27. Јуни (14. Јуни)
ЖИТИЕТО И ЧУДЕСАТА НА СВЕТИОТ ПРОРОК ЕЛИСЕЈ
Свети пророк Елисеј беше син на Сафат од племето Рувимово. Се роди во градот Авелмеол и беше голем чудотворец. Самото негово раѓање беше пропратено со чудесни појави. Во градот Силома, далеку од Ерусалим имаше златна јуница, на која Израилците, залутени во идолопоклонството, ѝ принесуваа жртви и ѝ се поклонуваа како на Бог. Во часот на раѓањето на Елисеј таа златна јуница толку силно зарика, што нејзиниот рик се слушна дури во Ерусалим. Додека сите многу се чудеа на тоа, еден свештеник, полн со Светиот Дух, рече:
„Денес се роди голем пророк Божји, кој ќе ги сруши идолите и ќе ги сотре силните“.
Кога Елисеј стана полнолетен и водеше девствен живот за уште повеќе да Му угоди на Бога, Бог го повика на пророчка служба. Еднаш тој ораше со дванаесет јарема волови. Во тоа време светиот пророк Илија беше на гората Хорив во разговор со Бога, и Бог му нареди да појде и да го помаза Елисеј за пророк наместо себе. Свети Илија го најде Елисеј како ора, го наметна со својата наметка, му ја кажа волјата Господова, го одреди да биде пророк и му нареди да тргне по него. Елисеј веднаш остави сѐ и беше спремен од срце да го следи светиот Божји пророк Илија, само го замоли да му дозволи да појде во својот дом и да се прости со татка си и мајка си. Свети Илија му дозволи. Кога појде дома, Елисеј зеде еден пар волови со кој што ораше, ги закла, на дрвата од плугот испече месо и ги угости присутните луѓе и соседите. Потоа се поздрави со своите родители, па појде по Илија и му служеше, учејќи се од него на познавања на многу тајни Божји (3 Царства 19, 15-21).
Со благодатта Божја Елисеј стана пророк, не помал од својот наставник и учител свети Илија. А кога Бог сакаше својот слуга Илија да го земе во виор на небото, и да го пресели во рајот, Илија го праша Елисеја што сака тој да му измоли од Бога со својата молитва. „Барај, му рече Илија на Елисеј, што сакаш да ти направам, пред да бидам вознесен пред тебе.“
Елисеј не побара ништо земно, оти ништо и не му беше потребно, зашто навистина ништо и не му треба овде на земјата на оној кој Му служи на Бога. Не посака од Илија ниту здравје, ниту долг живот, зашто во очекување да го наследи вечниот живот, тој не ја сакаше долговечноста. Тој ја посака двократната благодат на Светиот Дух што беше во свети Илија, и рече:
„Духот кој е во тебе да биде двојно во мене, за јас, луѓето кои Го оставиле Бога и залутале во служење на Ваал, да можам со зборот пророчки да ги учам, и своето учење со чудотворство да го потврдувам и со тоа повторно да ги обраќам кон единствениот вистински Бог“.
Илија му рече:
„Ако ме видиш како се вознесувам пред тебе, ќе ти биде така“.
Додека одеа разговарајќи, пред нив се појави огнена кола и огнени коњи, и ги раздвоија еден од друг, и Илија беше земен во виор на небото. А Елисеј, гледајќи го тоа викаше:
„Оче мој! Оче мој! кола Израилева и коњици негови“.
А кога најпосле Елисеј повеќе на ја гледаше таа огнена кочија, која заедно со Илија исчезна во небесните висини, тој започна да плаче по него како за свој татко, раскинувајќи ја својата облека. И виде како, од свети Илија спуштен од висините, падна врз него неговиот кожув, го зеде за своја утеха и како знак на добиениот двоен дух на Илија. Го чуваше тој кожувот како најскапоцено богатство, и со него го направи истото чудо како и Илија порано: „Сакајќи да премине преку Јордан, тој удри со наметката по водата, и се раздели водата и Елисеј помина по суво. Кога го видоа тоа чудо, синовите пророчки кои живееја во Ерихон, рекоа:
„Духот на Илија слезе врз Елисеј“.
Му излегоа во пресрет и му се поклонија до земја (4 Царства 2, 1-15).
Во Ерихон свети Елисеј остана некое време и жителите на тој град му рекоа:
„Како што гледаш, господаре, добро е да се живее во нашиот град. Но, водата е лоша и земјата бесплодна“.
Елисеј им рече:
„Донесете ми сад и во него ставете сол“.
Тој го зеде садот, отиде на изворот, ја фрли солта во водата и рече:
„Вака вели Господ: Јас ја исцелувам оваа вода, и во иднина нема да има смрт и бесплодност од неа“
И водата остана здрава до денес, според зборот што го кажа Елисеј.
Потоа свети Елисеј отиде во градот Ветил, чии што жители израилци, отстапувајќи од Бога, им се клањаа на идолите. Кога приближи до градот, мали деца кои си играа на патот започнаа да му се потсмеваат, велејќи:
„Оди, ќелавко! Врви, ќелавко!“
А свети Елисеј, минувајќи покрај нив се сврте, и кога виде дека трчаат по него и му се потсмеваат, ги проколна во името Господово. Во тој миг дотрчаа две мечки од шумата и раскинаа четириесет и две деца а останатите одвај побегнаа во градот. Оваа казна пророкот Божји ја наведи на тие деца со праведен суд и им го пресече животот, за кога ќе пораснат да не станат полоши по нарав, но и за да ги казни нивните родители за нивното идолопоклонство и да ги поучи своите деца да ги воспитуваат во стравот Божји и чесно почитување на слугите Божји. Од Ветил Елисеј отиде на гората Кармил, и од таму се врати во Самарија.
Во тоа време израилците завојуваа против моавците, бидејќи моавскиот цар, чија што земја изобилуваше со многу добиток, секоја година како данок му даваше на царот изриалев по сто илјади јагниња и по сто илјади неострижани овци. Но штом умре израилскиот цар Ахав, се одметна моавскиот цар од израилскиот, и престана да го дава вообичаениот данок. Тогаш Јорам, синот Ахавов, кој царуваше над израилот во Самарија и го држеше татковското безбожие, ја собра својата воена сила. Го повика на помош богоугодниот јудејски цар Јосафат од Ерусалим, и под него потчинетиот цар Едомски. И тргна против Моав преку Едомската пустина. По промисла Божја во полковите се наоѓаше и светиот пророк Елисеј. Седум дена патуваа овие три цара со својата војска и немаше вода ни за луѓето ни за добитокот. Сите беа изнемоштени од жедта.
Царот израилев Јорам со воздишка рече:
„АХ! Господ ги изведе овие тројца цареви за да ги предаде во рацете на Моав“.
Јудејскиот цар Јосафат праша:
„Нема ли тука некој пророк Господов, та преку него да Го прашам Господ?“
А еден од слугите рече:
„Тука е Елисеј, синот Шафатов, кој полеваше вода на Илиевите раце“.
Царот Јосафат рече:
„Во него има слово Господово“.
И тогаш и тројцата цареви отидоа кај свети Елисеј и го замолија да се помоли на Господ за нив, да им открие што ги очекува. Но свети Елисеј му рече на израилскиот цар Јорам:
„Што имаш ти со мене? Оди кај пророците на својот татко Јахав и кај пророците на својата мајка Језавела, па нив прашај ги што ќе ве снајде“.
А Јорам, царот Израилски, со смирение му рече:
„Заради тоа ли нѐ собра Господ нас трите цара, да нѐ предаде во рацете на Моавците?“
Елисеј му одговори:
„Се колнам во живиот Господ Саваот, пред Кого стојам! Ако не го почитував богоугодниот цар Јосафат, не би се грижел за тебе идолопоклоникот, ниту би те погледнал. Туку повикајте ми свирач“.
И беше доведен кај него свирач - левит, кој прекрасно умеел да пее Давидови псалми. Додека тој пееше, се симна Светиот Дух на Елисеј, и тој пророчки рече:
„Вака говори Господ: Направете ја оваа долина јама до јама, зашто вака вели Господ: Нема да видите ветар, ни дожд, а јамите ќе се наполнат со вода, та ќе пиете и вие и добитокот ваш, па дури и моавците Господ ќе ги предаде во ваши раце и ќе ги раскопате сите нивни градови, и ќе ги исечете сите родни дрвја и ќе ги затрупате со камења и земја сите водни извори и ќе ја опустошите целата моавска земја“.
И се исполнија овие пророчки зборови. Утредента, кога благочестивиот цар Јосафат му пренесуваше на Бога жртва на рацете свештенички, сите видоа како по едомскиот пат тече вода, која најпрвин оди до местото кај Јосафатовата војска, па потоа, разлевајќи се по околината, ги исполни сите јами по долината, и се натопи целата земја. Откако сите се напија, ги нападнаа моавците, ги разбија, ја опустошија моавската земја според зборовите на пророкот Божји, па свечено победнички се вратија во својата земја (4 Царства 3, 5-27).
Еднаш една вдовица, сопруга на еден од пророчките синови, со болка му зборуваше на пророкот Елисеј:
„Твојот слуга, а сопруг мој, умре. Ти знаеш дека твојот слуга имаше стравопочит кон Господа. Сега, пак, дојде заемодавачот кај кого мојот сопруг се беше задолжил многу, и кога не најде што да ми земе, зашто сум бедна, сака да ми ги земе во ропство моите два сина, кои ми се утеха и зеница на очите“.
Пророкот се сожали и ја праша:
„Што сакаш да сторам за тебе? Кажи ми, што имаш во својот дом?“
Таа му одговори:
„Саугинката твоја нема ништо освен еден сад со масло“.
Тогаш светиот пророк ѝ рече:
„Оди, и од своите соседи побарај што поголем број празни садови, па затвори се дома со своите синови, и налевај од своето масло во сите тие садови, и тие ќе се наполнат“.
Вдовицата постапи така. Налеваше од својот сад во празните садови и притоа ѝ помагаа синовите. Кога ги наполнија сите, таа им рече:
„Дајте ми уште садови“.
Тие ѝ рекоа:
„Нема повеќе садови“.
И маслото престана да тече од нејзинот сад.
Многу радосна, вдовицата поита кај Божјиот човек и го извести за чудото. Свети Елисеј ѝ рече:
„Оди, продај го маслото и исплати ги долговите свои; а со тоа што ќе остане ќе живееш со своите синови“.
Еднаш светиот пророк Елисеј минуваше низ градот Сунам. Тука една богата жена го застана да касне леб и го угости. Низ тој град пророкот минуваше често: и кога од Кармил одеше на Јордан, или во Галгал, или во Ерихон, и кога од таму се враќаше на Кармил, и после овој женин позив кога и да минуваше низ градот тој навраќаше во нејзината куќа да касне леб, бидејќи таа беше побожна и добродетелна. Таа жена му рече на својот сопруг:
„Се уверив дека човекот Божји што често минува низ овој град е свет. Затоа да му направиме мала горна одаја над зидот и да му наместиме постела, и стол и свеќник, па кога доаѓа кај нас да има каде да се одмори“.
Така и сторија. И светиот пророк кога и да одеше во тој град, постојано остануваше во таа одаја. Еднаш, одморајќи се во неа, човекот Божји размислуваше како да ѝ се оддолжи на оваа гостољубива и добродетелна жена, па му рече на својот слуга Гиезиј:
„Повикај ја Сунамката“.
И тој ја повика. А кога таа влезе, човекот Божји ѝ рече:
„Ете, ти толку се грижиш за нас. Со што да ти возвратиме ние? Имаш ли потреба да му проговорам за тебе на царот или на воениот началник?“
Таа одговори:
„Немам никакви молби до нив, зашто живеам меѓу својот народ“.
Кога жената отиде, светиот пророк го праша Гиезиј, со што да ѝ возврати за добротворството. Тој му одговори:
- Оваа жена нема деца, а нејзиниот сопруг е стар. Затоа моли Го Бога да ѝ даде наследник.
Угодникот Божји му принесе топла молитва на Бога за таа жена. Известен од Него дека молитвата му е услишана, тој повторно ја повика Сунамката преку слугата и ѝ рече:
„По една година, во ова исто време, ти ќе држиш син на раце“.
А таа, поклонувајќи му се, рече:
„Те молам, човеку Божји, немој да ја лажеш слугинката своја“.
Светителот ја убеди да верува во неговите вистинити зборови. Потоа жената забремени и наредната година роди син, како што тој прорече. Детето порасна и еден ден ден отиде кај својот татко, кај жетварите. По кратко време му рече на татка си:
„Главата ме боли“.
А тој му нареди на слугата свој:
„Одведи го кај мајка му“.
Тоа лежеше во прегратките на мајка си до пладне, па умре, Мајката го зеде мртвиот син, го однесе во собата на пророкот, го положи во неговата постела, па излезе и ја затвори вратата. Потоа го повика својот сопруг, но не му кажа за смртта на синот, туку го замоли:
„Испрати ми човек и магаре да појдам до човекот Божји, и бргу ќе се вратам“.
Сопругот ја праша:
„Зошто денес сакаш да одиш кај него? Ниту е новина ниту е сабота“ (зашто во тие дни кај светиот пророк Елисеј, кој живееше на гората Кармил, се собираа луѓе за славословење на Бога и за поука).
Жената му одговори:
„Сепак, ќе појдам“.
Таа веднаш тргна, а човекот Божји, провидувајќи го нејзиното доаѓање, му рече на Гиезиј:
„Ете, Сунамката доаѓа. Трчи, пресретни ја и кажи ѝ: Мир на тебе!“
Гиезиј излезе и ѝ рече:
„Мир на тебе! Мир на твојот сопруг! Мир на твоето дете“.
А таа му рече:
„Мир!“
Но, кога дојде кај свети Елисеј, таа падна пред него и му ги прегрна нозете. Гиезиј пристапи сакајќи да ја тргне, но светиот рече:
„Остави ја, зашто сега душата ѝ плаче, а Господ ја сокри од мене нејзината жалост“.
А жената рече:
„Зарем јас барав син од господарот мој? Зарем ти, самиот, господару мој, не го измоли од Бога за мене? Нели ти велев, не лажи ме? И ете, мојот син сега умре“.
Човекот Божји ја сожали, му го даде својот стап на Гиезиј и му нареди бргу да појде и да го стави стапот врз мртвото дете.
Незадоволна од тоа, мајката падна пред светиот пророк и рече:
„Се колнам во живиот Господ, нема да те оставам“.
Тогаш свети Елисеј стана и тргна по неа. Гиезиј отиде пред нив и го стави стапот врз лицето на детето. Но не се чу ни глас ни одговор. И му излезе во пресрет на човекот Божји и му рече дека детето не се буди. Светиот пророк Елисеј појде кај детето, ја затвори вратата и се помоли на Господа. Потоа стана, легна до детето, ја стави својата уста на устата негова, и очите свои на очите негови, и рацете свои на рацете негови и колената свои на колената негови, та телото на детето се затопли.
Пророкот стана, почекори низ собата, па повторно се испружи над детето. Така постапи седум пати. После тоа детето ги отвори очите. Тогаш пророкот го повика Гиезиј за да ја повика мајката. Кога влезе тој ѝ рече:
„Земи го својот син!“
И падна жената пред нозете негови, поклонувајќи му се до земја. И го зеде својот син, радувајќи се и фалејќи Го Бога.
Потоа пророкот Божји отиде во Гилгал, место каде некогаш израилците, влегувајќи во ветената земја, ја преминаа реката Јордан. Во Гилгал се задржа долго. Во таа земја настапи глад. Со него беа и четворица негови ученици, кои го подражаваа неговиот богоугоден живот во чистота и сиромаштво. Слично на монасите во новата благодат, живееше човекот Божји со нив на осамено тивко место. Свети Елисеј му рече на едно од момчињата:
„Постави голем котел и свари леќа за пророчките синови“.
А беа околу сто души. Еден ученик отиде во полето да набере леќа, и најде некој див плод, сличен на грозје, викан коликинтида, многу горчлив, поради што некои го нарекувале жолчна земја. Тој плод бил многу штетен за здравјето, иако се употребувал за лекови. Но употребата во поголеми количини предизвикувала смрт. Не знаејќи за тоа, ученикот набра полни скут од тој плод и го стави да се вари. Кога варивото беше готово, учениците седнаа да јадат. Додека јадеа, тие истовремено почувствуваа и горчина и болка, и со страв повикаа кон свети Елисеј:
„Смртта е во котелот, човеку Божји!“
И престанаа да јадат, оти беше невозможно. Свети Елисеј нареди да стават малку брашно во котелот, не за да го отстрани отровот, туку за да го сокрие своето чудотворство. Тогаш варивото стана пријатно и отровот се претвори во лек и сите се најадоа и исцелија. (4 Царства 4, 38-41).
Во тоа време кај пророкот Божји дојде еден богољубив човек од градот Ваал-Шалиша и му донесе дваесет мали лебови од првоожнеан јачмен. Човекот Божји нареди тие лебови да се разделат на неговите ученици. А слугата му рече дека лебовите се мали и нема да бидат доволни за сто лица. На тоа пророкот му рече:
„Дај им на луѓето да јадат. Зашто Господ вели: „Сите ќе се наситат и ќе остане“.
И беше така. Сто луѓе се наситија и според зборовите Господови, изречени од устата на човекот, им останаа многу парчиња (4Царства 42-44).
Во тие дни се разболе од лепра познатиот војсководец на сирскиот цар Нееман. Тој беше многу храбар и одличен во битките и имаше голема чест кај својот господар.
Боледувајќи долго, Нееман не најде лекари да го излечат.
Еднаш Арамејците излегоа во чети, заробија едно девојче од израилската земја и го предадоа на сопругата на својот војвода Нееман. Таа девојка имаше слушано од своите родители за светиот пророк Елисеј, и за големите чудеса од молитвите негови, па ѝ рече на својата господарка:
„Кога нашиот господар би отишол кај пророкот Божји во Самарија, тој би го ослободил од болеста“.
Сопругата го извести Нееман. Тој отиде кај царот и го замоли да го пушти да оди во Самарија кај пророкот, за да се исцели.
Царот не само што го пушти, туку му даде и писмо за царот израилски Јорам, синот Ахавов. Тој понесе со себе десет таланти сребро, шест илјади златници и десетина прекрасни облеки за да отпатува во земјата израилска. Му го предаде писмото на царот во кое било напишано: „Го испратив кај тебе Нееман, слугата мој, да го ослободиш од лепрата“.
Царот Јорам многу се вознемири и ја раскина облеката своја и рече:
„Зарем јас сум Бог Кој може да усмртува и оживува, та кај мене испраќа лепрозен човек? Гледајте како само бара повод за да завојува со мене“.
Кога дозна дека царот е многу потресен и ја раскинал својата облека, светиот пророк му рече:
„Зошто се потресуваш и ја раскинуваш облеката? Нееман веднаш нека дојде кај мене, да познае дека во Израил има пророк Божји.
Тој појде и застана на вратата од домот Елисеев. Светиот пророк го испрати слугата со порака до Нееман:
„Оди и искапи се седум пати во Јордан и ќе оздрави телото твое, и ќе се очисти“.
Нееман се расрди на пророкот и појде, велејќи:
„Јас мислев дека тој ќе излезе пред мене, и ќе го повика името на својот Господ Бог, па ќе ги стави своите раце на лепрозните места по моето тело и ќе ме очисти, а тој ми наредува да одам на Јордан? Зарем реките во Дамаск, Аван и Фарфар не се подобри од Јордан и од сите води израилски? Зар не би можел во нив да се искапам и очистам?“
Го рече тоа Нееман, и гневен тргна од Самарија. По патот неговите слуги го советуваа да не се оглушува на наредбата на пророкот и му велеа:
„Ако ти наредеше да сториш нешто многу тешко, зарем немаше да го извршиш? А тој ти нареди една ситница: искапи се во Јордан, и ќе бидеш чист. Ти ни тоа не сакаш да го сториш“.
Нееман ги послуша, отиде на Јордан и се нурна во водата седум пати, како што му нареди човекот Божји. И во тој час неговото тело се очисти од лепрата, и тој излезе од водата свеж и здрав како момче. Тогаш заедно со оние со себе се врати кај свети Елисеј, застана пред него и рече:
„Еве, познав дека по целата земја нема Бог освен во Израил. Затоа прими ги сега даровите од твојот слуга“. И му понуди на човекот Божји злато, сребро и облека. Но тој му рече:
„Се колнам во живиот Господ, пред Кого стојам! Нема да примам ништо“.
И настојуваше Нееман, но тој остана неумолив. Тогаш му се обрати со ваква молба:
„Штом е така, нека му дадат на твојот слуга земја, колку што можат да носат две маски. Ќе ја однесам таа земја дома и ќе поднесам жртвеник на Господ Бог Израилев, зашто отсега слугата твој повеќе нема да им принесува жртви на другите богови, туку само на Единствениот Вистински Бог“.
Свети Елисеј му дозволи и го отпушти со мир.
Кога тој замина, Гиезиј си рече во себе:
„Ете, мојот господар му направи голема добрина на Нееман Сириецот и не сакаше да прими дарови од него. Ќе потрчам и ќе земам нешто од него“.
И оттрча по него. Кога го виде како трча, Нееман скокна од колата и му појде во пресрет. Откако се поздравија, Гиезиј му рече:
„Мојот господар ме испрати да ти кажам: Еве, токму сега кај мене од Ефремовата Гора дојдоа две момчиња од пророчките синови. Затоа дај ми два таланти сребро и две промени облека“.
А Нееман рече: „Земи два таланти и облека“.
И стави два таланта сребро во две вреќи и му испрати две момчиња да му го понесат среброто и облеката.
Гиезиј стигна дома со двете момчиња на зајдисонце, ги зеде даровите, ги испрати момчињата, а даровите ги сокри.
Потоа отиде и му се јави на својот господар. Свети Елисеј го праша:
„Од каде доаѓаш?“
Тој одговори:
„Никаде не одел слугата твој“.
Елисеј му рече:
„Зарем моето срце не те придружуваше и не виде како оној човек те пречека и како ти од него зеде сребро и облека? Зарем јас не знам дека имаш намера за тоа сребро да си купиш градина, маслиник, лозје, овци, говеда, слуги и слугинки?“ Затоа лепрата од Нееман сега нека премине кај тебе и кај твоето потомство засекогаш“.
И излезе Гиезиј од Елисеј бел како снег од лепрата (4Царства 5,1 -27).
Еднаш учениците пророчки му рекоа на Елисеј:
„Ете, просторот во кој живееме кај тебе е тесен за нас. Да појдеме на Јордан, да земеме од таму секој по една греда и да си направиме таму живеалишта“.
Светиот им рече:
„Одете“.
А еден од учениците кротко го повика и тој да појде со нив, велејќи:
„Направи ни милост, оче, дојди и ти со слугите твои“,
Тој одговори:
„Ќе дојдам“.
И човекот Божји појде со нив. Кога стигнаа на Јордан започнаа да сечат дрва. Додека сечеа на еден му падна секирата од дршката во водата, и викна:
„Тешко мене, господару мој, секирата ја зедов на заем од пријател“.
А човекот Божји праша:
„Каде падна секирата?“
Тој му го покажа местото. Светителот отсече дрво, го фрли таму и секирата исплива на површината.
Тогаш му рече:
„Земи си ја“.
Тој ја пружи раката и ја зеде (4 Царства 6, 1-7).
Во овој свет човек имаше толку голема сила Божја, што дури и природната тежина на железото можеше толку да ја намали, та железната секира пливаше по водата како лист од дрво.
Пророкот Елисеј го гледаше и она што се случува на огромна далечина како да е пред неговите очи. Така, кога царот Сирски војуваше против Израил, многу пати се советуваше со своите доглавници како да направи заседа за царот израилски и одредуваше места каде да го постави својот логор. Провидувајќи го тоа, пророкот го предупредуваше царот, велејќи:
„Внимавај да не минуваш преку она место, зашто таму Арамејците се кријат во заседа“.
Царот испраќаше да проверат и се уверуваше дека е така и испраќаше свои војници кои ненадејно ги напаѓаа Арамејците и ги разбиваа. Тоа се случуваше повеќе пати.
Се смути срцето на царот Арамејски кога дозна за тоа, па ги повика своите офицери и ги праша:
„Кажете ми, кој од нашите одржува врска со царот Израилски? Кажете ми, кој ме предава?“
Еден од нив одговори:
„Никој, господару мој, царе. Тоа не е од нас. Туку пророкот Елисеј, кој е во Израил, му ги соопштува на израилскиот цар и оние зборови што ти ги изговараш во својата спална соба“.
Тогаш царот рече:
„Дознајте каде е тој пророк, за да испратам да го доведат кај мене“.
Дознаа дека свети Елисеј се наоѓа во Дотан и го известија царот. Тој испрати огромна војска која го опколи градот. Кога изутрина прислужникот на Божјиот човек стана и излезе, војската со коњи и коли беше околу градот. Тој потрча кај светиот и викна:
„Леле, господару! што ќе правиме?“
Тој одговори:
„Не плаши се, зашто оние што се со нас, се повеќе од оние што се со нив“.
Елисеј се помоли на Бога и рече:
„Господи, отвори му ги очите да види“.
И Бог ги отвори очите на прислужникот Елисеев, и тој виде дека планината е полна со коњи и огнени коли околу Елисеј. И излезе свети Елисеј со својот слуга од градот кај арамејците, а и тие појдоа кај него. И се помоли Елисеј на Бога велејќи:
„Господи, ослепи го овој народ!“
И ги ослепе Господ по молбата на Елисеј. Тогаш Елисеј им рече:
„Овој не е патот, и овој не е градот, каде што треба да одите. Ајде по мене, и јас ќе ве одведам кај човекот кого го барате“.
И ги одведе во Самарија. Таму Елисеј се помоли на Бога, говорејќи:
„Господи, отвори им ги очите, за да видат каде се наоѓаат“.
И Господ им ги отвори очите и тие видоа дека се наоѓаат среде Самарија. Израилскиот цар, кога ги виде, го праша свети Елисеј:
„Да ги убијам ли, татко мој?“
Но, светиот одговори:
„Не убивај ги. Зарем со сабјата своја и со лакот свој ги зароби, та да ги убиваш? Дај им леб и вода. Нека јадат и пијат и нека си одат кај господарот свој“.
И царот им приготви голема гозба, и тие јадеа и пиеја. Потоа ги пушти и тие се вратија кај својот цар. Оттогаш тие арамејски ограбувачки групи не одеа веќе во израилската земја (4 Царства 6, 8-23).
Долго време по овој цар, арамејскиот цар Венадад ја собра целата своја војска, тргна и ја опседна Самарија, престолнината на царевите Израилски, каде тогаш се наоѓаше и светиот пророк Елисеј. Во градот настапи голем глад, та бедните луѓе ги јадеа и своите деца. А кога еднаш израилскиот цар одеше по градските бедеми, една жена повика кон него:
„Помогни ми, господаре мој, царе!“
Тој одговори:
„Ако Господ не ти помогне, како јас ќе ти помогнам? Од гумното ли, од точилото ли? Всушност, кажи што сакаш.
Тогаш жената започна да се жали на друга жена, говорејќи:
„Оваа жена ми рече: дај го твојот син да го изедеме денес, а мојот син ќе го изедеме утре. И го сваривме мојот син и го изедовме. На другиот ден јас ѝ реков: сега дај го и ти синот свој, да го изедеме. Но таа го сокри својот син“.
Откако ги слушна зборовите од таа жена, царот Израилски ја раскина својата облека, страшно се разгневи на пророкот Божји Елисеј, та тој со своите совети го задржуваше да не му се покори на арамејскиот цар и да му го предаде градот, туку да ја чека помошта Божја. Во својот гнев царот му рече:
„Да ми испрати Бог најтешка казна и уште повеќе нека додаде, ако остане денес главата на Елисеј, Шафатовиот син, на него“.
И веднаш испрати џелат да му ја отсече главата на пророкот. Човекот Божји седеше во својот дом со старци израилски околу себе. Пред да дојде гласникот кај него, свети Елисеј им рече на старците:
„Гледате ли дека царот Јорам, синот на убиецот Ахав, кој го уби невиниот Навутеј; испрати џелат да ми ја отсече главата? Вие добро заклучете ја вратата и не пуштајте го овде, додека самиот господар негов, кој го испратил, не дојде ваму. Ете, се слуша и топотот на нозете на господарот негов по него.
Додека светителот зборуваше, царот го стигна испратениот џелат и го спречи во извршувањето на казната, зашто после својата одлука царот се покаја, и лично поита по џелатот за да го спречи. Знаеше царот дека пророкот е свет и невин, и многу потребен на израилското царство, зашто на мнозина им правеше добро. Тој дојде кај пророкот Божји и му рече:
„Гледај колку зло испрати Господ на нас! На што уште да се надеваме од Него? Ќе го предадам градот на арамејскиот цар и ќе му се поклонам, за сите да не умреме од глад. Подобро потчинети да останаме живи, отколку живи да умреме од глад“.
Но светиот пророк Елисеј му рече на царот и на сите присутни:
„Чујте го зборот Господов: Утре во ова време пред портите на Самарија една мера чисто брашно ќе чини еден шекел, и две мери јачмен - еден шекел.
А дворјанинот, врз чија што рака се потпираше царот, му одговори на човекот Божји:
„Ако Господ отвореше дури и прозорци на небото, и тогаш ќе можеше ли да се случи такво нешто?“
Свети Елисеј на тоа му рече:
„Ете, со очите свои ќе го видиш тоа, но не ќе јадеш од тој леб“.
Царот се смири малку и се врати во својата палата. Таа ноќ, додека свети Елисеј се молеше на Господ Бог за ослободување на градот, Бог испрати голем немир меѓу арамејската војска. Господ беше направил така што во арамејскиот логор се слушна топот од коли, ржење на коњи, шум од огромна војска, та арамејците си рекоа:
„Навистина, израилскиот цар ги најмил против нас хитиските и египетските цареви за да нѐ избркаат“.
Страшно исплашени, арамејците повикаа:
„Да бегаме одовде! Да бегаме!“
Преку ноќта во мракот, заедно со својот цар тие побегнаа, оставајќи ги своите шатори и коњи, и сѐ што имаше во логорот нивни, спасувајќи ги своите голи животи.
А таа ноќ, покрај градските порти седеа четворица лепрозни. Тие си рекоа еден на друг:
„Зошто седиме овде очекувајќи ја смртта? Ако влеземе во градот ќе умреме од глад. Ако останаме овде, пак ќе умреме. Туку ајде да влеземе во арамејскиот логор, па ако нѐ поштедат ќе останаме живи, а ако нѐ погубат ќе загинеме. Подобро е да умреме од меч, отколку од глад“.
Се договорија, станаа и ноќе појдоа во арамејскиот логор. Во него не најдоа никој и многу се зачудија. Влегоа во еден шатор, се најадоа и напија, ги собраа од него среброто, златото и облеката, и тргнаа да ги сокријат. Потоа се вратија и влегоа во друг шатор, та собраа и од него сѐ што можеа да понесат, и го сокрија, па повторно си рекоа меѓу себе:
„Не правиме добро. Денешниот ден е ден за радосни вести а ние молчиме. Ако чекаме до зори ќе бидеме виновни. Затоа да одиме и да соопштиме во царскиот дом.
Појдоа, ги повикаа царските вратари и им раскажаа, велејќи:
„Бевме во арамејскиот логор, и ете, таму нема човек, ни човечки глас, туку само врзани коњи, и врзани магариња, и шатори преполни со богатство.
Градските вратари веднаш го известија царот за тоа. Царот стана среде ноќта, ги свика дворјаните и започна да се советува со нив. Се посомнева и рече:
„Ќе ви кажам од што се состои ова лукавство на арамејците. Тие знаат дека ние гладуваме, и затоа се сокриле во полето, велејќи: кога ќе излезат од градот, живи ќе ги фатиме и ќе навлеземе во градот.
Дворјаните го посоветуваа царот да испрати извидници. Царот испрати двајца коњаници. Тие појдоа и никој не најдоа во арамејскиот логор, па побрзаа по патот на арамејците сѐ до Јордан. По патот имаше многу облека и оружје, кои арамејците ги беа исфрлале во своето брзо бегање. Се вратија пратениците и го известија царот и народот. Тогаш народот побрза и го разграби целиот арамејски логор. И се продаваше мера брашно за еден шекел, и две мери јачмен за шекел, според зборовите Господови. И царот го постави крај градските порти оној дворјанин, врз чија рака се потпираше, да го одржува редот. И кога сакаше да воспостави ред, народот да не се турка низ портите, беше согазен и умре, како што беше рекол човекот Божји, кога царот беше кај него и кога овој доглавник, не верувајќи на зборовите Господови изречени од устата на пророкот, за изобилието на леб, противречеше, говорејќи: „Кога Господ и небото би го отворил, нема да биде така како што велиш ти“ (4 Царства 6, 24-7, 20).
Чудесен беше овој голем угодник Божји и во останатите пророчки дарови и дела, како што за тоа опширно пишува во Книгите за Царевите. Тој го претскажа седмогодишниот глад во земјата Израилска (4 Царства 8, 10). Однапред дознавајќи ја смртта на арамејскиот цар Венадад, тој претскажа дека Азаил ќе стане арамејски цар (4 Царства 8, 13). Помазувајќи го за цар Јуј, синот на Јосафат, тој го поттикна да го истреби идолопоклоничкиот дом Ахавов (4 Царства 9, 3). И Јуј уби двајца идолопоклонички цареви: Јорам израилскиот и Охозиј јудејскиот, внукот на побожниот цар Јосафат, кој не се огледа на својот дедо тука скрена во безбожието. Тој ја уби и расипаната Језавела, жената Ахавова а мајка Јорамова; и ги уби сите жреци и магови на Ваал. Во сето тоа нему му помагаа благословот и молитвите на светиот пророк Елисеј.
По смртта на Јуј во Израил царуваше неговиот син Јоахаз, потоа неговиот внук Јоас.
За време на царувањето на Јоас во Самарија смртно се разболе човекот Божји Елисеј, кој веќе беше во длабока старост. Царот израилски Јоас дојде да го посети, и плачејќи по него, велеше:
„Татко мој, татко мој, бојна коло Израилева и негова коњаницо!“
А Елисеј му рече:
„Земи лак и стрела!“
И тој зеде лак и стрела. Тогаш му рече:
„Отвори го прозорецот од исток, во правец на Арам, и затегни го лакот со стрелата“.
Царот направи така. Тогаш пророкот Божји ги стави своите раце врз царевите, и му рече:
„Стрелај кон Арам“.
И царот ја пушти стрелата. А пророкот рече:
„Таа стрела за спасение е од Господ, таа е спасителната стрела против Арам, и ти ќе ги поразиш и уништиш Арамејците во Афек“.
И повторно му нареди на царот да земе во рацете лак и стрела. Царот зеде. А пророкот му рече:
„Удри со стрелата во земјата“.
Царот удри три пати, па застана. Тогаш се разлути на него човекот Божји и рече:
„Требаше да удриш петпати или шестпати, и тогаш ќе ги разбиеше до крај Арамејците, а сега ќе ги поразиш три пати“ ( 4 Царства 13, 14-19).
Откако така му пророкуваше на царот, свети Елисеј умре и чесно беше погребан.
Пророкот Елисеј и по смртта беше чудотворец. Една година по неговата смрт се случи следново:
„Еден мртовец го носеа од Самарија надвор од градот да го погребаат. Но, во тоа време одеднаш се појавија Моавци, кои ја пљачкаа земјата Израилска, та оние што го носеа мртовецот го фрлија во најблиската пештера и побегнаа во градот. А таа пештера беше истата во која почиваше телото на светиот пророк Елисеј. Штом мртовецот се допре до коските на пророкот, тој веднаш оживе, излезе од пештерата и појде во градот.
Така Бог и по смртта го прослави Својот угодник. За сето тоа на нашиот Бог слава, чест и поклонение, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.
ЖИТИЕТО НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ МЕТОДИЈ, патријархот Цариградски
Христовиот светител Методиј беше родум од Сицилија. Уште млад се замонаши и многу напредуваше во доблестите. За време на царувањето на Лав Ерменин, иконоборецот, тој го имаше чинот апокрисијариј кај пресветиот Никифор, патријархот цариградски. Патријархот го испрати свети Методиј кај папата во Рим по некои црковни работи. Тој намерно долго се задржа во Рим, бидејќи нечестивиот цар Лав го избрка пресветиот Никифор од патријаршискиот престол и на негово место го постави својот истомисленик, еретикот иконоборец Теодот Милисиски, наречен Каситер. Кога загинаа царот Лав и лажниот патријарх Теодот, свети Методиј се врати од стариот во новиот Рим. Како презвитер тој му служеше на Господа во светост и правда и постојано се бореше против иконоборната ерес, која во тоа време беше многу силна, зашто после Лав Ерменин на царскиот престол стапи еретикот иконоборец Михаил Валвос или Травлос, а патријаршискиот престол го држеа непобожни луѓе. Тогаш блажениот Методиј зеде на себе огромен подвиг, препирајќи се со еретиците и посрамувајќи ги. Поради тоа царот го мачеше во окови и темници, како што за тоа тврди Зонара. Тој вели дека Михаил Травлос на почетокот од своето царување се претставувал како добар, зашто многу свети отци, кои Лав Ерменин поради иконопочитувањето ги испрати во заточение, тој ги ослободи, но потоа го отфрли лицемерното добротворство и започна да ги гони православните. Покрај многубројните луѓе кои страшно пострадаа од него, тој со исклучителен бес се нафрли на свети Методиј и на сардискиот епископ Ефтимиј. Заради почитувањето на иконите тој го испрати Евтимиј во прогонство, а свети Методиј го затвори во темница. Зонара вака го опишува зловерието на царот Михаил Травлос:
Тој во сѐ го подражаваше царот Копроним, и благонаклонет на евреите наредуваше да се пости во сабота. Не веруваше во воскресението на мртвите и ја исмеваше надежта за блажениот задгробен живот. Им се потсмеваше на светите пророци, зборуваше дека ѓаволот не постои, нечистите телесни гревови не ги сметаше за грев, сметаше дека Јуда предавникот ќе биде спасен и го почитуваше како свет, ја понижуваше книжевната мудрост и не им дозволуваше на родителите да ги школуваат децата, за, изучувајќи ги тајните на Светото Писмо, тие да не го изобличат неговото безумие, туку како неучени да го следат во неговата еретичка заблуда.
Така зборува Зонора. Свети Методиј јуначки му се спротивставуваше на зловерниот цар, како мудар и добар познавач на Светото Писмо, православните догмати и преданијата на светите Отци. Поради тоа, како исповедник на вистината поднесуваше и окови и темници и рани.
По смртта на Михаил Травлос зацарува неговиот син Теофил, кој го наследи не само престолот туку и зловерието на својот татко. Тој многумина усмрти заради побожното почитување на светите Икони. Но, бидејќи ја сакаше книжевната мудрост, тој ги обнови запустените школи во Цариград и нареди да се работи во нив. Тој го ослободи и свети Методија, како што за тоа пишува грчкиот историчар Михаил Гликас:
На нов и чудесен начин Бог го изведе Методија од мрачната темница. Од љубов спрема знаењето, Теофил често го минувал времето во читање книги. Еднаш при рака му дојде книга чија што содржина му беше малку разбирлива. Некој од блиските му рече дека никој не умее да ги објасни тешките места во книгите како Методиј, кој е затворен во темницата во Акрита. Царот веднаш испрати да го доведат, и откако го виде и поразговара со него, се увери дека навистина е мудар човек и го ослободи од почит кон него.
Како слободен свети Методиј повторно започна да се препира со еретиците, учејќи дека светите икони треба да се почитуваат. Со тоа тој повторно го навлече гневот на иконоборците. За ова дозна и царот и многу се разгневи, но го криеше своето незадоволство до погодно време. Во тоа време грците војуваа со сарацените, и се јави потреба самиот цар да појде на бојното поле. На тргнување тој го поведе со себе и свети Методиј, и заради молитва, и заради честите разговори за Светото Писмо и решавање на тешките прашања од него, бидејќи се беше уверил дека свети Методиј мудро ги решава. Всушност, царот го поведе со себе угодникот Божји плашејќи се со неговото останување во престолнината да не пламне народен бунт против иконоборците. Знаеше тој дека преподобниот е омилен меѓу народот како свет и учен човек, кој одлично се разбира не само во духовните работи туку и во граѓанската управа, и затоа го поведе со себе.
Но, со допуштање Божјо, сарацените ги победија византијците, ја уништија војската на Теофил, така што тој одвај побегна со неколку војници. Тогаш јавно го искажа својот гнев против свети Методиј што дотогаш го криеше, велејќи:
- Бог им дари победа на непријателите, бидејќи меѓу нас има идолопоклоници.
Зборувајќи така, овој бедник светите Икони ги нарекуваше идоли. Против него стана свети Методиј и рече:
- Господ допушти победа на непријателите над христијаните, зашто се разгневи што христијаните Го бесчестат на светите икони Негови.
Разбеснетиот цар му наложи тешки рани на свети Методиј, па го испрати на заточение на еден остров. Нареди таму да го затворат со двајца разбојници во гробна пештера ископана длабоко под земјата, каде ни сончев зрак не допира. Така свети Методиј стана жив мртовец, живеејќи во бедрата на земјата и благодарејќи Му на Бога, како Јона во утробата на китот. Еднаш на еден рибар му беше наредено да му носи храна, но многу оскудна колку да не умре од глад, зашто мачителот сакаше тој што подолго да страда во тој гроб.
Во тоа време царот Теофил ги подложи на мачења и светите исповедници Теодор и Теофан, и на нивните лица со вжештено железо беа врежани зборовите за нивното почитување на светите икони, после што царот ги испрати во заточение. Патот ги водеше покрај островот на кој свети Методиј страдаше во гробната пештера. Тука случајно се сретнаа на патот со рибарот кој го хранеше, и дознаа сѐ за свети Методиј. Но, бидејќи не можеа да се видат со Него, тие му напишаа поздрав по овој рибар во кратки стихови:
„До живиот, кој како мртов седи во гробот; до земниот, кој ги обиколува небесните краеви; до оној кој окови носи, пишуваат окованите кои имаат лица нацртани“.
Кога го прочита овој поздрав, и од рибарот дозна за подвизите на светите страдалници, свети Методиј се утеши, и Му заблагодари на Бога што ги крепи на таквиот подвиг. Па и тој им возврати со слични стихови:
„Оние кои се запишани во книгата на незаборавот на небото, од кои секој има лице нацртано, нив, затворените, ги поздравува оној кој пред смртта беше погребан и окован“.
Во таа гробна темница свети Методиј остана сѐ до смртта на царот Теофил. И кога него како вистински мртовец го прими гробот во себе, тогаш овој жив мртовец гробот го исфрли од себе, како некогаш китот Јона од утробата своја, и го даруваше на светот. Кога смртта ги покри очите на Теофил со гробниот прав, и кога гробот ја затвори неговата погана уста и наложи молчење на неговиот богохулен јазик, тогаш славниот исповедник повторно ја здогледа светлината на денот, и повторно ја отвори својата уста за проповедање на побожноста.
По смртта на Теофил зацарува неговиот син Михаил III со својата мајка Теодора, која управуваше со царството поради малолетството на Михаил. Примајќи ја управата над царството, на царицата прва грижа ѝ беше мирот во Црквата Христова, кој многу беше нарушен од иконоборството. Уште од првиот цар иконоборец Лав Исавријанин па сѐ до смртта на Теофил, изминаа 120 години. За тоа време иконата Христова беше срамотена од христијаните. И Христос Бог, разгневен и налутен, допушташе многу зла во христијанското царство. Во тие години сарацените зазедоа многу христијански храмови, ги пљачкаа и многу жители водеа во ропство. Во тие години и византиското царство се раздели на две царства. А порано царот на Новиот Рим владеел и со Стариот Рим, та Истокот и Западот беа соединети под скиптарот на грчкиот цар. Но, по јакнењето на иконоборната ерес, и лутото мачење и убивање на безбројните исповедници на побожноста од страна на иконоборците, Западот се отцепи од власта на грчките цареви, поставувајќи си свој цар. Затоа грчкиот цар беше принуден да владее само со Грција и тоа не цела, бидејќи сарацените ја беа зазеле Палестина со светиот град Ерусалим, Сирија, Арабија, и Египет со неговите области. Сето тоа Бог го допушти поради гревовите на христијаните, кои отпаднаа од вистинската побожност и залутаа во ереста, та ги отфрлија светите Икони. Имајќи го тоа во предвид, побожната царица Теодора се зафати да ја искорени проклетата иконоборна ерес и да ја зацврсти правата вера, враќајќи и го на светата Црква почитувањето на светите Икони како најубав украс на невестата Христова. Затоа нареди веднаш да се ослободат од темниците и прогонствата сите исповедници и да дојдат на собор во Цариград, на кој со чест која доликува ќе се вратат светите икони во храмовите Божји. Тогаш и свети Методиј беше изведен од гробниот затвор. А пак на патријаршискиот престол сѐ уште седеше, како мерзост на опустошението на свето место, лажниот патријарх Јован, викан Анија, еретик и маѓепсник, доведен на престолот од царот Теофил. Бидејќи светите Отци не сакаа да општат со него, благочестивата царица Теодора го лиши од престолот тој лажен патријарх и го истера од Црквата како див вепар од лозје. Тогаш по благоволение Божјо за патријарх беше избран светиот исповедник и маченик свети Методиј и поставен на престолот со неопислива радост на сите христијани (843 г.).
Оваа поставување на свети Методиј за патријарх, кое беше повеќе по Божја волја отколку по човечки избор, уште порано било претскажано со пророштво на преподобниот Јоаникиј Велики, за што во неговото житие пишува вака:
„Еднаш игуменот на Агавронскиот манастир Евстратиј го праша преподобниот Јоаникиј:
- Оче, до кога ќе бидат газени светите Икони? До кога ќе останат надвор од Црквата, до кога ќе се множат гонителите, а Христовото стадо ќе го разграбуваат диви ѕверови?
- Почекај уште малку, брате, па ќе ја видиш силата Божја, - му одговори светиот отец, - црковната управа ќе ја прими некој на име Методиј. Тој со Божествениот дух ќе управува со Црквата, ќе ја искорени ереста, ќе ги утврди православните догмати на Црквата и ќе воведе тишина и едномислие. Оние што ќе се противат ќе ги смири десницата на Севишниот“.
Ова пророштво на свети Јоаникиј очигледно се исполни над свети Методиј, зашто по смртта на царот Теофил беше поставен за патријарх Цариградски, како достоен на тој голем чин, како цврст столб на правоверието и непоколеблива тврдина на побожноста, како со мачеништвото украсен војник Христов, од Бога предназначен и од проѕорливиот маж претскажан за голема архиерејска служба. Тој со царицата Теодора свика во Цариград помесен собор на светите отци, кој ги потврди православните догмати на Светиот Седми Вселенски Собор, свикан против иконоборците во Никеја, за време на царувањето на Константин и Ирина. Оние пак што не ги прифаќаа догматите на тој Вселенски Собор, помесниот собор по втор пат ги предаде на анатема. Откако ги израдуваа православните и го претворија црковниот смут во мир, бурата и вознемиреноста во тишина, Отците на соборот многу свечено ги внесоа чесните Икони во Црквата, во првата недела од Светата Четириесетница. И настапи голема радост не само во Цариград туку и во сите места на поднебесјето каде што имаше православни христијани. Тоа се случи во 843-та година.
Додека православните христијани насекаде се радуваа и духовно ликуваа, завист ги кинеше срцата на оние во чии што души беше вкоренета иконоборната ерес. Такви беа гореспоменатиот, од престолот исфрлен лажен патријарх Аниј, неговиот брат Арсабар, патрициј по звање, и уште неколкумина од големците и пониските чиновници. Не знаејќи што да прават, тие во својата злоба размислуваа како да го наклеветат пресветиот Методиј. За таа цел со многу злато поткупија една жена еретик, сопруга на големец, чиј што син беше областен началник во Смирна, да појде кај царицата и кај воспитувачите на младиот цар, и да им каже дека божем новопоставениот патријарх Методиј блудничел со неа. Го сторија тоа за полесно да го оцрнат и учењето на свети Методиј и светите Икони. Поткупената жена појде кај царицата, го наклевети свети Методиј, и за нејзината лага да биде примена како вистина таа лееше солзи како насилно да настрадала од патријархот. Тие се зачудија и многу се соблазнија. Овој глас веднаш се пронесе по целиот град, смутувајќи ги православните и веселејќи ги зловерните. Еретиците ги исмеваа православните, зборувајќи им:
- Ете, каков патријарх имате! Ете, чии следбеници сте!
Слушна за тоа и самиот свјатјејши Методиј, и се чудеше од каде произлегла таа напаст. Со својата чиста совест тој се радуваше, но му беше жал што толку народ се соблазнува и еретиците ги исмеваат православните. Со поголема желба да ја отстрани од Црквата соблазната отколку да го испере од себе лажното обвинување, и да ги затвори лажливите усти на еретиците, патријархот одлучи, иако со срам, да обелодени потајна болест на своето тело, за која дотогаш никој не знаел, за да докаже дека е неспособен за телесен грев. Затоа испрати во царскиот двор и замоли да се одреди праведен суд кој ќе ја иследи работата меѓу него и споменатата жена. И судот го претставуваа чесни лица, и патријархот, не сакајќи да се расправа со бесрамната жена и сакајќи непобитно да ја докаже својата невиност, го отфрли срамот, застана, се разголи и ги покажа своите интимни делови, од болеста потполно спарушени, како да се умртвени. Тогаш сите ја видоа лажната клевета на онаа жена и се радуваа православните што се отстрани соблазната од Црквата и се симна срамот од синовите на побожноста. Еретиците се посрамија и нивната гадост се врати на нивна глава и беа исмевани и понижени.
Кога судиите го прашаа свјатјејшиот Методиј како се разболел од таа болест, тој ја обелодени и болеста и причината за неа, и им раскажа:
Кога свјатјејшиот патријарх Никифор ме испрати кај папата во Рим, јас се задржав таму. Во тоа време, под дејство на пакосникот на телата, сатанскиот ангел, ме нападна силна телесна желба и многу денови и ноќи јас долго се борев со таа похота, со пост и бдеење, и умртвувајќи се себеси со најразлични трудови. Но, бидејќи желбата не отстапуваше од мене, бев близу до падот, јас со солзи паднав пред светиот врховен апостол Петар, барајќи олеснување од него. Го молев да ме избави од оваа телесна желба и да не дозволи да се оскверни моето тело, посветено на чистота. Кога во таквата тага задремав, ми се јави светиот апостол Петар и со својата десница се допре до моите интимни делови. Од тој допир јас почувствував силна болка, како некој со оган да ми го изгоре тоа место и страшно залелекав. А апостолот ми рече: „Од сега ти повеќе нема да чувствуваш телесна гревовна желба“. Јас веднаш се тргнав од сонот. И ја видов врз себе повредата каква што ја гледате и вие.
Оваа повест ги трогна судиите. Тие изрекоа пресуда дека тој е невин, а за жената наредија да се стави на маки, сѐ додека не каже кој ја наговорил да го наклевети невиниот и чист архиереј Божји. И веднаш се појавија мачители, а таа, многу исплашена, им ја кажа вистината. Ги кажа имињата на сите кои ја наговорија и поткупија со многу злато, и го кажа и местото каде го чува тоа злато. Судиите испратија слуги кои навистина го најдоа златото и го донесоа пред нив. Тогаш ја осудија на смрт таа жена заедно со оние што ја наговорија. Но пресветиот патријарх како незлобив, верен и вистински следбеник Божји, не само што не дозволи да се изврши смртната пресуда, туку ги ослободи своите непријатели, но им наложи за време на големите празници со запалени свеќи да доаѓаат од Влахерната црква Пречиста Богородица во соборната црква Света Софија, и таму кај вратата да ја сослушаат анатемата. Тоа и се вршеше. Тогаш замолкнаа богохулните еретички усти, и иконоборната ерес во Цариград целосно се искорени со благодатта Божја, и молитвите и неуморниот труд на угодникот Божји, кој од неоснованите клевети излезе уште посветол и пославен.
Но на противниците на свети Методиј не им беше дадено она што Давид го молеше од Бога за грешниците: Покриј го лицето нивно со срамота, па да го побараат името Твое, Господи! (Пс. 82, 16). Заслепени од злоба и со скаменети срца, тие на своите поранешни зли дела додадоа нови, не помали од претходните. Гореспоменатиот лажен патријарх Јован - Аниј, виновникот за сите зла, беше испратен на покајание во еден манастир. И кога таму виде како по иконоборската пустош светите Икони се обновуваат, тој му нареди на својот ѓакон на сите свети Икони да им ги избоде очите. Ѓаконот постапи според наредбата. За тоа беше известена благоверната царица Теодора. Ревносна за Христа Бога, таа нареди нему да му ги избодат очите. Но, умолена од некои сенатори, таа ваквата казна ја замени со бичување. Нареди да му зададат двесте удари со силни бичеви, иако заслужуваше безброј маки и многу смрти. Дотолку повеќе што тој за време на својата насилничка власт многу православни погуби, па дури и заточен не престануваше да ги бесчести светите Икони.
После сите црковни смутови и многуте неволји што ги претрпе заради иконите Христови, свети Методиј останатото време од својот живот го помина во мир и тишина, красејќи го патријаршискиот престол со своето ангелолико лице и ангелоподобен живот и мудро пасејќи го Христовото стадо. Под негово влијание од ден во ден растеше почитувањето на светите икони со кои всушност се укажува побожно почитување на лицата кои се изобразени на иконите. Заедно со тоа светиот патријарх се трудеше во Цариград повторно да се оддава достојна почит и на чесните мошти на светите угодници Божји, како што било и порано. Зашто во времето на иконоборната власт заедно со светите икони и чесните мошти на светителите беа бесчестени, газени, влечени по плоштадите и исмевани, во ѓубре фрлани, горени и во вода потопувани. Единствено беа сочувани моштите кои раката на благочестивите брзо ги сокри и ги закопа во земјата. Како резултат на тоа во Цариград не можело ни да се слушне за моштите на светите угодници Божји. Затоа свети Методиј се потруди Цариград повторно да го збогати со чесните мошти и да ги научи православните достојно да ги почитуваат. Пред сѐ тој свечено ги пренесе во престолнината моштите на преподобниот Теодор Студит, кои осумнаесет години по неговото претставување беа целосни и нетлени. Потоа ги пренесе во Цариград и чесните мошти на својот господин, светиот патријарх Никифор, кои дотогаш почиваа во местото на неговото заточение.
Најпосле, тој како скапоцено богатство го подготвуваше за цариградската црква и своето многустрадално и со чистота осветено тело во нетлени мошти, зашто се приближи кон својот блажен крај, кој самиот го предвиде, а пророчки му го претскажа и преподобниот Јоаникиј. Бидејќи и двајцата беа проѕорливи со Духот Свети, тие еден со друг си го предвидоа чесното преставување, зашто во житието на преподобниот Јоаникиј се вели:
Во петтата година од царувањето на Михаил, светиот патријарх Методиј, провидувајќи ја близината на заминувањето кај Господа на преподобниот Јоаникиј, дојде кај него со својот клир, просејќи благослов и молитви од него. По долгиот разговор со светиот, и откако ги поучи во православната вера дојдените со него, тој му прорече на патријархот Методиј дека наскоро по неговата смрт и тој ќе премине од времениот во вечниот живот. Потоа се помолија заедно, се збогуваа и се разделија. Во третиот ден по заминувањето на патријархот, преподобниот и богоносен Јоаникиј премина кај Господа на 4 ноември. Во осмиот месец по неговото претставување и пресветиот патријарх Методиј се упокои во Господа на 14 јуни 847 година. Така се исполни пророштвото на преподобниот Јоаникиј, со кое прорече дека наскоро по него и самиот патријарх ќе замине во вечноста.
Кога свети Методиј се пресели кај Господа во цариградската црква настапи голем плач и ридање по него, зашто се лиши од толку голем Отец и вселенски светилник. И беше погребан чесно како што и му доликува.
Свети Методиј ја пасеше Црквата Христова четири години и три месеци, и потоа премина во бесконечниот живот. Вброен во ликот на светите ерарси, тој стои пред Пастироначалникот и голем Архиереј, нашиот Господ Исус Христос, од сите светии славениот Бог, Кому и од нас грешните чест и слава, заедно со Отецот и Светиот Дух, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.
СПОМЕН НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ ЈОВАН, митрополитот Евхаитски
Свети Јован беше наречен Мавропус (Црноногиот). Беше родум од Пафлагонија, од татко Клавдиј кој се доселил во Цариград. Како многу образован беше професор во Цариград, но во исто време и духовен маж. Најпрвин беше ѓакон и патријархов сингел. Монахуваше во манастирот на светиот Преттеча викан Петар. Во времето на царот Константин Мономах (1042-54 г.) и патријархот Михаил Керулариј (1047-58 г.) беше избран за митрополит Евхаитски во Понт, иако беше веќе во поодминати години. Се прослави особено поради тоа што му се јавиле свети Василиј Велики, Григориј Богослов и Јован Златоуст (види 30 јануари), и му објасниле како тие, тројцата заедно, подеднакво се прославени пред Бога на небото. После тоа видение се стиши препирката меѓу народот околу тоа кој од тие Тројца Свети Ерарси е поголем, а кој помал. Во спомен на тоа тој го востанови празникот Свети Три Ерарси на 30 јануари и им напиша служба. Го состави и познатиот канон на Исуса Сладчајшем, потоа канон на Агелот Хранител, неколку канони на Светиот Преттеча, два канона на светиот Теодор Тирон, и други корисни списи. Тешко болен се врати во Цариград и мирно се упокои во Господа во втората половина на ХI век (се упокои на 5 октомври). Служба му напиша неговиот внук Теодор Китонитис.
ЖИТИЕТО НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ НИФОНТ
Нашиот преподобен отец Нифонт се роди во областа Аргирокастра, во селото Луково, од татко свештеник. Кога наполни десет години Нифонт го зеде неговиот стрико, кој беше еклисиарх во манастирот на свети Никола, основан од Константин Мономах на местото кое денес се вика Месопотам, за да го учи на правилниот христијански карактер. Кога го доведе момчето во манастирот, тој најпрвин се погрижи да го описмени, па потоа го замонаши. Во изучувањето на почетните работи од Светото Писмо момчето се истакна со толку голем успех и неговата беспрекорна послушност и скромност служеа за пример, така што набрзо беше произведен за чтец. А кога стана полнолетен беше удостоен на свештеничкиот чин.
Со таквите божествени особини, притоа постојано читајќи го Светото Писмо и Житијата на светиите, во Нифонт се роди таква љубов кон Бога и желба беспрекорно да ги исполнува Неговите заповеди, што реши да остави сѐ, да се повлече длабоко во пустината, и таму, во целосно безмолвие, да Му се посвети само на Бога. И навистина, тој го остави манастирот и отиде на гората Херомерион, каде тогаш во осаменост се подвизуваше еден старец дојден од Синајската Гора. Таму под раководството и поуките на опитниот Синај, младиот Нифонт, искачувајќи се од сила во сила, со целото свое битие почувствува дека и планинската пустина Херомерион не ги задоволува желбите на неговата пламена душа, која чезнееше за совршено безмолвие и пустински подвизи. Гушејќи се во себе и чувствувајќи поврзаност со родниот крај и роднините, тој се упати кон Света Гора Атон. Тајно воден со промислата Божја стигна до пештерата на светиот Петар Атонски, во областа на лаврата на светиот Атанасиј, каде тогаш безмолствувал, молитвено самувал и тихувал, чудесниот отшелник Теогност. Нифонт му се довери, криејќи го од него својот свештенички чин. Така тој како почетник три години безусловно му се потчинуваше на својот стрико. Најпосле Теогност случајно дозна дека неговиот послушник има свештенички чин и по никоја цена не сакаше повеќе да го држи како свој послушник, бидејќи згора на тоа неговите подвизи и трудови беа исклучителни. Иако Нифонт го молеше и преколнуваше старецот и понатаму да го раководи, бидејќи е несовршен во отшелничкиот живот, Теогност, поради своето крајно смирение, не се согласи. Затоа преподобниот Нифонт отиде во соседниот скит на свети Василиј Велики. Тука помина четиринаесет години во крајно безмолвие, само еднаш неделно поткрепуваќи се со малку сув леб.
Во тоа време во лаврата се појави лепра, и многу браќа станаа нејзини жртви, та игуменот беше принуден да го повика свети Нифонт да ги извршува божествените богослужби. Тој помина три години во оваа света работа. Иако ова послушание беше од огромна важност, срцето постојано го влечеше кон совршеното безмолвие. Не беше во состојба да го смири во себе тоа чувство и желба, и затоа отиде во Вулевтирија, каде што сега се наоѓа скитот на Света Ана. И тука, во пустинската тишина, тој помина многу скитнички години без покрив, хранејќи се единствено со трева и корења.
Иако животот на преподобниот Нифонт беше многу возвишен, многу бестрасен, многу поучен за сите, сепак се наоѓаа завидливи луѓе кои го претставија на игуменот на свештената лавра како прелестен. За да ја докажат својата клевета, тие тврдеа дека божем преподобниот се гнаси од лебот како грешна и недозволена храна, и затоа се храни со пустинска трева. А пак за да го провери тоа, игуменот го повика преподобниот и го праша зошто води толку строг живот, гнасејќи се дури и од храната својствена за човекот. Притоа тој му рече:
„Древните Отци се хранеле со пустинско зелје, зашто таму немало леб. А овде има и леб и друга храна, која што треба да ја користиме во слава Божја, умерено, одбегнувајќи ја на тој начин сатанската охолост од неуморниот и строг пост“.
Како вистински послушник преподобниот смирено го прими советот на старецот. Но, за да одбегне нови непријатности, тој се повлече од скитот Света Ана. Подоцна се зближи со преподобниот Максим Капсокаливит. И свети Максим, по долгогодишното соподвижништво со чудесниот Нифонт, во знак на својата искрена преданост, му ја отстапи својата сопствена колиба, а за себе си направи друга во близина. Но, бидејќи кај свети Максим доаѓаа многу луѓе заради чудесата што тој ги правеше и за неговата пророчка проѕорливост, свети Нифонт, не можејќи да ја поднесе вревата, и со согласност и совет на свети Максим, се повлече во пештерата наспроти местото Свети Христофор, и таму молитвено самуваше и тихуваше. По кратко време, кај него дојде монахот Марко од неговиот роден крај, за да се потчини под негово раководство. Тој имаше и брат. Светиот со љубов го прими Марко и му нареди да направи колиба и за себе и за брата си.
- Што е со тебе, оче? - одврати зачудено Марко. Мојот брат е мирјарин и живее со своите.
- Прости, - му одговори смирениот Нифонт, - јас сум луд и не знам што зборувам. Не слушај ме, туку прави како што сакаш.
Во меѓувреме настапи празникот на Свети Атанасиј. Преподобниот Нифонт го испрати Марко во лаврата за празникот, и му рече:
- На враќање доведи го со себе и брата си.
На тоа Марко му го повтори истото од порано. Но, кога наближи до лаврата, тој одеднаш го здогледа својот брат крај манастирските порти. Поразен од пророштвото на свети Нифонт, тој радосно го прегрна брата си, па по завршувањето на празникот заедно со него се врати кај својот старец, падна пред неговите нозе, и бараше прошка за своето маловерие. Набрзо потоа Марко тешко се разболе. Свети Нифонт го укори за маловерието и соменевањето во чудотворната сила Божја, го помаза со елеј од незгасливото кандило и Марко стана од болничкиот одар. Притоа свети Нифонт му рече:
- Ете, сега си здрав. Повеќе не греши, за да не те снајде нешто полошо.
По извесно време Марко започна да го моли преподобниот да му дозволи малку да полови риби во морето. На тоа свети Нифонт му рече:
- Најпрвин научи се да ги забележуваш и ловиш нечистите помисли, а остави го морето и ловењето риби, за да не потонеш во морето на искушенијата.
Марко не му обрна внимание на старчевиот совет, и под изговор дека треба да ја испере својата нечиста облека, отиде. Таму ја фрли јадицата и многу уживаше, но непослушанието не помина бесплатно. Додека Марко целосно беше занесен во својата работа, одеднаш од морето скокна и се фрли врз него едно огромна животно. Марко се преплаши, и молитвено започна да го повикува на помош својот старец, и одвај некако се спаси од тоа животно. Преплашен, и истовремено држејќи ја во рацете уловената риба, тој дотрча кај свети Нифонт. Старецот со татковско сочуство му рече:
- Непослушнику! Оној кој се претвори во змија за да ги прелаже нашите прародители, и сега зеде облик на морски пес, за да загинеш, и само Христос, Кој дојде во светот за да ја уништи ѓаволската сила со својата неизмерна добрина, ти помогна, очекувајќи го твоето покајание. Што се однесува до рибата што си ја уловил, бидејќи е плод на непослушноста, јас нема да ја допрам.
Трогнат од старчевиот прекор, Марко падна пред неговите нозе и лиеше солзи на покајание. Оттогаш се поправи и во сѐ му беше послушен на својот старец, сѐ до својата смрт, која не задоцни да го посети. По смртта на Марко, на светиот старец остана да му служи неговиот внук Гаврил.
Шест месеци однапред преподобниот Нифонт провиде дека свети Максим Капсокаливит е веќе близу до заминувањето во вечноста, и им рече на своите ученици:
- Да појдеме кај светиот Максим, да земеме последен благослов од него, зашто повеќе нема да го видиме во овој живот.
И појдоа. По поздравот, свети Максим рече:
- Радувајте се, возљубени браќа! Ова е проштален поздрав. Повеќе нема да се видиме.
Се случи како што провиде преподобниот Нифонт.
Многу години потоа, на Света Гора повторно се појави куга и послушникот на преподобниот Нифонт, Гаврил, смртно се разболе. Тогаш сѐ уште беше жив Гавриловиот отец Доситеј, кој неутешно плачеше по него. Свети Нифонт го тешеше и му зборуваше:
- Не плачи, брате, синот твој, заради послушанието на мојата недостојност, нема да умре сега.
Потоа се сврте на исток, се помоли тајно на Семилостивиот Бог, и болниот стана од одарот, славејќи Го Бога. Во разговорот со присутните рече:
- Ете, братот наш, со Божја помош оздраве, а јас ќе умрам на Петровденските пости.
Најпосле настапи постот на светите апостоли Петар и Павле. Во саботата од првата недела преподобниот се помоли на Бога, се причести со Божествените Тајни, па им рче на своите ученици:
- Возљубени чеда во Господа! Дојде времето на моето заминување кај Господа, Кого од својата младост Го засакав со сета своја душа.
Учениците се вознемирија.
- Не треба да се вознемирувате и плачете, - им рече тој, - туку треба да се радувате, зашто ќе ме имате како молитвеник пред Бога за вашето спасение, само ако и вие ги исполнувате заповедите Негови.
Утредента, во недела, преподобниот им нареди најпрвин да каснат, па да му ископаат гроб и да подготват сѐ што е потребно за погреб, па им рече:
- Време е да појдам во земјата од која сум земен.
Кога сѐ беше подготвено, преподобниот стана од одарот и долго се молеше со кренати раце и очи кон небото. Потоа ги благослови сите, зеде прошка, седна на својот одар, ги прекрсти рацете на градите, и мирно го предаде својот дух на Бога. Тогаш лицето на праведникот, во знак на неговата небесна слава и слобода пред Бога, заблеска како сонце. Така преподобниот Нифонт се упокои на (4 јуни, околу 1400-та година, откако поживеа 96 години. За време на животот сотвори многу чудеса, од кои освен споменатите ќе спомнеме уште неколку.
Духовниот и доблесен старец Теодул еднаш посака да се види со преподобниот Нифонт за душевна корист. По патот на една височинка тој се лизна и толку ја повреди ногата на еден камен, што му истече многу крв, па многу истоштен очекуваше да умре. Најпосле горко заплака пред Господа и рече:
- Господи Исусе Христе, Сине Божји, ако Нифонт навистина има слобода пред Тебе и благодат, заради неговите молитви, избави ме од неминовната смрт.
Штом го изговори тоа, крвта престана да тече, болките исчезнаа, и старецот, славејќи Го Бога и Неговиот угодник, оздраве.
Еден инок од лаврата на преподобниот Атанасиј, кој гаеше љубов спрема свети Нифонт, по свој пријател му испрати сад со масло. Се случи оној што го носеше да се сопне по патот и да падне, и сѐ што носеше се разби, а садот со маслото остана. Кога братот му го донесе садот на преподобниот, тој со насмевка рече:
- Гледаш ли колку е силна верата на братот што го испрати маслото. Неговата вера и тебе те избави од опасноста.
Проѕорливоста на старецот Нифонт го запрепасти братот на кој тој му раскажа што сѐ го снајде по патот, и тој Го прослави Бога.
Друг монах, кој долги години страдал од главоболка, наместо да бара помош од небото, им се обратил на лекарите и сѐ што имал потрошил по нив, но помош не добил. Најпосле дојде кај преподобниот Нифонт, му падна пред нозете и го молеше за исцеление.
- Верувам, оче, дека Бог ќе ти даде сѐ што ќе побараш од Него, - велеше тој.
- Напротив, брате, јас сум грешен човек, а Бог нема да го послуша грешникот, - одговори преподобниот.
Меѓутоа, болниот ронеше солзи и не престануваше да го моли. Блажениот, трогнат од неговото страдање, му прочита молитва над главата, и тој почувствува дека некаков шум му излезе од главата и веднаш се исцели. Славејќи Го Бога, тој се врати назад полн со восхитување и благодарност спрема својот лекар.
Чуварот на свештената лавра беше истеран поради некој грешка. Тој дојде кај свети Нифонт, му се пожали дека неправедно е избркан и го замоли да остане кај него на послушание. Светиот му одговори:
- Врати се во лаврата, падни пред игуменот, смирено признај ја својата вина, и тој повторно ќе те прими. Ако не го послушаш мојот совет, верувај ми дека овде нема да ги издржиш пустинските тегоби. А што е најважно, ќе се лишиш од честа и уделот на светите Отци на обителта. Ако пак, се вратиш, по некое време ќе бидеш произведен за еклесијарх, а потоа за игумен на лаврата. И над сѐ, смирувај се.
Потоа свети Нифонт со насмевка продолжи:
- Кога ќе станеш игумен, спомни нѐ и нас.
Братот го послуша советот на Нифонт и навистина беше примен во лаврата. По некое време, според пророштвото на преподобниот, беше избран за еклесијарх, а најпосле и за игумен. Како благодарност за советот, тој му праќаше на преподобниот Нифонт сѐ што му е потребно за ќелијниот живот. На Богот наш, Кој славно ги прославува Своите светии, слава и моќ низ сите векови. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК КИРИЛ, епископот Гортински на Крит
СПОМЕН НА НАШАТА ПРЕПОДОБНА МАЈКА ЈУЛИТА
Се упокоила во мир.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ЕЛИСЕЈ СУМСКИ
Подвижник на Соловецката обител во петнаесеттиот век.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ БЛАГОВЕРЕН КНЕЗ МСТИСЛАВ - ГЕОРГИЈ
Беше син на кнезот Ростислав. Во 1179-та година Новгородскиот народ еднодушно го избра за кнез. Беше сакан од сите поради својата самопрегорна храброст и прекрасно благородство. Мирно се претстави на 14 јуни во 1180-та година. Неговите свети мошти почиваат во Новгородската соборна црква „Света Софија“.