9. Јули (26. Јуни)
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ДАВИД СОЛУНСКИ
Овој блажен отец од младоста го минуваше животот во воздржание. Го напушти својот роден крај и од Мала Азија дојде и како пресјајна ѕвезда заблеска во Македонија. Во својата младост го напушти светот, роднините, пријателите и сите богатства, и со љубов појде кај својот Господ. Со огромното воздржание ги покори телесните страсти и се јави како ангел во тело. Покрај воздржанието, беше и многу смиреноумен. Читајќи го Светото Писмо и Житијата на светите мажи, тој се трудеше да ги подражава, а особено светите столпници. Се насели близу градот Солун и се подвизуваше на едно бадемово дрво, седејќи без ништо на неговите гранки. Тука тој како милогласна птица ги тешеше со корисни совети сите кои прибегнуваа кај него. Неговиот ум постојано беше устремен кон божествените висини и затоа Бог го обдари со дарот на чудотворството, така што тој стана светозарен столб на Црквата, кој со своите чудеса ги просветуваше сите. Имаше и некои ученици соподвижници кои го молеа да се симне од дрвото и да живее во ќелија, кои тие ќе му ја направат. Но, свети Давид остана на дрвото три години. Тогаш му се јави Ангел Господов и му рече дека Господ му ги исполнил молитвите и му ги подарил смиреноумието и побожноста, кои ги барал од Него.
Потоа се симна од дрвото и се подвизуваше во ќелијата што му ја направија под него. Јуначки поднесувајќи ја секоја оскудица, зима и горештина, тој го достигна бестрастието, а од неговите чудеса, со кои Бог го обдари за тоа, ќе споменеме само две.
Кај преподобниот беа довеле едно ѓаволесано момче. Ѓаволот кој беше во момчето страшно викаше преку неговата уста, дека го гори оган кој излегува од ќелијата на преподобниот. На тоа тој ја испружи раката низ прозорчето на својата ќелија и, благословувајќи го момчето го истера демонот од него. Така и една слепа жена, која ја доведоа кај преподобниот, тој, откако се помоли на Бога и ја благослови со крстниот знак, таа веднаш прогледа.
Солунскиот митрополит Аристид, и сите големци и граѓани, еднаш го умолија преподобниот да отиде во Цариград кај царот Јустинијан (527-565 г.) за да заврши некои градски работи. Преподобниот тргна на пат со своите двајца ученици, Теодор и Димитриј, но прорече дека нема жив да им се врати во градот. Кога стигна пред царот во Цариград, тој зеде жар во раката, стави врз него темјан го прекади царот и огнот ни најмалку не го повреди. Царот многу се восхити, му се поклони до земја на угодникот Божји, и ја исполни народната молба заради која беше дошол. На враќање во Солун преподобниот според своето претскажување се упокои на дофат на Солун во 548 година. Неговото свето тело беше пренесено во градот и погребано во манастирот на мачениците Теодор и Меркуриј. Подоцна неговите мошти беа откриени целосни и нетлени.
Со својот ангелски живот и натприродните чудеса овој блажен отец ги надмина границите на човечката природа - отиде кај својот Господ, Кого од младоста Го засака.
СПОМЕН НА ЧУДОТО НА СВЕТАТА ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИЦА ПАРАСКЕВА на островот Хиос
Во овој ден се врши споменот на чудото кое го изврши светата преподобномаченица Параскева (Петка) на островот Хиос во 1442 година. За оваа света Параскева видете опширно под 26 Јули.
ЗА ЧУДОТВОРНАТА ИКОНА НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА „ОДИГИТРИЈА“
Некое време по вознесението на нашиот Господ Исус Христос и по слегувањето на Светиот Дух над апостолите, божествениот апостол и евангелист Лука, кој беше вешт иконописец, наслика на даска икона на Пресветата Владичица наша Богородица и ја донесе кај Неа. Кога го здогледа Својот лик на иконата, Пречистата се сети на Своето некогашно пророштво за Себе и рече: „Отсега ќе ме нарекуваат блажена сите поколенија (Лука 1, 48)“. Потоа изговори: „Благодатта Моја нека биде со оваа икона“. И овие пресвети зборови на Богородица навистина се исполнија на дело, зашто со благодатта на Божјата Мајка од оваа света икона започнаа да се случуваат неискажани чудеса. Подоцна светиот евангелист Лука ја испрати оваа света икона во Антиохија кај велможата Теофил, кој ја беше примил Христовата вера, на кого свети Лука му го напиша своето Евангелие и книгата Дела Апостолски. И таа чудотворна икона, наоѓајќи се во Антиохија, беше побожно и молитвено почитувана не само од Теофил туку и од сите тамошни христијани.
Многу години потоа таа света икона беше пренесена најпрвин во Ерусалим а потоа во Цариград, на следниот начин:
Царицата Евдокија, сопруга на благочестивиот цар Теодосиј Младиот, додека беше во Ерусалим ја зеде таа чесна икона и како подарок ја испрати на царевата сестра, света Пулхерија, како што за тоа пишува во нејзиното житие. Света Пулхерија со радост и љубов ја прими чудотворната икона и ја постави во црквата на Пресвета Богородица, наречена „Влахернска“. И таа чесна икона стана немал украс на царскиот град, зашто од неа се излеваа разни чудеса и исцеленија. По доста години иконата беше наречена „Одигитрија“ што значи „Патеводителка“. Беше наречена така затоа што Пресвета Богородица им се јави на двајца слепци и Самата ги доведе во Својата Влахернска црква кај Својата чудотворна икона, каде тие се помолија и прогледаа.
Во времето на царот Ираклија грчкото царство истовремено беше нападнато од персијците и скитите. Сарвар, војвода на персискиот цар Хозрој, и скитскиот кнез со огромна војска допреа до Цариград, го опседнаа и долго време го измачуваа отсекувајќи го од светот. Тогаш патријархот Сергиј зеде чесни крстови и свети икони, особено чудотворната икона „Одигитрија“, како и риза на Пречистата Богомајка и започна да ги обиколува градските бедеми, со солзи вршејќи литија и молепствија. И по милоста Божја, со посредството на Пресвета Богородица, престолнината на чудесен начин беше спасена од варварите и на правоверните им беше дадена славна победа над персијците и скитите. Зашто кога патријархот и духовништвото, по усрдните молепствија пред иконата на Пречистата Богомајка ја спуштија Нејзината риза во водата, морето се разбранува и ги потопи непријателските кораби. Во исто време се збунија и непријателите на копното, та војската без мака ги разби. Во спомен на ова прекрасно чудо на Пресвета Богородица, беше востановено секоја година во петтата сабота на Великиот пост да се чита благодарствен акатист на Пречистата Богомајка.
Кога по многу години во Цариград се појави иконоборната ерес, некои православни свештеници ноќе ја зедоа кришум чесната икона „Одигитрија“ од влахернската црква и ја однесоа во манастирот Пантократор. Ја сокрија во еден од манастирските ѕидови, запалија кандило пред неа, со солзи се помолија, па ја соѕидаа за да не се поругаат со неа иконоборците. И чудотворната икона остана тука долги години, додека не изгинаа покровителите на иконоборната ерес. А кога во Црквата настапи мир и престана гонењето против иконите, долго трагаа по чудотворната икона на Пресвета Богородица „Одигитрија“, и најпосле, со Божјо откровение, ја најдоа сокриена во црковниот ѕид на Пантократоровиот манастир. Притоа го најдоа и кандилото како гори пред неа, одамна запалено од свештениците кои ја сокрија овде. Штом слушнаа дека чудотворната икона „Одигитрија“ е пронајдена, верните со голема радост свечено со песнопеења ја пренесоа во Влахернската црква.
ПРАЗНИК НА ЧУДОТВОРНАТА ИКОНА НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА „ТИХВИНСКА“
Во 1382 година, за време на царувањето на великиот кнез Димитриј Јованович, при светиот митрополит на цела Русија, Пимен и при Новгородскиот епископ Алексиј, во Русија се појави пречесна икона на Пресвета Богородица, која на Својата лева рака го држи предвечниот Младенец, нашиот Господ Исус Христос. Ова јавување се случи на следниов начин:
Во околината на Велики Новгород, недалеку од Варјашкото Море, во водите на големото езеро Нево ловеа рибари. Додека ловеа одненадеж ги осветли пресветол зрак од небото, и тие здогледаа како низ воздухот оди, носена со невидлива рака, икона на Пресвета Дева Богородица.
Запрепастени од таа глетка, рибарите се преплашија и израдуваа, па ја оставија својата работа и ги вперија очите во тоа прекрасно чудо, сакајќи да дознаат каде оди светата икона и каде ќе застане. Но Бог не им ја исполни желбата. Светата икона се сокри од нивните очи и стана невидлива.
После тоа таа икона на Пресвета Богородица се јави во Новгородскиот крај, во селото Вимоченица, на реката Ојата, недалеку од Тихвин. Се јави тука стоејќи во воздухот и блескајќи со неискажана светлина. Кога ја здогледаа оваа необична појава, сите жители на тоа село се собраа, и преплашени му се восхитуваа на чудото, па потоа започнаа усрдно да ѝ се молат на Пречистата Богомајка. Тогаш чудесната икона на Небесната Владичица се спушти низ воздухот кај луѓето. Тие со неискажана радост ја примија, па веднаш се потрудија и изградија црквичка во која ја сместија светата икона. Подоцна на тоа место беше изградена црква во чест на чесното и славно раѓање на Пресвета Богородица. И се случуваа многу исцеленија од таа света икона.
По некое време, оваа света икона беше земена од таму со невидлива рака и носена низ воздухот се појави на местото викано Кожела, на гората близу реката Паша во околината на Тихвин. Се појави на ист начин како и во првото село. Кога ја здогледаа како блеска со чудесна светлина, се собраа сите жители од тоа место, и восхитени и запрепастени, усрдно се молеа на Богомајката да остане со нив. Молитвата им беше исполнета. Светата икона се спушти кај нив на земјата. Тие ѝ изградија црквичка, каде подоцна беше изградена црква во чест на чесниот Покров на Пресвета Богородица. Но Пресвета Богородица не благоволи Нејзината икона да остане долго во тоа место. По некое време таа и оттаму беше земена невидливо и носена на лесен облак по воздухот, се запре близу градот Тихвин, на реката Тихвинка.
Тоа се случи на ист начин како и порано. Чесната икона се носеше низ воздухот како облак. Така чудесно и натприродно беше патувањето на Богомајката! Привлечен од тоа огромно чудо, многу народ се собра таму од градот Тихвин и околните села. Со него дојдоа и свештеници со крстови и икони, и вршеа долги молитви, пеејќи псалми и свештени песни. И сите со солзи повикуваа:
- Дојди кај нас, Царице! Дојди кај нас, Владичице! Погледни на нас, недостојните Твои слуги! Посети нѐ одозгора, и со Твоето светозарно доаѓање просвети ги помрачените од гревовите!
Додека тие усрдно се молеа со многу солзи, светата икона се спушти во нивните раце, и тие радосно ја прегрнуваа и со љубов ја целиваа, творејќи пред неа многу метанија и молитви. И веднаш се зафатија со сечење на дрва за градење на црквичка. Во истиот ден како темел поставија три реда дрвена граѓа, оградувајќи ја чудотворната икона. Приквечер народот се разотиде и останаа неколку луѓе кај чудотворната икона, за ноќта да ја поминат во молитва. Тие навистина ноќта ја поминаа молејќи се, но в зори задремаа од умор. Додека спиеја, се случи вакво необично чудо:
Чудотворната икона на Пресвета Богородица, заедно со темелот на црквичката, по наредба Божја, оттаму беше пренесена на друго место. Покрај тоа и целокупната дрвена граѓа, подготвена за црквичката, заедно со темелот и иконата, со невидливи раце беше пренесена на тоа друго место. И не само граѓата, туку дури и иверките до најситното парче беа невидливо пренесени а никој од оние што стражареа не го виде ниту пак слушна тоа. Кога се разбудија и не ги најдоа на своето место ниту иконата на Пресвета Богородица, ниту темелот на црквичката, ниту граѓата, ги обзеде огромен страв, ужас и недоумица.
Изутрина околните жители повторно се собраа за поклонение на пречесната икона на Пресвета Богородица и за градбата на новата црквичка. Но кога не најдоа ништо на тоа место многу се зачудија, а чуварите раскажаа сѐ што се случи.
Луѓето многу се натажија што се лишија од тоа чудесно духовно богатство, па започнаа да плачат и ридаат и да Му се молат на Бога, повикувајќи:
„О, Владико, Човекољупче! Јави ни го повторно Твојот божествен дар, кој човекољубиво и преславно си го испратил на руската земја! Не сокривај го од нас тоа непроценливо богатство, со кое се надевавме да ја збогатиме нашата духовна бедност. О, Владичице, Мајко милосрдна, каде си отишла од нас, недостојните Твои деца? Вчера со Своето доаѓање кај нас Ти нѐ исполни со огромна радост, а сега со своето заминување нѐ фрли во огромна тага, солзи и ридање. Јави ни се повторно, светлино наша, и жалоста наша претвори ја во радост“.
Ридајќи така, тие си разотидоа со расплакани очи, барајќи ја оваа икона и по воздухот и по земјата. И нивното усрдно трагање не беше залудно. Наскоро здогледаа необична светлина на исток, од другата страна на реката Тихвинка, во пусто шумско мочуриште, оддалечена две стадии од гората. Штом ја здогледа светлината, сиот народ полета кон неа и ја најде таму иконата на Пресвета Богородица, заедно со темелите на црквичката и целокупната граѓа. Дрвениот темел стоеше целосен како што беше поставен на гората, а светата икона се наоѓаше на неговата источна страна, висејќи во воздухот и блескајќи како сонце. Тогаш сите со солзи радосници припаднаа пред светата икона, кликнувајќи:
„Слава Тебе, Христе Боже! Слава Тебе, Мајко Божја, што не нѐ остави нас, слугите Твои. Те молиме, никогаш не оставај нѐ, туку секогаш пребивај со нас, спасувај го и чувај го словесното стадо на Твојот Син“.
Откако се помоли, народот се зафати со работа и ја доврши градбата на капелата. Потоа избраа чесни луѓе и ги испратија во Велики Новгород кај преосветениот епископ Алексиј и кај градоначалникот, со известување за преславното јавување на чудотворната икона, која невидливо, од Ангели носена по воздухот, дојде кај нив незнајно од каде.
Архиепископот и градоначалникот се восхитија кога го слушнаа тоа и исполнети со духовна радост, со благодарност Го прославија Бога и Божјата Мајка. За тоа го известија и великиот московски кнез Димитриј Јованович, та и тој многу се радуваше. Потоа преосветениот архиепископ хиротониса неколку презвитери и ѓакони за Тихвин, па заедно со пратениците дојдени кај него, ги испрати давајќи им антимис и благослов за градба и осветување на црква на реката Тихвинка, во името на чесното и славно Успение на Пресвета Богородица.
Кога дојдоа на реката Тихвинка, тие се помолија пред чудотворната икона и започнаа со градбата на црквата, која ја завршија пред празникот Успение на Пресвета Богородица. Со намера на тој празник да се изврши осветување на храмот, тие испратија црковници во околните села да ги известат христијаните за денот на осветувањето на црквата и да ги предупредат со пост и молитва да се подготват за таа свеченост.
Тој црковник, на име Георгиј, беше праведен, богобојазлив и богоугоден човек. Кога го изврши нареденото, и во денот на претпразненството се враќаше кон црквата, недалеку во пустата шума почувствува неискажлив благомирис, како од многу темјан и прекрасни мириси, зашто благодатта на Светиот Дух со своето присуство го омириса местото на кое што требало да се јави лично Пресвета Богородица. Одејќи, Георгиј си размислуваше и се прашуваше од каде таков благомирис во пустината. Одеднаш тој Ја здогледа Пречистата Мајка Божја, Која седеше на борова клада, блескајќи со неискажана светлина, со пурпурен жезол во Својата десна рака, на кој како да се потпираше. Пред Неа стоеше светол маж, во архиерејска облека, украсен со седост, кој со својот изглед потсетуваше на свети Никола Мирликиски. Кога ја здогледа оваа необична појава, црковникот го обзеде страв и ужас и падна на земјата како мртов. А светителот кој стоеше покрај Пресвета Богородица му пријде, го допре и му рече:
„Стани, не плаши се!“
Георгиј се крена на колена со трепет и радост, ги прекрсти рацете на градите и го посматраше прекрасното видение. Тогаш Пречистата Дева му рече:
„Георгиј! Оди кај Мојата црква и речи им на свештениците и на сите луѓе, да не го ставаат железниот крст, кој тие сакаат да го постават на Мојата црква, туку нека стават дрвен, зашто таква е Мојата волја“.
Откако се прибра малку, Георгиј со страв ѝ рече на Пречистата:
„Госпоѓо, Владичице! Нема да ми поверуваат!“
На тоа присутниот светител му рече:
„Ако не ти поверуваат, тогаш ќе се даде знак за да поверуваат“.
По овие зборови, станаа невидливи. Тогаш црковникот потполно се убеди дека навистина му се јави Пресвета Богородица и големиот чудотворец свети Никола. Тој падна на земјата, и Му принесе молитва и благодарност на Бога што го удостои на таквото преславно видение.
Штом дојде кај црквата, црковникот им раскажа на свештениците и народот што виде и што слушна. И тие не му поверуваа, туку им наредија на работниците да го постават железниот крст на црквата. Но, кога еден од работниците по наредба на свештеникот го зеде крстот, се качи на црковниот кров и започна да го мести, ненадејно зафати страшно невреме со силен ветар, И тој работник заедно со железниот крст го дофати од кровот и како со раце го симна на земјата без да го повреди. Изгледаше како да не паднал од висина туку со своите нозе да се симнал. Кога го видоа тоа страшно чудо, свештениците и сиот присутен народ многу се уплашија и им поверуваа на зборовите на црковникот. Потоа веднаш направија дрвен крст, го поставија на црквата и со огромна радост го прославија нејзиното осветување, а воедно и празникот Успение на Пресвета Богородица. Тогаш од чудотворната икона на Пречистата Богомајка се случуваа премногу чудеса и се даваа најразлични исцеленија како тогаш така и во иднина.
По осветувањето на црквата на Пресвета Богородица на реката Тихвинка, сиот народ се упати кон местото каде богоугодниот црковник Георгиј ги виде Пресвета Богородица и чудотворецот Никола. Откако се помолија на тоа место, тие подигнаа и капела во име на светиот Никола Чудотворец. А од боровата клада на која седела Пресвета Богородица, изработија крст и го поставија на капелата за сенародно поклонение и незаборавно сеќавање на јавувањето на Пресвета Богородица со свети Никола. И во таа капела, како и во споменатата црква на Пресвета Богородица, се случуваа чудеса во слава Божја а за корист на верните.
По седум години, од немарност на црковникот, а со Божјо допуштање, ноќе од неизгасена свеќа се случи пожар во Тихвинската црква на Богомајката. Црквата се претвори во пепел, а чудотворната икона со невидливата сила Божја изнесена од огнот, се најде како стои меѓу смреките недалеку од тоа место. Во исто време во пустината изгоре и капелата на свети Никола, а пак крстот изработен од кладата на која седела Пресвета Богородица, исто така со невидлива сила беше изнесен од огнот и стоеше во смрековата шума недалеку од капелата.
На местото на изгорената црква беше изградена друга дрвена црква. Исто така и во пустината беше изградена нова капела. И во новоизградената црква чесно беше поставена на своето место чудотворната икона на Пречистата Богомајка.
Исто така и оној крст го зазеде своето место во новата капела. Но по пет години црквата повторно изгоре до темел, а чудотворната икона на нашата Пресвета Владичица, како несогорлива капина, беше најдена неоштетена во пепелта. Во исто време изгоре и капелата во пустината, незнајно како, а оној крст беше најден во пепелта неоштетен. Сите се восхитуваа на таквите чудеса и Ги прославуваа Бога и Пречистата. Потоа се потрудија, та и по трет пат изградија дрвена црква, само поголема и поубава од претходните две. Исто така, и по трет пат изградија капела во пустината. Оваа трета црква опстоја повеќе од сто години, сѐ до царувањето на благоверниот серуски велик кнез Василиј Јованович.
Поттикнат од особена ревност и усрдност спрема Пречистата Дева Богородица, и љубов спрема Нејзината чудотворна икона, великиот кнез Василиј нареди со негови средства на Тихвинка да се изгради камена црква наместо дрвена. Наскоро црквата со паперта беше готова. Кога мајсторите започнаа да ги глетуваат и белат зидовите во папертата, таа, по неиспитаната промисла Божја, се сруши и со своите камења затрупа дваесет работници. Свештениците, надзорниците и сиот народ многу тагуваа за затрупаните работници, зашто мислеа дека сите загинале под урнатините. И веднаш започнаа со раскопување. По тридневна работа ги раскопаа урнатините и сите работници ги најдоа живи и неповредени, сочувани по милосрдието Божјо и со помошта на Пречистата Богомајка.
Сите се израдуваа на ова преславно чудо и Им благодареа на Христа Бога и Неговата Пречиста Мајка. Потоа повторно се зафатија со работа и набрзо изградија прекрасна паперта. И кога храмот беше завршен и украсен, на неговото осветување, по желба на великиот кнез, дојде преосветениот Серапион, архиепископот Новгородски. Тој ја освети црквата и ја внесе во неа чудотворната икона на Пресвета Богородица.
Извесно време по осветувањето на црквата, на Тихвинка дојде великиот кнез Василиј Јованович, привлечен од љубовта кон Пресвета Богородица. Тој сакаше да ја види и целива Нејзината чудотворна икона и усрдно да ѝ се помоли, но и да ја разгледа вовоизградената црква. Во тоа време архиепископ на Велики Новгород беше преосветениот Макариј, кој потоа по Божја волја стана митрополит Московски. Тој дојде заедно со великиот кнез на Тихвинка, и пред чудотворната икона со солзи сотворија долги молитви, па потоа се вратија, архиепископот во Новгород, а великиот кнез во Москва.
По претставувањето на благочестивиот кнез Василиј Јованович, на престолот стапи неговиот син Јован Василевич, кој прв се крунуса за цар. Слично на својот татко, и тој имаше голема вера и усрдност кон Пресвета Богородица и кон Нејзината чудотворна икона на Тихвинка. И како некогаш неговиот татко, така и сега тој сам дојде таму на поклонение.
Кога виде дека со црквата на Тихвинка управуваат мирски свештеници и ѓакони, тоа не му се допадна, и намисли тука да основа манастир. Се посоветува со митрополитот московски Макариј, со Новгородскиот архиепископ Пимен и со кнезовите и болјарите свои, и нареди сите околни села и мирските свештеници кои беа при црквата, да се преселат на друго место, далеку од црквата, а таму да се доведат монаси и да се отпочне со градба на манастир. За кратко време со средства од царот, на Тихвинка беше подигнат прекрасен манастир, целиот од камен, и ограден со камени ѕидови. И во него беше воспоставено житие како и во останатите големи манастири. Прв игумен на овој манастир беше Кирил. И многу доблесни монаси, привлечени од чудесата на иконата на Пресвета Богородица, започнаа да ги напуштат своите пустински живеалишта и да доаѓаат во Тихвинската обител.
Меѓу првите кои дојдоа таму, додека манастирот сѐ уште се градеше, беше инокот Аврамиј. Дотогаш тој се подвизувал во Сергиевиот манастир на Великите Лаци, оддалечен околу петстотини потркалишта од Тихвинската обител. Овој Аврамиј, како што самиот раскажуваше, долго време боледувал во својот манастир, и веќе се подготвувал за смртта. А неговиот богоугоден наставник Мартириј, кој многу имал слушано за чудотворната Тихвинска икона на Пресвета Богородица, и за најразличните исцеленија што таа им ги дава на болните, го посоветува Аврамиј да се завети дека ќе појде на Тихвинка и ќе се помоли на Пречистата Божја Мајка. Болниот Аврамиј веднаш се завети дека ќе појде таму и ќе ѝ се помоли на Пресветата и во тој час се исцели од својата долга и тешка болест. Откако на тој начин се врати од смртта, тој веднаш стана од болничкото легло потполно здрав и со радост Го славеше Бога. Се радуваше со него и неговиот наставник Мартириј и се восхитуваше на ваквото чудо на Пресветата Богомајка. Тој му нареди на својот ученик без одлагање да појде на Тихвинка и да го исполни своето ветување.
Аврамиј веднаш тргна на пат, и кога стигна во Тихвинската обител богобојазливо го исполни своето ветување. Со солзи радосници, припаѓајќи пред светата икона на Богомајката, тој ја целиваше и ѝ благодареше со сета своја душа, а на сите присутни им раскажа за милоста со која го опсипа Пресветата Богомајка. Тоа дојде до ушите на новгородскиот архиепископ Пимен, кој во тоа време се наоѓал на реката Тихвинка и го надгледувал ставањето на темелите на манастирот, па се исполни со духовна радост и Го прослави Господа и Неговата Пречиста Мајка. Тој не му дозволи на Аврамиј да се врати кај својот старец Мартириј, туку му ги предаде клучевите од црквата, за тој, во знак на благодарност за неискажаната милост на Божјата Мајка кон него, прв да доаѓа во Нејзиниот храм и последен да заминува, отворајќи го пред почетокот на богослужението и затворајќи го по завршетокот.
Но, по заминувањето на Аврамиј старецот Мартириј зажали што и самиот не појде со својот ученик да се поклони на чудотворната икона на Пресветата Дева, и реши да појде штом тој ќе се врати. Ученикот долго се задржа, па тој се загрижи и во сонот имаше вакво видение:
Виде огромен огнен столб кој стоеше на страната каде што се наоѓаше Тихвин и на врвот на столбот имаше икона на Пресвета Богородица, како Тихвинската, и блескаше како сонце. Мартириј го обзеде силна желба да ја целива таа икона, и во такво расположение се разбуди. Тогаш го обзеде уште посилна желба на јаве да ја види таа света икона и да ја целива. И тој веднаш остави сѐ и веднаш се упати кон Тихвин. Кога стигна таму и ја здогледа иконата на Богомајката, падна пред неа со огромна радост и солзи. Притоа го виде и својот ученик потполно здрав, и не сакаше да се врати во својот манастир, туку остана во Тихвинската обител, за да може секојдневно да ја гледа чудотворната икона на Богомајката.
Но, по некое време, по Божјо благоволение, Мартириј беше преселен на друго пустинско место, подалеку од Тихвинската обител, над кое една ноќ Аврамиј виде крст на небото составен од ѕвезди, кои го осветлуваа целиот тој крај. Кога се пресели на тоа место блажениот старец Мартириј зеде со себе и копија на чудотворната икона на Пресвета Богородица и живееше во таа пустина во безмолвие, во молитвено тихување и богоразмислување, служејќи Му на Бога и ден и ноќ. А копијата на чудотворната икона на Пресвета Богородица тој насекаде ја носеше со себе, каде и да одеше. Еднаш му се случи да биде во градот Твера, во кој по наредба на царот и великиот кнез Јован Василевич тогаш живееше казанскиот цар Симеон. За време на престојот на старецот Мартириј во тој град, на царот Симеон му умре синот Јован, кој претходно боледувал долго. Старецот ја положи врз мртвиот иконата на Богомајката што ја носеше со себе, и тој веднаш воскресна. Симеон многу се израдува и Му изнесе огромна благодарност на Господ Бог и на Пречистата Богомајка. Потоа во знак на благодарност тој во неговата пустина изгради камена црква во име на Пресвета Богородица и крај неа подигна манастир.
Сега повторно ќе се вратиме на Тихвинската обител, односно на Тихвинската чудотворна икона на Пресвета Богородица за барем делумно да ги раскажеме Нејзините чудеса.
Од денот на јавувањето на светата икона на Тихвинка до изградбата на манастирот изминале сто седумдесет и седум години. За тоа време црквата ја држеа мирски свештеници и многу чудеса се случуваа од чудотворната икона на Пресвета Богородица, и најразлични исцеленија се даваа од неа, но тие чудеса никој не ги запиша за поука на идните поколенија. Така сега ние сме лишени од огромна духовна корист, заради простота на тогашните црковни свештенослужители. Но и по градбата на манастирот останаа незапишани многу чудеса, или од простота или од немарност. И тоа малку што дошло до нас ние го собираме, како преостанато класје после жетва.
Некој човек на име Теофил, кој четири ипол години бил слеп, прогледал молејќи се пред иконата на Пречистата Богомајка. Тоа се случило во 1581 година.
Во таа иста година, едно момче на име Харалампиј, кое беше бесомачно, штом го доведоа до чудотворната икона на Пресвета Богородица, се ослободи од нечистиот дух.
Слепецот Захариј, кој пет години не ја имаше видено светлина, штом го доведоа до светата икона, веднаш прогледа.
На еден човек на име Климент, кој живееше во царскиот град Москва, му се разболе сопругата Параскева. Цела година таа лежеше на постела и со целото тело многу патеше од болеста. Од страшните болки полуде и го изгуби видот. Нејзиниот сопруг ги употреби сите средства за да ја излечи, но беше залудно. Тој започна да очајува. Во меѓувреме слушна дека во Тихвин постои чудотворна икона на Пресвета Богородица, која им дарува милост и брзо исцеление на сите кои со вера прибегнуваат кон неа. Полн со надеж, тој започна да ја убедува својата жена да ѝ вети на Богомајката дека ќе појде да се поклони на Нејзината Тихвинска чудотворна икона. Жената вети и веднаш во истиот момент стана од постелата потполно здрава, како да се разбудила од сон. Притоа целото тело ѝ оздраве, но очите ѝ немаа вид. Тогаш и двајцата веднаш појдоа во Тихвин, заеднички да го исполнат даденото ветување. Кога стигнаа во Тихвинската обител на Богомајката, во првата сабота на Великиот Пост, тие веднаш влегоа во црквата кај светата икона на Пречистата, се помолија пред неа и сотворија молебно пеење. Во истиот ден беа на сеноќно неделно бдение и по милосрдието на Пресвета Богородица жената прогледа. Сите во црквата го видоа тоа чудо и Ги прославија Бога и Богомајката. А исцелената жена и нејзиниот сопруг, откако заблагодарија, со радост се вратија во својот дом. Тоа се случи во 1583 година.
Во 1586 година, на празникот Покров на Пресвета Богородица, во Тихвинската обител беше доведен еден слепец на име Георгиј, кој додека се молеше пред чудотворната икона на Пречистата, прогледа со десното око. И без некој да го води, се врати во својот дом, славејќи Го Христа Бога и Неговата Пречиста Мајка, што прогледа на едното око.
Неколку дена потоа, во обителта кај чудотворната икона на Владичицата донесоа човек на име Андреј. Петнаесет години тој беше фатен, глув и нем. Кога пред иконата на Пречистата му прочитаа молитви за негово исцеление, веднаш му се врати слухот, му се разврза јазикот, се ослободи од фатеноста, целото тело му оздраве, и тој застана на нозе како потполно здрав човек.
Една жена на име Мавра седумнаесет години беше потполно слепа. Доведена кај чудотворната икона на Пресветата Богомајка, таа целосно прогледа. Тоа се случи во 1587 година.
Во истата година, на четврти март, во Тихвинската обител доведоа едно момче од Велики Новгород на име Георгиј. Тоа беше обземено од нечист дух, кој шест години луто го мачеше. Донесено пред светата икона на Богомајката, мрачниот дух, не можејќи да ја поднесе светлината на благодатта, која се лееше од чудотворната икона, веднаш излезе од болното момче, исчезнувајќи како темнина пред сонцето, и момчето веднаш оздраве.
Една вдовица Јулијана тешко се разболе од очите и беше слепа две години. Кога слушна за чудотворната Тихвинска икона на Пресвета Богородица и за неискажаните исцеленија од неа, таа со силна вера кон Богомајката вети дека ќе појде да се поклони. И веднаш во истиот момент Пресветата Владичица ѝ го врати видот и таа прогледа. Тогаш Јулијана веднаш тргна во Тихвинската обител за да ѝ заблагодари на Пречистата. Кога стигна го исполни своето ветување и на сите им раскажа за чудесната милост што ѝ ја укажа Богомајката. Тоа се случи во 1589 година.
Истовремено, еден човек на име Акиндин, на кого нозете му беа згрчени и две години воопшто не можеше да оди, дојде пред чудотворната икона на Владичицата наша Богородица, и штом се помоли пред неа, нозете веднаш му се исправија и тој започна да чекори пред сите, благодарејќи Му на Бога и на Неговата Пречиста Мајка.
Во истата година, на 10 август, во светата Тихвинска обител, доведоа едно слепо момче на име Јона од Велики Новгород. Тоа доби вид од чудотворната икона на Пресвета Богородица.
Друго момче, на име Максим, во кое имаше нечист дух, беше доведено од своите родители пред чудотворната икона на Пречистата. И додека сѐ уште патуваа, момчето доби небесна помош од Преблагословената Мајка Божја: со силата Божја нечистиот дух беше истеран од него. Кога стигнаа во манастирот тие раскажаа за тоа чудо, и сите им принесоа благодарност на Бога и Богомајката. Тоа се случило во 1591 година, на шести септември. Една жена на име Елена, која две ипол години беше потполно слепа, прогледа пред чудотворната икона на Богомајката во неделниот ден на Литургијата, за време на пеењето „Достојно ест“...
Во 1593 година, на празникот Успение на Пресвета Богородица, друга слепа жена на име Марија, доведена кај чудотворната икона на Пречистата прогледа со благодатта Нејзина.
Исто така, еден човек на име Климент, по занает златар, го изгуби видот и молејќи се пред чудотворната икона на Пресвета Богородица прогледа.
Друг слепец на име Филип, пет години немаше видено бело видело. Го доведоа во Тихвинската обител во неделата на Православието. Стоејќи и молејќи се пред чудотворната икона на Пресвета Богородица, тој за време на Светата Литургија, при пренесувањето на Чесните Дарови, целосно прогледа. Тоа се случи во 1596 година.
Во истата година од Москва дојде еден човек Кирил, слеп на едното око. Молејќи се пред иконата на Пресвета Богородица, тој прогледа. Притоа, еве што ни раскажа за себе. Разболувајќи се од силна главоболка, тој од неподносливите болки ослепел на двете очи. Шест месеци не видел светлина ниту болките му се намалиле и неговите многу се грижеле за него. Тогаш неговата сопруга имала видение на сон, при што слушнала вакви зборови:
„Твојот сопруг нека појде во Тихвин кај чудотворната икона на Пресвета Богородица, и таму ќе биде исцелен. Ако не појде, пострашно ќе пострада“.
Штом се разбудила, жената му раскажала на својот сопруг, веднаш започнала да се моли и дала ветување дека ќе појде. Во истиот час болките му престанале и тој прогледал со двете очи. Но, одложувајќи го исполнувањето на своето ветување, тој најпосле целосно заборавил на него и затоа по некое време повторно му се вратила поранешната болест и тој ослепел и со двете очи. Тогаш се сетил за неисполнетото ветување и започнал да плаче и да рида, да се кае и повторно да се моли на Пресвета Богородица, заветувајќи се дека ќе го исполни своето ветување. И по милосрдието на Пресветата Владичица, тој повторно прогледа, но само на едното око а другото му остана слепо. Тогаш тој, без одложување веднаш се упати во Тихвин и штом ја здогледа таму чудотворната икона на Пречистата, со едното око му се отвори и другото.
На деветти декември, во истата 1596 година, во манастирот допатуваа дваесет и тројца мажи, предводени од своите старешини Григориј и Михаил. Откако извршија благодарно молепствие пред чудотворната икона на Пресвета Богородица, тие раскажаа за себе. Наоѓајќи се далеку на Северното Море во лов на морски ѕверови, морска бура ги задржала многу денови на едно пусто место. Останале без храна и долго гладувале, та им се заканувала смрт. И така, во очекување на смртта, секој се молел на Бога за прошка на своите гревови. Притоа тие се сетиле на Тихвинската чудотворна икона на Пресвета Богородица и започнале усрдно да ѝ се молат. Во првата ноќ, на еден од нив на сон му се јави Пресвета Дева Марија и му нареди да им каже на сите да се хранат со една трева која растела таму, додека времето да се подобри, па потоа да се вратат дома. Ова свое видение тој им го раскажа на своите другари. И кога вкусија од тревата, таа беше многу вкусна и заситна како леб. Им беше како што беше манната во пустината на Израилците и тие се хранеа со неа дваесет дена, сѐ додека не престана бурата.
Во Тихвинската обител дојде една жена на име Елена и раскажа за себе дека три години била слепа. Но, поттикната со вера, таа наредила да ја однесат кај Тихвинската икона на Богомајката. Попат ненадејно прогледала и до манастирот дошла без ничија помош. Тука и таа ѝ оддаде благодарствено поклонение на Божјата Мајка пред Нејзината чудотворна икона.
Исто така и еден човек на име Мамант, допатува од Белоезерските краеви и за себе раскажа како долго време бил слеп, но штом дал ветување дека ќе појде во Тихвин на поклонение на чудотворната икона, веднаш прогледал. Тоа се случило во 1597 година.
Во истата година, од тие исти краишта, дојде друг човек на име Диомит и исто така раскажа како цела година лежел фатен, па откако се сетил на Тихвинската чудтворна икона на Пресвета Богородица, започнал да ѝ се моли и да ветува дека ќе појде да ѝ се поклони. И во тој час станал здрав и веднаш го исполнил своето ветување.
Во истата година, еден човек на име Пимен, обземен од лут демон, окован во синџири од своите роднини, бил поведен кон Тихвинската чудотворна икона на Пресветата Владичица. И на половина пат болниот добил исцеление со милосрдието на Пречистата. Демонот излегол од него и тој потполно здрав дошол во манастирот и ѝ се поклонил на својата брза Исцелителка. Тоа се случило на деветти декември.
Еден човек на име Кодрат се разболел од главоболка и бил слеп веќе година дена. Кога слушнал за Тихвинската чудотворна икона на Богомајката, тој со умиление се помолил, дал ветување дека ќе појде да ѝ се поклони и веднаш прогледал. Но, одложувајќи го патувањето за долго време, тој потполно заборавил на него. По десет години повторно ослепел на ист начин. Покрај тоа, тој не се сетил на своето ветување додека не бил опоменат на сон. Во сонот видел еден човек, кој му рекол:
„Појди кај Пречистата Богородица во Тихвин, и исполни го своето ветување. Ако не појдеш, нема да прогледаш“.
Штом се разбудил, тој се сетил на своето ветување, го осознал својот грев и веднаш тргнал во Тихвинската обител. Усрдно молејќи се таму, пред чудотворната икона на Пречистата, тој прогледал, по Нејзиното милосрдие.
На еден човек на име Јован, кој долго време тешко боледувал и бил близу смртта, му се јавил на сон светителот Христов Никола и му рекол:
„Ако сакаш да бидеш здрав и жив, вети ѝ на Пресвета Богородица дека ќе појдеш и ќе се поклониш на Нејзината чудотворна икона на Тихвинка“.
Штом се разбудил, Јован веднаш започнал со солзи да се моли и да ветува дека ќе појде и ќе се поклони на Нејзината света икона. Во тој час веднаш оздравел и отпатувал во Тихвинската обител и со благодарност го исполнил своето ветување. Тоа се случило во август 1599-та година.
Во истата година во Тихвинската обител била доведена една слепа жена на име Марија, која десет години не беше видела бело видело. Откако се помоли пред чудотворната икона на Пресветата, таа прогледа.
Друга жена на име Евдокија, од околината на езерото Оњега, бесомачна и фатена, притоа со сува рака, штом даде ветување дека ќе појде кај Тихвинската чудотворна икона на Пречистата, веднаш се исцели во својот дом. Зашто духот нечист побегна од неа и одземените делови од телото ѝ оздравеа. Единствено раката ѝ остана неисцелена, за да не го заборави своето ветување. А кога дојде во Тихвинската обител и се помоли на Божјата Мајка пред Нејзината икона, раката ѝ оздраве. Тоа се случи во 1603 година.
Хромиот и слеп човек Јован даде ветување дека ќе појде на поклонение на чудотворната икона на Пречистата, и по милосрдието на Богомајката доби исцеление во својот дом. Штом прогледа нозете му се исправија и тој веднаш отиде во Тихвинската обител на први март 1606 година и ѝ принесе благодарност на својата Пречиста Исцелителка.
Исто така и многу други луѓе, болни од разни болести, во тоа време а и подоцна, веднаш се исцелуваа штом ќе дадеа ветување дека ќе појдат на поклонение пред Тихвинската чудотворна икона на Пресвета Богородица.
„Ние знаеме, вели еден тихвински летописец, дека од оваа света икона никогаш не престанувале прекрасните чудеса. Тие се излевале од неа како жива вода од извор, врз сите кои со вера ѝ пристапувале. Така, многу слепци добија вид, бессомачни се ослободија од бесови, глуви прослушаа, фатени оздравеа, неми проговорија, болни во нозете скокаа како елени, болни од главоболка се исцелија. Дури и по далечните покраини, најразлични болни штом ќе се заветеа на чудесната икона, набрзо добиваа помош од неа. Со еден збор секој кој со вера ќе се обратеше на заштитата на Богомајката, наскоро ја добиваше потребната помош“.
За време на царувањето на благочестивиот цар и велик кнез Василиј Јованович Шрујски, со допуштање Божјо, заради нашите гревови, настанаа големи немири во Руската земја, од една страна од внатрешни расправии, од друга страна од надворешни непријатели. И се проливаше крвта на православните христијани. Царскиот град Москва го зазедоа погранични иноверни луѓе, а Велики Новогород со целата своја област го освоија Варјагите. Во тоа време и Тихвинската обител се наоѓаше под власта на варјагите и беше многу угнетувана. Но, по милоста Божја и Неговата семоќна помош, растурената руска војска се собра, се одзеде од иноверците царскиот град Москва и во него се зацари благоверниот цар и велик кнез Михаил Тодорович. Тој испрати своја војска и во пределите на Велики Новгород против варјагите, и таму кај реката Устие, тие беа победени и се здадоа во бегство. Царската војска ги достигна кај реката Тихвинка, па многумина уби а други зароби.
Кога слушна за таквиот пораз, варјашкиот војвода, кој господареше со Велики Новгород и во него имаше огромна војска, многу се разгневи. Сакајќи да им се одмазди на русите за овој пораз, тој испрати свои војски со меч и оган целосно да ја опустошат и разорат Тихвинската обител, заедно со сите околни населби. Кога дознаа за тоа, жителите со жените и децата се собраа во обителта, оградена со камени ѕидови. Тука тие заедно со монасите и малубројните царски војници се затворија и се надеваа не толку во цврстината на зидовите, колку во помошта и заштитата на Пресвета Дева Богородица, како несоборлива тврдина. Кога стигнаа, варјагите го опседнаа манастирот од сите страни и започнаа да го напаѓаат. Сите во манастирот беа преплашени. Додека едни се наоѓаа по ѕидовите и се биеја со непријателите, други собрани заедно со монасите во црквата, со солзи се молеа на Бога и Пресвета Богородица пред Нејзината чудотворна икона, вршејќи сеноќно бдение и просејќи од Пречистата помош за православните христијани. И помошта не изостана. Таа ноќ на една жена на име Марија, која расплакана задрема во текот на бдението, ѝ се јави во сонот Пресветата Дева Богородица и ѝ рече:
„Кажи им на сите во манастирот нека ја земат Мојата икона и со неа нека ги обиколат ѕидовите околу манастирот, па тогаш ќе ја видат Божјата милост“.
Штом се разбуди жената, веднаш им го раскажа тоа видение на сите во црквата, па со радост ја зедоа чудотворната икона на Пресвета Богородица, и со пеење на црковни песни се качија на манастирските бедеми. И тука, вршејќи литија околу манастирот, тие плачеа и повикуваа кон Пресветата Богомајка:
„Царице Небесна, погледни на неволјата на слугите Твои! Избави нѐ од непријателот кој нѐ обиколил! Јави ја силата Своја, за сите непријатели да дознаат дека со нас си Ти, нашата Заштитница“. Во тој час огромен страв ги обзеде варјагите, и тие се збунија и побегнаа од манастирот, иако никој не ги гонеше.
Но по извесно време повторно се вратија со уште посилна војска, го опседнаа манастирот, многу денови го држеа под опсада и непрестајно го напаѓаа. За време на опсадата во манастирот се наоѓаа многу луѓе од двата пола и на различна возраст. Во ваква состојба сите не се однесуваат долично како што ѝ доликува на светињата во која се наоѓаа, и затоа ги стигна гневот Божји и Господ ги остави без Својата помош. Тогаш непријателите, со допуштање Божјо, започнаа сѐ пострашно да им додеваат на опседнатите, и сите во манастирот ги обзеде огромен страв и мислеа дека им се ближи крајот. Затоа со горки солзи започнаа да се молат на чудотворната икона на Пречистата Дева:
„Богородице Дево, Ти го гледаш нашето смирение! Не оставај ја, Пречиста, обителта Своја, која Ти Самата со доаѓањето на Твојата света икона благоволи да ја создадеш! Смилувај се на Твоето стадо, Пресвета! Ти ја гледаш, Владичице, страшната навала на непријателите врз нас! Затоа не оставај нѐ нас, слугите Твои, кои немаме друга помош, освен Тебе, Владичице!“
За време на опсадата во манастирот се наоѓал слугата на Соловецкиот манастир Мартинијан, побожен и богобојазлив човек. Нему во видение му се јави Пресвета Богородица со свети Никола, преподобните Варлаам Хутински и Зосим Соловецки, и му рече:
„Мојата помош отстапи од ова свето место, затоа што многумина Го осквернија со своите нечисти дела“.
Запрепастен, Мартинијан се тргна од видението и со многу солзи им го раскажа на старешините во обителта. Кога го слушнаа тоа, тие веднаш ги пронајдоа сите осквернувачи и ги избркаа од манастирот. Потоа го исчистија и црковниот притвор и со солзи започнаа да се молат на Бога и Пресвета Богородица да не ги предаваат во рацете на непријателите. И човекољубивиот Господ, со застапништвото на Својата Пречиста Мајка, Својот праведен гнев го претвори во милосрдие, и од тој ден опседнатите започнаа да јакнат, а непријателите да слабеат. Најпосле, опседнатите, оградени со милоста на Пречистата Дева, ненадејно излегоа од манастирските ѕидини и, јурнувајќи на непријателот, започнаа јуначки да се борат со него. Со Божја помош и молитвите на Богомајката, Господ им даде славна победа над непријателите. Иако не беа многубројни, тие победија многуилјаден непријател и го натераа да бега, а некои живи заробија и ги доведоа во манастирот.
Меѓутоа варјагите и понатаму не ја оставија на мира светата обител. За да се осветат за својот срамен пораз, тие со огромна војска дојдоа под манастирот, го опседнаа, и го нападнаа од сите страни. Потоа започнаа да копаат тајни подземни приоди под манастирската капија и под ѕидините. Тогаш Пресвета Богородица повторно му се јави во ноќно видение на гореспоменатиот Мартинијан и му рече:
„Кажи им на старешините да излезат и да ги истераат свињите од Мојот дом, зашто насекаде наоколу раскопаа сѐ. Веќе самиот праг на капијата го поткопаа“.
Истовремено исто такво јавување и наредба на Пречистата имаше и друг човек на име Григориј. И двајцата ги известија за тоа сите во манастирот.
Во истата ноќ, Господ им испрати на непријателите варјаги страшно видение. Тие, од страната на која се наоѓала Москва, здогледале како кон манастирот доаѓа многубројна вооружена војска со многу светли крстоносни бајраци. Мислејќи дека е царска војска која им доаѓа на помош на опседнатите во манастирот, тие се исплашија и сакаа да бегаат. Но се задржаа со надеж дека со помош на своите ровови ќе ги срушат капијата и ѕидовите.
Но опседнатите, поткрепени со надеж по видението на Мартинијан и Григориј, откако со солзи се помолија пред чудотворната икона на Пресветата, излегоа од манастирот како и првиот пат и јурнаа на своите непријатели. Помагајќи им на православните, Господ влеа страв и трепет во варјашките војници, и тие започнаа да бегаат и да се убиваат еден со друг во својата изгубеност и преплашеност. Притоа, тие беа гонети не толку од малубројните видливи војници, колку од безбројните невидливи војувачи. Кога видоа дека непријателот бега, православните уште повеќе се охрабрија и ги гонеа сечејќи ги како гранки, а некои живи заробија. А пак војската што излезе од манастирот уби некои од варјагите, кои беа во рововите, а некои со земја затрупа. По битката заробените варјаги раскажуваа во манастирот како изминатата ноќ виделе огромна војска која дошла во манастирот, и како таа иста војска ја виделе како излегува од манастирот и ги напаѓа додека не ги сотре и избрка. Додека го слушаа тоа, православните со солзи Им благодареа на Бога и на Пречистата Божја Мајка. Оваа славна победа се случи во месец септември, на сам ден Крстовден, во 1614-та година.
Наредната година варјашкиот војвода, со седиште во Велики Новогород многу јадосан на Тихвинската обител, кај која толку многу војска му изгина, испрати војници да го срушат манастирот до темел, чудотворната икона на Пресвета Богородица да ја исечат на парчиња, Нејзината црква камен по камен да ја разрушат и да ја уништат. Кога воената сила тргна со таква наредба кон Тихвин, веста за тоа стигна во манастирот. Сите многу се исплашија и сакаа да ја земат чудотворната икона на Пречистата, и со неа да бегаат во Москва. Но иконата не сакаше да се помрдне од своето место. Колку и да се трудеа свештениците да Ја земат во раце, пеејќи молебни песни, никако не можеа да го сторат тоа. Тогаш сфатија дека Пресвета Дева Богородица не го одобрува нивното бегство од манастирот. Затоа, полагајќи ја сета своја надеж во семоќната Царица, се затворија во манастирот и го чекаа непријателот. Тогаш брзата Помошница на православните и будна Чуварка на Својата обител, не им дозволи на варјагите ни да дојдат до Нејзината обител, туку им го попречи патот со чудесно видение. Таа пред очите на варјагите јави огромна и страшна војска, која со брзање доаѓа кон нив. Без надеж дека можат да им се спротивстават, тие побегнаа од страв, при што се газеа едни со други и се уништуваа. Од тогаш варјагите повеќе не се осмелуваа да доаѓаат кај Тихвинската обител.
Така Пресветата Дева неколку пати ја одбрани Својата обител од непријателот. Таа и Велики Новгород со неговата област набрзо го ослободи од варјашкото ропство и го предаде на православниот руски цар. И по молитвите Нејзини, настапи мир и спокојство за целото руско царство.
Неколку години по гореспоменатите неволји и опасности, кога Тихвинската обител со целата руска земја му се насладуваше на мирот, на Бога Му беше угодно, по неискажаната промисла Негова, обителта која ја сочува неповредена од варјагите да ја посети со оган, за да ги вразуми нејзините жители и да ја исчисти од секоја нечистотија. Таа страшна посета Божја на чудесен начин беше претскажена од манастирските браќа. Тоа се случило вака:
Во Тихвин живееше еден сиромав човек на име Никита, кој се правеше луд заради Бога, јуродив заради Христа. Нему, не на сон, туку на јаве му се јави преподобниот Макариј Желтоводски и му рече:
„Појди и кажи им на игуменот и браќата, строго да се воздржуваат, а особено никаков алкохол да не чуваат во манастирот, зашто пијанството станува причина на сите зла. Освен тоа, нека не пуштаат во манастирот никакви лица, особено не од женскиот пол, кои можат да предизвикаат соблазна кај браќата, освен на црковните богослуженија. Кажи им уште и непрестајно да се молат на Бога и на Пречистата Богомајка, за да ја отстранат од манастирот казната Божја - пожарот“.
Никита не го познаваше светителот, украсен со седост, и го праша кој е. Тој му одговори:
„Јас сум Макариј Желтоводски. Дојдов да се поклонам на чудотворната икона на Пресвета Богородица“.
Откако го рече тоа, стана невидлив. Никита им го раскажа своето видение на игуменот и браќата, но тие не му поверуваа, па дури и го исмеаја како јуродив.
По неколку дена од некоја ситница се запали една ќелија и огнот бргу се ширеше насекаде, и целиот манастир започна да гори. Пожарот беше толку силен, така што се претворија во пламен не само дрвените туку и многу камени градби. Тогаш монасите сфатија дека преподобниот Макариј му се јавил на јуродивиот Никита и преку него ги предупредил на гневот Божји, кој им се заканува со пожар.
Тие се покајаа и започнаа да исполнуваат сѐ што им нареди преподобниот, и усрдно Им се молеа на Бога и на Пресветата Богомајка, просејќи простување за своите гревови. И по милосрдието на Небесната Царица, за кратко време обителта повторно се обнови, та и сега стои целосна, цветајќи како крин и прославувајќи се со чудеса кои се случуваат од чудотворната икона на Пресвета Богородица. Зашто и сега, оние кои со вера доаѓаат во манастирот го добиваат тоа што го бараат, и добиваат исцеленија на чудесен начин.
Од каде оваа чудотворна икона на Пресвета Богородица по непознат воздушен пат беше пренесена во Тихвин, нема потполно јасни податоци. Но во древните ракописни книги пишува дека таа, по благоволение Божјо, дошла во Русија од Грција, од Цариград, во времето на царувањето на Јован Палеолог, на седумдесет години пред завземањето на Цариград од страна на турците (1453 г.). Тоа се гледа од следното кажување.
Во времето кога оваа чудотворна икона на Пресвета Богородица започна да се прославува на Тихвин со многу и огромни чудеса, се случи некои Новгородски побожни трговци да бидат во Цариград. Разговарајќи со нив, цариградскиот патријарх се сети на чудотворната икона што била кај нив и на таинствен начин заминала од Цариград, и ги запраша дали слушнале нешто за неа. Тогаш тие му го раскажаа и потврдија со заклетва следново:
Една чудотворна икона на Богомајката, - раскажуваа тие, - дојде на чудесен начин во Велика Русија, Бог знае од каде, и се јавуваше таму по разни места, во краевите на Велики Новгород, преминувајќи од место во место. Најпосле славно се појави на реката Тихвинка, каде изврши прекрасни и неискажани чудеса. И сега се наоѓа таму во црквата.
Тогаш сфатија дека иконата за која што се распрашуваат всушност е таа икона, и патријархот започна длабоко да воздивнува и подробно да се распрашува за неа. Потоа и самиот раскажа како таа иста икона на Богомајката еднаш преславно замина од Цариград, некаде по морето, каде што ја водеше Божјата промисла, и како по извесно време повторно се врати во Цариград, како им вршеше многу чудеса и добра на верните луѓе, и како моќна Помошница им даваше надмоќ и победа над непријателите. А сега, зборуваше патријархот, заради нашата гордост, братоомраза и другите неправди, таа засекогаш замина од нас и повеќе нема да се врати.
Откако го рече тоа со голема потресеност, патријархот појде заедно со Новгородските трговци во црквата, и им го покажа местото и кивотот каде што стоела оваа чудотворна икона на Пресвета Богородица. Тоа место беше кај десниот столб при влегување во црквата низ западната врата, но сега таму беше поставена друга икона на Пресвета Богородица, само помала од неа. И пред оваа гореше незгасливо кандило.
Кога го видоа и слушнаа сето тоа, новгородските трговци многу се восхитија и Го прославија Господа Бога и Неговата Пречиста Мајка, Која со Својата чудотворна икона твори натприродни чудеса по разни земји. Тие долго разговараа со патријархот за иконата. Патријархот за чудесата, извршени во грчката земја, а тие за чудесата кои ја восхитија Руската земја. Тие беа многу израдувани што добија такви вести за чудотворната икона на Пречистата.
Кога заминаа од Цариград и стигнаа во Русија, тогаш од нив по цела Русија се разнесе тоа што тие го слушнаа во Цариград од патријархот за чудотворната икона на Богомајката. Сѐ што им раскажа Вселенскиот патријарх за таа света икона беше запишано. Од тогаш сите се уверија дека Тихвинската чудотворна икона на Пресветата Богомајка е токму онаа која таинствено заминала од Цариград. Затоа, според местото кое оваа икона го имала во Цариград, и за неа било подготвено место кај десниот столб во Тихвинската обител во црквата, при влезот низ западната врата. И сега таа се наоѓа тука, творејќи многу неискажливи чудеса.
А бидејќи оваа чудотворна икона на Пресвета Богородица во Тихвин од многумина се нарекува и Одигитрија, и Римска или Лидска, ќе биде умесно овде да спомнеме дека во Цариград постоеле две, особено прославени со чудеса, икони на Пресвета Богородица. Едната од нив се викала Одигитрија, а другата Римјанка или Лидска. Така значи Одигитрија е една икона, а Римјанка е друга. За овие две чудотворни икони ќе кажеме нешто и сега, за секој да го знае тоа за нив.
ЗА ЧУДОТВОРНАТА ИКОНА НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА „ЛИДСКА“ ИЛИ „РИМСКА“
Пред да тргнат на пат, светиот врховен апостол Петар и светиот апостол Јован Богослов, како и останатите апостоли, за да го проповедаат Евангелието во разни краишта на земјата, тие најпрвин Го проповедаа Христа во градовите во близина на Ерусалим.
Кога беа во градот Лида, кој потоа беше наречен Диоспол, тие многу народ приведоа кон Христа Бога и таму подигнаа црква во име на Пречистата Богомајка. Во тоа време настапи затишје за христијаните, бидејќи по убиството на првомаченикот Стефан, за некое време престана гонењето на христијаните. За тоа допринела и околноста што царот Тибериј, кој многу имал слушано за нашиот Господ Христос и Неговите неискажани чудеса, нареди да не се гонат христијаните. Во тоа мирно време за Христовата Црква во Делата Адостолски се зборува вака: „Црквите по цела Јудеја, Галилеја и Самарија беа во мир, напредуваа и одеа во стравот Господов“ (Д.А. 9, 31). Откако подигнаа црква во Лида за време на тој мир, светите апостоли Петар и Јован отпатуваа во Ерусалим и Ја молеа Пречистата Дева Богородица да дојде во Лида да го види храмот подигнат во Нејзино име, да го благослови и освети со Своето доаѓање, за молитвите на оние што ќе се молат во него да Му бидат благопријатни на Бога, Родениот од Неа. Пречистата им рече: "Со радост вратете се во Лида. И Јас ќе бидам таму со вас“.
Кога се вратија во Лида, тие на еден од камените столбови во црквата здогледаа не со рака изработена, туку од Бога впишана икона на Пречистата, која вистински го изразувала изразот на Нејзиното свето лице и Нејзините чесни фустани кои обично ги носела. Апостолите се поклонија на таа чудотворна и неракотворна икона на Пресвета Богородица и Му благодареа на Бога Логосот, Кој се воплотил од Неа.
Потоа во Лида дојде и самата Владичица, и кога ја здогледа Својата икона и многу луѓе кои веруваат во Христа, Таа се израдува и на таа икона ѝ ја даде Својата благодат и силата за чудотворство.
Од тоа време изминаа многу години, а потоа на престолот на грчко-римското царство стапи Јулијан Отстапник, кој крена жестоко гонење против Црквата Христова. Знаејќи дека во Лида постои чудотворна икона на Пречистата, тој го испрати таму својот роднина со исто име Јулијан, со наредба, со помош на каменорезачки направи да ја избрише чудотворната икона на Мајката Божја, Тогаш се случи прекрасно чудо. Колку повеќе каменорезачите се трудеа да ја избришат неракотворната икона, толку повеќе боите и цртите на чудесен начин сѐ подлабоко продираа во камениот столб и иконата остануваше недопрена. Бидејќи долго се трудеа, но не им успеваше, тие си заминаа. И се пронесе глас за преголемите и безбројни чудеса на оваа икона по сите краишта на светот, и од сите страни во Лида непрестајно се слеваа мноштво верни за поклонување пред чудотворната икона на Пречистата.
После многу години во Палестина отпатува блажениот Герман, подоцнежен патријарх Цариградски, за да се поклони на тамошните светињи. Откако се поклони на гробот Господов и останатите свети места, тој појде и во Лида. Тука се поклони на чудотворната икона на Пресвета Богородица и кај еден иконописец порача да му изработи нејзина копија на даска. Таа копија блажениот Герман ја однесе во Цариград и ја чуваше како непроценливо богатство, молејќи се пред неа секој ден. Потоа во времето на царот Артемиј, наречен Анастасиј, по Божја волја тој беше избран за патријарх Цариградски. Но Лав Исавријанец, кој стапи на царскиот престол по Анастасиј, како ревносен иконоборец покрена луто гонење против православните и го протера пресветиот патријарх Герман со бесчестење и злоставување. Истеран од црквата и патријаршијата, Герман зеде со себе две свети икони: икона на Христа Спасителот и икона на Пресвета Богородица, и тоа копијата на чудотворната Лидска икона. Пред да отплови во прогонство, тој му напиша послание на римскиот папа, пресветиот Григориј, известувајќи го за своето прогонство и за гонењето на православните од страна на иконоборниот цар. На дебелата даска од Спасителовата икона тој направи вдлабнатина и го стави запечатеното послание, откако претходно го означи датумот и часот на пишувањето. Потоа добро го затвори издлабеното место, со солзи ја целиваше светата икона на Спасителот, и при тоа два пати рече:
- Наставниче, Наставниче! Спасувај се Себеси и нас!
Откако го рече тоа ја спушти иконата во морето. И светата икона, пловејќи по морето и ден и ноќ, стигна во древниот Рим. Во таа ноќ на пресветиот папа му беше откриено од Бога за доаѓањето на иконата во Рим. Штом изгреа сонцето, папата со својот клир, со свеќи и кадилници тргна со кораб низ Тибар кон морето, во пресрет на иконата на Спасителот. Кога стигнаа на сливот на Тибар во морето, тие здогледаа икона која исправена оди по површината на водата. Поразени, а во исто време и израдувани, тие побожно ѝ се поклонија. Притоа папата Григориј, обраќајќи се кон чесната икона, со солзи говореше:
„Господи, ако си дошол кај нас, недостојните, тогаш Те молиме, како што преславно одеше по водата, така дојди и во нашите раце, зашто ние не смееме да Те допреме“.
Штом го изговори тоа, иконата веднаш се крена и летајќи по воздухот како птица, се спушти во рацете на архиерејот. А тој со солзи радосници и почит ја целиваше, и следен од клирот со псалмопеење Ја понесе кон Рим. Таму со неа го помина целиот град, за сите да можат да ја видат. Потоа оваа божествена икона ја постави во големата црква на светиот врховен апостол Петар. Тука тој го извади од иконата посланието од патријархот потполно суво и недопрено од водата, го прочита и дозна што извршил злочестивиот иконоборен цар во Цариград. Од посланието папата дозна и дека оваа икона на Спасителот од Цариград стигнала кај нив за едно деноноќие. И сите ја величаа недостижната сила Божја. Тагувајќи поради иконоборната ерес на исток и прогонството на пресветиот Герман, папата му напиша смело послание на безбожниот цар, изобличувајќи го. А од иконата на Спасителот во Рим се случуваа многу чудеса и исцеленија од најразлични болести.
Гледајќи дека иконоборците не престануваат со бесчестењето и исмевањето на светите икони, кои тие ги плукаа, кршеа, фрлаа во кал, ги газеа со нозете, ги палеа, и чувствувајќи дека му се приближува крајот, пресветиот Герман во своето заточение напиша второ послание до римскиот првопрестолник, известувајќи го за беззаконието кое се врши на Исток. Потоа на даската од иконата на Пресвета Богородица, Лидската копија, издлаби место и внимателно го сокри во неа своето послание, со датум на неговото пишување. Потоа, прегрнувајќи ја иконата, низ многу солзи, тој рече:
„Оди Владичице, оди, и спасувај се, не од Ирод во Египет, туку од ѕвероподобните иконоборци во Рим. Таму благочестивите ќе ја сочуваат Твојата икона од нечистите иконоборни раце. Премини го безбедно ова огромно пространо море, зашто на Своите раце Го носиш Творецот на небото, земјата и морето. Патувај и спаси се себеси во рацете на Твојот угодник Григориј. А нас, кои страдаме заради почитувањето на светите икони, упокој нѐ во населбите на праведните и спомни нѐ во небесните Твои дворови“.
Така зборувајќи и со солзи квасејќи ја светата икона, свети Герман со љубов ја целиваше, па ја спушти во морето. Иконата заплива по морето побрзо од орловски лет, и стигна во Рим за едно деноноќие. Таа ноќ папата беше известен од Бога за доаѓањето на иконата на Небесната Царица во Рим. Затоа тој со клирот појде да ја пречека како порано иконата на Спасителот, пловејќи по реката Тибар со свеќи и кадилници. Кога стигнаа и сите ја здогледаа иконата на Божјата Мајка како стои исправено и оди кон нив по водата, папата ги испружи своите раце кон неа, и таа сама се крена и се спушти во неговите раце. Тој ја прими со радост, ѝ се поклони, ја целиваше, па се врати во Рим, восхитувајќи се на големите чудесни дела Божји. Потоа го извади од неа посланието од пресветиот патријарх Герман и дозна дека иконата вчера била пуштена во морето. Тагуваше што свети Герман, како голем светилник на Црквата, чмае во заточение и многу плачеше за него. Сечесната икона на Богомајката папата свечено ја носеше по целиот град, како порано иконата на Спасителот, па потоа ја внесе во црквата на свети апостол Петар и ја постави во олтарот. Оттогаш од оваа света икона се случуваа многу исцеленија.
После тоа изминаа уште неколку години, во текот на кои во Цариград беснееја иконоборни цареви и патријарси. Но сите тие со срам исчезнаа и на византискиот престол стапи благоверниот цар Михаил. Тој беше малолетен, па со царството управуваше неговата благочестива мајка Теодора. За време на нивното царување иконоборната ерес беше потполно искорената. За тоа видете под 1 февруари, кога се слави света Теодора.
Во тоа време во Рим, онаа икона на Пресвета Богородица, која свети Герман ја пушти по морето и ја испрати на папата во Рим, оставена во олтарот во црквата на свети Петар, започна пред очите на сите сама од себе да се движи и ниша. Тоа се повторуваше многу денови, некогаш за време на вечерната богослужба, некогаш на утрената, а некогаш за време на Литургијата. Од таквото чудо жителите на Рим ги обзеде и восхит и страв, зашто мислеа дека тоа е предзнак на гнев Божји, кој ќе ги снајде. Во тоа време римски папа беше пресветиот Сергиј. И еднаш кога тој соборно извршуваше богослужба во црквата на свети апостол Петар, иконата на Пресвета Богородица започна силно да се движи и ниша. Присутните се запрепастија и гласно повикаа:
„Господи помилуј!“
По долго призивање на милоста Божја, иконата престана да се ниша. Но набрзо започна повторно да се движи, притоа бучно, па се крена од своето место во воздухот. Тогаш сите присутни во црквата почнаа да викаат, се собраа во олтарот и започнаа да ги креваат своите раце кон иконата, за да ја прифатат да не падне на земјата и да се искрши. Но никој не можеше да ја дофати, бидејќи одеше високо во воздухот. Полека, како да оди низ црквата, таа се движеше кон излезот, носена со невидливи ангелски раце. Пресветиот папа со клирот и народот, во страв и трепет ја следеше. Кога стигнаа на реката Тибар, таа се спушти во водата и заплива кон морето. Народот и папата тргнаа кон брегот и со солзи го набљудуваа нејзиното заминување. Притоа папата низ солзи велеше:
„Тешко нам, Царице! Тешко нам, Госпоѓо! Каде заминуваш од нас, Божествен Кивоте? Како што некогаш дојде кај нас по водата, така сега по истиот тој пат заминуваш од нас. Страв и трепет нѐ обзеде заради Твоето заминување од нас. Се плашиме нас и целиот Рим да не нѐ стигне гонење од иконоборците, како што ги стигна оние во Цариград, та Ти замина од таму. Кога, о Семоќна Владичице, ќе престанат еретичките бури и немири, кои ја смутуваат Црквата Христова?“
Така зборуваше папата, ридајќи и заедно со народот пратејќи ја чудотворната икона, додека таа не се сокри од нивните очи, повлечена од брзата морска струја. Потоа пресветиот папа нареди ова славно чудо да се запише во црковните летописи како спомен за идните поколенија.
Меѓутоа светата икона на Пречистата Богомајка, пливајќи по морето, утредента стигна во Цариград и застана во пристаништето близу царските палати. Благоверните луѓе, кои се затекнаа таму, ја зедоа и ја однесоа кај благочестивата царица Теодора. Кога ја прими и дозна дека е најдена во морското пристаниште, Теодора рече дека најверојатно е една од иконите кои иконоборците ги врзуваа за камења и ги фрлаа во морето. Па сега, бидејќи врвците со кои била врзана се распаднале или одврзале, иконата испливала на површината. Заедно со царицата и други мислеа така.
Наскоро потоа благоверниот цар Михаил и пресветиот патријарх Методиј испратија во Рим специјални пратеници со духовно и световно звање, со писма до папата, во кои го повикуваа во Цариград на собор за разгледување и осуда на иконоборната ерес. Кога стигнаа во Рим и му ги предадоа писмата, тие многу го израдуваа папата и сите православни христијани, со веста дека престанало владеењето на иконоборната ерес. Потоа и самите пратеници се израдуваа кога дознаа за големите чудеса случени од чудотворната икона на Спасителот и Пресвета Богородица: како тие во времето на светиот папа Григориј, првин едната а потоа другата, допливаа по морето во Рим, спуштени во водата од светиот патријарх Герман, и како неодамна иконата на Пресвета Богородица сама се крена од местото на кое беше прицврстена и повторно исплива од Рим. Откако ги запишаа сите тие чудни настани, пратениците го означија денот на заминувањето на иконата на Пресвета Богородица од Рим. Кога се вратија во Цариград, сето тоа му го раскажаа на царот, на неговата мајка, царицата Теодора, и на патријархот Методиј. Тогаш се сетија на иконата најдена на морското пристаниште и се запрашаа дали всушност таа не е иконата која допливала кај нив од Рим.
Набрзо потоа во Цариград допатуваа специјални пратеници на папата, за да бидат претставници на римскиот епископ на соборот. Кога им беше посочена иконата на Пресвета Богородица најдена на морскиот брег, тие веднаш ја препознаа во неа чудотворната икона која неодамна заплива од Рим. Со солзи паднаа пред неа, и на сите им раскажуваа дека всушност таа е иконата што си замина од нив и од Рим. Пратениците го видоа во забелешката денот и часот на нејзиното заминување од Рим, сфатија дека таа света икона допливала во Цариград за едно деноноќие, и сите ја прославија семоќната сила Божја. Тогаш пресветиот патријарх Методиј со целокупниот клир, во присуство на царот и сенатот, ја зедоа оваа света икона од царските палати, и придружувани од народот, свечено ја пренесоа во Халкопратија. Таму чесно ја поставија во црквата на Пресвета Богородица, радувајќи му се на таквиот чудесен дар Божји. Од тоа време оваа чудотворна икона на Божјата Мајка беше наречена Римска, бидејќи од Рим доплива во Цариград, и од неа се случуваа премногу чудеса.
СПОМЕН НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ ДИОНИСИЈ, архиепископот Суздалски
Беше замонашен во Киево-Печерскиот манастир а потоа како отшелник се насели во пештера недалеку од Нижни Новгород, на брегот на Волга, и го основаше Нижегородскиот-Печерски манастир во средината на четиринаесеттиот век. Со огромните познавања на правилата за верата и строгиот подвижнички живот, свети Дионисиј стекна сеопшта почит. Тој многу се потруди околу искоренувањето на ереста на стриголниците. Во 1374 година свети Дионисиј беше ракоположен од светиот митрополит Алексиј за епископ суздалски, а потоа произведен за архиепископ. Подоцна беше избран за митрополит на цела Русија, но на враќање од Цариград беше задржан во Киев од страна на литовскиот кнез. Наоѓајќи се во затвор, тој живееше во молитви и срдечна скрушеност сѐ до својата смрт на 15 октомври 1385-та година. Неговите свети мошти почиваат во Антониевата пештера во Киев.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ НОВ ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИК ДАВИД
Преподобниот Давид се роди во местото Ајвала во кидониската област на Мала Азија. Оттаму дојде на Света Гора и стана монах во скитот на светата Богопрамајка Ана. Потоа отците го испратија во градот Смирна за да собере милостиња од христијаните за обнова на храмовите „Преображение“ и „Пресвета Богородица“ на Света Гора. Со присобраните пари се врати на Атон и ги обнови споменатите свети храмови.
Преподобниот Давид го беше обзела огромна желба маченички да пострада за Господа Христа и затоа отиде во Магнезија (Мала Азија) и пред турците на разни начини храбро ја исповедаше својата вера во Христа. Поради тоа тие го претепаа, му ја разбија главата и го протераа од своето место. Тогаш тој се врати во Света Гора и сѐ му раскажа на својот старец, но овој не му даде дозвола за мачеништво „заради непознатиот исход“, како што му рече. Тогаш преподобниот отиде во Кареја да го праша за совет епископот Панкратиј (порано Христополски). Епископот му даде благослов и тој тргна за Солун. Во Солун дозна дека таму има еден поранешен светогорски монах, кој бил прелестен и ја примил Мухамедовата вера, па побрза да го посоветува да се покае и да се врати во вистинската христијанска вера. Кога дознаа турците за тоа, веднаш го фатија и го изведоа пред судијата. Судијата се исплаши Давид навистина да не го обрати споменатиот отстапник, и затоа веднаш издаде заповед да биде погубен со бесење, Турските џелати го сторија тоа. Во ноќта на 26 јуни 1813 година го обесија овој исповедник и маченик на нашата света христијанска вера. Неговиот спомен го слават светогорските отци во скитот „Света Ана“ а исто така го слави и митрополијата во Солун.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ АНТИОН
Се упокоил во мир.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ТЕРАПОНТ И МАКАРИЈ
Во синаксарот на Цариградската Црква овие двајца свети маченици се споменуваат заедно со светите маченици Маркиј и Маркија (за кои мижете да видите под 27 јуни).