20. Јуни   (7. Јуни)

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ТЕОДОТ АНКИРСКИ

Овој Христов маченик беше потаен христијанин и живееше во Анкира (денешна Анкара), за време на царувањето на Диоклецијан. Како таков тој тајно помагаше во црквата и чесно ги погребуваше телата на светите маченици христијани, фрлени за храна ѕверовите. Кога управителот дознал дека Теодот ги погребал и телата на седумте девојки кои пострадале за Христа удавени од него во езерото, тој го фати и после жестоките мачења го погуби. Животот и страдањата на свети Теодот опширно се опишани заедно со страдањата на светите седум девојки маченички (18 мај). Седми јуни, пак, е денот во кој свети Теодот беше обезглавен за Христа.

Овој светител во книгата на житијата на светиите се нарекува различно: крчмар, трговец, сопственик на страноприемница, кој како да бил епископ Анкирски. Така и во месецоловите на тој дени во минеите е наречен свештеномаченик Теодот, епископ Анкирски.

СПОМЕН НА ПЕТТЕ СВЕТИ МАЧЕНИЦИ ДЕВИЦИ: МАРТА, МАРИЈА, КИРИЈА, ВАЛЕРИЈА и МАРКИЈА

Овие свети девици беа од Кесарија Палестинска. Запознати со христијанската вера од еден христијанин, тие пристапија во верата Христова и го примија светото Крштение. Оттогаш живееја во една куќа, минувајќи го животот во безмолвие, пост, молитви и бдеење. Се молеа на Бога потполно да ја уништи заблудата на идолопоклонството и да ја распростре светлината на христијанската вера по целата вселена.

Иако блажените девици живееја сокриено, сепак некој ги поткажа на градоначалникот на Кесарија, и тие беа изведени пред него. Бидејќи не сакаа да им принесат жртви на идолите, ги ставија на страшно ужасни маки, и во таквите маки се упокоија и ги примија венците на мачеништвото.

СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК МАРКЕЛ, папата Римски и останатите со него

Свети Маркел беше родум Римјанин. Татко му се викаше Бенедикт. По светиот маченик Маркелин, тој стапи на престолот на Римската Црква и остана пет години и шест месеци, во времето на незнабожните римски цареви Диоклецијан, Максимијан Херкул, Максимијан Галериј и Максенциј. Во тоа време во Рим царот Максенциј Херкул, кого царот Диоклецијан го одреди за свој соцар, враќајќи се од Африка и сакајќи да му угоди на царот Диоклецијан, кој се задржа на Истокот, започна во негова чест да гради камена бања во Рим, такананаречена Терма. Пронаоѓајќи во римските полкови мноштво војници христијани, Максимијан ги лиши од војничкиот чин и ги осуди на тешка работа, на каква што некогаш фараонот ги беше осудил Израилците во Египет. Всушност, едни правеа тули, други вар, трети копаа земја и носеа камења за градбата на бањата. А го правеше тоа за да ги заплаши христијаните, зашто знаеше дека многу Римјани, не само од простиот народ, туку и од средината на благородниците ја држеа христијанската вера, иако не отворено.

Во тоа време во Рим живееше еден богат и честит христијанин на име Трасон. Кога виде дека христијаните ги мачат со тешката работа и тие малаксуваат од глад, тој започна тајно да им служи со својот имот. За тоа си одбра четворица богобојазливи луѓе: Сисиниј, Киријак, Смарагд и Ларгиј, и преку нив ги снабдуваше христијаните со храна, облека и останатите потреби.

Кога дозна за тоа, блажениот папа Маркел многу се израдува за таквата милостиња на светите, па ги повика кај себе и многу му благодареше на Трасон, а Сисиниј и Киријак ги постави за ѓакони на римската црква.

Една ноќ, кога овие двајца ѓакони на своите плеќи им ја носеа на светите маченици испратената храна од Трасон, ги фатија безбожните идолопоконици и ги приведоа кај трибунот Ексупериј. Тој нареди веднаш да ги фрлат во народната темница, а во третиот ден за нив го извести царот Максимијан. Царот ги осуди на истата работа заедно со христијани, и ги приклучи кон оние што носеа песок за ѕидање на каменото здание. Меѓу тие христијани имаше и еден човек на име Сатурнин, кој поради староста не беше во состојба да го носи одредениот тежок терет. Блажените Сисиниј и Киријак започнаа да му помагаат и постојано Го славеа Бога. Стражарите го известија трибунот за тоа, а тој пак царот.

Царот нареди да го доведат Сисиниј, и го праша:

- Како се викаш?

Светителот одговори:

- Јас, грешниот, се викам Сисиниј. Слуга сум на слугата на нашиот Господ.

Максимијан праша:

- Какви се тие песни што ги пеете?

Ѓаконот одговори:

- Кога би го сфатил значењето на песните што ги пееме, тогаш ти би Го познал и твојот Создател.

На тоа царот му рече:

- Акој е наш создател, ако не непобедливиот Херкул?

Светиот ѓакон одговори:

- Нам ни е одвратно не само да го изговориме неговото име, туку и да слушаме за него.

Царот рече:

- Или принеси му жртва на богот Херкул, или ќе те спалам.

Свети Сисиниј одговори:

- Јас одамна сакам да бидам удостоен да пострадам за мојот Бог Христос, за да го добијам саканиот венец на мачеништвото. Царот се разлути и го предаде Сисиниј на епархот Лаодикиј да го мачи. Тој го затвори во Мамертинската темница, во која маченикот остана седумнаесет дена. Потоа епархот нареди затвореникот Христов да го доведат пред него на иследување. И светиот ѓакон беше изведен пред старешината на темницата Апронијан. Кога погледна во него виде дека лицето му е осветлено со чудесна светлина, па уште го слушна и гласот кој му говореше: „Дојдете, благословени од Мојот Отец; наследете го царството, приготвено за вас од постанокот на светот“ (Матеј 25, 34). Преплашен и ужаснат, Апронијан падна пред нозете на свети Сисиниј, говорејќи:

- Те заколнувам во Христос, Кого Го исповедаш, крсти ме веднаш, за да бидам заедничар со твојот венец.

И веднаш беше донесено вода. Свети Сисиниј го огласи, ја благослови водата, му рече да влезе во неа, па го праша:

- Веруваш ли во Семоќниот Бог Отец, во Единородниот Син Негов и во Светиот Дух?

Тој одговори:

- Верувам.

На тоа свети Сисиниј одговори:

- Нека те просвети Отецот и Синот и Светиот Дух.

И потоа го изведе од водата.

Потоа свети Сисиниј го одведе новокрстениот Апронијан кај светиот папа Маркел, и папата го помаза новопросветениот со свето миро. Откако отслужи Света Литургија тој ги причести обајцата и сите присутни.

Истиот ден напладне епархот Лаодикиј нареди да го доведат кај него ѓаконот Сисиниј. Со Сисиниј дојде и старешината на темницата, блажениот Апронијан, новопросветениот слуга Христов, кој силно викна кон Лаодикиј:

- Зошто ве крева ѓаволот толку зла да им чините на невините?

Зачуден, епархот му рече:

- Како што гледам и ти си станал христијанин.

Блажениот Апронијан одговори:

Тешко мене бедниот што си го упропастив животот во незнабоштвото, без да го познаам вистинскиот Бог.

На тоа епархот викна:

- Навистина сега ќе го упропастиш својот живот.

И нареди да му ја отсечат главата, велејќи:

- Ако овој не загине, тогаш многу други ќе загинат.

 Војниците го изведоа светиот Апронијан надвор од градот, и на Соларискиот пат му ја отсекоа главата. Така тој се здоби со маченичкиот венец.

Светиот ѓакон Сисиниј и со него споменатиот старец Сатурнин епархот ги фрли во темницата откако им рече:

- Ако не им принесете жртви на боговите, ќе ве усмртам со најразлични маки.

Додека овие светители седеа во темницата, кај нив доаѓаа многу незнабошци и се крштеваа без никаков страв. Но, по четириесет дена, откако дозна, епархот Лаодикиј нареди да се подготви судиште во храмот на богињата Телура. Кога ги доведоа пред него затворениците Христови боси во железни окови, тој ги праша:

- Значи не ја оставивте суетната христијанска измама? Зарем и сега нема да им се поклоните на боговите на кои им се поклонуваат царевите?

Светиот ѓакон Сисиниј одговори:

Ние грешните Му се поклонуваме на нашиот Господ Исус Христос, Синот Божји, и никогаш нема да ги приклониме главите пред ѓаволот и бездушниот камен.

Тогаш Лаодикиј нареди да донесат железни троношци со јаглен и темјан и започна да ги присилува светите да им прислужат на идолите. А светиот старец Сатурнин рече:

- Господ нека ги сотре незнабожечките идоли!

Во тој миг железните троношци се растопија и се разлија како вода.

Двајцата војници Папиј и Мавр, штом го видоа тоа, силно викнаа:

- Навистина е вистински Бог Господ Исус Христос, Кого Сисиниј и Сатурнин Го почитуваат!

Бесен од гнев, епархот Лаодикиј нареди да ги обесат на дрво и жестоко да ги тепаат со жили и мотки. Мачени така, тие извикуваа:

- Ти благодариме Господи Исусе Христе, што се удостоивме да бидеме другари на Твоите слуги кои пострадаа за Тебе.

Тогаш војниците Папиј и Мавр повторно повикаа:

- Зошто немилосрдно ги мачите невините луѓе?

Лаодикиј се разбесни на нив и нареди со камења да ги тепаат по устите, па ги фрли во темница. Во исто време нареди на мачениците кои висеа на дрвото со свеќи да им ги горат слабините. И во истиот ден им изрече смртна пресуда, па ги симнаа, ги изведоа надвор од градот, и им ги отсекоа главите.

Гореспоменатиот благочестив маж Трасон заедно со презвитерот Јован ги зеде телата на светите маченици и ги погреба на својот имот крај Саларискиот пат.

А заклучените војници Папиј и Мавр, желни за Свето Крштение, се помолија на Господа Христа и излегоа од темницата низ отворена врата, при што никој не ги задржа. Тие дојдоа кај светиот папа Маркел и тој ги крсти. Потоа повторно се вратија, се пријавија кај војниците кои ги бараа, и ги одведоа кај епархот на суд. Кога ги виде, тој им рече:

- Сега дознав дека сте христијани.

Свети Папиј одговори:

- Да, ние навистина сме христијани.

На тоа епархот им рече:

- Веднаш поклонете им се на боговите, на кои и царевите им се поклонуваат.

Свети Мавр му одговори:

- Нека им се поклонат оние што ги изгубиле своите души, ако сакаат да загинат за навек.

Лаодикиј рече:

- Ако веднаш не ме послушате ќе ги изгубите вашите души. Послушајте ме ако сакате да останете живи.

Свети Папиј одговори:

- Принеси им ти, ако сакаш вечно да се мачиш.

Тогаш епархот нареди да ги положат на земјата и немилосрдно да ги тепаат.

Бездушно тепани, тие говореа:

- Господи Исусе Христе помогни им на слугите Твои!

Потоа мачителот нареди да ги тепаат со оловни стапови. По долгото тепање тие ги предадоа своите души во рацете Божји. А презвитерот Јован, по наредба на светиот папа Маркел, ноќе ги зеде нивните тела и чесно ги погреба крај гробот на светите маченици Сисиниј и Сатурнин.

Во тоа време во Рим се врати царот Диоклецијан. Епархот Лаодикиј им поднесе на Диоклецијан и Максимилијан детален извештај за светите маченици, на што тие многу се израдуваа и ја пофалија неговата ревност.

Меѓутоа гореспоменатиот ѓакон свети Киријак со Смарагд и Ларгиј и останатите многубројни затвореници Христови сѐ уште беа во темницата на тешка работа. Дење работеа а ноќе ги затвораа. Блажениот Киријак имаше од Бога благодат да исцелува болести. И многу народ доаѓаше носејќи ги своите болни, кои тој со молитвата ги исцелуваше. И така, слепи добиваа вид, раслабени оздравуваа, ѓаволи се истеруваа и најразлични болести се лекуваа.

Царот Диоклецијан имаше ќерка која се викаше Артемија. Со допуштање Божјо таа полуде и ја мачеше нечист дух. Диоклецијан беше многу тажен поради тоа, а бесот низ нејзината уста викаше:

- Никој нема да ме истера одовде, освен ѓаконот Киријак.

Диоклецијан веднаш нареди да го пронајдат. Веднаш го приведоа заедно со Смарагд и Ларгиј, и царот започна да го моли да влезе во одајата на неговата ќерка и да ја исцели. Свети Киријак влезе и му се обрати на нечистиот дух:

- Во името на нашиот Господ Исус Христос, ти наредувам да излезеш од оваа девојка!

А бесот низ нејзината уста одговори:

- Ако сакаш да излезам, тогаш дај ми друго живеалиште во кое би можел да влезам.

Свети Киријак му одговори:

- Еве ти го моето тело, ако можеш влези во него.

На тоа бесот возврати:

- Не можам да влезам во твоето тело, зашто е затворено и печатено.

Тогаш свети Киријак му рече:

- Во името на нашиот Господ Исус Христос излези од оваа девојка, за да биде чист сад за служење на Светиот Дух.

Тогаш нечистиот дух повика:

- О, Киријак! Ако ме избркаш одовде, јас ќе направам да бидеш испратен во Персија.

Го рече тоа и излезе.

Штом се ослободи од демонското насилство, девицата Артемија му рече на светителот:

- Те заколнувам во Богот, Кого Го исповедаш, крсти ме.

Тука стоеше и нејзината мајка, царицата Сирена. Таа многу се израдува, бидејќи беше потајна христијанка, па откако подготвија вода, утредента кришум од царот ја крстија Артемија. Од тогаш свети Киријак со неговите другари Смарагд и Ларгиј беа ослободени од царот, кој им даде и дом во Рим, ветувајќи им спокоен живот. А царицата Сирена ја поучуваше својата ќерка да го сака Христа, и верно да го исполнува неговиот закон.

По некое време Диоклецијан доби писмо од Персискиот цар, со молба да му го испрати ѓаконот Киријак, бидејќи неговата ќерка е бесомачна и демонот низ нејзината уста вика:

- Никој не може да ме истера, освен римскиот ѓакон Киријак. Царот Диоклецијан ѝ рече на својата сопруга да го повика Киријак и да го замоли да отпатува во Персија. Кога го запознаа со писмото од Персија, тој изјави:

- Во името на мојот Господ Исус Христос, ќе појдам.

Кога стигна во Персија заедно со Смарагд и Ларгиј, ѓаволот повика од устата на девојката:

- Што велиш Киријаче, не те натерав ли да поминеш толкав пат, како што ти ветив?

Светителот одговори:

- Со помош на мојот Владика Господ Исус Христос, јас дојдов да те избркам одовде. Затоа во името на Господ Исус Христос, ти наредувам излези од девојката и повеќе не враќај се во неа!

На тоа бесот рече:

- Ти си уморен од патот, па треба првин да се одмориш.

Светителот одговори:

- Со Божја помош, јас не чувствувам умор.

Бесот продолжи:

- Сепак јас го сторив тоа што го сакав. Те натерав да дојдеш во Персија, и ете, дојде.

Светителот одговори:

- Не можеш, ти, слабаку и беднику, да го сториш тоа што го сакаш, ако не ти допушти нашиот Создател.

Тогаш бесот започна да ја мачи девојката. А светиот ѓакон падна ничкум на земјата, и со солзи се молеше на Бога. А бесот викаше кон него:

- Ако ме бркаш одовде, тогаш дај ми живеалиште во кое би влегол.

Светителот одговори:

- Нигде нема место за тебе во созданието Божјо, о лишени! Тебе отсекаде те брка непобедливата и семоќна сила на мојот Господ Исус Христос.

И ѓаволот веднаш излезе од девојчето, викајќи:

- О колку е страшно Името што ме брка!

Од тој миг девојчето, кое се викаше Јовија, стана здраво. Тоа поверува во Христа и го прими светото крштение. Во Христа поверуваа и се крстија мнозина од царскиот дом, околу четиристотини на број. Персискиот цар му нудеше многу подароци на светиот Киријак, но тој не зеде ништо, задоволувајќи се само со леб и вода. По четириесет и пет дена тој се врати кај римскиот цар, на што многу се радуваа царицата Сирена и нејзината ќерка Артемија.

Кратко време потоа Диоклецијан отпатува на Исток, а Максимијан Херкул во Медиолан. Но, Максимијан Галериј кого Диоклецијан најпрвин го беше посинил, па потоа му ја беше дал за жена својата најстара ќерка Валерија, дојде во Рим и започна да ги прогонува и убива христијаните. Тој го фати и светиот ѓакон Киријак, гневен што ја привел Артемија во христијанската вера и го фрли во темница заедно со Смарагд и Ларгиј. Каде и да одеше, овој мачител наредуваше пред неговата кола гол да го водат Киријак, окован во железни вериги. Го правеше тоа за да ги заплаши останатите христијани. Еднаш, додека мачителот патуваше некаде, го сретна светиот папа Маркел и силно му викна:

- Зошто ги убиваш слугите Божји, кои се молат за твоето царство?

Мачителот се разлути и нареди да го тепаат свети Маркел со мотки, па го осуди да чува добиток. Тој го чуваше добитокот а чуварите внимаваа на него, за ревносно да ја извршува работата што му е одредена. А свети Киријак со неговите другари царот ги предаде на својот намесник Карпасиј, велејќи му:

- Овие маѓепсници, кои го заведуваат народот во христијанството, со мачење присили ги да им принесат жртви на боговите.

Карпасиј ги фрли светителите и христијаните во темница, па потоа во храмот Телура ги изведе да им суди, и им се обрати:

- Зошто не ја слушате царската наредба и не сакате да им принесете жртви на боговите?

Свети Киријак и останатите одговорија:

- Ние се принесуваме себе си како жртва на живиот Бог Исус Христос.

Тогаш Карпасиј му рече на Киријак:

- Иако си сед, сега јас ќе ти ја обратам староста во младост.

И нареди да му изливаат врела смола врз главата. А светителот воскликнуваше:

- Слава Ти Господи, што нѐ удостојуваш нас, слугите Твои, да влеземе низ вратата на Небесното Царство.

А четвртиот затвореник со нив, по име Крисцентијан, нареди гол да го обесат и да го тепаат со железни мотки, да го стругаат со железни нокти и да го горат. Во таквите маки, постојано благодарејќи Му на Бога, Крисцентијан го предаде својот дух. Потоа мачителот нареди неговото тело да се одвлече и да се фрли на кучињата да го разнесат. А останатите свети маченици повторно ги фрли во темницата. Но, споменатиот презвитер Јован ноќе го погреба телото на светиот маченик, заедно со порано споменатите маченици.

По четири дена мачителот го изведе пред себе Киријак и го праша:

- Зошто ја отежнуваш својата старост? Принеси им жртви на боговите, па ќе останеш жив.

Светителот му одговори:

- Јас сакам постојано да бидам мачен за мојот Бог Христос, а на вашите богови нека им принесат жртва оние кои не го познаваат вистинскиот Бог, Создателот свој.

Карпасиј се разгневи и нареди гол да го обесат и да го мачат како и свети Крисцентијан, тепајќи го со жили и мотки, стругајќи го со нокти и горејќи го со оган. Јуначки трпејќи го сето тоа, Христовиот маченик извикуваше:

- Помилуј ме мене грешниот, Господи мој Исусе Христе! Слава Тебе, Сине Божји!

Кога увиде дека со никакви маки не може да го принуди Киријак на жртвопринесување, намесникот Карпасиј нареди да престанат да го мачат и да го предадат на смрт заедно со останатите со него. А во темницата беа дваесет души од двата пола, кои заради Христа беа во окови. Сите ги изведоа надвор од градот и ги посекоа со меч. Ноќта таму дојде презвитерот Јован со некои христијани, па ги собраа телата на светите маченици и ги погребаа на истото место каде беа погребани телата на другите свети маченици.

Во исто време за Христа беше мачена и убиена од незнабожниот мачител Максимијан и блажената Артемија, ќерката на Диоклецијан, која тогаш беше во Рим. Несреќниот Максимијан не ги поштеди ниту своите роднини, бидејќи Артемија беше родена сестра на неговата жена Валерија. Нему пак, како посинет од Диоклецијан, таа му беше сестра.

По посекувањето на свети Киријак и останатите со него, намесникот Карпасиј за себе го измоли од царот Киријаковиот дом, кој што се наоѓаше крај Диоклецијановите Терми, а му беше поклонет на Киријак од Диоклецијан. Кога се всели во тој дом, Карпасиј најде во него прекрасен извор, направен од свети Киријак и осветен од папата Маркел. Во тој извор биле крштевани многу незнабошци кои се обраќале во христијанството. За потсмев на христијаните Карпасиј тој дом го претвори во јавна бања и блуднилиште, и често самиот се капеше таму. Веселејќи се со своите другари таму, тој се оддаваше на одвратни телесни гревови.

Еднаш нареди да се приреди гозба за него таму, и дојде со дванаесет свои драги пријатели, да јадат, пијат, да се капат и да блудничат. И кога нивната недолична веселба и уживање беа во ек, сите ненадејно паднаа мртви, поразени од невидливата сила Божја. Сите околни жители се преплашија од тоа и го затворија тој дом, и никој не се осмелуваше да влезе во него.

Меѓутоа нечестивиот цар Максимијан Галериј отпатува од Рим на Исток, а царскиот престол во Рим, кој требаше да му припадне на Константин, го зазеде Максенциј. Токму во тоа време римските клирици се собраа ноќе, влегоа во шталата каде свети Маркел беше одреден да чува добиток, и го изведоа оттаму својот архипастир.

Максенциј, кој насилно се докопа до римскиот престол, исто како и своите претходници, започна да ги гони христијаните. Во тоа време во Рим живееја две жени од племенит сенаторски род. Се викаа Прискила и Лукина. И двете беа девици и верни слугинки Христови. Имаа големи имоти и им помагаа на светите во сѐ. На своите имоти направија гробници за погребување на телата на светите маченици, зашто тогаш огромен број христијани биле убиени заради исповедањето на името Христово. Прискила направи гробница крај Саларискиот пат, а Лукина крај Остискиот пат во близина на градот, па тајно ги собираа телата на мачениците фрлани како храна на кучињата и чесно ги погребуваа во своите гробници. И кога клириците го изведоа свети Маркел од шталата, каде што го чуваше добитокот, тој со блажената Лукина отиде на местото каде светиот маченик Киријак беше посечен заедно со Смарагд и Ларгиј, ги извадија од земјата нивните свети мошти, ги премачкаа со мириси, ги завиткаа во чисти плаштаници, па ги однесоа во гробницата на Лукина и чесно ги положија во камени горбови.

Тогаш блажената Лукина ѝ поклони на римската црква многу свои имоти, а својата прекрасна куќа, во центарот на градот Рим, ја подари на верните да ја претворат во црква. Папата ја освети таа куќа според пропишаниот црковен чин и служеше во неа, принесувајќи Бескрвни Жртви на Бога, и вршејќи дневни и ноќни богослуженија. Така домот на Лукина стана дом Божји, и соборна црква во Рим.

За тоа дозна незнабожниот цар. Тој многу се разлути, па ја фати Лукина како да е голема грешница и ја осуди на прогонство а целиот нејзин имот го даде да се разграби. А пак папата Маркел се обидуваше да го приклони кон своето безбожие, но не успеа. Но, штом дозна дека свети Маркел од претходниот цар бил осуден да чува добиток, и тој го осуди на истото. И сакајќи да ја обесчети и црквата заедно со папата, тој прекрасниот Лукиниин дом, осветен во црква, го претвори во живеалиште за добиток. А свети Маркел го осуди цел живот да го чува добитокот во тој дом.

И така овој свјатјејши пастир и раководител на човечките души девет месеци чуваше добиток. Големиот слуга Божји како роб беше исмеван од незнабожните идолослужители. Од постојаната работа тој немаше одмор, и трпеше големо оскудевање и за храна и за облека, бидејќи стражарите не дозволуваа никој да пријде и да донесе нешто. Имаше само една груба власеница врз себе и од страдањата се разболе и ја предаде својата душа во рацете Божји. Неговото тело го зеде ноќе оној исти презвитер Јован, и го однесе во гробницата на Прискила, и таму со клириците чесно го погреба.

Така го заврши својот живот свјатјејшиот папа римски Маркел, кој претходно по патот на мачеништвото испрати кај Бога многу свои чеда, па по нив и самиот појде, за со светите ерарси да застане пред престолот на Великиот Архијереј - нашиот Господ Исус Христос, Кому слава и сега и секогаш и низ сите векови. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК МАРКЕЛИН, папата Римски

Папата Маркелин стапи на престолот по смртта на светиот папа Кај, за време на царувањето на Диоклецијан и Максимилијан, кога беснееше најлутото гонење против христијаните, и во текот на триесет дена во Рим со најразлични мачења беа погубени седумнаесет илјади христијани од двата пола.

Фатен и изведен на иследување пред Диоклецијан, папата Маркелин, исплашен од маките, прислужи темјан на идолскиот жртвеник, и во идолиштето им принесе жртва на Веста и Изида. Сакајќи да го награди за тоа, царот го облече во скапоцена облека и го нарече свој пријател.

Кога потоа се врати дома, Маркелин горко плачеше и ридаше, како некогаш свети апостол Петар кога се одрече од Христа. Тој се осудуваше себеси, се срамеше од самиот себе, зашто тој, кој многу други во верата утврди и на маченички подвиг поттикна, самиот падна. Неискажливо патеше неговото срце поради тоа.

Во тоа време во градот Синцеса во Кампанија, се одржуваше помесен црковен собор, на кој учествуваа 180 епископи и презвитери. Тогаш Маркелин поита на тој собор.

Се облече во вреќа, ја посипа главата со пепел, и со скрушено срце влезе кај Отците на соборот. Застана пред нив како осуден, и отворено го исповедаше својот грев пред сите, плачејќи и ридајќи, и барајќи да му судат. А Отците му зборуваа:

- Ти самиот се осуди себеси. Од твојата уста излезе гревот, па од неа нека излезе и осудата. Ние знаеме дека и свети Петар од страв се одрекол од Христос, но, горко оплакувајќи го својот грев, тој повторно стекна благоволение во својот Господ.

Тогаш Маркелин изрече ваков суд над себе:

- Се лишувам од свештеничкиот чин, зашто не сум достоен за него. По мојата смрт, телото да ми биде фрлено на кучињата. Ако некој се дрзне да го погребе, нека биде проклет.

Потоа се врати во Рим, ја зеде скапоцената облека што ја доби од Диоклецијан, отиде кај него, ја фрли пред него, го изобличи, ги изнавреди неговите лажни богови и ја исповедаше верата во Христа, а себе си се нарече тежок грешник, при што горко плачеше. Царот многу се разгневи, го предаде на мачење, па потоа го осуди на смрт. И блажениот Маркелин беше поведен надвор од градот на обезглавување, заедно со тројцата христијани Клавдиј, Кирин и Антонин. По нив одеше и презвитерот Маркел, кој по него требаше да го заземе престолот. Тој го повика кај себе маченикот Христов Маркелин и го советуваше да биде цврст во верата. А за своето тело објави заветување, никој да не се дрзне да го погребе, туку да биде фрлено на кучињата. Тој изјави дека не е достоен за човечки погреб, не е достоен да го прими земјата, бидејќи се одрекол од својот Господ, Творецот на небото и земјата.

Кога стигнаа на губилиштето, свети Маркелин со надеж се помоли на Господа Христа, Кој го прима покајанието на грешните, радосно ја подаде својата глава, и умре за Христа, од Кого се одрече од стравот од мачењето. Заедно со него беа обезглавени и тројцата споменати христијани: Клавдиј, Кирин и Антонин. Нивните тела беа фрлени непогребани крај патот.

Но, по неколку дена, ноќе дојдоа верните, ги зедоа телата на Клавдиј, Кирин и Антонин, и ги погребаа. А Маркелиновото тело никој не се осмели да го допре, зашто тој го забрани тоа со проклетство. И тоа лежеше крај патот триесет и шест дена. Но, свети апостол Петар му се јави на новиот папа Маркел и го праша:

- Зошто досега не си го погребал телото на Маркелин?

Маркел одговори:

- Се плашам од неговата клетва, зашто тој сите ги заколна, никој да не се дрзне да го погребе.

На тоа апостолот рече:

- Зарем не се сеќаваш на напишаното: „Оној кој самиот се понизува, ќе биде воздигнат (Лука 18, 14). Оди, и чесно погреби го.

Тогаш папата Маркел појде, ги зеде чесните маченикови мошти и ги погреба во Прискилината гробница, што се наоѓаше крај Саларискиот пат.

Така го заврши својот живот свештеномаченикот папа Маркелин, оставајќи образец на покајание за многумина, кои во тоа време често паѓале во сличен грев, зашто тогаш и мнозина се одрекувале од Христа од страв од мачењата. Ние пак го славиме неискажаното милосрдие Божјо, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЦА ПОТАМИЕНА

Света Потамиена беше многу убава девојка која живееше во времето на царот Максимилијан. Беше робинка кај еден развратен господар. Тој често ја присилуваше на срамно дело, и, бидејќи не можеше да ја заведе, разбеснет, тој ја предаде на градоначалникот на Александрија, велејќи му:

- Оваа млада девојка е моја робинка, но не се согласува со моите предлози. Затоа ти ја предавам со ласкања или закани да ја натераш да ме послуша. Ако успееш, достојно ќе те наградам. Ако, пак, не се согласи, мачи ја како христијанка и усмрти ја со горка смрт.

Градоначалникот ја ставаше Потамиена на разни маки, но таа не се согласи. Тогаш тој одлучи да ја фрли во котел полн со врела смола. Кога смолата започна да врие, тој ѝ предложи:

- Или појди и покори му се на својот господар, или ќе те фрлам во овој котел.

Таа одговори:

- Боже сочувај ме! Не постои судија кој ќе ме присили да му се покорам на сладострастието.

Разјарениот судија нареди да ја соблечат и да ја фрлат во котелот, а таа го крена својот глас и рече:

- Те заколнувам во животот на царот, од кого се плашиш, ако веќе си решил така да ме мачиш, не наредувај да ме разголат, туку заповедај постепено да ме спуштаат во врелата смола, за да можеш да видиш какво трпение ми дарувал Христос, Кого ти не Го познаваш.

Поради заклетвата градоначалникот нареди постепено да ја спуштаат во врелата смола. Тоа траеше три часа. Жива согорувана, светителката Му се молеше на Бога, и издивна кога смолата ѝ ја покри главата. Сите присутни се восхитуваа на силата Христова и на трпението на девојката.

Светата маченица Потамиена пострада во 304-та година.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ЛУКАРИОН

Овој свет маченик беше од градот Ерма во Египет. Како христијанин беше изведен на суд пред тамошниот кнез. Присилуван да се одрече од Христос, тој не се согласи. Потоа беше фрлен во најстрашна и најмрачна темница, па по неколку дена изведен и со железа струган. Потоа го приковаа на крст, и целото тело му го претворија во рани, па го тепаа, му ги искршија коските, и со железни шипки му ги гореа градите и слабините. После тоа го фрлија во вжештена печка, во која остана три дена, но со благодатта Божја остана неповреден. Потоа му дадоа да испие најотровен напиток, но и тој не му наштети. Со тоа светиот маченик го привлече кон верата Христова оној што ги беше подготвил тие смртоносни отровни напитоци. Но на овој веднаш му беше отсечена главата, и тој доби од Господа венец на мачеништвото.

После тоа на светиот маченик Лукарион му ги пресекоа жилите, па го фрлија во вжештен казан, му ја одраа кожата од главата, па најпосле му ја отсекоа главата. Така блажениот Лукарион го прими несвенливиот венец на мачеништвото.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ЕСИЈА и СУЗАНА

Беа ученици на Тавроменискиот епископ свети Панкратиј (се спомнува на 9 февруари и 9 јули). Маченички пострада за Христа фрлен во оган.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ДАНИЛ СКИТСКИ

Беше игумен на знаменитиот Скит Мисирски. Ученик на светиот Арсениј и учител на мнозина. Многу негови зборови и поуки се како патеводителни ѕвезди за монасите. Еднаш, кога варварите го нападнаа Скитот, браќата го повикаа да бега заедно со нив, но тој им одговори:

- Ако Бог не се грижи за мене, зошто тогаш да живеам? Уште им рече:

- Доколку телото твое се гои, душата ти слабее.

Четириесет години се подвизуваше во општожитието, а потоа, во 420-та година, се повлече во пустината. Тој се затекна во Александрија кога опакиот свекор ја уби својата снаа света Томаида поради нејзиното целомудрие, (види 13 април), и со својот ученик ја погреба оваа страдалничка.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ТАРАСИЈ и ЈОВАН

Пострадаа за Господа со отсекување на главата.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ СТЕФАН ПРЕЗВИТЕРОТ

Во мир се упокои во Господа, на Кого Му служеше.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ АНТИМ ПРЕЗВИТЕРОТ

Во мир се упокои во Господа.

СПОМЕН НА НАШАТА ПРЕПОДОБНА МАЈКА СЕВАСТИЈАНА ЧУДОТВОРКА

Се упокои во мир.