29. Јуни (16. Јуни)
ЖИТИЕТО НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ ТИХОН ЧУДОТВОРЕЦОТ, епископот Аматунтски на Кипар
Свети Тихон се роди на островот Кипар во градот Аматунт, од благочестиви и христољубиви родители, кои од рана младост го воспитаа во христијанската побожност и добро го научија на свештените книги, поради што беше земен во црковниот клир како црковен чтец. Неговиот чист живот го поттикна аматунтскиот епископ Мемнониј да го произведе за ѓакон. А кога тој отиде кај Господа, свети Тихон едногласно беше избран за епископ на неговото место, и посветен од славниот Епифаниј, архиепископот Кипарски. Во тоа време сѐ уште имаше многу незнабошци на островот Кипар, кои се држеа до древното идолопоклонство. Свети Тихон ги одвраќаше од незнабожечката заблуда и ги приведуваше кон познанието на Христа Бога, а во тоа му помагаше и Господ. Тој ги уништи сите идоли во околината на Аматунт, а идолиштата, односно демонските живеалишта, ги сруши и разори.
Мудро управуваше со својата паства и мирно отиде кај Господа во длабока старост. Чудотворец е наречен поради многуте чудеса што ги изврши за време на животот и по смртта. Но, подетални известувања за животот и чудесата за свети Тихон немаме денес, поради честите наезди на агарјаните кои многу цркви опустошиле и црковни книги и записи уништиле. Од многуте чудеса на свети Тихон до денес е зачувана повеста за две негови чуда.
Првото чудо, кое свети Тихон го изврши уште како момче додека живееше со своите родители, се случи вака:
Неговиот татко беше пекар и го прихрануваше своето семејство со продавање на леб. Тој го задолжи Тихон да продава леб. А блаженото момче бесплатно им раздаваше од лебот на сиромашните. Неговиот татко многу се разлути поради тоа и започна да го кара, но боговдахновеното момче му рече:
- Зошто се жалиш, татко, како да си претрпел штета? Јас лебовите ги дадов на заем. Во светите книги е речено: „Кој му дава на Бога, стократно ќе прими“. Ако не им веруваш на овие зборови, ајде со мене во житницата, па ќе видиш како Бог им се оддолжува на своите верни.
Кога ја отворија вратата, видоа дека житницата е преполна со чиста пченица, иако претходно била празна. Неговиот татко се запрепасти и восхити од ваквото чудо, падна ничкум, Му се поклони на Бога, и Му благодареше.
Еве го и второто чудо на свети Тихон:
Во едно лозје работниците ги сечеа сувите лозови корења и ги фрлаа надвор од лозјето. Свети Тихон ги собра тие лози и ги посади во својата градина, па Му се помоли на Бога тие да пуштат корен, изобилно да раѓаат, нивното грозје да биде слатко и корисно за здравјето, и да зрее порано од останатите лозја. Кога утредента појде во градината, тој виде дека молитвата му е услишана. Сувите лози се беа фатиле и имаа пупки. И во истата година дадоа изобилен род, што е спротивно на обичајот и неприродно. Покрај тоа, додека во сите други лозја грозјето беше зелено, во лозјето на свети Тихон тоа беше потполно зрело, со необично пријатен вкус, и многу корисно за здравјето. Тоа лозје и по неговото претставување долги години се обработуваше и донесуваше обилен род. И секоја година неговиот род созреваше порано од сите други, така што на 16 Јуни, на празникот на свети Тихон, носеа во црквата зрело грозје од тоа лозје, го цедеа, и од тоа вино се извршуваше Бескрвна Жртва на Светата Литургија.
И самите овие две чуда јасно покажуваат дека свети Тихон бил чудотворец и голем угодник Божји. А во неговата служба се вели и дека тој пророчки го претскажал времето на своето заминување кај Господа и другите однапред ги известил за тоа.
Поради таквата светост на овој Чудотворец, слава на нашиот Бог и сега и секогаш и низ сите векови. Амин.
СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ТИГРИЈ ПРЕЗВИТЕРОТ И ЕВТРОПИЈ ЧТЕЦОТ
Светите Тигриј и Евтропиј беа од клирот на светиот Јован Златоуст, заради кого и пострадаа зашто неправедно беа обвинети за пожарот кој се случи во Цариград. Во денот кога големото светило на Црквата, свети Јован Златоуст, откако беше протеран и како сонце на запад појде на заточение, пламна пожар во соборната црква, предизвикан од гневот Божји а не од луѓето, и брзо ја зафати целата црква, па досегна и до црковниот кров. И не само внатрешноста, туку пламенот ја опкружи црквата и однадвор и ги спали сите дрвени скали што беа покрај камените. Притоа дувна силен ветар и пламенот од црквата се крена високо во воздухот, па се спушти врз палатата во која се одржуваа седниците на сенатот и целосно ја изгоре. Таквото поразувачко чудо се изврши пред очите на сите. Огнот како разумно битие, змијасто одеше и ги голташе и оддалечените куќи, и тоа на непријателите Златоустови, а оние близу црквата останаа недопрени, заедно со одаите во кои се наоѓаа свештените садови. Се случи така, за на сите да им биде јасно дека пожарот не беше случаен,туку од гневот Божји, заради прогонството на свети Јован Златоуст. За три часа во пепел беа претворени многу прекрасни и стари градби со неискажана убавина и неизмерни богатства. Но, при тоа не загина никој и сите зборуваа дека Бог го казнил градот поради прогонството на невиниот угодник Божји.
Но расипаните луѓе, непријатели на свети Јован, го искористија овој пожар против неговите љубители и велеа:
„Јовановите истомисленици ја запалија црквата“.
И веднаш се кренаа против невините слуги Божји: епископите, презвитерите, клириците и монасите. Откако фатија многу, едни мачеа во Цариград, други оковани испратија во Халкидон и таму ги подложуваа на тешки маки по темниците. Покрај тоа Златоустовите непријатели организираа исклучително лоши луѓе да одат по престолнината и да прислушкуваат што се зборува меѓу народот за Јован Златоуст. И тие, штом ќе слушнеа како некој добро зборува за него, или пак жали што е протеран, веднаш го фаќаа, го влечеа во полиција и го присилуваа да го проколне светиот маж. Оние што одбиваа ги ставаа на страшни маки, на некои им ги одземаа имотите а самите нив ги испраќаа на заточение, зашто требало да се растераат овците, бидејќи пастирот им е поразен.
Во тоа време управник на градот беше некој си Оптат, безбожен идолопоклоник, многу бездушен човек. Како непријател на христијанството тој се радуваше гледајќи ги бранувањата меѓу христијаните како еден на друг си вршат зло. Помагајќи им на непријателите Златоустови, тој започна да го иследува пожарот и фати многумина, па луто ги мачеше божем за пожарот, а всушност заради тоа што беа христијани. Меѓу останатите го фати и чесниот презвитер Тигриј, гол го положи на мачилиштето, и жестоко го тепаше со каиши по целото тело. Тигриј беше странец, евнух, зашто во младоста бил заробен, па купен од некој богат господин и кастриран, и како роб му служел во неговиот дом. По многу години, по промисла Божја, тој доби слобода, се приклучи кон црковните службеници, и за својот доблесен живот беше почестен со презвитерскиот чин. Навистина тој беше човек исполнет со секоја добродетел и богоугодништво: кроток, смирен, милостив, гостољубив, со збор и дело корисен на ближните. Откако долго го мачеше, немилосрдниот градоначалник го испрати на заточение во Месопотамија, каде маченички се упокои во мрачната темница. Потоа мачителот го фати и чтецот Евтропиј, зашто беше наклеветен дека го предизвикал пожарот. А тој беше девственик, непорочен од раѓање, млад, незлобив, беспрекорен и со чисто срце. Гол го обесија на мачилиштето и најпрвин го тепаа со воловски жили, а потоа со стапови и тешки орудија му ги искршија коските. Со железни нокти му ги истругаа не само ребрата туку и лицето и целото тело, сѐ до коските. Потоа со свеќи му го гореа долниот дел од телото. За време на сите тие мачења тој го испрашуваше за пожарот, и дали тој ја запалил црквата. Светиот маченик тврдеше дека е невин, па мачителот нареди да го фрлат во темница.
Во тоа време некој епископ Сисиниј на сон имал вакво видение:
Се видел себеси во црквата на светиот првомаченик Стефан и здогледал чесен маж со ангелско лице, кое блескало со небесна светлина, како еден од големите светители. Сисиниј стоел пред Божествениот олтар како зачуден. И слушнал како овој светол маж вели: „Намерно го обиколив целиот град, барајќи доблесни луѓе, и не најдов ниту еден добар човек, освен блажениот Евтропиј.
Епископот Сисиниј се разбуди и веднаш го повика својот презвитер и му раскажа што виде и чу. Потоа му нареди по целиот град да го бара Евтропиј. Презвитерот дозна дека неодамна некој Евтропиј бил мачен како злосторник а потоа бил фрлен во темница. Веднаш појде во темницата, го најде маченикот, со солзи разговараше со него и го молеше, како голем угодник Божји и страдалник Христов, да се помоли на Господа за него. Потоа се врати кај својот епископ и му раскажа кој е Евтропиј и каде се наоѓа.
Додека свети Евтропиј лежеше во темницата тешко болен од претрпените лути мачења, раните започнаа да му гнојат и имаше неподносливи болки. По некое време повторно беше изведен на мачење. Кога го обесија на мачилиштето тој го предаде својот дух на Господа, оставајќи му го на мачителот своето мртво тело да го мрцвари. Кога дозна дека умрел, свирепиот градоначалник нареди неговото тело да го фрлат на кучињата. Така многунапатеното тело лежеше тука до ноќта. Таа ноќ беше мрачна со страшно невреме и поројни облаци. Тогаш дојдоа некои од богобојазливите презвитери, кришум го зедоа светото мачениково тело и истата ноќ го погребаа на чесно место. Кога го предаваа светото тело на гробот, во воздухот слушнаа неискажано ангелско пеење. Тоа ги увери во светоста на блажениот Евтропиј и започнаа да го почитуваат како голем маченик Христов. А ние, побожно почитувајќи го споменот на овие двајца свети маченици, Тигриј презвитерот и Евтропиј чтецот, и потпирајќи се на нивните свети молитви, го славиме Отецот и Синот и Светиот Дух, едниот наш Бог за навек. Амин.
ПРЕНОС НА МОШТИТЕ НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ТКОДОР СИКЕОТ
Свети Теодор Сикеот, епископот Анастасиополски, опширно се спомнува на 22 април. На денешниот ден се врши споменот на преносот на неговите мошти во храмот на Свети Георгиј во Цариград.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК МАРКО, епископот Аполонијадски
Бил потопен со камења врзани за неговите раце. Така поктрадал За нашиот Господ Христос.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ТИХОН, Луковскиот чудотворец
Нашиот преподобен отец Тихон беше родум од Мала Русија од Литовскиот крај, и таму служеше во војска. Не поднесувајќи го насилството од латините, тој се пресели во царскиот град Москва и започна таму да води побожен живот. Подоцна тој го раздаде на сиромашните сиот свој имот, се замонаши и се насели покрај реката Луха. Тука основаше скит, собра ученици и започна да се подвизува во пост и молитва. Поради својата голема смиреност не го прими свештеничкиот чин сѐ до својот крај. Однапред дозна за своето заминување кај Бога и ги упати своите ученици во сѐ што можеше да им служи за душевна корист, и се претстави во вечните обители на 16 јуни 1503-та година.
Многу години по смртта на преподобниот Тихон беа откриени неговите мошти и од нив започнаа да се случуваат многу исцеленија. Подоцна, благодарејќи на ревноста на верните, на местото на неговиот подвиг беше изградена чесна обител, која со благодатта Божја постои и денес.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ПЕТ МАЧЕНИЦИ НИКОМИДИСКИ
Пострадале за Господа посечени со меч.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ЧЕТИРИЕСЕТ МАЧЕНИЦИ ГРЦИ
Пострадале за Господа спалени во оган.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ТИХОН МЕДИНСКИ
Како млад се замонашил во Москва, па се оддалечил во пусто место недалеку од Медина. Тука се подвизувал и се прославил со светлоста на својот живот и дарот на чудотворството. Живеалиште му беше шуплината на еден огромен даб. Се хранеше со трева, а пиеше вода од бунарот што самиот го ископа. Беше кроток со незлобиво срце. Неговото братство се состоеше само од неговите двајца ученици Фотим и Герасим. Подароци не примаа и немаа никакви средства. Истоштен од постот и телесните страдања преподобниот Тихон се впрегнуваше во плугот, а учениците управуваа со него и така ја обработуваа својата земја. Откако околу него се собраа љубители на монаштвото, на нивна молба тука основа манастир посветен на Успението на Божјата Мајка, и до длабока старост беше настојател во него. Мирно се упокои во 1492 година како схимонах. Неговите свети мошти почиваат во соборната црква на неговиот манастир.