1. Јули   (18. Јуни)

СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ЛЕОНТИЈ, ИПАТИЈ И ТЕОДУЛ

За време на царувањето на Веспазијан во Рим живееше еден сенатор на име Адријан, човек свиреп, бездушен и спретен во секое зло. Кога слушна дека христијаните се гнасат од идолските жртви и многубоштвото, и дека Го проповедаат Христос како единствен вистински Бог и многумина обраќаат во својата вера, Адријан појде кај царот и го замоли да му даде власт над христијаните, за да ги мачи и убива оние што нема да им се поклонат на идолите. Царот веднаш му ја даде таа власт и го постави за игемон на Финикија, со полномоштво да ги гони сите кои веруваат во Христа. На пат кон Финикија тој дозна дека во градот Трипол има некој командант Леонтиј, кој плука на древните богови и многумина придобил.

Веднаш го испрати таму трибунот Ипатиј со чета војници, за да го фатат Леонтиј и да го чуваат под стража додека да дојде тој. Слугата Христов Леонтиј беше висок, силен и храбар во битките во кои однесе многу победи, и затоа беше познат и почитуван меѓу војниците. Покрај тоа беше обдарен со голем ум и разум, а беше и многу учен. Знаејќи дека постои само еден вистински Бог, Леонтиј постојано Му служеше и водеше целомудрен живот. Беше многу милостив спрема ништите, ги хранеше гладните, ги облекуваше голите, ги згрижуваше патниците, се украсуваше себеси со сите добри дела, поради што беше удостоен на непобедливиот венец од Господа.

Кога четата војници наближи до Трипол, трибунот Ипатиј ненадејно се разболе од треска и им велеше на своите војници:

„Знам зошто ме снајде оваа болест. Боговите се разлутија зашто не им принесов жртви пред да тргнам на пат“.

Војниците го сожалуваа во неговите страдања и беа тажни што три дена не вкуси ништо и болеста му се влошуваше. На третиот ден во ноќта на трибунот му се јави во видение Ангел Господов, и му рече:

„Ако сакаш да оздравиш, заедно со своите војници повикај кон Господа: „Боже Леонтиев, помогни ми. Ако го сториш тоа, веднаш ќе оздравиш“.

Трибунот ги отвори очите, го виде пред себе светиот Ангел во облик на прекрасно момче, облечен во бела облека и му рече:

„Јас со војниците сум испратен да го фатам Леонтиј и да го чувам под стража до доаѓањето на Адријан, а ти ми наредуваш да Го повикам на помош неговиот Бог“.

Ангелот стана невидлив, а трибунот ги разбуди своите пријатели и им раскажа сѐ што виде. Тие му рекоа:

- Тоа не е тешко, само ти оздрави и ќе го сториме тоа.

А еден од неговите пријатели, на име Теодул, многу се восхитуваше на тоа видение, и се распрашуваше какво било момчето што го видел трибунот во сонот, а во срцето му се разгоре љубов кон за него сѐ уште непознатиот Бог Леонтиев. Кога сите војници се разбудија и насобрани околу болниот трибун дознаа за неговото видение, тие, гледајќи во небото, заедно со болниот три пати воскликнаа:

- Боже Леонтиев, помогни!

И болниот трибун веднаш оздраве. Кога дојде време за ручек тие започнаа да јадат и да се веселат. Теодул беше запрепастен од настанот. Седеше настрана и се прашуваше кој е тој Леонтиј и кој е неговиот Бог. Кога виде дека војниците се поднапиле и заборавиле на наредбата од игемонот, тој им рече:

- Ете, Адријан ќе пристигне а ние не ни помислуваме да го побараме човекот што треба да го фатиме. Ако сакате, јас и трибунот пред вас ќе појдеме во градот да го најдеме.

Теодул и Ипатиј тргнаа заедно кон градот. Кога се искачија на врвот на гората каде што се наоѓаше градот Трипол, Леонтиј ги пресретна и ги поздрави:

- Радувајте се во Господа, браќа!

Тие одговорија:

- Радувај се и ти, брате!

- Кого барате овде? - праша Леонтиј.

Тие рекоа:

- Царот Веспазијан е известен дека во овој град живее некој благороден, паметен, добродетелен и храбар човек, на име Леонтиј. Испратени сме да го најдеме, а по нас доаѓа игемонот Адријан, на кого царот му ја довери управата на оваа Финикиска област. Игемонот сака да го види Леонтиј, и со голема чест да го испрати кај царот, за да го види и целиот сенат, оти на сите им е позната неговата храброст во битките, вештината во управувањето, големата љубов спрема боговите и многу други славни дела негови.

Блажениот Леонтиј им рече:

- Гледам дека сте странци и не знаете што се случува во овој град. Да појдеме во мојот дом да се одморите, па ќе ви го претставам Леонтиј, кој всушност не е пријател на вашите богови, туку е христијанин и верува во Господ Исус Христос.

Ипатиј и Теодул се прашуваа:

- Кој е овој што вели дека Леонтиј е христијанин? Можеби е негов роднина?

Потоа го прашаа непознатиот:

- Како се викаш?

Тој одговори:

- За моето име во книгите пишува вака: „На отровници и на змии ќе нагазуваш, лав и змеј ќе згазуваш (Пс. 90, 13) зашто јас треба да го згазам ѓаволот и змијата, односно игемонот. Исто така треба да ги газам како аспиди и змии неговите следбеници и ревносни служители на демоните. Тогаш од делата ќе заблеска моето име.

Овие зборови беа загонетни и за трибунот и за Теодул.

Обидувајќи се да си објаснат, тие во недоумица одеа по него. Тој ги угости и откако ручаа, тие рекоа:

- Ние сме многу задоволни од тебе. Сега претстави ни го Леонтиј, кого го бараме, а кога ќе стигне Адријан ќе го известиме за тебе, добротворот наш, и тој ќе те удостои со големи почести.

Тој им рече:

- Јас сум Леонтиј, кого го барате. Јас сум тој војник Христов, по кого ве испрати Андријан.

Тие паднаа пред неговите нозе, велејќи:

- Слуго на севишниот Бог, прости ни и побрзај да Го умолиш твојот Бог за нас, да нѐ избави од идолопоклонството и од лутиот ѕвер Адријан, зашто сакаме да бидеме христијани.

Потоа му раскажаа како на болниот трибун му се јави Ангел, и како болеста беше истерана со призивањето на Богот Леонтиев.

Свети Леонтиј се израдува за силата Христова, легна крстолико на земјата пред Бога и со солзи се молеше. По топлите молитви, светол облак слезе врз трибунот Ипатиј и неговиот другар Теодул, и ги крсти, оросувајќи ги со дожд.

Додека гледаше како ги оросува дождот, свети Леонтиј го призиваше над нив името на Пресвета Троица. По тоа чудесно крштевање, тој Му заблагодари на Бога, велејќи:

- Слава Тебе, Боже мој! Ти не ја презираш молитвата на оние кои Те љубат и ја исполуваш волјата на оние кои Ти се плашат.

Свети Леонтиј ги облече новокрстените во бела облека и нареди пред нив да се носат запалени свеќи. Во тоа време во градот стигнаа и останатите војници, и се распрашуваа за Леонтиј, за својот трибун и за Теодул. Кога ги најдоа и видоа во бела облека со запалени свеќи пред нив, многу се зачудија. А кога потоа дознаа дека се крстиле и станале христијани, се вознемирија и негодуваа. Дознаа и некои граѓани и створија бунт во градот, викајќи:

- Нека бидат спалени оние што ги срамотат нашите богови!

И настана голем метеж во градот. Едни го заштитуваа Леонтиј со останатите христијани а други одеа да ги убијат. По два дена Адријан се приближи до градот и сите излегоа да го пречекаат, па го известија за Леонтиј и останатите христијани со него. Еден човек, на име Леонтиј, велеа тие, велича некаков човек кој од евреите бил шамаран и на смрт предаден, а од Пилат тепан и распнат. Покрај тоа, тој ист христијанин Леонтиј, со своите вообичаени маѓии ги заведе дури и царските војници, ги привлече во галилејската вера и ги облече во бела облека. Еве, веќе трети ден ги држи во својот дом и заедно со нив Го слави некогаш распнатиот Христос, и хули на нашите богови.

Адријан веднаш испрати војници да ги фатат и да ги фрлат во темница. Потоа влезе во градот, и тој ден реши да се одмори. Во темницата, пак, Леонтиј постојано ги поучуваше во светата вера своите созатвореници и ги соколеше на маченичкиот подвиг, укажувајќи им на идната награда. Ноќта ја поминаа во молитва и славословење на Бога.

Утредента Адријан го праша:

- Ти ли си Леонтиј?

- Јас сум, - одговори тој.

- Со какви маѓии си ги завел овие војници, та сега Му служат на твојот Бог? - продолжи игемонот.

- Јас сум, одговори Леонтиј, војник на мојот Христос, Син на вистинската светлина која го осветлува секој човек кој доаѓа на свет, и секој кој оди кон таа светлина, нема да се сопне (сп. Јован 1, 9; 11, 9-10).

Налутен од слободното зборување на Леонтиј, игемонот нареди безмилосно да го тепаат, а тој Му се молеше на Бога. По долгото тепање повторно го фрлија во темница. Потоа, обраќајќи им се на Ипатиј и Теодул, игемонот ги праша:

- Зошто ги отфрливте древните обичаи и го натаживте царот?

Светите одговорија:

- Ние го добивме небесниот цар. Он ни даде леб кој слегува д небото и не се троши, и чаша вино која истекува од ребрата Христови.

На тоа Адријан рече:

- На овие непотребни и бесмислени зборови ве научил нечистиот Леонтиј, а јас ви велам да ја вршите волјата на царот. Зарем не знаете дека тој ги наградува со големи почести и чинови оние што ги почитуваат боговите, а ги става на лути маки и ги убива непослушните.

Светите одговорија:

- Со нас прави што сакаш. Наскоро и ти ќе загинеш.

Адријан нареди гол да го обесат трибунот и со железни нокти да му го стругаат телото, а Теодул положен на земјата немилосрдно да го тепаат. Јуначки поднесувајќи ги маките, светите маченици Му се молеа на Бога, како што ги научи свети Леонтиј. Кога виде дека се непоколебливи во Христовата вера, мачителот ги осуди да им се отсечат главите со секира. Водени на смрт, свети Ипатиј и Теодул пееја:

- Ти си прибежиште наше, Господи! Во рацете Твои ги предаваме душите свои.

Им ги отсекоа главите и нивните души отидоа кај Господа, за од Неговата десница да го примат подготвениот венец за нив.

После тоа свети Леонтиј повторно беше изведен пред игемонот, кој му рече:

- Поштеди го својот живот, за да не ги искусиш тешките маки што ги искусија заведените од тебе. Принеси им жртви на боговите за да се удостоиш на големи почести од самиот цар и сенатот, зашто многу сакаат да те видат.

Свети Леонтиј одговори:

- Јас не сакам да го видам лицето на твојот цар, кој е противник на мојот Бог. Но, ако сакаш, ти стани пријател Христов. Ако го сториш тоа, ќе добиеш спасение и живот вечен.

Адријан бесно се насмеа и праша:

- Сакаш да добијам спасение какво што добија Трибун и Теодул? Или не знаеш, погана главо, со каква смрт загинаа тие?

Светителот возврати:

- Смртта што си им ја задал не е смрт туку живот, мир и радост, зашто тие сега се веселат со Ангелските чинови меѓу кои живеат.

На тоа Адријан рече:

- Внимателно слушни ме што ќе ти речам. Кој со здрав ум некогаш го презрел ова сјајно блескање на сонцето и големите богови Јупитер, Аполон, Нептун, Венера и останатите, за со срамна и лута смрт да го заврши својот живот? Навистина никој, освен опседнатите од тебе.

Свети Леонтиј го праша:

- Си ги слушнал ли зборовите од Светото Писмо: „Боговите на незнабошците се демони. И какви се тие, такви се и оние кои се надеваат на нив“ (Пс. 95, 5; 134, 18). И кој со здрав разум посакал да се уподоби на нем камен и мртви предмети какви всушност се вашите богови, и принесувајќи им жртви да загине со бесконечна смрт?

Разбеснетиот мачител нареди да го положат на земјата и немилосрдно да го тепаат, а во меѓувреме гласникот силно да вика: „Со таква смрт ќе загинат оние што не се покоруваат на царските наредби“.

Слугите го тепаа светиот маченик сѐ додека не малаксаа, а тој велеше:

- И целото тело да ми го здробиш, нема да го победиш мојот ум, ниту ќе станеш господар на мојата душа.

Тогаш игемонот нареди да го обесат и да му го стругаат телото со остри железа. Во тешките маки светиот маченик со очите вперени кон небото вака се молеше:

- Боже мој, на Тебе се надевам, спаси ме, Господи!

Потоа мачителот нареди да го симнат од дрвото, зашто видел дека ги кренал очите кон небото за да ги умоли неговите богови да му дадат олеснување. Тогаш свети Леонтиј гневно викна кон него:

- Појди во гибелта со твоите богови, беднику! Јас Му се молам на мојот Бог, да ми подари храброст и сила да ги поднесам твоите маки!

Тогаш мачителот нареди повторно да го обесат, но сега со главата надолу и со тежок камен околу вратот. Светиот маченик долго висеше така и се молеше. А игемонот му рече:

- Знам дека ќе станеш пријател на нашите богови.

- Јас сум слуга на вишниот Бог, а ти на боговите со кои ќе заинеш заедно со своите војници, - му возврати тој.

Во таквите маки, свети Леонтиј го помина целиот ден. На зајдисонце игемонот нареди да го симнат од дрвото и да го фрлат во темница. Свети Леонтиј цела ноќ пееше во темницата: „Господ е моја светлина и мое спасение; од кого да се плашам?“ (Пс. 26, 1) И му се јави Ангел Господов и му рече:

- Биди јунак, Леонтиј! Господ Бог, на Кого верно Му служиш, ме испрати постојано да бидам со тебе.

Светиот се радуваше и веселеше во својот Господ.

Кога блесна сонцето игемонот Адријан повторно седна да му суди, па го праша:

- Што си смислил Леонтиј?

Тој му одговори:

- Сум смислил да не им обраќам внимание на твоите празни зборови. Многупати сум ти рекол, и сега повторувам, дека никогаш нема да Го оставам мојот Бог, Творецот на небото, земјата, морето и сѐ што е во нив, Господ Исус Христос, Синот Божји, Кој заради нашето спасение претрпе крсни маки. Единствено во Него ја положив сета моја надеж.

На тоа игемонот му рече:

- Послушај ме, Леонтиј! Принеси им жртви на боговите! Послушај ме, и ти се колнам во боговите мои, ќе добиеш од царот и голема чест, и многу богатство.

Свети Леонтиј одговори:

- Која е таа чест во поднебесјето, и кои се тие богатства, за кои би требало да те послушам, па да се одречам од мојот Бог? Сиот свет не е вреден на мојот Владика Христос, Кого од срце Го сакам, и од љубов кон Него страдам, и сум спремен да претрпам сѐ. А на твоите демони нема да им принесам жртви.

Кога конечно се убеди дека не може да го победи непобедливиот војник Христов, и да го привлече кон своето безбожие, игемонот изрече ваква смртна пресуда над него:

- Наредувам Леонтиј да биде растегнат на мачилиштето на четири страни, и да биде тепан сѐ додека не ја испушти својата душа, бидејќи тој, не само што не сакаше да ѝ се покори на царската наредба и да им принесе жртви на боговите, туку и ги изнавреди древните богови.

Така свети Леонтиј, растегнат меѓу четири колци и врзан, беше долго тепан од четири војници, и во таквите маки ја предаде својата света душа во рацете Божји. Неговото тело го извлекоа надвор од градот и го фрлија. Но верните го зедоа и чесно го погребаа близу Триполското пристаниште.

Страдањето на светиот маченик Леонтиј го опиша слугата Христов кир Нотариј, кој бил очевидец. Тој го напиша тоа на оловна таблица и ја положи до моштите на маченикот во гробот, за подоцна христијанските поколенија додека читаат и слушаат да ги креваат рацете кон небото и да Му оддаваат слава на Бога, Кој слугата Свој го поткрепи на таквиот подвиг.

Своето страдање светиот маченик Леонтиј го заврши во осумнаесеттиот ден на месецот јуни, за време на царувањето на Веспазијан во Рим, а во Црквата нашиот Господ Исус Христос, Кому слава со Отецот и Светиот Дух, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ЕТЕРИЈ

Во времето на царот Диоклецијан (284-305 г.) свети Етериј беше обвинет дека е христијанин. Доведен на суд пред кнезот Елевсиј, тој Го исповедаше Христос како Бог. Затоа беше истезаван и со факели горен. Потоа со вжештени железа му ги печеа градите и плеќите, па му налија вжештено олово во устата и го положија на вжештени железа, но Ангел Господов го сочува неповреден. Најпосле му ја отсекоа главата. Така овој славен војник Христов го прими венецот на мачеништвото.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ЕРАЗМО

Се упокоил во мир.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ДВАЈЦА МАЧЕНИЦИ

Беа од Кипар. Им ги запалија нозете и така пострадаа за верата Христова.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ЛЕОНТИЈ ПАСТИРОТ

Беше пастир надвор од градот и се упокои во мир.

СОБОР НА СВЕТИ АРХАНГЕЛ МИХАИЛ близу свети Јулијан во Фора

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ЛЕОНТИЈ ПРОЅОРЛИВЕЦОТ

Преподобниот отец Леонтиј беше од Пелопонез. Шеесет години се подвизуваше на Света Гора во манастирот Дионисијат, и се претстави во 1605-та година, во својата осумдесет и петта година. За овој светител се вели дека само еднаш влегол во манастирот и само еднаш излегол од него за полни 60 години. Всушност, влегол кога прв пат стапил во манастирот Дионисијат, а излегол кога мртов го изнеле за да го погребаат. Поради чистотата на својот живот, од Бога добил чудесен дар на проѕорливост и пророкување, а по смртта од неговите мошти потекло миро.