19. Јуни   (6. Јуни)

ЖИТИЕТО НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ВИСАРИОН

Голем меѓу Отците, Висарион се роди и беше воспитан во Египет. Од детството Го засака Бога, и света светлина заблеска во неговото срце. И тој се зачува себе чист од секоја гревовна нечистотија, и не ја извалка духовната одежда во која се облече при светото крштение. Посетувајќи ги Светите Места во Ерусалим, таму го виде преподобниот Герасим, кој кај реката Јордан водеше пустински подвижнички живот, а му служеше еден лав. Тој виде и многу други подвижници, кои живееја таму по разни места и блескаа со своите добродетели. Разговарајќи со нив тој извлече огромна корист за својата душа.

Кога се врати во својот роден крај, Висарион за свој духовен отец го стекна преподобниот Исидор Пелусиот. Често одеше кај него, добиваше многу корисни поуки од него и се оддаваше на уште построг живот. Најпосле го раздаде на сиромашните целиот свој имот наследен од родителите, се одрече од светот и стана монах. Во едно пусто место тој живееше живот во безмолвие, во самотно молитвено тихување. Измачувајќи се себеси со многу трудови, и умртвувајќи го своето тело со испосничките подвизи, тој се уподоби на бестелесните сили. Неговото постење беше неизмерно. Понекогаш по цела недела не вкусуваше ништо, а понекогаш минуваше и по четириесет дена без храна и вода. Еднаш застана на едно отворено место среде трње, со рацете, очите и умот подигнати кон небото, и во богомислена молитва помина четириесет дена и четириесет ноќи, стоејќи неподвижно како столб. За тоа време не се помести од местото, ниту пак нешто вкуси, ниту прозборе со некого, ниту задрема, ниту малакса од природна немоќ, ниту својот ум го сврте кон земното, туку, подражавајќи ги бестелесните сили, целиот устремен кон Бога, Го соѕерцаваше со очите на душата. Затоа и се удостои од Бога на голема благодат. Му беше даден таков дар на чудотворство, така што во тоа беше сличен на древните свети Пророци.

Заприлега на Мојсеј, кој со дрвото што му го покажа Бог во пустината, солената вода ја претвори во слатка за да го напои жедниот Израил, зашто и тој со молитвата и крсниот знак ја заслади морската вода, за да го напои својот ученик изнемоштен од жедта, кога со него одеше низ пустината крај морето. Тогаш неговиот ученик многу ожедне од напорното патување и силната горештина, па му рече на светителот:

- Аво, Јас сум многу жеден.

Преподобниот се помоли, го осени морето со крсниот знак, и му рече на својот ученик:

- Во името Господово, црпни и напиј се.

Ученикот наполни вода во матарката што ја носеше со себе, и кога вкуси водата беше слатка, вкусна и ладна, како да е од планински кладенец. Откако доволно се напи и разлади, ученикот наполни и за попат. Кога го забележа тоа, старецот му рече на ученикот:

- Чедо, зошто наполни вода за попат?

Ученикот одговори:

- Прости ми, оче! Јас наполнив за повторно да не ме измачува жедта.

Старецот на тоа му рече:

- Бог, Кој е присутен овде, присутен е насекаде. Он на секое место може да му даде вода на жедниот.

Овој негов ученик се викаше Дула.

Преподобниот Висарион беше сличен и на Исус Навин, зашто како што Исус Навин победувајќи ги Аморејците го застана сонцето, така стори и угодникот Божји Висарион. Имено, кога тој со својот ученик патуваше кај еден старец, и сонцето заоѓаше а имаа уште многу за патување, светиот подвижник се помоли на Бога, говорејќи:

- Ти се молам, Господи, нареди сонцето да застане, додека не стигнеме кај Твојот слуга.

И така би. Сонцето не зајде, сѐ додека преподобниот не стигна кај тој старец.

Свети Висарион беше сличен и на светиот пророк Илија, зашто во време на суша тој измоли од небото обилен дожд. Тоа го стори не еднаш, туку многу пати.

Беше сличен и на пророкот Елисеј. Како што Елисеј со наметката на Илија ја раздели водата преминувајќи ја реката Јордан, така и свети Висарион со својата молитва, големата река Нил ја премина како по суво, и секогаш кога ќе наидеше на река, ја преминуваше како по суво.

Еднаш, кога преподобниот Висарион живееше во скитот, беше доведен бесомачен човек, и за него во црквата се читаше молитва за да се избави од нечистиот дух. Но, бесот не иззлегуваше од него, бидејќи беше многу опак. Клириците се прашуваа што да прават со него, а некои рекоа:

- Овој бес не може да го истера никој, освен отец Висарион. Но, ако го замолиме да го стори тоа, тој нема да сака ни во црквата да дојде. Затоа, утре наутро ние пред него ќе дојдеме во црквата, и на неговото место ќе го ставиме бесниот човек, па потоа ќе му речеме: „Оче, разбуди го заспаниот“.

Клириците така и сторија. А кога преподобниот влезе во храмот, забележа дека човек седи на неговото место, па не сакајќи да го тргне оттаму, застана во близина. И кога започна да се извршува црковното правило, клириците му рекоа на старецот:

- Оче, разбуди го заспаниот.

Свети Висарион му пристапи на човекот, го допре и му рече:

- Стани и тргни се од тука.

И веднаш излезе бесот од човекот, избркан со збор од светителот, и човекот започна да Му благодари на Бога.

На таков начин клириците го натераа светителот да го стори тоа чудо, зашто тој не сакаше јавно да твори чудеса, за да не биде славен од луѓето. Како многу смирен, и сметајќи се себеси за грешник, тој ја одбегнуваше човечката слава.

Еден брат од скитот падна во некој грев, и презвитерот му нареди да излезе надвор од црквата како недостоен. А преподобниот Висарион стана и заедно со грешниот брат излезе од црквата, велејќи:

- И јас сум грешен.

Такво беше смирението на светиот отец Висарион.

Неговите ученици за него кажуваа дека во текот на четириесет години не легнал на постела да отпочине, туку седејќи или стоејќи му се предавал на сонот на кратко време. Тој чесно ги советуваше своите ученици да бдеат, за постојано без дремка да се чуваат од ѓаволските искушенија, и им зборуваше:

Монахот треба целиот да се претвори во око, како херувим и серафим. И кога некој живее мирно, без искушенија, токму тогаш треба најмногу да се чува и да се смирува пред Бога, за да не се погордее и да падне во некој страшен грев. Зашто поради вообразеноста многумина биле препуштени на искушенијата. Понекогаш, пак, заради нашата немоќ, Бог не ни допушта искушенија, за сосем да не пропаднеме.

Овој свет Отец живееше како небесна птица. Никогаш не стекна ништо земно за себе, ниту имаше своја ќелија, ниту некакво засолниште, туку, преминувајќи од место во место, тој скиташе по пустините, по ридовите и долините, како залутан патник. Воопшто не се грижеше за телесните потреби, ниту за храна и облека. Врз себе имаше искината облека, која одвај му ја покриваше голотијата. Иако дење го печеше горештината, а ноќе го мачеше студот, тој ретко кога се засолнуваше под кров, и живееше по горите како птица, во саканата осаменост, со умот вперен единствено кон Бога. Потоци солзи постојано течеа од неговите очи, и чести воздишки се откинуваа од длабочината на неговото срце. Сите денови од својот живот ги помина во солзи, непрестајно плачејќи и ридајќи. Во длабока сттарост се претстави во неостварливиот живот, и од плачот премина во вечната радост со сите светии во Христа Исуса, нашиот Господ, Кому слава за навек. Амин.

ЖИТИЕТО НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ИЛАРИОН НОВИ

Блажениот Иларион беше син на Петар Кападокиецот, кој прислужуваше леб на царската трпеза, и мајка Теодосија, кои беа благочестиви и богобојазливи луѓе. Во младоста Иларион добро го изучи Светото Писмо. Кога наврши дваесет години, тој го остави домот, родителите и богатството, и стана монах во Исихиевата обител близу Цариград. Потоа дојде во Далматската обител. Тука стана великосхимник и беше ученик на светиот Григориј Декаполит, кој во тоа време живееше таму, и се подвизуваше во послушание, молчење и големо смирение. Негово послушание беше работа во манастирската градина. Во тоа послушание помина десет години. Често читајќи ја повеста за доблесниот и богоугоден живот на преподобниот Иларион Велики, тој се трудеше да го подражава во постот, сеноќната молитва и сите монашки подвизи. Затоа беше наречен Иларион Нови. Бидејќи ја очисти својата душа од сите страсти, та таа како сонце блескаше во добродетелите, тој доби од Бога власт над нечистите духови.

Без тој да сака, игуменот на обителта го ракоположи за свештеник. Во тоа време свети Григориј беше заминал во други места. По неколку години, кога умре игуменот, преподобниот Иларион дозна дека браќата сакаат да го постават за игумен, и затоа тајно го напушти манастирот и отиде во Византија, со надеж дека таму ќе го најде својот учител свети Григориј. Но, тој беше отпатувал во Рим, и на враќање се беше населил на планината Олимп. Затоа Иларион остана во Византија во еден манастир, а кога дознаа монасите на Далматската обител, испратија молба до пресветиот патријарх Никифор да им го постави Иларион за игумен, иако тој не сакаше. Патријархот го извести царот за тоа, и тие го повикаа Иларион, па тој, не можејќи да им се спротивстави, го прими игуменството и добро управуваше осум години.

Потоа се зацари ѕвероподобниот тиранин Лав Ерменин и иконоборната ерес започна да ствара немири во Црквата. Тие што не сакаа да му се покорат ги ставаше на маки, а многумина протеруваше во најдалечните покраини. Во тоа време со царска наредба и преподобниот Иларион од Далматската обител беше приведен кај царот, кој го присилуваше да го прифати еретичкото учење, но тој не само што не го послуша, туку храбро го изобличи, нарекувајќи го безбожник и нов отстапник, и така многу го разгневи. Злочестивиот цар му нанесе многу рани, го стави на неподносливи маки, па потоа го затвори во темница.

По некое време царот повторно го изведе пред себе и го стави на страшни маки. Но, откако ни со тоа не постигна ништо, го предаде на својот истомисленик, патријархот Теодот викан Каситер, кој го зазеде престолот, бидејќи пресветиот патријарх Никифор беше протеран заради верата. Овој лажен патријарх со преподобниот Иларион постапи исто како царот. Го затвори во мрачна темница и долго го мачеше со глад и жед. А монасите од неговиот манастир дојдоа кај царот со молба, говорејќи:

- Царе, врати ни го нашиот пастир, а ние ти ветуваме дека ќе ја исполниме твојата волја.

Царот се израдува и веднаш го ослободи нивниот отец. Свети Иларион поживеа во својата обител една година. Уште неодморен од претрпените страдања и гладот, тој повторно тргна во нови страдања. Царот, очекувајќи монасите да го исполнат ветувањето, сфати дека е прелаган. Затоа испрати свои војници во манастирот, кои ги убија монасите, го поведоа преподобниот Иларион и го фрлија во темница. Потоа царот го испрати во Фанејевата обител и нареди да го затворат таму во најтешката темница, во која страдаше шест месеци, поднесувајќи најразлични непријатности и навреди од суровиот игумен на таа обител. Потоа, по наредба на царот, повторно беше вратен во Цариград, каде тој го наговараше со ласкање и закани да се согласи со иконоборната ерес. Но, бидејќи Христовиот страдалник не се согласи, тој го испрати во Кикловеевата обител. Тука помина две години и шест месеци, држан и злоставуван во одвратна темница. Оттука повторно беше доведен кај царот. Откако многу го тепаа, царот го испрати на заточение во градот Протилски.

Потоа злобниот цар, кој многумина погуби, и самиот загина. Неговите сопствени војници со мечеви го искасапија во онаа иста црква, и на она исто место, каде тој за прв пат ги навреди светите Икони, и ја отстрани првата Икона. Така бедникот ја исфрли својата злобна душа.

По него на престолот стапи Михаил Травлос, и нареди да се пуштат на слобода сите правоверни. Тогаш и преподобниот Иларион со останатите беше пуштен од темницата, но не отиде во својата обител, бидејќи иконоборната ерес сѐ уште не беше престанала и на архиерејските престоли се наоѓаа лажни учители и лажни пастири. Туку се згрижи кај една побожна жена, која на својот имот му даде едно осамено место, му направи ќелија со градина, и го снабди со сѐ што му е потребно заради Бога.

Во тоа време се врати од заточението и отиде кај Господа преподобниот Теодор Студит, кој исто така за православието претрпе многу зла од еретиците. Неговата света душа, носена од ангелите кон небото, ја виде преподобниот Иларион, како што за тоа се вели во житието на светиот Теодор. Дента кога се престави свети Теодор Студит, блажениот Иларион, работејќи во својата градина и пеејќи псалми, слушна некои чудесни гласови и почувствува неискажливо прекрасен мирис. Тој се зачуди и разгледувајќи виде како мноштво ангели во бели наметки, со пресветли лица и песни, слегуваат од небото во пресрет на некого. Од преголем страв тој падна на земјата и слушна како некој му вели:

„Тоа е душата на Теодор, игуменот на Студитскиот манастир, кој до крв пострада за светите Икони и до крај јуначки ги издржа маките. Сега заспа, и ликувајќи оди на небото, пречекан од небесните Сили“.

Удостоен на таквото чудесно видение, преподобниот Иларион се исполни со голема утеха и духовна сладост. Многу денови се радуваше и неговото лице блескаше како лице на ангел.

Преподобниот Иларион остана кај таа жена повеќе од седум години. А кога по Михаил Травлос на престолот стапи неговиот син Теофил, и ги собра сите исповедници, па како претходните злочестиви цареви започна да ги присилува на иконоборството и непокорните да ги мачи, тогаш и преподобниот Иларион беше приведен кај царот. Присилуван на иконоборството, тој не ѝ се покори на царската наредба, туку и овој цар го изобличи како безбожник и законопрестапник, кој ги руши правите догмати на верата. Затоа сто и седумдесет пати го удираа по плеќите, и го испратија во заточение на островот Афусија. Таму не го држеа во темница и окови, и тој си направи многу мала ќелија, во која живееше сѐ до смртта на Теофил. А кога тој зловерник умре, царицата Теодора ги собра сите исповедници од прогонството во престолнината, го утврди правоверието, и нареди светите Икони да се вратат во храмовите Божји. Тогаш и преподобниот Иларион беше пуштен на слобода, и повторно ја прими игуменската должност во својата Далматска обител, и блескаше со своите чудеса. Поживеа тука три години, богоугодно раководејќи ги своите ученици, и отиде кај Господа во 845-та година. Неговата чесна и света душа беше однесена на небото од Ангели, исто како од него видената душа на свети Теодор. Сега во ликот на светите Исповедници стои пред престолот на славата на Отецот и Синот и Светиот Дух, едниот во Троица Бога, Кому слава за навек. Амин.

СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИТЕ ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИЦИ ДЕВИЦИ АРХЕЛАЈА, ТЕКЛА И СУЗАНА

Девството го победува светот и ги скротува телесните страсти. Тоа не ѝ беше познато на прамајката Ева, зашто нејзе ѝ беше речено од Бога: „Во маки ќе ги раѓаш своите деца и твојата волја ќе биде под власта на твојот маж“ (1 Мојс. 3, 16). А девството е слободно од тоа. Тоа не свенува од многуте години, туку секогаш цвета и го краси животот на девственикот. Девствениците стануваат невести Христови и влегуваат во дворовите на својот Младоженец.

Украсена со чисто девство, со тој скапоцен и божествен дар, блажената Архелаја се уневести за Христа и се истакна како победителка на светот. Таа живееше во едно место близу Рим, во мал и непознат манастир, каков што можеше да се има во тие, за христијанството Тешки идолопоклонички времиња. Кога безбожниот цар Диоклецијан крена големо гонење против христијаните во Рим, светата девица Архелаја со двете сестри во Христа и свои соподвижнички Текла и Сузана, од страв од гонењето побегна во Кампанија. Преоблечени во машка облека, за да не ги препознаат дека се девици. Таму, недалеку од градот Нола, светите девици се населија во едно зафрлено и пусто место, минувајќи ги деновите и ноќите во усрдни молитви, подвизувајќи се и исцелувајќи разни болести кај болните, бидејќи заради чистотата и светоста на својот живот добија од Бога благодат на чудесно исцелување на болести. Нивните лица беа смерни, кротки и заедно со тоа светли, зашто постојано се радуваа во Својот Господ, и во самиот нивен поглед се гледаше нивната целомудреност и светост. Облеката им беше груба, проста и искината, а изгледот пустински и подвижнички. Беа со кратки коси, та сите ги сметаа за мажи. Постепено кај нив започнаа да доаѓаат луѓе од околината, едни за исцеленија, други за духовни поуки,  тие ги лечеа не само телата туку и душите, та многу пагани приведуваа кон верата Христова, и славата за нив се ширеше по целиот крај.

Гласот за светите девственици допре и до Леонтиј, игемонот на Кампанија, кој веднаш нареди да ги фатат и да ги доведат кај него во градот Салерно, каде тогаш ги суделе и мачеле христијаните. Фатени и изведени пред игемонот, светите девственици со смелост и надеж во Бога бестрашно му раскажаа сѐ за себе, па тој, набљудувајќи ги и гледајќи дека блажената девица Архелаја е најстара по години и посмела во разговорот, и дека нејзиното лице открива особена чесност, ѝ се обрати и ѝ рече:

- Слушај, Архелаја! Со какво право ти ги повикуваш луѓето кај себе и ги учиш дај Му се поклонуваат на Исус Назареецот, Кој ни Самиот не можеше да се спаси кога Го мачеа, ниту пак сега може некому да му помогне? Како се осмелуваш да се занимаваш со маѓии и да ги прелажуваш луѓето? Како смееш да се преправаш како маж, додека всушност си погана и погубна маѓесница? Веројатно ти и овие две девици си ги научила на тие маѓиски работи. Ако не те погубам сега, сите неискусни ќе ги привлечеш кон својата измама.

На тоа светата девица одговори:

- Со Христовата сила јас ја потискам силата и дејството на ѓаволот, а паметните луѓе ги учам да Го познаат единствениот вистински Бог, Кој ги створил небото, земјата, морето, и сѐ што е во нив. А пак со името на мојот Господ Исус Христос, преку мене, слугинката Негова, им се дава здравје на болните. Јас не се преправам во машко, туку овде веднаш изјавив дека сум девица и слугинка Христова. Овие се мои сестри во Господа, од младоста со мене воспитани во верата Христова.

Игемонот ѝ рече:

- Секој што нема да се покори на царската наредба ќе биде предаден на страшна смрт.

Светителката одговори:

- Ние Го имаме за цар нашиот Господ Исус Христос, и заради Него го презревме светот и сѐ што е во него. Се покоруваме на Неговите наредби и очекуваме милост од Него, Кој владее со небото и земјата.

Игемонот рече:

- Нашите богови држат и владеат со сѐ, а нивните имиња се: Кронос, Трисмегист, Хермес, Афродита, Хера, Атина, Диј, кој е најголем од сите. Ете, тие се силите Божји, кои ја држат вселената и управуваат со неа.

Девицата му одговори:

- Ти и твоите богови сте слепи, и слепци им се клањаат и веруваат вонив.

На тоа игемонот рече:

- Вашиот Бог е еден, и не е во состојба да се заштити самиот себеси, зашто и на крст беше распнат, и со оцет напоен, и со трнов венец закитен, и со копје прободен.

Светителката одговори:

- Сето тоа нашиот Бог го претрпе заради нашето спасение, за секој што верува во Него да не загине, туку да има живот вечен.

А твоите богови ниту гледаат, ниту слушаат, ниту зборуваат, ниту можат на себе и на другите да им помагаат.

Игемонот се разгневи и нареди да ја дадат на гладни лавови, веднаш да ја растргнат. Но, ѕверовите станаа кротки како јагниња и легнаа крај нозете на светителката. А таа му се молеше на Бога, говорејќи:

- Господи, Боже мој, Ти досега го сочува моето тело чисто од секоја нечистотија! Како што сега ги скроти ѕверовите, и ми даде да го победам игемонот, кој е посвиреп и од ѕверовите, така секогаш биди ми помошник мене, слугинката Твоја.

Кога виде дека ѕверовите не сакаат ни да се допрат до светителката, игемонот уште повеќе се разгневи, и им нареди на војниците да ги тепаат лавовите, а неа со нејзините другарки оковани да ги фрлаат во темница. Но, во темницата им се јави ангел Господов, осветлувајќи ги со неискажлива светлина, и говорејќи:

- Не плашете се, девици Христови! Вашите молитви стигнаа пред Бога, и за вас веќе се подготвени венци на небото. Оваа необична светлина во темницата ја видоа и чуварите, кои во страв и ужас зборуваа:

- Навистина единствен вистински Бог е Оној што Го проповедаат овие девица. Утредента игемонот им рече на своите слуги:

- Доведете ми ја маѓепсницата која вчера со разни погрдни зборови ме навреди и мене и моите богови.

И веднаш ја доведоа светата маченица Архелаја, и таа му рече:

- Не јас, туку твоите зли дела, игемоне, те навредуваат и срамотат, па уште и незгаслив оган ти подготвуваат за вечно да гориш во него заедно со твоите богови. Ако, пак, сакаш да ги одбегнеш вечните маки, послушај ме и поверувај во Бога Отецот, Кој те створил и е славен и на небото и на земјата.

А игемонот, сметајќи ги овие зборови за смешни и бесмислени, ѝ возврати:

- Ако ме послушаш и поверуваш во моите богови, ќе бидеш наградена и вброена во угледните римски жени. Но, ако не ме послушаш, најпрвин ќе те предадам на блудниците да те осквернат, потоа жестоко ќе те мачам, и телото твое ќе го фрлам на ѕверовите.

Светителката му одговори:

- Мој помошник е Господ Исус Христос, Кој е чувар на мојата душа и тело, и Он ќе ме сочува неосквернета како и многу девици пред мене, а од смртта не се плашам, зашто се надевам на вечниот живот во мојот Господ, Кој ќе ме удостои на бесконечната радост и ќе ме вброи меѓу светите ангели Свои.

Потоа игемонот нареди да ја соблечат, со железни гребени да ѝ го стругаат чистото девствено тело и жестоко да ја тепаат, а раните да ѝ ги поливаат со врело масло. И нејзиното свето тело го истругаа и изгореа сѐ до коските. Присутните се восхитуваа на нејзината издржливост, а таа се молеше зборувајќи:

- Господи, погледни од небото на верната слугинка Твоја! Со росата на благодатта Своја згасни го огнот и олесни ги страдањата на моето тело.

Само што ги изговори овие зборови, над нејзината глава заблеска необична светлина, и се слушна глас, кој говореше:

- Не плаши се, Јас сум со тебе.

Гледајќи дека не може да ѝ наштети, мачителот чкрташе со забите, и нареди да ја стават под еден огромен камен во близина, под него да ја стават светата маченица. Слугите со голема мака го сторија тоа, но, ангел Господов, кој ја штитеше светата девица, брзо го турна каменот на другата страна, та тој згмечи некои од слугите на мачителот, а светата маченица го фалеше Бога, пеејќи:

„Благословен си Господи, Боже на отците наши, Кој ги спасуваш оние што се надеваат на Тебе!“

Набљудувајќи го тоа, народот викаше:

- Вистински Бог е христијанскиот Бог, Кого Го проповеда оваа девица.

А игемонот ги праша своите:

- Што да правиме со оваа маѓепсница? Ете, таа ги победи сите мачења. Земете ја и водете ја надвор од градот. Со неа поведете ги и двете девици што ја пратат, па трите погубете ги со меч.

Војниците веднаш им ги врзаа рацете наопаку, и ги одведоа надвор од градот. Кога тие на губилиштето сакаа да им ги отсечат главите, здогледаа ангел и се преплашија, па стоеја и трепереа како да се надвор од себе. А света Архелаја ја заврши својата молитва и им рече на војниците:

- Извршете го нареденото!

Војниците ѝ одговорија:

- Не смееме госпоѓо, зашто страв нѐ обзеде.

Тогаш трите свети девици заедно рекоа:

- Ако не го извршите нареденото, нема да имате удел со нас.

Војниците им ги отсекоа главите. Тоа се случи во 293-та година.

Така трите свети преподобни маченици Архелаја, Текла и Сузана, како чисти девици го завршија својот подвиг, влегоа во небесните дворови, и со ангелите застанаа пред Отецот и Синот и Светиот Дух, Едниот во Троица Бога, Кому слава за навек. Амин.

ЖИТИЕТО НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ АТАЛ

Одрекувајќи се од светот и сѐ световно, преподобниот Атал стана монах и се оддаде на постот, бдението и секое самоизмачување, зашто после два, три, па често и после пет дена јадеше само еднаш. Тој никогаш не легна да спие, туку седејќи или стоејќи кратко му се предаваше на сонот, колку да ја утеши немоќта на природата. Заради таквите подвизи доби од Господа голема благодат, и беше обдарен со огромната сила на чудотворството. Се истакнуваше со неизмерна сомилост, не само спрема луѓето, туку и спрема бессловесните животни.

Во таквите подвизи и чудеса блажениот Атал го помина својот живот. Пред да Му се претстави на Господа, тој на присутните им даде последен целив во Христа, и така ја предаде својата душа во рацете Божји.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ГЕЛАСИЈ

Кога идолопоклониците кренаа гонење против христијаните, блажениот Геласиј, понесен од Божествена ревност, го раздаде целиот свој имот на сиромашните, се облече во бела облека, и отиде кај мачениците Христови. Гледајќи како ги ставаат на разни маки ради Христа, тој ги целиваше нивните рани, бараше да се молат на Бога за него, и ги соколеше да бидат храбри во маките. Затоа идолопоклониците го фатија и го изведоа пред игемонот. Испрашуван од него, маченикот исповедаше дека Христос е вистинскиот Бог, и изјави дека идолите се глуви и бесчувствени. Игемонот најпрвин со презир го оддалечи како бедник и ништовник. Потоа го подложи на маки, и најпосле нареди да му ја отсечат главата. Така блажениот Геласиј го прими од Господа несвенливиот венец на мачеништвото.

СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЦА ЗИНАИДА

Чудотвореше за време на животот. Маченички пострада за Христа.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ФИЛИМОН

Беше распнат на крст за Господа. Се спомнува со светите маченици Архип и Онисим (за нив видете Под 6 Јули).

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ФОТ

Полн со светлината на доблестите се упокои во мир.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ПАЈСИЈ, игуменот Покровски

Во својата единаесетта година отиде во манастирот кај својот вујко, светиот Макариј Кољазински. Тој го замонаши и Пајсиј под неговото раководство водеше монашки живот во подвизи и послушание. Во 1464-та година преподобниот Пајсиј во близина на Углич го основа општожителниот Покровски манастир и беше избран за негов игумен. Во 1469-та година го основа и манастирот Никољски Грјехозаручни. Подвизувајќи се во Покровскиот Манастир, преподобниот Пајсиј достигна длабока старост и се претстави во 1504-та година. Неговите свети мошти се прославија со чудеса и почиваат во Покровската обител.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ЈОНА КЛИМЕЦКИ

Беше новгородски трговец. Еднаш се најде во голема опасност од бура на Оњежското Езеро. За да се избави од опасноста, тој пламено започна да Му се моли на Бога и даде ветување дека, ако се спаси, целиот свој живот ќе го посвети на покајание и служење на Бога. Исфрлен од бурата на Климецкиот Остров, тој се замонаши и на местото на своето спасение основа општожителен манастир во име на Света Троица, но од смиреност не сакаше да биде игумен. Минувајќи го остатокот од животот во строги подвизи, пост и молитви, тој се упокои во 1534-та година. Неговите свети мошти почиваат во неговиот манастир.