26. Јуни   (13. Јуни)

СТРАДАЊЕТО НА СВЕТАТА МАЧЕНИЦА АКИЛИНА

Во палестинскиот град Вивлос живееја христијани, зашто таму самите свети Апостоли ја засадија верата Христова. На тамошниот христијанин Евтолмиј заради неговиот богоугоден живот во бракот Бог му го даде Својот благослов, та неговата жена зачна и роди девојче на кое му го дадоа името Акилина.

Како четиримесечно бебе мајката ја однесе Акилина кај епископот Евталиј.

Осенувајќи ја со крсниот знак, епископот ја огласи и по два месеци ја крсти. Кога наполни една година се упокои нејзиниот татко. Мајката ја одгледуваше својата ќерка во христијанскиот живот и до својата седма година таа веќе беше упатена во сите правила на Евангелскиот живот. Колку повеќе растеше, толку повеќе се исполнуваше со Духот Свети и се украсуваше со благодатта Христова. Во млади години јуначки ги отфрли наредбите на незнабожните цареви за задолжителното поклонување на идолите.

Кога Акилина наполни десет години, а беше седмата година од царувањето на Диоклецијан, царски намесник во Палестина стана некој си Волусијан, кој попрво беше сатански пород отколку човек. Бидејќи не Го познаваше вистинскиот Бог - Творецот на сѐ што постои, Волусијан започна со ненаситна злоба да ги гони побожните поклоници на Вистинскиот Бог - Спасителот Христос. Тогаш многу храбри страдалници Христови, јуначки извршувајќи ги своите подвизи, се удостоија на несвенливи венци. Во тие денови и блажената девица Акилина, исполнета со познавање на вистинскиот Бог, често ги поучуваше своите врсници, велејќи им:

- Каква корист ви носи почитувањето на немите и бесчувствени идоли? Зарем не знаете дека оние што веруваат во нив и им се поклонуваат се лажат со душепогубна демонска надеж? Какво добро можат да им донесат кога и самите се мртви и немоќни?

- А каков Бог почитуваш ти? - ја прашаа врсниците.

Таа одговори:

- Јас Го почитувам и сметам дека е достојно поклонувањето на Единствениот Бог Кој го створил небото, земјата, морето и сѐ што е во нив. Он отсекогаш е добротвор за сите кои веруваат и се надеваат во Него, и како Семоќен до свршетокот на светот ќе добротвори за оние што Го призиваат.

- Ние сме слушале дека Богот, за Кој ти проповедаш, умрел на крст распнат од евреите - рекоа тие.

Светителката одговори:

- Смртта нема власт над Него. Он не само што Самиот оживеа, туку и мртвите ги искупи со Својата скапоцена крв и ги оживи. Зашто Он, гледајќи дека човекот залутал од патот на вистината, Самиот благоволи да се воплоти и да стане човек, та уништувајќи ја ѓаволската заблуда и давајќи ни благодат со вистина, ја подигна нашата падната природа и ја постави на спасоносна патека.

Врсниците ја прашаа:

- Акој е Тој за кого велат дека е распнат?

Акилина одговори:

- Спасителот на сите, љубителот на човечкиот род. Он доброволно претрпе страдања за од стариот човек да направи нов со вода и дух. Он беше распнат на крстот, сакајќи да ги спаси не само живите, туку да ги ослободи од уздите и оние во адот. Воскреснувајќи пак во третиот ден, Он очигледно докажа дека при второто Негово доаѓање сите ќе станат од мртвите.

- Ако Тој за Кого зборуваш направил такви добра, зошто тогаш неговите сонародници, евреите, не го сметаат за Бог? - прашаа собеседниците.

Богомудрата Акилина одговори:

- Тој народ насекаде застранува од правиот пат. Со својата закоравена и со злоба заслепена душа, обично го отфрла праведното и вистинското. Затоа се одрече и од својот Преголем Добротвор, предавајќи го на Пилат за осуда на крсна смрт.

Овие разговори на блажената Акилина често ги слушал некој Никодим, еден од слугите на царскиот намесник.

Најпосле тој го извести својот господар дека во градот има едно девојче кое не им се покорува на царските наредби за почитувањето на боговите, дека боговите ги нарекува демони, и притоа, проповедајќи некој распнат Бог, таа и други одвраќа од старата вера на отците. Намесникот испрати слуги да ја фатат.

Светата маченица Акилина беше фатена во втората година од Волусијановото намесништво. Имаше дванаесет години.

Кога ја доведоа, Волусијан рече:

- Ти ли се противиш на царските наредби, па и други одвраќаш и ги учиш да се поклонуваат на распнат човек? Зарем не знаеш дека царевите заповедаа оние кои Го исповедаат Исус да се предадат на маки и смрт? Затоа остави го Распнатиот и принеси им жртви на бесмртните богови, за да не те мачиме.

Таа одговори:

- Ако ме мачиш ќе ми издејствуваш нераспадлив венец, кој се надевам да го примам од мојот Спасител, Кого Го исповедам, и нема да се одречам од Него ни во најстрашните маки. Затоа мачи ме за да се увериш дека не се плашам.

Волусијан започна со ласкави зборови да ја мами, зборувајќи:

- Гледам дека си многу млада и убава и те жалам, зашто ако го предадам на маки твоето младо тело, тоа веднаш ќе се здроби. Немилосрдните џелати после страшните мачења ќе те усмртат и млада ќе загинеш, а христијанскиот Бог, Кого ти Го исповедаш, нема да ти помогне.

- Мене не ми е потребно твоето сочувство, зашто повеќе ќе ми наштетиш трудејќи се да ме оттргнеш од вистинскиот Бог. Затоа те молам, не жали ме, туку биди свиреп, за преку мене да видиш дека се непобедливи оние што се надеваат во Христос - му рече Акилина.

Гледајќи дека слугинката Христова не може да ја одврати од нејзиното вероисповедување, намесникот нареди да ја тепаат по лицето, прашувајќи ја:

- Дали ти е пријатен и сладок почетокот на мачењето?

- О, бездушен мачителу, бидејќи се дрзна по лицето да го тепаш созданието според ликот Божји, знај дека Оној, Чиј лик го носам, нема да ти прости во денот на Својот суд - воскликна Акилина.

Судијата рече:

- Јас мислам дека нашите големи богови, кои сега во рацете го држат спасението на целиот свет и во идниот век ќе го имаат во своја власт спасението на сите.

Потоа нареди да ја соблечат, да ја положат на земјата, и двајца војници немилосрдно да ја тепаат и да велат:

- Акилина, каде е сега твојот Бог, за Кого рече дека нема да ми прости на Својот суд? Нека дојде и нека те избави од моите раце!

Потоа им нареди на војниците да престанат со тепањето, па ѝ рече:

- Послушај ме, откажи се од христијанската вера, ако сакаш да се спасиш. Кој се спасил од моите раце, со надеж во Оној, Кој Самиот не се избави кога Го распнаа? Кого од оние што Го почитуваат Исус го оставија жив нашите цареви?

Света Акилина му одговори:

- Зарем навистина мислиш дека ги чувствувам твоите маки? Бог ми дава сила и трпение. Збунет од ваквото јуначко однесување на блажената девица, Волусијан ѝ рече:

- Ќе те оставам неколку дена да размислиш, за да го сочуваш својот живот и да добиеш достојна награда од царевите.

- Колку дена ми даваш за расмилување? - праша светителката.

Тој одговори:

- Колку што сакаш.

- Тогаш те молам не оставај ме ни за миг, зашто од мала Му се поклонувам само на единствениот Бог, Кој живее на небесата и милостиво погледнува на своите деца на земјата.

Гледајќи ја непоколебливата љубов на девицата кон Бога, Волусијан си рече во себе: „Залудно настојувам! Залудно се трудам!“ и многу разјарен нареди со вжештени шипки да ѝ ја продупчат главата низ ушите. Додека џелатите го правеа тоа, нејзиниот мозок со крвта течеше низ главата. Во таквите маки таа се молеше:

- Господи мој, Исусе Христе, Ти од детство ме раководиш и со зраците на Твоите вистини ги просвети тајните мисли на моето срце и со Твојата моќна сила ме поткрепи да му се спротивставам на ѓаволот. Ти, на оние што веруваат во Тебе, им си открил големи мудрости. Заврши го мојот подвиг и сочувај го незгаслив светилникот на моето девство, за и јас, заедно со мудрите девојки да можам да влезам во Твоите светли дворови, и таму да се удостојам да Те славам Тебе.

Потоа од силните болки падна на земјата како мртва. Мислејќи дека е мртва, намесникот нареди да ја фрлат надвор од градот на ѓубриштето, за да ја изедат кучињата, зашто сметаше дека не е достојна за погреб. И лежеше светата маченица цел ден фрлена крај патот. На полноќ дојде Ангел Господов, ја допре и ѝ рече:

- Стани и биди здрава! Појди, и изобличи го Волусијан зашто е ништовен.

Света Акилина веднаш стана здрава и Му благодареше на Бога:

- Ти благодарам, Творецу на животот мој, што ми даваш здравје, и слугите Твои ги избавуваш од безбожништвото. Ти, Господи, си превечен и вечит и нема друг Бог освен Тебе. Само Те молам, кога ќе заврши подвигот на моето страдање, удостој ме на венецот на славата Твоја, та засладувајќи се со остварените ветувања Твои, да ти пеам заедно со ликовите на светите Твои, кои пострадале за Тебе.

А Господ ѝ одговори од небото:

- Оди, ќе биде како што молиш!

Блажената многу се израдува и појде во градот. Градската капија сама се отвори пред неа, и водена од Ангел Божји стигна до дворецот, непречено влезе внатре и застана пред намесникот кој спиеше. Тој се разбуди, ја здогледа пред себе, се преплаши, па го викна својот ќелијник и го праша:

- Која е таа што стои пред моите очи?

Тој донесе свеќи и рече:

- Акилина, која, откако умре од многуте мачења, по твоја наредба беше фрлена надвор од градот на кучињата. Намесникот уште повеќе се исплаши и нареди да ја затворат.

Утредента ја изведе на суд и ја праша:

- Ти ли си Акилина?

- Зарем ти, беззаконику, и со телесните очи сега не гледаш, бидејќи душевните ти се заслепени од ѓаволот? Јас сум Акилина, слугинката Господова.

Триејќи ги очите, намесникот во голема недоумица си мислеше:

 - Какви маки би можеле да ѝ наштетат, кога таа не умре кога ѝ истече мозокот и ѝ гореше главата?

Потоа нареди да ја обезглават, велејќи:

- Наредувам со меч да се отсече главата на Акилина, заштитничката на безбожната христијанска ерес, која, иако млада по години, но преголема маѓепсница, не ги почитува бесмртните богови, ниту им се покорува на царските наредби. Ние долго се трудевме да ја посоветуваме, но не можевме да ја одвратиме од нејзиното безумие. Затоа, после многуте мачења, кои ни најмалку не допреа до неа, одлучуваме да се посече со меч.

Блажената Акилина ја поведоа надвор од градот на губилиштето. Таму таа измоли време да се помоли на Бога. Ги крена очите кон небото и започна:

- Семоќен Господи, Боже мој! Ти благодарам што го приведе кон крај мојот подвиг. Те славам, Боже мој и Творецу на сите, што не го завршив залудно патот на моето страдање. Те благословувам, Создателу на сѐ, што го посрами мачителот, а мене ме удостои на неминливиот венец. Во мир прими го мојот дух, та оставајќи го земното да го добијам небесното.

По ваквата молитва ѝ дојде глас од небото:

- Дојди, избрана дево! Ти ја згази јароста на мачителот, со својот подвиг го уништи ѓаволот. Прими ја наградата што ти е подготвена.

И веднаш после тој глас светата маченица заспа во сонот на смртта, пред џелатот да го крене мечот над нејзината глава.

Но, тој, иако виде дека маченицата веќе го предала својот дух, не сакаше да се оглуши на наредбата и ја отсече мртвата глава на блажената девица, при што од раните наместо крв потече млеко. Присутните христијани ги зедоа нејзините мошти, поскапоцени од најскапоцените бисери, ги помазаа со скапоцени мириси, ги завиткаа во нова плаштаница, и чесно ги погребаа во градот Вивлос!. Многу исцеленија се случуваа од гробот на светата маченица Акилина, во слава на нашиот Бог Христос, со Отецот и Светиот Дух славениот сега и секогаш и низ сите векови. Амин.

СПОМЕН НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ ТРИФИЛИЈ, епископот на Левкосија Кипарска

Свети Трифилиј се роди на островот Кипар. Световната философија ја изучи во градот Вирит, а на духовнато го научи свети Спиридон, епископот Тримитунтски, чиј што ученик беше. Како од Бога предизбран и предназначен за епископ, свети Трифилиј пред да стане епископ во видение беше виден како архиереј од страна на царот Констанциј. За тоа во житието на свети Спиридон се вели:

„По смртта на Константин Велики, власта премина во неговите синови, при што најстариот Констанциј ја доби упрвата на исток. За време на една посета на Антиохија Сириска тој ненадејно тешко се разболе, но лекарите не можеа да најдат лек. Тогаш болниот цар започна да Му се моли на Бога, и во сон виде ангел кој му покажа собир на многу свети епископи, меѓу кои му посочи двајца најистакнати, кои како да беа водачи и старешини на останатите. Притоа ангелот му рече дека единствено тие можат да го исцелат.

Размислувајќи за тоа видение, царот не можеше да дознае кои се тие епископи. А и како би можел да ги препознае кога не им ги знаеше ниту имињата ниту татковината. Особено ако се земе во предвид дека едниот од нив сѐ уште не беше епископ.

Царот беше долго во недоумица поради тоа, па му дојде мисла да ги повика сите епископи од околните градови, и да се обиде да ги препознае меѓу нив. Но не ги најде. Тогаш повика и многу епископи од далечните покраини, но ни меѓу нив не ги најде. Потоа испрати повици по целото свое царство, да дојдат кај него сите епископи. Таквата царска наредба, односно молба, стигна и на островот Кипар, кај блажениот Спиридон Тримитунтски, на кого од Бога му беше откриено сѐ што се случило со царот. Тој се упати кај него со својот ученик Трифилиј, со кого што царот го беше видел во видението. Тогаш Трифилиј сѐ уште не беше епископ. Кога стигнаа во Антиохија патниците се упатија кај царот. Свети Спиридон беше бедно облечен, во рацете имаше палмов стап, на главата бедна митра, а на градите му висеше глинен сад во кој што тој, според обичајот на жителите на светиот град Ерусалим, носел елеј од Светиот Крст. Кога како таков влегуваше во царската палата, еден од придворните слуги, сметајќи го за обичен просјак, го исмеа и не му дозволи да влезе, туку го удри по образот. А, незлобивиот свети Спиридон, исполнувајќи ги зборовите Господови, му го сврте и другиот образ. (Матеј 5, 39). Слугата сфати дека тој е епископ, и увидувајќи го својот грев, смирено го замоли за прошка, која што и ја доби. Штом свети Спиридон влезе кај царот, тој веднаш го препозна, зашто таков го беше видел во сонот. Тој стана, му се поклони на слугата Божји и со солзи го молеше да се помоли на Бога за неговото здравје. Свети Спиридон ја допре царевата глава, и тој веднаш оздраве и многу се радуваше, па со голема почит целиот ден го помина со светителот, гостејќи го како свој добар лекар.

А пак свети Трифилиј многу се восхитуваше на сета царска слава. На убавината на палатата, на величествениот изглед на царот, на присутните големци, на раскошните облеки на слугите, и целокупното чудесно и сјајно уредување. Свети Спиридон го забележа тоа и го праша:

- Што се восхитуваш, брате? Зарем гордоста и царската слава го прават царот поправеден од останатите христијани? Зарем царот не умира и не се предава на земјата исто како и секој просјак? Зарем нема да застане пред страшниот Судија како и останатите? Зошто минливото го почитуваш како неминливо, и се восхитуваш на ништовното, додека напротив, треба да го бараш невештественото и вечното, и единствено да ја сакаш непропадливата слава небесна?

Кратко време потоа свети Трифилиј беше поставен за епископ на градот Левкосија (порано викан Лидра) на островот Кипар. Но тој и како епископ не се делеше од својот духовен отец и учител свети Спиридон, туку доаѓаше кај него за душевна корист. Тоа се гледа од следново:

„Еднаш свети Спиридон одеше од Тримитунт во Кирина и со него беше и свети Трифилиј, сега веќе епископ. Кога ја минуваа гората Пентидактил, дојдоа на местото Паримна, кое имаше прекрасна природа и беше полно со бавчи и лозја. Воодушевен од тоа место, свети Трифилиј посака да има лозје во Паримна, кое би го купил за својата црква и долго размислуваше околу тоа. Но тоа не можеше да се сокрие од проѕорливите очи на свети Спиридон. Провидувајќи со духот во мислите на својот ученик, великиот отец му рече:

- Зошто, Трифилиј, постојано мислиш за минливи работи, посакуваш ниви и лозја, кои всушност немаат никаква вредност? Ние на небото имаме неодземливи имоти, неракотворна куќа. Неа барај ја во овој живот, насладувај се во богомислие за небесните блага, кои се вечно наследство на оној кој еден ден ќе стане нивен поседник.

Од тоа свети Трифилиј извлече голема духовна корист. Потоа се истакна со таков живот, така што стана избран сад Христов, и се удостои, како некогаш апостол Павле, на безбројни божествени дарови. Свети Трифилиј учествуваше и на помесниот Сардички собор во 343-та година“.

За свети Трифилиј, како и за свети Спиридон, историчарите Никифор и Созомен го пишуваат и ова:

„Еднаш поради црковни потреби на Кипар имаше собор на сите епископи од тој остров. На тој собор присуствуваа и свети Спиридон и свети Трифилиј, човек учен и книжевен, зашто во своите млади години долго време учел во Вирит. Отците го замолија да му изговори поука на народот во црквата. За време на таа проповед свети Трифилиј ги спомна Христовите зборови упатени до раслабениот а запишани од светиот евангелист Марко: „Стани и земи го својот одар“ ( Марко 2, 11). Притоа, свети Трифилиј зборот одар го замени со зборот постела, велејќи: „Стани и земи ја постелата своја“.

Свети Спиридон, не можејќи да го поднесе заменувањето на Христовите зборови, му рече:

- Та зарем ти си подобар од Оној што рекол „одар“ па се срамиш од Неговите зборови?

Го рече тоа и пред сите излезе од црквата. И во оваа постапка на свети Спиридон немаше ништо злонамерно, зашто тој, иако самиот беше неук, со својот прекор го засрами Трифилиј кој се гордееше со својата красноречивост и го научи на смиреноумие и кроткост.

Нема сомнеж дека свети Трифилиј со својот живот Му угоди на Бога, како што сведочат за тоа богослужбените песни, составени од Црквата во негова чест. Во нив се тврди дека овој угодник Божји, имајќи милостива душа, чист ум, незлобиво срце, права вера, нелицемерна љубов, прекрасен живот, девствена чистота, жив извор на солзи, пост кој и ангелите ги восхитува, и обиколувајќи ги околните покраини, тој со учењето Христово како со сончеви зраци ги просветуваше помрачените. Премина од овој живот, за таму, на небото, во ликот на ерарсите да застане пред Христа, Спасителот наш, Кому слава за навек. Амин.

СПОМЕН НА НАШАТА ПРЕПОДОБНА МАЈКА АНА И НЕЈЗИНИОТ СИН ЈОВАН

Света Ана како сираче беше земена во домот на некој големец и одгледена и воспитана во тој дом како посвоена. Како добра девојка, тој големец ја омажи за својот син.

Кога големецот умре, се нафрлија роднините на неговиот син да ја остави својата жена поради нејзиниот сиромашен род и да се ожени со друга, која поради богатството повеќе би му доликувала. Синот на големецот имал страв Божји и не сакал да го стори тоа. Гледајќи го својот сопруг во кавга со неговите роднини, Ана тајно го остави и побегна на еден далечен остров каде немало жива душа. На островот дојде бремена и наскоро роди син. Се подвизуваше на овој остров триесет години во пост и молитва. Тогаш, по промисла Божја, на тој остров дојде еден јеромонах кој го крсти нејзиниот син, и му го даде името Јован. Оваа света душа се подвизувала во петтиот век и мирно се упокоила.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ЈАКОВ

Блажениот Јаков Го засака Христа, го намрази светот и се одрече сиот свој имот. Но, потоа, поттикнуван од ѓаволот, толку се возгордеа, што се дрзна да зборува:

- Кој друг го знае моето спасение подобро од мене?

Тој со себе водеше многу големи борби, без да праша за совет од искусни подвижници, како што го налагаат тоа Божествените Отци. Сето тоа го правеше по своја волја и затоа беше прелестен од демоните. Кај него дојде зол ангел, односно демон, претворен во блескав ангел и му рече:

- Исчисти ја својата ќелија, запали светилки и факели, покади со мирис и темјан и подготви се, зашто Христос, Кому со своето подвижништво си Му угодил, оваа ноќ ќе дојде кај тебе да те обдари со многу дарови.

Неразумниот Јаков, во својата вообразеност направи како што му беше речено. И навистина кај него на полноќ дојде антихристот со слава и огромен сјај. Отворајќи ја вратата од својата ќелија, Јаков му се поклони на антихристот. А ѓаволот, откако го удри Јаков по челото, по Божја промисла, не остана туку веднаш се врати назад и побегна.

Утредента Јаков плачејќи отиде кај еден старец. А старецот, пред тој да рече нешто, му подвикна:

- Бегај одовде, зашто си прелаган од сатаната!

Јаков започна да лелека и да го скрушува своето срце. Старецот го искара, добро го поучи и го испрати во општожителниот манастир. Во манастирот тој со големо смирение и послушност работеше во кујната седум години.

Потоа помина други седум години сам во својата ќелија, работејќи умерено ракоделие и точно држејќи го молитвеното правило. Така, со големо разбирање, одејќи по вистинскиот пат Божји, тој стана преголем чудотворец. Достигна совршенство во овој живот и отиде кај Господа.

СПОМЕН НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ АНТИПАТР

Епископ на Бостра во Арабија. Живеел и делувал во петтиот век. Пишувал против следбениците на Оригеновата заблуда (види Migne, Р. G. 85, 1792-6), а исто така и беседи за Благовештението и за Јован Крстител. Мирно се упокоил.

СПОМЕН НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ ЕВЛОГИЈ, патријархот Антиохиски

Се преставил во мир.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ДЕСЕТ ИЛЈАДИ МАЧЕНИЦИ

Пострадале за Господа посечени со меч.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ДИОДОР

Беше родум од Емеса. Пострада за Господа распнат на крст.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ САВА

Ученик на свети Андроник Московски и по него игумен на неговата обител. Неговите свети мошти почиваат заедно со моштите на неговиот свет наставник.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ АНДРОНИК МОСКОВСКИ

Беше родум од Ростов. Омилен ученик на светиот Сергиј Радонежски. Како момче дојде кај преподобниот Сергиј и многу години беше под раководството на овој голем наставник, одликувајќи се со духовните подвизи на постот, молитвата, смиреноста и послушноста. Преподобниот Андроник го подигна Спасо-Андрониевиот манастир и беше негов прв игумен. Беше образец на необичната кроткост и длабока смерност и трудољубие. Достигна длабока старост и се упокои во 1395-та година. Неговите свети мошти почиваат во Андрониковиот манастир.