. Тој се обиде да ја придобие со многу соблазнувачки ласкања и грозни закани, па откако увиде дека е непокорна, нареди немилосрдно гола да ја тепаат со мотки и стапови. Кога од многуте рани изнемоште со телото, ѝ се јави ангел и ја излекува. Исцелена телесно, таа беше уште похрабра во маките. Потоа жестоко беше тепана по устата, затоа што го навреди мачителот, па ја фрлија во темница, и повторно ја изведоа на мачење. Ја ставија во многу вжештена печка од која излезе неповредена, исто како претходните свети маченици, зашто сила Божја го разлади огнот и огнениот пламен не се допре до невестата Христова. После тоа мачителот ја осуди на смрт со обезглавување. Ја испрати во Византија, за таму да ја прими смртта, исто како и свети Лукилијан со светите деца. Откако усрдно Му се помоли на Господа, таа радосно ја наведна својата девствена глава под мечот и ја обезглавија. Така премина во небесните дворови, во радоста на својот Господ, овенчана од премилиот свој Младоженец Господ Исус Христос, со венецот на девството и венецот на мачеништвото.
ЖИТИЕТО И СТРАДАЊАТА НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ЛУКИЈАН
Да се споменуваат победите на преславните маченици над ѓаволот и неговите слуги и страдалничките подвизи на Христовите подвижници, значи да се објавува славата на Христа Бога и да се проповеда силата Негова, јавена во доброљубивите маченици, кои страдале за слава на пресветото име Негово. Зашто во сите Самиот Христос беше победник, како што и рече: „Не плашете се, зашто Јас го победив светот“ (Јован 16, 33). И најпрвин самиот Он се бореше со врагот; а светите маченици, страдајќи после Него, како членови Негови (сп. | Кор. 12, 27; Рим. 12, 5), го дополнуваат, според зборовите на апостолот, недостатокот на неволјите Христови на телото свое (Кол. 1, 24). И доколку мачениците, борејќи се за пресветото име Негово, умираат непобедени, дотолку во нив Христос се јавува како победник, зашто во нив Он страда како во членовите на телото Свое, во нив ја покажува и славата Своја над противникот и, прославувајќи се, Он заедно со Себе ги прославува и Своите членови кои страдале за Него, односно светите маченици, кои му се толку поблиски во славата од сите, ако биле Негови подражавачи во страдањата. Затоа треба да ги славиме и со пофалби да ги опсипуваме добрите војници Христови, со чии што учења и примерот на јуначките подвизи Црквата Христова блеска по целата вселена. А тие почиваат во блажениот живот, под олтарот, облечени во бела облека, обагрена со својата сопствена крв, а со Христовата избелена (сп. Откр. 6, 9. 11).
Во ликот на светите маченици спаѓа и свети Лукијан. Штом го осветли Божествената благодат со бањата на Крштението, веднаш можеше да се види дека тој ќе биде голем и славен меѓу луѓето.
Неговите родители му го дадоа името Лукиј, во чест на големиот проконзул Лукија, од кого водеше потекло. Потоа, со благодатта на Светиот Дух, и по обичајот на светите Отци, неговото име на крштевањето беше променето на подобро. Со умножувањето на Божјите дарови во него, тој го доби совршеното име Лукијан, што значи светлозарен. Тоа укажуваше дека тој во светлината на новата благодат ќе стане света светлина во Господа. Родум Римјанин, од благородно потекло, тој уште повеќе се облагороди со препородот христијански, зашто се најде посинет од Вечниот Цар. Со голем успех ја изучи философијата, ги научи грчкиот и латинскиот јазик, но совршената мудрост ја стекна од учењето на светиот апостол Петар, зашто се прилепи за него, беше негов ученик и напоен од него со небесната мудрост. Од светиот апостол се научи и на апостолските трудови и навики, и по маченичката смрт на апостолот тој пропатува многу места во Италија, сеејќи го семето на словото Божјо.
Лукијан веќе беше совршен во мудроста Божја, кога воден од Бога, во Рим дојде свети Дионисиј Ареопагит, со намера да ги посети светите затвореници, апостолите Петар и Павле, но не ги затекна меѓу живите. Во тоа време блажениот Климент беше папа и управуваше со апостолскиот престол. Тој со љубов и голема чест го прими Дионисиј поради неговата светост и нивната поранешна долготрајна духовна љубов во Христа. Дионисиј остана кај него подолго време, и се тешеа еден со друг, насладувајќи се со душекорисните разговори, и крепејќи се не само со зборови, туку и со добродетелите. Еднаш блажениот Климент, исполнет со Светиот Дух, рече:
- Гледаш ли, мој возљубен брате Дионисиј, колку е обилна жетвата Господова меѓу незнабошците, а малку се запослените во проповедањето на зборовите Божји? Тебе, како многу упатен во Православната вера и совршен во сите христијански доблести на законот, те молам, појди во западните земји заради името на нашиот Господ Исус Христос, и како Негов добар војник победувај ги непријателите со силата на Бога, Кој ти дава моќ.
Свети Дионисиј се согласи, а блажениот Климент започна да му бара побожни и мудри помошници и сослужители со свет живот. Меѓу нив го избра и свети Лукијан, го постави за епископ и го испрати со свети Дионисиј, да му биде сопатник и соподвижник во проповедањето на зборовите Божји, а на останатите отец во Духот Свети, учител и наставник. Откако уреди сѐ, блажениот Климент со срдечни зборови ги бодреше избраните, говорејќи:
- Одете, премили браќа! Одете, непобедливи војници Христови. Господ нека биде со вас, како што беше со светите Апостоли. Вие безброј многу луѓе од незнабошците ќе придобиете за Господа и ќе ги внесете во Неговото трло.
По долгиот разговор со нив, свети Климент ги благослови и ги отпушти со мир. Тие тргнаа заедно, и Го проповедаа Христа најпрвин по цела Италија.
Кога наближуваа до градот Тицино, блажениот Лукијан во местото Парма го благовестуваше словото Божјо и ги одвраќаше луѓето од бесмисленото идолослужење. А месните жители, многу ревносни идолопоклоници, не можејќи да ги поднесат навредите на своите богови, и без да обрнат внимание на благовестувањето на словото Божјо, го фатија свети Лукијан, долго го злоставуваа и го затворија во народната темница. Блажениот влезе во неа пеејќи:
„Упати ме Господи, кон Твојот пат, и јас ќе одам во Твојата вистина (Псалми 85, 11); Господи, утврди ги стапките мои на патеките Твои да не застранат чекорите мои“ (Псалми 16, 5).
Така радувајќи се во Господа, светиот маж живееше во темницата како во сенката на крилјата Божји, и доверувајќи се себеси на заштитата Христова, вака Му се молеше:
„Господи, изведи ја од темнина душата моја, за да го прославувам името Твое (Псалми 141, 8), зашто ме чекаат оние што ќе станат праведници, за преку мене, Христе Спасителу на светот, да се обратат кон Тебе оние од незнабошците предодредени за живот вечен.
Молитвата на светителот веднаш стигна до ушите Господови, зашто тој се молеше не од страв да умре за својот Господ, туку од желба најпрвин да го умножи духовниот род Господов, па потоа со своите другари да прими маченички венец и награда за своите трудови. Набрзо му беше испратена помош Божја: кога дознаа што го снајде овој свет маж, некои тамошни христијани, од љубов кон Христа, некако го избавија Лукијан од оковите и му дадоа можност слободно да отпатува со своите другари.
Оваа света дружина, водена од Господа, среќно стигна во италијанскиот град Тицин, односно Павија. Откако одморија тука, тие продолжија да ја зголемуваат славата Божја, многу неуморно проповедувајќи го словото Божјо по разни места, така што на нив можеше да се види исполнувањето на пророчките зборови:
„Колку се прекрасни врз горите нозете на благовесниците кои го благовестат мирот, го благовестат доброто“ (Ис. 52, 7).
Невозможно е да се изрази колку многу илјади души за кратко време тие обратија кон Христа, благовестејќи им го спасението на сите. Ним силата Божја толку им помагаше, така што оние што ќе ги видеа, мислеа дека гледаат небесни граѓани, зашто со знаменијата и чудесата блескаа среде сите, просветувајќи ги душите на избраниците Божји.
Потоа ја напуштија Италија и тргнаа онаму каде што ги упатуваше Светиот Дух. Радосни стигнаа во пристаништето на градот Арелат, и пријателски беа примени од жителите на тој град. Откако одморија тука, тие по примерот на светите Апостоли започнаа да си избираат земји за проповедање на зборовите Божји. А за да успеат во проповедањето на Евангелието Христово да ја распространат и умножат Црквата Божја насекаде меѓу незнабошците, сѐ до Британскиот Океан, свети Маркелин со мал број браќа појде во Шпанија, а свети Дионисиј со блажениот Лукијан и останатите отидоа во Париските краеви. Оттаму свети Лукијан со презвитерот Максијан и ѓаконот Јулијан отпатува на проповед во Белгија. Исполнет со благодатта на Светиот Дух, тој таму во името Господово ја победуваше вражјата сила, засадувајќи ја Христовата Црква и раководејќи го народот кон спасението, не помалку со примерот на доблесниот живот отколку со зборот. Покрај тоа, нему му беше дадена сила од Бога да прави чудеса. Тој ја исцелуваше секоја болест и секое страдање меѓу луѓето, а над ѓаволите доби толку голема власт, така што тие, штом ќе ја слушнеа неговата наредба, веднаш излегуваа од луѓето што ги мачеа. Проповедајќи Го Христа и дење и ноќе, тие пребиваа во молитви и бденија, во секојдневен пост, во воздржание, во секое умртвување на телото со кое непрестајно се мачеа себеси, додека според апостолските 3борови не се дадоа себеси како жртва жива, света, и благоугодна на Бога (Рим. 12, 1). Негова секојдневна храна беше едно мало парче леб, зелје и вода. Него силата Божја го заситуваше и благодатта Христова го крепеше, та изгледаше како веќе да умрел за светот. Крстот свој тој го носеше насекаде, одејќи по Христа Господа. Тој знаеше дека мачењето бива двосилно: едно тајно а друго јавно, и пред да влезе во подвигот на јавното мачеништво, и да се овенча со несвенливиот венец од Господа, тој тајно се измачуваше себеси со умртвување на своето тело, иако неговото воздржание им беше познато на сите. Стекна такво совршенство во доблестите, та живеејќи на земјата во тело, со духот веќе изгледаше дека живее со ангелите на небото. Лицето негово беше светло и мило а умот спокоен. Украсен со прекрасна седост, тој по сѐ беше земен ангел и небесен човек.
Кога славата Лукијанова се пронесе по цела Белгија, кај него започна да доаѓа многу народ со желба да се крсти. Тој ги крштеваше во името на Отецот и Синот и Светиот Дух, а тие ги уништуваа своите идоли што порано ги обожаваа. Гледајќи се себеси исмеан од оние што Христос ги привлекуваше кон Себе преку Своите слуги, ѓаволот сите свои лукавства и ѓаволии ги насочи кон разорување на Светата Божја Црква, та Домицијан, кој по загинатиот Нерон беше покренал второ гонење против христијаните, го поттикна на голем гнев и омраза против христијаните, и го наговори ширум целото Римско Царство да ги присилува христијаните да им принесуваат жртви на киповите богови, или страшно да ги мачи и убива. Домицијан распрати по сите градови и села на своето царство нечестива наредба според која сите градоначалници треба да ги присилуваат христијаните да им се поклонуваат на идолите и да им принесуваат жртви, а непокорните да ги ставаат на разни маки и да ги убиваат.
Тогаш во Галија беа испратени гонители на името Христово да ги бараат војниците Христови, а особено дојдените од Рим, чија што слава се беше пронесла надалеку, за заедно со нив да го истребат од Галија самото име Христово. Таму беа испратени Латрин, Арија и Антор. Ним им беше дадена специјална наредба да го бараат светиот Божји слуга Лукијан, и да го доведат на суд пред кесарот, или, ако не сака да им принесе жртва на идолите, веднаш да му ја пресечат главата. Гонителите ги обиколија сите градови и села низ Галија, но не можеа да го пронајдат. Потоа до нив допре глас дека човекот Божји Лукијан го просветува Белгискиот народ, проповедајќи го Евангелието на вечното Царство. Кога го слушнаа тоа, гонителите едноставно побеснеа од гнев и јарост, па побрзаа кон Белгија. Пред да стигнат таму, свети Лукијан со откровение од Светиот Дух дозна дека тие наскоро ќе дојдат, и остана во местото каде го поучуваше народот, опкружен со многумина веќе обратени кон Христа. Преполн со надеж во славата на вечноблажената награда, тој со преголемо усрдие ги советуваше:
- Возљубени браќа и чеда во Христа! Мојот Господ Исус Христос веќе сака да ми ја даде порано ветената награда за плодовите на моите трудови. Мили мои, бидете цврсти и непоколебливи во верата Христова! Јас сум веќе стар и заморен, се радувам на маченичкиот венец и брзам кај мојот Господ, а вие останете постојани во благодатта Божја што ја примивте. Стравот од мачителите да не ве одврати од верата Христова. Нека не ве застрашуваат заканите. Нека не ве намамат ласкањата. Нека не ве оттргнат ветувањата на некакви почести и богатства, за да се насладувате на вечната радост во идниот живот, каде ви се подготвени неискажани награди. Кон нив итам и јас полн со надеж, и затоа не се плашам од јароста на гонителите.
Откако го рече тоа, свети Лукијан ги крена очите кон небото, и благодарејќи Му на Бога рече:
- Ти благодарам, Господи Исусе Христе, што ме спријатели со блажениот Дионисиј и со неговите соподвижници и ме изедначи со нив во трудовите. Те молам, удостој ме заедно со нив да бидам и во Царството Небесно.
Откако го изговари тоа, тој излезе од градот Белвак, не за од страв да го одбегне мачењето, туку според заповедта Господова, Кој ни наредува да бегаме од гонителите (Матеј 10, 23), да му даде пример на своето стадо. Така патувајќи со своите блажени сострадалници, презвитерот Максијан и ѓаконот Јулијан, тој за време на патувањето не престануваше со душекорисниот разговор и молитвата, додека не стигна на врвот од планината, која се наоѓаше близу реката Тара, која тече од запад. Кога дојде таму, тој, како град на врв планина, не можеше да се сокрие и одлучно остана да го чека маченичкиот венец.
Кога стигнаа во градот и во него не го најдоа светиот ЛукиЈан, гореспоменатите мачители започнаа многу внимателно да се распрашуваат каде отишол. Им беше речено дека недалеку од градот го поучува народот. Тие веднаш одјурија со коњите и стигнаа на планината каде што се наоѓаше човекот Божји со народот и учениците свои. Таму најпрвин ги фатија слугите Божји Максијан и Јулијан, за со нивните маки и смрт да го исплашат светиот Лукијан. Ним, тие грозно им наредуваа и им се закануваа да им принесат жртви на идолите. Но храбрите маченици бестрашно им одговараа дека нема да им се поклонат на идолите кои се ништовни и дела на човечките раце, додавајќи дека Му служат на единствениот вистински Бог, Господ Исус Христос, за чија што вера се спремни и да умрат.
Злобниците веднаш ги погубија со меч пред очите на светиот Лукијан. Така светите маченици ги примија ветените венци од Господа, а свети Лукијан, радувајќи се и славејќи Го Бога за нивниот подвиг, пред сите рече:
- Се радувам и се веселам со Тебе, Господи Боже мој, што гледам дека моите чеда пред мене ги добија венците на славата Твоја.
Тогаш Латрин, Арија и Антор, јаросно како со една уста, свирепо викнаа кон блажениот:
- Ти ли си тој што со магии го заведуваш народот да не се покорува на наредбата на кесарот и римскиот сенат, и да не им принесуваат благопријатни жртви на бесмртните богови?
Блажениот Лукијан им одговори:
- Јас не сум мегепсник, туку слуга на Исус Христос и не знам магии туку ја знам Божествената мудрост, со која на Божјите луѓе им го покажувам патот кон вистината, и ги поучувам како непречено да одат по мојот Господ Исус Христос, Кој од небото слезе на земјата, за со пречистата крв Своја да го откупи созданието Свое од робувањето на врагот, и да го одврати од клањањето на идолите, или подобро речено демоните, и да им дари спасение на оние што од темнината на зловерието ќе ги приведе кон вистината на светлината. Правилно е своето срце да го приклонуваме единствено кон Оној, Кој благоволи да биде распнат и да умре за избавувањето на сите.
На тоа мачителите рекоа:
- Како Го исповедаш за Бог Оној, Кој што Го нарекуваш не само умрен туку и распнат?
Свети Лукијан одговори:
Иако вашето неверие не заслужува да ги чуе тајните на Небесниот Цар, сепак, поради големиот број присутни верници јас кратко ќе речам:
- Богот Вистински, Синот на вистинскиот Бог, Кој од вечноста постојано беше со Отецот, на крајот од вековите, сакајќи да го обнови родот човечки, загинатиот поради Адамовиот престап, благоволи да се роди нетлено и неискажано од Пречиста Дева, за да биде вистински Бог и вистински човек, во едно лице двојна природа на едниот Христос: вистински Син Божји и Син Човечки. И Он, без да страда Божеството, и постојано насекаде пребивајќи со Отецот, стана не само видлив туку и подложен, според човечката природа, на страдањата за нас: ради нашето искупување Он стана послушен на Бога Отца до самата крстна смрт. Зашто ако Синот Божји не посакаше да стане Син Човечки, и не се облечеше во смртно обличје, тогаш ни човечкиот род не би добил простување од Бога, ниту пак смртните би се облекле во бесмртност.
Овие зборови многу ги разбеснија мачителите, и тие рекоа:
- Си навлегол во длабока старост, и крајно време е да престанеш со детинесто празнословие. Но, бидејќи огромна суета те држи во заблуда и преголемото брборење те залудува, ти без колебање не се плашиш да одиш во смрт. Вистината ти ја зборуваме: ако наскоро не се покаеш, и не го оставиш своето безумие и смелост, и не им принесеш жртви на нашите бесмртни богови, веднаш твојата старост ќе ја предадеме на беспоштедни маки.
Потоа мачителите седнаа и на суров начин започнаа да го испрашуваат:
- Ајде брзо кажи ни го твоето име и потекло.
Војникот Христов им одговори:
- Моите родители ми го дале името Лукиј, а на Светото Крштение, со кое се препородив за вечен живот во Христа, јас бев наречен Лукијан. По раѓање сум Римјанин, но не се фалам со тоа, туку со тоа што сум слуга на мојот Господ Исус Христос, како што гледате. За мене нема друг живот и слава, освен во мојот Господ Исус Христос, и за мене е добивка да се умре за Него.
Тогаш мачителите рекоа:
- Ние ја зборувавме вистината. Ти си маѓепсник и соблазнувач на оние што те слушаат. Горделив си и не престануваш бесрамно да зборуваш, ниту ја штедиш твојата измачена старост. Ако пак си Римјанин, зошто тогаш си отстапил од почитувањето на римските богови, на кои им се поклонува ќесарот со целиот римски сенат и целиот свет?
Свети Лукијан одговори:
- Со благодатта на Христа во Кого се крстив, и Кого Го познав како вистински Бог, јас со својата вера се одреков не само од ѓаволот и идолите, туку и од сите негови дела. А тоа што јас го зборувам и исповедам за Христа Господа, вие не сакате да го слушате зашто вас и вашиот ќесар заедно со целиот сенат ве заслепило вашето неверие, та донесовте таква наредба, ние разумните створенија да им принесуваме жртви на ѓаволите, и да ги приклонуваме своите глави пред бесчувствителните идоли, кои се направени од човечки раце.
Не поднесувајќи ги навредите на своите богови, Латрин, Арија и Антор, врзан го предадоа светителот на војниците, а тие го налегнаа и долго, страшно и немилосрдно го бичуваа. Но Христовиот војник ниту болките го совладаа, ниту заканите уплашија и остана цврст во верата Христова. Изнемоштеното од староста и изнарането тело, тој толку го крепеше со бодроста на духот, што не му се промени ни лицето ни умот, и постојано со силен глас Го исповедаше името Христово, говорејќи:
- Никогаш нема да престанам и со срце и со вера и со устата своја да Го фалам Христа, Синот Божји.
Уште повеќе разјарени, мачителите наредија да го погубат со меч. Тогаш еден војник ја отсече неговата пречесна глава. А кога неговото свето тело бездушно лежеше и сѐ уште трепереше, сите, па и самите убијци, видоа како над него заблеска силна светлина од небото, и заедно со светлината се чу глас одозгора:
„Радувај се, добар слуго Лукијане. Ти не се исплаши да ја пролиеш својата крв за Мене. Дојди и прими го ветениот венец, и насели се на небото со Светиите. Дојди и наследи ја обителта на вечната слава што ти е подготвена со ангелите“.
Овој глас не дојде поради светителот кој секогаш цврсто беше убеден во својата награда ветена од Бога, туку заради присутниот народ, за уште повеќе да се зацврсти во верата на нашиот Господ Исус Христос, која толку долго му ја проповедаше свети Лукијан. Сето тоа се случи во саботниот ден, на гореспоменатата планина, три папришта оддалечена од градот. Гледајќи го и слушајќи го тоа, луѓето, како верните така и неверните, ги обзеде голем страв. Затоа некои побегнаа од таму, а некои со радост се восхитуваа гледајќи се ослободени од ѓаволските замки. Но, бидејќи не беа во состојба да гледаат во појавената блескава светлина, тие малку отстапија од тоа место. А мртвото тело на светителот, добивајќи од Бога некаква сила на живо движење, на чудесен начин се крена од земјата и застана на нозете. Потоа, земајќи ја во рацете својата пречесна отсечена глава, светителот непречено тргна, воден со благодатта на Светиот Дух, Кој живееше во него, и со помош на ангелите, како жив започна да чекори, носејќи ја својата глава, како што тоа го стори и неговиот другар свети Дионисиј во Париз. Одејќи така околу три папришта, и преминувајќи ја водата на гореспоменатата река Тара, човекот Божји стигна до местото што си го избра за погреб, легна на земјата и мирно се упокои во Господа.
Побожни луѓе, обратени кон Христа со мачениковата проповед, дојдоа, го помазаа неговото свето тело со мириси, го завиткаа со чисто платно и со големи почести го погребаа, но не без присуство на ангели, зашто кога неговото свето тело го предаваа на гробот се почувствува прекрасен и неискажлив мирис. Сите присутни се чудеа и прашуваа за тоа, а потоа рекоа:
- Слава Тебе, Господи Исусе Христе, што нѐ удостои на мирис каков што никогаш не помирисавме! Слава Тебе Христе Спасителу, зашто толку се насладивме со овој мирис, што сметаме дека во иднина нема да се лишиме од никакви блага.
И сѐ додека тие така зборуваа, им се даваше тој Божествен мирис. Тоа беше неоспорен доказ за присуството на светите ангели, кои од почетокот на мачениковите страдања, па сѐ до неговата смрт и погребение неотстапно беа покрај него. По погребението сите се поклонија до земјата, кликнувајќи со скршени срца:
- Веруваме, Исусе Христе, дека си Ти вистински Син Божји, Кој со Отецот и Светиот Дух царуваш на небесата, како што од Твојот свет маченик Лукијан слушавме и научивме со срце да веруваме.
Многубројниот народ, кој и од околните градови и села се беше насобрал на погребот, гледајќи го тоа се разнежи и тој ден во нашиот Господ Исус Христос, Синот Божји, поверуваа околу петстотини души. А пред тоа со учењето на свети Лукијан во Белгија беа обратени кон Христа триесет илјади луѓе од двата пола и секоја возраст, кои, откако ги оставија идолите, Го исповедаа Бога Отца неродениот и Синот Негов Единороден, заедно со Светиот Дух, во Троица вистинскиот и едниот Бог. Потоа некои од нив со усрдие изградија црква над гробот на маченикот, во слава Божја, а во чест на угодникот Негов свети Лукијан. Телата пак на светите маченици Максијан и Јулијан беа погребани на планината каде што беа погубени, но подоцна, кога бројот на христијаните се зголеми, беа пренесени од таму и положени заедно со телото на блажениот Лукијан. Таму се даваа многу добра од нашиот Господ Исус Христос, со посредството на Неговите свети маченици, на сите кои со вера пристапуваат. Како што тие имаа една вера, една љубов, и едно исповедање во страдањата, така и ние веруваме дека и во вечното блаженство имаат исто сожителство и наследство на Вечното Царство.
Затоа да Му благодариме на нашиот Создател, што тројцата Негови сведоци, исповедајќи ја Троица, со мачеништвото достигнаа совршенство. Ние побожно ги почитуваме, знаејќи дека прогледувањето на слепите, проодувањето на хромите, ослободувањето од демоните, и многубројните исцеленија од најразличните болести биваат по нивните свети молитви, а со благодатта на нашиот Господ Исус Христос, Кому со Отецот и Светиот Дух чест и слава за навек. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ДИМИТРИЈ, принцот Руски
Свети Димитриј беше убиен од властољубивиот Борис Годунов во осмата година од својот живот, во 1591 година во градот Углич. По смртта тој му се јави на еден монах и прорече дека ќе се појави лажен Димитриј, кој на убиецот Борис Годунов ќе му нанесе смрт, што потоа и се случи. Безбројни чудеса се случуваа на гробот на невиниот осумгодишен принц Димитриј. Неговите мошти по петнаесет години беа откриени цели и нетлени и свечено пренесени во Москва, а потоа погребани во црквата на свети Архангел Михаил.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНАТА ЕРИЈА
Таа беше вдовица на римски сенатор. Најпрвин беше незнабошкиња, но преподобна Февронија со своите поуки ја обрати кон Христа. Посветувајќи го целиот свој живот на подвизите, побожноста и воздржанието, света Ерија мирно се упокои околу 320-та година, и беше погребана крај гробот на света Февронија во Месопотамија.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ПАП или ПАПИЈ
Во мир се престави во Господа.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ АТАНАСИЈ ЧУДОТВОРЕЦ
Нашиот преподобен отец Атанасиј, кој со чудеса го исполни Трајановиот манастир, беше син на имотни родители родум од Кивиреотскиот крај. Кога порасна, тој го напушти светот, отиде во пустината со една наметка на себе, и одејќи од место во место ги посетуваше духовните мажи, како сунѓер впивајќи ги во себе нивните доблести. Бидејќи се исполни со секоја доблест и духовно расположение, преподобниот Атанасиј отиде во Трајановиот манастир кај реката Сангарија, и стана монах и свештеник. Тој служеше Божествена Литургија, и се занимаваше со препишување на книги. Секојдневно постеше до вечерта. Со ревносната послушност и исповедувањето на своите тајни помисли, тој се ослободи од страстите и стигна до бестрастието. Но од напорната работа околу препишувањето на книгите, му се разболеа очите. Затоа се затвори во една тесна ќелија и вака се молеше на Господа:
„Господи, ако сум достоен врати ми го видот, и со Твојата благодат дај ми сили за пишување, за да можам да заработам за да ги хранам просјаците и сиромашните“.
Молитвата му беше услишана. Оттогаш, тој повеќе од дваесет и осум години препишуваше книги, и парите што ги добиваше ги даваше на сиромашните. Овој светител не излегуваше од својата колиба, ниту се гледаше со некого, ниту разговараше, освен во сабота и недела. Во длабока старост отиде кај Господа, воден на небото од страна на светите апостоли Андреј и Јован, како што тоа го виде еден свет проѕорлив духовник. Тој виде двајца молњозрачни страшни мажи - споменатите апостоли, на кои Господ им беше наредил да појдат во Трајановиот манастир и да го земат неговиот игумен, преподобниот Атанасиј. Веднаш по ова видение, овој свет проѕорливец испрати човек во Трајановиот манастир, и тој човек го затекна блажениот Атанасиј упокоен.
Уште за време на животот, преподобниот Атанасиј изрече многу пророштва и сите се исполнија. А и по смртта направи безбројни чудеса во слава на човекољубивиот Бог, прекрасниот во светителите Свои.