28. Jуни (15. Јуни)
СПОМЕН НА СВЕТИОТ ПРОРОК АМОС
Светиот пророк Амос се родил во Јудеја, во градот Текуја, недалеку од Витлеем. Потекнува од проста и небогата фамилија и ги минувал деновите како пастир, чувајќи ги стадата. Но, Господ, Кој гледа не на богатите и силните, туку на смирените и ништите, го зеде, како Мојсеј и Давид, на пророчка служба. Му нареди да појде од Јудината во земјата Израилева, за таму со пророчка проповед да ги приведе кон покајание луѓето расипани од идолоклонството. Треба да забележеме дека по смртта на Соломон, Јеровоам, кој царуваше во Ерусалим, со десет племиња израилски се одвои од Соломоновиот син Ровоам, си создаде посебно царство израилско од тие десет племиња, и беше прв негов цар. Од денот на тој Јеровоам, израилците отпаднаа од вистинското богопочитување и им се клањаа на идолите. Јеровоам, сакајќи да ја утврди својата власт над израилците и плашејќи се, кога тие одат за празниците во Ерусалим на поклонение во храмот, да не се вратат кај царот Јудејски, а него да го симнат и убијат, направи две телиња од злато. Тој ја знаеше наклонетоста на своите поданици спрема идолопоклонството. И нивните предци, преминувајќи од Египет преку Црвеното Море во пустината, си направија златно теле. Значи, откако направија две златни телиња, Јеровоам ги постави едното во Дан а другото во Ветил, градовите на своите царство. Заедно со тоа, тој им нареди на сите израилци да не одат во Ерусалим, туку да им се поклонуват и да им принесуваат жртви на овие златни телиња. Поради тоа царот востанови свечени празници и му зборуваше на народот: „Еве ги боговите твои Израилу, кои те изведоа од Египет!“ ( 3Царства 12, 26-33).
Така Јеровоам ги разврати Израилците. Иако од тоа време Господ им испраќаше на израилците Свои свети пророци да ја изобличуваат нивната заблуда и да ги вратат на правиот пат, сепак ретко кој од нив се поправаше и враќаше кај вистинскиот Бог. Некои, пак, Му се поклонуваа и на вистинскиот Бог и на златните телци. Меѓу останатите пророци Господ го испрати кај нив и овој Свој слуга, светиот пророк Амос, со страшни закани. Овој пророк Божји беше прост и неук во беседите, но не и со разумот. Зашто во него дејствуваше и преку устата негова зборуваше оној исти Дух Свети, кој дејствуваше и во сите пророци. Почетокот на неговата пророчка служба беше во деновите на јудејскиот цар Осија, кому престолнина му беше Ерусалим, и царот израилски Јеровоам, кому престолнина му беше Самарија. Овој не е оној Јеровоам што се одвои од скиптарот Јудин и направи златни телиња, туку друг во поодминати години. Всушност и тој, слично на оној претходник, беше идолопоклоник и им служеше на златните телци. Свети Амос започна да пророкува во деновите на овие цареви, на две години пред страшниот земјотрес во Палестина. Според кажувањето на старите писатели, овој земјотрес се случил на овој начин:
Царот Јудејски Озија, наречен Азарија, се погордеа и се дрзна да влезе во храмот во Светињата над светињите и на жртвеникот со кадилница да принесе темјан според чинот свштенички. А кога свештениците се противеа на тоа, тој им се закануваше со смрт. Во тој момент настана страшен земјотрес во Ерусалим и во цела Палестина. Тогаш не само што се срушија многу згради, туку и многу планини се поместија од своите места, кровот на храмот се распукна и низ таа пукнатина сончев зрак падна врз царевото лице и вој тој миг на неговото чело се појави губа, и веднаш тој целиот стана губав.
Така тогаш Господ не го дотрпе насилството вршено во Неговиот жртвеник и бесчестењето нанесувано на Неговите свештеници.
Во своите пророчки зборови, подробно изложени во неговата книга, свети Амос претеше со страшни казни Божји, кои требаше да дојдат од Бога не само врз Израилот, туку и на околните земји, градови и народи: Сирија, Филистимјаните, Тир, Идумеја, Амониќаните и Моавците, а особено на Израилците, зашто тие Го познаваа вистинскиот Бог, но отстапија од Него. Бог повеќе се гневи од гревовите на луѓето кои Го познаваат и ги уживале Неговите добра, отколку од гревовите на незнабошците кои не Го познаваат. Какви сѐ добрини не му стори Бог на неблагодарниот народ Израилски?! Тој го ослободи од Египетското ропство, го префрли преку морето како по суво, огладнет во пустината го нахрани со манна, на ожеднетиот му извади вода од каменот, ги избрка народите пред него, го внесе во ветената земја во која тече мед и млеко. А тие на златните идоли, извајани во облик на телци, им приредуваа свечени празници, воскликнувајќи:
„Еве ги боговите твои, Израилу!“
Такви нечисти празници тие особено приредуваа во градот Ветил, на високата планина, каде стоеше златното теле. Затоа свети Амос најчесто доаѓаше таму и силно викаше кон народот, молејќи го и советувајќи го, и плашејќи го со тешките казни Божји што доаѓаат на нив, за да престанат со безбожието. Но ретко кој го слушаше пророкот.
Тогаш во Ветил имаше жрец на тамошните телци на име Амасиј. Гледајќи го пророкот Божји Амос како хули на нивното златно теле, како плука на нивните жртви, како ги одвраќа луѓето од нивните погани празници и им прети со казни, тој го наклевети пред царот израилски Јеровоам, велејќи:
„Амос крева бунт против тебе среде домот Израилев. Земјата не може да ги поднесе зборовите негови. Уште и вакви зла пророкува за тебе: Од меч ќе загине Јеровоам, а Израил ќе биде одведен од земјата своја во ропство“ (Амос 7, 10 -11).
Со таква клевета жрецот Амасија сакаше да предизвика гнев кај царот против Амос, но царот малку обраќаше внимание на зборовите од жречевите. Иако беше идолопоклоник, царот сепак го почитуваше пророкот Божји и не сакаше да му досадува. Кога жрецот се увери дека не може да го сврти царот против Божјиот човек, самиот започна насилно да го гони: многу пати страшно го тепал и прогонувал од Ветил, забранувајќи му да доаѓа на празниците приредувани во чест на златното теле, и да го одвраќа народот од празничните жртви и веселби. Но светиот пророк не им обраќаше внимание на неговите забрани и на раните што му ги задаваше, туку повторно доаѓаше во Ветил, и повторно го упатуваше народот со пророчки поуки и совети, а жрецот повторно го фаќаше и тепаше.
Еднаш лукавиот жрец со молба му рече на свети Амос:
„Јасновидецу, оди си одовде и појди во земјата Јудина. Таму живеј и пророкувај. А во Ветил повеќе не доаѓај, зашто тој е светиња царева и е царски дом“.
Свети Амос му одговори:
„Јас не сум пророк, и не сум син на пророк; бев сиромашен пастир и собирав диви смокви. Но, Господ ме зеде од овците и ми рече: Оди, пророкувај кај Мојот народ Израил. А ти ми велиш не пророкувај во Израил и не изговарај зборови против домот Исаков. Затоа, еве што вели Господ: Кога Асирците ќе дојдат во земјата Израилева, и ќе ја поробат и опустошат, и ќе ги разорат нејзините градови, и ќе го заземат овој град, тогаш бесрамни асирски војници пред твоите очи ќе ја осквернат твојата жена, зашто и ти си допринел да го заблудиш Израил пред севидливите очи Божји, си ги учел овие луѓе да творат нечисти дела во поганиот храм на златното теле - богот твој. А синовите твои и ќерките твои ќе загинат од меч пред тебе, а ти сам ќе умреш во земја нечиста, и Израил ќе биде одведен од својата земја во ропство (сп. Амос. 7, 12-17).
Овие зборови на светиот пророк Амос, многу го разјарија жрецот Амасија, и тој започна немилосрдно да го тепа. Најпосле синот на жрецот, свирепиот Осија, бесен од гнев, со сета своја сила го удри со дебела мотка светиот Амос среде челото и смртно го рани. Но пророкот Божји не умре веднаш, туку одвај жив го однесоа во земјата Јудина, каде по неколу дена од тешките рани го предаде својот дух во градот Текуја. Тука беше и погребан крај татковците свои.
Кој сака да знае какви беа пророштвата на светиот пророк Божји Амос, нека ја чита книгата на пророкот Амос. А Бог, Кој го вдахновил, ние Го славиме сега и секогаш и низ сите векови. Амин.
СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ВИТ, МОДЕСТ И КРИСКЕНТИЈ
За време на царувањето на Диоклецијан, кога обласниот управник Валеријан ги гонеше христијаните, во Сицилија живееше дванаесетгодишно момче на име Вит, син на благородниот и богат граѓанин Гилас, кој беше незнабожец. Но, неговиот син, блажениот Вит, во детството просветен од небото со чудесната благодат на Светиот Дух, Го позна единствениот вистински Бог, Кој ги створил небото и земјата. Верувајќи во Него, облечен во кострет, тој постојано Му се молеше и дење и ноќе. Се удостои да слушне Божествен глас кој му рече:
- Услишана е молитвата твоја! Ќе ја јавам на тебе милоста Своја.
По овој глас на момчето му беше дарувана од Бога чудотворна сила. Тој ги исцелуваше човечките страдања, ги учеше неверните на познание на вистинскиот Бог, и многумина упатуваше на правиот пат. Семоќниот Бог посака преку устата и делата на ова момче да си направи пофалба за Себе, за посрамување на идолопоклоничката заблуда. Господ му даруваше на Вит натприроден разум и дар на чудотворство, така што тој уште од детските години беше силен маж на збор и на дело, за со тоа да се прослави Бог, прекрасниот во светиите Свои.
Кога Валеријан дозна за светото момче за кое зборуваа сите, го повика неговиот татко и му рече:
- Како што слушам, твојот син Му се поклонува на Богот што Го почитуваат христијаните? Ако сакаш да остане здрав и жив, погрижи се да го одвратиш од тоа безумие.
Гилас започна да го советува својот син да не ги остава древните елински служби, но тој му одговори:
- Јас не познавам друг Бог, освен Единиот, Кој отсекогаш постои. Му служам на Богот Кој ги створил небото и земјата, и Тој е Господ Исус Христос, Царот на Ангелите. Го исповедам и ќе Го исповедам во сите денови од својот живот.
Таткото се разгневи и нареди да го тепаат, прашувајќи го:
- Кој те научи да зборуваш така? Знаеш ли дека ќе загинеш ако дознае кнезот? Тепано, момчето одговараше:
- Христос, Чиј што слуга сум, а од кнезот не се плашам.
Тогаш Гилас го повика Витовиот воспитувач Модест, и му рече:
- Внимавај ова момче никогаш да не го спомне Христос.
Но свети Вит постојано го носеше Христа во срцето и го изговараше Неговото име, и Господ го утеши со јавување на ангел, кој му рече:
- Не плаши се, туку биди храбар за името Христово. Јас сум ти даден како хранител, да те чувам до твојата смрт. Што и да побараш од Господа, ќе ти се даде. Израдуван и ободрен од ова видение, свети Вит започна уште поревносно да го исповеда и прославува името Господово. Неговиот татко тагуваше зашто му беше единец и се трудеше да го придобие за служење на демоните. Свети Вит му рече:
- Татко, на кои богови сакаш да им служам?
Тој му одговори:
- Зарем не ги знаеш, сине мој, нашите богови Зевс, Херкул, Минерва, Јунона, Веста, и останатите на кои им се поклонуваат царевите и кнезовите?
Светото момче одговори:
- Оние што ги нарекуваш богови се бездушни идоли изработени од човечки раце. Јас, пак, знам дека постои еден жив и семоќен Бог, преку Кого ние живееме и се движиме (Д.А. 17, 28), Творец и Промислител за целокупните твари, Отец и Син и Свети Дух. Го исповедам едниот Искупител и Спасител на родот човечки, Синот Божји, Кој заради гревовите наши беше мачен, и преку чија што крв ние добивме спасение.
Таткото со солзи му рече:
- Преслатко чедо мое, послушај го мојот родителски совет и откажи се од таа безумна вера според која ти залудно почитуваш некаков мртов човек, за да не те погуби кнезот.
Вит му одговори:
- О, кога и ти, татко, би познал Кој е, и каков е Оној, Кого ти со потценување го нарекуваш мртов човек! О, кога и ти заедно со мене би Му се поклонил Нему! Зашто Тој навистина е Христос, Син на живиот Бог, јагне Божјо, Кој ги зеде на себе гревовите на светот.
Гилас на тоа рече:
- Јас знам дека Христос, Кого ти Го нарекуваш Бог, по наредба на Пилат во Јудеја беше тепан и на крсна смрт осуден и распнат од евреите и Пилатовите слуги.
Светото момче одговори:
- Така е како што велиш татко, но во таа работа има една голема, прекрасна и света тајна.
Гилас рече:
- Ако правилно расадуваш подобро е таа работа да ја наречеш казна, а не тајна.
Блажениот одговори:
- Оче, послушај ме, и чуј ја вистината. Предавањето на смрт и распнувањето на нашиот Господ Исус Христос е наше спасение. Знај дека од љубов кон Него никој со никакви маки не може да ме раздели.
По овие зборови Гилас прекина со разговорот, страдајќи во срцето за својот син.
Со благодатта Божја што живееше во блаженото момче се вршеа многу чудеса: слепи прогледуваа, болни се исцелуваа, демони се истеруваа. Сето тоа не можеше да се сокрие од кнезот Валеријан, кој пред сите му рече на Гилас:
- Сега веќе сум сигурен дека твојот син од срце го почитува таканаречениот Христос, распнатиот во Јудеја, и Нему Му се поклонува. Затоа морам да му судам. Доведи го ваму.
Кога го доведоа, кнезот го праша:
- Зошто не ја почитуваш царската наредба и не им принесуваш жртви на боговите?
Блаженото момче, исполнето со Духот Свети, не се исплаши од кнезот туку се прекрсти и одговори:
- Јас нема да се клањам, ниту ќе почитувам камени и дрвени идоли, зашто Го имам Живиот Бог, на Кого Му служи мојата душа. Тогаш Гилас силно заплака и рече:
- Ве молам, ридајте со мене пријатели мои! Мојот син единец пропаѓа!
Вит викна:
- Не пропаѓам јас, туку се удостојувам да бидам вброен во ликот на праведните угодници Божји!
Тогаш Валеријан му рече:
- Досега се воздржував поради твоето високородно потекло и пријателството со твојот татко, но сега ќе почнам да те мачам за да се поучиш!
Нареди да го тепаат со железни стапови, па му рече:
- Послушај ме сега и принеси жртви.
Момчето одговори:
- Веќе ти реков дека Му се поклонувам на Христос, Синот Божји.
Разбеснетиот кнез нареди да го тепаат момчето со железни синџири. Но додека слугите се подготвуваа рацете им се исушија, заедно со раката на кнезот со која што тој посочуваше при издавањето на наредбата. Офкајќи од болка, тој повика:
- Тешко мене! Ја изгубив раката.
На таткото на свети Вит му рече:
Ти немаш син, туку маѓепсник.
Свети Вит викна:
- Не сум маѓепсник, туку слуга на Господа Семоќниот, Кој за време на својот живот на земјата мртви воскреснуваше, по водата како по суво одеше, разбрануваното море го стишуваше, неизлечиви болести лекуваше, а и сега го прави тоа со Својата семоќна сила. Јас сум Негов слуга и се трудам да ги исполнам заповедите Негови. Твоите богови нека ја исцелат раката твоја ако можат.
Кнезот го праша:
- А можеш ли ти да ја исцелиш?
Светиот одговори:
- Можам со името на мојот Исус Христос.
Тогаш исцели ме за да се уверам дека си слуга на вистинскиот Бог, - рече кнезот.
Светиот маченик ги крена очите кон небото и рече:
- Боже, Оче небесен! Послушај ме мене, недостојниот слуга Твој, за присутните овде да видат и поверуваат во нашиот Господ Исус Христос, Синот Твој, вистинскиот и семоќен Бог, Кој ти соцарува Тебе заедно со Светиот Дух. Дај, со името на единородниот Твој Син да се исцели раката на кнезот.
Штом светиот така се помоли, веднаш се исцели раката на Валеријан и тој го предаде момчето на таткото, велејќи:
- Води го дома и советувај го да им принесе жртва на боговите, за да не загине.
Гилас многу се трудеше да го придобие својот син во своето безбожие, но никако не успеваше. Дури нареди да подготват за него ложници, раскошно украсени, и во нив го затвори и одреди да му служат најубави девици, за да му прислужуваат и да го заведат. Но, целомудреното момче Му се молеше на Бога, и одненадеж во ложницата заблеска светлина и се појавија блескави лица, дванаесет на број. Се почувствува прекрасен мирис кој излегуваше од нив, и толку се разлеваше низ воздухот што ја исполни целата куќа, та неговиот татко, восхитен и запрепастен, викна:
- Какво е ова големо чудо? Од каде доаѓа овој мирис, кој што ни во храмовите на нашите богови не сме го почувствувале?
Потоа рече:
- Боговите дојдоа кај мојот син. Кога ѕирна на вратата ги виде ангелските лица, со крилја како на орли, кои блескаа со неискажлива убавина и пееја: Свет, Свет, Свет Господ!
Од тој силен блесок Гилас веднаш ослепе, оти имаше нечисти очи, недостојни да ја гледаат ангелската светлина, сокриена на небесата, зашто таа светлина можат да ја видат само оние со чисти душевни очи.
Кога виде дека татко му ослепе, блажениот Вит беше трогнат и започна да Му се моли на Бога да се смилува на него. По молитвата додаде: „Сепак, Господи, нека се изврши не мојата, туку волјата Твоја. Нека биде онака како Ти е угодно Тебе“.
А Гилас од силните болки викаше на помош, та сите домашни, робови и робинки, плачеа и целиот град дозна што му се случило. Дојде и кнезот Валеријан, и кога го виде Гилас слеп, го праша како ослепел, а тој му рече:
- Во ложницата на мојот син видов крилести богови, со очи како ѕвезди, а изглед како молња. Не можејќи да го поднесат нивниот блесок, моите очи го изгубија видот.
Валеријан рече:
- Сигурно боговите што си ги видел се многу моќни. Треба да им се помолиш да те исцелат. Па го одведе во зевсовиот храм и тој му се молеше на Зевс да му ги исцели очите, ветувајќи му златорог телец а исто таков и за богињата Веста. Но не само што не доби исцеление од нив, туку болките му се зголемија. А свети Вит ги преклони колената пред Господа и се молеше за својот татко, велејќи:
- Господи, ти слепиот Товит си го просветил. Покажи милост кон мојот татко, ако Те познае Тебе.
Воден од своите слуги, Гилас се врати неисцелен од идолскиот храм. Влезе во собата каде што се молеше свети Вит, падна пред неговите нозе и рече:
-Мили сине, исцели ме.
Свети Вит му рече:
- Ако сакаш да добиеш исцеление, одречи се од твоите богови.
Гилас одговори:
- Како да се одречам?
Свети Вит му рече:
- Нарекувај ги демони, и немој да ги почитуваш идолите, зашто се бездушни и непотребни. Ако постапиш така, веднаш ќе оздравиш.
Гилас рече:
- Се одрекувам од Боговите и ветувам дека ќе сторам сѐ што ми наредуваш.
Свети Вит рече:
- Знам дека срцето ти е закоравено и дека не ја зборуваш вистината, но, иако си недостоен, јас ќе ја покажам на тебе силата на мојот Господ, заради присутните овде, за тие да поверуваат и да Го прослават името на мојот Господ Исус Христос.
Тој ги стави рацете врз болните очи на татка си, се помоли на Бога, и тој стана здрав и прогледа. Но наскоро наместо да Го познае вистинскиот Бог и да Му заблагодари, Гилас започна да хули на својот Добротвор, вака зборувајќи му на синот:
- Не ме исцели твојот Бог, туку моите богови на кои им служам и на кои им ветив дека ќе им принесам жртви. И ги величаше своите нечисти богови и им благодареше. Потоа појде во идолиштето, им принесе нечисти жртви, а ѓаволот толку го скамени неговото срце и го заслепи со злоба и омраза спрема сопствениот син, што реши да го убие. Но Господ испрати Ангел Свој да го чува. Ангелот му се јави во облик на прекрасно момче на гореспоменатиот Модест, кој веруваше во Христа, и му рече:
- Поведи го момчето и со него појди кај морето. Таму ќе најдеш бротче. Качете се во него, и ќе појдете во земјата што ќе ви ја покажам. Модест му рече на Ангелот:
- Господи јас не знам каде да одам.
Ангелот одговори:
- Јас ќе ве водам.
Тој стана, го зеде светото момче и неговата дадилка Крискентија, верната слугинка Христова, и се упати со нив кон морето, одејќи по Ангелот. На морскиот брег Ангелот како да го искушува свети Вит му рече:
- Во која земја ќе одиш?
Свети Вит одговори:
- Каде ќе нѐ води Господ, таму.
Ангелот праша:
- Со што ќе платиш?
Момчето одговори:
- Оној, на Кого што Му служам, ќе ти плати.
Тогаш отпловија од Сицилија. По кратко време се најдоа во една италијанска покраина наречена Луканија, во местото Алекторија. Кога излегоа ва брегот Ангелот во облик на момче исчезна.
На реката Силар се одморија под едно лиснато дрво. Тоа место многу им се допадна и тука се населија, а Бог им испраќаше храна. И започна свети Вит да твори многу чудеса, зашто неговото име стана славно во целиот крај и притоа демоните кои тој ги истеруваше од луѓето со силата Божја, викаа:
- Вите, си дошол предвреме да нѐ погубиш.
И многу болни доаѓаа кај него и тој ги исцелуваше сите со молитвата и крсниот знак и ги поучуваше во познанието на вистинскиот Бог и исполнувањето на заповедите Негови. И многу неверни се обраќаа кон Христа и примаа Свето Крштение.
Во тоа време синот на царот Диоклецијан страдаше од беснило, и бесот преку неговата уста викаше:
- Нема да излезам одовде додека не дојде Вит Луканиски!
А царот праша:
- Каде можеме да го најдеме тој човек?
Демонот одговори:
- Крај реката Силар.
Царот веднаш испрати да го доведат. Го најдоа крај реката како се моли, му кажаа зошто го бараат и тој појде со нив заедно со свети Модест, а блажената Крискентија ги следеше. Кога застана пред царот, тој многу се зачуди на неговата убавина, па го праша:
- Ти ли си Вит?
Но светиот не му даде одговор. Тогаш започна да го распрашува Модест, за од него да дознае.
А Модест, прост и стар, не знаеше да одговори како треба. Царот го искара и сакаше да го избрка, но свети Вит одговори:
- Зошто така грозно го распрашуваш старецот? Би требало да го почитуваш барем заради неговите седи коси.
На тоа царот рече:
- Со каква храброст го понижуваш нашето достоинство?
Светиот одоговори:
- Ние немаме гнев зашто го примивме духот на благоста од нашиот Господ Христос. Нашиот Учител е по природа добар, по власт голем, по карактер благ, смирен и кроток. Затоа и неговите ученици треба да се кротки, а не јаросни и гневни како што ти нѐ нарекуваш.
Додека светителот зборуваше, бесот повика од устата на царевиот син:
- О, Вите! Зошто пред време луто ме мачиш?
Светителот не му одговори на бесот, а Диоклецијан праша:
- Можеш ли да го исцелиш мојот син?
Светиот одговори:
- Твојот син може да оздрави, но јас не можам да му дадам здравје туку Христос, Синот Божји, Чиј што слуга сум. Ако посака Он може преку мене, слугата Свој, да го избави од демонското насилство, бидејќи е семоќен.
Диоклецијан започна да го моли да го исцели синот а светиот му пријде на бесомачниот, ја стави раката врз неговата глава и рече:
- Во името на нашиот Господ Исус Христос, нечист духу, излези од створението Божјо!
И веднаш бесот излезе, но им наштети на присутните. Со допуштање Божјо ненадејно уби многу неверни кои му се потсмеваа на свети Вит со зборови или во мислите, и нивните нечисти души ги однесе како свој плен во адот.
Царот се восхитуваше и ужасуваше од овој настан, и наместо да ја познае силата на името Христово и да го прослави единствениот вистински Бог, започна да размислува како да го придобие Вит.
Прелестен од убавината на светото момче, тој ласкаво започна да го убедува и да му нуди скапоцени работи, злато и почести, но светиот го одби сето тоа, велејќи му дека Бог ќе го облече во нераспадлива и бесмртна облека во Царството Небесно. Царот почна да му се заканува со маки а светиот му рече дека сака да биде мачен за да го добие венецот од Гопода. Тогаш Диоклецијан нареди свети Вит и Модест да ги затворат во најмрачната и најсмрдлива темница, да им стават окови и со неговиот царски прстен да ја запечатат вратата и прозорците, за да не може никој да им даде леб или вода, зашто сакаше да ги усмрти со глад и жед. Во темницата ненадејно ги осветли светлина која стражарите ја видоа низ отворот на вратата, а свети Вит повика:
„Дојди ни на помош, Боже! Поитај и избави нѐ, како што си ги избавил Трите момчиња од вжештената печка и Сузана од беззаконите лажни сведоци“ (Дан. гл. 3 и 13).
Додека светиот се молеше, се затресе земјата во темницата, блесне силна светлина и неискажлив мирис се разли низ воздухот. И му се јави нашиот Господ Исус Христос и рече:
- Стани, Вите! Биди силен зашто Јас секогаш сум со тебе.
Господ стана невидлив, а оковите паднаа од нив и се претворија во прав. Светите започнаа да пеат а се слушаа и ангелски гласови, кои им припеваа. Стражарите, пак, се преплашија од тоа и станаа како мртви. Кога си дојдоа на себе отрчаа кај царот и со трепет го известија за сѐ. Мислејќи дека тоа се христијански маѓии, царот го повика управителот на театарот и нареди за утрешниот ден да подготви гледалиште, за да ги фрли затворениците на ѕверовите. Притоа рече:
- Ќе видам дали Христос ќе може да ги избави од моите раце.
Утредента ги изведоа на гледалиштето и свети Вит го соколеше блажениот Модест да не се плаши, зашто им се ближи венецот од Бога. Се беа насобрале околу пет илјади луѓе без жените и децата кои беа безбројни. Диоклецијан го праша свети Вит каде се наоѓа сега, но тој молчеше. Повторно прашан, тој ги крена очите кон небото, и му рече брзо да го прави тоа што го намислил. А царот му рече да се смилува на себе и да им принесе жртва на боговите. Додека светиот упорно одбиваше, царот многу се разјари и наместо да пушти ѕверови, нареди да се подготви врел котел со олово, сулфур и смола, и во него да го фрлат Вит, велејќи: „Сега ќе видиме дали ќе му помогне неговиот Бог“.
Светителот се прекрсти, влезе во врелиот котел, и во тој час дојде Ангел Господов, го разлади казанот, а маченикот пееше: „Господи, Ти преку слугите Твои Мојсеј и Арон си ги избавил Израилците од тешкото египетско ропство. Јави ни ја милоста Своја и нам, за слава на светото име Твое.
Потоа погледна во царот и рече:
- Диоклецијане, ти благодарам што ми подготви удобна бања, недостига само сапун.
Народот силно повика:
- Ние никогаш не видовме такво чудо, навистина е голем Богот на ова момче!
Светиот излезе од котелот без никаква повреда и започна да го укорува царот:
- Засрами се, ѓаволе, кога гледаш колкава сила јавува мојот Господ преку мене!
Разјарениот цар нареди да доведат голем и страшен лав, и му рече на свети Вит:
- Зарем и лавот ќе го победат твоите маѓии?
Маченикот одговори:
- Безумнику, зарем сѐ уште не ја позна силата Христова во мене, Чиј што ангел наскоро ќе ме земе од твоите крвнички раце?
Кога лавот тргна кон светителот, тој се прекрсти, а лавот падна пред неговите нозе и му ги лижеше стапалата. Свети Вит рече:
- Еве, дури и ѕверот му оддава чест на мојот Бог, а ти не сакаш да Го познаеш својот Творец. Дури и сега да поверуваш во Него, ќе се спасиш.
Царот одговори:
- Во Него верувај ти и твојот род.
Светителот се насмевна и рече:
- Вистината ја изговори, зашто јас и сиот мој род, препородени со бањата на светото Крштение, се надеваме да го добиеме венецот на животот во Царството на нашиот Бог.
Во тоа време многу народ поверува во Христа, околу илјада на број. Царот го праша маченикот:
- Тебе ниту огнот ниту ѕверот не можат да ти наштетат. Со какви маѓии го скротуваш и ствараш восхит кај народот, та многумина веруваат во тебе?
Маченикот одговори:
- Не користам никакви маѓии. Сето тоа го чини силата на мојот Бог Христос. Огнот и ѕверот, како созданија Божји, се покоруваат на волјата на својот Создател, а не мене, и го почитуваат Творецот свој, на твој срам. Огнот, иако е бездушна твар и ѕверот, како бесловесно створение, Го знаат Бога, Кој ги создал. А ти, иако имаш разумна душа, не сакаш да Го познаеш Бога, та си полош од бессловесните и бездушни твари.
Царот нареди да го обесат на дрво заедно со Модест, а со нив и света Крискентија, доилката Витова, која дојде таму, изјави дека е христијанка, и го изнавреди царот за неговото безбожие и нечовечност. Потоа даде заповед со железни нокти да им ги стругаат голите тела, а свети Вит му рече:
- Ти докажуваш дека твојата сила е немоќна и достојна за потсмев, штом мачиш жена. Толку бездушно ги мачеа, така што месото им отпаѓаше, и им се гледаа коските и сета внатрешност. А свети Вит повика кон Господа:
- Боже, во име Твое, спаси нѐ, и со силата Твоја избави нѐ!
И веднаш се затресе земјата, и удрија громови и молњи, та испопаѓаа идолските храмови и изгинаа многумина од присутните неверници. Некои беа затрупани под урнатините на куќите, а некои убиени од громовите и молњите. Царот се преплаши и побегна, удирајќи се по лицето и викајќи:
- Тешко мене, зашто ме победи едно толку младо момче!
Ангелот Господов ги ослободи светите маченици од дрвото, ги пренесе во Луканија, на нивното место крај реката Силар и ги стави под дрвото, под кое застанаа кога дојдоа од Сицилија. Кај нив дојдоа многу христијани. Тогаш свети Вит Му се помоли на Бога:
- Господи Исусе Христе, Сине на Живиот Бог, прими ги во мир нашите души. А оние кои ќе го почитуваат споменот на нашето страдање во слава Твоја, сочувај ги од секое зло и непречено приведи ги во Небесното Царство Твое.
Тогаш се слушна глас од небото, кој му рече:
- Молитвата твоја е услишана!
Светиот им се обрати на присутните христијани:
- Браќа, нашите тела погребете ги овде, а ние, по нашето заминување, ќе Го молиме Господа за вас, да добието сѐ што ќе побарате за ваше спасение.
По овие зборови светите маченици со радост истовремено ги предадоа своите души во рацете Божји. Верниците ги завиткаа нивните тела во плаштаници со мириси, и чесно ги погребаа на тоа исто место наречено Марјана. Свети Вит пострада со свети Модест и Крискентија на петнаесетти Јуни, за време на римскиот цар Диоклецијан, додека меѓу нас царува нашиот Господ Исус Христос, Кому чест и слава низ сите векови. Амин.
СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ДУЛА
Во времето кога демонските угодници му служеа на ѓаволот, и идолопоклоничкото маѓепсништво и заблуда јакнеа, односно кога со Киликија управуваше игемонот Максим, кај него беше обвинет слугата Христов Дула, човек од таа област, праведен и богобојазлив, за кого целиот народ сведочеше дека води доблесен живот, и дека во сѐ се држи до правдата. На игемонот му беше доставено дека Дула ја исповеда верата Христова. Затоа беше затворен во темница. Притоа писарот му рече на игемонот:
- Управителу, според твојата наредба началниците ја пребараа целата киликиска област, сѐ до градот Зефир, и фатија еден следбеник на безбожната христијанска вера. Еве го пред твојот пресветол суд.
Игемонот рече:
- Кога ќе ги посетам тие градови ќе наредам затворениците кои се по темниците таму, да се водат по мене, за да ги мачам по патот на специјални места.
Наскоро потоа игемонот тргна во градот на Зефирскиот крај Преторијада. Таму нареди пред него да го изведат на суд блажениот Дула, кој вака се молеше кон Господа:
- Господи Исусе Христе, Сине Божји, извору на милоста, Ти преку пророкот Свој Давид си рекол: „Отвори ја устата своја и Јас ќе ја наполнам“ (Пс. 80, 11). И во Евангелието Свое Ти си рекол: „Не грижете се како и што ќе зборувате“ (Матеј 10, 19). И сега Ти испрати Свој Ангел и дај ми зборови со кои ќе го изобличам безбожието на нечистиот Максим. Ако треба да страдам нема да се плашам од маките, зашто ќе те имам Тебе пред очи, и со радост ќе го предадам своето тело на мачење. Ако не го сторам тоа, на какви блага ќе можам да се удостојам? Каков венец ќе примам? Какви рани ќе ти принесам на Тебе, мојот Господ, та за нив да ја јавиш Својата милост и да ми дадеш прошка на гревовите?
Додека Дула така се молеше, војниците му ја соблекоа горната облека и врзан го изведоа пред игемонот. Тој го праша:
- Кажи ми, како се викаш?
- Јас сум слуга Христов, - му рече Дула.
На тоа Максим рече:
- Кажи ни го твоето име, а не христијанското.
Блажениот одговори:
- Зарем не ти го кажав? Моето вистинско име е христијанин, а луѓето ме викаат Дула, и така се викам, зашто навистина сум слуга Христов.
На тоа игемонот рече:
- Ти сѐ уште не си искусил страв од судот и маките и затоа дрско раззговараш со нас. Значи, кажи ни од каде си и од каков род?
Светиот одговори:
- Родум сум од оваа киликиска област, од Преторијада, од висок род сум и христијанин од детството.
Максим рече:
- Ако си од висок род, тогаш си должен да им се покоруваш на непобедливите цареви. Затоа појди во храмот и принеси им жртви на боговите, за да бидеш почитуван и да добиеш големи почести од големите цареви.
На тоа светителот одговори:
- Вашите почести и сета ваша власт нека останат кај вас и кај оние што не Го познаваат вистинскиот Бог. Јас сакам да успевам во верата во мојот Господ Исус Христос.
Игемонот нареди да го положат на земјата и да го тепаат со железни стапови. Притоа им рече на слугите:
- Вразумете го за да се откаже од своето безумие.
Додека го тепаа светиот страдалник говореше кон Господа:
- Ти благодарам, Христе, што ме удостои да го трпам ова, заради Светото име Твое.
Кога ги слушна овие зборови, Максим започна да го навредува.
- Како сега ќе ти помогне Христос, кога сиот си изнаранет? Зарем сѐ уште не можеш да сфатиш, безумен човеку?
Маченикот одговори:
- Зарем свети апостол Павле не вели: „Никој не добива венец ако не биде законски мачен“ (2 Тим. 2, 5).
Тогаш игемонот го праша:
- Значи, ако сега бидеш мачен, потоа ќе се удостоиш на венец?
Светиот одговори:
- Јас сега војувам против твојот татко, ѓаволот, и ако те победам ќе добијам венец на небото.
Тогаш мачителот го праша:
- Зошто си толку луд, та веруваш во човек распнат на крст?
Свети Дула одговори:
- Зарем е подобро да се верува во камени и дрвени идоли, кои се дело на човечките раце, отколку во животот на Богочовекот и вистински Господ, кој по Својата волја беше распнат за нас?
Тогаш Максим рече:
- О, беззаконику! Зарем мислиш дека големиот Бог Аполон е дело на човечките раце?
Светиот му одговори:
- Самото негово име значи погубувач, и пригрлен кон него ти си ја погубил својата душа и душите на оние кои што ги присилуваш да му се поклонуваат. Но, знај, дека вистинскиот Бог, Кој живее на небото, ќе ги бара од тебе душите на оние што си ги упропастил. А нечестивиот Аполон бил како тебе невоздржлив и обземен со нечиста љубов спрема една жена викана Дафна. Тој ѝ даде многу злато, но не го доби ветеното од неа. Те прашувам тебе сега, кажи ми каков бог е тој, кога обземен со телесна љубов, не можеше да ја предобие љубовта на жената која многу ја сакаше? На што тогаш ти можеш да се надеваш од него? Сѐ што се зборува за него меѓу вас навистина е достојно за потсмев, а многу нешта и за плачење. Кажи ми, те молам, зарем ти му се поклонуваш како на бог на оној Аполон, кого што одвратната и полна со секоја нечистотија блудница, не го сметаше за ништо и му плукаше в лице? Гледаш ли колку се достојни за плачење вашите безбожни дела?
Максим им рече на слугите кои го тепаа:
- Свртете го и тепајте го по стомакот.
Тогаш командирот на војничката стража, Атанасиј, му рече на светиот:
- Послушај го игемонот! Зарем не гледаш дека утробата ти се кине?
Светиот му одговори:
- Подобро ти послушај ме, па посоветувај се себеси и својот игемон како да ја наговорите блудницата Дафна да се согласи да живее блудно со вашиот бог Аполон, и да ја исполни неговата желба, за тој, распален со љубов кон неа и без да добие остварување на својата желба, да загине со зла смрт.
- Што се однесува до мене, јас за свој советник Го имам Господ Исус Христос.
Тогаш мачителот нареди да донесат железна решетка и им рече на слугите:
- Вжештете ја што посилно и положете го врз неа хулителот на нашите богови.
Блажениот страдалник рече:
- Ти заблагодарува твојот Аполон, кој се наоѓа во пеколот, што му го зголемуваш незгасливиот оган. А тој ќе ти возврати со тоа што и ти заедно со него ќе бидеш фрлен во крајна темнина.
Кога речиси целосно го испекоа неговото тело, но сепак не можеа ниту со лукавите предлози ниту со маките да го натераат да ја напушти верата во Христа, игемонот нареди изнамачениот страдалник да го одведат во најмрачна темница и да го остават потполно сам, без никаква грижа за него. Притоа додаде: Никој да не го нарекува овој човек блажен. Подложен е на големи маки затоа што ги исмева нашите богови.
Во таа темница свети Дула постојано Го славословеше Бога и Го молеше да му даде добар крај на подвигот на мачеништвото.
По пет дена игемонот повторно праша:
- Жив ли е најлошиот следбеник на безбожното христијанско мудрување? Доведете го ваму!
Военоначалникот Атанасиј одговори:
- Тој е толку непоколеблив во својата вера, и толку здрав, како да нема ниту една рана по телото.
Тогаш нареди да го доведат. Кога виде дека е потполно здрав и со светло лице, игемонот им рече на војниците:
- О, бедни стражари, зарем не ви заповедав да не се грижите за него?
Старешината на писарите Пигасиј одговори:
- Се колнам дека го држевме во најмрачната одаја на темницата и дека на неговата врата висеше железниот лик на Херкул, тежок триста литри, а како тој се исцелил, никој од нас не знае.
Тогаш светиот маченик рече:
- Безумен игемону, ме исцели мојот Христос, за да можам да ги поднесам и маките на кои повторно ќе ме ставиш. Он го стори тоа за да познаеш дека нашиот Бог е лекар Кој на чудесен начин ги исцелува луѓето што се надеваат на Него. Но, кога ти би претрпел такви маки за твојот Аполон, зар би можел тој да те исцели како што мене ме исцели мојот Христос? Разјарениот игемон рече:
- Бидејќи овој не престанува да хули на нашите богови, истурете му масло врз главата, па запалете го.
На тоа маченикот рече:
- Што ќе постигнеш ако ми го изгориш мозокот? Подобро измисли други маки.
Тогаш игемонот нареди:
- Тогаш во носот ставете му горчливи семиња.
Светиот маченик одговори:
- Смешни се сите маки на кои ме ставаш.
Тогаш игемонот им нареди на слугите уште посилно да му ги стругаат плеќите со железни нокти, залевајќи му ги раните со силен оцет и стругајќи ги со остра ќерамида.
Светиот страдалник се молеше:
- Господи Исусе Христе, помогни ми, зашто еве на плеќите мои ораат грешници, продолжувајќи ги беззаконијата свои (Пс. " 128, 3).
Тогаш игемонот му рече:
- Барем сега вразуми се, па признај ги боговите наши.
Свети Дула одговори:
- Твоите богови, особено Афродита и Артемида, нека ти помогнат во злобата твоја. А ако сакаш ќе ти раскажам и за другите твои богови и за нивната бесрамност.
Игемонот им нареди на слугите:
- Скршете му ги вилиците за да не хули на боговите.
И му ги скршија за да не може ниту збор да изговори, но тој рече:
- Беззакони игемоне! Зошто ме тепаш кога ти ја зборувам вистината? Твојата Афродита и останатите богињи го поминале својот живот во блуд, па дури и во својот спор околу тоа која од нив е посладострасна за судија меѓу нив поставиле некој чобанин Парис. Зошто се лутиш кога ти зборувам за одвратните дела нивни?
Само мојот Бог е вистинит, Кој доброволно стана човек, и беше распнат на крст, и беше погребан, и воскресна во третиот ден, и седна од десната страна на Бога Отецот, и ќе дојде со оган да ги уништи твоите богови.
Игемонот му рече на светиот:
- Гледаш ли дека и ти имаш два Бога:
На тоа блажениот одговори:
- Не залажувај се, зборувајќи за два Бога, зашто Троица е Божество кое ние го почитуваме.
Тогаш игемонот рече:
- Значи ти имаш три бога?
Маченикот одоговори:
- Јас ја исповедам и почитувам Троица: Верувам во Отецот, Го исповедам Синот, се поклонувам на Светиот Дух.
Тогаш игемонот рече:
- Објасни ми, како ти веруваш во еден Бог а исповедаш три?
Светиот маченик одговори:
- Иако си телесен човек и не го разбираш она што е од Духот Божји (1 Кор. 2, 14), сепак ќе ти одговорам заради присутните луѓе. Како што ти, како човек, имаш говор и дишење, така и Семоќниот Бог Отец го има Своето Слово и Сесветиот Дух Свој. Овој наш Бог на почетокот го створи човекот и го почести со својот лик, вдахнувајќи го во него духот на животот и го насели во рајот. Но, кога сатаната, кој сега преку тебе ја спроведува својата волја, го наведе човекот на престапување на заповедите Божји, како што тој и сега го прави тоа преку тебе, и го оттргна од заповедите Божји, тогаш Бог, сакајќи паднатото и заблудено створение на рацете Свои да го подигне и да го изведе на патот на вистината, го испрати на земјата Својот Син, односно Словото. И ова Слово Божја се всели во Пречистата Дева и се роди од Неа. Преку Него Бог Отецот и му даде спасение на светот.
Тогаш игемонот го праша:
- А какво пак Слово раѓа човекот?
Светителот одговори:
- Ти не ги разбираш Божјите тајни. Кога би ја познал силата на Семоќниот Бог, тогаш ти би разбрал дека токму Христоси е Оној Кој го создаде човекот од прав, и ја основа земјата на вода, и ја утврди небесата, и ја створи сета природа. Но, бидејќи човечката природа не можеше да го види Божеството, Милосрдниот Господ од љубов кон човечкиот род стана човек и зеде на Себе човечка природа, за, како што преку едниот првосоздаден човек смртта влезе во светот, така со едниот Човек Господ, нашиот Исус Христос, да влезе воскресението на мртвите.
Игемонот праша:
- Што зборуваш? Зарем ќе има воскресение на мртвите?
Светиот маченик одговори:
- Да, ќе има. Зашто како Бог ќе му суди на светот ако мртвите не станат?
На тоа игемонот рече:
- Не сакам да ми зборуваш лажни зборови, туку верувај дека како што ќе умреме така и мртви ќе лежиме.
Маченикот одговори:
- Вистината ја рече дека вие сте мртви, зашто верувате во мртви идоли и затоа никогаш нема да дојдете во воскресението на животот, туку ќе излезете во воскресението на судот и вечните маки. И сите луѓе ќе застанат пред судот Христов и ќе дадат одговор за сѐ што сториле.
Тогаш мачителот нареди со синџири да го врзат и заклучен да го држат во темницата.
Утредента рано наутро Максим повторно го изведе на суд и го праша:
- Каква корист имаш беднику од бесрамното хулење на нашите богови?
Блажениот одговори:
- Ќе примам голема награда од мојот Бог, а тебе уште жив ќе те стигне Божјата казна.
Сакајќи да го оскверни со идолска жртва, Максим им рече на слугите:
- Ставете му во устата жртвено месо и вино.
Блажениот одговори:
- Макар и целиот твој нечист жртвеник да го излееш во мојата уста, нема да го оскверниш слугата Божја.
Мачителот извика:
- Погледни, беден човеки! Ти веќе вкуси од приносот од нашите жртвеници!
А светиот маченик одговори:
- Тоа не ми штети, одвратен и безумен игемоне.
Тогаш нареди да го обесат на дрво, да му го стругаат телото сѐ до внатрешноста, и да му ја искорнат вилицата и брадата.
Светиот маченик рече:
- Безумнику, знаеш ли дека твојот татко ѓаволот те наговори да го сториш тоа? Бидејќи телото му беше истругано до коските и вилиците искорнати, игемонот нареди повторно да го фрлат во темница. Потоа, на тргнување во Тарс, град Киликиски, Максим нареди по него да го водат и Дула. По неколучасовно одење светиот маченик Дула се прекрсти и ја предаде својата многустрадална душа на Бога. Го повезоа мртов. Во близина на Тарс старешината на темницата го извести игемонот дека Дула, кој срамно хулел на боговите, веќе умрел и сега го носат неговото мртво тело, па праша што да прават со него?
Игемонот нареди да го фрлат во длабока јама за да остане непогребано. А војниците го зедоа телото на светителот и го фрлија во реката која течеше во Зефирскиот крај. И кога телото доплови до едно село, близу градот Преторијада, и лежеше таму на брегот, кучињата на тамошните овчари го намирисаа, и едно од нив, чувајќи го, не им дозволуваше на птиците да се допрат до него. А друг пес, повлече со забите овчарска кабаница ја однесе и со неа ги покри моштите на светиот маченик. Кога го видоа тоа овчарите раскажаа во селото и во градот, и веднаш многу верници дојдоа, побожно го зедоа телото на светиот маченик, и Му благодареа на Бога што не ги лиши од толку скапоцениот бисер. Потоа богобојазливо и чесно го погребаа, славејќи Го нашиот Господ Исус Христос, со Отецот и Светиот Дух славениот за навек. Амин.
ЖИТИЕТО НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ДУЛА СТРАДАЛНИКОТ
Во една киновија во Египетската земја монах беше блажениот Божји слуга Дула. Смирен и кроток, тој со умот беше голем и славен. Понижуван, навредуван и плукан од сите, овој угодник Божји секогаш се радуваше и веселеше со духот. Оние што го понижуваа ги сметаше за невини и се молеше на Бога за нив, да не им го зема тоа за грев. Фрлајќи ја сета вина на ѓаволот, зашто тој ги смутува браќата, тој силно се вооружи против него и со својата незлобивост и молитва ги победуваше сите негови лукавства.
Овој подвижник во такво трпение помина дваесет години, таејќи непоколеблива кротост и смиреност во своето срце.
Ѓаволот не знаеше како да му наштети на кроткиот подвижник, па измисли таква лукава замка, та не само што му наштети на Дула, туку ги натажи сите браќа и ги смути безмолвниците. Всушност, ѓаволот наговори еден брат, кој немаше страв Божји, да влезе ноќе во црквата и да ги украде сите свети предмети. Откако го стори тоа, тој сокри сѐ што украде, па се затвори во својата ќелија како да не излегувал. Утредента пареклисиархот влезе во црквата да ги запали кандилата и виде дека сите предмети се украдени. Веднаш појде и го извести авата за тоа. Потоа по обичај удри во клепалото и сите браќа се собраа во црквата на утринска богослужба. По утрената авата и пареклисиархот ги запознаа браќата дека црквата е покрадена и сите се вознемирија. Се случи тој ден блажениот Дула да биде болен и да не дојде на утринското правило. Некои од браќата рекоа:
- Не ги украл никој освен братот Дула, и затоа не дојде. Ако не го сторил тоа ќе дојдеше на полуноќницата пред сите, како што секогаш имаше обичај.
И испратија по него да го доведат во храмот. Испратените го затекнаа како стои на молитва иако беше болен. Тие го фатија, и насилно го повлекоа кон црквата, а тој ги прашуваше: „Што се случува браќа? Зошто ме влечете кога јас сакам доброволно да појдам кај светите отци?“ А тие го навредуваа и караа, велејќи:
- Богохулнику, недостоен за живот, нели ти беше доволно што толку години нѐ вознемируваш, па сега и на душите наши се потсмеа.
А тој одвраќаше:
- Простете ми, браќа, јас згрешив.
Го доведоа кај авата, и насобраните Отци, остарени во подвижништвото, рекоа:
- Еве го човекот кој од самиот почеток нѐ вонемирува и го разорува нашето општожитие.
И започнаа еден по друг да го клеветат. Еден велеше дека го видел како тајно јаде зелје, друг како краде леб и го раздава надвор од манастирот, трет како кришум пие добро вино. И така сите лажно зборуваа против него лоши работи.
Авата и отците со него им поверуваа на клеветите и го прашуваа невиниот Дула дали е вистина тоа што го зборуваат за него, а особено го распрашуваа за украдените работи и каде ги сокрил. На почетокот свети Дула се правдаше и тврдеше дека не е виновен, а потоа, кога виде дека не му веруваат, замолкна и само изговараше:
- Простете ми, свети отци, грешен сум.
Тогаш авата нареди да му ја соблечат монашката облека и да го облечат во световна, велејќи:
- Таквите дела не се достојни на монашкиот чин.
Тој горко заплака, погледна во небото, и гласно рече:
- Господи Исусе Христе, Сине Божји, ради светото име Твое јас се облеков во овој лик, а сега, заради моите гревови тој е соблечен од мене.
Авата нареди да му стават окови и да го предадат на економот. Тој го расоблече и започна силно да го тепа со воловски жили, прашувајќи го дали е вистина тоа што го зборуваат за него.
Иако со солзи во очите, Дула се насмевнуваше во невиноста своја, и велеше:
- Простете, згрешив.
Кога виде дека се насмевнува, економот уште повеќе се разлути, па го фрли во темница, му ги стави нозете во клада, и му напиша писмо на градскиот кнез, известувајќи го за кражбата и за братот Дула.
Кнезот веднаш испрати сурови слуги да му го доведат Дула како крадец. Тие го фатија слугата Божји, го качија на неоседлано осле, му ставија тешки синџири околу вратот и го влечеа низ градот и му се потсмеваа.
Кнезот го праша:
- Од каде си? Како се викаш? Зошто си станал монах? Како ги украде црковните предмети и каде ги сокри?
А Христовиот страдалник не одговараше ништо освен: „Согрешив, простете!“
Кнезот нареди гол да го положат на земјата и беспоштедно да го тепаат со воловски жили. По долгото тепање, блажениот со насмевка му рече на кнезот:
- Тепај ме, тепај, среброто мое ќе го направиш уште почисто.
Кнезот рече:
- Безумнику, на телото твое и на ребрата твои ќе ти направам сребро почисто од снег.
И веднаш нареди под стомакот да му ставаат многу жар, а врз раните да му излеваат оцет помешан со сол. На трпението на блажениот Дула се восхитуваа дури и присутните и велеа:
- Кажи каде си ги сокрил свештените предмети, па ќе бидеш ослободен.
А тој одговараше:
- Немам ни сребро, ни никакви садови.
Потоа кнезот нареди да го одведат во темница.
Утредента ги повика настојателот со монасите, и им рече:
- На многу тешки маки го ставив вашиот брат, кого го обвинувате за кражба, но не најдов ништо лошо во него.
Монасите на тоа му рекоа:
- Господине кнезу, освен кражбата овој бедник изврши уште многу други зла, и ние досега го трпевме ради Бога, во очекување да се поправи, но тој стана уште полош.
Тогаш кнезот ги праша:
- Па што да правам со него?
Монасите одговорија:
- Постапи според законот.
Законот налага, рече кнезот, на крадците на светите премети да им се отсечат рацете.
На тоа монасите рекоа:
- Нека пострада според законот и нека ја добие казната според своите дела.
Тогаш кнезот нареди да го доведат страдалникот, и пред сите го испрашуваше:
- Упорен беднику, кажи ни ја вистината за кражбата за која те обвинуваат, па ќе бидеш ослободен од смртта.
Невиниот Дула одговори:
- Сакаш ли, кнезу, да го кажам против себе она што не сум го сторил? Не сакам да зборувам лаги за себе, зашто секоја лага е од ѓаволот.
Потоа додаде:
- Ништо не сум сторил.
Кинезот виде дека блажениот Дула не се прогласува за виновен, а монасите бараат да му се суди според законот, па пресуди рацете да му бидат отсечени. И невиниот старец Дула го поведоа на местото каде што се извршувале казните над осудениците.
Во тоа време на монахот кој ги украде свештените предмети му дојде умиление и самиот си велеше на себе: „А ако некако сега или подоцна се пронајдат предметите што ги украдов? Но, ако не сега, ова мое злодело сигурно ќе се објави во денот на праведниот Суд Божји. Што ќе правам тогаш јас, бедниот? Каков одговор ќе дадам за ваквиот двоен грев? Јас ги украдов предметите а невинот брат на маки го предадов!“
И веднаш појде кај настојателот и му рече:
- Аво, веднаш испрати некого кај кнезот, да не му ги отсече рацете на братот, зашто се најдоа свештените предмети.
И авата веднаш испрати кај кнезот, и страдалникот Дула беше пуштен пред да му ги отсечат рацете. Кога го доведоа во лаврата, бидејќи се обелодени неговата невиност, на сите им стана јасно дека кражбата е дело на друг монах. Браќата започнаа да паѓаат пред нозете на преподобниот и да го молат: Прости, ти згрешивме!
А тој, плачејќи велеше:
- Простете ми, отци и браќа, многу ви благодарам, бидејќи за краткотрајните страдања што ми ги приредивте ќе се избавам од вечните маки, и по милосрдието Божјо ќе се удостојам на големи блага. Секогаш кога ги слушав вашите излишни прекорни зборови против мене, јас се радував и се надевав дека со тоа ќе се избавам од големиот срам за гревовите мои, кога Господ ќе дојде во славата своја и ќе ги објави помислите на срцата. Сега уште повеќе се радувам што невино пострадав, зашто знам какви блага им приготвува Бог на оние што ќе претрпат маки ради Него. Само една работа ме тишти во однос на вас. Господ да не ви го земе за грев тоа што неправедно постапивте со мене. Го молам милосрдниот Бог да ви прости.
Преподобниот Дула поживеа уште три дена, па отиде кај Господа, и никој не знаеше за неговото заминување. Но, еден брат, кој беше одреден да ги буди браќата за полноќна молитва, затропа на вратата на преподобниот и кога по трет пат не доби одговор, појде и повика друг брат. Донесоа свеќи, ја отворија вратата и го најдоа преподобниот како на колена стои среде ќелијата, зашто творејќи поклони од душа отиде кај Бога со молитва. Без да се осмелат да го допрат, тие го оставија и отидоа да го известат Отецот на лаврата дека брат Дула се претставил.
По утрената настојателот дојде, го виде блажениот мртов, и нареди да го подготват и да го донесат во црквата за погребение. Кога го однесоа во црквата и се удираше клепалото, се собраа сите браќа и се допираа до неговото чесно тело како маченичко. Настојателот испрати во соседната лавра и тамошниот ава да дојде со браќата за свечено да го погребаат братот, кој невино пострада.
Туркајќи се кај покојникот, монасите пречеа и затоа авата нареди телото на блажениот да се внесе во храмот и да ја заклучат вратата додека не дојде авата со своите монаси од другата лавра. Околу три часот попладне, кога се беа собрале сите, наредија да се отвори храмот и телото да се постави среде соборот, за да можат сите да го видат и чесно да го погребаат. Но кога пријдоа, не го најдоа телото, туку само облеката и сандалите и сите многу се зачудија и преплашија. Настојателите на двете лаври им рекоа на браќата:
- Гледате ли, браќа, што може да стори долготрпеливото страдање, кроткоста, незлобивоста и смирението. Ете, сега нашиот брат не само со душата туку и со телото замина од нас, со ангелски раце невидливо пренесен на друго место, бидејќи сме недостојни да се допреме до неговото свето тело. На ова чест тој се удостои од Бога, заради своето долготрпеливо страдање, кое со кротост и незлобивост го поднесуваше во смиреноста на срцето. Ние го сметавме за грешник и за недостоен за живот на земјата, а тој се истакна како свет и достоен за небесниот живот со Ангелите. Сега сите сме посрамени, а тој се прослави. Сега ние сме понижени, а тој е крунисан од Христа Господа. Затоа да се потрудиме да се научиме на трпение и смирение, кроткост и незлобивост, имајќи го за пример овој долготрпелив страдалник.
Додека отците на двете лаври го зборуваа тоа, сите монаси горко плачеа, и одлучија секоја година да вршат спомен на светиот преподобен отец Дула Страдалникот, за корист на душите свои, а во слава на нашиот Бог Христос, со Отецот и Светиот Дух славениот сега и секогаш, и низ сите векови. Амин.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ БЛАЖЕНИ ЕРОНИМ
Блажениот Ероним е роден околу 347 година во Стридон во Далмација. Беше многу суров подвижник кон самиот себе, необично учен и трудољубив писател, полн со љубов спрема Господа Христа во сите бури на својот живот. Најпрвин живееше во Рим, Галија и Аквилеја, а потоа во Палестина крај Витлеемската пештера. Постојано беше зафатен со читање или пишување на книги, и речиси никогаш не се одмораше не само дење туку и ноќе. Се упокои на 30 септември во 420-та година.
СПОМЕН НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ БЛАЖЕНИ АВГУСТИН
Се родил во Нумидија Афричка, во градот Тагаст во 354-та година. Благодарејќи на советите, солзите и молитвите на својата мајка Моника е обратен од незнабоштвото во христијанството. Бил голем учител на Црквата на Запад и влијателен писател, со извесни неодобрени крајности во учењето. Триесет и пет години бил епископ Ипонски (близу Картагена) и се упокоил мирно во 430-та година. Зад себе оставил многубројни списи со различни содржини.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ЛАЗАР, кнезот Српски
Беше еден од српските големци кои владееле со српското царство после царот Душан. По смртта на царот Урош, Лазар бил крунисан од патријархот Ефрем за српски цар. Испраќал пратеници во Цариград со монахот Исаија, да моли да се симне анатемата од српскиот народ. Се борел против турската војска во неколку наврати. Најпосле, на Косово Поле, во 1389-та година на 15 јуни, се судрил со турскиот цар Мурат, каде што бил обезглавен. Телото му било пренесено во манастирот Раваница кај Ќуприја, а подоцна оттаму било пренесено во Раваница Сремска, од каде што за време на Втората светска војна (1942 г.) било пренесено во Белград и положено во Соборниот храм, каде што и денес нетлено почива и им дава утеха и исцеление на сите кои со молитва му се обраќаат. Ги обновил манастирите „Хилендар“ и „Горњак“, ги подигнал „Раваница“ и „Лазарица“, бил ктитор и на рускиот манастир „Свети Пантелејмон“ на Света Гора, како и на многу други цркви и манастири.
СПОМЕН НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ ЕФРЕМ, патријархот Српски
Свети Ефрем се родил во близина на бугарскиот град Трново во 1311-та година, за време на царувањето на српскиот крал Стефан Милутин и византискиот император Андроник Палеолог. Како син на свештеник и воспитан во благочестието, тој посакал да му се посвети на монашкиот живот. Но, бидејќи неговите родители се спротивставувале на тоа, тој, упатен од едно сновидение, побегнал од нив, се замонашил на дваесет и три годишна возраст, и стапил во Хилендарскиот манастир на Света Гора. Но, кога агарјаните ја нападнале Света Гора, преподобниот Ефрем отишол на островот Имброс, а оттаму со некои свои ученици во Србија, во Ибарската Клисура, каде се подвизувал кратко време. Потоа отишол во Дечанскиот манастир, каде што го минувал животот во безмолвие. По смртта на тогашниот српски патријарх Сава, за време на царувањето на српскиот кнез Лазар, по помирувањето на Српската со Цариградската патријаршија, тој бил избран за патријарх Српски во 1375-та година, и покрај неговото несогласување. Како патриајрх бил добар учител на својата паства, милостив кон бедните и несреќните луѓе, застапник на вдовиците и сирачињата, а противник на непријателите и еретиците. Под непријатели древниот автор ги подразбира турците.
По три години управување со Српската црква, патријархот Ефрем го замолил кнезот и клирот да го ослободат од патријаршиското бреме, за да ја помине својата старост во безмолвие (исихија), бидејќи веќе бил на 76-годишна возраст. Тогаш бил свикан собор, на кој на негово место бил избран Спиридон, а тој стапил во манастир каде се подвизувал во пост и молитва уште девет години. По историската битка на Косово Поле (15 јуни 1389 г.), кнезот Лазар бил убиен, патријархот Спиридон умрел, а Србија била разнебитена од турците, и не било возможно да се свика собор за избор на нов патријарх. Тогаш го замолиле свети Ефрем повторно да го заземе престолот и тој се согласил. Кога настапило поспокојно време бил свикан собор на кој што за патријарх бил избран Даниил. Свети Ефрем повторно му се вратил на своето омилено безмолвие, во пусто место близу Пеќ, каде се упокоил на 88-годишна возраст, на 15 јуни 1399-та година. Се подвизувал 41 година како монах и 24 години како архијереј. Пет години по неговата смрт, во 1404-та година, Српската црква го канонизирала за светител. Неговото житие и служба ги напишал пекшкиот епископ Марко.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ СПИРИДОН
По повлекувањето на светиот патријарх Ефрем во осаменост, за четврти патријарх српски соборно е избран свети Спиридон во 1380 година. Тој мудро управуваше со Црквата и во сѐ му помагаше на благочестивиот кнез Лазар. Во 1380-та година тој со целиот собор ги потврди даровите на кнезот Лазар на манастирот Ждрела како и повелбата на Лазаревата црква „Воведение на Пресвета Богородица“ на Ибар. На 2 март 1382 година заедно со кнезот Лазар го одобри основањето на киновитскиот манастир Дренча, метох на монахот Доротеј и неговиот син Даниил (подоцнежен патријарх српски Даниил III). Повелбата е издадена во Жича, каде тогаш повторно било седиштето на патријархот. По загинувањето на Лазар и останатите срби на Косово, наскоро и патријархот Спиридон се претстави на 11 август 1389-та година, и отиде кај Господа на Кого Му служеше.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ АПОСТОЛ ФОРТУНАТ
Беше ученик на светиот Апостол Павле и се спомнува во Првото Послание до Коринтјаните (16, 17). Тој, Ахаик и Стефан го однеле Првото Послание во Коринт. Го проповедаше Евангелието и се упокои од меч (според други се упокоил мирно).
СПОМЕН НА СВЕТИОТ АПОСТОЛ АХАИК
И тој беше ученик на светиот апостол Павле во Коринт (сп. 1 Кор. 16, 17). Го проповедаше Евангелието и пострада за Господа усмртен со глад и жед.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ АПОСТОЛ СТЕФАН
Исто така и тој беше ученик на светиот Апостол Павле во Коринт (сп. 1 Кор. 16, 15. 17). Го проповедаше Евангелието и се претстави во мир.
СПОМЕН НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ ЈОНА, митрополитот Московски и на цела Русија
Свети Јона се роди во околината на Солигалич и во својата дванаесетта година отиде во еден манастир. Отттаму премина во Симоновиот манастир во Москва. Тука тој се истакна како строг чувар на монашките правила, поради што беше и гонет. Во 1431 година за добродетелниот живот и одличното познавање на учењата на Црквата свети Јона беше поставен за епископ Рјазански, а веќе во 1433-та година беше избран за митрополит на цела Русија. Поради долга низа од препреки, тој дури во 1443-та година беше поставен на тој престол од страна на руските архипастири. Свети Јона беше ревносен и мудар пастир. Богомудро ја раководеше паствата поучувајќи ја во верата и побожноста, и многу допринесе во ширењето на учењето Христово меѓу неверните. На Русија и на рускиот народ светиот митрополит им стори многу добра во борбата против нивните видливи и невидливи непријатели. Имајќи евангелски грижливо и милостиво срце, светиот првосвештеник ги украсуваше храмовите, ги помагаше манастирите и ги згрижуваше сиромашните. Заради своето свето живеење тој доби од Господа дар на проѕорливост и дар на исцелување од тешки болести. Овој свет богоугодник се претстави на 31 март 1461 година. Неговите свети мошти се најдени нетлени на 27 мај 1472 година и почиваат во северозападниот агол на Московската Успенска соборна црква.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ОРТИСИЈ ТАВЕНИСИОТСКИ
Беше најревносниот ученик на свети Пахомиј Велики. Поради своите монашки подвизи од свети Пахомиј ја доби управата над Хеновското општожитие. По смртта на својот наставник беше настојател на Тавенисиотските монаси. После долгото и мудро раководење на монасите, тој мирно се претстави во 380-та година.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ГРАУС
Со меч беше посечен за Господа Христа.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК НЕРС
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИЦИ ГРИГОРИЈ И КАСИЈАН АВНЕЖСКИ
Преподобниот Григориј, заедно со својот учител, преподобниот Стефан, го основале Авнежскиот манастир близу реката Сухона во Вологодската губернија. По оддалечувањето на преподобниот Стефан, тој бил игумен во манастирот. Богатиот земјопоседник Константин, кој обилно го помагал манастирот, по своето замонашување, добивајќи го името Касијан, беше економ во него. Во 1392 година Авнежскиот манастир беше срушен од страна на Вјатските Татари, а преподобниот Григориј и Касијан беа убиени. Нивните свети мошти се пронајдени во 1524-та година и почиваат во манастирскиот храм.