21. Јуни   (8. Јуни)

ЖИТИЕТО НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ ЕФРЕМ, патријархот Антиохиски

Свети Ефрем најпрвин беше војвода на источните страни во времето на византиските цареви Анастасиј и Јустин. Потоа беше поставен за патријарх Антиохиски (526-546г.), како многу побожен човек со силна вера, со доблесен и богоугоден живот, многу милостив спрема ништите, сомилостив и сострадален кон неволните, и мил спрема сите. Неговиот избор за патријарх се случи по Божјо благоволение и откровение на еден свет епископ, кој живееше во времето кога градот Антиохија беше разрушен од земјотрес. Во тоа време во Антиохија се беа намножиле разни ереси, еретици-несторијанци, евтихијци и други, се хулеше на Божеството Христово, и се понижуваше почитувањето на Пресвета Богородица. Затоа гневот Божји падна врз градот Антиохија. Во петок, на 29 мај, напладне, започна страшен земјотрес, а со него и пожар го зафати целиот град. Од земјотресот се рушеа и паѓаа камените згради и градските бедеми, а пожарот уништуваше сѐ пред себе. Тоа беше јасен знак за големиот гнев Божји над грешните луѓе.

Антиохија стана речиси како Содом и Гомор, зашто најголемиот дел од градот пропадна и безброј луѓе загинаа.

Едни настрадаа од зградите кои се рушеа и паѓаа, други изгореа од пожарот, па и самиот патријарх антиохиски Ефрасиј загина од столб што падна врз него.

Преостанатите антиохиски жители горко плачеа и ридаа, а пак жителите од околните градови ги обзеде страв и ужас. Овој гнев Божји го набљудуваа со своите проѕорливи очи некои од светите Отци, кои се наоѓаа на огромна оддалеченост од градот (како на пример преподобниот Теодосиј Велики кој се наоѓал во Палестина, и преподобниот Зосим кој бил во Кесарија Палестинска). Тие ридаа молејќи се на Бога сосем да не го уништи градот, на кој со право се разгневи.

По овој страшен земјотрес и силниот пожар, царот Јустин го испрати во Антиохија источниот војвода, блажениот Ефрем, да го обнови градот. Оваа работа Ефрем ја извршуваше со голема ревност. Меѓу работниците таму се наоѓаше и еден на никого непознат епископ, кој го беше оставил својот чин, и, облечен како сиромав, работеше како наемник на една градба.

Еден ден војводата Ефрем имаше вакво откровение за него: Изморен од тешката работа, тој епископ заедно со останатите работници беше прилегнал да се одмори и спиеше.

А блажениот Ефрем виде огромен столб кој се издигаше од тој човек и досегнуваше дури до небото. Го виде тоа повеќе пати и го обзеде ужас, зашто ваквото чудо навистина беше страшно и ужасно. Меѓутоа, тој не знаеше дека човекот е епископ, бидејќи имаше изглед на прост и сиромав. Главата му беше полна со прав, облеката искината и стара, сета каллива, телото многу слабо, исушено од големото воздржание и безмерната работа. Ефрем го повика овој работник и насамо го испрашуваше кој е, а тој му одговори:

- Јас сум еден од бедните жители на овој град. Работам како наемник за да се прехранам, и Бог ме храни.

Тогаш Ефрем, поттикнат од Бога, му рече:

- Верувај ми, нема да те оставам додека не ми ја кажеш вистината за себе.

Притиснат, епископот му рече:

- Вети ми пред Бога дека никому нема да кажеш за мене додека сум жив.

Ефрем му вети и работникот започна да раскажува за себе:

- Бев епископ, но заради Бога го оставив епископството и дојдов овде, меѓу непознати луѓе, и со својот труд го заработувам овој малку леб, но своето име и градот во кој бев епископ, ќе ги премолчам. А ти, кон милоста што ја чиниш додај ја и својата добрина, зашто овие денови Господ ќе те издигне на апостолскиот престол на оваа Антиохиска Црква, да ги водиш луѓето кои со својата крв ги стекна Христос, нашиот вистински Бог. Како што ти реков, прави што повеќе милостиња, јуначки бори се против еретиците, и биди цврст за Православната Вера. Со таквите подвизи многу ќе Му угодиш на Бога.

Откако го рече тоа, овој непознат епископ се оддалечи од Ефрем. Блажениот се восхити и си рече на себе:

- Колку потајни Свои слуги има Бог, кои единствено Он ги знае.

А оној епископ замина некаде за да не го распознаат луѓето, зашто ја одбегнуваше суетната човечка слава.

Неговото, пак, пророштво, наскоро се исполни. Во тие дни, по промисла Божја, блажениот Ефрем беше поставен за патријарх на големиот град Антиохија. Колкава беше неговата ревност за верата, а особено за светињата, се гледа од следното:

Еден ден тој дозна дека еден столпник, кој живеел во околината на Ерапол, општи со зловерните Севиријани.

Тогаш големиот архијереј Божји лично отиде кај него, го учеше и истовремено го молеше да се откаже од Северовото зловерие и да започне да општи со светата Соборна Апостолска Црква. На тоа столпникот му одговори:

- Јас никогаш нема да се присоединам кон вашата Црква.

Патријархот го праша:

- Како да те уверам дека со благодатта на нашиот Господ Исус Христос, Соборната Апостолска Црква е чиста од зловерните заблуди?

Сакајќи да го исплаши патријархот, столпникот рече:

- Господине патријарх, ајде и двајцата да влеземе во силен оган, па кој од нас ќе излезе неповреден, неговата вера е права, и по него ќе тргнеме сите.

Патријархот му одговори:

- Требаше да ме послушаш како татко, и да не испитуваш ништо што е над нашата моќ. Но, бидејќи сакаш да испробаш работи кои ја надминуваат силата на мојата ништовност, тогаш јас, со надеж во милосрдието на Семоќниот Син Божји, верувам дека Он ќе го стори тоа за спасението на твојата душа.

Тогаш патријархот им се обрати на присутните:

- Нека е благословен Господ! Донесете дрва ваму!

Кога го запалија огнот, патријархот му рече на столпникот да се симне за да влезат во него, но тој се зачуди на неговата голема вера и цврста надеж во Бога и не сакаше.

Патријархот го праша:

- Та нели ти самиот го предложи тоа? Нели ти го избра овој начин да Го испробаш Бога? Зошто сега не сакаш да влеземе во огнот?

Патријархот го симна од себе својот омофор, застана до огнот ги крена очите кон небото и Му се помоли на Бога, говорејќи:

- Господи Исусе Христе, Боже наш, Кој си благоволил заради нашето спасение вистински да се воплотиш и родиш од Пречистата Владичица наша Богородица и Приснодева Марија, покажи ни ја сега правата вера!

Потоа го фрли својот омофор среде огнот. Огнот гореше околу три часа, и кога дрвата изгореа патријархот го зеде од огнот својот омофор ни најмалку неоштетен, при што столпникот се увери дека патријархот ја има вистинската вера. Тогаш се одрече од своето зловерие, го проколна Север, се приклучи кон Светата Соборна и Апостолска Црква, од рацете на светиот патријарх Ефрем прими света причест на Божествените Тајни и Го прослави Христа Бога.

Овој голем угодник Божји сотвори и многу други чудеса. После мудрото управување со својата паства, тој се претстави кај Бога, на Кого верно и вистински Му служеше во сите денови на својот привремен живот, и влезе во радоста на својот Господ, и Него, Кого побожно Го прославуваше на земјата, сега Го слави на небото со сите светии, амин.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ЗОСИМ ФИНИКИСКИ

Преподобниот Зосим се роди во Финикиското село Синда, во околината на градот Тир. Со воздржанието, постот, и останатите доблести кои блескаа во него, тој за себе издејствува од Бога таква благодат, што не само што беше ослободен од секое вознемирување на својата совест, туку со своите прозорливи очи ја прозираше и иднината и она што се случуваше на голема оддалеченост го гледаше како да се случува пред него. Неговиот манастир се наоѓаше близу неговото родно село Синда.

Се случи еднаш преподобниот Зосим да престојува во Кесарија Палестинска, каде во тоа време епископ беше преподобниот Јован Хозевит, кој заради својот доблесен живот без негова желба беше земен за епископ од Хозевитската обител, која се наоѓаше во близина на Ерусалим, на патот кој водел за Ерихон. Во тој град Кесарија живееше еден благороден патрициј на име Аркесилај, човек побожен и украсен со сите добродетели. Кај него престојуваше преподобниот Зосим, примен со чест и радост. И токму во времето кога градот Антиохија се рушеше од земјотрес, старецот Зосим ненадејно започна да липа, горко да рида и тешко да воздивнува. Тогаш тој толку солзи проли што земјата ја накваси со нив. Потоа побара кадилница и ги прекади сите присутни, па крстолико се простре на земјата и започна со молитви и молби да Го смилостивува Бога. Аркесилај го праша зошто така се вознемири, а тој громко му одговори:

- Татнежот од страшното рушење и паѓање на Антиохија се прекрши пред мојот слух, и ми ги заглуши ушите.

Возхитен и запрепастен, Аркесилај со присутните го запишаа часот во кој преподобниот го изрече тоа, и набрзо потоа дознаа дека е вистина. Градот Антиохија се срушил токму во времето кога старецот заплака и легна на земјата да се моли, и го објави неговото рушење.

Преподобниот Зосим направи и многу други чудеса, од кои овде ќе спомнеме само неколку:

Така, во една прилика, споменатиот Аркесалиј дојде во обителта на преподобниот во Синда. Обителта беше оддалечена од Кесарија Палестинска петстотини стадии. Во тоа време, од невнимание, сопругата на Аркесилај се убоде со игла во окото и имаше неподносливи болки. Кога слушна за тоа светиот епископ Јован Хозевит веднаш отиде кај неа и виде дека зеницата и испаднала и окото и излегло од своето место.

Тогаш му нареди на еден од лекарите што ги затекна таму со сунѓер да ѝ го врати окото на своето место и да го приврзе сунѓерот со платно. Додека се случуваше тоа го известија и Аркесилај, кој во тоа време разговараше со преподобниот Зосим, и започна да плаче. А преподобниот Зосим, штом ја дозна причината, се затвори во својата внатрешна ќелија на молитва, и набрзо излезе и радосно рече:

„Оди си со радост, зашто благодатта дадена на Хозевит од Бога, ја исцели твојата жена. Сега таа е сосем здрава, зашто така сакаше Хозевит“.

Овие две чудеса беа извршени од овие двајца праведници во исто време. Светиот епископ Јован го исцели окото на жената, а преподобниот Зосим со своите прозорливи очи оддалеку го виде тоа исцеление и го извести нејзиниот сопруг.

Еднаш, во една прилика, Зосим се упати кон Кесарија со магаре, на кое беше натоварил некои свои работи. Но, попат го сретна еден лав, го зграпчи магарето и побегна со него во пустината. Свети Зосим тргна по неговата трага. А кога лавот се засити, старецот му пријде и со насмевка му рече:

- Знаеш што, пријателе! Мене патот ми е многу тежок. Јас сум изнемоштен од староста, и не сум во состојба да го носам товарот што го носеше моето магаре. Затоа сега ти ќе го понесеш овој товар, ако сакаш да се спасиш од мене, а потоа повторно ќе му се вратиш на својот свиреп и ѕверски карактер.

Тогаш лавот започна да се умилкува околу светиот старец, кроток како јагне, а тој го натовари. Кога стигнаа до градските капии го растовари и ослободи.

Со тоа од една страна се покажа семоќната сила Господова, која свирепите ѕверови ги прави послушни слуги Негови, а од друга, очигледно се виде дека на доблесниот човек, кој во сѐ се покорува на заповедите Господови и вистински Му служи на својот Бог Творец, му се покорува и му служи сѐ останато, па дури и неразумните створенија. Впрочем, овој случај потполно ни ја докажува светоста на отец Зосим Финикиски. За сето тоа нека е слава на нашиот Бог и сега и секогаш и низ сите векови. Амин.

Свети Зосим мирно се упокои во шестиот век.

ПРЕНОС НА МОШТИТЕ НА СВЕТИОТ ВЕЛИКОМАЧЕНИК ТЕОДОР СТРАТИЛАТ

Овој светител се празнува на 8 јануари и таму е опишано неговото житие. На 8 јуни, пак, се празнува преносот на неговите мошти од Ираклија во Евхаита. Таков завет при своето страдање свети Теодор му беше дал на својот слуга Уар, велејќи:

„Моето тело положи го во Евхаита на имотот на моите предци“. Свети Анастасиј Синајски го има запишано следново чудо од иконата на Свети Теодор:

Во местото Карсата близу Дамаск имало една црква во име на свети Теодор Стратилат. Кога сарацените го покориле Дамаск, една група од нив со жените и децата се сместиле во таа црква. На ѕидот имало фресколик на свети Теодор. Еден Сарацен фрлил стрела во ликот на светителот и од него одеднаш потекла крв. Наскоро потоа целата таа група сарацени изумрела тука во црквата. Свети Анастасиј вели дека тој лично бил во таа црква и го видел ликот на светителот и трагите од крвта.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ НИКАНДАР И МАРКИЈАН

Како христијани, овие свети маченици беа измачувани од игемонот Максим, па фрлени во темница. По дваесет дена ги изведоа од темницата и повторно ги присилуваа да се одречат од Христос. Тие тоа го одбија. Затоа ги стругаа со железни нокти, ги бесеа на дрва, ги гореа со вжештено железо, ги положуваа на вжештен јаглен, ги тепаа со мотки, па врз раните им истураа оцет, раните им ги струга со остри четки и со камења им ги искршија вилиците. А сопругата на свети Никандар, која го гледаше сето тоа, го бодреше својот сопруг да издржи во маките. Сопругата, пак, на свети Маркијан, го правеше сосем спротивното. Таа плачеше, покажувајќи го на сопругот нивното детенце, та нему му се потресе душата. Тој го зеде детето, ги крена очите кон небото и рече:

„Господи, ако сакаш, грижи се за ова дете!ˮ

Го бакна детето и го продолжи својот маченички пат. После тоа на светите им ги отсекоа јазиците и најпосле ги обезглавија.

СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЦА КАЛИОПА

Светата маченица Калиопа пострада во 250-та година во времето на царот Декиј. Блескаше светата маченица со красотата на душата и убавината на телото. Измачувана и присилувана да се одрече од Христовата вера, таа јуначки се држеше. Затоа немилосрдно ја мачеа, па ѝ ги отсекоа градите. Но, Ангел Господов дојде кај неа и ја исцели. Потоа ја положија врз вжештени тули и ја печеа на оган, па нејзиното изнарането и изгорено тело го премачкуваа со сол и го трлаа со остри четки. Најпосле со меч ѝ ја отсекоа главата. Така блажената победоносница се искачи на небото.

СПОМЕН НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ ТЕОДОР епископот Ростовски

Светиот отец Теодор беше прв епископ Ростовски, и поставен за епископ во 991 година. Во тоа време Ростовскиот крај сѐ уште беше населен со незнабошци, и свети Теодор требаше многу да се потруди за нивното просветување во верата Христова. Груби и диви, тие многу маки му задаваа на светителот, многу навреди му нанесуваа, па дури еднаш и го протераа. Тогаш Свети Теодор се насели во Суздалската област, каде што многумина просвети во вистинската вера и после многуте апостолски трудови се претстави во 1023-та година во Суздал. Неговите свети мошти почиваат во Суздалската Богородична Соборна Црква.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК НИКАНДАР

За својата вера во Христа пострада посечен со меч.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК МАРКО

Пострада за Господа посечен со меч.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ НАВКРАТИЈ

Беше ученик на свети Теодор Студит. Претрпе прогонство и заточение за почитувањето на светите Икони. Кога се врати од заточението, на молба на патријархот Методиј и царицата Теодора, го прими игуменството во Студитскиот манастир. Собра мноштво монаси, и со својот неуморен труд го украси манастирот како градина полна со раскошни ружи на доблестите и миризлив дух. Се упокои на 16 април во 848 година.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК ТЕОФАН

Прелаган, во младоста го прими исламот. Но, набргу се покаја и го прими монаштвото. Сакајќи со својата крв да го испере гревот на своето одрекување од Христа, тој започна да се подготвува за мачеништво, и затоа се оддаде на големи подвизи. Подготвувајќи се така, тој отиде во Цариград и јавно објави дека е христијанин. Турците го фатија и жестоко го измачија. Му ги одраа кожата и месото во вид на крст, му ги отсекоа носот и ушите, па го обесија на ченгеле. Потоа го вклештија во железа, и така тој маченички се упокои за Христа, на 8 јуни во 1559-та година во Цариград.

СПОМЕН НА НАШАТА ПРЕПОДОБНА МАЈКА МЕЛАНИЈА

Се претстави во мир.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ АРТР

Ученик на преподобниот Ор Нитриски. Се подвизуваше во Египет. Беше пример за строга послушност. Се упокои во мир во петтиот век.

СОБОР НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА И АРХАНГЕЛ МИХАИЛ ВО СОСТЕНИЈА