07. Јули   (24. Јуни)

СИНАКСАР НА РАЃАЊЕТО НА СВЕТИ ЈОВАН, Преттечата и Крстител Господов

Кога Незалезното Сонце на Правдата - нашиот Христос Спасител сакаше да заблеска во светот и веќе ја беше наведнал небесата и слегнал во девствената утроба почиста од небото, најпрвин од нероткиња требало да се роди Неговата звезда деница - свети Јован Преттеча, за да оди пред Него како предвесник, проповедајќи и говорејќи: „По мене доаѓа посилниот од мене“ (Марко 1, 7). Затоа, кога на света Елисавета ѝ се наврши времето да роди, таа роди син во својата старост, од остарената утроба, како што во старо време Сара го роди Исак.

Така, едно чудо му претходеше на друго чудо: пред Дева да Го роди Христа, старата Елисавета го роди Преттечата Христов, за луѓето, гледајќи го натприродното раѓање од старица, да поверуваат во натприродното раѓање кое требало да се случи од безбрачната Девица и да си речат на себе: „Семоќната сила Божја, која ја разреши неплодноста на старицата, е во состојба и чедната Дева да ја направи Мајка“. Затоа на чудесното раѓање Христово му претходи чудесното раѓање на Преттечата. Се случи така за со едно чудо светот да се подготви за примање на друго чудо, за луѓето, кога ќе видат старица мајка, полесно да ја примат секогаш девствената Мајка. За луѓето, станувајќи сведоци на необичното раѓање од остарената Елисавета, да се подготват себеси за веста за чудното раѓање на Христа од Дева. Зашто и кај едната и кај другата мајка чинот на раѓањето ги надминуваше законите на природата, бидејќи Бог така сакаше, на Кого како на Творец Му се потчинува секоја природа.

Кога Елисавета го роди Преттечата, слушнаа нејзините соседи, роднини и познаници, и се радуваа заедно со неа што Господ ја јави Својата голема милост на неа, избавувајќи ја од укорот на бездетноста. Така се исполнија зборовите на светиот Божји благовесник Архангел Гаврил, кој му беше рекол на Захарија: „Жената твоја Елисавета ќе ти роди син, и многумина ќе се израдуваат на неговото раѓање“ (Лука 1, 13 -14). Тогаш се радуваа и оние во кои што гореше огромна желба за очекуваниот Месија. Зашто тие, иако не знаеја дека веќе се случила тајната на воплотувањето Христово, сепак, во времето на раѓањето на Преттечата Христов, се радуваше нивниот дух, зашто Духот Свети ги веселеше нивните срца и тие во раѓањето на Преттечата добија некакво уверување дека ќе го дочекаат очекуваниот Месија. Во осмиот ден по раѓањето на Месијата, дојдоа свештеници и роднини во домот на Захарија, за да го обрезаат детето, и сакаа да му го дадат името на неговиот татко Захарија.

Но неговата мајка не се согласуваше со тоа. Зашто како сопруга на маж - пророк, и мајка на син - пророк, света Елисавета и самата беше исполнета со пророчки дар, и со пророчко предзнаење настојуваше на нејзиниот син да му го дадат името Јован. Тоа име таа не можеше да го слушне од својот маж, зашто Захариј се врати од храмот со заврзан јазик, та не можеше да ѝ раскаже дека видел ангел кој му ја објавил благовеста за зачнувањето на синот и му наредил да му го даде името Јован. Значи, упатена од Светиот Дух, светата мајка како пророчица му го дава на младенецот името Јован, како што таа и порано пророчки го препозна доаѓањето на Божјата Мајка кај неа и рече: „Од каде кај мене ова, кај мене да дојде мајката на мојот Господ?“ (Лука 1, 43). Тогаш свештениците и роднините започнаа со знаци да го прашуваат Захариј кое име сака тој да му го даде на младенецот. А тој побара даска и напиша: „името му е Јован“. И веднаш му се разврза јазикот, и тој започна да зборува, благословувајќи Го Бога. И сите се чудеа на толкуте чудеса: старицата која роди, мајката и немиот татко кои без договарање се сложија во однос на името на својот син, немиот татко кој веднаш проговори и со раката го напиша она што со јазикот го изговори, и името Јованово кое како клуч ја отвори устата на таткото, за прославување на Бога.

Слушајќи ги зборовите на Захарија, сите со страв се восхитуваа, и за сето тоа се раскажуваше по целиот планински крај на Јудеја, односно во околината на свештениот град Хеврон, во кој беше домот на Захарија.

Овој град со околината уште во деновите на Исус Навин му беше доделен на свештеничкото племе Ароново, оддалечен од Ерусалим осум часа од, подалеку од Витлеем на огромна висина. Се нарекувал „Горски град“ поради високите гори на кои се наоѓал, а неговата околина се нарекувала „Горски крај“, како што пишува за тоа во Евангелието, при патувањето на Пресвета Богородица кај Нејзината роднина Елисавета: “Марија стана и појде (од Назарет Галилејски) брзо во планинскиот крај (во брдски, горски, планински крај), односно во Хеврон, и влезе во куќата на Захариј, и се поздрави со Елисавета (Лука 1, 39). Значи тука, во Хеврон, во тој планински крај, се случија сите овие чудни, необични и чудесни настани, за кои се зборува погоре. И сите кои слушнаа за тие настани многу се восхитуваа и во недоумица се прашуваа: „Што ли ќе стане од тоа дете?“ (Лука 1, 66).

И раката Господова беше со новородениот младенец, умножувајќи ја во него благодатта Божја, и чувајќи го од мечот Иродов. Зашто за чудесното раѓање Јованово стигна глас и до Ирод, и тој многу се чудеше и си велеше: „Што ќе биде од ова дете? (и кога во Витлеем Јудејски се роди нашиот Господ Исус Христос, и од Исток дојдоа мудреците и се распрашуваа за новородениот цар Јудејски, тогаш Ирод испрати војници во Витлеем да ги убијат таму сите деца, и се сети и на Јован, синот на Захариј, за кого слушнал многу чудесни работи, и се прашуваше во себе: „Да не е тој идниот цар Јудејски?“ И одлучи да го убие и него, и специјално испрати убијци во Хеврон, во домот Захариев. Но испратените убијци не го најдоа свети Јован, зашто кога во Витлеем започна безбожното убивање на децата, тамошниот лелек и кукање допреа и до Хеврон, кој не е многу далеку од Витлеем и се дозна причината за тој лелек. Тогаш света Елисавета веднаш го зеде младенецот Јован и побегна во високи пусти гори, а свети Захариј во тоа време се наоѓаше во Ерусалим, држејќи дежурство во својот храм според обичајот на свештенството. А пак света Елисавета, криејќи се по горите, со солзи се молеше на Бога да ја заштити заедно со детето. И кога здогледа војници како се приближуваат, таа повика кон карпата пред која се најде: „Горо Божја, прими ја мајката со чедото!“

И во тој час се отвори карпата, и ја прими внатре Елисавета со детето, и така ги сокри од убијците. А војниците се вратија со празни раце кај оној што ги беше испратил. Тогаш Ирод испрати вооружен војник во храмот на Захариј да му каже:

„Дај ми го твојот син!“

А свети Захариј му одговори:

„Јас сега Му служам на Господ Богот Израилев, и не знам каде е мојот син“.

Многу разјарен, Ирод повторно испрати војници кај Захариј, со наредба ако не го предаде сина си да го убијат. Свирепите ѕверови поитаа да ја извршат наредбата на беззакониот цар и јаросно му зборуваа на свештеникот Божји:

„Каде си го сокрил својот син? Предај ни го, зашто царот нареди веднаш да те убиеме ако не ни го предадеш“. Свети Захариј им одговори:

„Вие ќе го убиете моето тело, а Господ ќе ја прими мојата душа“.

Тогаш убијците, извршувајќи ја наредбата на Ирод, јурнаа и го убија светиот слуга Божји, помеѓу храмот и олтарот (Матеј 23, 35). Неговата пролиена крв се стврдна на мермерот и стана како камен за сведоштво на Иродовото злосторство и на негова вечна осуда. Меѓутоа, света Елисавета со Јован, сокриена од Бога, остана во карпата што се отвори. Во неа, по наредба Божја, се образува пештера за нив, и потече извор вода, и над пештерата израсна палма, полна со урми. И секој пат, кога ќе настапеше време за земање храна, тоа дрво се свиткувало и тие јаделе од неговиот род, а кога ќе се насителе, дрвото повторно се исправало.

Четириесет дена по убиството на Захариј, света Елисавета се претстави во таа пештера. Оттогаш свети Јован беше хранет од ангел Господов до своето полнолетство, и чуван во пустината сѐ до денот на своето јавување на Израилот. Така раката Господова го чуваше и засолнуваше светиот Јован, за во духот и силата на Илија да оди пред лицето Господово и да го подготвува патот на Оној Кој доаѓа да го спаси човечкиот род. За сето тоа нека се слави Христос Бог - Спасителот наш, со Отецот и Светиот Дух за навек. Амин.

СЛОВО НА СВЕТИ ЈОВАН ЗЛАТОУСТ ЗА РАЃАЊЕТО НА СВЕТИ ЈОВАН ПРЕТТЕЧА

Благовремен е денот на празникот и сеопштата радост, во кој се сетив на Гавриловото служење и свештенството на Захариј. Вие го слушнавте евангелистот Лука, кој зборува што му се случи на праведниот Захариј кога влезе во храмот Господов да покади и сиот народ беше надвор и се молеше на Бога за време на кадењето. Нему му се јави ангел Господов, стоејќи од десната страна на олтарот, кога тој кадеше. Кога го виде, Захариј се збуни и страв го обзеде. О страву, предуслову на неверието, непостајаност на умот, потклизнувало на душата!

Поправајќи го тоа, ангелот рече:

„Не плаши се, Захарија, зашто твојата молитва е услишена. Истерај го стравот и воведи ја молитвата, зашто кога рече: „не плаши се“, не замолчи, туку ја спомена и силата на молитвата, која дар Божји стекнува. Услишена е, рече, молитвата твоја: „Ете, твојата жена Елисавета ќе ти роди син и ќе му го дадеш името Јован“ (Лука 1, 9-13).

О, преславни тајни и страшно чудо! Со право Захариј се посомнева и му приговори на ангелот. Тој бараше едно а доби друго. Тој се молеше за народот а беше наречен татко на син; тој молеше за простување на гревовите, а доби ветување за разрешување на бесплодната утроба. Желбата на Захариј беше да се исцелат грешните души, а не утробата на Елисавета да зачне плод. Со право Захариј се збуни и уплаши, зашто беше човек подложен на промени, иако облечен во свештенички чин, и си размислуваше во себе, говорејќи: „Чудна е појавата на овој човек, чудно е неговото ветување. Кој е овој човек што така смело влегол во светиот храм и стои од десната страна на кадилниот олтар, како да е безгрешен? Кој е овој што има неовоземен изглед, блеска со лицето и ја плаши мојата душа? Јас никогаш не сум видел нешто толку необично. Дали е ова крилест човек или птица човеколика? Што е ова? Не знам. Кој е овој ? Дали е шпион на моето кадење, и препрека на моето молитвено посредство? Народот кој надвор се моли ме очекува како тајник на Небесниот Цар, а овој ме задржува внатре. Преку мене тие Му пренесоа молитви на Небесниот Цар, просејќи прошка на своите гревови. Не сум сигурен дали ќе возмогнам да ја исполнам желбата на народот и да го покажам делото на мојата служба и мојата чреда, а овој се појави носејќи ми нова вест. Оддалечи се, ти, што ме плашиш! Зашто кога би бил ангел, испратен од Бога, ти би ми помогнал во мојата молитва, и би се сожалил на оние што стојат надвор и се молат со солзи. Оди си одовде, ти кој ме плашиш, не ми е потребен ниту еден збор за детето кое ми го ветуваш. Каква корист за народот од тоа што јас би добил син? Каква корист за народот ако Елисавета дои син? Каква придобивка ќе стекне народот ако јас оставам наследник на својот дом? Оди си, оди си од мене, кој и да си! Ние сме стари. Ние и двајцата сме мртви за похот. Тоа што младоста не го расцвета, како ќе го направи староста?“

Така си размислуваше и си зборуваше во себе Захарија. А ангелот му рече:

„Не плаши се, Захариј, не смутувај се со помисли, зашто сум ангел на светлината а не на темнината. Јас сум Гаврил, еден од главатарите на Небесниот Цар. Исполнувам наредба а не наредувам по своја власт. Испратен сум да ти јавам блага вест, а не да те уплашам. Јас се прикрив под видот под кој ме гледаш, не за да те исплашам, туку за да не ти се јавам во голата суштина ангелска: зашто телесниот не може да го гледа бестелесниот, а Оној што ме испрати го штеди твојот живот. Не плаши се, Захариј, испратен сум да ти донесам добра вест, а не да те ставам во страв и недоумица. Ти се повикуваш на староста, на вашата бездетност, на престарената утроба. А кој тоа раѓа по своја желба? Чедородието е дар Божји а не човечки изум. Зарем не си Го слушнал Господа како вели: Јас сум Оној кој го ствара човекот и го создавам духот во човекот (Захариј 12, 1). Не веруваш ли, Захариј? А како беше создаден Адам, како беше створена Ева, како беше роден Исак? Кога слушна Аврам, поверува и не ја изгуби надежта, а ти си свештеник, па не веруваш! Зарем за Бога не е возможно сѐ што ќе рече? Ти приговараш заради староста, старче, и сметаш дека телесната умртвеност е посилна од Бога. Кога ти не би знаел за примерот Авраамов, тогаш со причина би можел да се сомневаш. Се повикуваш на природната немоќ и не веруваш на Божественото ветување. Малку бараш а многу добиваш. И се јадосуваш како да си претрпел штета. Ти се молиш само за еврејскиот народ, а јас ти го благовестувам она што ќе биде за спасение на сите народи“. Захариј, слушајќи го тоа и свртувајќи го малку лицето, започна да му противречи на ангелот, зборејќи: „Што зборуваш ангеле? Мојата жена ќе роди? Зарем јас за тоа се молев? И заради тоа ли кадам и принесувам темјан? Ја извршувам својата служба и се молам за простување на гревовите на народот, а не за разрешување од својата неплодност. Сакам олеснување за својот народ, а не зачнување и бременост на Елисавета. За ранетите души барам исцеление, а не свенатите дојки на Елисавета да точат млеко. Што зборуваш ти, о, ангеле! Зарем мојата жена ќе роди? Каква е користа од тоа за оние што надвор се молат? Зарем тие, кога ќе го слушнат ова нема да ме затрупаат со камења и да речат дека јас не се молам за нив туку за себе, и дека не измолив милост од Бога за нив, туку измолив чедородие за себе? Јас немам никаква желба за чедородие. Да не се случи тоа! Јас не го сакам тоа! Она за што се молев, не го добив. А ти сега ми зборуваш друго. Не може да стане ни збор за некакво раѓање на син! Ние не можеме да одиме без стап, а ти нам ни наредуваш да почнеме да раѓаме деца! Како може да се случи тоа, кога староста се одрече од природните телесни врски? Јас барам спасение за луѓето, среќа за нашиот род и победа над непријателите, а не плач на доенче, пелени, повивање, гаење... Јас не размислувам за тоа. И како јас ќе се најдам татко на природниот син? Староста одбива да верува во тоа, зашто е надвор од нејзината сила. Јас се држам за стапот како коњ и одвај одам, а ти ме поттикнуваш на телесна брачна врска. Како е возможно тоа? Ти гледаш дека ние и двајцата сме стари и свиткани кон земјата. Не очекуваме ништо друго освен српот на смртта веќе да нѐ ожнее како зрело класје. Ако ја зборуваш вистината, о ангеле, тогаш дај ми некое знамение како залог, за да поверувам на ветувањето. Зашто и Арон не би поверувал ако не расцветал неговиот жезол. И Мојсеј не би поверувал ако раката не му побелела. И Гедеон не би сфатил ако немало роса врз руното. И Езекил не би поверувал ако сонцето не се повратело назад. Дај и ти некое знамение, за и Елисавета да не се насмее како што тоа го стори Сара. Ако треба да станам втор Авраам, тогаш и јас да постапам спрема тебе Авраамски: влези во мојот дом, и јас ќе ти ги измијам нозете, и ќе ти принесам трпеза, за да ни подариш пород во староста. Но, со што ќе се уверам во тоа што ми го јавуваш, о ангеле? Ти го одредуваш името на детето и ги набројуваш доблестите на оној кој сѐ уште не се родил. Покажи ни нешто натприродно, за да поверувам во она што е против природата. Ако небото се преобрати, тогаш и јас ќе се обновам. Ако морето се измери тогаш и Елисавета ќе роди. Ако сонцето се достигне, тогаш и сувите дојки ќе точат млеко. Ако месечината се огради, тогаш и сувата утроба ќе се навлажни. По што ќе го разберам тоа? Јас сум стар а жена ми е во поодминати години“ (Лука 1, 13).

Тогаш ангелот му рече на Захариј:

„Ти не Му веруваш на Бога Кој може сѐ и сметаш дека ветувањето Божјо е немоќно и непостојано, и не се срамиш да го испрашуваш оној кој ти носи блага вест. Штом ќе се убедам во тоа, - велиш ти, о Захарија! Зарем Бог те испраќа во Египет да го заплашиш фараонот, па одбиваш! Ти зборуваш во себе дека Бог не прави ништо натприродно. Но, ако бараш доследност во природата, и не веруваш во чудесната сила на Божеството, тогаш кажи ми: На што стои земјата? Што го држи небесниот свод? Каде се сместуваат облаците? Каде се образуваат дождовните капки? Каде се прават снежните снегулки? Кој го раководи сонцето? Кој ги одредува границите на растењето и опаѓањето на месечината? Кој ќе ги изброи многубројните ѕвезди? Како неисцрпното море се задржува на песокот? Како се образува човек во утробата на мајката? И како душата, создадена од Бога, ненадејно се наоѓа во зачнатиот младенец? Ти прашуваш: „Со што ќе се убедам?“ Но, зарем не веруваш дека секое создание му служи на својот Создател, и дека секое создание веднаш го чини она што Бог го сака, па макар да е тоа и над неговата природа? Ти не веруваш дека нероткиња може да роди. А што ќе речеш кога ќе чуеш дека чедна Дева преславно раѓа, и дека станува многу вистинито она што изгледало неверојатно? Но, бидејќи бараш знамение, за да поверуваш во она што ти го зборувам, тогаш ова нека ти биде знак: Ете, ќе онемиш, и не ќе можеш да зборуваш до оној ден кога ќе се случи тоа“ (Лука 1, 20).

О, човекољубива казна, која предизвика поправање! Зашто само гласот кој согреши беше казнет од ангелот, само јазикот кој се дрзна да му противречи на ангелот беше обуздан: „и им даваше знак на луѓето со раката; и остана нем“ (Лука 1, 22). Добро Евангелистот го напиша тоа: „остана нем“. Тоа молчење го очекуваше гласот кој требаше да се роди, Захариј го очекуваше Јован, старецот - синот, свештеникот - пророкот. А очекуваше нем, зашто ангелот рече: бидејќи ти не веруваш и бараш знак, тогаш во твоето сопствено тело прими го знакот кој те казнува: ќе онемиш! Зашто каде што е орудието на противреченото, таму е и казната. Каде е непромислената смелост, таму е и воспитната узда. Каде што е ругањето, таму е и карањето. Бог сакал, Захариј, ти да станеш гласник на таквото чудо: се раѓа челникот на војската на Небесниот Цар и подготвувачот на ослободувањето на светот од гревот. Но, бидејќи ти си вообразил дека немоќта на телото е посилна од Божјето ветување, ќе онемиш и нема да можеш да зборуваш до денот, додека тоа не се исполни. Зашто не им поверува на моите зборови, кои ќе се исполнат во свое време (Лука 1, 20). Гледаш ли дека без вера не може да се направи ништо големо и совршено.

Штом Захариј ги слушна овие зборови, веднаш излезе од храмот нем, како награда за неверието. О, чудо! Тој влезе другите да ги ослободи од гревот и судот, а самиот излезе осуден како грешник; принесувајќи го богослужбеното кадење, тој изнесе знак на истерување. Народот очекуваше да чуе нешто добро од него, а тој со рацете даваше знак, и со мимика велеше: „нека никој не ми се приближува, нека никој не ме праша ништо, зашто на себе ја носам казната за негодување кон Господа“. О, чудесни случувања! Захариј е во немост, а Елисавета се радува. Јазикот се врзува, а утробата забременува. Благоглаголивата уста е во мртвило а нероткињата станува мајка. Захариј молчи а Јован игра во утробата на мајката.

Зашто штом бесплодната Елисавета ја здогледа Пречистата Дева, веднаш ѕвездата деница го препозна Своето Сонце, и Јован силно заигра во мајчината утроба, обвинувајќи ја спороста на природата што не може веднаш да излезе од утробата во овој свет. Јас сум, вели тој, Преттеча Господен, и зошто сум врзан со законите како и останатите деца во утробите на своите мајки? Не можам да чекам до породувањето, играм надитрувајќи го породувањето, зашто Го познав Господа, Кој ме испрати пред Себе, да одам напред пред лицето Негово, да Му го подготвам патот. Јас ќе ги разрешам уздите на природата, зашто итам да го проповедам доаѓањето Господово. О, да, прекрасни чудеса! За она што не знаеја ангелите на небото, тоа го дозна Јован носен во утробата. Од престолите и господствата се сокри тајната на Божјото воплотување, а му се откри на Јован во мајчината утроба. И со каква благовест дошол архангелот кај Богородица, тоа нам ни го покажува Јован, заигрувајќи во утробата. Доаѓајќи кај нас Искупителот на нашиот род, сѐ уште во утробата на мајката Дева, појде кај Својот другар Јован, кој исто така беше сѐ уште во утробата на својата мајка. И, ете призор: Творецот го поздравува Своето створение, Царот обитава во шаторот на војникот, Господарот дошол во куќата на робот. Јован, здогледувајќи Го од утробата на својата мајка Носениот во утробата на Дева, се напрегнуваше да ги надмине законите на природата и заигрувајќи во утробата кликна: „Го гледам Оној Кој ги поставил границите на природата, и не можам да го чекам времето на раѓањето: мене не ми е потребно да поминам девет месеци во утробата, зашто Оној Кој е вечен е во мене. Зошто тогаш да не излезам од оваа темница, во која сум затворен? Ќе излезам, за да го објавам брзото случување на чудесните и прекрасни работи. Јас сум труба, и ќе го објавам Божјото доаѓање во тело, и со тој глас ќе го одврзам татковиот Јазик“.

Гледај ново и необично таинство! Сѐ уште не се родил, а со заигрувањето проповеда. Сѐ уште не добил глас, а се слуша преку делата. Сѐ уште не навикнал да живее, а Бога Го благовестува. Сѐ уште не ја здогледал светлината, а Го јавува Сонцето; сѐ уште не излегол од утробата, а чезнее да оди напред, зашто не поднесува да остане внатре, бидејќи Господ дошол. Тој не сака да го чека времето на раѓање, туку се обидува да се ослободи од утробната темница, за што побрзо да го објави Спасовото доаѓање. Дошол Оној Кој ги ослободува уздите, вели Јован, и зошто јас седам врзан? Дошол Бог Словото, и зошто јас не огласувам, кога сум глас на Словото, туку сум затворен? Ќе излезам, ќе поитам напред, ќе им објавам на сите: „Еве, го Јагнето Божјо Кое ги зема на себе гревовите на светот“ (Јован 1, 29) - таа е смислата на Јовановото заигрување во мајчината утроба. Кога се наврши времето да роди, Елисавета роди син. И слушнаа нејзините соседи и роднини, и се радуваа со неа (Лука 1, 57). Зашто таа според природа и натприродно зачна и роди: како жена, зачна природно, а натприродно е тоа што во староста роди со благодатта на Светиот Дух, а не според силата на природата. Зашто едно е делото на природата а друго на благодатта. И чудесно беше сѐ што се случуваше заради Јован. Зашто неговото раѓање се изврши не толку од телесните родители негови, колку од благодатта на Светиот Дух. Зашто Јован не им беше толку потребен на родителите, колку на зборот Божји. Затоа сведочи самиот Архангел Гаврил, кој му зборува на Захариј: „Еве жената твоја ќе ти роди син, и тој ќе се исполни со Духот Свети уште во утробата на својата мајка. И многу синови Израилеви ќе обрати кон нивниот Господ Бог. И тој ќе оди пред Него во духот и силата на Илија (Лука 1, 13. 15. 16. 17).

Зарем не е чудесно раѓањето на ова дете? Жените ги раѓаат децата во маки. Но каква болка можеше да има Елисавета при породувањето, кога со неа беше Светиот Дух. Немаше потреба за помош од бабица онаму каде што е благодатта на Духот, Кој, отстранувајќи ги породилните маки, со радост ја исполнуваше родилката. Зашто Јован доби благодат од Бога, не зашто се роди, не зашто израсна и стана маж, но бидејќи уште во утробата на својата мајка, облечен како војник во оклоп, потече пред Господа, според зборовите на Ангелот: „Ќе се исполни со Светиот Дух уште во утробата на мајката своја; и тој ќе дојде напред пред Него во Духот и силата на Илија“ (Лука 1, 15. 17). Пред кого тоа ќе дојде тој? Пред Господа Христа. Затоа е наречен Преттеча, како што и од самиот Јован слушаме како вели за Спасителот: „По мене доаѓа Човек, Кој пред мене беше, бидејќи постоеше пред мене“ (Јован, 1, 30). По мене доаѓа според времето, а пред мене беше според предвечното Божество Свое.

Зошто Архангел Гаврил вели дека Јован ќе оди пред Господ Христос во духот и силата на Илија Тесвиќанинот? Слушај внимателно: Илија значи-Бог. А бидејќи Јован го имаше во себе Бога, како исполнет со Светиот Дух уште во утробата на својата мајка, а Духот Свети е Бог, тогаш и Преттечата Господов се покажа силен во духот како Илија. Зашто Јован Преттеча е оној за кого Господ уште во старини рече преку пророкот: „Еве Јас го испраќам пред лицето Твое Мојот ангел, кој ќе го подготви Твојот пат пред Тебе“ (Малах. 3, 2-Марко 1, 2), и многумина ќе обрати од заблудата кон вистината. Заради тоа и ангелот рече за Јован, дека во Духот и силата на Илија ќе оди пред Господа, зашто и ова има многу сличности со Илија.

Навистина чуден беше Јован. Тој како доенче му го врати говорот на татка си. Зашто Захариј, прашан кое име да му се даде на детето, побара даска и напиша, изговарајќи: „Јован нека се вика“. И оној, кој не им поверува на ангелските зборови, сега е принуден написмено да го објави видението кое го имал. Оној, кој тогаш не сакал да го прими слухот што му беше речено, сега со својата сопствена рака потврди, и давајќи му го името на детето, му се поврати говорот. И сите се чудеа кога му се отвори устата и му се разврза јазикот и тој зборуваше благословувајќи Го Бога (Лука 1, 63-64).

О, ново и необично чудо! Се пишува името на детето, и немата таткова уста станува благоглаголива. Се именува Јован, се исправа јазикот на оној што онемува. Самото име на праведникот ја отвара немата уста и го покренува неподвижниот јазик да Го благословува Бога. Така се јави гласот на оној, кој требаше да повикува во пустината: „Подгответе го патот Господов, порамнете ги патеките Негови“ (Матеј 3, 3). О, чудо! Словото доаѓа, гласот однапред објавува. Господарот доаѓа, слугата се испраќа пред Него. Царот се приближува, војникот се подготвува. Да се радуваме и да се веселиме што Елисавета роди и Захариј проговори, што нероткиња задои и старец воскликна, што восочната даскичка беше побарана и јазикот на свештеникот се одврза, што се роди Преттечата и целиот свет се израдува.

Овде би требало да го завршиме словото, Но Захариј не дозволува со своето воскликнување: „Благословен да е Господ Бог Израилев, зашто го посети и го избави народот Свој“ (Лука 1,68). Поразувачки работи! Што збори Захариј? После своето исцеление од немоста, Захариј прв пат воскликна: Благословен е Господ! Што значи тоа? Захариј беше мртов и воскресна. Беше мртов, не по природа, туку претрпувајќи подобие на смрт. Тој беше држан во немилост како во гроб и се поврати во живот. После ова сликовито воскресение на Захариј, тој прв пат воскликна: Благословен е Господ Бог Израилев! О, Захариј! Да не си го здогледал духовниот џин, да не си го запознал духовниот земјоделец, да не си добил дар, ти не би го благословил Дародавецот. Но, Захариј Го прослави Бога со пророчка песна, достојна за дар. Да воскликнеме и ние! Благословен е Господ Бог христијански, што ги посети и избави луѓето Свои! Нему Му доликува секоја слава, чест и моќ, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ПРАВЕДНИ ЗАХАРИЈ И ЕЛИСАВЕТА

Светите праведни Захарија и Елисавета се родители на светиот Јован Предвесник и Крстител Господен. Споменот на свети Захариј се празнува на 5 септември (таму види поопширно), а на 11 февруари е преносот на неговите свети мошти.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК ПАНАГИОТ КЕСАРИСКИ

По потекло е од градот Кесарија. Како младо момче пострада за верата Христова од турците во 1763 година во Цариград. Неговото тело е погребано надвор од градот на гробиштата кај храмот на Животоносниот Извор на Пресвета Богородица во Цариград.

СПОМЕН НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ НИКИТА, епископот Ремесијански

Другар и врсник на светиот Павлин Нолски. Најверојатно бил словен од Ниш, и како таков го проповедал Евангелието меѓу словените во Нишко-пиротската област. Каква промена извршил свети Никита меѓу словените најдобро сведочи песната која свети Павлин ја испеал за него:

„Каква промена! И каква среќа! Дотогаш непроодни и крвави гори сокриваат сега разбојници, обратени во монаси, питомци на мирот.

„Каде што беа ѕверските обичаи, таму сега е ликот на ангелите. Праведникот се крие во пештера каде што живеел злотвор.

Свети Никита живеел во градот Ремесијан, под кој некои го подразбираат Пирот. Покрај својата мисионерска служба, свети Никита напишал неколку книги, како шест книги за верата, книга за паднатата девојка (која многумина побудила на покајание). Свети Никита се упокои во 5-тиот век.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ОРЕНТИЈ, ФАРНАКИЈ, ЕРОС, ФИРМОС, ФИРМИН, КИРИЈАК, И ЛОНГИН

Беа родени браќа, римски војници во времето на царот Максимилијан. Кога римјаните војуваа против скитите за Дунав, свети Орентиј излезе на мегдан против скитскиот голијат Марот и го уби. Затоа целата римска војска им принесуваше жртви на боговите, но Орентиј со браќата изјави дека тие се христијани и не можат да им принесуваат жртви на глувите и неми идоли. Без оглед на нивните војнички заслуги, тие беа осудени на прогонство во Касписките предели, но попат сите седуммина, еден по друг, од глад и маки го завршија својот земен живот и се преселија во царството Христово.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ЈАКОВ И ЈОВАН МЕЊУЖСКИ

Беа деца на благочестив селанец од околината на Новгород. Пострадаа како деца со маченичка смрт. Нивните свети мошти се прославени со чудеса и почиваат во Мењужскиот манастир, на 40 врсти од Новгород, на брегот на реката Мењуга.