30. Јуни (17. Јуни)
СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ МАНУИЛ, САВЕЛ И ИСМАИЛ
Светите маченици Мануил, Савел и Исмаил беа родени браќа персијци. Потекнуваа од угледни родители. Татко им беше незнабожец, а мајка им христијанка. Таа уште од мали ги одгледа во стравот Божји а блажениот презвитер Евноик ги препороди со бањата на светото крштение и ги поучи во Светото Писмо. Кога станаа полнолетни беа земени на воена должност. Му служеа на персискиот цар Аламундар, а со духот на небесниот Цар, нашиот Господ Исус Христос, исполнувајќи ги светите заповеди Негови и угодувајќи Му со најразлични добри дела.
Еднаш нивниот цар ги испрати кај царот Јулијан Отстапник за зацврстување на мирот. Отпрвин Јулијан ги прими со чест, укажувајќи им ја својата голема благонаклонетост и пријателски се однесуваше со нив. Но кога дозна дека се христијани се разгневи, и спротивно на општопризнатите меѓународни обичаи и закони, започна да ги мачи заради нивната вера во Христа и ги погуби. Ги мачеше на следниов начин:
Еднаш безбожниот цар намисли да патува во Витинија, во местото Оргија Тригон, зашто наскоро таму требало да настапи еден од нечистите незнабожечки празници. Кога стигна царот на тоа празнување во споменатото место, тој со многубројниот народ започна да им се клања на идолите и да им принесува жртви. Заедно со тоа се приредуваа големи гозби со музика, пеење и играње, и се вршеа многу одвратни беззаконија во чест на погубните богови.
Слугите Христови Мануил, Савел и Исмаил беа таму со царот. Но, бидејќи не сакаа ни да го гледаат тоа безбожно празнување, тие се тргнаа настрана и плачеа за заблудата на толку многу луѓе, и се молеа на Бога да ги сочува од учеството во идолопоклоничкото жртвопринесување, а заблудените да ги просветли.
Додека тие стоеја подалеку, плачеа и се молеа, царот ги набљудуваше оние што принесуваат жртви и славеше со нив. Штом забележа дека нив ги нема, испрати да ги повикаат за и тие да се провеселат со него. Слугите Христови му рекоа на пратеникот дека не сакаат да им се приклучат, велејќи:
- Оди си од нас, зашто нема да се одречеме од верата во која од детството сме воспитани, нема да го оставиме нашиот Бог, ниту ќе им се поклониме на демоните што се меѓу вас. Ние не сме толку безумни и неразумни за да се приклучиме на јавната заблуда и да го презреме живиот Бог, Создателот наш, и да Му служиме на бездушно сознание. Нека знае царот твој, дека нема да нѐ одврати од нашиот Бог, макар да нѐ стави на најстрашни маки, па дури и да нѐ лиши од животот.
Пратеникот го извести царот, и тој, иако беше гневен, не започна веднаш да ги измачува, за да не го поремети своето безбожно празнување, туку нареди да ги фрлат во темница.
Додека ги водеа кон темницата, тие Го славословуваа Бога.
Утредента мачитело Јулијан ги изведе на суд и започна да им зборува вака:
- Вас, како добри луѓе царот ве испрати кај нас да го изградите посакуваниот мир меѓу двете царства. Тој мир може да се изгради единствено со помош на взаемно пријателство и љубовна слога. Но каква слога и љубов може да има меѓу вас и нас, кога вие вчера не сакавте да земете учество во нашето празнување во чест на истите богови, кои и вие персијците ги почитувате. Ако ги презирате и понижувате не сте наши истомисленици, а тоа значи дека не сте дошле за утврдување туку за разорување на мирот и обновување на непријателството и војна.
На тоа светите мажи му одговорија:
- Нас нѐ испрати нашиот цар за утврдување на условите за мир. Вашите војници да не ја преминуваат нашата граница, ниту пак нашите вашата. Да не си ја пустошиме едни на други земјата, и нашите трговци слобно и непречено да одат во вашата држава исто како вашите во нашата. Ете, поради тоа сме испратени кај тебе, а не за расправи околу боговите. Секој нека почитува каков бог сака. Заради вера не избувнуваат војни меѓу царствата туку расправии. Борбите настануваат за градовите, покраините и нивните граници. А ти ги оставаш преговорите за мир и зборуваш за работи за кои не сме дојдени, и заговараш за боговите и се распрашуваш за верата. Штом сакаш, тогаш знај дека по раѓање сме персијци, по вера христијани, и од нашиот духовен отец Евноик утврдени во вистинската вера. И во нашата земја имаше многу такви што сакаа да нѐ одвратат од Христа Бога, но не успеаја, зашто со благодатта на нашиот Господ ние останавме непоколебливи и непобедливи. Се надеваме дека и сега, со помош Божја, ниту овде никој нема да нѐ одврати од нашата света вера, и да нѐ убеди да им служиме на демоните, зашто да им се служи ним е бесмислено, преполно со прелест, заблуди и лаги.
Разгневениот мачител им рече:
- Како вие, простаци и незнајковци, кои дури не го знаете ни грчкиот јазик, се осмелувате така безочно да ја навредувате нашата вера, почитувана од нас, образованите луѓе, кои во потполност сме ја изучиле книжевната мудрост? А нам не ни непознато и вашето учење. Вие знаете дека јас некогаш ги изучував и вашите христијански книги, но кога увидов дека во нив нема ни трошка вистина веднаш ги отфрлив, за поради нејасноста да не паднам во некоја заблуда. И кој од оние што веруваат во вашите книги и постапуваат според нив некогаш се истакнал како добар и совршен, и нешто славно и незаборавно сторил? Затоа ве советувам да го оставите тоа детско размислување и да верувате во она на што одамна учат најдобрите философи. Ако не ме послушате сега, тогаш ќе ме послушате веднаш штом ќе ве ставам на маки.
На тоа светите одговорија:
- Ние сме научени од нашиот Господ да не се плашиме од оние што го убиваат телото, и не мислиме што треба да одговараме пред оние кои нѐ мачат, зашто Духот Свети ќе нѐ крепи во страдањата и ќе ни даде што да зборуваме. Какво безумие гледаш во нас ти, кој се сметаш за помудар од сите луѓе? Дали е безумен оној кој Го познал вистинскиот Бог, Творецот на сѐ, и Го почитува, или оној кој Го остава живиот Бог и се поклонува на бездушни твари, камења и дрвја? Навистина е безумен оној кој почитува мртви работи, зашто прва должност на човечкиот разум е да Го знае Бога, Творецот свој, да верува во Него и да Му служи. Служењето пак, на непријателот свој - демонот, е крајно безумие. И вашите древни философи само на изглед беа мудри, а всушност крајно безумни според зборовите на апостолот: „Додека се градеа како мудри, тие обезумија (Рим. 1, 22), и се помрачија неразумните срца нивни“ (Рм. 1, 21). Ти си ист, па дури и полош од нив, зашто како просветен со Светото Крштение и воспитан во христијанството се одрече од Христа Бога.
Јулијан се разбесни и нареди да ги стават на жестоки маки. Најпрвин голи ги положија на земјата и бездушно ги тепаа со каиши, потоа ги обесија и им ги приковаа рацете и нозете на дрво, па со железни гребени им го стругаа телото. Мачениците Христови јуначки ги трпеа тешките маки и се молеа, говорејќи:
- О, Владико! Ти Самиот си бил прикован на дрво од неверните евреи и со Своето страдање и смрт на крстот си ги покрил гревовите на светот. Погледни сега и кон нас прикованите, кои висиме на ова дрво, и помогни ни во нашите страдања, зашто со надеж во Тебе влеговме во овој подвиг.
Додека така се молеа, пред нив застана Ангел Господов, кој само тие го видоа. Тој ги утеши, им ги олесни маките, та тие беа многу лесни за нив.
Потоа Јулијан нареди да ги симнат од дрвото и со потсмев им рече:
- Гледате ли како ве штедам, зашто се надевам дека ќе станете наши истомисленици.
Тие му возвратија:
- Непријателу Божји, немој да се надеваш на тоа. Мачи нѐ колку што сакаш, зашто сме спремни сѐ да поднесеме за возљубениот наш Исус!
Гледајќи дека Мануил е посмел од другите двајца, Јулијан нареди да го тргнат настрана. Потоа со Савел и Исмаил започна лукаво да разговара:
- Иако сте браќа, сепак немате исти карактер. Вашиот најстар брат не е достоен ни да се нарекува ваш брат, зашто е тврдоглав, зол, кавгаџија и бесрамник. Тој не расудува правилно, па упорно и вас ве влече со себе. А како што гледам вие сте добри, кротки и благоразумни. Затоа послушајте ме и оставете го нека пропаѓа во својата заблуда, а вие пристапете кај нас, за да добиете огромни дарови и почести.
Светите маченици не сакаа ни да го слушаат што зборува, па тој повторно се разгневи и нареди да им ги горат ребрата.
Мачениците Го славеа Бога во тие маки, а Јулијан нареди повторно да го доведат Мануил и започна, час со ласкање час со закани, да го присилува на идолопоклонството. Кога виде дека е непоколеблив, започна повторно да го мачи како и браќата негови. На секого од нив му заби во главата железен клинец, а под ноктите на рацете и нозете им закова остри шипки.
Најпосле ги осуди на посекување со меч, а потоа телата да им бидат спалени.
На местото на погубувањето наречено Константиново, тие Му се помолија на Бога, говорејќи:
- Боже предвечен, беспочетен, Ти сѐ си привел од небитие во битие, Ти во последните времиња за нашето спасение Си се понижил Себе во облик на слуга, Си живеел со луѓето и Си претрпел крст, за да нѐ ослободиш од оковите на гревот и да нѐ направиш наследници на Царството Твое. Прими ги во мир слугите Твои, и приброј нѐ кон соборот на оние кои од памтивека Ти угодиле, зашто ние ради светото име Твое доброволно го примаме ова посекување и заминување од овој живот. Милосрден Владико, овој народ, заведен од ѓаволот, приведи го кон Тебе, за да Те познае Тебе, единствениот вистински Бог, да Ти служи и спасение да добие.
Додека тие така се молеа се чу глас од небото, кој им говореше:
- Дојдете да го примите венецот на славата, зашто добро го завршивте подвигот свој.
И им ги отсекоа чесните глави во седумнаесеттиот ден на месецот јуни. А кога нечистивите слуги сакаа да ги спалат телата на Христовите маченици, по наредба Божја се затресе земјата, се отвори местото каде што стоеја нивните тела, и земјата ги прими за да не се допре до нив нечистата рака на мачителот и да ги спали. Слугите, пак, побегнаа од страв.
Тогаш многумина од присутниот народ поверуваа во Христа.
По два дена, во текот на кои христијаните постојано и дење и ноќе се молеа на Господа на тоа место, земјата повторно се отвори и ги изнесе на површината телата на светите маченици, кои од себе испуштаа неискажлив мирис. Верните многу се израдуваа и чесно ги погребаа на прекрасно место. Од гробот на светите маченици обилно се даваа исцеленија на сите болни.
А пак безбожниот богоотстапник Јулијан наскоро загина. По погубувањето на светите маченици Мануил, Савел и Исмаил, царот Јулијан тргна против Персија со својата војска. На тоа го наведоа демоните преку своите гатачи - лажни пророци, кои му ветуваа победа над персијците. А кога персискиот цар слушна за погубувањето на своите пратеници, многу се натажи и неизмерно разгневи. Дознавајќи дека против него доаѓа законопрестапниот Јулијан, тој се подготви очекувајќи го својот горд непријател. Настана голема битка и персијците ја победија грчко-римската војска и ја скршија Јулијановата сила. Тогаш гневот Божји го стигна богоотстапникот Јулијан. Со невидлива рака беше поразен и во страшни маки ја исфрли својата бедна душа, та така стана предмет на потсмев за персијците против кои тргна лакомо со бесмислена надеж, и причина за радост на демоните во кои се надеваше и им веруваше.
Христијаните, пак, ослободени од таквиот жесток гонител и насилник, Го славеа својот Избавител, Христа Бога, Кому и од нас чест и слава, со Отецот и Светиот Дух, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ПИОР
Свети Пиор беше родум египќанин. Од љубов спрема Бога тој во младоста се одрече од светот, го остави домот, отиде во пустината Мисирска, и преполн со духовна љубов Му даде завет на Бога дека никогаш повеќе нема да види никој од своите. По педесет години неговата сестра, веќе остарена, дозна од некого дека нејзиниот брат е жив и одлучи да го види по секоја цена. Бидејќи не можеше да појде во пустината, таа го замоли месниот епископ да им напише на Отците во пустината да го испратат Пиор за да се видат. По многуте убедувања од страна на Отците, тој поведе со себе уште еден и појде. Кога дојде до сестриниот дом, ја извести дека дошол нејзиниот брат Пиор и стои пред вратата. Кога осети дека таа му наближува Пиор ги затвори очите и довикна:
„Сестро, јас сум Пиор, братот твој. Еве, нагледај ми се до мила волја“.
Откако се увери, таа Го прослави Бога, но иако многу настојуваше, не успеа да го убеди да влезе внатре. Тој се помоли на прагот и повторно се врати во пустината, во таа своја татковина, и таму се усовршуваше во подвижничките доблести.
За овој светител раскажуваат дека покажал вакво чудо на трпение:
На местото каде што живеел тој ископал бунар и нашол многу горчлива вода, но сепак останал таму до својата смрт. Ја употребувал само таа горчлива вода, во што и се откри трпението на овој славен јунак Христов. Многу монаси, и тоа многу искусни, се натпреваруваа по смртта на овој бесмртник, кој да остане во неговата ќелија, но не можеа да поминат ни една година, зашто таму и водата беше необично горчлива и местото многу страшно и лишено од секоја удобност.
За преподобниот Пиор велат дека никогаш не седнал на трпеза да јаде, туку секогаш јадел стоејќи и работејќи. Кога го запрашале зошто постапува така, тој одговорил:
„Не сакам да се занимавам со јадењето како со работа, туку како со нешто споредно“.
Кога го повикале во советот за да се суди некој брат, кој нешто згрешил, тој дојде носејќи на плеќите вреќа со песок, а на градите едно мало ќесе песок. Прашан што му значи тоа, светителот одговорил: „Вреќата песок на плеќите, тоа се моите гревови, кои јас не ги гледам, а ќесето песок, тоа се гревовите на мојот брат, кои јас треба да ги судам“.
Тогаш сите браќа се засрамија и рекоа:
„Тоа е патот на спасението!“
Преподобниот Пиор живееше сто години и се упокои во Господа во четвртиот век.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ИПАТИЈ РУФИНСКИ
Овој светител беше родум од Фригија. Во својата осумнаесетта година го остави домот, отиде во Тракија, стапи во еден општожителен манастир и стана монах. Заради своите добродетели беше ценет и почитуван од сите. Вино никогаш не пиеше. Еднаш додека војуваше со демоните на блудот, тој осум дена не вкуси ништо. Кога дозна за тоа игуменот, со своја рака му даде чаша вино и леб, за тоа да го изеде и испие по повечерието пред сите браќа. Кога го стори тоа Ипатиј веднаш се ослободи од блудното искушение, и Му заблагодари на Бога и на својот учител и игумен.
По доста поминати години во манастирот, преподобниот Ипатиј со дозвола и благослов на игуменот појде во еден град, за да му помогне на еден брат, кој беше паднал во некое искушение. Откако му ја укажа потребната помош на искушуваниот брат, тој со двајца браќа прејде во Халкидон и отиде во Руфиновиот манастир, кој во тоа време беше пуст и запуштен. Овој манастир беше подигнат од Руфин, кој дојде од Рим во Халкидон. Откако изгради прекрасен манастир Руфин собра во него монаси египќани. Но кога се упокои и беше погребан во својот манастир, монасите се разотидоа во своите татковини. Така манастирот се запусти, та беше страшен и непристапен.
Свети Ипатиј го обнови, му ја врати поранешната убавина и сјај, и со своите славни подвизи привлече во него многу христољупци, кои станаа монаси. За кратко време манастирот стекна триесет монаси кои напредуваа во добродетелите. А божествениот Ипатиј доби од Бога дар на чудотворство: исцелуваше слепи, хроми, фатени, крвоточиви, бесомачни... Со својата молитва светителот за време на неволја и потреба го умножуваше житото и останатите посеви и зеленчуци, и ја отстрануваше од луѓето и добитокот секоја друга немоќ. Се хранеше со зелје и по малку леб, кој го земаше еднаш дневно, околу три часот попладне. Во староста пиеше и по малку вино. Кога наполни осумдесет години косата и брадата му станаа бели како снег.
За чистотата на својот живот и учењето, блажениот Ипатиј беше удостоен на свештеничкиот чин. Четириесет години го пасеше Христовото стадо и пред себе кај Господа испрати осумдесет ученици, па најпосле и самиот Му се претстави, да ја прими наградата за своите трудови.
Се упокои во првата половина на петтиот век.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ЈОСИФ ОТШЕЛНИКОТ
За овој преподобен отец во Евергетиносот пишува дека бил над секое човекоугодништво и човекољубие. Еднаш кај него дојде ерејот Евлогиј, кој јадел еднаш во два дена, а често и еднаш неделно. Дојде кај него со надеж дека ќе најде уште поголеми воздржанија. Преподобниот Јосиф со радост го прими, и на ученикот му нареди да подготви некои убави јадење. Кога седнаа да јадат, учениците на Евлогиј рекоа дека тој не јаде ништо освен леб и сол. А ава Јосиф јадеше молчејќи. Евлогиј остана таму три дена, и не го слушна ниту Јосиф ниту пак некој од нивните ученици да чита псалми или да се моли на Бога, зашто нивната молитва беше тајна и умна, исто како и делувањето нивно. Така Евлогиј си замина со своите ученици без да добие некаква корист за својата душа. Но набрзо падна мрак и по промисла Божја, тој со своите ученици го изгуби патот. Лутајќи низ мракот, тие некако повторно се најдоа пред живеалиштето на преподобниот Јосиф. Пред да затропаат на вратата, тие слушнаа како Јосиф и неговите ученици читаат и пеат псалми.
Но, штом затропаа на вратата, Јосиф веднаш престана со псламопеењето. Евлогиј беше жеден, и еден од Јосифовите ученици му донесе вода, која беше мешавина од морска и речна, и толку горчлива, што не можеше да ја пие. Тој падна пред нозете на старецот Јосиф и го праша:
- Аво, зошто кога ние бевме кај вас не пеевте псалми, а штом заминавме започнавте? И зошто пред нас пиевте вино, а сега јас ја вкусив вашата вода која е солена, горчлива и не може да се пие?
На тоа ава Јосиф му одговори:
- Она малку вино што го пиевме, го сторивме тоа од љубов и гостољубие кон тебе, а оваа вода е наша обична вода, која браќата ја пијат секој ден.
Што се однесува до псалмопеењето, ава Јосиф одговори дека го прикриле со набожна намера, за да не се претстават како човекоугодници.
Со ваквиот одговор ава Јосиф го искорени кај Евлогиј човечкото и го убеди да делува тајно, а не од човекоугодување. А Евлогиј, многу поучен, му рече на ава Јосиф:
- Навистина вашето делување е во вистината и од вистината.
За ондешните Скитиоти зборуваа: Кога некој ќе дознаеше за нивната добродетел, тие повеќе не ја сметаа за доблест туку за грев.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ФИЛОНИД
Живеел во времето на царот Диоклецијан (284-305) и бил епископ во градот Курион на островот Кипар. Заради својата христијанска вера и апостолска ревност беше фатен заедно со тројца христијани и од страна на заповедникот на островот Максим беше фрлен во темница. Кога неговите созатвореници Аристокл, Димитријан и Атанасиј маченички пострадаа (види 20 јуни), стигна нова заповед од царот, со која наредуваше телата на христијаните пред да бидат убиени да се насилствуваат и обесчестуваат на неприроден начин. За да го одбегне таквото срамотење на своето тело, свети Филонид ја преврза својата глава и очите и скокна од висока карпа, но пред да падне на земјата ја испушти својата света душа и ја предаде во рацете Божји. Тоа му беше откриено на некој христијанин, на голема оддалеченост. Незнабошците го ставија во вреќа неговото тело и го фрлија во морето, а христијаните го најдоа и чесно го погребаа. Сето ова го опиша епископот Аристон.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ АНАНИЈ
Беше монах во Новгородскиот Антониев манастир, и иконописец кој прекрасно живописал икони. Како строг извршител на монашките завети, тој триесет и три години ниту еднаш не излезе од манастирските порти. Се упокои во мир на 17 јуни 1581 година.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ИСАВРИЈ ЃАКОНОТ, и останатите со него