23. Јуни (10. Јуни)
СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ТИМОТЕЈ, епископот Бруски
Во градот Бруса, на границата помеѓу Витинија, Фригија и Мизија, близу гората Олимп, епископ беше свети Тимотеј. За чистота и светоста на својот живот тој го доби од Бога дарот на чудотворството. Еднаш тој уби еден огромен змеј, кој се беше вгнездил во една пештера под еден кипарис, и многу зло им вршеше и на добитокот и на луѓето. Го уби така што во челуста му ја фрли покривката со која што се покрива осветениот леб на светиот престол. Во друга прилика тој исцели еден цар на име Арит, кој боледувал од тешка смртоносна болест. Исто така тој не само што исцели една царица која била на умирање, туку и ја обрати од идолопоклонството. Освен тоа, со благодатта што му беше дарувана тој исцелуваше секакви болести, и со силата Христова многу чудеса изврши, со учењето својата паства ја просвети, и мноштво неверници кон Христа обрати.
А кога на римскиот престол стапи царот Јулијан, кој се одрече од Христа и им се поклони на идолите, па започна жестоко да ја гони Црквата Божја, свети Тимотеј многу се трудеше во проповедањето на зборовите Божји, утврдувајќи ги верните во верата и изобличувајќи ги незнабошците за нивната заблуда. Кога незнабожниот цар Јулијан слушна за светителот, веднаш нареди да го фатат и го фрли во темница. Кај окованиот светител доаѓаа многумина, и тој ги поучуваше за вистинскиот Бог Христос. Јулијан дозна за тоа и му забрани да учи за името Исусово. Но, тој не го послуша и бестрашно го вршеше тоа што како епископ треба да го врши. Го учеше народот. А кога царот Јулијан повторно дозна дека свети Тимотеј бестрашно Го проповеда Христа, се разгневи и испрати џелати, кои му ја отсекоа главата во темницата. Тоа се случи во 362 година.
По блажената смрт на свештеномаченикот Тимотеј верните го зедоа неговото свето тело и чесно го погребаа. Од неговиот гроб се даваа многу чудесни исцеленија од разни болести и страдања, во слава на нашиот Бог Христос.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ АЛЕКСАНДАР И АНТОНИНА
За време на едно гонење против христијаните, кога многу верни со разни маки беа усмртувани за нашиот Господ Христос, беше фатена и приведена кај свирепиот областен управител Фист една христијанска девица на име Антонина од градот Кродамн. За нејзиниот побожен и доблесен живот Господ ја удостои на маченичкиот подвиг, за да го посрами и победи лукавиот противник, ѓаволот.
Кога девицата Антонина ја изведоа пред свирепиот игемон Фист, тој започна да ја соблазнува со многу лукави зборови, велејќи ѝ:
- Госпоѓо Антонина, тебе, честитата и целомудрена девица сакам да те поставам за свештеница на богињата Артемида, да ти дадам многу поклони и почести, и да те направам господарка над сите мои имоти.
На овој предлог светата долго време молчеше, па одговори:
- Зошто ми даруваш ништовни подароци? За тебе е подобро да станеш заедничар со моите богатства, и со верата во мојот Господ Исус Христос да добиеш ризница на вечните блага.
- Да не се случи тоа што го зборуваш - одврати Фист. Боговите нека ме сочуваат да поверувам во таквиот Бог, или подобро кажано човек, кој на крст бил прикован и усмртен.
На тоа света Антонина му рече:
- Не одрекувам дека нашиот Господ Исус Христос беше прикован на крст, умре и беше положен во гроб, но за Него исповедам и дека Он воскресна од мртвите во третиот ден, и сега седи од десната страна на Бога Отецот Свој, како што за тоа пишува во нашите Книги: „Му рече Господ на мојот Господ: Седи од Мојата десна страна, додека не ги положам непријателите Твои во подножјето на нозете Твои“ (Пс. 109, 1Матеј 22, 44).
- Празни се сите тие твои зборувања, - рече Фист. Подобро ти послушај ме мене и пренеси им жртва на нашите богови, за да уживаш во сите блага на овој свет.
Светата девица му одговори:
- Јас нема да им се поклонам на бездушните богови, затоа што се демони, како што за тоа пишува во законот на мојот Господ: „Сите богови на незнабошците се демони; а Господ ги создаде небесата“(Пс. 95, 5).
Фист викна:
- Зарем ти боговите наши ги нарекуваш демони?
Светата девојка му одговори:
- Да! Така ги нарекувам! Во нив нема никаква сила, ниту пак има некаква помош од нив. Навистина тие не се богови туку демони.
Овие зборови многу го разјарија Фист, и тој им нареди на војниците силно да ја тепаат по образите, за да не биде така дрска. Потоа повторно ѝ се обрати:
- Се колнам во боговите, ако не ѝ се покориш на царската наредба ќе те ставам на најстрашни маки, и потоа ќе те испратам во блудилиштето, и така ќе ти приредам најголем срам. Ти давам три дена да размислиш, зашто многу приврзаници на вашата вера го менуваат своето мислење и им се поклонуваат на нашите богови.
Тогаш света Антонина му рече:
- Прави што сакаш, безбожен мачителу!
Потоа ја предаде на четворица војници со кои таа со радост тргна. Игемонот тајно го повика старешината на темницата и нареди да не ја злоставуваат, туку со ласкави зборови да ја наговараат да се одрече од христијанството. Притоа додаде: тешко се принудуваат христијаните да се одречат од својата вера.
Кога ја затворија, старешината започна да ја советува:
- Сечесна девице Антонина, зошто си упорна? Зошто не го промениш своето мислење? Принеси им жртва на нашите богови, за да се избавиш од мачењата што ти претстојат.
Но, светата маченица не му одговори ништо, па тој многу се зачуди зошто молчи. Таа, пак, преклонувајќи ги колената, и дење и ноќе се молеше на Господа, без храна. По три дена одненадеж настана толку страшно грмење, од што катанците на темницата се искршија, вратата сама се отвори, темницата ја осветли огромна светлина, и дојде глас од небото, кој говореше:
- Стани Антонина! Поткрепи се со храна! Еве, земи леб и вода. Биди храбра и не плаши се од безбожниот Фист, зашто јас сум со тебе.
А светата, завршувајќи ја својата молитва, изговори:
- Амин!
Потоа стана, зеде леб и вода, касна и прилегна да се одмори. Утредента игемонот седна на судиштето и рече:
- Доведете ми ја онаа дрска жена, за да ѝ ги дознаам мислите.
Додека ја водеа, таа Му се молеше на Бога, говорејќи:
- Ти благодарам, Господи Боже мој, што волјата Своја ја исолнуваш на мене. Те молам, не оставај ме до мојата смрт. И одеднаш се слушна глас од небото:
- Без страв оди по својот пат, зашто Јас сум со тебе!
Кога стигнаа во судиштето каде заседаваше Фист, светата девојка се насмеа. Фист ја праша зошто се смее, а таа му одговори:
- Ќе ти ја кажам причината. Однапред гледам дека престолот на кој што седиш набрзо ќе се сруши и ти ќе загинеш. Ете, затоа се насмеав.
Гледајќи дека Антонина му се потсмева, тој нареди да ја бичуваат, а таа Му се молеше на Бога, говорејќи:
- Ти благодарам, Господи Боже мој, што мене, бедната и грешна, ме удостои на дел со светите Твои. А овој беззаконик, со крвопролевање извалкан, фрли го што побрзо на дното на пеколот, за да ја види немоќта на своите лажни богови, во кои ја положил сета своја надеж несреќникот.
Крвожедниот уште повеќе се разјари и им рече на војниците:
- Оваа зла и одвратна жена не само што хули на нашите богови, туку и нас нѐ навредува. Одведете ја во блудилиштето да ја засити својата похота.
Тогаш војниците ја одведоа во една куќа. Сама во собата, Антонина усрдно Му се молеше на Бога. Во тоа време ангел Господов му се јави на еден од игемоновите војници, кој имаше дваесет и три години и се викаше Александар, и му рече:
- Појди кај управителот и побарај дозвола да влезеш кај Антонина. А кога ќе влезеш кај неа, покриј ја со својата наметка, за да не ја препознае управителот при нејзиното заминување.
Војникот отиде и му рече на управителот:
- Дозволи ми да влезам кај Антонина, па ако ја посоветувам добро, ако пак не, со неа прави што сакаш.
Управителот му дозволи, велејќи:
- Со неа прави што сакаш.
Александар појде, и падна пред нејзините нозе, говорејќи:
- Слугинко Господова, Господ ме испрати кај тебе, за да ти јавам дека твоето девство ќе биде сочувано.
Светата девица се уплаши. Одеднаш огромна светлина ја осветли собата и се чу глас, кој говореше:
- Не плаши се, Антонина! Оној Кој те повика на овој подвиг, како Многумилостив, го повика и Александар на истиот маченички венец. Покриј се со неговата наметка, за да не те препознае управителот, и излези одовде, а јас ќе те чувам.
Тогаш света Антонина се покри, па направи знак со раката кон управителот, како да му зборува: „Прави со неа што сакаш“. Така светата Христова девица се избави, а управителот, мислејќи дека Александар излегол од куќата, испрати кај неа уште четири војници, велејќи им: - Правете со неа што сакате, па потоа извадете ја надвор за сите да ѝ се потсмеваат. Војниците влегоа да ја осквернат девицата, но внатре го најдоа Александар. Зачудени, тие го прашаа:
- Каде е таа жена? Зошто си сам? Го одведоа Александар кај управникот и му рекоа:
- Внатре го најдовме овој, а девојката ја нема.
Зачуден, управителот му рече на Александар:
- Беднику, кажи ни како се осмели да нѐ излажеш? Каде е онаа погана блудница? Ти си ја обесчестил, за да ја земеш за жена. Тоа нема да се случи. Нема да ми се извлечеш од рацете.
Александар молчеше, а тој долго размислуваше, па потоа нареди да го обесат и немилосрдно да го тепаат. Додека го тепаа, игемонот повторно го праша:
- Каде е онаа гадна жена? Александар молчеше и гледаше во небото. Одеднаш се чу глас од небото, кој говореше:
- Нечист Фисте, зошто го мачиш невиниот човек?
Игемонот веднаш престана да го мачи и нареди да го одведат во темницата, а Антонина да ја бараат насекаде.
По пет дена повторно го изведе Александар на суд и го праша:
- Што си намислил? Ќе им принесеш ли жртва на боговите?
Свети Александар му одговори:
- Нема што да размислувам, поган и свиреп мачителу!
Фист праша:
- Каде е онаа жена?
Александар одговори:
- Не знам каде е. Додека разговараа, на света Антонина ѝ се јави самиот Господ Христос и ѝ рече:
- Биди храбра и појди кај поганиот игемон.
Светата отиде, бестрашно излезе пред игемонот и му рече:
- Безбожен Фисте, мене ли ме бараш? Еве ме пред тебе, за да ја посрамам и уништам твојата сила.
Кога ја здогледа Фист страшно се разбесни и им нареди на војниците да ја обесат на дрво, па да ја тепаат и прашуваат:
- Девојка си или не си?
Страшно тепана, таа ни глас не пушти. А кога ја симнаа од дрвото, самиот игемон започна да ја прашува истото и таа му одговори:
- Беден и свиреп мачителу! Ние христијаните не сме заробени со вашата погана похота, зашто нашиот Господ Бог со Своето милосрдие и мене ме сочува невина.
Фист ја погледна зачудено ѝ рече:
- Ако сѐ уште си девојка, пријди и заедно со Александар принеси им жртва на нашите богови, па нема да ве повредам.
А тие како со една уста му одговорија:
- Не постојат маки, беден Фисте, кои би можеле да нѐ принудат да им се поклониме на вашите нечисти богови, кои немаат ни разум ни моќ.
Игемонот веднаш нареди да им ги отсечат рацете. Светите војници Христови ги испружија рацете, зборувајќи:
- И порано ти дадовме до знаење дека со никакви маки не можеш да го победиш нашиот побожен ум. Прави што сакаш! Војниците им ги отсекоа рацете, а тие како да не чуствуват болка Го славеа Господа, па му се обратија на игемонот:
- Најопак и најгаден игемоне! Ние ни најмалку не ги чувствуваме маките што ни ги нанесуваш. А нашиот Господ, Чии што слуги сме ние, наскоро ќе те фрли во огнениот пекол, каде вечно ќе се мачиш во неизбежните маки. Обземен со најстрашен бес поради ваквото изобличување, исемонот нареди да се ископа длабока јама, да ги обесат мачениците и да ги тепаат, сѐ додека не почувствуваат болка од ударите. Нареди јамата да ја наполнат со дрва и да ги спалат светите маченици. Иако страшно ги тепаа, тие не чувствуваа никакви болки, и како да беа во туѓи тела Го фалеа Господа Христа. Гледајќи го тоа, игемонот нареди врз маките да им додаваат нови маки, и да им ги горат ребрата, а тие силно повикаа кон него:
- Несреќен Фисте, ние трпиме од љубов кон нашиот Господ Исус Христос, цврсто уверени дека во идниот живот ќе примиме вечна награда во Царството Небесно. А тебе Он ќе те погуби, затоа што луто ги мачиш невините слуги Негови.
А Фист, беснеејќи од гнев, им нареди на слугите да го запалат огнот во јамата, и да ги фрлат во него. Кога војниците ја исполнија наредбата, тој им нареди да ги премачкаат мачениците со смола и да ги фрлат во јамата. Тоа беше сторено, па тој нареди врз дрвата да се стави и сува смола за потполно да изгорат и коските да им се претворат во пепел. Најпосле нареди јамата да се покрие со земја, велејќи:
- Нивните жени да не им ги соберат коските, според обичајот христијански.
Наредбата Фистова беше извршена, и јамата затрупена со земја. Потоа Фист се врати во својот дом, но не можеше да вкуси храна, и онеме, зашто нечист дух, испратен од светите ангели, влезе во него и го мачеше седум дена. По седмодневните тешки демонски маки тој горко ја исфрли својата нечиста душа. Откако загина на таков начин, гонењето против христијаните престана во тамошните краеви.
Блажените маченици Александар и Антонина пострадаа на 3 мај, во сабота, во три часот попладне, во 313-та година, прославувајќи Го нашиот Господ Исус Христос, кому чест и слава виз сите векови. Амин.
ЖИТИЕТО НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ ВАСИЈАН, епископот Лавдиски
Да се опишуваат денес животите на Светиите кои со помош Божја јуначки војувале против телесните желби, и сеќавањата за нив да се направат незаборавни за идните поколенија, е од двојна корист. Оти со сеќавањето на јуначките подвизи на Светиите ние веруваме дека и тие се сеќаваат на нас пред Бога, а со пишувањето за подвизите на нивниот доблесен живот ние се поттикнуваме и себеси а и другите на подражавање на тие подвизи. Затоа ќе се потрудиме накратко да го опишеме светиот живот и подвизите на исповедникот и епископ Лавдијски свети Васијан. Со помош ва овој угодник Божји ќе ги изложиме неговите подвизи, со кои што тој се удостои да стане заедничар на Царството Небесно. Овој блажен маж уште во своето детство беше старец, не по години, туку по паметта и добриот карактер. Неговиот татко Сергиј, поглаварот на Сиракуската област, беше назнабожец по вера. Тој го испрати својот син во Рим, за да ја изучи световната философија, да ја наследи власта на својот татко и да биде искусен управник над граѓаните. Беше остроумен, паметен и многу внимателен во учењето. Во тоа време тој дозна за името Христово и животот на христијаните, и го обзеде неискажлива желба од елинската философија да премине во христијанската Божествена философија. Започна да размислува на кого од своите слуги да ја открие тајната на своето срце, а Господ три пати на сон известуваше еден презвитер со свет живот на име Гордијан за младиот Васијан и неговата желба. Презвитерот ги обиколи сите училишта во Рим, барајќи го момчето и најпосле го најде и го праша од каде е, кои се неговите родители, и зошто живее во Рим. Кога му раскажа за себе, презвитерот се восхити на неговите мудри и речити одговори, и се увери дека тој е момчето што го бара. Го прегрна, па го одведе во својот дом и му го раскажа видението од Бога за него. И двајцата Го прославија Бога, и Васијан падна пред нозете на тој свештен старец, молејќи го да го направи христијанин. Презвитерот започна да го поучува во вистините на Светата Вера и момчето се исполнуваше со умиление и љубов кон Христа. Потоа го огласи и го поучи како да се однесува за време на Светото Крштение. Од тогаш Васијан започна често да доаѓа кај светиот презвитер со својот најстар роб, кој му беше верен во сѐ, и ја изучуваше Божествената христијанска философија од боговдахновената уста на својот учител.
Откако беше огласен, Васијан започна да води суров живот во пост, неспиење, постојана молитва и читање книги. Од принесената храна земаше само една третина, а двете ги раздаваше на бедните.
По долго време дојде часот на крштението Васијаново. Со својот верен роб Васијан отиде во домот на презвитерот и таму беше крстен. Додека влегуваше во светиот купел, тој здогледа преубаво момче кое блескаше како сонце и прислужуваше при крштението, држејќи бела облека во која новокрстениот требаше да се облече по излегувањето од купелот. Блажениот Васијан се осмели да го праша:
- Кој си ти? Од каде си?
Момчето одговори:
- Јас одамна сум испратен од небото кај тебе, за да ти помагам.
Момчето стана невидливо, а собата се исполни со прекрасен мирис кој долго се чувствуваше, така што сите мислеа дека се наоѓаат на небото.
Откако се крсти Васијан започна да води уште построг живот, умртвувајќи го своето младо тело и потчинувајќи го на духот. Чуварите и слугите, кои поглаварот Сергиј ги беше одредил да му го чуваат синот како зеница во окото, не знаејќи ја тајната на Васијан, многу се чудеа на неговиот начин на живот и загрижено се прашуваа меѓу себе:
- Зошто нашиот господин така се измачува себеси?
А најстариот роб, кој ја знаеше неговата тајна им велеше:
- Не чудете се, зашто изучувањето на философијата бара такви напори и отфрлање на сите сласти а се задоволува со она што е неопходно за живот. За да ја изучи највисоката философија, нашиот господин си наложи такво воздржание и бдеење.
Но слугите не беа задоволни од тој одговор. Притоа се присетуваа дека Васијан уште како дете со прстот цртал крст на песокот или со сламчиња правел крст, поради што неговата дадилка често му се лутела. Тие секој ден го следеа Васијан каде оди и најпосле дознаа дека ги примил христијанската вера и живот. Тоа многу ги вознемири зашто се плашеа од неговиот татко Сергиј, а дека Васијан е христијан се уверија од следниот настан:
Еден ден блаженото момче, по сеноќното бдеење и подвизи, цврсто заспа од умор. Но во сонот тој ги изговараше молитвите призивајќи Го Бога, и слушна глас одозгора, кој говореше:
- Радувај се и весели се верен војнику Христов, твојата молитва е примена од Бога и за тебе е подготвено прекрасно место на небото.
Тоа го слушнаа слугите околу него и конечно се уверија дека Васијан е христијанин. Потоа тие еден по друг тајно заминаа во Сиракуза, кај својот стар господин, поглаварот Сергиј, и му ја соопштија непријатната вест дека неговиот син ја примил христијанската вера. Идолопоклоникот многу се натажи и започна да размислува како да го поврати сина си. Така, постепено, сите слуги тајно побегнаа од Васијан и од Рим. Кај него остана само најстариот верен слуга, кој исто така поверува во Христа. Сергиј имаше намера да испрати слуги да го вратат Васијан кај него.
Во тоа време во Рим се случи една ноќ за време на првите петли Васијан да влезе во црквата на светиот евангелист Јован Богослов. Молејќи се по својот обичај, тој здогледа тука еден чесен маж, украсен со седост, кој му рече:
- Знај, верен исповеднику Господов, дека треба со својот верен слуга да појдеш во градот Равена, зашто твојот татко ќе прати слуги по тебе. Бегај од тука за да не те сврти од патот. Милосрдниот Бог, Кој не ги остава Своите слуги, ме испрати мене, апостолот Свој, да те известам за да не бидеш фатен од пратениците на твојот татко.
Свети Јован Богослов си отиде од Васијан, а тој, многу израдуван од неговото јавување, сотвори многу метании, молејќи Му се на Бога да не го остави. По молитвата му раскажа на својот слуга што виде и чу, и утредента сѐ што имаа раздадоа на неволните, па откако зедоа благослов од својот духовен отец Гордијан, го напуштија Рим и се упатија кон Равена. По тридневно патување свети Васијан здогледа срна со две срничиња како бега од ловџии, па се сожали на неа и ѝ викна:
- Во името на нашиот Господ Исус Христос, не плаши се и дојди кај мене!
Срната веднаш застана и му пријде на светителот со своите сричиња. Тој започна да ја милува со рацете како да се стари познаници, а таа му ги лижеше нозете. Кога дотрчаа ловџиите и видоа како срната кротко стои пред патникот и тој ја милува, многу се зачудија, а еден од нив, лош и суров човек рече:
- Будали! Зошто стоиме и не го земеме својот лов?
И започна да ја влече срната од рацете на светителот. А тој му рече:
- Не јас, туку Вишниот Бог ти наредува да не му нанесеш зло на ова диво животно и неговите малечки.
Но ловџијата налутено и дрско го оттурна Божјиот угодник со раката. И во тој миг, заради дрската постапка го нападна демон и започна силно да го мачи. Ловецот падна на земјата викајќи страшно, исфрлајќи пена и кочејќи се, и стана како мртов. Останатите ловџии се преплашија и трепереа од страв, па клекнаа пред светителот и со солзи го молеа да им прости, плашејќи се да не ги стигне слична казна. Тој им нареди да се тргнат од тоа место, па крстолико се простре на земјата за молитва и со умот вперен кон Бога започна да се моли:
- Боже, Чудесен Творецу на сѐ, Боже милосрден, Спасителу на паднатиот човечки род, Ти не се радуваш на пропаста на мртвите туку на спасението на живите. Прости му на овој бедник што лежи, зашто во незнаење Ти согреши и ја разгневи Твојата благост.
Откако со такви трогнувачки зборови Му се помоли на Бога, светителот стана, му пријде на оној што лежеше на земјата, го фати за десната рака, и му рече на демонот што беше во него:
- ѓаволе, Оној Кој од небесните висини те фрлил во бездна, Он ти наредува веднаш да го напуштиш ликот Божји - овој човек, и да појдеш во тартарот приготвен за тебе, каде вечно ќе се мачиш.
Додека светителот зборуваше, врагот веќе излезе од човекот, кого до пред малку толку страшно го мачеше и тој беше на умирање. А кога ловџијата почна да си доаѓа на себе, ништо не гледаше и неподвижно лежеше на земјата. Тогаш светителот повторно се помоли на Бога, ги осени со крсниот знак неговите очи и тој веднаш прогледа. Потоа го огради со крсниот знак и му нареди да стане. И човекот стана здрав како ништо да не претрпел.
Останатите ловџии, кои стоеја наблизу и со трепет набудуваа што се случува, пристапија и му се поклонија на светителот. Му се поклонуваше и исцелениот човек, благодарејќи му и молејќи за прошка. Потоа сите се разотидоа а срната беше пуштена на слобода.
Кога стигнаа во градот Равена Васијан му се јави на епископот на градот Урс, кој му беше роднина. Тој многу се израдува кога дозна дека Васијан верува во Христа и за престој му даде едно спокојно место надвор од градот, при црквата на свештеномаченикот Аполинариј, првиот епископ на градот Равена, ракоположен од светиот врховен апостол Петар и пострадан за Христа во времето на царот Веспазијан. При таа Црква се најде многу погодно место за светиот Васијан. Живеејќи во осаменост, тој Му служеше на Бога во пост и молитви, одрекувајќи се од сѐ световно. Господ наскоро го прослави Својот слуга. Му дари чудесна благодат, со молитвата да ја исцелува секоја болест и со боговдахновените поуки да ги лекува душевните страдања. Затоа сите го почитуваа, славеа и сакаа.
Во тоа време од царот Валентијан стигна наредба до управникот на градот да го предадат на смрт градскиот судија Витимниј, затоа што бил обвинет кај царот како извршител на страшни злосторства. Витимниј бил окован и доведен на губилиштето, каде што требало да му се отсече главата. Тука тој се сети на свети Васијан и си рече на себе: „Слуго Божји Васијан, со благодатта што ти е дадена од Бога, биди ми помошник сега!“ На губилиштето присуствуваше и управникот на градот и многуброен народ. И кога Витимниј ја приклони главата за посекување и џелатот го подигна остриот меч за да го удри по вратот, наеднаш мечот се извлече од неговите раце и падна далеку. Џелатот повторно го дофати и, држејќи го со двете раце, уште посилно замавна, но и овој пат мечот му се извлече од рацете и падна уште подалеку. Разбеснетиот џелат повторно го зеде мечот, но и по трет пат се случи истото.
Сите беа запрепастени од ова чудо. Управникот помисли дека џелатот примил пари од осуденикот, и затоа нареди друг џелат да му ја отсече главата на Витимниј. Но и со него се случи истото. Трипати невидлива сила му го одземаше мечот од рацете и го фрлаше далеку.
Тогаш управникот, многу зачуден и уплашен, нареди да го одведат осуденикот, бидејќи народот бараше да биде ослободен, зашто сила Божја го штитела од смртта. Го ставија во темница и веднаш му испратија извештај на царот дека двајца џелати не можеа да го обезглават. На овој извештај веднаш стигна милостиво помилување од царот, и Витимниј беше ослободен.
Тој, пак, без да крие, на сите им раскажуваше за својот застапник пред Бога - свети Васијан, кого во својата молитва го повика на помош. Кога го ослободија од темницата, тој веднаш отиде кај светителот и, целивајќи му ги нозете, му благодараше. Светиот угодник Божји му наложи да Му благодари само на Бога, Кој го избави од смртта. Од тогаш сите жители на градот уште повеќе го почитуваа светителот, го имаа како ангел Божји и прибегнуваа кај него за помош. Клирот и најугледните граѓани го молеа епископот да го кандиса свети Васијан да го прими свештеничкиот чин, зашто неговата богопријатна молитва, принесувана при вршењето на Бескрвната Жртва, ќе биде посилна пред Бога. И така, угодникот Божји, иако не сакаше, беше хиротонисан во свештеничкиот чин, во кој помина многу години.
Потоа се упокои во Господа неговиот верен слуга, кој беше дојден со него од Рим. Свети Васијан започна да принесува Бескрвна Жртва за него, и во седмиот ден по неговото претставување, кога светителот служеше Света Литургија и усрдно се молеше за покој на душата на покојникот, слушна глас од небото, кој го извести дека душата на покојникот добила милост од Бога и е вброена во ликот на светиите. Ова известување свети Васијан му го достави и на Витимниј, кој беше во црквата на Литургија, па и двајцата се радуваа за спасението на душата на преминатиот.
Во меѓувреме градот Лавдија во Лигурија се лиши од својот епископ, зашто тој се претстави кај Господа. Жителите на овој град си наложија тридневен пост со молитва, Бог да им испрати достоен човек за архиерејскиот престол, кој мудро ќе управува со Црквата Христова. Додека сите постеа и се молеа за тоа, на еден презвитер од соборната црква, на име Климент, доблесен и чесен човек, кога после црковниот труд заспа, му се јави во сонот блескав маж и му рече:
- Знајте дека од Бога за епископ ви е подготвен презвитерот Васијан, кој живее во градот Равена и е украсен со даровите Божји.
Климент веднаш ги повика чесните луѓе од црковниот клир и мирјаните и ги извести што му кажа Господ во видението. Тогаш испратија угледни луѓе кај свети Васијан со молба да го прими архиерејскиот престол. А пак на свети Васијан, пред да стигнат пратениците од Равена, во ноќно видение Бог му откри за нивното доаѓање и му нареди да појде со нив.
Кога стигнаа и му го предложија нареденото, тој им одговори:
- Бог го создаде човекот бесмртен, засекогаш да се потчинува на волјата и наредбите на својот Творец. Но, човекот, престапувајќи ја заповедта Божја во рајот, си подготви смрт за себе и за своите потомци. Затоа не треба да се противи на волјата на својот Бог, ниту да ги нарушува Неговите заповеди, туку од срце да се труди да го твори она што Бог го сака и го наредува. Затоа и јас, иако не сакам почести, сепак за потребите на моите едноверни браќа, по Божја наредба, не одбивам да го примам јаремот и бремето што се ставаат врз мене.
Откако го рече тоа, свети Васијан им предложи на патниците да се одморат, а тие со радост брзаа што порано да го однесат во својот град најденото скапоцено богатство. Затоа се нафрлија со молби над светителот, веднаш да тргне со нив. Приквечер тргнаа. Кога наближија до градот Лавдија, сиот народ со радост излезе да го пречека својот од Бога даруван пастир. Во толпата имаше и еден човек, кој долго време бил фатен и не можел да зборува, бидејќи јазикот му бил одземен. Со народот кој се туркаше за да му ја целива светата десница на светителот, со голема мака се довлече и овој фатен. И штом ја целиваше светата десница на овој угодник Божји, тој веднаш оздраве. Јазикот му се разврза и почна да ја прославува големината Божја. Сиот народ ја удвои својата радост, гледајќи каков свет пастир и чудотворец им дарувал Бог.
За посветувањето на свети Васијан во светиот чин во Лавдија допатуваа светиот епископ Амвросиј од Медиолан и гореспоменатиот негов роднина Урс од Равена. Од Бога избраниот маж Васијан беше посветен за епископ на први јануари на голема радост на целиот град.
Епископот Васијан започна да управува со својот народ, поучувајќи го со зборови и дела и служејќи му за пример со својот доблесен живот. Спрема свети Амвросиј тој стекна огромна љубов во Духот Свети. Исто така и свети Амвросиј гаеше духовна љубов спрема него, и тие често се допишуваа.
По извесно време светителот подигна прекрасна црква во име на Светите Апостоли во источното предградие на градот, и на нејзиното осветување ги повика светиот Амвросиј Медиолански и Филикс Комански (Урс Равенски во тоа време веќе се беше упокоил во Господа). Кога овие тројца архиереји заедно ја осветуваа црквата, меѓу народот се наоѓаше и една бесомачна девојка. Од нејзината уста ѓаволот започна силно да вика:
- Зошто, о луѓе Божји, неправедно се кренавте против мене едниот? Зарем ви е малку што ми ја одзедовте силата за да можам му наштетам на некого од вас, па ме бркате и од оние над кои сум добил власт? Ако ме избркате одовде, јас ќе земам со себе повеќе бесови, па ќе преминам на друго место, каде вие не можете да дојдете.
Слушајќи го ова ѓаволско запомагање, ерарсите Христови ги приклонија колената пред Господа и започнаа усрдно да се молат. Не можејќи да ја поднесе силата на нивната молитва, ѓаволот ја фрли девојката на земјата и со страшен вресок побегна од неа. Светителите ѝ пријдоа, ја кренаа здрава и ја предадоа на родителите со наредба постојано да Му благодарат на Бога.
По осветувањето на црквата во слава Божја беше поставена трпеза на која светителите разговараа меѓу себе. Потоа свети Васијан ги испрати и едниот и другиот.
Еднаш, за време на жетва, едно момче кое собираше снопови меѓу жетварите го касна змија и тоа умре. Родителите плачеа неутешно по него и го однесоа во новоизградената црква на Светите Апостоли за опело, каде во тоа време случајно се најде и свети Васијан. За време на опелото лелекот на родителите по синот ги заглушуваше гласовите на певците. Архиерејот Божји се сожали над нив, па им нареди на сите да излезат од Црквата. Кога остана сам, тој се фрли на земјата пред Бога и со солзи Го молеше да ѝ нареди на душата на момчето да се врати во телото. Додека усрдно се молеше за тоа, телото на мртвото момче започна полека да мрда, бидејќи душата му се врати. Светителот стана, го фати детето за рака и му нареди да стане. Како да се разбуди од сон, тоа ги отвори очите и започна да ја повикува мајка си. Сите се втрчаа внатре, се восхитија кога го видоа воскреснатото момче и со радост му ги целиваа рацете и облеката на светителот. Тој Му заблагодари на семоќниот Бог, го поучи народот и сите ги отпушти со мир.
По неколку години свети Амвросиј смртно се разболе, па свети Васијан веднаш отиде да го посети. Остана крај него на болничкиот одар и му служеше молејќи се заедно со него и тешејќи го. А свети Амвросиј имаше видение во кое Го виде нашиот Господ Исус Христос како му приоѓа со светло лице и мило се смее.
Му кажа на свети Васијан за тоа, а тој сфати дека му се приближил часот на смртта, па истовремено започна да плаче и да се радува. Плачеше што се лишува од својот мил пријател, а се радуваше зашто светиот маж заминува кај Христос, Кој го повикуваше.
Кога свети Амвросиј се претстави, по него плачеше свети Васијан и целиот град Медиолан. Неговото свето тело чесно го погребаа.
Потоа светителот се врати во својот град. Вршеше помени и принесуваше Бескрвни Жртви за свети Амвросиј, иако добро знаеше дека неговата душа е населена со Светиите. Принесувањето на молитви и Бескрвни Жртви не е без корист и за Светиите. Молитвата за Светиот, ако нема во што да му помогне, се враќа во градите на оној што се моли, како што вели и Давид: „Молитвата моја ќе се врати во градите мои“ (Пс. 34, 13).
По долго време свети Васијан повторно отиде во Медиолан по некои црковни работи. На влегување во градот тој на пазарот здогледа вагаџија кој мерел разна стока. Бил неправеден, зашто многумина вешто прелажувал и со тоа нечесно заработувал. Светителот го здогледа на вагата ѓаволот во облик на мал црнец, како седи и притиска на десната страна, која што неправедниот вагаџија нечесно ја искористувал. Тој ги праша овие со него дали гледаат нешто необично. Кога му рекоа дека ништо не виделе, тој Му се помоли на Бога да им се отворат очите и на останатите за веродостојно сведоштво. И навистина им се отворија духовните очи на презвитерот Климент и ѓаконот Елвониј, та и тие го видоа она што го виде архиерејот Божји, - малиот црнец (ѓаволот) како седи на вагата и ја извршува наредбата на вагаџијата. Тие му кажаа на светителот што гледаат и ги потврдија Давидовите зборови: „Лажливи синови човечки се крај мерилата“ (Пс. 61, 10).
Тогаш светителот го повика мерачот и го праша:
- Со помош на каква неправедна мерка ти ја зголемуваш тежината и ги мамиш купувачите?
Тој тврдеше дека не врши никаква неправда при мерењето, и му се заколна дека вагата му е точна. Тогаш светителот му го посочи пеколниот црнец врз вагата и му рече:
- Сега овој бес ќе влезе во тебе, ќе го сруши твоето тело и ќе ти ја извади душата во страшни маки.
Човекот се исплаши и затрепери, па падна пред нозете на светителот, ветувајќи дека ќе престане со неправдата. Тој го поучи од Светото Писмо и му нареди да го раздаде на бедните она што неправедно го стекнал и помолувајќи се, го избрка бесот од онаа вага, па си го продолжи патот.
По враќањето од Медиолан угодникот Божји се занимаваше со своите вообичаени богоугодни дела и грижа за паствата. Поживеа триесет и пет години како архијереј, и во деведесеттата година од својот живот, околу 409-та година, отиде кај Господа Кому верно и вистински Му служеше. Верните чесно го погребаа својот пастир во црквата на светите Апостоли изградена од него, и многу солзи пролија по својот отец.
Како што свети Васијан беше чудотворец за време на животот, така чудотвореше и по својата смрт. Од неговиот гроб им се даваа чудесни исцеленија на болните, по светите молитви негови, а со благодатта на нашиот Господ Исус Христос, Кому со Отецот и Светиот Дух, чест и слава, сега и секогаш и во сите векови. Амин.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИТЕ И БЛАЖЕНИ ТЕОФАН И ПАНСЕМНА
Преподобниот Теофан се роди во Антиохија од незнабожни родители. Се ожени како младо момче и беше во брак три години, па неговата сопруга умре. Веднаш потоа тој поверува во Господ Христос и се крсти. Откако остави сѐ, во близина на Антиохија си направи една многу тесна ќелија и се затвори во неа. Тука со пост, молитва и останатите добродетели се исчисти себеси од сите страсти и достигна совршенство.
Дознавајќи за една јавна блудница, на име Пансемна, дека многумина завела и упопастила со својата убавина, тој првин Му се помоли на Бога, па излезе од својата ќелија, го симна костретот од себе и облече скапоцена облека. Потоа зеде од својот татко десет литри злато со изговор дека сака повторно да се ожени, па отиде кај Пансемна. Седејќи со неа на трпезата, тој со храната и пијалокот ја праша колку години се занимава со својот нечист занает. Таа му одговори дека веќе дванаесет години го прави тоа, и дека тој е најубав од сите нејзини досегашни љубовници. Тогаш преподобниот ѝ рече:
- Јас сакам со чесен брак да те земам за жена.
Таа со радост се согласи. Преподобниот ѝ го даде златото и ѝ рече дека оди да подготви сѐ што е потребно за свадба.
Преподобниот замина, приготви друга ќелија во близина на својата, па повторно се врати кај неа и ѝ рече дека таа не може да биде негова сопруга ако не поверува во Христос и не стане христијанка. На Пансемна тоа тешко ѝ падна и побара време за размислување. Потоа се согласи, се подготви за свето крштение и се крсти. Слушајќи ги поуките за христијанскиот живот, за Царството Небесно, за вечниот живот, во неа со благодатта Христова се просвети разумот и срцето и се исполни со умиление. По светото крштение таа ги ослободи сите свои робови, го раздаде сиот свој имот на сиромашните и сама отиде во ќелијата што ѝ ја беше подготвил преподобниот Теофан и се затвори во неа. Оваа блажена подвижничка се истакна со таков успех во подвижничкиот доблесен живот што од Бога го доби дарот на чудотворството. Со својата молитва истеруваше демони и исцелуваше од сите болести.
Така преподобниот Теофан, воден со љубовта Христова, ја направи живеалиште на Светиот Дух онаа која што порано беше сасуд на гревот. А и самиот преподобен Теофан беше голем чудотворец. И двајцата Му угодија на Господа, и во исти ден се претставија и отидоа кај Него, во втората половина на четвртиот век.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК НЕАНИСК
Кога Максим беше покраински управител во Александрија, тој многу ги гонеше и злоставуваше христијаните. Пред него беше изведен премудриот и прекрасен јунак Христов Неаниск, предаден од неговата слугинка. Управителот седум дена го подложуваше на страшни маки, присилувајќи го да се одрече од Христос. Кога увиде дека не може да го присили, го осуди на смрт. Христовиот маченик многу се израдува и Му заблагодари на Бога кога слушна за тоа. Со радост одеше кон губилиштето, зашто требаше да го прими многу посакуваниот подвиг на мачеништвото. По него одеше многу народ меѓу кој беше и слугинката што го предаде. Светиот маченик ја здогледа и со раката ѝ даде знак да му пријде, па го симна златниот прстен од својата рака, ѝ го даде и ѝ рече:
- Ти благодарам, жено, што со твоето предавство ми направи такво добро.
Кога стигна на губилиштето маченикот Му се помоли на Бога, па му ја отсекоа главата. Така овој блажен јунак го прими од Господа венецот на мачеништвото.
СПОМЕН НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ АПОЛОС
Беше епископ. Во мир се претстави.
СПОМЕН НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ АЛЕКСИЈ
Во мир се упокои во својот Господ.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ КАНИД
Преподобниот Канид живееше во времето на царот Теодосиј Велики. Беше од Кападокија, син на побожните и богољубиви родители Теофан и Теодота. Се зборува дека неговата мајка не јадела мрсни јадења за време на бременоста, сѐ додека го носела во својата утроба. А за него велат дека како доенче никогаш не цицал од мајчината лева града, туку исклучиво од десната. А кога мајка му ќе јадела повеќе отколку што е потребно, не цицал ни од десната.
Кога Канид наврши седум години го остави светот и отиде во блиската шума. Таму најде една мала пештера и се насели во неа. Тука го минуваше времето во пост и молитва, и јадеше сурово зелје без сол, сосем малку и тоа еднаш неделно. Овој блажен подвижник помина така седумдесет и три години, па отиде кај Господа.