3. Јули (20. Јуни)
СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК МЕТОДИЈ, ЕПИСКОПОТ ПАТАРСКИ
Уште како млад овој блажен угодник Божји се посвети себеси на Бога и стана чесен сад и живеалиште на Светиот Дух. Затоа, со божествен избор беше удостоен на архиерејскиот чин и стана архипастир на словесните овци во градот Патара (поточно Олимп) Ликијски. Свети Методиј добро и богољубиво управуваше со својата паства со светли и кротки поуки, водејќи ја кон совршенство. Но, гледајќи ја Оригеновата ерес и заблуда на тогашните нејзини приврзаници, светителот Христов се крена против неа како одличен пастир, и со божествениот оган на своето учење ја изгоре, и со божествената благодат и својата мудрост ја уништи нејзината темнина. Молњата на неговото боговдахновено учење ја осветли вселената, и трубата на неговото знаење одекна по целата земја.
Но, невидливиот добромрзец, не можејќи да го поднесе противењето и ревноста на овој божествен отец, се вооружи против него со своите видливи слуги-незнабошците, идолопоклониците, и ги натера маченички да го убијат слугата Божји, кој уште пред мачењето се беше облекол во животоносно умртвување. Незнабошците го фатија светителот Христов Методија и со меч му ја отсекоа главата во 31-та година. Така премина во блажениот и бесконечен живот. Оној кој Му служеше на Јагнето Божјо, самиот како јагне беше заклан, принесувајќи се себеси како жртва на живиот Бог.
Така, со двократен венец се овенча храбриот првоборец на побожноста, кој се бореше против ересите, и пред незнабошците храбро Го исповедаше Христа, па и крвта своја за Него ја проли, и маченички се упокои. Свети Методиј беше многу учен философ и богослов, и зад себе остави повеќе драгоцени списи, од кои најпозната е „Гозба на десетте девојки“ (односно десет доблести).
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ НАУМ ОХРИДСКИ
Централниот празник на нашиот голем македонски светител Наум Охридски е на 23 декември, денот на неговото упокојување, каде можете поопширно да го видите неговото житие, а на 20 јуни е неговиот летен празник или собор. Но, најверојатно поради тоа што тогаш е зимно време, а при тоа и Божиќен пост, уште од длабока древност Охридската Архиепископија, како самостојна, во 1767 година го востановила 20 јуни како ден за поторжествено чествување на неговиот спомен. На овој летен празник има голем собор во манастирот на свети Наум. Многу болни доаѓаат, или се носени, за тука, над моштите на светителот, со вера и молитви да добијат исцелување. Не само православните, туку и луѓе од други вери доаѓаа да побараат помош од свети Наум. Во 1926-та година еден муслиман од Ресен го донел и го приложил на манастирот ѕвоното, од благодарност што светителот му го исцелил братот и од смртната постела повторно го вратил во живот. Дарителот се вика Џемаил Зизо, а неговиот исцелен брат Сулејман Зизо. И двајцата биле угледни граѓани на Ресен. За свети Наум видете поопширно под 23 декември.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ АРИСТОКЛ, ДИМИТРИЈАН И АТАНАСИЈ
Светиот маченик Аристокл, родум од градот Тамаса на Кипар, беше презвитер во соборната црква на овој град. Во времето на царот Максимијан, кога настапи лутото гонење против христијаните, свети Аристокл отиде во пуста гора, и се криеше таму во една пештера. Еднаш за време на молитвата во пештерата го осветли светлина посилна од сончевата, и му дојде глас од небото со наредба да појде во Саламинската митрополија на островот Кипар, и таму да го прими маченичкиот подвиг за името Христово.
Окрепен од светлината и од тој Божествен глас, тој веднаш го отфрли стравот од мачењата и појде каде што му беше наредено. По пат сврати во храмот на светиот апостол Варнава и тука ги најде ѓаконот Димитријан и чтецот Атанасиј, кои со љубов го дочекаа. Во разговорот со нив свети Аристокл им ја кажа причината за своето патување во Саламина, а им раскажа и за видението. Кога го слушнаа тоа, во нив се јави желба и тие да појдат со него и да умрат за Христос. Тргнаа заедно, застанаа во градот на едно возвишено и видно место и почнаа силно да Го слават и проповедаат името на Исуса Христа, а да ги напаѓаат незнабожечките богови. Незнабошците веднаш ги фатија и заедно со Филонидом, епископот на градот Курион, ги одведоа кај игемонот на суд. Тој ги испраша и кога дозна дека се христијани и непоколебливо предани на својата света вера, нареди презвитерот Аристокл да биде посечен со меч, а свети Димитријан и Атанасиј после многу мачења да бидат спалени.
Но, бидејќи светите маченици во огнот останаа живи и неповредени, тој ги осуди на посекување со меч. Така страдалниците Христови го завршија својот живот во 306-та година, украсувајќи се со маченичкиот венец. Наскоро по нив маченички пострада и споменатиот епископ Филонид (за него видете под 17 јуни).
ЖИТИЕТО НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ ЛЕВКИЈ ИСПОВЕДНИКОТ
Кога римските незнабожни цареви владееја со Западот и Истокот, во Александрија живееше еден честит човек на име Евдикиј. Неук, но полн со духовно знаење, тој животот го минуваше во целомудрие, страв Божји, љубов и милосрдност кон ништите. Даваше многу милостиња и беше многу ревносен во постот и молитвите. Неговиот син единец е оној за кого овде станува збор. Родителите го нарекоа Евтропиј, а подоцна Бог го промени неговото име во Левкиј.
Кога имаше десет години неговата мајка Ефродисија се претстави од овој живот. Тогаш татко му со него појде во манастирот на блажениот Ермија, во близина на Александрија.
Со тој манастир управуваше блажениот игумен Никита.
Тука Евдикиј се замонаши, а сина си го даде да учи книга. Како многу бистар, Евтропиј многу брзо и лесно сфаќаше сѐ, и со благодатта Божја многумина надмина во учењето. Притоа беше кроток, смирен и послушен. Им служеше на сите во манастирот, и сите го сакаа. Некои ради добродушноста и послушноста, други за неговата ученост и мудроста дарувана од Духот Свети. Кога Евтропиј имаше осумнаесет години, блажениот игумен Никита се претстави кај Господа. Браќата се посоветуваа меѓу себе, и без оглед на годините на Евтропиј, кој сѐ уште не беше замонашен, го молеа да им биде игумен. Тој упорно одбиваше, а и неговиот татко му бранеше и го советуваше да не смее да се дрзне толку млад да зеде на себе бреме кое не навикнал да го носи.
Така манастирот на Ермија остана седум години без игумен, зашто браќата не сакаа никој друг освен блажениот Евтропиј. Сепак, тие, иако тој не беше замонашен, раководени со примерот на неговиот доблесен живот, го сметаа за свој игумен. Кога наполни дваесет и пет години, браќата се собраа и му рекоа:
- Зошто преминуваш и преку нашите потреби и преку нашите молби и не сакаш да ни бидеш старешина? Навршија седум години откако немаме игумен, и секој живее по својата волја. Внимавај да не бидеш виновен за нашата пропаст, зашто не сакаме да нѐ раководи никој друг освен тебе. Сите го гледаме твојот свет живот и ни е позната твојата мудрост дадена од Бога.
На тоа блажениот Евтропиј одговори:
- Зошто навалувате на мене за нешто што не можам да го сторам? Јас ниту сум замонашен, ниту имам некаков црковен чин. Како да ви бидам отец, кога немам власт ниту поука да ви изговорам во црквата? Како јас, толку млад, можам да ги советувам старите?
Тогаш тие започнаа да го приморуваат да се замонаши и да го прими свештеничкиот чин, но тој не им ја исполни желбата. Навистина, Евтропиј во срцето чезнееше за монашкиот чин, но не го примаше од страв браќата некако да не го примораат на игуменството. И така, иако незамонашен, тој самиот го даваше примерот за вистинскиот монах.
Во тоа време во Рим царуваше незнабожниот цар Комод. Тој во Александрија во својство на епарх го испрати Филип, чија што ќерка Евгенија потоа ја прими Христовата вера, водеше прекрасен подвижнички живот, најпосле беше овенчана со мачеништво за Христа. Епархот Филип беше кроток спрема христијаните, но сепак, по царска наредба ги избрка од градот христијаните, епископите, свештениците и монасите, но им дозволи да се населат во предградието и таму слободно да градат цркви и манастири. Во тоа време епископ на таа област беше свети Елиј, кој живееше во градот Елиопол, недалеку од Александрија. Во Александриското предградие тој изгради манастир и му го врачи на светиот игумен Теодор.
Освен манастирот во тоа предградие имаше и позната црква во име на Пресвета Богородица, во која за Нејзините празници се собираа христијани не само од Александрија, туку и од околните градови и области. Затоа, кога наближи празникот Успение на Пресвета Богородица, многу народ се упати кон Нејзината црква. Од Ермиевиот манастир кон црквата тргна и блажениот Евдикиј со својот син Евтропиј. Се случи во истиот ден на истиот празник и светиот епископ Елија да оди со својот клир и мноштво народ од Елиопол, и Евдикиј и Евтропиј му се приклучија на народот кој одеше по епископот.
Епископот имаше намера најпрвин да сврати во манастирот подигнат од него, а под управа на игуменот Теодор, и таму да се одмори. По патот ги сретна Евгенија, ќерката на епархот, преправена во машко, придружувана од своите двајца евнуси. Кога го здогледа епископот опкружен од народот, таа започна да се распрашува за него. Разговор поведе со блажениот Евтропиј. Тој ѝ раскажа сѐ за архиерејот Божји Елиј, како што се гледа од житието на блажената Евгенија под 24 декември. Потоа му ја претстави на епископот, на кого блажениот Евтропиј му беше познат по чистотата на својот живот и огромната начитаност.
Кога блажениот Евдикиј одмораше во манастирот, во сонот имаше божествено откровение дека тој наскоро ќе умре, а неговиот син ќе биде епископ кој ќе ги уништи идолите во Врунтисиопол, во Италија, и ќе ја просвети таа покраина со Светото Крштение. Притоа тој слушна и глас упатен до него:
„Евдикиј, Евдикиј, верен слуго Господов! Отсега ќе се викаш Евдиклиј, односно „кроток утешител“, а синот твој нека се вика не Евтропиј туку Левкиј, што значи „на него дојде Духот Господов“.
Штом се разбуди, Евдикиј веднаш го повика својот син и му го раскажа своето видение, па му рече:
- Внимавај, сине, времето на моето заминување наближува, а ти немој да се прелестиш од таштините на овој свет, зашто Господ ми откри дека ќе станеш епископ, и дека Господ преку тебе ќе го исчисти Врунисиопол од идолската нечистотија.
Повеќе нема да се викаш Евтропиј туку Левкиј, зашто Господ така ти го промени името. Јас, пак, наместо Евдикиј ќе се викам Евдиклиј.
Евтропиј, односно свети Левкиј, легна крстолико на земјата, И Му се поклони на Бога, принесувајќи му ваква благодатна молитва:
„Благословен си Господи, Боже на отците наши, зашто не ги превидуваш оние што се надеваат на Тебе, и не го одземаш Своето милосрдие од бедните слуги Твои, туку ме милуваш мене недостојниот. Заради тоа, Господи, Боже на небото и земјата, Те славам и величам зашто Ти си Владар - Љубител на човечките души. Слава Ти во бесконечните векови“.
Додека светиот така се молеше, се чу глас од небото над црквата: „Левкиј, Левкиј! Светол со душата и чист со срцето, еве, името твое е напишано на небото и споменот твој нема да се избрише од книгата на животот“.
Овој глас го слушна и светиот епископ Елиј, и некои од браќата кои таа ноќ се молеа без сон, но никој не можеше да сфати до кого беше упатен.
Кога осамна, кај епископот дојдоа браќата од Ермиевиот манастир и рекоа:
- Владико, ние повеќе од седум години сме без игумен и секој живее по своја волја. Многу пати го молевме чесниот Евтропиј да ни биде старешина, зашто од дете порасна во нашиот манастир и со светоста на животот не надминува сите, и никој не може да се спореди со него во трудовите на послушанието. Тој е постојано во пост и молитви, во читање и пишување на книги, со еден збор, го гледаме како се подвизува во сите добри дела. Поради тоа сакаме да го имаме за отец, но тој не се согласува. Затоа те молиме, владико, назначи го за наш игумен, макар и да не сака.
Светиот епископ им одговори:
- И јас размислував за тоа, но причекајте малку, па ќе се обидам да го убедам да се покори на нашата волја.
Епископот отиде во црквата на Света Литургија, и му нареди на архиѓаконот да застане на амвонот и да го праша народот:
- Кој од присутните се вика Левкиј? Но, никој не се одзва. Кога архиѓаконот и по трет пат праша, свети Левкиј, кога виде дека никој од присутните освен него не се вика така, рече:
- Јас сум грешниот Левкиј.
Сите погледи се вперија кон него, и сите со чудење рекоа:
- Та, ти си Евтропиј, синот на Евдикиј?
Тој им одговори:
- Прашајте го мојот татко и тој ќе ви раскаже за моето име.
Тогаш светиот Евдиклиј, чесен старец од деведесет и седум години, го изведоа на средината и го прашаа:
- Како, всушност, се вика твојот син?
Гледајќи дека е волјата Господова да се открие тајната за него и неговиот син, тој го раскажа своето видение, и сите со радост Му благодареа на Бога, и, приоѓајќи му на свети Левкиј, го поздравуваа со голема почит. Веднаш потоа епископот започна да го советува да го прими свештеничкиот чин и игуменството. Тој одбиваше, а народот повика:
- Левкиј е достоен да биде не само презвитер и ава, туку и епископ. Тогаш и против своја волја беше хиротонисан за свештеник и поставен за игумен, и сите светло го отпразнуваа празникот Успение на Пресвета Богородица во Нејзината црква.
Штом ја прими управата над манастирот, свети Левкиј започна уште повеќе да се подвизува и твореше чудеса со благодатта Божја во него. Еднаш кај него доведоа бесомачен етиопјанин, кој веќе беше огласен за свето крштение. Гледајќи ги неговите маки, свети Левкиј му рече на бесот:
- Престани да го мачиш човекот.
Бесот затрепери и започна да вика:
- Ако излезам од него, каде да појдам? Јас немам подобар дом од овој.
Свети Левкиј му одговори:
- Нечист духу, излези од створението Божјо и веќе не се осмелувај да влезеш во него! Излези понижен и посрамен, и ослободи го оној што досега си го мачел сврзан со веригите на твојата темна сила. Влези во луѓето кои не веруваат во нашиот Господ Исус Христос, и не му се поклонуваат на Животворниот крст Негов.
Тогаш Ѓаволот страшно кликна, го собори човекот на земјата, и излезе од неговата уста во вид на црна птица, викајќи:
- Слуго Божји, Левкиј, зошто ме бркаш од моето живеалиште? Јас не сакав да влезам во човек со убаво и бело лице, туку влегов во црниот етиопјанин со непријатен изглед, надевајќи се дека никој нема да ме избрка од него.
Бркајќи го ѓаволот со крсниот знак, свети Левкиј го подигна човекот од земјата здрав, и го удостои на свето крштение. А ѓаволот отиде во Египет, се преобрази во страшна и голема змија, влезе во еден град, одеше по улиците со необична јарост и усмртуваше сѐ што ќе сретнеше: незнабошци и евреи - мажи, жени и деца, па дури и нивниот добиток. Свети Левкиј го провиде тоа со духот и веднаш се упати во Египет. Штом почувствува дека светителот се приближува кон градот, ѓаволот се фрли во морето, оставајќи зад себе многу лешеви по градските улици. Светителот виде многу народ кој лелека и ги оплакува своите мртовци. Тие му раскажуваа како ненадејно се појавила змија во градот, многумина усмртила, и како пред малку, пред неговото доаѓање, се фрлила во морето и потонала.
Тогаш свети Левкиј нареди да донесат вода, па ја освети и со неа ги попрска мртвите и им рече:
- Во името на Господ Саваот, станете! Вас не ве држат уздите на смртта, туку сте повредени со ѓаволскиот отров. Вие не сте во состојба сами да се избавите од дејството на силата на змијата, која е посилна од вас поради вашето безбожие и духовно слепило. Затоа станете со силата на мојот Бог, и прославете го Оној Кој ве створил.
Додека го зборуваше тоа, свети Левкиј ги допираше нивните лешеви со својот жезол. И веднаш сите стануваа како од сон, се факаа за неговите нозе и говореа:
- Кој е Богот на Кого треба да Му се поклонуваме, освен Отецот, Синот и Светиот Дух, Кого ти, свети оче Го проповедаш? И сите воскреснати поверуваа во Христос. Покрај нив во истиот ден верата Христова ја примија уште три илјади души и се крстија со своите жени и деца, славејќи Го нашиот Господ Исус Христос, за чудесата што ги изврши преку свети Левкиј.
По неколку години во Христа поверува и александрискиот епарх Филип со целиот свој дом, поттикнат од примерот на својата света ќерка Евгенија. По извесно време тој го остави својот чин и стана христијански епископ. А кога маченички пострада, на негово место едногласно беше избран свети Левкиј. По Филип во Александрија епарх беше Терентиј, а по него Сатурнин. Како непријател на христијанството, тој се трудеше во Александрија да крене гонење против христијаните и најпрвин да го убие епископот Левкиј, зашто беше видел како тој многумина обраќа во христијанството. Додека бараше згодна прилика, христијаните дознаа за неговата намера, и започнаа да се договараат како да го убијат. Тогаш свети Левкиј ги собра сите, ги посоветува да не се осмелат да прават таков метеж, и им раскажа за видението што го имал од Бога, велејќи:
- Возљубени, мојот Господ благоволи да ми се јави во видение и ми нареди да ви поставам друг епископ, а јас да појдам на запад, во Врунтисиопол. Тој град има неопходност од христијанско просветување.
Христијаните започнаа да плачат и да го молат:
- Оче свети, не оставај нѐ! Остани со нас до својата смрт!
Тој им одговори:
- Сите знаете дека уште во мојата младост Господ благоволи да му открие на мојот татко Евдиклиј за мене, дека треба да го примам овој архиерејски чин и да појдам во идолопоклонички град, меѓу народ кој не Го познава Бога. Сега е волја Господова, преку мене недостојниот слуга Негов, да ги присоедини тие луѓе кон светата Црква. Затоа ми наредува да ви поставам друг отец, а јас да тргнам. Знајте дека намерата на епархот Сатурнин за гонење на христијаните нема да се оствари, зашто се скратија деновите на неговиот живот. По моето заминување ќе се сруши неговата куќа, и тој со сите свои домашни ќе загине.
Потоа избра достоен епископ, ги поведе со себе своите двајца ѓакони Евсевиј и Дионисиј, и пет ученици, и се упати кон пристаништето. Сите христијани, пет илјади на број, без жените и децата, го испраќаа својот епископ со солзи и ридање, велејќи:
- Зошто нѐ оставаш, оче? Сожали се на нас!
Свети Левкиј се сврте, и кога ги виде како плачат и самиот заплака, ги подигна рацете кон небото и рече:
- Господи, Боже мој, ако е волја Твоја, не дозволувај да се разделам од овие Твои луѓе.
И веднаш одекна глас од небото што сите го слушнаа:
- Левкиј! Не отфрлај ја наредбата Господова, туку седни во коработ и патувај со мир каде што ти е наредено.
Тогаш светителот им рече на оние што го придружуваа:
- Ете, браќа, ја слушнавте волјата Господова. Сега знаете дека не заминувам по своја волја.
Се прости со сите, влезе во коработ и тргна.
А пак во Александрија, според пророштвото на светителот, ненадејно се сруши палатата на епархот и ги уби сите што беа внатре со него.
По петнаесетдневна пловидба свети Левкиј стигна во Адријанопол, не Тракискиот, туку оној во стариот Епир. Тука се задржа кратко и прими со себе двајца презвитери, Леон и Савин. Се качи на друг кораб и доплови во Гидрунт. Тука се префрли во далматински кораб со кој стигна во Врунтисиополската област, и со својот клир се упати кон градот. На патот ги сретна трибунот Армалеон со своите војници. Еден од војниците праша свети Левкиј:
- Кој е управник на овој град?
- Зарем не сте слушнале, за големиот господин Антиох, кнезот на оваа област? - одговори војникот.
- Од која вера е тој господин Антиох? - праша свети Левкиј.
Трибунот и војниците се насмеаја и рекоа:
- Зарем постои друга вера и друг бог, освен сонцето и месечината кои ја осветлуваат вселената? Не ги слушаат ли ушите на сите, кога нивните гласови ќе загрмат на облаците? Има ли нешто побрзо од молњата која излегува од сонцето? Што е посветло од месечината која со своите измени ја наговестува промената на времето?
- О, бедни незнајковци! - со воздишка рече свети Левкиј. До вас сѐ уште не стигнало Божјото просветување, па не знаете дека сонцето и месечината се созданија Божји, и се покоруваат на наредбата Господова. Не треба нив да ги нарекувате богови, зашто во нив нема ниту душа ниту божество. Тие дури не можат да стојат на едно место, туку постојано се вртат, изгреваат и заоѓаат, се сокриваат час зад облаците, час со темнината, та понекогаш се видливи, а понекогаш невидливи. Нивната светлина толку се разликува од Вечната Светлина - Богот Кого ние го почитуваме, како што створението се разликува од Творецот, зашто нашиот Бог ги створил сонцето и месечината, небото и земјата, и сѐ што е во нив. Кога би Го познале, тогаш никогаш нема да се клањате на видливите небесни светила.
Трибунот Армалеон праша:
- А за која светлина велиш дека е невидлива за нашите очи?
Свети Левкиј одговори:
- За Христос, Синот Божји, Кој Го роди Дева Марија од Духот Свети.
И му раскажа сѐ за Христа Бога, како се родил, како живеел на земјата меѓу луѓето, како доброволно пострада и умре, и воскресна во третиот ден, и се вознесе на небото и седна од десната страна на Бога Отца, и како ќе дојде да му суди на целиот свет и на секого да му исплати според делата. Војниците беа трогнати и поверуваа во вистинитоста на неговите зборови, па паднаа пред него, велејќи:
- Те молиме, оче, направи нѐ учесници на вечниот живот.
По огласувањето тој ги крсти. Беа шеесет и седум на број. Заедно со нив и клирот свети Левкиј влезе во градот. Така започна просветувањето на Врунтисиопол со светлината Христова.
Кога дозна дека трибунот Армалеон со своите војници поверувал во Христа, кнезот Антиох го повика и праша:
- Вистина ли е тоа што го слушам за тебе?
Трибунот молчеше. Антиох се разлути и праша:
- Зошто молчиш?
Тој одговори:
- Зарем мораш да ми се лутиш затоа што сум христијанин?
На тоа Антиох му рече:
- Јас смирено те прашувам, кој те поучи во христијанската вера? Ние те познаваме како многу учен во нашите книги. Ти досега го отфрлаше христијанското учење. Сега се чудиме како си станал христијанин.
Армалеон одговори:
- Досега бев слеп, но сега, просветен со благодатта Божја, гледам и живеам во светлата надеж на вечниот живот.
- А каков е тој вечен живот за кој зборуваш? - праша Антиох.
Ако сакаш можеш да Го познаеш, - одговори трибунот.
На тоа Антиох рече:
- Ако навистина ни го покажеш вечниот живот, тогаш се разбира дека сакам да видам и да разберам. Но, јас не мислам дека постои друг живот освен овој, ниту верувам дека постои друга светлина и други богови освен сонцето и месечината.
Трибунот Армалеон рече:
- Сонцето и месечината не се богови, туку созданија Божји, од Бога поставени на небото да ја осветлуваат вселената, и да му служат на човекот, а не да привлекуваат некој да им се клања и да им служи.
Антиох со восхит праша:
- Кој те научи на таква мудрост?
Армалеон одговори:
- Еден александриец на име Левкиј, кој неодамна пристигна овде.
Во тоа време светителот се наоѓаше надвор од градот на гледалиштето, спрема западната капија на Врунтисиопол. Тука тој го поучуваше народот во верата Христова и ги крштеваше оние кои Му пристапуваа на Господа Христа. Кнезот испрати по него и со почит го молеше да појде кај него. Кога го виде му рече:
- Ако сакаш да поверувам во Богот Кого ти Го проповедаш, тогаш умоли Го да ни испрати дожд. Веќе две години имаме суша и народот е во неволја.
Свети Левкиј го повика својот клир и новокрстените христијани, направи литија, и молејќи се кон Христа Бога, веднаш небото се покри со облаци и зафати силен дожд кој ја напои земјата на целата таа покраина. Тогаш во Христа поверува целиот град на чело со кнезот Антиох, и се крстија дваесет и седум илјади луѓе, и сите Го славеа нашиот Бог Христос. Среде градот изградија црква во чест на Пресвета Богородица, а друга црква во име на светиот Јован Крстител изградија на местото каде беше крстен народот. Така целиот Врунтисиопол се просвети во светата вера. Учејќи ги и утврдувајќи ги новопосветените во верата, свети Левкиј смртно се разболе и со откровение беше известен од Бога за својот крај. Тој го повика кнезот Антиох и го завети неговото тело да го погребе на местото каде што од коработ прв пат стапнал на нивната земја. Потоа ги подигна рацете, се помоли за својата паства, им даде на сите последен благослов и проштален поздрав, па се претстави кај Господа, многу оплакан од сиот град. Кнезот Антиох го зеде неговото чесно тело, свечено го пренесе на она место и го погреба. Потоа таму изгради црква во име на свети Левкиј и во неа ги положи неговите свети мошти. Од неговиот гроб се случуваа мвогу чудеса во слава на Отецот и Синот и Светиот Дух, Бога во Троица славениот, Кому од целокупните твари пофалба, благодарност и поклонување и сега и секогаш и низ сите векови. Амин.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ КАЛИСТ, патријархот Цариградски
Светиот отец Калист најпрвин се подвизуваше како ученик на свети Григориј Синаид на Атон во скитот Магула кај Филотејскиот манастир полни 28 години. Тука тој подоцна ја изградил обителта на светиот Мамант. Потоа се подвизувал во манастирот Ивирон веќе како јеромонах, а некое време (1345-6 г.) ја имал и управата над Света Гора. Беше избран за патријарх Цариградски во 1350-та година по желба на царот Јован Контакузен. По четири години се оддалечи од патријаршискиот престол и повторно отиде на Света Гора. Но во времето на царот Јован Палеолог во 1355-та година повторно беше вратен на престолот, каде како патријарх остана до својата смрт. Се упокои во 1363 година и тоа во Серес, на пат кај царицата Елена Душанова, тогаш веќе монахиња Елисавета, да ги помири србите со Цариград и да бара помош против турците. Во друштво со Игнатиј составил прекрасно раководство за подвижници. Освен тоа го напишал житието на свети Григориј Синаид и свети Теодосиј Трновски, како и многубројни беседи. Интересно е да се спомене како свети Максим Капсокаливит (кој се спомнува на 13 јануари) ја прорекол смртта на патријархот Калист. На патот за Србија, Калист минал низ Света Гора. Кога го виде, свети Максим рече: , „Овој старец повеќе нема да ја види својата паства, зашто позади него се слуша надгробно пеење: блажени непорочниј в пут...“ Светиот патријарх Калист активно учествуваше во подршката на свети Григориј Палама и во 1351 година претседаваше на соборот во Цариград, кој го одогмати неговото учење за Божествената светлина и го издаде „Соборниот Томос“ за тоа.
СПОМЕН НА ПОЛАГАЊЕТО НА СВЕТИТЕ МОШТИ НА СВЕТИТЕ АПОСТОЛИ ЛУКА, АНДРЕЈ И ТОМА, ПРОРОКОТ ЕЛИСЕЈ И МАЧЕНИКОТ ЛАЗАР
СПОМЕН НА БЛАЖЕНИОТ СТУДИЈ
Блажениот Студиј беше знаменет патрициј и конзул во Цариград. Близу Златните Порти ја основал црквата на свети ован Преттеча и манастир, по него наречен Студиски. Овој манастир станал познат по многуте славни мажи, духовници, подвижници, и страдалници за верата, од кои најпознат е свет Теодор Студит. Латинските крстоносци ја разориле оваа обител во 1204-та година, но ја обновил царот Константин Палеолог Порфирородни во 1293-та година. На тоа место сега има турска џамија.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ДВАЈЦА ПОДВИЖНИЦИ
Во мир се упокоиле во пустина.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ БЛАГОВЕРЕН КНЕЗ ГЛЕБ АНДРЕЕВИЧ Син на великиот кнез Андреј Богољубски. Како момче се одликувал со побожност, љубов кон читањето на свештените книги и разговарањето со побожните луѓе. Го измачувал своето тело со строг пост, а душата ја крепел и јакнел со бдеење и молитви. Се упокоил во 1175 година во најубавите години, и бил погребан во Владимирската Успенска соборна црква. Неговите свети мошти се најдени нетлени и почиваат во истата соборна црква.
СОБОР НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА „ОДИГИТРИЈА“