5. Јули   (22. Јуни)

ЖИТИЕТО И СТРАДАЊАТА НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ЕВСЕВИЈ, ЕПИСКОПОТ САМОСАТСКИ

Свети Евсевиј беше епископ на градот Самосат, кој се наоѓаше под власта на Антиохиската патријаршија. Во времето кога аријанската ерес ѝ нанесуваше огромни штети и силно ја смутуваше Црквата Христова, па таа се колебаше како кораб од бура среде море, свети Евсевиј се истакна како правоверен маж полн со ревност Божја, постојан, храбар и непоколеблив во православното вероисповедување.

По смртта на великиот цар Константин во источната половина на царството на престолот стапи неговиот син Констанциј. Како аријанец тој многу им помагаше на аријанците и се бореше за нив. Во времето на неговото царување имаше големо гонење против православните и нивно злоставување. Тогаш и свети Евсевиј поднесе големи страдања поради ревноста за православната вера, која започна да се обелоденува преку следниот настан:

Кога антиохискиот патријарх Евдоксиј аријанецот заради богатство го зазеде цариградскиот патријаршиски престол, тогаш во Антиохија беше свикан собор на сите сириски епископи, за избор на патријарх на местото на Евдоксиј. Во тоа време, како меѓу народот така и меѓу епископите имаше малку православни, зашто многумина го следеа зловерниот цар. На тој собор свети Евсевиј заземаше видно место меѓу епископите.

Знаејќи добро дека севастискиот епископ свети Мелетиј во Ерменија е правоверен и цврсто се држи до Символот на Верата од Првиот Вселенски Собор во Никеја, свети Евсевиј се советуваше со сите, свети Мелетиј да биде избран за патријарх.

Аријанските епископи, не знаејќи за правоверието на Мелетиј и мислејќи дека ќе биде нивен истомисленик, со задоволство го примија советот на Евсевиј. Со заедничка одлука и со своерачни потписи го избраа свети Мелетиј и таа одлука му ја доверија на чување на свети Евсевиј. А кога потоа ја добија царевата согласност за тој избор, тие го известија свети Мелетиј дека е избран, и во Антиохија беше дочекан со огромна радост.

Во својство на патријарх, свети Мелетиј започна да го учи народот пред сѐ на доблесен живот, смирен карактер и враќање на патот на правоверието. По кратко време народот, сакајќи точно да дознае од кое вероисповедување е нивниот нов патријарх, го замолија да се изјасни. По тој повод тој му одржа на народот проповед на народот, во која ја величаше православната вера, утврдена на Првиот Вселенски Собор во Никеја и исповедаше дека Синот е совечен, соприроден и рамен на Отецот, не е створен туку е Творец на целокупните твари.

Ваквата сенародна проповед многу ги вознемири и разгневи аријанците, а православните се радуваа. Аријанците го избркаа од црквата архиерејот Божји во триесеттиот ден по неговото стапување на престолот, и започнаа да го навредуваат насекаде, нарекувајќи го еретик савелијанец. Потоа го наговорија царот, та тој го осуди свети Мелетиј на заточение.

Ноќе беше изведен од Антиохија и испратен во прогонство. На негово место аријанците избраа некој си Евзоија.

Гледајќи каков немир ствараат еретиците во Антиохиската црква, и како свети Мелетиј невин страда, свети Евсевиј многу се натажи, ја напушти Антиохија и се врати во својот град. По заминувањето на Евсевиј аријанците се сетија дека кај него се наоѓа одлуката за изборот на Мелетиј за епископ, потпишана од сите епископи. Исплашени Евсевиј да не ги обвини, тие го замолија царот да ја побара таа одлука од него. Царот веднаш испрати пратеник, кој го стигна и му ја соопшти царевата наредба, а тој му одговори:

- Заедничката одлука, која ми е доверена, нема да ја вратам сѐ додека оние што ми ја доверија не се соберат на собор.

Пратеникот се врати со празни раце кај царот. Царот многу се разлути и повторно го испрати, со строга наредба, ако не ја даде одлуката да му ја отсечат десната рака. Тоа царот го напиша за да го заплаши светиот епископ, а на пратеникот му нареди да не постапи така. Кога повторно го стигна и му ја покажа страшната наредба, светителот ја прочита и веднаш ги испружи двете раце да му ги отсечат, велејќи:

- Не само десната, туку и левата отсечете ја. Јас нема да ја дадам одлуката, која јасно ја изобличува злобата и беззаконието на аријанците.

Пратеникот повторно се врати без одлуката, и сѐ му раскажа на царот. Тој многу се восхити од неговата храброст, и подоцна го фалеше пред многумина.

По неколку години умре зловерниот цар Констанциј. По него дојде Јулијан Отстапник. Тој го врати свети Мелетиј на антиохискиот престол, но потоа пак го протера. За време на царувањето на Јулијан Црквата Христова трпеше уште поголеми зла отколку во времето на Констанциј. Тогаш кон аријанската ерес, која ги смутуваше сите православни во вселената, се приклучи и гонењето од страна на идолопоклониците. Самиот цар, кој јавно се одрече од Христос, започна отворено да им принесува жртви на идолите и покрена гонење против христијаните, особено против свештените лица.

Во тоа време многу цркви останаа без своите свештенослужители, и епископските престоли без архиереји, зашто некои од нив беа убиени, а други растерани или од аријанците или од идолослужителите. И ако Господ не го прекинеше животот на Јулијан, тешко дека и една црква ќе останеше со свој свештенослужител.

Во тоа страшно време свети Евсевиј, прикривајќи го својот архиерејски чин, се облече во војничка облека и таков одеше низ Сирија, Финикија и Палестина, утврдувајќи ги христијаните во светата православна вера. Каде што ќе затекнеше црква без свештонослужители, тој ќе поставеше свештеници и ѓакони и останатите клирици. Некаде поставуваше и епископи, и тоа од оние кои ја отфрлаа аријанската ерес и православно размислуваа. Ете, таква ревност за Христа, таков труд, таква грижа за Црквата Христова имаше овој голем архиереј Божји. Кога загина безбожниот Јулијан, за цар беше поставен побожниот и христољубив Јовијан. Тогаш свети Мелетиј повторно беше вратен на својот престол. Во тоа време свети Евсевиј и останатите православни архиереји започнаа слободно да управуваат со својата паства. На совет од свети Евсевиј, свети Мелетиј свика помесен собор во Антиохија, на кој зедоа учество дваесет и седум епископи. Меѓу нив прв по Мелетиј беше Евсевиј. На тој собор присуствуваше и лаодикискиот епископ Пелагиј, за чиј чист и свет живот зборува следното:

Во својата младост Пелагиј бил натеран од родителите да стапи во брак. Но, тој успеал да ја посоветува својата невеста да ја чуваат својата девственост и чистота. И така, под вид на сопружништво, тие живееја заедно како брат и сестра. Покрај тоа, тој се одликуваше и со многу други доблести, поради што беше почестен од Бога и од луѓето со архиерејскиот чин.

Пелагиј многу ги сакаше и почитуваше светите Мелетиј и Евсевиј, и беше нивен истомисленик. На тој собор светите Отци им наредија на сите да ја исповедаат и православно да ја држат единосушноста на Синот со Отецот и верата, утврдена на Првиот Вселенски Собор во Никеја. На тоа се согласија и аријанците и своерачно потпишаа, иако лицемерно, на некое време, за да ја исполнат волјата на царот православен. Го сторија тоа затоа што се плашеа од овие правоверни свети архиереји Мелетиј, Евсевији Пелагиј, кои уживаа голем углед кај царот. Побожниот цар многу ги сакаше овие столбови на Црквата поради нивното правоверие и светиот живот, и необично ги почитуваше и ги слушаше во сѐ. Така еретиците и од страв се присоединуваа кон Црквата.

Но кога наскоро умре благочестивиот цар Јовијан, и на престолот стапи Валент, еретиците повторно истапија како пси на својата бљувотина?, претходно заведувајќи го царот во аријанството преку неговата сопруга Домника. И повторно Православната Црква беше изложена на страдања и нејзините пастири избркани. Така повторно беше избркан свети Мелетиј во Ерменија, свети Пелагиј во Арабија, а свети Евсевиј во Тракија.

Неправедната наредба на неправедниот цар за прогонството на Евсевиј беше донесена во Самосат на зајдисонце. Кога дозна, свети Евсевиј го повика царскиот пратеник и му рече:

- Денес молчи и никому не зборувај зошто си дошол, зашто ако дознае народот ќе се вознемири и ќе те убие, па тогаш јас ќе бидам виновен за твојата смрт.

Го рече тоа свети Евсевиј и ја изврши вечерната богослужба. Кога падна ноќта, тој му ја откри тајната и својата намера на еден од своите верни слуги. И штом сите заспаа, тој со својот слуга замина за градот Зевгма.

Кога дознаа граѓаните на Самосат дека нивниот архиереј ги оставил, плачеа и ридаа и се распрашуваа каде отишол. Еден човек го беше видел на брегот како заминува и го извести народот. Тогаш многумина тргнаа по него и го најдоа во Зевгма. Тие плачеа пред него и многу настојуваа да се врати, но тој не се согласи. Какви ли не молби му упатија, и какви ли не зборови му изговорија, паѓајќи со солзи пред неговите нозе, но тој само ги потсети на апостолските зборови: „Секоја душа да се покорува на постоечките власти, зашто не постои власт која не е од Бога. Сите власти се од Бога поставени. Затоа, кој се противи на власта, се противи на наредбата Божја и прима грев на себе“ (Рим. 13, 1-2).

Потоа им велеше:

„Јас не можам да се противам на царската наредба а и за вас е опасно тоа“.

Кога видоа дека не можат да го убедат, тие започнаа да му даваат злато, сребро, облека а некои и своите робови, бидејќи заминуваше во далечна земја. Но светителот зеде многу малку од понуденото. На простување ги поучи да останат во православната вера, се помоли за сите, ги благослови и тргна кон Тракија, каде што беше осуден на прогонство.

Кога беше во Истра стигна глас дека Готите упаднале во Тракија и страшно ја пустошат. Затоа светителот остана во Истра сѐ до смртта на злиот цар Валент. А пак во Самосат на местото на свети Евсевиј од аријанците беше испратен некој епископ Евномиј. Кога тој влезе во градот, никој не му укажа долична почит како на епископ, зашто целиот град беше православен и никој не излезе ниту да земе благослов од него ниту да го види. Евномиј влезе во епископијата и со царската власт ја зазеде соборната црква и започна да служи во неа. Но народот престана да влегува во таа Црква и никој не дојде кај Евномиј ниту во црквата, ниту во архиерејскиот дом, та тој во епископијата постојано беше сам самичок, со своите кои ги беше довел со себе. За него се вели дека, иако еретик по вера, бил добар по карактер, кроток, тивок, смирен и љубезен спрема сите. За неговата добродушност се вели следното:

Еднаш тој влезе во заедничката бања за да се капе, и слугите ја затворија вратата по него, за да не влезат други онаму каде што се капе епископот. Кога дозна дека многумина стојат пред вратите за да се капат, Евномиј им нареди на слугите да отворат и дозволи сите да се капат заедно со него. Тогаш многумина влегоа, но кога го видоа како седи во топлата бања, останаа да стојат, на тој начин укажувајќи му почитување. Тој им предлагаше да влезат, но тие не се осмелуваа. Сфати дека од почит го прават тоа, та се нажали, излезе од водата и бргу замина од бањата, не сакајќи да му укажуваат почит. Луѓето пак, кои останаа, веднаш ја испуштија водата како осквернета од капењето на еретикот, добро го измија базенот и повторно го наполнија. Кога дозна за тоа и увиде дека никако не може да го привлече кон себе народот Самосатски, Евномиј ја остави епископијата и замина од градот.

По неговото заминување аријанците во Самосат го испратија епископот Лукиј, многу голем непријател на православните. Граѓаните не му укажаа никаква почит ниту нему, та и тој живееше во епископијата сам со своите. А колку православните се гнасеа од тој еретички епископ се гледа од следниов настан:

Еднаш многу деца си играа со топка на улицата, дофрлувајќи си ја еден на друг. Се случи во тоа време епископот Лукиј да минува од таму. Топката случајно падна под неговата кола, па децата силно повикаа:

„Топката се оскверни со ереста! Топката се оскверни со ереста!“

Епископот остави еден свој слуга да види што прават децата и зошто толку силно викаат, а тие пак, запалија оган и започнаа да ја фрлат топката преку пламенот, за да ја исчистат од еретикот. Така не само возрасните, туки и малите деца се гнасеа од еретичкиот епископ, кој беше како „мерзост на опустошението“ на свето место. Кога дозна за тоа, Лукиј не постапи кротко како Евномиј, туку многу се разгневи и многу православни свештени лица распрати во најдалечните места на заточение. Внукот на свети Евсевиј, блажениот Антиох, свештеник прекрасен, богоугоден, боговдахновен и многу начитан, го испрати на заточение во Ерменија, а знаменитиот меѓу служителите Господови ѓакон Еволкиј, го протера во Оасимската пустина. Поради тоа огромна жалост и тага го обзеде градот Самосат.

По страшната смрт на злиот цар Валент се зацари правоверниот цар Грацијан. Тој веднаш ги ослободи сите архиереји, и останатите свештени лица кои се наоѓаа во прогонство за православната вера, и им нареди да се вратат на своите престоли. Тогаш свети Мелетиј се врати во Антиохија, свети Пелагиј во Лаодикија и свети Евсевиј во Самосат. Исто така во Самосат се вратија и сите протерани од аријанецот Лукија, меѓу нив и свештеникот Антиох од Ерменија, и ѓаконот Еволкиј од Оасим. Тоа беше огромна радост за православните а голем срам за зловерните.

По враќањето на својот престол, свети Евсевиј заедно со останатите архиереји, особено со свети Мелетиј, се трудеше околу црковното благоустројство. Прво се погрижи, со согласност и совет на свети Мелетиј, по симнувањето на аријанските епископи на испразнетите епископски места да постави луѓе, достојни и цврсти во православието. Ги постави следните епископи: чесниот Акакиј во Верија, доблесниот Теодот во Ерапол, Евсевиј во Халкидон, Исидор во Кир, а во Едеса, по претставувањето на светиот архиереј Варса, на престолот го постави исповедникот Евлогиј. А пак со богоугодниот Марин, избран за епископ во аријанскиот град Долихин, свети Евсевиј појде во тој град со намера да ја исчисти Црквата од ереста и на престолот да го постави православниот архиереј. На влегување во градот Долихин, една жена аријанка фрли по него керамида од кровот, го удри по главата и му ја разби. Од таа тешка рана свети Евсевиј се разболе и се претстави кај Господа. На умирање тој ги заколна сите што беа со него, да не ѝ нанесат никакво зло на таа жена, во знак на одмазда. Тој го подражаваше својот Господ, Кој се молеше за оние кои Го распнуваа, говорејќи: „Оче, прости им оти не знаат што прават“ (Лука 23, 34). Се огледа исто така и на свети Стефан, кој се молеше за оние што го засипуваа со камења (Д. А. 7, 58-60).

Така маченички се упокои големиот угодник Божји Евсевиј.

Пострада од аријанска рака за Синот Божји, совечниот и соприроден на Отецот. Неговото свето тело беше вратено во градот Самосат и таму чесно погребано со солзи и ридање од народот христијански. На неговиот престол беше избран гореспоменатиот блажен Антиох, син на сестрата на свети Евсевиј. И Црквата самосатска цветаше во православието, побожно славеејќи Го Отецот и Синот и Светиот Дух, Едниот во Троица Бога, Кому и од нас чест, слава, благодарност и поклонение, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ЗИНОН И ЗИНА

Свети Зинон беше родум од Филаделфија Арабиска, која во дамнина се викала Емана. Зина беше негов слуга и гореше од желба да пострада за верата Христова. При игемонот Максимијан, кој управуваше со областа во времето на царот Максимијан, свети Зинон го раздаде сиот свој имот на сиромашните, а робовите ги пушти на слобода. Кога слушна како игемонот им оддава голема чест на идолите, тој дојде кај него заедно со својот слуга, излезе пред него, и кога виде дека овој навистина многу се труди околу почитувањето на лажните богови и усрдно им служи на идолите, го изобличи. Игемонот веднаш нареди да го тепаат светиот со каиши од воловска кожа. За време на тоа мачење Зинон ја пружи раката, удри со лактот во зидот од идолскиот храм и го сруши храмот. Затоа најпрвин го обесија и немилосрдно му го стругаа телото а раните му ги полеваа со сол и оцет. Потоа со четири клинци му ги заковаа нозете во клада.

На местото каде го мачеа свети Зинон дојде неговиот слуга Зина и го молеше својот господар да не го остава. Кога дозна игемонот нареди и нему да му ги стават нозете во клада. А кога и двајцата свети маченици беа изведени пред игемонот на сослушување, и тие одбија да се одречат од Христос, игемонот ги предаде на жестоко мачење. При тоа на свети Зинон со вжештени прачки му ги печеа градите и делот каде што се наоѓа срцето. Потоа ги обесија на дрво, им врзаа тешки камења за нозете и ги гореа, па ги фрлија во огнот во кој незнабошците истураа масло, но светите маченици на чудесен начин останаа неповредени па дури и од огнот недопрени. Најпосле со меч им ги отсекоа главите во 304-та година. Нивните души се овенчаа со венецот во Царството Христово, а телесните остатоци беа погребани во црквата на свети Георгиј, во местото викано Кипарисион, во Цариград.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ПОМПИАН

Светиот маченик Помпиан беше фрлен во море заедно со светиот маченик Галатион, маченицата Јулијана и нејзиниот син Сатурнин.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ГАЛАТИОН (ГАЛАКТИОН)

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ЈУЛИЈАН И САТУРНИН

Мајка и син спалени во оган. Пострадаа заедно со светиот маченик Помпиан.