20. Јули (7. Јули)

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ТОМА МАЛЕИН

Преподобниот Тома најпрвин беше војвода, прославен со храброста и богатството. Силен со телото и храбар во битките, тој многу пати ги победи непријателските војски. Потоа Го засака Христа повеќе од светот и сè световно, остави се и го зеде на себе лесниот јарем Христов - монашкиот чин. Подражавајќи го сиромаштвото и смиреноста на Господа Христа, тој ги посетуваше монашките живеалишта, учејќи се од богоугодните подвижници на усовршување во добродетелите. А кога желен за најсовршеното подвижништво и безмолвие одлучи да појде во пустината, беше удостоен ноќе пред него да оди огнен столб заедно со светиот пророк Илија, водејќи го кон пустината. Воден од таквите патеводители, преподобниот Тома дојде во гората наречена Малеа, до Света Гора. Тука осамено живееше во Бога и се удостојуваше на божествени откровенија. Како што порано, додека живееше во светот, храбро ги победуваше видливите непријатели, така и сега, по повлекувањето од светот, живеејќи во пустината, тој со непрестајната молитва како со остар меч јуначки ги разбиваше и прогонуваше невидливите војски на злите духови.

Како што од човечките очи не може да се сокрие град на врв планина и звезда која на небесниот свод свети, така и преподобниот Тома не можеше да се сокрие од луѓето во пустинската гора Малеа, на која со својата светост блескаше како сјајна звезда и ја озаруваше земјата. Кога луѓето дознаа за него, тој им стана светлина на помрачените и прибежиште на оние што прибегнуваа кај него, зашто доби од Бога сила на чудотворство и благодат на исцеленија. Чудесно ја исцелуваше секоја болест. На слепите им даваше вид, на хромите им го враќаше одот, и на безводно место тој со својата молитва извади извор на вода. Стоејќи на молитва, преподобниот блескаше како огнен столб, и тоа од огромна далечина го гледале луѓе со очистен разум.

Преподобниот Тома чинеше многу чудеса, не само за време на својот живот на земјата туку и по своето преставување кај Господа. Неговите чесни мошти твореа чудеса. Луѓето кои со вера доаѓаа многу брзо и на натприроден начин добиваа исцеленија од најразличните хендикепи, неизлечивите болести и од бесомачноста, по неговите свети молитви а со благодатта на нашиот Бог Христос.

СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИТЕ ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИЦИ ЕПИКТЕТ и АСТИОН

Во времето на незнабожниот римски цар Диоклецијан во една од источните области на Римското Царство живееше еден доблесен човек, кој водеше монашки живот. Беше презвитер по чин а се викаше Епиктет. Од рана младост започна да Му служи на Господ Христос и правеше многу чудеса, зашто доби од Бога дар на чудотворство заради чистотата на својот живот. Ги исцелуваше сите болести. На слепите им даваше вид, губави очистуваше, раслабени оздравуваше, ѓаволи истеруваше. Од тие чудеса, кои што ја потврдуваат неговата светост, ќе спомнеме неколку.

Еднаш, додека Епиктет живееше во својата осамена ќелија недалеку од една населба во молитва и богоразмислување, еден комит ја донесе кај него својата ќерка потполно фатена. Ја донесе за исцеление, падна пред нозете негови и го молеше:

„Смилувај се на мене, човеку Божји! Не отфрлај ме од твоето лице, како што и милосрдниот Бог не ги отфрла оние кои Му приоѓаат. Ете, мојата ќерка единица веќе три години лежи фатена, целосно вкочанета и одвај е жива. Јас цврсто верувам дека Оној, Кој ја исцелил жената која дванаесет години боледуваше од крвотечение, може да ја исцели и мојата ќерка, само ти помоли се за нас, сожали се, оти и ние сме чеда на Црквата Христова, просветени со свето крштение“.

Тогаш Господовиот слуга Епиктет сотвори долга молитва кон Бога, ја помаза со свет елеј фатената девојка и таа веднаш стана здрава. Сите Му благодареа на Бога, а тој му рече на комитот:

- Ако сакаш, мили, во твојот дом никој да не боледува, ти секоја недела со своите домашни причестувај се со чисто срце со Божествените Тајни на телото и крвта Христови.

И ги отпушти со мир.

Во друга прилика кај преподобниот доведоа бесомачен човек, Преподобниот го задржа кај себе три дена, мачејќи го ѓаволот со своите молитви што Му ги пренесуваше на Бога а ѓаволот викаше:

„О, неволји! О, мачења! Зошто го трпам ова? Нели беше подобро да останам во Фригија, во идолскиот храм, и секојдневно да примам поклони и жртви од многуте неразумни луѓе. А сега овде без никаква вина трпам маки од еден човек“.

Во третиот ден светиот презвитер му запрети на ѓаволот и го истера од тој човек.

Еднаш кај човекот Божји доведоа една високородна и богата незнабошка, која беше ослепела и залудно барала помош од многу лекари. Таа го молеше само да ја стави својата десница врз нејзините слепи очи, зашто од многумина имала слушано дека со неговите чесни раце се прават многу чудеса и им се даваат исцеленија на болните. Кога ја виде нејзината усредна молба со вера, светителот ја положи својата десница врз нејзините очи, призивајќи го името на Господа Христа, и во тој час жената прогледа и воскликна:

- Ти благодарам, Боже христијански!

И поверува жената во Господ Христос со целиот свој дом.

Овие чудеса се доволен доказ за неговата светост. Сега да преминеме на други работи од оваа повест.

Од блискиот град, шетајќи со слугите, на местото каде што живееше преподобниот наиде осумнаесетгодишното момче на име Астион, син на богат велможа, незнабожец. Кога се најде пред ќелијата на човекот Божји, тој, по промисла Божја, посака да дознае кој живее тука. Влезе внатре, го здогледа наизглед чесниот човек, кој со убов го прими и го праша:

- Од каде си, чедо?

Момчето одговори:

- Татко ми е градоначалник а мајка ми ќерка на сенаторот Јулијан. Јас сум нивен единец. Ме чуваат како најскапоцен бисер.

Тогаш светителот му рече:

- Добро велиш дека твоите родители гледаат на тебе како на бисер. Да, тие само те гледаат, но те немаат. Твојата блажена душа е поскапоцена од секој бисер и му е многу мила на нашиот Спасител Христос, Кој, како што гледам ја одбра во служба за Себе. Послушај ме, мило чедо! Отфрли се што има овој времен суетен свет, за заедно со сите Светии во идниот живот да добиеш невидливи и вечни блага. Се што гледаме во светот е минливо и брзо пропаѓа. А она што Бог го подготви за оние кои Го љубат и Му служат, останува вечно, како што е вечен и самиот Бог. Златото и среброто не се вистински, туку времена измама за луѓето, а јас ќе ти покажам какво е вистинското злато, кое вреди да се стекнува. Во нашите христијански книги стои напишано: „Ге советувам да купиш од Мене злато, низ оган пречистено, за да се збогатиш; и бела облека, за да се облечеш, и да не се гледа срамот на голотијата твоја“ (Откров. 3.18). А тоа пречистено злато е Христос, нашиот Бог, Кој со Својата божествена љубов ги разгорува човечките срца. Ако, ти, чедо, посакаш да Го имаш во своето срце, за тебе веднаш ќе бидат подготвени небесни богатства, ќе се облечеш во бела облека, во вера, надеж и љубов. Облечен во нив како во цврст оклоп, ти не само што ќе бидеш над овој видлив свет, туку и ќе го победиш Ѓаволот, кого вие го почитувате како бог, со сите негови ангели. Покрај тоа, знај и дека твојот татко не е вистински татко, бидејќи ти дал само гнилежно тело, кое брзо умира. Твој вистински татко е семоќниот Бог, бидејќи Тој, кога ја создал твојата бесмртна душа, го влеал во неа и твоето тело, зачнато по Негова наредба. Значи, во тебе има еден видлив татко и Еден невидлив. Видливиот е смртен, времен, подложен на неволји и страдања, а Невидливиот е бесмртен, вечен, неподложен на никакви страдања, Семоќен и Седржител. Тој рече, и ти се создаде, се створи во утробата на мајката твоја. Тој нареди, и ти излезе од утробата на мајката твоја. По Негова волја ти си стигнал до оваа возраст. Ако децата се должни да го почитуваат својот телесен родител, дотолку повеќе тие се должни да Го почитуваат Оној Кој сите нè створил според лика и прилика Своја, ни дал ум и разум, не поставил да владееме над делата на рацете Негови, и нас, слугите Свои, според Својата добрина, со Својата благодат не направи синови Свои. Значи, Овој наш вистински Отец, Кој толку блага ни дал, сме должни да Го познаваме, да Го љубиме, почитуваме и секогаш да Му се поклонуваме. Исто така и наша вистинска мајка не е онаа која телесно не раѓа, туку онаа која духовно не раѓа за живот вечен. Таа со нашиот Спасител е обручена, од Ангелите почитувана, од Пророците украсена, од Апостолите прославена, од Мачениците и Исповедниците вознесена. За неа Господ Христос подготви небесна палата. Таа света мајка од луѓето се нарекува Црква. Нејзиниот глас е како грлица која се грижи за своите пилиња; нејзината уста излева миро на апостолското учење; нејзините очи се вистинската вера и цврстата надеж во Бога; од нејзините раце капе смирна на доброчинства, вршени од сомилост и љубов; нејзини две дојки се двата завета: Стариот - во кој учеле Пророци, и Новиот - во кој проповедаат Апостолите; а со светото Крштение таа ги раѓа децата свои за бесмртност. Затоа, чедо слатко, пристапи, храни се од дојките на таа вистинска мајка; послушај го мојот совет, презри ги времените богатства на твоите родители, за да се удостоиш да станеш наследник на вечните богатства, подготвени за синовите Божји. Слушни што ти вели преку мене вистинскиот Отец: „Излези од земјата своја, и од родот свој и од домот на таткото свој, и оди во земјата што ќе ти ја покажам, во земја каде тече мед и млеко“ (1 Мојсеј 12, 1; 2 Мојсеј 3, 8, 17), односно тече учењето на Пророците, Апостолите и светите Отци. И кога ќе исполниш се што ти е наредено, ќе ти се дадат рајски наследства, ќе ти се отворат небесните ризници, ќе ти се даде слава на вишното царство, ќе видиш ангелски чинови и хорови на сите светии, ќе живееш со нив како возубен брат, и ќе му бидеш близок на Бога како син.

Благоразумното момче поверува во боговдахновените зборови на човекот Божји, срцето му се топеше од умиление, но не му рече ништо, зашто се плашеше слугите да не им пренесат на родителите. Затоа се оддалечи, поклонувајќи му се на тој почитуван маж.

Утредента, многу рано, младиот Астион со брзање отиде кај старецот, влезе во неговата ќелија и го поздрави:

- Да си здрав, апостоле Христов, служителу на Новиот Завет!

А светиот му одговори:

- Да си здраво и ти, прекрасно момче! Те гледам облечен во маченичка облека и со венец од скапоцени камења на главата.

И откако седнаа, отпочнаа разговор. Старецот праша:

- Што е, чедо? Дали семето Господово, кое вчера со благодатта Божја го посеавме во твоето срце, никнало и сака да донесе род? Или твоето срце се уште е во темнината на неверието?

На тоа Астион рече:

- Свети оче, вчера ти реков дека сум син единец. Многу се плашам да не им нанесам тешка болка на своите родители. Ако јавно ја примам христијанската вера, тие од неизмерна тага или ќе полудат или ќе се убијат.

А јас не сакам моето спасение да биде причина за смртта и гибелта на моите родители. Затоа, ако се согласуваш, оче, тајно стори ме христијанин и веднаш упати ме како да се подготвам за крштение. Потоа одведи ме во некоја далечна земја каде што ќе те упати Бог, за моите очи да не ги видат родителските солзи, па да не се поколебам и да не се спасам.

Светиот старец се израдува, му нареди да пости, добро да се чува од идоложртвена храна и да се моли на Христа Спасителот. Младиот Астион со усрдност исполнуваше се. Секој ден кришум одеше кај старецот и се поучуваше во Светата Вера. А кога добро Го запозна Господ Христос и поверува во Него, светиот старец го крсти.

По неколку дена во една темна ноќ и двајцата заминаа. По многудневна пловидба стигнаа во градот Алмирис во скитските краеви, крај реката Дунав. Недалеку од тој град, во едно осамено место си направија мала куќа и во неа се населија.

Родителите го бараа Астион насекаде, многу плачеа по него и не можеа да се утешат. Таткото со лелек викаше:

- Каде си, чедо мое слатко? Да не те изедоа зверовите? Што се случи со тебе? Каде ли уште да те барам?

И неговата мајка ја раскинуваше својата облека, се удираше во градите и ридаше:

- Кој те раздели од мене, преслатко чедо мое? Мислам дека христијанскиот Бог те одведе од нас. Тешко мене несреќната. До сега бев мајка, а сега сум лишена од мојот премил единец.

Така секој ден неутешно ридаа родителите на Астион.

Слугите Христови Епиктет и Астион водеа монашки живот во испоснички подвизи во околината на градот Алмирис. Но нивната доблест и светост не останаа тајна, бидејќи рацете на светиот презвитер Епиктет вршеа многу чудесни исцеленија, и кај нив започнаа да доаѓаат луѓе, носејќи ги своите болни. Еден ден една знаменита жена го донесе својот петнаесетогодишен син, кој беше нем, глув и раслабен. Го положи крај нозете на старецот и рече:

- Не знам од каде си дошол овде, но верувам дека ако сакаш можеш да го исцелиш мојот син. Твојот изглед ми вели дека си ученик на Назареецот, за Кого сме слушнале многу чудесни и прекрасни работи. Ако навистина си Негов ученик, помогни ни и научи не да Го познаеме и да станеме Негови слуги.

Светителот им рече:

- Жено, ако со сето срце веруваш дека постои единствен вистински Бог, Кој ги створил небото, земјата и сè што гледаме, молбата ќе ти се исполни.

Потоа нареди да го подигнат момчето од земјата, плукна три пати во неговата нема уста и го праша:

- Кажи ни, чедо, во каков Бог треба да веруваме? Дали во идолите или во Исус Христос Распнатиот, Кој сега те исцелува?

Момчето со силен глас извика:

- Чесен оче, треба да веруваме во Исус Христос, Кој постојано им јавува такви доброчинства на луѓето.

Од таквото чудо алмириските граѓани Го прославија Бога и тој ден повеќе од илјада души поверуваа во Христос, нашиот Спасител.

Со благодатта Божја се вршеа чудеса и преку свети Астион. Така еднаш, кога тој излезе да наполни вода од Дунав, го сретна еден бессомачен човек. Астион го осени со крсниот знак и бесот веднаш побегна од него, викајќи:

- О, Астионе! Твојата вера и чистотата на срцето твое, од Бога добија голема власт над нас!

Во друга прилика старецот го испрати Астион некаде. Попат тој виде човек кај лежи на земјата како мртов, паднат од висока градба, додека неговите родители лелекаа крај него. Астион се сожали и се помоли во себе:

- Господи Исусе Христе, Ти некогаш преку Твојот апостол Павле си го повратил од вратите на смртта Ефтих, кој беше паднал од третиот кат. Ти и Енеј си го подигнал од осумгодишната фатеност преку Твојот апостол Петар; преку истиот апостол Петар, на човекот хром од раѓање си му ги зацврстил стапалата и си му дал сила да оди; така и сега, подигни го овој човек жив и здрав преку мене, Твојот недостоен слуга.

Откако така се помоли, Астион пријде до човекот и изговори:

- Во името на Исус Христос Назареецот, стани и оди! (Д. А. 3, 6).

И го фати за десната рака и го крена жив и здрав. А исцелениот заедно со своите родители веднаш појде кај ќелијата на светите, викајќи:

- Единствен Бог е Богот на Епиктет и Астион! Нема да заминам одовде сè додека не нè направите христијани и мене и моите родители.

Свештеникот Епиктет ги огласи и поучи, па им нареди да постат и да се подготват за примање на светото крштение. По неколку дена ги крсти.

Гледајќи дека го посрамуваат и старецот и момчето, и го лишуваат од човечките души кои беа негов плен, ѓаволот се кинеше од завист и безуспешно им се нафрлаше со најразлични искушенија. Сепак против момчето ја начека следната прилика. Еден ден Астион без благослов од старецот појде на реката да нацрпи вода. Врагот веднаш, со допуштање Божјо, го нападна со нечисти помисли и му ја смути душата. Кога се врати во ќелијата тој се срамеше тие свои помисли да му ги исповеда на својот отец.

Три дена им се потчинуваше, борејќи се со нив. Постеше, со солзи се молеше, со работа го исцрпуваше телото, но нечистите мисли не отстапуваа од него и како стрели го гаѓаа. Старецот го забележа тоа и му рече:

- Што е тоа, чедо, што те гледам така смутен? Тагата што ја гледам во тебе не е тага на светите, кои се грижат за своето спасение. Оваа твоја тага е смртоносна, слично на онаа што го уби Авесаломовиот советник Ахитофел (сп. 2 Цар.15,12; 17,1-20) и го погуби Јуда, предавникот Христов (сп. Матеј 27, 3-5).

Тогаш Астион му се исповедаше на старецот, говорејќи:

- Пред три дена, оче, додека ти разговараше со чесни луѓе за небесните тајни, јас требаше да појдам по вода. Ми беше срам пред нив да побарам благослов од тебе, а покрај тоа не сакав да го прекинам вашиот разговор. И така, без твое знаење и без благослов, тргнав по вода. Попат ме нападнаа лоши помисли. Еве, веќе трети ден се борам со нив, но не можам да ги тргнам од себе. Затоа сум смутен.

Светиот старец грозно погледна кон него и го праша:

- Зошто без моја наредба си излегол од ќелијата? Зошто без благослов на ерејот Христов си одел на реката? Не знаеш ли дека благословот на старешината за младите е неосвојлива тврдина и непобедливо оружје против ѓаволот?

Го рече тоа и му нареди крстолико да легне на земјата за молитва. И самиот го стори тоа, па и двајцата започнаа со солзи да се молат на Бога. По долгата молитва станаа и блажениот Астион виде како едно црно момче, со запалена свеќа, бега од него и вели:

- Твојата исповед, Астионе, денес ја сотре мојата огромна сила и вашата молитва ме разоружа.

Така живееја таму овие преподобни отци и многу човечки души обратија од идолската заблуда. Во тоа време во градот Алмирис дојде поглаварот на таа област Латрониј, кој раководеше со царските и народните работи. Кај него идолопоклониците ги обвинуваа овие двајца свети мажи како маѓепсници, кои многумина заведуваат и одвраќаат од принесувањето жртви на боговите. Поглаварот веднаш нареди да ги фрлат во темница, каде светителите во окови постојано се молеа и пееја Давидови псалми. Еднаш старецот му рече на својот ученик:

- Мило мое чедо. Ако нè сослушуваат нема да им одговараме ништо, освен дека сме христијани и дека тоа е наше име, и род и татковина, и дека не сме ништо друго освен слуги на вистинскиот Бог.

Утредента поглаварот нареди да се подготви судница и преку гласникот го повика народот. Дојде таму во девет часот. Кога ги доведоа затворениците пред него, тој ги погледна и се ужасна, оти виде некоја чудесна светлина на благодатта Божја, која им ги осветлуваше лицата, а нивниот надворешен изглед влеваше почит. Свети Епиктет тогаш имаше шеесет години. Беше висок, со долга седа брада. И свети Астион беше висок, со прекрасно лице, и сиот блескаше со убавината на целомудрието. Имаше триесет и пет години. Поглаварот речиси цел час молчеше и ги наблудуваше, и не беше во состојба нешто да прозбори. Најпосле одвај ја отвори устата и ги праша:

- Кажете ни како се викате, од каков род сте и од која земја дојдовте овде?

Светите одговорија:

- Христијани сме.

Поглаварот рече:

- И јас знам дека и припаѓате на проклетата христијанска вера, туку кажете ни го вашиот род и татковина?

Светите повторно рекоа:

- Ние сме христијани. Го познаваме едниот Бог, нашиот Господ Исус Христос и само Нему Му се поклонуваме, а од идолските гадости се гнасиме и ги одбегнуваме оние што им се поклонуваат, говорејќи со псалмопевецот: „Такви се и оние кои ги градат и сите кои се надеваат во нив“ (Псалми 113,16).

Поглаварот се разгневи, нареди да ги соблечат и безмислосно да ги тепаат, а тие говореа:

- Господи Исусе, Учителу наш, нека се врши волјата Твоја врз нас.

Кога ги виде непоколебливи, поглаварот уште повеќе беснееше и велеше:

- Каде е вашиот Христос, Кого постојано Го призивате? Нека ви притекне на помош сега и нека ве земе од моите раце!

А светите рекоа:

- Ние сме христијани. Волјата на нашиот Бог нека биде врз нас!

Разбеснетиот поглавар веднаш нареди да ги обесат на мачилиштето, па со железни нокти да им ги стругаат телата и да ги горат со факели. Тие воскликнуваа:

- Ние сме христијани. Волјата на нашиот Бог нека биде врз нас.

Така ги мачеа светите до два часот попладне, кога поглаварот нареди повторно да ги одведат во темницата.

Еден од слугите кој што ги мачеше, на име Вигиланциј, откако ги слушна зборовите што ги изговараа светите додека страдаа, и мислејќи дека во нив има некоја магична сила што ја уништува болката во телото за време на мачењата, ги запамети тие зборови и размислуваше за нив и дење и ноќе. По три дена тој започна да вика пред народот:

- Христијанин сум, нека биде врз нас волјата на нашиот Бог!

Потоа отиде во темницата, се поучи од светите во Светата Вера и по неколку дена прими свето Крштение со целиот свој дом.

Светите маченици поминаа во темницата пет дена и повторно беа изведени на суд. Откако не успеа да ги наговори, поглаварот повторно започна да ги мачи. Најпрвин претходните рани им ги стругаа со оцет, потоа ги фрлија во котел полн со врела смола, во кој што тие останаа неповредливи како во купел и често ги повторуваа поранешните зборови:

„Христијани сме, волјата на Бога нека биде врз нас.“

Кога ги виде живи и неповредени во врелиот котел, поглаварот се чудеше и велеше:

- О, колку е голема силата на христијанското маѓепсништво.

Потоа повторно ги фрли во темницата и нареди никој да не оди кај нив, ниту да им даваат леб и вода, за да умрат од глад и жед. Светите останаа во темницата триесет дена без храна и вода, хранејќи се со зборот Божји и крепејќи се со благодатта на Светиот Дух.

Кога на јавното судиште пред целиот народ беа испитувани и судени, по промисла Божја се случи во тој град да дојде еден човек од источните покраини. Тој го препозна Астион, бидејќи добро ги познавал неговите родители. Кога се врати, веднаш ги извести велејќи им:

- Во скитскиот град Алмириса го видов вашиот син со некој старец Епиктет, токму кога ги ставаа на маки за Господ Христос.

Родителите со солзи го молеа човекот да им ја каже вистината, а тој со заклетва ги потврди своите зборови.

Тогаш Астионовиот татко рече:

- Ако се удостојам да го видам својот мил син, веднаш ќе извршам се што ќе ми нареди.

И мајката велеше:

- Ако повторно го видам моето слатко чедо, ќе оставам се и ќе го следам. Ако ми нареди да станам христијанка, нема да одбијам и нема да се плашам заедно со него да поднесам маки и смрт за Господ Христос.

Својот дом и имотот тие им ги доверија на своите најверни пријатели и со неколку свои робови отпловија во Скитија. Но пред да стигнат во градот Алмирис, светите маченици Епиктет и Астион го завршија својот страдалнички подвиг на следниот начин:

По триесет дена мачење со глад и жед во темницата, поглаварот повторно ги изведе на суд и им рече:

- Многупати ве прашав за вашите имиња, род и татковина, но вие молчевте. Затоа сметам дека не сте ништо друго освен демони. Тие немаат ниту имиња ниту род. Кажете ми, воплотени демони, ќе им принесете ли жртви на нашите богови? Ако одбиете уште денес ќе ви ги отсечам главите!

Светите одговорија:

- Ние сме христијани а не демони, и со името Христово истеруваме демони од човечките тела. Кога и ти би посакал да се ослободиш од демонот, ние ќе го избркаме од тебе со силата на нашиот Бог Христос.

Поглаварот се разјари и нареди да ги тепаат со камења по устите. Потоа ги тепаа со мотки, па ги осуди на посекување со меч. Кога ги изведоа надвор од градот на губилиштето, тие измолија време за молитва. Ги кренаа рацете и очите кон небото свртени кон исток и долго Му се молеа на Бога. Потоа свети Епиктет замоли првин да го обезглават Астион, но тој му рече:

- Оче, тебе ти доликува прв да ја примиш честа да се овенчаш со маченичкиот венец, оти си презвитер Господов, отец и учител мој, а јас ќе појдам по тебе.

Свети Епиктет одговори:

- Седумнаесет години, чедо, со благодатта Божја јас те чував во чистота и непорочност. Зарем сега да го упропастам трудот на толкуте години и да те оставам сам? Зарем не знаеш дека вражјите лукавства се тешко забележливи? Се плашам, ти како млад, кога ќе ја видиш мојата смрт да не се исплашиш и станеш играчка на врагот. Затоа, чедо, нека јас бидам како Авраам кој го принесува Исак за жртва на Бога. Јас верувам дека свети Михаил со Ангелите, Авел со Пророците, Петар со Апостолите, Даниил со Исповедниците, веќе ти излегле во пресрет, чекаат да те примат и со славенички песни да те одведат кај престолот на нашиот Спасител Христос.

На тоа свети Астион рече:

- Нека биде волјата Господова и твојата, свети оче!

Се прекрсти и рече:

- Господи, Ти си мој заштитник! Во Твоите раце го предавам мојот дух!

Ја преклони својата глава под мечот и беше обезглавен!. Свети Епиктет падна врз телото на својот ученик и ги молеше џелатите да го убијат во таа положба. Така удрен со мечот, тој умре за Господ Христос. Сите присутни, незнабошци и христијани, ги набњудуваа нивните чесни тела и видоа дека тие започнаа да блескаат како сончева светлина и неискажлив благомирис го исполнуваше тоа место.

Доцна во ноќта дојде гореспоменатиот Вигиланциј со своите домашни и останатите христијани, тајно ги зеде светите тела, ги помаза со мириси, ги завитка во чисти плаштаници и чесно ги погреба на одредено место. Таа иста ноќ во поглаварот Латронијан влезе опак демон. И кога утредента тој, според својот обичај дојде рано во судницата, започна да зборува бесмислици како луд. Потоа со мечот се нафрли врз оние што беа со него. Тие видоа дека полудел, му го зедоа мечот, го тепаа, го врзаа и го затворија во една мала соба, каде по два дена умре во страшна смрт, удавен од демоните.

По смртта на светите маченици родителите на Астион наближуваа кон градот Алмириса. Во тоа време свети Астион му се јави на Вигиланциј и му рече:

- Моите родители сега ќе пристигнат да ме бараат. Затоа, појди во пристаништето, одведи ги во својот дом и утеши ги. Многу се измачени од тага и жал по мене. Поучи ги во спасоносната вера и откриј им ја големината на вистинскиот Бог.

Кога Вигиланциј стигна на пристаништето родителите на Астион само што беа излегле од коработ и ги распрашуваа луѓето за својот син. Тој им пристапи и рече:

- Јас сум го видел и добро го познавам. Да појдеме првин кај мене да се одморите, па ќе ви раскажам за него.

Родителите многу се израдуваа и тргнаа со него. Кога се одморија го молеа Вигиланциј да им раскажува за нивниот син, а тој им рече:

- Астион неодамна беше во овој град, но пред неколку дена замина со еден чесен старец во многу далечна земја, чесно повикан од Сеславниот Цар, заедно со Него да царува во неискажана слава.

И така, малку по малку, им го изложи учењето за вечниот живот, за рајските населби, за Небесното Царство и бесмртниот Цар Господ Христос, за ангелите и сите светители кои соцаруваат со Христос, меѓу кои сега е и нивниот син Астион. Додека ги слушаа овие за нив непознати зборови, родителите се восхитуваа и со умиление во срцата и духовна радост уште поусрдно се распрашуваа како отишол таму нивниот мил син. Вигиланциј најпрвин ги одведе во ќелијата на светите маченици. Таму им го покажа светиот Крст и Евангелието кои беа останале после нив, па долго им зборуваше за Евангелското учење и ги обрати во верата Христова. Потоа им раскажа за страдањата на светите маченици Епиктет и Астион, како тие ги положија своите души за Господа Христа, па ги одведе на местото каде што беа погребани нивните свети тела. Тие долго плачеа таму, а тој им нареди ноќе да застанат на молитва и заедно со него цела ноќ да се молат на Христа Бога. Кога зазори одненадеж ги осветли молскавична светлина, се почувствува чудесен благомирис и тие ги здогледаа пред себе мачениците во неискажана красота. Свети Астион ја прегрна својата мајка, со јубов ја целиваше и и рече:

- Добро е што си дошла овде, ученичке Христова, мајко моја Маркелина.

Исто така и свети Епиктет, прегрнувајќи го таткото на Астион, го целиваше и му рече:

- Радувај се во Господа, мили брате Александар, што се удостои да бидеш вброен меѓу верните и што се покажа достоен на вечното блаженство.

Потоа двајцата му рекоа на Вигиланциј:

- Радувај се и ти, брате мили, зашто се исполнија врз тебе зборовите од Светото Писмо: „Оној што ќе обрати грешник од неговиот крив пат, спасува една душа од смрт и ќе покрие многу гревови“ (Јаков 5, 20).

Им зборуваа тие и многу други духовни зборови, преполни со духовна сласт, и по некое време станаа невидливи.

Невозможно е да се искаже со каква радост се исполнија Астионовите родители од ова видение и од слатката беседа со светите. Со сето срце се молеа и Му благодареа на Бога што се удостоија да го видат во небесна слава својот мил син, кого толку долго го бараа.

Во тоа време во Скитската земја се наоѓаше христијанскиот епископ Евангел. Тој се криеше за време на гонењето. Но, кога дозна за смртта на поглаварот Латрониј, веднаш се врати во градот Алмирис за да ги посетува и утврдува христијаните во верата. Вигиланциј ги одведе родителите на Астион кај него и му раскажа се за нив и за светите маченици. Епископот со радост ги прими и ги крсти во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.

Потоа Александар и Маркелина поминаа крај гробницата на светите маченици многу денови во пост и молитви, па се вратија во својот роден крај.

Бидејќи го продадоа сиот свој огромен имот, тие ги раздадоа парите на сиромасите, а за себе задржаа колку за прехрана. Поживеаја богоугодно до својата смрт.

Така презвитерот Епиктет и монахот Астион се украсија на небото со венецот на светите преподобномаченици. Александар и

Маркелина им се приклучија кога заминаа од земјата, и се удостоија на учество во блаженството на Светиите, со благодатта на нашиот Господ Исус Христос, Кому со Отецот и Светиот Дух чест и слава, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.

СТРАДАЊЕТО НА СВЕТАТА ВЕЛИКОМАЧЕНИЦА НЕДЕЛА (КИРИАКИЈА)

Во времето на христоборните цареви Диоклецијан и неговиот зет Максимилијан во Анадолија живееја две побожни стари души, Доротеј и Евсевија. Тие беа побожни христијани, богати, но бездетни. Му се молеа на Бога да им дари дете, со ветување дека Нему ќе му го посветат. Бог ја слушна нивната молитва и ним во недела им се роди женско дете, поради што му го дадоа името Недела и го крстија.

Родителите ја воспитуваа Недела во христијанското учење и добродетелите, и така уште од детството таа Му се посвети на Бога, воздржувајќи се од се што прават другите деца. Кога порасна убава со телото и душата, многумина започнаа да ја бараат за веридба. Таа сите ги одби, говорејќи дека себеси се заветила на Христа Господа и дека не сака ништо друго освен да умре како девојка. Еден од тие одбиени ги обвини Недела и нејзините родители кај царот Диоклецијан дека се христијани. Царот нареди да ги мачат нејзините родители, и после маките ги испрати кај управителот Јуст во градот Мелитина, каде се упокоија во маките за Господ Христос. А пак света Недела Диоклецијан ја испрати на суд во Никомидија!, кај кесарот Максимијан. Откако ја сослуша Недела и виде дека е цврста и непоколеблива во Христовата вера, Максимијан нареди да ја положат на земјата и долго без милост да ја тепаат со воловски жили. За тоа време маченицата се молеше на Господа, и тоа страшно го разјари мачителот Максимијан, та врескаше по војниците кои ја мачеа. Тогаш светата маченица му рече:

- Не лажи се, Максимијане, никогаш нема да можеш да ме потчинеш под својата волја, бидејќи Бог ми помага.

Потоа Максимијан ја испрати света Недела кај управителот на Витинија, кај Иларион. Тој ја сослуша и нареди да ја внесат во идолскиот храм. Таму света Недела се помоли на Бога и настана силен земјотрес, од кој сите идоли во храмот испопаѓаа и се искршија. Со тоа налета и виор во храмот и го развеа низ воздухот тој идолски прав. Потоа удри гром и го изгоре лицето на управителот Иларион, та тој падна од својот престол и издивна.

По смртта на Иларион за управител на областа дојде Аполониј. Известен за се што се случило, Аполониј ја подложи Недела на зверски маки, па ја затвори во темница. Кога лежеше во темницата сета во рани, и се јави Господ Христос, ја исцели и и рече:

- Не плаши се од маките, Недела, Мојата благодат е со тебе.

Кога управителот Аполониј повторно ја изведе света Недела на суд и маки, донесе пресуда да биде спалена. Слугите подготвија огромен оган и ја фрлија маченицата среде него, а таа ги крена рацете кон небото и долго се молеше на Господа. Тогаш од чистото и ведро летно небо се спушти облак и го згасна огнот, кој ни најмалку не ја повреди. Потоа мачителот нареди кај неа да пуштат најразлични зверови, но и тогаш остана неповредена, бидејќи зверовите како кротки јагниња исполегнаа крај нејзините нозе. Кога го видоа тоа необично чудо, многумина од присутните незнабошци поверуваа во Господа Христа и сите беа обезглавени. Света Недела му рече на Аполониј:

- Никако не ќе можеш да ме одвратиш од мојата вера. Ако ме фрлиш во оган ги имам за пример Трите Момчиња, ако ме фрлиш на оверовите го имам примерот на Даниил, ако ме фрлиш во морето го имам примерот на пророкот Јона, ако ме предадеш да ме мачат ќе се сетам на чесниот Преттеча. За мене е живот да се умре за Христос.

Тогаш Аполониј нареди повторно да ја одведат во темницата. По извесно време тој седна на судиштето и изрече смртна пресуда, света Недела да биде посечена со меч. Џелатите ја поведоа надвор од градот за да ја погубат. Таа ги замоли да ѝ дозволат да се помоли на Бога и тие ѝ дозволија. Потоа клекна на колена, ги крена рацете кон небото и се помоли Бог да ги помилува и спаси сите што ќе го слават нејзиниот спомен и да ја упокои нејзината душа заедно со душите на нејзините родители. Откако ја заврши молитвата таа ја предаде својата душа на Бога, пред мечот да се спушти на нејзината глава.

ди Војниците видоа дека веќе починала и многу се зачудија. Тогаш дојде божествен глас од небото, кој им рече:

- Одете, браќа, и раскажувајте им на сите за големите дела Божји.

Војниците се вратија славејќи Го Бога.

Света Недела чесно пострада и се пресели во вечната радост на својот Господ во 289-та година во Никомидија. Оваа света маченица особено многу се празнува во Далмација и Јужна Италија.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ПЕРЕГРИН, ЛУКИЈАН, ПОМПЕЈ, ИСИХИЈ, ПАПИЈ, САТОРНИН и ГЕРМАН

Овие свети маченици беа родум од Италија и пострадаа во времето на царот Трајан. Кога настана гонењето против христијаните, овие светии отпловија во градот Дирах. Таму видоа како светиот епископ Астиј виси распнат на крст за исповедањето на Христа, и премачкан со мед го касаат осите и мувите, па го прославија поради тоа. Така ги препознаа дека се христијани. Војниците веднаш ги фатија. На сослушувањето тие ја исповедаа својата вера во Господ Христос, и затоа со наредба на антипатот Агрикол беа фрлени и потопени во Јадранското Море.

Така овие блажени исповедници Христови примија несвенливи венци на мачеништвото. Нивните свети тела морето ги исфрли на брегот, каде што ги погребаа во песокта. Седумдесет години потоа овие свети маченици му се јавија на Александрискиот епископ и му рекоа: „Земи ги нашите тела“. Епископот ги зеде, чесно ги погреба и на тоа место подигна мала црква во нивно име.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ЕВСТАТИЈ

Пострада за Господа Христа спален во оган.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ПОЛИКАРП НОВИОТ

Беше посечен со меч за верата во Господ Христос.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ЕВАНГЕЛ

Беше епископ на градот Тома, на устието на Дунав. Ги крстил родителите на светиот преподобномаченик Астион (види напред), Александар и Маркелина, и бил посечен со меч околу 290-та година.

СПОМЕН НА НАШАТА ПРЕПОДОБНА МАЈКА ЕВДОКИЈА (ЕФРОСИНИЈА),

кнегињата Московска

Како сопруга на Димитриј Донски водеше многу побожен живот. Беше мајка на сиротите, сострадална спрема несреќните и многу сакаше да гради цркви. Како кнегиња носеше раскошни фустани и меѓу луѓето се појавуваше со весело лице, а всушност беше строга испосничка, која своето тело го смируваше со тешки подвизи. Во Москва го основаше женскиот Вознесенски манастир. Кога од ангел Господов беше известена за денот на својата смрт, таа се замонаши во Вознесенската обител и отиде кај Господа на 7 јули 1407 година.