22. Јуни (9. Јуни)
ЖИТИЕТО НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ КИРИЛ, архиепископот Александриски
Големиот црковен учител свети Кирил Александриски беше родум од Александрија и потекнуваше од правоверни и благородни родители. Беше внук на александрискиот патријарх Теофил. Се здоби со прекрасно воспитување непрекинато стекнувајќи мудрост и живеејќи во страв Божји. До совршенство ги изучи грчката и римската мудрост, а со нив и духовната мудрост, непрестано изучувајќи го Божественото Писмо. Неговиот вујко, патријархот Теофил, гледајќи ги во него огромните способности и целомудрениот живот, го постави за архиѓакон. И беше младиот Кирил како мирислив крин посаден во црковната градина, цветајќи со непорочната чистота и намирисувајќи ја Црквата Христова со богомудрите учења. Тој беше ученик и на преподобниот Исидор Пелусиот.
По смртта на Теофил блажениот Кирил едногласно беше избран за патријарх. Штом стана патријарх, тој веднаш ги истера од градот еретиците новацијани, кои беа слични на фарисеите, зашто се градеа како праведни пред луѓето, и за себе тврдеа дека се чисти и далеку од секој грев. Тие носеа бела облека, како знак на својот божем непорочен живот, и учеа дека човекот, кој по крштението паднал во смртен грев, не треба повторно да се прима назад во Црквата. Нема, тврдеа тие, простување за смртниот грев на таквиот човек, освен тој повторно да се крсти.
Оваа ерес води потекло од Новацијан, кој за време на царувањето на Декиј беше презвитер во Рим и сакаше да стане папа по смртта на свештеномаченикот папа Фабијан, кој беше убиен за Христа. Но не му успеа, бидејќи блажениот Корнилиј беше избран за папа. Завидувајќи му на Корнилиј, Новацијан му се лутеше и му беше противник во сѐ. Во тоа време траеше големото гонење против христијаните, и многумина од нив, исплашени од свирепите мачења, им принесуваа жртви на идолите, а потоа, доаѓајќи со покајание, ги исповедаа своите гревови со солзи. Светиот папа Корнилиј ги примаше повторно во Светата Црква, како што и Христос го прими Петар, кој горко плачеше. Меѓутоа, презвитерот Новацијан му се противеше на папата, тврдејќи дека во Црквата Христова не треба да бидат оние што од Христа се одрекле и на демоните жртва им принеле. Притоа тој хулеше на светиот папа, нарекувајќи го заедничар со идолопоклониците. Потоа престана да општи со него, си најде свои истомисленици и се стори втор папа во Рим.
Така се роди новацијанската ерес.
Од тогаш таа ерес започна да се шири насекаде, па дојде и во Александрија, и продолжи да постои се до времето на светиот Кирил. Тука новацијаните повторно ги крштеваа оние кои им пристапуваа, не дозволуваа втор брак, и други неразумни измислици. Овие еретици заедно со нивниот епископ Теоптемпт, свети Кирил ги протера од Александрија уште во самиот почеток на своето патријархување.
Потоа тој се вооружи против нечистите духови, зашто недалеку од Александрија имаше една населба викана Коноп, а близу неа друго место, викано Манутин. Таму се наоѓаше стародревното идолиште и живеалиште на идолите. Тоа место беше страшно, па и патријархот Теофил порано сакал да го исчисти од демоните и да го освети за славословење на Бога. Но, зафатен со други работи, тој не успеа да ја оствари својата намера. Свети Кирил пак, реши да го стори тоа и усрдно Му се молеше на Бога да му помогне. И му се јави во видение ангел Господов, со наредба во Манутин да ги пренесе чесните мошти на светите маченици Кир и Јован, за да ја избркаат демонската сила од таму. Свети Кирил веднаш ги пренесе светите мошти во Манутин и изгради црква таму во нивно име. Нечистите духови веднаш побегнаа, и тоа место стана извор на исцеленија од маченичките мошти.
Тој многу се трудеше и самиот град целосно да го исчисти од видливите демони, какви што беа евреите, кои уште одамна ги имаше многу во Александрија. Уште од времето на Александар Велики и од основањето на Александрија, таму се беа доселиле евреи и со текот на времето се намножиле во огромно племе. Тие тајно и јавно им вршеа најразлични пакости и непријатности на христијаните. Лоши и штетни за градот беа гореспоменатите еретици новацијани, но неспоредливо полоши и поштетни беа овие непријатели - евреи, зашто тие не само што предизвикуваа кавги и смутови во градот, туку приредуваа и многубројни убиства и крвопролевања. Светителот Божји ги повика старешините на еврејската синагога, и ги советуваше да го смират својот народ, но тие не само што не го послушаа, туку се вовлекоа во уште поголемо злосторство.
Во градот имаше голема и прекрасна црква, викана Александрова, бидејќи ја беше подигнал епископот Александар. Еден ден евреите се договорија и се вооружија како да одат во војна. Кога падна ноќта, тие се растрчаа по градските улици, викајќи на цел глас:
- Александровата црква гори!
Христијаните веднаш започнаа да трчаат од своите домови, за да го спречат пожарот во својата црква. И штом ќе излезеа од дома, бездушните евреи веднаш ги убиваа со мечеви, копја, ножеви или нешто друго. Таа ноќ убија многу христијани.
Кога осамна, за тој масакар дозна пресветиот патријарх Кирил и го обзеде голема тага. Тој бараше да бидат изведени на суд водачите на овој масакар, но градоначалникот Орест, иако христијанин по вера, им помагаше на евреите штитејќи ги убијците, зашто беше непријателски расположен спрема светиот патријарх. Тогаш патријархот со мноштво христијани се упати кон еврејското собрание, ги избрка од градот сите евреи, им ги сруши куќите и им ја запали синагогата. А градоначалникот, гневен на светителот, започна да ги злоставува неговите блиски, како и останатите угледни граѓани кои беа на негова страна. Така тој на плоштадот го соблече и беспоштедно го тепаше честитиот човек Еракс граматикот (научникот). И се створи огромна несогласица помеѓу градоначалникот и патријархот. Патријархот ги штитеше христијаните, а градоначалникот ги помагаше евреите. И двајцата се обраќаа со писма до царот Теодосиј Младиот, сѐ додека не стигна наредба од царот, со која им се забрануваше на евреите да живеат во градот.
Во тоа време по улиците на градот често избувнуваа бунтови и метежи, во кои понекогаш страдаа и невини луѓе. Во Александрија живееше една девојка на име Ипатија, ќерка на философот Теон. Таа беше побожна и доблесна, позната по животот и мудроста, и живееше во девствена чистота и непорочност. Философијата ја беше изучила од својот татко Теон уште во својата младост, и постигнала толку голем успех што ги беше надминала сите живи философи во тоа време, како што за неа тврдат епископот птолемаидски Сисиниј и Сиуда, величајќи ја со многу пофалби. Таа не сакаше да се мажи, за непречено да се занимава со философијата и книгата, а особено да го чува своето девство од љубов кон Христа. А во Александрија од сите страни се собираа љубителите на философијата, за да ја видат премудрата дева Ипатија, и да ги слушнат нејзините премудри зборови. Таа им беше учителка на многумина. Ја почитуваа сите духовни и световни власти и сиот народ. Сакајќи да ги помири патријархот и градоначалникот, таа одеше и кај двајцата и кротко и смирено ги убедуваше да се смират. Пресветиот патријарх самиот бараше прилика да се смири со градоначалникот, но тој, со лош карактер, не сакаше ни да слушне за тоа. Еднаш, кога Ипатија се враќаше однекаде ја нападнаа бунтовници, ја извлекоа од колата, и ја искинаа облеката и ја претепаа до смрт. Тие не застанаа на тоа, туку и нејзиното мртво тело го исекоа на парчиња, па го спалија на местото викано Кинарон. Жителите на градот многу тагуваа за неа.
Гласот за метежот и настаните во Александрија стигна и до монасите на Нитриската Гора. Исполнети со ревност, тие се собраа околу петстотини на број, и дојдоа во градот за да го заштитат патријархот. Се случи да го сретнат градоначалникот кој патуваше со кола, и започнаа да викаат по него и да го навредуваат. Еден од нив фрли камен по него и го удри по главата. Во метежот што се створи, монасите си заминаа, но слугите фатија еден од нив по име Амониј. Градоначалникот, мислејќи дека патријархот ги наговорил монасите против него, многу се разгневи и жестоко го измачуваше Амониј на плоштадот и тој умре. Кога дозна за тоа патријархот многу се натажи и чесно го погреба неговото тело.
Протераните пак, евреи, си изградија за себе театар и игралиште, па за да му се потсмеат на Господ Христос и да ги навредат христијаните направија долг крст, фатија едно христијанче и голо го распнаа на крстот. Но не го приковаа со клинци, туку го приврзаа со јаже, па долго го исмејуваа и го плукаа. Потоа толку го тепаа што детето умре на крстот, и стана маченик Христов и подражавач на Христовите страдања.
Кога дозна за ова ново злосторство на евреите, свети Кирил писмено го извести царот. Иако не брзо, сепак од царот пристигна праведна наредба. Според неа, ороводците на ова еврејско злосторство беа казнети, а епархот отстранет од должноста. А светителот, откако ги отстрани смутовите, злобата и непријателствата човечки, мирно го пасеше довереното словесно стадо на Христовите овци.
Но, по стивнувањето на опишаните смутови во Александрија, во целото поднебесје настапи уште поголемо бранување од несторијанската ерес, и свети Кирил требаше да се истакне со уште поголем подвиг. Во цариградската црква по смртта на патријархот Сисиниј кој беше приемник на Атик, на патријаршискиот престол беше поставен Несториј, доведен од Антиохија, човек, како што се мислело, добар по живот и вера, но одвнатре потаен еретик. Тој го сееше меѓу верните семето на еретичкото учење не само лично, туку и преку своите истомисленици. Неговата ерес беше хула на Христа Бога, и на Пречистата Дева Богородица, зашто тој бедник тврдеше дека од Дева Марија се родил прост човек Христос, а не Бог, бидејќи женска утроба не можела да Го роди Бога. Бог Логос се соединил со човекот Исус од моментот на зачнувањето само со благодатта и живеел во него како во храм, и затоа Дева Марија не е Богородица, туку Христородица.
Несториевата ерес ја ширеле меѓу народот како негови приврзаници епископот Доротеј и презвитерот Анастасиј, кои што тој ги беше довел со себе од Антиохија. На еден празник, зборувајќи му на народот во цариградската соборна црква, епископот Доротеј силно повика:
- Кој Марија ја нарекува Богородица, нека е анатема!
Народот се збуни и веднаш настана негодување и метеж во црквата. Тоа беше голема соблазна за верните. Исто така и презвитерот Анастасиј му зборуваше на народот:
- Никој да не ја нарекува Марија Богородица. Марија била човечко суштество од женскиот пол. Како може да се роди Бог од човечко тело?
Прашан за тоа, самиот Несториј започна јавно да го искажува своето безумие и да го исфрла отровот на своите хулења против Христа Бога и Пречистата Мајка Негова. Јас не можам, зборуваше тој, да го нарекувам Бог Оној, на Кого, зачнат во женска утроба, му беа броени деновите и месеците додека да се наврши времето да биде роден. Нема да ја наречам Богородица жената која родила телесен човек, иста природа со себе.
И настанаа расправии и кавги меѓу народот: едни се спротивставуваа на ереста и не сакаа да општат со Несториј, а други се соблазнуваа и го примаа зловерието на еретикот. Таа ерес го вознемири не само Цариград, туку и сите краеви на земјата, зашто зловерниот Несториј со своите истомисленици напиша многу книги во заштита на своето еретичко учење и ги распрати насекаде по земјата и во пустините кај монасите. Со тоа предизвика таков раздор меѓу христијаните, каков што порано беше предизвикал зловерниот Арија, кој ризата Христова ја искина: зашто многумина од духовништвото и мирјаните тргнаа по него, како што порано многумина тргнале по Ариј. Душата го болеше патријархот Кирил кога дозна за еретичкото учење на Несториј и успехот на неговите проповеди, и како верен слуга на Христа Бога и Пречистата Мајка Божја, цврсто застана зад почитувањето на Бога и Пресвета Богородица. Тој покажа дека е вистински пастир на овците Христови, кој будно бдее над своето стадо и се бори со волците. Најпрвин свети Кирил љубезно му напиша на Несториј, советувајќи го да престане и да се поправи, но кога виде дека тој не се поправа му напиша строго послание, изобличувајќи ја неговата заблуда. Свети Кирил му напиша и на клирот на цариградската црква и на царскиот двор, да не ги прифаќаат соблазните на Несториевото учење. Потоа испрати послание до папата на стариот Рим Целестин, и останатите патријарси, известувајќи ги за ереста и молејќи ги да го советуваат Несториј да се покае. Тој упати писма до сите епископи и власти на многу земји и градови, да се чуваат од Несториевата ерес. Кога слушна дека оваа ерес зафатила многу пустиножители, тој и ним им напиша, објаснувајќи им ја душепогубната штета од оваа ерес. Со еден збор, свети Кирил не престана да вика по овој волк, додека сосем не го отстрани од Христовото стадо.
Меѓутоа, Несториј не само што не се поправаше, туку започна да ги мачи духовниците и монасите кои му се спротивставуваа и не се согласуваа со неговата ерес. Истовремено беше многу гневен и бесен на свети Кирил, гордеејќи се многу. Иако самиот беше еретик, тој светиот Кирил го нарекуваше еретик. Измисли многу лажни и одвратни клевети против светиот и праведен угодник Божји, и ги ширеше меѓу народот, хулејќи и бесчестејќи го името негово. Но, светителот не им обракаше внимание на тие клевети, туку единствено се трудеше околу спасението на самиот Несториј, како и за останатите човечки души и очистувањето на Црквата од ереста.
Но, и покрај неговите огромни залагања, Несторијанската ерес од ден во ден растеше и се ширеше. Многу епископи станаа негови приврзаници, а меѓу нив извесна подршка му даде и Антиохискиот патријарх Јован, кој, иако не го одобруваше учењето на Несториј, сепак го молеше Кирил да не им придава особена важност на неговите зборови. Но, тоа не можеше да го згасне пожарот кој беше зел замав. За искоренувањето на таквото огромно зло од Црквата беше неопходно да се свика Вселенски Собор. Тоа подеднакво го сакаа и противниците и приврзаниците на Несториј, зашто секоја страна сметаше дека на соборот ќе победи нејзиното учење. И самиот цар Теодосиј Младиот, гледајќи дека големиот раздор зел замав во Црквата, се согласи да се свика Вселенски Собор. Одредувајќи го малоазизкиот град Ефес за место каде ќе се одржи Соборот, царот ги повика сите митрополити и епископи од царштината, на Педесетница во 431 година, да се соберат во Ефес. Притоа го одреди комитот Кандидијан за свој пратеник на соборот.
Несториј, придружуван од шеснаесетмина епископи, допатува во Ефес набрзо по Воскресение, а при самиот празник Педесетница стигна свети Кирил со педесет египетски епископи. Околу четириесет епископи дојдоа од околните малоазиски градови. Папата Целестин поради болеста и староста не можеше да дојде, па испрати двајца епископи и еден презвитер со наредба да се држат до свети Кирил. На Соборот допатуваа околу двесте епископи. Јован Антиохиски и другите сириски епископи, чие што мнозинство беше на страната на Несториј, не дојдоа. Собраните епископи залудно ги чекаа, а потоа отпочнаа со заседавањето на 21 јуни 431 година. Заради предноста на својот престол, свети Кирил стана претседател на Соборот, при што како негови сопретседатели му беа одредени Јувеналиј Ерусалимски и Мемном Ефески. Но, зловерниот Несториј се противеше на составот на Соборот и не се појавуваше под изговор дека го чека доаѓањето на Јован Антиохиски и Сириските епископи. Соборните Отци трипати го повикуваа да дојде на Соборот, но тој упорно одбиваше. Тогаш Отците пристапија кон испитување на Несториевите списи и откако внимателно ги разгледаа, ги осудија како еретички. Свети Кирил ги поднесе на Соборот своите писма до Несториј и другите лица, во кои го изобличуваше безбожното размислување на еретиците, а ги поднесе и одлуките на Помесниот Собор, одржан пред тоа во Александрија. Отците на соборот се согласија со учењето на светиот маж, признавајќи го како православен и богомудар и ги одобрија одлуките на помесниот Александриски собор.
Меѓутоа, во Ефес стигна Јован Антиохиски со сириските епископи. Дознавајќи за текот на работата на Соборот, тој во заштита на Несториј состави посебен собор, на кој учествуваа Несториј и сите негови приврзаници. Комитот Кандидијан, заразен од ереста, му помогна на тој беззаконски собор, на кој свети Кирил беше неправедно обвинет за Аполинариевата ерес, која ја одрекува вистинската човечка природа на Христа, и тврди дека Христос нема човечанска душа туку наместо неа има Божество. Клеветејќи го лажно светителот Божји и обвинувајќи го неправедно, приврзаниците на Несториј се трудеа да го придобијат царот на своја страна. На почетокот тоа им успеа. Царот поверува на нивните клевети и нареди свети Кирил заедно со блажениот Мемном да биде фрлен во темница. Но потоа, откако царот повторно ја разгледа целата работа и увиде дека праведниот Кирил е невин и лажно наклеветен, го врати заедно со Мемнон на нивните должности и нареди да се смират еретиците.
Така свети Кирил повторно застана на чело на светите Отци собрани во Ефес за разгледување на Несториевите умувања. На тој Собор светите Отци го исповедаа и утврдија стариот догмат на Православната Вера дека нашиот Господ Исус Христос, Кој се воплоти од Пречиста Дева Марија, Која Него Го роди, е вистинска Богородица.
Кога оваа соборна одлука му беше објавена на народот настапи голема радост меѓу христијаните, и сите граѓани на градот Ефес славенички воскликнуваа, не како некогаш: „Велика е Дијана Ефеска!“ (сп. Дела 19, 23-29), туку сосема поинаку: „Велика е Пречистата Дева Марија Богородица!“.
На соборот Несториј беше осуден како еретик и богохулник, и не само што беше лишен од својот чин туку и од Црквата Христова беше одлачен и на вечно проклетство предаден. На оваа соборна одлука потоа ѝ се придружи и Јован Антиохиски со сириските епископи. Царот, пак, го испрати Несториј во прогонство во најдалечната покраина Оасим. Таму тој умре со страшна смрт, зашто останувајќи во еретичкото упорство без покајание, нему од црви му беше изеден богохулниот јазик.
Колку пак на Божјата мајка ѝ беше одвратно Несториевото еретичко хулење, сведочи настанот за кој раскажува преподобниот Јован во својата книга „Луг Духовни“.
Еднаш, пишува тој, ние дојдовме кај презвитерот на Коломанската лавра ава Киријак. Тој ни го раскажа следново:
„Еден ден јас во сонот видов како пред вратата на мојата келија стои блескава, прекрасна Дева, облечена во порфира и со неа двајца блескави мажи. Јас сфатив дека тоа е Владичицата наша Пречиста Дева Богородица а двајцата со неа свети Јован Крстител и свети Јован Богослов. И веднаш излегов од ќелијата, и, поклонувајќи се Ја молев да влезе внатре и да ја благослови мојата ќелија, но Таа не сакаше. Јас долго ја молев и зборував: „Нека слугата Твој, о Владичице, не отиде од Тебе понижен и посрамен! - И многу други молби и упатив. А таа, гледајќи го моето усрдно молење ми одговори:
„Ти во својата ќелија го имаш мојот непријател! Како тогаш можеш да посакаш да влезам во неа?“
Го рече тоа и си замина. Јас се разбудив и започнав да тагувам и плачам. Си размислував во себе да не сум и согрешил нешто во мислите на Пречистата Дева, зашто во мојата ќелија немаше никој освен мене. Испитувајќи се себе си внимателно, јас не најдов ништо со што сум и согрешил. Ме измачуваше силна тага и зедов една книга за да ги одморам мислите со читање. Тоа беше книгата на блажениот ерусалимски презвитер Исихиј, што ја имав побарано од него на извесно време. Читајќи ја, јас на крајот од неа најдов две беседи на зловерниот Несториј, и така дознав за кој непријател зборуваше Пресветата Владичица наша Богородица. Веднаш му ја однесов книгата и му реков:
- Земи ја својата книга, брате. Од неа имав повеќе штета отколку корист.
А тој ме праша со што неговата книга ми нанела штета. Тогаш јас му раскажав за видението што го имав, а тој, со божествена ревност ги исече од книгата оние две беседи на Несториј и ги изгоре, говорејќи:
- Во мојата ќелија нема место за непријателот на нашата Владичица Богородица.
Не треба да се премолчи и како Христовиот светител Кирил, при својата голема светост, сепак во себе имал нешто лошо и спротивно на богоугодништвото, за да го видиме и неговото чудесно поправање. Тој без причина бил гневен на свети Јован Златоуст, светител на светител. Но, тоа не треба да нѐ чуди, зашто и светителите, како луѓе, се подложни на човечките слабости. Единствено Бог е во сѐ совршен, и ниту еден човек не може да биде совршен сам по себе, освен ако не прими од полнотата Христова. Свети Кирил се гневеше на свети Јован Златоуст, не само додека тој беше жив, туку и по неговата смрт не сакаше да го спомнува меѓу светите. Овој негов гнев не беше од лошотија, туку од незнаење. Тој, од една страна од својот вујко, патријархот Теофил, а од друга од останатите Златоустови непријатели, слушал многу неосновани клевети против ова вселенско светило и според својата неразумност ѝ верувал на лагата како на вистина. Зашто стои напишано: „Неразумниот верува на секој збор“ (Изр. 14, 15). Цариградскиот патријарх Атик, кој живеел пред Несториј, му пишувал на Кирил советувајќи го и молејќи го името на свети Јован Златоуст да го запише во црковните диптиси, односно во книгите со имињата на светите. И самиот Атик порано спаѓал во непријателите Златоустови, но подоцна, откако се уверил во невиноста на овој свет маж и го увидел својот грев спрема него, тој се покајал. Стапувајќи после Арсакиј на цариградскиот патријаршиски престол, тој го запишал името Златоустово во диптисите и сѐ додека беше жив во своите писма го советуваше свети Кирил и тој да постапи така. Но, тој не го послуша, не сакајќи да го потцени значењето на соборот, свикан од Теофил, против светиот Златоуст.
Исто така и свети Исидор Пелусиот, роднина на свети Кирил, веќе многу стар, гледајќи го негодувањето на многумина против свети Кирил затоа што го исклучува Златоуст од бројот на светите, му пишувал со огромна слобода, советувајќи го непристрасно да ги разгледа причините на својот гнев против невиниот и свет маж. „Пристрасноста е кратковида а омразата воопшто не гледа“ - му пишувал свети Пелусиот во едно од своите писма на свети Кирил, - затоа, ако сакаш да бидеш чист и од едниот и од другиот недостаток, немој да изрекуваш непромислени пресуди, туку подложувај ги делата на праведниот суд. Зашто и Господ Бог, Кој знае сѐ пред да се случи и изврши, благоволи да слезе од небото кај градовите кои согрешија и Го разгневија. Голем викот е, против Содом и Гомора, зашто гревовите нивни се претешки. Затоа ќе слезам да видам... Мој. 18, 20-21). Вака постапи Севидливиот, давајќи ни пример веднаш да не веруваме на клеветничките зборови, туку најпрвин сами да испитаме и увидиме дали е тоа онака како што ни се зборува. Затоа и ти не треба да се гневиш без претходно да испиташ дали работата поради која се гневиш навистина заслужува гнев. Многумина кои со тебе беа на соборот во Ефес, отворено негодуваат против тебе затоа што неправедно се гневиш на невиниот. Тој е Теофилов внук, зборуваат тие за тебе, и го подражава неговиот карактер, бидејќи како што тој јавно го покажува своето безумие, без причина протерувајќи го светиот и богољубен Јован, така постапуваш и ти, потценувајќи ја славата на протераниот, кој врз сето тоа сега ни меѓу живите не се наоѓа.
Во своето второ писмо свети Исидор Пелусиот вака му пишува на свети Кирил:
„Мене ме плашат примерите од Светото Писмо и ме тераат да зборувам и пишувам за она што е потребно. Ако јас сум твој отец, како што велиш ти, тогаш се плашам од осудата што го снајде старозаветниот првосвештеник Илија затоа што не ги прекорувал своите синови кои грешеле. А ако сум твој син, а знам дека сум, тогаш се плашам да не ме стигне казната што го стигна Сауловиот син Јонатан затоа што својот татко, кој барал вражење, не го одвратил од тој грев, а можел да го одврати, нити го сторил тоа што можел да го стори. Поради тоа тој прв бил убиен во војна. Затоа и јас, за да не бидам осуден, ти велам што е корисно за тебе. А ти, за да не те осуди праведниот Судија, послушај ме: Отфрли го својот гнев спрема мртвиот, за да не ја смутиш живата Црква и да предизвикаш раздор во неа“.
И на друго место свети Исидор вака му пишува на свети Кирил:
„Ме прашуваш за околностите под кои бил протеран божествениот Јован. Јас не сакам подробно да ти пишувам за тоа, за да не бидам човек кој другите ги обвинува и осудува, зашто многубројните неправди спрема светителот ја надминаа секоја мерка. Јас со неколку зборови ќе те потсетам на карактерот на Египет, чиј што сосед си ти". Тој се одрече од Мојсеј, се предаде на фараонот, им нанесе рани на смирените, на трудољубивите, подигна градови и им ги скрати платите на работниците“. Како производ на таквите дела го доби Теофил, кој златото го почитува како Бога". Тој со своите истомисленици му нанесе големи неправди на свети Јован, богољубивиот исповедник Божји. Но, покрај тоа, домот Давидов се утврдува и умножува, а Сауловиот, како што гледаш, пропаѓа“.
Такви беа писмата на свети Исидор Пелусиот до свети Кирил. Откако ги прочита, тој започна да го согледува својот грев. Потполно го увиде и се покаја кога беше заплашен со следното видение:
Се виде себе си во некое чудно место, чудесно убаво и преполно со неискажлива радост. Тука тој ги виде прекрасните мажи Авраам, Исак и Јаков, и други светители, старозаветни и новозаветни. Виде таму и пресветол храм, чија што убавина не може да ја искаже човечкиот јазик, и чу во него милозвучно пеење на многубројни гласови. Влегувајќи во храмот и восхитувајќи се, Кирил ја здогледа во неопислива слава Пречистата Владичица Дева Богородица, опкружена со мноштво Ангели. Го виде и свети Јован Златоуст како стои на почесно место близу Богородица, блескајќи со сечудна светлина како ангел Божји и држејќи ја во рацете книгата на своите учења, додека го опкружуваа многу прекрасни луѓе како негови слуги. Сите тие беа вооружени, како подготвени за напад. И кога Кирил сакаше да припадне пред нозете на Пресвета Богородица и да ѝ се поклони, кон него полета свети Јован со вооружените што беа околу него, и не му доволуваше да се приближи до неа и го бркаше од чудесниот храм. Заедно со тоа ја слушна Пречистата Дева Богородица како го моли свети Јован да му прости на Кирила и да не го брка од храмот, затоа што се огрешил за него од незнаење а не од злоба. Но, Јован, како да не сакаше да му прости. Тогаш Пресвета Богородица му рече:
„Прости му заради мене, бидејќи тој многу се потруди за моето чествување, ме прослави меѓу луѓето и ме нарече Богородица“.
Кога Пречистата ги изговори овие зборови, Јован веднаш се смири и ѝ одговори:
„Заради твоето застапување, о Владичице, му простувам“.
Па му пријде на Кирил пријателски, го прегрна и го бакна. Така тие се помирија еден со друг во видението.
По ова видение свети Кирил започна многу да се кае и осудува, и да се презира себе си, што толку време без причина бил гневен спрема големиот угодник Божји. Веднаш ги свика сите египетски епископи и подготви големо празнување во чест на свети Јован Златоуст, и го запиша овој божествен вселенски учител во црковните книги меѓу големите светители. Така беше тргната дамката од светоста на блажениот Кирил, бидејќи самата Пречиста Богородица го уништи непријателството меѓу слугите Свои. Од тогаш па сѐ до крајот на животот свети Кирил го величаше свети Златоуст.
Останатото време од својот живот свети Кирил го помина во големо богоугодништво, грижејќи се не само за своето спасение, туку и за спасението на многумина, и упатувајќи ги на правиот пат. Раскажуваат за вакво доживување од животот на светиот угодник Кирил:
Во Долен Египет живеел некој старец, познат по својот свет живот. Но, како прост и неук човек, тој од незнаење зборувал дека Мелхиседек е Син Божји. За таквото негово умување бил известен свети Кирил, и тој го повикал кај себе. Но, знаејќи дека старецот чини чудеса, и дека Бог ја исполнува секоја негова молба, - дека за Мелхиседек тој неправилно мисли само од простота, - патријархот употреби ваква мудрост за да го изведе на правиот пат. Кротко му се обрати на старецот и му рече:
„Аво, те молам, помогни ми да решам една недоумица. Од една страна расудувањето ме води до заклучок дека Мелхиседек е Син Божји, а од друга - нешто ми вели дека тоа не е точно, туку дека тој е обичен човек и архијереј Божји. И ете, јас се сомневам околу тоа и не знам кон што да се приклонам. Затоа те повикав тебе, ти да се помолиш на Бога, зашто Бог тебе ќе ти ја открие вистината за тоа, па ти ќе ме известиш“.
Старецот смело му одговори на свети Кирил:
- Дај ми, владико, барем три дена, и јас ќе го прашам Бог за ова, па ќе те известам што ќе ми открие Он.
Старецот отиде во својата ќелија и, затворајќи се во неа на три дена, се молеше на Бога да му ја открие вистината за Мелхиседех. Откако го доби моленото, тој дојде кај свети Кирил и му рече:
- Мелхиседек е човек, а не Син Божји.
Патријархот го праша:
- Од каде знаеш, оче?
Тој му одговори:
- Бог ми ги покажа сите патријарси поединечно. И јас ги видов како минуваат покрај мене од Адам до Мелхиседек. И Ангел ми рече: „Ете овој е Мелхиседек. Биди убеден, владико, дека навистина е така“.
Свети Кирил многу се израдува што ја спаси душата на тој старец, му се заблагодари и го отпушти. Штом си замина, старецот започна на сите да им проповеда дека Мелхиседек е човек, а не Син Божји. Така мудриот угодник Божји го упати неукиот на патот на вистината.
Свети Кирил беше на александрискиот патријаршиски престол триесет и две години, и за тоа време целосно ја очисти Црквата Христова од ересите и напиша многу душекорисни книги. Се упокои во Господа на 27 јуни 444-та година. При исходот негов присуствуваше самата Пречиста Мајка Божја, бидејќи верно ѝ послужи, и јуначки се бореше за Нејзиното чествување. И сега тој е заедно со светиот Златоуст, за заедно со него, во љубовта која никогаш не престанува, да стои како пред Христа Бога така и пред Пречистата Богомајка, со сите Светии, славејќи и величајќи Ја Неа и родениот од Неа вистински Бог, во бесконечните векови. Амин.
ЖИТИЕ НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ КИРИЛ БЕЛОЕЗЕРСКИ
Преподобниот Кирил е роден и воспитан од благородни и побожни родители во Москва. На светото крштение тој го доби името Козма. Од мал беше даден да го изучува Светото Писмо. Како многу остроумно момче многу напредуваше во изучувањето на Божествените Книги, се поучуваше по патот на спасението и растеше во воздржание и чистота. Пред своето полнолетство неговите родители заминаа од овој привремен живот, и на умирање својот син го оставија на својот роднина Тимотеј, велможата на великиот кнез Димитриј.
Блажениот Козма сакаше да стане монах и ги разгледуваше монашките живеалишта и животот во нив, но никој не смееше да го замонаши поради стравот од велможата Тимотеј. Живеејќи во светот, кај Козма се гледаа извесни зачетоци на монашкиот живот: постојано ја посетуваше црквата, ја чуваше чистотата и целомудреноста, го умртвуваше своето тело со пост и воздржание и секоја доблест. Гледајќи го тоа Тимотеј се радуваше и многу го сакаше. Кога стана полнолетен му ја довери управата на својот дом, но тој во душата размислуваше како да стане монах, зашто божествената љубов како оган му гореше во срцето. Оваа тајна ја чуваше во себе за да не дознае Тимотеј и да ја попречи неговата намера. Тој многу тагуваше, и растргнат од световните грижи и незнаејќи како да ги тргне од себе, усрдно Му се молеше на Бога, Он да го избави и да го приведе кон монашкото безмолвие. Господ со својата промисла уреди, та во Москва дојде игуменот на Махришчискиот манастир, блажениот Стефан, човек совршен во доблестите, познат на сите и од сите почитуван за својот богоугоден живот.
Козма со радост поита кај него, зашто одамна слушаше за него и сакаше да го види. Тој со скрушеност и солзи падна пред неговите нозе, му ја кажа својата мисла и го молеше да го замонаши. Тебе, осветена главо, му зборуваше тој на блажениот Стефан, одамна сакам да те видам. И еве, сега Бог ме удостои да ја видам твојата чесна светост. Затоа те молам, ради Господа, не отфрлај ме мене грешниот, како што ни Христос не ги отфрли митарот и блудниот син.
Преподобниот виде дека тој ќе биде прекрасен сасуд на Светиот Дух, и веднаш започна да размислува како да го замонаши, бидејќи знаеше дека велможата Тимотеј нема да го дозволи тоа. Затоа смисли вака: Го облече во проста монашка облека без постригот и потребните завети и молитви, и му го даде името Кирил. Го остави во куката каде беше отседнал, и сам отиде кај велможата. Кога овој дозна дека игуменот Стефан дошол, многу се израдува зашто многу го почитуваше. Стана и му се поклони, просејќи благослов. Давајќи му благослов, преподобниот рече:
- Вашиот богомолец Кирил ве благословува.
А тој го праша:
- Кој Кирил?
Игуменот одговори:
- Козма, кој беше ваш слуга, сега сакаше да стане монах и да Му служи на Господа и да се моли на Бога за вас.
Тимотеј многу се разгневи и растажи, па јаросно започна да го навредува игуменот, а тој му рече:
- Од Спасителот Христос е наредено: „Каде ќе ве примат и послушаат, таму останете; и ако некој не ве прими и не ве послуша, излегувајќи од таму истресете го правот од нозете свои за сведоштво нивно“ (Марко 6, 10-11).
Го рече тоа и си замина. Кога ги слушна овие зборови неговата благочестива и богобојазлива жена Ирина, се исплаши и започна да го убедува својот сопруг дека го навредил светиот овек и дека заради тоа може да ги снајде страшен гнев Божји. Ги слушна, му зборуваше таа, страшните и ужасни зборови Христови што ги изрече тој, а по кои во Евангелието доаѓаат овие зборови Христови: „Подобро ќе биде за Содома и Гомора во денот на Судот“ (Марко 6, 11). Тимотеј се покаја за својот грев и го молеше свети Стефан да се врати кај него, па падна пред неговите нозе и бараше прошка. Во тоа време, по таинственото Божјо дејство, велможата Тимотеј се разнежи и му дозволи на Козма да постапи како што сака. Тогаш тој им раздаде на сиромашните сѐ што имаше без да остави нешто за себе, и го молеше блажениот Стефан да го замонаши.
Преподобниот го одведе Кирил во Симоновиот манастир и го предаде за потстриг на архимандритот Теодор, кој беше роднина и ученик на великиот меѓу отците Сергиј. Теодор беше добродетелен и мудар во духовните работи, искусен и начитан, и одлично знаел да ги раководи оние што одат кон Господа. Тој го замонаши Козма со името Кирил. Во тоа време во Симоновиот манастир престојуваше еден монах на име Михаил, кој подоцна стана епископ на градот Смоленск. Тој водеше прекрасен живот по Бога во молитвите, постовите, бдеењата, и во секое воздржание. Нему архимандритот Геодор му го довери новиот инок Кирил, да го раководи по патот кон Царството Небесно.
Гледајќи ги испосничките подвизи на својот старец, Кирил започна да го подражава неговото житие и му беше послушен во сѐ. Се трудеше да работи сѐ што работеше старецот, го сметаше постот за ситост, трудот за одмор, ладната зима за загревање, на сонот му се предаваше сосем малку, и така го мачеше своето тело потчинувајќи го на духот. Не се осмелуваше да прави ништо без благослов и наредба на старецот, и го молеше да му нареди да пости повеќе од другите, и да јаде секој втор или трет ден. Старецот не му дозволи, туку му нареди да јаде леб со браќата, но не до заситување. А кога старецот ноќе го читаше Псалтирот го тераше Кирил да прави поклони. Така ја минуваа ноќта до клепањето за утрената. А пак за време на сеноќното стоење во ќелијата, на блажениот Кирил му се појавуваа најразлични страшила и ѓаволски привиденија, и тоа најчесто кога старецот не беше тука. Но, тој со Исусовата молитва и крсниот знак ги бркаше невидливите духови и за тоа го известуваше својот свет старец, кој го соколеше да не се плаши зашто демонските страшила се ништо.
Кај овој голем подвижник Кирил остана долго време во вистинско послушание, немајќи воопшто своја волја. Потоа по наредба на архимандритот тој отиде на послушание во пекарата. Тука започна уште повеќе да се воздржува, и смирено да приложува труд врз труд, работејќи повеќе од наложното. Сеноќното молење на кое беше навикнал кај старецот не го оставаше. Многу ноќи минуваше без сон. На утрешните богослужби во црквата прв се појавуваше, а после сите излегуваше. Храна земаше колку телото да не му изнемошти од глад и да не падне на земјата. Понекогаш јадеше само за браќата да не дознаат за неговото воздржание. Пиеше единствено вода и тоа сосем малку, така што постојано беше жеден. Сите му се восхитуваа што беше толку немилостив мачител на своето тело. Затоа беше сакан од сите. Во него беше секоја доблест: безропотното послушание, молчаливата кротост, длабокото смирение и нелицемерната љубов спрема сите.
Во тоа време нашиот преподобен отец Сергиј, радонежскиот чудотворец, сѐ уште беше жив и понекогаш доаѓаше во Симоновиот манастир да го посети архимандритот Теодор, својот роднина, и браќата. Но секогаш тој прво влегуваше во пекарата кај блажениот Кирил, и насамо долго разговараше со него за душевна корист. Беше милина да се види како двајцата ја обработуваат браздата на душата: едниот го сееше семето на доблестите, а другиот ја натопуваше со солзите, за во идниот век да добијат радосна жетва. И додека тие долго разговараа, архимандритот ќе дознаеше за доаѓањето на преподобниот Сергиј и веднаш со браќата доаѓаа кај него, и примаа целив на љубов во Христа. А на сите им беше чудно тоа што преподобниот Сергиј оди единствено кај Кирил, а не кај останатите свети, па и самиот архимандрит.
По долго поминато време во пекарата, свети Кирил беше одреден на друга служба во кујната. Се подвизуваше тој и таму, трудејќи се многу. Додека го набљудуваше огнот во кујната, се сеќаваше на вечните маки во пеколниот оган и си велеше на себе: „Кириле, трпи го овој оган, за да можеш да го одбегнеш тамошниот“. Бог му даде толку големо умиление, што тој не можеше ни леб да јаде без солзи, а понекогаш ни збор да проговори. Гледајќи го таквиот негов живот, браќата во него гледаа Ангел Божји. Тој не можеше да поднесе да биде ценет и фален, и за да ја сокрие својата доблест се направи јуродив, луд. Започна да прави смеи за да го караат. Го сакаше срамотењето повеќе од почитувањето, и навредите повеќе од пофалбите, од љубов спрема Христа. Гледајќи го луд, едни од браќата мислеа дека го изгубил паметот, а други дека се упропастил со развратен живот. Тој, пак, на тој начин се трудеше да ја сокрие големата духовна мудрост во своето срце. Архимандритот како епитимија му одредуваше да пости четриесет па и повеќе денови на леб и вода. Тој тоа со радост го извршуваше, зашто токму тоа и го бараше: да постапува според наредбите на настојателот. Кога истекоа одредените денови од неговиот пост, блажениот Кирил повторно се направи луд за да добие уште поголемија епитимија. Се случуваше понекогаш настојателот да му даде епитимија од шест месеци на сув леб со малку вода.
Добивајќи таква епитимија а згора на тоа и навреди, преподобниот многу се радуваше зашто гордите се радуваат на славата и почестите, а смиреноумните на бесчестењето и понижувањето. Се правеше луд сѐ додека неговата намера не беше откриена. Настојателот повеќе не му налагаше епитимија, иако Кирил се однесуваше како јуродив. Потоа во него се роди желба да се ослободи од службата во кујната и безмолвно да живее во ќелијата, за со помош на молитвеното тихување да стекне уште поголеми умиление. Но, тој не сакаше да му зборува за тоа на настојателот, за да не биде како оној кој ја бара волјата своја. Затоа се препушти на Пречистата Богомајка спрема Која имаше голема љубов и вера и целата надеж ја полагаше во Неа. Тој ѝ се помоли Таа да уреди онака како што е најкорисно за него. Тоа беше уредено на следниот начин:
Архимандритот посака да му се препише некоја книга. Знаејќи дека блажениот Кирил тоа добро го умее, му нареди да седи во ќелијата и да ја препишува книгата. Тој ѝ заблагодари на Пречистата Мајка Божја што ја услишала неговата молитва, и со радост го прифати молитвеното ќелијно тихување. Додека ја препишуваше одредената книга, тој не го оставаше своето вообичаено молитвено правило и ги минуваше ноќите во молитви без сон во псалмопеење и коленопреклонување.
По извесно време виде дека животот во ќелијата му го намалува умилиението што го имал додека работел во пекарата и кујната. Затоа повторно започна да ја моли Пресвета Богородица да му го врати умилението, и по некое време настојателот повторно го испрати на послушание во кујната. На таа служба остана девет години во напорна работа и страдања. Дење се печеше крај огнот, а ноќе смрзнуваше од студот, и за тоа време не стави кожув врз себе. Потоа архимандритот го одведе кај архиерејот и беше ракоположен за свештеник, иако не сакаше. И како свештеник тој не го остави послушничкото трудољубие, зашто во слободното време одеше и работеше во кујната или пекарата со сѐ поголемо смирение пред старешинството кое го очекуваше, според зборовите Господови: „Кој сака меѓу вас да биде прв, нека ви биде слуга на сите“ (Марко 10, 44).
Потоа архимандритот на Симоновиот манастир Теодор, маж достоен на чест, по Божја волја беше избран за архиереј на престолот на Ростовската архиепископија, а на негово место во Симоновиот манастир за архимандрит и старешина го поставија преподобниот Кирил, иако тој со многу солзи го одбиваше тоа.
Како старешина преподобниот се оддаде на премногу работа и управувајќи добро со манастирот тој никогаш не се погордеа заради својата функција, ниту го намали своето воздржание, туку водеше живот како порано, чувајќи ја философијата на своето смирение. Спрема сите имаше нелицемерна љубов и ги примаше со радост, постарите како браќа а младите како свои деца. Затоа сите го сакаа, почитуваа и славеа. И многумина кнезови доаѓаа кај него за поуки. Но, тој започна да тагува за своето безмолвие, и намислуваше да го напушти старешинството и да се повлече.
По некое време го стори тоа. Се затвори во својата поранешна ќелија и не попушташе на никакви молби, зашто со денови многу браќа доаѓаа кај него и со солзи го молеа да не ја остава управата на светата обител. Но, тој не ги послуша, и за архимандрит беше поставен еден јеромонах Сергиј, викан Азаков, кој подоцна стана епископ Рјазански. Свети Кирил продолжи да безмолствува во својата ќелија, но, не можеше да се сокрие градот кој на врв планина стои, и од разни страни доаѓаа кај него за совет многу духовници и обични луѓе. Благодатта Божја се излеваше од неговата уста, та сите со сласт го слушаа. Архимандритот Сергиј Азаков започна да му завидува зашто мислеше дека неговите посетители го омаложуваат. Многу ропташе, зашто зависта не знае да цени што е корисно. Кога дозна, преподобниот Кирил ниту се навреди ниту му приговори. Незлобивото и праведно срце му даде место на гневот и отиде во манастирот Рождество на Пресвета Богородица, викан Стари и остана таму. Во душата чезнееше да се повлече некаде далеку од светот во пустината и постојано се молеше на Бога и Пречистата Богомајка, говорејќи:
„Пречиста Мајко на мојот Бог Христос, Ти знаеш дека од младоста своја јас сета надеж ја положив во Тебе. Затоа Те молам, како знаеш, упати ме и кажи ми по кој пат да појдам“.
Тој често се молеше така и наскоро го доби моленото.
Имаше обичај секоја ноќ да го чита Акатистот на Пресвета Богородица пред нејзината сечесна икона. Една ноќ, додека читаше со срце преполно желба за пустински живот и дојде до местото каде се вели: „Гледајќи го необичното раѓање да го оставиме светот и да го принесеме умот свој на небото“, му се разли умиление во срцето и тој запре со читањето. Започна да размислува како Господ Христос, неизмерен со величината на Божеството Свое, се јави на земјата како смирен човек, за да ги изведе кон висините на боговидение оние што од љубов кон Него го оставаат светот. И пламна во него желба да се оддалечи во пустината, и започна уште поусрдно со солзи да се моли на Господа и Дева Богородица, да го научат како да се спаси. И веднаш слушна прекрасен глас надвор од ќелијата, кој од огромна висина во воздухот му говореше:
„Кириле, појди на Бело Езеро. Таму ти подготвив место на кое ќе се спасиш“.
Го отвори брзо окцето на својата ќелија, и виде огромна светлина од небото кон северната страна, кон Бело Езеро, која со своите зраци како со прст го покажува местото каде треба да се насели. Стоејќи сиот во ужас, светителот го набљудуваше посоченото место како да е близу, иако беше многу далеку. Го набљудуваше тоа место сѐ додека онаа чудна небесна светлина не зајде од неговите очи. Кога заврши видението срцето му беше полно со радост и мир, и сфати дека Пречистата Богомајка не ги отфрли неговите молитви. Со голема благодарност продолжи со читањето на Акатистот и ноќта ја помина без сон, молејќи се и славејќи Го Бога.
Свети Кирил имаше духовен брат на име Терапонт, кој му беше верен и мил. Тие заедно беа замонашени. Терапонт бил и на Бело Езеро, и свети Кирил го распрашуваше дали таму има место на кое монахот би можел молитвено да тихува. Тој му раскажуваше дека има многу добри места за самотија. Откако се договорија, и двајцата се упатија кон Бело Езеро, и по многудневно патување стигнаа во Белоезерскиот крај. Посетија разни пусти места, но ниедно не му се допадна на преподобниот Кирил, додека не наидоа на местото посочено во видението, на кое сега се наоѓа манастир. Тој веднаш го препозна и многу му се допадна. Откако се помолија, тој рече:
- Еве го мојот покој. Овде ќе се населам, бидејќи Пречистата Мајка Божја го избра ова место. Нека е благословен Господ Бог, Кој го услиша молењето мое.
И веднаш забоде крст на тоа место, и отслужи благодарствен канон во слава на Пресвета Богородица. Тогаш му раскажа на Терапонт за видението што го имаше во манастирот за ова место, па и двајцата им заблагодарија на Бога и Пречистата Богомајка, и се населија тука. Најпрвин си ископаа мала ќелија во земјата и некое време живееја заедно. Потоа Кирил остана на истото место а Терапонт се оддалечи малку подалеку. Најде едно погодно место, и кога потоа овде се собраа браќа, подигна манастир и изгради црква во име на чесното Рождество на Пресвета Богородица. И сега тој манастир, со благодатта Божја проширен, зголемен и прекрасно уреден, се нарекува Терапонтов.
Местото, пак, каде што се насели преподобниот Кирил, беше густа борова шума, без никаква населба во близина. Беше тоа прекрасно и округло место, заградено со вода како со бедем. И живееше светиот отец во ќелијата ископана во земјата во испоснички пустински подвизи и војување против невидливиот противник. Но, по извесно време, одејќи низ таа пустина, двајца христијани го најдоа и му се восхитуваа на неговиот суров пустински живот. Потоа често започнаа да доаѓаат кај него, сакајќи да го гледаат неговото блескаво лице, да земаат благослов и духовна корист од него. Тие му носеа понуди. Се викаа Авксентиј, наречен Врана, и Матеј викан Кукос, кој потоа стана црковник на таа обител. Тие раскажуваа дека пред многу години некој земјоделец, на име Исаија, живеел во местото каде што е населен свети Кирил. Тој Исаија, и останатите со него, често на тоа место слушале биење на камбани и прекрасно пеење, и тоа особено во недела и на празниците. Па не само Исаија, туку и други луѓе, минувајќи крај тоа место, често слушале звона и пеење. Затоа често навраќале да видат од каде доаѓаат гласовите, но си заминувале без да видат нешто, а се восхитувале на гласовите што ги слушале и биле запрепастени од загонетната состојба.
Со споменатите Авксентиј и Матеј еден ден преподобниот се шеташе низ пустината. Тогаш ѓаволот измисли против него ваква замка:
Со допуштање Божјо му нафрли тежок сон, та не можеше да патува и сакаше да прилегне и одмори. Им рече на двајцата да поседат додека тој да остспие малку, а тие му рекоа:
- Појди, оче, во ќелијата, па таму одмори се.
Но, Отецот, совладан од сонот и неспособен да оди, прилегна. Штом заспа, го разбуди страшен глас: „Бегај, Кириле, бегај!“ Светиот се преплаши и побегна, и во тој миг едно огромно дрво падна токму на местото каде што лежеше тој. Тогаш сфати дека тоа е ѓаволска замка, па стана уште пободар, повнимателен, и се молеше на Бога и Пречистата Мајка Негова, да го одземат од него тешкиот сон. Неговата молба се исполни. Минуваше денови и ноќи без ниту да дремне. И дење и ноќе се трудеше, и го расчистуваше местото во густата шума, за да посее нешто. Еднаш набра многу суви гранки и ги запали, но Ѓаволот крена силен ветар, та пламенот го опколи. Во таквата смртна опасност тој повика кон Пресвета Богородица, и веднаш некој го фати за раце и му рече: „Ајде со мене!“Го изведе неповреден од огнот и стана невидлив. Така Пресвета Богородица веднаш го избави Својот слуга од неочекуваната опасност.
Потоа кај него од Симоновиот манастир дојдоа Заведеј и Дионисиј, многу драги истомисленици на преподобниот. Тој многу им се израдува и ги прими. Потоа дојде еден на име Натанаил, кој подоцна стана ќелар на обителта. И други браќа започнаа да доаѓаат кај свтителот за духовна надградба зашто неговото срце, добро обработено со благодатта на Светиот Дух нудеше слатки плодови на учење. Дојдените го молеа да останат кај него да им биде отец. Неговото житие беше чудесно, и зборовите боговдахновени. Тој одбиваше да биде наставник нарекувајќи се недостоен и грешен, но, победуван од братољубието и желбата за спасение на човечките души, тој започна да ги прима браќата. Тие си правеа мали ќелии и живееја покрај него.
Еден човек на име Андреј, чие живеалиште не беше далеку од таа пустина го намрази преподобниот Кирил и неговите монаси и потикнуван од ѓаволот дојде една ноќ со намера да ја запали неговата ќелија. Кога се приближи до ќелијата, го спопадна голем ужас и побегна од страв. Наредната ноќ повторно дојде, стави оган до ѕидот, па се сокри и од далеку набљудуваше кога ќе се запали ќелијата со Отецот во неа. Но огнот веднаш згасна како да беше ставен на камен а не на дрва. Тој Андреј многу пати го повтори тоа, но Мајката Божја го чуваше не само својот слуга Кирил, туку и трудот на неговите раце. Потоа тој човек се освести, го увиде својот грев, се уплаши од казната Божја и со покајание се исповедаше кај преподобниот. Тој го посоветува, му прости, го отпушти со мир, и започна да го пее благодарствениот канон на Пречистата Богомајка. По кратко време тој Андреј повторно дојде кај светителот со молба да го замонаши. Преподобниот го прими, и откако се удостои на монашкиот чин, времето го минуваше во послушание. Андреј постојано се каеше за своите гревови и им се исповедаше на браќата дека сакал да ја запали обителта.
Кај преподобниот Кирил бројот на браќата од ден на ден се зголемуваше, па се градеа нови ќелии, се изгради манастир и се востанови општожитие за сите трудбеници и сѐ што им беше потребно го заработуваа со својот труд. Кај браката се јави желба да подигнат Црква, но меѓу нив немаше искусен дрводелец а населбите беа далеку. Навикнат во сите неволји да се потпира на волјата и промислата на Пресвета Богородица, од Која секогаш го добиваше моленото, преподобниот Кирил и во оваа прилика целата надеж ја положи во Неа. Ѝ се помоли со самодоверба и набрзо дојдоа дрводелци од никого неповикани, и беше изградена прекрасна Црква во име на Пресвета Дева Богородица, во чест на Нејзиното Успение.
Се пронесе глас меѓу жителите на Белоезерската пустина дека тука се собираат монаси и се градат манастири, и дека црквата е веќе изградена, па многу се чудеа. Тие мислеа дека Кирил донел со себе огромни богатства. Па кога дознаа дека бил архимандрит во Симоновата обител, заклучија дека додека бил на власт таму стекнал огромни богатства. А еден бојарин, на име Теодор, поттикнат од ѓаволот, испрати разбојници да ја нападнат обителта и да го опљачкаат Кирил. Приквечер, кога беа во близина на манастирот и ја чекаа ноќта, тие околу манастирот здогледаа многу луѓе, од кои некои гаѓаа со стрели а други правеа нешто друго. Сокриени во густата шума, разбојниците ги набљудуваа од далеку тие луѓе, во очекување да се разотидат. Разбојниците чекаа до полноќ, но тие луѓе не заминуваа ниту спиеја, туку останаа околу манастирот како да го чуваат. Тогаш се вратија, но наредната ноќ повторно дојдоа, но сега здогледаа многу повеќе луѓе од минатата ноќ, кои беа вооружни како војници и гаѓаа со стрели. Разбојниците се исплашија и за тоа го известија бојаринот. Тој помисли дека некој од велможите со многу слуги дошол кај преподобниот за благослов и молитви, па се задржал кај него тие ноќи. И испрати Теодор еден непознат човек во манастирот, за точно да дознае кој бил таму вчера и завчера. Тој дозна дека повеќе од една недела никој не влегол во манастирот и го извести бојаринот, кој се зачуди и преплаши, зашто се увери дека Бог ги штити своите слуги. Плашејќи се од Божјата казна, тој брзо појде кај светителот и со солзи му го исповедаше својот грев, па му раскажа што видоа разбојниците околу манастирот. Преподобниот Кирил го посоветува со зборови од Светото Писмо, му прости и му рече:
- Верувај ми, чедо Теодоре, јас немам ништо друго освен оваа искината облека врз мене и неколку книги.
Теодор се восхити и се врати во својот дом, благодарејќи Му на Бога што не дозволи да му нанеси неправда на угодникот Негов и да падне во грев. Од тогаш тој го имаше светителот како ангел Божји, често го посетуваше за благослов, му носеше сѐ што е потребно и никогаш не одеше кај него со празни раце.
Додека гласовите за славата на преподобниот Кирил се ширеше насекаде и мнозина доаѓаа кај него, во неговата обител дојде и еден инок Игнатиј, голем во доблестите и со построг живот од другите. Покрај блажениот Кирил тој беше втор образец на своите браќа. За него се зборувало дека триесет години од своето монаштво никогаш не легнал да спие, туку, стоејќи или малку седејќи, со кратко дремење се спасувал од спиењето. Ете, таков маж, и нему слични подвижници, наоѓаа за добро да живеат покрај преподобниот Кирил, заради неговиот богоугоден живот.
Уставот и начинот на монашкиот живот во обителта на преподобниот беше ваков:
Во црквата никој со никого не смеел да разговара, ниту да излегува пред да заврши богослужението. Секој внимателно стоел со страв на своето одредено место. До Евангелието и светите Икони се пристапувало за поклонување според старешинството, за да не се ствара неред. И самиот блажен настојател, стоејќи во црквата, никогаш не се потпирал на ѕидот, ниту неблаговремено седел, иако нозете од стоење му беа како столб. Исто така и во трпезаријата будно се чувал потребниот поредок: секој седел на своето место кротко и молкум, и не се слушал никој освен чтецот. Браќата секогаш имале по три јадења, освен во посните денови, и денот во кој се пее „Алилуја“. Во тие дни браќата се воздржувале и според моќта некои јаделе сув леб, а некои цел ден минувале без храна. На трпезата на настојателите им се принесувала иста храна како и на браќата, но преподобниот никогаш не јадеше до заситување. Откако стануваа од трпезата и Му благодареа на Бога, секој молкум заминуваше во својата ќелија, без да разговара со некого, ниту да влегува во туѓа ќелија, освен при крајна потреба. Се случи еднаш еден брат, на име Мартинијан, на излегување од трпезаријата да појде кај друг брат по работа. Преподобниот го повика и го праша:
- Каде си тргнал?
Тој му одговори:
- Имам работа кај братот, и затоа сакав да појдам кај него.
Тогаш старецот прекорувачки му рече:
- Така ли го чуваш манастирскиот ред? Зарем не можеше првин да влезеш во својата ќелија, да ја извршиш пропишаната молитва, па потоа, ако ти е неопходно, да појдеш кај братот?
Мартинијан со насмевка одговори:
- Оче, кога ќе влезам во мојата ќелија повеќе не можам да излезам.
На тоа светителот му рече:
- Секогаш така постапувај. Првин влези си во ќелијата, и ќелијата ќе те научи на секое добро.
Во таа обител се почитуваше и овој поредок:
Ако некој брат добиеше писмо или пратка, тој, писмото неотпечатено и пратката неотворена, ги носеше кај отецот. Исто така, ако некој сакал да пишува на некого надвор од манастирот, тој тоа не смееше да го прави без одобрение од отецот. Во ќелијата не беше дозволено да се има ништо, освен најнеопходните работи, ниту пак нешто да се нарекува свое, туку, според зборовите на апостолот, сѐ им беше заедничко. Меѓу браќата не се споменуваа пари. Постоеше заеднички манастирски склад од кој сите го добиваа потребното. Во ќелијата не беше дозволено да се има ниту парче леб, ниту пијалок, и кога некој биваше жеден одеше во трпезаријата, и таму со благослов пиеше. И кога некому ќе му се случше да влезе во ќелијата на некој брат, тој во неа не можеше да види ништо освен икони, книги, и садот со вода за миење на рацете. Така браќата беа слободни од секоја пристрасност. Единствената нивна грижа беше да Му угодат на Бога, да имаат меѓу себе љубов и смирение, и да се трудат за заедничките потреби. Секој со усрдие иташе, претекнувајќи се еден со друг и секој грижливо работеше според својата моќ. Секоја работа ја вршеа молкум, чувајќи ја својата духовна философија, и секој сметаше дека стои и работи пред очите на Севидливиот Бог. Ако пак некој сакаше да зборува, можеше да го прави тоа само од книгите, за корист на браќата, особено неписмените.
Постоеја и многу други одредби корисни за богоугодниот живот на браќата. Начинот и мерката на правилата на секого ги даваше преподобниот отец. И меѓу нив немаше никој со своја волја и свое размислување, туку сите без приговор и роптање ја извршуваа неговата волја како Божја наредба. Спретните во ракоделието сите свои изработки ги носеа во заедничкиот склад, па и облеката и обувките и сѐ што им треба. И самиот преподобен не сакаше да има врз себе убава облека, туку постојано носеше искината со многу закрпи.
Преподобниот го имаше и овој обичај: По утрената и своето вообичаено ќелијно правило, одеше во кујната да види што се готви за браќата. Сите што работеа во кујната ги молеше да се трудат да готват убаво за браќата, а понекогаш и самиот помагаше. А какво гостење би можеле да имаат тие, кога живееја во сиромаштија и нестекнување? Алкохолни пијалоци кај нив немаше, зашто преподобниот Кирил цврсто озакони таков пропис, така што не само за време на неговиот живот, туку и потоа никој да не смее да се дрзне да внесе во нивната обител било каков алкохолен пијалок.
Тој многу се трудеше да не се нарушуваат манастирските правила, а особено преданијата на светите Отци и прописити за постот. Еднаш во Светата Четириесетница за молитва во обителта дојде кнегињата Агрипина на благочестивиот кнез Андреј. Таа беше многу побожна и многу го почитуваше монашкиот чин и преподобниот отец Кирил. Сакаше да ги почести браќата со риба во неделниот ден, но светителот не ѝ дозволи. Таа долго го молеше а тој ѝ одговори:
- Ако го сторам тоа, самиот ќе станам нарушувач на манастирскиот устав и по мојата смрт ќе зборуваат дека сум наредил во Великиот пост да се јаде риба.
Тогаш кнегињата ги почести браќата со посна храна и се врати дома, фалејќи ја цврстината на светителот во чувањето на преданието на светите Отци.
Повторно треба да спомнеме за дарот на солзи и умиление на светителот. Додека служеше Божествена Литургија и читаше поуки, или слушаше читање, или стоеше на молитвено правило, тој постојано плачеше. По тоа се гледаше дека во него беше топлината на божствената љубов. Тој имаше и голема вера со надеж во Бога. Кога обителта оскудеваше и браќата му предлагаа потребното да го побара од некои христољупци, тој им велеше:
- Ако Бог и Пречистата Богомајка нѐ заборават, тогаш зошто сме во овој живот?
И ги тешеше и поучуваше да имаат надеж во Бога и да не бараат милостиња од никого, зашто кој излегува од манастирот заради милостиња би можел да биде заплетен во некои соблазни од лукавиот. А Бог, гледајќи колкава доверба има тој во Него, ги поттикнуваше срцата на многу велможи, та тие сами испраќаа доволно милостиња во обителта. Тој го примаше тоа како од Бога испратено и, благодарејќи Му на Господа Христа и Пречистата Мајка Негова, ја тешеше малодушноста на браќата.
Не треба да ја премолчиме ни проѕорливоста на преподобниот што ја имаше од дарот на Светиот Дух, заради чистота на својата душа. Еден брат на име Теодот, кој живеел во таа покраина некаде во пустината, кога слушна за свети Кирил дојде во обителта. Го засака отецот и го молеше да го прими во своето братство. Беше примен и живееше тука. Но по некое време ѓаволот му уфрли омраза во душата спрема светиот отец. Колку што порано го сакаше, сега толку го мразеше, што не можеше ни да го гледа, ни гласот да му го слуша. Зла мисла го влечеше да излезе од манастирот и тој водеше борба со помислите. Дојде кај гореспоменатиот старец Игнатиј и му ја исповедаше својата помисла, а тој го тешеше, велејќи:
- Трпи, брате, заради Бога, зашто дадовме завет пред нашиот Владика Христос, сѐ да трпиме од љубов кон Него. Биди сигурен дека таа помисла е од лукавиот. Гледаш ли нешто во отецот што заслужува омраза? Та тој е како Ангел Божји. Ако ја послушаш својата зла помисла и заминеш одовде, ќе си наштетиш на своето спасение.
Малку утешен, Теодот рече:
- Ќе почекам уште оваа година, па можеби отецот ќе го промени својот однос кон мене.
Но наскоро започна да го вознемирува истата помисла и, минувајќи така цела година во немир, братот одлучи да појде кај отецот и да се исповеда. Кога влезе во ќелијата и погледна во неговото преподобно лице, се засрами од неговата света седост, и од срам не можеше ни уста да отвори. Потоа се сврте да излезе, но старецот го задржа и му рече:
- Брате Теодот, бидејќи самиот не сакаше да ми ги исповедаш своите помисли, тогаш јас ќе ти ги кажам.
И започна светителот да му ги кажува на братот сите тајни на неговото срце. Теодот се преплаши и, восхитувајќи се на проѕорливоста на светиот, падна пред неговите нозе и молеше за прошка. Светителот го тешеше:
- Не тагувај, брате Теодот, зашто сите се соблазнија за мене, погрешно мислејќи дека сум добар, и единствено ти велиш за мене дека сум лош и грешен. Навистина, кој сум јас грешниот и непотребниот?
Додека гледаше колку отецот се понижува себеси, сѐ повеќе се скрушуваше во себе и плачеше и исповедаше дека без причина го намразил праведникот. Преподобниот, пак, гледајќи го неговото покајание, му прости и му рече:
- Оди си со мир, брате, во својата ќелија. Кај тебе повеќе нема да наиде таква борба.
Од тогаш Теодот најде спокој во своето срце, со уште поголема љубов и вера кон светиот отец. Свети Кирил со своите проѕорливи очи ги гледаше помислите и на другите. Посетителите тој оддалеку ги распознаваше кој со каква намера доаѓа и им велеше на браќата:
- Тој и тој брат сака да живее со нас, а тој и тој сака да нѐ напушти. И други тајни на човечките срца му биваа откривани од Бога.
Не треба молкум да преминеме ни преку чудесата на преподобниот, туку барем нешто да речеме за нив во слава на Бога, прекрасниот во светителите Свои. Кај него беше доведен еден бесомачен човек на име Теодор, кој многу страдаше од нечист дух. Откако се помоли, преподобниот го истера бесот од него. Теодор се исцели, и не сакаше да замине од обителта, туку да остане и да стане монах. Светителот го замонаши и му го даде името Теофан.
Еднаш снема вино за црковната служба и го известија преподобниот дека во сабота и недела нема да се служи Света Литургија. Преподобниот го повика црковникот Нифонт и го праша дали имаат барем малку вино. Тој му кажа дека дури и садот е сув, а светителот нареди да го донесе. Црковникот појде, но го најде садот полн со вино кое се прелевало. Тој многу се зачуди, зашто знаеше дека садот беше потполно сув. Но, со молитвата светителот за миг го преполни со вино. Кога браќата дознаа за тоа чудо, многу се восхитуваа и Го славеа Бога. Тоа вино траеше долго време, сѐ додека некои христољупци не донесоа друго.
Една година настана голем глад, па луѓето доаѓаа кај преподобниот. Тој нареди на сите да им се дава леб, иако и самите оскудеваа. За време на тој глад по околните села се пронесе глас дека во Кириловиот манастир им се дава храна на болните, и многу народ се собираше кај манастирот. И колку повеќе брашно им се даваше на дојдените, толку повеќе тоа се умножуваше во обителта, по молитвите на преподобниот. Тогаш многу народ се прехрани.
Еднаш настана пожар во манастирските ќелии и браќата не можеа да го совладаат, па манастирот се наоѓаше во опасност. Светителот зеде крст и се упати кон огнот. Еден дојденец од градот му се насмеа во себе. Но кога светителот со крстот во рака се помоли на Бога и на Пречистата Богомајка, пожарот стивна и целосно згасна, а тој човек го стигна Божјата казна. Одеднаш се разболе и му се фатија екстремитетите. Свесен дека тоа е од гревот, тој со покајание се исповедаше пред светителот. Светиот му прости, се помоли за него и го оздрави. Човекот се врати дома и на сите им раскажуваше за чудесните дела.
Чудесата на преподобниот Кирил се прочуја надалеку. Кнезот Михаил Бјелевски со кнегињата осум години немаа деца. Тажен поради тоа, кнезот испрати двајца болјари кај светителот, тој да се помоли на Бога за нив, Господ да им дари пород. И пред пратениците да му го предадат писмото од кнезот, блажениот им рече:
- Бидејќи, деца, со мака сте преминале толкав пат, верувајте дека вашиот труд нема да биде залуден. Бог ќе му даде пород на вашиот кнез.
Пратениците се зачудија од каде старецот знае зошто се дојдени, и сфатија дека тој е голем угодник Божји. Му го предадоа писмото од кнезот, а тој нареди да ги сместат. Истата ноќ кнезот Михаил имаше вакво видение во сонот:
Виде еден чесен старец, блескав, сед, со некакви три сада во рацете, кој му велеше да го прими тоа што го барал од него.
Истото видение во исто време го имаше и кнегињата Марија. Штом се разбудија и двајцата си го раскажаа видението, и многу зачудени го запишаа тој датум.
Преподобниот Кирил ги задржа три дена како гости пратениците на кнезот, па со благослов ги отпушти. На заминување му нареди на ќеларот да им даде леб и половина и малку риби за попат, а тие му рекоа:
- Оче, нека ни даде повеќе леб и риби, оти ни претстои далечен пат а местата се пусти.
Светителот им рече:
- Одете си со мир. Ова ќе ви биде доволно до дома.
Тие заминаа. По патот размислуваа каде би можеле да купат леб, зашто требаше да патуваат повеќе од дваесет дена. На првото преноќување ставија малку од рибите да се готват и додека се готвеа изгледаше како да има многу. Кога седнаа да јадат го поставија оној половина леб и се наситија, а половината леб остануваше иста како воопшто да не јаделе од неа. Исто така и рибите. Додека ги јадеа тие се умножуваа и ги имаше во изобилие. Тогаш сфатија дека преподобниот им ја зборувал вистината кога им рече: „Ова ви е доволно до дома“. Од тогаш не се грижеа за храната. До дома им беше доволна онаа половина леб, а целиот леб, донесен со благослов, му го дадоа на кнезот и сѐ му раскажаа. Тој со радост го прими лебот и се восхитуваше на раскажаните чудеса. Го исекоа тој леб на парчиња, на сите во дворецот им дадоа по парче и сите го јадеа како голема светиња. Болните од секоја болест, штом вкусија од овој леб, веднаш оздравеа. Кнезот ги праша болјарите во кој ден стигнале кај преподобниот. Кога му кажаа дозна дека стигнале оној ден кога ноќта кнезот и кнегињата имаа исто видение. Потоа им се родија два сина и една ќерка и сфатија дека всушност тоа го означуваа оние три сада што преподобниот им ги даде во видението. Тие имаа голема љубов кон преподобниот и многу милостиња испраќаа во неговата обител. Опширна повест за животот и чудесата на преподобниот Кирил се наоѓаат напишани во неговата обител. Ние овде накратко ќе спомнеме некои од тие чудеса.
На еден човек на име Атанасиј, кој живеел далеку од Белоезерската обител и бил на умирање, преподобниот му испратил осветена вода и така го оздравел.
Силната бура, која еднаш се беше кренала на Бело Езеро, преподобниот ја стиши и ги спаси рибарите од потопување.
На кнегињата, сопруга на кнезот Јован Карголомски, која долго време била слепа, светиот угодник ѝ подари вид со молитвата и попрскувањето со света вода.
Еден брат на име Далмат, кој умре болен без света причест (бидејќи свештеникот се беше задржал служејќи Света Литургија), преподобниот го воскресна од мртвите, за да се причести со Светите Тајни. Откако се причести, Далмат повторно заспа во Господа.
Еден болјарин на име Роман Александрович, кој живеел на огромна оддалеченост од обителта и никогаш го немал видено преподобниот, туку само слушал за него, беше на умирање. Молејќи се на Пречистата Богомајка да му ги олесни маките, тој виде како Пречистата му се јави со еден чесен старец (преподобниот Кирил), и му рече:
„Испрати некого кај овој старец да ти даде осветена водичка. Кога ќе вкусиш од неа ќе оздравиш“.
Кога му беше донесена вода од преподобниот, тој се напи и веднаш оздраве. Потоа веднаш се упати кон обителта и во преподобниот го препозна старецот кој во видението му се јави со Пречистата Богомајка. Падна пред неговите нозе и му оддаде благодарност.
На една жена, која беше слепа три години, преподобниот со молитвата и осветената вода ѝ подари вид. И други слепи исцели тој на истиот начин.
За време на голем помор во краевите околу Бело Езеро никој не умре во обителта на преподобниот. Само еден брат, на име Сосипатер, беше болен, но и тој оздраве по молитвите на преподобниот отец. И прорече светителот, велејќи му на друг брат:
„Верувај ми, брате Христофор, ниту еден од вас нема да умре пред мене. По моето заминување многумина ќе појдат по мене“.
И се исполни пророштвото на отецот.
Еден човек на име Јаков, кој пател од лути болки, беше доведен кај преподобниот за исцеление. Но, тој не само што не сакаше да го исцели, туку нареди да не го пуштат ни во манастирот. И болниот лежеше пред манастирот, а од устата и од носот му течеше крвава пена. И го молеа преподобниот за овој болен, но тој никако не се сожалуваше на него. Во меѓувреме во манастирот дојде еден човек кој светителот го почитуваше и сакаше. Кога ги виде страдањата на болниот, овој човек се сожали и усрдно го замоли преподобниот да се смилува и да измоли од Бога исцеление за него, а тој му рече:
„Верувај ми, чедо, таа негова болест не е случајна. Го снашла за неговото блудничење. Но, ако вети дека ќе се покае и ќе престане со таквиот грев, верувам во мојот Бог и Пречиста Богородица, дека ќе се исцели. Ако не го стори тоа, ќе го снајде нешто пострашно“.
Овој човек отиде и го извести болниот. Кога го слушна изобличувањето за гревовите познати само на Бога, болниот се исплаши, и со солзи започна да ветува дека ќе се покае и ќе се откаже од гревот. Преподобниот се сожали, отиде кај него, ја прими исповедта на неговите гревови, се помоли за него, и со благодатта Божја го оздраве.
По сето тоа, преподобниот Кирил, многу истоштен од многубројните подвизи и од староста, се доближи до својот блажен крај. Ги собра браќата, педесет и тројца на број, и ги завети по неговото заминување никој да не се осмели да наруши нешто од уставот на општожитието. Откако доволно ги поучи, за игумен им го назначи добродетелниот Инокентиј. Потоа се причести со Божествените Тајни, ги благослови сите, им даде последен целив, и со молитвата во устата ја предаде својата чесна и света душа во рацете Божји, во 1427 година, на 9 јуни, во Духовденскиот понеделник, на денот на свети Кирил Александриски. Неговото лице заблеска и прекрасен мирис започна да се шири од неговите мошти. Неговите ученици многу плачеа над него и чесно го погребаа.
Преподобниот Кирил се претстави во деведесеттата година од својот живот. Во Бело езерската пустина дојде кога имаше шеесет години, и тука, каде и манастир создаде, поживеа триесет години. И како што за време на својот живот со благодатта Божја и помошта на Пречистата Богомајка твореше чудеса, така и по своето претставување не престана да чудотвори, истерувајќи нечисти духови од луѓето, и исцелувајќи ја секоја болест од оние кои со вера му пристапуваа. Ние, пак, Го славиме Бога, Кој угодникот Свој го прослави во слава на пресветото име Свое, славено од целокупните твари, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.
СПОМЕН НА ПЕТТЕ СВЕТИ МОНАХИЊИ ДЕВИЦИ ТЕКЛА, МАРИЈАМНА, МАРТА, МАРИЈА И ЕНАТА
Во времето на персискиот цар Сапор, во IV век, во местото Адза живееше еден богат свештеник на име Павле. Со него имаше и пет монахињи девици, украсени со сјајот на доблестите. Тој служеше, а тие читаа и пееја. Но ѓаволот, не можејќи да го гледа нивното напредување во Господа, реши преку еден персиец Нирса да му испрати вакво известување на царскиот архимаг: „Има еден богат христијански свештеник, и ако сакаш да го присвоиш неговото богатство, ти господару, изведи го на суд со петте девици што ги има кај себе. Тие нема да се одречат од својата вера и ти ќе се дограбиш до нивното богатство“.
Архимагот веднаш нареди да ги доведат кај него со богатството. Тогаш сатаната влезе во срцето на свештеникот Павле и тој му рече на архимагот:
- Зошто ми ги зеде парите кога не сум сторил никакво зло?
Архимагот му одговори:
- Затоа што си христијанин и не ги извршуваш царските наредби.
Павле го праша:
- А што треба да правам? Архимагот му одговори:
- Ако му се поклониш на сонцето како на Бог и се напиеш жртвена крв ќе ги добиеш своите пари назад, па оди си дома.
Несреќниот Павле погледна во парите, срцето му се прилепи за нив, и одговори:
- Сѐ што ќе речеш, господару, ќе направам.
И тогаш бедникот му се поклони на сонцето како на Бог, и јадеше од жртвеното месо, и пиеше од жртвената крв.
Но, бидејќи архимагот не успеа да го присвои богатството за себе, му рече на Павле:
- Наговори ги овие девици да го сторат истото и да се омажат, па тогаш ќе го добиете своето богатство назад.
Павле отиде кај девиците им раскажа сѐ што се случи, и дека архимагот ги повикува и нив да го сторат истото.
Светите девици веднаш сложно го плукнаа во лицето и му рекоа:
- Беднику, ти си се дрзнал да сториш толку голем грев, па сега сакаш и нас да нѐ вовлечеш во него? Ти си втор Јуда предавник. Како што тој за пари го предаде на смрт Учителот и Господ наш Исус Христос, и парите не ги искористи, бидејќи по предавството самиот се обеси, така и ти несреќнику, како втор Јуда, ја изгуби својата душа за пари, а не се сеќаваш, кукавицо, на богаташот кој имал пари и многу богатства и ѝ зборувал на својата душа: „Душо имаш многу богатства. Јади, пиј, весели се!“ и заради тоа го слушнал одговорот: „Безумнику! Оваа ноќ ќе ти ја земам душата. А што си подготвил, чие ќе биде?“ Ти зборуваме како да стоиме пред Бога и ти ги даваме овие примери.
Го рекоа тоа и повторно го плукнаа во лице како отпадник од верата Христова.
Тогаш според наредбата на архимагот девиците беа бездушно тепани. Додека ги тепаа тие повторуваа:
- Ние Му се поклонуваме на нашиот Господ Исус Христос и не ги слушаме царските наредби. Со нас прави што сакаш.
Архимагот многу сакаше да се докопа до Павловото богатство и затоа веднаш донесе одлука Павле со сопствените раце да им ги отсече главите на девиците, со цел, ако тој не се согласи на тоа, ќе има причина да му го земе богатството и да го погуби заедно со нив.
Кога ја слушна одлуката бедниот Павле погледна во своите пари. Победен од љубовта кон нив и заслепен од среброљубието, тој зеде меч и им пријде на девиците. Тие се запрепастија и едногласно му рекоа:
- Проклет беднику! Беше наш пастир, а сега како волк доаѓаш да нѐ погубиш. Зарем тоа е Чесното Тело и Светата Крв Господова која ја примавме од твоите нечисти раце и се причестувавме? О, какво слепило! Знај дека мечот и смртта што од тебе ќе ги примиме денес ќе ни бидат зе живот вечен. Ете, ние заминуваме кај нашиот Господ Исус Христос, а ти, најнесреќниот од сите луѓе, заедно со парите ќе ја изгубиш и душата, и набрзо ќе се обесиш и ќе отидеш кај својот истомисленик Јуда, за со него вечно да се мачиш. Така му зборуваа светите девици, а потоа се помолија на Бога и Павле им ги отсече главите.
Тогаш архимагот лукаво му се обрати на христоотстапникот Павле:
- Знај, Павле, дека во никој друг не ја видов дарбата и способноста што ти ја имаш. Затоа ќе те одведам кај царот и тој ќе те удостои на големи почести. Ајде сега да се провеселиме, и ти ќе останеш кај мене, па утредента ќе му поднесам извештај на царот за тебе.
Бедникот одговори:
- Нека биде како што ќе наредиш.
Таа ноќ архимагот испрати кај Павле свои слуги, кои му ставија јамка околу вратот и го задавија.
Утредента дојде архимагот и на сите им објави дека Павле самиот се обесил. Потоа нареди да го симнат и да го фрлат на кучињата.
Така овој бедник ја изгуби својата душа, а архимагот го доби неговото богатство. Се исполни пророштвото на светите девици монахињи. Бедниот Павле беше обесен и умре и со душата и со телото.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ОРЕСТ, ДИОМИД И РОДОН
Пострадаа за Господа незнајно каде и кога. Јосиф Песнописецот им напиша служба. Се спомнуваат во Цариградскиот Синаксар.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ АЛЕКСАНДАР, игуменот Куштски
Преподобниот Александар беше родум од градот Вологда. Монашкиот потстриг го прими во Каменскиот манастир од игуменот Дионисиј. Одбегнувајќи ја славата од луѓето, тој го напушти овој манастир, отиде на реката Кушта во близина на Кубенското Езеро, и тука со благослов на ростовскиот архиепископ Дионисиј подигна црква во име на Пресвета Богородица, во чест на Нејзиното славно Успение. Јарославските кнезови Димитриј и Симеон многу се израдуваа кога дознаа за тоа и му дадоа значителна помош за црковните и манастирските потреби. А по смртта на кнезот Димитриј, неговата сопруга, кнегињата Марија, гледајќи ги подвизите на светиот Александар, во спомен на својот сопруг му подари еден голем имот за издршка на манастирот. Потоа свети Александар започна уште повеќе да се труди. Тој заедно со браќата ја обработуваше земјата и собираше многу бериќет.
Преподобниот поживеа шеесет години, два месеца и два дена и се претстави во вечниот живот, на 9 јуни во 1439-та година. Тој беше со среден раст, со многу исушено тело, главата му беше со средна големина, лицето округло, очите кротки, брадата густа, косата затворено смеѓа и проседа.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ТРИ ДЕВИЦИ
Овие три девици беа од островот Хиос. Пострадаа за својот Господ со отсекување на главите.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК АНАНИЈ
За својата вера во Христа пострада обезглавен со меч.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ КИР
Во мир се упокои.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК АЛЕКСАНДАР
Беше епископ на Бруса во Мала Азија. Пострада за Господа со отсекување на главата. Можеби овој е истиот епископ кој се спомнува на 22 октомври.