24. Јуни (11. Јуни)
ЖИТИЕТО, ПОДВИЗИТЕ И СТРАДАЊАТА НА СВЕТИОТ АПОСТОЛ ВАРТОЛОМЕЈ
Свети Вартоломеј беше еден од дванаесетте големи апостоли Христови. По приемот на Светиот Дух во вид на огнени јазици, свети Вартоломеј беше одреден заедно со свети апостол Филип да го проповеда Евангелието во Сирија и Мала Азија. И двајцата отидоа таму и час проповедаа заедно, час се разидуваа по градовите, час повторно се состануваа, и така, со мрежата на учењето ги ловеа луѓето за спасение.
Проповедајќи го Евангелито во Мала Азија, свети Филип на некое време се раздели од свети Вартоломеј и ги обраќаше кон Христа дивите и непокорни жители на Лидија и Мизија. Во тоа време на свети Вартоломеј, кој Го проповедаше Христа во соседните градови, му беше наредено од Господа да му појде на помош на свети Филип. Штом дојде кај него, свети Вартоломеј еднодушно се подвизуваше со него во апостолските трудови и подвизи. Филипа го придружуваше и неговата сестра, девицата Маријамна, и тие заедно му служеа на спасението на луѓето. Минувајќи ги сите градови на Лидија и Мизија и благовестувајќи, тие од неверниците поднесуваа многу напасти, неволји и тепања. По темниците ги затвораа и со камења ги затрупуваа. Во сите тие напасти и маки со благодатта Божја останаа живи, зафаќајќи се со нови трудови во проповедањето на Евангелието Христово.
Во едно либиско место тие го сретнаа возљубениот ученик Христов, светиот Јован Богослов, кој таму Го проповедаше Христа. Тој град беше полн со идоли, на кои им се поклонуваа луѓето заслепени со демонската измама. Меѓу останатите лажни божества таму имаше и една огромна змија, која жителите на Ерапол ја почитуваа како Бог. Ѝ беа изградиле специјален храм и ја чуваа затворена во него и ѝ пренесуваа многу најразлични жртви. Тие безумни луѓе обожуваа и други змии и гадови. Свети Филип најпрвин се вооружи со молитва против таа змија. Во тоа му помогна и свети Јован Богослов, и тие, со молитвата како со копје ја победија змијата и со силата Христова ја усмртија. Потоа светиот Богослов се раздели со него предавајќи му го Ерапол за проповедање на словото Божјо а самиот се упати во други градови, носејќи ја насекаде светата благовест. Свети Филип, Вартоломеј и Маријамна останаа во Ерапол и сесрдно се грижеа да го искоренат од таму идолопоклонството, разлевајќи огромна светлина на познанието на вистината. Се трудеа и ден и ноќ во проповедањето. Ги учеа прелаганите, ги врзуваа неразумните, ги изведуваа на пат заблудените.
Во тој град живееше еден човек на име Стахиј, кој беше слеп четириесет години. Нему светите Апостоли со молитва му ги отворија очите, а со проповедта Христова му ја просветија душата. Откако го крстија, тие живееја во неговиот дом и по целиот град се пронесе глас дека слепиот Стахиј прогледал.
Многу народ започна да доаѓа кај нив, а тие ги поучуваа во верата Христова. Донесуваа таму и многу болни, кои Апостолите ги исцелуваа со молитвата и истеруваа ѓаволи од луѓето. Заради тоа многу луѓе веруваа во Христа и се крштеваа.
Жената на ераполскиот градоначалник Никанора ја беше каснала змија и беше на умирање. Штом слушна за светите Апостоли, болната жена во отсуство на својот маж им нареди на слугите да ја однесат кај нив. Таму доби двократно исцеление: телесно - од змиското каснување, и душевно - од демонската заблуда, зашто поверува во Христа. Кога се врати градоначалникот дома, слугите го известија дека неговата жена поверувала во Христа, поучена од некои странци кои престојуваат во домот на Стахиј. Многу разлутен, градоначалникот нареди веднаш да ги фатат Апостолите и да го спалат домот на Стахиј. Беше постапено според наредбата. Се собра многу народ, па ги фатија светите апостоли Филип и Вартоломеј, и светата девица Маријамна, ги влечеа по градските улици со тепање и потсмевање, а потоа ги фрлија во темница.
После тоа градоначалникот седна да ги суди Христовите проповедници. Се собраа кај него сите идолски жреци, и жреците на убиената змија и жалејќи се од светите Апостоли, рекоа:
- Градоначалнику! Одмазди се за бесчестењето на нашите богови. Откако во нашиот град дојдоа овие странци, опустеа олтарите на нашите богови, народот заборави да им ги принесува вообичаените жртви, загина и познатата наша богиња, змијата, и целиот град се исполни со беззаконија. Затоа не дозволувај да живеат овие маѓепсници.
Тогаш градоначалникот нареди да ја соблечат наметката од свети Филип, говорејќи:
- Можеби маѓиите се во облеката негова.
Но не најдоа ништо кај него. Така постапија и со свети Вартоломеј, но и кај него не најдоа ништо. А кога пристапија кон Маријамна со намера да ја соблечат и да го разголат нејзиното девствено тело, таа одеднаш пред нивните очи се претвори во огнен пламен, та незнабошците побегнаа од неа. Градоначалникот тогаш ги осуди светите Апостоли на распнување.
Прв пострада свети апостол Филип. Нему му ги издупчија петите на нозете, па низ нив му провлекоа конец и го распнаа на крст пред вратата на змииното идолиште со главата надолу, и фрлаа камења по него. А кога свети Вартоломеј го распнаа на ѕидот на идолиштето ненадејно настана страшен земјотрес. Земјата се отвори и го проголта градоначалникот со сите жреци и многу незнабожен народ. Сите што останаа живи, и верни и незнабошци, се преплашија, па почнаа да ги молат светите Апостоли да го умолат својот единствен вистински Бог, земјата да не ги проголта и нив. И веднаш започнаа да ги симнуваат од крстовите распнатите Апостоли. Свети Вартоломеј го симнаа брзо, зашто не беше високо издигнат. Но свети Филип не можеа да го симнат, зашто беше високо подигнат, но и таква беше волјата Божја. Неговиот Апостол преку тоа страдање и крсна смрт да премине од земјата на небото, кон кое сиот живот се стремеше. Висејќи така на крстот, свети Филип Го молеше Господа за своите непријатели, да им ги отпушти гревовите и да ги просвети нивните умствени очи за да ја видат и спознаат вистината. Господ ја исполни неговата молитва и веднаш нареди, та земјата ги поврати сите луѓе што ги проголта, освен градоначалникот и жреците на змијата. Тогаш сите гласно ја исповедаа и славеа силата Господова, изразувајќи желба да се крстат. Кога сакаа да го симнат од крстот свети Филип, тој ја предаде својата света душа во рацете Христови, та го симнаа мртов. А неговата родена сестра Маријамна, која го набљудуваше страдањето и смртта на својот свет брат Филип, со љубов го прегрнуваше и целиваше неговото тело, и се радуваше што тој се удостои да пострада за Господа Христа.
Свети Вартоломеј ги крсти сите кои поверуваа во Господа Христа и им го постави Стахиј за епископ. Телото на свети апостол Филип чесно го погребаа, а на местото каде истече неговата крв, по три дена изразна винова лоза, како сведоштво дека Апостолот за својата пролиена крв за Христа се насладува на вечното блаженство со својот Господ во Царството Негово.
По погребот на апостол Филип, свети Вартоломеј со блажената девица Маријамна остана уште неколку дена во Ерапол, утврдувајќи ја добро во верата Христова новооснованата Црква, па патоа се разделија секој по својот пат. Свети Маријамна отпатува во Ликаонија, и таму по успешното проповедање на словото Божјо се претстави кај Господа. Свети апостол Вартоломеј отпатува во Индија. Таму остана долго време. Се трудеше во Евангелието, одеше по градовите и селата и благовестуваше, и со Христовото име ги исцелуваше болните. Со својата проповед просвети многу незнабошци и изгради цркви, и на нивниот јазик го преведе Евангелието од Матеј, што го носеше со себе, и им го предаде. Кај нив тој остави и Евангелие напишано на еврејски јазик, кое по сто години беше пренесено во Александрија од христијанскиот философ Пантеном.
Од Индија свети Вартоломеј отпатува во Велика Ерменија. Кога се појави таму, идолите, или подобро речено бесовите кои живееја во идолите, замолкнаа, громко изговарајќи ги своите последни зборови дека Вартоломеј ги мачи и прогонува. Па не само од идолите, туку и од луѓето се истеруваа нечистите духови со самото доаѓање на Апостолот.
Затоа многумина се обраќаа кон Христа. Царот на таа земја, Полимиј, имаше бесомачна ќерка. Од нејзината уста бесот викаше:
- О, Вартоломеј! И одовде нѐ бркаш!
Кога го слушна тоа царот, веднаш нареди да го најдат Вартоломеј. И кога апостолот Христов дојде кај бесомачната, бесот веднаш побегна од неа и принцезата оздраве. Потоа царот, сакајќи да му заблагодари на светиот, му испрати камили натоварени со злато, сребро, бисери и други скапоцени предмети. Но Апостолот не задржа ништо за себе, туку му врати сѐ на царот со порака:
„Јас не тргувам со вакви работи, туку човечките души ги барам; и ако ги стекнам и ги воведам во небесните живеалишта, тогаш ќе бидам голем трговец пред Господа“.
Трогнат од овие зборови царот Полимиј поверува во Христа со целиот свој дом. Апостолот ги крсти сите а и мноштво велможи и многу народ со нив. Повеќе од десет града, угледувајќи се на царот, примија свето крштение.
Идолските жреци многу негодуваа против светиот Апостол и им паѓаше тешко што се уништуваат нивните богови, се искоренува идолослужењето и остануваат пусти идолиштата од кои тие се хранеле. Затоа отидоа кај царевиот брат Астиаг и го наговорија да го погуби Вартоломеј и да му се одмазди за навредата на боговите. Во една згодна прилика Астиаг го фати светиот апостол во градот Албан, во Велика Ерменија, и го распнаа на крст со главата надолу. Светиот Апостол со радост страдаше за Господа Христа и висејќи на крстот не престануваше да го проповеда словото Божјо: верните ги утврдуваше во верата а неверните ги советуваше да ја познаат вистината и да се обратат кон Христа. Мачителот не можеше да го слуша тоа и нареди да му ја одерат кожата. Но, тој, поднесувајќи го и тоа мачење како во туѓо тело, незамолчливо Го проповедаше и славословуваше Бога и Господа Христа. Најпосле мачителот нареди да му ја отсечат главата. И дури тогаш, кога главата му беше одвоена од телото, замолкна неговата богоглаголива уста. А телото остана да му виси на крстот со нозете нагоре како да го покажува неговото патување кон небото.
Така се упокои апостолот Христов свети Вартоломеј, после многуте страдања и трудови, преминувајќи во безболниот покој, во радоста на својот Господ. Верните кои присуствуваа на неговото страдање го симнаа од крстот неговото чесно тело, па заедно со главата и кожата го положија во оловен сандак и го погребаа во тој исти град на Велика Ерменија, Албан. Од моштите на светиот Апостол се даваа чудесни исцеленија на болните, поради што многу од неверните ѝ пристапуваа на Христовата Црква.
По долго време суровите гонители, помрачени од идолодемонството, слушајќи од други и сами гледајќи ги чудесата што се случуваат од моштите на Апостолот, а не сакајќи да ја познаат силата Божја, го зедоа оловниот сандак со светите мошти и го фрлија во морето. Но сандакот пловеше по водата како лесен чун и дојде до островот Липар. На тамошниот епископ Агатон му беше откриено од Бога дека моштите на светиот Апостол допловиле до нивниот остров. Тогаш епископот со клирот и народот отиде на морскиот брег, и сите многу се чудеа како оловниот сандак не потонал во водата туку препливал така долг пат. Сите Го прославија Бога за големите и чудни дела Негови, па го зедоа сандакот и со псалмопеење го однесоа во својата црква.
Овде не треба да го премолчиме и кажаното за свети апостол Вартоломеј во житието на преподобниот Јосиф Песнописецот:
Еднаш додека беше во Тасалија преподобниот Јосиф доби дел од моштите на светиот апостол Вартоломеј од еден доблесен човек. Ги однесе во својата обител, во близина на Цариград, изгради посебна црква во име на светиот апостол Вартоломеј и чесно положи во неа дел од неговите свети мошти. Гаејќи голема љубов и вера спрема светиот Апостол, преподобниот Јосиф често се удостојуваше да го види на сон. Особено сакаше неговиот празник да го украсува со пофални песни, но не се осмелуваше, зашто не знаеше дали тоа ќе му биде угодно. Затоа усрдно се молеше на Бога и на апостолот, некако да му откријат и да му подарат премудрост за да може да напише пофални стихови достојни на светиот Вартоломеј. Со пост и солзи се молеше преподобниот за тоа четириесет дена. И кога наближи неговиот празник, во очи на празникот виде како во олтарот се појави свети апостол Вартоломеј, облечен во бела риза, ја симна олтарската завеса и го повика кај себе. Кога преподобниот Јосиф пријде, светиот апостол го зеде светото Евангелие од престолот, го положи на градите на Јосифа и рече:
„Нека те благослови десницата на Семоќниот Бог, и нека на твојот јазик се излие водата на небесната премудрост! Срцето твое нека биде храм на Духот Свети и твоите песни нека ја насладуваат вселената!“
Откако го рече тоа, свети апостол Вартоломеј стана невидлив. А преподобниот Јосиф, чувствувајќи ја во себе благодатта на премудроста, се исполни со неискажана радост и благодарност. Од тогаш тој започна да пишува црковни химни и канони, со кои ги украси празниците не само на свети Вартоломеј, туку и на многу Светии, а особено со многу канони ги возвелича Пречистата Богомајка и светителот Никола. И ја исполни светата Црква со прекрасни песни, поради што и го доби називот Песнописец. За сето тоа ние Го славиме Христа, Спасителот наш, со Отецот и Светиот Дух, од целокупните твари славениот за навек. Амин.
Некои мислат дека Вартоломеј е исто лице со Натанаил, кого што Филип го приведе кон Христа (Јован 1, 45-51). Всушност тие мислат дека овој апостол се викал Натанаил, а по презиме, односно по татко се нарекувал Вартоломеј, тоест син Толомеев. Зашто зборот „вар“ на еврејски значи син; како што тоа се гледа и од зборовите на Господ Христос упатени до апостолот Петар: „Блажен си ти, Симоне, вар Јона“, односно сине Јонин (Матеј 16, 17). И слепецот Ерихонски се викал Вартимеј, те. син Тимиев, Така објаснуваат и за Вартоломеј, дека тој по татко се нарекувал Вартоломеј - син Толомеев, зашто тоа име Толомеј кај евреите беше старо и често употребувано, а вистинското име на Вартоломеј, држат дека било Натанаил. А тврдат така од причина што пред сѐ, во Евангелието никаде не се зборува за повикување на Вартоломеј на апостолство, освен ако под тоа име не се подразбира Натанаил; потоа првите тројца евангелисти, спомнувајќи го Вартоломеј, не го спомнуваат Натанаил. А евангелистот Јован, спомнувајќи го Натанаил, не го спомнува Вартоломеј, и зборувајќи за ловењето риби при јавувањето на воскреснатиот Спасител се спомнува Натанаил како другар на Апостолите во ловењето риби, зашто вели: „Беа заедно Симон Петар, и Тома, и Натанаил, и синовите Заведееви“(Јован 21, 2).
Но други толкувачи не се сложуваат со тоа, и согласно со Прологот (10 мај) сметаат дека Симон Зилот е исто лице со Натанаил. А некои мислат дека Натанаил е еден од седумдесетмината ученици Христови.
ЖИТИЕТО, ПОДВИЗИТЕ И СТРАДАЊАТА НА СВЕТИОТ АПОСТОЛ ВАРНАВА
Свети апостол Варнава беше еден од седумдесетмината свети Апостоли. Пред апостолството се викаше Јосиф, а потоа беше наречен Варнава, како што ќе се објасни понатаму. Се роди на островот Кипар од родители евреи, од левитското племе, од кого произлегоа и големите Божји пророци: Мојсеј, Арон и Самуил. Прародителите на Варнава се преселија од Палестина на Кипар поради војните што беснееле во Палестина.
Родителите на Варнава беа многу богати и имаа имот близу Ерусалим, кој изобилуваше со бавчи и разни посеви и овошки, на кој се наоѓаше и нивната куќа. Уште од времето кога светиот пророк Исаија напиша: „Блажен е оној кој има семе свое на Сион, и куќа во Ерусалим ( Исаија 65, 21-23), Евреите кои живеаја во далечните земји не знаејќи ја духовната смисла на овие зборови, се трудеа да имаат свои куќи во Ерусалим. Од таа причина и родителите на Варнава имаа своја куќа и свој имот крај Ерусалим.
Кога се роди му го дадоа името Јосиф, и уште од мал го учеа на книга. Како полнолетен го испратија во Ерусалим кај најпознатиот учител во тоа време Гамалил, за тој да го научи на еврејските книги и законот Божји. Тука Јосиф беше врсник и соученик со Савле, подоцнежниот апостол Павле. И двајцата учеа кај истиот учител Гамалил, напредувајќи и во разумот и во книжевна мудрост и во доблестите. Секо утро и навечер Јосиф одеше во Соломоновиот храм и усрдно Му се молеше на Бога, минувајќи ги деновите на својата младост во чест и пост, и во многу големо воздржание. Многу грижливо чувајќи ја целумодреноста на својата дественост, тој го одбегнуваше дружењето со непристојните момчиња и будно внимаваше на себе, поучувајќи се во законот Господов и дење и ноќе.
Во тоа време нашиот Господ Исус Христос по триесет години од своето вочовечување, почнувајќи да Му се открива на светот дојде од Галилеја во Ерусалим. Тука тој поучуваше во храмот и правеше преславни чудеса, та сите Му се восхитуваа и кај Него се собираа од сите страни, да го гледаат светото лице Негово и да ги слушаат божествените зборови Негови, послатки од мед. Го виде и момчето Јосиф и, слушајќи ги поуките што излегуваа од пресветата уста Негова, срцето му се топеше од милина и многу се восхитуваше на чудесата што ги правеше Господ. Гледајќи како Он со збор го исцели раслабениот во бањата Витезда, а и други чудеса Христови, во срцето на Јосиф пламна љубов спрема Господа и тој му пристапи, падна ничкум пред Неговите нозе, молејќи го да го благослови и прими меѓу Своите ученици. А Господ, Кој ги проѕира тајните на срцата човечки, гледајќи дека срцето Јосифово гори со Божествена љубов, мило го благослови и не му забрани да оди по Него. Тогаш Јосиф најпрвин поита во домот на својата тетка Марија, мајката Јованова, кој беше наречен Марко, и ѝ рече:
- Ајде да го видиш тоа што сакаат да го видат нашите Отци. Некој пророк Исус од Назарет Галилејски учи во храмот и чини големи чудеса, та многумина мислат дека Он е очекуваниот Месија.
Жената веднаш остави сѐ и веднаш отиде во храмот. Го здогледа Господа Исуса, падна ничкум пред нозете Негови и Го молеше, говорејќи:
- Господи, ако сум нашла мислост пред Тебе, дојди во домот на слугинката Твоја, за да ги благословиш моите домашни со Своето доаѓање.
Гледајќи ја нејзината вера, Господ отиде во нејзиниот дом и ја благослови неа и сите што беа во домот нејзин. Марија го дочека и прими Господа многу чесно, со огромна радост и богобојазливост. Од тоа време Господ со учениците Свои секогаш навраќаше во домот на Марија кога доаѓаше во Ерусалим. При враќањето Господово од Ерусалим во Галилеја, по него тргна и Јосиф со останатите ученици. И кога Господ ги испрати дванаесетте Свои Апостоли на проповед кај изгубените овци на домот Израилев, виде дека се малку, па рече: „Жетвата е голема а жетварите се малку“ (Матеј 10, 6; 9, 37). Затоа Господ му објави на светот други седумдесет ученици, кои што ги испрати двајца по двајца пред лицето Свое во секој град и место каде што сакаше Самиот да појде (Лука 10, 1). Меѓу тие ученици Господови еден од првите беше овој свети Јосиф, кого светите Апостоли го завикаа Варнава, односно „син на утехата“, зашто со својата проповед за доаѓањето на Месијата во светот, тој ги тешеше луѓето кои желно го очекуваа Неговото доаѓање. И како што синовите Заведееви беа наречни „синови на громот“ (Марко 3, 17), бидејќи требаше како гром да одгрмат во вселената со евангелската проповед, така и свети Јосиф беше наречен син на утехата, бидејќи неговите апостолски трудови требаше да им донесат голема радост на избраниците Божји. И свети Златоуст, така објаснувајќи ја промената на неговото име, вели: „Ми се чини дека го добил името по заслуга, зашто бил способен и одличен да теши“.
По вознесението Господово на небото, светите Апостоли живееја заедно во Ерусалим, како што за тоа пишува во Делата Апостолски: „А народот што поверува имаше едно срце и една душа... (Д. А. 4. 32, 34-35). Тогаш и свети Јосиф, од Апостолите наречен Варнава, го продаде својот имот во близина на Ерусалим, кој му остана во наследство од родителите и добиените пари ги стави пред нозете на Апостолите, не оставајќи ништо за себе (Д.А. 4, 36-37). Тој сакаше да се збогати во Господа, во Кого и навистина се збогати, како што се сведочи за него: „Беше благ човек, полн со Светиот Дух и вера“ (Д.А. 11, 24).
Варнава често се гледаше со Савле и се препираше со него за Господа Христа од Светото Писмо, сакајќи да го приведе во светата вера. Но Савле беше многу ревносен во отечките преданија и му се потсмеваше на свети Варнава, како прелажан човек. Тој хулеше на Христа, нарекувајќи го син на дрводелец, прост незнајко, предаден на срамна смрт. А кога по убиството на светиот првомаченик Стефан од страна на евреите Савле започна да ја пустоши Црквата, да оди по куќу биде другар во верата христијанска, како што му беше другар и во школата на Гамалил. И неговите молитви и солзи не беа залудни, зашто кога дојде време на милосрдието Божјо, Савле се обрати кон Христа, призван со гласот Господов од висините на патот за Дамаск (Д.А. 9, 4). И се преобрати во овца, и хулителот на името Христово започна да Го прославува Господа Христа, и дотогашниот гонител стана заштитник на Црквата. Откако го прими светото крштение, Савле веднаш започна да ги обиколува еврејските зборници и да Го проповеда Исуса, дека Он е Син Божји, и ги изобличуваше евреите кои живееја во Дамаск. А кога се врати во Ерусалим, Савле се обидуваше да се приклучи кон учениците Христови, но сите му се плашеа зашто не веруваа дека тој е ученик Христов (ДА. 9, 26). Тогаш свети Варнава го сретна и му рече:
„Кога, о Савле, ќе престанеш да бидеш хулител на големото име Христово и неговите верни слуги? До кога ќе се противиш на страшната тајна, одамна претскажана од пророците, а извршена сега заради нашето спасение?“
А Савле со солзи падна пред неговите нозе, говорејќи:
„Прости ми, учителу на вистината! Сега се уверив дека е вистина сѐ што ми зборуваше за Христа. Оној Кого порано со хулење го нарекував син на дрводелец, сега Го исповедам дека е Син Божји Единороден, Совечен на Отецот и Себеспочетен, блескање на славата Очева и обличје на битието Негово". Тој се понижи Себеси земајќи облик на слуга, стана совршен човек раѓајќи се од Пресвета Дева Богородица Марија, и доброволно претрпе крст и смрт, и, воскреснувајќи од мртвите во третиот ден, ви се јави вам, Апостолите Свои, се вознесе на небото и седи од десната страна на Бога Отца, и повторно ќе дојде во слава да им суди на живите и мртвите и Неговото Царство не ќе има крај“.
Кога ги слушна ваквите зборови од поранешниот гонител и хулител, свети Варнава се восхити и заплака од радост, па го прегрна и целиваше Савле и го праша:
„Кој те научи да зборуваш такви богоугодни зборови? Кој те убеди да исповедаш дека Исус Назареецот е Син Божји? Од каде совршено ги познаваш догматите Небесни?“
Тогаш Савле, облеан во солзи, со скрушено срце рече:
- Самиот Господ Исус Христос, на Кого јас грешниот хулев и Го гонев, Он ме научи на сето ова. Ми се јави мене, како изрод, и Неговиот Божествен глас сѐ уште ми ѕвони во ушите. Кога ме осветли необична светлина од небото, и јас од страв паднав на земјата, кај мене дојде глас, кој ми говореше:
„Савле, Савле, Савле, зошто Ме гониш?“
А јас во страв и ужас реков:
„Кој си Ти, Господи?
Он на тоа кротко и благо ми одговори:
„Јас сум Исус, Кого ти Го гониш“.
Многу восхитен од Неговата долготрпеливост, молежливо реков:
„Господи, што сакаш да сторам?“
Тогаш Он ме научи на сето ова што ти го реков.
Свети Варнава го фати Савле за раката и го доведе кај Апостолите, говорејќи:
- Еве, оној кој нѐ гонеше, сега е наш. Оној кој ни се противеше сега е истомисленик со нас за нашиот Господ. Оној кој ни беше непријател сега е наш пријател и сотрудник во лозјето Христово. Еве, ви го претставувам кроткото јагне кое порано беше свиреп ѕвер.
Притоа Савле им раскажа на Апостолите како попат го сретна Господа, и што му рече Он, и како во Дамаск смело го проповедаше името Исусово.
Кога го слушнаа сето тоа, Апостолите со радост и восхит Го славеа Бога. И Савле беше со нив, доаѓаше и заминуваше од Ерусалим, бестрашно Го проповедаше името Господово, и ги изобличуваше евреите и елините. А тие му се чудеа, како тој, кој неодамна ги гонеше оние што го исповедаа името Исусово, сега самиот Го проповеда. И сакаа да го убијат. Кога го дознаа тоа браќата, го одведоа Савле од Ерусалим во Кесарија и го отпуштија во градот Тарс, во неговиот роден крај, таму да Го проповеда Господа Христа.
Во тоа време во големиот и славен град Антиохија Сириска започна да се шири светата вера во нашиот Господ Исус Христос. Кога беше убиен светиот првомаченик Стефан, и тој ден настана големо гонење на Ерусалимската Црква, сите верни, освен Апостолите, се распрснаа по јудејските и самариските краеви. Тогаш некои од нив отидоа и до Финикија, Кипар и Антиохија, зборувајќи им го словото на спасението најпрвин само на евреите, а потоа им го благовестуваа Господа и на елините, и беше раката Господова со нив, и многумина од нив поверуваа и се обратија кон Господа“.
Тоа дојде до ушите на Ерусалимската Црква. И светите Апостоли го испратија свети Варнава во Антиохија, да види што се случува таму, и да ги утврди новообратените. Доаѓајќи таму и гледајќи ја благодатта Божја, тој се израдува и ги утврди неотстапно да живеат при Господа. Доста време проповедаше таму свети Варнава и многу народ присоедини кон Господа. Гледајќи дека секојдневно се множат учениците, а учителите се малку, тој ја остави на накое време Антиохија и отид во Тарс, да го побара својот пријател Савле. Го најде и го доведе во Антиохија. И се трудеа и двајцата во обраќањето на душите кон Христа Бога, приведувајќи ги во верата Христова и евреите и елините. Во Антиохија проповедаа цела година. Се собираа во храмот и го учеа народот. И најпрвин таму учениците се нарекоа христијани.
По една година Варнава и Савле решија да се вратат во Ерусалим, да ги известат светите Апостоли што прави благодатта Божја во Антиохија. Во таа прилика сите испратија сѐ што е потребно за своите сиромашни браќа во Јудеја, бидејќи таму пустошеше голем глад, согласно со пророштвото на светиот Агав, кој беше еден од седумдесетмината Апостоли (Д.А. 11, 28). Откако собраа доволно милостиња, антиохиските верници ја испратија по Варнава и Савле. Светите Апостоли многу ја израдуваа Црквата со своето доаѓање во Ерусалим. Известија за умножувањето на верните во Антиохија и донесоа обилна милостиња од нив.
Во тоа време во Ерусалимската црква ненадејно настана големо вознемирување, зашто царот Ирод крена рака да мачи некои од Црквата, и со меч го погуби Јаков, братот Јованов (ДА. 12, 1-2). Штом виде дека тоа е по волја на евреите, тој нареди да го фатат Петар, и го затвори во темница од која го извади Ангел небесен. Додека во Ерусалим траеше тоа бранување предизвикано во Црквата од гонителот, Варнава и Савле се криеја во домот на гореспоменатата Варнавина тетка Марија, каде и свети Петар дојде во ноќта кога Ангелот го изведе од темницата. Потоа Варнава и Савле, откако ја завршија својата работа во Ерусалим, повторно се вратија во Антиохија, и го поведоа со себе синот на Марија Јован, наречен Марко. Останаа некое време во Антиохија во пост, молитви и служење Божествени Литургии, и во проповедањето на словото Божјо се најде за потребно Духот Свети да ги испрати на проповед кај незнабошците. И им рече Духот Свети на пророците и учителите во Антиохиската црква: „Одвојте ми ги Варнава и Савле на делото на кое ги повикав“. Тогаш постејќи и помолувајќи се на Бога, и ставајќи ги рацете над нив, ги отпуштија ( Д.А. 13, 2-3 ).
Тие најпрвин се симнаа во Селевкија, а оттаму отпловија на Кипар и се задржаа во Саламина. Секаде каде што минуваа го јавуваа зборот Божји, а слуга им беше гореспоменатиот син на Марија Јован, наречен Марко. Кога го одминаа островот до Паф најдоа некаков маѓепсник и лажен пророк, евреин на име Елим, покрај намесникот Сергиј, кој беше разумен човек. Тука тие го просветија намесникот во светата вера, а маѓепсникот Елим, кој им се спротивставуваше, го ослепија со збор. Од Паф дојдоа во Перга Памфилијска. А нивниот слуга Јован, односно Марко, гледајќи какви неволји поднесоа тие заради Евангелието Христово, па ни од смртта не се уплашија, како млад се исплаши да патува со нив и се врати во Ерусалим кај мајка си. А пак Варнава и Павле отидоа во Антиохија Писидиска. Откако и од таму ги избркаа, тие ја истресоа правта од своите нозе и дојдоа во Иконија. Но и тука евреите и незнабошците имаа намера да ги убијат со камења. Затоа тие побегнаа во градовите Ликаониски Листра и Дерва и нивната околина, и таму го проповедаа Евангелието. Тука тие исцелија еден човек кој беше хром од мајчината утроба. Апостолите го кренаа на нозе, и тој започна да оди. А народот, сметајќи ги за богови, сакаше да им принеси жртви. Притоа Варнава го нарекуваа Зевс, а Павле Хермес. Светите едвај ги спречија да не им принесат жртви. Потоа тој исти народ, наговорен од евреите, се крена против нив. Го затрупаа Павле со камења и го извлекоа надвор од градот, мислејќи дека е мртов. Но тој стана, се врати во градот и утредента излезе со Варнава во Дерва. И го проповедаа Евангелието во тој град, и откако обратија многумина кон Христа, по истиот пат тргнаа назад за Антиохија Сириска. По патот светите Апостоли ги утврдуваа учениците. Ги молеа да останат во верата и ги убедуваа дека со многу неволји се влегува во Царството Божјо. Ракоположија презвитери по сите цркви, се помолија на Бога со пост, и ги оставија на Господа во Кого веруваа. Откако се задржаа во Перга и таму го објавуваа зборот Господов, се симнаа во Аталија. Потоа отпловија за Антиохија Сириска, од каде од Светиот Дух беа испратени да го проповедаат словото Господово на незнабошците. Кога стигнаа во градот и ги собраа верните, тие им раскажаа сѐ што Бог стори со нив, и како многу незнабошци приведоа кон Христа. И останаа светите Апостоли во Антиохија на подолго време.
Потоа меѓу верните од евреите и елините настана расправија за обрезанието, зашто некои, доаѓајќи од Јудеја ги учеа браќата дека ако не се обрезат според обичајот на Мојсеј, не ќе можат да се спасат. Верните од незнабошците го сметаа образението за голем терет врз себе. Варнава и Павле им се спротивставија на евреите и ги штитеа елините од образението. Но споровите и препирањата околу тоа не престануваа, и во Антиохиската црква се јави потреба повторно да бидат испратени светите апостоли Варнава и Павле во Ерусалим кај апостолите и презвитерите, за да ги прашаат за обрезанието. Освен тоа беше потребно тие да ги известат за тоа „како Бог им ја отвори на незнабошците вратата на верата“ (Д.А. 15,4). Испратени од Антиохиската црква, Варнава и Павле, мнинувајќи ги Феникија и Самарија, ги известуваа верните за обраќањето на незнабошците, на што сите се радуваа. Во Ерусалим со љубов беа примени и од Црквата, и од светите апостоли и од старците. И сите со радост го слушаа нивното раскажување за знаменијата и чудесата кои Бог ги изврши преку нив меѓу незнабошците. А пак во однос на обрезанието светите Апостоли соборно се посоветуваа и одлучија да се укине потполно, за сите верни, како непотребно во новата благодат. Притоа светите Апостоли најдоа за потребно од своја страна да испратат христијани со Варнава и Павле во Антиохија, кај тамошните христијани од незнабошците, и за тоа ги избраа Јуда, наречен Варсава, и Сила, знаменити меѓу браќата, и напишаа вака:
„Апостолите, свештениците и браќата ги поздравуваат браќата од нееврејските народи што се во Антиохија и Сирија и Киликија. Бидејќи чувме дека некои од нас, на кои ништо не сме им заповедале со зборови, ве вознемириле, и ги потресле душите ваши, велејќи ви да се обрезувате и да го пазите Законот, ние, откако се собравме, еднодушно одлучивме да избереме луѓе и да ги пратиме кај вас заедно со нашите омилени Варнава и Павле, луѓе, кои ги предадоа душите свои за името на нашиот Господ Исус Христос. И така, ние ви ги пративме Јуда и Сила, кои ќе ви го кажат тоа и усмено. Зашто Светиот Дух и ние одлучивме да не ви ставаме на вас никаков друг товар, освен она што е потребно: да се воздржувате од месо принесено како жртви на идоли, од крв, од удавено, и од блудство, и да не му правите на друг она што не сакате и вам да ви се случи. Ако внимавате на ова, добро ќе направите. Бидете здрави!“ (Д.А. 15, 23-29).
Со таквото послание тргнаа за Антиохија светите апостоли Варнава и Павле, а со нив и Јуда и Сила. Во тоа време споменатиот Јован, наречен Марко, не се осмелуваше да му пријде на свети Павле, па со покајание и солзи му пристапи на својот роднина свети Варнава, жалејќи што заминал од нив кога тие го проповедаа Евангелието меѓу јазичниците, и молеше повторно да го поведат со себе, ветувајќи дека бестрашно ќе појде во сите страдања и на смрт за Господа. Варнава го поведе и сите заедно допатуваа во Антиохија каде ги собраа верните и им го врачија посланието. Кога го прочитаа сите многу се израдуваа, а Јуда и Сила ги утешија и утврдија браќата. По извесно време Јуда се врати во Ерусалим а Сила остана. Павле пак и Варнава живееја во Антиохија, учејќи и благовестувајќи го зборот Господов.
По некое време Павле му рече на Варнава:
- Треба да ги посетиме нашите браќа по градовите во кои што го проповедавме словото Господово, за да видиме како живеат.
Свети Варнава се согласи. Притоа Варнава сакаше да го поведе со себе и Јован-Марко, но Павле се спротивстави, велејќи:
- Зошто да водиме со нас плашливо момче, кое порано нѐ остави во Памфилија и се врати во својот дом?
Така настана расправија меѓу нив и тие се разделија секој по својот пат. Тоа се случи по промисла Божја, за тие, одејќи одвоено да приведат кон спасението поголем број на души. Зашто било сосем доволно еден голем учител да проповеда онаму каде што одеа заедно двајца големи учители. Проповедајќи, пак, одвоено, тие на Црквата би ѝ донеле двократна добивка со обраќањето на разни народи во верата Христова, едниот на едната, а другиот на другата страна. Свети Павле го зеде со себе Сила и отпатува во Дерваи Листра, а свети Варнава отплови на Кипар со својот внук Јован (Д.А. 15, 36-41; 16,1).
Кога стигна на островот Кипар, свети Варнава зеде на себе тешки трудови и многу народ обрати кон Христа. Бидејќи ги умножи верните на Кипар, Варнава отпатува во Рим, и како што некои велат, прв Го проповедаше Христа во Рим. Потоа го основаше и епископскиот престол во градот Медиолан и повторно се врати на Кипар. И додека тука, во градот Саламина, го поучуваше народот за Христа, дојдоа од Сирија некои евреи и започнаа да му се противат и да го бунат народот, зборувајќи дека сѐ што проповеда Варнава е спротивно на Бога и законот Мојсеев и со многу клевети го валкаа неговото чесно име, поттикнувајќи многумина против него. А светиот Апостол, провидувајќи го својот маченички крај, ги собра верните од тој град и откако доволно ги поучи да бидат цврсти во верата, отслужи Божествена Литургија и сите ги причести со Светите Тајни Христови. Потоа на својот сопатник Марко насамо му рече:
- Денес ќе се упокојам од рацете на неверните евреи, како што ми кажа Господ. А ти земи го моето тело. Ќе го најдеш надвор од градот, на западната страна. Погреби го, па појди кај мојот другар апостол Павле и кажи му сѐ за мене.
Свети Варнава го имаше кај себе Евангелието од Матеј, кое самиот го беше препишал и го завети Марко да го погреба со тоа Евангелие. Потоа му даде последен целив на својот внук свети Марко и самиот отиде во еврејската зборница. И кога таму започна од пророчките книги да им зборува за Христа, се кренаа против него евреите дојдени од Сирија, а се побунија и други евреи, па го изведоа надвор од градот, на западната страна, и го затрупаа со камења. Потоа запалија оган и го фрлија неговото тело во него. Но кога таму дојде свети Марко со неколкумина браќа, тој го најде телото на свети Варнава неповредено од огнот. Го зеде, го погреба во една пештера недалеку од градот, и на градите му го стави Евангелието, според заветот што му го даде. Потоа свети Марко тргна да го бара свети апостол Павле. Го најде во Ефес и му раскажа сѐ за смртта на свети апостол Варнава. Свети Павле го оплака и го задржа Марко кај себе.
По убиството на свети Варнава во градот Саламина настапи големо гонење од страна на евреите против верните, та сите се разбегаа од градот. Од тоа време падна во заборав местото каде беа погребани чесните мошти на светиот апостол Варнава. По многу години, кога верата Христова се беше проширила по целата земја, кога со грчко-римското царство управуваа христијански цареви и островот Кипар блескаше со побожноста, на Господа Му беше угодно да го прослави местото каде почиваа моштите на светиот апостол Варнава. На тоа место започнаа да се случуваат прекрасни чудеса. Така, најпрвин еден болен, кој случајно преноќеваше на тоа место, оздраве. Истото се случи со друг болен. Кога го дознаа тоа верните започнаа да преноќеваат таму и добиваа исцеленија од своите страдања. Тоа место се прочу насекаде, та донесуваа многу болни и раслабени и сите се враќаа дома здрави. Носеа таму и бесомачни, и веднаш нечистите духови со голема врева излегуваа од нив. Таму хроми проодуваа, слепи прогледуваа, и од секоја болест се добиваше исцеление. Целиот град Саламина се радуваше иако никој не знаеше зошто на тоа место се случуваат такви чудеса, па го нарекоа „место на здравјето“. Но треба да знаеме на кој начин беа пронајдени чесните мошти на светиот Апостол.
Некој зол еретик Петар, викан Кнафеј, противник на Четвртиот Вселенски Собор на светите Отци одржан во Халкидон, и заштитник на Евтихиевата ерес, и помагач на зловерието на Аполинариј, за време на царувањето на Зенон со лукавство се дограби до Антиохискиот патријаршиски престол и на Црквата Христова ѝ нанесуваше огромна штета со своето погрешно учење. Притоа не се задоволуваше со епархијата на антиохискиот престол, во која ги гонеше и злоставуваше правоверните предавајќи ги на многу мачења, туку посака да го земе под своја власт и островот Кипар, за во него да го сее лажното учење. За да го привлече народот кон себе, тој зборуваше:
„Бидејќи словото Божјо дојде на Кипар од Антиохија, затоа и Кипарската црква треба да биде под антиохискиот патријарх“.
Поради сето тоа кипарскиот архиепископ Антимиј многу тагуваше, зашто знаеше дека Петар лесно ќе го добие она што го бара. И навистина набрзо на Кипар стигна царска наредба кипарскиот епископ да замине за Цариград, и на собор пред патријархот да им даде одговор на антиохиските граѓани, кои бараат островот Кипар да се потчини на антиохиската епархија. Архиепископот не знаеше што да прави. Иако водеше свет живот, не беше спретен да се препира и се плашеше дека ќе биде победен во спорот со противниците. Затоа почна усрдно да пости и со солзи да се моли, барајќи помош од Бога. И една ноќ, кога задрема од умор, пред него застана божествен маж во светла свештена риза, осветлен со небесни зраци, и рече:
„Зошто, архиепископе, толку многу тагуваш и се жалостиш? Не плаши се, ни малку нема да пострадаш од своите противници“.
Откако го рече тоа Божествениот маж стана невидлив, а архиепископот го спопадна ужасен страв, па се простре крстолико на земјата за молитва и со многу солзи се молеше, говорејќи:
- Господи Исусе Христе, Сине на живиот Бог, не оставај ја оваа Црква Твоја, туку помогни ѝ за слава на светото име Твои. Ако ова видение е од Тебе, тогаш те молам, нека се повтори и по втор и трет пат, за да се уверам дека Ти си мој помошник.
Наредната ноќ архиепископот го имаше истото видение. Оној пресветол маж му се јави и му рече:
- Веќе ти кажав дека ни најмалку нема да пострадаш од противниците кои се фалат. Не плаши се од ништо, и појди во Цариград.
Пресветлиот маж стана невидлив а архиепископот Му заблагодари на Бога, и без да каже некому, повторно се молеше да се удостои на истото видение и да му биде откриено кој е тој што му се јавува.
И во третата ноќ му се јави истиот маж и му рече:
- До кога нема да им веруваш на моите зборови, кои ќе се исполнат овие дни? Без страв појди во Цариград, зашто од таму ќе се вратиш со слава. Самиот Бог ќе те штити заради мене, слугата Свој.
Тогаш архиепископот се осмели да праша:
- Те молам, господине, кажи ми, кој си ти?
Тој одговори:
Јас сум Варнава, ученик на нашиот Господ Исус Христос, кого Духот Свети го испрати заедно со избраниот сад свети апостол Павле на проповедање на словото Божјо на незнабошците. За да се увериш во моите зборови, еве ти знак: Излези надвор од градот, на западната страна, и на местото кое го нарекувате „Место на здравјето“ (зашто таму заради мене Бог чудесно им дава здравје на болните), раскопај ја земјата под дрвото, па ќе најдеш пештера во која се положени моите мошти, и Евангелие од светиот апостол и евангелист Матеј, кое го препишав со сопствената рака. И кога твоите противници, кои сакаат оваа црква да ја потчинат под себе, ќе започнат да зборуваат дека Антиохија е апостолски престол, тогаш ти речи им: „и мојот град е апостолски престол, зашто го имам Апостолот кој почива во мојот град“.
Го рече тоа свети Варнава и стана невидлив, а архиепископот, многу радосен, од срце Му заблагодари на Бога, па го свика клирот, сите градоначалници и народот, и на сите им раскажа за трократното јавување и зборовите на светиот апостол Варнава. Потоа се упати кон местото што му го означи апостолот во видението, и штом малку ја раскопаа земјата под дрвото, најдоа пештера затворена со камен. Го тргнаа каменот и здогледаа ковчег од кој излезе силен и неискажливо прекрасен мирис. Во ковчегот ги најдоа чесните мошти на светиот апостол Варнава, целосни и неповредени, и Евангелието врз неговите гради. Тогаш сите со радост на глас Го славеа Бога, побожно им се поклонуваа, и со вера и љубов ги допираа. При тоа се случија многу чудеса: сите болни при допирот на моштите оздравуваа од каква болест и да боледуваа.
Потоа архиепископот Антимиј не се осмели да ги пренесе чесните мошти од тоа место, па го запечати Кивотот со олово и одреди таму да останат духовници и деноноќно да ги извршуваат вообичаените псалмопеења на гробот на светиот Апостол. Тој, пак, отпатува во Цариград и, спротивставувајќи им се на противниците, одговараше онака како што го беше научил во видението светиот апостол Варнава. Притоа ги извести царот, патријархот и целиот собор за наоѓањето на чесните мошти на свети Варнава. Царот Зенон многу се израдува и веднаш издаде наредба власта на островот Кипар да премине под патријархот на кипарскиот архиепископ и тој да ги поставува кипарските епископи.
Ваквата самостојност на островот Кипар му беше дадена заради моштите на светиот апостол Варнава. Од тогаш престолот на кипарското архиепископство започна да се нарекува апостолски престол, исто како и останатати патријаршиски престоли. А блажениот кипарски архиепископ Антимиј доживеа големи почести од царот и целиот духовен собор. Царот го измоли за себе Евангелието најдена врз градите на Апостолот, го украси со злато и скапоцени камења, и го положи во црквата на својата царска палата. На архиепископот му даде многу злато за изградба на прекрасни цркви на местото каде беа пронајдени чесните мошти на светиот апостол Варнава.
Архиепископот се врати на Кипар со слава и чест, и набрзо изгради голема прекрасна црква во име на светиот апостол Варнава, и неговите чесни мошти ги положи во светиот олтар од десната страна. И се востанови споменот на свети апостол Варнава да се празнува на 11 Јуни, кога беа пронајдени неговите мошти, во слава на нашиот Бог Христос, славениот со Отецот и Светиот Дух, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.
ПРАЗНУВАЊЕТО НА ИКОНАТА НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА „ДОСТОЈНО ЕСТ“
Денес се празнува иконата „Достојно ест“ заради чудото што се случило пред неа во времето на патријархот Никола Хрисоверг (983-996). Тоа чудо се состои во следново: Во близина на светогорскиот манастир Пантократор се наоѓа јама и во неа разни ќелии. Во една од тие ќелии, наречена „Успение на Пресвета Богородица“, живееше еден доблесен јеромонах старец, со својот послушник. Бидејќи во околниот скит Протат на Кареја секоја недела се служело бдение, една саботна квечерина, поаѓајќи на бдение, старецот му рече на својот ученик:
- Чедо, јас одам на бдение, а ти колку што можеш читај го своето правило.
Така старецот замина, и длабоко во ноќта некој затропа на вратата од ќелијата. Братот побрза и отвори, и здогледа еден непознат монах, кој влезе и остана во ќелијата цела ноќ. Кога дојде време за утрената, и двајцата започнаа да пеат. Кога стигнаа до „Честнејшују херувим“ монахот послушник го отпеа до крај стариот славопој на Богородица од светиот Козма Песнописецот “Честнејшују херувим“.., а монахот странец отпеа вака: „Достојно јест јако воистину, блажити Тја Богородицу, присноблаженују и пренепорочнују, и Матер Бога нашего“, а потоа го додаде „Честњејшују херувим“. Монахот послушник се восхити и му рече на непознатиот:
- Ние го пееме само „Честњејшују“ а за „Достојно ест“ никогаш не сме слушнале ниту ние, ниту оние пред нас. Те молам, за моја љубов, напиши ми ја таа славопојка за и јас да ѝ Ја пеам на Пресвета Богородица.
Непознатиот монах му рече:
- Донеси ми мастило и хартија и ќе ти ја напишам.
- Немам ни мастило, ни хартија, - одговори послушникот.
- Тогаш донеси ми една плоча, - рече непознатиот.
Монахот отрча и донесе плоча. Непознатиот ја зеде и со прстот ја испиша на неа песната „Достојно ест“. И се случи чудо: буквите толку длабоко се врежаа во тврдата плоча, како да беа испишани на мек восок. Потоа странецот му рече на братот:
- Отсега така ќе пеете вие, и сите Православни.
Откако го рече тоа, непознатиот монах стана невидлив.
Тоа беше светиот Архангел Гаврил, испратен од Бога да ја објави оваа ангелска песна, најдолична за Пресветата Мајка Божја. Тоа се гледа од тоа што тогашните Отци, празнувајќи го споменот на ова чудо, секоја година вршеа богослужби и света Литургија во споменатата ќелија, во исто време чествувајќи и славејќи го светиот Архангел Гаврил, кој од почеток до крај остана боговдахновен славопеец на Пресвета Богородица и Нејзин радосен служител и благовесник. И во оваа прилика послужи како објавувач на оваа небесна песна на вистинската Богомајка.
Кога старецот се врати во ќелијата, послушникот му го отпеа „Достојно ест“, како што му беше наредил Ангелот, и му ја покажа плочата испишана со ангелската рака. Старецот беше запрепастен од таквото чудо. Потоа ја зеде плочата, отиде во Протат, му ја покажа на протата на Света Гора и на останатите старци, и им раскажа сѐ што се случи. Тие едногласно Го прославија Бога и ѝ заблагодарија на Пресвета Богородица за ова чудо. Потоа ја испратија плочата во Цариград кај патријархот и царот, со пропратни писма, во кои подробно го опишаа чудесниот настан. Од тогаш оваа Ангелска песна се разнесе по целиот свет за сите православни христијани да ѝ ја пеат на Пресветата Богомајка. А светата икона на Пречиста Богородица, која се наоѓаше во црквата на онаа ќелија и пред која се случи ова чудо, од Отците на Света Гора беше пренесена во велелепната црква Протат, каде што се наоѓа и денес. А ќелијата го доби името „Достојно ест“.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ТЕОПЕМПТ
Заедно со уште четири маченици пострада за Христа посечен со меч.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ АРКАДИЈ НОВОТОРЖСКИ
Ученик на свети Ефрем, архимандрит на Борисоглебскиот манастир во Нова Торжка. Подражавајќи го својот наставник, тој водел свет живот, и бил образец на послушноста. Се упокоил мирно во Борисоглебскиот манастир.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ВАРНАВА ВЕТЛУЖСКИ
Родум од Велики Устјуг. Во зрели години станал јереј. Се повлекол во едно диво место на брегот на реката Ветлуга, и се предал на строги отшелнички подвизи. Мирно се претставил на 1 јуни 1445-та година. По неговото претставување монасите и неговите поранешни ученици основале манастир на местото на неговите подвизи.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ВАРНАВА МОНАХОТ
Се подвизувал во селото Васа на Кипар (кај Лемесос), каде сѐ до 1897 година се наоѓал храм подигнат во негов спомен. Неговите мошти чудотворат. Другите Синаксари не го споменуваат.