13. Јули   (30. Јуни)

СОБОР НА СВЕТИТЕ СЛАВНИ И СЕФАЛЕНИ ДВАНАЕСЕТ АПОСТОЛИ

Иако секој од Дванаесетте големи апостоли има свој специјален ден за празнување во годината, сепак Црквата го одредила овој ден како соборен празник на сите Свети Апостоли заедно, а со нив и Павле. Еве ги имињата и деновите на засебното празнување на светите Дванаесетмината:

Петар - 29 јуни и 16 јануари;

Андреј - 30 ноември;

Јаков Заведеев - 30 април;

Јован Богослов - 26 септември и 8 мај;

Филип - 14 ноември;

Вартоломеј - 11 јуни и 25 август:

Тома - 6 октомври;

Матеј Евангелист - 16 ноември;

Јаков Алфеев - 9 октомври;

Тадеј (или Јуда Јаковов) - 19 јуни;

Симон Зилот - 10 мај;

Матиј - 9 август;

Павле - 29 јуни.

Овде треба да спомнеме и како секој од овие најсвети и најкорисни луѓе во историјата на светот го завршил својот земен живот:

Петар - распнат со главата надолу; Андреј - распнат; Јаков Заведеев - посечен; Јован Богослов - се упокоил чудесно; Филип - распнат; Вартоломеј - распнат, па одерен и посечен; Тома - избоден со пет копја; Матеј - изгорен во оган; Јаков Алфеев - распнат; Тадеј - распнат; Симон Зилот - распнат; Матиј - каменуван, па мртов посечен со секира; Павле - посечен.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ АПОСТОЛ ФИГЕЛ еден од Седумдесетмината

Во Синаксарот на Цариградската Црква, каде под денешниот ден се празнува соборот на Светите Дванаесет Апостоли се спомнува и апостол Фигел од Седумдесетмината, кој беше епископ во Ефес.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ИЛЈАДА И ЧЕТИРИЕСЕТ МАЧЕНИЦИ

Нивниот спомен се наведува во Ерусалимската канонарија под 30 јуни, заедно со мачениците Фон, Канон, Симеон и Исак.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ГЕОРГИЈ ИВЕРСКИ

Преподобниот Георгиј е роден во Иверија или Грузија, во 1014 година како роднина на грузиските цареви. Се здобил со добро класично образование во детството, но срцето го привлекло кон духовниот живот. Се подвизувал кај познатиот духовник Георгиј во гората Црна. Овој духовник му препорача да го преведе Светото Писмо на грузиски јазик. Потоа отишол во Света Гора, го продолжил својот подвиг во манастирот Ивер и станал иверски игумен. Со помош на царот Константин Мономах го обновил Ивер и ја покрил црквата со олово. Тој оловен покрив стои до денес. Го превел на грузиски јазик Светото Писмо, Прологот и други богослужбени книги. Царот Баграт го повика во Грузија да го учи народот. Царски беше пречекан во својата татковина. Одел и го поучувал клирот и народот насекаде. Во староста посака да се упокои на Света Гора, каде што и се упати, но смртта го затекна во Цариград во 1067 година. Моштите му беа пренесени во Ивер. Иако се упокоил на 24 мај, во Ивер неговиот спомен се празнува на 30 јуни, сметајќи го за рамноапостолен.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК МИХАИЛ ЃУБРАРОТ (ГРАДИНАРОТ)

Блажениот маченик Христов Михаил се роди во Атина од побожни и многу сиромашни родители. Поради големата сиромаштија на своите родители, тој немаше можност да се школува и остана неписмен. За да заработи за живот собираше ѓубре по градините и со своето магаренце го разнесуваше и продаваше на селаните во околината на Атина. Еден ден, на враќање од селото, на влезот од градот го сретна капетанот со својата чета, го застана и злонамерно го наклевети дека божем одел во шумата и им носел барут на ајдуците. Со таквата клевета тој го фати Михаил, го натепа и го фрли во темница. И секој ден одеше тој, а и други турци, во темницата и на сите можни начини го наговараа да се потурчи. Притоа го заплашуваа, приморуваа и му се закануваа дека ќе го предадат на смрт ако не се потурчи.

Еден побожен христијанин, Георгиј, носен од божествена ревност, штом дозна за тоа се исплаши младото и просто момче Михаил, кое имаше само 18 години, да не се прелаже и да се одрече од својата христијанска вера, па кришум отиде кај него во темницата, го утеши и го поткрепи во верата, го осоколи на мачеништвото и се прости со него.

Триесет дена турците го мачеа во темницата младиот Михаил, трудејќи се да го убедат или принудат да ја прими нивната вера. Штом не им успеа тоа, тие го изведоа пред капетанот. Тој започна да му нуди најразлични подароци, пари и облека, и имоти, само да се потурчи, зашто во спротивно ќе го погуби. Но, маченикот Христов остана цврст во својата вера и само повторуваше:

„Нема да се потурчам“.

Тогаш капетанот го испрати Михаил кај пашата, за тој да му суди. Пашата започна да му ветува многу повеќе од капетанот, но му предочи и страшни мачења на кои ќе го подложи. Сето тоа ни најмалку не го поколеба младиот маченик, кој во својата простота не престануваше да повторува:

„Нема да се потурчам! Нема да се потурчам!“

Најпосле пашата му рече:

„Лудак низаеден, одречи се од својата вера привремено, за да останеш жив, па потоа појди во друго место и остани во својата вера“.

Но, маченикот не се согласи и постојано викаше:

„Нема да се потурчам! Нема да се потурчам!“

Тогаш пашата го предаде на судијата, кој на разни начини се обиде да го придобие, но бидејќи никако не успеа, најпосле му изрече пресуда да му се отсече главата.

Слугите го поведоа Михаил на губилиштето, а тој без трошка страв, со радост одеше и на христијаните кои ќе ги сретнеше им велеше:

„Простете ми браќа и Бог нека ви прости вам!“

На губилиштето Михаил клекна и радосно ја приклони својата глава, очекувајќи ја смртта како живот. Но џелатот го удри по вратот со тапата страна од мечот, за да го исплаши, па да се одрече од Христос. Тогаш храбриот војник Христов бестрашно му рече:

„Отсечи ја, за верата!“

Џелатот замавна со мечот и малку му го пресече вратот за да почувствува болка и причека да се придомисли. Но, бестрашниот маченик ни најмалку не се исплаши, туку на цел глас му повтори:

„Отсечи ја, за верата!“

Џелатот многу се разбесни, замавна со мечот со сета сила и ја отсече неговата чесна глава. Така блажениот Михаил го доби венецот на мачеништвото во Христа Исуса, Кому слава и моќ низ сите векови. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК МЕЛИТОН

Пострада за Господа посечен со меч.

СПОМЕН НА БЛАЖЕНИОТ ПЕТАР ПРИНЦОТ

По потекло татарин и внук на татарскиот цар Беркај. Слушна зборови за спасението од ростовскиот епископ Кирил, и тие зборови му се прилепија за срцето. А кога го виде и чудесното исцеление на синот Беркајев со помош на молитвите на епископот Кирил, тој потајно ја остави Златната Орда и побегна во Ростов, каде се крсти и со срце и душа се предаде на подвиг и изучување на благочестивата вера. Еднаш го стемни на брегот на езерото и на сон му се јавија апостолите Петар и Павле и му наредија да изгради црква во нивно име, токму на тоа место. Од нив дури ги доби и потребните пари за таа цел. Петар навистина го изгради тој прекрасен храм, во кој и самиот се замонаши во староста, по смртта на својата сопруга. Мирно се упокои во длабока старост на 29 Јуни 1290-та година, а неговата црква стана и остана манастир, таканаречен Петровски.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ БЛАГОВЕРЕН КНЕЗ АНДРЕЈ БОГОЉУБСКИ

Син на големиот кнез Јуриј Долгоракиот. Бил прв великоруски кнез со престол во Владимир. Во тој град подигнал велелепна Успенска црква и раскошно ја украсил. Покрај тоа подигнал многу манастири, украсил многу цркви, бил хранител на сиромасите, монасите и монахињите. Како строг ревнител за правдата, самиот тој водеше чист, доблесен и примерен живот. Поради неговата правдољубивост и праведност тој предавнички беше убиен од негови блиски луѓе, во селото Богољубово на 30 јуни 1174-та година. Неговите свети мошти се пронајдени нетлени во 1702 година. Тие почиваат во Владимирската соборна црква.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ПЕТАР од Синоп

Пострада за нашиот Господ Христос влечен по остри камења.