4. Јули   (21. Јуни)

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ЈУЛИЈАН ТАРСАНИНОТ

Свети Јулијан беше син на високороден сенатор незнабожец и мајка христијанка. Се роди во киликискиот град Аназарв. По смртта на својот сопруг, мајката на свети Јулијан се пресели во килискискиот град Тарс. Тука таа го крсти Јулијан во христијанската вера, и го воспитуваше во христијанската побожност.

Кога наполни осумнаесет години настапи големото гонење против христијаните од царот Диоклецијан. Меѓу останатите христијани беше земен и блажениот Јулијан и доведен на суд кај игемонот Маркијан, управникот на таа област. Но ни свирепите мачења, ни ветувањето на дарови и почести, ни заканите не можеа да го предомислат побожното момче да се одрече од Христос и да им принесе жртви на идолите. Цела година го водеше игемонот по разни киликиски градови и насекаде го подложуваше на најразлични маки, но тој остана тврд како камен во исповедањето на Христовата вера. Во приморскиот град Егеја идолопоклониците насилно му ја отворија устата и во неа му ставаа идоложртвено месо и вино, за да го осквернат. Потоа го фрлија во темница. Таму кај него дојде неговата блажена мајка, која насекаде го следеше оддалеку, молејќи Му се на Господа да го крепи во маченичкиот подвиг. А кога незнабошците ја фатија и изведоа на суд пред игемонот, таа го замоли да ѝ дозволи три дена да го советува во темницата својот син, за да им се поклони на идолите.

Игемонот ѝ дозволи непречено да влегува кај сина си. А таа ги минуваше со него деновите и ноќите, и со мајчинска љубов и солзи го советуваше до крај да ги издржи краткотрајните маки, за Господ да го удостои на вечните блага во соборот на светите маченици. По три дена свети Јулијан со мајка си беше изведен на суд пред игемонот. Со надеж дека таа веќе го посоветувала да им принесе жртви на идолите, игемонот започна да ја фали. Но, мајката ја отвори својата чесна и боговдахновена уста, и гласно започна да го исповеда името Христово, и да го изобличува идолопоклонстовото. Исто така и свети Јулијан бестрашно Го исповедаше Исуса Христа, единствениот вистински Бог и го изобличуваше незнабоштвото.

Тогаш разјарениот игемон нареди и мајката и синот немилосрдно да бидат мачени. Мајката најпрвин многу ја тепаа, па ѝ ги отсекоа стапалата, со кои таа го придружуваше својот син, одејќи по него од Тарс. А пак свети Јулијан го сошија во вреќа со песок, скорпии и змии во неа, па го фрлија во морето.

Така тој го заврши своето страдање, а и неговата света мајка умре во маките. И двајцата го добија венецот на победата од нашиот Господ Христос.

Телото на свети Јулијан го исфрлија брановите на брегот, каде го најде една благочестива вдовица, па го пренесе во Александрија и чесно го погреба во 290-та година. Подоцна тие свети мошти беа пренесени во Антиохија. Самиот свети Јован Златоуст подоцна му држеше пофално слово на светиот маченик Јулијан. „Од устата на маченикот, - рече свети Златоуст, - излегуваше свет глас и заедно со гласот се излеваше светлина посилна од сончевите зраци“. И уште: „Земи кого било, опседнат и бесен, и приведи го до светиот гроб, каде се моштите на маченикот, и ќе видиш како демонот неизбежно ќе скокне и ќе побегне како од оган“.

ЖИТИЕТО НА ПРЕПОДОБНИТЕ ОТЦИ ЈУЛИЈ И ЈУЛИЈАН

Светите Јулиј и Јулијан беа од областа Мирмидонија. Родени браќа, од мали воспитани христијански и во книжевната наука добро упатени. Како полнолетни тие започнаа да Му служат на Бога во девствена чистота и живееја во пост и молитва, поучувајќи се и ден и ноќ во законот Господов. За таквиот свој живот беа удостоени на црковни чинови. Јулиј беше ракоположен за презвитер а Јулијан за ѓакон. Во Црквата Христова тие беа како два светилника кои блескаат со добри дела, заради кои се славеше Отецот небесен. Во тоа време среде пченицата на светата вера сѐ уште имаше многу какол на идолопоклоничката заблуда. Иако тогаш и на Исток и на Запад владееја христијански цареви и побожноста цветаше насекаде, сепак елинското незнабожие не беше целосно искоренето, особено по селата, каде луѓето заслепени од незнаење го држеа древното идолослужење. Овие двајца слуги Христови со божествена ревност отпатуваа во Цариград кај благочестивиот цар Теодосиј Младиот, и го молеа да им даде своја царска повелба, за да можат во грчко-римското царство непречено да ги уништуваат идолите, да ги рушат и спалуваат идолиштата и да ги сечат шумите и градините засадени во чест на идолите, а да ѕидаат храмови Божји и да ја шират славата на името Христово. Царот им го даде тоа право и го потврди со повелба во која беше додадена и наредба насекаде сите властодршци и управители на области, кнезови, чиновници и градоначалници, да помагаат во сѐ што е потребно за градбата на храмовите.

Добија тие и благослов од светиот патријарх за проповедање и за градење и осветување на цркви.

Така овие двајца свети војници Христови, како двајца апостоли, тргнаа по областите на царството и им го проповедаа името Христово на незнабошците, обраќајќи многумина кон Христа Бога, не само со збор туку и со чудеса. Зашто од Бог им се даде благодат и сила да исцелуваат секаква немоќ и да истеруваат демони. Тие насекаде ги разоруваа идолските храмови и ги уништуваа идолите. А во местата каде им се спротивставуваа упорните елини, тие истапуваа со царската наредба пред властодршците и градоначалниците и добиваа помош од нив, па ја извршуваа својата работа. Подигнаа многу цркви не само со средствата од царските ризници, туку и од обилните прилози на правоверните христијани. Така тие ги пропатуваа Истокот и Западот и изградија сто цркви. Чудесата извршени од нив се безбројни. Невозможно е подробно да се опишат, и затоа ќе споменеме некои од нив.

Еднаш, додека светите браќа ја градеа црквата во Вивлам, еден работник од невнимание си го отсече големиот прст на левата рака со железна алатка и му истече многу крв, па тој од истоштеност и болки падна како мртов. Кога дознаа за тоа, светите браќа го зедоа отсечениот прст, го припоија до неговото место, го осенија со крсниот знак и прстот веднаш зарасна за своето место и раната исчезна. Светите браќа го кренаа тој човек здрав, му ја дадоа во рацете неговата железна алатка и му рекоа:

- Биди истраен и труди се во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.

Едно време светите браќа се наоѓаа во Медиоланската епархија, близу градот Гавдиан. Тука тие, откако беа исчистиле едно село од идолодемонијата, во него градеа црква. Таа им беше деведесет и деветата црква по ред. Во нејзината градба им помагаа многу верници. Се случи тогаш покрај тоа место да минуваат некои луѓе со кола. Кога ги здогледаа ѕидарите, тие си рекоа еден на друг:

„Овие ќе нѐ задржат да им помогнеме и ќе изгубиме многу време“.

Но, бидејќи не можеа да го заобиколат тоа место, тие смислија еден од нив да легне во колата како мртовец, и да се преправа дека го носат на погребение. Кога стигнаа до местото каде што се градеше црквата, светите браќа им се обратија со зборовите:

- Деца, помогнете ни малку во нашата работа.

А тие на тоа одговорија:

- Не можеме да се задржуваме, бидејќи носиме мртовец за погреб.

Тогаш свети Јулиј ги праша:

- Зарем не лажете, деца?

Тие одговорија:

- Не, оче.

Свети Јулиј на тоа им рече:

- Нека ви биде според вашите зборови.

И тие луѓе си заминаа по својот пат. Кога поодминаа малку му рекоа на преправениот мртовец да стане, но тој не се помрднуваше. Тогаш започнаа да го тресат, мислејќи дека спие, но набрзо се уверија дека навистина е мртов. Ова чудо се расчу насекаде и сите ги спопадна страв и ужас. Оттогаш никој не се осмелуваше на овие свети отци да им изрече било каква лага.

По некое време свети Јулиј презвитерот му рече на својот брат, свети Јулијан ѓаконот:

- Брате, ти остани овде и ѕидај ја оваа девведесет и деветта црква, а јас ќе одам да побарам место каде би можеле да ја изградиме стотата, та откако ќе изградиме сто цркви на земјата, со благодатта Божја да бидеме преселени во неракотворната вечна црква на небесата.

Го рече тоа Јулиј и замина. По две изминати милји стигна до езерото викано Мукороас. Тоа е големо езеро. Во него тој здогледа голем и многу убав остров на кој не живееше никој.

Набљудувајќи го оддалеку тој остров, свети Јулиј размислуваше како да стигне до него. Бидејќи немаше кајче, тој ги преклони колената на молитва и се помоли, говорејќи:

„Господе Боже, семоќен Исусе Христе, со Својата семоќна сила дај оваа мантија врз мене да ми биде сега кајче, за држан на неа и управуван со Твојата десница да преминам до оној остров.

Откако така Му се помоли на Господа, тој ја рашири својата мантија врз водата, се прекрсти, застана на неа, и со еден стап како со весло го управуваше кајчето од мантија. Така стигна до островот. Го заобиколи и многу се радуваше на неговата убавина. Среде него свети Јулиј здогледа огромна карпа и одлучи врз неа да ја подигне стотата црква, во име на светите Дванаесет Апостоли. На островот имаше многу змии и најразлични отровни лазачи, поради што никој не се осмелуваше да се приближи до него. Светиот се искачи на таа карпа, направи крст од мало дрво, и го заби во една мала пукнатина. Потоа се помоли на Бога, па со името на Исуса Христа ги повика кај себе сите змии и лазачи. Кога се собраа кај него во огромен број, тој им рече:

- Вие веќе доста време живеете на овој остров. Сега, со името на Пресвета Троица, ви наредувам да го напуштите овој остров и ова место да го отстапите за дом Божји и за слуги Христови, кои имаат намера да живеат овде.

Штом светителот го рече тоа, веднаш сите змии и лазачи како разумни суштества се покорија и заедно отидоа на западната страна на островот. Се втурнаа во езерото и препливаа на другата страна, кај гората викана Камункин. Тука се населија и вгнездија, а островот се исчисти од лазачи. А пак свети Јулиј повторно се врати назад по водата како што дојде, па појде по тамошните христијански населби. Откако доби од нив помош и сѐ што е потребно, тој со работниците премина со кајчиња на островот. Ги положи на онаа карпа темелите на црквата во името на светите Дванаесет Апостоли, и започна да ја гради.

Во тоа време неговиот брат свети Јулијан ја заврши онаа црква во близина на градот Гавдиан и донесе одлука во неа да направи гробница за својот брат Јулиј. И отпочна со работа. А кога свети Јулиј дозна дека црквата е завршена појде да ја види и да го посети својот брат. Кога стигна, свети Јулијан му рече:

- Ете, господине брате, со Божја помош и твоите молитви градбата на црквата е завршена. Сега се прави гробницата за тебе, за во неа да почива твоето тело по претставувањето.

А свети Јулиј, полн со пророчки дар, му рече на свети Јулијан:

- Доврши ја што побрзо гробницата што си ја забрзал, но знај дека ти ќе почиваш во неа.

Така и се случи. Кога беше завршена гробницата, свети Јулијан ѓаконот се претстави кај Господа. Свети Јулиј чесно го погреба, повторно се врати на островот и продолжи со градбата на црквата посветена на Апостолите. Кога ја заврши си направи во неа гробница за себе, зашто предвиде дека му се приближува крајот, а веќе беше и остарен. Во тоа време во Медиолан од страна на царот за епарх беше поставен еден познат сенатор на име Авдентиј, благородник, доблесен и богоугоден човек. Кога слушна за свети Јулиј, тој им рече на своите домашни:

- Ајде да појдеме до островот Мукорос да го видиме Божјиот човек Јулиј и црквата што ја подигнал.

Кога стигнаа на островот, Авдентиј се удостои да добие благослов од светителот и да разговара со него за духовни работи. Бидејќи ја разгледа и црковната градба, тој му рече на свети Јулиј:

- Господине оче! Ако имаш намера уште нешто да градиш, кажи ми, јас со радост ќе ти помогнам.

Светителот на тоа му одговори:

- Чедо, не е потребно ништо повеќе да се ѕида, освен гробница за тебе покрај мојата, бидејќи по претставувањето твоето тело ќе почива во оваа црква.

На тоа Авдентиј рече:

- Гробот твој, оче, нека биде овде, а јас веќе си подготвив гробница за себе во Медиолан.  

- Верувај ми, чедо, - одговори светителот, - твоето тело ќе биде погребано покрај моето, а не на друго место.

По долгиот разговор со светиот, Авдентиј зеде благослов и се врати во Медиолан. Свети Јулиј по кратко време отиде кај Господа и беше погребан во својот гроб, од кој по неговите молитви им се даваа многу исцеленија на болните. По претставувањето на свети Јулиј, неговото место го зазеде доблесниот презвитер Илија. По неколку години се претстави и богоугодниот Авдентиј и беше положен во својата гробница во Медиолан. Но утредента го најдоа надвор од неа, но не како исфрлен, туку како чесно изнесен И грижливо положен. И повторно неговото тело го положија во истата гробница, но и по втор пат се најде надвор од неа. Истото се случи и по трет пат. Сакаа да го положат на друго место, но ниту едно не го примаше. Тогаш неговите домашни се сетија на зборовите на свети Јулиј изречени на Авдентиј, дека тој нема да биде погребан на ни едно друго место, освен покрај неговото тело. И го пренесоа телото на Авдентиј на островот Мукорос. Блажениот Илија го пречека телото на епархот со крстови, кадилници и свеќи, чесно го прими и го погреба крај гробот на преподобниот отец Јулиј. Така се исполни пророштвото на светителот, во слава на нашиот Бог Христос, со Отецот и Светиот Дух славениот за навек. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК АРЧИЛ II, царот Грузиски

Aрчил беше син на царот Стефан, а внук на големиот грузиски цар Вахтанг. Како голем христијанин и заштитник на христијанството, царот Арчил беше мачен од муслиманите и посечен за Христа на 20 март 744-та година. Беше на осумдесет години кога пострада за Господа и се пресели во блажената вечност.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ЛУАРСАБ II, кнезот Карталински во Грузија

Неговиот татко Георгиј Х пострада заради верата отруен од персискиот шах. А пак Луарсаб беше фрлен во една темница близу Шираса, во која останал седум години. По наредба на шахот Абас I беше обесен во темницата со двајцата свои слуги на 21 јуни 1622 година. На неговиот гроб беше видена небесна светлина.

СПОМЕН НА НАШАТА ПРЕПОДОБНА МАЈКА АНАСТАСИЈА, мајката на Свети Сава

Ана, ќерка на грчкиот цар Роман IV (1168-1171) и сопруга на големиот српски жупан Стефан Немања, со кој роди три сина: Вукан, Стефан и Растко, односно свети Сава. Со свети Немања го изградила женскиот Богородичен манастир на левиот брег на Топлица, на устието на реката Косаница, и тука се замонашила добивајќи го монашкото име Анастасија. Поживеала побожно и богоугодно и се претставила во мир на 21 јуни околу 1200 година. Погребана е во припратата на Студеничката Богородична црква (каде во шеснаесеттиот век е изработена нејзина фреска).

СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ТЕРЕНТИЈ, епископот Икониски

Пострада за Господа Христа, избоден со трње.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ СЕДУММИНА БРАЌА

Овие свети седум браќа пострадаа за Христа Господа посечени со меч.

 

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК АФРОДИСИЈ

Родум од Киликија, како христијанин беше фатен од кнезот Дионисиј и за исповедањето на Христос, вистинскиот Бог, страшно беше мачен со вжештено железо и растопено олово. Заради неговите јуначки страдања многумина од гледалиштето поверуваа во Христос. На крајот, ставен во распукната карпа и притискан, ја предаде својата маченичка душа во рацете на својот Господ и го доби венецот на мачеништвото

СПОМЕН НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК НИКИТА НИСИРСКИ

Никита беше родум од малиот каменит остров Нисир, во близина на Родос. Неговиот татко поради некои тешкотии преминал во исламот со целото семејство и Никита како мало дете го добил името Мехмед. После тоа неговото семејство се пресели на островот Родос и таму живееше. Малиот Мехмед беше ревносен во муслиманската вера, без да знае нешто за својата поранешна христијанска вера.

Еден ден, играјќи си со турските деца, тој ги победи сите и со тоа предизвика гнев кај една турчинка. Таа многу го искара и го нарече нечист. Тоа многу го натажи малиот Мехмед и тој ѝ се пожали на својата мајка. Тогаш таа му раскажа сѐ и му откри дека неговото христијанско име било Никита. И веднаш, поттикнат од Светиот Дух, Никита од душа се обрати кон Христа, иако имаше само 14 години. Тој тајно го напушти своето семејство, решен маченички да пострада за Христа.

Светиот маченик најпрвин отпатува во Нови Манастир на островот Хиос, каде се исповедаше пред духовникот и игуменот. Во знак на враќање во христијанската вера тие го помазаа со свето миро, а наскоро на негова желба го замонашија. Неговата желба за мачеништво, која сѐ повеќе се разгоруваше во неговата душа, многу отци и подвижници на Хиос со совети и поуки ја подржаа и со благослови на патот на мачеништвото го испратија.

Кога стигна во Хиос, во местото Хора, го сретна еден турчин даночник и му го побара вообичаениот данок по глава.

Бидејќи Никита немаше пари, беше задржан од турците и поведен кон темницата. По патот го сретна неговиот познаник, свештеникот Данил, и го поздрави со неговото турско име Мехмед, чудејќи се зошто турците водат во затвор муслиманско дете. Тогаш Никита се побуни кај свештеникот зашто му се обраќа со тоа турско име и му објасни како допаднал во затвор. Тоа го слушна турчинот што го водеше (се викаше Кримлис) и веднаш го одведе пред турските аги и судии. Но, Христовиот маченик Никита тоа и го сакаше, и пред сите ја изнавреди муслиманската вера како нечиста, и смело ја исповедаше својата вера во Христа како единствен вистински Бог. Турците настојуваа со ветувања да го задржат во исламската вера, а кога тоа не им успеа го ставија светото момче на најстрашни маки. Го мачеа десет деноноќија и најпосле го предадоа да го поведат на колење како незлобиво јагне. Го изведоа на крајот од градот (викан „Като Егиалон“), под метохот на манастирот Ивирон, и повторно се обидоа да го придобијат со ласкања и ветувања. Христовиот маченик само им повторуваше:

„Христијанин сум, се викам Никита и како Никита ќе умрам!“

Тогаш џелатот Кримлис го посече со мечот.

Така Никита го прими маченичкиот венец за Христа на 21 јуни 1732 година на Хиос.

За да ги спречат хиоските маченикољупци да земат нешто од телото на маченикот, турците најпрвин го извалкаа со нечистотија, па го фрлија во морето. Христијани од неговото место Нисира го прославија неговиот маченички спомен и подоцна му подигнаа прекрасен храм посветен на него. Служба му напиша Атанасиј Иверски, очевидецот на неговото страдање, а житието му го напиша јероѓаконот Никифор од Хиос.