25. Јуни   (12. Јуни)

ЖИТИЕТО НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ОНУФРИЈ ВЕЛИКИ

Преподобниот монах Пафнутиј, кој се подвизуваше во еден од пустоножителните египетски манастири, ни остави повест за тоа како во пустината го пронашол преподобниот Онуфриј Велики и други пустиници. Својата повест тој ја започнува вака:

„Живеејќи побожно и тихувајќи во мојот манастир, еден ден во мене се јави желба да појдам во внатрешната пустина", и да видам дали таму има некој монах, кој повеќе од мене Му служи на Господа. Зедов малку леб и вода и тргнав на пат.

Излегов од манастирот без да кажам некому, и се упатив длабоко во пустината. Патував четири дена без да вкусам леб и вода, и дојдов до една затворена пештера, која имаше само едно мало прозорче. Останав крај прозорчето и тропав цел час во исчекување дека некој, според монашкиот обичај, ќе излезе и ќе ми даде поздрав во Христа. Откако не добив одговор, ниту некој ми отвори, јас ја отворив вратата и влегов, велејќи: „Благослови!“ И здогледав во пештерата старец, кој седеше како да спие. Јас повторно реков: „Благослови!“ И го допрев неговото рамо, со намера да го разбудам, но тоа беше како прав. Го опипав неговото тело и сфатив дека умрел пред многу години.

Ја допрев наметката што висеше на ѕидот, и таа во мојата рака се претвори во прашина. Тогаш ја соблеков од себе мантијата, го покрив со неа телото на мртвиот, ископав со рацете дупка во земјата и го погребав телото на подвижникот со вообичаените псалмопеења, молитви и со солзи. Потоа каснав малку и преноќевав крај гробот на тој старец.

Утредента, откако се помолив, тргнав уште подлабоко во пустината. По неколку дена наидов на друга пештера, и пред неа здогледав траги од човечки нозе, па помислив дека некој живее во таа пештера.

Затропав на вратата, и бидејќи не добив одговор, влегов внатре. Не најдов никој таму, па си помислив дека тука веројатно живее некој слуга Божји, кој во меѓувреме отишол во пустината. Решив тука да го причекам, зашто сакав да го видам и поздравам во Господа. Поминав цел ден во исчекување, непрестајно пеејќи разни видови псалми. Тоа место беше многу убаво. Имаше урмина палма со род, и мал извор жива вода. Јас многу се восхитував на убавината на тоа место, и посакав тука да живеам ако е возможно.

Приквечер здогледав стадо биволи како доаѓаат кон мене, и среде стадото слуга Божји (тоа беше Тимотеј Пустиникот).

Кога ми се приближи стадото, здогледав човек без облека, кој својата голотија ја покриваше со влакна. Тој ми пријде, ме погледна, па мислејќи дека сум дух и привидение, започна да се моли, зашто на тоа место го искушувале многу нечисти духови со привиденија, како што подоцна самиот ми раскажа. Јас му реков:

„Зошто се плашиш, слуго на нашиот Бог Исус Христос? Погледни, и види ги стапките мои, и знај дека и јас сум човек како и ти. Допри ме, и увери се дека и јас сум од тело и крв“.

Ме набљудуваше некое време и се увери дека навистина сум човек, па се успокои, Му заблагодари на Бога и рече: амин.

Потоа ми пријде, ме прегрна и ме внесе во својата пештера, ми понуди урми и чиста вода од изворот, а и самиот касна заради мене. Ме праша како сум дошол овде, а јас му ги образложив своите мисли и намери, и одговорив:

„Сакајќи да ги видам Христовите слуги што се подвизуваат во оваа пустина, јас излегов од својот манастир и допатував овде. И Бог ми ја исполни желбата. Ме удостои да ја видам твојата светост“.

Притоа го прашав: „Како, ти Оче, си дошол ваму? Колку години се подвизуваш во оваа пустина? Со што се храниш и зошто одиш гол, без ништо врз себе?“

Тој започна да ми раскажува:

„Најпрвин живеев во една од Тиваидските киновии, водејќи монашки живот и усрдно служејќи Му на Бога. Ракоделие ми беше ткаењето. Во мене се јави мисла која ми велеше: „Излези од општожитието, живеј сам, и труди се во подвизите за да примиш голема награда од Бога. Од трудот на рацете свои ти можеш да ги храниш дури и ништите, и да ги згрижуваш патниците“.

Ја послушав оваа моја помисла и излегов од братството, си направив ќелија во близина на градот, и го вршев своето ракоделие. Имав доволно за живот, зашто заработував со својот труд и кај мене доаѓаа многумина по моите ракотворби и ми носеа сѐ што ми е потребно. Јас им давав прибежиште и на патниците, а останатото го раздавав на ништите и на болните. Но на мојот живот му позавиде ѓаволот, кој секогаш војува против сите. Сакајќи да го уништи мојот труд, тој во душата на една жена стави мисла, да дојде кај мене заради моето ракоделие. Таа дојде и ме замоли да ѝ изработам и друго платно. И меѓу нас се разврза разговор и слободно однесување. Го зачнавме гревот и родивме беззаконие.

Поминав со неа шест месеци, грешејќи цело време. Потоа си помислив во себе дека денес или утре може да ме снајде смртта, и ќе заминам во вечните маки, па си реков: „Тешко мене душо моја! Подобро бегај одовде, за да побегнеш од гревот а со тоа и од вечните маки!“

Затоа оставив сѐ, тајно побегнав и дојдов во оваа пустина, ја најдов оваа пештера, изворот и урмината палма, која има дванаесет гранки. Секој месец една од гранките ми раѓа род доволен за прехрана во текот на триесет дена. Кога ќе заврши месецот и со неа родот на едната гранка, тогаш зрее друга.

Така, со благодатта Божја се хранам, и немам ништо друго во својата пештера. Мојата облека од долгото време целосно се распадна, и по многу години (зашто веќе триесет години живеам во оваа пустина) ме обраснаа влакна, како што гледаш, и тие ми служат како облека и ја покриваат мојата голотија“.

Кога го слушнав тоа од тој подвижник, раскажуваше Пафнутиј, јас го прашав:

„Оче, во почетокот на твоите подвизи дали ти пречеше нешто?“

Тој ми одговори:

„Претрпев безбројни напади од демоните. Многу пати тие војуваа со мене, но не можеа да ме совладаат, зашто ми помагаше благодатта Божја. Ги победував со крсниот знак и молитвата. Освен ѓаволските напади, на моите подвизи им пречеше и телесната болест, зашто многу страдав од стомакот, и паѓав на земјата од страшните болки. Не можев стоејќи да ги извршувам вообичаените молитви, и затоа лежејќи и тркалајќи се по земјата го извршував молитвеното правило со голема мака, и немав сили да илезам од пештерата. Му се молев на милосрдниот Бог, заради болеста да ми даде прошка на моите гревови. Еднаш, додека седев на земјата и се грчев од болки во стомакот, пред себе здогледав чесен маж, кој стоеше и ме праша:

- Од што боледуваш? Јас одвај можев да му одговорам:

- Боледувам, господине, од стомакот.

Тогаш тој ми рече:

- Покажи ми каде те боли. Јас му покажав. Тој ја пружи својата рака, ја стави дланката врз болното место, и во тој миг јас се исцелив.

Тогаш ми рече:

- Ете, сега си здрав, не греши повеќе, да не ти биде полошо, туку служи Му на својот Господ Бог, од сега и довека.

Од тогаш, Му благодарам на Бога, јас повеќе не боледувам.

Во таквиот разговор, вели Пафнутиј, јас останав со тој преподобен Отец речиси цела ноќ. Во зори станавме на вообичаената молитва. А кога се раздени, јас многу го молев да ми дозволи да живеам покрај него, или барем некаде одделно во негова близина. А тој ми рече:

- Ти, брате, овде не ќе можеш да ги поднесеш демонските напасти. Од таа причина тој не се согласуваше да останам кај него.

Потоа го замолив да ми го каже своето име, а тој ми рече:

- Се викам Тимотеј. Спомнувај ме, возљубени брате, и моли Го за мене Христа Бога, до крај да го излева врз мене милосрдието на кое ме удостојува.

А јас, вели Пафнутиј, паднав пред неговите нозе, молејќи го да се моли за мене. Тој ми рече:

- Владиката наш, Исус Христос, нека те благослови и нека те заштити од секое ѓаволско искушение, и нека те води на прави патишта, за непречено да преминеш кај светиите Негови.

Откако ме благослови, преподобниот Тимотеј ме отпушти со мир. Јас примив од неговите раце урми за попат, нацрпав во својот сад вода од изворот, му се поклонив на светиот старец, и си заминав славејќи Го и благодарејќи Му на Бога, што ме удостои да го видам таквиот Негов угодник, и да добијам благослов од него.

На враќање од таму, по неколку дена дојдов во еден пустински манастир. Во него останав некое време, и со тага си размислував и си велев: „Каков е мојот живот? Какви се моите подвизи? Мојот живот не е ни сенка спрема животот и подвизите на угодникот Божји, кој што го видов“.

Многу денови размислував така со желба да го подражавам тој праведен маж. Благодарејќи му на милосрдието Божјо, кое ме поттикнуваше да се грижам за својата душа, јас не бев мрзелив повторно да тргнам во внатрешната пустина, и тоа по непрооден пат, каде што живее варварски народ наречен Мазик. Од срце сакав да дознаам има ли и друг таков пустиник, кој Му служи на Бога, да го пронајдам и да добијам корист за својата душа од него. Зедов со себе малку леб и вода, и кога ми снема од нив, јас се сневеселив. Но, сепак, се бодрев себеси и патував четири дена и четири ноќи без храна и вода, па многу изнемоштев и паднав на земјата очекувајќи ја смртта. Тогаш видов како ми приоѓа пресветол маж, ми ја стави раката на устата, и стана невидлив. Во тој миг јас почувствував сила во себе, и повеќе не бев ни гладен ни жеден. Патував уште четири дена без храна и вода, но повторно изнемоштев. Ги кренав рацете кон небото, се помолив на Господа, и повторно го видов оној исти маж, кој ми пријде, ми ја допре устата со раката и стана невидлив. Од тоа јас повторно добив голема сила и го продолжив патот. Во седумнаесеттиот ден од моето патување стигнав до една висока планина. Уморен, седнав во подгорието да се одморам. Тогаш од далеку здогледав човек, кој доаѓаше кон мене и имаше многу страшен изглед. Целиот беше обраснат во густи влакна како ѕвер, и беше бел како снег, зашто од староста беше оседен. Косата и брадата му досегаа до земјата и како облека му го покриваа телото. Бедрата му беа препашени со лисја од пустински билки. Кога видов дека ми се приближува, јас се преплашив и се искачив на карпата на врвот од планината. А тој дојде до подгорјето, седна во ладот да се одмори, зашто се беше уморил од силната горештина и од старечката немоќ. Потоа погледна кон мене и повика:

- Симни се кај мене, човеку Божји, зашто и јас сум човек како ти. Живеам во оваа пустина ради Бога.

Кога го слушнав тоа, вели Пафнутиј, веднаш поитав кон него и му паднав пред нозете, а тој ми рече:

- Стани, сине мој! Ти си слуга Божји и пријател на светите Негови. Се викаш Пафнутиј.

Станав, а тој ми нареди да седнам. Јас со радост седнав близу него. Тогаш усрдно го замолив да ми го каже своето име и да ми раскаже за својот живот. Тој започна да ми раскажува:

Се викам Онуфриј. Во оваа пустина живеам шеесет години, лутајќи по горите, и не сретнав ниту еден човек освен тебе сега. Порано живеев во еден чесен манастир викан Ерита, близу градот Хермапол во Тиваидската област. Во тој манастир има стотина браќа и сите се еднодушни и сложни со голема љубов во нашиот Господ Исус Христос. Заедничка им е и храната и облеката. Водат испоснички живот во побожно тихување и мир, славејќи ја добрината Господова. Таму во своето детство како почетник бев упатуван и поучуван од светите Отци во усрдната вера и љубов спрема Бога и уставите на монашкиот живот. Ги слушав како разговараат за светиот пророк Илија, кого Бог го крепел да живее во пустината во пост, и за светиот Јован Крстител, на кого никогаш никој не му беше сличен, и за неговиот живот во пустината, сѐ до денот на неговото јавување на Израилот.

Слушајќи го сето тоа, јас ги прашував светите Отци:

- Зарем оние што се подвизуваат во пустината се поголеми од вас во Божјите очи?

Тие ми одговараа:

- Да, чедо, тие се поголеми од нас. Ние секојдневно се гледаме едни со други, И соборно со радост ги вршиме црковните богослужби. Ако сме гладни имаме подготвен леб, и ако сме жедни имаме вода. Ако се случи некој да се разболи браќата го чуваат, зашто сите заеднички живееме, и си помагаме, и служиме заради љубовта Божја. А тие што живеат во пустината се лишени од тоа. Ако некој од пустиножителите го снајде тага, кој ќе го утеши? Во болеста, кој ќе му помогне?

Ако го нападне ѓаволот, кај ќе најде човек да го ободри или посоветува кога е сам самичок? И ако нема храна, кај ќе ја најде? Ако нема вода, од кај ќе набави? Таму, чедо, претстои неспоредливо поголем труд отколку кај нас во заедницата.

Оние што се оддаваат на пустинскиот живот поревносно Му служат на Бога, се предаваат на најстрог пост, великодушно ги поднесуваат гладот, жедта, горештината и мразот, силно ги одбиваат нападите на невидливиот непријател, и се присилуваат себеси на сите можни начини да го победат, и усрдно се трудат да го поминат тесниот и тажен пат што води во Царството Небесно. Затоа Бог им испраќа свети Ангели, кои им носат храна, им вадат вода од камен, и толку ги поткрепуваат што врз нив се исполнуваат зборовите на пророкот Исаија, кој вели: „Оние кои се надеваат во Господа, ќе добијат нова сила, ќе се окрилат како орли, ќе трчаат и нема да застанат“ (Исаија 40, 31). Ако некој од нив не се удостои на очигледен начин да ги види Ангелите, сепак не се лишува од нивното невидливо присуство, и тие го чуваат на сите негови патишта, го штитат од вражјите напади, му помагаат во неговата работа, и неговите молитви ги принесуваат кај Бога.

Ако на некој од пустиниците му се случи неочекуван ѓаволски напад, тој ги крева своите раце кон Бога, и веднаш му се испраќа помош од небото, и сите напасти се распрснуваат заради чистотата на неговото срце. Зарем не си слушал, чедо, што вели Светото Писмо: „Бог не ги остава оние кои Го бараат, и никогаш нема да биде заборавен сиромавиот и трпението на бедните нема никогаш да пропадне“ (Пс. 9, 19); „Повикаа кон Господа во жалоста своја и тој ги избави од нивните неволјите“ (Пс. 106, 6). Зашто Господ на секого му дава според трудот што го зема на себе ради Господа. Блажен е човекот кој Господовата волја ја твори на земјата. На таквиот Ангели му служат, макар невидливо, и прават да се радува со духовна радост, и го крепат секој час додека се наоѓа во телото.

Слушајќи го сето тоа во својот манастир од светите Отци, јас, смирениот Онуфриј, во срцето и душата почувствував сласт послатка од мед, и ми се чинеше дека се наоѓам во некој друг свет. Во мене се појави неодолива желба да појдам во пустината. Станав во ноќта, зедов леб за четири дена, и со надеж во Бога се упатив по патот што води кон планината со намера од таму да појдам во пустината. Штом влегов во пустината, пред себе здогледав зрак блескава светлина. Многу исплашен застанав, и веќе започнав да размислувам да се вратам во манастирот. Меѓутоа зракот ми се приближи и од него слушнав глас:

- Не плаши се! Јас сум Ангелот кој оди со тебе од твоето раѓање. Од Бога сум ти доделен да те чувам. Сега ми е наредено од Господа да те водам во оваа пустина. Биди совршен со смирено срце пред Господа, и со радост служи Му, а јас нема да отстапам од тебе, сѐ додека Создателот не ми нареди да ја земам твојата душа.

Откако го рече тоа од светлиот зрак, Ангелот тргна пред мене, а јас со радост го следев. По еден километар здогледав прекрасна пештера, и зракот на ангелската светлина исчезна од моите очи. Се приближив до пештерата и посакав да дознаам дали има некој внатре. Дојдов до вратата и викнав: - Благослови! - и здогледав старец, чесен и блескав. Од неговото лице и поглед се лееше огромна благодат Божја, и духовна радост, кои беа во него. Јас брзо паднав пред нозете негови, и му се поклонив. А тој ме подигна, ме бакна, и ми рече:

-Ти ли си брат Онуфриј, мојот сотрудник во Господа? Влези, чедо, во моето живеалиште. Бог нека ти е помошник во твоето звање, творејќи добри дела во стравот Божји.

Влегов во неговата пештера и со него поминав многу денови, и се трудев да ги научам од него добродетелите негови.

Го постигнав тоа зашто ме научи на уставот на пустинското живеење. Кога старецот увиде дека мојот дух веќе е просветен за поимање на дела угодни на нашиот Господ, и за бестрашното спротивставување на тајните војувања на врагот и страшилата што ги има пустината, тој ми рече:

- Ајде, чедо, да те водам во друга пештера, во внатрешната пустина, за таму да живееш и да се подвизуваш во Господа. Господ со својата промисла затоа и те испрати ваму, да бидеш жител на внатрешната пустина.

Потоа ме фати за рака и ме поведе длабоко во пустината.

Патувавме четири дена и четири ноќи. На петиот ден најдовме мала пештера. Тогаш оној свет маж ми рече:

- Ова е местото кое Бог го подготви за тебе.

И остана старецот со мене триесет дена, поучувајќи ме на добри дела. Потоа се врати во своето живеалиште, и доаѓаше кај мене еднаш годишно. Ме посетуваше секоја година, сѐ додека не се претстави кај Бога. А кога последната година по својот обичај дојде кај мене, тој се претстави кај Господа. Јас многу плачев за него, и го погребав во близина на моето живеалиште.

Потоа јас, смирениот Пафнутиј, го прашав:

- Оче, свети, многу трудови ли зеде врз себе на почетокот, кога дојде во оваа пустина?

Блажениот старец ми одговори:

- Верувај ми, возљубен брате, јас зедов на себе толку тешки трудови, што многупати бев очаен за својот живот, мислејќи дека смртта ми е близу. Изнемоштен од глад и жед, дење ме печеше горештината, а ноќе смрзнував од студот, и телото ми се квасеше од небесната роса. И што ли не претрпев? И какви ли трудови не зедов врз себе во оваа непроодна пустина? Невозможно е да се раскажат сите трудови и подвизи, а и не треба да се објавува она што човекот е должен ради љубовта Божја да го прави насамо. Благиот Бог, гледајќи дека целиот сум се предал на испосничките подвизи и својата душа сум ја внел во глад и жед, му нареди на Ангел Свој да се грижи за мене и секој ден да ми носи по малку леб и вода, за поткрепа на моето тело. Така Ангелот ме хранеше триесет години.

Потоа Бог ми уреди обилна исхрана, зашто близу мојата пештера се најде урмина палма со дванаесет гранки. Секоја гранка донесуваше род за еден месец, друга за друг, и така сите дванаесет редум за дванаесет месеци. Кога ќе завршеше месецот завршуваше и родот на едната гранка, и настапуваше род на другата. Покрај тоа, по заповед Божја, во моја близина потече и мал извор на жива вода. И еве, веќе други триесет години јас живеам во такво изобилие. Понекогаш јадам леб што ми го носи Ангелот, а понекогаш се хранам со урми и пустински билки кои ми се слатки како мед, и пијам вода од изворот, благодарејќи Му на Бога. А повеќе од сѐ, слатко се хранам и напојувам од зборовите Божји, како што е напишано:

„Не живее човекот само од лебот, туку и од секој збор што излегува од устата Божја“ (Матеј 4, 4). Брате Пафнутиј! Ако усрдно ја исполнуваш волјата Божја, Бог ќе ти испрати сѐ што ти е потребно. Во светото Евангелие е кажано: „Не грижете се и не говорете што да јадеме, што да пиеме или во што да се облечеме? Сето тоа незнабошците го бараат. А вашиот Отец небесен знае дека сето ова ви е потребно. Туку најнапред барајте го Царството Божјо и правдата Негова, и сѐ ова ќе ви се придодаде“ (Матеј 6, 3133).

Додека преподобниот Онуфриј го зборуваше тоа, јас, вели Пафнутиј, се восхитував на неговото чудесно житие. Потоа повторно го прашав:

- Оче, од каде се причестуваш со Пречистите Тајни Христови во сабота и недела?

Тој ми одговори:

- Ангел Господов доаѓа кај мене, ми ги носи и ме причестува. И не само кај мене, туку тој со Божествената Причест доаѓа и кај останатите подвижници, кои ради Бога живеат во пустината и не гледаат човечки лица.

Причествувајќи ги, Ангелот ги исполнува со неискажливо веселие. Ако пак некој од пустиниците посака да види човек, тогаш Ангелот го зема и го носи кон небесата да ги види Светиите, и да се развесели. И како светлина се просветува душата на таквиот пустиник, и се радува со душата што се удостоил да ги види небесните блага, и заборава на сите свои трудови во пустината. И кога пустиникот ќе се врати на своето место, започнува уште поусрдно да Му служи ва Бога, со надеж за навек да го добие на небесата она што се удостоил да го види.

За сето ова преподобниот Онуфриј разговараше со мене во подножјето на планината, каде што се сретнавме. Бев многу радосен од таквиот разговор, па заборавив на тешкото патување пропратено со глад и жед. Поткрепен и духовно и телесно, јас си реков: „Блажен сум што се удостоив да те видам тебе, свети оче, и да ги слушам твоите прекрасни и слатки зборови“.

А тој ми рече:

- Да станеме, брате, да појдеме во моето живеалиште.

Станавме и тргнавме. А јас, вели Пафнутиј, не престанав да се восхитувам на благодатта на преподобниот старец. Потоа изминавме три километри и стигнавме до неговата чесна пештера. Во нејзина близина имаше прекрасна палма и течеше мал поток. Застанавме пред пештерата и преподобниот се помоли на Бога и по молитвата рече „Амин“. Потоа седна, па ми понуди и јас да седнам покрај него. И си разговаравме, раскажувајќи си ги еден на друг добрата Божји. А кога денот започна да одминува и сонцето се симна на запад, јас меѓу нас здогледав чист леб и вода. И оној блажен маж ми рече:

- Брате, касни од лебот пред тебе, зашто гледам дека си изнемоштен од гладот и жедта.

Јас му одговорив:

- Нема да јадам и пијам сам, туку само заедно со тебе.

Но, старецот не сакаше да јаде. По долги молби го принудив. Го прекршивме лебот и јадевме до наситување, а лебот се зголемуваше. Потоа се напивме вода, му заблагодаривме на Бога и ноќта ја минавме во молитва. :

Кога осамна забележав дека лицето на преподобниот се променило по утринското молитвено пеење, и јас се исплашив.

Тој го забележа тоа и ми рече:

- Не плаши се, брате Пафнутиј, зашто Бог е милосрден спрема сите. Те испрати кај мене за да го погребеш моето тело.

Денес ќе заврши мојот привремен живот и јас ќе преминам во бесконечниот живот кај мојот Христос во вечниот покој.

Тој ден беше дванаесетти јуни. Преподобниот Онуфриј ме завети, велејќи:

- Возљубен брате, кога ќе се вратиш во Египет спомнувај ме пред браќата и пред сите христијани.

А јас му реков:

- Оче, свети, јас би сакал да живеам овде, на твоето место, по твоето заминување од телото.

На тоа тој ми одговори:

- Чедо, Бог не те испратил за да се подвизуваш во оваа пустина, туку да ги видиш слугите Божји, па да се вратиш и да раскажуваш за нивниот добродетелен живот, за душевна корист на слушателите и во слава на нашиот Бог Христос. Затоа појди, чедо, во Египет, во својот и во други манастири, и раскажи што си видел и слушнал во пустината. Раскажи го и тоа што допрва ќе го видиш и слушнеш. Подвизувај се во добри дела, служејќи Му на Христа Бога.

Кога го рече тоа јас паднав пред неговите чесни нозе и реков:

- Благослови ме, пречесен Оче, и помоли се за мене да стекнам милост пред Бога, Он да ме удостои да ја видам твојата светост и во идниот век.

Тој ме подигна и ми рече:

- Чедо Пафнутиј, Бог ќе ја исполни твојата молба. Ќе те благослови и утврди во љубовта Своја, ќе те просветли кон боговидение, ќе те избави од секој пад и ѓаволско лукаство, и ќе го доврши во тебе започнатото добро дело. Ќе те закрилува со Ангелите Свои на сите твои патишта, и ќе те чува од невидливите непријатели, за да не најдат ништо со што би можеле да те обвинат пред Бога, во часот на страшното испрашување.

Потоа преподобниот ми даде последен целив во Господа, па започна да се моли со многу солзи и воздишки.

Преклонувајќи ги колената, тој долго се молеше, па легна на земјата и ги изговори своите последни зборови:

- Во рацете Твои, Боже, го предавам мојот дуќ! Додека го изговараше тоа го осветли прекрасна светлина од небото, при што тој со весело лице го отпушти својот дух.

И веднаш во воздухот се слушна глас на Ангели, кои пееја и Го благословуваа Бога. Ангелите ја зедоа душата на преподобниот и со радост ја понесоа кај Господа.

А јас, вели Пафнутиј, започнав да плачам и ридам над неговото чесно тело, кое неодамна го најдов, и така брзо се лишив од него. Потоа ја соблеков мантијата од себе, ја искинав поставата од неа, и го покрив телото на светителот, а мантијата ја облеков, за да не се вратам гол кај браќата. Најдов и огромен камен издлабен како гроб, не од човечки раце, туку со промисла Божја, и во него го положив светото тело на големиот угодник Божји, со пропишаното псалмопеење. Потоа насобрав многу ситни камења и со нив го покрив неговото свето тело.

После сѐ започнав да Му се молам на Бога да ми дозволи да живеам на тоа место. Сакав да влезам во пештерата, но таа за миг се сруши пред моите очи, палмата која го хранела светителот од корен се искорна, и изворот на жива вода секна.

Кога го видов сето тоа, јас сфатив дека Бог не сака да живеам таму.

Со намера да тргнам на пат, јас зедов парче леб преостанато од вчера, и ја испив водата останата во садот, па повторно ги кренав рацете и очите кон небото, и се помолив на Бога. Потоа го здогледав оној исти маж од порано, кој ме поткрепи и одеше пред мене. Заминувајќи од тоа место, јас многу тагував што не се удостоив долго да го гледам свети Онуфриј меѓу живите. Но, откако размислив повторно се радував што се удостоив да се насладам на светата беседа негова, и да добијам благослов од неговата уста. И патував така, славејќи Го Бога.

По четири дена одење, наидов на една ќелија со пештера, високо над подгорјето. Во неа не најдов никого. Поседов малку размислувајќи дали некој живее овде. Додека така размислував влезе еден сед маж со прекрасен необичен изглед, облечен во облека од палмови лисја. Кога ме здогледа, веднаш ме праша:

- Ти ли си брат Пафнутиј, кој го погреба телото на преподобниот Онуфриј?

Јас сфатив дека од Бога му е откриено за мене, и паднав пред неговите нозе. Тешејќи ме, тој ми рече:

- Стани, брате! Бог те удостои да бидеш пријател со светиите Негови. Од промислата Божја јас дознав за твоето доаѓање кај мене. Јас, возљубен брате, ќе ти откријам дека во оваа пустина сум шеесет години, и досега не видов човек, кој би дошол кај мене, освен браќата кои живеат овде со мене.

Додека така разговаравме, влегоа други тројца свети старци, слични на првиот, и веднаш ми рекоа:

- Благослови, брате! Ти си брат Пафнутиј, нашиот сотрудник во Господа. Ти го погреба телото на свети Онуфриј. Радувај се, брате, што се удостои да ја видиш големата благодат Божја, Господ нѐ извести дека денес ќе дојдеш кај нас и нареди еден ден да останеш со нас. Еве, веќе шеесет години ние живееме во оваа пустина разделено. Во сабота спрема недела се собираме овде. Немаме видено човек, освен тебе сега.

Откако поразговаравме за преподобниот отец Онуфриј и други Светии, по два часа тие старци ми рекоа:

- Земи, брате, малку леб, зашто си дошол од далеку и треба да се радуваме со тебе.

Станавме, еднодушно се помоливме на Бога, и пред себе здогледавме пет чисти леба, многу вкусни, меки и топли, како сега испечени. Потоа тие Отци принесоа малку од земните плодови. Седнавме заедно и започнавме да јадеме, а старците ми рекоа:

- Ете, ние, како што ти рековме, шеесет години живееме во оваа пустина, и постојано, по наредба Божја невидливо ни се носат четири леба. А сега, бидејќи ти си со нас, ни се испратени пет. Не знаеме од каде ни се носат овие лебови, но секој од нас, на влегување во својата пештера, секој ден наоѓа по еден леб. А кога се собираме овде во очи на недела, тука наоѓаме четири леба, секому по еден.

Откако каснавме, станавме и Му заблагодаривме на Бога. Се наближуваше ноќта па застанавме на молитва и се молевме до саминување во недела. Кога се раздени, јас ги молев тие свети Отци да ми дозволат да останам со нив до мојата смрт. Но тие ми рекоа:

- Не е волја Божја да останеш со нас, туку треба да појдеш во Египет, за да ги известиш христољубивите браќа за сѐ што си видел, во наш спомен и за корист на слушателите.

Јас ги замолив да ми ги кажат своите имиња, но тие не сакаа. И по долгите и усрдни молби само ми рекоа:

- Бог знае сѐ. Ги знае и нашите имиња. А ти, брате, спомнувај нѐ и моли се за нас, да се удостоиме да се видиме во вишните населби Божји. Труди се, возљубени, колку што можеш да ги одбегнуваш искушенијата и соблазните во светот, да не бидеш посрамен од нив, зашто многумина одвлекле во гибелта.

Јас паднав пред нивните нозе, и откако добив благослов, тргнав со мир Божји. Тие Отци ми прорекоа некои работи, кои навистина се исполнија.

Еден ден патував кон највнатрешната пустина. Дојдов до една пештера крај која имаше извор, и седнав да се одморам и насладам од убавината на тоа место. Околу изворот имаше многу овошки преполни со род. Прошетав меѓу нив, восхитувајќи се на нивниот изобилен род, и се прашував кој ли ги засадил овде. Имаше палми, лимони, јаболки, смокви, кајсии, винови лози со прекрасни гроздови, и други дрвја. Ова овошје беше послатко од мед и мирисаше како најубав мирис, а изворот кој протекуваше тука ги залеваше. Ми се чинеше дека тоа е рајот Божји.

Додека така се восхитував на чудесната убавина на тоа место, здогледав четири благолики момчиња, кои доаѓаа кон мене од пустината, и беа препашани со овчји кожи. Кога се приближија, тие ми рекоа:

- Радувај се, брате Пафнутиј!

Јас паднав со лицето на земјата, и им се поклонив. Тие ме кренаа, седнаа со мене и започнавме да разговаравме. Нивните лица блескаа со таква благодат Божја, што ми се чинеше дека се Ангели дојдени од небото. Тие многу ми се израдуваа, набраа овошје и ми понудија. Се израдува и срцето мое на  љубовта нивна. Седум дена останав кај нив и се хранев од плодовите на оние дрвја. Меѓу другото прашав:

- Како се најдовте овде и од каде сте?

Тие ми одговорија:

- Брате, бидејќи Бог те испрати кај нас, ќе ти раскажеме за нашиот живот. Ние сме од градот Оксиринх. Нашите родители беа началници на тој град. Нѐ дадоа во едно училиште и ние брзо научивме да читаме и пишуваме. Кога почнавме да ги изучуваме високите науку, кај нас се појави една заедничка мисла, да ја изучуваме духовната мудрост. Од тогаш ние секој ден се состанувавме и поттикнувавме еден со друг на усрдно служење на Бога. Со добра намера во срцата, смисливме да побараме тивко и осамено место, па таму да поминеме неколку дена во молитви, за да ја дознаеме Божјата намера за нас. Затоа секој од нас зеде малку леб и вода, доволно за седум дена, и излеговме од градот. По неколку дена влеговме во пустината и нѐ спопадна ужас, зашто пред себе здогледавме пресветол маж, кој блескаше со небесна слава. Тој нѐ фати за рака, нѐ доведе овде, и нѐ предаде на еден многу стар маж, кој Му служеше на Бога. И еве, веќе шест години ние живееме овде. Со тој старец поминавме една година, и тој нѐ учеше како да Му служиме на Бога. Потоа се претстави кај Господа, и ние останавме сами овде. Ете, брате мили, ти раскажавме кои сме и од каде сме. За овие шест години ние немаме вкусено леб, ниту некаква храна, освен ова овошје. Секој од нас живее сам во безмолвие, во молитвено тихување. Во сабота се собираме на ова место и се тешиме во Господа. По два дена повторно заминуваме секој во своето место.

Кога го слушнав тоа од нив, вели Пафнутиј, јас прашав:

- Во сабота и недела каде се причестувате со Божествените Тајни?

Тие ми одговорија:

- Заради тоа ние и се собираме овде секоја сабота и недела. Тогаш пресветол Ангел, испратен од Господа, доаѓа кај нас и ни дава Света Причест.

Јас многу се израдував и решив да останам кај нив во сабота, за да се удостојам да го видам светиот Ангел и од неговите раце да примам Божествена Причест. Останав таму до сабота. Останаа и тие заради мене, и деновите ги поминавме во славословење на Бога и молитви, и се храневме со овошјето од градината и водата од изворот. Во сабота тие слуги Христови ми рекоа:

- Подготви се, возљубен брате. Сега ќе дојде Ангел Божји и ќе ни донесе Божествена Причест. На оној што ќе се удостои од неговите раце да прими Света Причест, ќе му се отпуштат сите гревови, и тој станува страшен за демоните. До него не може да се доближи сатанско искушение.

Додека тие ми зборуваа, јас почувствував прекрасен мирис, како од темјан, и се зачудив зашто досега никаде и никогаш не сум осетил таков мирис, па ги прашав момчињата:

- Од каде доаѓа овој неискажлив мирис?

Тие ми одговорија:

- Се приближува Ангелот Господов со Пречистите Тајни Христови.

И веднаш застанавме на молитва, и започнавме да пееме и да Го славославуваме Христа, Царот и Бог наш. И чудесна светлина нѐ осветли од небото, и ние го здогледавме Ангелот Гоподов како доаѓа од висините, блескајќи како молња. Јас паднав ничкум на земјата од страв. Момчињата ме кренаа и ми рекоа да не се плашам. Видов како пред нас стои Ангел Божји, во облик на прекрасно момче, чија што убавина не се опишува.

Тоа држеше во рацете свет путир со Божествена Причест. Оние свети слуги Божји пристапуваа кај него еден по еден, и се причествуваа. По нив пристапив и јас, грешниот и недостојниот, со огромен трепет и ужас, истовремено и со неискажлива радост, и се удостоив да се причестам со Пречистите Тајни Христови од рацете на Ангелот. За време на причестувањето јас го слушнав Ангелот како вели:

- Телото и крвта на нашиот Бог Господ Исус Христос, нека ви биде храна неминлива, за веселба бескрајна и живот вечен.

А ние одговаравме:

- Амин.

По Светата Причест добивме благослов од преславниот Ангел, па тој пред нашите очи се врати на небесата, а ние паднавме на земјата и Му се поклонивме на Бога, благодарејќи Му за големата милост. Срцата ни беа радосни, та ми се чинеше дека сум на небото и бев како во занес. Потоа оние свети слуги Божји донесоа овошје, па седнавме и каснавме малку.

Саботната ноќ ја минавме во псалмолеење и славословење на Бога. Во недела, пак, повторно се удостоивме на онаа иста благодат Божја како и во саботата. На ист начин и во истиот облик, кај нас дојде Ангелот Божји, нѐ причести, и ги исполни нашите срца со преголема радост, а јас со малку смелост го замолив Ангелот Божји да ми дозволи до крајот на животот да останам на тоа место, со светите слуги Божји. Но, тој ми рече:

- Не е волја Божја да живееш овде. Бог ти наредува веднаш да појдеш во Египет, и да им раскажеш на своите браќа што си видел и слушнал во пустината, за и тие да се потрудат да водат добар живот и да Му угодат на Господ Христос. Особено раскажувај им на сите за светиот живот и блажениот крај на преподобниот Онуфриј, кого го погреба во каменот. На браќата раскажи им сѐ што си слушнал од неговата уста. Блазе си ти што си се удостоил да видиш така чудесни и прекрасни големи дела Божји, кои им се случуваат на Светиите Негови. Надевај се во Господа, дека Он и тебе ќе те вброи во идниот живот меѓу Светиите, кои си ги видел и си разговарал со нив. Затоа сега тргни на пат, и мирот Божји нека е со тебе!

Ангелот го рече тоа и се искачи на небото. А јас, вели Пафнутиј, толку се исполнив со ужас, истовремено и со радост, така што целиот малаксав и паднав на земјата како онесвестен. Светите слуги Божји ме кренаа и ме утешија. Потоа принесоа овошје, од кое заедно каснавме, и Му заблагодаривме на Бога.

После тоа се простив со светите и тргнав на пат. Чесните момчиња ми дадоа овошје за попат, и ме испратија на околу пет километри. Јас ги замолив, и тие ми ги кажаа своите имиња.

Првиот се викаше Јован, вториот Андреј, третиот Иракламвон и четвртиот Теофил. Ми дадоа за задача нивните имиња да им ги кажам на браќата, за спомнување во молитвите.

Тогаш и јас ги замолив да ме спомнуваат во своите молитви. Потоа повторно се целивавме во Господа, и се разделивме. Тие се вратија во своето место, а јас се упатив кон Египет.

Додека патував низ пустината, јас во исто време бев и тажен и радосен. Тагував зашто се лишив од погледот и слаткиот разговор со таквите големи угодници Божји, на кои не им е достоен целиот свет. А се радував што се удостоив на нивниот благослов, видението на Ангелот, и Божествената Причест од Ангелските раце. По тридневно патување наидов на скит, во кој најдов два брата, кои се подвизуваа во отшелништво. Кај нив останав десет дена и им раскажав сѐ што слушнав и видов во пустината. Тие ме слушаа со големо умиление и радост, и ми рекоа:

- Навистина, оче Пафнутиј, ти си се удостоил на голема милост Божја, зашто Господ ти дал да видиш такви слуги Негови.

А и тие два брата беа доблесни и Го сакаа Бога од сѐ срце.

И тие запишаа сѐ што слушнаа од мојата уста. Потоа се поздравив со нив и заминав во својот манастир, а тие, откако ја запишаа мојата повест, ја однесоа на сите свети отци и браќа кои живееја во скитот. И сите, читајќи и слушајќи, добиваа голема корист за душата и Го благословуваа Бога, Кој ја излева милоста Своја врз слугите Свои. Потоа во Црквата ја положија запишана мојата повест, за да можат да ја читаат сите, зашто беше полна со духовни поуки и богомислија. А јас, најмалиот слуга Пафнутиј, удостоен на таквата милост Божја, иако недостоен, на сите и усно и писмено им го објавувам она што ми беше наредено да го објавам, во слава Божја, и во спомен на светителите Божји, а за корист на оние кои бараат спасение за својата душа. Благодатта и мирот на нашиот Господ Исус Христос нека биде со вас, по молитвите на светите и преподобни Отци наши, кои Му угодиле, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.

ЖИТИЕТО НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ПЕТАР АТОНСКИ

Преподобниот Петар беше од Цариград, по повик војник а по чин војвода. Бидејќи беше искусен и храбар војник, царот многу пати го испраќал во војна. Во еден од таквите походи на Сирија неговата војска претрпела пораз. Војводата Петар со многу други војници беше заробен и одведен во ропство во Арабија, во градот Самара, на бреговите на реката Еуфрат. Во Самара тој бил окован во тешки железни окови и фрлен во темница. Во темницата грижливо ја испитуваше својата совест, и се сети дека многу пати помислувал да се одрече од светот и Му ветил на Бога дека ќе стане монах. Тогаш му стана јасно дека Бог допуштил тој да биде заробен и да западне во такви маки, затоа што не се погрижил да ја исполни својата добра намера. Затоа плачеше и ридаше многу, каејќи се и смирувајќи се, зашто беше свесен дека по заслуга страда.

По долго време во темницата, без никаква надеж дека луѓето ќе го избават, тој топло започна да Му се моли на семоќниот Бог, Кој може со своите несфатливи патишта да го избави, како што Адам го извади од адот (1 Петар 3, 18-19) и апостол Петар од Иродовата темница. А го призиваше на помош и моќното посредување пред Бога на големиот чудотворец, светителот Никола, зашто одамна кон него гаеше огромна љубов и вера, и често му се молеше. И сега со солзи повикуваше кон него, како брз помошник, говорејќи:

„Знам добро, свети Чудотворче, дека не сум достоен да добијам од Бога прошка и ослободување од ова горко ропство, зашто многу пати досега пред Него испаднав лажливец. Знам дека праведно се наоѓам во оваа смрдлива темница, и затоа не се осмелувам Него да Го молам за своето ослободување, за да не го разгневам уште повеќе. Ја призивам твојата светост, зашто ти имаш обичај да ги тешиш оние во неволја, и да им ги олеснуваш маките и страдањата кога од душа те призиваат. Кон тебе, сесвети Никола, прибегнувам сега со горки солзи и молби. Од денес за свој посредник пред Бога те имам, ради твојата милост да ми даде ослободување, ако сака, па ќе ги оставам сите световни грижи, и дури ни во својата татковина нема да се вратам, туку веднаш ќе појдам во големиот Рим, и таму, во црквата на врховниот апостол Петар, ќе го примам монашкиот лик, и во монаштво ќе го поминам животот свој, за според своите сили да Му служам на Создателот мој, семилостивиот Добротвор Бог, и да ја творам волјата Негова.

Кон ваквите усрдни молитви затвореникот Петар го додаваше и постот, та секој втор или трет ден земаше по малку храна. Еднаш цела недела не вкуси ништо. На крајот од неделата му се јави на сон свети Никола, и му рече:

- Молбата твоја, брате Петре, ја услишав, и Го молев за тебе милосрдниот и човекољубив Бог. Но, бидејќи си бил спор во исполнувањето на заповедите Негови, Тој не сака брзо да те ослободи од оковите и го припрема најдоброто за твоето спасение. Но, бидејќи Милосрдниот Господ, велејќи во светото Евангелие: „Барајте и ќе ви се даде, чукајте и ќе ви се отвори“ (Матеј 7, 7) им дал надеж на сите, ти не престанувај да Му се молиш и со воздишките да тропаш на вратата на милосрдието Негово, за да се смилува. Биди стрплив во молитвите и очекувај ја милоста Божја.

Го рече тоа свети Никола, му нареди да се поткрепи со храна и стана невидлив. Кога се разбуди Петар касна малку, повторно прибегна кон молитвата и уште поусрдно се молеше и ден и ноќ со надеж на избавување, и постојано го призиваше својот помошник свети Никола. По некое време светителот повторно му се јави, но некако тажен, и со тивок глас му рече:

- Верувај ми, брате, јас не престанав да ја молам благоста Божја за тебе, но не знам за какви свои намери, за какво промислување, Бог го одлага твоето избавување. Сепак, не губи надеж во Неговото милосрдие. Он има обичај да го одлага исполнувањето на нашите молби, имајќи го во предвид најдоброто за нас, за некој од нас, ако веднаш го добие она за што моли, лесно да не ја запостави благодатта Негова. Освен тоа, Господ сака за тебе да се молат и други кои Му угодиле. Еве, јас ќе ти укажам на еден многу моќен молитвеник кај Него. Ако го повикаш него на помош, нема да се лишиш од надежта, зашто ако ние двајцата заедно се помолиме за тебе, верувам дека ќе нѐ услиша човекољубивиот Бог.

Тогаш светиот го праша свети Никола:

- А кој е тој светител, владико, кој може побрзо да Го умоли Бога од тебе? По твоите молитви и посредување се спасува целиот свет, и сите кои ти се молат се избавуваат од неволјите.

Свети Никола го праша:

- Го знаеш ли, Петре, праведниот Симеон, наречен Богопримец, затоа што на своите раце Го прими Господа Христа, кога беше донесен во храмот во четириесеттиот ден по раѓањето.

Петар одговори:

- Го знам, светителу Божји, тој праведен маж, за кого во светото Евангелие пишува (Лука 2, 25 - 36).

Свети Никола рече:

- Ние двајцата ќе го поттикнеме на посредство пред Бога и тогаш сѐ добро ќе се заврши. Праведниот Симеон има огромна сила и слобода пред Бога, близу престолот Негов стои заедно со Пречистата Владичица Дева Богородица и светиот Преттеча Јован.

Го рече тоа свети Никола и замина. А Петар се разбуди и веднаш се предаде на големи молитви и неизмерен пост, призивајќи го на помош и светиот Симеон Богопримец како и свети Никола. И кога преблагиот Бог, молен од Неговите големи угодници Симеон и Никола, реши да му подари слобода на напатениот затвореник, свети Никола по трет пат му се јави, и тоа не во сон туку на јаве, и не сам, туку заедно со свети Симеон Богопримец, и му рече:

- Биди смел, брате Петар, и не тагувај, туку раскажи му за твојот завет на општиот посредник и мој сомолитвеник, и по благодарноста кон Бога заблагодари му и нему.

Петар го здогледа свети Симеон, со прекрасен изглед, чесен лик, блескав, облечен во старозаветна првосвештеничка облека и со златен жезол во раката, и се преплаши.

- Ти ли си тој кој го моли братот Никола да те ослободи од оваа темница? - го праша свети Симеон.

Петар одвај ја отвори устата од страв и одговори:

- Јас сум, угоднику Божји. Јас и твојата светост ја стекнав за свој посредник кај Бога.

Свети Симеон го праша:

- Сакаш ли да го исполниш својот завет, да станеш монах и да водиш доблесен живот?

- Да, владико, со помош Божја ќе го исполнам заветот, - одговори Петар.

Светителот рече:

- Ако ветиш, тогаш можеш непречено да излезеш одовде.

Петар му ги покажа своите оковани нозе. Свети Симеон со златниот жезол го допре железото и тоа веднаш се стопи како восок. Петар стана, ја виде темницата отворена и излезе од неа по свети Симеон, одејќи заедно со свети Никола. Кога се најде надвор од градот, тој си помисли во себе: „Зарем ова не е сон?“

Свети Симеон се сврте кон него и му рече:

- Зошто милоста Божја, што ти се врши на јаве, ја сметаш за сон? Зарем не гледаш каде си и со кого одиш?

Свети Симеон го рече тоа, го довери Петар на свети Никола и замина. Петар го следеше свети Никола. Кога се раздени светителот го праша:

- Зеде ли некаква храна за попат?

- Не, господине, немав што да земам, - одговори Петар.

Тогаш свети Никола му нареди да појде во најблиската градина и му рече:

- Таму ќе најдеш човек кој ќе ти даде овошје. Земи колку што сакаш, па ајде по мене.

Петар навистина најде во градината човек, кој го снабди со овошје. Потоа го продолжи патот со свети Никола, и за кратко време стигнаа до Грчката земја. Свети Никола му рече:

- Ете, брате, веќе си во својата земја. Имаш слободно време за исполнување на својот завет. Изврши го ветеното, за повторно да не се најдеш во самарската темница.

Го рече тоа свети Никола, и стана невидлив.

Откако Му заблагодари на Бога и на своите свети застапници Симеон и Никола, Петар не појде во својот дом, туку веднаш се упати кон Рим, за да го исполни заветот. А светителот Христов Никола не го оставаше, туку го закрилуваше при патувањето.

Кога наближи до Рим, свети Никола му се јави на папата во сон, како држи човек за раката. Покажувајќи кон него, му раскажа како го ослободи од самарската темница, и како тој ветил дека ќе се замонаши на гробот на светиот врховен Апостол Петар. Му го кажа името и му нареди да го прими и да ја исполни неговата желба. Кога се разбуди, папата размислуваше за видението и кога појде во црквата на свети Петар за Божествена Литургија, сакаше да го види човекот од сонот. Тој ден беше недела и имаше многу народ во црквата, па не можеше да го здогледа. Затоа викна:

- Петре, кој си дошол од грчката земја и те ослободи свети Никола од темницата во Самара, дојди кај мене!

Петар веднаш излезе од толпата, падна пред нозете на папата и рече:

- Јас сум слуга твој, владико.

И му го изрази на папата своето чудење за тоа, како тој го повика по име, кога не го познава, и како знае за неговото ослободување, кога никому нема кажано за тоа. Тој му рече:

- Не чуди се за тоа, брате, зашто големиот светител Никола ми раскажа се за тебе.

Папата со љубов го замонаши на гробот на светиот апостол, го задржа кај себе и го учеше и упатуваше на патот на спасението. Потоа, по наредба Божја, го отпушти и му рече:

- Оди, чедо, каде што Бог те упатува. Неговата милост нека биде со тебе.

Блажениот Петар му падна пред нозете и рече:

- Спасувај се чесни Оче, и моли се за мене грешниот.

Откако прими благослов од папата и се прости со клирот, Петар го напушти Рим и се предаде на волјата Божја. Се качи на еден кораб и по долго пловење, поради недостаток на леб застанаа во близина на едно село. Морнарите појдоа во една селска куќа за да испечат леб. Во неа ги затекнаа домаќините болни. Откако ги испекоа лебовите, си рекоа меѓу себе:

- Да земеме топол леб и да им однесеме на кормиралот и на Отецот.

Штом слушна за отецот, домаќинот праша за него и тие му кажаа дека со нив патува монахот Петар од Рим. Тој ги замоли да појдат и да го умолат да дојде кај нив, да се помоли за нив, и да ги благослови.

Морнарите го известија, но тој од смирение одбиваше. По долгите молби појде, застана на вратата и рече:

- Мир на овој дом и на оние што живеат во него.

Во тој миг домаќинот се исцели од тешката болест, брзо стана како од сон, со солзи ги целиваше нозете на преподобниот и му благодараше. Сите присутни се восхитија и Го прославија Бога. Исцелениот го поведе светиот, и со него ги обиколи сите постели на кои лежеа болните. Тој ги прекрсти сите со крсниот знак, и така ги исцели. Кога се врати на бродот сите му се поклонија како на голем угодник Божји. Исцелениот човек заедно со домашните зеде леб, вино и зејтин, и дојде на бродот да му заблагодари. Светителот го пофали неговото усрдие, но му нареди да Му благодари на Бога а не нему, а донесените дарови не ги прими. Тој човек со солзи го молеше велејќи:

- Стуго Христов, ако не го примиш овој мал принос од нашите раце, не ќе има радост во нашиот дом.

По многуте молби преподобниот ги прими, го благослови човекот и дојдените со него, и ги отпушти. Принесените дарови ги даде на морнарите и не вкуси од нив. За време на пловидбата храна му беше парче леб и тоа од вечера до вечера, а пиеше една мала чаша морска вода, која Господ за него ја претвораше во слатка.

Еднаш преподобниот Петар задрема и во сонот ја виде Пресвета Богородица, која блескаше во небесна слава посилно од сонцето, и покрај неа свети Никола, кој со страв стоеше пред неа. Покажувајќи кон Петар, свети Никола ѝ рече:

- Владичице! Бидејќи си благоволила овој Твој слуга да се ослободи од ропството, Ти покажи го местото каде би требало да ги помине останатите денови од својот живот.

Пресветата одговори:

- На Атонската Гора ќе биде неговиот покој. Тоа место е мој дел, кој ми е даден од Мојот Син и Бог, за таму, оние кои се одрекуваат од светската врева и се зафаќаат со духовните подвизи, со вера и љубов призивајќи го Моето име, без жалост да го минуваат овој времен живот, и за своите угодни дела добиваат вечен живот. Јас многу го сакам тоа место, и во него сакам да се умножи монашкиот ред, и милоста на Синот Мој и Бог нема никогаш да отстапи од тамошните монаси, ако ги почитуваат спасоносните заповеди. Јас ќе намножам монашки обители на таа Гора, на југ и на север, и монасите ќе ја поседуваат од море до море, и нивното име ќе се прославува по целата вселена. Јас ќе ги штитам сите, кои таму ќе се подвизуваат во испосништво.

Штом се разбуди, преподобниот Петар Му заблагодари на Бога, на Пречистата Богомајка и на големиот отец Никола. Кога наближија до Атонската Гора, коработ одненадеж застана како вкопан, иако дуваше ветар и водата беше длабока. Морнарите се исплашија, а преподобниот ги праша:

- Деца, кажете ми, како се вика ова место.

Тие му рекоа:

- Тоа е гората Атон.

Тогаш светителот им рече:

- Мислам дека коработ заради мене застана овде. Извадете ме на брегот и оставете ме таму. Ако не го сторите тоа, не ќе можете да отпловите.

Морнарите не сакаа да се разделат од него и започнаа да плачат. Но, не можејќи да ѝ се противат на волјата Божја, со солзи и ридање се разделија од него, а тој ги благослови и си заминаа. Преподобниот минуваше низ многу долини, провалии и густи шуми, додека не најде една многу мрачна пештера, во која имаше многу лазачи, а со нив и демони, и тука се насели. Какви напасти претрпе од демоните, и какви неволји поднеси, не може да се искаже. Но, за поука ќе спомнеме дел од тоа.

Кога се насели во споменатата пештера, тој и дење и ноќе усрдно Му се молеше на Бога, и две недели не вкуси ништо. Не можејќи да го поднесе таквото испосничко страдање, ѓаволот ги собра сите свои чети, се вооружи како за војна, влезе во пештерата со страшна врева, беснеејќи и бркајќи го светителот од тука. Едни демони тегнеа копја кон него, други извадија мечеви, некои тркалаа огромни камења од што земјата се тресеше, а преподобниот, не надевајќи се дека ќе остане жив, си велеше: „Нека умрам овде, ако тоа Му е угодно на Бога“. Потоа ги крена очите и рацете кон небото и повика:

- Пресвета Богородице, помогни ми!

Штом бесовите го слушнаа за нив страшното и ужасно, а за нас слатко и премило име на Богородица, вревата веднаш исчезна, а светителот Го повикуваше името на Господа Христа, со кое како со бич ги бркаше бесовите. Тој силно викаше:

- Господи Исусе Христе, Боже мој, не оставај ме!

Од тогаш бучните напади на демоните престанаа на некое време, и преподобниот спокојно Ги славеше Бога и Пречистата Богородица. На почетокот на својот престој на Светат Гора се хранеше со лебот што го беше зел од коработ. Кога му заврши се хранеше со пустинско зелје и плодови од дивите дрвја, сѐ додека Ангел не започна да му носи манна од небото, за што подоцна ќе стане збор.

По педесетина дена ѓаволот со огромна бесовска сила повторно го нападна војникот Христов. За таа цел го поттикна секој ѕвер и секој лазач од таа гора, и ги доведе кај неговата пештера. Со него дојдоа и неговите другари, исто така преобразени во различни ѕверови и гадови. Едни започнаа да ползат крај нозете на светителот, други ужасно да пиштат, трети да ги отвораат своите челусти и да му влетуваат во лице. Од сите страни призорот беше страшен и грозен. Но, преподобниот, оградувајќи се со крсниот знак и призивајќи Ги Христа Бога и Пречистата Богомајка, повторно ја уништи нивната сила и ги избрка далеку од себе, ликувајќи и веселејќи се во Бога, Спасителот свој.

По првата година од своето пустиништво и честите борби со бесовите, ѓаволот зеде на себе облик како да е еден од Петровите слуги, кој му служел кога бил војвода во светот.

Дојде ѓаволот во таков облик, и усрдно припадна кај преподобниот, сакајќи да го бакне, целиот полн со гадости. Потоа седна, па започна да плаче и да вели:

- Ние слушнавме, господине наш, дека си бил заробен во војната, одведен во Самара и заклучен во мрачна темница. Но, Бог по молитвите на свети Никола те избавил од таму и те довел овде. Кога дознавме за тоа ние насекаде те баравме. Откако не те најдовме, започнавме усрдно да му се молиме на свети Никола да ни открие каде си, и нашиот брз помошник не ја презре молитвата наша, туку ни откри сѐ за тебе, и нѐ израдува. А јас ги надитрив сите и поитав кај тебе. Затоа, ајде со мене во твојот дом, за да ги видиш сите кои сакаат да те видат, и да Го прослават Бога. А за безмолвието немој да жалиш, зашто и таму има манастири и безмолвни места за пустиници. Освен тоа ти самиот расуди што повеќе сака Бог. Дали отшелништво во пустината, или богоугоден и боговдахновен човек, кој на многумина им носи корист и со своето учење ги обраќа кон Бога. Се знае дека второто е подобро, како што и самиот Бог сведочи во Светото Писмо: „Кој ќе го одвои скапоценото од безвредното, ќе биде како устата Моја“ (Еремија 15, 19). Ти знаеш дека многумина во нашиот град западнале во безброј страсти и имаат потреба од човек кој ќе ги поттикне на покајание. Тебе, господине мој, ти претстои голема награда од Бога, ако дојдеш и ги обратиш кон Него. Покрај тоа и нас, слугите твои, кои од срце те сакаме, не презирај нѐ и не криј се во пустината.

Така му зборуваше ѓаволот со солзи. Светителот се смути, заплака и му рече:

- На ова место не ме доведе ни Ангел, ни човек, туку самиот Бог и Пресвета Богородица, и ако не е Нивна волја и заповед да заминам, јас нема да заминам.

Штом Ги слушна имињата на Бога и Пресвета Богородица, ѓаволот веднаш исчезна. Светиот се восхити на ѓаволското лукавство, се прекрсти, и започна да се моли со умот вперен кон Бога.

По седум години препредениот враг повторно се преобрази во светол ангел, и со меч во рацете застана близу пештерата и викна:

- Петре, слуго Христов, излези да ти соопштам добра вест.

Светителот праша:

- Акој си ти?

- Јас сум архистратигот Господов - одговори лукавиот соблазнител, - испратен кај тебе. Биди истраен! Биди силен! Радувај се и весели се, зашто од Бога ти е подготвен славен престол и несвенлив венец. Затоа појди во светот, за на многумина да им бидеш корист. Изворот во твоја близина пресуши по наредба Божја, за да изумрат ѕверовите кои се креваа против тебе.

Додека го зборуваше тоа, лукавиот враг со допуштање Божјо беше испратил друг демон, да го задржи течењето на водата. А смиреноумниот Петар одговори:

- Кој сум јас, та кај мене, смрдливиот пес, да дојде Архистратигот Господов?

Бесот одговори:

- Не чуди се на тоа, слуго Господов. Во ова време ти си ги надминал Мојсеј и Илија, и Даниил и Јов. Мојсеј и Илија со постот, Даниил со лазачите и ѕверовите на кои устите им ги затвори, а Јов со трпението. Затоа голем ќе се наречеш на небесата. Стани и види, водата веќе пресушила. Брзо појди во манастирите во светот, а јас ќе бидам со тебе и многумина ќе се спасат преку тебе, говори Господ Седржителот.

Светителот одговори:

- Знај дека нема да заминам одовде, сѐ додека не дојде овде мојата постојана помошница Пресвета Богородица и мојот помошник во сите беди, свети Никола.

Кога ги слушна нивните имиња, ѓаволот веднаш исчезна. А светиот, препознавајќи го неговото лукавство, и сфаќајќи ја немоќта негова, се помоли на Бога:

- Господи Исусе Христе, Боже мој! Еве, врагот мој, рикајќи оди и сака да ме проголта. Но, Ти, со Својата моќна рака оградувај ме. Ти благодарам што не отстапи од мене и Ти се молам, преблаги Владико, не оставај ме до крај.

Кога настапи ноќта преподобниот заспа и во сонот му се јави човекољубивата Владичица Пресвета Дева Богородица, заедно со свети Никола, и му рече:

- Отсега не плаши се, зашто Господ е со тебе и утре ќе те посети вистински Ангел Божји, и ќе ти донесе манна за храна, бидејќи од Бога му е наредено од денес на секој четириесетти ден во текот на целиот твој живот да ти носи манна за храна.

Покажувајќи ја манната на свети Петар, Пресветата му рече:

- Ете, ваква храна ќе ти носи Ангелот на секој четриесетти ден.

Велејќи го тоа и давајќи му мир, Пресветата си замина. Петар падна ничкум, се поклони и го бакна местото каде што стоеја Нивните нозете. Утредента, како што рече Пресвета Богородица, дојде Ангел Божји носејќи небесна храна, му ја предаде на свети Петар и замина. Откако заблагодари, преподобниот вкуси од манната и толку се поткрепи од неа, што можеше четриесет дена да остане без храна. По истекот на тие четириесет, Ангелот повторно му носеше храна, и тој се поткрепуваше за нови четриесет. Така, во побожно самување, пост и молитви помина педесет и три години. Престанаа и сите ѓаволски привиденија и страшила, кои го вознемируваа. И сите ѓаволски замки беа избркани далеку од него, со невидливата сила Божја. За сите тие години преподобниот не виде човечко лице, ниту имаше облека да го покрие своето голо тело. Немаше и ништо од потребите на човечката природа, и небото му беше покривка а земјата постела. Лете го печеше горештината, а зиме смрзнуваше од студот. Сето тоа тој го трпеше заради љубовта Божја и заради идната награда.

А кога на Господа Му беше угодно да го открие пред луѓето својот слуга, Он тоа со Својата промисла го уреди на следниот начин:

Еден ловџија тргна на лов по Атонската Гора. Минувајќи многу кршевити места, длабоки долини и шумовите ридови, стигна до местото каде преподобниот Петар водеше рамноангелски живот. Кога се приближи здогледа огромен елен како бега пред него. Ловецот го бркаше цел ден за да го застрела, но еленот, раководен со Божјата промисла, стигна над пештерата на преподобниот и застана. Ловџијата од десната страна на еленот здогледа гол човек, со густа брада и коса до бедрата, и тело обраснато со влакна како ѕвер. Тој се преплаши и започна да бега. Свети Петар силно викна:

- Зошто се плашиш од мене, брате? Та и јас сум човек како ти, а не демонско привидение, како што мислиш. Врати се и ќе ти раскажам за себе. Господ затоа и те испрати ваму.

Ловџијата застана и со страв му пријде на преподобниот. Тој го ободри, го прегрна и го целиваше во Господа, па седна со него и започна да му раскажува за себе, како тој како војвода беше заробен во војната, како во градот Самара беше држан во темницата, како свети Никола и свети Симеон Богопримец го ослободија, како појде во Рим и се врати, како се насели во оваа гора и се бореше со демоните, со што се хранеше и колку години помина сам. Со еден збор му го раскажа целиот свој живот.

Тој се восхити, но во исто време и ужас го обзеде, па со умиление рече:

- Сега сфатив дека Господ ме посети со својата добрина. Мене, недостојниот, Он ме удостои да го видам тајниот угодник Негов - да те видам тебе, оче. Од денес јас засекогаш ќе останам овде со тебе, слуго Божји.

На тоа преподобниот му рече:

- Нека не биде така, чедо! Ти најпрвин врати се дома, и види дали си во состојба да ги земеш врз себе испосничките и пустински подвизи. Воздржувај се од месо, вино, сирење и зејтин, а пред сѐ, воздржувај се од својата жена, раздај го својот имот на бедните, усрдно предај се на пост и молитви, и испитај се себеси со скрушена душа. Помини така една година, па дојди кај мене, и тоа што Му е угодно на Бога ќе ти биде заповедано.

Светителот му даде на ловецот како залог благослов и молитви, и на испраќање му рече:

- Чедо, оди со мир, и тајната што ти ја кажав не ја откривај никому, зашто ризницата позната на многумина може да биде украдена.

Тој му се поклони и замина, славејќи Го и благодарејќи Му на Бога. Кога се врати дома направи сѐ како што му рече светителот.

По една година поведе со себе двајца монаси и својот брат, и со кајче отпловија до брегот спрема кој се наоѓаше живеалиштето на свети Петар во пустина. На патот кон пештерата, поттикнат од пламена љубов, ловџијата побрза пред останатите. Кога влезе во пештерата го најде преподобниот како лежи мртов на земјата. Рацете му беа прекрстени на градите, очите убаво затворени, и останатите делови од телото чесно опремени. Тој се исплаши, падна пред телото и започна силно да плаче. Кога стигнаа неговите сопатници и го здогледаа прекрасниот мртовец, и својот другар како плаче над него, го прашаа:

- Кој е овој мртовец, и зошто така плачеш над него?

Тој низ солзи и ридање им го раскажа целиот живот на преподобниот Петар, како што самиот го слушна од неговата уста минатата година. Повеста за чудесните дела на преминатиот отец ги исполни со умиление срцата на слушателите, и тие горко плачеа што не се удостоија да го видат жив. А братот на ловџијата, во кој имаше нечист дух, штом се допре до моштите на светителот Божји, веднаш се исцели. Соборувајќи го на земјата, демонот силно викна:

- О, Петре! Зар не ти е доволно што ме избрка од мојата пештера? Сега ме бркаш и од ова мое живеалиште!

Го рече тоа и како чад излезе од устата на човекот, кој лежеше како мртов. По кратко време човекот стана здрав и паметен, и му рече на својот брат:

- Ти благодарам, брате, што ме доведе овде за добро.

Потоа исцелениот повторно падна крај моштите на преподобниот, и со благодарност и радост ги целиваше. Ги зедоа чесните мошти на угодникот Божји, ги положија во своето кајче и ги однесоа во една доволно позната населба во Македонија. Тука многу народ се исцелуваше од нив. Кога епископот на градот слушна за тоа, веднаш дојде со целокупниот клир, ги зеде целебните мошти на преподобниот Петар, чесно ги пренеси во својата епископија, со мириси ги положи во скапоцен кивот, и ги погреба во црквата, по тридневно и триноќно сенародно славословење на Пресвета Троица, Отецот и Синот и Светиот Дух, Бога - од целокупните твари Славениот насекаде, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ АРСЕНИЈ КОНЕВСКИ

Блажениот Арсениј беше родум од Велики Новгород. Љубовта Христова, која што се јави во неговото срце, го натера да го остави светот и да бара безмолвен живот. Најпрвин отиде во најблискиот манастир на Лисјата Гора. Го помина овде монашкото искушеништво и се замонаши. Сите браќа во него гледаа пример за монашкиот живот.

Во душата на преподобниот Арсениј одамна гореше желбата да ја посети Света Гора Атон. За таа цел тој го искористи доаѓањето на неколку атонски монаси во Новгород, па со солзи падна пред нозете на игуменот, просејќи дозвола да појде. По долгото одбивање, зашто знаеше дека со неговото заминување обителта ќе изгуби многу, но, не можејќи да ги гледа солзните молби на ревносниот монах, игуменот му дозволи. На Света Гора Арсениј беше примен од игуменот Јован. Настојателот му наложи да се подвизува со браќата во заедничките обврски. Арсениј ги помина сите манастирски послушанија, започнувајќи од сечењето дрва и печењето на леб. Секое послушание го извршуваше со необично смирение и послушност, сметајќи се себеси за најлош меѓу браќата. Кога игуменот дозна дека рускиот дојденец знае да изработува бакарни садови, му го даде тоа задолжение. Во длабоко безмолвие тој дење изработуваше садови за манастирските потреби, а ноќите ги минуваше во молитви зашто беше силен и храбар. Бесплатно работеше не само за својата обител туку и за други светогорски манастири. Од секаде му носеа бакар за правење садови, бидејќи се беше расчуло за неговиот занает. Не се знае точно во која обител се подвизувал преподобниот Арсениј. Но најверојатно тоа е Русика, бидејќи бил општо прибежиште за сите руски дојденци.

Плашејќи се доаѓањето на луѓето да не ги оптерети браќата од манастирот, тој доби благослов од својот игумен да ги обиколи сите манастири на Света Гора, за да се потруди за спасението на нивните души. Во таквиот подвиг помина три години. Тогаш го обзеде желба да се врати во својата родна земја, за таму да основа манастир во слава на Мајката Божја, кон Која имаше усрдна вера. Арсениј започна да го моли игуменот да му дозволи да појде. Игуменот, исполнет со духот на проѕорливоста, му прорече дека Господ преку него ќе подигне манастир во северната земја, во кој по неговите молитви ќе се спаси од многуте демонски искушенија и суеверија. Настојателот родителски го благослови со икона на која од едната страна беше ликот на Владичицата со Предвечниот Младенец а на другата неракотворниот лик на Спасителот. Покрај тоа му го даде и општожителниот устав на Света Гора. На отпуштање вака се молеше над него:

„Боже на Отците наши, погледни од престолот на славата Твоја, кон слугата Твој Арсениј, за врз него постојано да почива благодатта на Духот Твој Свети и со него да биде благословот Твој“.

Во 1393-та година блажениот Арсениј се врати во Велики Новгород, носејќи ја со себе прекрасната икона од Света Гора. Му се јави на архиепископот Јован, му раскажа сѐ за себе и го замоли за благослов да изгради обител на север, во име на Рождество Богородично. Владиката го отпушти со мир, а Арсениј со иконата на Богомајката отплови во Ладошкото Езеро. Помина некое време во Валаамскиот манастир, и реши да појде во уште поосамено и безмолвно место, и со промислата Божја стигна на пустиот Коневски остров. Тука го основа Коневскиот манастир од каде претходно ги избрка нечистите духови од старото идолиште.

Откако изгради манастир и го наполни со браќа, повторно отиде на Света Гора. Тоа беше за време на Новгородскиот архиепископ Симеон, и се задржа во своето странствување. Во тоа време настана голема оскудица во неговата обител, а браќата, притиснати од гладот сакаа да се разотидат. Но еден од старците, на име Јоаким, побожен и свет, отиде во блиската гора каде на почетокот се подвизуваше преподобниот, и ја молеше Небесната Хранителка, Мајката Божја, да им го испрати насушниот леб. По долгата молитва старецот задрема, и во лесниот сон му се јави Небесната Мајка, и со тивок глас му рече:

„Не тагувај, старче, туку кажи им на браќата да останат, зашто набрзо кај вас ќе стигне Арсениј со изобилство на сѐ што ви е потребно.“

И навистина, утредента пристигна Арсениј со два големи кораби и донесе многу намирници. После долгогодишните подвизи, преподобниот Арсениј во длабока старост ја предаде на Господа својата чиста душа, на дванаесетти јуни 1447 година, во денот на преподобните Онуфриј и Петар Атонски, чиј што пример го следеше.

СПОМЕН НА НАШИТЕ ПРЕПОДОБНИ ОТЦИ ЈОВАН, АНДРЕЈ, ИРАКЛАМВОН И ТЕОФИЛ

Овие свети отци се подвизувале во Египетската пустина, истовремено со преподобниот Онуфриј Велики.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ЈОВАН ВОЈНИКОТ

Египетски подвижник од крајот на шестиот или почетокот на седмиот век. Се упокоил во мир.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ТИМОТЕЈ, пустиникот Мисирски

Најпрвин се подвизувал во Тиваида во киновискиот манастир, а потоа се оддалечил во пустината, каде поминал триесет години. Откако му се искинало расото останал гол и телото му обраснало со влакна. Се хранел само со плодови од палма. Му угоди на Бога и се упокои во мир.

СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЦА АНТОНИНА

Оваа света маченица пострада во 302 година од намесникот Прискилијан, во времето на царевите Диоклецијан и Максимијан (285-305). Беше од византискиот град Никеја. Изведена пред намесникот Прискилијан заради верата во Христа, таа смело ја исповедаше својата вера, и затоа ѝ ги одраа градите. Потоа ја фрлија во темница. Откако повторна ја изведоа пред намесникот ја обесија на едно дрво и ѝ ги гореа ребрата, па ја положија на вжештена скара. Подоцна со факели ѝ ги гореа рацете, од кои излезе прекрасен мирис. Ѝ ги гореа и нозете, па пак ја фрлија во темница, во која остана две години. Потоа ја фрлија во морето. Така оваа блажена го доби несвенливиот венец на мачеништвото.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ЈУЛИЈАН

Беше од Дагаз. Се престави во мир.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ЗИНОН

Во мир се упокоил.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ОНУФРИЈ МАЛСКИ

Беше чудотворец. Го основал манастирот „Рождество Богородично“ во Мал, во Псковската губернија. Се упокоил во мир на 12 јуни 1592 година. Неговите свети мошти почиваат во манастирската црква.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИТЕ ОТЦИ ОНУФРИЈ И АВКСЕНТИЈ ВОЛОГОДСКИ

Основачи на Перцевата Пустина во 1499-та година на 35 врсти од градот Вологда. Се упокоиле во 1521 година. Нивните свети мошти почиваат во храмот „Света Троица“ во нивниот манастир.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ СТЕФАН ОЗЕРСКИ ИЛИ КОМЕЛСКИ

Родум од Вологда. Син на побожни и угледни родители. Добил одлично образование. Во младоста тајно го напуштил родителскиот дом и го примил монаштвото во Глушицкиот манастир. Сакајќи ја осаменоста се повлекол на брегот на Комелското Езеро, и таму, во густата шума си направил ќелија. Потоа, со дозвола на Московскиот митрополит основал манастир во име на свети Никола наречен Озерски или Комелски во 1534-та година. Набрзо по неговото претставување неговата светост била посведочена со чудеса. Неговите свети мошти почиваат во црквата посветена на неговото име.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИТЕ ОТЦИ НАШИ ВАСИЈАН И ЈОНА СОЛОВЕЦКИ

Ученици на Соловецкиот игумен свети Филип, подоцнежен митрополит Московски. Во 1561 година биле испратени на копно да донесат вар, но ги зафатила бура и потонале крај брегот на реката Северна Двина. Нивните тела, исфрлени од брановите на источниот брег на Унскиот залив, биле погребани од селаните. Заради чудесата на нивниот гроб, и според едно видение, бил подигнат манастирот Петермински. Нивните свети мошти почиваат во тој манастир.