2. Јули   (19. Јуни)

ЖИТИЕТО НА СВЕТИОТ АПОСТОЛ ЈУДА, БРАТОТ ГОСПОДОВ ПО ТЕЛО

Свети апостол Јуда беше еден од дванаесетте апостоли, од племињата Давидови и Соломонови. Се роди во Галилејскиот град Назарет од праведниот Јосиф дрводелецот, подоцнешниот свршеник на Пречиста Дева Марија, и мајка Саломија.

Саломија беше ќерка на Ангеј, син на Варахиј, брат на свети Захарија кој беше татко на свети Јован Крстител. Со Саломија Јосиф имаше четири сина: Јаков, Јосија, Симон и Јуда. Овој свети Јуда понекогаш се нарекува Јуда Јаковов, по познатиот од себе свој брат Јаков, кој се нарекува брат Господов. Своето послание свети Јуда го започнува вака:

„Од Јуда, слугата на Исус Христос, а брат Јаковов (ст. 1).“Тој така се нарекуваше себеси од смирение, зашто се сметаше за недостоен да се нарече брат Господов по тело, особено затоа што во почетокот согреши пред Господа од незнаење, прво со неверието, а потоа со небратољубието. Дека Јуда согреши со неверието, сведочи и свети Јован Богослов, говорејќи: „И браќата Негови не веруваа во Него“ (Јован 7, 5).

Објаснувајќи го ова место свети Теофилакт под Исусови браќа ги подразбира децата Јосифови. Тој вели:

„Навреди им нанесуваат на Христа и на браќата, децата Јосифови (меѓу кои беше и овој Јуда). А од каде кај нив такво неверие спрема Него? Од нивната сопствена лоша волја и од зависта, зашто на роднините им е својствено да им завидуваа повеќе на своите отколу на туѓинците“.

Очигледно е дека Јуда во почетокот од незнаење Му согреши на Господа Христа од неверие и завист, а согреши и со небратољубието, како што за тоа пишува во житието на свети Јаков, братот Божји. Зашто кога Јосиф по враќањето од Египет започна да им ја дели својата земја на децата кои ги имаше од првата жена, и посака дел од имотот да даде и на Господ Исус, родениот натприродно и девствено од Причиста Дева Марија, Кој во тоа време сѐ уште беше мало момче, на тоа се спротвставија тројцата синови на Јосиф, меѓу нив и Јуда, и само Јаков доброволно оддели дел од своето наследство и го намени за Исуса, поради што потоа и беше наречен брат Божји.

А свети Јуда, свесен за тие свои поранешни гревови не се осмелуваше да се нарече себеси брат Божји, туку се нарекуваше само брат Јаковов, како што и во своето послание пишува: „Од Јуда, слугата на Исуса Христа, а брат Јаковов (ст. 1).

Овој свет апостол Јуда има и други називи. Евангелистот Матеј го нарекува Левиј и Тадеј. Овие називи не му се дадени без причина. Всушност зборот „Левиј“ значи „срдечен“. Значи свети Јуда беше наречен Левиј, затоа што тој, по, во незнаење извршените гревови спрема Господа Исуса, откако се увери дека Исус е вистинскиот Месија - Христос Бог, со сета своја душа се приљуби кон Него со срдечна љубов.

Апостол Јуда се нарекува и Тадеј. Тадеј значи оној кој фали, оној кој исповеда. Свети Јуда беше наречен Тадеј зашто Го славеше и исповедаше Христа Бога, и неговото Евангелие го објави на многу народи. Има уште еден Тадеј, од седумдесетмината апостоли (21 август), но овој Тадеј, или Јуда, бил еден од големите апостоли.

Свети апостол Јуда имаше голема ревност за Господа Христа и гореше од желба целиот свет да Го запознае Христос - вистинскиот Бог, и да верува во Него, и да Го љуби, за да се спаси. Таа негова ревност се спомнува и во Евангелието. Зашто кога Господ им зборуваше на Своите ученици: „Кој Ме љуби Мене, возљубен ќе биде од мојот Отец; и Јас ќе го возљубам, и ќе Му се јавам Сам“ (Јован 14, 21).

Тогаш му рече Јуда, не Искариотски, туку овој брат Господов по тело: „Господи, зошто сакаш нам да ни се јавиш а не на светот?“ (Јован 14, 22). Како со тоа да рекол:

„Господи дај ни познание за Тебе не само на нас, туку и на сиот свет. Јави го спасението Твое не само на нас неколкумината, туку и на целиот човечки род, зашто не само ние сме слуги Твои и ученици Твои, туку и целиот свет. Ако Те запознае како Творец и Спасител свој, ќе Те засака топло, ќе Ти послужи верно, и ќе Те прослави за навек“.

По вознесението Господово на небото, свети апостол Јуда тргна во светот, како и останатите апостоли Спасови да го проповеда Евангелието. Според сведоштвото на црковниот историчар Никифор, „Божествениот Јуда, не искариотски, туку другиот, кој се нарекуваше и Тадеј и Левиј, синот Јосифов, а брат на Јаков, кој беше фрлен од Ерусалимскиот храм, го проповедал Евангелието и го ширел христијанството на почетокот во Јудеја, Галилеја, Самарија и Думеја, потоа во Арабија, Сирија и Месопотамија, и најпосле дошол во градот Едеса кој му припаѓал на царот Авгар, каде пред него го проповедал Евангелието другиот Тадеј, еден од седумдесетмината апостоли. Тука апостол Јуда го доврши и дополни она што не беше довршено од тој Тадеј.

Има знаци дека свети апостол Јуда го проповедал христијанството и во Персија, од каде и го напишал на грчки јазик своето соборно послание, упатено до сите верни.

Многу напори, страдања и трудови поднесе свети апостол Јуда проповедајќи го Евангелието во разни земји, обраќајќи ги народите кон верата во Христа и изведувајќи ги на патот на спасението. Во таквите крстоносни подвизи тој стигна и до Араратските покраини. Тука тој одврати многу луѓе од идолопоклонството и ги приведе кон Господа Христа. Со тоа ги крена против себе идолските жреци. Тие го фатија и долго го мачеа. Потоа го распнаа на крст и го изрешетаа со стрели.

Така го заврши својот подвиг светиот апостол Јуда и премина кај Христа Бога, од Него да го прими венецот на вечната награда на небесата.

ЖИТИЕТО НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ПАЈСИЈ ВЕЛИКИ

Како што гнилежната и минлива убавина на овој свет ги привлекува кон себе луѓето кои чезнеат за неа, па ти се чини дека тие за мали сласти се колебаат и толку се врзуваат за страстите, та не само што го презираат небесниот живот туку се одвраќаат и од самиот Творец на вистинскиот живот, и доброволно ја прегрнуваат лутата и бесконечна смрт, така и вечните блага на небесата во оние кои се надеваат да ги добијат поттикнуваат неизмерна желба за нив, и нивните срца се наситуваат со некоја божествена и неискажана сласт, и се чини дека тие постојано се сеќаваат на тамошното блаженство, наградата за трудовите и прекрасната слава на подвижниците. Мислата за тоа ги поттикнува на таква усрдност кон тие вечни блага, така што тие не само што го презираат временското и минливото, туку не го штедат ни својот живот, сакајќи да ја положат својата душа за Христа, и смртта за нив е подобра од сите земни сласти и убавини. А кога нема гонења против христијаните, тогаш тие се трудат таа сакана смрт за Христа да ја доживеат на друг начин: земаат на себе долготраен, но за нив неопходен подвиг на самоодрекување, и притоа поднесуваат безбројни маки, постејќи секој ден, подвизувајќи се со разни подвизи, борејќи се со невидливите демони и, бидејќи се во тело, постојано ја присилуваат својата природа да се противи на бестелесните непријатели.

Еден од таквите добри и божествени луѓе беше човекот за кого сакам да ви зборувам сега, вели писателот на ова житие, свети Јован Колов, излагајќи го неговото раѓање, младост и чудесно живеење. Тој човек се викаше Пајсиј. Никој да не се посомнева додека ги слуша преславните и натприродни работи за него, и нека никој не мисли дека од почит спрема овој свет отец нешто додавам во кажувањето за него. Тој е далеку над секоја човечка слава, и како славен од сите Ангели во вишните населби, нему не му е потребна пофалба од нас, малите и грешните. Но, јас ќе раскажам за него за корист на слушателите, и за оние кои сакаат да ги подражаваат неговите доблести. Ќе го раскажам она што со очите свои го видов и со ушите свои го слушнав. Ќе ја започнам повеста за славниот и поучен живот на преподобниот уште од самото негово детство.

Овој голем и блажен маж се роди во Египет, каде некогаш се роди големиот меѓу пророците боговидец Мојсеј, кој со својата близина до Бога и со големите чудеса го прослави Египет, како што за тоа вели Светото Писмо. Но, не помалку се прослави Египет и по втор пат со преподобниот Пајсиј, кој се роди во него и го збогати со своето чесно име и доблести.

Родителите на блажениот Пајсиј беа благоверни луѓе, имаа страв од Бога, одеа беспрекорно во заповедите Негови и се трудеа да Му угодат со најразлични добри дела. Тие имаа седум деца и ги воспитуваа да ги подражаваат своите родители во доблестите. Имаа доволно имот, и на потребитите им даваа великодушно. Нивната рака секогаш беше пружена за давање, и тоа што им го даваа на ништите двократно им се враќаше од божествените дарови. Но, како што никој човек не може да ја одбегне смртта така и таткото на Пајсиј замина од овој живот, оставајќи ја на својата чесна жена грижата за децата, меѓу кои најмал беше Пајсиј. Тој беше најголемата мајчина грижа.

Една ноќ, додека таа спиеше, имаше вакво видение:

Ѝ се јави Ангел Господов, и ѝ рече:

- Бог, Отецот на сиротите ме испрати кај тебе да те прашам зошто премногу тагуваш за децата, и постојано си обземена со тешка грижа за нив? Зарем единствено ти се грижиш за нив, а не и Бог? Остави ја сега својата тага, и дај му на вишниот Бог еден од твоите синови, за преку него да се просвети пресветото и секогаш славено име Господово.

Таа му одговори на Ангелот:

- Сите мои синови се Божји, и ако некој Му е по волја, нека го земе.

Тогаш Ангелот го зеде Пајсиј и ѝ рече:

- Овој е по волјата на Бога.

Тогаш мајката му рече:

- Подобро земи еден од постарите.

На тоа Ангелот ѝ одговори:

- О, добра жена. Не знаеш ли дека силата Божја обично се пројавува кај слабите? Овој, најмалиот е избран од Бога, и тој ќе Му угоди.

Го рече тоа Ангелот и си отиде. Мајката се разбуди и се чудеше на божественото видение, Му благодареше на Бога и Му говореше:

- Нека биде, Владико, милоста Твоја на нас и на слугата Твој Пајсиј!

Таа долго Му се молеше на Бога, го одведе својот син во црквата на Бога, за поставување во клирот. Штом се удостои да стапи во клирот, блаженото момче започна да ги подражава доблесните мажи и растејќи со годините и разумот растеше и во благодатта Божја. Од ден во ден во неговото срце се разгоруваше сѐ поголема љубов кон Бога, и тој неизмерно чезнееше за монашкиот потстриг. Кога настапи времето да му се оствари таа желба и во монашкиот чин да води совршен живот, тој со благодатта Божја, како беззазлено јагне беше одведен во Скитската пустина и таму даден на блажениот Памво. Тој го прими со љубов и радост и го замонаши. Блажениот Памво беше обдарен со дарот на предзнаењето и со откровение одозгора знаеше сѐ што ќе се случи со Пајсиј, и затоа во него гледаше избран сад на благодатта Божја, која го упатуваше на секое добро дело.

Пред сѐ, блажениот Пајсиј ревносно го минуваше послушанието, усрдно му се покоруваше на својот отец и во сѐ ја исполнуваше неговата волја. Притоа водеше многу суров начин на живот и како по скалила се искачуваше во своето срце кон совршенството на доблестите. Преподобниот Памво гледаше дека тој целиот се предава на големиот подвижнички подвиг, и сакаше да го поттикне на уште поголеми, па му рече:

- Чедо Пајсиј, почетникот подвижник треба многу внимателно да ги чува сите чула од сопнување и соблазни, а особено да ги чува очите од радознало гледање. Никого да не гледа во лице, туку постојано да гледа долу, а со умот во висините, и со внатрешните очи да ја набљудува неискажаната убавина на славата Божја, славејќи Го и пеејќи Му на Семоќниот Бог.

Поучен од овие зборови и ранет со Божјата љубов, блажениот Пајсиј одлучи тоа да го оствари на дело, и навистина во текот на три години тој многу строго ја држеше оваа заповед. Не гледаше во туѓи лица и вниматело читаше свети книги, постојано внимавајќи на зборовите Божји и нивните поуки како вода, напојувајќи ја својата душа, и беше тој, според зборовите Давидови, како дрво засадено крај извор кое расте и цвета и сладок плод носи во свое време (сп. Пс. 1, 3). Нему му беше премила онаа реченица кон Бога: „Колку се слатки за јазикот мој зборовите Твои, послатки се од мед во устата моја (Пс. 118, 103)“. И постојано се молеше и со постот и бдеењето телото свое го умртвуваше и духот го зајакнуваше, а длабоко во срцето како во некоја ризница ги ставаше доблестите.

Преподобниот старец Памво многу се радуваше додека гледаше како Пајсиј напредува во доблесниот живот во Бога и родителски внимаваше на него и го раководеше кон поголеми подвизи, сѐ додека не го направи најискусен меѓу монасите.

Кога дојде време светиот старец Памво да замине на небесата, тој со голем благослов го благослови блажениот Пајсиј и многу пророчки зборови изрече за него, па премина, за таму да ги прими очекуваните неискажливи блага. А јас, смирениот Јован, вели писателот на ова житие, останав со свештениот Пајсиј. Во сѐ слични еден на друг, ние живеевме далеку од другите во молитвеното правило и во животниот устав што го примивме од нашиот Отец, и се подражававме еден со друг, грижејќи се за спасението на нашите души. Но по кратко време блажениот Пајсиј посака највозвишен подвиг и живот, па моравме да се разделиме. Неговиот дух сѐ повеќе се разгоруваше кон посурово испосништво, и тој започна да не јаде по цела седмица и само во сабота и недела јадеше леб и сол и пиеше вода. Често ја читаше пророчката книга на богогласниот Еремија, и овој свет пророк му се јавувал многу пати, објаснувајќи му ги во пророштвото свое несфатливите тајни и сокриени мисли и поттикнувајќи му го умот на посакуваните ветени блага. Но, тргнувајќи напред кон најсуровиот начин на живот, Пајсиј го презре својот пост и избра нов. Тој започна да пости по цели две недели, па земаше по малу леб и сол и вода. За ваквото негово рамноангелско живеење знаеше единствено Бог, Кој ги гледа тајните човечки и Кому му е откриено и она што не е објавено. Покрај тоа во него се јави желба да го земе на себе и подвигот на најстрогото молчење за насамо да му принесува молење на Владиката Христос, да Му се приближи уште повеќе и да биде осветлуван со Неговата светлина.

Кога дознав за оваа негова желба, продолжува Јован Колов, јас со голема тага сфатив дека треба да се разделиме. Но, сакајќи да дознаам дали оваа негова намера е од Бога, или од обично човечко самоволие, јас му реков:

- Брате Пајсиј, ете, гледам дека ти сакаш да земеш на себе подвиг на безмолвно житие. Искрено ти велам дека и јас ја имам истата мисла, само не сум сигурен дали таа помисла е од Бога. Затоа, да се помолиме, Господ според Својата волја да го уреди нашиот живот, и да ни открие дали да се разделиме.

На тоа Пајсиј му одговори:

- Добро велиш, мили. Да направиме така.

Застанавме на молитва и цела ноќ топло Му се молевме на Бога. Милосрдниот Бог не го презре нашето молење, туку ни испрати свет Ангел Свој, кој ни рече:

- Господ ве разделува во вашиот живот. Ти, Јоване, ќе живееш овде и ќе им бидеш наставник на другите кон спасението. А, ти, слуго Христов Пајсиј, премини на западната страна од пустината, и кај тебе, вели Господ, ќе се собере голем број монаси, и по негова наредба таму ќе се создаде манастир, и преку тебе ќе се прослави името Негово.

Го рече тоа Ангелот и си отиде. А ние, вели Јован, со благодарност Му се поклонивме на Бога и по Негова наредба се разделивме. Јас останав на истото место, а блажениот Пајсиј отпатува далеку, на западната страна од пустината. Таму тој издлаби во гората пештера и се насели во неа. Со својата совршена чистота и многуте подвизи, тој толку се приближи до Бога, што му се јавувал и самиот Христос, го поучувал и го упатувал, како што ќе видиме подоцна.

Еден ден, кога Пајсиј седеше во својата пештера и пееше божествени песни, му се јави Спасителот и му рече:

- Мир на тебе, Мој возљубен угоднику!

А тој, обземен од страв и трепет, рече:

- Христе човекољупче, Спасителу! Јас сум Твој слуга, и зошто Ти, Владико, ми укажуваш толку голема милост, та си посакал да дојдеш кај мојата недостојност?

На тоа Господ му одговори:

- Гледаш ли колку е голема оваа пустина? Заради тебе Јас ќе ја наполнам со испосници, кои ќе го слават Моето име.

Тогаш Пајсиј падна на земјата и рече:

- Владико, Господи! На Твојата крепка рака сѐ се покорува и што Ти ќе посакаш, тоа се случува. Ја молам Твојата благост, дај ми да сфатам од каде ќе се добива она што е потребно и неопходно за оние кои ќе се подвизуваат во оваа пустина?

На тоа Спасителот му одговори:

- Верувај ми, ако видам дека ја имаат љубовта, мајката на сите доблести, и видам дека ги извршуваат Моите заповеди, тогаш нека не се грижат за ништо, зашто Јас ќе се грижам за нив.

Тогаш Пајсиј повторно го праша Господа:

- Уште еднаш ќе ја запрашам Твојата благост: како лесно ќе ги преминат ѓаволските замки и ќе ги избегнат демонските искушенија?

На тоа Господ му одговори:

- Како што ти реков, ако ги држат Моите заповеди со кротост, правда и смирени срца, тогаш Јас не само што ќе ги издигнам над сите ѓаволски борби и лукави заседи, туку ќе им го дадам во наследство и Царството Небесно.

Го рече тоа Спасителот и со слава отиде на небесата. А свети Пајсиј уште повеќе го исполни своето срце со страв Божји и започна постојано да размислува за Спасителовото слегување од небото кај него.

Но, ѓаволот, гледајќи дека јуначки преминува преку неговите замки, е неуловлив за неговите мрежи и не може да му се доближи од божествената сила, започна да рамислува како да го заплетка. Потоа намисли да го фати во мрежата на среброљубието и за таа цел се упати кај еден египетски кнез, богобојазлив и многу богат човек. Му се јави во облик на Ангел и му рече:

- Возљубени, стани и појди во пустината. Таму ќе најдеш човек на име Пајсиј. Тој е потполно сиромав, но многу украсен со доблестите и избран сад на Божествената благодат. Кога ќе го најдеш, обилно обдари го со злато, за да има со што да ги задоволи потребите и на останатите пустиножители.

Тој кнез не ја сфати демонската измама, туку помисли дека навистина му се јавил Ангел, па зеде доста злато и многу други нешта потребни за монасите, и тргна кај свети Пајсиј. Но божествената сила, која живееше во Пајсиј, му ја откри замката на ѓаволот, кој сака да го зароби кнезот со лакомството. Тој го пречека, и прашан од него за пустиножителот Пајсиј, му одговори:

- Зошто го бараш Пајсиј?

Кнезот одговори:

- Донесов да му дадам злато, сребро и сѐ што е потребно, за да го раздаде на монасите.

Како одговор на тоа, преподобниот му рече:

- О, Христољупче! Знај дека златото и среброто не им се потребни на оние што доброволно живеат во оваа пустина, и никој од нив нема да прими ништо од твојот имот. Затоа врати се дома, а Бог ќе ја прими твојата добра намера. Ако пак сакаш тоа што си го донел со тебе да го раздадеш на бедните, тогаш ете, по египетските градови има толку многу неволни, ништи, бедни, сирачиња и вдовици. Згрижувај ги нив, па ќе добиеш голема награда од Бога.

Кнезот му поверува на светителот, се врати, и постапи според неговиот совет. А кога преподобниот Пајсиј влегуваше во својата пештера, му се јави ѓаволот и му рече:

- Што да правам со тебе Пајсиј, кога ги бркаш од себе сите мои лукави замисли? Одам да војувам со други и кај тебе повеќе нема да дојдам, зашто ме победи.

Божествениот маж му запрети на ѓаволот со силата Христова и го избрка од себе. Срамно избркан, ѓѓаволот повеќе не смееше да му пристапи.

Потоа преподобниот отиде во внатрешниот дел на пустината. Живеејќи таму со телото, тој со својот дух беше заедно со небесните сили пред Владиката. Уподобувајќи се на бестелесните сили, тој се предаде на уште построг живот, и затоа уште овде на земјата се удостои да стане очевидец на небесните ризници, зашто Духот Свети, Кој живееше во него, благоволи да му ја покаже славата на праведниците на небесата. Еднаш, кога застана на молитва, Пајсиј како со крилја да излетал, се најде на небото. И таму најпрвин ги виде прекрасните рајски населби, преполни со неискажани радости. Потоа ја виде црквата на првенците и оние кои вечно ликуваат, и откако се удостои таму да се причести со невештествената храна на Божјите Тајни, тој доби дар на крајно воздржување и нејадење.

Причествувајќи се со Божествените Тајни еднаш во седмицата, и тоа во недела - денот на Воскресението Господово, преподобниот до следната недела не вкусуваше храна. Со таква сила на благодат Творецот ја збогати неговата природа. Мене, вели писателот на ова житие, нека ми верува секој кој верува во зборовите Божји, зашто зборот Божји го имам за верен сведок. Не го вели ли тоа и зборот Божји, дека сѐ се покорува на наредбите Божји? А бидејќи зборот Божји е вистинит, тогаш секој нека верува дека е вистина и ова што го зборувам. По причестувањето со Божествените Тајни на телото и крвта Христови, преподобниот Пајсиј понекогаш поминувал и по седумдесет дена без телесна храна. Тоа воопшто не е чудно, бидејќи Божествената благодат има неискажана моќ, та можела и во Пајсиј да го одржува животот подобро отколу со поткрепувањето со гнилежна храна. Телото на оние кои живеат според телесната природа, за да не малакса бара трошна храна за свое закрепнување. А оние кои во натприродниот живот успеваат како бестелесни, ним Творечката сила знае преизобилно да им ја дава оваа благодат, на која човечката природа добро се покорува, и живее не толку за телесната колку за духовната храна. Семоќниот Создател, Богот наш знае како и во текот на триста и повеќе години да го сочува без храна животот на Седумте заспани момчиња. Исто така Тој во небесните населби го одржува животот на пророкот Илија до последниот ден. - Но за тоа е доволно. Да преминеме сега на блажениот Пајсиј.

Кај овој преподобен отец доаѓаа не само монаси туку и мирјани, кои сакале да останат да живеат покрај него. И населувајќи се околу него како рој од пчели, тие ненаситно сакаа да се наситат од сладоста на неговиот духовен мед. А тој, од вечниот Божествен извор црпејќи благодат послатка од видливиот мед, им го точеше овој духовен пијалок, полн со неискажана сладост. И секој ден растеше бројот на браќата кои се собираа и се множеа околу него, Сите тие, отфрлајќи ги сите убавини на овој свет, евангелски го земаа на своите плеќи јаремот Христов. Некои од овие браќа преподобниот ги одвојуваше на подвигот на молчанието, за насамо да разговараат со Бога преку топлата молитва. На некои им наредуваше со другите да пеат во Црквата, и заедно со браќата да живеат во послушание и воопшто да работат сѐ. Некои одредуваше за ракоделие, за не само да се хранат со трудот од рацете свои, туку да ги хранат сиромашните и да ги згрижуваат патниците. А темел на сето тоа беше никој да не прави ништо по своја волја, туку по наредба и расудување на опитните Отци.

Таков беше заветот на преподобниот за браќата кои остануваа кај него. Што се однесува пак до уредувањето на безмолвниот живот на самиот отец Пајсиј, невозможно е подробно да се изложи и затоа ќе изложиме малку.

По доста време преподобниот, гледајќи дека браќата со своето доаѓање му го нарушуваат безмолвието, молитвеното тихување, започна да се беспокои бидејќи беше голем љубител на молчанието. Затоа тајно отиде во најзафрленото место во пустинатата, најде таму една пештера и во неа остана три години. За тоа време му порасна косата и тој некако вешто ја приврзуваше за еден кол, кој беше забиен на врвот на пештерата и цела ноќ без дремка ги завршуваше сеноќните молитви. Како ноќе, така и дење, тој не си даваше одмор, и само додека работеше се одмораше, ради љубовта Божја која постојано гореше во него. Затоа и самиот беше сакан од Бога и удостојуван на Божествено јавување и лицегледање Христово, како што самиот Он во светото Евангелие рекол: „Кој Ме љуби Мене, возљубен ќе биде од мојот Отецот. И јас ќе го возљубам, и ќе му се јавам Сам“ (Јован 14, 21).

Еднаш, додека во преподобниот гореше силна пламена љубов кон Бога и целиот негов ум со богомислена молитва беше вдлабочен во Господа, му се јави како и порано Христос Спасителот, а тој, бидејќи не беше во состојба да ја гледа пресветлата слава на пресветото лице Спасово, падна на земјата обземен од страв и трепет. Но, човекољубивиот Владика ја пружи својата рака, го подигна Пајсиј од земјата и му рече:

- Мир на тебе, угодниче Мој. Не плаши се и нека не трепери твоето срце, зашто од делата твои многу се насладува добрината Моја и многу ми е мил твојот подвиг. Биди весел, зашто ќе ти дадам ваков дар: сѐ што ќе побараш од Отецот во Мое име, ќе ти се даде.

А свети Пајсиј, гледајќи ја таквата добрина Господова, доби малку смелост и рече:

- Човекољупче Христе Боже, кога ме удостојуваш мене бедниот и недостојниот со таква благодат Твоја, тогаш јас смирено Те молам, Ти самиот да ме упатиш и научиш за кого и за какви потреби треба да се молам, зашто ги гледам сите мои согрешенија пред Тебе и за недостатоците свои секогаш го молам милосрдието Твое; прости ги и покриј ги со милосрдието Твое многубројните гревови мои, и дај ми останатото време од овој живот да го поминам безгрешно, за да можам, откако лесно ќе застанам на патеката на спасението, со Твојата помош и раководството Твое непречено да стигнам до добриот крај. Зашто кој може без Твојата помош и упатство нешто добро да стори и милост од Тебе да добие? И кои наши добри дела, кој труд, и каков подвиг, се достојни на толку големата милост Твоја, кога ние дури и смрт за Тебе би поднеле, како што ни доликува и душите да ги полагаме за Тебе, Творецот и Искупителот наш, и премилосрдниот љубител на нас грешните? Зашто кога Ти, бесмртниот Бог, пролевајќи ја Својата пресвета крв за нас смртните луѓе, претрпе крст, гроб, за со Своето Воскресение да ни дадеш спасение, тогаш колку смрти треба да поднесеме ние за Тебе, Спасителот наш?

Додека свети Пајсиј од срце му го зборуваше тоа на Спасителот, Он го благослови и со слава се вознесе на небесата. Пајсиј му се поклони на својот Владика, славејќи Го и благодарејќи Му за милосрдното снисходење кон него.

Сега сакам, вели писателот на ова житие, да ја истакнам огромната ревност на преподобниот за светата вера, која еднаш ја искажа на следниот начин:

Во едно египетско село живееше еден старец, добродетелен но неук во Светото Писмо, кој од незнаење падна во ерес. Всушност, тој за Света Троица зборуваше дека не е Троица туку двоица, тоест го исповедаше Отецот и Синот, а го изоставуваше Светиот Дух, зборувајќи дека Он не е Бог. И така, самиот погрешно верувајќи, тој и други учеше во тоа зловерие. И многу прост народ го следеше гледајќи го неговиот доблесен живот. Но, Христос Бог, Кој за сите уредува спасение, не сакајќи старчевиот труд и испоснички подвизи да бидат залудни, го извести за него блажениот Пајсиј и му го посочи селото и местото каде што живееше. Преподобниот веднаш започна да се подготвува за пат. Со свои раце изработи многу кошници, секоја со по три рачки, и појде со нив кај тој старец, преправајќи се странец кој ги продава своите ракотворби. Многумина од монасите кај тој старец, кои го почитуваа неговото лажно учење и кривоверие, кога го здогледаа странецот и неговите кошници, го прашуваа кој е. Тој им одговараше дека дошол од пустината да го продава своето ракоделие, а тие го прашуваа зошто кошниците се направени со по три рачки. На тоа свети Пајсиј им одговори:

„Бидејќи сум слуга на Пресвета Троица и Нејзин усрден љубител, па и кошниците ги направив со по три рачки, во знак на Света Троица, за не само со срцето да верувам и со устата да исповедам, туку и со моето ракоделие, кое ја отсликува троичноста на Божествените Лица, да ја прославувам Света Троица, Отецот и Синот и Светиот Дух. Едната рачка е направена во знак на Бога Отца, другата во знак Бога Синот, и третата во знак на Бога Духот Свети. И како што секоја кошница има три рачки а самата по себе е една, така и во Света Троица се три Лица а еден Бог“.

Откако свети Пајсиј во така кратки зборови ја изложи тајната на Света Троица, се засрамија присутните луѓе заедно со својот испосник, и се подготвија да го слушаат, па му рекоа:

- О чудесен човеку, раскажи ни за православието уште појасно, и поучи нѐ повеќе, зашто со она што веќе го рече, многу нѐ  восхити.

Божествениот Пајсиј започна благоразумно и богомудро да ја изобличува еретичката заблуда и нејзината убиственост за душата, да ги учи во светата православна душеспасителна вера, и да ги упатува на патот на вистината. Долго преподобниот им зборуваше од Божественото Писмо, од боговдахновените книги, добро ги научи да веруваат во Света Троица и побожно да ја исповедаат, и го обрати оној старец и оние со него кон покајание за нивната заблуда. Откако ги просвети се врати во пустината, благодарејќи Му на Господа.

Кога наближи до пустината одеднаш пред неговите очи заблеска огромна светлина и ја виде целата пустина исполнета со ангелски војски. Восхитен, тој не можеше да сфати што е тоа, и Го молеше Господа да му открие што значи ова видение. И веднаш светиот ангел, неговиот сопатник, му рече:

- Ова ти го јави Бог за да знаеш дека и кога си овде и кога си отсутен, ангели по Негова наредба ги чуваат монасите кои живеат во оваа пустина, како што ти вети самиот Господ.

Тогаш Пајсиј и за ова Му благодареше на Бога Промислителот, па се врати во својата ќелија.

Сега треба да кажеме нешто и за пророчкиот дар на свети Пајсиј, зашто овој угодник Божји беше полн со проѕорливост.

Бидејќи славата за божествениот и свет Пајсиј се ширеше насекаде и многу доблесни души сакаа да се запознаат со него и да разговараат, така и блажениот Пимен, кој во тоа време беше сосем млад, многу сакаше да го види. Затоа отиде кај преподобниот Павле и започна да го моли да појде со него кај големиот Пајсиј, зашто свети Павле имаше обичај често да го посетува. Но, на оваа молба тој му одговори:

- Чедо, ти сѐ уште си млад, и јас се срамам да те водам кај тој свет маж, зашто е голем угодник Божји и го сака молчанието, а ние одиме кај него со расудување и тоа не секогаш, туку во погодно време за духовна корист.

На тоа Пимен му одговори:

- Но, Оче, кога ќе стигнеме кај него јас ќе останам надвор од ќелијата, а ти сам влези внатре. На мојата душа ќе ѝ биде доволно само да го слушнам неговиот глас кога ќе разговара со тебе. Но дури и да не се удостојам да го слушнам неговиот глас, тогаш јас бедниот ќе се допрам до неговата ќелија. А кога ти ќе излегуваш од кај него, јас ќе ги допрам твоите чесни нозе, кои газеле во ќелијата негова, и ќе земам прав од земјата по која газеле неговите свети нозе. За мене тоа ќе биде богат благослов.

Блажениот Павле го поведе со себе и тргнаа. Кога стигнаа до неговата ќелија, Павле тропна и влезе сам, а Пимен остана надвор.

Примајќи го Павле со љубов, како татко, свети Пајсиј праша и за младиот Пимен, кого со духовните очи го беше видел уште оддалеку и му рече на Павле:

- Каде е твојот млад сопатник?

Павле одговори:

- Тој остана надвор од ќелијата, Оче, зашто се плаши и срами да влезе кај тебе.

Свети Пајсиј му нареди на Пимен да влезе внатре и рече:

- Не е добро да им се забранува на таквите да влегуваат кај нас, зашто на таквите Спасителот им го направи лесен и влезот во небесата. И кај старите зборува во Светото Евангелие: „Ако не се обратите и не бидете како деца, нема да влезете во Царството Небесно“ (Матеј 18, 3). Свети Пајсиј го зеде младиот Пимен, му го сврте лицето кон себе, го благослови, а на Павле му рече:

- Верувај ми, драги Павле, ова момче ќе ги спаси душите на многу луѓе, и многумина, благодарејќи на него, ќе се удостојат на рајските населби, зашто со него е раката Господова, која го штити и го води кон божествениот пат.

Откако го рече тоа свети Пајсиј, и ги положи своите раце врз главата на Пимен, повторно го благослови. По долгиот разговор за спасението на душите, тој ги отпушти со мир. Самиот пак, безмолствувајќи, молитвено тихувајќи и самувајќи, ревносно ги извршуваше своите вообичаени испоснички подвизи.

Но сега да преминеме и на преславните чудеса на преподобниот Пајсиј.

Во сириските краеви живееше еден голем подвижник украсен со разни доблести. Еднаш, кога овој монах застана на молитва, му дојде мисла, на кого од оние што Му угодиле на Бога е сличен тој?

Штом го помисли тоа, се слушна божествен глас:

- Појди во земјата египетска, па таму ќе најдеш маж на име Пајсиј, кој, исто како и ти, има смиреноумие и љубов кон Бога.

Чесниот старец веднаш со радост тргна на пат, без да се грижи што патот е толку долг и многу тежок. Брзо патувајќи од Сирија во Египет, тој стигна до Нитриската гора, и праша каде се наоѓа Пајсиј. И бидејќи неговото име беше насекаде познато, веднаш му кажаа каде живее. Но и за Пајсиј доаѓањето на старецот не беше веќе тајна, зашто со благодатта Божја тоа му беше откриено. Пајсиј излезе да го пречека и се сретнаа во пустината, и со љубов се прегрнаа и се целиваа во Господа. Потоа дојдоа во ќелијата на Пајсиј, се помолија и седнаа. Старецот прв се обрати кон свети Пајсиј и му зборуваше на сириски јазик преку преведувач, зашто не знаеше египетски. А Пајсиј, како египќканин, многу тагуваше што не го знае сирискиот јазик, зашто не сакаше да пропушти ниту еден корисен збор од старецот. Затоа ги подигна очите кон небото, длабоко воздивна и рече:

- Сине, Слово Божјо, дај ми мене, слугата Твој, да ја разберам силата на зборовите на овој свет старец!

Штом го рече тоа, веднаш започна да го разбира сирискиот говор, и поучуван со Божествениот Дух, започна да зборува со него на сириски. И се насладуваа и двајцата, разговарајќи без преведувач. Си кажуваа еден на друг за своите подвижничкик подвизи откриени од Бога, и на какви Божји дарови се удостоиле.

Така поминаа шест дена, веселејќи се во Бога. Кога старецот требаше да замине, свети Пајсиј ги собра сите свои ученици и им рече:

- О, чеда возљубени! Овој преподобен маж, совршен во доблестите, е полн со благодатта на светиот Дух. Затоа пристапете сите, удостојте се со неговиот благослов, и примете ги неговите молитви во ваша заштита од сите ѓаволски напади.

Кога го рече тоа свети Пајсиј, сите ученици започнаа да му го оддаваат на преподобниот старец должното поклонување и да примаат благослов од него. Потоа, откако се помоли на Господа за нив, овој старец се поздрави со свети Пајсиј и се врати во својата земја.

Наскоро по заминувањето на старецот, кај свети Пајсиј дојде еден брат од оние што живеат осамено. Учениците му рекоа:

- О, возљубени! Кај нас беше еден човек Божји од Сирија, голем старец меѓу отците, просветен со умот и срцето. Тој многу нѐ поткрепи со своите душеспасителни зборови, и пред малку си замина. Ако сакаш можеш да го стигнеш и да се удостоиш на благослов од него.

Тој брат сакаше веднаш да тргне по него, но свети Пајсиј му рече:

- Не оди, зашто преподобниот старец е веќе далеку, носен на облаци во својата земја.

Тогаш сите се восхитија и Го прославија Бога, прекрасниот во светиите Свои.

Еднаш кај преподобниот Пајсиј дојде еден брат кој сакал да го види, и го затекна како спие. Покрај главата на светителот го здогледа светиот Ангел хранител со прекрасен изглед како стои и восхитен рече:

- Навистина Бог ги чува оние што Го љубат! И од присуството на Ангелот не се осмели да му пријде, туку благодарејќи Му на Бога замина, зашто доби голема корист од тоа што се удостои да го виде Ангелот Божји покрај преподобниот.

Еден од учениците на свети Пајсиј, покорувајќи се на неговата наредба, тргна во Египет да го продава своето ракоделие. На патот случајно сретна еден евреин, кој исто така одел во Египет, и продолжија заедно. Кога ја виде неговата простота, тој евреин со својот нечист јазик започна да исфрла отров, велејќи:

- Зошто верувате во прост, распнат човек, кога Тој не е очекуваниот Месија? Ќе дојде друг, а Тој не е.

Бидејќи евреинот изговори и многу други лукави зборови, тој монах, од умна слабост и простота на срцето, соблазнет од евреинот, внимателно ги слушаше неговите зборови како да се вистински, и рече:

- Можеби е така како што велиш.

Каква измама и неочекувана напаст! Зашто овој монах (тешко мене!) веднаш се лиши од благодатта на крштението, за што ќе стане збор подоцна.

Кога монахот се врати во пустината кај преподобниот, тој стана недостапен за него. Не сакајќи ни да погледне во него, тој на сите можни начини се криеше од него и не му прозборуваше. Ученикот многу тагуваше поради тоа, без да ја знае својата вина. Најпосле начека погоден момент, му падна пред нозете и му рече:

- Зошто, Оче, го свртуваш своето лице од мене како од лош човек?

Старецот му рече:

- Кој си ти, човече? Јас не те познавам.

Инокот одговори:

- Што туѓо гледаш во мене, Оче, та не ме познаваш? Зар не сум јас твојот ученик? - притоа го изговори своето име.

Тогаш старецот му рече:

- Тој мој ученик беше христијанин и на себе ја имаше благодатта на крштението, а ти не си таков. Ако навистина си тој мој ученик, тогаш навистина благодатта на крштението си отиде од тебе, и обличјето на христијанин се зеде. Затоа, кажи ми што се случило со тебе? Раскажи за искушението што те снашло и каков душегубен отров си примил по патот?

- Прости ми, Оче, одговори инокот, јас ништо не сум сторил.

Светителот му рече:

- Бегај далеку од мене, заедно со оние кои се одрекле од Бога! Јас нема да разговарам со тебе. Ако беше ист како порано, јас таков ќе те гледав.

Мовахот длабоко воздивна и низ солзи рече:

- Јас навистина сум тој твој ученик, но не знам што лошо сум сторил.

Великиот Пајсиј тогаш го праша:

- Со кого си разговарал по патот?

- Со еден евреин и со никој друг - одговори инокот.

Светителот го праша:

- Што ти зборуваше тој, а што му одговори ти?

Ученикот одговори:

Евреинот само ми рече: Христос на Кого вие се клањате не е вистински Христос, туку друг Христос ќе дојде во светот. А јас му реков: Можеби е така како што велиш ти.

Тогаш старецот извика:

- Па што може, несреќнику, да биде полошо и погадно од тие зборови, со кои ти си се одрекол од Христос и од Божественото Крштение? Оди сега и оплакувај се себеси како сакаш, зашто немаш дел со мене и името твое е запишано со оние што се одрекле од Христос, и ти со нив ќе примиш суд и маки.

На овие зборови ученикот воздивна и заплака, па ги крена очите кон небото и повика кон преподобниот, молејќи го:

- Оче, смилувај се на мене бедниот, и дај ѝ мир на мојата душа!

Од невнимание се лишив себеси од божественото просветување и станав радост за лукавите демони. Каде да одам сега? Еве, прибегнувам кон Бога и кон твоите свети молитви. Не презирај ме мене бедниот, и умоли Го за мене Владиката Христос, повторно да ме опсипа со своето милосрдие!

Додека тој така се молеше, светиот се сожали и му рече:

- Стрпи се, чедо. Треба долго да Го молиме за тебе милосрдието на човекољубивиот Бог.

Старецот се затвори на молитва за прошка на гревот на својот ученик, кој од невнимание и простодушност Му согреши на Бога. И Господ, Кој секогаш ја исполнува молитвата на Своите угодници, му прости на грешниот. Како знак за тоа преподобниот ја виде благодатта на Светиот Дух, како во вид на гулаб се врати во неговиот ученик и влезе во неговата уста. Притоа го виде и злиот дух како излезе од ученикот во вид на црн чад и се разлеа низ воздухот.

Преподобниот тогаш се увери дека Господ му прости на братот кој згреши, па му се обрати:

- О, чедо! Заедно со мене дај Му слава и благодарност на Христа Бога. Зашто нечистиот дух излезе од тебе, а место него влезе Духот Свети, враќајќи ти ја претходната благодат на Крштението. Од сега чувај се повторно да не паднеш во мрежите на богохулството, па да го наследиш вечниот оган.     

Еднаш кај свети Пајсиј дојде еден старец Јован, кој во испоснички подвизи помина многу години во пустината. Тој беше многу гладен и имаше потреба од храна. Свети Пајсиј го дозна тоа од Духот Свети и му рече на својот ученик:

- Брзо подготви ни трпеза и донеси храна, за да се нахраниме со отец Јован.

Кога трпезата беше готова, преподобниот му предложи на Јован, велејќи:

- Поради твоето големо воздржание потребна ти е храна. Земи и касни малку.

На тоа Јован му рече:

- Прости ми, Оче, но сега е пост, јас треба да постам за моите многубројни гревови.

Старецот се восхити на неговото воздржание, веднаш стана, погледна во небото и од срце рече: „Господи, посети го слугата твој Јован, кој со сите сили се труди ради името Твое!“

И додека свети Пајсиј така се молеше во себе, Бог заради неговите молитви му испрати прекрасен и преславен дар на оној за кого се молеше. Тогаш Јован се најде како во восхитување и виде преславно момче, кое во рацете држеше храна и пијалок и му ги нудеше. А кога си дојде на себе, беше исполнет со голема сладост како да е потполно сит од пребогатата трпеза и веќе не му беше потребна храна предложена од старецот, оти обилно беше нахранет со ангелската. Тој Му заблагодари на Бога и на Неговиот угодник свети Пајсиј, па се врати во својата пустина и уште повеќе го засили својот пост, постојано велејќи си: „Многу слатко јадев, затоа и понатаму со усрдие ќе постам“.

Така овој блажен Јован, крепен со молитвата на свети Пајсиј, напредуваше во испосништвото.

Кога понекогаш седев кај преподобниот Пајсиј, вели блажениот Јован Колов, писателот на ова житие, кај него доаѓаа иноци со желба за духовна корист и притоа често го прашуваа:

- Оче, зборувај ни за спасението, како да живееме по Бога?

На тоа старецот им одговараше:

- Исполнувајте ги заповедите Божји и чувајте ги отечките преданија.

И повторно монасите го молеа да им каже уште нешто за душевна корист.

А божествениот маж, гледајќи ги со своите проѕорливи очи нивните помисли, на секого му ги кажуваше помислите, притоа добрите и лошите, и зошто тие помисли им дошле во срцето.

Многу восхитени од неговата проѕорливост, вели Јован Колов, тие иноци ми велеа насамо:

- Оче Јоване, навистина ава Пајсиј ни ги откри сите тајни на нашите срца. И она што само на единиот Бог му беше познато, тој јасно го виде во нас.

А јас на тоа им реков:

- Многупати и ние од искуство ја дознавме таа негова проѕорливост. Ако ми верувате ќе ви кажам, оти немам што друго да зборувам за него освен вистината. Покрај тоа, ние се плашиме од вистинскиот Судија, Кој во Светото Евангелие вели: „Со своите зборови ќе се оправдаме, и со своите зборови ќе се осудиме. За секој празен збор што луѓето ќе го кажат ќе дадат одговор во денот на Судот“ (Матеј 12, 37. 36). Сѐ што помислував често во себе, и што тајно од другите направив, секогаш кога ќе појдев кај него, отец Пајсиј ми кажуваше за тоа како да бил со мене и видел сѐ што правам. Монасите се зачудија и рекоа:

- Прекрасен е Господ во светиите Свои (Пс. 67, 36).

Потоа си заминаа славејќи Го Господа за големата благодат, што му ја дал на својот слуга свети Пајсиј.

Ќе кажеме уште и колку силни беа молитвите на преподобниот и како можеа тие и големиот грешник, кој отстапил од Бога, повторно да го обратат кон Бога и приведат кон спасението.

Еден брат на име Исак, одејќи по својата волја, го напушти своето пустинско безмолвие и се насели близу градот. Бидејќи често одеше во тој град за да го продава своето ракоделие, тој лесно падна во мрежата на гибелта, на следниот начин:

Една еврејка му пријде да купи нешто, а тој ја погледна во лицето, ја забележа нејзината убавина и веднаш го обзеде нечиста помисла спрема неа. Исто така и жената, гледајќи дека е сосем млад, се загледа во него, и откако поразговараа се заробија еден со друг со сатанска љубов. И наскоро под дејство на ѓаволот тој се заплетка во мрежите на таа лоша жена, го остави монаштвото и се ожени со неа. Што е уште полошо, тој бедник не само монаштвото туку и верата своја ја напушти од љубов спрема таа жена и премина во еврејската. И служејќи му на старозаветниот закон нивни, тој постојано се дружеше со евреите, и хулеше на нашиот Спасител Христос, како што хулат евреите. Во сѐ ја исполнуваше волјата на својата нечиста и проклета жена, која беше обземена со толку голема злоба спрема Христос и таква омраза спрема пресветото име Негово, што често ставајќи ја својата глава на неговите гради, ги допирала неговите заби и притоа велела: „да не останало меѓу забите некоја трошка од христијанската причест“. Зашто таа безбожна жена мислеше дека кај христијаните Божествената Причест долго останува меѓу забите. А тој се согласуваше со нејзината злоба и стана непријател Христов.

О, безбожие! Знам дека сите вас душата ќе ве заболи слушајќи го ова. Но, јас се восхитувам на долготрпеливоста Божја, на големото човекољубие Негово, на неизмерната божествена благодат Негова, која не ги љуби само праведниците, туку ги жали и грешниците, и со тајна посета се допира до нивните срца, слично на сончевиот зрак, кој проникнувајќи низ мало дупче во затворена ќелија, цела ја осветлува.

Но, да се вратам на повеста. Оној несреќен монах, кој се отуѓи од монаштвото и христијанството, и со погубното безверие одеше кон длабочините на адот, по долго време постепено започна да се буди како од сон, и изобличуван од својата совест, стана свесен за својата пропаст. Во тоа време некои браќа од оваа пустина, во која отпаднатиот инок Исак порано водел подвижнички живот, дојдоа во градот за свои потреби. Божјата промисла уреди тие да поминат покрај куќата каде тој прелестен живееше со еврејката. Кога ги здогледа душата му се потресе, се сети на својот поранешен живот и чесната должност на светите браќа, па излезе од дома и започна да ги распрашува:

- Од каде сте? Кои сте? Зошто дојдовте?

Тие му одговорија:

- Ние сме од Нитриската пустина и ученици на великиот Пајсиј. Дојдовме овде по свои потреби.

Тогаш тој воздивна длабоко, им раскажа сѐ за себе и започна да ги моли да му ја достават на старецот неговата молба: тој да Го умоли Господа за него, за со молитвите негови да се избави од ѓаволската замка. Монасите ветија дека ќе ја достават неговата молба, и навистина го сторија тоа. Откако ги сослуша, старецот длабоко воздивна и рече:

- Тешко мене, возљубени чеда, какви луѓе отпаднаа од Божествената благодат заради жена! Примери на такви луѓе имаме во светите книги, напишани од древните Отци, зашто врагот кој војува против луѓето, нема посилно оружје од жената. Со тоа оружје противникот лесно ги совладувал и големите луѓе. Сетете се на великиот Давид и неговите внуци и правнуци. Ете, зошто и ние треба секогаш да бидеме внимателни и постојано да Му се молиме на Бога, да нѐ избави од таквите замки.

Го рече тоа старецот, се затвори во својата молитвена ќелија и говореше кон Бога:

„Господи Исусе Христе, Сине Божји и Слово! Не презирај ги делата на рацете Твои и не дозволувај тој монах целосно да пропадне, туку милостиво погледни на него. Прими го молењето мое за оној што отстапил од Тебе и веќе започнал да се враќа кај Тебе. Ја молам Твојата благост, повикај го на покајние“.

Така светителот се молеше многу денови и со молбите негови беше умолено милосрдието Божјо. Тогаш му се јави самиот Господ и го праша:

- За кого повикуваш кон Мене и ден и ноќ? За оној ли што се одрекол од Мене и отишол со непријателите? За оној ли несреќник што некогаш беше монах, а сега е евреин. За него ли се молиш угоднику Мој?

Старецот на тоа Му одговори на Господа:

- За него Ја молам Твојата благост, човекољубив Господи. Гледајќи на Твоето милосрдие, кое сите ги повикува на спасение и не ја сака смртта на грешникот туку го очекува неговото обраќање, јас заради тоа милосрдие Твое се дрзнав да ја молам добрината Твоја.

На оваа молба Спасителот му рече:

- Угоднику Мој, ќе го добиеш тоа што го бараш, затоа не тагувај.

Го рече тоа Спасителот и се вознесе на небото.

Не помина долго време, а онаа зла жена еврејка, поразена од гневот Божји, умре. Тогаш Исак повторно се врати во пустината, падна пред нозете на преподобниот, плачејќи и исповедувајќи ги гревовите свои. Го израдува преподобниот и сите Отци во пустината, и многу поучен од големиот Отец, Исак повторно ја прими светата вера и се облече во ангелскиот лик. Се подвизуваше во големи трудови, плачејќи и ридајќи за своите гревови. Така ги проживеа останатите денови од својот живот во покајание, и отиде кај Господа. Сетоа тоа грешникот го доби по молитвите на преподобниот Пајсиј. Се покаја и се спаси. А ние, кои ги слушаме ваквите преславни дела, треба да Го славиме и да Му пееме на Христа Бога, Кој толку го возвелича угодникот Свој.

Меѓу учениците на преподобниот Пајсиј имаше и еден старец кој имаше световни навики и обичаи, и кога монасите доаѓаа кај преподобниот за поуки, со нив слушаше и тој старец, но без никаква корист, зашто срцето му беше скаменето. А што е уште полошо, тој дури ги исмеваше зборовите на светиот старец и пред другите браќа се потсмеваше на неговите поуки. Некои монаси се соблазнуваа на хулите што ги слушаа од него, и по доста време, не сакајќи повеќе да ги слушаат неговите одвратни зборови, и без да смеат да го иззвестат светиот старец за тоа, браќата отидоа кај еден доблесен подвижник и му се пожалија од оној лош старец. Подвижникот стана и заедно со нив отиде кај великиот Пајсиј.

Во тоа време свети Пајсиј се наоѓаше во богоразмислување и се чу ангелски глас:

„Знај, Оче, дека оној старец што живее со учениците кај другите браќа предизвикува соблазна и немир. Треба да го прекинеш неговиот непристоен обичај и да го поправиш со помош на заповедите“.

На овој глас свети Пајсиј одговори:

- Одамна би го сторил тоа, кога би знаел дека ќе можам да го поправам. Но, бидејќи ѓаволот е спремен да го погуби, јас не смеам да му кажам ништо остро, за да не го огорчат и навредат моите зборови, па да замине од братството во светот. Во тој случај јас ќе бидам виновник за неговото загинување и виновен пред Бога што не сум го трпел братот искушуван од врагот. Треба да се молиме за него да се исцели од оваа несреќа.

Го рече тоа и започна да се моли на Бога, и го виде бесрамниот дух како излезе од старецот.

Потоа отидоа браќата кај Отецот со оној богољубив подвижник и пред да започнат да зборуваат за непристојниот старец, тој дојде по нив, падна пред нозете на светиот Отец, со солзи ги облеваше и се каеше и молеше за прошка, ветувајќи дека ќе се поправи. Од тогаш тој стана кроток и послушен. Со радост ги слушаше боговдахновените поуки од устата на преподобниот Отец и се трудеше усрдно да ги спроведе на дело. Наскоро тој многумина надмина во доблестите и стана искусен отшелник со помошта и молитвите на свети Пајсиј, кој испроси за него голема милост од Господа.

Не треба да ги премолчиме и другите преславни дела на свети Пајсиј и затоа ќе ги изоставиме кажувањата за неговите многубројни чудеса, зашто е невоможно сите да ги опишеме.

Еднаш кај свети Пајсиј во пустината дојдоа двајца млади браќа и со негова наредба останаа да живеат заедно со браќата во неговиот манастир. А пак преподобниот Пајсиј со својот ученик живееше во пустината далеку од својот манастир. Долго време тие двајца браќа го носеа подвигот на послушанието. Потоа дојдоа кај старецот и го молеа да им дозволи да живеат отшелнички во пустината. Сметајќи дека се способни за пустинско безмолвие, тој ги благослови да се преселат од манастирот во пустината. Тие најдоа погодно место за безмолвие, се населија таму и живееја богоугодно, одбивајќи ги сите напади на злите духови. Но завидливиот ѓавол наоѓаше најразлични замки против слугите Христови, па пронајде лукавство и против нив:

На еден од пустиножителните отшелници, кој не беше сосем во монашкото нестекнување, му беше украден неговиот беден ќелиен имот. Како малодушен, тој отшелник жалеше за украдените работи и насекаде го бараше крадецот, но не го најде. Кога слушна за некој пустиножителен проѕорлив старец, тој веднаш се упати кај него зашто не смееше да појде кај преподобниот Пајсиј, за тој да не го искара поради имотољубие. Дојде кај тој проѕорливец и го замоли да му каже каде се неговите украдени работи и кој ги украл. Тој старец всушност не беше просветен во проѕорливоста со благодатта Божја, туку со дејство на ѓаволската сила. Затоа, поучен од ѓаволот, ги наклевети двајцата монаси кои неодамна се населија во пустината. Притоа рече: „Тие ја извршија кражбата. Фати ги и немој да ги пушташ сѐ додека не ти ги вратат украдените работи“.

Отшелникот веднаш отрча во лаврата на таа пустина, измоли од игуменот силна стража, па појде и ненадејно ги нападна двајцата безмолвници, ги фати како злосторници, и со тепање и викање ги доведе во лаврата. Тука со бесчестење ги затворија во темница. Игуменот и старците му поверуваа на тој проѕорливец, и ги осудија невините монаси како крадци, да бидат лишени од монашкиот чин и мачени.

Преподобниот Пајсиј со благодатта Божја проѕорливо дозна сѐ што се случи, па веднаш појде во таа лавра. За неговото доаѓање веднаш се расчу насекаде, зашто меѓу пустиниците немаше пославно име од неговото. Се собраа кај него браќа и старци од околните манастири и отшелнички ќелии за да го поздрават, и меѓу нив дојде и старецот кој со демонска прелест се претставуваше за проѕорлив. И кога сите браќа и отци се поздравија со свети Пајсиј, тој ги праша:

- Каде ги сместивте оние двајца млади пустиножители?

Браќата молчеа. Потоа некои од нив рекоа:

- Оче, тие се крадци, и поради своето нечисто дело ги затворивме во темница.

Светиот ги праша:

- Кој ви рече дека се крадци?

Браќата посочија кон проѕорливиот старец, а великиот Пајсиј го праша:

- Вистина ли е тоа што си го рекол за нив?

Тој одговори:

- Вистина е. Бог ми откри.

На тоа свети Пајсиј рече:

- Кога таа твоја проѕорливост би била од Бога, а не од демонската прелест, тогаш ѓаволот не би се гледал во твојата уста.

Сите се исплашија од овие зборови, зашто знаеја дека зборовите што излегуваат од устатата на Пајсиј се вистинити. И сите започнаа да го караат прелестениот проѕорливец и го тераа да бара прошка од преподобниот. Посрамен, тој падна пред чесните нозе на светителот, говорејќи:

- Оче, прости ми, и помоли се за мене прелестениот.

Светителот се помоли и веднаш пред очите на сите од устата на прелестениот излезе демонот на суетата и лагата, претворајќи се во огромен див вепар, кој многу разјарен јурна врз преподобниот, но тој му запрети на нечистиот дух и го фрли во бездна. Прелестениот старец почувствува и со своите очи виде како од него излезе демонската сила на прелеста, па со страв и трепет падна на земјата, се тркалаше крај нозете на Пајсиј, и со солзи го молеше да му даде целосна прошка. И браќата кои му поверуваа на прелестениот и ги злоставуваа невините паднаа и молеа за прошка. Ги изведоа од темницата оние двајца млади монаси, и сите плачеа со умиление за нив, а оние што им нанесоа неправда бараа прошка од нив. Преподобниот Пајсиј ги поучи сите внимателно да се чуваат од таквите ѓаволски прелести, и да не им веруваат на лажните пророкувања на оние кои се прават свети и проѕорливи. Потоа насамо му кажа на игуменот каде се оставени украдените работи, а за оние кои ја извршиле кражбата не рече ништо. Им прости на сите, се помоли и се врати во својата ќелија.

Во тие времиња и во тие египетски пустини заблеска во испосништвото и угодникот Божји Павле, заради чии што молитви Бог исто така ја јавуваше Својата голема милост над луѓето. Преподобниот Пајсиј еднаш посака да го посети. И се сретнаа тие двајцата како два ангела Божји и два војника Христови, кои го совладуваат невидливиот непријател и си помагаат еден на друг. Двајцата беа како силна тврдина, неосвојлива од никакви вражји напади. Разговараа меѓу себе со зборови полни со Светиот Дух, и истовремено се насладуваа и со слаткиот плод на молчанието. И во својата старост тие секој ден измислуваа младешки подвизи, како повторно да почнуваат да се подвизуваат и да водат уште посовршен живот. Великиот Пајсиј беше постар и по години од Павле и веќе остарен, а блажениот Павле беше со воочлив раст и бодра душа. И рече преподобниот Пајсиј:

- Додека сме во овој живот нашиот Господ не сака нашето тело да се разленува. Срамно е ако за време на нашиот исход се најдеме во леност.

Кога преподобниот Пајсиј го рече тоа, блажениот Павле го сослуша и рече:

- О, началнику на отците! Јас веќе ја следам твојата пофалба и добриот совет, не сум ленлив и се надевам во Бога дека по твоите свети молитви ќе ми даде да го поминам својот живот по твојата волја.

Двајцата поминаа многу денови заедно во корисни поуки, па се простија со љубезен целив во Господа и се разделија телесно, но не и духовно. Преподобниот Павле остана на своето место, а свети Пајсиј се врати во својата ќелија.

И двајцата беа чудотворци, прогонувачи на страстите, искусни раководители во делата на спасението на човечките души, молитвеници за сите, за сите посредници и наставници, луѓе силни на дело и збор, добар пример за секого, зашто монашките трудови на свештениот Павле многу се славеа, а многубројните и натприродни постнички подвизи на блажениот Пајсиј, што тајно ги вршеше, им беа познати на многумина, иако не на сите. Некои од тие негови подвизи беа познати за да ги поттикнат на благодарност кон семоќниот Бог оние кои слушаат, и на уште поголемо усрдие оние кои се подвизуваат. А неговото превисоко житие не е во состојба целосно да го изрази ниту еден човечки збор, зашто тој многу Му служеше на Господа тајно, и според своето огромно смирение не сакаше неговите добри дела да им бидат познати на другите. Кога некој од браката ќе го прашаше која доблест е највисока, тој одговараше:

- Онаа што се врши тајно и за која никој не знае.

Уште велеше дека огромна доблест е во сѐ да се постапува според волјата на другите а не според својата.

Во сиот свој доблесен живот преподобниот за секоја работа имаше одредено време, и строго се држеше до тој распоред. Имаше одредено време кога молчи, кога зборува, време кога се осамува и затвора во својата ќелија, време кога излегуваше кај браќата и разговараше со нив за душекорисни работи. Така тој во безмолвие, во осамено молитвено тихување се приближуваше до Бога по патот на богомислието, а во општењето со браќата бараше спасение за ближниот.

Најпрекрасно кај него беше тоа што тој умееше мудро да ги сокрива своите доблести, зашто кога браќата ќе почнеа да го слават поради некој негов подвиг, тој веднаш го оставаше истиот и се зафакќаше со друг, за оној првиот да остане во заборав. А кога јас, вели писателот на неговото житие, го прашав: „Зошто постапуваш така?“ Тој радосно ми одговараше: „За мојот претходен подвиг да остане неповреден. Човечката пофалба е голема опасност и кој се труди заради неа, има мала корист. Од таквите луѓе ретко кој се спасува, бидејќи суетната слава многу им наштетува. Затоа нашиот Господ добро рекол: Да не знае твојата левица што прави твојата десница“ (Матеј 6, 3).

Сеќавајќи се на овие зборови од поуките на преподобниот, продолжува свети Јован Колов, јас пристапувам кон завршување на својата повест. Нашиот преподобен отец Пајсиј, голем по живот и просветен со доблестите, достигнувајќи длабока старост, ги заврши овдешните свои трудови и беше повикан од Господа на вечен одмор во небесното блаженство. Неговото тело чесно беше погребано од мноштвото монаси, а неговата душа ја прими бесмртниот живот небесен. Се пресели во вечноста во 400-та година.

Кратко време потоа и блажениот Павле во својата далечна пустина замина од овдешниот живот. Преминувајќи во неостарливиот, тој заедно со свети Пајсиј се насели во светлината на светиите, за и нивните блажени души заеднички да се насладуваат на бесконечното упокоение, како што заедно се трудеа во монашките подвизи. Нивните чесни тела не почиваа долго разделени. По промисла Божја тие заедно беа положени на исто место. Нашиот преподобен отец Исидор, кој се испостувал во својата обител на гората Пелусиска, штом слушна за претставувањето на великиот Пајсиј, веднаш дојде на местото каде беше погребан. Чесно го извади од земјата, го завитка со погребни покривки, го положи во ковчег, сакајќи својата обител да ја збогати со него како со голема ризница, поскапоцена од секое богатство. Го внесе ковчегот во својот кораб и тргна назад, пеејќи и славејќи Го Господа. Додека пловеа, недалеку од пустината, каде што почиваше чесното тело на преподобниот Павле, коработ одеднаш застана, запрен од непозната сила, и се сврте кон таа Павлова пустина. Морнарите долго се трудеа да го свртат коработ, но не можеа. Два дена се трудеа и беа во голема недоумица. А преподобниот Исидор сфати дека тоа е по Божја промисла и нареди да го пуштат коработ да оди каде што сака. Коработ, воден со невидлива рака доплови до брегот и застана спрема пустината каде што лежеше телото на свети Павле. Тоа ги сневесели и зачуди сите. Во меѓувреме на брегот дојде еден знаменит старец од пустината на име Еремија, и им довикна:

- О, возљубени! Зошто со сите сили се трудите борејќи се со коработ? Зарем не гледате дека преподобниот Пајсиј го призива својот љубимец, преподобниот Павле? Тој сака заедно со него да биде пренесен во вашиот крај и на исто место да биде положен. Затоа побрзајте и земето го неговото тело.

Преподобниот Исидор и сите со него со радост излегоа на брегот и го прашаа чесниот отец Еремија каде е положено телото на свети Павле. Тој ги одведе во далечната пустина и им го покажа гробот. Тие ги извадија неговите чесни мошти, ги однесоа кај моштите на свети Пајсиј, и штом се качија на коработ, тој самиот тргна и заплови со така чудесна брзина, што веднаш стигна во пристаништето Пилусија. Преподобниот Исидор ги изнесе на копното чесните мошти на двајцата чесни отци Пајсиј и Павле, ги однесе со пеење на псалми и духовни песни во својата обител и ги положи во црквата, подигната од него. Тука се случуваа преславни чудеса. Вознемирувани од нечисти духови и болни од најразлични болести се исцелуваа со самиот допир до нивните чесни ковчези, се истеруваа нечисти духови и секоја несреќа веднаш се лечеше со молитвите на овие големи угодници Божји.

Јас, Јован, викан Колов, од многуопширното го напишав ова малку, за корист на оние кои читаат и слушаат, а во слава на Отецот и Синот и Светиот Дух, едниот во Троица Бога, Кому Му доликува секоја слава, чест и поклонение, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.

ЖИТИЕТО НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ЈОВАН БИТОЛСКИ, архиепископот Шангајски и Сан - Франциски

Михаил, (во чест на свети Архангел Михаил) се роди на 4 јуни 1896 година во селото Адамовка, во јужна Русија. Потекнува од побожното семејство Максимович, исто како и неговиот предок свети Јован Тоболски. Татко му Борис беше дворски чиновник, а неговиот вујко - ректор на Киевскиот универзитет.

Беше исклучително дете. Уште во своите детски игри војниците ги претвораше во монаси а тврдините во манастири. По негово убедување воспитувачката стана православна. Редовно го посетуваше блискиот манастир со светогорски типик, со многу пештери, скитови, схимници.

Средно училиште заврши во Полтавската воена школа, а потоа се запиша на правниот факултет на Царскиот универзитет во Харков, кој го заврши во 1918 година. Имаше услови за световна кариера, но сепак неговото срце беше далеку од овој свет. Беше одличен студент, но поголемиот дел од времето го поминуваше во читање на житија, изучувајќи ги молитвените подвизи на светителите и проучувајќи ја науката над науките.

Во 1921 година, за време на Руската граѓанска војна, тој, заедно со своето семејство беше евакуиран во Белград. Таму, во 1925 година дипломираше на Теолошкиот факултет. За време на студииите заработуваше за живот продавајќи весници. Во 1924 година беше поставен за чтец при Руската Црква во Белград од страна на митрополитот Антониј, кој уште поодамна инсистирал да го запознае, бидејќи го забележал богоподобниот живот на ова младо момче и оттогаш се грижеше за неговото духовно растење. Во 1926 година Митрополитот го пострижа во монаштво и го постави за јероѓакон во Мињковскиот манастир, давајќи му го името Јован, во спомен на свети Јован Тоболски. Истата година беше потстрижан во Јеромонах од раката на епископот Гаврил.

Од 1925 до 1927 година предаваше веронаука, прво во Српската државна гимназија, а од 1929 до 1934 година ја извршуваше должноста професор при Богословијата „Свети Јован Богослов“ во Битола.

Таму, како професор и воспитувач, многу беше сакан од сите деца, па тие често изјавуваа:

Со својот пристап тој така ги ослободуваше сите, што ние можевме секогаш да бидеме отворени спрема него. Бидејќи добро нѐ познаваше, тој за секого водеше грижа, а најмногу за оние кои беа без еден или без двата родитела. Некои ученици гласно изјавуваа дека се послободни пред него отколку пред своите родители дома. За жал, оваа слобода понекогаш беше злоупотребувана од нас, но тој никогаш не се лутеше и така го чувствувавме уште поблизок и навистина го имавме како втор наш родител.

Еднаш се случи и ова:

Дојде отец Јован да ни соопшти нешто и сите се нагрнавме околу него, и во тој натпревар еден ученик лошо постапи спрема свој колега. Отец Јован лесно го повлече за уво. Виновникот, кој беше еден од подобрите во класот, поцрвене и засрамен се оддалечи од групата.

Наредниот ден, меѓу часовите, пак дојде отец Јован и на „казнетиот“ му донесе кутија локум „за да се помиреле“. Навистина, овој наш воспитувач и во својата зрела возраст беше со детска незлобива душа! Единствен - и повеќе таков не доживеавме да имаме во интернатот.

За подобро да се воочи разликата во однесувањето на нашите воспитувачи при Богословијата во Битола, ќе цитираме дел од едно писмо, добиено од отец Милосав Љ. Поповиќ (сега покоен). Меѓу другото отец Милосав пишува:

...За отец Јован можам да кажам дека навистина беше светител, додека некои наши воспитувачи, иако во чин, навистина беа...

Отец Јован дел од својот оброк (колачиња) ги носеше на болните ученици, што секој ден ги посетуваше во градската болница. Се прашувам кој од другите наставници и кога посетил болен? Јас не се сеќавм на такво нешто...

„Кога бев богослов втора година добив шуга. Не знаев што е тоа и како да постапам. Навечер главниот воспитувач и неговиот помошник ме затекнаа сам во градеробата, па ми се нафрлија со најлоши зборови: дека сум бил нечист, несмасен, несвесен и сл. Не се лутам на оној што ме пријавил, зашто бев виновен што веднаш не отидов на лекар. Но, постапката на двајцата воспитувачи тогаш многу ме погоди. А што е најжално од сѐ друго, за време на целото мое школување тие и двајцата попреку ме гледаа. Сега се прашувам: како би постапил да беше нашиот отец Јован?

И однесувањето на наставниците кон отец Јован беа различни.

Едни се држеа резервирано, а други пак, воопшто не го поднесуваа. Веднаш по неговото заминување еден од воспитувачите за време на вечерата во трпезаријата истакна дека дисциплината била многу влошена и затоа ќе биле превземени строги мерки таа да се подобри. „Причината за оваа појава се познати, продолжи тој, „Но злото“ отиде далеку на Исток, па ние знаеме како да го вратиме својот авторитет, нашево училиште да не биде за подбив, туку да служи за углед во градот“.

За жалење е фактот што овие зборови ги изговори сонародник на отец Јован, по чин архимандрит.

Отец Јован беше низичок по раст, со изразито светли очи, со едната нога малку накуцнуваше, па затоа при одот потропнуваше. Строг спрема себе, но многу поблаг спрема нас учениците. Ретка топлина на христијанска љубов пројавуваше кон сите. Како наставник и воспитувач, тој не ни зборуваше посебно за верата, а со својот личен пример нѐ доведуваше до неа, учејќи нѐ како да се молиме.

Од тоа време потекнуваат зборовите на епископот Николај Велимировиќ:

„Ако сакате да видите жив светител, одете во Битола кај отец Јован“.

Во 1934 година беше одлучено јеромонахот Јован да прими епископски чин. Неговото смирено срце мислело дака се работа за грешка, односно за некој друг Јован, притоа оправдувајќи се и со својата говорна мана. Сепак, Божјата волја беше чинот да го прими од Митрополитот Антониј, кој подоцна го испрати на служба во Шангај, со зборовите:

„ ... наместо мене, како моја душа, мое срце, ви го праќам Владиката Јован... кој изгледа како дете, а всушност е чудо од аскетски подвизи“.

Таму тој затекна голема недовршена црква и јурисдикциски судири кои, благодарение на својата пожртвуваност, ги реши и го обнови црковното единство. Се посвети на веронауката и часовите по катихизис. Стана заштитник на многуте добротворни друштва и активно учествуваше во нивната работа. Организираше отворање на домови за децата без родители и децата на сиромашните родители, под застапништвото на свети Тихон Задонски. Самиот лично спасуваше болни и изгладнети деца од темните улици на квартовите во Шангај (нивниот број стигнува до 3500). Иако на моменти се случувало да недостасува храна за овие мали и гладни усти, по молитвите на свети Јован Господ праќаше луѓе кои помагаа во миговите на вистинска безнадежност.

По крајот на војната настапија немили настани во рамките на Руската Црква - борба за превласт на новиот самоизбран „Патријарх“, на кого свети Јован и покрај пртисоците не му се потчинуваше, останувајќи ѝ верен на Руската Задгранична Црква.

Подоцна, поради превласта на комунистите, со што се влошува и безбедноста на Русите во Кина, беше принуден заедно со својата паства да отпатува на Филипините. Речиси 5000 бегалци се стационирале тогаш на островот Тубабао. Поради честите тајфуни, на кои молитвите на светиот Владика многупати им се спротивставиле, по 27 месеци, повторно благодарение на Владиката, заминуваат за Америка.

Набрзо, во 1951 година светителот мораше да ја напушти својата паства и да одговори на новата должност во Западноевропската архиепископија со седиште во Париз, а потоа во Брисел. Тука тој се посвети на месните светители, односно откри многу од нив, кои биле целосно заборавени до негово време (поради дамнешниот раскол), со кои стапи во жива молитвена заедница. Таа заедница на некој начин придонесе и самиот тој да биде еден вид нов просветител-рамноапостолен мисионер на тие простори, бидејќи благовестеше за вистинското учење на нашиот Господ Исус Христос меѓу современото отпадничко паганство на Запад. Неговата репутација како светител се ширеше дури и меѓу неправославните. Во една католичка црква во Париз, свештеникот сакаше да ги инспирира младите со овие зборови:

„Барате докази, велите дека сега нема ниту чуда, ниту светители. Зошто би ви давал теоретски докази, кога сега низ улиците на Париз се движи еден светител - свети Јован Босиот“.

Во рамките на својата пастирска служба под своја јурисдикција свети Јован ги прифати и Холандската и Француската Православна Црква, штитејќи ги и храбрејќи ги во православното растење. Служеше Литургија на холандиски и француски јазик, како што претходно служеше и на грчки и кинески јазик, а подоцна и на англиски.

Поради слабото здравје на Архиепископот Тихон, есента 1962 година свети Јован се враќа на служба во Сан Франциско, кај своите духовни чеда од Шангај, каде повторно, (како во Кина) затекна несогласувања за изградба на голема соборна црква и непријатни расправии внатре во руската заедница. Тоа е и втората причина поради што беше повикан да воспостави мир. После макотрпната работа и трпењето на клевети и прогони на своја адреса, соочувајќи се дури и со судење, тој ги смирува работите, останувајќи доследен на својот пат, на верното служење на Црквата.

Почнувајќи од Битола, па сѐ до Сан Франциско, нам познатиот отец Јован, а отпосле Епископ и Архиепископ, до последниот час (не ден!) најсовесно ги извршуваше и законските и доброволните должности, не жалејќи се никоми и за ништо.

По сето ова, иако беше релативно млад ерарх, тој се подготвуваше за своето заминување од овоземниот живот, предвидувајќи го неколку месеци претходно, знаејќи го дури и точниот ден. На денот на претставувањето, по отслужувањето на Божествената Литургија, остана три часа во олтарот молејќи се. Се упокои во својата соба, во парохиската зграда веднаш до црквата, без какви било претходни знаци на болест или слабост. Замина кај Господа на 19 јуни 1966 година.

Во текот на петте дена во кои беше изложено телото на покојникот, покрај богослужбите, утро-вечер се служеше и Панихида, и непрестајно се читаше Светото Евангелие. Неброен народ непрекинато врвеше покрај ковчегот. Сите бараа простување од почитуваниот владика, кого многу го сакаа, а и тој нив. Посебен впечаток оставаа младите, кои на свој начин ја изразуваа својата жалост за големата загуба, која нив најмногу ги погодила. Та тој за нив се грижеше повеќе од родител.

Беше погребан во посебна просторија под светиот олтар на Храмот Пресвета Богородица - на сите нажалени радост, во градот Сан Франциско.

За него е карактеристично тоа што беше истакнат и многу почитуван претставник на Црквата, подвижник во традицијата на светите столбови, кој врз себе применуваше најстроги самопонижувања, и јуродив заради Христос, кој луѓето ги поучуваше на начини кои беа непознати за мудроста на овој свет. Уште за време на овоземниот живот беше ценет поради строгиот аскетизам, особено за воздржувањето од спиење (ова им беше познато и на учениците од Богословијата во Битола). Светиот не спиеше во кревет 40 години (уште откако беше замонашен). Сепак, сржта на неговиот подвиг беше молитвата. Ноќите ги поминуваше молејќи се стоејќи, со подигнати раце, а кога ќе се исцрпел ја спуштал главата на подот и така заспивал неколку часови пред да зазори. Тој воопшто не користеше греење и често се движеше босоног. Јадеше само еднаш во денот, и тоа во 11 часот навечер. За време на првата и последната седмица од Великиот Пост воопшто не јадеше, а во останатите денови од истиот и од Божиќниот пост се хранеше само со просфората во олтарот. Беше бессребреник!

Редовно служеше Божествена Литургија, па и сите дневни богослужби, дури и кога беше болен, сѐ до крајот на својот овоземен живот. Многу ги сакаше бденијата. Имаше дар на проѕорливост. Постојано посетуваше болни, речиси секој ден, наутро и доцна во ноќта, исповедаше и причестуваше, а неговите молитви донесуваа исцеленија. Исто така посетуваше и затвореници и им служеше Литургии на осудениците, на примитивно мало столче. Ја извршуваше и најтешката задача за пастирот - ги посетуваше и ментално болните и опседнатите, беше еден од ретките кои имаа духовна сила да бидат блиски со овие луѓе. Тоа го правеше со иконата на Свети Наум Охридски (особено познат по исцелувањето на душевните болести), кого многу го почитуваше, па затоа, откако ќе ги причестеше, тие се смируваа, со внимание го слушаа, и секогаш со радост ги очекуваа неговите посети.

Како вистински пастир беше многу строг во грижата за Црквата и Божјиот закон. Инсистираше за ред за време на службите и не дозволуваше разговор во олтарот. Често знаеше да ги поправа грешките за време на самите служби. Реагираше кога ќе забележеше отстапки од црковниот поредок. Многу се грижеше за прославувањето на светителите и многу придонесе за вклучување на многу светии во календарот на Црквата, собирајќи житија и дополнителни податоци за нивна канонизација. Тој е еден од најзаслужните за канонизацијата на свети Јован Кронштадски (беше посредник при првата комисија за неговата канонизација, а подоцна учествуваше во составувањето на Службата и напиша Кондак за овој светител).

Неговите основни карактеристики беа љубовта, заедничарењето и играта со децата.

Неговата светост се истакнуваше преку духовната храброст втемелена во верата, способноста да гледа во иднината и силата која произлегувала од вдлабоченоста во Исусовата молитва, која несомнено правела чуда. Но не смее да се заборават и страдањата поради клеветите од страна на своите собраќа епископи (Блаженствата се исполниле во неговиот живот). Ова се знаците кои само потврдуваат дека несомнено Божјата благодат престојуваше во неговото срце, а обожението се пројавуваше преку гледањето на несоздадената Светлина. Всушност, сведоци за тоа се неговите нетлени мошти, неговите поуки, дела и чуда, а многумина се и тие кои ја виделе Светлината што сјаела околу него, уште додека престојуваше на земјата.

Еве неколку од чудесата на архиепископот Јован.

Еден лекар соопштува:

„Мене ми се познати ред оздравувања по молитвите на високопреосвештениот владика Јован Битолски. Сведоци на овие чудесни исцеленија со почит укажуваат на пријатели и познати, кои во тешките моменти, кога никакви земни сили не биле во состојба да им помогнат, се обраќаат кон него да се моли пред Господа за нив.

Едно од таквите излекувања се случи неодамна пред мои очи и пред очите на моето семејство. Мојот единаесетгодишен син решил да му помогне на своето другарче, па напишал писмо до владиката Јован со молба да се помоли за несреќниот малечок, кој имал тешка болест на едното око. Освен тоа тој бил куц и тоа многу му пречело во заедничките игри со децата. Првото радосно оздравување мојот син го кажа дома, велејќи дека на неговото другарче ногата веднаш престанала да му пречи при трчањето, така тој се изразил, и дека тоа го забележале и другите деца. Ние со жена ми често го гледавме тоа дете и забележавме дека здравјето многу му се подобри. Но, многу бев изненаден кога во случаен разговор со двајца американски лекари, кои познавајќи го ова дете од пред 3-4 години, го изразија своето чудење за брзото и неочекувано исчезнување на големата болка од неговото око без медицинска интервенција. Невозможно е да се изрази со зборови чувството што се доживува при ваков вид на јавно чудо!

Госпоѓата Прибиловскаја многу се жалела и плачела за својот сопруг кога лекарите му одредиле итна операција. Спроти денот на операцијата таа отишла кај владиката Јован, па и двајцата отишле во болницата и тој долго се молел над болниот. Утредента во операционата сала хирургот констатирал дека Прибиловски е здрав, отокот кај него исчезнал и немало потреба од операција. На прашањето што се случило со него, тој им одговорил на лекарите дека кај него дошол архиепископот Јован и долго се молел над него. Лекарите рекле дека тоа Бог го излекувал. Ова се случило во Сан Франциско.

В. Рејер и неговата сопруга патувале со кораб. Со нив била и една еврејка, позната на жена му. При разговорот тие две го спомнале и владиката Јован, кој бил во коработ. Тогаш таа еврејка им раскажала едно чудо во врска со болниот син на една нејзина пријателка, исто така еврејка.

Очајна, мајката го лечела болното дете, но ништо не ѝ помогнало. Некој ѝ кажал дека Русите во градот имаат „баќкушка“ Јован, кој служи во соборниот храм и дека по неговите молитви мнозина оздравувале.

Мајката отишла во тој храм и почекала да заврши богослужбата. На излезот го пресретнала владиката и го замолила тој да се помоли за нејзиниот болен син, нарекувајќи го Мишо (со ова сакала да сокрие дека детето е еврејче). Владиката ја погледнал и ѝ рекол: „Ќе се молам за Мошје (Мојсеј). За извесно време на детето му било подобро, а потоа и целосно оздравело.

Бев еднаш појдена на гробишта, на гробот од мајка ми да се помолам. Размислував: што е подобро - да живееш или да умреш?

Одеднаш слушнав машки глас:

„Добро утро!“ Човекот ме праша кој е погребан тука и јас му одговорив - мајка ми. Тој продолжи: „Нормално е што мајка ви лежи овде, а кај мене тука е закопан син ми, млад, беше под 30 години, но јас се радувам што тој веќе е умрен“.

Јас вчудоневидено прашав: „На тоа ли вие се радувате?“ Тој ми одговори дека се радува затоа што неговиот син пред смртта се лечел од обземеност, но благодарение на владиката Јован, умрел како вистински христијанин. Јас пак го прашав: „Сакате да кажете дека вашиот син бил нервно болен?“

Не, - син ми беше обземен од од зол дух. Тој мразеше сѐ што е свето. Свети икони и крстови кршеше на ситни парчиња и на тоа се радуваше. Јас го водев кај владиката Јован и тој му ставаше на главата крст и Свето Евангелие. Отпосле синот стануваше многу нажален и понекогаш бегаше од храмот. Владиката ми рече: „Не очајувај. Ќе се молам за него. Со време тој ќе се поправи, а ти продолжи да го лечиш и кај лекарите. Знај, Господ не е без милост“.

Така продолжувало неколку години, рече тој. Го земале во Минхон (дом за душевно болни), а понекогаш го пуштале дома и тогаш татко му пак го водел во храмот. Инаку, како порано, пак кршел крстчиња и иконки, само поретко, и почнал да чита Свето Евангелие. Татко му разбрал дека молитвите на свети Јован стигнале до Бога.

Еднаш лежеше дома и читаше Свето Евангелие, продолжи татко му. Лицето му беше светло и радосно.

„Татко ние треба да сме во Минхон. Таму духот Божји мене ќе ме очисти од лошиот дух и од темнината, и тогаш јас ќе си отидам кај Господа. Да одиме поскоро да бараме“.

Таткото без одлагање отишол да побара да му го прими синот, но тие му рекле дека син му не е опасен за околината и може да остане дома. Сепак, му помогнале Емигрантскиот комитет и еден кинески лекар, чија жена многу им помагала на Русите и дури посвоила едно руско дете.

Синот бил примен во Минхон. По два дена татко му отишол да го посети и забележал дека син му е сосем подруг: неспокоен, непрестајно се кревал на креветот и одеднаш почнал да вика: „Не треба, не доаѓај кај мене, јас тебе не те сакам!“

Таткото погледнал, па излегол да види од каде, кој доаѓа и кој го растревожил лошиот дух, што се наоѓа во неговиот син. Тој видел автомобил, и од него излегол владиката Јован и се упатил кон болницата. Родителот се вратил кај синот и го затекнал како се префрла во креветот и вика: „Не доаѓај, не доаѓај, Јас тебе не те сакам, оди си, оди си!“ Потоа се успокоил и почнал да се моли, да шепоти молитви. Тогаш и татко му почнал да се моли. Во тоа време слушнале чекори низ ходникот. Болниот скокнал од креветот и со трчање го сретнал владиката, паднал на колена и со плачење го молел да го истера злиот дух од него. Владиката ги ставил рацете на неговата глава и почнал да чита молитва, а потоа го фатил за рамењата и го одвел во собата на креветот, па пак почнал да се моли над него. Најпосле го причестил. Кога си отишол владиката болниот рекол: „Ете, најпосле се сврши моето излекување и сега Господ ке ме прими кај Себе. Татко, одвези ме побрзо, јас треба дома да умрам“. Кога дошле дома тој бил среќен што ја гледа својата соба, а особено иконите, па почнал да се моли и го зел Светото Евангелие.

Наредниот ден почнал да го тера татка си што побрзо да повика свештеник, за уште еднаш да го причести. Татко му рекол дека вчера е причестен, на што синот одговорил: „Побрзај, побрзај, оти нема да успееш“. Кога дошол свештеникот уште еднаш бил причестен и додека таткото го испраќал отецот Сергиј Бороди до скалите и се вратил синот веќе го изменил лицето. Изгледал постар. Уште еднаш му се насмевнал, но без движење, а само очите како да говореле: „Татко, проштевај, колку е убаво!“

Јас го прашав кој му направил на неговиот син толку убав споменик? Тој ми одговори: „Семејството Чан, Кинези, тие се наши пријатели и многу добри луѓе се!“ Отпосле јас се запознав со овие кинези и тие ми го потврдија сето ова.

Мојот сопруг падна во автомобилска несреќа и многу страдаше. Во тоа време владиката Јован имаше големи непријатности. Знаејќи ја силата на неговата молитва, размислував: да е повикан овој Владика кај мажот ми, ќе му се подобреше состојбата, но се плашев да го направам тоа во времето на неговата презафатеност.

Поминаа два дена, туку одеднаш, ете го Владиката кај нас, во придружба на Б. Т., кој го довезе. Останаа кај нас само пет минути, но јас верував дека на мажот ми ќе му биде подобро. Тие дојдоа во најтешкиот момент од состојбата на неговото здравје, но по посетата на владиката кај него се случи пресврт во здравствената состојба. Тој почна да се поправа и поживеа уште четири години, иако беше во понапредната возраст.

Отпосле го сретнав господинот Б. Т. на едно црковно собрание и тој ми рече дека тогаш го возел владиката на аеродром. Неочекувано, владиката Јован му рекол: „Одиме кај семејството Л“. На ова тој му одговорил дека ќе задоцнат за авионот и не може да се враќаат. Тогаш владиката му рекол: „Можете ли вие да го земете на себе животот на човекот?“. Се вратиле и дошле кај нив. Сепак, заради Владиката авионот бил задржан, чекајќи го него.

Олга Михајловна подолго време страдала од проширени вени и била принудена да се лечи во болница. Бидејќи немало подобрување во октомври во 1967 година била извршена операција. Една седмица лежела во болница и потоа ја вратиле дома сосем болна, со неподносливи болки. Навечер се јавил отец Митрофан, ја прашал за здравјето и ѝ рекол: „Сѐ ќе помине по молитвите на Владиката Јован“.

Наредниот ден таа можела да стане од креветот, примила писмо од отец Митрофан, во кое било ставено парче памук, натопено во кандилото со масло од гробот на владиката Јован. Писмото гласи:

„Драга Олга Михајловна, да поразговараме со вас по телефон. Ви праќам Свето масло од кандилото при гробот на владиката Јован. Отфрлете ја хартијата и мачкајте ги нозете на болните места, каде што нема завои. Прекрстете се и речете си: Господи Исусе Христе, Сине Божји, по молитвите на нашиот мил Владика, излечи ме од болките! Цврсто верувам дека по молитвеното застапништво на владиката Јован, вашите болки веднаш ќе престанат. Милоста Божја да биде со вас!

Ваш - отец Митрофан.

Откако го прочитала писмото, Олга Михајловна постапила точно така, како што ѝ било кажано. Болките речиси веднаш престанале и вториот ден таа веќе била на нозе и оттогаш сѐ било во ред. Ова нејзино неочекувано оздравување многу ја изненадило. Макар што таа порано многу слушала и не се сомневала во чудотворната помош по молитвите на владиката Јован, сепак во разговорите на таа тема била многу претпазлива. Сега пак, изненадена од ова, таа насекаде сведочела за силата на молитвеното застапништво според верата во владиката Јован.

Ова се само мал дел од безбројните чудесни исцеленија по молитвите на нашиот свет владика Јован Битолски, кој славно ги помина скалилата на духовната лествица, за сега да се радува и весели во прегратките на Бога, во Небесното Царство.

Свети Јоване, биди наш застапник пред Бога и моли се за спасение на нашите грешни души. Амин!

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ПАЈСИЈ ХИЛЕНДАРСКИ

Преподобниот Пајсиј Хилендарски е роден во градот Банско, Пиринска Македонија, во 1722 година. Потекнува од семејство на благочестиви христијани. Едниот негов брат Лаврентиј бил игумен на Хилендарскиот манастир на Света Гора, а другиот брат Волчо бил великодушен дарител на црквите и манастирите, кој како послушник стапил во Рилскиот манастир. Малку подоцна, во 1745 година, веќе на 23-годишна возраст, Пајсиј отишол при брата си Лаврентиј во Хилендар и тука го примил монаштвото. Во манастирот имал можност добро да се образова и духовно да се издигне. Проучувал книги од разни области, а како манастирски пратеник ги обиколувал селата и градовите за да собира помош и да привлекува поклоници за манастирот. Својот подвижнички живот го украсувал со пост, молитви и воздржување од спиење. Во 1762 година ја напишал книгата „Историја славјано-бугарска“. Страдал од стомакот бидејќи претерувал со постот, и од главоболка поради скратувањето на сонот до крајност. Не се познати датумот и годината на неговата смрт, па затоа неговиот спомен се празнува на денот на неговиот именден, кога се чествува преподобниот Пајсиј Велики.

СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ЗОСИМ ВОЈНИКОТ

Во времето кога царот Трајан управуваше со римската држава, незнабошците беа обземени со големо идолодемонство, заблуда и страшна заслепеност, и затоа имаше луто гонење против Црквата Божја. Во тоа време истакнатиот незнабожец Домитијан, игемон на Антиохија Писидиска, дојде кај царот Трајан и го замоли да му даде власт над христијаните, сите кои нема да им принесат жртви на нивните богови да ги присилува на тешки маки. Добивајќи од царот таква власт и облекувајќи се во ѓаволски оклоп, тој како лав беснееше гневно против оние кои до смрт ја држеа својата вера во единствениот вистински Бог Христос. Минувајќи низ Созополскиот крај, тој наближи до градот Аполонија. Во тој град живееше еден незнабожен војник на име Зосим, кој многу сакаше да стане следбеник на Христовата вера. Кога слушна дека игемонот наближува и ќе настапи гонење на христијаните, тој го фрли оружјето и отиде во црквата. Се поучи во верата Христова, се крсти и започна да живее во чистота, целомудрие, пост и молитва.

Неколку дена по доаѓањето на Домитијан во Аполонија, кај него дојде еден идолослужител и му рече:

- Во овој град има еден војник на име Зосим, кој го понижува царот и твојата власт. Се одрече од војничкиот чин што му беше даден од царот Трајан, го остави оружјето и вели дека е христијанин и не ги почитува нашите богови. Покрај тоа, тој се гнаси од царските закони и ја презира царската власт.

Игемонот нареди веднаш да го доведат, и го праша:

- Ти ли си Зосим?

- Јас сум Зосим, слугата на мојот Господ Исус Христос - одговори тој.

Тогаш игемонот рече:

- Прво кажи ни каква служба имаш, па потоа чиј слуга си.

Светиот одговори:

- Бев војник на вашиот земен цар, но се одреков од вашите погубни богови и станав војник на небесниот Цар Христос, вистинскиот Бог.

Тогаш игемонот рече:

- Беззаконику! Името Христово нема да ти помогне. Принеси им жртви на боговите, па ќе ти го простам гревот спрема царот Трајан.

Светиот одговори:

- Нема да им принесам жртви на вашите богови за ништо на светот.

Тогаш Домитијан нареди да го одведат во темница. Утредента повторно го изведоа на суд со заврзани раце и игемонот нареди да го обесат на дрвото за мачење. Потоа му рече:

- Нечист Зосиме, принеси им жртви на боговите, инаку веднаш твоето тело ќе биде раскинато во жестоки маки.

На тоа светиот одговори:

- Не само со зборови, туку ни со маки нема да ме убедиш.

Игемонот нареди да го тепаат, а светителот му рече:

- Залудно се трудат твоите слуги, зашто Господ ме крепи и јас не чувствувам болки.

Маченикот долго го тепаа и земјата се обагри со крв. Тој повика кон Господа, говорејќи:

- Господи Боже сесилен, Кој седиш на престолот на славата Своја, услиши ме и немој да дозволиш да бидам победен, за оние што не го знаат името Твое преку мене да Те запознаат Тебе, единствениот вистински Бог.

Тогаш му дојде глас од небото, кој му рече:

- Биди јунак, Зосиме, зашто Јас сум со тебе.

И Домитијан го слушна овој глас, а и сите со него, па некои рекоа:

- Голем е овој маѓепсник!

А други зборуваа:

- Тој не е маѓепсник туку слуга на Христа Бога, и навистина е голем Богот христијански, од Кого е испратен овој глас.

Тогаш игемонот нареди да го растегнат маченикот на четири страни, а тој ги крена очите кон небото и рече:

- Господи Боже мој, надеж христијанска, прибежиште и одмор на оние во неволја, Ти ги знаеш промислите човечки. Избави ме Господи од демонослужителот Домитијан, за сите присутни да дознаат дека Ти си живиот Бог, Кој постои пред сите векови и ќе постои за навек. Тогаш поголемиот дел од народот со восхит кон мачениковото трпение поверува во Христа. Игемонот се исплаши сите да не се обратат во христијанската вера, па посрамен и бесен нареди да се донесе голем железен одар, да се запали оган под него, и врз него да го испечат маченикот. Кога одарот силно се вжешти, игемонот нареди гол да го испружат врз него. Тој се огради со крсниот знак и веднаш Господ го претвори огнот во роса. И додека сите мислеа дека умрел од страшниот оган, ангели Господови го подигнаа и пред очите на сите го поставија пред одарот жив и неповреден. Народот Го прослави вистинскиот Бог, Кој испрати свети ангели и го избави Својот слуга. Тогаш многумина ѝ пристапија на христијанската вера. Игемонот си замина посрамен, но претходно нареди маченикот да го држат под стража. Набргу потоа тој појде во градот Кононејски и нареди маченикот Зосим врзан да го водат по него, за таму со маки да го погуби. Во тој град седна да му суди и нареди да му облечат железни чизми, одвнатре начичкани со остри клинци, да го врзат за млади бесни коњи, за да трча со коњите. Тој толку брзо трчаше во таквите чизми што изгледаше дека и коњите ги претекнува, зашто и Господ беше со него. Додека трчаше тој говореше:

„Господи Боже, Кој на нозете мои им даваш брзина на елен, дај ми трпение до крај!“

Кога го виде ваквото трпение негово, игемонот нареди да го заклучат во темница и да не му даваат храна и вода, за да умре од глад. По три дена две прекрасни момчиња влегоа во темницата, му донесоа чист леб и вода и му рекоа:

- Прими го овој драгоцен дар испратен за тебе од твојот Господ Бог.

Светиот страдалник го прими дарот, се поткрепи и му заблагодари на Господа, велејќи:

- Ти благодарам, Господи, што си се смилувал на мене и не си ме презрел, туку ме насити со Твојот небесен леб и пијалок. Ја фалам и славам големината Твоја за навек. Амин.

Наредниот ден игемонот нареди повторно да го доведат на измачување. Светиот маченик излезе пред него со светло лице и со мисли вперени кон Бога. Игемонот се восхитуваше од неговиот изглед по толкуте маки, па му рече:

- О, Зосиме! Опамети се и принеси им жртви на боговите, за да не умреш со лута смрт.

На тоа светиот маченик одговори:

- Ако сакаш принеси им ти, а јас, како што ти реков, Му служам на мојот Бог.

Игемонот се разгневи и нареди да го обесат на мачилиштето. Притоа му рече:

- Гледаш ли, беднику, на колку големи маки си ставен. Зарем пак нема да ме послушаш?

Светиот страдалник одговори:

- Маките не претставуваат ништо за оној кој Го љуби живиот Бог. Игемонот нареди со железни гребени да му го стругаат телото, а маченикот се молеше кон Бога: „Сега ја гледам добрината на милосрдието Твое Христе, Творецу на светлината, зашто ме поткрепи јуначки да поднесам сѐ, и ништо нетрпеливо да не изговорам, за преку моите маки силата на Божеството Твое да биде уште подобро запозната.

Игемонот нареди да го симнат од дрвото, па му рече:

- Многу маки поднесе за твојот Христос, и никаква корист не доби. Затоа барем сега принеси жртви.

Светиот одговори:

- Свиреп и нечовечен мачителу, имај страв од небесниот Бог, остави ја својата заблуда и немој идолите да ги нарекуваш богови, зашто се демони.

Тогаш игемонот рече:

- Зарем се осмелуваш нашите богови да ги нарекуваш демони. Целиот свет им приредува празници.

Маченикот рече:

- Таквите празнувања нека ти се принесуваат тебе во пеколот, заедно со твојот цар и со сите кои веруваат во нив.

Игемонот повторно нареди да го обесат на дрвото и со свеќи да му го горат стомакот, а тој велеше:

- Не само стомакот, туку и целото мое тело да го спалиш, никогаш нема да ме победиш, зашто Христос ме крепи. Еве, јас многу сакам да бидам убиен од тебе, зашто е слава пред мојот Христос, ако умрам за Него.

Игемонот не знаеше што да прави со него, па го осуди на смрт, главата да му биде отсечена со секира. Кога го водеа на погубување, тој се молеше говорејќи:

- Господи, Боже мој! Погледни на мене грешниот и прими ја душата моја со оние што Ти угодиле од памтивека, зашто Ти си слава и пофалба моја од сега па низ сите вечни векови. Светиот маченик беше обезглавен со секира. Така ја положи својата глава за својот Господ. Тоа се случи на деветнаесетти јуни 116-та година во градот Кононејски, за време на царувањето на Трајан во Рим, додека меѓу нас христијаните царува нашиот Господ Исус Христос, Кому слава и моќ низ сите векови. Амин.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ЈОВАН ОТШЕЛНИКОТ

Оставајќи го светот, преподобниот отец Јован стана монах и живееше во пустинско отшелништво во Палестина, надалеку од Ерусалим, минувајќи го својот живот во пост и молитва. За неговиот богоугоден живот во книгата Лимонар, составена од преподобните отци Јован и Софрониј, го пишува следното:

„Нам, Јован и Софрониј, презвитерот и сосадочувар на светата Црква во Аскалон, ава Дионисиј, ни раскажуваше за ава Јован отшелникот, дека бил голем по живот и многу богоугоден. Живееше тој во околината на селото Сехуста, недалеку од Ерусалим. Во својата пештера старецот имаше икона на Пречистата Владичица наша Богородица со предвечниот Младенец на Своите раце. И кога старецот ќе појдеше некаде, или далеку во пустината, или во Ерусалим за да се поклони на чесниот Крст и гробот Христов и да ги посети светите места, или да се помоли на Синајската Гора или на оние свети маченици чии што мошти се наоѓаа далеку од Ерусалим, зашто старецот сакаше да им оддава чест на светите, па понекогаш одеше и во Ефес на гробот на светиот Јован Богослов, а понекогаш и кај светиот Теодор во Евхаита, па дури и кај света Текла во Селефкија Исавриска, и кај други светии, со еден збор каде и да заминеше на богомолство, тој во својата пештера секогаш прислужуваше кандило пред иконата на Пречиста Богородица, го палеше по обичај, застануваше на молитва и Го молеше Бога да го благослови неговиот пат.

Притоа, гледајќи во иконата на Пресвета Богородица, тој секогаш Ја молеше, говорејќи:

- Пречиста Владичице Богородице, бидејќи заминувам на далечен пат на многу денови, Те молам, Ти сама внимавај на Своето кандило и чувај го да не згасне додека не се вратам. А јас, имајќи ја Твојата помош за сопатник, тргнувам на мојот пат.

Откако така ќе ѝ кажеше на светата икона, тој заминуваше и понекогаш се задржуваше по месец, два и три, а понекогаш и пет и шест, и кога ќе се вратеше секогаш го затекнуваше кандилото полно и како гори, како што го оставил на заминување.

За ова преподобниот отец Јован во истата книга Лимонар го пишува и следново:

Одејќи еднаш по околните села каде се наоѓала неговата пештера, тој сретна огромен лав кој му доаѓаше во пресрет. На тоа место патот беше многу тесен, се наоѓаше помеѓу две огради од трње, со кои земјоделците обично си ги оградуваат своите ниви. Тој пат беше многу тесен, така што по него одвај можеше да помине еден човек пешки, и тоа кога не носи товар на себе. И кога старецот и лавот се приближија еден до друг, старецот не му отстапуваше пат на лавот, ниту пак лавот поради теснотијата можеше да се сврте од патот, и така не можеа да се разминат. Кога виде дека угодникот Божји не сака да се врати назад, лавот застана на задните нозе од левата страна на отецот, и со својата тежина ја притисна оградата од трње и малку го прошири патот. Така му направи слободен премин на праведникот, та тој помина покрај лавот чешајќи го со својот грб неговиот грб. Така, секој си замина по својот пат.

Кај ава Јован еднаш дојде еден брат, па кога виде дека нема ништо во неговата пештера, го праша:

- Како живееш овде, аво, кога немаш ништо од она што е потребно за живот?

Старецот одговори:

- Чедо, оваа пештера е духовна трговија: дава и зема, дава ракоделија а зема сѐ што е потребно.

Овој богоугоден отец помина многу години во своите поснички подвизи и трудови, па отиде кај Господа во 586-та година и беше вброен во ликот на светиите, кои претстојат пред Отецот и Синот и Светиот Дух, едниот во Троица Бога, Кому слава за навек. Амин.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ЗЕНОН

Откако го напушти светот, преподобниот Зенон стана ученик на големиот старец Силуан. Поради својата неизмерна послушност, крајното подвижништво и нестекнување, тој стана чудотворец, истерувајќи многу демони од луѓето. Откако помина шеесет и две години во тешките подвизи, преподобниот отец Зенон отиде кај Господа.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК АСИНКРИТ

Пострадал за Господа Христа посечен со меч. Неговиот спомен се врши во мартиријата Свети Исидор во внатрешноста на храмот на Света Ирина, спрема морето (во Цариград).

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ВАРЛАМ ШЕНКУРСКИ

Во 1456-та година ја остави функцијата и должноста градоначалник на Новгород и се повлече на својот татков имот во Вјажскиот крај, Архангелска губернија, каде се занимаваше со градба на многу храмови и просветување на народот во христијанската вера. На петнаесет врсти од градот Шенкурск, со специјално Божјо укажување, тој подигна манастир во име на светиот апостол Јован Богослов, и се замонаши во него со името Варлам. Како монах тој строго ги исполнуваше сите манастирски послушанија и им служеше на браќата како последен слуга. Се претстави преподобниот на деветнаесетти јуни во 1462 година. А пак во 1552 година неговите мошти беа најдени нетлени и се прославија со многу чудеса. Тие почиваат во храмот на неговата обител.