18 Јуни   (5. Јуни)

СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ДОРОТЕЈ, епископот Тирски

Во времето на незнабожниот римски цар Диоклецијан (284-305г.), свети Доротеј беше епископ во градот Тира. Кога царот Диоклецијан го покрена лутото гонење против христијаните, свети Доротеј го остави својот престол и се криеше по непознати места. Но, кога зацарува Константин Велики, и во Црквата настапи мир, свети Доротеј повторно се врати во Тир на својот престол, и со успех го раководеше духовното стадо, приведувајќи кон Бога многумина. Кога стапи на престолот Јулијан Отстапник, тој од почетокот не ја гонеше Црквата отворено, туку потајно, наредувајќи им на своите истомислени управители на области да ги мачат и убиваат христијаните. Гледајќи го страшното гонење против христијаните, свети Доротеј повторно го остави престолот на Тирската црква, тргнувајќи се на тој начин од раката на мачителот и давајќи му место на гневот, зашто Господ заповеда да не влегуваме во јавни опасности, подготвени од гонителите, туку да ги одбегнуваме: „Ако ве бркаат од еден град, бегајте во друг“ (Матеј 10, 23).

Оставајќи го Тир, свети Доротеј дојде во Мала Азија, но и тука не можеше да се сокрие од идолослужителите, бидејќи Бог го повика на маченичкиот венец. Тој беше фатен од Јулијановите послушници во градот Удски. Откако овде претрпе најразлични мачења и тешки страдања, тој во маки ја предаде својата блажена душа во рацете на Господа Христа, во 107 година од својот живот. Пострада во 361 година.

Бидејќи во потполност ги беше изучил и световните и духовните науки, свети Доротеј, како многу учен и мудар човек, зад себе остави разни списи од голема важност за христијаните, и тоа на грчкиот и латинскиот јазик кои што одлично ги познаваше. Меѓу другото, тој беше составил житија на Пророците и Апостолите и други многу корисни дела и повести. И сега, како запишан во книгата на животот, тој живее на небото со оние Светители, чии што животи ги опишал.

СПОМЕН НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ ТЕОДОР, епископот Тирски

Беше многу образован духовен маж. Живееше во времето на царевите Диоклецијан, Ликиниј и Константин Велики. Беше епископ во градот Тир и многу пострада за верата. Се упокои во длабока старост.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ТЕОДОР ПУСТИНИКОТ

Нашиот преподобен отец Теодор беше кастриран уште во својата младост. Тој го остави светот, стана монах и отиде во Јорданската Пустина. Трудејќи се да Му угоди на Бога, тој зеде на себе многу трудови, поради што и од Бога го доби дарот на чудотворството. Во една прилика требаше да заврши некаква работа во Цариград. Затоа се качи на еден кораб кој пловеше за Цариград, но во текот на пловидбата коработ залута, а во меѓувреме снема питка вода и сите морнари и патници беа во грижа и очајание. Тогаш преподобниот Теодор ги крена рацете кон небото, усрдно Му се помоли на Бога, Кој ги спасува човечките души од смртта, потоа ја прекрсти морската вода и им рече на морнарите:

- Благословен е Бог! Нацрпете вода колку што ви е потребна!

Кога вкусија, таа вода не беше солена туку питка, па ги наполнија сите садови на бродот, и Го прославија Бога, а на старецот му се поклонија до земја. Но, тој им рече:

- Простете ми, господа мои! Ова чудо на семоќниот Бог се случи не заради мене, туку заради вас, потиштените од жедта. Бог се сожали на вас и солената морска вода ја претвори во слатка.

Наскоро потоа и коработ по молитвите на светиот старец Геодор го најде својот пат, и брзо исплови до пристаништето кон кое што патуваше. Овој преподобен отец сотвори и многу други чудеса, па се престави кај Бога во 583-та година.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ АНУВИЈ ИСПОВЕДНИКОТ, египетскиот пустиножител

Родум беше Египќанин и имаше огромна вера и љубов кон Христа Бога. Кога незнабожните идолопоклоници кренаа гонење против христијаните, тој бестрашно Го исповедаше Христа пред нив, и тие го подложија на мачење. Но, по промисла Божја, тој беше ослободен од незнабожните раце, и отиде во пустината. Подвизувајќи се и угодувајќи Му на Бога, Анувиј скиташе по пустината до длабока старост. Се упокои на следниов начин:

Еднаш на едно место на брегот Нил, која ја наводнува Египетската земја, се сретнаа тројца пустиници, водени со духот Божји: ава Сур, Исаија и Павле. Откако се распрашаа еден со друг кој каде оди, сфатија дека и тројцата имаат иста мисла и намера, зашто сите се беа упатиле кон ава Анувиј. Од местото каде што се сретнаа до манастирот на Анувиј имаше три дена патување и тоа со кораб по реката. Пустиниците седнаа на брегот, чекајќи да наиде кораб, но по долго време не дојде ниту еден, па ги обзеде тага и си рекоа еден на друг:

- Да се помолиме на Бога да ја исполни нашата желба.

Потоа Исаија и Павле му рекоа на ава Сур:

- Оче, ти помоли се, зашто знаеме дека Бог секогаш те слуша, па и сега ќе го даде она што ќе го побараш.

Сур нареди и тие да ги преклонат колената на молитва со него, а самиот крстолико се спростре на земјата, паѓајќи ничкум на своето лице пред Господа. Кога по молитвата подвижинците станаа, здогледаа кораб кој стои покрај брегот. Израдувани, тие Му заблагодарија на Господа, и седнаа во коработ. Кога тргнаа, наместо за три дена, за само еден час стигнаа кај обителта на Анувиј. Тогаш отец Исаија рече:

- Господ ми го покажа човекот кон кого одам како нѐ пречекува, и како ни ги кажува на секого од нас тајните на срцата наши. А отец Павле рече:

- Мене Господ ми откри дека по три дена ќе го земе Анувиј од овој свет.

Потоа тргнаа и го сретнаа преподобниот Анувиј. Откако ги поздрави, тој рече:

- Нека е благословен Господ, Кој сега ве покажа пред мене во тела, а порано ве видов во Духот.

И доведувајќи ги со љубов во својата ќелија, на секого од нив започна да му кажува за добрите дела негови, кои само на Бога Му беа познати, како кој насамо се подвизувал и Му угодувал на својот Владика Господ Христос, и кој каква благодат има од Господа. Потоа ава Исаија му рече на преподобниот Анувиј:

- Бидејќи Господ и нам ни откри за тебе, аво, дека по три дена ќе те земе кај Себе од овој привремен живот, ние те молиме и ти да ни ги раскажеш своите испоснички трудови и подвизи, со кои си Му угодил на Бога. Не плаши се од порокот на славољубието, зашто по тебе на потомците ќе им оставиш пример за својот Богоугоден живот, за да те следат.

Тогаш старецот започна:

- Не се сеќавам дека сум сторил нешто славно и големо. По благодатта на мојот Бог во сеќавањето го сочував само она време на гонењето на христијаните, кога пред мачителите Го исповедав името на нашиот Спасител, и од мојата уста не излезе лажлив збор. Штом еднаш ќе ја исповедав вистината, потоа јас не сакав да изустам ништо невистинито и лажно. Штом го засакав небесното, јас повеќе не можев да сакам ништо земно. Каква храна и да посакав, светите ангели ми носеа. И Господ не сокри од мене ништо од она што се врши на земјата. Во моето срце не се роди желба за ништо друго, освен за Бога. Барајќи Го Господа Христа, Кого Го засака мојата душа, јас не спиев ни дење ни ноќе, за со очите на својата душа постојано да го гледам Него и да се насладувам набљудувајќи Го. Јас постојано пред себе гледам ангел Божји, кој ми ги покажува сите сили на овој свет. Светлината на мојот ум никогаш не згасна. Сѐ што ќе посакав од Господа, веднаш добивав. Често гледав ангелски војски кои пред Бога стојат; гледав ликови на свети маченици и исповедници, собори на монаси и сите светии, особено оние, на кои за време на животот на земјата единствено занимање им беше во простотата на срцето и верата непрестано да Го слават и благословуваат Господа. Го видов исто така и сатаната и ангелите негови, предадени на вечниот оган. А на спротивната страна од нив ги видов праведниците кои се насладуваат на вечната радост.

Преподобниот Анувиј во текот на трите дена им раскажа и многу други слични работи на отците кои му беа дошле во посета. Им раскажа не од суета, туку за корист на слушателите. На нивните молби, тој им го раскажуваше тоа со чиста совест, просто срце и голема смерност. А при крајот на третиот ден, тој мирно и радосно ја предаде својата душа на Бога. И веднаш се појавија свети ангели, кои ја прифатија неговата душа и ја однесоа во небесните висини, при што во воздухот се слушаа преслатки ангелски песни.

Така, преподобниот Анувиј, кој пред незнабошците го исповедаше името Христово и заради тоа претрпе мачења, се пресели во небесните живеалишта. Сега тој пред небесните ангели се прославува во ликот на исповедниците од нашиот Господ Исус Христос, Кому со Отецот и Светиот Дух чест и слава за навек, амин.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ДОРОТЕЈ ПАЛЕСТИНСКИ

Во младоста овој преподобен отец и мудар подвижнички писател (500-565 г.) многу внимателно учеше и многу науки до совршенство изучи. Бидејќи го засака монашкиот живот во Бога, тој отиде во општожителниот манастир на великиот ава Серид (се слави на 13 август) во Палестина, каде најде многу големи испосници безмолвници. Меѓу нив беа и прекрасните големи старци: преподобниот Варсонуфиј и неговиот ученик и соподвижник Јован, наречен пророк (се слават на 6 февруари). Доротеј со сето срце се предаде на послушание на овие подвижници и испосници.

Додека блажениот ава Доротеј живееше во киновијата на ава Серид, во подвигот на светото послушание, споменатите свети старци најдоа за добро дека отец Доротеј треба да подигне болница и од христијанска љубов самиот да се грижи за неа, зашто браќата многу пателе кога ќе се разболеле, па немало кој да се грижи за нив. Со помош Божја, отец Доротеј изгради болница при што му помагаше неговиот роден брат по тело, кој му даваше сѐ што беше потребно за градбата. И им служеше ава Доротеј на болните со уште неколкумина побожни браќа, како одреден за таа служба од отците. Еден ден го повика игуменот ава Серид, и му довери на раководење едно момче во војничка облека, кое се викаше Доситеј. А како ова момче Доситеј духовно беше раководено од ава Доротеј, и како тој брзо го приведе кон здобивање на вечното спасение, за тоа опширно се зборува во житието на преподобниот Доситеј (19 февруари). Ваквото раководење ава Доротеј го правеше по мудрите совети на споменатите прозорливци Варсонуфиј и Јован, на кои отец Доротеј им беше верен ученик сѐ до нивната смрт. Ава Варсонуфиј се упокои порано, а ава Јован подоцна. Од нив е сочувана драгоцената книга Прашања и одговори, која содржи многу душекорисни и богоблагодатни поуки. По смртта на својот наставник, преподобниот Јован проѕорливиот, ава Доротеј ја остави Серидовата обител и по волја Божја основа свој манастир во околината на Газа Палестинска. Во него тој беше игумен и вистински раководител во духовниот живот. Се упокои во втората половина на шестиот век, а зад себе на своите ученици и на сите нас ни остави дваесет и четири прекрасни Поуки и осум кратки писма упатени до своите браќа.

Какви духовни богатства содржат споменатите Поуки на ава Доротеј, најдобро ќе се види ако наведеме една од нив:

ПОУКА НА АВА ДОРОТЕЈ ЗА НЕОСУДУВАЊЕТО НА БЛИЖНИОТ (И ЗА ЉУБОВТА)

Старците нѐ учеа дека мораме да ги одбегнуваме малите грешки, ако сакаме да се сочуваме од поголеми и потешки. Зашто најчесто од тие незначајни попуштања во душата се ствара лоша навика и незабележливо се паѓа во сѐ поголеми престапи.

Колку само, на пример, тешка работа е осудувањето на другите, нашите ближни. Од тоа нема ништо полошо, тоа и Отците го зборувале. А во тој огромен грев паѓа човекот токму од невнимание на тие наизглед мали и ништовни работи.

Бидејќи штом ние почнеме макар и најмалку да му забележуваме на другиот, и да обраќаме внимание што тој прави, нашиот ум повеќе не внимава на своите грешки. А после тоа веќе доаѓа оговарањето, осудувањето и презирањето на другите, и на крајот неминовно паѓањето во оној исти грев, кој што го осудуваме кај другиот. Токму затоа што човекот не се грижи за своите слабости и „не го оплакува својот мртовец“, како што зборуваат Отците, туку обраќа внимание на делата на ближните, не може да напредува во доброто. Гревот на осудувањето е толку потежок од останатите гревови, што Христос вели: „Зошто ја гледаш раската во окото на брата си, а гредата во своето око не ја осеќаш?“(Лука 6, 41). Оној фарисеј, кога зборувал за своите доблести и Го славел Бога поради нив, не зборувал невистина - и ние сме должни да Го славиме Бога ако ни појде од рака да направиме некое добро - и не бил осуден поради тоа, како ни за тоа што рекол „не сум како останатите луѓе“, туку кога се свртел кон цариникот и рекол: „Или како овој цариник“. Тогаш се подложил на осуда, зашто осудил човек, го осудил расположението на неговата душа, целиот негов живот. Затоа и цариникот излегол оправдан а не оној фарисеј (Лука 18, 11).

Всушност, зошто ние осудуваме, и што сакаме од Божјите твари? И без тоа ние имаме за што да се грижиме. Секој нека внимава на себе. Единствено на Бога Му припаѓа правото да суди и да оправдува. Единствено Он ја знае моќта, надареноста и домостројот на телата и душите и околностите на секој од нас.

Се сеќавам, сум слушал дека некогаш се случил ваков случај:

Во едно пристаниште пристигнал брод полн со робови. Кога слушнала за тоа една света девојка од тоа место, многу се израдувала зашто сакала да купи едно девојче, и да го воспита така што тоа да не ги дознае пороците на овој свет. Од сопственикот на бродот таа дознала дека има на располагање две девојчиња, токму онакви какви што таа сакала. Веднаш го откупила едното од нив и го зела кај себе. На следното пристаниште една развратна жена го откупила другото девојче.

И така, оваа света девојка го зеде девојчето и го воспита во стравот Божји, упатувајќи го во секое добро. А онаа жена блудница, земајќи го она кутро девојче, од него направи орудие на ѓаволот. На што таа несреќница и можеше да го научи кутрото дете, освен на пропаста на душата?

Кажете ми сега, што можеме да кажеме ние за нивната страшна судбина? И двете девојчиња биле мали, и двете продадени, и самите не знаејќи каде. Но, едното се нашло во рацете Божји, а другото паднало во рацете на ѓаволот.

Може ли некој да претпостави дека Бог ќе бара исто и од едното и од другото? Тоа е невозможно. Едното знаело за судот и за Царството Божјо, деноноќно се учело на зборовите Божји, а другото никогаш ниту видело ниту слушнало нешто добро. Како тогаш и двете би биле судени со еден ист суд? Може ли сега тоа некој да го објасни?

Никој не може ништо да знае за судбините Божји, зашто единствено Он знае сѐ, и единствено Он може да суди.

Се случува, на пример, некој да греши од простота, но има одредена доблест која што Му е угодна на Бога многу повеќе отколку целиот твој живот, а ти го судиш и осудуваш, и така само ја оптоваруваш својата душа. Ако му се случило и да погреши, знаеш ли колку пред тоа се борел и колку труд вложил да го одбегне гревот, и, што знаеш, можеби неговото грешно дело пред Бога е дело на правдата. Зашто Бог го видел неговиот труд и неговата жалост и го помилувал. А ти го знаеш само неговиот грев. И додека Бог го милува, ти го осудуваш и ја губиш својата душа. Ти си го видел неговиот грев, но неговото покајание не си. Знаеш ли колку солзи тој пролеал пред Бога за тој грев?

И кога барем само би осудувале... Но ние имаме обичај и да го презираме грешникот и да ја свртуваме главата од него, како од некаква гадост. Тоа е уште полошо и многу пострашно. Но, не застануваме тука, на таа своја сопствена штета, туку веднаш одиме понатаму, и штом сретнеме некого говориме: „Знаеш ли што сторил тој и тој“, та така и во неговото срце внесуваме смут и грев. И не се плашиме од Оној Кој рекол: „Тешко на оној кој ближниот свој го пои со пијалок измешан со злобата своја, за да ја види голотијата негова“ (Авакум 2, 15).

Сето тоа ние го правиме затоа што немаме љубов. Кога би имале љубов, на недостатоците на ближниот би гледале со болка и сочувство, како што е напишано: „Љубовта покрива многу гревови“ (1 Петар 4, 8); и „Љубовта не мисли зло, не се гордее, не завидува, не бара свое, сѐ поднесува, сѐ покрива“ (1Кор. 13, 5).

Значи, кога би имале љубов, љубовта би го покрила секој грев. А светителите така и постапуваат кога ги гледаат човечките недостатоци. Мислите ли дека Светите се слепи и не гледаат? Зарем постои некој кој повеќе го мрази гревот од нив? Па сепак, тие не го мразат човекот и не го осудуваат, не свртуваат глава од него, туку страдаат со него, тагуваат заради него, го вразумуваат, го лекуваат и прават сѐ за некако да го спасат. Со долготрпеливоста и љубовта тие го привлекуваат и придобиваат, постапуваат како мајката со развратниот син, за со текот на времето да го поправат.

Значи, ако сакаме да се сочуваме од оговарање, осудување и презирање, мораме да ја умножиме љубовта и да си помагаме еден со друг. Кој од нас, ако на раката или ногата има рана, се грози самиот од себе и си ја отсекува раката, макар и да е целата во гној? Напротив, целото внимание го свртува токму на таа рака: ја мие, ја премачкува со лековита маст, ја превива со чисто платно и моли да се исцели. Така треба да се постапува и со грешникот. Зашто ние сме, вели Апостолот, едно тело во Христа (Рим. 12, 5). Секој треба да му помага на другиот според својата моќ, или со поука или со утеха или со пружање на помош. Секој треба да се грижи да има мир и единство со сите. Зашто колку човекот се соединува со луѓето, толку повеќе се соединува со Бога.

За подобро да ви објаснам, ќе ви го претставам тоа со една слика, која нам ни ја предале светите Отци:

Замислете еден круг, неговиот центар, и прави линии кои тргнуваат од центарот. Претпоставете дека сега тој круг е светот, центарот на кругот е Бог, а правите линии кои тргнуваат од периферијата и одат кон центарот се патиштата на човечките животи. И колку што светителите, сакајќи да се приближат до Бога, влегуваат во внатрешноста на кругот, толку стануваат блиски до Бога и еден со друг. И колку се приближуваат до Бога, толку се приближуваат и еден до друг. И колку што ќе се приближат еден до друг толку се приближуваат до Бога. Така треба да го сфатиме и оддалечувањето: кога се оддалечуваат од Бога и се свртуваат кон надворешноста, кон периферијата на кругот, јасно е дека колку се одалечуваат од Бога, толку се оддалечуваат и еден од друг. И колку што се оддалечуваат еден од друг, Толку се оддалечуваат и од Бога. Таква е природата на љубовта: доколку сме надвор и не Го љубиме Бога, ние сме оддалечени и од ближниот. А ако Го љубиме Бога, тогаш колку што се приближуваме до Бога преку љубовта спрема Него, толку со љубовта се соединуваме и со ближните. И колку повеќе се соединуваме со ближните, толку повеќе се соединуваме и со Бога.

Нека нѐ удостои Бог да го слушаме тоа што е корисно, и тоа да го твориме, зашто ако се трудиме да го исполнуваме тоа што го слушнавме, Бог ќе нѐ просветува и упатува да ја разбереме Неговата света волја. Нему слава во вековите. Амин.

ЖИТИЕТО НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ПЕТАР КОРИШКИ, испосникот и отшелник

Животот на преподобниот и богоносен отец Петар Коришки го опиша хилендарскиот монах Теодосиј (писателот на житието на Свети Сава), кој на повик на коришкиот монах Григориј доаѓаше во Призрен и околината и од веродостојни сведоци и монаси очевидци, дознал за светиот живот и богоугодните подвизи и чудеса на овој преподобен. Мудриот Тедосиј потоа напишал и служба за преподобниот Петар Коришки. Богоносниот отец Петар беше родум од Хвостанскиот крај во областа Диоклитија, како што тогаш се нарекувала околината на денешен Пеќ. Неговото село се викаше Уњемир, денешен Ујмир кај Пеќ. Родителите му беа побожни и чесни христијани, кои го крстија и го дадоа да изучува Свети Книги. Уште во младоста блажениот Петар го исполнуваше благодатта Божја, зашто беше кроток и смерен, со незлобив ум. Ги одбегнуваше детските игри и забави, што многу ги жалостеше неговите родители. Наместо тоа, тој усрдно се трудеше во постот, молитвата и посетувањето на храмот Божји и изучувањето на зборовите Божји. Од Светото Писмо сфати дека заради љубовата Божја треба да го остави светот, па и самите родители, зашто душата му беше желна да Му служи на Бога во осаменост и отшелништво. Кога умре неговиот татко, тој сакаше да го остави светот, но мајка му го проколнуваше да не ги остава сами со сестра му. Тој се смилува и остана, но постот и молитвите не само што не ги остави, туку и ги удвои. Кротко ја ораше својата нива со еден слеп вол, кој по смртта на преподобниот на чудесен начин го препозна ралото на својот господар. Врз себе носеше груба власеница, и тоа не го знаеше никој освен мајка му, која беше го забележала неговото нагло телесно слабеење. Но, таа се плашеше да му забележи за било што, од страв да не ги остави. Наскоро и мајка му се пресели кај Господа, и тој можеше да ја исполни својата дамнешна Богоугодна желба.

Неговата сестра му изјави дека и таа ја сака девственоста и чистотата и го молеше да ја поведе со себе, а тој ѝ рече:

„Нека биде волјата Господова“.

Потоа заедно со неа отиде во црквата на светите апостоли Петар и Павле, недалеку од селото, го прими монашкиот потстриг од еден старец монах, кој живееше во црквата во тоа село. Тука преподобниот изгради ќелии за себе и за сестра си, каде и двајцата се подвизуваа во пост и молитви. Се подвизуваше преподобниот, и во тешката борба со демонските искушенија се истакнуваше како победник. Кај нив доаѓаа роднините и познаниците, и им носеа сѐ што им е потребно за живот, но блажениот Петар не беше задоволен од тоа, и затоа се оддалечија на друго место. Но и тука нивната доблест не се сокри од многуте посетители. Читајќи ги житијата на Светиите и богоносните древни Богоотци, преподобниот сакаше да се оддаде на поголеми осаменички подвизи, но тоа не можеше да го стори заради сестра си. Затоа реши да ја остави и тајно да замине, но таа го забележа и го достигна. Така патуваа заедно до високата планина над градот Призрен кај селото Каваш. Тука застанаа да се одморат, и неговата сестра заспа. Тогаш преподобниот ја остави и отиде во една скриена распукната карпа. Во топлата молитва, тој на Бога со солзи Му зборуваше дека тоа го прави од љубов кон Него, и Нему Му ја остава грижата и заштитата на својата сестра и нејзиниот подвиг на девството и чистотата. За себе бараше Бог да му подари почеток на покајание, да му послужи, и да добие спасение. По топлата молитва ја осени сестра си со крсниот знак, и се оддалечи од неа плачејќи. Кога се разбуди, сестра му го бараше и горко плачеше. Горо Божја света, зборуваше таа, те молам смрт во тебе да најдам. Барем ти биди милостива кон мене и не давај да излезам од тебе до смртта. Во светот нема да се вратам, ниту пак сум достојна да живеам без да го гледам мојот брат.

Плачејќи така и ридајќи, сестрата отиде меѓу народот, и таму тајно поживеа во девственост и целомудрие, додека не се претстави кај Бога. За нејзиното претставување дозна и преподобниот и топло Му благодареше на Бога, Кому постојано Му се молеше за нејзиното спасение.

Потоа преподобниот Петар се искачи на една многу висока планина, најде една карпа погодна за своја пештера, каде што се насели и продолжи со своите подвизи. Смрзнуван од мразот и горен од сонцето, тој се хранеше само со диво зелје и горчлив буков жир, така што во тело водеше живот на бестелесните битија. Беше беспоштеден и немилосрден непријател на своето тело, за да го исчисти од страстите и како чиста жртва да му го принесе на Бога. Околните ѕверови не го вознемируваа, туку во мир живееја со него. Но, затоа пак, демоните го напаѓаа и преку една змија постојано го вознемируваа во пештерата. Ноќе демоните му се јавуваа со гласови од неговата сестра, како да го молат да ја избави од ѕверовите и да ја прими во својата пештера. На преподобниот му беа познати таквите лукавства и затоа постојано пееше псалми и духовни песни. Кога најпосле му здосади шиштењето на споменатата змија во пештерата, тој усрдно се молеше на Бога и четириесет дена постеше строго, призивајќи и ангел Господов на помош, па излезе од пештерата и со името Христово започна да ја брка од карпата таа лута змија. Тогаш пред нив се појави блескав ангел Господов, и старецот од неговиот блесок припадна, но ангелот го прифати и му рече:

- Не плаши се од мене, јас сум Михаил, Архистратиг на силите Господови. Бидејќи се молеше, јас од Него сум испратен и дојдов да ја избркам лукавата змија, која ти пакости. Сега ќе ја видиш славата на нашиот Бог.

И Архангелот со својот меч веднаш ја избрка змијата, а на старецот му рече:

- Мир на тебе душо, што го бараш Господа! Ја виде ли славата на нашиот Бог? Молбата твоја Бог преку мене ја исполни, и расипаната и лукава змија никогаш повеќе нема да се врати. Внимавај на себе и јакни во Господа, зашто многу напади ќе мора да поднесеш од злите духови, но, не плаши се, туку спротивстави им се со името Господово и тие ќе си заминат посрамени.

И Архистратигот веднаш стана невидлив. Преподобниот целиот во трепет и огромно смирение, удирајќи се во своите гради, зборуваше:

- Кој сум јас, во страстите поцрнетиот, и во гревовите засмрдениот, та Ти, Господи, ми го испрати на помош Твојот преславен и пресветол врховен Ангел!

И влезе во пештерата и со солзи Му заблагодари на Бога, и на Неговиот Архангел за ова чудо.

По ова видение преподобниот се оддаде на уште поголеми подвизи, и достигна таква чистота на умот, што сите ѓаволски замки ги проѕираше и со молитвата и тихувањето ги раскинуваше. Ѓаволот особено се трудеше да го избрка преподобниот од пештерата. Еден ден се нафрли на него во вид на облак црни гаврани, кои сакаа да му ги ископаат очите, но тој ги оттргна со молитвата и читањето на Символот на Верата. И многу други пакости и привиденија му причинуваше лукавиот демон, но светителот сите искушенија и злоставувања ги трпеше, знаејќи дека сето тоа го гледа Бог, кој за трпението ќе го награди. Ненаситната љубов спрема Бога тој ревносно ја внесуваше во сите поголеми борби, така што и самите бесови се срамеа од неговото страдалничко трпение. Тие му се закануваа и го бркаа, го заплашуваа, но на сите нивни замки тој одговараше со усрдна молитва кон Бога и им велеше:

- И мноштво полкови ваши да се нафрлат на мене, нема да се исплаши срцето мое. Ако ме нападнете ќе бидам смел против вас во името на мојот Бог.

И милостивиот Господ секогаш ја услишуваше молитвата на Својот слуга.

По победата на сите демонски искушенија, Господ го поткрепи и израдува преподобниот. Божествена светлина започна да се појавување во неговата пештера и дење и ноќе. Ова светлосно видение потраја многу денови, така што светителот единствено нему му се насладуваше и на онака оскудната храна потполно забораваше. Со љубовта која гореше во него кон својот Господ и Спасител, тој само ги повторуваше зборовите на псалмопевецот Давид: „Душата моја е жедна за силниот и живиот Бог; кога ќе дојдам и ќе се јавам пред мојот Бог?“ (Псалми 41, 2). Во ваквите натчовечки подвизи и рамноангелски доблести, преподобниот ги проживеа и останатите години од својот живот, секогаш духовно веселејќи се, и за се благодарејќи Му на Бога. А ѓаволите повеќе не се осмелија да му се доближат, зашто благодатта Божја постојано ги бркаше далеку.

Преподобниот ни најмалку не се возгордеа поради тоа, туку со страв и трепет го крадеше своето спасение, секогаш сеќавајќи се на апостолските зборови: „Христос дојде во светот да ги спаси грешниците, меѓу кои првиот сум јас“ (1Тим. 1,15). До крајот на својот живот се осудуваше себеси и постојано се смируваше пред Господа.

Но, Господ не сакаше овој светилник да остане непознат за светот, та кај него испрати богољубиви монаси. Кога дојдоа, тие го замолија да ги прими, а тој, предвидувајќи го своето скорешно заминување кај Бога, ги прими и ги благослови да живеат во пештерата под него. Пред смртта ги замоли во карпата од пештерата да му издлабат место за да го положат по смртта. Потоа на нивна молба им го раскажа своето житие и подвизите, и според човечката природа малку се разболе. Откако се причести со Божествените и Животворни Тајни Христови, изговарајќи ги зборовите: „Слава Му на Бога за сѐ“, најпосле уште еднаш топло се помоли, се поздрави со браќата и мирно ја предаде својата душа во рацете на својот Господ, на Кого усрдно подвижнички Му служеше до длабока старост, а Кој уште од детството Го засака. Се упокои на 5 јуни во 1270-та (или 1275 г). Ноќта кога се упокои се гледаше светлина од многу свеќи во неговата пештера и се слушаше ангелско пеење. Браќата го беа нашле утредента како почива во камениот гроб, завиткан во власеницата, со блескаво лице, а пештерата преполна со благопријатен мирис. Господ наскоро ги прослави и моштите на преподобниот исушени од подвизите, зашто дарот на чудотворството и прекрасниот мирис изобилно ги збогатија. Затоа кај него се собираа многу верници од разни страни, и според својата вера добиваа утеха и исцеленија.

Наскоро потоа пештерата на преподобниот беше претворена во црква Божја, и царот Душан (1331-1335 г.) ја предаде на управа на стариот игумен Григориј, а потоа таа стана метох на манастирот Хилендар. Делови од моштите на преподобниот Петар беа однесени во Цариград, а и на други места, а кон крајот на шеснаесеттиот век монасите од Коришкиот манастир го сокрија од турците остатокот од неговите свети мошти во пештерската црква во манастирот во Црна Река, кај стариот Колашин, помеѓу Митровица, Пеќ и Нови Пазар, каде почиваат и денес.

По молитвите на преподобниот отец Петар Коришки, нека Господ и нас нѐ помилува и спаси како благ и човекољубив, амин.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК МАРКО

Христовиот новомаченик свети Марко се роди во градот Смирна, денешен Измир, а неговиот татко Хаџи-Константин беше Македонец родум од Солун. Мајката на свети Марко Марија беше родум од Смирна. Како оженет, Марко во градот Нови Ефес, поттикнат од ѓаволот, падна во грев со друга жена и се одрече од Господ Христос. Потоа почувствува грижа на совеста и со солзи отиде да се исповеда кај еден духовник.

Во 1792 година со сопругата отпатува во Трст во Венеција, каде повторно се исповедаше и беше удостоен на помазување со Свето Миро, и причестување со Светите Тајни. Патувајќи потоа по разни места, на крајот тој одлучи маченички да пострада за Христа Бога, од Кого се одрече. Се врати на островот Хиос, а оттаму во Нови Ефес, каде што на својот прв духовник му ја довери својата желба за мачеништвото. Поради тогашната градба на христијанскиот храм во Нови Ефес, како и поради неодамнешното мачеништво на светиот новомаченик Георгиј, турците во градот беа многу озлобени на христијаните. Затоа духовникот го посоветува Марко привремено да ја одложи својата одлука. Тој го послуша и се врати на островот Хиос.

На Хиос се помоли на Бога во повеќе цркви, и се причести со Светите Тајни, па потоа сам се пријави во турскиот суд и храбро исповедаше дека се одрекува од лажната муслиманска вера и дека верува во Христос, Вистинскиот Бог. Никакви ветувања и залагања на судиите не можеа да го одвратат. Затоа го фрлија во темница. Додека во темницата трпеше страотни мачења, тој постојано Му благодареше на Бога и Му пееше псалм и химни. Кога повторно беше изведен на суд, судијата започна да му се заканува, но храбриот војник Христов му одговараше дека никакви маки нема да го разделат од љубовта Христова. Ваквата негова храброст уште повеќе ги раздразни присутните турци, та тие му се нафрлија, го претепаа и го фрлија низ камени скалила. Потоа повторно го фрлија во темница, а тој Му благодареше и Го фалеше Бога.

Христијанските маченикољупци од островот Хиос слушнаа за неговото храбро држење во верата, и започнаа да постат и да се молат за него, Господ да го поткрепи, а тајно му испратија и Свети Тајни да се причести. Најпосле светиот новомаченик по трет пат беше изведен на суд. Тогаш уште похрабро ја исповедаше својата вера, надеж и љубов во Христа Бога Спасителот, па турскиот судија веднаш го осуди на обезглавување, кое беше извршено на 5 Јуни 1081 година, во среда, околу осум часот, на островот Хиос.

По неговото маченичко страдање, мноштво верен народ и свештеници пееја во Хиоските храмови, песни и пофалби за новомаченикот, благодарејќи Му на Бога што верата христијанска ја издигна над тираните и зловерните. Ваквото храбро страдање на светиот новомаченик Марко за сите христијани беше знак за надмоќта и победата на вистинската вера Христова. По своето маченичко страдање за Христа, свети Марко направи многу чудеса меѓу верните, во слава на нашиот Бог, во Троица славениот, Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и во бесконечните векови. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК НОН

Во Ерусалимската Канонарија неговиот маченички спомен се празнува во Црквата на Елеонската Гора.

СПОМЕН НА БЛАЖЕНИОТ ИГОР, кнезот Черниговски и Киевски

Гонет од своите сродници, блажениот Игор го остави светот и се замонаши. Граѓаните на Киев, незадоволни од династијата Олгович, посакаа да ја искоренат, па јурнаа кон манастирот, го фатија невиниот и млад схимник Игор и го убија. Поради тоа злосторство многу беди ги достигнаа. А на гробот на овој блажен се видени свеќи, запалени сами од себе, и тоа во неколку наврати, а над црквата каде што беше погребан се гледаше огнен столб. Тоа се случи во 1147 година.

СПОМЕН НА БЛАЖЕНИОТ КОНСТАНТИН, митрополитот Киевски

Во деновите на блажениот кнез Игор, кога имаше големи ривалства и смутови меѓу руските кнезови и во Црквата настанаа нереди и чести промени на архиерејските престоли. Така по смртта на киевскиот митрополит Михаил, кнезот Изјаслав за митрополит доведе еден учен монах Клим, без за тоа да побара благослов од Цариградскиот патријарх. Тогаш патријархот го испрати овој митрополит Константин да ја разгледа работата. Константин го исфрли Клим од престолот и ги отстрани од Црквата сите клирици кои Клим ги беше ракоположил. Поради тоа народот се подели. Едни беа на страната на Клим, а други на страната на Константин. Тогаш по желба на руските кнезови патријархот испрати трет, на име Теодор, а Клим и Константин беа отстранети. Кога умре Константин во 1159 година, го отворија неговиот тестамент, во кој тој се колнеше да не го погребуваат туку да го фрлат во полето да го изедат кучињата, бидејќи се смета за виновен поради немирите во Црквата. Не смеејќи да се оглуши на заветот, но сепак со голем ужас, телото на митрополитот го фрлија во полето, каде лежеше три дена. Тие три дена страшно грмеше над Киев, молњи удираа, громови пукаа и земјата се тресеше. Осум луѓе загинаа од громови. Над мртвото тело на Костантин се беа појавиле три пламени столба, кои доспеваа до небото. Гледајќи го сето тоа, киевскиот кнез нареди, та го зедоа телото и чесно го погребаа во црквата, каде што се наоѓаше и гробот на Игор. И веднаш потоа настана тишина во природата. Така Бог го оправда својот смирен слуга.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ХРИСТОФОР

Потекнуваше од Рим. Се упокои заклан со меч за Христа.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК КОНОН

Беше родум од Рим. Пострада за Господа фрлен во море.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ: МАРКИЈАН, НИКАНДАР, АПОЛОН, ИПЕРЕХИЈ, ЛЕОНИД, АРИЈА, ГЕОРГИЈ, СЕЛИНИЈ, ИРИНИЈ И ПАМВОН

Родум беа Египќани. Поради јуначкото исповедање на својата вера во Христа, тие за време на владеењето на царот Максимијан многу пострадаа, и се упокоија во темницата, свирепо мачени со глад и жед.