19. Јули (6. Јули)
ЖИТИЕТО НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ СИСОЈ ВЕЛИКИ
Преподобниот Сисој уште од мал Го засака Бога, го зеде на себе јаремот на крстот и усрдно Го следеше Господ Христос во испосничките подвизи по Египетските пустини. Во своето рамноангелско живеење, тој со смирението и молитвата ги победуваше огромните војски на невидливите непријатели. Живеалиштето на блажениот Сисој се наоѓаше во пустинската гора во која се подвизуваше преподобниот Антониј Велики, па и самиот го подражаваше неговиот живот.
За своето смиреноумие блажениот Сисој доби од Бога толку голема благодат, што и мртви воскреснуваше. Тоа се гледа од Патерикот, каде што стои напишано следното:
„Во една прилика, еден мирјанин тргна со својот син, мало момче, кај ава Сисој во Антониевата гора за благослов. Но, по патот момчето се разболе и умре. Неговиот татко не се вознемири поради тоа, туку со вера го однесе мртвиот син кај старецот. Кога влезе во неговата ќелија падна пред неговите нозе, и ничкум го положи својот мртов син, како да проси благослов и молитва. Откако старецот се помоли и даде благослов, таткото излезе надвор, оставајќи го мртвиот син крај старчевите нози. А старецот, без да знае дека момчето е мртво и, мислејќи дека лежи ничкум и очекува благослов и молитва, му рече:
- Стани, чедо, и излези.
Во тој момент мртвото момче стана и излезе по својот татко. Штом го здогледа својот син жив, таткото се врати со него кај старецот и откако се помоли му заблагодари. А кога старецот дозна дека воскреснал мртовец, многу се нажали, зашто не сакаше да врши чудеса за да не го слават луѓето и му запрети на тој човек никому да не раскажува за тоа се до неговата смрт.
Еднаш браќата го запрашаа:
- Ако некој брат падне во грев, дали му е доволно една година за покајание?
Старецот одговори:
- Сурови се овие зборови.
На тоа браќата рекоа:
- Значи потребно е шест месеци да се кае?
Старецот одговори:
- Многу е.
Тогаш браќата повторно прашаа:
- Можеби му требаат четириесет дена за покајание?
Старецот одговори:
- И тоа е многу. Верувам во милосрдието на Човеколљубецот дека ако човек се покае со сета своја душа, Бог ќе го прими неговото покајание за три дена.
Еден брат го праша ава Сисој:
- Што да правам, оче? Јас паднав во грев.
Старецот рече:
- Стани, чедо, и ќе се спасиш.
На тоа братот рече:
- Во, јас, откако станав повторно паднав.
Старецот возврати:
- Тогаш повторно стани.
Тогаш братот праша:
- Ами до кога ќе паѓам и станувам?
Старецот одговори:
- Додека не ти дојде крајот и те затекне смртта или во добро или во зло. Затоа треба постојано да се поправаш себеси, за така да те затекне и смртта.
Еднаш еден човек им поклони мев со вино на браќата од Антониевата гора. Еден монах нали од тоа вино во еден мал сад и со чаша во рацете отиде кај ава Сисој. Ја наполни чашата, му ја даде и тој ја испи. Потоа му даде втора, и неа ја испи. Но на третата светиот одби и рече:
- Доста, брате. Зарем не знаеш дека третата е од сатаната?
Еден монах беше напуштен од својот другар соподвижник, па дојде кај ава Сисој и му рече:
- Мене ме напушти мојот другар и јас сакам да му се осветам. На тоа старецот му рече:
- Ајде да се помолиме на Бога. И додека се молеа, светиот старец меѓу останатото во својата молитва рече:
- Господи! Отсега нам не ни е потребна Твојата грижа за нас, зашто ние самите ќе се одмаздуваме за себе! Братот падна пред нозете на старецот и му рече:
- Отсега нема да се препирам со тој брат. Прости ми, оче! И така ава Сисој го излекува тој брат. Кај ава Сисој дојде еден човек кој сакал да стане монах. Старецот го праша дали има некаков имот во светот. Човекот одговори:
- Имам еден син. :
Старецот, сакајќи да дознае дали тој има способност за послушност, му рече:
- Оди и фрли го својот син во реката, па тогаш дојди да се замонашиш.
Човекот веднаш појде да го изврши тоа. Кога тргна, старецот испрати еден брат по него да го спречи во тоа во последниот момент. Штом дојде дома, човекот го зеде синот и кога сакаше да го фрли во реката, братот монах му рече:
- Немој да го фрлаш! На тоа човекот му одговори:
- Мојот отец ми рече да го фрлам. Тогаш монахот му рече:
- Мене отецот ми наложи да не смееш да го фрлиш. После тоа овој човек дојде кај светиот старец и со својата послушност стана прекрасен монах.
Еден брат го праша ава Сисој:
- Кажи ми едно слово според кое би можел да живеам?
На тоа старецот му одговори:
- Брате, зошто ме тераш да ти искажам бескорисно слово. Тоа што гледаш дека го правам јас, прави го и ти.
Некои од отците го прашаа ава Сисој:
- Додека живеам во пустината, ако ме нападнат варвари за да ме убијат, смеам ли, ако можам, да убијам некого од нив?
Старецот му одговори:
- Не! Довери се себеси на Бога и Нему препушти му го тоа. Било какво искушение да го снајде човекот, тој треба да си рече: ова ме снајде поради моите гревови. А кога ќе му се случи нешто добро, треба да вели: ми се случи по Божја промисла.
Ава Амон му се пожали на ава Сисој дека не може да ги запамети прочитаните мудри изреки, за да може да ги повтори во разговор со луѓето. Свети Сисој му одговори:
- Тоа не е неопходно. Неопходна е единствено чистотата на срцето. Штом ја придобие неа, човекот треба да зборува од неа без непотребни грижи.
Кај преподобниот отец Сисој имаше еден ученик на име Аполос. Под влијание на вражји лукави сили, покрај останатите желби и искушенија, кај Аполос се јави и желбата за свештеничкиот чин.
Нему на сон му се јавија бесови во облик на светители, кои го хиротонисаа за епископ. Штом се разбуди, тој започна да го моли старецот да му дозволи да појде во градот кај архиерејите за да прими свештеничко ракополагање. Но старецот му бранеше и го советуваше да не бара чин за кој што не е достоен. Огорчен на многуте поуки и совети од старецот, Аполос кришум побегна и се упати кај своите роднини во Александрија, за со нивна помош да го добие презвитерскиот чин. Попат го сретна ѓаволот во облик на многу висок човек, потполно гол и црн, со одвратно лице, со дебели усни и железни нокти. Со изглед на звер и женски гради, тој истовремено беше и машко и женско. Страотно смрдлив, тој пред очите на Аполос покажуваше толку голема бесрамност, што е срамно да се опишува. Забесувајќи му се на вратот, ѓаволот го прегрнуваше и често го бакнуваше. Аполос се прекрстуваше и сакаше да побегне од него, но ѓаволот му велеше:
- Зошто бегаш од мене? Знај дека ти си мој. Јас те сакам, зашто ги исполнуваш моите желби. Дојдов кај тебе, да ти ги исполнам сите твои желби.
Аполос не можеше да ги дотрпи неговата смрдеа и бесрамност, па ги крена очите кон небото и силно викна:
- Боже, по молитвите на мојот отец Сисој, помогни ми и избави ме од оваа напаст!
И веднаш ѓаволот отстапи малку од него, се претвори во прекрасна гола жена и му рече: - Дојди и задоволи ја својата желба, зашто многупати си ме одморил со твоите помисли.
Потоа повторно рече:
- Јас сакав да те направам свештеник и епископ, но молитвите на лакомиот старец Сисој ме бркаат од тебе.
Го рече тоа ѓаволот и стана невидлив.
Обземен од голем страв, Аполос се врати кај старецот, падна ед неговите нозе, исповедаше што му се случило и молеше за прошка. Тој и на браќата им раскажа што се претрпе заведен од ѓаволот и како му помогнаа молитвите на преподобниот отец Сисој. И навистина неговата молитва беше силна за прогонување на бесовите. Тој со неа го избрка нечистиот дух и од друг негов ученик, на име Авраам. И сите зли духови бегаа од храбриот и непобедлив војник Христов свети Сисој, без да смеат да му се приближат. Поживеа во пустината шеесет години. Кога наближи неговата смрт и околу него се насобраа монасите, лицето му заблеска како сонце и тој им рече:
- Еве, дојде ава Антониј.
Кратко потоа, тој повторно рече:
- Еве, дојде ликот на Пророците.
Лицето уште посилно му заблеска и рече:
- Еве, дојде ликот на Апостолите.
И лицето негово заблеска уште посилно, и тој разговараше со невидливи лица. А браќата го молеа:
- Оче, кажи ни, со кого разговараш?
Тој им рече:
- Еве, дошле ангели да ме земат, а јас им се молам да ме остават уште малку овде, за да се покајам.
Браката му рекоа:
- Оче, тебе не ти е потребно покајание.
На тоа старецот одговори:
- Навистина не знам, дали воопшто сум започнал да се кајам.
Меѓутоа сите браќа знаеја дека тој е совршен. Потоа уште посилно заблеска, неговото лице стана како сонце и сите се исплашија.
Старецот им рече:
- Гледајте, видете! Еве Господ доаѓа и вели: Донесете Ми го избраниот сад од пустината!
Го рече тоа преподобниот и веднаш го предаде својот дух на Господа. Истовремено блесна молња и ќелијата се исполни со прекрасен мирис. Свети Сисој се упокои околу 429-та година. Со таков блажен крај преподобниот го заврши својот временски живот и се пресели во бесконечниот. Сега живее со Христос и се насладува на гледањето на Неговото лице, заедно со хоровите на Светии кои ги виде при својот крај. По молитвите на нашиот преподобен отец Сисој да се удостоиме и ние на таа наслада со благодатта на нашиот Господ Исус Христос, Кому слава за навек. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК АСТИЈА,
епископот Дирахиски (Драчки)
Пострадал како епископ Драчки (во Албанија) за време на царот Трајан и намесникот Агриколај.
СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ МАРИН, МАРТА, АВДИФАКС, АВАКУМ, КИРИН, АСТЕРИЈ, ВАЛЕНТИН свештеникот и многу други
Во времето на римскиот цар Клаудиј од Персија во Рим допатува еден високороден и богат христијанин на име Марин. Допатува со својата сопруга Марта и со двата сина Авдифакс и Авакум, за да се поклонат на гробовите на светите Апостоли и другите Светии. Во Рим тие започнаа да ги посетуваат и христијаните по темниците и да ги погребуваат телата на убиените за верата во Господ Христос. Откако ја преминаа реката Тибар, во еден друг град го најдоа во темница светиот маченик Кирин, кој веќе беше поддел многу рани за Христа. Тие се фрлија пред неговите нозе и го молеа да се помоли на Господа за нив. Потоа започнаа да му служат со својот имот и нему и на останатите затвореници Христови со него. И кога им ги миеја нозете, со таа вода се поросуваа себеси. Останаа таму осум дена, служејќи им на Светите.
Во тоа време царот Клаудиј нареди без судење да се убиваат сите христијани. Кратко време пред тоа беа фатени 260 христијани, кои царот ги осуди да копаат земја. Нивната темница се наоѓаше надвор од градот на Саларискиот пат. Царот им нареди на војниците сите тие христијани со стрели да ги убијат на гледалиштето и потоа да им ги спалат телата. Марин и Марта со синовите многу се нажалија поради тоа, отидоа таму заедно со свети Јован презвитерот, и тајно ги вадеа од огнот нивните тела, ги завиткуваа во чисти плаштаници и ги погребуваа во пештерата покрај Саларискиот пат, на падините на гората Кукумер. Заедно со телата на светите маченици тие го погребаа телото на еден царски трибун Власт, убиен за Христа, и проповедаа таму со презвитерот Јован многу денови во пост и молитви. Царот Клаудиј нареди да ги пронајдат, но тие се криеја.
Кога се вратија во темницата не го најдоа светиот маченик Кирин, зашто преку нокта бил убиен со меч и фрлен во реката Тибар. Штом го најдоа, тие го погребаа во пештерата, во гробницата Понтијан.
Додека преминуваа на другата страна од реката Тибар, а беше мрак, од една куќа слушнаа гласови како пејат. Тоа беа христијани, кои со епископот Калист вршеа сеноќно богослужение, славејќи Го Бога. Многу израдувани затропаа на вратата, но тие не сакаа да им отворат од страв. Тогаш свети Калист рече:
- Бидете храбри! Не плашете се! Христос тропа на нашата врата. Да Му отвориме зашто Тој нè призива.
Го рече тоа епископот и самиот ја отвори вратата. Марин, Марта и нивните синови се фрлија пред нозете на епископот, просејќи благослов. Сите им се израдуваа, со љубов ги поздравија и заедно со нив отпочнаа да се молат. Останаа во тоа место два месеци. Дење се криеја а ноќе се собираа на молитва.
Во тоа време царот Клаудиј нареди во неговиот дворец, близу театарот, да му се суди на еден честит човек на име Валентин, по чин свештеник, кој заради верата Христова беше фатен и окован во тешки окови. Кога го изведоа, царот му рече:
- Зошто ти, живеејќи среде нашиот народ, не си согласен со нас? Јас доста слушам за вашето христијанско учење и се чудам како ти, како паметен човек, се залажуваш себеси со празни бајки за вашата вера.
На тоа блажениот презвитер рече:
- Кога би го знаел дарот Божји во нашата вера, ти со радост би ја примил заедно со твојот народ. Би ги отфрлил демоните и би Го исповедал единствениот семоќен Бог, Творецот на сè што постои, Кој ги створил небото, земјата, морето и сè што е во нив.
Тогаш еден чувар на законот од царската свита силно викна кон презвитерот:
- А ти, што мислиш за боговите Диј и Меркуриј?
Презвитерот одговори:
- Мислам дека биле бедни и расипани луѓе, кои воделе лош живот во пороци и телесни страсти. А и ти самиот, ако ги разгледаш нивното потекло и нивните дела, ќе видиш колку биле расипани.
На ова чуварот на законот силно викна:
- Управителу на Римското Царство, овој хули на боговите!
Царот Клаудиј стрпливо го сослуша овој разговор и му рече на Валентин:
- Ако Христос е Бог, тогаш зошто не ми ја изложиш сета вистина за Него?
Светиот презвитер му одговори на царот:
- Слушни ме, царе, и ќе биде спасена душата твоја, ќе се прошири царството твое, ќе исчезнат непријателите твои и ќе станеш победник над сите. Овде ќе се насладиш на временското а во идниот живот на вечното Царство. Само покај се што си ја пролил крвта на светите, поверувај во Христа и прими свето крштение.
Тогаш Клаудиј им рече на присутните:
- Слушнете какво здраво учење ни објавува овој човек.
Но епархот! Калпурниј гласно рече:
- О, царе! Се залажуваш со лажното учење на овој човек. Сами пресудете дали е праведно да ги оставиме боговите на кои уште од детството им се поклонуваме.
Царот се промени во лицето, му го предаде на Калпурниј презвитерот Валентин и со тага му рече:
- Стриливо сослушај го. Ако е нездраво неговото учење, постапи со него според законот. Ако пак најдеш дека неговиот совет е прав, тогаш зошто да не го послушаме?
Епархот Калпурниј го предаде презвитерот Валентин на еден од своите главни чиновници Астериј, многу паметен човек, и му рече:
- Ако го придобиеш овој човек ќе му станеш пријател на царот. Астериј го одведе презвитерот во својот дом. Штом влезе, свети Валентин ги преклови колената на молитва и рече:
- Боже на се видливо и невидливо, Творецу на човечкиот род, Ти си го испратил Својот Син, нашиот Господ Исус Христос, да не спаси од измамата на ѓаволот и да не приведе од темнината кон вистинската светлина. Он и не повика кај Себе, велејќи: „Дојдете кај Мене сите изморени и оптоварени и јас ќе ве успокојам“ (Матеј 11, 28). Ти обрати го овој дом кон Себе за навек. Амин.
Астериј ги слушна неговите молитви и му рече:
- Ме чуди што ти вашиот Христос Го нарекуваш светлина.
Светителот одговори:
- Нашиот Господ Исус Христос, Родениот од Духот Свети и од Пречиста Дева Марија, навистина е вистинска Светлина, Која го осветлува секој човек што доаѓа на светов (Јован 1, 9).
Астериј рече:
- Сега ќе проверам дали е вистина тоа што го зборуваш. Јас имам ќерка, која ослепе пред својата втора година. Ако ти со името Христово и го вратиш видот, ќе сторам се што ќе ми нареди.
Светиот презвитер му рече:
- Доведи ја кај мене.
Астериј веднаш го доведе девојчето а светителот ги крена рацете и очите кон небото, и долго со солзи се молеше. Потоа ги положи своите раце врз слепите очи и рече:
- Господи Исусе Христе, осветли ја слугинката Твоја, оти Ти си вистинска светлина. И девојчето веднаш прогледа. Астериј и неговата жена паднаа пред нозете на светителот и рекоа:
- Те молиме, прави со нас што сакаш, за и ние да станеме слуги Христови и да се спасат нашите души.
Светителот им одговори:
- Правете што ќе ви наредам. Ако од срце верувате во Христос, ако им ги простите гревовите на своите должници и примите свето крштение, ќе бидете спасени.
Тие со радост се согласија, па им наложи тридневен пост и започна да ги учи на вистините на Светата Вера. Астериј имаше под своја власт многу затвореници, па сите ги ослободи и по тридневен пост, во недела, се крсти со сиот свој дом. Беа четириесет и шест души на број. Потоа го повика и светиот епископ Калист во својот дом и доби благослов од него.
Кога слушна за крштевањето на Астериј, блажениот Марин со сопругата и синовите со радост дојде кај него, благодарејќи Му на Бога. Останаа во неговиот дом триесет и два дена.
Кога дозна дека Астериј е обратен во верата Христова и со сиот свој дом се крстил, царот веднаш испрати војници да ги фатат сите.
Војниците наидоа неочекувано и ги фатија сите што ги затекнаа, Меѓу нив беа и свети Марин со сопругата и синовите, и ги одведоа кај царот. Царот ги издвои презвитерот Валентин и Марин со семејството, а Астериј и неговите домашни врзани ги испрати во градот Остија, за таму да им се суди.
Свети Астериј и сите со него беа предадени на судијата Геласиј.
Тој ги фрли во темница а по дваесет дена ги изведе на суд и ги праша;
- Знаете ли што нареди царот?
Светите одговорија:
- Не знаеме.
Судијата рече:
- Наредено е, сите кои им се поклонуваат на боговите да живеат и да бидат слободни, а оние кои одбиваат да бидат убиени во разни маки.
Свети Астериј рече:
- На боговите нека им се поклонуваат сличните на нив, и со нив нека пропаднат. Ние Му се поклонуваме на единствениот семоќен Бог, Кој живее на небото, и Нему Му се принесуваме како жртва самите себеси.
Судијата нареди веднаш да го обесат и мачат, а останатите безмилосно да ги тепаат со стапови. Потоа нареди да ги фрлат во темница и рече:
- За нив треба да се подготват уште пострашни маки. Потоа судијата нареди да се подготви театар и да се собере сиот народ. Кога утредента ги изведоа пред него, тој му рече на Астериј:
- Откажи се од ова суетно безумие и вети дека ќе принесеш жртви, за да не загинеш во маки, заедно со останатите.
Свети Астериј одговори:
- Сите ние сакаме да умреме за нашиот спасител Христос, како пто Он умре за нас грешните, за откако ќе се очистиме да се удостоме да преминеме кон посакуваното Царство Небесно.
Многу разјарен од таквиот одговор, Геласиј нареди сите да ги едадат на зверовите. Ги одведоа на едно место близу златното идолиште, наречено Зверињак, бидејќи таму се чуваат зверови. Кога ги пуштија ѕверовите, свети Астериј силно викна;
- Господи, Боже семоќен, Ти си го спасил Својот слуга Даниил во ровот лавовски, си го посетил и поткрепил преку пророкот Авакум. Ти и нас, слугите Твои, посети не преку Твој свет ангел.
И ѕверовите излегоа низ отворената преграда, но никого не повредија, туку напротив, им се поклонуваа на Светите. Геласиј му рече на народот:
- Гледајте како со маѓии ги скротија зверовите,
Но многумина велеа дека нивниот Бог ги чува.
Тогаш судијата нареди да ги изведат мачениците од јамата и да ги спалат. Свети Астериј им рече на останатите свети маченици:
- Не плашете се, зашто сега меѓу нас стои Оној, Кој бил виден со Трите Момчиња во Вавилонската печка.
Кога ги фрлија во огнот тој згасна и тие останаа неповредени. Посрамен, судијата нареди да ги изведат надвор од градот и да ги усмртат, некои со меч а некои со каменување. Така го завршија својот маченички подвиг Светите маченици Марин, Марта, Авдифакс и Авакум, оставени во Рим со блажениот презвитер Валентин, царот Клаудиј ги изведе за да им суди.
Најпрвин нареди свети Валентин безмилосно да го тепаат со стапови, па потоа да му ја отсечат главата. Потоа се обрати кон свети Марин и оние со него и ги праша:
- Од каде сте?
- Од Персија - одговорија Светите.
Царот продолжи:
- Зошто дојдовте овде?
Светите одговорија:
- Посакавме да се поклониме на гробовите на светите Апостоли и да се помолиме на Господа крај нив.
Царот праша:
- Од каде ви се среброто и златото? Слушам дека сте богати.
Свети Марин и Марта одговорија:
- Ги продадовме нашите огромни имоти во Персија. Дел од парите раздадовме на сиромасите, а остатокот го донесовме овде, за да им послужиме на Светите. А дека бевме богати во Персија, можеш да видиш од нашето благородно потекло. Мојот татко Маромеј беше прв после персискиот цар, а мојата сопруга е ќерка на Кусинит, познатиот кнез во Персија.
Царот праша:
- Зошто ги оставивте нашите богови, па дојдовте да барате мртви луѓе?
Марин одговори:
- Ние сме слуги Христови и дојдовме да им се поклониме на светите Апостоли, чии што бесмртни души живеат со Бога, за да бидат наши молитвени застапници пред Христа Бога.
Царот праша:
- А каде е златото и среброто што го донесовте?
Свети Марин одговори:
- Го дадовме на Бога, Кој привремено ни го беше дал нам. Царот се разгневи, ги предаде на својот намесник Мускиан и му рече:
- Ако не им принесат жртви на боговите, погуби ги со разни маки.
Тој ги поведе во храмот на римската богиња Телуда, нареди да изложат пред нив орудија за мачење, им претеше со страшни маки и ти присилуваше на идолоцпоклонство. Но, бидејќи не се покорија на неговата волја, тој започна да ги мачи. Најпрвин нареди свети Марин да го положат на земјата и долго да го тепаат со мотки. Така тепан, тој само повторуваше:
- Ти благодарам, Господи Исусе Христе!
Потоа започнаа да ги тепаат Авдифакс и Авакум. А нивната мајка. ги соколеше јуначки да издржат за Христос, Кој заради нас претрце најголеми страдања. Потоа мачителот нареди да ги обесат, со железни нокти да им ги одерат телата и да им ги горат ребрата. А тие радосно воскликнуваа.
- Ти благодариме Христе, Боже наш, што не удостои да го претрциме ова страдање за Твоето име.
Потоа Мускиан нареди да ги симнат и да им ги отсечат рацете. А света Марта ја собираше нивната крв и со радост се помазуваше себеси. Потоа мачителот нареди нивните отсечени раце да им ги обесат за вратовите и така да ги водат низ Рим. Додека ги водеа, гласникот викаше:
- Не хулете на боговите, за да не бидете казнети.
Светите маченици силно викаа:
- Тие не се богови туку бесови, кои ќе ве погубат заедно со вашиот цар. По таквите страдања светите маченици беа одведени надвор од градот, на местото Нимфа Катаваси. Тука на свети Марин, Авдифакс и Авакум им ги отсекоа главите, а света Марта ја потопија во реката. А една христијанка, на име Филикита, тајно ги зеде нивните свети тела, го пронајде во водата и телото на света Марта и чесно ги погреба на својот имот, славејќи Го нашиот Господ Исус Христос, со Отецот и Светиот Дух славениот низ сите векови. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ЛУКИЈА ДЕВИЦАТА и со неа РИКС и останатите
Светата маченица Лукија беше родум од Сицилија. Неа ја зароби викариот Рикс и ја наговараше и присилуваше да се одрече од Господ Христос и да им принесе жртва на боговите. Таа одлучно одби. Тоа силно подејствува врз Рикс, та тој ја прими верата во Христа. Потоа и даде една тивка куќа во која го минуваше времето во молитви и пост. По доста изминато време таа го замоли Викариот да и дозволи да појде во Кампанија, за таму да прими мачеништво за Христа. Тој не сакаше да ја пушти сама, та ги остави и жената и децата, и богатството и сета слава, и отпатува со неа. Во Кампанија и двајцата беа фатени од игемонот, пред кого ја исповедаа својата вера дека Христос е вистински Бог. Поради тоа тој нареди, та им ги отсекоа главите. Заедно со нив пострадаа и светите маченици: Антониј, Анатолиј, Ликиј, Неас, Серим, Диодор, Дион, Аполониј, Апам, Папијан, Котиј, Орон, Папик, Сатир, Виктор и уште деветмина.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ АНАТОЛИЈ, АНТОНИЈ, ЛИКИЈ, НЕАС, СЕРИН, ДИОДОР, ДИОН, АПОЛОНИЈ, АПАМ, ПАПИЈАН, КОТИЈ, ОРОН, ПАПИК, САТИР, ВИКТОР
и уште деветмина со нив
Овие свети маченици пострадаа заедно со светата маченица Лукија девицата.
ПРОНАОЃАЊЕТО НА ЧЕСНИТЕ МОШТИ НА СВЕТА ЈУЛИЈАНА ДЕВИЦАТА
Јулијана беше ќерка на кнезот Олшански. Се упокои околу 1540та година како девица од 16 години. Двеста години по нејзината смрт, копачи на нов гроб покрај големата црква во Киевската лавра наидоа на моштите на оваа света девица, кои беа потполно нетлени, како сега да заспала. Од нив се случуваа многу чудеса, а и самата Јулијана се јавувала повеќе пати на поединци. Едно такво видение имал и знаменитиот Петар Могила.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК КОИНТ
Свети Коинт е роден во Фригија. Тука се научи на христијанска побожност. Потоа дојде во Еолида и им вршеше милостиња на сиромашните и исцелуваше од нечисти духови. Поглаварот на областа Рув започна да го присилува да им принесе жртва на идолите. Поради тоа беше нападнат од беснило, се демонизираше, но светителот го исцели. Рув го награди со подароци и почести и го ослободи. Потоа на пат за Пергам свети Коинт беше фатен од незнабошци од градот Ким, кои започнаа да го мачат, но ненадејно настана земјотрес, за миг се сруши незнабожечкиот храм и идолите се испокршија. Исплашени од земјотресот, мачителите го оставија светиот маченик. По некое време во Пергам кнезот Клеарх го подложи свети Коинт на маки и му ги искрши колената. Исцелен со благодатта Божја, тој поживеа уште 10 години, сотвори многу чудеса, па отиде кај Господа“.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ИСАВР ѓаконот, ВАСИЛИЈ, ИНОКЕНТИЈ, ФИЛИКС, ЕРМИЗЈ и ПЕРЕГРИН
Свети Исавр беше ѓакон на светите тајни на Црквата Божја а Василиј и Инокентиј беа од Атина. Тие ја оставија својата татко(С: и отидоа во градот Аполонија. Со откровение од ангел Божји се искачија во една пештера недалеку од градот и тука ги најдоа Феликс, Ермиј и Псерегрин, кои беа христијани. Свети Исавр ѓаконот ги научи да не ги сакаат минливите работи на овој свет, и духовно хранети од него, тие телесно го хранеа, носејќи му го потребното за живот. Своите зборови ги потврдуваа со дела, прекинувајќи го дружењето и општењето со своите роднини незнабошци. Поради тоа тие ги обвинија кај градоначалникот Трипонтиј, кој ги присилуваше да се одречат од верата Христова. Откако одбија, нареди да им ги отсечат главите. Свети Исавр и Инокентиј беа предадени во рацете на градоначалниковиот син. Тој ги мачеше и со оган и со вода, но тие останаа неповредени. Ова чудо привлече кон верата Христова многу незнабошци, меѓу кои први беа браќата Руф и Руфијан, советници на градот Аполонија. Најпосле им беа отсечени главите и тие како победоносци отидоа на небесата.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ФИЛИМОН, АРХИП и ОНИСИМ
Овие свети маченици пострадаа за Господа Христа. Свети Филимон беше распнат, свети Архип со коњи беше влечен по земјата а свети Онисим посечен со меч. Нивниот спомен се врши во храмот во Елеи (во Цариград), посветен на нив.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ЕПИМАХ
3а својата вера во Господ Христос пострадал посечен со меч.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК АЛЕКСАНДРИЈ
Бил врзан за тркало и пуштен од еден рид. Така светиот Александриј пострада за верата Христова.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК АПОЛОНИЈ
Бил ставен во чамец, а чамецот однесен во морската шир и запален. Така светиот маченик Аполониј пострадал за Христа.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ВАСИЛИЈ
Овој свети маченик пострада за Христа заедно со светите 70 маченици кои пострадале во Скитопол и се спомнуваат на 28 јуни.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИК КИРИЛ
Пострадал за христијанската вера во 1566-та година. Неговиот спомен се врши на денешен ден во Солунската митрополија. Останатите Синаксари не го споменуваат.