17. Јуни   (4. Јуни)

СПОМЕН НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ МИТРОФАН, патријархот Цариградски

Свети Митрофан живееше во времето на првиот христијански цар Константин Велики. Беше син на римјанинот Дометиј, благородник, брат на римскиот цар Пров. Како благоразумен, Дометиј ја виде заблудата на идолопоклонството, и откако се увери дека христијанската вера е права и вистинска, тој се одрече од лажните богови и поверува во вистинскиот Бог, нашиот Господ Исус Христос. А бидејќи во тоа време во Рим беснееше големо идолопоклоничко безбожие и секојдневно убивање на многу невини христијани, Дометиј го напушти Рим и отиде во Византија со своите два сина Пров и Митрофан. Во тоа време во Византија епископ беше богоугодниот и свет човек Тит. Кај него се насели Дометијан со своите синови, поучувајќи ги во верата и законот Господов. Гледајќи дека Дометиј со сето срце и душа се приљубил кон Христа, и со пламен дух му служи на Господа, епископот го ракоположи за презвитер. А кога епископот се претстави кај Господа, Дометиј го доби неговиот епископски престол. По смртта на блажениот епископ Дометиј на епископскиот престол стапи неговиот син Пров. А пак по претставувањето на Пров, на Византискиот архиерејски престол беше доведен свети Митрофан, син на Дометиј, а брат на Пров.

Во тоа време царот Константин Велики допатува во Тракија и се задржа во Византија. Од разговорот со свети Митрофан, тој увиде дека е голем угодник Божји, и се восхитуваше на неговата мудрост и доблесниот живот и многу го засака. Сакајќи да се насладува со неговите боговдахновени зборови, царот го одведе со себе во Рим.

Набрзо потоа царот Константин реши својот престол да го пренесе од Рим во Византија, бидејќи ја беше засакал убавината и местоположбата на тоа место. Наоѓајќи се помеѓу Европа и Азија на брегот на Босфорот, кој ги спојува Црното со Средоземното Море, ова прекрасно место изобилуваше со убави патишта, кои се слеваа во него и од море и од копно, а притоа изобилуваше и со најразлични плодови. Сето тоа го натера царот Константин овде да го пренесе своето царство. Новата престолнина тој ја украси со прекрасни градби и ја нарече Новиот Рим. Но, градот често според својот основач беше нарекуван Константинопол, и како престолнина на царот - Цариград. Кога ја премести царската престолнина во Византија, царот Константин го однесе таму и светиот Митрофан, го нарече свој отец и на Првиот Вселенски Собор од светите Отци му издејствува да биде патријарх.

За време на Првиот Вселенски Собор, во 325-та година, свети Митрофан веќе беше старец од 117 години, па поради својата престареност и телесна немоќ не можеше да земе активно учество на соборот, и за свој заменик го одреди хороепископот Александар, честит свет, и стар човек, кој имаше вложено многу труд околу црковниот мир во Тракија и Илирија. На Соборот тој го заменуваше својот патријарх Митрофан и се бореше против Арија.

После соборот благочестивиот цар Константин Велики ги замоли Отците заедно со него да појдат во посета на болниот патријарх Митрофан. Тие дојдоа кај патријархот и долго разговараа со него. Во таа прилика царот му рече на светителот:

- Пречесен оче, гледам дека си изнемоштен од староста и болеста, па те молам, кажи ни, кој е достоен да биде твој наследник?

Свети Митрофан со радосно лице му одговори на царот:

- Навистина сега Светиот Дух зборува преку твојата уста. Кога пред седум дена размислував за тоа, Господ ми откри дека по десет дена ќе заминам од овој свет, а после мене на престолот ќе дојде мојот сослужител Александар - навистина достоен за изборот и дарот на Светиот Дух. А пак по Александар, наследник на престолот ќе биде Павле, кој сега е чтец.

Потоа, погледнувајќи во божествениот Александар, патријархот Александриски му рече:

- Брате, и ти по тебе ќе оставиш прекрасен наследник. Па земајќи го за рака неговиот архиѓакон Атанасиј, изговори:

- Еве го храбриот војник Христов. Тој ќе те наследи тебе, и не само што јуначки ќе се крене заедно со мојот брат Александар против Аријанското безбожие, туку ќе влезе и во големи подвизи, па и него, со срчниот Павле, го очекуваат многу страдања. Светителот го изрече ова пророштво, и десет дена по откровението Господово се упокои во мир на 4 јуни во 325-та гокина, откако поживеа 117 години. Сега светителот живее во бесконечниот живот, стоејќи пред престолот на Великиот Архиереј, Кој ја помина небесата - Христос, Спасителот наш, Кому слава за навек, амин.

СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК КОНКОРДИЈ

Во времето на царот Антонин, настапи толку големо гонење против христијаните во градот Рим, така што никој не можеше ниту да купи ниту да продаде нешто, ако не им принесе жртва на боговите. Тогаш во Рим живееше еден човек од благородничко потекло на име Конкордиј. Неговиот татко Гордијан беше презвитер. Тој одлично го научи својот син во верата Христова и Светото Писмо, и беше произведен за ипоѓакон од римскиот епископ Пиј, кој беше мачен за Христа во времето на царот Марко Аврелиј. Блажениот Конкордиј со својот татко деноноќно се подвизуваше во пост, молитви и давање на милостиња на бедните. Тие се молеа на Господа да им даде можност да ја одбегнат свирепоста на христијанските гонители.

Еднаш блажениот Конкордиј му рече на својот татко:

- Господине мој, ако сакаш, дај ми благослов да појдам кај свети Ефтихиј, да останам кај него некое време, додека не престане свирепоста на нашиот непријател Антонин.

Таткото му одговори:

- Чедо, подобро е да останеме овде, за и ние да добиеме маченички венци од Христа.

На тоа блажениот Конкордиј му рече:

- Маченичкиот венец јас можам да го добијам секаде каде што ќе биде волјата Божја. Затоа дозволи ми да одам.

По овие зборови, таткото му дозволи, и тој отиде кај својот роднина свети Евтихиј, кој тогаш се наоѓаше на својот имот крај Саларискиот пат, во близина на градот Требула. Примајќи го Конкордиј со огромна радост, блажениот Евтихиј Му благодреше на Бога. Тие живееја заедно на тоа место, подвизувајќи се во пости молитви и кај нив доаѓаа многу болни од разни болест. Молејќи се тие им даваа исцеленија во името на Исуса Христа, и славата Христова се ширеше меѓу народот. За нив слушна управникот на турската област Торкват, кој тогаш живееше во градот Сполето, па го повика кај себе светиот Конкордиј и го праша:

- Како се викаш?

Тој одговори:

- Христијанин сум.

На тоа управителот му рече:

- Јас те прашувам за твоето име, а не за твојот Христос.

Свети Конкордиј одговори:

- Веќе ти реков дека сум христијанин и дека Христа Го исповедам.

Тогаш управителот му рече:

- Принеси им жртви на бесмртните богови и биди ни пријател, па ќе те имам како цар, и ќе го замолам мојот господар, царот Антонин, да те постави за жрец на боговите.

Свети Конкордиј му одговори:

- Подобро твоите богови нека си останат со тебе.

Управителот продолжи да го наговара:

- Послушај ме и принеси им бесмртна жртва на бесмртните богови.

Свети Конкордиј одговори:

- Подобро ти мене послушај ме и принеси Му жртва на Господ Исус Христос, за да ги одбегнеш вечните маки. Ако не го сториш тоа, ќе бидеш мачен во вечниот оган заедно со твоите богови.

Тогаш управителот нареди да го тепаат со мотки и да го фрлат во општата темница. Преку ноќта кај Конкордиј дојде блажениот Евтихиј со светиот епископ Антим. Бидејќи Антим беше пријател со управителот Торкват, тој го замоли да го пушти Конкордиј кај него на неколку дена. Конкордиј остана кај Антим и за тоа време Антим го ракоположи за јереј и живееја заедно во пост и молитва.

По некое време Торкват испрати да му го доведат Конкордиј и го праша:

- Што смисли во однос на своето здравје?

Светиот одговори:

- Моето здравје е Христос, Кому јас секојдневно Му принесувам пофални жртви. А ти и твоите богови ќе горите во пеколот.

Тогаш Торкват нареди да го обесат на дрво за мачење. Светителот со неопислива радост воскликнуваше:

- Слава Тебе, Господи!

Управителот настојуваше:

- Принеси му жртва на големиот бог Зевс.

Блажениот одговараше:

- Јас нема да му принесам жртва на глув и нем камен, зашто го имам мојот Господ Исус Христос, на Кого Му служи мојата душа.

Тогаш управителот се разгневи и го испрати Конкордиј во најстрашна темница, па нареди да го оковаат и забрани никој да не влегува кај него, зашто сакаше да го измачува со глад. Но, блажениот Конкордиј затворен во темницата започна да Му благодари на Бога, говорејќи:

- Слава во висините на Бога и на земјата мир и меѓу луѓето добра волја.

И на полноќ му се јави ангел Господов, кој му рече:

- Не плаши се, туку биди храбар, зашто јас сум со тебе.

По три дена управителот испрати кај него двајца вооружени на полноќ, со наредба да принесе жртва зашто во спротивно ќе му биде отсечена главата. Вооружените дојдоа со идол на богот Зевс, и му рекоа:

- Управителот нареди да му принесеш жртва на богот Зевс оти во спротивно ќе бидеш обезглавен.

Тогаш блажениот Конкордиј со благодарност кон Господа рече:

- Слава Тебе, Господи! - и плукна во лицето на Зевс.

Тогаш еден од војниците го извади мечот и му ја отсече главата. Така блажениот Конкордиј, исповедајќи Го Господа го испушти духот.

После тоа дојдоа во темницата двајца клирици со неколку побожни луѓе, го зедоа телото на светителот, па го положија недалеку од градот Сполето, на место каде што извира многу вода. Тука, крај гробот на блажениот маченик, слепи прогледуваат, болни се исцелуваат, демони се истеруваат, по молитвите на светиот маченик Конкордиј, кој стои пред Господ Исус Христос, Кој со Отецот и Духот Свети живее и царува низ сите векови, амин.

СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ФРОНТАСИЈ, СЕВЕРИН, СЕВЕРИЈАН и СИЛАН

Светите Фронтасиј, Северин, Северијан и Силан, беа испратени од првиот Петрагориски епископ Фронтон, да го проповедаат словото Божјо. За време на проповедањето ги фати обласниот управител Сквиридон, и започна да ги испрашува:

- Кажете ми од каде сте, кој сте и како се викате? Вие не само што не им принесувате жртви на боговите, туку и многу други одвраќате, па и храмовите нивни ги рушите. Кажете ми, со каква власт го вршите тоа?

Фронтасиј одговори:

- Управнику, ти, како лишен од божествените добродетели, зошто нѐ испрашуваш кога се трудиш да ја уништиш вистината. Најпрвин размисли кој ги створил душата и телото, па ќе ја дознаеш вистината. Незнабожечките идоли се дело на човечките раце, и не можат ни на себе да си помогнат, а не пак на други.

Сквиридон на тоа рече:

- Гледам дека сте дрски и многу зборливи, на што се научивте од вашиот учител.

Северин и Северијан одговорија:

Нашите зборови се исполнети со вистината, а ти ги почитуваш идолите, кои што се камења, изнаместени од демоните, глуви, неми и ништовни камења.

Сквиридон ги прекина:

- Оставете ги своите расудувања, и ако сакате да останете живи, принесете им жртва на боговите!

На тоа свети Фронтасиј одговори:

- За нас е добивка да живееме и да умреме за Христос.

Тогаш управникот, обраќајќи му се на Силан, кој знаеше да свири на разни инструменти, го праша:

- А ти, момче, зошто не им принесеш жртва на боговите?

Свети Силан одговори:

- Јас Му принесувам жртва на Мојот Господ Исус Христос, Кој со благодатта на Своето крштение го изми светот од гревовната нечистотија. Управникот праша:

- Како ја изми?

Силан одговори:

- Мојот Господ Исус Христос им рече на Своите ученици: „Одете и научете ги сите народи, крштевајќи ги во името на Отецот, Синот и Светиот Дух. Кој ќе поверува и се крсти, ќе биде спасен, а кој нема да поверува ќе биде осуден“ (Матеј 28, 19; Марко 16, 16). Така и ти, игемоне, ако поверуваш во Христос и се крстиш, ќе бидеш спасен. Ако не поверуваш ќе бидеш осуден.

Игемонот се разлути и нареди да ги водат надвор од градот на губилишштето и да ги стават на најлути маки. При тоа мачителите, имајќи Го во предвид нашиот Спасител Исус Христос со трновиот венец, им забија во главите железни клинци правејќи облик на трнов венец, па ги приковаа за столб. Во главата на секој маченик имаше по девет клинци. Но, и покрај сетоа тоа, јароста на мачителот никако не успеа да ги одврати од Христа војниците Негови. Затоа најпосле тој донесе пресуда да им бидат отсечени главите.

Така светите маченици примија маченичка смрт за Христа, а незнабожните војници ги фрлија нивните тела непогребани за потсмев. Тогаш божествената сила, која беше присутна во нивните свети тела, направи вакво чудо: телата на светите маченици, кога одненадеж наиде Светиот Дух оживеаја, и секое тело, земајќи ја во своите раце својата глава, дојдоа до реката викана Ил. Оживените тела на светите маченици одеа по водата како по суво, без да ги наквасат нозете. Кога ја преминаа реката, на запрепастување на сите, тие се искачија на високото ритче. Дојдоа до црквата на Пречистата Богомајка, во која се молеше свети Фронтон, и влегоа внатре. Откако ги приклонија колената, тие ги ставија своите глави пред нозете на светиот епископ, а своите тела крстолико ги распростреа на земјата и повторно станаа мртви. Тогаш светиот епископ Фронтон, со презвитерот Анијан и многу народ ги погребаа во тој храм Фронтасиј, Северин и Силан, чесно и со небесни песни кои се слушаа во воздухот. Северијан, пак, на молба на некоја благочестива жена, епископот чесно го погреба на друго место, кое се наоѓаше на нејзиниот имот, недалеку од светите сострадалници Негови.

Овие свети маченици пострадаа во времето на римскиот цар Клавдиј, прославувајќи Го со своите дела нашиот Господ Исус Христос, Кому со Отецот и Светиот Дух чест и слава за навек, амин.

ЖИТИЕТО НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ЗОСИМ, епископот Вавилонски

Преподобниот Зосим, наречен Киликс, бидејќи беше родум од Киликија, од младоста Го засака Бога, се одрече од светот, отиде на Синајската Гора, се замонаши таму и им се оддаде на богоугодните подвизи. Сепак, тој не остана долго на Синај. Чезнеејќи за потполн безмолвен пустински живот, тој уште во млади години од Синајската Гора отиде во Либиската област, и се насели таму во едно пусто место наречено Амонијак. Тука остана да живее потполно сам, служејќи Му единствено на Бога. Одејќи по таа пустина, тој најде еден старец облечен во остар кострег. Кога му се приближи Зосим сакаше да му се поклони и по обичај да побара благослов од него. Но, старецот го предупреди, велејќи му:

- Зошто си дошол ваму, Зосиме? Оди си, зашто не можеш да останеш овде.

Мислејќи дека старецот одамна го познава, Зосим му се поклони, измоли благослов од него и го праша:

- Стори ми ја таа љубов, оче, па кажи ми, од каде ме познаваш?

Старецот му одговори:

- Пред два дена ми се јави еден човек со необичен изглед, и ми рече: „Ете, кај тебе доаѓа еден монах од Синај, на име Зосим. Не давај му благослов да остане во оваа пустина со тебе, зашто сакам да му ја доверам Вавилонската црква во Египет.

Откако му го рече тоа на Зосима, стариот пустиник се одалечи од него на растојание од фрлен камен, и застана на молитва, кревајќи ги рацете кон Бога. Се молеше така околу два часа, па се врати кај Зосим, татковски го прегрна, го бакна в лице, и рече:

Мило мое чедо, добро е што си дошол овде. Бог те доведе кај мене, за да го предадеш моето тело на земјата.

Тогаш Зосим го праша старецот:

- Колку години, оче, живееш на ова место?

Старецот одговори:

- Навршуваат четириесет и пет години откако сум овде.

Додека старецот зборуваше, неговото лице заблеска како оган. Обраќајќи му се повторно на Зосим, стариот подвижник му рече:

- Мир на тебе, чедо! Моли се за мене!

Откако го рече тоа, тој легна на земјата и отиде кај Господа. А блажениот Зосим ископа гроб, го погреба чесното тело на тој голем подвижник, остана на тоа место два дена, па се врати на гората Синај, славејќи Го Бога.

За време на неговото живеење во манастирот на Синај, кај него дојде еден разбојник, молејќи го:

- Смилувај се на мене, аво, и прими ме во монаштвото, за во безмолвие да ги оплакувам своите гревови. Јас извршив многу убиства и сега сакам да се откажам од сите мои зли дела, и да се кајам во сите денови на мојот живот.

Откако го поучи, преподобниот Зосим го облече во монашкиот образ. Но, по кратко време, тој му рече на покајниот разбојник:

- Верувај ми, чедо, ти не можеш да останеш овде. Ако некој од великодостојниците дознае дека си овде, ќе те уапси, или пак некои од твоите непријатели, штом дознае, ќе те убие. Затоа, послушај ме, јас ќе те одведам во некој подалечен манастир.

Монахот се согласи, и старецот го одведе во киновијата на ава Доротеј, која се наоѓаше во близина на Газа. Го смести во таа обител и се врати во својот манастир на Синајската Гора. Овој брат помина девет години во киновијата на ава Доротеј. Бидејќи го изучи Псалтирот, и навикна на сите монашки трудови, тој повторно се врати кај преподобниот Зосим, и му рече:

- Стори ми ја таа милост, оче, врати ми ја световната облека, а монашката земи ја.

Преподобниот со тага го праша:

- Зошто, чедо?

Монахот му одговори:

- Како што самиот знаеш, оче, еве девет години поминав во општожителниот манастир, и постев колку што можев, и живеев во воздржание со секоја кроткост, во молчење и страв Божји, покорувајќи им се на сите, во надеж дека Бог по бескрајната добрина Своја, и по неискажаното милосрдие Свое, ќе ги прости моите многубројни гревови. Но, и покрај сѐ, јас постојано пред себе го гледам детето, кое ме прашува: „Зошто ме уби?“ Го гледам тоа не само на сон, туку и на јаве. И кога стојам во црквата, и кога им пристапувам на Божествените Тајни, и кога на трпезата ручам со браќата. Едноставно, ниту во еден момент не ме остава на мира. Каде и да одам, јас пред мене го гледам детето, кое непрестајно ми го зборува истото: „Зошто ме уби?“ Затоа, оче, јас одлучив да отидам онаму каде што го извршив разбојништвото, за да ме фатат и да ми судат. Јас морам да умрам за безумното убиство на тоа дете.

И така, земајќи ја својата световна облека од преподобниот отец, монахот се преоблече и замина. Тој беше фатен во градот Диоспол, и веќе наредниот ден со меч му ја отсекоа главата. Отиде кај Господа откако со својата крв ги изми своите гревови.

Наскоро потоа, преподобниот Зосим, непрекинато измачуван од неодоливата желба за живот во пустинско бемолвие, молитвено тихување, далеку од луѓето, повторно намисли да ја напушти Синајската Гора. Тој го поведе со себе својот ученик Јован, и отпатува во пустината Порфирион. Патувајќи низ таа пустина, тие сретнаа двајца пустиници: едниот од нив, на име Павле, беше родум од Галата, а другиот, Теодор, од Мелитинската област, кој се замонашил во манастирот на ава Евтимиј Велики. И двајцата подвижници имаа врз себе облека од биволска кожа. Преподобниот Зосим со својот ученик се насели во близина на овие пустиници, и таму проживеа две години. Но, еден ден, неговиот ученик го касна змија. Отровот се прошири по целото негово тело, и започна да му тече крв од очите, носот, ушите, и тој умре.

Тоа многу го ожалости блажениот Зосим, и тој појде кај двајцата споменати пустиници. Кога го здогледаа потиштен и многу тажен, пред Зосим да им рече нешто, го прашаа:

- Ава Зосиме, што е? Умре ли твојот брат?

А тој, восхитувајќи се на нивната прозорливост, им раскажа како умре неговиот брат. Тоа ним и без тоа им беше познато. Тогаш и двајцата тргнаа со него кон братот Јован. Кога го видоа како мртов лежи на земјата, тие му рекоа:

- Не тагувај, ава Зосиме, Бог ќе ти помогне. По овие зборови, тие со силен глас му се обратија на мртовецот: - Брате Јоване, стани, зашто си му потребен на твојот старец. И во тој час мртовецот оживеа и стана. Тогаш старците ја побараа змијата, и кога ја најдоа ја растргнаа на две. Потоа му рекоа на преподобниот Зосим:

- Ава Зосиме, ти ја соопштуваме волјата Божја: Оди на Синајската Гора, зашто Бог сака да ти го довере епископството на Вавилонската црква во Египет.

Кога го слушна тоа, преподобниот Зосим зеде благослов од двајцата свети пустиници, па со својот ученик Јован повторно се врати на Синај. Но, по некое време авата на Синајската Гора го испрати блажениот Зосим и други двајца браќа со него во Александрија, поради некои работи за Синајскиот манастир. Александрискиот патријарх Аполинариј ги задржа и ги ракоположи за епископи: едниот во Илиопол, другиот во Леонтопол, а Зосим во Вавилон Египетски. Зашто во дамнина имаше два Вавилона. Првиот попознат и постар се наоѓаше во Халдејската земја. Во него царувале Навуходоносор и останатите халдејски цареви, а другиот помалку познат и со многу помал број на жители се наоѓаше во Египет. Овој град го основале на брегот на Нил доселениците од древниот Вавилон, и му го дале името на својот напуштен роден крај Каиро.

Значи, во овој египетски Вавилон преподобниот Зосим, по Божја волја, и по пророштвото на светите пустиници, го прими архијерејскиот престол и стана пастир на Христовото стадо. Тој добро управуваше со Светата Црква, служејќи му за пример на стадото и со збор и со дела. Остана на престолот доста години, и многумина упати на патот на спасението. Во длабока старост, гледајќи ја својата изнемоштеност и очекувајќи ја блиската смрт, светителот го остави епископскиот престол и повторно се врати на Синај. Поживеа малку тука, и се упокои во Господа, и сега во хорот на светите ерарси стои пред нашиот Владика Господ Исус Христос, Кому слава за навек, амин.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК АСТИЈ, епископот Драчки

Светиот епископ Астија пострада во времето на царот Трајан, во почетокот на вториот век. Најпрвин беше тепан со оловни стапови и жили од животни, а потоа гол распнат на дрво. Неговото голо тело беше премачкано со мед, за осите и стршлените да го искасаат. Славејќи Го Бога во најголеми маки, свети Астија издивна и прими венец и како маченик и како ерарх.

СПОМЕН НА НАШАТА ПРЕПОДОБНА МАЈКА СОФИЈА

Оваа светителка беше од Енон, ќерка на побожни и знаменити родители во тој крај. Кога порасна, родителите ја омажија и во бракот таа роди шест деца. Иако се наоѓаше среде грижите и тешкотиите на овој свет, сепак таа со своите дела покажа дека грижите на овој свет воопшто не претставуваат пречка за оној што сака да Му угоди на Бога, само ако ги извршува заповедите Господови и ги негува богољубивите доблести и дела. Затоа блажената Софија не изостануваше од црквата Божја, а во својот дом целата ноќ ја минуваше во бдеење и молитва. Бидејќи ѝ умреа децата, таа им стана мајка на сите сирачиња и голема помошничка на вдовиците. А кога својот имот го раздаде на сиромашните, таа започна да води подвижнички живот. Храна ѝ беше сувиот леб, а питие водата. Солзите од нејзините очи не престануваа. Давидовите псалми беа постојано во нејзината уста. Не малаксуваше, ниту беше ленлива во молитвите. Нејзината смиреност пред секој човек, па и оној најмалиот, беше неизмерна. Милостињата што им ја даваше на сите сиромашни беше радосна и обилна. Оваа блажена подвижничка сметаше дека попрво треба да се лишува себе си од потребното, отколку да ги остава сиромашните без својата помош. И повеќе се радуваше кога даваше отколку кога примаше.

Затоа неа ја пратеше необично чудо. Таа имаше еден сад полн со вино. Кога и да им даваше на сиромасите од тој сад, секогаш гледаше прекрасно чудо: садот секогаш остануваше полн со вино. И сѐ додека таа го криеше тоа чудо, и не го обелодануваше пред никој, садот го наоѓаше полн кога и да го отвореше. Но, кога таа, желна да ја покаже моќта и големината Божја, го обелодени тоа чудо на една своја роднина, таа повеќе не го најде садот полн како порано, туку празен. Тоа многу ја натажи и, гледајќи ја во тоа својата недостојност, Софија се оддаде на уште поголемо подвижништво, и толку го исуши и измачи своето тело, што одвај дишеше. Во таквите подвизи, среде животните грижи и тешкотии, блажената Софија помина триесет и четири години. На крајот на својот земен живот таа се замонаши. Во педесеттата година од својот живот премина кај Господа.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ АЛОНИЈ

Египќанин и современик на преподобните Агатон и Пимен Велики. Тој во мир се претстави во петтиот век. Некои негови духовни поуки се сочувани во „Евергетиносот“.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИК ЈОВАН

Беше игумен на светата Монагриска обител близу Кизик. Поради почитувањето на светите Икони, тој за време на владеењето на Константин Копроним (741-773г.) беше фрлен во морето. Така пострада за Господа Христа.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МИРОНОСИЦИ МАРТА И МАРИЈА, сестрите Лазареви

Овие две сестри на Лазар Четиридневниот, од Витанија крај Маслиновата Гора, веруваа во Христа уште пред Он да го воскресне нивниот брат Лазар, како што за тоа опширно зборува светиот Апостол и Евангелист Јован (Јован 11, 1-45). По воскресението на Лазар, на шест дена пред Пасха, Господ Христос беше во Витанија, на вечера кај Симон Прокажаниот, и тука Марта Му служеше а Марија ги помаза нозете Негови со скапоцено миро и со косата своја ги избриша (Јован 12, 1-18; Матеј 26, 6-13; Марко 14, 3-9). Марта и Марија и порано Го угостија Господа во својот дом, каде Господ им одржа прекрасна поука за „единственото што е потребно“ (Лука 10, 38-42). По вознесението на Господа Христа, свети Лазар отиде да го проповеда Евангелието во разни места. Во тоа му помагаа неговите сестри Марта и Марија. И двете се упокоија во мир, но не се знае каде. (За свети Лазар видете опширно под 17 октомври).

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ МЕТОДИЈ ПЈЕШНОШСКИ

Пријател и соиспосник со свети Сергиј Радонежски. Со благослов на свети Сергиј, желен за осаменичко подвизување, тој се оддалечи на реката Јахрома во Московската Губернија. И тука, во дабовата шума, опкружен со бари, си направи ќелија за пустински подвизи. Брзо се прочу, и љубителите на пустината се собраа кај него. Со благослов на свети Сергиј, тој во 1361 година основа општожитиен манастир на сливот на реката Пјешноша во реката Јахрома. После долгите и строги монашки подвизи, преподобниот Методиј се претстави во длабока старост во 1392 година. Неговите свети мошти почиваат во неговата обител.

СПОМЕН НА НАШИТЕ ПРЕПОДОБНИ ОТЦИ ЕЛЕАЗАР И НАЗАР

Беа Олонецки чудотворци. Дојдени од Грција, тие го основаа Претечевиот манастир во Олонецкиот округ. Мирно се упокоија во петнаесеттиот век. Нивните свети мошти почиват во храмот на нивниот манастир.