8. Јули (25. Јуни)
ЖИТИЕТО И СТРАДАЊАТА НА СВЕТАТА ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИЦА ФЕВРОНИЈА
Во времето на незнабожниот цар Диоклецијан во Рим епарх беше Антим, кој имаше син Лисимах, за кого тој вери една прекрасна девојка, ќерка на сенаторот Просфор. Откако смртно се разболе, епархот Антим го повика својот брат Селин и му рече:
- Господине мој, брате! Еве, јас заминувам од овој живот и тебе ти го доверувам својот син Лисимах. Ти биди му татко место мене, а тој нека ти биде син. По мојата смрт ти што порано склопи брак меѓу него и неговата вереница, ќерката Просфорова.
Селин му вети дека ќе постапи така. Три дена потоа Антим се упокои. По неговата смрт царот Диоклецијан го повика кај себе Лисимах и неговиот стрико Селин, и насамо му рече на Лисимах:
- Момче, сеќавајќи се на љубовта на твојот татко кон мене, јас сакав на негово место да те поставам тебе за епарх, но бидејќи слушнав дека ја сакаш христијанската вера, го одложив тоа за да проверам дали е вистина. Затоа, сега ќе те испратам на Исток, за таму да ја искорениш христијанската вера. Кога ќе го извршиш тоа и се вратиш, ќе те наградам со чинот епарх.
Лисимах не се осмели да му возврати зашто беше многу млад. Имаше околу дваесет години. Но неговиот стрико Селин падна пред нозете на царот и рече:
- Го молам твоето бесмртно величество, дозволи ми Лисимах да остане овде неколку дена, за да стапи во брак со ќерката на Просфор, и потоа заедно со него ќе појдам и јас, и ќе извршиме сѐ што ќе ни нареди твојата божествена власт.
Но царот им рече:
- Најпрвин појдете каде што ви наредувам и истребете ги христијаните. Кога успешно ќе го завршите тоа и ќе се вратите, тогаш и јас ќе ви помогнам да направите свечена свадба.
Тие не се осмелија ни збор да проговорат и послушно се покорија, и со царскиот указ и многубројна војска тргнаа на Исток. Лисимах го поведе со себе својот роднина, комитот Прима, кој беше син на сестрата на неговата мајка, и му ја довери командата над војската. Кога стигнаа на Исток застанаа во областа Палмира и сите тамошни христијани започнаа да ги подложуваат на разни маки: едни спалуваа, други фрлаа на ѕверовите, трети со меч погубуваа и нивните тела ги фрлаа на кучињата... Лисимановиот стрико Селин беше многу суров и нечовечен. Огромен страв ги обзеде сите покраини на Исток од неговата бездушна свирепост. А Лисимах многу ги жалеше христијаните, зашто мајка му беше христијанка и од неа Го беше спознал Христа. Една ноќ тој го повика кај себе својот роднина, комитот Прима и му рече:
- Почитуван Прима, ти знаеш дека мојот татко беше незнабожец и како таков умре, но мојата мајка се упокои како христијанка и додека беше жива многу се трудеше да ме направи христијанин. А јас, од страв од царот и од татка си, не можев да го сторам тоа. Но од мајка си имам заповед да не убијам ниту еден христијанин и да се трудам да станам пријател Христов. Сега, пак, гледам дека мојот стрико Селин бездушно ги мачи и убива христијаните и заради тоа душата многу ми пати. Јас сакам тајно да ги штедам христијаните и да ги пуштам оние од темниците, за да бегаат и да се сокриваат каде што можат.
Комитот се согласи на тоа и взаемно се договорија да ги помагаат христијаните. Затоа, штом ќе дознаеја некаде за христијанска црква или манастир, тие кришум веднаш испраќаа пораки таму за доаѓањето на мачителот, со совет да се кријат. Освен тоа комитот им нареди на своите истомисленици меѓу војниците да не ги фаќаат христијаните за да ги мачат, туку и на фатените да им дозволуваат да бегаат.
Откако поминаа долго време во Палмира и убија многу христијани, Селин намисли да појде во градот Сивапол, во асириските краеви, потчинети под римската власт. Во тој град имаше манастир со педесет монахињи. Во него игуманија беше Вриена, ученичка на блажената игуманија, ѓакониса Платонида, чие предание и правило таа строго го држеше.
Уставот на Платонида беше ваков: во петок ниту една сестра не смеела да работи ништо, туку сите се собирале во црквата и од утро до мрак останувале во молитва и читање на Божествени книги. Најпрвин, до девет часот претпладне самата Платонида им читала на сестрите, па потоа ѝ ја предавала книгата на Вриена за таа да им чита до вечерта. Така потоа правела и самата Вриена, која по смртта на својата наставничка го прими старешинството на манастирот, подражавајќи ја во сите нејзини доблести.
Во овој манастир имаше две девици кои Вриена ги воспитуваше и раководеше во монашкиот живот. Се викаа Прокла и Февронија. Прокла имаше дваесет и пет години, а Февронија дваесет. Февронија беше внука на Вриена, односно ќерка на нејзиниот брат. Таа беше толку убава, што никаков живописец не би можел да ја наслика убавината на нејзиното расцветано лице. Таквата нејзина убавина многу ја загрижуваше Вриена и таа многу размислуваше како да ја сочува целомудрена и неповредена од соблазните на овој свет.
Сите сестри во манастирот земаа по малку храна само еднаш дневно и тоа приквечер. Но Вриена ѝ наредуваше на Февронија да останува без храна по цел ден, па дури наредниот ден приквечер да јаде по малку, зашто се надеваше дека со таквото воздржание ќе свене нејзината убавина. И самата Февронија, сакајќи да го умртви своето тело, усрдно му се предаваше на таквиот пост и воздржание и никогаш до заситување не јадеше леб ниту пиеше вода, и постојано со глад, жед и многу подвизи и трудови го измачуваше своето тело и сосем малку спиеше. Нејзината постела се состоеше од една гола даска без покривка, долга три лакти, а широка педа и половина. На таа даска, односно на голата земја, Февронија го предаваше своето тело на краток сон. И кога и да се обидел ѓаволот да ја соблазни во сновиденија, таа веднаш станувала, се фрлала крстолико на земјата и со многу солзи се молела на Бога да го избрка од неа искушувачот. Потоа го земала Светото Писмо и усрдно го читала насладувајќи се духовно. По природа била остроумна и желна за знаење. Вриена многу се восхитувала на нејзиниот ум.
Во петок, кога сите сестри се собираа во црквата, игуманијата Вриена ѝ налагала на Февронија да им чита од Светото Писмо на сестрите. Но, бидејќи во петок кај нив во црквата доаѓале и световни жени да слушаат духовни поуки, Вриена ѝ наредувала на Февронија да чита застаната зад завесата, за да не ги гледа лицата и накитите на световните жени, кои таа никогаш порано ги немала видено. И се ширеше добар глас за блажената Февронија по целиот град. И насекаде ја фалеа нејзината корисна ученост, нејзината убавина и нејзината добрина, зашто беше кротка, смиреноумна, целомудрена и украсена со сите добродетели. Една сенаторска жена на име Ерија, многу сакаше да ја види Февронија и да разговара со неа. Таа беше незнабошкина, млада вдовица, која само седум месеци живеела со својот сопруг. Сега живееше во домот на своите родители незнабошци. Ерија дојде во манастирот и преку вратарката ја извести игуманијата Вриена за својата желба да ја види Февронија. А кога таа излезе пред неа, Ерија падна пред нејзините нозе и, прегрнувајќи ги, вака ја молеше:
- Те заколнувам во Богот, Кој ги створил небото и земјата, не гнаси се од мене незнабошкињата, која сѐ досега бев играчка на демоните и на идолите. Немој да ме лишиш од поучниот разговор со вашата сестра Февронија, за да ме упати кон патот на спасението, та и јас да го најдам во Христа Вистинскиот Бог, она што е подготвено за христијаните. Избавете ме од суетите на овој свет, и од нечистото идолослужење, зашто родителите ме присилуваат на втор брак, а јас сакам да започнам нов живот и да го минам времето во поучни и душекорисни разговори со Февронија, зашто од незнаење долго време поминав во незнабожието.
Додека Ерија го зборуваше тоа низ солзи, кои паѓаа врз нозете на игуманијата, таа ѝ рече:
- Бог ми е сведок, госпоѓо Ерија, дека Февронија уште како двегодишно девојче ја примив во овој манастир под свое старателство, и еве веќе осумнаесет години таа живее овде без да излегува, и досега не виде ниту машко, ниту световна жена, ниту нивната облека и накити, ниту ништо световно. Таа дури ја нема видено ниту својата доилка, иако многу пати досега ме молеше да ја види, но јас не го дозволив тоа. Сега пак, го гледам твоето усрдие и љубов кон Бога, и со надеж за твоето спасение ќе те внесам кај неа, само облечи се во монашка облека.
Ерија веднаш со радост го стори тоа и Вриена ја одведе кај Февронија.
Кога ја здогледа во монашка облека, Февронија помисли дека кај нив дошла некоја монахиња од страна, и затоа ѝ се поклони до земја и откако ја прегрна се целиваше со неа како со сестра во Христа. Потоа Вриена им нареди на двете да седнат и да се занимаваат со поуките од Божествените книги на Светото Писмо. Февронија го зеде Светото Писмо и започна да чита. Ерија беше толку трогната од тоа, што целата ноќ ја помина без сон. Обете, занесени со зборот Божји, не заспаа. И ниту Февронија се умори од читањето и зборувањето, ниту пак Ерија од слушањето. Притоа Ерија проли толку солзи што и земјата ја накваси, зашто таа како незнабошкиња по вера, никогаш немаше слушнато такви душокорисни поуки.
Кога се раздени, Вриена одвај ја убеди Ерија да се врати кај своите родители. Откако со солзи се поздрави со нив, таа тргна назад, а Февронија ја праша помошничката на игуманијата Томаида:
- Те молам, мајко моја, кажи ми која е таа непозната монахиња што толку солзи проли како никогаш да не слушнала божествени зборови од Светото Писмо.
На тоа Томаида ѝ рече:
- Зарем ти не знаеш со кого си разговарала?
Февронија одговори:
- Како можам да знам за непозната монахиња, која никогаш ја немам видено.
Тогаш Томаида ѝ рече:
- Таа е болјарката Ерија.
- Зошто не ми го кажавте тоа порано, - забележа Февронија, - Јас разговорав со неа како со сестра.
- Така беше наредила нашата госпоѓа игуманија, - одговори Томаида.
По таквиот одговор Февронија започна тајно да се моли на Бога за Ерија, Бог да ја упати кон патот на вистината и да ја вброи во Своето избрано стадо. Кога се врати во својот дом, Ерија раскажа сѐ што слушна од Февронија и започна да ги убедува своите родители да ја остават незнабожечката заблуда и да Го познаат единствениот вистински Бог Исус Христос. Тие ја послушаа својата благоразумна ќерка, поверуваа во Христа и примија свето Крштение со сиот свој дом. Такво влијание за нивното спасение имаа поуките и светите молитви на Февронија.
Набрзо потоа Февронија тешко се разболе. Ерија дојде и ѝ служеше за време на болеста. Во меѓувреме се пронесе глас низ градот дека Селин и Лисимах се приближуваат до градот за да ги мачат христијаните. Тогаш многу христијани, меѓу нив и свештеници и клирици, па и самиот епископ, оставија сѐ, го напуштаа градот и се криеја кој каде што можеше. Кога дознаа монахињите од манастирот на Вриена, ѝ рекоа на својата игуманија:
- Мајко, што ќе правиме? Ете, се приближуваат кон градот оние ѕверови,безбожните мачители, и христијаните побегнаа од страв од маките.
Вриена ги праша:
- Што мислите вие и каква намера имате?
Тие одговорија:
- Нареди мајко, и ние да се сокриеме и да ги спасиме нашите души.
На тоа Вриена им забележа:
- Сѐ уште борба не видовте, а веќе мислите на бегство. Сѐ уште не настапи часот на подвигот, а вие се прогласувате за победени. Не, деца, ве молам не правете го тоа! Подобро да останаме овде, да ги поднесеме маките и да умреме за Христа, Кој умре за нас, за да живееме вечно со Него.
Кога го слушнаа тоа, сестрите замолкнаа. Но утредента една сестра на име Етерија, им рече на сестрите:
- Јас знам дека нашата мајка игуманија не ни дозволува да излеземе одовде и да се сокриеме заради Февронија. Мислам, дека таа сака заради една Февронија сите да нѐ упропасти. Да појдеме повторно кај неа и јас во името на сите ќе и кажам сѐ што треба.
Некои монахињи се согласија со Етерија, а некои се спротивставија. Но, најпосле сите се сложија и отидоа.
Игуманијата насети зошто се дојдени, и ја праша Етерија:
- Што сакаш, сестро?
Таа одговори:
- Те молиме да ни дозволиш да побегнеме од опасноста што ни прети, зашто и епископот и презвитерите и сиот клир заминаа. Треба да се сетиш, мајко, дека меѓу нас има девојка, заради која треба да се плашиме, за незнабожните војници да не нѐ фатат. Треба да се грижиме и дали ќе успееме да ги претрпиме страшните маки и да не се одречеме од Христа, па да ги погубиме нашите души. Затоа нареди ни со себе да ја поведеме и нашата болна сестра Февронија, па ние да се засолниме со неа.
Февронија рече:
- Заради Христос, на Кого Му се заветив и на Кого Му ја доверив својата душа, нема да заминам одовде, туку ќе умрам и ќе бидам погребана овде.
Тогаш Вриена, обраќајќи ѝ се на Етерија, рече:
- Внимавај што правиш. Со својот совет ти ги смутуваш сестрите. Ќе видиш дека сум невина.
Потоа им се обрати на останатите сестри и рече:
- Секоја од вас нека го одбере она што смета дека е корисно за неа.
Тогаш сите сестри, од страв од маките, се простија со игуманијата и со Февронија и со солзи и ридање заминаа од манастирот. А Прокла, врсничка и соученичка на Февронија, ја прегрна и бакнувајќи ја плачеше и велеше:
- Помоли се за мене, госпоѓо и сестро моја!
Февронија, ја држеше за рака и не ја пушташе да замине од манастирот, велејќи ѝ :
- Имај страв од Бога, сестро моја Прокла, барем ти не оставај ме! Ти гледаш дека сум тешко болна и наскоро ќе умрам, а нашата мајка Вриена не ќе може сама да ме погребе. Затоа, остани овде.
На тоа Прокла одговори:
- Нема да те оставам, сестро моја. На твоја желба ќе останам.
Но кога падна ноќта Прокла не го оддржа својот збор и кришум замина од манастирот. Со Февронија во манастирот останаа само игуманијата Вриена и нејзината помошничка Томаида.
Игуманијата Вриена тажна влезе во црквата и падна на земјата, плачејќи и ридајќи за опустениот манастир. Томаида ја тешеше, зборувајќи:
- Престани, мајко моја, зашто Бог е моќен и ни дава таги и искушенија според силата наша (сп. 1 Кор 10, 13), и ни помога да ги поднесеме несреќите што наидуваат (Сирах 2, 10). Сети се дали некој, кој верува во Господ бил посрамен? Дали некој, кој живее во стравот Господов, бил оставен од Него?
Вриена одговори:
- Да, госпоѓо моја, Томаида, така е. Но, што да правам со Февронија? Каде да ја сокријам и сочувам? Со кои очи ќе гледам кога варварите ќе ја поведат како робинка?
На тоа Томаида ѝ рече:
- Господ, Кој мртви воскреснува, моќен е и Февронија да ја поткрепи и сочува неповредена. Затоа, те молам, мајко моја, престани да плачеши ридаш. Ајде да појдеме кај болната Февронија и да ја утешиме.
Кога дојдоа кај неа, Вриена повторно горко зарида.
Февронија погледна во Томаида и ја праша:
- Зошто нашата мајка Вриена така рида?
Томаида ѝ одговори:
- Таа мајчински рида за тебе, зашто си млада и убава, а ќе наидат мачителите и ќе ни нанесат болки и страдања. Нас старите веднаш ќе нѐ убијат, а тебе, млада и убава, ќе те сочуваат за да те прелестат со соблазните на овој свет. Се плашиме со ласкање и насилство тие да не го упропастат твоето девство и да не те лишат од палатите на Небесниот Младоженец.
Тогаш Февронија рече:
- Ве молам помолете се за мене на Господа, Он да погледне на моето смирение, да ја поткрепи мојата немоќ, да ми подари трпение како и на останатите Свои слуги, кои од срце Го засакале.
На тоа Томаида ѝ одговори:
- Чедо мое, Февронија! Еве, настапува времето за подвигот. Ако безбожните мачители започнат да те мамат со ласкави зборови, злато, сребро, скапоцени фустани или било какви убавини на овој свет, внимавај да не се соблазниш и да ја изгубиш наградата од Господа за своите претходни трудови.
Внимавај ѓаволот да не те исмее и да не станеш играчка на идолите. Внимавај, зашто ништо не е поскапоцено од девството. Огромна награда ги очекува девствениците. Младоженецот на девствениците е бесмртен и на сите кои Го љубат им дава бесмртност. Затоа потруди се да го видиш Него, чувај се да не се лишиш од залогот на своето блаженство, благодатта на крштението и монашкиот завет. Зашто Господ ќе биде страшен во денот кога ќе седне на престолот на славата Своја, да им суди на сите и на секому да му даде според делата негови.
Од овие зборови Февронија јакнеше со духот и јуначки се подготвуваше против ѓаволот. Потоа ѝ рече на Томаида:
- Ти добро стори, госпоѓо моја. Ја утврди слугинката твоја и ја охрабри душата моја. Знај дека кога не би имала желба да умрам за својот Христос, јас би побегнала со останатите сестри и би се сокрила од страдалничкиот подвиг. Но, бидејќи со сето срце Го љубам мојот Небесен Младоженец, на Кого се заветив со душата и телото, се осмелувам да појдам кај Него по патеката на мачеништвото, ако Он ме удостои да пострадам и умрам за Неговото име.
Вриена ѝ рече:
- Ќерко моја, Февронија! Сети се на моите трудови и грижи околу тебе. Сети се дека како двегодишно детенце те зедов под своја закрила од твојата доилка, и до денес никој световен не го виде твоето лице. Досега те чував како зеница во окото. А што да правам сега со тебе и како да те сочувам, чедо мое, не знам. Внимавај, немој да ја натажиш мојата старост, немој да ги уништиш моите трудови вложени во тебе. Сети се на мачениците кои пред тебе јуначки и славно страдаа за Христа и добија венци на победата, а меѓу нив и жени и деца, Сети се на Ливија и Леонида, кои јуначки ги положија своите души за Господа. Ливија со меч беше посечена а Леонида во оган фрлена. Обете заедно влегоа во дворовите на Небесниот Младоженец. Сети се на дванаесетгодишното девојче Евтропија, кое заедно со својата мајка во маки беше усмртена. Зарем ти постојано не се восхитуваше на нејзината послушност и трпение? Ти знаеш дека судијата сакаше со стрели да ја заплаши откако ја одврза од оковите, мислејќи дека таа ќе побегне. Но, таа, кога го слушна гласот на својата мајка: „Чедо мое, не бегај!“, Јуначки остана да стои неподвижно како столб, додека не ја изрешетаа со стрели, и таа падна на земјата а духот свој го предаде на Господа. Тоа девојче беше просто и неуко, а ти одлично ги изучи Божествените книги и беше учителка на другите. Размисли тогаш, колку јуначки ти треба да се држиш за својот Господ.
Додека така си зборуваа, осамна. Кога изгреа сонцето и во градот настана голема врева и раздвиженост, зашто Селин и Лисимах веќе беа влегле во градот и војниците фаќаа многу христијани и ги фрлаа во темница, некои незнабошци ги известија за женскиот манастир во нивниот град и тие веднаш се упатија да ги фатат сите монахињи. Војниците го обиколија манастирот, ја разбија капијата и јурнаа внатре како диви ѕверови. Ја фатија Вриена и сакаа веднаш да ја убијат, но Февронија падна пред нозете на војниците и започна да вика:
- Ве заколнувам во Небесниот Бог, најпрвин убијте ме мене, за да не ја видам смртта на мојата госпоѓа!
Во меѓувреме пристигна комитот Прима и разлутен на војниците ги истера од манастирот. Потоа ја праша Вриена:
- Каде се останатите монахињи?
Вриена одговори:
- Од страв од вас, сите побегнаа.
Тогаш комитот рече:
- О, камо среќа и вие да сте побегнале! Но и сега можете слободно да побегнете. Тоа е моја милост кон вас.
Го рече тоа, излезе од манастирот, и ги одведе со себе војниците. Кога дојдоа во судницата кај Лисмимах, тој го праша:
- Вистина ли е тоа што го слушнавме за тој манастир?
- Вистина е, - одговори комитот.
Го тргна насамо Лисимах и му рече:
- Речиси сите монахињи побегнале од манастирот и таму најдов само две старици и една млада монахиња. Треба да ти кажам нешто необично и прекрасно, што го видов во тој манастир. Видов толку убава монахиња, каква што никогаш досега не сум видел меѓу жените. Бог ми е сведок дека ја зборувам вистината. Многу сум восхитен од убавината на нејзиното лице, и да не е сирота и бедна, би ја сметал за достојна да стане твоја жена, господине мој.
На тоа Лисимах одговори:
- Јас не сакам да ја престапам заповедта на својата мајка. Не сакам да проливам христијанска крв. Како тогаш да станам соблазнувач на невестите Христови? Никогаш нема да го сторам тоа, туку те молам, изведи ги од манастирот и чувај ги некаде, за да не паднат во рацете на мојот стрико Селин.
Додека така си разговараа меѓу себе, еден од најопаките војници ги слушна и веднаш го извести Селин.
Селин веднаш испрати војници во манастирот, а по нив и свои најпристрасни и најверни слуги, за да ја видат девицата и да го дознаат нејзиното име. Кога се вратија му рекоа дека во поднебесјето нема жена која би можела да се спореди со убавината на таа девица. Селин веднаш им нареди на гласниците да објават во градот утредента да излезат сите жители, и да го наблудуваат подвигот на младата девица Февронија.
Кога осамна, мачителот испрати во манастирот најсвиреци војници за да ја доведат Февронија на суд. Тие немилосрдно ја фатија, ја оковаа во ланци околу вратот и ја повлекоа од манастирот. А пак Вриена и Томаида горко плачеа, ја прегрнуваа и ги молеа војниците да им дозволат малку да поразговараат со неа. Војниците им дозволија. Потоа Вриена и Томаида започнаа да молат и нив да ги поведат, за да можат да ја крепат, но тие одбија, велејќи:
- Нам ни е наредено да ја поведеме Февронија.
Тогаш тие започнаа да ѝ зборуваат:
- Ете, чедо Февронија, ти сега заминуваш на страдалнички подвиг. Знај дека Небесниот Младоженец ќе ги набљудува твоите страдања, а ангелските сили веќе го држат твојот подготвен венец на победата, ако јуначки претрпиш до крај. Внимавај да не се исплашиш, за да не те исмеат демоните. Немој да го жалиш своето тело, зашто еден ден тоа ќе влезе во гробот и ќе се претвори во прав. Еве, јас ќе ридам и ќе чекам од тебе вест во манастирот. О, кој ќе ми ја донесе благовеста дека Февронија маченички пострадала за Христа и стапила во редот на светите маченици!
Блажената Февронија ѝ одговори на Вриена:
- Мајко моја, се надевам во мојот Господ дека како што досега не ги престапив твоите заповеди, така и сега неодложно ќе го оддржам твојот завет. И ќе видат луѓето и ќе се восхитат, и ќе го пофалат твојот труд и ќе речат: Оваа навистина е ракосад и фиданка на онаа голема старица Вриена! Јас со помоштта на мојот Господ во женското тело ќе се истакнам со машка сила на духот, а вие молете се за мене.
Тогаш Томаида ѝ рече:
- Сестро моја Февронија, јас веднаш ќе појдам по тебе. Ќе се преоблечам и ќе го наблудувам твојот подвиг.
А кога војниците започнаа да ја присилуваат Февронија да појде и беа готови да ја влечат, таа им рече на светите старици:
- Ве молам, мајки мои, дајте ми благослов и помолете се за мене.
Тогаш Вриена ги крена рацете кон небото и гласно започна да се моли на Бога:
- Господи Исусе Христе, Ти некогаш во обличјето Павлово ѝ си се јавил на Својата слугинка Текла за време на нејзиното страдање. Јави ѝ се и сега на Твојата смирена слугинка Февронија во часот на нејзиниот подвиг, и невидливо поткрепи ја, за и преку неа да се прослави Твоето свето име!
Потоа со солзи ја прегрна Февронија, ја целиваше и ја пушти од себе. Војниците ја поведоа светата девица кон мачителот Селин. Вриена ја испрати својата сакана ќерка, па со плачење и ридање се врати во манастирот. Се фрли на земјата во црквата и со лелек се молеше на Бога за Февронија. Томаида ја остави неа да плаче, облече фустан како световна жена и поита по Февронија на гледалиштето.
Таму се упатија и жените кои секој петок доаѓаа во манастирот и ги слушаа поуките на Февронија од книгите.
Брзаа кон гледалиштето, удирајќи се во градите и срцето им се кинеше од болка што се лишуваат од таквата учителка. Гласот за тоа дојде и до болјарката Ерија. Таа силно залелека, така што ги исплаши своите родители, па им раскажа што се случува.
Родителите започнаа да ја тешат, а таа велеше:
- Оставете ме горко да плачам за мојата сестра и учителка Февронија.
И сите започнаа да плачат и да ридат за неа. Родителите ѝ дозволија на Ерија да појде со многу робови и робинки на гледалиштето. Ги достигна многуте жени и монахињата Томаида, која чекореше во световна облека, па појде со неа. Со солзи стигнаа кај насобраниот народ, а судијата веќе беше седнат на своето место.
Селин и Лисимах наредија да се изведе пред нив света Февронија. Штом застана пред нив, со рацете врзани наопаку и со тешките ланци околу вратот, речиси сите присутни заплакаа и залелекаа. Давајќи им знак да замолчат, мачителот Селин му рече на Лисимах:
- Сослушај ја таа жена.
Лисимах најпрвин ја праша:
- Кажи ми од кој сталеж си, дали си робинка или слободна?
Февронија одговори:
- Робинка сум.
- Чија? - праша Лисимах.
- Христова, - одговори Февронија.
Лисимах ја праша:
- Како се викаш?
- Се викам христијанка, - одговори Февронија.
Лисимах повторно ја праша:
- Ние сакаме да го дознаеме твоето име.
Таа одговори:
- Веќе ти реков дека сум христијанка. А мојата мајка ме нарече Февронија.
Тогаш мачителот Селин лично ѝ се обрати:
- Боговите ми се сведоци, Февронија, дека не сакам да те удостојам на моите зборови. Но, бидејќи твојата кроткост и твоето преубаво лице го победија мојот гнев, ќе те прашам како своја ќерка. Го гледаш ли овој мој внук Лисимах што седи со мене? Јас и неговиот татко Антим, мојот брат, го веривме за високородна девојка, многу богата, ќерка на сенаторот Просфор. Но, ако им се покориш на нашите богови, веднаш ќе ја раскинеме таа веридба и ти ќе станеш негова жена, па како таква ќе седнеш од мојата десна страна. Гледаш дека и тој е убав како и ти. Послушај ме како татко, па ќе те направам позната и богата, и никогаш повеќе нема да знаеш за беда. Јас немам ниту жена ниту деца. И се што имам ти поклонувам тебе, и ќе те сторам господарка на сиот мој имот. Сето тоа ќе ти го дадам како мираз на мојот Лисимах и ќе ви бидам како татко. Тебе ќе те слават и величаат сите жени кога ќе видат на какви почести си се удостоила. На тоа ќе се израдува и нашиот победоносен цар и ќе ве награди многу, зашто вети дека Лисимах ќе го назначи за епарх на Рим. Ете, слушна сѐ, па сега како на свој татко одговори ми го тоа што им е угодно на нашите богови, та да ми ја зарадуваш душата. Ако не ме послушаш, верувај ми дека нема да живееш повеќе од три часа.
Света Февронија му одговори:
- Судијо, јас на небото имам неракотворен дворец, во кој се склучува брак кој никогаш не се раскинува, а мојот мираз е целото Небесно Царство. Имајќи го бесмртниот Младоженец, јас нема да се присоединам кај смртниот и гнилежен човек. А за тоа што ти ми го ветуваш, не сакам ни да слушнам. Немој да се мачиш, судијо, зашто нема ни со ласкања да ме заведеш ни со закани да ме уплашиш.
Селин толку се разјари, што нареди веднаш да ѝ ја искинат облеката, да ја опашат со кратка крпа и речиси гола да ја постават на гледање пред сите. Се надеваше дека така ќе ја посрами и предомисли, па ѝ рече:
- Што ќе кажеш сега, Февронија? Гледаш ли до каков срам допадна а можеше да уживаш во огромни богатства.
Светителката му одговори:
- Чуј, судијо! Дури да ја симнеш од мене и оваа крпа и ме оставиш потполно гола, нема да се засрамам, зашто Еден е создателот на мажот и жената. Заради Него јас со радост го поднесувам ова разголување и сакам и со меч да бидам посечена и во оган спалена. О, кога само би ме удостоил да пострадам за Оној Кој доброволно претрпе безбројни страдања за мене!
- О, бесрамна и достојна за секој срам! - извика Селин - Знам дека се гордееш со твојата убавина, зашто се надеваш дека ќе се прославиш со неа.
Светителката му одговори:
- Христос ми е сведок дека јас до денес не видов машко лице, ниту некој од светот го виде моето лице. Зарем сега, падната во твоите раце ќе бидам бесрамна? Не, бесрамен си ти штом пред сите го разголуваш девојкиното тело. Кажи ми, кој борец некогаш излегува во борба облечен? Зарем не се бори гол додека не го победи противникот? Исто и јас, како ќе ги поднесам маките облечена? Затоа гола излегувам на подвиг, за да го победам твојот татко - ѓаволот.
Тогаш Селин им рече на слугите:
- Бидејќи оваа жена самата сака маки и вели дека не се плаши, растегнете ја на земјата на четири страни и запалете оган под неа а четири војници нека ја тепаат со мотки по грбот.
Светителката долго беше тепана и многу крв течеше од нејзиното тело. Го зголемуваа огнот под неа што повеќе да ја пече, а народот викаше кон Селин:
„Поштеди ја младата девице, милосрден судијо!“
Но, тој не им обраќаше внимание и наредуваше уште пострашно да ја мачат. Војниците, мислејќи дека веќе е мртва, ја симнаа од огнот.
Додека го гледаше ваквото свирепо мачење на света Февронија, Томаида се струполи на земјата, крај нозете на Ерија, која повика:
- Тешко мене! Тешко мене Февронијо, сестро моја. Тешко мене, учителко моја. Јас повеќе нема да ги слушнам твоите поуки. Ке се лишам и од тебе и од Томаида, зашто, еве, и таа умира за тебе.
Овие зборови ги слушна Февронија која лежеше на земјата и побара да ја полијат со вода Томаида. Кога го сторија тоа, таа си дојде на себе. Штом виде дека Февронија е жива, судијата рече:
- Што велиш, Февронија, за твојот прв страдалнички подвиг?
Таа му одговори:
- Виде дека во првиот подвиг останав непобедлива и не ми е гајле за маките.
Тогаш Селин им нареди на слугите:
- Обесете ја, и со железни гребени стругајте ги нејзините бедра, па горете ѝ ги раните за и коските да ѝ изгорат.
Така мачена, Февронија ги крена очите кон небото и рече:
- Господи, дојди ми на помош и немој да ме презреш мене, слугинката Твоја.
Додека ја мачеа, многумина од гледачите, не можејќи да го поднесат таквиот призор си заминаа, а други викаа по судијата да ја поштеди младата и потполно невина девица. Тој им нареди на слугите да прекинат и започна да ја распрашува, но таа не му одговараше. Тогаш нареди да ја симнат од дрвото, да ја врзат за кол забиен во земјата и рече:
- Бидејќи оваа гадна жена не сака да ми одговори, отсечете ѝ го јазикот и фрлете го во огнот.
Светата маченица веднаш го испружи својот јазик, но кога војниците се допреа, народот силно започна да вика и да ги моли да не го прават тоа. Селин се откажа од оваа наредба и нареди да и ги извадат забите. Откако ѝ извадија седумнаесет заби, Селин нареди да престанат. Многу крв течеше од устата на светата маченица и таа многу изнемоште, па повикаа лекари да и го запрат крварењето. Потоа Селин започна повторно да ја распрашува:
- Барем сега Февронија, покори се и исповедај ја својата вера во боговите.
Светителката одговори:
- Анатема на тебе, проклет слуго на ѓаволот! Ти сакаш да ме спречиш да отидам кај Христос. Побрзај да ме ослободиш од ова трошно тело, зашто Христос веќе ме чека.
На тоа Селин ѝ одговори на Февронија:
- Со меч и оган ќе го уништам твоето тело, зашто гледам дека сѐ уште бесрамно се гордееш со својата младост. Тоа ќе ти донесе уште многу зла и најстрашни маки.
Од силните болки светата маченица не можеше да му одговори ништо, а тој нареди да ѝ ги отсечат градите. Иако народот го молеше, тој беше одлучен. Кога ѝ ги отсекоа дојките и ги фрлија на земјата, нареди да ѝ ги горат раните и утробата. Притоа многу луѓе, кои не беа во состојба да го гледаат таквото мачење, си заминуваа и гласно го проколнуваа Диоклецијан и неговите богови.
Томаида и Ерија испратија робинки во манастирот, за да ја известат Вриена за настаните. Таа многу се израдува и Му благодареше на Бога, па падна на земјата плачејќи и ридајќи:
- Каде си сега Февронија? Каде си ќерко моја, слугинко Христова? Каде си украсу на монашкиот чин?
Најпосле стана, ги крена рацете кон небото и рече:
- Господи, погледни на Твојата смирена слугинка Февронија и притекни ѝ на помош! Удостој ме моите очи да ја видат упокоена како маченица и вброена во ликот на светите маченици.
Во тоа време Селин нареди да ја одврзат, и таа падна на земјата а комитот Прима тивко го праша Лисимах:
- Зошто толку свирепо ја мачите оваа млада девица? Зошто не престанете?
Лисимах одговори:
- Остави, брате, зашто нејзините страдања ќе бидат за корист на многумина од оние што гледаат. Знам дека и мене ќе ми биде за спасение. Затоа и оваа девица нека го претрпе до крај својот маченички подвиг, за спасение на многумина.
А Ерија, штом ја виде Февронија како падна на земјата, силно повика кон судијата:
- О, бездушен мачителу! Зар не ти беа доволни првите мачења на невината девојка, зарем не се сеќаваш на својата мајка, која исто така имала женско тело? Зарем не си цицал од гради како што се овие, кои што нареди да ги отсечат? За тоа ли си одгледан, за да извршиш таква свирепост над женскиот пол? Јас навистина се чудам како ништо не може да го умилостиви твојот свиреп и нечовечен карактер. Биди сигурен дека како што ти не ја поштеди оваа девица, така нема да бидеш поштеден од Царот Небесен.
Селин се разјари и нареди да ја фатат, сакајќи веднаш да ја мачи. Таа сама појде кај него, викајќи низ народот:
- Господи, Боже Феврониин, прими ме и мене со неа.
Но пред да дојде до него, неговите пријатели започнаа да го советуваат да не ја става на маки, бидејќи е од благородно потекло. Притоа велеа:
- Се плашиме многубројниот народ да не посака да страда заедно со неа кога ќе го гледа нејзиното страдање.
Селин ги послуша и силно ѝ довикна:
- Се колнам во боговите дека со своите дрски и бесрамни зборови ѝ навлекуваш уште поголеми маки на Февронија.
И веднаш нареди да ѝ ги отсечат и двете раце. Откако ѝ ги отсекоа нареди да ѝ ја отсечат и десната нога. Слугата повторно ја зеде секирата и замавна, но не можеше да ја отсече. Замавна и по втор пат, но безуспешно.
Меѓу народот настана метеж и сите негодуваа. Слугата замавна и по трет пат и одвај ѝ ја отсече ногата. Од страшната болка Февронија затрепери. Иако беше на прагот на смртта, сепак, ја пружеше и другата нога, ставајќи ја на дрвото да ја отсечат. На тоа судијата рече:
- Погледнете колку голема сила има оваа бесрамна жена.
Потоа му се обрати на слугата и бесно викна:
- Отсечи ѝ ја и другата нога! - и тој ѝ ја отсече.
Тогаш Лисимах стана и му рече на Селин:
- Што повеќе би правел со оваа бедна девојка! Да си одиме одовде. Време е за ручек.
Но, безбожниот Селин му одговори:
- Во име на боговите, нема да ја оставам сѐ додека дише! Ќе останам овде додека не умре.
Но, бидејќи душата на светата маченица не излегуваше од телото подолго време, Селин го праша слугата:
- Зарем сѐ уште е жива таа погана жена?
- Да, жива е. Душата сѐ уште е во неа.
Тогаш Селин нареди да ѝ ја отсечат главата.
Војникот зеде меч во едната рака а со другата ја фати за косата светата маченица и ја закла како овца, па потоа ѝ ја отсече главата. Веднаш потоа Селин стана и појде на ручек. Со него тргна и Лисимах, леејќи солзи.
По маченичката смрт на света Февронија, верните меѓу народот сакаа да ги украдат нејзините свети мошти. Но Лисимах постави војници да ги чуваат, за ни дел од нив да не биде украден. Тој, пак, многу тажен и нажален, не вкуси ништо туку се затвори и горко ридаше за смртта на Февронија.
Селин дозна за неговата тага, се натажи и без да вкуси нешто стана, и многу вознемирено започна да оди ваму таму низ палатата. А кога случајно ги крена очите кон небото, го спопадна страв и ужас и тој онеме. Потоа повика силно, и рикнувајќи како вол удри со главата во мермерниот столб и падна мртов на земјата. Меѓу неговите слуги и војници настана немир и плач. Лисимах слушна и дотрча на местото каде неговиот стрико лежеше мртов. Страшниот призор го зачуди и запрепасти. Кога малку се смири и прибра, нареди да престанат со плачот и вревата и се распраша што се случило. Присутните му раскажаа, а тој климна со главата и рече:
- Голем е Богот христијански! Благословен е Богот на Февронија, зашто ја освети нејзината крв!
Тој нареди Селиновиот леш да го изнесат од градот и да го погребаат според елинскиот обичај. Потоа го повика комитот Прима и му рече:
- Те заколнувам во Богот христијански, немој да ја прекршиш заповедта што ќе ти ја дадам. Побрзај што побрзо да подготвиш ковчег за телото на Февронија од негнилежно дрво и испрати гласници на сите страни, сите христијани без страв да се соберат на погребот на светата маченица Февронија, бидејќи Селин е мртов. Ти ја знаеш, драги Прима, желбата на моето срце. Земи чета војници, собери ги сите делови од телото на Февронија и однеси ги во манастирот. Притоа, внимавај некој да не земе дел од него. Освен тоа, внимавај кучињата да не ја лижат земјата по која се пролеа крвта на маченицата, туку нареди да ја соберат и заедно со моштите да ја однесат во манастирот.
Комитот веднаш постапи според наредбата на Лисимах.
Самиот ги собра отсечените делови на нејзиното тело: главата, рацете, нозете, дојките и забите, ги завитка во свое платно и тргна по војниците, следен од мноштво народ. Кога стигнаа во манастирот, комитот не дозволи никој да влезе внатре, освен Томаида и Ерија. Кога Вриена го здогледа телото на Февронија исечено на парчиња, од огромна тага падна на земјата како мртва. Комитот постави стража пред манастирот и се врати кај Лисимах. Игуманијата Вриена одвај си дојде на себе по неколку часа, па падна пред телото на светата маченица, го прегрнуваше и лелекаше, говорејќи:
- Тешко мене, ќерко моја Февронија. Ти се зеде од очите на твојата мајка! Кој ќе им чита сега на сестрите од Божественото Писмо? Чии раце ќе ги отворат твоите книги?
Додека Вриена така редеше, сите сестри што беа заминале со Етерија веќе се беа вратиле во манастирот и со солзи се поклонија на телото на светата маченица Февронија. И блажената Етерија горко плачеше крај моштите и редеше:
„Се поклонувам на светите нозе кои ја згазија главата на змијата. Ги целивам раните на светото тело со кои се исцели мојата душа! Ќе ја овенчам со венец на пофалба главата на онаа, која со красотата на својот подвиг го овенча сиот женски род“.
И плачеа и ридаа сите сестри над светите мошти на маченицата. Потоа ги измија, ги положија отсечените делови врз даската на која што таа за време на животот се одмораше, ги прилепија до раните на нивното место и со псалмопеење ги внесоа чесните мошти во црквата.
Приквечер игуманијата Вриена нареди да се отвори манастирската капија, за секој што сака да може да влезе да ја види светата маченица и да Го прослави Бога, Кој ѝ даде толку јуначко трпение во страдањата. И влезе многу народ. Дојде таму и Лисимах со комитот Прима, зашто Лисимах му изјави:
- Јас се одрекувам од сите отечки обичаи и идолослужења, ги оставам сите богатства свои и одам да се присоединам кон Христос.
На тоа комитот му возврати:
- И јас ќе го сторам истото. Нека пропадне Диоклецијан и неговото царство. Јас повеќе нема да му служам, туку ќе оставам сѐ и ќе Му служам на Христос.
И двајцата ја оставија судската палата и дојдоа во манастирот кај моштите на света Февронија. Таму дојде и епископот на градот со свештениците, клирот и многу монаси и отслужија сеноќно славословие на Бога со солзи и духовна радост.
Кога осамна донесоа прекрасен ковчег каде што го положија телото на светата маченица. Потоа, ги додадоа и сите отсечени делови, а забите ги ставија врз градите на маченицата.
После тоа со миро и мириси ги премачкаа светите мошти и ги погребаа во црквата, славејќи Го и благодарејќи Му на Бога. Од гробот на светата маченица им се даваа исцеленија на болните и многу од незнабошците поверуваа во Христа и се крстија. Свето Крштение примија и Лисимах и комитот Прима, и притоа тие ги оставија своите чинови и повеќе не се вратија кај злочестивиот цар Диоклецијан, туку се одрекоа од светот и отидоа кај архимандритот Маркел и се замонашија. Поживеаја богоугодно во испоснички подвизи и чесно преминаа кај Христа.
Исто така и болјарката Ерија го подари сиот свој имот на манастирот и ѝ рече на игуманијата Вриена:
- Те молам, мајко моја, прими ме кај себе, и јас ќе ти служам покорно како Февронија.
Откако го рече тоа, ги симна од себе сите скапоцени накити и ги даде за украсување на црквата, се одрече од светот и стана монахиња.
Споменот на светата маченица Февронија се празнува во тој манастир секоја година на 25 јуни, во денот кога светителката пострада за Христа. Во тој ден на нејзиниот празник секоја година се случувало следното чудо:
За време на сеноќното бдение, меѓу сестрите кои пеат, се појавувала светата маченица Февронија и го завземала своето поранешно место. Кога прв пат се случи тоа, сите монахињи се исплашија а игуманијата Вриена силно воскликна:
- Гледајте, ни дошла мојата ќерка Февронија! - и радосно поита кон неа, мајчински да ја прегрне. Но преподобната маченицата веднаш стана невидлива. Од тогаш никој не се осмелуваше да ја допре или да ѝ прозбори кога ќе се јавеше, туку само со ужас и восхит ја посматраа, се радуваа и од умиление лиеја солзи. И секој пат, светата маченица стоеше по три часа меѓу сестрите кои пееја, гледана од сите, па потоа повторно стануваше невидлива.
Епископот на градот, кој имаше огромно молитвено усрдие спрема светата маченица Февронија, во нејзино име изгради црква во градот. Ја градеше шест години. Кога ја заврши и украси, ги свика сите околни епископи за нејзино осветување во денот на празникот на света Февронија, со намера истовремено да ги пренесе во својата црква и нејзините свети мошти. По сеноќната богослужба епископите со сиот собор свештенослужители отиде во манастирот, се помолија на Бога, и кога го отворија гробот видоа дека чесните и свети мошти на светата маченица блескаат како сонце. Притоа сите монахињи плачеа и ридаа што им се одзема нивното прескапоцено богатство. А кога рацете на епископот се допреа за да го земат, во истиот миг во воздухот удри толку страшен гром, што сите паднаа на земјата од страв. По еден час епископот повторно се дрзна да го допре ковчегот, но овој пат настана толку силен земјотрес, што се расколеба целиот град.
Тогаш сите сфатија дека светата маченица не сака да ја креваат од нејзиното место. Епископот се растажи, повеќе не смееше да се допре до ковчегот и започна да ја моли игуманијата Вриена:
- Чуј ме, сестро, ти знаеш колку труд вложив за да го изградам храмот во слава и чест на преподобната маченица. Неговата изградба траеше шест години. Но, бидејќи светата маченица не сака да прејде во храмот, те молам со свои раце дај ми барем делче од неа, за мојот труд да не остане залуден и бесплоден.
Вриена ги пружи своите раце и ја допре едната рака на светителката за да ја даде на епископот, но раката ѝ беше задржана со невидлива сила и стана како мртва. Вриена се расплака и започна да ѝ зборува на светителката како да е жива:
- Те молам, чедо мое Февронија, не гневи се на мене, мајката твоја. Сети се на мојата грижа за тебе и не презирај ја мојата старост.
Кога го изговори тоа, раката ѝ се ослободи. Потоа Вриена повторно со солзи ѝ рече:
- Дај ни благослов и не жалости нѐ.
И повторно ја пружи раката, зеде еден од нејзините заби кои ѝ беа на градите, го даде на епископот и веднаш го затвори ковчегот.
Епископот со радост го прими, го положи во златен сад и со останатите епископи, клирот и сиот народ, се врати во новиот храм со свеќи и кадилници на сеопшта народна веселба и ликување. Откако го внесоа овој дар во храмот, епископите го осветија храмот. Истиот ден во новоосветениот храм се случија многу исцеленија по молитвите на светата маченица. Слепи прогледаа, хроми се исправија, бесомачни се ослободија и секој болен од каква болест и да боледуваше, штом со усните ќе се допреше до тоа мало делче од моштите на светителката, веднаш се исцелуваше и си заминуваше здрав, радувајќи се и славејќи Го Бога.
По осветувањето на новиот храм во името на света Февронија, преподобната игуманија Вриена поживеа уште две години. Пред да се претстави, за игуманија ја постави Томаида.
„Јас пак, вели писателката на ова житие, игуманија Томаида, по претставувањето на нашата мајка Вриена го напишав житието и страдањата на светата маченица Февронија, како што со свои очи видов. А за Лисимах го напишав она што го слушнав од неговата уста. Сето тоа го напишав за корист на читателите и слушателите, а во слава на нашиот Бог Христос, со Отецот и Светиот Дух Славениот, сега и секогаш и низ сите векови. Амин“.
ЖИТИЕТО НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ДИОНИСИЈ, ктиторот на манастирот Свети Јован Крстител на Атон (Дионисијат)
Нашиот преподобен отец Дионисиј се роди во селото Горица, во близина на градот Костур во Македонија. Потекнува од сиромашно македонско семејство. Неговите родители беа од непознат род, и задоволни со својот селски живот, живееја побожно. Со нивната родителска грижа благородниот Дионисиј доби почетно класично образование и со припомош на благодатта Божја, многу израсна во расудувањето, та гореше од желба да остави сѐ што е световно и времено, за да го стекне духовното и вечното, целосно посветувајќи се на служба на Бога. И Бог, гледајќи ја неговата пламена љубов кон Него, и желбата за спасение, го уреди неговото спасение вака:
Дионисиј имаше постар брат на име Теодосиј. Како браќа по тело тие беа слични по карактер и во животот се држеа до исти правила. Кога Теодосиј наполни осумнаесет години посака да го види Цариград, за таму, меѓу побожните монаси, да си најде опитен раководител во животот. Кога стигна во Цариград, најпрвин се јави во патријаршијата како пристаниште на искусните монаси, кои го сочинуваат светот и убавината на Црквата. Откако измоли дозвола да се смести во патријаршијата, тој од една страна започна да се учи на почетоците на подвижничкиот живот, а од друга, да ги изучува потребните работи од световното образование. Со одличните способности Теодосиј напредуваше во изучувањето на Светото Писмо и догматите на верата. Заради тоа, како и заради својот кроток карактер, умилност и подвижнички живот, тој беше почитуван и сакан од сите. Таквите особини на неговата душа не можеа да се сокријат ни од самиот патријарх. Кога слушна за доблесниот живот на Теодосиј, тој му обрна особено внимание и го ракоположи најпрвин за ѓакон, а потоа како силен на збор и одличен во знаењето на Светото Писмо, и за свештеник.
Откако го прими свештеничкиот чин, Теодосиј започна да води далеку построг и повозвишен живот од претходниот, кој во него развиваше желба за пустинска тишина и безмолвие.
При таквиот стремеж на духот кон осамеништвото, мислата на Теодосиј се запре на Света Гора Атонска. Од Цариград тој отиде на Атон. Таму посети манастири и некои ќелии, па стапи во братството на Филотиевскиот манастир. Богољубивите браќа на оваа обител на почетокот на Теодосиј му служеа како пример за подражавање и како поттик на подвижничкиот живот. Но потоа тој ги надмина сите, и самиот стана пример на другите и украс на своето богољубиво братство. Додека така напредуваше во подвизите, се упокои игуменот на обителта.
Тогаш сите браќа го молеа Теодосиј, како искусен и достоен, да им стане духовен водач. Вистинскиот послушник, свесен за своите свештени завети за безусловната послушност, дадени пред олтарот и во присуство на браќата, го прими игуменскиот жезол на управата. Помаган со благодатта Божја, тој толку мудро ги раководеше сите по патеките на монашкиот живот, што славата на неговото име ја исполни Света Гора и многумина започнаа да доаѓаат кај него за душевни поуки. По заминувањето на Теодосиј во Цариград, во неговиот малолетен брат Дионисиј сѐ повеќе се зголемуваше пламената желба и тој да се посвети да Му служи на Господа Бога, а особено по гласовите за славниот монашки живот на брата си. Кога слушна дека неговиот брат е на Света Гора, и дека таму има многу старци со висок духовен живот, реши да појде таму. Но кога дозна дека не примаат премногу млади во манастирите, го одложи своето заминување со тешко срце. Но кога стана полнолетен, тој како орел полета кон Света Гора, желен не само за пустински подвизи, туку и да се види со брата си, за кого веќе знаеше дека е игумен во Филотиевскиот манастир.
Тешко е да се опише радоста на братската средба. Обителта беше трогната и целото братството се радуваше на Дионисиевото доаѓање, а тој, гледајќи го начинот на монашкиот живот и љубовта и слогата меѓу браќата, воскликнуваше со пророкот Давид: „Колку е убаво и колку е мило кога браќата живеат еднодушно!“ (Пс. 132, 1). По неколку дена игуменот Теодосиј го замонаши Дионисиј, а тој Му благодареше и Го славеше Господа. Под мудрото раководство на својот брат, Дионисиј напредуваше во подвизите подражавајќи ги благочестивите старци. Теодосиј го упатуваше во читањето на Светото Писмо и во изучувањето на светите догмати на Црквата. Најпосле го постави за еклисиарх, како примерен според чистотата на животот. Ова послушание тој го извршуваше многу грижливо. Потоа, на предлог на Теодосиј, беше ракоположен за ѓакон од епископот Ериским, а кога наполни триесет години беше ракоположен за презвитер.
Како презвитер тој започна уште повеќе да се издигнува со чистотата на мислите и срцето и да се смирува себе си пред Бога, сметајќи се за недостоен за даровите на благодатта што Он ги изли врз него преку презвитерството. Тој, според зборовите на светиот апостол Павле, заборавајќи го минатото, а трудејќи се за она што е напред (Фил. 3, 13), со помош Божја сѐ повеќе јакнеше и царски ја сотираше и кршеше главата на кнезот на темнината.
На тој начин овие двајца браќа заблескаа меѓу отците на обителта како две сјајни ѕвезди, и заради нив се славеше Бог, Кој ги прославува оние кои Него Го слават. Но божествениот Дионисиј, преполн со љубов кон Бога, се стремеше кон повисоки подвизи на постот, молитвата и потполното сиромаштво. Тој, како древните богоносни отци, чувствуваше дека е тешко да се води таков живот среде мноштво браќа со кои мора да се општи, а понекогаш да се доаѓа и во расправија. Затоа намисли да се повлече длабоко во пустината, за таму во совршено безмолвие и тишина да може да се занимава со умната молитва и да разговара единствено со возљубениот Спасител и Бог. Но, за да не го занесе самоволието, тој се обрати кај опитните старци, им ја откри својата намера и побара совет од нив. Откако доби благослов, тој кришум ја напушти обителта и се искачи на самиот врв на Атон - Малога. Таму, во Јужниот дел, тој најде пештера и во нејзина близина извор со прекрасна вода. Дионисиј со радост Му заблагодари на Господа и остана таму, иако ги немаше и најпотребните работи за живот, освен искинатата облека врз себе.
Како вистински подражавач на бестрасниот ангелски живот, блажениот Дионисиј не обраќаше внимание ни на немоќта на својата човечка природа, ни на нејзините потреби, туку, издигајќи се над телесното, се хранеше со читањето на Светото Писмо и со молитвата, и така со себеси ги посведочуваше зборовите на Господа Христа: „Не живее човекот за самиот леб“ (Матеј 4, 4). Како храна му служеа костени и дива трева. А кога во него ќе се појавеше желба за леб, тој се симнуваше до некоја ќелија или манастир и повторно се повлекуваше во својата пустинска пештера. Така помина три години.
Постојано очистувајќи ги и душата и телото со молитвата и постот, Дионисиј најпосле го достигна совршенството. Тогаш, упатен од Бога, кај него дојде еден од искусните и благочестиви подвижници на Света Гора и го замоли да му даде благослов да се насели покрај неговата пештера. Со огромна мака тој го умоли Дионисиј, кој беше строг во тој поглед. По него набрзо дојде и друг брат. И двајцата си направија колиби, му се потчинија на Дионисиј и безусловно се покоруваа на неговата волја како духовен старец.
Но како што градот не може да се сокрие кога е на врв планина, така и подвизите на Дионисиј се разгласуваа насекаде и Света Гора се исполни со славата на неговото име.
Многумина доаѓаа кај него за поуки и совети и желба да останат под неговото раководство. На почетокот Дионисиј не се согласуваше на тоа, но кога започнаа упорно да го молат, тој им одговори:
- Драги браќа! Ве тргам од себе единствено заради тоа што ова место е диво и свирепо. Но ако вие упорно сакате да останете покрај мене, тогаш качете се повисоко во гората. Таму ќе најдете погодно место за живеење. Јас ви давам збор дека ќе ве посетувам и колку што можам ќе ви помагам во вашите духовни потреби.
Тие се согласија, И во северниот дел на гората подигнаа ќелии со црква во име на светиот Јован Преттеча, која и денес се нарекува „Древен Преттеча“. Така околу преподобниот Дионисиј се собра одбрано друштво на пустински браќа. Тој одеше кај нив во сабота, служеше Света Литургија, ги причестуваше со Светите Тајни, остануваше со нив два дена поучувајќи ги, па во недела навечер земаше од нив леб и пустинско зелје и се враќаше во својата пештера.
Но, бидејќи во планината, особено во северниот дел, зиме е многу студено, браќата многу страдаа од студот, па со благослов на старецот се спуштија пониско на западната страна. Си направија колиби, засадија лозје, и си изградија мало кајче за со него да пренесуваат намирници од другите места на Света Гора. Свети Дионисиј по природа беше силен и цврст. При истоварањето на пченица или нешто друго, тој, како образец на трудољубието, самиот учествуваше во послушанијата. При тоа зборуваше дека старешината во секој поглед треба да биде пример за браќата. Преподобниот често минуваше ноќи и во колибата кај брегот. Тогаш, заедно со браќата, според обичајот за вршење на утрена под отворено небо, бидејќи таму немале храм, во текот на целата служба стоел неподвижно, издигајќи се со мислите и срцето кон Бога. Еднаш, во текот на утрената, преподобниот Дионисиј одеднаш здогледа прекрасен светилник, кој сјајно гореше сѐ до самнување, на местото каде што подоцна по волја Божја беше изграден манастир. На почетокот светителот мислеше дека тоа е дело на злите сили и затоа никому не зборуваше за тоа свое видение. Но, бидејќи се повторуваше повеќе пати, тој му раскажа на еден проѕорлив и боговдахновен старец Дометиј, јеромонах кој живееше при храмот „Пресвета Богородица“. За да го провери тоа мудриот Дометиј отиде кај свети Дионисиј и видението три пати се повтори пред него. Така и двајцата се убедија во вистинитоста на Божјото чудо и ги известија сите браќа. Се собраа сите кај каменот каде што се јавуваше необичната светлина, за да проверат дали има таму некој предмет кој блеска под влијание на природните сили. И кога не открија ништо такво, преподобниот Дометиј пророчки му рече на божествениот Дионисиј:
„На Бога Му е угодно овде да се изгради света обител во која ќе се соберат монаси и со нив ќе се прослави Бог. Затоа, не двоумете се туку започнете со ѕидањето, и не грижете се за материјалните потреби. Семоќниот Бог ќе ти испрати сѐ што е потребно а и јас од своја страна ќе ти помогнам со сѐ што можам.
Истото го изјавија и браќата, и откако се помолија на Бога го уредија тоа место. Најпрвин подигнаа кула, за да се заштитат од морските разбојници, а подоцна и обител. Славата на Дионисиј и неговиот возвишен живот поттикнаа многумина, не само од Света Гора туку и од далечните покраини, да испраќаат големи парични прилози и останатите работи потребни за новата обител. Додека преподобниот Дионисиј се трудеше околу обителта, неговиот брат Теодосиј еднаш пред празникот Благовештение појде со браќата да лови риби.
За време на тој риболов ноќе ги нападнаа разбојници и како робови ги однесоа во Бруса и таму ги продадоа на христијани, кои ги откупија и ослободија. Тогаш по промисла Божја божествениот Теодосиј отиде во Цариград. Патријархот и неговите другари многу му се израдуваа, бидејќи еден од византиските манастири бил без игумен. Теодосиј остана таму кратко време. Веднаш по неговото доаѓање се упокои митрополитот во Трапезунт. Во тоа време во Трапезунт престојуваше царот Алексиј Комнин, кој му наложи на патријархот да изберат нов митрополит. По волја Божја беше избран смирениот Теодосиј, како човек со свет живот, слаткоречив, голем познавач на догматите и каноните црковни. Иако Теодосиј одбиваше да го прими ова високо и одговорно звање како недостоен, сепак патријархот го ракоположи и тој отпатува на својата нова должност, каде свечено и со радост беше дочекан од царот и целата црква.
Кога слушна дека неговиот брат Теодосиј станал митрополит, божествениот Дионисиј многу се израдува и Го славеше Бога. Дозна и дека царот му е благонаклонет. По извесно време тој реши да појде кај брата си во Трапезунт и преку него да издејствува помош и осигурување од царот за својата нова обител. За тоа се посоветува со преподобниот Дометиј, кој ја благослови неговата намера и тој со своите ученици се упати кон Трапезунт. Средбата на браќата беше многу трогнувачка. Дионисиј му раскажа на Теодосиј за започнатиот манастир и најпосле го замоли за братска помош кај царот. Теодосиј му се обрати на царот, а тој го повика Дионисиј и многу усрдно разговараше со него за Света Гора.
Охрабрен, преподобниот Дионисиј му предложи на царот да биде ктитор на неговата започната обител, како што неговите предци биле ктитори на некои обители во Света Гора, каде од поколение на поколение, и од век во век се принесуваат молитви за спасение на нивните души. Трогнат од зборовите на старецот, императорот со задоволство го прифати неговиот предлог. Го осигура манастирот од царските ризници и со царска повелба ги обврза и наследниците на својот престол да се грижат за манастирот. Притоа, освен со парите дадени на Дионисиј, со таа иста повелба, царот одреди секоја година на манастирот да се даваат од царските ризници по илјада сребрени пари. Тоа се правело долго време.
Откако остана некое време кај својот брат и по успешно извршена работа кај царот, преподобниот Дионисиј радосно си тргна, славејќи ја промислата Божја. Но додека пловеа по Црното Море, одеднаш забележаа турски кораби кои доаѓаа кон нив и многу се исплашија. Цврсто надевајќи се во Бога, тој им рече на своите сопатници:
- Не плашете се! Почекајте малку, па ќе ја видите силата Божја. Да ја положиме сета надеж во Бога, и Он ќе ја отстрани опасноста.
Меѓутоа варварите се приближија и ги нападнаа со стрели. Тогаш преподобниот ги крена рацете кон небото и со солзи започна да Му се моли на Господа:
- Господи Исусе Христе, Боже наш, секогаш прославуван со Отецот и Духот, услиши ме мене недостојниот Твој слуга, и заради посредништвото на Пречистата Мајка Твоја и Преттечата Крстител Твој, избави нѐ од нашите непријатели.
За време на оваа молитва одеднаш се појави големиот Преттеча, со жезол во десната рака, и ги успокои сите сопатници на Дионисиј, а на варварите им претеше со смрт ако не се вратат назад. И неговата закана беше навистина пропратена со казна, зашто одеднаш им малаксаа рацете и им се вкочанија. Сите присутни Му заблагодарија на Бога за ова славно чудо, воскликнувајќи:
- Слава Ти, Семоќен Царе, што преку Крстителот и Преттеча Свој нѐ избави од смртната опасност.
Спасени на таков начин, преподобниот Дионисиј и неговите ученици стигнаа на Света Гора во својот манастир. Кога браќата дознаа како Господ им помогнал, сите радосно ја прославија Неговата божествена промисла. При тоа преподобниот Дометиј му рече на блажениот Дионисиј дека за секој добар потфат, па и за основањето на манастир е потребен само добар почеток, а во останатото Господ е помошник.
„Сега усрдно пристапи со градбата на обителта“, - заврши тој. И преподобниот Дионисиј изгради велелепен храм во чест на светиот Преттеча и направи водовод и многи други манастирски зданија. Така никна манастир на Преттечата Господов во 1380-та година.
Свети Дионисиј ги потроши сите пари добиени од царот за градбата на обителта, и повторно отпатува во Трапезунт, бидејќи требаше да се живописа храмот. И сега царот ја сослуша неговата молба и со радост ја исполни. И кога преподобниот старец радосно се враќаше кај своето братство, со допуштање Божјо, завидливиот ѓавол му нанесе тежок удар. Кога стигна на Света Гора светителот не затекна никого во својот манастир, бидејќи тогаш беа поминале турците и ги беа одвеле во ропство сите браќа и сите црковни скапоцености. Светиот старец го обзеде голема тага и плач. Но ниту еден ропотен збор не изрече кон Господа, знаејќи дека ова зло му го приреди ѓаволот. По некое време преподобниот Дионисиј, како вистински пастир на украденото стадо, ги откупи од тешкото ропство своите браќа и сите повторно беа заедно. Но овој човекољубив подвиг скапо го чинеше. Сите пари од царот тој ги потроши за откуп на своите деца и довршувањето на обителта, и остана без средства за намирници и останатите црковни потреби. Во таа тешка состојба, тој повторно му се обрати на божествениот Дометиј за совет. Тој му препорача уште еднаш да појде кај царот.
Дионисиј го замоли да се грижи за неговата обител и тргна, велејќи му:
- Тебе, оче мој, после Господа Бога и големиот Преттеча, ти ја доверувам оваа обител. Претчуствувам дека повеќе нема да ја видам ниту неа, ниту тебе, оче мој!
- Да, одговори вдахновениот старец. Ние повеќе нема да се видиме на земјата. Но затоа пак горе на небесата, пред лицето Божјо, блаженствувајќи бесконечно, никогаш нема да се разделиме.
Така и се случи. По доаѓањето во Трапезунт, преподобниот Дионисиј му раскажа на својот брат, митрополитот Теодосиј, а потоа и на царот, за несреќата што го снајде и смирено го замоли за помош на својата обител. Царот со сочуство го сослуша старецот и го утеши, ветувајќи му ја својата царска помош. Но свети Дионисиј не го доживеа тој ден, зашто по неколку дена дојде последниот ден од неговиот живот. Откако ги замоли својот брат и царот да се грижат за неговата обител, тој во нивно присуство се помоли на Бога за нив, па тивко го испушти последниот здив на животот и отиде кај Господа на 25 јуни, во 72 година од својот живот.
Неговиот брат, митрополитот трапезунтски, чесно и побожно го изврши погребението на неговото тело, од кого подоцна се излеваа многубројни чудеса над оние кои молитвено го призиваа на помош преподобниот. Меѓутоа браќата сопатници на преподобниот од Света Гора, беа обдарени со богати прилози како од царот така и од митрополитот, па заминаа за Света Гора. Кога соопштија во манастирот за смртта на преподобниот, сите ридаа што се лишија од својот старец, а свети Дометиј, кој на почетокот ги тешеше, науми да се повлече во безмолвие. А сите браќа со солзи паднаа пред неговите нозе и го молеа да не ги остава како сирачиња туку да го заземе местото на преподобниот Дионисиј. Трогнат од нивните солзи, послушниот Дометиј ја прифати управата над манастирот и управуваше сѐ додека не отиде кај Господа, во својата длабока старост. Слава на нашиот Бог низ сите векови. Амин.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ДОМЕТИЈ, игуменот Дионисијатски
Богоносниот и духоносен отец Дометиј беше соподвижник и другар на свети Дионисиј, ктитор на обителта на светиот Преттеча на Света Гора. По неговата смрт тој беше пастир и игумен на таа обител.
СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИОТ ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИК ПРОКОПИЈ
Роден крај на светиот преподобен Прокопиј беше едно место крај Варна во Бугарија. Неговите родители беа побожни христијани. Кога имаше 20 години во него се јави желба да Му се посвети на монашкиот живот. Затоа ги остави родителите и замина на Света Гора.
Таму на почетокот не можеше да се определи за ниеден манастир и живееше како скитник, преминувајќи од едно во друго место по целата Атонска Гора. Притоа внимателно разгледуваше најразлични врсти од монашкиот живот. Најпосле избра суров отшелнички пустински живот и се потчини себеси под раководството на старецот Дионисиј од скитот на свети Јован Преттеча. Водејќи строг отшелнички живот, тој за да се утврди во уште поголеми подвизи, посака да го прими ангелскиот образ. Неговиот старец со радост го замонаши.
Откако се замонаши, Прокопиј започна уште поревносно да се подвизува во постот, бдеењето и молитвата. Освен тоа, имаше совршено послушание и огромно трпение во трудовите на отшелничкиот живот. Круната на неговиот подвиг ја сочинуваа неговиот кроток и незлобив карактер и тој сите отци ги восхитуваше со својата добрина и простодушност. Но непријателот на нашето спасение, ѓаволот, гледајќи дека Прокопиј напредува во добродетелите, будно го демнеше и бараше згодна прилика да му ја опљачка ризницата на душата и да го упропасти.
Сезлобниот враг отпочна со своето лукаство, ставајќи во Прокопиј помисли да појде во светот. Оваа борба од ден во ден стануваше сѐ посилна во него, додека најпосле не ги надвладеа неговите чувства и се претвори во страшна бура, која од корен го искорна несреќниот монах од градината Христова и од средината на нејзините трудбеници. Прокопиј падна пред вражјата бура, ја напушти Света Гора и појде во светот. Го стори тоа тајно и отпатува во Смирна.
Штом стапна на брегот ѓаволот започна да го смутува и да го води до очајание, дошепнувајќи му: „Бидејќи без никаква причина ја напушти Света Гора и подвизите и се врати во светот, не ти преостанува ништо друго освен да се подложиш на мачење“. Смутот во неговата душа стана уште посилен кога тој се сети дека со своето заминување од Света Гора многу ги нажали доблесните мажи и дека сите отци во Претечиниот скит веќе го сметаат како мртов за доблесниот живот, бидејќи како крадец замина од Света Гора, без да се посоветува со некого и да земе благослов од некого. Исто така и овде тој не сакаше, или пак можеби врагот не му дозволи, да ги открие своите помисли на духовникот и да постапи според неговиот совет.
Гасејќи го светилникот кој му ја осветлуваше душата, несреќниот Прокопиј западна во мрачна и темна ноќ, во која разбојниците го одвлекоа во гибелта. Сметајќи се себе си за изгубен, бедниот Прокопиј се реши на многу очаен и ужасен чекор: да ја напушти христијанската и да ја прими муслиманската вера.
Душата на секој христијанин мора да се растрепери кога само ќе ја замисли состојбата на несреќниот Прокопиј. Тој, поранешниот подвижник Христов, одеднаш стана отстапник. Причина за тоа се несовесноста и криењето, кои го довеле до длабок пад. Се разбира, душата негова патела и се борела сѐ додека не надвладеала адската сила и го одвлекла во гибелта.
И еден ден, за да им стави крај на сите свои страдања, тој појде кај градскиот судија за да му го соопшти своето одрекување од Христа. Пред судот го запре стражарот и го праша:
- Зошто ти е потребен судијата? Да му предадеш некаква жалба или да ја примиш муслиманската вера?
- Да ја примам муслиманската вера, - плашливо одговори Прокопиј.
Стражарот веднаш го одведе кај судијата, велејќи му дека тој сака да ја прими Мухамедовата вера. Тогаш судијата љубезно му се обрати на Прокопиј:
- Навистина ли сакаш да ја примиш нашата вера?
- Да, навистина! - одговори несреќникот, заборавајќи на заветот даден при постригот, ветувањето на вечните блага и заканата за вечните маки.
На ваквата изјава судијата му нареди на Прокопиј да изговори некои хулни зборови, а по петнаесет дена над него беше извршено обрезание. Но, чудесна е промислата Божја! Штом го обрезаа отстапникот, во него одеднаш се промени мислата, проговори совеста, изобличувајќи го за одрекувањето од Господа Христа. И тој, како да се трезни од пијанство, потполно си дојде на себе, и веднаш реши да бара спас од својата заблуда. Одбра погодно време и кришум отиде кај пријателот на својот духовник, со кого се познавал уште од Света Гора. Но, духовникот, гледајќи го во турска облека, се зачуди на така необичната промена.
- Ти, оче, се чудиш што ме гледаш во турска а не во монашка облека. Но јас токму затоа и дојдов кај тебе. Да ја истераш од мене оваа лага, која јас, прелаган од ѓаволот, си ја навлеков на себе, и да ме облечеш во мојата првична облека - му рече Прокопиј.
Потоа му раскажа како ја напуштил Света Гора, како се одрекол од Христа, додавајќи дека заради очистување на себеси од својот пад, сака да прими маченичка смрт за исповедувањето на името на Господа Христа.
Гледајќи ја добрата мисла во Прокопиј, духовникот се израдува на неговото обраќање, но истовремено забележа:
- Дали добро размисли за тоа? Знаеш дека непријателите на Христовата вера жестоко ќе те мачат, па затоа внимавај да не бидеш победен и по втор пат, и наместо да дојдеш до венец, да не паднеш во срам. Ако навистина си дошол да се посоветуваш со мене како со духовник, тогаш јас како пријател и татко ќе ти кажам. Безгранична е милоста Божја спрема нас грешните, и не постои грев кој би го победил Божјото човекољубие. Затоа те советувам да се вратиш на Света Гора Атонска и таму во покајание и солзи да го оплакуваш својот грев. Уверен сум дека Господ, гледајќи го твоето покајание, ќе ти го прости длабокиот пад, како што му простил на апостол Петар, кој се одрекол од Него пред слугите на еврејскиот првосвештеник.
Но, отпадникот со каење одговори:
- Знам и јас, оче, дека многу маки ќе претрпам од непријателот на Крстот, но верувам дека Бог, Кој сите свети маченици ги крепел во страдањата, е семоќен да ме поткрепи и мене за исповедањето на името Негово.
Гледајќи ја неговата цврста намера, духовникот повеќе не сакаше да го одвраќа. Од тогаш Прокопиј започна да се подготвува за подвигот и често доаѓаше кај него. По петнаесет дена, му изјави:
- Денес се гледаме за последен пат, бидејќи решив да излезам на суд пред турците.
Тогаш заедно отслужија молебен на Богомајката, се целиваа со последен целив, па излегоа заедно од домот на духовникот, кој одеше по маченикот и го следеше со своите молитви до самата судница. Кога излезе пред судијата, маченикот ја фрли од својата глава зелената чалма и бестрашно започна да ја исповеда христијанската вера, а да ја проколнува муслиманската со нејзиниот лажен пророк. Кога слушна хула на својата вера, судијата веднаш нареди да го тепаат, па потоа да го заклучат во темница за да го примораат да ја промени својата мисла. Откако не им успеа тоа му се обрати со ласкања и ветувања на високи функции и чинови. На тоа маченикот благодушно му одговори:
- И сиот свет да ми го подарите, нема да ме натерате да се предомислам.
Неговата непоколебливост ја забрза пресудата на судијата. Придржувајќи се до најновата царска наредба што побрзо да ги завршат сите предмети, и големи и мали, и да се подготват за одбрана од непријателите кои ја загрозуваат нивната држава, тие одлучија да не губат време околу долготрајно мачење на Прокопиј, туку наредија веднаш да му се отсече главата.
Кога го доведоа на губилиштето, светиот маченик спокојно ја приклони главата на посекување. Муслиманите се восхитуваа на неговото јунаштво и никој од нив не се осмели да ја изврши казната. Во тоа време во Смирна живееше еден отпадник од Христа, човек со свиреп нарав. Го доведоа на губилиштето и тој без да се колеба му ја отсече главата.
Така душата на светиот преподобномаченик Прокопиј се раздели од телото очистена со својата крв, на 25 Јуни 1810-та година во сабота. Слава и благодарност на Христа Бога, Кој ги крепи Своите светии, постојано, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИЦИ ЛИОНИДА, ЛИВИЈА И ЕВТРОПИЈА
За верата во Христа света Лионида беше спалена, а на света Ливија и света Евтропија им беа отсечени главите со меч во 310-та година. Света Евтропија уште како девојче беше поттикната од мајка си на мачеништвото.
СПОМЕН НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ МАРТИРИЈ ЕПИСКОПОТ
Се спомнува во Ерусалимската Канонарија како свет епископ.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК ГЕОРГИЈ АТАЛИСКИ
Овој свет новомаченик Христов беше родум од краевите на Аталија (во Мала Азија), од благочестиви и богати родители, кои на својот имот имаа црква во чест на светата великомаченица Екатерина. Уште како дете Георгиј насилно беше грабнат од агата Прусал и насилно потурчен со турското име Мехмед. Кога порасна агата го ожени со својата ќерка и тој живееше во посебна куќа. А неговите родители наговорија една побожна жена на име Марија, која служеше во куќата на Георгиј, да му го открие неговото потекло и начинот на кој е потурчен. Тогаш мудриот Георгиј сфати што му сторил агата, па под изговор дека оди на аџилак во Мека, заедно со Марија отиде во Светата Земја и остана две години. Потоа отиде во Мала Азија во местото викано Чешма и таму веќе како христијанин се ожени со христијанката Елена. Но, тука нему му дојде мисла маченички да пострада за Христа и реши да го стори тоа. Отиде во турската судница, го сретна таму својот поранешен ага и со смелост ја исповедаше пред него својата вера во Христос, единствениот вистински Бог. Затоа најпрвин беше фрлен во темница, а потоа мачен со ужасни маки. Го тепаа со мотки, го ставаа во дрвени справи за мачење, на главата му ставаа вжештен бакарен сад... Но сите маки светиот маченик ги претрпе со радост и од својата вера не се одрече. Најпосле беше обесен од турците на еден зид од куќата на Пантелак Фармакевс, во тоа исто место Чешма, на 25 јуни 1823 година.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ СИМОН
Во мир се упокоил. Неговите мудри изреки за смиреноумието се наоѓаат во „Евергетиносот“.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ СИМЕОН
Синајски подвижник кој се подвизувал во петтиот век.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ КНЕЗ ПЕТАР –ДАВИД И КНЕГИЊА ФЕВРОНИЈА - ЕФРОСИНИЈА, Муромските чудотворци
Овие свети сопружници беа многу побожни и милосрдни. Ги хранеа гладните, ги негуваа болните, ги згрижуваа сиротите, и живееја строго христијански. Беа смирени, целомудрени, некористољубиви. И двајцата го примија монаштвото во својата старост и се претставија во ист ден во 1228 година. Нивните свети чудотворни мошти почиваат во Муромската соборна црква.